Monthly Archives: September 2018

„ФЛУКТУИРАЧКИ“ ИЛИНДЕН?

Не знам дали е казниво агитирањето на личен блог, или Фејсбук профил, во време на референдумски молк. Но, всушност, не знам ни дали јас навистина со текстов агитирам – за или против, иако сигурен сум дека против не сум! – и што е всушност тоа агитација односно дали се однесува на говорењето вистина, онака како што поединецот ја разбира, се разбира. Тука човек треба да биде толерантен и да ги пушти сите оние кои мислат дека ние, демек, овде нешто губиме, како лудакон од Водно, што де факто е точно, ама не кажуваат што добиваме, случајно или намерно, повеќе намерно, зашто не се, сепак, толкави глупандери, нели? Или – се’? Да, мислам дека се, особено лудакон од Водно кој дури се осмели да си ја резили државата среде Обединетите нации. Идиот! А зошто? Заради Паљурци?!? А и што, впрочем, јас би агитирал? Ене, „Плусинфо“ вели дека излезноста до 13.00 часот била 16%! Та белки не ќе бидеме толкави будали? Којзнае, со нас никогаш човек не е на сигурно.

Како и да е’, не ми е намерата да агитирам, ни најмалку, секој ќе си одлучи според умот и совеста, мислам дека тоа се двете клучни нешта во случајов, но сакам да потсетам, некои персони особено, на некои непримерени нешта, на некои неевропски однесувања, на некои недемократски / нецивилизициски манири. А зошто? Па ајде, да речеме, дека сметам дека барем уште неколку пати во својата долга историја овој народ веќе донел сериозна и исправна одлука. Нешто како во 1903, на пример, или 1941/1945, или 1992 година. Не знам, навистина, дали некој во претходниот период го спомна и тој факт – сигурно го спомнал, само јас не сум стигнал да прочитам – ама овој народ дефинитивно е исправен пред својот четврти Илинден. Сакал или нејќел, милом или силом, што би рекле. Впрочем, историјата не прашува, не прашува ама баш воопшто, туку само бара одлука. Сега и овде, на лице место, без затскривања, без политикантство, без калкулации, особено оние од партиски тип. Овде, деновиве, веќе нема партии. Или барем не би требало да ги има. (Треба да) има само ум и(ли) не-ум, иднина и(ли) минато, прогрес и(ли) регрес. И ништо друго, особено не празни зборови од типот на оние на лудакон од Водно, среде светскиот самит во Њујорк. Жив резил, тотално самоубиство на еден ионака безвреден примерок на човечкиот род! (Ама и тој е една од нашите одложени односно правовремено незавршени работи, па нека е и стопати ѓомити претседател на државата. Со тој безвреден примерок мораше веднаш да се расчисти, како и со многу други, впрочем!!!).

Не мислам дека овој народ не си ги знае опциите. Деновиве, еден пријател, низ краток муабет, ме потсети (предупредувачки!) како западните европски демократии го гледале и опишувале овој народ во времето на, на пример, Балканските војни. Како „флуктуирачка маса“! Стотина години подоцна, не научивме ли подобро? Научивме, сигурен сум, наспроти велепредавничките агитации на „најпатриотската“ македонска партија! Сосе престседателот на чело. Но и тоа историјата ќе го запише. А таа будала заборава дека има син. Или веќе го згрижил? Но сепак – за цел живот? Тешко.

Не дека и јас не бев збунет од (пре)силната поддршка на светот изразена низ ликовите на најважните европски политичари, но и официозусите на НАТО и САД, на пример. Чуму? Одговорот, повторно, е во корените на овој народ секогаш третиран токму како „флуктуирачка маса“, како тесто за месење, како стадо што некој треба да го насочи кон трлото, кое и да е’, какво и да е’. Та белки новово време ја научи оваа „маса“ да ги препознава вредностите од шашмите, кривоговорот од сериозните ветувања, вистината од лагата. Иако, ако веќе дојдеме до тие категории, не сум сигурен каде би стасале. Повторно во времето на Балканските војни? Можеби. Но, верувам дека новово време го научи (и) овој народ да мисли за/на себе и за иднината на своите деца. (Иако, сигурен сум, некој ќе ми приговори дека и низ вековите народов го правел токму тоа. Е не сум баш сигурен, но тоа е тема за друга дискусија!). И дека и сега, како и во 1903, 1941/1945 и 1992 година ќе ги препознае вистините од лагите, иднината од калкулантството, животот наспроти тивката и долга умирачка.

