„ФЛУКТУИРАЧКИ“ ИЛИНДЕН?

Не знам дали е казниво агитирањето на личен блог, или Фејсбук профил, во време на референдумски молк. Но, всушност, не знам ни дали јас навистина со текстов агитирам – за или против, иако сигурен сум дека против не сум! – и што е всушност тоа агитација односно дали се однесува на говорењето вистина, онака како што поединецот ја разбира, се разбира. Тука човек треба да биде толерантен и да ги пушти сите оние кои мислат дека ние, демек, овде нешто губиме, како лудакон од Водно, што де факто е точно, ама не кажуваат што добиваме, случајно или намерно, повеќе намерно, зашто не се, сепак, толкави глупандери, нели? Или – се’? Да, мислам дека се, особено лудакон од Водно кој дури се осмели да си ја резили државата среде Обединетите нации. Идиот! А зошто? Заради Паљурци?!? А и што, впрочем, јас би агитирал? Ене, „Плусинфо“ вели дека излезноста до 13.00 часот била 16%! Та белки не ќе бидеме толкави будали? Којзнае, со нас никогаш човек не е на сигурно.

Како и да е’, не ми е намерата да агитирам, ни најмалку, секој ќе си одлучи според умот и совеста, мислам дека тоа се двете клучни нешта во случајов, но сакам да потсетам, некои персони особено, на некои непримерени нешта, на некои неевропски однесувања, на некои недемократски / нецивилизициски манири. А зошто? Па ајде, да речеме, дека сметам дека барем уште неколку пати во својата долга историја овој народ веќе донел сериозна и исправна одлука. Нешто како во 1903, на пример, или 1941/1945, или 1992 година. Не знам, навистина, дали некој во претходниот период го спомна и тој факт – сигурно го спомнал, само јас не сум стигнал да прочитам – ама овој народ дефинитивно е исправен пред својот четврти Илинден. Сакал или нејќел, милом или силом, што би рекле. Впрочем, историјата не прашува, не прашува ама баш воопшто, туку само бара одлука. Сега и овде, на лице место, без затскривања, без политикантство, без калкулации, особено оние од партиски тип. Овде, деновиве, веќе нема партии. Или барем не би требало да ги има. (Треба да) има само ум и(ли) не-ум, иднина и(ли) минато, прогрес и(ли) регрес. И ништо друго, особено не празни зборови од типот на оние на лудакон од Водно, среде светскиот самит во Њујорк. Жив резил, тотално самоубиство на еден ионака безвреден примерок на човечкиот род! (Ама и тој е една од нашите одложени односно правовремено незавршени работи, па нека е и стопати ѓомити претседател на државата. Со тој безвреден примерок мораше веднаш да се расчисти, како и со многу други, впрочем!!!).

Не мислам дека овој народ не си ги знае опциите. Деновиве, еден пријател, низ краток муабет, ме потсети (предупредувачки!) како западните европски демократии го гледале и опишувале овој народ во времето на, на пример, Балканските војни. Како „флуктуирачка маса“! Стотина години подоцна, не научивме ли подобро? Научивме, сигурен сум, наспроти велепредавничките агитации на „најпатриотската“ македонска партија! Сосе престседателот на чело. Но и тоа историјата ќе го запише. А таа будала заборава дека има син. Или веќе го згрижил? Но сепак – за цел живот? Тешко.

Не дека и јас не бев збунет од (пре)силната поддршка на светот изразена низ ликовите на најважните европски политичари, но и официозусите на НАТО и САД, на пример. Чуму? Одговорот, повторно, е во корените на овој народ секогаш третиран токму како „флуктуирачка маса“, како тесто за месење, како стадо што некој треба да го насочи кон трлото, кое и да е’, какво и да е’. Та белки новово време ја научи оваа „маса“ да ги препознава вредностите од шашмите, кривоговорот од сериозните ветувања, вистината од лагата. Иако, ако веќе дојдеме до тие категории, не сум сигурен каде би стасале. Повторно во времето на Балканските војни? Можеби. Но, верувам дека новово време го научи (и) овој народ да мисли за/на себе и за иднината на своите деца. (Иако, сигурен сум, некој ќе ми приговори дека и низ вековите народов го правел токму тоа. Е не сум баш сигурен, но тоа е тема за друга дискусија!). И дека и сега, како и во 1903, 1941/1945 и 1992 година ќе ги препознае вистините од лагите, иднината од калкулантството, животот наспроти тивката и долга умирачка.

Или …? Не знам, дури и не сакам да мислам на тоа „или“, иако би требал. Не дека мојата иднина нешто многу зависи од таа ЕУ и НАТО – баш ме заболе, да бидам искрен – ама зависи иднината на многу млади, па и на оние од моето потесно и пошироко семејство, кои ни криви ни должни би требале да отплаќаат некакви политикантски долгови и умоболни „патриотски“ идеи на своите татковци и дедовци, на една антинародна партија и нејзините криминални експоненти и трабанти.

И читам, се разбира, „мисли“ малих људи, што и како би требало да се прави утре, демек денот потоа, ако референдумот не успее. И како тие човечиња делат „демократски“ совети и точно знаат што и како треба власта да (на)прави во таков случај. Како да, нели, Делчев и Карев распишуваа рефендум во 1903 година, па и Тито во 1945, за да ги праша што понатаму да прави со победата односно со државата? Или можеби требаше да ги праша овие нашиве во 1948 година каде би сакале да се приклонат? И што мислите, каков ќе беше одговорот, во сите случаи? Зашто, извинете, гледате некоја разлика помеѓу овие датуми? Јас, признавам – не. Овој датум не го двојам од другите судбоносни, спомнати. И токму затоа мислам дека без оглед на исходот на референдумот, дури и ако овој народ, по којзнае кој пат избере да чекори во историјата како „флуктуирачка маса“, власта мора да покаже смелост и одлучност на патот кон иднината на македонските (подразбирајќи ги тука и сите други етникуми) генерации. Затоа, демокративе во куси пантолончиња нека си делат лекции во кругот на семејството, а нека не ги користат медиумите за дефетистички бламажи. Каков и да е исходот од референдумот, оваа власт, препознавајќи го судбоносниот миг на овој четврти Илинден, дури и да е „флуктуирачки“, ќе одлучи онака како што мора да одлучи: во полза на иднината на државата!

Leave a comment