Monthly Archives: September 2014

ТОЛКУ ЛИ Е ЧАСОТ?

1.

Не, повеќе е. Повеќе е кога сме дотерале до таму оние шушупатки од „Македонски манифест“ да му објаснуваат на претседателот на Собранието – правник по професија и магистер, ако веќе и не докторирал – дека македонската државност не може и не смее да биде само моме од 23 години, туку е барем сериозна дама од седумдесеттина, а може и стотина и кусур години. Повеќе е кога милионерчено што глуми новинарче и’ вели на Бинош дека „античкиот театар е наша традиционална култура“. Повеќе е кога бараби ќе украдат стотици илјади евра по филм а ќе ги плаќаме сите ние …   Повеќе е зашто за нас времето очигледно пребргу се движи. Односно, ние сме вонвременски. Просторно временскиот фактор нам ништо не ни значи. Уште помалку умот, разумот, логиката, знаењето – наше и општо – сиот оној континуитет на сериозна мисла, за нас и за светот. Ние сме дефинитивно затворени во непробојна спирала во којашто се’ се врти во круг, историите се (пре)раскажуваат по стотина пати без еден логичен и општоприфатлив заклучок, незнајковци „држат банка“ во сите важни пори на општеството а македонското интелектуално буниште им ракоплеска. Часот е и повеќе од толку што не ни приметуваме дека станавме за потсмев, за заебанција, да простите, на целиот цивилизиран свет кој почнува да се сомнева не само дека сме потомци на Александар, туку дека воопшто сме нечии потомци. Ние ја реактуелизиравме песната на Бранко Коцкица „У свету постоји једно царство“, само што во нашето царство царува глупоста, незнаењето, идиотштината, простаклукот … И ние дури и со тоа се гордееме!

2.

И кога ова би се однесувало само на пресметувањето на континуумот на македонската државност или другине спомнати и неспомнати секојдневни  „дребулии“. Или кога ова би се однесувало и само на актуелниов прв македонски масовен убиец наречен Ќосето и неговото востоличување како национален симбол пред Судската палата, па би било премногу. Пресилно звучат сите детали, знајни и незнајни, сврзани со животот и особено „делото“ на оваа бараба која никој жив до вчера ни ја знаеше, ниту пак ја спомнуваше. Но, за секој нормален и разумен, доволно се кажа за „подвизите“ на ќосево, и од компетентни и од истражувачки извори. Кој сака – ќе разбере. Иако, признавам, доза на дилема кај мене внесува толкувањето на славното ОБСЕ за спотот за (не)насилството, каде што се вели да го гледаме проблемот а не ликот! Оттука, овој споменик можеби и не е на тој ќосавиот, туку на сите ќосави масовни убијци во Македонија?! А изгледа ги имало доста?

Меѓутоа, не ми се троши зборот за битанги од форматот на ќосавиов. Како впрочем и во другите примери, и тоа е шуплива „приказна“, празна, без ссодржина и суштина. Ни има ниту пак може да има каква и да е’ врска со нормалната, објективната македонска историја, како што и другите примери не смеат да имат каква и да е’ потенцијална врска со македонската култура. Треба, едноставно, како и сиот друг гнилеж, да бидат фрлени на буништето на сегашноста и историјата, каде што реално припаѓаат.

3.

Веќе не не’ запрепастува ни онаа лекоумна леснотија со којашто се шират (тие велат „презентираат“!) тотални бесмислици и извртени вистини, плитки тези и контроверзни заклучоци, оние чаршимуабети во „најгледаните“ мегафонски медиуми како пред кооперација со шише топло пиво. Кај нас личната простотија и незнаење станува општо место, историска вистина. И се’ што тие во минатото не знаеле, денес им се гледа како некакво откровение, како ново отворање на ковчежето на вистините кај нас. А тие не знаеле зашто бегале од часови, не прочитале ни една лектира, одвај тато и мама ги провирале низ основно и средно, како кој. Нивниот видокруг запира до улицата, маалото преку сила, и тука се мерат вредностите. Ако улицата не им кажала, џабе ние ќе ги убедуваме.

И бидејќи сега се „јавни“ личности, ако тие не знаат, не знаеме и ние. Ако се тие глупави и необразовани, сите сме глупави и необразовани; ако се тие прости и невоспитани, сите сме прости и невоспитани; ако за нив магарето лета, и за нас требало да лета … Е па не лета. А требало да „летаат“ други нешта кога овие бегале од часови.

4.

Не’ уби незнаење и простотилак. Овие како да се натпреваруваат кој повеќе не знае, кој е попрост и поневоспитан, си ја мерат глупоста онака, јавно, дури и на „црвен тепих“, без око да им трепне. И мислат дека и светот им е поле за натпревар во глупоста. Бурекџијана допрва, на педесеттина години, ја учи македонската историја и се чуди ко’ мало дете; кичевскион сељак со едногодишно  амстердамско „педигре“ не’ убедува во добрите страни на италијанскиот фашизам; „големион“ режисер смета дека легитимно ги краде битолските дуќанџии; уште „поголемион“ режисер се обидува да не’ излаже не само сите нас туку и „вечноста“, за да повторно му дадат некое милионче … глумцине работат за џабе и не смеат да писнат зашто утре не ќе ги земеле во друг филм. Жити мајка! А меѓу шампионите е и „писателон“ кој сесрдно бранејќи го Ацета од геј-нападите како да му е роден брат, вели дека тоа ти биле понижувања заради неговите подвизи (?), „зашто освен него, никој на толку културен и цивилизиран начин не го освоил светот“ (?!?). Машала!

Нас не’ боли глава од вакви и онакви „стручњаци“, од наши локално констатирани „мултиталенти“ кои на стари години го откриваат светот, кои знаат и умеат се’, а највеќе да јадат туѓи пари односно да трошат цели буџети. И тоа без срам. Па како тоа во нашиве се сконцентрирало сето светско знаење? Како тоа оваа почва упорно раѓа сезнајковци, и тоа со патриотски белег на челото? Тие да ти умеат да бидат и мегафони и македонисти, спортисти и надрилекари, и режисери ама и политичари, и сликари ама и историчари и стручњаци за светските завери, и пак режисери ама и фотографи, писатели, домољубци …

Затоа, нам не ни треба увоз на лекари. Ни треба отворен, слободен увоз на психијатри. И невропсихијатри. Без царина и други давачки. Г-дин Чепреганов (нека ме извини што го плеткам во ова) не може сам да постигне. Ни треба и увоз на образование. Не „Кембриџ“, зашто тоа е за напредни деца, а нив набргу ќе ги заглупават, туку ни треба образование за возрасни. Ни требаат вечерни школи. Ни требаат трпеливи образовни инструктори кои полека ќе се бават со оваа проста раја на високи општествено културни  позиции. Ни требат и учител(к)и по бон-тон зашто овие дома не ги научиле како да се однесуваат.

