Monthly Archives: June 2016

СОЦИЈАЛНА СКУЛПТУРА

или

ШТО Е „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“(7)

16.

Mојата теза е дека денешната „Шарена револуција“ само се надоврзува на протестите започнати од групата „Протестирам“, потоа на студентските и професорските протести, целејќи кон денешниов масовен алтернативен хепенинг наречен „Шарена револуција“, чие влијание се прошири низ целата држава. Но, повторно, она што овие протести ги разликува од другите (студентските и професорските) е планираната и потенцираната културна / естетска страна. Тоа, секако, е првиот аспект во диференцирањето на овие „протести“ од сите други (не само) минатата и оваа година. Вториот подеднакво битен аспект е очигледното инсистирање на осмислувањето и реализирањето на „уметничноста“ на овој хепенинг односно на потенцирањето на „творечкиот“ чин како дел од протестите.

Се разбира, намерно го ставам зборот творечки под наводници, не за да свесно ја намалам потенцијалната творечка моќ на акциите и перформансите изведувани во рамките на овој двомесечен алтернативен хепенинг, туку можеби уште повеќе да ја подвлечам оваа значајна нишка. Зашто, верувам, многумина ќе приговорат дека тука нема(ло) ништо навистина творечко, креативно, инвентивно. Со што јас, нормално, нема да се согласам. Бидејќи под творечки чин не подразбирам, или не секогаш се подразбира, само класичен начин на (визеулено) уметничко изразување – сликање, цртање, вајање и др. – туку безпоговорно тука ги вклучувам и сите алтернативни односно други облици и форми на потенцијална креативност. Поточно, токму оние некогаш нови а денес веќе етаблирани форми на индивидуално и / или групно творечко изразување познати како акција, перформанс, хепенинг, експеримент, концептуала … итн. Но, за тоа – подоцна!

 

17.

Мислам дека „Шарената револуција“ односно поединците / групите кои ја осмислуваат нејзината ритмика и метаморфоза инсистираат на една подеднакво „стара“ но (се’ уште) валидна теза (не само) на големиот Бојс дека секој човек е – уметник .

Бојс бара „Уметност што го става човечкото суштество во центарот како креативно суштество per se. И затоа кога велам дека ’секој е уметник’ – и после тоа, во заграда, ’социјален дизајнер на иднината’ – јас не велам дека секој е сликар, скулптор, архитект … Повеќе мислам на секоја нова дисциплина, која што јас ја нарекувам антрополошки, хуманоцентричен уметнички концепт …“[1]. Бојс всушност говори расно постмодернистички, говори за надминувањето на модернистичкиот концепт на иновативноста во уметноста како примарна движечка сила, говори за еден голем транзициски чекор во еволуцијата на разбирањето на уметноста каде секој може да биде дел од уметничкиот процес. Тоест – човекот како „креативно суштество per se“! А кога ова го говори маестрото на перформансот, мора да му се верува!!!

И токму еден ваков процес-перформанс, смислен баш како од Бојс, се одвива(ше) низ улиците на Скопје повеќе од еден месец. Граѓаните на Скопје – без намера да ги потценувам и оние во другите градови, особено во Битола, кои што секако ги гледам како чиста Бојсова дефиниција на човекот како уметник – се видоа, се доживеаа себеси (и) како креативни суштества, како уметници кои оставаат трага врз средината. Нивната самодоверба, самосвест, растеа од ден во ден, акциите / перформансите стануваа се’ поефектни, јасно определени, хуманоцентрирани. Идејата дека овде не станува збор само за граѓански или политички протест беше јасно профилирана веќе на самиот старт, со првите фрлени балони со боја врз омразените кич споменици низ градот и партизираните институции. Потоа веќе следуваа сериозно осмислени активности кои вклучуваа разни елементи (акции, пароли, говори, музика …) што придонесуваа(т) кон целовитоста на уметничноста на впечатокот.

18.

Ако пак некој се’ уште има резерви / дилеми наспрема доминантно културната насоченост на овие протести, ќе потсетам на уште една – всушност прва во низата – извонредна акција / перформанс на „Протестирам“, (за мене) уште пооригинална и поефектна од „протестот“ во Театарот на спрдачината: акцијата кога беа (буквално) блокирани / пломбирани неколку културни институции во градов, вклучувајќи го и Министерството за (не)култура! Иако тој перформанс / акција помина некако, за жал,  незабележително, тоа сепак беше вовед, но пред се’ и јасен знак за целите на младиве од „Шарената револуција“.

И бидејќи веќе го спомнав Бојс, тогаш и да завршам со него: неговиот восклик дека „Секој е уметник“ (Jeder Mensch ein Künstler) не е никаков специјален новитет, но никој како него – или пред и после него – не демонстрирал таква неверојатна убеденост во таа теза, кај него елаборирана во многу предавања и перформанси. Секако дека Бојс, како и младиве од „Шарената револуција“, не мислел да сугерира дека баш секој има капацитети да се бави со традиционалните уметнички форми, туку дека креативноста може / треба денес да добие поширока апликативност, а со тоа и уметноста ќе ги (про)шири своите граници до она што Бојс го нарекувал „социјална скулптура“! Без намера пошироко да елаборирам – што во случајов би одзело премногу простор – што Бојс подразбирал под овој поим, тој најопшто може да се дефинира како свесен акт на обликување на околината (политичкиот систем, економијата, општеството во целина) од неред во ред, од хаотична состојба во обликувана форма, во структура! Оттука, „социјалната скулптура“ се постигнува заеднички, сложно и креативно, низ потребата за промена, за ре-форма!

А што друго е „Шарената револуција“ ако не тоа?

[1] Club 2, “Kunst und Schwindel”, 27.01.1983 (https://youtu.be/Mo47lqk_QH0)

Advertisements

ПОЧЕТОЦИ

или

ШТО Е „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“(6)

14.

Мината година, некаде во јуни месец или така нешто, во Театарот на спрдачината (некои сакат да го викаат Театар на комедијата, не знам зошто?) се случи еден перформанс на групата „Протестирам“ – значи истата група што се појавува и на сцената на „Шарената револуција“ – за којшто тогаш напишав дека „ допрва ќе се анализира и проблематизира“. Мислев, не само заради негативните одгласи во режимските медиуми и нивните надворешни лајачи, дека перформансот беше недоволно разбран. Бев во право, затоа што сега го гледаме во поинаква светлина, или барем треба така да го гледаме, зашто претставуваше увертира на денешните случувања водени од, очигледно, исти или приближно исти млади луѓе. И тогаш „јавноста“ се крена, од уреднички до писатели, пцуејќи по младите и бранејќи ја онаа глупицана која, еве деновиве, повикуваше на користење на гумени куршуми против учесниците во „Шарената револуција“!

Уредничката најбезобразно се прашуваше „како сега да му објасниме на светот … дека во Македонија имаше обид да се прекине претстава …“ [1], додека пак истиот оној писател кој „Шарената револуција“ ја гледа како толпа, тогаш хистеризираше:  „Скандалот може да се прогласи за глупост на деценијата. Не е спорно дека многумина чувствуваат револт кон политичката гарнитура на власт, но вакво сквернавење на уметнички чин можат да направат само луѓе што не ја сакаат уметноста, кај кои политичкото е посилно од естетското …“ [2]! Згора на тоа, прогласи и дека овде станувало збор „за флагратен тоталитаризам“[3]! Затоа, денес, „шарениве“ за него се ништо повеќе од – толпа. А Театарот на спрдачината е – уметност!

