НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС (1)

Темата за т.н. национален интерес во која и да е’ област, па и во културата, е секогаш актуелна тема, особено во општества од нашиот (затворен) тип. А за да нема дилеми на какви тоа општества мислам – иако е сосема доволно човек да вклучи некоја од домашниве дебатни емисии и да ја добие вистинската претстава за нас – укажувам дека овде мислам, прво, на општества без доволна доза самосвест / самодоверба (Фрчковски), со нерасчистени односно прилично магловити национални, државотворни, историски и етнички дилеми, општества во кои што не постојат стандарди речиси за ништо а најмалку за некаква повисока културна, творечка вредност, некаков вредносен систем и сл. Во такви општества се’ е некако релативно или релативизирано, нема национални константи и секој може да диктира секакви тези и теории за вредностите, за националното, за традицијата, за потребите на државата, па дури и на поединецот. Изминатиов десетгодишен период беше токму тоа: искривоколчен поглед на режимот, на властодршците и нивните слуги за потребите на државата во сите области, па и во културата и творештвото, за националните интереси, за иднината итн. Таквите режими по правило водат кон диктатура на мислење и однесување, кон бахато постапување кое што најчесто се граничи со криминал и насилство и наметнува анахрони, ретроградни, крајно ригидни и во самата суштина неуки и нерационални национални шаблони во кои што треба да се вклопат сите кои сметаат на некаква поддршка од државата. Поточно, нивното – на режимот и неговите протагонисти и приврзеници – мислење и однесување прераснува, се трансформира во мерка за општото односно во критериум за вреднување на вкупните интереси на општеството а особено на т.н. национален интерес во одделни негови сфери како што е надворешната политика, економијата, културата, образованието итн.

И второ, уште да ја појаснам придавката „затворен“ односно општество од затворен тип. На македонското општество во изминативе десет-единаесет години не само што му беше наметната кусогледата визура на група арогантни, провинцијални и во основа неуки и неспособни политичари тоест политиканти, туку државата преку своите институционални механизми во почетокот благо сугерираше а потоа и дрско инсталираше современ себедоволен (само)изолационистички дух, издигнат на рамништето на некаква државна доктрина од типот „сите не’ мразат и никој не ни е потребен“, константно бомбардирајќи ја јавноста со домашни и странски непријатели и загрози од секаков вид, но и со небулозни псеудоистории и квазинационални митологии кои што го насочуваа погледот назад наместо напред, кон минатото (по правилно, нели, „херојско и славно“!) наместо кон (не)извесната иднина.

И во такви добро подготвени услови полесно е да наметнеш лаги и флоскули завиткани во форма на национален интерес и да ги продаваш како папски индулгенции, на пазар, во партиските седишта или каде ќе стигнеш. Иако, на пример, во сите државни документи меѓу првите точки, секоја година ќе стојат наводните заложби на државата односно првостепениот национален интерес за интегрирање во ЕУ и НАТО, во пракса политиките најчесто ќе бидат сосема спротивни. Или, ако сакате, само за илустрација, во буџетот на тогашното Министерство за (не)културата, под „Интеграција во ЕУ“ континуирано ќе стои ставка 0 (нула)!? Иако, на пример, во т.н. Национална стратегија за развој на културата 2013-2017, во точка 3 (Општи цели за развојот на културата во РМ) алинеа 2 стои: „да се усогласат развојните културни политики во Република Македонија со релевантните развојни културни политики од меѓународен карактер (ОН, УНЕСКО, СЕ, ЕУ)“! Оттука, сите приказни за некаков наш планиран и приоритетен национален интерес во одделни државни сегменти, па дури и носењето соодветни стратегии и планови за негово исполнување, беа главно приказни за мали и лековерни деца. Тие беа и останаа мртва буква на хартија, документи и флоскули без вредност и вистинско, непосредно значење и примена.

А сепак, поимот „национален интерес“ го среќава(в)ме на сите страни, и кога требаше и кога најмалку беше потребно, за се’ и сешто, па и за најбаналните нешта, особено на полето на културата. Или, ако сакате, погледнете ги само последните „културни“ случувања во државава што ја носат етикетата „национален интерес“. На пример, она веќе хистерично смешно „ликовно“ мачкање по распнато платно во Градскиот парк, како некаков мизансцен за концерот на Македонската филхармонија, „нешто“ што во светот се правеше пред педесет и повеќе години. (Па да се и некои национални уметници, да не ти е криво, ама грото не се ни уметници, уште помалку национални!). Или зошто би бил национален интерес Ликовната колонија во Вевчани да ја отвори никој други туку – Тереза Кесовија? Таа е некој познат сликар, заслужен уметник … што ли? Или зарем е национален интерес во македонската култура една изложба и презентација на млади уметници од соседна Србија (во организација на Националната галерија и Македонскиот центар за фотографија) да трае – еден час!? Што пак заличува како некој од Србија, на пат за на море кон Грција да ставил пет фотографии под мишка и едно двд в џеб и додека пиел кафе во Скопје направил – изложба? И уште безброј понови или постари вакви и слични примери што потврдуваат дека димензионирањето и профилирањето на националниот интерес, па и во културата, не е работа на критериуми и стандарди, на сериозна проценка и оценка, туку повеќе (партиски, клиентелистички) ад хок договор помеѓу „даватели и приматели на услуги“, но секогаш од иста или слична провениенција, односно од купи-продај профил!

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s