Или …? Не знам, дури и не сакам да мислам на тоа „или“, иако би требал. Не дека мојата иднина нешто многу зависи од таа ЕУ и НАТО – баш ме заболе, да бидам искрен – ама зависи иднината на многу млади, па и на оние од моето потесно и пошироко семејство, кои ни криви ни должни би требале да отплаќаат некакви политикантски долгови и умоболни „патриотски“ идеи на своите татковци и дедовци, на една антинародна партија и нејзините криминални експоненти и трабанти.

И читам, се разбира, „мисли“ малих људи, што и како би требало да се прави утре, демек денот потоа, ако референдумот не успее. И како тие човечиња делат „демократски“ совети и точно знаат што и како треба власта да (на)прави во таков случај. Како да, нели, Делчев и Карев распишуваа рефендум во 1903 година, па и Тито во 1945, за да ги праша што понатаму да прави со победата односно со државата? Или можеби требаше да ги праша овие нашиве во 1948 година каде би сакале да се приклонат? И што мислите, каков ќе беше одговорот, во сите случаи? Зашто, извинете, гледате некоја разлика помеѓу овие датуми? Јас, признавам – не. Овој датум не го двојам од другите судбоносни, спомнати. И токму затоа мислам дека без оглед на исходот на референдумот, дури и ако овој народ, по којзнае кој пат избере да чекори во историјата како „флуктуирачка маса“, власта мора да покаже смелост и одлучност на патот кон иднината на македонските (подразбирајќи ги тука и сите други етникуми) генерации. Затоа, демокративе во куси пантолончиња нека си делат лекции во кругот на семејството, а нека не ги користат медиумите за дефетистички бламажи. Каков и да е исходот од референдумот, оваа власт, препознавајќи го судбоносниот миг на овој четврти Илинден, дури и да е „флуктуирачки“, ќе одлучи онака како што мора да одлучи: во полза на иднината на државата!

H2O

Човек треба да чита умни луѓе. Треба да го чита Атанас (Вангелов), Кица Колбе, Сашо Ордановски, Томи Османли … Кај нив во секоја реченица имаш тема (барем) за колумна! Иако некој од нив може и да ве разочара, одвреме навреме. Ете, Атанас вели: „(…) не можеш да бидеш некој добар колумнист ако абер си немаш од литература (уметничка, не стручна!). Не можеш да бидеш ни некој писател од формат ако не разбираш политика“! Абе Атанас, кој сега ќе се навраќа на разни Каренини, Карамазови и остала братија, кога сме ги заборавиле, многу одамна? Плус, вреѓаш бре брате. Па не сме сите „на ти“ со литературата. Уметничката. Ама можеби сме со стручната, но ти не ја есапиш! Како и да е’, заборави да го објасниш вториот дел на равенката литература / политика (не знам како стоиш со математика?): а може ли да се биде добар политичар ако не разбираш литаратура?

Но, добро е, и треба да се читаат и оние неумни луѓе, или барем да се наслушнуваат. Чисто онака, заради релаксација, и ориентација. На пример, оној славнион автобиограф. Или „професоркана“. Абе – милина, бисерни ѓердани!

Како и да е’, Атанас ме замисли па решив тук-таму да вметнувам примери (поретко) од литературата (не можам да се носам со него!), а ако можам повеќе од визеулените уметности. Не знам дали Атанас ќе прифати, ама мислам дека сите уметности, не само литературата, имат „точка на која се сечат“ со политиката. Ако човек успее да ја види, се разбира. Елем, пред ден-два останав буквално со отворена уста, без збор, онака оџагорен пред една варијанта на македонски Остап Бендер, или нешто слично, а во некакво течно издание!

И да пропуштиш таков бисер – треба да се самоубиеш. Да не се осврнеш на вечната народна – македонска, се разбира – а потоа и кинеска „мудрост“ значи дека си навистина глуп, игнорант, некадарен. Да не поддржиш една таква изворна „умност“ како од рајот излезена и проверена низ мачните за нас векови значи дека си предавник, или непатариот, како сакате, дека си непријател на државата, дека си соросоид и не-знам-уште-што, а има многу такви убави придавки за луѓето од тој сој. И затоа не знам како освен вака јавно да му се приклучам на движењето „Вода“ или популарно наречено „H2O“ на оној кочанчанецон и уште две-три деца квакнати до него со некакви пароли, рецитации (за солзите, за потта и слично – патриотски, разбира се). Зашто, кога еден таков водозагрижен патриот ќе повика: „Граѓанину, биди вода“, немате друг избор освен да се приклучите. Каде? Па во водата – длабока, плитка, езерска, речна (море, за жал, немаме, освен ако нема некое во Кочани, од каде што доаѓа „Месијата“!). Е сега, првото прашање е: абе, знаете ли да пливате? И тука започнува, а за многумина и завршува приказната со движењето: не знаат! А и каде би научиле? Во Кочани? За жал, морам повторно да го спомнам ова убаво гратче ама, „Месијата“, сепак, целосно им ја (у)ништи репутацијата.

