Monthly Archives: May 2016

КОЛАБОРАЦИОНИСТИ И ВТОРОБОРЦИ

или

НАРОДЕН ГНЕВ (11)

28.

И имав право кога напишав дека бргу-бргу ќе се појават душегрижници за „малата“ македонска култура, за кревките демократија и слобода и, апропо актуелниот след на настаните, луксузот да се пребројуваме, да се бараат (и наоѓаат) квислинзи и колаборационисти во редовите на таа македонска култура. Зашто, меѓу нив имало и „значајни личности“, па дури и такви кои „дале поголем придонес во борбата за демократска и слободна Македонија отколку првоборците кои први фрлале со јајца против непријателот“[1]. Се разбира, тоа е познатиот начин се’, па и овој народен гнев, да се релативизира и повторно да се остане, демек, паметен и на линија. И сето ова што се случува на македонските улици да се сведе на – фрлање јајца! Иако, на пример, порано спомнатиот проф. Спасов (сега) точно ја лоцира „дилемата“ за криминалната банда прашувајќи се „кој ќе им суди – историјата или редовен суд“[2]! Но и тоа не е вистинска дилема. Едните ќе бидат (о)судени од двете инстанци, другите – веќе напишав – ќе мора да го по(д)несат судот на сегашноста и на историјата. И тоа само затоа што злосторството на молчењето и неправењето не е кривично дело. Инаку, според сите други параметри, нивното соучесништво во деценискиот криминал е неспорно. И потенцирам: соучесништво, зашто кај најголемиот број на оние за кои деновиве говориме се токму тоа – соучесници! И токму нивните биографии, или нивното некогашно значење за македонската култура и уметност, па ајде нека е и нивниот „придонес“ за македонската демократија, уште повеќе им ја отежнуваат положбата. И го зголемува злосторството. А сето тоа заедно нависнува на тежината на „пресудата“. Зашто, токму тие се одговорни – или многу поодговорни, ако сакате – од сите останати во македонската култура за културниот геноцид, за девастацијата на културното наследство, за партизацијата на културата, за сегрегацијата на „наши“ и „нивни“ во културата итн.

И токму за тој вид квислинштво и колаборационизам говориме, и токму за таквите луѓе со кои што оваа култура некогаш се гордеела и ги поддржувала а тие ја продале за триесет сребреници!

29.

Затоа, сите (апсолутно глупави) споредби со партизаните, првоборците и слични будалаштини се целосно депласирани и служат за заматување на актуелната слика во македонската култура. И спојуваат неспоиви категории. На пример, која е, и каква воопшто може да биде врската – некогашна и/или сегашна – помеѓу колаборационистите и првоборците, или дури второборците? Тоа е не само навреда туку и светогрдие, ако сакате. Зашто, ни тогаш, ниту пак сега, не станувало збор за тоа кој кога стасал на боиштето и дали бил во првите или бил во вторите или којзнае кои редови. Овде станува збор за колаборационизам контра (современо) „партизанство“, за две различни категории! Колаборационистите биле / се соработници на непријателот, партизаните (па и современите „партизани“) биле / се борци против непријателот. Која, и каква е тука споредбата?

Актуелните македонски колаборационисти цела деценија соработуваа(т) со криминалната банда, од различни но по правило клиентелистички побуди. Тие цела деценија, и денес, го цицаат културниот буџет за лични цели и потреби, не водејќи сметка за никој друг. Тие цела деценија седат во разни одбори, комисии, совети, форуми … за дебели хонорари, учествувајќи во поткопувањето на современите темели на македонската култура, инфицирајќи го здравото ткиво на македонската култура со партиски и секакви други терминални вируси. Нивните имиња се секоја година на листата на приоритетните, дури единствените, како други автори во Македонија да не постојат. И ниту еднаш не се сетија да се подзавртат назад и да погледнат што се случува со другите или да си ги прашаат газдите каде ја водат оваа расклатена македонска композиција. Добро е додека оди, а потоа ќе се прешалтуваме, нели!? Тоа ли е филозофијата што сега треба да се брани и оправдува со некогашните „големи“ дела? Тоа ли е моралот што треба да се остави во наследство?

