БЕЗ ШТО НЕ СЕ МОЖЕ?

или

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС (4)

На крајот, нештата стануваат многу појасни кога пред вас ќе се испречат сите оние 2.000 или колку ли се на број годишни глупости што со не мали пари се финансираат од културниот буџет, а под знаменцето на т.н. национален интерес во културата. Дури тогаш, односно само тогаш можат да се видат димензиите сите небулози и идиотштини што секоја година се поттураат под носот на јавноста како нешто без што не се може во културата. И оваа формулација – нешто без што не се може – е можеби суштинската реченица за т.н. национален интерес. Има ли, имено, нешто толку важно во културата без што навистина не се може, нешто без што животите на граѓаните би биле загрозени, или нивното здравје, или ако не сите тогаш барем повеќето од нив би чувствувале сериозна празнина во животите, во секојдневието и слично? Кога до такви граници ќе го развлечеме поимот национален интерес, дури тогаш ги гледаме неговите вистински прерогативи. Затоа и велам, културата е многу битен дел на нашите животи, таа е веројатно темелот и на нашиот идентитет, многумина од нас навистина би го чувствувале животот празен без книги, филмови, уметнички дела односно изложби, театарски претстави итн. Ама, ако мораме – би можеле ли да живееме без нив? Веројатно да, колку и да сакаме да го заобиколиме овој потврден одговор. (Некој тотален скептик би рекол дека цела деценија живеевме без вистински културни вредности. И можеби нема да згреши, иако јас не би одел во таква крајност!). Затоа и велам: во културата можеме / треба да говориме за јавен интерес односно за нешто што е од општа полза, или добробит на јавноста, но не и за национален интерес (во смисла на нешто без кое што не се може!).

А понатаму, тој јавен интерес можеме да се обидеме да го лоцираме, па и  „мериме“, ако сакате, низ нашите какви-такви вредносни системи, преку нашите критериуми и стандарди, преку резултатите на културолошките и социолошките истражувања и слично. На овој не толку лизгав терен веќе можеме да ги поставиме и оние „интереси“ што вообичаено му ги припишуваме на националниот интерес: услови за рамномерен и континуиран развој на културата, достапност на културата на сите под еднакви услови, разновидност и различност, заштита на културниот идентитет, грижа за културниот развој и остварување на културните права на малцинствата, заштитата на културното наследство итн.! Тоа се сегменти на јавниот интерес во културата, а едновремено тоа се и основните задачи на државниот орган задолжен за работите во културата. Тоа, а не коекакви ступидни „проекти“ во рамките на таканаречената годишна програма за остварувањето на националниот интерес во културата која што ангажира повеќе од деведесет проценти од времето, парите и енергиите на државата во културата.

Или, поедноставено, има ли тој наш „национален интерес“ во културата име и презиме? Има, што значи дека можеме да му одговориме на Тричковски на неговите прашања: „Знае ли некој како изгледа тој фамозен национален интерес? Може ли да се види? Да се пипне? Да се проба? Да се купи? Или да се продаде? На што мириса националниот интерес?“, итн., итн. И – да, има име, и презиме, може да се види, па и да се купи или продаде … Тоа се сите оние ревијално жовијални  изложби на партиски првенци и пулени, оние прескапи подвижни слики (зборот филм за нив е епитет) на приучени но умислени провинцијалци, „епохалните“ книгоиздателски серијали што полнат нечии џебови а скапуваат по незнајни мрачни места, (не)културните  манифестации за билдање на личното его и ширење на кич и невкус итн. Непријатно е да се наведуваат поименично некои од стотиците „проекти“ финансирани под плаштот на националниот интерес во културата, но претпоставувам дека некој од оние стечајци кои со години бараат минимална помош од државата би имал во тој контекст нешто да каже, нели? Или, сепак избегнувајќи да наведувам конкретни имиња, но зарем навистина ќе бидеме културно и творечки многу посиромашни ако наместо оние стотици „дела“ на македонските писатели чии што книги ги издаваме секоја година, објавиме само десетина најдобри; или ако од оној галиматијас „изложби“ на секоја будала што замислува дека е уметник бројот го сведеме на пет-шест сериозни творечки истражувања; па ако бројот на македонски „филмови“ видени од само педесетина (што домашни, што странски) гледачи го рационализираме на две-три вистински кинематографски остварувања …? Ќе биде ли навистина узурпиран   таканаречениот национален интерес или пак, можеби, остатокот од фондовите би можеле и попаметно да ги вложиме во истата таа култура, но на понаков начин? Толку ли се битни за државава односно претставуваат ли навистина национален интерес сите оние (главно туристички) патувања реализирани преку т.н. меѓународна (билатерална, мултилатерална и каква се’ не) соработка која што ангажира големи средства? И навистина ли не ќе преживееше културата на оваа држава без еден концерт на (и онака одлично платената) селекторка на Охридско лето во Јукатан, или изложбата на Омер Калеши и Тања Балаќ (?) во македонската амбасада во Париз, или онаа смешна изложба на археолошки копии на „праисториските дами“ во Македонскиот културен центар во Софија, итн., итн.? Или дека баш ние од овде треба да се пом’кнеме во Токио и Хирошима за да на Јапонија и’ објасниме која била Мајка Тереза односно да им кажеме дела била од Скопје? Или од културниот денар да се финансираат научни конференции на „Евро-Балкан“ и Институтот за национална историја, како и активности на Здружението на социолози на РМ? Или, на крајот, дека после се’, после лакомото грабање и со раце и нозе, оваа држава треба повторно да му финансира изложба на Ацо Станковски, овојпат во Полска? Па малку ли (му) беше?

Таквото безочно арчење пари е главно нечиј личен или групен интерес и нема ама баш никаква врска ни со јавниот интерес на македонската култура, а камоли со некаков измислен национален интерес! И тоа се класичен тип на измами, на несоодветно и непримерено извлекување пари од културниот буџет за измислени приоритети, потреби и интереси!!!

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s