Впрочем, тој тоа го направи уште пред некоја година со неговата славна изјава дека кога прв пат дошол во Скопјево паркирал на Плоштадот и – цапнал право во кал. Тоа, имено, му беше некаков вид поддршка на нашиов Остап на „новово“ Скопје на газдата му, она наречено „Скопје 2014“, односно тој така беше избрал да му се доупика на шефот. Арно ама, тогаш соговорник му беше Миро Грчев, кој сосема смирено и одмерено го смести сељачиштево каде што му е местото. Му рече: па секако ста цапнале во кал, зашто сте паркирале на недозволено место, во тревникот до Плоштадот! Е сега, овој шапшал кој не разликува(ла) плоштад од тревник, град од село, сака да не’ носи директ – во вода. Добро, зошто да не, ама која е гаранцијата дека водоносниот „Месија“ знае да плива? Зашто, ако не знае што е град а што село, ако не знае што е тревник а што плоштад, ако не знае каде се паркира автомобил – или, патем, да не дошол он во Скопјево со запрежна кола? – како ќе знае што е земја а што вода, а згора уште и да знае – да плива? Зашто, на земја не се плива, нели? А ако сака да не’ носи во она H2O би требал барем да знае да се препелка во таа „теќукина“. Апропо, Кочани има ли море, или езеро, или река …? Не дека е тоа многу важно, ама чисто како информација, колку да знаеме имал ли остапџијава воопшто можност некаде да научи да плива ако веќе не научил каде се паркира возило, запрежно или инакво, сеедно. И проверив – Кочани има река, викана Кочанска река, што значи дека „пливачов“ можеби е автентичен! (Иако, признавам, не би се кладел на тој факт ако треба да се тргне по него во подлабока вода! Зошто? Па Кочанска река можете комотно да ја прегазите во секое време, не ви е ни до глуждовите! Пливање не е неопходно!!!).

Но, сакав да проверам и нешто друго: сакав да ја проверам и онаа фамозна кинеска „ала Брус Ли“ теорија за водата од каде што и произлегува идејата за движењето „Граѓанину, биди вода“. Зашто, извинете, ама таква епохална теорија не сме имале никогаш. Баш онака, изворно, колку да го збогатиме светот и со нешто наше, без оглед што се спомнува Брус Ли како нејзин носител. Да, добро, ама каде да барам? Да вртам книги? Можеби, ама кои? Можеби ги немам, а ги нема ни во НУБ?! Зашто, верувам, „пливачкион патриот“ сето ова го проверил низ куп книгишта, во некоја докторска дисертација, во некое издание овенчано со Нобелова награда, или барем Пулицер, итн. Но тоа е прилично тешко ама, како припомош, секогаш постои, ако не повеќе, тогаш онаа фамозна „Википедија“. Зашто, можеби, и само можеби, и пливачон прво барал таму? И, не лези враже – што би рекле браќана срби – фамозната „Википедија“ (ама на македонски) ни нуди леганда која што вели дека „Многу одамна, на печалба во Кина (ни мање, ни више, м.з.) бил еден човек по име Кочо“! Абе овие – нормални се? Сосе „пливачкион Месија“? И тој Кочо им е алиби за теоријата со Брус Ли и водата, зашто, нели, истиот Кочо, сосе оризот ја донел и теоријата за граѓанинот како вода? Алоооо, има ли некој дома! Не сакам да бидам малициозен, уште помалку да навредувам ама: ако македонската полиција носи (пијани или не) глумици „на проверка“ во Бардовци, што треба да прави со ваквиве?

ПОКАЈАНИЕ ГРЕШНИМ

Ама ич не сакам да се согласувам со секакви шушумиги кои до вчера си го пазеа газот и уста не отвораа ама денес се првите „демократи“ во државава – мислам на оние од профилот на некојаси ГДУ и уште редица слични смешни политички „фигури“ и „субјекти“ – но однесувањето, или поправо молчењето на релевантните политички субјекти некако им дава за право да солат памет, па уште и да бидат во право. Зашто, прво, навистина веќе никој во државава не знае кој всушност е компетентен за одделни клучни реформи: оној Совет на палјачоно наречен Караџовски, на пример, кој што спроведува некоја своја „правда“ во државава а самиот прв човек е тотална смешка?; или судскиот систем кој низ рацете на неколкуте т.н. сваровски судијки, а особено оние политички пре(т)платени судии (дури и на највисоки позиции!) дели неправда каде и како ќе стигне, посебно во случајот со гаќовиднана „новинарка“; или, на пример, во состојбата со медиумите, особено оние самонаречени тв „национални“ медиуми, вклучувајќи ја тука и националната „јавна куќа“ (често дури и буквално самоидентификувана со тој поим!); или, да си се вратам на „мојот терен“, на полето на културата, каде се’ уште во Министерството за култура царуваат оние полуписмени вмровски „кадри“? И да е само таму, ама не е!