Но, бидејќи веќе го спомнав перформансот на „Протестирам“, треба да се забележи (повторно) тогашната нивна објава: „Со ова сакаме да искажеме револт кон партизираноста на уметноста и културата во Македонија за сè она што се случуваше изминатиов период. Како што знаете, голем број уметници не можат да најдат работа во театрите поради нивната политичка и партиска неподобност или каква било друга афилијација, доколку не се согласно политиките на извршената власт. Во тој поглед со овој протест сакаме да укажеме да се ослободи уметноста од канџите на партиските притисоци и сериозно да се сфати културата и уметноста како водечка сила во едно општество, за негова целосна ревитализација“. Ова, за „писателот“, било тоталитаризам. Како и да е’, мислам дека вака појасно се читаат и сегашните заложби на „Шарената револуција“ и тогашните почетоци / амбиции на „Протестирам“!

15.

Вториот битен миг за подобро разбирање на „Шарената револуција“ секако се минатогодишните студентски (и професорски) демострации. Тие како да беа втората етапа на денешната „Шарена револуција“, некакво испитување на силите и можностите до каде да се оди. И тогаш пишував дека многумина од генерациите на ’68та посакуваа токму лани да бидат (повторно) студенти и да ги делат улиците со овие македонски студентски генерации.

Овие студентски демострации ги развиорија паролите од типот: „Кој ќе ве тестира вас?“, „И од образованието сакате да направите споменик?“, „Професори искажете став“, „Студентот има должност да го заштити факултетот од Владата“, „Образование а не дресирање“, „СТОП за лошите реформи“, „Не ви го даваме утре“, „Лесно ви е вас, никогаш не сте студирале“, „Менувам индекс за амерички пасош“ … И тоа беа пароли што речито – некогаш сатирично но најчесто директно – ги коментираа актуелните состојби не само во образованието, туку во сите сфери на живеењето. И искажуваа став, и барања.

Она што беше очигледно е фактот дека и паролите и транспарентите односно целата визуелизација на македонските студентски протести 2014/15 имаше некаква „самоправска“ страна – по принципот „направи сам“ – и немаше речиси никакви естетски амбиции. Студентите тогаш како да немаа помош од „уметничка рака“, а можеби сметале и дека не им е потребна? Денес, очигледно, е поинаку, бидејќи еден од акцентите е токму естетизацијата на протестот! Инаку, споредувајќи ги во сферата на естетското студентските протести во Париз во 1968та и нашиве (задоцнети безмалу цели 50 години!), париските студенти излегоа на улиците со реченицата „Уметничките академии се затворени, но револуционерната уметност е родена“! Нашите студенти лани тоа не можеа да го кажат, но денес секако можат.

И, бидејќи ги спомнувам со ред неодамнешните претходници на денешнава „Шарена револуција“, не можат да го одминам и професорскиот протест (пленум), којшто се солидаризираше со македонските студенти. Една сериозна и не така мала група компетентни професори покажа дека сакаат и умеат да застанат на вистинската страна. Зашто за професорите и нема друга страна освен студентите. Тоа е единствената можна и логична спрега, нивните цели и идеали никогаш не (смее да) се различни. Тие се различни само за онаа моронска група штребери, оние глувчиња штрајкбрехери кои цврсто стојат на браникот на власта. И не мрдаат ни педа. Но тоа се такви типови, такви профили на луѓе. Такви биле и како деца, и како „студенти“. За нив силата е моќ, не знаењето. Којзнае какви се’ комплекси наместо книги влечкаат во торбите. Ним не им ни требаат студенти, им требаат министри да ги тапшаат по рамо, да ги предлагаат во управни одбори и комисии, да им фрлат по некое ковче и овие живи среќни мавтаат со опавчињата. Ним не им требаат студенти зашто немаат ни што да ги научат. Тие не подучуваат, тие држат говори. Сега и на радија. Talking heads! Од такви студентите никогаш немале полза. Од овие впрочем полза нема никој, освен нивните џебови. И власта, се разбира. Ги употребува како крпи, па ги одлага да се исцедат, до следната прилика. Во меѓувреме ги распределува низ медиумите и попатно им дава по некоја награда! И цела година ништо во нивните глави не се смени!

[1] Лилјана Грџо Дамовска, Кој се обиде да го замолкне театарот?, Дневник, 07.06.2015

[2] Венко Андоновски, Неподобен театар, Нова Македонија, 08.06.2015

[3] За ова види повеќе во неколкуте текстови насловени Ние веќе немаме што да му понудиме на светот, https://teodosievskiumetnost.wordpress.com/2015/06/

ГАЗ(Д)ОЛИКИ „УМЕТНИЦИ“

или

ШТО Е „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“(5)

12.

Не без голема доза на гадење, ама не е ред да не ги спомнам и „одгласите“ што доаѓаат токму од (не)македонската култура и уметност за феноменот на „Шарената револуција“, особено апропо некои нивни акции, на пример обидот, за жал неуспешен, да се кутне оној осовремен Брекеров наци Übermensch карши Собранието на РМ, а којшто во слободно време го глуми Прометеј. Мојот омилен лик од македонското уметничко подземје, оној такозвани Сарајлија, инаку работливо посвојче на криминалнава банда на власт, ги гледа „шарените“ како „… феномен што може да се нарече со името неоварваризам или џихадизам“[1]. Сосема неоригинално, што воопшто не му доликува, зашто со слични гнасни придавки веќе ги крстеше и неговиот постар колега Манев! А за да го засили ефектот на кажаното, шутраков овој чин го споредува со Херострат и Артемидиниот храм, па со Сталин, Пол Пот и слични, заборавајќи го – случајно или намерно – омилениот му каплар од минхенските пивници. А младиве, гледам, се фрлија во жал и јад зашто, ете, и Сарајлија крена глас против овој „политички идиотизам“. Но, нормално, не пропушти, како впрочем и неговиот главен газда, да упати по некоја закана дека „… во прашање е ден кога народот ќе излезе од политичката контрола … и ќе влезе во масовен контраудар …“. Каков газ(д)олик лудак! Речиси рамен на фикусон!!!

Уште поинспириран е токму полуписменион автор на Споменикот на паднатите херои, кој не знаеше дури ни соодветно да го напише единствениот збор на истиот, а божем ќе слави херои. И тој, нормално, мораше да ги пофали сегашниве газди дека „оваа власт докажа дека никогаш ништо не срушила, туку сака да гради“[2] (sic!). Фактот што стиропорот на лудиот архитект го голтна ремек делото на архитектот Муличковски, и уште редица други низ центарот на Скопје, за оваа будала не значи ништо. Тие – граделе! Со стиропор и со мермер што не е мермер ама личи на мермер!!! Се разбира дека после толкугодишно плачење што никој не го игра, сега мора да се оддолжува токму на најнеписмената и највандалската (не)македонска власт што го прибра и го опари. Инаку, може ќе му ги земат стоте илјадарчиња?! Но, и тоа се судбини, нели, слугински, и „уметнички“?

 

13.

Во нормална ситуација, вакви нарачани плачипи*ки не би заслужиле ни минутка внимание зашто сиот нивен морал, достоинство, професионална етика … се одамна заминати на коруптивните крилја на оваа бандитска врхушка која што, ете, продолжуваат сесрдно да ја бранат како во Хитлеровите последни денови. Не би заслужувале ни минутка кога не би се впуштале, по којзнае кој пат, во гнасни лаги за добронамерноста на криминалциве кои упропастија цела држава, во манипулации за „учеството на сите наши познати професори, уметници …“ во катаклизмата наречена „Скопје 2014“ итн., а згора на тоа и во сосема контрадикторни, паушални и очебијно нарачани шустерски квалификации за „Шарената револуција“. И токму тоа е оној македонски уметнички / културен синдром на идиоти кои цел живот или молчат или гласноговорникуваат за и во името на власта, која и да е’! За пари. Ја потврдуваат онаа нивна – нема да кажам „наша“ зашто не се гледам како дел од тоа, а не ги гледам таму ни учесниците во „Шарената револуција“ – историски докажана гнасна лукративна страна образот да се врти само накај богатиот.