Ни треба и увоз на култура. Пред се’. Ова што денес го имаме односно го гледаме околу себе никако не можеме да го подведеме под тој поим. Ова е само збирштина од искомплексирани поединци здружени во желбата да уништат што повеќе можат. Зошто и во културата не ја примениме спортската формула на натурализација, па да увеземе неколкумина пристојни режисери (филмски и театарски), неколкумина писатели, па глумци што ќе си ги бараат хонорарите, па оперски пеачи кои нема да садат дрвца, па историчари на уметност кои дефинитивно ќе ја раскупусаат македонскава ликовна сцена, па скулптори кои ќе знаат барем пристојно да го постават споменикот …

Македонската култура, барем во она време на непризнаениот континуум, по правило била попрво отворена отколку затворена, попрво чеснољубива отколку криминогена, секогаш прогресивна и никогаш регресивна … Денес не’ (с)мачка клаустрофобија и ксенофобија, албанофобија, гркофобија и србофобија, ЕУфобија, не’ тиранизира и пљачкосува мала полуписмена група патри-идиоти …

????????????????????????????

5.

Но, во секоја несреќа има и зрнце среќа. Нашата среќа е што оваа гнила историја ја градат подеднакво гнили „стручњаци“, така што таа самата од себе е веќе во фаза на разградување. Како оние тони стиропор врз скопскиот „неокласицизам“. Среќа што овој целосен дилетантизам го „билдаат“ подеднакво неписмени шарлатани како детиштено што фантазира дека е архитект и создава “историско наследство“ и мисли дека „со дооформување на  Градскиот центар, јасно ќе се покаже дека граѓаните кои живеат тука се дел од европското културно наследсто“, (sic!). In your dreams, baby!

Толку е часот, и отповеќе, а за ваквите и нему слични е премногу доцна. За таквите, всушност, отсекогаш било доцна. Кај нив и утрото е темна темница. Како и за Ќосето, кому „стручњакот“ што го правел со магија му ја „залепил“ пушката за нога и таа стои, не мрда! Како впрочем и македонскине комити кои, велат, говорат на скопски дијалект.

Но, повторно, среќа е што тоа е со краток здив и лесно справливо. Таквите маалски преваранти се трошат токму како стиропорот и од нив на крај не останува ништо. Попат, се разбира, успевале и успеваат да излажат неколкумина, дури многумина, но никогаш на подолги патеки.

ВУЛГАРНОТО БУДЕЊЕ НА МАЛОГРАЃАНИНОТ

1.

Секое будење, во принцип, е нов ден. После сонот, се разбира, којшто го сметаат за „друга“ состојба, состојба на полусмрт. Или полуживот, како сакате. Но не секое будење е и нова реалност. Никако. Зашто реалноста е тука, отсекогаш била, само некои не ја гледале. Или не сакале да ја видат. Заради различни причини. Кај нас, најчесто, заради најниските – лукративните! И неморалните. И гнасните.

Но, будење настапува и после дождот. Сите гадинки исползуваат од под камењата, се пребројуваат, лазат горе-долу, го испитуваа тереност. Ќе остане ли, повторно, по невремето, нешто и за нив? Ни три „Талии“ ништо не им можат, мислат. Неуништиви се, мислат.

Во онаа бивша и настојчиво несакана Југославија Живоин Павловиќ направи еден парадигматичен филм насловен „Будење на стаорците“ (1967). Можете ова и така да го перцепирате. Зашто, гледам, некои дури му посакуваат „добар ден“!

2.

Колку и да се обидуваме да се држиме до науката, односно некои нејзини теории дека реалноста, оваа околу нас, па и ние со неа, не постои вон времето, односно дека времето всушност го обликува нашето постоење, човечкиот ум тоа тешко ќе го прифати. Како што тешко ќе прифати и дека некои, божем, шетале со затворени очи долго време, безмалу шест-седум години. Дека за нив ништо од ова што се случувало околу нас не била реалност, дека можеби било сон или само некој лош филм. И сега, кога стаорецот се рабудил, гледа сосема нова реалност, нов ден / свет којшто, наводно, не му се допаѓа! А сепак, му посакуваат „добар ден“.

Нам никој не ни посакува ништо добро. Деновите ни се исти, во истата проклета реалност. Немаме ни друга, резервна татковина, ни резервен град каде што би си заминале. Ние не сме луѓе на светот, божем космополити со калливи опинци, тоа е резервирано за овие што доцна се будат. И потоа ни солат памет. Впрочем, за нас, остатокот од светот, е резервирана таа реалност што постојано трае. И се гледа, тука е, околу нас. Се соочуваме со неа секој божји ден. Ние немаме право на сништа и мечти, и не можеме ниту да ја смениме за некоја друга, за некој Њујорк или кој и да е’ друг белосветски центар за мечтаење.

3.

Но ова е стара, илјада пати веќе видена и традиционално вкоренета македонска приказна. Секакви распрдени гологузи измеќари и умислени lapdog интелектуалци „освестени“ дури во нивните педесетти си земаат за право да ни држат предавања за тоа која и каква ни е реалноста. И какви вредности имаме. Што до вчера ги газеа, здушно и немилосрдно.  Неморалните ни морализираат за нашиот светоглед, доцноразбудените ни ги „отвораат“ очите за некаква нивна нова реалност. А реалноста била тука со години. До нив, пред нив, ама одбивале да ја видат. И нас со неа. Уживаа(т) во валутната реалност, и црпењето на буџетот, оној државниот. И кога тој е истрошен, како што вели Михајловски, кога се’ е, да простите, раскурцано, е тогаш, одеднаш, ваквите гниди почнуваат да морализираат. Ситните душички, сите ко јајце на јајце исти, оние токму малограѓански патриотчиња што мислат дека живеење во „центарот“ на светот им дава посебни права, почнуваат да ги тресат трошките не само во комшискиот двор туку и нам врз глава. И другите да ги обвинуваат за малограѓанштина, а тие зацапани во неа до гуша. Или преку глава.

