УМЕТНОСТ СО СТАВ

Не знам колку често, и дали воопшто, уште се прашуваме која, и каква, е смислата на современата уметност, колку таа е навистина присутна и во каков облик пред нашите очи, што воопшто мислат уметниците (ако мислат!) и како тие гледаат на реалноста околу нив / нас, зошто современата (не ова што вообичаено го гледаме) уметност ја нема во скопските / македонските изложбени простори …? Дали македонската уметноста денес му припаѓа само на просторот на мислењето вон доменот на реалното и актуелното, заглавена некаде во божемните преиспитувања на естетското? Или, можеби, некој ни поттура „уметност“ на празнење на домашните плакари и пренесување на „ѓубрето“ во галерија, инсталирањето на неколку видео бима преку кои ќе се вртат нечиите неуки претстави за видео артот и слични глупости? Дури и она што на прв поглед заличува на можно преиспитување на одделни (типично) наши „дилеми“ за (не)употребата на уметноста денес, за (условно) дебатирањето за односите институција-уметност-уметник, завршува во „иконокластичко“ силување на галерискиот простор, и уметноста воопшто, и (зло)употреба на (кило)метри траорно црно платно, до сега видено којзнае колку пати во различен и многу  поуспешен контекст! Во едно вакво опкружување се чини илузорно да говориме за критичка уметност? Не, ние веројатно не можеме да говориме за тоа дека уметноста може да ја промени стварноста, но може барем да се обиде, нели, да ја подотвори вратата на вистината, каква и да е’, дури и без оглед дали некој сака да ја види?

Затоа, можеби, секое поинакво од општото кај нас размислување – лично, со став, актуелно, критичко – делува освежително, провоцира надеж во сепак сериозното бавење со уметноста во современ контекст и на овие простори. Впрочем, уметноста на Јанешлиева секогаш кај нас делувала некако издвоено, невообичаено, специфично, не само заради нејзината во континуитет препознатлива и длабоко рефлексивна комуникација со минатото и сегашноста, со личните мали наративи но и со актуелните, горливи состојби. Се разбира дека тоа е интерпретирано со личен вокабулар, со специфична визуелизација на која што веќе свикнавме во нејзините дела, со надоврзувања / аналогии на претходни искази / дела односно навраќања на мотиви / постапки што ни овозможуват (и) наши „патувања“ низ нејзините рефлексии, наше лично поврзување / толкување на минатото (како историја но и како уметничка пракса) и сегашноста.

Тоа можеби најдобро се гледа во делото „Имигрант или емигрант или можеби јас“, како продолжение на ремек-делото „Крик“ од 2002 година или, ако сакате, како континуитет на парадоксите на современата егзистенција, овој пат низ визурата на актуелниот глобален (е)мигрантски проблем. Но, од друга страна, како и секогаш, глобалното и (тесно) локалното имаат порозни граници, се преплетуваат и мешаат – а Јанешлиева во тоа обилно им помага – во значењата и и нтерпретациите. Нашата актуелна општествена стварност го чувствува(ше) треперливиот бегалски мигрантски бран на границите, но едновремено е соочена и со внатрешниот емигрантски бран, особено на младата популација. Оттука, прашање е чија е оваа нова постела на Јанешлиева, сочинета од шеќерната „Европа“ (каква метафора!) обвивка и внатрешност од 2 700 остри патенти: мигрантска или емигрантска? Дали тоа е вистинската но скриена судбина (само) на мигрантскиот бран од Блискиот Исток или и на македонските млади емигранти во нивната потрага за подобар живот?

img_4737_hd-mala

Впечатливоста и сугестивноста на ова дело може за миг да го попречи должното внимание и за другите дела на Јанешлиева кои, секое на свој начин, коментираат / рефлектираат ставови за актуелни аспекти на реалното, повторни интерференции (и контекстуализации) на глобалното и локалното, на симболичкото и референцијалното … на личното и општото! Впрочем, и самиот  наслов на целата изложба („Состојби“) на Јанешлиева во „Мала станица“ речиси недвосмислено упатува на ставот и толкувањето како р’бет на изложбата, барем за оние кои малку го знаат нејзиното творештво. И иако обично велиме дека овој тип на изложби / дела се отворени за толкување / интепретации, се чини дека тоа и не е баш така. Или не е секогаш така, а кај Јанешлиева никогаш и не било. Зашто нејзиниот став, вообичаено, па и овојпат спакуван во неочекуваната „игра“ со секојдневните, дури баналните предмети (на пример лажиците-решетки), е цврст, јасен и недосмислен: ако таа (ни) го нуди шаторот како „Споменик за крајот на 20-от и почетокот на 21-от век“, тогаш тоа е токму така зашто тоа подвижно „времено прибежиште“ се претвори во вистински (анти)цивилизациски симбол на ова време, типичен антипод на домот како современо посакувано престојувалиште; глобалниот популациски проблем таа (во делото „Пренаселеност“) го интерпретира како (често употребуваната многузначна) редуцирана шаховска табла како арена на судирот на црно-белите фигури затворени во претесната озонска обвивка; дури и во делото „Трите страни на приказната“ – како наша секојдневна забава со перцепциите – ставот е отворен но и речиси веднаш затворен, итн.

Уметноста на Јанешлиева очигледно егзистира на два канали: онаа „ретиналната“ (Дишан) на нејзината графика, и оваа втора или паралелна „страна“ во нејзиното уметничко битие која што подеднакво суверено се движи низ просторите на критичката перцепција, или критичката уметност, ако сакате. И веројатно го задоволува нејзиниот нескриен постмодернистички жар за раскажување, актуелност, рефлексивност, реинтерпретативност … И не случајно го спомнав Дишан, зашто Јанешлиева подеденакво ужива во употребата на секојдневните предмети – не во буквалната смисла на „редимеид“, секако – интревенирајќи во и врз нив и (придо)давајќи им нови значења, битни за дадениот контекст и значење. И секогаш тоа делува концизно, цврсто, обмислено и некако одживеано, или преживеано, со јасни релации и конотации со актуелното! Токму тоа што така ретко го гледаме на македонската уметничка сцена.

Leave a comment