Category Archives: Култура

ПОЗАЈМУВАЧИ

Ми се допадна насловот на Ѕвездан Георгиевски „Ајде да се правиме глупави“. И соодветсвува со неговата тема за јазиците. Ама не сум сигурен во правењето односно дали ние, или барем некои од нас, навистина се прават глупави или, онака топтан, како народ, навистина сме тоа. Глупави, де. Како природна состојба. Со чесни исклучоци, се разбира, кои, за жал, ги нема многу! Но тоа е нешто што не се открива баш така лесно иако, историски – од подалечното но и од поблиското минато – се’ оди во прилог на таа теза.

Префрлено на теренот на културата односно уметноста и потребата од апсолутно и целосно менување на нашите поимања, однесување и вреднување апропо европските стандарди, нашата глупост оди дотаму што ние и видливото го правиме божем невидливо, очигледното го замаглуваме, затвораме очи пред цел куп сомнителни (најблаго речено) „остварувања“ што ни го „красат“ градот, државата, институциите. Нашите „творци“ во недостаток на оригинална идеја или искра на инвентивност посегнуваат кон „позајмување“ (како еуфемизам за плагијаторство) и од таму од каде што тоа не смее да се прави, а сето тоа го прават јавно, што би се рекло – транспарентно, со сесрдна поддршка на државата. Или, поточно, системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество. И тука, можеби, не е толкав проблем плагијатот на некаков докторат на некојаси шушупатка докторка – иако оваа фела, но и не само таа, како да станаа шампиони во оваа дисциплина – туку истиот чин стана доминантен на ниво на држава, експремиер, институции, уметници итн. Впрочем, пред извесно време, токму на страниците на „Слободен печат“, јавно беше разоткриен и плагијатот на еден „професор“ по историја на уметност.

Па така ние, се разбира, во оваа наша се’ поприсутна „култура на позајмување“ славиме кога ќе се изгради уште еден „Флатирон“, овојпат на скопска почва, на архитектот-плагијатор сигурно му дале и соодветен хонорар, платени паланечки „новинар(к)и“ се воодушевуваат на „билдингот“, фирмата се крева во облаци, а направиле – што? Му дале задача на некое гревче да ископира изглед на една (оригинална) зграда во Њујорк (1902 година, што значи дека доцниме барем 100 години!) и да ја тупоса во Кисела вода. И тоа го разубавувало „работничкиот кварт“. О Господе! Но, нели и на еден друг (попознат) архитект му дадоа дури и награда за изведбата на КОПИЈАТА на некогашниот Народен театар во Скопје, па сега ја имаме онаа т.н. златна шупа што само го имитира некогашниот објект и во која што од сите страни тече вода?! И некој кажа нешто? Се разбира, во оваа насока неодминливо е и „Скопје 2014“ како вистинска државна „апотеоза на позајмувањето“, каде пресликуваа (главно лошо, нели) историски стилови, фасади, детали … сето тоа комбинирано со наш локален „творечки“ зачин со што целата приказна добиваше екстраординарно бурлескни димензии. А во таа насока, секако и оние чудни “совпаѓања“ (најблаго речено) кај неколкуте „скулптури“ во централното градско подрачје – повторно финансирани токму од државата како најголемиот поддржувач на „културата на позајмување“ – со очебијни „сличности“ во инспирацијата на нашиве позајмувачи со некои познати дела низ светот. И иако има обиди тие „совпаѓања“ да се протолкуваат како сосема случајни, тие тоа не се зашто такви „случајности“ во светот на уметноста – нема! А кога овој тип локална „културна“ практика би го прошириле и со примери од издаваштвото, па музичкото творештво и слично, којзнае до какви размери би дошле.

Ваквиот чин на негување на своевидна „култура на позајмување“ испраќа катастрофална порака до Европа, но и до младите кај нас, до сите нормални луѓе. Ние, всушност – тие, не така одамна, прибегнаа кон овој чин дури и при изборот на идејното решение за новите пари (за што пишував во неколку наврати), и сите здружено (сосе некои „новинари“) глумеа дека „не се од тука“! Нормално, кога се пари во прашање, нели?! Не случајно интелектуалната сопственост односно нејзината кражба во современиот свет се смета за едно од најнеморалните злосторства. И не случајно целиот свет полага толкави надежи во заживувањето на заштитата на авторските права на сите полиња на човековата активност.

Оттука, македонската култура (и уметност), а особено критиката – толку колку што ја има – мора остро да реагира на ширењето на оваа појава, особено во визуелните уметности. Повикувањето на финесите на постмодерната, на преплетувањето на изворите на инспирацијата или на „дозволеното“ цитирање, преземање, преработка и слично е прилично тенко во нашите случаи на очебијно директно позајмување од познати примери. Што пак, комбинирано со стручното слепило на партиските комисии, со отворената поддршка од неуката државата и нереагирањето на критиката создава забуни и негува непримерени начини на однесување во културата и уметноста. Тој агресивен тип на малтене државно координирана пиратерија е апсолутно неспоив со европските стандарди и практики.

Advertisements

(НЕ)КВАЛИТЕТ

Прашањето на квалитетот во македонската култура (и уметност, се разбира) е прашање целосно заборавено повеќе од една деценија. За тоа не е заслужна само културоцидната банда што тероризираше десет години со нивните „квалитетни“ испрдоци од малиот мозок кои што се обидуваа да ни ги продадат како некаков наш дострел. Сериозното вреднување во културата ни е слаба точка од поодамна, дури и кога имаше некаква (уметничка) критика (како важен предуслов!), која што исто така е поим целосно исклучен од нашиот сегашен културен систем. Затоа, дури и да претпоставиме дека некогаш ќе ги исполниме (приближно европските) стандарди за човечкиот материјал како еден од основните фактори за квалитетни (културни) институции односно барањето за стручност, компетентност и моралност како основни „привилегии“ за какви и да се’ раководни позиции во културата (но и во целата државна управа), па дури и дека ќе елаборираме (и примениме!) некои од фундаменталните теориски прашања во културата, остануваат уште редица други финеси покрај кои што минува(в)ме некако лефтерно, незаинтересирано, дури благонаклоно, повторно со нашиот типично провинцијален изговор дека, на пример, стандардот за квалитет е доволно растеглив да може да покрие се’, па дури и очигледно незнаење, неспособност, неукост и – кич.