Затоа, следејќи го последниот пример на онаа гаќовиднана „новинарка“ која и’ еба мајката на државата со затајување данок – не преголем, што е право, ама законот претпоставувам не дефинира што е тоа голем, среден или мал криминал, нели? – и плус ако на тоа се накалемат и сите други штети што ги правеше како (демек) уредник во не-знам-кои-и-какви усмрдени вмровски „медиуми“, тогаш за која и каква правда во оваа држава ние (ќе) говориме? Ако таа полуписмена особа која се дрзнала да краде данок од државата – а краде не од некоја имагинарна држава туку баш од образованието, од болните тоест од здравството, од социјалците, од културата – таа иста држава ја „осудила“ на условна казна, која што оваа сега глатко ја плаќа (а кој не би?) во износ од околу 20-30 илјади евра и куртулува од затвор, и тоа се’ на име на некакво претпоставено покајание (а кој не би се покајал да куртули од сигурен затвор?), за каква правда, или систем, или држава правиме муабет и за која, и каква fucking Европа ние се подготвуваме? Овие „покајаниве“ ќе не носат таму? Евааа! Ќе стасаме, некогаш, ама попрво – никогаш! Зашто покајаниве тоа и го чекаат: да проработат европските механизми не баре ние сме биле другари со нив којзнае колку децении, да се изврши очекуваниот притисок од европските институции дека новата власт мора сега да покаже воздржаност, разбирање, дури и деморатски капацитет и да ги остави на слобода сите бараби што ги произведе бившиот режим. И ние со тоа се согласуваме? Аферим, ама мислам дека не баш сите се согласуваме, дури не се согласува ни поголемиот дел од нас, да не речам ни помалиот доносно речиси никој. А и зошто би се согласиле? За добробитот на државата? Оваа држава ќе ја биде, или нема да ја биде, апсолутно, и без условната казна на криминалкана која затајувала толку години данок, а сега го плаќа „ко од шале“. Со  што? Со парите што ги украла! И уште ја фалат за тоа, малтене – херој. А зошто не го плаќала претходно? Зашто се надевала, како и безброј нејзини пајташи во сите сфери на општествениот живот, дека криминалното здружение, и онаа нејзина бараба која што ја слушавме низ „бомбите“, ќе бидат вечно тука. Е – нема да бидат. А ако сме паметни и никогаш повеќе нема да ги биде. А некој богами и ќе лежи, таму каде што му е местото. Ако мене некој ме прашува, и не само мене, таму и’ беше местото и на онаа гаќурестана од 500 евра персона која толку години глумеше новинар а не ја бива ни за портир во медиумска куќа. Затоа, простете, ама таквите „покајанија“, „извинувања“ – демек извинете, се шегував, немав намера да крадам – или ќе важат за сите или за никого. Гаќурестата не е исклучок и не може да биде, ама баш никако.

И тоа е, барем за мене, апсолутно исто, или слично, како и „мислењето“ на Гошева и оној шапшал Јосифовски од Уставниот суд (а, патем, и од оној Апасиев, или Стоилковски, и уште редица други), кои, веќе утре, или задутре, ќе се „покајат“ за нивните будалаштини, за проблемите што ги правеа во државава, првине решавајќи судски за политички прашања, а вторине тртљајки се’ и сешто, а особено нешта што воопшто не ги разбираат, итн. Се разбира, станува збор за различни случаи – еден криминален, други „вербални“ – ама покајувањето е денес наше секојдневие, за се’. Сите као не знаат што правеле, што им се случувало цели дванаесет години, кој и како ја подјармуваше државава и народот со идентични средства како и некогашните османлии или непосредните соседи во обезличувањето и пљачкањето на државата. Некој носел вода, друг само пеел, трет крадел ама се покајал … А не ќе се покаеше ли и оној кутар што украде неколку ќебапи? Или никој не го ни праша, а некој богами мора и да одлежи, као за пример? Па зошто да не одлежи баш оваа со скапите гаќи? Баш убаво ќе ја топлеа во Идризово, или каде веќе ги носат. Или, ако сакате, што ќе се случи ако и сите оние бараби од 27 април почнат да се кајат за тоа што го сториле? А и зошто не би, ако така можат да куртулат од долгогодишен затвор? И нив ли ќе ги пуштат, со некоја глоба од 20-30.000 евра и крунскиот „доказ“ дека барабите се покајале? Да не станаа македонскиве судови продружници на МПЦ во делењето покајанија? И колку, впрочем, чини едно такво „покајание“? Ќе се покае ли, патем, и оној што прегази пред некој ден баба, дедо и внуче на пешачки премин? И во што е разликата, денес и овде, во оваа (се’ уште) црна Македонија? И кој е тој што одлучува кој навистина е виновен, а кој не, се’ уште ли се тоа оние хохштаплери од Врховен, преку Апелација до Кривичен? И до кога ќе ни седат таму? Додека да влеземе во ЕУ? Па дотогаш едно чудо народ кој бара правда ќе приумре! А барабите ќе тераат по свое? И после: расте бројот со ментални растројства во Македонија? Ма арно е што уште сме живи, а за здрави – здравје!