Впрочем, да беше се’ така како што минхаунизираат двајцава, да имаше навистина „Шарената револуција“ какви и да се деструктивни аспирации, нивните возљубени бронзено – стиропорни грдотии одамнаа ќе се валкаа во правот на скопските улици. Зашто, на десетици илјади млади луѓе тоа не би им претставувало голем напор. Напротив, праведниот гнев на овие луѓе е насочен кон „естетизација“ на грдото, кон бесправно наметнатото, кон узурпираниот простор и извалканиот вкус. Згора на се’, како што потенцира Ана Чупеска, инаку предавач по предметите Современи политички системи и Политичка социологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, „Во нашиот случај, правото на отпор не е насочено само против нелегитимната власт, туку и против нелегална власт – зашто, како што сфативме од бомбите – изборите во Македонија биле украдени, што значи дека легалитетот на власта е доведен во прашање, а не легитимитетот! Ова е огромна разлика! Во таа смисла, правото на отпор дури може да се преобрази и во граѓанска непослушност, а ова наместо да се смета за илегален акт – треба да се третира како процедурално барање за инклузивност за ситуации кога има радикална неправда. Значи, никако не смее балоните и останатите играчки, или шарањето, да се подведат под терминот оружје или да се пренемагаат со терминот – вандализам. Ниту пак смее да се повикуваат на информативни разговори учесниците, т.е. да им се поднесуваат кривични пријави. Ве молам – кој овде е илегален ?“ [3].

Кога оние двајца шутраци малку би си ги чукнале главите би виделе дека „Шарената револуција“ е и легитимна борба против кичот и шундот во нивниот град, против нелегитимната импостирана од лудаци „уметност“, културен чин невиден во досегашната македонска историја! Дури и по цена да им ги земат со лаги заработените сребреници.

[1] Дарко Јаневски, Шарен феномен кој може да се крсти само како неоварваризам или џихадизам, Дневник, 22.06. 2016

[2] Бранко Ѓорѓевски, „Прометеј“ го уриваат вандали зад кои стојат тројца идеолози, Дневник, 22.06.2016

[3] Искра Манојлоска, Боењето на лажните фасади е уметнички пркос против неправдата, (разговор со Ана Чупеска), ОКНО, 15.06.2016  

УШТЕ МАЛКУ ЗА МОРАЛОТ

или

ШТО Е „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“? (4)

9.

Повеќето дефиниции велат (отприлика) дека моралот е посебен систем на вредности и принципи на однесувањето, на разликувањето на доброто од лошото, разбрани во најшироката смисла на зборот. Вредносниот код наречен морал му помага на човекот да го направи вистинскиот избор односно да ги канализира сопствените активности согласно овие (општоприфатени) принципи. Таканаречениот морален универзализам (или морален објективизам) – спротивен на моралниот нихилизам или моралниот релативизам – смета дека одделни морални вредности се универзално применливи на сите луѓе, независно од расата, верата, полот, сексуалната ориентациција итн. Можеби „најпростите“ примери се „не лажи“ и „не кради“, како универзални морални вредности.

Зошто ги спомнувам токму овие две? Затоа што тие се ’рбетот на „Шарената револуција“, почетната и крајната точка на сите активности во нејзините рамки во изминативе два месеци. Затоа што тие се – но не само тие – иницијалната каписла што ги предизвика овие случувања во Македонија, без оглед што неколкумина дежурни лајачи се обидуваат сето тоа да го сведат на маргинални (и смешни) причини. Па дури и на „бунт на богатите“ (каков апсурд од страна на партискиот врв за кој што велат дека инкасирал повеќе од пет милијарди долари!) против сиромавите! „Шарената револуција дефинитивно беше морален одговор на неморалното однесување на власта, „одговорен одговор“ (Чомски) на сите лаги, манипулации и кражби на властелинската врхушка.

10.

Каков беше одговорот на македонската култура и уметност на ова десетгодишно дивеење на власта во сите општествени сегменти, а особено на планот на културата и уметноста? Никаков, или речиси никаков. Иако многумина се згрозуваат од поврзувањето на уметноста со моралот, сепак стои прашањето: има ли современата уметност (и култура) некаква „обврска“ кон секојдневието во коешто се одвива? Има ли „обврска“ (па нека е и во наводници!) да одговори на предизвиците на своето време? А имаа ли македонската култура и уметност поголем предизвик од општествената катастрофа што им се случуваше пред самите очи? И што направија? Повторно – ништо! Повеќе за ова пишував во текстот Уметноста на нашето време (март 2016), спомнувајќи ги и „полу-писателите“ и „лакеите“[1] (Вангелов), но и изјавата на Димковска дека македонскиот писател „Го убија погрешните (културни) политики, го убија мегаломанските проекти на Министерството за култура, го убија клановските поделби на политичка основа, го уби стравот дека ќе изгуби нешто што и нема ако крене глас, ако заземе став, ако побара поголем простор за дишење, ако посака слобода“, односно дека „Секој автор, секој уметник живее во некое време, реално или имагинарно и во таа временска рамка, втемелена во еден или повеќе простори, секој уметник пројавува или би требало да има став кон светот во којшто живее“[2]. И напишав дека „… нашиве уметници како да не ги допираат ни светските проблеми ниту пак локалните идиотштини. Не ги тангираат дури ни ’каријатидине’ среде центарот на градот. Или – ги допираат ама не смеат да реагираат? Ако е така, тогаш уште полошо, но тоа е веќе ’вечната тема’ за немиот македонски уметник. Цели десет години гледаме (речиси) ѓубре низ македонските галерии, кое што и уметниците и институциите ни го продаваат како уметност. Наводна безвременска ’уметност’, очаен ларпурлартизам (иако и тоа за нив е комплимент), јад и беда што никој не го разбира и никому не служат. Освен на Министерството за (не)култура и нивната евиденција за ’големиот број’ изложби низ земјава“.

Оттука, „Шарената револуција“ може да се посматра, прво, како тој неопходен морален коректив на македонската општествена стварност (вклучувајќи ги тука и културата и уметноста), а потоа и како своевиден „творечки“ (наводниците ќе ги објаснам во друга прилика) одговор на предизвиците на совремието!

Веќе спомнатиот Капров вели дека отсекогаш му се чинело дека Американската креативна енергија се полни само во услови на криза. Можеби тоа е случајот и со Македонија? Можеби оваа криза ќе ја поттикне, ќе ја „наполни“ (и моралната страна на) креативната енергија и на македонскиот уметник?

11.

Еден „одговор“ на ова прашање дојде преку уметникот Сашо Станојковиќ, кој неодамна поднесе предлог-барање до Управата за заштита на културното наследство за препознавање, зачувување и итно прогласување за културно наследство на колоритната интервенција врз спомениците и објектите од проектот „Скопје 2014“ направени од страна на „Шарената револуција“. „Со предлог-барањето иницирав заштита на колективните партиципативни интервенции кои со стохастичен, но препознатлив ликовен јазик и со учество на многу субјекти при изведбата за прв пат овозможија директно демократска партиципација на граѓаните во институционалната критика на државната културна политика. Посебна вредност на проектот е ангажираноста за општествени промени што предизвика будење на граѓанската свест за подеднакво право на градот и за солидарност меѓу припадниците на различните етнички заедници, партии и интересни групи. Оттаму произлезе и итноста на мојата иницијатива“, вели Станојковиќ.