На пример, на сајтот на еден наш „музеј“ стои (буквално) дека тој е основан во 2006 година како „прв специјализиран национален музеј во 28 вековната воена историја на Македонија со кој се манифестира осамостојувањето на Република Македонија и борбата за слобода и стекнување на државна независност“! Не само што е смешно, туку е – за плачење. А „музејот“ има одвај околу 300 артефакти, и уште 1100 заведени предмети под „друго“! Ама токму тој го манифестира нашето осамостојување, и тоа во 28 вековната историја? Или, онаа бившана канчевистичка филмска „професионалка“ (која што во кино влегла преку сила 10 пати), во нејзината плачка до европскиот филмски свет вели дека неодамнешниот ФИАФ Конгрес во Скопје (во нејзина организација, некои велат како мала селска забава) да ти бил „значајно признание на Македонското филмско наследство уште од времето на првите записи на браќата Манаки до денес“! Мислам, колку глуп треба човек да биде за да напише такви нешта? Па и да верува во нив?! И каков квалитет можете да барате од такви „директори“? Според рецептот, ние не би ни требало да работиме – само конгреси да организираме?

Е сега, поимот квалитет, колку и да (за некого) изгледа дискутабилен, е неодминлив дел од културата / културната политика, иако таа, во принцип, не се занимава со тоа, но сепак мора да овозможи услови за негово препознавање. И да, во одреден миг, поимот квалитет може да биде прилично дискутабилна категорија, ама само во одделни сегменти, и тоа само како стручна дебата / полемика, но никако не може да се поистоветува односно подведува под вкус или допаѓање зашто квалитетот и вкусот немаат ама баш никакви допирни точки. Тоа што цела деценија полуписменана булумента не’ убедуваше дека ние нешто не разбираме, дека за вкусовите не се разговара … тоа се само проѕирни финти на неук популизам што профитира од глуп народ подметнувајќи му рог за свеќа. Типичен пример е она чудовишно „Скопје 2014“ кое што баграна сакаше да ни го продаде – со наши пари, се разбира – како „игра на вкусови“, како „anything goes“ и слични божем (ворхоловски) постмодернистички идиотштини. Впрочем, истото се случи и со целиот државен апарат: подметнати полуписмени уличари со платени факултетски (и магистерски и докторски) дипломи, до зла бога неук и корумпиран полусвет претставен како некаква политичка, културна, научна и не знам каква друга елита. И, нормално, истиот принцип беше применет и во културата и уметноста, и тоа не само во кадровската политика, што некако и ќе се преживееше, туку пред се’ во онаа суштинска страна на културата и уметноста, во културните програми и уметничките проекти чие квалитативно рамниште достигна невидено кај нас уназадување.

Мигот кога квалитетот на човечкиот материјал, на програмите на институции, на секој одделен проект за кој што се потрешени макар и минимални јавни пари ќе стане најбитно прашање, кога ќе престанеме да ги броиме „проектите“ туку ќе говориме за нивниот суштински квалитет, тогаш ќе можеме да говориме за некакво сериозно реформирање (па и редефинирање!) на културата и доближување до некакви европски стандарди. И понатаму, за квалитетот нема да се (само)фалат директорите на институциите, туку тоа ќе треба да го прави компетентна критика, ако ја има. Зашто, и тоа ќе мора да го признаеме, конечно, нема квалитет без компетентна критика. А во наши услови, кога таа е намерно замолчена, еден од можните излези е токму идејата на Владата за некакво инвестирање во медиумите. Ама тоа инвестирање треба да биде влог во критичките потенцијали на оваа држава – културни, уметнички, економски, образовни, научни … и секакви други – зашто (само) тие можат да бидат соодветен коректив на јавните политики. Згора на тоа, и лесно се мерливи: колку критички прикази – толку пари. Се разбира, тука не ги подразбирам оние секојдневни бла-бла-средсело собири на одделни телевизии, каде гледате едни те исти луѓе од кои, во крајна инстанца, и немате што сериозно да чуете. А компетентната критичка мисла можат да ја финансираат самите министерства за своите ресори, месечно, повторно според формулата колку музика – толку пари. А ако таа „музика“ е од оној тип што поминува низ шупливите „критериуми“ на јавниот сервис за финансирање на самонаречената музичка продукција, тогаш нека си ја плаќаат самите!

ТРОПРСТИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ

Кога говориме за стандарди, кај нас речиси ниту еден поим (во културата) не е компатибилен со европската култура. Говорам за суштината, не за формата, односно не дека ние немаме музеи, галерии, театри, библиотеки и слични „културни“ институции туку како тие функционираат, врз основа на кои и какви параметри (читај: стандарди!), со какви средства, со какви програми … И со каков кадар! Иако, по правило, секогаш се залагаме за некаква европеизација или професионализација на институциите, која што никогаш во праксата не ја спроведуваме. Особено во изминатата деценија, за времето на стравовладата на мафијашката киднаперска група, која што воведе свои (главно лично-уличарски) „стандарди“ за тоа кој е професионалец, односно кој и за што е стручен, квалификуван, компетентен. Иако и тука има извесни, нели, разлики, но тоа би било претерано ситничарење во наши услови! Или, подобро речено, они намерно ги измешаа сите поими, нивната форма и суштина, се’ со цел да се сокрие трагата на разноразните бараби кои под фирмата на завршен факултет – каков и да е’, а особено со дополнителни (главно ефтино купени) магистерски и докторски титули кои што никому не му служат ама баш за ништо – се шверцуваа на директорски и менаџерски позиции што бараа(т) сериозни професионални и стручни стандарди и компетенции.

Или, ви текнува ли на муабетот на оние две будали – бившиот премиер и неговиот шеф на кабинетот – околу идејата за музејот на македонскиот хорор (која што трета будала дури и ја филмуваше небаре македонско ремек „културно“ дело!) и како тие двајца си разменуваа нивни „умни“ ставови и планови за тој иден музеј божем се врвни национални стручњаци музеолози а не само две партиски шушумиги со неограничена власт? Е тоа е приказната за македонската професионалност во културата, тоа беше/е’ нашата културна стварност во која што секој може да биде што ќе посака, може да дели препораки, совети, да прави планови, да управува со национални институции како да му се некакво семејно наследство. Кога од највисока државна функција некој ќе постави таков јавен „стандард“, тогаш добивате приказна во која што буквално секој може да си закачи беџ дека е некаков фактор во некоја област, само ако беџот е солидно партиски верификуван и ако персоната, илити партискиот испрдок, умее да се фотографира со препознатливиот им знак на трите прсти на едната рака (што, наводно, ја симболизирал целоста на Македонија!). И тие и такви тропрсти „стандарди“ беа строго почитувани од злосторничката банда, како некаков знак, препознатлив код на некаква анахрона секта! Или, оние кои не се сеќаваат или не го слушнале „стручниот“ дијалог на двете спомнати шушупатки за основањето на музејот на македонскиот хорор, слободно нека го прочитаат писмото на онаа брбушка на пуфлата Канческа, онаа која глумеше директорка на Агенцијата за филм, а која што сега се жали низ белиот свет како некој овде ја сменил, а она не знае зошто, како она работеле стриктно по ПС, ама не кажува дека тоа ПС беше она на партијата на власт, па како она ти била некаква професионалка (останува нејасно во која област) и слични будалаштини. Таа дури го просветлува филмскиот свет дека и онаа криминална битпазарска зделка популарно наречена серија „Македонија“ била донесена во „crystal clear“ административна процедура! Заборава да го додаде само зборот „партиска“, што целосно ќе ја разјасни „процедурата“. И тоа за „професионалци“ од нејзиниот тип, овенчана дури со некаква “свечена грамота“, е врвен дострел во професијата на која што, всушност, никогаш и не припаѓала. Но, десетгодишниот културоцид во оваа земја спроведен токму од брбушки од тој тип ги остави во уверување дека тие навистина нешто знаеле и умееле, па сега запнале во тоа да го убедуваат и светот. И токму такви трампани „грамоти“, испазарени „проекти“, исцицани милиони и секакви „национални“ награди ги остави во уверување дека се некој и нешто во оваа култура. А сепак, кој ни е крив што ние цела деценија, самите срамејќи се од нивните злодела во културата како да се наши, не ги активиравме нашите контакти во светот објаснувајќи им ја вистината за Македонија? Ама затоа, сега, овие бараби да ти биле во „интелектуален, психолошки, социјален и политички шок“! А кога тие ја шиканираа целата македонска култура, десет полни години, од ден во ден, од месец во месец, тогаш другите не беа – во шок? Можеби беа во рајот, оној нивни, смрдлив, партизиран, криминален? И сега мислат дека заради нивната партиска професионалност не смеат да бидат сменети, па ни кривично гонети? Или треба да им подариме уште некоја грамота, како благодарност од упропастената македонска култура?