30.

Кај првоборците и второборците разликите се само во времето на приклучувањето. А не кој кога загинал! И какви се тие морбидни споредби? Кај колаборационистите пак, приклучувањето е – последното прибежиште, тоа е нивна мимикрија, фалсификат солидарност, мермер што не е мермер а личи на мермер! Дури, нашиве „познати“ колаборационисти воопшто ни немаат намера да се приклучат. Тие се претвораат во последниот бастион на режимот, онаа најсрамна линија која што мора да го одржува привидот на сплотеност, интелектуалност, општост … Инаку, би останале само бандитите и нивните побратими! Затоа, овие се уште полоши!!! И нивната осуда е неминовна, денес или утре. И праведна, за спас на остатокот на македонската култура која што, инаку, малку фали целосно да се распадне. Но, ако се’ уште браниме, па дури и славиме вакви бараби колаборационисти, тогаш чуму сето ова?

[1] Ерол Ризаов, Кој кога заминал во партизани,Утрински весник, 06 мај 2016

[2] Ѓорѓи Спасов, Кој ќе им суди – историјата или редовен суд, Утрински весник, 06 мај 2016

ЗА ФИЛТЕРОТ

или

НАРОДЕН ГНЕВ (10)

25.

Претпоставувам дека на многумина ни оној изразен народен гнев, култивирано  канализиран низ т.н. народен суд (Трибунус цивилис) наспроти „хулиганството“ по улиците, не им се допаѓа. На таквите, впрочем, ништо што е упатено против криминалнава банда на власт не им се допаѓа. Тие би, се разбира, да остане се’ по старо. Ако може. Ако не може – тие полека ќе се прешалтуваат, сообразно на развојот на ситуацијата. Ете, сега, после (веројатно) триесетина години, му се сонило на „глумецон“ дека водачот на бандава некогаш му бил колега на штиците што живот значат. И дека тоа му го издејствувал (лично кај него!) вујкото. Голема работа! И многу важна за овој историски миг. Ама не се сети на тој „важен“ момент дури пајташеше со неговите влади?

Како и да е’, токму спомнатиот „Трибунус цивилис“ може да се гледа како оној (во овој момент) битен филтер за сите гадости што тендираат да се прелеваат на страната на разбудената македонска совест. Иако (навидум)  овој суд нема ама баш никакви ингеренции – како што впрочем и неговиот предок, римскиот tribunus plebis, со времето останувал само форма без содржина – тој е битна алка во изразувањето на народниот гнев. И денес, и утре. Низ него, барем до сега, беа „процесуирани“ неколку битни аспекти на македонската политичка ситуација, а богами беше и најдиректно укажано на виновниците. Без оглед дали и колку тоа некому му се допаѓало, овој народен суд – во (привременото) отсуство на посакуваниот специјален суд – врши општополезна народна револуционерна работа. Ако погледнете кој се’ учествувал во неговата работа, јасно е дека не станува збор за фрустрација или импровизација. Попрво за нашиве званични судови може да се каже дека потсетуваат на чиста заебанција!

26.

Последната сесија на овој суд ќе се покаже како особено значајна (не само)  за македонската култура во најшироката смисла на зборот. Прво зашто го покрена „злосторството на молчењето“ и го постави на местото каде припаѓа: како отворена колаборација со режимот, а против македонската култура и нејзините вредности! И второ, зашто учесниците јасно и гласно посочуваат на квислинзите и нивната улога во обезвреднувањето на современата македонска култура, во легитимирањето и клиентелистичкото поддржување на една во основа некултурна диктатура на кичот! (Зашто кичот не е распослан само низ скопските улици и централниот плоштад, тој е населен и во однесувањето и мислењето на поголемиот дел самонаречена македонска интелигенција!).