Апропо, уште ли е покајаната гаќољубима претседавач на Извршниот одбор на МАН (барем според званичната страница на тоа „здружение“)? И тквите ли персони се вклопуваат во нивните цели за „унапредување на новинарството“, за „заштита на новинарите и професијата“ итн.? Или дека „никој нема право да дава квалификации, да суди или врши притисок на новинарот …“ и слични будалаштини, па дури и на (покајани) лопови?

ИМПЕРИЈА НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (9)

Еве и г-дин Героски отворено повикува на прекин на молкот – овојпат во рамките на неговата професија – а во врска со повторното појавување во јавноста на оној шишевиднион провинцијалец кој себеси ужива да се гледа како некаков дипломат, па господин, па (екс)сопственик на една македонска новинска „империја“ (како што, мислам прилично несмасно, Героски ја нарекува онаа збирштина од три националистички квазивесници!), па дури и самоумислен генсек на ОН. Повикот (барем) на Героски не е негов ни прв ниту, се надевам, ќе биде последен, и не само за состојбите во македонското новинарство. И токму „одговорот“ на оној шишеглавион дека „Ќе кажеме се’ кога ќе дојде време“ е типичниот македонски малограѓанско – лузерски „алиби“ што го слушаме, еве, речиси цела година откако почнаа барабите да дефилираат пред македонските судови. Но тоа е показ на уште нешто (не само) македонско: дека ни парите, ниту пеперушките или свилените кравати врзани околу шиите на барабите од нив чинат современи, модерни европски граѓани. Уште помалку – политичари. Не. Гледате како бел ден дека тоа се простаци кои кога не се на власт немаат смелост да кажат ни два сериозни збора, дека низ подрумите на моќта научиле две-три финти како да „се вадат“ во јавноста и да глумат недопирливи. Што, се надеваме, бргу ќе им преседне!

Иако, всушност, ние не знаеме дали они навистина и го мислам тоа што (не) го говарат зашто цел живот лажеле. А зинат – лага до лага. Ама не знаеме ни дали навистина се надеваат дека некогаш, во блиска или подалечна иднина, ќе дојде тоа некое ново, повторно нивно време и кога и како тоа ќе се случи?! И дали воопшто е можно такво нешто да се случи односно земјава уште еднаш да се соочува со својот пекол? А можно е, можеби не со истиве бараби, но нам бараби, барем политички, а и секакви други, никогаш не ни недостасувале. Та гледајте ја и кутра Унгарија што и’ се случува, а онаа нивна бараба уште се кочопери во Европскиот парламент. Ама тоа е тој ков луѓе-нелуѓе кои се’ би дале за моќ, власт и пари! Дури и систематски би ја уништувале сопствената земја и би ја изложиле на потсмев пред светот, како што тоа впрочем го направија нашиве бараби. Затоа, таа македонска и МПМ-овска „империја“ беше империја на стаклени и башибозучки нозе, во очекување да се урне веќе од самиот почеток. Одбројувањето им почна уште кога дојдоа на власт зашто им се виде калибарот, и умот. Ама другите не го видоа! Или – го видоа, ама молчеа? Да, и тоа е конечната верзија на македонскиот историски пораз, на потсмевот на македонската „демократија“ – која што, патем, како и „империјата“, секогаш била насадена на стаклени нозе – и на крахот на сите македонски политички „елити“.

