ИНТЕРАКТИВЕН ДИСБАЛАНС

или

ДИСФУНКЦИОНАЛНО ОПШТЕСТВО (4)

Ако, повторно, европските интеграции се некаков заеднички стремеж во македонското (функционално) општество, ако дури и поверуваме дека политичките партии – сите партии – толку силно и предадено работеа на тој наш влез во Европската унија, зарем досега не ќе бевме веќе таму? Добро, имаше големи, безмалу непремостливи пречки како апсурдниот проблем со Грција, ама некој сака да не’ убеди дека не можевме и порано да го постигнеме истото или слично решение? Дефинитивно – можевме, ама сакавме ли? Баш сите така убедено сакавме, желно го очекувавме тој ден? Се разбира, таквото тврдење не би одговарало на вистината. Еден од контрааргументите би бил дека требаше и на другата страна да имаме соодветен „партнер“ расположен за решение, ама и тоа не би била целосна вистина. Се сеќавате на Букурешт 2008 година? Значи, имаше расположение и на другата страна, на сите страни, ама … Како и да е, тоа сега веќе и не е битно, „проблемот“ е решен, но повторно: не е доволно само политиката да биде моторот на промените и подобрата, европската иднина на државата. Иако тоа кај нас воопшто и не е случај, но ајде, за кратко, да глумиме дека е’. Па сепак, проевропските ориентации во македонското општество не можат да се промовираат и реализираат единствено и исклучиво низ реалполитиката (разбрана како дејствување на политичките партии на власт). Особено и заради фактот што и политиката, генерално, ни е најмалку со проевропски призвук и квалитет. Една од нејзините очајни фалинки е неетичноста и кримогеноста, а тоа се доволни показатели на сериозно разнишаната доверба на јавноста во нејзините постапки. Но, дури и да е се’ во најдобар ред со политиката во државава односно политичките партии да се на навистина очекуваното европско ниво, нивните постојани отворени дуели односно нивните де факто различни политички гледања на нештата да се одвиваат на разумно, култивирано, образовано и етичко рамниште, тоа повторно не ќе може радикално да го придвижи општеството кон целосна функционалност за проевропско општество. Зашто, сепак, политиката и политичките партии се само еден сегмент во тоа (дис)функционално општество, од нив зависат многу битни нешта, но не баш се’. Или, подобро речено, што ако имаме проевропска политика ама општествените процеси ни се на рамништето од пред 1990та година? Ако вкупните општествени состојби во државава бележат постојан пад, да не речам ултимативно назадување, ако институциите ни функционират (одвај) како пред три децении (па и полошо!), ако поголемите градови ни се гушат во нечистотија и загаден воздух, ако веќе одамна сме констатирале дека рапидно се намалува бројот на стручните, компетентните поединци или тие повеќе сакаат да го продолжат животот надвор, тогаш (претпоставениот) напор на политиката за внесување на државата / општеството во европското семејство е безмалу залуден. Зашто, можете да имате (про)европска политика, ама ако општеството, сосе сите државни органи и институции ви се се’ уште на балканско ниво, каков ќе биде резултатот од интеграциите? Би имале номинална интеграција со де факто реална балканизација, ако не и полошо?

Сакам да кажам дека често, многу често, (барем) оние партии коишто се навистина проевропски ориентирани забораваат дека тие не се центарот на државата и општеството, дека нивниот статус во општеството е сепак лимитиран на поголема или помала група луѓе со иста „идеологија“ и (делумно) одлучувачка улога, но тие ни се најкомпетентни ниту се семоќни. Оттука, во општества со вакви аспирации визави состојбите како нашите, особено (и) во мултиетнички општества од овој тип, политиката не може без поширока општествена поддршка, без соодветно изградени институции, без интеракција на сите општествени столбови / сегменти чијшто придонес во актуелните евроинтеграции е речиси решавачки. Зашто, која фајда ако вие имате, на пример, извонредно Министерство за надворешни работи, со проевропски министер и надворешна политика градена според европски теркови ако, повторно на пример, мрежата на дипломатско-конзуларните претставништва ви е етно-партизирана, во голема мера неспособна, неука, дури кримогена (каква што беше малтене до вчера)? Како таа „продолжена“ дипломатска рака ќе ги функционализира базичните државни интереси во странство, и тоа според европски стандарди? И ако овој пример, сосема случаен, го прострете низ целата држава, во сите области, а особено на пониските општествени рамништа, добивате – што? Ако генералните политики, дури и во најдобар случај, промовираат проевропска и демократска атмосфера ама институциите што треба истите да ги доразвиваат и аплицираат во праксата таворат во мракот на минатиот век, какви резултатити можете да очекувате? Речиси никакви односно добивате тотален дисбаланс помеѓу (условно) државните политики и нивната реализација, добивате активна држава и пасивно општество, добивате квалитетна „власт“ а неквалитетни „поданици“! И повторно имате дисфункционално општество, општество кое не може да се обедини себеси и да делува интерактивно, не умее / не е способно да ги следи поставените (заеднички) цели!