Се разбира дека Станојковиќ не е наивен да помисли дека полуписменине партиски солдати во Управата за заштита на културното наследство, на чело со директорот им (проф. и д-р, sic!), веднаш ќе се впрегнат во работа и исполнување на неговото барање. Ниту пак тоа некој го очекува од нив, такви какви што се. И овој гест на Станојковиќ може да се гледа како партиципативен сегмент во колективниот творечки хепенинг, како глас на морално учество на уметникот во современите политички и културни збиднувања! Зашто, културата и моралот, уметноста и моралот, се само навидум автономни светови без конкретни врски и односи, без директна и / или индиректна субординација. Или, ако сакате, може дури и да се прифати тезата за македонскиот уметник како целосно независен од моралниот аспект или што и да е’ од секојдневнието што го опкружува. Само кога не би бил толку неморално зависен од политикантството и корупцијата на власта!

[1] Атанас Вангелов, Полу-писателите, Плусинфо, 27 февруари 2016

[2] Биљана Илиќ, Македонскиот писател го уби стравот да заземе став, (интервју со Лидија Димковска), Плусинфо, 19.02.2016

ПРОТЕСТОТ КАКО МОРАЛЕН ЧИН

или

ШТО Е „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“? (3)

7.

Алтернативниот пристап на „Шарената револуција“ е нешто без кое што таа не ќе беше тоа што е’, не ќе се одржеше толку долго, ниту пак ќе ги имаше тие ефекти. Зашто, протестот, како и кој и да е’ друг протест, можеше да започне, и да заврши на вообичаените за такви прилики начини – со собирање, марш низ улиците, говори (ред опозиција, ред граѓански здруженија), и после два часа сите мирно дома. Сме се изнегладале едно чудо такви. Таквиот традиционален (граѓански / партиски?) пристап ќе ја уништеше „Шарената револуција“ за три дена и ќе ја сведеше на вообичаената форма на протестот како издуван балон. Впрочем, и без намера да давам оценки за придобивките односно резултатите или да им го минимизирам значењето, но оној партиски протест од 17 мај 2015 година, иако импозантен по бројноста, ги имаше тие стандардни карактеристики, таа традиционална форма. „Кампувањето“ пак пред Владата беше некакво „освежување“ на тој класичен концепт, но и тоа се изроди во нешто друго. (За т.н. контра протест и контра камп пред Собранието на РМ не вреди ни да се трошат зборови!).

Напротив, младите од овој културен хепенинг наречен „Шарена револуција“ ги бараа другите, алтернативните форми на протест, отпор што ќе се разликува и по форма и по содржина, што впрочем беше и реализирано, а ќе даде еднакво позитивни резултати, што исто така беше постигнато.

Да се потсетиме како започна и како се развиваше / траеше „Шарената револуција“: со масовни протести против еден (во основа) аморален политички чин (масовна аболиција на обвинети криминалци од власта) на претседателот на државата; со протестни маршеви пред отуѓените / партизираните државни институции; со колористички акции контра т.н. „културни“ споменици и објектите од проектот „Скопје 2014“, инаку означени од врхушката на власта како државни симболи; со поединечни и групни акции и перформанси (ликовни / колористички, говорни, музички и др.); голем завршен колористички хепенинг на централниот плоштад!

Со други зборови, „Шарената револуција“, прво, јасно се одреди како морален протест, како граѓански хепенинг против еден аморален чин, што е културолошки акт по себе. И ова е еден од најбитните аспекти на „Шарената револуција“ – инсистирањето на таа моралност (политичка, културна, човечка …) која што оваа власт континуирано ја газеше! Впрочем, Алан Капров (1927-2006), таткото на хепенингот (или „The Happenings man“, како што го нарекувал Џек Керуак), вели дека „Хепенинзите … се морален чин, хуман став од голема нужност, чиј што професионален статус како уметност е помалку критериум отколку нивната одреденост како врвна егзистенцијална посветеност“[1].

8.

Понатаму, во сите активности на „Шарената револуција“ беа таргетирани првенствено т.н. „културни“ споменици и објектите од проектот „Скопје 2014“, како своевидна реакција на (не само) културните политики (во најшироката смисла) на оваа власт, и особено криминалното однесување во рамките на наведениот „проект“. Посебно на удар беа неколкуте цели – фонтаната „Воин на коњ“, т.н. триумфална „Порта Македонија“, Споменикот на паднатите херои и други – како јасен одговор и на сите историски и идентитески небулози октроирани во општественото секојдневие. Стерилната (стиропорна) белина на објектите, посебно на „Портата Македонија“, на објектот на Владата на РМ, но и фасадите на Собранието на РМ и Министерството за правда и Министерството за култура како институции-симболи на лошите политики, беа согледани како атрактивна подготвена подлога – „сликарско платно“ за изразување на насобраниот општествен гнев.

Веќе тука „Шарената револуција“ се одреди и како „нешто друго“, односно како алтернативен продолжен хепенинг со елементи на ликовен перформанс, уличен, театар, боди арт итн., тоест истакнувајќи некои акцентирано уметнички содржини кои што низ деновите добиваа на интензитет и значење. Сето тоа придонесе овој „протест“ да се самодефинира како алтернативен културен и (групен) творечки чин во којшто, сепак, се задржа суштинската цел: „протестот“ недвосмислено да го  изрази револтот против аморалноста на носителите на власта, да се дистанцира од нејзините вкупни политики, а особено да се диференцира од „културните политики“ што доведоа до реализацијата на монструозното „Скопје 2014“!

Иако во една прилика дел од водечките млади во „Шарената револуција“ го спомнуваат и поимот авангарда односно „авангарден глас на граѓаните“, јас тука би бил повнимателен. Авангардите се сепак нешто друго. Но, не се сомневам дека „Шарената револуција“ е историски алтернативен културен хепенинг што води битка „внатре во умовите на луѓето“, што ќе рече дека „она што го прави „Шарената револуција“ е освестување, менување на целосната матрица на размислување, ослободување најпрвин на затворот во нивните глави, а потоа да сфатат дека можеме да ја вратиме слободата“[2]. Зашто, впрочем, алтернативната култура е токму тоа – спротивност на званичната или меинстрим култура, понуда на нов поглед и концепт контра хегемонијата на партизираната (македонска) култура, („улична“) борба против институциите … Централниот систем на сите актуелни практики, значења и вредности кај нас се покажа ретрограден, партизиран, закоравен, штетен и корумпиран. Особено самонаречениот проект „Скопје 2014“ беше најригидно импостиран од властелинската врхушка, дури директно од самиот тогашен премиер, без елементарни процедури, консултации, постапки. Одговорот на таквото однесување е – „Шарената револуција“!

[1] Alan Kaprow, Happenings in the New York Scene (1961),   Art News, May, 1961

[2] И.К., Интервју со „Шарените“: Симболите на режимот ги претворивме во симболи на будење на граѓаните, Стандард.мк, 10 јуни 2016

ИСТОРИСКИ КУЛТУРЕН ХЕПЕНИНГ

или

ШТО Е „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“? (2)

4.

Ако „Шарената револуција“ не е политички процес, ако не е (само) граѓански протест, ако не е ни (само) народно движење или проста реакција контра  злосторничкото здружување во рамките на партијата на власт, тогаш најсигурна е онаа дефиниција која што би ги опфатила сите овие аспекти одделно, и заедно. Не верувам дека можеме туку така само да ја оквалификуваме и како демократски процес или како (повторен) процес на демократизација во државава. Ваквите процеси ги посматрам како прилично здодевни случувања – политички преговори и надмудрувања, институционални активности од секаков вид и слично – какви што впрочем имаше и има, но на маргините на „Шарената револуција“.

Јас сакам да ја видам „Шарената револуција“ како нешто повисоко од прост збир на наведените нешта, како историски феномен невиден во досегашната македонска историја, преседан што одбележува едно време и ќе служи како показ за идните генерации. Сакам оваа „Шарена револуција“ да ја согледам во нејзината полност, со сите пропратни активности што и’ даваат посебен и специфичен шарм и ја профилираат како нешто надполитичко, надграѓанско, наднародно … А тоа може да биде само културен односно уметнички чин, кој што според досегашните пројави може да се дефинира како низа на акции и перформанси, обединети во еден голем културен хепенинг со историски димензии!