Но тие бескрупулозни натрапници поставија дузина (не)културни „стандарди“ кои што уште долго ќе се рефлектираат на македонската културна сцена. Тие партиски „стандарди“ од типот на брбушката и други (тропрстни) директор(к)и, на разноразни национално-партиски „уметници“, на лабилни полуписмени продуцент(к)и, на етноведети и остали квазипрофесионалци се вистинската смртна закана за денешната македонска култура. Зашто тие – а ги има премногу – всушност ја заматуваат реалната слика за тоа со што „на дело“ располага македонската култура и на што во иднина може да се надева. Само вистинската професионализација, онаа со име и презиме но и со реални биографии за стручноста и компетентноста, а вон недрата на партиските штабови, може да внесе сериозни и компетитивни стандарди според кои понатаму ќе се мери и одредува квалитетот како безмалу целосно заборавена категорија во културата и уметноста кај нас.

КУЛТУРНО ЦУНАМИ

Животот е минлив, и менлив. Политичките системи се минливи и менливи, тоа го видовме и „во живо“. Општествата константно се менуваат. Ако сакате, менливоста е суштината на универзумот! Па оттука и културата и уметноста се менливи. Освен кај нас. Или, ако некако се намолиме да ја прифатиме менливоста како несоборлив аргумент, барем да биде што помала, минорна по можност, и да не чепка во стекнатите / наследените права. Но, таква култура, таква уметност – не постои! Барем во познатиов свет. Ние би се’ да е по старо. И е’, што е најинтересно. Желбите ни се исполнуваат, како и на сите идиоти. Додека светот чекори напред во километри во културата и уметноста ние одвај мрдаме за сантим-два, често и во обратна насока. Влезете во некој од скопските / македонските изложбени простори и ќе видите уметност како од пред три-четири децении. Не само како израз туку и како организација, поставка, концепт … Кај нас луѓето уште си шкрткаат и си ги (пот)пишуваат имињата врз уметничките дела како пред двесте години во тунелите на египетските пирамиди или врз колосалните столбови на Карнак и Луксор. Ако пак ова се случува во национални институции, како ли е другаде?

Сосема слична ни е состојбата и во музеите, во театрите, не само со творечкиот израз што соодветствува на некое време пред половина век туку и со вкупниот третман на поставките, на изведбите, на односот кон публиката … Па нели го чекаа шутракон цел час за „концертот“ апропо нивното партиско „отворање“ на Филхармонијата? (Ако ги спомнам библиотеките ќе преминам веќе во средниот век, а не сум подготвен за тоа!). Кај нас уште сите сакаат да бидат на државниот буџет зашто се плашат од паланечкиот ум на општинските власти и нивниот „однос“ кон културата. Ќе ги остават на улица! И не дека тоа не е разбирливо, ама сепак – ова е дваесет и први век. Нештата и во оваа држава, без оглед што е на Балканот, треба да почнат да се менуваат, нели?! Ама ние, по ѓаволите, градиме „ново културно наследство“, и тоа врз старото културно наследство!!! Како на Плаошник, како на скопското Кале, како со објектот на Муличковски. Државата (секуларна!) се’ уште гради и цркви, и џамии! Знаеме ли воопшто во кој век живееме?

Нам (и) во културата и уметноста не ни се потребни трансформации, па дури ни промени, па нека се и со големо „П“. Нам ни е неопходен силен бран – некакво културно цунами – кое што ќе ги збрише старите односи, наследените „права“, закостените разбирања. „Новиот културен бран“ во таа смисла беше само летно ветре, иако навести некакви потенцијални бури.

Културната политика (барем во) Европа е политика на дилеми што постапно се разрешуваат, низ теоријата и низ праксата. Ние како да ги немаме. Дилемите. (Божем) се’ кај нас е познато, јасно, чисто … А не е, воопшто. Се’ е уште како, на пример, во осумдесеттите години на минатиот век, само многу полошо. (Тогаш, барем во ликовната уметност, имавме сериозни поместувања – еве, прв на ум ми паѓа Глигор Стефанов и неговите тогашни инсталации – а денес не знаете кој е поочаен: професорите на ФЛУ или нивните студенти!). Ние се’ уште живееме во времето на државните команди и се крстиме во нив. Но времето на командите одамна е поминато. Денес државата може, и треба, да влијае, но не да командува. Впрочем, тоа го имавме токму до вчера. Со очајно лоши, и криминални, команданти. Но македонската култура уште чека команди. Така и’ е покомотно, сака друг да и’ каже што и како да прави. Ама тоа да биде лефтерно, онака – благонаклоно, со молење ако може.