Кој друг ако не типичниот македонски маалски малограѓанин ќе ги воспева  низ петпарачки локални весници сопствените успеси и „жртви за македонската кауза“, кој друг ако не класичниот балкански тип на искомплексирано пиже ќе ни држи предавања ex cathedra што се’ направил со наши пари, какви се тие фрустрации што цел еден народ треба да ги трпи зашто нему му прднало на ум некому да се лути? И зошто, зашто можеби му ги земале скапите играчки па детето сега ќе плаче и ќе се рита, или не му исполниле некоја дамнешна, од детството, желба? И зошто, по ѓаволите, ние сме должни тоа да го трпиме? И да го плаќаме? Секој хир, секој комплекс, секоја фрустрација, секоја налудничава желба …?

Па каде тоа отидоа оние флоскули за во весници од пред пет години дека творечкиот „интегритетот се брани со мадиња. И со дело, уметничко и човечко, со отвореност, со доблест, а најмногу со жртва: со откажување од комфор, од пари, слава и од титули“[1]?! Кој тоа, и кога, се откажа од парите, од комфорот, од славата, од сите признанија што последниве неколку години му ги бесеа околу врат, почнувајќи од етаблирањето како главен ментор на сите случувања во македонската култура (што сега здушно го негира!), до амбасадорски места и национални пензии? Впрочем како и оној другион, подеднакво со години „обесправуван“ режисер „до балчак“ зацапан во вечни политикантски манипулации и инсинуации? Па зошто, по ѓаволите, го прашувале за долговите? А не за тоа што и како појадува, на пример? А зошто не им напишете на новинарите што и како да ве прашаат, шутраци ни едни?

И зошто, и до кога сме ние дожни да толерираме вакви манипулатори и малограѓани од кариера? Сељачана што мисли дека ја поцицала сета светска мудрост од трите прочитани книшки за петто одделение? Што уште треба да им дадеме за да бидат задоволни? Има ли место и време за други „жртви“ во македонската култура од нивните солзи и лелеци? Можеме ли еднаш, конечно, да раскрстиме со вакви непораснати, да простите, плачип…и веќе побелени во главите?

middle_finger

4.

И како тоа, пред само пет години светогледот и на едниот и на другиот и на сите ним слични допираше само до буџетските трезори, а сега гледаат се’ наоколу и се вџашуваат? Та сета оваа реалност е тука со години, веќе ќе и’ славиме некаков јубилеј, а ќоравиве малограѓани ништо од тоа не виделе. Зошто и сега не мислат на колективното добро, туку само на личното? И како тоа во времето кога тие спиеа успеаја да видат само дека „има цела класа политички оперативци и квазиинтелектуални амеби кои не можат да поднесат што веќе не ги играат, па затоа сега претаат и пискаат како мачиња фрлени во огин“[2]? Ама сега огинот се проширил па ги зафатил и нив, па сега тие врескаат како стаорци на скара и бараат помош од другите. Или ним мора да им се помогне, а другите – нека горат?

Или ова, можеби, е само уште една од локалните маалски „мангупски“ финти да се сврти вниманието на себе, да се спинуваат нештата од вистинските прашања, да се демонстрира некаква малограѓанска „моќ“ и влијание во медиумите што утре можеби ќе ги поддржат во сите нивни вообичаено мегаломански и лакоми побарувања? И сите ние, повторно, по којзнае кој пат, треба да се поклониме пред нивните селски манири и да ги аминуваме неморалните и до зла бога безобразни фактури? Тие играат на таа карта, некои подолго, некои пократко.

Ако оваа култура, и не само култура туку целото јавно мнение не смогне сили да им каже марш наместо добар ден, да им го покаже средниот прст без оглед колку тоа на прв поглед изгледа непристојно, тогаш повторно и повторно ќе се занимаваме само со нив и нивните „вистини“, нивните „реалности“, нивните малограѓанштини, нивните побарувања. Ниту се тие толку заслужни, ниту се другите толку некадарни. Напротив. Време е оваа култура да сврти нов лист, па нека е во моментов и само наспрам ваквите морални креатури!

________________________________

[1] Марина Костова, Интегритетот се брани со мадиња, (интервју со Милчо Манчевски), Вест, 11.06.2010

[2] Исто

ЗАБОРАВЕНА „МОДЕРНА“ (2)

5.

Но, една од поентите на овој текст за црквата „Св. Пантелејмон“ крај Скопје, покрај нејзината 850 годишнина од градењето и автохтоните архитектонско ликовни вредности, беше и нејзиното потенцирано специфично значење како можен претходник, предвесник, антиципација на идните Ренесансни квалитети во сликарството, оние што ќе се појават во Италијанската Ренесанса во 14от век со фреските на Ѓото ди Бондоне во Падова во 1305 година.

Не знам зошто фреските на Ѓото во Cappella degli Scrovegni упорно, речиси со векови, го држат приматот на први Ренесансни импулси во ликовната уметност. И така е и во научната (барем во поголемиот дел) јавност и во пошироката јавност. Ѓото останува првиот Ренесансен уметник, иако анонимниот мајстор од Нерези го сторил истото, дури и подобро од него, и тоа безмалу век и половина пред него. Можеби заради тоа што бил анонимен, односно не му го знаеме името? Но, не е само тоа, зашто редица други анонимни творци низ историјата го добиле заслуженото место и примат. Причините за ваквиот однос и на науката (односно дел од неа) и на пошироката јавност се бројни. И, претпоставувам, немаат речиси никаква врска со реалните состојби, односно со некакви обиди да се забошоти (можната) вистина, да се потцени едно творештво во полза на друго, итн. И не би бил прв пат одделни достигнувања, особено во културата и уметноста, што доаѓаат од „трети“ простори како Балканот, да бидат запоставувани (дури и присвојувани!) во полза на таканаречените „понадмоќните“ култури.

Но сепак, за волја на вистината, нема „мали“ и „големи“ култури, нема „слаби“ и „надмоќни“ уметности. Таквите „поделби“ си ги наметнуваат како алиби токму „малите“ и „слабите“. А, ако им дозволите, таквите флоскули ќе ве изедат жив. Ние дури и денес, благодарејќи не редица локални будали, самите си наметнуваме некаков „неоколонијален статус“ и го обвинуваме Западот за се’ и сешто. Мислам дека овде не станува збор за тоа, односно не само за тоа. Не дека низ историјата немало игнорантски однос на развиените европски култури кон оние регионални / локални проблесоци, не дека немало и нелегални / неморални кражби и присвојувања, но тоа е минато свршено време, или „плусквамперфект“, што би рекол Крлежа. Веќе крајот на дваесеттиот век го актуелизираше прашањето на враќање на откраднатото културно богатство кое што, еден ден, прилично ќе ги осиромаши европските музеи. Така што денес, особено денес, би било илузорно да говориме дека некој нешто ни украл, ни присвоил, ни го превземал приматот во нешто. Иако тоа е најлесно, се согласувам. Најлесно е зашто не не’ обврзува на ништо, не бара од нас да се помачиме да докажуваме, да пишуваме, одново да проучуваме и одново да докажуваме …

6.