Но, токму во таа насока и треба да се гледа и овој повик на Героски кон неговата настојчиво молчалива „фела“ (иако, некако, и’ годи кога ќе и’ кажат „сила“, ама тој назив треба и да се оправда!), но и не само кон нив. Зашто, како што претходно бев напишал, закон на физиката е дека празиот простор некој ќе го пополни, молкот на македонската интелигенција ќе го пополни гласот на барабите со сите можни оправдувања, „аргументи“, „алибија“, измислици за нивното време и владеење, како што впрочем гледаме и слушаме секој божји ден нивни приказни низ судовите за нивната невиност, за нивниот придонес во изградбата на општеството и слични будалаштини. Затоа и онаа будалетинка сега ќе пишува некакви „мемоари“, та дури и ќе жали што не стана „познат писател“! А како тоа се станува – познат писател? Со партиски декрет, како што „познати“, „признати“ и наградувани станаа стотици негови сопартијци само благодарејќи на партиската книшка и слугувањето на моќниците? Како што впрочем „познати“, „признати“ и наградувани станаа и десетици „новинари“ во оние МПМ памфлети? Ама нивните колеги ни да зуцнат за тие црни времиња на македонското новинарство, како што впрочем ни писателите збор не кажуваат за оние дванаесетина години што ги преспаа во собчињана на „Максим Горки“, кога примаа и гласаа и шуто и рогато, вбројувајќи ги во „познатите писатели“. Дури и денес, се’ уште, не слушнавме глас од таа „фела“ за „епохалните“ издавачко литературни потфати на нивните колеги чии успеси ги окупираат подримите на неколку културни институции. Ако грешам, молам да бидам демантиран. И ќе се извинам, се разбира. Но, некој би требал да ги прошета нашите „уважени“ писатели низ тие подруми, да видат на што личи повеќегодишната македонска издавачка продукција. Еве, јас се нудам да им бидам водич! Но, не разбирам ни зошто Владата не го искористи тој наш епохален потфат па да ги отвори тие подруми и за високите гости од странство и за бројните туристички групи што го крстосуваат Скопје. Мислам дека ќе уживаат! И никако не треба да го заобиколат Музејот на Македонија, каде ќе ги видат „сувенирите“ од шизоидното „Скопје 2014“, исто така спакувани во стотици кутии и распослани низ музејските изложбени сали. Стојат спакувани зашто и ним им е срам да се појават во јавноста – таков кич не е виден во светот. А чинеше стотици илјади евра!

Тоа се спомениците на нашиот молк, на нашата некултура, кој се’ уште трае. Исто како и затворените МПМ изданија, кои што, впрочем, и требаа да бидат затворени зашто такви какви што беа претставуваа ругло на македонското новинарство. Исто како и многу „национални“ културни институции низ Скопјево за кои што навистина не знаете зошто и за кого постојат, кој и што таму (не) работи. Ама, ете, и за тоа – молчиме. А и таму се изградија „империи“, се разбира на стаклени нозе!

БЕЗБЕДНОСТА И ГОВОРОТ

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (8)

Не дека не ја ценам, или не дај боже ја потценувам frau Меркел. Напротив. Мислам дека без неа ќе ја (с)немаше и ЕУ. Ама, за мојата тема, нејзиното присаство во Македонија како да беше засенето од една судска пресуда – чинам многу битна за сите нас, а особено за јавниот збор – која што и фактички осуди напад врз професијата новинар, кој и да е’! И тоа го гледам како речиси преседан во македонското општество, или, барем, многу важен чекор токму во овој миг на развојот на македонската демократија, имајќи ја предвид тука и онаа таканаречена седма сила, од која што, кај нас, остана само формата односно бројот (седма, осма или којзнае која по ред!), ама не и суштината. Затоа, со надеж дека frau Меркел ќе ми прости за мојата игнорантност кон нејзиното историско присаство во земјава, јас поголемо внимание би обрнал на тој настан односно тој „бум“ кој што, веројатно, ќе воведе некаква судска пракса – ако кај нас такво нешто воопшто постои – која што ќе го заштитува јавниот збор, паралелно со професиите што се бават со него. А тоа не се само новинарите, иако во случајов за нив станува збор, односно за нападнатата екипа на „А1он“ за време на протестите „За заедничка Македонија“ минатата година!

И повторно, таа пресуда станува симболичен знак на директна, имплементирана државна заштита на слободата на говорот и вршењето на професијата сврзана со таа слобода. Иако, лично мислам дека на македонското новинарство тоест на еден негов дел никакви формални и/или фактички слободи на говорот не му вршат работа, па ниту оваа пресуда. Тие остануваат заробени во нивните лични малограѓански трла, во нивните лукративни пориви и „зауздувачки“ селски страсти, а многумина, богами, и во нивната неугасива жед за моќ. Што и да стори општеството, тие нема да се променат. Некаде се дури и главни „ѕвезди“, иако имињата (јавно) им се влечат и по македонските судниците. Но, нивни проблем, односно тие тоа така го нарекуваат, иако тој проблем е сериозен општествен проблем! Ама, интересно е што остатокот од „фелата“ не само што не расчистува со таквите, туку некои од нив дури и максимално „ги тинтра“, им гостува во емисии, ги повикува во своите медиуми како божем некаква противтежа, како некаков глас на (демек) опозициското мислење, иако овие немаат три благе везе со тоа. Зошто – никој не знае?! Дали е тоа нов влог за некоја претпоставена иднина, или е „танте за кукурику“ или нешто трето, останува да се види. Тоа му доаѓа на исто како јас сега, после се’, да почнам да ги фалам „умот и делото“ на провинцијалецон Сарајлија, или молчењето и манупилациите на женатаму, или на оној неписменион „професор“ од Ерековци кој ужива да држи ступидни „лекции“ на Фејсбук наместо на ФЛУ и на уште едно чудо такви хохштаплери, платеници, бараби … сите доброволно здружени во злосторничконо здружение за уништување на македонската култура!