Европската теориска мисла (Бианкини, Ландри, Матерасо и многу други) размислува за дилеми во културата, во уметноста, оние од типот дали културата е уметност или начин на живот, за културната демократија или демократизацијата на културата, за уметноста како јавно добро или уметноста како кондиционална активност, за уметноста како субвенција или инвестиција итн. И тоа се дилеми од пред дваесетина година, што ќе рече дека денес се веќе разрешени, или на пат кон разрешување, низ културните политики на сериозните културни демократии. Тоа до нас не допира, дури иако е ставено во некаков стратешки документ со задоцнување од цели две-три децении. За многумина тоа е само лист хартија, а македонската култура се’ уште размислува за „категориите“ хонорар, профит, позиција, привилегија … се буни заради укинувањето на „националните“ уметници (кои никогаш тоа не ни биле, туку само минорни партиски послушници!), заради националните пензии итн. И да, и Европа мисли дека културата е неделива од националниот идентитет но, прво, на идентитетот гледа многу поинаку, а потоа, работи на зачувувањето на тоа што навистина е потврдено како национален идентитет во културата. Шведска, на пример, со право ги смета нејзините особени архитектонски традиции за дел од тој национален идентитет и како такви ги штити. Ние? Па ние си го имаме „Скопје 2014“ како наша „традиција“ во архитектурата! И дополнително, ние си ги чукаме главите колку високо треба да биде минарето на Али пашината џамија во Охрид! Ама никого глава не го болеше кога употребуваа динамит на Имарет, во истиот град!?! Оние од фамозната (мафијашка) Управа во тоа време се думаа само колкаво количество динамит е потребно, пред да ја дувнат некаде низ светот, на нивните познати туристички патувања?!?

Така, драги мои, ни се создава култура ниту пак се зачувува некаква културна традиција. Неа, културата, не можат да ја создаваат пробисвети залегнати во државниот орган надлежен за работите во културата, уште помалку можат да ја сочуваат бандити распиштолени во слични државни управи и агенции, кои и денес ни се смеат од истите места. Со такви пробисвети и бандити, но и со култура која што останува закостена во едно далечно време само заради своите лични и групни интереси, Европа нема ни да ја помирисаме. Иако, впрочем, таа иста Европа нема којзнае колку да жали за тоа. Но, ќе жалат нашите / вашите деца, внуци, младите генерации растени во овој апсурден „културен“ амбиент каде крадецот е ценет а уметникот шиканиран, каде партиската бараба или опортунистот добива национални награди а сериозниот културен работник шипки, каде неспособните етнодиректори се недопирливи заради партиски интереси а не заради нивната способност итн. Во една таква „култура“, културното цунами е неопходна, не само посакувана случка!

ЧОВЕЧКИ МАТЕРИЈАЛ

Што е првото што треба да се научи на патот кон стандардите и европските вредности (не само) во културата или, поблагоо кажано, кон некаква (нова) цивилизираност на македонската култура? Многу нешта, се разбира. Некогаш треба да се почне и од тоа дека на соговорникот треба да му се каже добар ден, да му се понуди да седне, или чаша вода, можеби. Да, треба и тоа, зашто некои наши (не само) „културни“ директори и „национални уметници“ ни тоа не го научиле дома! Иако некои ова, токму заради тие причини, го нарекуваат и домашно воспитание. Ама често изостанува, нели? А сепак, во една поширока смисла и тоа влегува во културните стандарди (кои што ги немаме) на средината.

Но добро, во насоката на европеизацијата односно стандардизацијата според европски терк во македонската култура, сосема легитимна чуденка би била: како ова кореспондира со најновата прогноза на Светска банка дека на Македонија ќе и’ требаат барем 30 години за да се доближи до стандардите на ЕУ. Или, ако економскиот раст даде гас и малку повеќе забрза, тогаш тој рок ќе се намали на 15 години!? Но, ова важи за вкупниот македонски стандард, не и за културата. Иако, повторно легитимно, некој уште еднаш ќе праша: а со што тоа македонската култура се издвојува од вкупната „Провинција Македонија“ па може да смета на забрзано фаќање чекор со европските текови во културата? Но, таквото прашање сеепак би било аматерско, зашто ако во нешто оваа држава се обидувала да држи чекор со светот, тоа биле културата и уметноста. Не генерално, не како правило, можеби повеќе како инцидент или индивидуални продори, но сепак! Впрочем, културата секаде, и секогаш, била една од движечките сили во општеството.

Од друга страна, можеби самиот поим стандард односно стандардизација во културата (во нејзиното потесно значење) е пресилен, или можеби недоволно јасен, иако во принцип и тука станува збор за вредности прифатени во средината. На пример: кои се македонските стандарди за еден музеј? И имаме ли воопшто такво нешто? Па – имаме, некакви, ама – ги почитуваме ли? А ако ги почитува(в)ме, ќе го има(в)ме ли оној Музеј на македонскиот хорор, или она недоквакано чудовиште наречено Спомен-куќа на Мајка Тереза? Па, за волја на вистината, и онаа хумореска викана Спомен-куќа на Тоше Проески? Или: кои и какви се тие стандарди што упатуваат на тоа дека еден музеј, или која и да е’ друга културна институција треба да ја добие „етикетата“ национална, што пак подразбира цела низа привилегии, но и обврски? Или, уште поконкретно: ако во (не така) далечните седумдесететти години на минатиот век во македонската култура постоеле одвај пет-шест национални институции, како тогаш, и врз основа на кои критериуми (стандарди) нивниот број по 1990та порасна на неколку десетици, за да денес заврши со над шеесет национални институции, (многу) повеќе од неколку европски земји заедно? Да, јасно е дека (и) стандардите зависат од политичката волја, како и се’ друго во оваа држава. Ама, ако говориме за влез во Европската Унија, па за компатибилност со нејзините системи, дури и во културата, нели е неопходно некакво усогласување? Понатаму, како што вели проф. Малески, ако повеќето македонски закони го „носат“ европското знаменце, а оваа држава е на ова дереџе, нели имаме сериозен проблем што вообичаено се нарекува – човечки материјал? Ама и тука, повторно, имаме проблем. Зашто, ако тој шкарт човечки материјал вообичаено го врзува(в)ме за злосторничкото здружение што ја зароби државата и ја киднапираше културата, зошто тогаш и денес слушаме приказни – веродостојни, by the way – за актуелни дивеења на истиот шкарт човечки материјал во културата, за (дури) малтретирање и изживување врз новите (в.д.) директори во културата, поставени од оваа власт? И навистина ли ништо не може да се направи во таа насока? И, понатаму, за што кука оној несреќен СОНК кој цела деценија дуваше во иста тиква со злосторничкото здружение, а сега наоѓа замерки што токму нивниот расиплив човечки материјал мора да се замени со нов? Што правеше нивното среброљубно раководство додека во Македонија, толку години во културата, образованието и науката се спроведуваше негативна професионална селекција?