Оттука, колку и да обвинуваме одделни научни кругови, или цели култури за свесно занемарување, или запоставување на сликарството на Нерези во полза на подоцнежното и објективно „послабото“ на Ѓото, прво што треба да направиме е да се преиспитаме себеси што и како ние сме направиле во таа насока: во насоката на афирмирање, укажување, популаризација, научна и поширока валоризација и ревалоризација, компаративна апликација … на приматот на фрескосликарството на Нерези и неговата антиципација на претстојната Ренесанса. Се разбира дека тука не станува збор за фудбалски натпревар и не е важно кој прв постигнал гол и кој на крајот го добил натпреварот. Но важно е да се афирмира анонимниот нерешки мајстор пред се’, повторно и повторно (а потоа и оние од Охрид, од Курбиново и слично) во неговата полна светлина и вредност!

Од друга страна, нашиот „најголем„ или, ако сакате, „неприкосновен“ ум – Македонската енциклопедија – меѓу другото вели дека „Фреско-сликарството на ѕидовите на црквата Св. Пантелејмон е едно од најзначајните сликарски остварувања не само во XII в. во Македонија, туку и во средновековната уметност воопшто“. И толку! И на авторот не му било срам да се потпише со „К.Б.“ (Коста Балабанов). А во главната литература за црквата навел две книги од „пре Христа“ (Владимир Петковиќ, Воислав Ѓуриќ) и најновиот текст на Донка Барџиева – Трајковска од 2004 година. И повторно – толку! А Енциклопедијата е издадена во 2009 година, но за неа не постои ни Грабар, ни Талбот-Рајс, ни Метјус, ни Демус … никој, дури ни од нашите домашни проучувачи. Е па што сакаме тогаш, кога самите така си ги вреднуваме нештата? За македонската Енциклопедија впрочем не постои ни поимот Ренесанса. Такво нешто ние немаме, односно тоа за нас не е важно. Но важен е, на пример, некој Рене од Монс, учесник во Четвртиот крстоносен поход и управник на Солун!?

НЕРЕЗИ ФРЕСКА

Анономен мајстор од Нерези

7.

Како и да е’, за среќа, повторно нашите домашни задачи ги довршуваат други. Односно, она што Талбот-Рајс, Грабар и другите го посочуваа релативно срамежливо или не толку екпслицитно – иако констатираниот  „похуман пристап“ на Талбот-Рајс го потенцира потребното – сосема директно и отворено пред десеттина години го напиша Ендрју Греам-Диксон. Но кај нас, со ретки исклучоци, и тоа помина некако глуво и без соодветна звучност во јавноста, особено интелектуалната. Ендрју Греам-Диксон во незавиткана форма вели дека фреските во црквата Св. Пантелејмон во Нерези, крај Скопје, се вистинските предвесници на Западната Ренесанса, речиси два века пред фреските на Ѓото во Падова. И повторно, додека нашите наводни стручњаци за тој период ги воспеваа „стојностите“ на коњаничкиот споменик на Александар Македонски во центарот на Скопје сметајќи го за „многу репрезентативно, раскошно и гламурозно замислен, со динамичка линија“ (sic!), сериозни учени низ светот ја вршат нивната работа. Нашиве ги бива само за до Ниш, евентуално Сурдулица, и толку.

Што точно вели Греам-Диксон? Тој смета дека вреди уште еднаш да се преиспитаат ставовите за вистинските почетоците на Ренесансата, наспроти ставот на Вазари и многумина други после него, особено кога е во прашање фреско ансамблот во Нерези. За него овие фрески, односно особено композицијата „Оплакување“, со својата „… физичка, електрична присатност …“, сведочат за генијот на уметникот од Нерези и неговото отклонување од востановената во тоа време византиска фрескосликарска традиција втемелена на строгиот иконографски ред и формалност.

Инаку Ендрју Греам-Диксон не е баш случаен човек во светот на уметноста. Негови книги („Историја на Британската уметност“, „Хауард Хоџкин“, „Микеланѓело и Сикстинската капела“ итн.) и особено неговите телевизиски серии за уметноста („Уметноста на Русија“, „Уметноста на Шпанија“, „Уметноста на Германија“ и др., сите работени за BBC) се читани и гледани и во стручните и во пошироките кругови. Оној кој нешто видел или прочитал од Греам-Диксон го памети по едноставноста во раскажувањето, елоквентноста и убедливоста, поткрепени со проверени факти и аргументи, некогаш неочекуваните (предлог) заклучоци и тврдења итн. „Сите патишта не водат во Рим“, вели Греам-Диксон! Впрочем, и историјата и историјата на уметноста се тука за да константно бидат преиспитувани.

Всушност, неговиот интерес за фреските во Нерези, а во рамките на истражувањата за книгата „Ренесанса“, го води до заклучокот дека Ѓорѓо Вазари – веројатно најкомпетентниот директен извор за тоа време – можеби и не бил во право кога тврдел дека токму фреските на Ѓото ди Бондоне во Cappella degli Scrovegni (или позната и како Арена капела) во Падова се онаа  ликовна пресвртница од „темниот среден век“ кон поинаквото размислување за светот и човекот. Заклучокот на Греам-Диксон дека „… византискиот исток бил многу повлијателен на развојот на Ренесансната уметност отколку што Вазари бил подготвен да признае“ го потврдува значењето на фрескоансамблот од Нерези како вистинскиот пресвртен почеток. Токму тука, кај нас, под раката на анонимниот мајстор од Св. Пантелејмон, фрескоживописот почнува да се осовременува, динамизира, се осмелува да не ги чита само каноните туку и лицата од секојдневието. Така и ликовите на светите, дури и оние на Богочовекот и неговата Мајка, добиваат реални и хумани димензии на луѓе од крв и месо, на луѓе кои страдаат и не се срамат тоа да го покажат.

ЃОТО

Ѓото ди Бондоне

8.

Ние денес не можеме да знаеме, уште помалку да тврдиме дека Вазари знаел за Нерези но не сакал да го спомне. Тоа не би било вистина, не би било точно. Поверојатно е дека не знаел за фрескоживописот во оваа црква. Но затоа, денес, и вчера, тоа го знаела науката, светската и нашата. Доблесните го кажале својот збор.