5.

Немам ништо против евентуалните приговори дека „Шарената револуција“ ја вметнувам во радиусот на моите професионални преференци. Веќе претходно нагласив дека, веројатно, секој ја согледува според некоја своја (лична и професионална) оптика. Но, мислам дека за ваквиот пристап имам доволно аргументи.

Односно, повторно, мислам дека културата, во нејзината проширена дефиниција, е поле на активитети што ги обединуваат, на еден или на друг начин, директно и/или индиректно, сите претходно спомнати аспекти. Зашто, што друго е културата ако не е и демократска активност, ако не е и политика, социологија, граѓански активизам … морал? Токму културата е оној инклузивен поим што може да ги собере и комотно да ги (о)држи заедно сите овие аспекти на човековата активност. Таа, културата, е именката за конфигурацијата односно генерализацијата на духот. А што друго беше / е’ „Шарената револуција“, ако не тоа? Токму културата, според Вилијамс, разликува таков опсег на значења, од „развиена состојба на умот“, преку „процесите на овој развој“ (културни интереси, културни активности), до „средствата на овие процеси“[1]! Токму (и единствено) културата го изразува „целовитиот начин на живиот“ на еден народ, токму „Шарената револуција“ го изрази на најдобар начин целовитиот начин на живот и целовиот општествен поредок што го преферира овој народ. Токму како што и Ѓанбатиста Вико (1668 – 1744), еден од првите заговорници на потенцијалното граѓанско општество, велел дека „светот на граѓанското општество бил создаден од луѓето“, па следствено „штом луѓето го создале, можат да се надеваат дека ќе го осознаат“.

Затоа и немам дилеми дека „Шарената револуција“ е превасходно културен чин. Нејзината инклузивност – мултикултурна, верска, полова, етничка … – и’ дава особен културен сјај и легитимитет. Ова посебно и заради фактот што повеќето нејзини манифестации, дури и секојдневното „здодевно“ одење низ градовите, вклучуваа разнородни (културни) практики и форми, стари и нови проникнувања, трансформации и радикални менувања.

6.

Однапред ќе се согласам со потенцијалните укажувања дека овде, ако навистина станува збор за културен чин, а во тоа сум сигурен, тогаш станува збор за алтернативен културен чин. Се разбира! И токму тоа е мојата поента. Зашто сето ова што се случуваше во рамките на „Шарената револуција“ е директен продукт на алтернативната културна свест, насочена против етаблираната официелна односно државна култура (или „култура“, попрецизно). Или, ако сакате, може и обратно: ароганцијата, контрапродуктивноста, партизираноста, зачмаеноста, ретроградноста на официелната односно државната култура / културна политика се покажа како причина / основен двигател, но и мета на алтернативните културни протести кај нас! А еднаш започнати, алтернативните културни форми како одговор од ден во ден добиваа на масовност, интезитет, разноликост. Едноставно – просто цутеа во сета нивна раскош на асфалтот на скопските улици, но и низ целата држава!

И мислам дека не е спорен алтернативниот карактер на „Шарената револуција“. Во него, во тој алтернативен карактер, понатаму се развиваа и се претопуваа различни (не само) културни аспекти, почнувајќи од идеолошките, социолошките, естетските  и слично, а за што, делумно, ќе стане збор подоцна. Но, мислам дека најмалку е спорен идеолошкиот аспект или, ако сакате, спротивставеноста на разбирањата на културата, или „културата“, на различни општествени групи и нивните концепти, во случајов на владеачката структура како потенцијална (или во формирање) „општествена група“ и нивните практики и – сите останати! Зашто, сето ова што ни се случуваше во изминативе десетина години не беше само и единствено политички, економски и социјален крах на државата. Или, ако сакате, тоа беше најмалку тоа, туку пред се’ станува збор за комплетна, тотална културна катастрофа на државата и народот во неа! И токму затоа, мислам, „Шарената револуција“, чувствувајќи го тоа токму така, реагираше на соодветен, културен начин! Во алтернативна форма, се разбира, зашто се’ друго би било депласирано и во крајна линија недолично.

[1] Види повеќе кај Рејмонд Вилијамс, Култура, Култура, Скопје, 1996

ШТО Е „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“(1)

1.

Не знам дали некој може во овој миг да предвиди како понатаму ќе се одвива / развива т.н. „Шарена револуција“. Тоа можеби (се’ уште) не го знаат ни нејзините „водачи“ – не случајно ги ставам наводниците кај овој збор – уште помалку учесниците, кои одамна се бројат со десетици илјади, но во однос на носењето некакви сериозни одлуки се сепак малцинство. Еднакво не можеме да ги предвидуваме одгласите што таа ќе ги добива во блиската или подалечната иднина, па и во историјата.

Можеби ни е полесно да предвидиме како сигурно нема да биде „читана“ во таа блиска или подалечна иднина. Таа сигурно нема да биде читана на начинот на кој што неколкумина циници, памфлетисти и поклоници на криминалната банда на власт упорно настојуваат да ја прикажат. Не може едно масовно „движење“ (условно речено, додека не дојдам до посоодветен термин) што трае цели триесеттина дена и ангажира десетици илјади луѓе низ целата држава да биде заробено во малоумните флоскули на неколцина платеници. Но за тоа малку подоцна. Напротив, историјата ќе мора многу пообјективно да го проценува ова што денес се случува на македонските улици. Ќе мора да ги земе предвид сите аспекти, дури и лошите, ако ги има, и ќе го даде објективниот суд. Тој суд нема да смее да се базира на резултатите – или само на резултатите – зашто нештата не се ценат само според тоа. (Колку за потстување: Илинденското востание како еден од најсветлите датуми во македонската историја не може баш да се пофали со сјаен краен резултат, нели?). Иако, ако сакаме да бидеме реални, досегашните јавни барања  на „Шарената револуција“ се безмалу сто проценти остварени! Така што ни тука не може да се импутираат којзнае какви забелешки.

2.

Затоа, повторно, она што денес можеме, и мораме, да го направиме е да ги согледаме сите аспекти на ова – што? Односно, веќе тука „запнуваме“ зашто не знаеме како да го дефинираме „ова“ што се случува(ше) низ македонските улици. Оттука, повторно: што е „ова“, што е оваа „Шарена револуција“? Едноставна реакција на нешто (лоши политики, криминал, корупција, сиромаштија …)? Делумно да, но реакциите, особено од ваков лепезно широк тип, траат ден-два, и толку. Граѓански протест? Можеби, но, (не само) во почетокот, и политичката опозиција имаше значајна улога и влијание. Значи, граѓанскиот профил можеби е доминантен, но не е целосен! Политичко движење? Делумно да, но никако само тоа. Најголем број од учесниците се политички неопределени. И не сакаат (политички) да се определуваат. Револуција (па нека е и шарена)? Има такви елементи, но револуциите се сепак нешто друго, а најчесто се и крвави. (Во оваа „револуција“ само бојата потсетуваше на вистинските револуции). Народно движење? Во голема мерка – да, иако со изразени (и) политички, (и) социјални, (и) културни … барања.

Или, оваа „Шарена револуција“ е сето тоа, и уште многу друго? Тоа, можеби, би било најприфатливо толкување, но повторно – ако треба со еден-два збора тоа „нешто“ да се дефинира, како би го дефинирале? Можеби до сега имало вакви обиди, особено од социолошки карактер, што пак јас не сум ги видел. Но сеедно, јас не ја гледам оваа „Шарена револуција“ исклучиво ниту како социолошки настан, или само политички, или само граѓански … Односно, веројатно, секој од своја гледна точка или од точката на личната прифесија и квалификации, ги бара реперите, познати или помалку познати, во обидот да (си) ги објасни нештата што се случуваат околу нас.