Но, добро, ова можеби заличува на друга тема, иако всушност не е, иако и за човечкиот материјал, особено оној кој „се употребува“ за законодавни и извршни функции постојат стандарди и тие први се учат. И се почитуваат! Оттука и првиот стандард (не само) во културата е стандардот на стручност и компетентност, на квалитет и постигнати резултати во професијата. Значи „нешто“ што на ова парче земја одамна е заборавено или сокриено „под тепих“. И во таа насока, во земја каде не само факултетсткото образование туку и магистратурата и докторатот – така лесно и ефтино купливи како сезонско овошје – веќе не се никаква гаранција за квалитет, „минатиот труд“ односно резултатите во струката се едно од главните мерила за компетентноста. И тоа е јасен и лесно проверлив стандард. Па во таа насока, колкумина од минатодецениската злосторничка културна постава го допираа тој стандард? Речиси ниту еден, но затоа имавме домаќинки и биолози за директорки во уметнички институции, па државни скулптор(к)и без едно јавно видено дело, па државно-партиски архитекти без ниту еден изведен проект но волни да работат по нарачка на неизживеаноно фирерче, глупици за директорки на театри, неписмени продуцент(к)и … па следствено на тоа – зошто да не – и библиотекари за академици и пуфли за министерки. Впрочем, слика и прилика се заостанатине „кадри“ на злосторничкото здружение (и колаициските партнери!), оние од типот на „првите луѓе“ на Судскиот совет, на Антикорупциска, на Јавниот сервис, некои заостанати – дури и во вистинската смисла на зборот – и во културните инститтуции итн. Иако и на сегашната кадровска политика можат да и’ се прикачат слични забелешки, ама никако не во таков и толкав обем!

Оттука, човечкиот материјал мора да биде првиот стандард во новата македонска култура и културна политика – безпоговорно, безрезервно, безусловно. Сите дополнителни „услови“, оние од типот на партиско пријателски и други кривини во старт ја подриваат тезата за можни суштински реформи во македонската култура.

СТАНДАРДИ(ЗАЦИЈА)

Според сите наши локални „обичаи“ во првите денови на новата година да се пишуваат „умни“ предвидувања за тоа што и како ќе ни се случува, секој според своето поле на експертиза, се разбира, а на некои телевизии се појавуваат дури и јасновидци да не’ „просветлат“ за тоа каква наводно ќе ни била годината, јас во таков случај би требало да напишам нешто доволно паметно од областа на културата, односно да смислам нешто „провокативно“ како можно обележје на македонската култура во оваа 2018 година. Тоа е’ предизвик, секако, ама не знам колку јас сум видовит – или јасновид – во таа и таква насока. Зашто македонската култура е по правило непредвидлива. Таа не е од оној здодевен западноевропски тип каде се’ е однапред испланирано и очекувано, и на државен и на институционален план! Просто човек не знае како им се работи во такви услови на тие западњаците, нели, кога точно знаете што и како ќе правите не само за една или две туку и за повеќе години, каде институциите немаат само бомбастични имиња туку и еднакво бомбастични програми … Па дури и оние со помалку звучни називи и програми сепак си ја знаат улогата во културата на даденото општество, знаат што и како да очекуваат од државата речиси една деценија однапред и слично. А знаат и што треба „да вратат“ преку формите на културна презентација. Мора навистина да е до зла бога убиствено еднолично да немате за што да се расправате со „државата“ – што и да се подразбира таму под тој поим, односно дека не мора државата задолжително да има министерство за култура, како кај нас – при што речиси сите актери во културата знаат што и како ќе се случува со и околу нив неколку години однапред.

Во отсуство на таква моја способност, но и на соодветно „способен“ културен амбиент, можам само да се ограничам на она што јас би сакал да се случува оваа година кај нас, во културата, се разбира, и околу неа. Иако тоа може да разочара многумина, во повеќе т.н. културни дејности. Зашто, ако посакам(е), на пример, барем да започнеме да разговараме за некакви – нека се и локално македонски – стандарди во културата, ќе биде ли премногу? Можеби, за некого, или за многумина, кои упорно се затскриваа(т) зад провинцијалната логика дека ние сме си посебни (историски и културно), дека сме специфични (а другите демек не се!), дека сме дури и единствени (никогаш не разбрав во што, можеби во глупоста?)  и слични национално нарциосоидни будалаштини. Инаку, најавените реформски процеси (и) во културата треба да значат токму тоа: дека Македонија конечно ќе почне проактивно да прифаќа европски стандарди (но и вредности!) и во културата, се разбира чекор по чекор, со приоритети и селекција на најинтното и она што би можело да причека подобри времиња, итн. (Иако, вториов дел, оној со одложеното, ако го прифатиме здраво за готово, според нашите мерила би можело да значи дека никогаш нема да дојде на ред!).

Од друга страна, и да не сакаме, стандардизацијата ќе дојде на ред, ќе се наметне самата. Зашто во вакви (не)услови македонската култура тешко ќе преживува. Со сите стотина и кусур институции закачени за буџетот на Министерството за култура, со руинирани и посељачени (национални) институции со програми одвај адаптибилни и на македонските нови потреби а камоли на некакви европски, со етничко партиски директори кои со нивната неспособност сепак не одговараат пред никого … на таквата „култура“ можете однапред да и ставите крст. Или, поточно – тој е ставен, само треба поцврсто да го зариете во рофкото тело на македонската културна сцена! И се разбира, во целиот тој значаен процес на стандардизација на македонската култура, никако не ќе можат да се одминат разговорите особено за децентрализацијата, за партиципацијата, за континуитетите и дисконтинуитетите, за валидноста на нашето разбирање на основните поими што ја сочинуваат културната сцена (институции, културни работници, уметници итн.). Зашто, во овој наследен сегашен хаос на неспособност и некомпетентност, на самобендисаност и етно-партизираност редот ќе мора да се востановува „од врвот“ бидејќи еден голем дел од базата е целосно раскомотен и раскокодакан низ културнава провинција како на селско буниште. И веќе сите карти се измешани, поимите и компетенциите се целосно растурени: оној што бил еднаш до Солун, а да не збориме до Париз, веднаш е експерт за меѓународна културна политика; тој/таа кој(а) поднаучила да терцира под домашниот туш веќе е примадона на нашата музичка сцена; свирачите по свадби ни се првокласни виртуози а приучени полуписмени уметници директори на национални институции … Таков „културен“ амбиент просто рика за промени, за стандарди, за вредности. Ако умееме да му ги дадеме, се разбира!

ТРОШКА ОПТИМИЗАМ

Дијагнозата наречена „тапа џонсон“ искажана од премиерот Заев само пред неколку дена не се разликува којзнае колку од мојата наречена Jurassic Park. Тука некаде се, иако премиерот не ја употреби неговата во кумулативна смисла, за целото општество, туку само за еден нејзин сегмент наречен Антикорупциска комисија. Во мојот македонски „Парк Јура“ таа комисија односно нејзините членови се на рамништето на најниското скалило во исхраната на средината, нешто како глувци, или стаорци, кои што јадат се’ и сешто, главно отпадоци. И биваат изедени од предаторот наречен – политика. Овие нашиве некако преживеале, премиерот ги гледа дури благонаклоно, ги остава да одживеат уште некој месец односно ги препушта на предаторот време.