Од друга страна, не можеме да тврдиме ниту дека нештата би биле поинакви доколку и нашата компетентна наука го направела тоа што морала да го направи. И тоа би било во сферите на шпекулациите. Но, можеби ќе ни беше полесно ако знаевме дека барем ние сме го направиле потребното, неопходното? Или секогаш (ќе) чекаме другите да ни ги завршат работите?

И во овој контекст можат да се пишуваат уште многу страници за разликите и / или евентуалните сличности помеѓу двата фрескоансамбли – овој во Нерези и оној во Падова – да се регистрираат нијансите во сликарскиот израз, рафинманот на пристапот, смелоста на концептот … Во тој контекст можат да се потенцираат и сличностите и разликите помеѓу црковната византиска архитектура и панданот во средновековната италијанска архитектура. И во тој поглед многу може да помогне укажувањето на Ото Демус (Otto Demus) – еден голем австриски византолог – кој ја објаснува предноста на фреската пред Ренесансната слика преку фактот што фрескосликата не е одвоена од гледачот со стакло зад коешто всушност почнува некаква илузионистичка слика, туку просторот на гледачот и „… просторот во кој што светите луѓе егзистираат е ист … самата византиска црква е ’слика-простор’ на иконите … гледачот се чувствува како да сведочи на светиот настан и разговара со светите луѓе …“[1].

Но сепак, овде не станува збор за тоа, ниту пак за, повторно, некаков натпревар што некому ќе му донесе златен или сребрен медал. Овде станува збор за научни факти и аргументи, за констатирани вистини врз основа на релевантни интерпретации, коишто прецизираат „првенство“ на една или друга „школа“ (или поединец) како потенцијален зачетник на идеите на Ренесансата. И, уште еднаш, нашата веќе многу пати констатирана неспособност, неукост и индиферентност кон сопствените вредности!

А сепак, да не бидам толку несправедлив кон шаните современи духовни дострели и нивното разбирање на вредностите на фрескоансамблот во Нерези, еве едно гледање на еден голем македонски современ сликар: „Не ли е, можеби, потеклото на тој европоцентричен егоизам и деформитет во нашиот сопствен деформитет, сфаќањето дека циклусите и мените на западноевропскиот дух се нужни за сите култури, а уште понужен е ритамот со краток здив кој му е својствен? Од една Шарденова “мртва природа” може да се реконструира една кујна, од еден букет фламанско цвеќе, во најдобар случај – цела една градина. Од само едно стопало останато окружено со пуста белина, како некаков мал остров на некој руиниран Нерешки ѕид, би можел да се обнови цел еден космос во кој, дури и да нема остатоци од други траги, со математичка точност би можела да се предвиди целата општа организација“. Се разбира, станува збор за Глигор Чемерски и неговиот неповторен (не само) кај нас есеј  Жива Византија напишан пред многу децении.

И зарем само очите на сликарот може(ле) да го видат тоа што треба(ло) да се види, и да го напишат тоа што треба(ло) да се напише?

_____________________________

[1] Thomas F. Mathews, Religious Organization and Church Architecture, во: The Glory of Bizantium, The Metropoliten Museum of Art, New York, 1997

ЗАБОРАВЕНА „МОДЕРНА“ (1)

1.

Ми се допадна еден наслов што вели дека „народот е победен кога ќе му се одземе гордоста“. Звучи убаво, и точно. Но трпи и дополнувања односно варијанти од типот: народот е победен кога ќе му се одземе традицијата, или народот е победен кога ќе си го заборави јазикот, или народот е изгубен кога ќе си го заборави наследството! И секоја од варијантите е силна, и точна. Неприкосновено! И секоја е применлива денес, кај нас. Овде и сега. И секоја одделно укажува на сите наши провинцијални карактеристики, на нашиот игнорантски однос не само кон светот туку и кон себе си.

Во случајов мислам на црквичката „Св. Пантелејмон“ во Нерези крај Скопје. Поточно, оваа година се навршуваат 850 години од изградбата на црквата, која што според сите нејзини карактеристики апсолутно го заслужува приматот на ремек дело на средновековната уметност (не само) на тлото на Македонија. И морам да кажам дека очекував нешто, барем, можеби некој да ја спомне црквичката и нејзините уметнички атрибути, ако никој друг барем МАНУ, па нека се и на повеќемесечна и летна и зимска визита во Охрид, или оние локалпатриотине со Ангелот од Курбиново на модрите спотнати гради, барем некој нешто да каже во слава на анонимните мајстори кои на Македонија и’ подарија дело препознатливо низ светот. Некој да кажеше нешто за да се чувствувавме навистина горди, а не победени, загубени, предадени … Нам, сепак, изгледа ни се помили новиве градби, и катните гаражи, и фестивалите, и … што ли не?!

И како навистина да уживаме во нашата веќе одамна препознаена малоумна затвореност, во нашата неукост, институционална и лична самодоволност, што не’ прави тотално слепи дури и за нашите вистински вредности. Ние денес сме преокупирани со други цивилизации и епохи, ги забележуваме само грандоманските форми без суштина, без душа. Нашата аутистичност е веќе историска, ние сме тотално некомуникативни со светот и дури неспособни да ги препознаеме и за нас позитивните одгласи.

sveti-pantelejmon-nerezi 

2.

Нерези е само еден таков пример. Пример што ние очигледно сме избрале да го заборавиме, да го препуштиме на другите да го проучуваат и воспеваат. Ние (ќе) се бавиме со гробот на Александар!

И сето ова, колку и да звучи пресилно, не е претерано. Зашто црквичката крај Скопје, и според архитектурата и според фрескоживописот, е светско културно наследство par excellence. Кое што нам не ни дотекнува дека треба да го заштитиме со налепницата UNESCO World Heritage. Затоа ги предлагаме Маркови кули и Кокино, масивни карпести предели кои што и без нас преживеале илјадници години, и ќе преживеат уште пет пати по толку. Нерези пак е нежно, чувствително на секакви промени, старее лошо и е главно незгрижено … Не ќе може да преживее уште којзнае колку без сериозен третман и грижа од сите фактори, па и од УНЕСКО. Ако можела Бугарија да ја протурка црквата Бојана (од релативно истиот период како и Нерези и со приближно еднакво вредни фрески), зарем ние сме толку неспособни?

