ВОДОПОЛНАЧКИ

или

БАКАЛСКИ УЈДУРМИ (4)

Сериозно мислам дека е време некои нешта – идеи, предмети, ама и луѓе, односно заостатоци од претходниот режим, како сакате – да се дислоцираат. Да се фрлат на буниште. Едноставно. Месецот на невиноста (што би рекол Роберт) заврши и работите треба да се земат во свои раце. Не мислам на она простачко удирање на маса и покажување кој е газда „дома“, како што впрочем уживаа да прават претходните, а особено онаа Голема Нула, туку малку поелегантно, пософицитирано, со вкус и мера. За почеток, може да се тргне онаа грозна слика од кабинетот на премиерот Заев, онаа со водополначките на селската чешма. Ја видовме и ние а богами и доволно странци, видни гости, од Хан до Нимиц, можеби некој нешто и спомнал, иако они се прилично воздржани во однос на такви (у)кажувања. Како и да е’,  единствено нешто што вреди на неа е – рамката. Претходните на тоа не штедеа. Штедеа на сликите. Ама рамката може да се искористи и за друга слика, а самата „слика“ да се врати на „авторот“. Кој и да е’, и без рефундација! Нека носи. Или нека му ја подарат на Ацо „Рембрант“ алиас Сарајлија, во знак на сеќавање на неговата тесна соработка со претходните бандити. Ќе си ја гледа и ќе си спомнува на Големата Нула! (Апропо, тој и жената му, во последниве три години, инкасирале околу 2 милиони денари само од откупи! Е па вие видете ги „независниве“ париполначи!!!).

Но, зошто ја спомнувам токму таа слика? Прво, затоа што е парадигма на целата македонска култура во изминатава деценија. А бидејќи под поимот култура се подразбира и уметноста, и архитектурата, и многу други нешта, таа е парадигма и на сето тоа. На целата наша живеачка, ако сакате. Па и на дел од сегашноста, како и на некои неповторливи ликови кои уште се муваат по македонската сцена. Велам дека таа слика е типична парадигма и на  македонската уметност зашто ни таа не отиде подалеку од егземпларните стојности на ова впечатливо „дело“. Имаше додуша финеси, лево-десно, горе-долу, ама суштината е таа, оваплотена токму во сликава. Или на пример јавната споменичка уметност. Во што е различен споменикот „Воин на коњ“ од оние водополначки? Само во димензиите. Или „белата шампита“, колоквијално нарекувана и Влада на РМ? Апсолутно исто! А бидејќи ја спомнав архитектурата, дотичната слика – ако Сарајлија случајно ја одбие – може да му се подари и на оној бакалскиот архитект кој смета дека „Скопје 2014“ треба да го заштитиме, а околу кого и започна ова мое (повторно) губење време на тој монструозен конструкт. Зошто баш нему? Затоа што, уште еднаш, таа слика, како впрочем и оние во седиштето на „најпатриотската“ партија или пак во Музејот на македонскиот хорор, се се’ што „архитектов“ препознава и во „Скопје 2014“. На пример, таа (тие) е „продуктивна основа за реконтекстуализација“ на македонската современа ликовна уметност и, богами, јавната споменичка уметност. Или на македонската скулптура. Потсетете се какви се’ „ремек дела“ од македонската скултура ни стокми неговиот нераздвоен колега! Таа, понатаму, е „поттик за критика, развој и за можна кративна ретроактивна логика“ на целата ликовна уметност. И таа впрочем „се појави ненадејно“, низ окото на камерите што прв пат ни ги прикажаа „раскошните“ и „атрактивните“ ентериери на „белата шампита“, како и сите други скриени тајни кои Големата Нула ги беше смислил за себе и за пајташите му. И колку и да ја критикуваме или гледаме низ некои современи теориски призми, таа слика сепак „донесе една специфичност на Скопје, наративност, комуникативност, еден вид ’популизам’, патетичност помешана со панаѓур. Ја донесе амбивалентноста на новото доба“, па дури и уметноста на „’тоталитаризмот’ помешана со консумеризмот (…) ’уметноста’ помешана со бизнисот“!

И затоа, „постојат повеќе причини зошто треба да се заштити“ оваа слика. На пример, за да не „паднеме во замката на … континуирано себепоништување“, или да избегнеме да поништуваме „се’ што е друго“, зашто таа слика е „уникална појава“ итн. Добро, нормално некој ќе праша зошто тогаш да ја вадиме од кабинетот на премиерот и да ја даваме некому? Па, и покрај сите нејзини „доблести“, подобро некој друг нека си ги расипува очите, кога веќе има таков расипан вкус!

Инаку, примопредавањето може да се уприличи во цела една фешта, зашто нашиов „архитект“ има – повторно под претпоставка Сарајлија да не ја земе – доволен број поддржувачи, некои дури сакаат да ме убедат дека тој е „врвен теоретичар на архитектурата“ (sic!), а сигурно ќе дојде и целата онаа братија на чело со Големата нула кои, секако, се горди (и) на оваа слика и на сите видливи и скриени значења што истата ги еманира.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s