Но не е само таа разлика, се разбира. Исказот на премиерот од пред некој ден, кога беше спомната „дијагнозата“, сепак беше оптимистички, надежен, дури зачудувачки смирен и добронамерен. Моите дијагнози не се такви. Во мојов / нашиов „Парк“ односно во нашата нова стварност (главно прострена на културата) нема место за таков оптимизам. Или  – ајде да бидам малку добронамерен пред истекот на годината – има сосема малку. Оптимизам, нели. Тој се темели на неколку нешта: на волјата за квалитативни промени, на знаењата / можностите за истите и на довербата на еден добар дел од македонската култура вложена во новата стварност. Да, постојат уште извесни сомнежи – па и кај мене, ако сакате – ама генерално како да струи некој беневолентен дух, некаква нова верба во конечното ослободување на креативните потенцијали. Иако бројни се „тапа џонсон“ поединците и групациите (и) во културата, залегнати или заседнати врз нејзиниот грб во очекување на првите погрешни потези. Гласна е вревата на бившите агитатори и послушници. Па дури и на оние, и онакви, од заштитата на културното наследство, чиј што директен производ е и „Скопје 2014“, покрај останатото. Е сега тие ќе биле кооперативни, дури партнери. Ма ајде, ти се молам.

Но, слободата е нешто што се учи. Зашто, македонската култура де факто никогаш не била слободна во западнодемократската смисла на поимот. Се разбира, ние тоа го оправдува(в)ме со историското наследство (до 1945), со идеолошките стеги (до 1952, плус некоја), ама после тоа не може(в)ме да најдеме соодветно оправдување за случувањата во и околу неа. Како и да е’, периодот од седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век сепак произведе култура ослободена од многу идеолошко политички стеги, иако тоа не ја подразбираше и целосната, очекуваната слобода во вистинската смисла на зборот. Идеолошкото, но и секое друго заложништво се’ уште беше присутно, Партијата не така лесно ги тргаше рацете од културата, а богами и политкомесарите беа прилично агилни. (Кога сега би цитирал некои „искази“ на наши денес „видни“ академици и нови „демократи“, младиве би останале запрепастени!). Сепак, крајот како да беше видлив. Деведесеттите и новата демократизација на општеството ветуваа подобри перспективи. Се’ до криминализациите во 1998-2002 година, а потоа и од 2006 година наваму, кога се случуваше процесот на целосно киднапирање односно заробување на културата. И тој процес траеше малтене до вчера, а во некои сегменти трае и денес. И ќе трае. Она „инцидентно“ откажување на претставата во МНТ беше (само уште еден) доказ за тоа! И тоа важен, безмалу парадигматичен за актуелните состојби, па и за нивното натамошно ексалирање, ако сакате.

Зошто? Затоа што на еден огромен дел на македонската култура не и’ одат во прилог најавуваните промени. Тие сакаат – по старо, иако нудат кооперативност. Така им беше добро, во заробената култура неработниците беа примадони, некадарниците првенци, неспособните добиваа награди и државни пензии … Се добиваа според партиски заслуги или лични симпатии. И таквите не беа малку, напротив. (Ене ја, впрочем, онаа „националнана“ држи тврдокорни говори во странство! Ама ајде, и неа ќе ја издржиме.). Десетгодишната манипулација односно замена на квалитетот со квантитет и на неспособноста со партијност продуцираше исклучиво таков провинцијален (не)културен кадар кој што системот ни ги претставуваше како наша културна елита. Сега ги живееме неговите резултати! Прашање е само дали ќе ги преживееме!? Се разбира, немам намера подетално да се навраќам на таа лоша „театарска“ епизода иако, повторно, ја гледам како парадигматична, како чин на демонстрирање на силата контра новиот систем. Зошто? Па, на пример, затоа што никој, ама баш никој од таа „фела“, особено младата, не протестираше против барањето на употреба на гумени куршуми од страна на една нивна колешка, а контра „шарените“ протестирачи? Или и тоа им беше – нормално? А кога онаа покондирена тиква – повторно нивна колешка – бараше „долги ножеви“, и тоа ли беше нормално за македонската култура? И за нив како нејзини припадници?

Но, повторно, добронамерноста и оптимизмот наложуваат преку некои нешта да се премине зашто ова време е време на нов предизвик за македонската култура. И на дефинитивно ослободување. Време кое што мора добро да се (по)троши умно, рационално, разумно, реформски. И никако теснопартиски, уште помалку волунтаристички, популистички, „добронамерно“. Зашто поправен ќе нема, а од „добри“ намери стигнавме до пеколот. Трошките оптимизам се трошат многу бргу, а она малку неизвалкано што остана од македонската култура се троши најбрзо. Поточно, се троши нивниот ентузијазам, верба, доверба. А тоа се нешта што најтешко се враќаат. Ако еднаш се раслои и тоа ткиво, ако ветените реформи не ги дадат и посакуваните резултати, клекнатата македонска култура дефинитивно ќе падне.

JURASSIC PARK

Го читам г-дин Грчев како се воодушевува од цивилизацијата на Ѓобекли Тепе од времето на (не така) далечниот Неолит. И тоа навистина изгледа импресивно, дури и според денешни стандарди, особено наши, а сведочи за нечиј цивилизациски потфат од пред 10-12 илјади години! И тие масивни мегалити, седуметарски високи столбови / „платна“ од камен варовник многу ме потсетуваат на овие армиранобетонскиве во нашана „скулптурална композиција“ на плоштадон, кои што така самобендисано затворија цела една улица. А ги поврзува уште нешто заедничко: ни за оние на Ѓобекли Тепе науката се’ уште не утврдила што претставувале, ниту пак нашава сегашност има поим за што треба(ло) да служат овие нашиве. Сосе целата композиција. Некакви чудни историско актуелни мистерии и култови на луѓе од некои други времиња! И мислам, односно сигурен сум, дека футуристичките археолози во некоја далечна иднина исто или слично ќе се чудат кога ќе ги откопуваат нашиве култно вотивни монструми наречени според Аце Велики, татко му Филип, но и некои наши понови историски личности, набуткани на две-триста квадратни метри како некакво идиотско светилиште на еден малоумен изгубен народ.

Што пак ме враќа на мислата дека ние отсекогаш повеќе сме живееле во историјата отколку во сегашноста. Иако денес сме се вратиле многу, многу назад, можеби дури до времето Јура, што ќе рече повеќе од двесте милиони години во минатото. Или, за оние кои повеќе обичаат филмски метафори, во времето на познатиот „Парк Јура“ ! За (моја) жал, компарацијава не е моја, на еден пријател е, ама греота е да не се искористи. Зашто – сликовита е, точна е, сочна, животна. Дозволувам дека тоа е можеби само мое чувство, иако не е, сигурен сум, ама ние навистина почнуваме и амбиентално и психолошки да наликуваме на „Паркот Јура“ и сите оние негови праисториски жители, на еден целосно закатанчен некомпатибилен систем / амбиент со дваесетипрвиот век, на некаков историски себедоволен реликт апсолутно таинствен и речиси невозможен за разбирање. За другите, секако. А ние си се разбираме, „функционираме“, како впрочем и животинките во филмот на Спилберг. Инаку, и оној Isla Nublar, каде што е сместен измислениот „парк“, е чиста фикција, каква што впрочем е и оваа наша фантазмагорична FYROМакедоња во очите на светот, со нејзиниот „спор“ за името, со нашите историски специфики непојмливи за современиот човек, со толеранцијата за онаа „мека“ децениска профашистичка диктатура се’ уште неосудена од новата стварност на „островчево“, со сите наши актуелни глупости неспоиви со идејата за цивилизиран народ во втората деценија на дваесетипрвиот век.