Не мислам и не сакам да кажам дека ние не ја знаеме вредноста на Св. Пантелејмон. Но мислам дека не ја знаеме доволно, односно дека не правиме доволно овие вредности да бидат соодветно популаризирани, вреднувани и превреднувани, наспроти веќе вообичаените лични преференци и простачки изливи на локал патриотизам – особено кога се работи за Охрид. Зашто, пред ваквите бесценети објекти секогаш се исправува прашањето: дали сме направиле доволно? Ние, очигледно, не сме. Зашто, прво, не ќе ги заборававме туку-така значајните годишнини на еден ваков објект, а потоа: кога последен пат сте слушнале некој да ја спомне црквичката, кога последен пат некоја странска висока делегација сме ја однеле да ги види фреските, кога последен пат струката (заштитата на културното наследство) ја потсетила јавноста на постоењето на овој објект и неговите потреби, колку пари буквално фрливме низ Вардар за оние чуда во центарот на градот а не се сетивме да погледнеме малку накај црквичката …? Кога последен пат некој од нашава „наука“ објавил нешто во светските референтни списанија за (по)новите откритија околу архитектурата и особено фреските во Св. Пантелејмон? Или тоа, како и се’ друго, им го препуштаме на странците, зашто само тие се доволно умни и настојчиви повторно и повторно да се навраќаат на овие вредности? Но затоа, една „учена“ госпоѓа од нашата Агенција за промоција и поддршка на туризмот, не’ подучува дека врз основа на нивните навистина „стручни“ проценки, тие на странците како наше богатство им го нудат „најмалиот музеј на светот во село Џепчишта“!?

3.

Не може да се каже дека за Нерези не е ништо направено. Напротив. Но овде не станува збор за тоа односно за времето минато свршено. Станува збор за еден од најзначајните фрескосликарски ансамбли во Македонија, релевантен не само за македонската сликарска традиција туку и за светското сликарско наследство. Односно, таквите ремек дела не застаруваат, не се забораваат, не се заменуваат со нови „миленичиња“. Тие се тука за вечноста, дадени им се на оваа земја и овие луѓе и нивна обврска е да се грижат за нив за следните генерации. Таквите обврски не се забораваат и не се препуштаат на стихијноста.

Нема сериозен проучувач во светот, и кај нас, се разбира, кој го одминал фрескоживописот на Нерези во контекстот на времето во коешто настанал и неговото значење за светската ликовна уметност. Особено двете битни  композиции, „Симнувањето од крст“ и „Оплакувањето“, се сметаат за ремек дела не само на своето време. Поточно, исказот „не само на своето време“ е прилично неодреден и треба да укаже на можни влијанија на едно дело врз некои други дела, нешто како предвесник, како модел за ново гледање на уметноста, потенцијално нов концепт на ликовно размислување и слично. Во овој контекст, фрескосликарството на Нерези, не еднаш и не од вчера, во смислата на тој исказ било поврзувано со некои можни прапочетоци на Ренесансата, претходница дури и на општоприфатените фрески на Ѓото во Падова (1305 год.). Токму во таа смисла, сликарството на Нерези од многумина се согледува како зачетник на еден нов концепт во кој што започнува да превладува интересот за чувството на поединецот и трагичноста на настанот, дури и кога станува збор за ликови како Христос, Марија и др. Тоа се најави, зачетоци на една ликовна концепција која што малку подоцна – или многу подоцна, повеќе од цел еден век – ќе експлодира во Италија под името Ренесанса.

Иако се смета дека никулците на овој нов концепт можеле да се следат на повеќе места во тогашна Византија, Нерези е единствениот останат пример, пример којшто Талбот-Рајс го квалификува како „… единствено место каде што сликите ги карактеризира оплеменетост и истенчен израз …“. Потенцирајќи ја нивната чувствителност и „похуман пристап“ Талбот-Рајс констатира дека сличните остварувања на други места „… се погруби …“[1]!

Грабар пак, сосема децидно, го определува сликарството на Нарези како „модерно за своето време“! Тој посебно ги издвојува двете најбитни композиции – истите на кои што, впрочем, примат им дал и самиот сликар – и тоа „Симнување од крст“ и „Оплакување“, како најкарактеристични за констатираната „модерност“, односно воведувањето на „… трагичниот израз на главите на мртвиот Христос и Богородица која своето лице го наслонува до образот на синот“ и „крајната напнатост што ја изразуваат редовите осамени или во грстови собрани вртежи“. Грабар не се стеснува да констатира дека двете драматични слики, „особено Оплакувањето, заслужуваат место во секоја антологија на средновековното сликарство“[2]. Во едно друго негово дело Грабар се дополнува: „… запрепастени сме од убедливата сила на оваа уметност кога опишува млади и стари глави, ја изнесува болката во изразите на лицата, од етнички различните типови, од движењата … Тоа е уметност со голема сензибилност …“[3].

Се разбира, ова се констатации на врвни светски проучувачи, а кон нив се придружуваат и редица други, странски и домашни, како Воислав Ѓуриќ, Ида Синкевиќ, Димче Коцо, Миљковиќ – Пепек, Донка Барџиева итн.

FRESKI NEREZI 

4.

Иако, се разбира, Нерези е импресивно и заради староста на архитектурата и фрескоживописот, тоа не е неговата примарна вредност. Во фрескоживописот на Нерези првенствено станува збор за сменетиот однос кон сликарството односно кон сликаните ликови, станува збор за воведување на нов ликовен концепт – или сосема поинаков поглед на светот – што во Европа ќе стане актуелен дури на почетокот на 14от век во Италија. Нерешкиот мајстор секако го имал на ум Јован од Дамаск (цирка 675 – 753/4), подоцна канонизиран, кој велел: „Кога тој кој е без тело и форма, немерлив во безграничноста на неговата природа, постоејќи во формата на Господ, ќе се испразни себеси и ќе ја земе формата на слуга во субстанцата и ставата и ќе се најде во земно тело, тогаш можете да ја сликате неговата слика и да ја покажувате на секој што ќе посака да ја гледа“. И во неговите фрески веќе обезживотеното тело на Христос е токму земно тело, по кое плаче земна мајка, а тажат и ангелите. И тие, и мајката, па нека е и Богородица, и ангелите, за прв пат тажат и плачат на таков начин по (Бого)Човекот! Како и секоја мајка, и Мајката на (Бого)Човекот со расчекорени нозе го прифаќа мртвото тело на единствениот син. И за прв пат на една ваква слика е претставена вистинска смрт – земниот крај на човек кој страдал и крајот на бесмртниот бог!