Неодамна, во престижниот Financial Times се појави едно интересно писмо со парадигматичен наслов од писателот Џејмс Хејзл: „Johnson must learn how to take the rest of the union with him“! Се разбира, се работи за Борис Џонсон, актуелниот премиер на Велика Британија, кој едноставно заборава – а писмово го потсетува – дека Велика Британија не е само Англија, дека тој ги заборава Велс и Шкотска, а впрочем неговата партија нема ниту едно место и во Северна Ирска! Што ќе рече дека победата на Ториевците е сепак само „англиска победа“, што не го опфаќа целото кралство односно целата држава Велика Британија! Таа фактичка победа сепак не го обезбедува потребното единство на целата држава. Алузијата / пораката е јасна: парцијалните победи се сметаат, се разбира, но тие не ја носат автоматски и поддршката од сите. А таа е неопходна, витална во клучни моменти каков што е нашиот.

Оттука, која и да е политичка опција на власт, а особено оваа со социјалдемократска провениенција и нејзините досега најефикасни резултати, не може да се потпре само на балансот на своите политики тоест на политиките на коалициската Влада. Особено не на планот на евроинтеграциите, зашто тоа прашање го тангира целото општество. Зашто тој нивен коалициски баланс – ако воопшто го има – како да не го гледа длабокиот општествен дисбаланс во генерално сите негови сегменти коишто континуирано заостануваат во имплементацијата на главните правци на процесите, па дури покажуваат и спротивни / спротивставени резултати коишто бргу ќе ги поништат евидентните напори на власта во таа насока. Затоа и се бараа(т) широки општествени реформи, затоа и се бараа(т) стручни и компетентни поединци (наместо етнопартиски коалициски апаратчици) на сите – и буквално сите – управувачки места во органите на власта, во државните и јавните институции, во правосудството, во Собранието … во сите сегменти каде може да допре власта. Секој компромис во таа насока е удар на евроинтегративните процеси како витална заедничка општествена цел! Затоа, впрочем, во отсуството на таква широка акција од страна на власта и особено заради некритичкото повладување на етно-коалициските апетити, куцаат / пелтечат едно чудо важни државни / општествени институции држејќи го целиот процес во место. Се чини дека тука се крие барем делче од нашите неразбирања на некои пријателски гласови од меѓународната заедница: дека евроинтеграциите не се добиваат (само) со напишани стратегии и закони со европски знаменца туку со широки и суштински општествени реформи и компетентни поединци во сите сегменти! Или, ако баш мора и со примери: што ако во културата имате усвоена Национална стратегија кога еден министер за култура излегува јавно и бара забрана за игран филм? Или, ако сите директорски места во културата ги делите (буквално) не според стручноста и квалитетот на кандидатот туку според партиската припадност? Што тогаш, и така ли сме ги завршиле сите реформи?

1 thought on “ИНТЕРАКТИВЕН ДИСБАЛАНС

  1. Анализата ти е од аспект на тоа што се случува. Фактички дејствуваш врз последиците. Ти не си свесен дека постои причина за сите проблеми= кризи, војни, сиромаштија, исселување, правење сојузи, тероризам и др. Еве еден мој коментар даден на пријател, можеби ќе сфатиш дека не си во право………..Goce Popovski.
    24.12.2019 11:24
    Гоце, тој излез што ти го сметаш за единствен, е многу тежок пат, а ми се чини и болен. Убеден си дека друг излез нема, многу грешиш, има и тоа многу полесен и безболен. На тебе, а и на сите луѓе не им е јасно дека сите проблеми вклучувајќи го и проблемот со државата се последици на погрешно устроен систем. Од системот произлегува создавање на понуда за која не се пуштени пари на име куповна моќ. Таа понуда се создава најмногу кај богатите држави и предизвикува потреба од пазари, но сега со сила и мудрост. Сила е со растварање на војни, а мудрост со правене на сојузи воени и економски. За да се оствари целта, да се продаде понудата без покритие, се условува, се поробува, дури и се раствара војни. Англија сфати дека е уценета со услови кои се во корис на Германија и Франција, а што останало за нас. Кога е така, решението е да ја утврдиме и отстраниме причината поради која се создава понудата без покритие. Тогаш потребата за пазари со сила ќе престане и нападите врз сите држави и врз нас ке престанат. Која е причината јас ја утврдив и за неа и книги напишав, а на Фб веќе 10 години пишувам. Свести се читај и раскажувај на сите, кој и да сретнеш, само обединување на тој план и отстранување на грешката, тој е единствениот излез.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s