3.

Но, како и да ја проценуваме, оваа „Шарена револуција“, или како ли ќе ја викаме понатаму – иако не гледам дека нешто му фали и на овој назив – веќе се запишува во македонската историја како несекојдневен феномен, досега апсолутно непознат. Јасно е дека е неблагодарно да се коментира или квалификува се’ уште не завршен процес. Сепак, обидот не е зло, дури и да е преуранет.

Но, да не останат некои нешта необјаснети. Пред се’ друго, само два три збора за онаа групичка „луѓе во наводници“ – јас така ги квалификувам – кои бранејќи ја личната срамота и врски со криминалниов режим, плукаат по борбата на сопствениот народ. Без оглед каква е таа борба, а ове е’ борба, па нека е и „шарена“. Тука секако мислам на оние неколкумина кловнови кои секојдневно ги полнат режимските страници и екрани со одбранбени тиради за бандитите и секакви „епитети“ за демонстрантите. Но тоа се се’ одамна прочитани „луѓе во наводници“, кај кои не останало веќе ништо човечко. Но ним, за жал, им се придружуваат и нови но еднакво познати ликови, од типот на памфлетистон кој им подметнува на  младиве дури и (потенцијален) палеж на книги и библиотеки, или оној „сликарон“ кој ги споредува со терористите на ИСИС, или најновово сочинение на „писателон“ кој сака самиот да си ја исчисти совеста убедувајќи не’ дека злото е секаде („и во ’А’ и во ’-А’“!), а „шарениве“ биле – толпа! Кога индивидуа ќе спадне на такви ниски гранки, кога ќе се сврти против сопствениот народ, станува нечовек, или „човек во наводници“. И, веројатно, историјата и нив ќе ги спомне, на соодветен начин! Како што тоа го направила и со многумина други, порано.

НАМЕСТО УТЕХА

или

ЦЕНАТА НА УМЕТНОСТА (9)

27.

Ако случајно – не дај боже, ама сепак – ви текне да конкурирате со проект во Министерството за (не)култура, тоа неписмените бирократи кои дури не го знаат ни точното значење на поимот проект ќе ви бараат секакви документи: дали имате пред-договор со уметникот, па после договор, дали имате согласност од институциите, извод од регистрацијата и еден куп потврди (ако конкурирате преку невладина организација), каква боја на очи имате и кој број чевли носите … Ама на „уметницине“ од „Скопје 2014“ не им барале ништо! Само парче хартија, може и тоалетна, и еден куп произволности – колку повеќе толку подобро – за изнајмување на простор (без пред-договор или договор, или ориентациони пазарни цени), за помошна работна рака (без имиња и без договори), за набавка на алат (без фактури, се разбира), ќе ве честат и јадење и пиење со месеци на нивна сметка итн. Што ти значело да си „уметник“ во Македонија. И после пак ќе се жалат! Додуша, овие не се жалат, барем засега, се нафатираа – толку бива! Сега основна грижа им е како да го ескивираат СЈО и да фатат брз приклучок со следните власти.

Министерката за (не)култура пак ќе ви бара секакви потврди, дури и за неосудуваност, ама нема да и’ текне да си ги погледне законите што ги носела, па да види дека незаконски спроведува некакви (п)откупи за музејските институции, дека полицијата апси луѓе само затоа што таа и нејзинион „стручен“ пајташ од Управата за заштита на културното наследство не се ги почитуваат прописите за обележување на новонастанатото „културно наследство“, и др. Односно, изгледа, и ним таа перверзија им изгледала толку будалеста и неверојатна па скроз и заборавиле на такво нешто? Или – не?!

28.

Од друга страна, со месеци наназад, ако ги следите режимскине медиуми, вклучувајќи ги и шапшалине од новата „ТВ Нова“, најголем проблем во државава се хонорарите на омилените им „соросоиди“, а сега и примињата на обвинителките во Специјалното јавно обвинителство, па (се’ уште „непробиените“) хонорари на ангажираните експерти и слични минорни теми, но затоа ни збор за разнесените милијарди (евра) по разноразни острови и островчиња, или овие милионски износи делени „шаком и капом“ на секакви будалетинки кои некој ги прогласил за уметници – е тоа не ги интересира! Како да сето тоа се случува(ло) во некоја друга земја, или не баре бандана трошеше свои пари за сиве идиотлуци? И иако луѓе се потрудиле (пред се’ БИРН) да им ги соберат, средат и сервираат „на тацна“ податоците, овие ни да трепнат. Едноставно, тој вид гала криминал не ги интересира!

Не дека и оние неколку т.н. неутрални се поарни, И тие не умеат да читаат ништо освен – политиканство. И со саати да дебатираат на една те иста тема, со едни те исти „експерти“, балансирано, се разбира, секоја вечер повторно и повторно преоткривајќи ја топлата вода. Оној во „Топ тема“ три пати го имаше т.н. гувернер, но за потенцијалниот фалсификат на новите пари не успеа да врзе ни почеток ни крај. Го убедија дури дека и Вилма била некаков експерт за уметност!? Како впрочем и сите оние што се плеткаа околу „Скопје 2014“? А сега, ете, се префрли и на чиста естетика апропо кичерајон во вмровскиот мавзолеј!

Затоа, веројатно, со такво „компетентно“ новинарство, нештата ни се движат според онаа бољшевичката „чекор напред, два чекори назад“, иако и она напред кај нас е некако сомнително. Ние нонстоп се движиме – назад. И ќе ни треба уште којзнае колку време нештата да се расчистат! А некој, веројатно пак од редовите на малкуте сериозни новинари, ќе мора еден ден да седне и да стокми неколку сериозни страници за „местото, улогата и придонесот“ на еснафот во подемот на тоталитаризмот во Македонија.

29.

Дилемите, сомнежите – основани, секако – споредбите и сите други проучувања во овој „културолошки“ грабеж самобендисано наречен „Скопје 2014“ може да се развлекуват до недоглед, а повторно ќе бидат само врв на брегот од мраз што полека ќе мора да се растопува. Преку постапки (веќе отворени, но и нови), проверки, распити … што ќе ја откријат целата вистина за оваа „идентитетска“ превара со историски размери. Да имаме неколкумина умни млади историчари на уметност и правници, можат кариери да изградат на оваа тема!

Но „кариери“ и ќе се уриваат, како што впрочем и видовме, и гледаме. Од славнион „археолог“ кој одвај глава извлече со куќен притвор, а и тој богами седел по сите оние лоповски одбори што аминувале едно вакво пљачкосување, па маалскион филозоф и неговите „стручни“ славопојки за ѓубрево со монументални димензии, па булументана полуписмени „историчари“ кои, демек, му даваа „научен“ бекграунд на лудачкиов проект  итн. И уште редици соучесници кои се офајдиле на еден или на друг начин, а мислат дека тој тип на бандитизам е малтене општествено полезна работа? А „уметниците“, богами, во некое сериозно општество повеќе не би добиле пристап до јавни пари додека се живи! Зашто, ем вака да го нагрдиш градот, ем да инкасираш речиси како Микеланѓело – е тоа навистина го има само кај нас!