___________________________________

[1] David Talbot Rise, Umetnost Vizantijskog doba, Jugoslavija, Beograd, 1968

[2] Andre Grabar, Srednjovekovna umetnost Istocne Evrope, Bratstvo i jedinstvo, Novi sad, 1969

[3] Andre Grabar, Vizantija, Bratstvo i jedinstvo, Novi sad, 1969

ЗАРОБЕНИ УМОВИ

1.

И покрај сиот оправдан отпор – не само мој – кон одделни континуирани изливи на неверојатно незнаење и непознавање на нештата за коишто се пишува, не можам / не можеме да им ја одречеме речиси магнетната „привлечност“ за голем дел секојдневната публика, а особено дел од поновиве самонаречени интелектуалци со еднонасочен „коридор 10.000“ во главите. Толку евра, имено, ги чинеле високошколските дипломи што кај нас, и само кај нас, им гарантираат дека завршиле некакво школо. Но не и дека научиле нешто, зашто тоа се докажува поинаку. Е тие автоматски „паѓаат“ на неколку шифрирани зборови / реченици / коснтрукции што една специјализирана гаулајтерска група им ги сервира како десерт последниве години во речиси сите текстови или настапи во медиумите. Тоа се безмалу кодови што пленат заробени умови, иако препишани и научени празни во самата суштина фрази, а во функција на воспоставениот распоред на испланирани дневни, неделни или месечни дози на отрови што потхрануваат загубени души. Но, се покажале делотворни, „интелектуалциве“ а и полуинтелектуалците ги голтаат. А и меркантилни се!  

Нејсе, читам: „Денес во нашето општество (а и воопшто) се води расправа помеѓу естетските преференци на левицата и десницата. Во Европа тоа е веќе век и пол стара расправа, но во маргиналните, колонијални простори (каков што беше нашиов) овој вид расправа бил притаен или маргинализиран, пред се’, во периодот на социјалистичкиот монопартиски тоталитаризам (со човечко лице – слично на лицето на Маршалот)“.

 

2.

Кои се тука главните кодови што пленат? Во случајов, но и како правило, тоа се: левица и десница, социјалистички, монопартиски, тоталитаризам, Маршал! Се разбира, има и други, но овде се клучни посочените. Другите од јатото оперираат со други кодови. И тие кодови можете да ги внесете во кој и да е’ текст, во каков и да е’ јавен настап, можете да ги верглате во сите можни јазични варијанти, можете да ги превртувате и преметнувате – еден веќе стандадизиран примерок ќе ве слуша како да пеат милозвучни ангели. Зад тие и слични кодови се собираат маси, се редат одреди, се агитира и манипулира!  

Посочените шифри може слободно да се вметнат дури и во временските прогнози – повторно ќе ја имаат еднаквата плакатерска „сила“ за одреден слој. На пример: денес во нашето општество, наспроти преференците на левицата, ќе има сонце. Или: во периодот на социјалистичкиот тоталитаризам сите, па дури и временските прогнози доаѓаа директно од Маршалот! Тоа се шифри што се бараат, тоа се кодови што „палат“, без оглед во каква јазична конструкција се вметнати или дали, и што, воопшто значат.

Но, што всушност сака да каже писателот во посочената реченица?

Прво, за каква „расправа помеѓу естетските преференци“ овде станува збор? Дали кај нас воопшто постои расправа за нешто, а камо ли за некакви естетски преференци? Па ние немаме сериозна расправа ни за уставните измени! И кои би биле тие фамозни расправи за „естетските преференци“? Веројатно, односно сигурно се мисли на сите оние текстови, главно во дневниот печат, што генерално се конфронтираат околу една и единствена актуелна тема од потенцијалното естетско поле – т.н. проект „Скопје 2014“. Друга потенцијално естетска расправа кај нас во изминативе години, и денес, немало, и нема. Затоа, да останеме на посоченото прашање. Но, велам потенцијалното естетско поле, зашто она што најчесто се чита низ печатот нема врска ни со расправа, уште помалку со естетика. За да постои расправа, мора да има две (или повеќе) страни коишто аргументирано, со тези, би посочувале на одделни естетски аспекти на прашањето. И истите би ги побивале или поддржувале, во зависност од „преференците“. И понатаму, односно на прво место, за да навистина постои таков тип на расправа, мора да постои тема што зафаќа во полето на естетиката. Посоченото прашање тоа не е, заради многу причини за кои што и порано сум пишувал. Односно, да повторам, потенцијалната естетска расправа не може да се сведе на „што“, туку на „како“! А бидејќи за тоа „како“ кај нас не се расправа зашто, повторно, нема за што да се расправа, значи и дека не постои расправа. Ние немаме предмет на расправа. Најмалку естетска. Не е естетска расправа онаа расправа каде главен аргумент се: физичкиот процес на градење,  потрошените пари, локациите, растот на туризмот и слично. Не е естетска расправа ако „тезите“ се поткрепуваат со извадоци од партиски програми, со мистификации и митологизации, со надгласување. Не е естетска расправа ако „тезите“ се вадат од малиот мозок, зашто големиот не се дооформил.  И во оваа насока, за да постои елементарна расправа во која и да е област на човековиот дух, истата треба да ја водат компетентни за тоа луѓе. Инаку, тоа се претвора во петочна битпазарска кавга за цената на доматите, која што на крајот не води никаде. А такви компетентни луѓе во посочената „естетска расправа“ едноставно – нема. Или ги има многу малку, и тоа главно само на едната страна (а за страните – подолу!). Но кај нас компетенциите на луѓето се проширија до невидени димензии, па сите станаа компетентни за се’. Кај нас уметници расправаат за историја а историчари за уметност, кај нас архитекти дрдорат за образование а учители за архитектура, филозофи пишуваат текстови за изложби а историчари на уметност филозофираат итн. Токму како на Бит-пазар, каде што секој може до бесвест (и аргументирано!) да (се) расправа за квалитетот и цените на производите.     

3.

Понатаму, во контекстот на „естетските расправи“ што наводно денес се водат, се импутира дека порано – и акцентот е токму на тоа порано, преточено во бившиот систем – „овој вид расправа бил притаен и маргинализиран“. И тоа порано, за да на сите им биде уште појасно, е точно дефинирано како „социјалистичкиот монопартиски тоталитаризам“.