Како и да е’, спомнатата пресуда можеби индиректно ќе повлијае кај некои да се одлепат од стравот за јавно, јасно и гласно определување за вистината, за компетентното мислење и во прилог на издржаниот, морален / етички став. Само така се станува сила. Сето останато е токму спротивното, односно е она што го гледавме во изминатите дванаесет години, ама е тука и денес. Иако некои успешно се „пресоблекоа“. Но, одоздола уште им ѕиркаат груевистичките ѕиври! Кога само ќе препрочитате некои текстови – еве нека бидат само од културата, зашто оние „политичкине“ се типична македонска улизувачка жабокречина – од пред десетина години во кои некои минорни улични шапшалчиња ги величаат, на пример, „најважните луѓе во културата“, набројувајќи ја сета онаа „културна“ збирштина од сиромашки идиоти кои се влечеа по злосторничкото здружение собирајќи ги паднатите ковчиња. И нив ги прогласуваа за не-знам-колку-важни фаци, па ги нарекуваа и „бардови“, па „витези“, дури и пуфлата во тоа време и во нивните „анализи“ беше „енергична, посветена“, а во нејзините „дела“ беа вбројувани истите овие заради кои денес секојдневно се влече по македонските судови!

Но, повторно, културата на молкот не е резултат само на неспособното, неписменото и поткупливото македонско новинарство, врз кое постојано висеше и мечот на незаштитеноста односно небезбедноста. Македонската култура на молкот е општо место, црно петно и на македонската администрација, на македонската интелигенција, на македонската култура, наука и образование. Не знам какви судски пресуди би ги олабавиле нивните стеги ама, дај боже, цитиранана пресуда барем малку да помогне во некоја насока. Инаку, навистина не знам според кои репери, или стандарди, македонските медиуми би станале дел од често жестоката европска медиумска сцена? Според „стандардите“ на онаа шмизлана што ја пуштаат деновиве во македонските судови, на пример? Или кои, и какви ќе бидат стандардите што конечно ќе ја олабават македонската културата од стегите на политиката, а со тоа и од зависноста од молкот? Ако слободата на говорот е основно човеково право, особено на уметничкиот говор, каков е тогаш овој гласен молк? Молк на неслободни луѓе? Којзнае, зашто и разбирањето и „користењето“ на слободата е индивидуално чувство. Можеби кај нас слободата на говорот значи токму слобода за – молкот?

УШТЕ ЕДНА ПАЧАВРА

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (7)

И ајде сега некој како мене (повторно) нека каже дека во Македонија царува културата на молкот? А што е онаа вторана пачавра-писание кое во рок од неколку месеци се појавува во македонската јавност и на која што се потпишани – ѓаволеста работа – повторно истите персони: од библиотекарон-академик и подрумар, преку колешката му некогашен младински социјалистички активист, па онаа несуденана „прецедателка“, па шал-амбасадорон … И све тако даље и све тако ближе, све кој до којега, и малку понатаму. Ако првиот пат си велевме (цитирајќи го Ордановски) дека навистина во секоја држава ќе најдеш 200 будали да се потпишат на дното на парче хартија на која што некоја двестотиниипрва будала си ги вежба(ла) патриотските чувства, што човек да каже сега, а да не ги навреди истите 200 будали? Ништо! Само ја потврдиле тезата за типично македонската диспропорција помеѓу височината на функцијата / позицијата во општеството и количеството ум во дотичните глави. Само ја потврдиле тезата дека ни првиот пат не бил случајност, дека никој не ги прелажал, дека нивните „патриотски“ чувства се благопријатна почва за раст и развој на секакво ѓубриште. Иако, признавам, некои ми недостасуваат, некои од оние „попростине“, оние кои обично (им) служат како топовско месо. Или, демек, овие се интелектуалците, листата треба да „ја личи“, нема таму место за прост народ кој треба да оди само по митинзи, протести и да упаѓа во Собрание, голорак, и евентуално да им носи вода на пратениците? Иако човек ќе се запраша: па и оние бившине „капои“ од Драмски некој ги смета за интелектуалци? Или онаа Солза, па Ношпал, па струшкион двоец …? Абе ајде, некој овде како да ги измешал лончињата! И после – никој не сакал, дури ни „Гардијан“, ни „Вашингтон пост“, да им го објави „апелот“? Па како е тоа можно со потпишани тоооолку „интелектуалчишта“? Зарем навистина нашиве идиоти (се’ уште) мислат дека светот нема критериуми? Или, повторно: цел цивилизиран свет се уротил против нас, односно нив, само ние односно тие ја знаат вистината ама светот не е подготвен да ја пренесе, и чуе? Бреее, мајката, што свет беше ова? А говори за демократија?

