ВРЕМЕ ЗА НОРМАЛНИТЕ

Пред два дена, сосема случајно, сретнав еден од некогашните проминентни, незаобиколни директори во културата, сега во пензија, а не сум го видел безмалу десет години. Уште на времето имав впечаток дека замина премногу тивко, некако незадоволно, дури луто. И го прашав. Вели – да, ама додава и дека се (по)чувствува(л) – глуп! Што за мене не е некоја новост. Така се чувствувам веќе десет години, па и подолго. Добро е да ја споделиш глупоста со некого!

Ама сега ја читам и Костова во „Фокус“ – и таа не е далеку од тоа чувство, само што истото го именува како „грешност“: во проценките, во претпоставките, во предлозите. Може и така, веројатно помалку боли. Иако не треба, односно не смее да боли – ни „глупоста“ ниту пак „грешноста“ – зашто мислам дека ние во тоа немаме лична вина. Тоа е состојба без вина, особено лична. Или ако ја имаме, таа е незначителна. Говорам во прво лице множина зашто мислам дека споделувам чувства на многумина, да не речам на мнозинството нормални луѓе во државава, на кои изминатава деценија им помина како ноќна мора која што, за чудо, никако да престане. Ние едноставно не сме можеле да предвидиме дека во Македонија ќе се случуваат такви катаклизмички процеси, дека простаци и провинцијалци ќе ја окупираат државата, дека моралот и етиката ќе бидат тоалетна хартија а професионализмот монета за поткусурување. Тоа, едноставно, не сме можеле да го предвидиме, уште помалку да го знаеме, и заради тоа не сме можеле навреме да се престроиме „внатре“ во главите, да го побараме оној суптилен прекинувач – ако го имаме – со кој што се префрлувате од наизменична на еднонасочна енергија. Можеби сме мислеле и дека сепак живееме во Европа а не во нејзиното слепо црево, дека сме достигнале / постигнале некаква мериторна демократска традиција и зрелост, дека с(м)е изградил(е) некаков систем на вредности, механизми на почитување и слични будалаштини што ни се удираа од глава изминативе години. Или, како можевме да знаеме дека битанги со просек 6,2 на провинциски факултети ќе изградат таков хохшатплерски систем во кој што и цела Македонска академија на науките и уметностите ќе се реди да чека потпис на неговата магистерска теза! И дека сите тие „академици“ ќе си ги сошијат устите како оние кутри бегалци на македонската граница – тие од мака, а нашиве од бес и алчност – само за да случајно, во сон, не отворат уста и кажат нешто лошо за Пастирот. И дека ете, сега, токму еден од тие кој целиот, колкав што е’, се вгради во тој хохшатплерски систем, баш тој ќе ни ја разрешува кризата!

Човек во животот едноставно не тргнува од такви извртени премиси, од  најлошите, дури невозможните претпоставки дека битангата станува политичар, дури и државна власт, дека незнајковците директоруваат, дури добиваат и докторски титули, дека хаосот може да биде ред, дека криминалот може да се престори закон. Така не не’ учеле и воспитувале и можеби заради тоа се чувствуваме глупо? Или пак проблемот е што сонот, или јавето – што е што веќе никој не може да разликува додека болнион вреска во Охрид – упорно продолжува, па истите протуви, ете, велат, се главни конкуренти за нови функции. Во скопското јавно обвинителство ќе шефувале истите оние кои и до вчера апсеа и кроеа обвиненија според наредбите на криминалната банда, во судството се’ уште седат истите судии бараби, директорските фотелји се окупирани од иста полуписмена багра која што само се пресоблекува според новите „стандарди“, системот е целосно блокиран од „законите“ на злосторничкото здружение и нивните јатаци во државните органи, нивните „проекти“ течат како ништо да не се случило. Мислиме дека тие самите ќе се повлечат? Самите ќе се откажат? Па да беа свесни за својата неспособност и кримогеност, тоа ќе го направеа уште пред десет години!

Велиме: не сакаме да бидеме како нив. Да, ама ќе дојде ли времето за нормалните?

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s