И ова е уште една особено омилена тема на денешниве новопечени интелектуални бизнисмени и накупци од Бит-пазар, при што во кошницата на „социјалистичкиот монопартиски тоталитаризам“ треба да се смести сето најгнило овошје и зеленчук што може да се најде по денешните тезги. И можеби, кога навистина би се расправало сериозно за лошите и добрите (ако ги имало!) страни на тој „социјалистички монопартиски тоталитаризам“, кога споредбите не би ги свеле на персонални килави диоптрии, тогаш, можеби, би дошле до некакви сериозни заклучоци. Вака, со оваа и ваква методологија на импутирање по секоја цена, не се доаѓа до квалификувани одговори. Кои што, впрочем, никој и не ги бара. Зашто и овие флоскули – бидејќи во нив нема ама баш никаква суштина – служат само и исклучиво за демаркација на линиите, за мистификација на сегашноста, за диквалификација на минатото. И таа спрега одлично функционира, и тие склопови одлично  пасуваат на менталниот склоп на оние од „коридорот 10.000“.  

Колку и да изгледа бесполезно секое евентуално толкување и следствено на тоа побивање на одделни (веќе етаблирани) квалификации од тој тип, сепак, не значи дека нештата треба да се остават такви како што некој ги прикажува. Ние, денес, за тој „социјалистички монопартиски тоталитаризам“ можеме навистина да говориме многу, особено за неговите темни страни, но истите нема да ги најдеме во посочените „притаени или маргинализирани“ естетски расправи. Можеби, или сигурно, недостасувале, особено во првите децении, расправи за човековите права и слободи, за повеќепартизмот, за демократијата … ама тие недостасуват и денес! А за естетските прашања и проблеми расправи не недостасувале. Тоа што некој не ги знае, или не сака да ги знае, тоа е негов / нивни проблем. Токму расправите за „естетските преференци“ се централната точка на сите интелектуални расправи во оној омразен „социјалистички монопартиски тоталитариазм“, со отворени и дури жестоки полемики, со учесници чии имиња влеваат несомнена почит, а со учество и на странски респектабилни интелектуалци. Кога само би можеле да посочиме една, барем една ваква расправа последниве години во Македонија? А тој и таков „социјалистички монопартиски тоталитаризам“, за живо чудо, се покажа(л) отворен за естетски дијалог со сите компетентни чинители, домашни и надворешни, и по сите (естетски) прашања.  

Кога некој добронамерен би седнал и би сочинил библиографија на сите некогашни македонски (да се задржиме само на локален терен!) списанија, почнувајќи од „Современост“ и „Рзагледи“ и естетските расправи и полемики во нив, почнувајчи од оние на „модернистите“ и „традиционалистите“, би добиле сериозен реперен труд за темата за која што станува збор. И кога би виделе што од тоа останало денес, и тоа што останало на какво рамниште е, мислам дека секоја понатамошна расправа би била излишна.

Па оттука, ако навистина за некое време може да се каже дека ги заобиколува, затајува или притајува, ги одбегнува или маргинализира сериозните естетски расправи, тогаш несомнено денешново време е посоодветно за такви атрибути. Освен, повторно, ако не се сака да се прикажат сите овие / оние полупсимени текстови како некакви актуелни естетски или не дај боже научни студии за оваа проблематика. Што, во крајна линија, не би зачудувало со оглед на некои претходни искуства со пишувачите! 

4. 

Другиот битен код, шифра, шлагворт … можеби најбитен во речникот на денешниве гаулајтерски спонзоруши и особено запаллив за „коридорот 10.000“, е доминантното расчленување на луѓето на „десни“ и „леви“. Иако, во принцип, е апсолутно некултурно некого, без прашање и негова согласност, да сместувате некаде. Особено не како некаква можна политичка, интелектуално идеолошка и друга ориентација. Но, тоа секогаш „пали“, дури и во контекст на најбаналните нешта од типот на фудбал, музика и слично. Како да „левата“ и „десната“ ориентација се етикети без рок на траење, нешто како жолтата ѕвезда, како „nigger“, што ли? И што воопшто подразбираат под лев и десен?

Не сум до крај сигурен дека поголемиот дел воопшто имаат поим за што говорат кога ги спомнуваат овие поделби, ниту пак дека тие денес навистина нешто значат. Кога би се погледнале одделни (политички, социјални, економски и др.) постапки токму низ призмата на потенцијалната лево-десна ориентација, тешко дека би се откриле којзнае какви разлики. Барем кај нас.  Затоа, оваа исполитизирана шифра гаулајтерската „интелектуала“ најчесто ја (зло)употребува во пежоративна смисла, како навреда или токму како закачен симбол за помала вредност, што по дефиниција ја потпалува имагинацијата на „коридористите“, таква кава што е’. Иако, во принцип, и најчесто, сите од ваквата провениенција се само новоосвестени „десни“, или  пресоблечени „леви“, кои на време успеале да ги фатат лукративните палуби  на „современиот Параброд“ (Мајаковски). И од него, сега, сакаат да ги „исфрлат Пушкин и Достоевски“ (повторно Мајаковски), зашто веќе не се курентни, можат да бидат пречка, па и опасност. Едновремено, токму ваквите новоосвестени „десни“ никогаш нема да ги чуете да се изјаснат директно и беспоговорно за цела низа суштински актуелни општествени прашања токму од лево-десната определба: абортус, ЛГБТ, права на малцинства, социјална еднаквост, даночна политика … Тие би, ако се може, а кај нас секогаш се’ се може, да егзистираат хермафродитски до крајот на животот, улулкани во спокојството на нивните двополни гнили животи. Зашто, како што велат, многу нешта во животот не можат да се избираат. Ама може да се избере како тој живот ќе се живее. Тие го направиле својот избор, зашто и доброволното слепило е некаков избор!

Но, не случајно го спомнав Мајаковски, зашто уште од негово време, односно од времето на руската авангарда, поделбите на „леви“ и десни“ се прилично проблематични. Ако, на пример, болшевикот Луначарски – краткорочниот ментор на руската авангарда – ги етикетира Малевич, Татлин, Мајаковски и други како „леви“, тогаш што е што? И како тогаш, и врз основа на што, нашиве луначарчиња и сталинчиња ги вршат денешните поделби?   

ТИТО

5. 

А за Маршалот? Па тој се’ уште е главниот виновник за се’ што ни се случувало и што ни се случува. Тој и понатаму е главниот фитил што ја активира експлозивната направа наречена омраза, бес, хајка, црнила, мракобесие … Инаку, еден наш познат писател, кој високо котира и денес иако одамна не е тука, дома ја држеше врамена познатата фотографија на Маршалот со чаша виски и дијамантскиот прстен на домалиот прст. Бил фраер, Маршалот. Не знам дали се’ уште ја има? И дали ја покажува?