И не би ме зачудило сите да ја верглаат – дома, пред децата, но и надвор, пред пријателите – последнава чувена „мудрост“ изречена токму од претседателот на ДЛУМ (кој толку години ја премолча целава пљачка!) за топката наместена на пеналтикот? Каков шапшал! Што пак исто, само во малку пософистицирана форма, ни го прикажува најновиот испрдок на „писателон“ дека човек „Не мора да одбере толпа. И притоа, да не стравува дека со тоа прави грев, затоа што наводно не го одбрал ДОБРОТО. Зашто доброто не е ЦЕЛОСНО ни во ’А’, ни во ’-А’. Еднакво е распределено насекаде“[1] (sic!). Иако, во оваа македонска „толпа“ е вклучен повеќе од половина град, па и цела држава, и никако не станува збор за доброто или лошото туку за криминал, корупција, злосторство, тоталитаризам, фашизам, бандитизам …! Или и тоа е еднакво „распределено насекаде“? Или пак служи само за утеха на таквите како него? И нели така слично си мислат и соучеснициве во криминалот од 600 милиони евра: па ако не бевме ние, ќе беа некои други; па и оние пред нас правеа исто, само на поинаков начин …? А нели е тоа утехата и на сите други криминалци, убијци, фашисти, неранимајковци … во светот?

[1] Венко Андоновски, Сема и сома, Нова Македонија, 6 јуни 2016

И УШТЕ СПОРЕДБИ

или

ЦЕНАТА НА УМЕТНОСТА (8)

24.

Не случајно претходно спомнав дека, ако поентата на изборот на тотално непознати (да не речам и неквалификувани!) автори за најголемиот дел од будалаштините на „Скопје 2014“ била да им се даде шанса на младите, тогаш една од можните „компензации“ требало да се бара во искусни, стручни, компетентни комисии / одбори / надзорни тела, кои ќе можеле ефикасно да се справат со евентуалните пропусти (намерни или ненамерни) во предложените проекти, нивната разработка, понудите (и особено цените) итн. И тоа по можност токму од критички настроени субјекти, дури и од опозицијата, за да добијат, прво, компетентно стручно мислење, и второ, формализирана застапеност и „на другата страна“! Инаку, секое друго решение, особено она применето во целиот самонаречен проект „Скопје 2014“ со изборот на партиски шарлатани или „стручни“ дилетанти, води кон ова што го добивме, и кон ваков „уметнички“ грабеж! Тоа е посебна тема, се разбира, но тоа е и наш примарен проблем во сиве овие десет години и не само со овој „проект“. Да имаше малку ум и разум, малку волја за беневолентно решавање на нештата а не за безочна пљачка, бандитиве ќе постапуваа поинаку. За сите нешта ќе го консултираа јавното мислење, ќе ги консултираа еснафите и особено опозицијата, ќе прифатеа по некое сериозно укажување и можеби нешто и ќе погодеа. Вака, станавме потсмев и за регионот и за светот, посочувани и изедначувани со најцрните тоталитарни режими во поновата историја на цивилизацијата!

Оттука, дали, на пример, некое стручно надзорно тело ќе можело да укаже да големите разлики во цените на одделни предложени ставки и да побара нивна корекција? Или, пред се’, дали некое сериозно, компетентно тело ќе ги прифатело т.н. понуди на „уметниците“ испишани малтене на тоалетна хартија, со произволни цени, со неоправдани / неконтролибилни износи, па дури и со набавки што се спротивни на здравиот разум? Како ставката за набавка на алат за работа? Или ставките за храна и пијалоци, за цели десет месеци, за ангажираната работна рака како помош во изведбата на „спомениците“?

Или дали, на пример, непрежаленото ни Министерство за (не)култура толерира (и) такви апликации, односно ставки во апликации, на нивните годишни конкурси за финансирање на (самонаречениот) јавен интерес во културата? Како тоа за пишливи 2-30 илјади денари до други се бараат едно чудо хартии, потврди вакви и онакви, малтене и број на чевли, а на уметничкиве бараби им се прифаќаат милионски износи (во евра, се разбира) на едно ливче хартија? Дали во рамките на еден предложен проект во Министерството за (не)култура би поминала и набавката на компјутер (од оние поскапите, се разбира) за да воопшто се пристапи кон изработката на апликацијата? Па печатар, нормално? И слични нешта? Или, ако сакаат, можам да им посочам десетици проекти во кои што под лупа биле ставани не само оправдани туку и неопходни за проектот трошоци, а кои што ова Министерство едноставно не ги прифаќало? И како тоа за сите идиотски фантазии на лидеро им се’ поминувало?

25.

Човек, логично, ќе се запраша дали се’ било така стокмено за да нема кој да праша, да посочи, да укаже … односно за да помине се’ така како што било планирано? Од дунстери во одборите, од „меѓународни“ комисии од две локални тутурутки, од тотална негрижа за што и како се трошат огромни државни пари? Зашто, не е баш за верување дека никој, никогаш, не се посомневал во исправноста на постапките, во (не)стручноста и (не)компетентноста на надлежните, во „пресметките“ дадени на ливче хартија како во среден век итн.?

Зарем ама баш никој не направил споредби на тие пресметки? Не според „уметнички дојам“, зашто таков немало, уште помалку имало кој да го направи, туку според здрав разум и логика? На пример, зошто за кривоногине лавови со огромни глави на мостот „Гоце Делчев“ на авторите им требале дури 5 „стручни асистентни“ кои чинеле вкупно 17.500 евра за  седум месеци, а за споменикот на Гоце Делчев, на пример, требало 3-4 помошници, за 150-180 дена, ама тие чинеле цели 35.000 евра (што му доаѓа речиси 200 евра дневно, односно по 50 евра по помошник? Кои се тие луѓе кои заработуваат такви дневници?). Или зошто, за истите два примери, едниот изнајмува простор (за 6 месеци) за 15.000 евра, а другиот за 21.000 евра за 7 месеци? Или, авторскиот хонорар на авторот на споменикот на Гоце Делчев е 37.000 евра, а на авторите (2) на рахитичните лавови само 15.000 (за двата автори)? Заради рахитичните нозе и големите глави? Не, зашто шутрацине во Општина Центар немале појма какви ќе бидат лавовите! А оној „стручњакон“ кој не’ усреќи со лавовите-трансформери истите ги направил со само двајца помошници, за по 500 евра месечно секој! Штедлив тип, или подобар „стручњак“ од другите? А земал хонорар од „само“ 12.000 евра, но затоа наплатил убави 10.000 евра за „тековни трошоци“ (веројатно: јадење, пиење, спиење, кафе, сокче, можеби кино и други матракуки без коишто лавовите не би биле тоа што се)!

А „стручњаков“ (и не само тој туку и „стручњаците“ во Општина Центар, па и нивните „стручни“ советници кои ги кријат како змија нозе) заборавил и дека направил речиси 18 метри квадратни помалку релјеф од предложеното, и неоправдано инкасирал едно чудо пари плус! Тоа се констатира и во Вториот извештај на Општина Центар (автори Слаѓана Тасева и Драган Малиновски), каде дословно се вели: „Во пресметката на авторот Константин Јанев, покрај двата лава, тој требало да изработи и 34 квадратни метри релјефи, но од записникот за примопредавање произлегува дека изработил за 5,92 квадратни метри помала површина. Но, оваа сума не е и конечната штета по буџетот на општината, бидејќи во тендерската документација за леењето на релјефите на четирите лава предвидена е вкупна површина од 74 квадратни метри, а излиени се 17,84 квадратни метри помалку. Вкупната штета за општината, само по основа на овие релјефи изнесува 151.560 евра“ (sic!). Белки и ова ќе го има предвид Специјалното јавно обвинителство?

26.

Оттука, повторно, не треба многу знаење и умешност да се видат сите „дупки“ во пресметките што така великодушно им биле прифаќани на „уметниците“. Треба малку логика и здрав разум. Такво нешто немало во Општина Центар во времето на Аларова и Тодоровиќ, иако обајцата важеа за големи бизнисмени. Но, веројатно нивните бизниси не ги терале на истиот начин како работите во Општината? Или сите мислеле дека лажното време на македонската преродба ќе трае 101 година?

НЕ МОРА НИ ДА ЛИЧАТ

или

ЦЕНАТА НА УМЕТНОСТА (7)

20.

