ВУЛГАРНОТО БУДЕЊЕ НА МАЛОГРАЃАНИНОТ

1.

Секое будење, во принцип, е нов ден. После сонот, се разбира, којшто го сметаат за „друга“ состојба, состојба на полусмрт. Или полуживот, како сакате. Но не секое будење е и нова реалност. Никако. Зашто реалноста е тука, отсекогаш била, само некои не ја гледале. Или не сакале да ја видат. Заради различни причини. Кај нас, најчесто, заради најниските – лукративните! И неморалните. И гнасните.

Но, будење настапува и после дождот. Сите гадинки исползуваат од под камењата, се пребројуваат, лазат горе-долу, го испитуваа тереност. Ќе остане ли, повторно, по невремето, нешто и за нив? Ни три „Талии“ ништо не им можат, мислат. Неуништиви се, мислат.

Во онаа бивша и настојчиво несакана Југославија Живоин Павловиќ направи еден парадигматичен филм насловен „Будење на стаорците“ (1967). Можете ова и така да го перцепирате. Зашто, гледам, некои дури му посакуваат „добар ден“!

2.

Колку и да се обидуваме да се држиме до науката, односно некои нејзини теории дека реалноста, оваа околу нас, па и ние со неа, не постои вон времето, односно дека времето всушност го обликува нашето постоење, човечкиот ум тоа тешко ќе го прифати. Како што тешко ќе прифати и дека некои, божем, шетале со затворени очи долго време, безмалу шест-седум години. Дека за нив ништо од ова што се случувало околу нас не била реалност, дека можеби било сон или само некој лош филм. И сега, кога стаорецот се рабудил, гледа сосема нова реалност, нов ден / свет којшто, наводно, не му се допаѓа! А сепак, му посакуваат „добар ден“.

Нам никој не ни посакува ништо добро. Деновите ни се исти, во истата проклета реалност. Немаме ни друга, резервна татковина, ни резервен град каде што би си заминале. Ние не сме луѓе на светот, божем космополити со калливи опинци, тоа е резервирано за овие што доцна се будат. И потоа ни солат памет. Впрочем, за нас, остатокот од светот, е резервирана таа реалност што постојано трае. И се гледа, тука е, околу нас. Се соочуваме со неа секој божји ден. Ние немаме право на сништа и мечти, и не можеме ниту да ја смениме за некоја друга, за некој Њујорк или кој и да е’ друг белосветски центар за мечтаење.

3.

Но ова е стара, илјада пати веќе видена и традиционално вкоренета македонска приказна. Секакви распрдени гологузи измеќари и умислени lapdog интелектуалци „освестени“ дури во нивните педесетти си земаат за право да ни држат предавања за тоа која и каква ни е реалноста. И какви вредности имаме. Што до вчера ги газеа, здушно и немилосрдно.  Неморалните ни морализираат за нашиот светоглед, доцноразбудените ни ги „отвораат“ очите за некаква нивна нова реалност. А реалноста била тука со години. До нив, пред нив, ама одбивале да ја видат. И нас со неа. Уживаа(т) во валутната реалност, и црпењето на буџетот, оној државниот. И кога тој е истрошен, како што вели Михајловски, кога се’ е, да простите, раскурцано, е тогаш, одеднаш, ваквите гниди почнуваат да морализираат. Ситните душички, сите ко јајце на јајце исти, оние токму малограѓански патриотчиња што мислат дека живеење во „центарот“ на светот им дава посебни права, почнуваат да ги тресат трошките не само во комшискиот двор туку и нам врз глава. И другите да ги обвинуваат за малограѓанштина, а тие зацапани во неа до гуша. Или преку глава.