Овој македонски Jurassic Park демонстрира речиси идентични или многу слични реалности како и оние филмските, особено во политиката, културата, образованието, науката, здравството … каде што владеат крвожедните t-rex (партиски, етнички, еснафски) банди што го тероризираат милјето, секој своето, се разбира, каде што, од друга страна, стада миловидни и милозвучни тревопасни диносаури шетаат низ зелените пространства несвесни за стапиците и опасностите што ги демнат, каде што силата (разбрана политички, етнички, економски)  секогаш била / е’ пред умот, каде се’ е можно и ништо не е остварливо ако е во рамките на некаков нормален, реален свет. За разлика од оној филмскион, нашиов „Парк“ веќе не е ни еколошки туку е до зла бога загаден од се’ и сешто, иако надлежните не’ убедуваат дека горењето дрва (кај не повеќе од 5% од жителите на Скопје) е изворот на оваа убиствена полуција, а не застарената „технологија“, немањето филтри, оние десетици диви депонии, стоте илјади „олдтајмери“ и автобуси токму од времето на Јура по улиците на главниот град итн. Целата стварност ни е на ниво на филм, само што не го режира Спилберг туку секакви примитивни маалски локални и национални будали кои од мали замислувале токму таков свет во кој што тие ќе бидат предаторот што ќе го тероризира комшилукот. Но затоа токму нашите филмови се (споредбено со бројот на жителите и финансиските можности на државата) поскапи и од оние на славниот режисер; нашите институции креираат свои виртуелни реалности во кои што имаат посета од дури десетици илјади посетители иако фактичкиот број на продадените билети е стопати помал; во македонската култура и модните „креатори“ се самостојни уметници (не знаеме само кога тоа ќе станат и берберине и чевларине!); кај нас професори по филозофија одлучуваат за споменици а сликари предаваат филозофија, оперски певци и театарски актери во слободно време се бават со државни удари а политичари смислуваат музеи и плоштади; оперски певици со инстант национална етикета од илјада евра месечно се плачат пред странски новинари како уште да се во времето на железните завеси … Ние дури имаме и радио-аукции на „уметнички дела“! И тоа со оној Кривиќ. Мислам, алооо, во кој тоа век живееме?

Далеку сме ние и од Ѓобекли Тепе и од секаков современ тип на цивилизација. Нашиот „FYROM Парк Јура“ е еднакво нестварна творба како и филмскиот Jurassic Park зашто е во некоја недефинирана тунгузија вон редовните европски дестинации, каде се’ е доволно реликтозно и мистериозно но и недоволно пролуфтирано од разноразни бараби со (божем) национални чувства. Но сепак, ќе не’ откопаат еден ден, токму како и Ѓобекли Тепе или Jurassic Park, белки и за нас ќе светне ден без (пра)историја и предатори! Или нема?

ИСТОРИСКИ СУДИР

На втора мисла, жално е сето ова што ни/им се случува. Многу жално. Мислам на оние оперски и други „културни“ певци, глумци и остала братија во притвори – затворски или домашни сеедно – кои глумеа патриоти, па на оние кои сега се преоблекуваат за да се солидаризараат со нив (иако, всушност, тоа не им е потребно зашто на челата им пишува кои се и што се!), но и на оние една-две директорки потенцијално обвинети за криминал(и) (или злоупотреба на службена должност, кажано нагалено!), а за некоја ситна сума во споредба со шлеперите пари однесени од културата. Добро, упатените велат дека „ќе падне“ и уште некој чувар, хигиеничарка или архиварка, односно таквите ќе одат јабана за сметка на крупните ѕверки кои, сега засега, остануваат скриени во еснафско партиските дувла и гледаат сеир. Иако, сигурен сум, и нивниот страв е реален, секако, подеднакво како и кај оние другине кои така здушно, дури жестоко, застануваа на говорницата на тврдокорните, дневно подбуцнувајќи ја толпата за конечниот крвав пир на 27 април. Жално е што такви луѓе, на еден или на друг начин биле или се дел од оваа македонската култура, со нивен поголем или помал придонес во нејзиниот развој, ама биле дел и од една онаква црна, злосторнички инструирана и убиствено криминална културна „политика“. Но, многумина од нив – велат: со право – се надеваат дека потрагата по злосторниците тука и ќе запре, ќе се застане на тие неколку „случаи“ како пример за другите. Можеби, иако тоа никого нема да излаже, уште помалку да амнестира. Како што не амнестира, уште помалку залажува и ова сегашново демек намерно преоблекување и идентификување со баграта. Некои злосторства едноставно – не застаруваат! Не само правно, туку и реално, животно, во меморијата на луѓето, во помнењето на македонската култура. Така што ние денес – или само тие – (ќе) можеме да глумиме дека сме ги заборавиле оние ороводци, па оние трагачи по злато, оние Александрови „вљубеници“ кои демек од патриотски побуди го следеа со државни пари секој негов историски чекор, не’ уверуваа дека му се на трагата, еден дури ни велеше дека на Аце Велики не му требал пашапорт да ја преминува границата. Тие истите градеа врз археолошки локалитети – ене им го цел Плаошник на показ, па Скопското кале но и сите други локалитети, други пак го ораа светот со државни пари и дневници во потрага по „стручни“ лични возбуди, трети стануваа национални продуценти и режисери со летни курсеви и полупразни глави, четврти израснаа во локални полуписмени културни шерифи кои се’ уште седат на директорските места. А ние ги толерираме. Да се чудиш!

Некои сакаа(т) тоа да го сведат на инцидент. Ама луѓе – инцидент не трае десет години! Ниту нешто кај она барабине беше случајно. Сите тие беа специјално бирани за извршување на одделни задачи во културата. И – ги извршуваа, без да трепнат, без да зуцнат. И сега ќе ни изигруваат мамини мази, културни галеничиња, пак истите ќе пеат по плоштадите, пак истите ќе се редат во редот за национални и локални проекти, па дури и за државни награди? И ќе се сокријат зад две обвинети сукњи? И културата ќе рече: па добро, доста беше, се прочистивме?!

