НЕЗДРАВ ОДНОС

или

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС (7)

Во принцип, во многу области се чини полесно да кажете што не е отколку што е’. Односно, условно негативниот пристап може да даде појасни резултати / показатели отколку потрагата по позитивните аспекти. Културата, па и уметноста, не се исклучок од овој принцип. Некогаш, да не речам секогаш, е полесно да кажете што не е култура, односно во дадениов случај што не е национален интерес во културата, отколку да потенцирате што е’ тоест што (евентуално) би можело да биде национален интерес во оваа област. Доволно би било, на пример, наместо многу да објаснувате барајќи соодветни зборови, да посочите на сите содржини во т.н. годишни програми од национален интерес од 2007 до 2017 година. Така луѓето полесно ќе ве разберат што никако не е национален интерес!

Сепак, во уметноста нештата дополнително се усложнуваат, да не речам комплицираат, зашто не само денес туку одамна веќе не важат традиционалните „стандарди“ и „критериуми“ за уметничкото дело. Во уметноста од втората половина на минатиот век особено доаѓа до израз тесната специјализација / професионализација, она што го потенцира Данто  предлагајќи генерална согласност на „уметничкиот свет“ – уметници, историчари на уметноста, куратори, критичари, дилери и колекционери – за тоа што е уметничко дело. И ако таа „заедница“ (или тој културен контекст, ако сакате) споделува исти сознанија дека нешто е уметност, без оглед што тоа нешто è, тогаш тоа е уметност. Односно: „Да се согледа нешто како уметност потребно е нешто што окото не може да го забележи – една атмосфера на уметничка теорија, знаење за историјата на уметноста: еден уметнички свет“ (Danto 1964)! Оваа т.н. „институционална дефиниција на уметноста“, се разбира, подразбира и прилично едуцирани професионалци и публика, што кај нас се покажува како проблем. Инаку, познат е неговиот пример со Ворхоловите реплики на „Брило“ кутиите, упатувајќи дека разликата помеѓу вистинските кутии и Врохоловите реплики (што ги прави уметност) е – уметничката теорија. А неа или ја знаете, или не. Односно, Данто сака да каже дека не може баш секој да процени што е уметност, тоест да ја направи неопходната разлика помеѓу хаос од бои на платното и уметничка слика, помеѓу секојдневен предмет и т.н. реди-мејд објект итн. Токму знаењето, токму искуството и особено уметничката теорија му ја дава смислата на уметничкото дело, го издвојува од кој и да е’ секојдневен предмет што го среќавате во реалноста. Брзите и непредвидливите менувања во уметноста на дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век особено ја усложнија „проценката“ на уметничкото дело. Затоа Данто вели дека е логично што во Средниот век немало осигурување од авионски несреќи, исто како што во Етрурија немало ниту дактилобришач. Односно, „сликарите од Ласко никогаш не би помислиле дека создаваат уметност на тие ѕидови. Не, освен ако не биле неолитски естетичари“! Затоа впрочем сериозните држави одбегнуваат да се плеткаат во проценувањето на уметноста. Или, кога мора, тоа за нив го прават експерти а не партиски бирократи и умислени „уметници“ без биографии, како во речиси сите наши конкурси за поддршката на националниот интерес во културата / уметноста. Сериозните држави тоа го препуштаат на стручни агенции / фондови, кои што имаат изградени механизми и искуство за вреднување на проекти од тој тип. Не велам дека дури и таму нема грешки – зашто, едно е експликација на потенцијално, идно уметничко дело, а сосема друго е готовото дело! – но тие се сведени на најмала можна мерка. Токму спротивното се случуваше кај нас, и тоа не само во изминативе десет години. Кај нас државата отсекогаш и во секакви својства уживала да се плетка во уметноста. Но во изминатиов период го живеевме врвот на тој нездрав „однос“, на кичот и деструкцијата, го видовме максимумот на незнаењето и нестручноста. Токму спротивното на упатствата на Данто, кај нас секоја партиска будала, а особено самиот врв на „најпатриотската“ македонска партија, се претвори во стручњак за уметност, наметнувајќи ни не само партиски уметници туку и партиска уметност. Тоа е сето она видливо (но и невидливо за нестручното око) посеано особено низ централното градско подрачје на Скопје, тоа е идиотскиот „Воин на коњ“, па фашизоидното Спомен обележје на паднатите херои, сите оние смешни  „скулптури“ и карикатурални споменици, како вистинско нагледно средство за тоа како една држава не смее да се однесува во уметноста! И сето тоа дури и контра отворените укажувања и предупредувања токму од нашата локална (според Данто) уметничка „заедница“ – или барем еден голем нејзин дел.

Но, изгледа ние полека свикнавме да одиме директно наспроти светот, да инсистираме на наши провинциски „стандарди“ и „критериуми“ кои што ги смислиле домашни незнајковци со цел да го продадат сопствениот кич и простотилак како уметност. Видовме и премногу такви акробации плаќани од буџетски пари и нарекувани национален интерес во уметноста. А беа далеку и од тој таканаречен национален интерес и уште подалеку од сите современи поимања на уметноста. И беа плаќани како врвни светски уметнички дела!!!

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s