ЧИСТА МАГИЈА

За разлика од некои наши „стручњаци“, па и членови на МАНУ, кои фотографијата ја откриваат дури на крајот на дваесеттиот век, а за уметност ја признаваат откако неколку македонски уметници, случајно или намерно, ќе ја вградат во нивните дела, светот безмалу двесте години говори за магијата на фотографијата, не случајно избирајќи го токму тој поим. Зашто, како што првите слики во пештерската предисториска уметност имале пред се’ магиска функција, сосема слично и фотографијата како нова магија се „отворала“ пред очите на човекот, откривајќи му еден сосема нов свет – или подобро: сосема нова димензија на светот – една нова реалност која веќе во мигот на настанувањето станува минато. И не случајно Ансел Адамс, еден од можеби најголемите светски фотографи на дваесеттиот век, вели дека „во фотографијата постои една толку суптилна реалност со што таа постанува пореална од реалноста“! И оваа магична реалност на фотографијата што истата ја прави пореална и од реалноста ќе ја поставам во центарот на едно неодамнешно искуство, мое но и општо, кое што деновиве некако ги разбранува македонските политичко интелектуални духови. А за да на нештата им додадам уште една (магична) димензија, ќе ја парафразирам (и малку ќе ја изменам!) мислата на Беренис Ебот, уште една голема фотографка на дваесеттиот век, која вели дека низ очите на фотографот сегашноста станува – иднина!

прибе(2)

Без каква е да е намера да политизирам, иако мислам дека мојот став –  политички целосно небитен, се разбира – по прашањето јавно сум го искажал, една неодамнешна фотографија објавена на „Плусинфо“ ми стана парадигмачина за магијската сушност на фотографијата. Фотографијата беше објавена на 27 јуни 2017 година, во 08:41 часот и не е потпишана. Односно, барем засега, авторот останува непознат, што не го намалува нејзиното значење. На фотографијата беше прикажан долго очекуваниот германец Прибе, во Охрид, во друштво на една македонска, велат проминентна, актуелна персона. Инаку, информацијата под фотографијата говори за нешто сосема друго, тоест говори дека „министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи утрово имаат работен појадок со германскиот експерт Рајнхард Прибе, соопшти МНР“, итн., итн. Ама, на фотографијата го нема ни Никола Дмитров ниту Бујар Османи, туку само Рајнхард Прибе и онаа, велат проминентна, актуелна персона, од сегашниот и минатиот, и предминатиот состав на Македонската академија на науките и уметностите. Што ќе рече дека фотографијата и текстот никако не одат заедно, што е невообичаено за овој портал, бидејќи говорат за две сосема различни работи. Информацијата спомнува едни лица, фотографијата „говори“ за други. Константа е единствено Рајнхард Прибе. Не ги знам новинарските законитости во овој поглед, ако воопшто ги има, ама ваквата комбинација се чини неуспешна, несоодветна, зашто говори за едно а „отсликува“ друго. Или, можеби немале заедничка фотографија на тројцата спомнати во информацијата? Па зошто тогаш воопшто ни ја дале токму таа фотографија? Дали самата „сцена“ – Прибе и онаа актуелна персона – го  предизвикала фотографот, му се чинела поважна (како информација, како став, како претскажување?) и ја понудил како визуелна илустрација на информацијата? Не знам, можеби. А можеби и уредникот ја прочитал таа негова намера и се согласил токму со таа фотографија да ја визуелизира информацијата?

Од друга страна, подеднакво битно е како истата фотографија, па и информацијата, ја примиле оние на кои им била наменета: читателите. (Иако мислам дека нејзината намена била повеќекратна!). Дали, прво, се чуделе зошто од фотографијата отсуствуваат двајца од тројцата спомнати во информацијата? А се јавува некое трето лице, па нека е и академик, кое нема никаква врска со информацијата, па ни со Прибе? Или – има? И каква? И колкумина успеале точно да ја „прочитаат“ фотографијата односно минатиот миг да го престорат / преточат во блиска извесна иднина? И да му честитаат, дури и пост фестум, на фотографот? Којзнае какви се’ приказни и непознаници се вртеле низ главите на читателите!

Но сето тоа, да речеме, не е ни битно. Битна е моќта на фотографијата да визуелизира, а во случајов и да предвиди, настан со голема политичка важност што ќе ги разбранува духовите во македонската јавност. Или, поточно, објективот на фотоапаратот го регистрирал она што му било наредено од раката на фотографот, кој пак реагирал визионерски, гледал со некое „трето око“, ги „прејудицирал“ настаните што ќе следат неколку дена по настанувањето на фотографијата! Што ќе рече дека фотографијата навистина станала пореална од реалноста бидејќи навестувала некоја (тогаш непозната, дури невозможна) иднина, случката регистрирана со посредството на фотографот во миг се трансформирала во извесно утре. Тоа минато денес е наша (претскажана) реалност која што, многумина ќе речат оправдано, предизвикува остри јавни реакции.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s