Та зарем „Скопје 2014“ се самоизгради, како што некои денес сакаат во тоа да не’ убедат? Кој ги проектираше, кој ги градеше тие „згради“, тие „споменици“, низ кои и какви комисии поминуваа, кој потпишуваше во „државно“ име? Јас, вие? Или – тие: архитекти и градежници, философи и уметници, министри и заменици …? И каде отидоа толку пари? Кај мене, кај вас?

„Ние имаме судир на злосторничкото, митоманско и неуко општество, со цивилизацијата“, „судир на примитивците со демократите“, напиша неодамна Александар Цветковски[1]. Историски, епоален судир, би додал. И тоа, засега, е најточната дефиниција на македонските состојби во изминатава деценија. Но и денес, зашто состојбите не се битно променети. Примитивците се се’ уште тука, околу нас, во администрацијата – која што немало да се чепка! – во културните институции – каде исто така немало да има отпуштања, истите примитивци се се’ уште дури и на раководни места. Веќе утре притаените мотомани пак ќе тргнат во потрага по гробот на Ацета, другине полуписмени ќе најдат друг Плаошник да го ораат и да градат врз него, неукине од Управата за разнебитување на културното наследство ќе им издаваат нови дозволи и одобренија, ќе им даваат и нови пари, архитектине и другине пришипетљи ќе смислуваат нови циклуси „проекти“ ако не им се одземат лиценците … И културата уште ќе молчи, или ќе гледа сеир, па дури нема да и’ пречи ни фактот што веќе сите, цел свет ги сместува во истиот кош со тие, ги гледаат како обични криминалци?

[1] Александар Цветковски, Македонско-македонски судир?, Плусинфо, 01 декември 2017

ПРЕСВРТ, ИЛИ …?

Дали се навестува некаква нова македонска (културна) стварност со неодамнешниот „протест“ на филмските професионалци? Можеби, зашто секој протест, па и ваков, е показател на некои нови односи, поинакви размислувања, дури и иницијативи, или обид, како сакате, за одговорно вклучување во разрешувањето на децениските проблеми во македонската култура. Иако, признавам, не верував дека токму филмаџиите ќе бидат тие што ќе го кршат мразот на наталоженото „незадоволство“ или, подобро речено, на жалта за минатите добри (и богати!) времиња. Е сега, некои зборови ги ставам во наводници („протест“, „незадоволство“ и сл.) зашто пројавеното и не е баш некоја добра илустрација за поимите односно нивните основни значења. На пример, „протестот“ и не беше некој протест заради кратењата во филмскиот буџет, зашто барем половината од присутните имат однапред обезбедена работа за две-три години. Платена со наши пари, а ветени од пуфлана која глумеше министерка. Или, ако сакате, кога на тој „протест“ ќе ја видите и едната од дуото рифеншталки – демек еве и тие се бунат – се’ ви станува (по)јасно! Тоа некако му доаѓа исто како кога онаа тв шмизлана која милува узди му се потсмева на македонскиот клиентелизам.

Но, ова не значи дека немам почит кон „протестот“ на филмаџиите. Напротив. Иако, велам, очекував некој друг да го крши мразот. На пример, ликовните уметници – инаку заспани како локални дремливи трнорушки во децениски зимски сон – или можеби писателите, (не само) апропо последените циркузантски делења на светоклиментовите награди туку и заради сите нивни клиентелистички „колеги“ – од библиотекарон академик па надолу – кои така помпезно го извалкаа поимот писател во македонската култура … Но, повторно, филмаџиите изненадија, пријатно, се разбира, особено и заради самокритичката интонација на „протестот“. Велат: „помеѓу делата кои ги создаваме има катастрофални промашувања“, „меѓу нас, за жал, има и залутани поединци и нечесни профитери“ итн. Тоа не е лесно да се признае. Но – значајно е! Зашто само така може да се тргне напред. А тие очигледно тоа го сакаат. Прашањето е дали само преку еден „протест“ може да се измие сиот гнилеж наталожен во македонскиот филм?

Од друга страна, дали „протестот“ ќе се случеше ако нештата продолжеа по старо односно ако буџетот за филм останеше на рамништето на претходните години? Веројатно – не. И тоа е најголемиот проблем не само на македонскиот филм туку и на целата македонска култура. Ако некој сака да го види, се разбира. Некој ќе рече: мирот во македонската култура секогаш бил купуван со пари! И ќе биде во право, нормално. Ние не ги решаваме проблемите, ние ги (от)купуваме. Со пари – буџетски, односно народни. Вети повеќе пари и сите проблеми се решени. Филмаџиите не седнаа, како што впрочем доликува на една сериозна „фела“, целосно и професионално да ја разврзат приказната околу сите скандалозни „творби“ финансирани со државни пари а во партиски интереси, почнувајќи од разноразни александри и самоили, денови со или без име и слични идиотизми. Тоа впрочем (се’ уште) не го направи никој во македонската култура! (Освен, делумно, Министерството за култура!). Никој, а најмалку професионалните асоцијации или најважните македонски културни институции, не излезе во јавноста со прецизни показатели за сите криминали, узурпации и злоуптреби што ни се случуваа во културата во изминатата деценија. Та зарем злосторничкана банда самата ги правеше сите злодела во културата: во заштитата на културното наследство со пишење и бришење на заштитеното наследство, со градење на оној галиматијас на Плаошник но и во Скопје, со идиотштинине на скопското Кале … та зарем само во Охридскиот завод имало криминал … а во Управата за заштита не …?; во филмот, со сите оние преплатени „сценарија“ за наводни историски теми и личности, или за онаа демек мамутска серија (за која што сепак некој ќе одговара, ама благодарејќи само и исклучиво на нечии лични напори!); или во издаваштвото за сите оние стотици томови што сега скапуваат по разноразни магацини а беа одобрувани од библиотекарон кој за тоа беше промовиран во академик, но и од многумина други „еминентни“ писатели / професори, дополнително наградувани и со сите можни државни награди; па во театарот, почнувајќи со оној несреќен „нов“ објект за кој што (се’ уште) никој не одговара, ама заборавајќи ги и сите скапи „премиери“, па нововработени „глумци“, па самоволно зголемени плати …; во музеите со сите идиотски „поставки“ и криминални директори, со сите оние партиски кадри кои со години не одеа на работа а земаа плата, и се’ уште се таму а компањоните ги кријат дури и по повикот од Владата …? Зарем немаат ни професионалните асоцијации ништо да кажат за неколкугодишното бесрамно расфрлање со буџетски средства на име на божемно „откупување“ на слики, скулптури, нарачување сценарија, музички композиции и секакво друго „творечко“ ѓубре? Ќе почне ли културата самата да „се чисти“ и отсрамува одвнатре, наместо тоа во нејзино име да го прави политиката? Или македонската култура се’ уште мисли дека сите оние пари изнапикани по џебовите и сметките се – заслужени? И треба да се побуни само ако некој чепне во нив? Како и да е’, можеби пресвртов со филмаџииве најавува некаква возбудлива зима?