Ова пак е особено битно зашто, за жал, тие и таквите случаи – со некои исклучоци – нема да стигнат до редовните судски инстанци бидејќи таквиот (не)културен колаборационизам, ако нема и криминални опашки, не се смета за кривично дело. Иако, можеби, би требало зашто денес, во цивилизираниот свет, нема поголемо злосторство од предавството на сопствената култура! Бидејќи тоа е предавство на идентитетот, на историјата, на културната меморија, на културното наследство! Во поширока смисла и „Шарената револуција“ е насочена токму против тоа: револт контра десетгодишното упропастување на македонската култура во најшироката смисла на зборот и, секако, (премолчената) аболиција и на таквите злосторници. Односно,  политичката (и кривичната) аболиција подарена на криминалната банда е чадор и за квислинзите околу нив. Или тие така сакаат да мислат. Е токму тоа не го дозволува народниот суд! Судот на историјата / културата некогаш е поригорозен од кривичниот суд!!! А првиот филтер е токму тој народен суд.

27.

Сигурен сум дека ваквото (квислиншко) означување и редица (наводно) познати имиња од македонската култура и уметност кај некого ќе предизвика реакции. Кај некои јавни (и тука навистина би било губење време да се коментира срамната изјава на проф. Спасов, она дегутантно нарачано „интервју“ на Манчевски и некои слични задоцнети плачип…и од типто на Стефановски кои трчаат да го фатат последниот воз!), кај некои скриени, со желба да не се експонираат премногу. Кај нив и понатаму ќе тлее надежта дека нивниот клиентелистички криминал бргу ќе биде заборавен, дека повторно ќе можат да залегнат на вратот на македонската култура. Не за друго туку кој, инаку, би ги плаќал нивните творечки перверзии, секој ден, година за година?

Знам, веќе утре ќе се јави уште некој мудрец ала Спасов кој ќе соли памет дека мала култура како македонската не може да си дозволи таков луксуз на детронирање на современиците. А може ли да си дозволи таков срам, таков резил што го доживува од истите, вчера, денес и тука?

Кога политичкиов циркуз ќе заврши, кога ќе се слегне правот и ќе се потсуши бојата од „Шарената револуција“, веројатно ќе има повеќемина кои инсистираат на заборавот. Да се надеваме дека ќе има исто толку, или повеќемина, кои нема да го прифатат тоа „помирување“. Зашто: направено е предавство – врвно, мрачно, опскурно, лукративно, цивилизациско – на сопствената култура, на творештвото, на колегите, на умот и разумот! И моралот, се разбира. Зашто, не можеме поинаку освен како врвно предавство и злосторство да ги разбереме, на пример: седењето во „златниот театар“ и учеството во доделувањето на книжевната награда од името на погребникот на државава додека надвор се уништува ремек делото на архитектот Муличковски и се заменува со една стиропорна „бела шампита“; безобразната конфискација на цел еден државен филмски буџет за лични потреби или уживањето во државните бенефиции и повластици од уништувачите на македонската култура; седењето во советот и комисиите на Министерството за (не)култура и делењето пари „капом и шаком“ себеси и на малоумните партиски „проекти“; учеството во незапаметеното кичерајско уништување на цел еден град, итн.

Списокот е предолг, но одговорот треба да биде краток: доста беше! И сигурен сум дека списокот на квислинзите ќе биде долг. Но долг е и списокот на сведоци, живи и здрави, на нивниот неморал, срам и клиентелизам во уништувањето на македонската култура!!!

ИНКЛУЗИВИТЕТИ

или

НАРОДЕН ГНЕВ (9)

22.