И покрај старото македонско правило дека веќе ништо не може да не’ изненади, секој ден се наоѓаме себеси уште повеќе изненадени, дури запрепастени, некои богами и згрозени. Иако и тој поим е благ, дури благонаклонет кон сето она што деновиве го доживуваме гледајќи го новиот процут на кичеријадата, по којзнае кој пат обновена во продукција на актуелната македонска власт. Секогаш кога ќе помислите дека не може подолу – можело. А веројатно може и уште повеќе! Којзнае што не’ чека кога бандитиве ќе заминат на заслужен „одмор“ па дефинитивно ќе се отворат архивите?!

Признавам, и јас сум еден од згрозените од онаа бласфемија која што некои (ќе) ја нарекуваат сликарство, а ќе виси во маузолејот на славната ни партија со четири букви. И дополнително ќе ја резили, се’ додека некој и кај нив – а веројатно и таму има барем некој паметен, барем еден? – не потпали коледарски оган со „ремек делата“! А според димензиите на „делата“, оганот би потрајал таман една вечер.

Знам, ризикувам веднаш некој да ме прогласи за нацист и потпалувач на уметнички дела – можеби оној памфлетистон престорен во писател, историчар и што ли не друго, кој хистеризираше за некакво палење книги и уништување споменици од страна на „Шарената револуција“? – ама глатко би поминал преку тоа, дури и на тоа би се согласил. Иако уметноста ми е професија, ваква „уметност“ со ќеиф би користел како средство за потпала!

21.

Се разбира, на крај памет не ми паѓа да губам време за (хипотетичките) уметнички страни на онаа бласфемија нарачана од Водачот за мавзолејот. Зашто, како што изјавив за „Плусинфо“ во тие „нешта“ има уметност колку што има и на тезгите со домати и кромид на Бит пазар. И дури мислам дека тоа е навреда за Бит пазар, каде што човек може да види и поголема хармонија, жив колорит, природност и рамнотежа … Она онде, оние „слики“ и сето она на нив е ноќна мора, удар за сите сетила, особено за здравиот разум.

Но, извонредно се вклопува во мојата тема за цената на „уметноста“, сосема во след со се’ она што можевме да го видиме како производ на налудничавоно „Скопје 2014“. Со една голема разлика: она надвор ни го сместија нам, на нашите деца, на идните генерации и тука не смее да има милост во справувањето со тоа „наследство“. Ова другово, овој големоформатен молерај што деновиве се појави во медиумите сепак е од „интимна“ природа и во него ќе уживаат само посветени поединци. Слепи, глупи, какви и да се – нивно си е. Нас никој не’ не тера да го гледаме. И не треба да се грижиме. Освен ако не е платено со наши односно државни пари! Е тогаш и тоа подлежи на ревизија, морална и материјална. А гледајќи како до сега бандитиве ги воделе работите, сосема извесно е дека и таму не се чисти работите. Но, за тоа – потоа!

Останува да се види – а ќе се види – каква цена е платена за тоа што некој налудничав го гледа како уметност. Иако и тука имаме добри репери односно материјал за споредба.

Имено, пред само неколку години во јавноста излегоа цените на сликите (кои што, повторно, некои сакаа да ни ги поттурат како уметност) за Музејот на македонскиот хорор, па за Археолошкиот музеј итн. Веќе одамна е познато кој беше идејниот творец (ако тука воопшто може да се говори за идеја како таква!) на овие „македонски бисери“, а и кои беа реализаторите од редовите на нашине полуписмени (ама затоа одлично платени) историчари, историчари на уметност, уметници и други „интелектуалци“ гребатори.
А познати станаа и цените по кои што тоа сликарско ѓубре беше плаќано. Но, не се знае, а ќе се дознае, кој ги одредуваше тие цени!

22.

Па така, од новиот Музеј на хоророт најголема корист видоа руските, бугарските и украинските уметници кои инкасираа фантастични стотици илјади евра за хонорари. Нас пример, во 2011 година им биле исплатени: на  Алексеј Кулаков (за четири слики) хонорар од 18.400 евра, на Павел Риженко Викторович 38.500 евра, на Леонид Лвович 40.000 евра. Главен супервизор на целата акција било Министерството за (не)култура, она истото кое со  македонските уметници се ценка за дела од 2-2.500 евра што треба, наводно, да бидат дел од поставките на националните институции. Иако најголем дел од таа нивна „акција“ беше исто ѓубре како и ова што си го нарачале за мавзолејот, сепак имаше и неколку пристојни дела што, повторно, беа мизерно платени.

Но затоа фаворитите на „лидеро“ и неговите подопашници (историчари, историчари на уметност и слични гниди) не смееа да бидат третирани само како занаетчии, што всушност беа. Нивните „дела“ не’ чинат цело богатство.    „Алексеј Кулаков и Наталија Папирна се двајцата ликовни уметници од Киев што ќе работат и на дел од амбиенталните слики за Археолошкиот музеј, кој е дел од „Скопје 2014“. Вчера Бирото за јавни набавки ги објави договорите што со нив минатиот ноември ги склучила Управата за заштита на културното наследство. Наталија Папирна за предвидената слика „Керамичарот“ ќе добие 212.266 денари, додека Алексеј Кулаков ќе изработува, барем според вчера објавените договори, четири слики: „Хидриите од античките времиња“ и „Пајонска свештеничка“ за сума од 326.565 денари и 326.665 денари, како и „Мелење жито“ за 261.252 денари и „Оган“ за 212.266 денари. Имињата на овие двајца украински сликари се среќаваат исто така на страницата на Бирото за јавни набавки меѓу имињата на поголемиот број уметници од Македонија, Руската Федерација и Бугарија кои работат на нарачаните слики со масовни историски сцени што ќе бидат поставени во Музејскиот комплекс – Музеј на македонската борба и Музеј на жртвите од комунизмот. Според договорите, Наталија Папирна ќе добие и хонорар од 1.046.470 денари, а Алексеј Кулаков 1. 373. 490 денари“[1]. Меѓу авторите на масовните сцени се и Коротков Максим Николаевич, Риженко Павел Викторович, Минеева Полина Владимировна Самсонов Александар Владимирович, Штрикман Леонид Љвович, Каминина Екатерина Викторовна, Федоров Алексеј Иванович и др. од Руската Федерација чии хонорари на дел од нив достигнуваат и до 1.400.0000 денари. Меѓу авторите на масовните сцени од Бугарија се и Атанас Атанасов и Пламен Велчев чии хонорари изнесуваат 915.661 денари, односно 1.203.440 денари итн.

И сето тоа помина, и покрај жив ДЛУМ, и покрај националните институции од областа на уметноста, и покрај еснафските здруженија од профилот на АИКА, ИКОМ и други!

23.

И во сета оваа заебанција го читам и Геровски како мисли дека во однос на најновиве „ремек дела“ на лудилото на власта веројанто имало „… единствено примитивно барање од „естетска“ природа: „Сакам личностите да личат ама баш како на фотографиите“. И личат“. Ама, мене некако – не ми личат. Баш ич! Односно, дури ни тој критериум, ако е веќе критериум, не е задоволен. Којзнае каде ги нашле бугарските молери, ама тие навистина биле дилетанти. Или, барем јас не можам да ги препознаам оние сподоби молерисани врз тие огромни платна. Жали боже бојата! И мислам: има ли закон кој бара согласност од луѓето кои би биле претставени на вакви „слики“, што пак ќе бидат изложени во (сепак) јавен простор? Или насликаните биле консултирани? И дале согласност? Или пак – не мора ни да личат? Можеби, ама тогаш ни требаат многу повеќе психијатри отколку што ги имаме на располагање!

[1] Катерина Богоева, Сликари од Киев ќе сликаат и во Археолошкиот музеј, Утрински весник, 11 мај 2011