ЛОШИОТ ДУХ НА СК 2014

Ако некој се обиде да приговори дека состојбите во македонската култура во последнава деценија баш и не се така тесно поврзани со креатурата викана „Скопје 2014“, ќе биде само делумно во право. Тоест, ќе биде до толку во право што „Скопје 2014“ никако не е култура туку тоа е очебиен пример за – некултура, или поточно: некултурниот дух на таа креатура целосно и неотповикливо ја смени македонската култура и е дефинитивно нејзино лице, или попрво опачина веќе два-тринаесетина години наназад. И тоа, таа (не)култура е евидентна во секој нејзин сегмент, во секој настан, манифестација, книга, претстава, филм … произлезени од тогашните македонски (не)културни институции. Поточно, кога културата станува некултура, уметноста (безмалу) нема избор туку се приклонува кон општата тегобна атмосфера, кон општата некултура, кон општиот кич во општеството отсликан во секое негово делче, почнувајќи од државниот орган надлежен за работите во културата (и во уметноста, секако) па понатаму, до финалниот културен односно уметнички производ како типичен производ на своето време. И за тоа го имате на увид и голеееемиот пример, целиот кичерајски дух на самонарачаниот и самонаречениот проект „Скопје 2014“, но и неговите најмали, најситни пратечки елементи – оние дебилни „сувенири“ изработени во илјадници примероци и потрошени преку 300.000 евра буџетски пари, а кои што се’ уште можат да се најдат во продажба низ Скопјево, а веројатно и низ внатрешноста. Е кога македонската уметност ги дозволи тие две крајности – голеееемото и малото „Скопје 2014“ – кога македонските (самонаречени) уметници не пуштија глас контра таквото тотално деградирање на уметничката професија и (нека се и скромните) традиции на македонската (ликовна, визуелна, споменичка, јавна …) уметност, тогаш за каква уметност воопшто и можеме да говориме? Кога македонското издаваштво и македонските писатели сведнаа глава пред голеееемите издавачки „проекти“ на тогашната малоумна македонска Влада, кога македонските музејски институции дозволија Министерството за култура да им ги бира делата за нивните збирки, кога македонските скулптори прифатија оној налудничавион бегалец да им ги оценува скулптурите и да им нуди готови решенија, кога македонската архитектура не само што го дозволи тоа проклето „Скопје 2014“ туку и комплетното пресоблекување на ремек-делото на Муличковски … тогаш за каква македонска уметност може(в)ме да говориме?

Историјата на уметноста е (и) историја на поклонувањето / приклонувањето на уметноста кон силата и парите. Особено од Ренесансата наваму. Но, Модерната и современата уметност се (и) историја на отпорот на уметноста / уметникот контра тие доминантни стеги. И тоа е успешна приказна во светски рамки. Освен кај нас. Кај нас се’ уште владее властелинскиот систем и логиката дека кој ги има парите е господар на нештата – од човековите права, правдата, културата, уметноста … Впрочем, една наша локална будала, инаку голем миленик на бившиот режим, не случајно јавно го прогласи тогашниот премиер за мецена! Како да тие пари, како целиот државен буџет да беше негова / нивна своина, како да го беа донеле од дома, па следствено и неговата распределба зависеше само и единствено од нив. Се разбира, таквиот систем мораше да се простре низ сите сегменти во државата, па следствено и во културата и во уметноста. Така и бидна, а како еталон мерка служеа искуствата токму од ова „Скопје 2014“, од неговите наместени конкурси, од неговите лажни калкулации, од ефтините материјали за прескапи пари, од „светските“ фондерии со десеткратно повисоки цени од еднаквоквалитетните домашни или соседни, итн. Точно во истото тоа, во мултиплицирана приказна ала „Скопје 2014“ се претворија и македонската култура и уметност одтогаш наваму. И таа приказна некогаш одеше постапно но некогаш наврапито и сосила, но секако систематски уништувачки и потиснувајќи го секој пројавен инакумислечки дух во државата. Прва на удар беше критиката – одамна веќе во Македонија не постои сериозна стручна критичка мисла ниту во еден сегмент од уметноста, потоа следуваше брза кадровска замена на сите „поинакви“ од оние кои се лепеа на провинцискиот партиски дух на режимската врхушка, полека се вршеше (кадровски и финансиски) притисок врз клучните македонски уметнички институции, се’ додека целата македонска култура и уметност не клекнаа на колена пред властодршците! Македонската култура и уметност останаа голи и боси пред надојдувачкиот провинциски бран олицетворен во една дузина малограѓани со сосема скудни, да не речам никакви знаења за културата и уметноста, реномираните македонски уметници – не сите, сепак! – одеа на поклонение, поединечно или групно, како еснафи, пред полуписмените имбецили стокмени во костуми „а ла франка“, пред пуфлана и нејзините ташни на кои што и оној Б уште и’ завидува, пред најнеспособните во професијата, па и вон неа, како на пример пред онаа учителка по биологија во Националната галерија! Ја шетаа барабана по сетови, и’ ги бутаа децата на думкање на пуфлата. Која беда и јад! Е тоа е македонската културна и уметничка приказна во времето на она „Скопје 2014“ која што некој / некои настојчиво се трудат уште да ни ја држат под носот, да не’ потсетуваат на неа односно да ни ја нудат и како сегашна можна варијанта во културата и уметноста.

Духот на тоа „Скопје 2014“ се одржува и денес во негувањето на необјаснивото отсуство на критиката, во отсуството на професионалноста, во немањето дијалог за најбитните културни и уметнички прашања во оваа држава. Оние малкумина среќници кои можеа да присуствуваат на дијалогот помеѓу Ед Лахман и Фатих Акин на годинашниов Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ знаат за што говорам. Говорам за сето она што ние го немаме, а сме го имале, можеби не во тој светски формат, но сепак. Говорам за високопрофесионален, отворен, срдечен, стручен дијалог за технички и естетски прашања во филмот, на пример, но и во сите други уметности. Говорам за размена на мислења, за master class на отворена сцена, за големи мајстори кои умеат да примат и дадат совет, јавно. Кога сте слушнале две простопроширени, па дури и прости јавни реченици на нашиве филмски „богови“ кои катагодишно го јадат државниот буџет за филм, а да кажаното не е само и единствено во нивна полза и самопроектирана големина? Кога последен пат сте прочитале – со чесни исклучоци – сериозна студија за која и да е’ уметничка дисциплина кај нас, или нека е критика за изложба (книга, претстава …), или продуховен, професионален, стручен разговор со директор на некоја македонска уметничка институција? Македонските уметнички институции, дури и врвни од форматот на МАНУ, па Факултетот за ликовни уметности, па оние силни професори по уметност поединечно, па македонските уметнички музеи и асоцијации не отворија / отвораат уста (не само) контра ова „Скопје 2014“ не само во екот на неговата реализација туку и денес. За нив, изгледа, тоа е завршена работа. А ако е така, што тогаш ние поединечно би можеле да сториме?

Но, тука (повторно) има едно „но“ кое што, можеби, го објаснува нивниот молк. За тоа – следниот пат.

Leave a comment