Не знам зошто баш секој новинар мисли дека е квалификуван политички аналитичар, како што и секој што завршил некаква политичка комуникологија – што и да значи тоа – автоматски станува политички експерт. Како што, впрочем, не секој што завршил уметничка академија е – уметник! Овде не ги бројам оние партиски пришипетљи кои по силата на партијата се самопрогласуваат за компетентни стручњаци за се’, а за политика особено. Затоа и мислам дека „исклучувачката матрица“, во случаи како нашиов, е полезна работа. Иако, во принцип, не сум поборник на исклучувања од каков и да е’ вид, ама некаде тоа е неминовно. На пример – во медиумите! Или (уште) ќе се убедуваме во апсолутно разорното десетгодишно дејство на поголемиот дел од медиумите – електронски и пишани – со т.н. национален предзнак, оние кои добиваа дебели владини „субвенции“ (читај: поткупи) за да секојдневно ја искривуваат реалноста во полза на бандитиве? И, богами, некои тоа се’ уште го прават. На еден или на друг начин: (само)деструктивно останувајќи на опробаниот „владин курс“, пишувајќи / објавувајќи двосмислени и често поткопувачки „колумни“, жизнерадосно стимулирајќи на нивните страници или низ катодните цевки шарлатани и дилетанти, дури и пробисвети со тапија кои одработуваат за бандата итн. Малку се изнагледавме / изначитавме такви подопашници од форматот на оној „андерграунд“ уметникон, или оној подлизурко „публицист и режисер“, па „водителине“ на секакви идиотизми финансирани со народни пари? И сите тие ли спаѓаат во заштитената категорија „плурализам на мислења“? И зошто тој плурализам, ама во обратна насока, го немаше на страниците на нивните весници или во програмите на нивните телевизии?

23.

Нивното самоизбрано слепило се’ уште, до денешен ден, сака да не’ убеди дека човекот кој буквално ја погреба оваа држава некогаш бил „човекот што влезе во политиката како голема надеж за Македонија[1]. Надеж – за кого, за криминалните структури и булументите простаци во оваа земја? На страна неписменоста (употребата на „што“ наместо „кој“!), оваа „анализа“ дури оди дотаму што истиот го прогласува за небаре месија кој требал „да ја поведе Македонија во просперитет“. И не само тоа туку неговите седници на Владата „се чекаа со љубопитност поради свежината што ја внесоа на зачмаената посткомунистичка сцена во Скопје“! Е па не’ доведе, нели, до „просперитетот“ за којшто со хвалоспеви го поддржуваа толку години, а свежината на „посткомунистичката сцена во Скопје“ еве ја живееме секој ден во главниот град, за цели (цирка) 600 милиони евра?!

И сега, вакви ли дилетанти ќе продолжат да солат памет а не можеле да согледаат со кого си имале работа, веднаш на стартот? Или барем година две подоцна? Такви ли режимски протуви кои сега божем прогледуваат ќе бидат и идната надеж на „Шарената револуција“? Кому би му требала таквата „инклузивна матрица“ и што би можеле младиве луѓе да научат од такво „политичко новинарство“? И што би „инклузивирале“ од нив? Нивната безличност, нивниот опортунизам, нивната корумпираност …?

Затоа – ќе се вратам на почетокот на оваа серија текстови под заеднички наслов „Народен гнев“ – овој излев на оправдан револт, дури бес по македонските улици не е само протест против онаа безлична минорна фигуринка на Водно и неговите скандалозни помилувања. Мислам, така гледам, овој народен гнев веќе јасно ги посочува магистралните правци на потребните реформи во општеството. И тоа не онакви, шминкерски, какви што си посакуваше оној во кого некои тутурутки гледале „голема надеж за Македонија“, туку коренити реформи на сите општествени структури и институции, на вкупниов систем и неговите на глава поставени „стандарди“ и „вредности“, меѓу кои (не случајно) медиумите завземаа прво место!

24.

Затоа и „инклузивната матрица“ мора да има и еден сериозен, густ филтер да го задржи сиот талог што тендира да се протне низ некое дупче. Зашто, инаку, барабиве ќе ја киднапираат и оваа шанса, а потоа други може и да нема. На рака им одат и таквите „новинари“ кои малку-малку па не’ потсетуваат на старите „добри“ денови на крминалциве, кога тие само глумеле политичари и водење политика. Не’ потсетуваат демек како ни било добро (како кому, нели!?), како сме имале перспективи (како кој, во зависност од диоптријата!) и надежи. Не е далеку денот кога бандата ќе посака сериозно да се инфилтрира во движењето, да покаже дека демек се свестила, се поправила, си ги увидела грешките. И тие играат на „инклузивната матрица“ која што за нив е посакуваниот спас. Ако им се дозволи, се разбира!

[1] Соња Крамарска, Седумте фатални грешки на Груевски, Утрински весник, 30 април-2 мај 2016, стр. 10