Кој друг ако не типичниот македонски маалски малограѓанин ќе ги воспева  низ петпарачки локални весници сопствените успеси и „жртви за македонската кауза“, кој друг ако не класичниот балкански тип на искомплексирано пиже ќе ни држи предавања ex cathedra што се’ направил со наши пари, какви се тие фрустрации што цел еден народ треба да ги трпи зашто нему му прднало на ум некому да се лути? И зошто, зашто можеби му ги земале скапите играчки па детето сега ќе плаче и ќе се рита, или не му исполниле некоја дамнешна, од детството, желба? И зошто, по ѓаволите, ние сме должни тоа да го трпиме? И да го плаќаме? Секој хир, секој комплекс, секоја фрустрација, секоја налудничава желба …?

Па каде тоа отидоа оние флоскули за во весници од пред пет години дека творечкиот „интегритетот се брани со мадиња. И со дело, уметничко и човечко, со отвореност, со доблест, а најмногу со жртва: со откажување од комфор, од пари, слава и од титули“[1]?! Кој тоа, и кога, се откажа од парите, од комфорот, од славата, од сите признанија што последниве неколку години му ги бесеа околу врат, почнувајќи од етаблирањето како главен ментор на сите случувања во македонската култура (што сега здушно го негира!), до амбасадорски места и национални пензии? Впрочем како и оној другион, подеднакво со години „обесправуван“ режисер „до балчак“ зацапан во вечни политикантски манипулации и инсинуации? Па зошто, по ѓаволите, го прашувале за долговите? А не за тоа што и како појадува, на пример? А зошто не им напишете на новинарите што и како да ве прашаат, шутраци ни едни?

И зошто, и до кога сме ние дожни да толерираме вакви манипулатори и малограѓани од кариера? Сељачана што мисли дека ја поцицала сета светска мудрост од трите прочитани книшки за петто одделение? Што уште треба да им дадеме за да бидат задоволни? Има ли место и време за други „жртви“ во македонската култура од нивните солзи и лелеци? Можеме ли еднаш, конечно, да раскрстиме со вакви непораснати, да простите, плачип…и веќе побелени во главите?

middle_finger

4.

И како тоа, пред само пет години светогледот и на едниот и на другиот и на сите ним слични допираше само до буџетските трезори, а сега гледаат се’ наоколу и се вџашуваат? Та сета оваа реалност е тука со години, веќе ќе и’ славиме некаков јубилеј, а ќоравиве малограѓани ништо од тоа не виделе. Зошто и сега не мислат на колективното добро, туку само на личното? И како тоа во времето кога тие спиеа успеаја да видат само дека „има цела класа политички оперативци и квазиинтелектуални амеби кои не можат да поднесат што веќе не ги играат, па затоа сега претаат и пискаат како мачиња фрлени во огин“[2]? Ама сега огинот се проширил па ги зафатил и нив, па сега тие врескаат како стаорци на скара и бараат помош од другите. Или ним мора да им се помогне, а другите – нека горат?

Или ова, можеби, е само уште една од локалните маалски „мангупски“ финти да се сврти вниманието на себе, да се спинуваат нештата од вистинските прашања, да се демонстрира некаква малограѓанска „моќ“ и влијание во медиумите што утре можеби ќе ги поддржат во сите нивни вообичаено мегаломански и лакоми побарувања? И сите ние, повторно, по којзнае кој пат, треба да се поклониме пред нивните селски манири и да ги аминуваме неморалните и до зла бога безобразни фактури? Тие играат на таа карта, некои подолго, некои пократко.

Ако оваа култура, и не само култура туку целото јавно мнение не смогне сили да им каже марш наместо добар ден, да им го покаже средниот прст без оглед колку тоа на прв поглед изгледа непристојно, тогаш повторно и повторно ќе се занимаваме само со нив и нивните „вистини“, нивните „реалности“, нивните малограѓанштини, нивните побарувања. Ниту се тие толку заслужни, ниту се другите толку некадарни. Напротив. Време е оваа култура да сврти нов лист, па нека е во моментов и само наспрам ваквите морални креатури!

________________________________

[1] Марина Костова, Интегритетот се брани со мадиња, (интервју со Милчо Манчевски), Вест, 11.06.2010

[2] Исто

Leave a comment