ДРЖАВЕН КАМШИК

или

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС (5)

И бидејќи поставив отворено прашање – „па малку ли (му) беше“ – за мојот „омилен“ лик од локалните цртани филмови наречен Ацо „Рембрант“, еве и да одговорам: малку му е, малку им е, тие секогаш сакаат – уште. Ако може, се разбира, а со бандана секогаш може(ло). На последниот конкурс за (п)откуп на ликовни дела, тој и женатаму инкасирале, ни помалку ни повеќе, туку цели 630.000 денари, што во превод значи повеќе од 10.000 евра! Е па сега некој повторно нека верува дека тие биле ем патриоти, ем независни, ем не земале ни денар од злосторничконо здружение. А богами не биле само тие, има и други такви „независни“ брачни парови.

Како и да е’, не мислам дека оваа власт е најдобра и најпаметна, дека сега и овде ќе се реши се’, а во културата ќе почне да тече мед и млеко. Корените на неразбирањата на тековите на културата и нејзиниот државен „третман“ се прилично длабоки на ова тло. Таа седумдесет и кусур години, повеќе или помалку, служела како политичка алатка и систем на селекција – позитивна и негативна – и тоа не може туку така да се надмине. Особено и заради фактот што грото на културата, посебно оној нејзин „елитен“ дел, одамна свикнал да има третман на ѕвезди, државни миленичиња, партиски пуленчиња. Иако, кога ќе излезат надвор, ги гледаат како – инфантилни. Како оној „големион“ државен режисјор Пројковски. Затоа и поимот „творечки резултати“ односно „квалитет“, па дури и разноразни „естетски вредности“ и слични будалаштини и’ ги натоварија на грбот на државата (или нејзиниот орган надлежен за  културата, како сакате) устројувајќи ја како врвен цензор / критичар не само во културата туку и во уметноста. Зашто, повторно, измислувањето на флоскули од типот „национален интерес“ особено во уметноста односно во контекстот на утврдувањето на т.н. годишни програми за остварување на националниот интерес во културата не е ништо друго туку камшик во рацете на државата, (квази)вредносен инструмент преку кој што таа вели: ова е добро, ќе го поддржам, ова не чини – го бришам, итн. Особено кога тоа се прави токму во скутот на државата – во нејзиното Министерство за култура – се поттикнува односно самопромовира токму државата во врвен (не)мериторен проценувач на вредностите не само во културата туку и во уметноста.

И, што е најинтересно, знам дека и денес постои силна тенденција, дури и помеѓу уметниците, таа пракса да продолжи. Што е парадоксално! Наместо да се инсистира на ослободување на творештвото од државните стеги, самата  македонска уметност бара ментор / цензор кој што ќе ја „селектира“ врз основа на крајно сомнителни критериуми! И во овој контекст, неодамна заслушав една наша, велат, врвна оперска певица како јавно, отворено, бара Министерството за култура да и’ каже на Македонската опера што и како треба да работи! Денес, во втората деценија на дваесет и првиот век!!! Друг пак, исто од светот на музиката, на трибина посветена на рокенролот, андерграундот и вонинституционалното делување, вели дека секој уметник што самиот објавил песна, насликал слика или направил каков било уметнички производ треба да биде ослободен од данок[1]. Е сега, ем да бидат рокери и андерграунд уметници, ама државата да им плати се’. Исто како и  кутрион „Рембрант“ кој, додуша, со оние пари земени од државата, одамна не е кутар!

Таквите приказни мора да заминат во историјата. Нека е и полека, ама нека биде конечно. Зашто, токму минатата постава на Министерството за (не)култура на дело покажа како „функционира“ културниот камшик во рацете на државата, како коси негативната селекција во културата и уметноста, како секоја година може партиски да се празни целиот културен буџет на брачни другари, на партиски пулени, на инфантилни режисјори, на поданици на власта. И дека тоа нема(ше) ама баш никаква врска со некаков државен, национален, јавен или каков и да е’ друг интерес. Дражавата мора да си стави три прста на челото и пет пати да го преврти буџетскиот денар пред да реши дали и кому ќе го даде во културата и (особено) во уметноста. А кога ќе го даде, тоа мора да биде аргументирано и втемелено врз цврсти и јасно определени приоритети и критериуми. И за тоа не можат да решаваат полуписмени државни службеници со партиски книшки или самопрогласени уметници без биографии. Зашто тогаш т.н. национален интерес дефинитивно се сведува на приватна дунстерска забава на која што се трошат големи државни пари, наши пари, пари кои можат навистина да се насочат во сериозни творечки проекти. Па нека се и малку, пет-шест во сезоната – изложби, претстави, книги, концерти – ама нека бидат оние врвни, оние кои што навистина нешто ќе значат во македонската култура!

[1] Мартин Богатиновски, Алаѓозовски ќе ја обединува рокенрол заедницата, Плусинфо, 07 јуни 2017

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s