Ама, лончињата биле измешани уште на стартот. Зашто, ако денес, во третата деценија на дваесетипрвиот век, еден (демек) толку значаен апел го започнете со она (демек ала комитското) „шчо напраифме …“ од пред стоидваесет години, а го завршите во истиот „востанички“ стил со „та не сме саде ние …“ итн., тогаш некој стварно овде не е арен. И тоа – сериозно! Ако персониве мислат дека за иднината треба да се размислува со глава и говор од пред век и половина, треба бре брате таму и да се вратат. Или некој да ги врати, зашто токму таму припаѓаат. Но, кога проблемот би бил само во почетокот и во крајот. А она – „измеѓу“?

Тоа „измеѓу“ е веројатно уште поголемиот циркус, заради кој што, претпоставувам, никој во нормалниот некомитски свет и не сакал да им го пропагира „апелот“. Зашто, извинете, ниту е апел, ни е гласност, ниту е „загриженост и вознемиреност“ а најмалку е критика на актуелната власт за начинот на разрешувањето на толкугодишниот, да не речам повеќевековниот (измислен) проблем со македонскиот јазик и идентитет ако вие, како (демек) интелектуалец, ги верглате ко „шваба тралала“ истите заговорнички конструкции и (демек) застрашувачки закани по народот и државата од времето на Берлинскиот конгрес, ако потсетувате на илиндените и државите што не’ признале, ако го констатирате она што веќе илјада пати е констатирано од многумина, дури и попаметни од нас / нив, а не нудите – излез! Која е тогаш функцијата на „отвореното посмо“, или пачаврата, како сакате, што треба да постигне (демек) интелектуалниот апел ако само констатира и преповторува но не нуди решение, не дава контрапредлози или насоки за поуспешно решавање на нештата? И што, на пример, треба да значи она дека од граѓаните „се крие за што, всушност, се преговара“? А за што тоа, всушност, се преговара, ќе не’ просветли ли некој од таа потпишана збирштина интелектуални пачаври? Или доволно е само така паушално да се преплаши јавноста, да се внесе смут пред престоојниот референдум, а на државата да и’ се одземе единствената можност да зачекори по некој нормален, цивилизиран европски пат? И зарем навистина сиот оној врвен меѓународен политички но и интелектуален врв ангажиран во конечната разврска на овој (во основа ступиден) спор така силно се сплотил контра една шака јада – зашто ние, денес, благодарејќи токму на онакви „интелектуалци“ и „патриоти“ сме токму на тоа дереџе – и решил да не’ брише од идентитетската карта на светот? Па колку имбецилен, колку ситен и преплашен и несигурен во себе и своето постоење треба човек да биде за да се гледа себеси во една таква политичка констелација? И колку глуп треба човек да биде за да не го разбере одамна посоченото единствено излезно решение за оваа земја – барем во овој век и во вакви геополитички односи – па наместо тоа да се бави со тези и теории за политичката топла вода? И сето без ниту збор за тоа како тие предлагаат да се реши проблемот, сега и тука, или нека е утре или во блиска иднина? И уште колку пати треба да им се повтори дека НАТО и ЕУ се достапни само преку Спогодбата со Грција? Па од такви тврди но и празни глави и дојдовме во оваа безизлезна и безиднинска ситуација. Или така, и такви, треба и да останеме, онакви според рецептот на лудакон од Водно и оној вторион во заносниот им и со наши пари прескапо платен партиски бел кич? Според чиј ако не нивни диктат, според чии и какви интереси треба да се самоосудиме на меѓународна трајна изолација? Или пачавриве имаат рецепт (и) за тоа? Па нека го кажат, или барем нека го навестат. И конечно нека излезат на избори и народот нека ги гласа! Ако им верува, се разбира. Или – нека замолчат, еднаш и засекогаш!!!

Оттука, отворениот и критички ориентиран збор, ако е навистина таков,  особено кога се обидува да проговори за круцијални проблеми, мора да нуди и решенија, какви-такви, но не и глувчја дупка во која треба да се напика цела една држава. Зашто, второто писание-пачавра го нуди само тоа и ништо друго. А потписниците се само глувци-повторувачи кои што не научиле ама баш ништо ни од одгласот на првата лекција-пачавра.