Category Archives: Уметност

СКОПЈЕСЕРИТИС

Еднаш напишав дека во многу блиска иднина, речиси утре, очекувам и големиот малоумен архитект, оној кој ни го смести „Скопје 2014“ како плод на неговите детски кошмари – зашто сепак не можете да кажете фантазии, резултатот околу нас никако не е плод на фантазија туку на нешто страшно морбидно – јавно, јасно и гласно да го попљука и изрезили. И ова сериозно го мислам зашто и тој не е толку глуп колку што го мислиме, гледа и тој што и колку е конјуктурно денес и овде (гледате како му текна за новата ера!), па зошто да не ушиќари и он некој поен. А и идат избори, секакви, ќе му требаат поените – рејтингот му оди накај нула! Затоа ова може да се случи дури и побргу отколку што очекувам, можеби веднаш пред локаливе, којзнае.

И сериозно, скопјесеритисот – не знам дали треба голема или мала буква? – како наша актуелна епидемија поприма неверојатни размери: секоја будала денес има што да каже, и општо и конкретно, да сугерира, па и да кара за неажурност. Очекувам оние двајцана, оној докторон на „иќ“ и онаа другана, како епидемиолози кои десет години ги гледавме зад грбот на грујокио, а и сега пак се тука, да се произнесат и по ова прашање и да прогласат епидемија од ограничени размери за која што во насловот сугерирам и име. И името и епидемијата ќе ги регистрираме, ќе ги заштитиме и ќе дадеме наш патриотски придонес во светските епидемиолошки учебници.

Зашто, извинете, ова веќе не се трпи. Кој како стигне зема пенкало или тастатура во рака и – бум: што и како да се прави со „Скопје 2014“. Од една страна разбирливо – молчеа десет години додека тоа чудовиште им растеше и се множеше во главниот град. Не смееа, што се вели, да писнат. Е сега, дојде живот. И што впрочем му требаше на премиерот да одговара – па баш и така искрено – на новинарски провокации за Ќосето? Добро, ај да речеме и дека не беа провокации, ама беше ефтино ловење во матно. Некој можеби ќе рече и дека беше прилично пресметано зашто веќе на сите им стана јасно, а особено на нашата седма „сила“, дека Заев преферира искреност и чесност пред се’, дури и пред својата кожа. И овие тоа обилно го користат. Инаку, тој елегантно можеше да одговори: а му го поставивте ли ова прашање на малоумниот архитект во 2014 година, кога беше подигнат тој споменик? Или прашавте ли, можеби, некој друг од тогашната Влада да ви појасни кој и што бил тој човек и зошто му подигаат споменик? И зошто баш таму? Иако сосема пристојно им ја „врати“ топката упатувајќи на соодветни законски процедури и постапки дури и за отстранување на една таква дивоградба – а денес веќе нема сомнение дека (и) тоа е дивоградба – и дека една сериозна влада не може да влезе со токмаци и хилти и туку-така да урива или преместува споменици. Иако, да повторам, јас како граѓанин чиј град го упропасти ова злосторничко здружение – но со, да не заборавиме, здушна помош на македонската бизнис елита која што сега мрсомуди за некаква демократија – сосема свесно и без трошка грижа на совест би се придружил на едно такво андерграунд дејание!

Но, актуелноста на првиот познат македонски масовен убиец кој доби свој споменик и не е толку битна во случајов, колку што се битни токму тие епидемиолошки размери на скопјесеритисот, што ги зафаќаат сите пори на општеството. Не мислам дека со такви широки „теми“ што задираат во животот на секој граѓанин треба да се бават само тесни и затворени стручни кругови ама, велам, фали уште Ќосето да стане и да почне да пцуе по тие кои му го направиле споменикот. Апропо, никој од оние наши фамозни новинари истражувачи не се ни обидува да го побара оној суртук од мистериозното Егејско селско здружение кој ни го смести овој споменик, ниту пак го прашува рускион мужик кој глуми скопски градоначалник и се одзива на името Коце, па да ги праша нив за и околу мотивите и „финесите“ за овој споменик. А можат да мрднат и чекор понатаму па да подистражат како течеле тие процедури за и околу експресното спуштање на Ќосето на таа локација, па кој пишувал рецензии како препорака за ликот и делото на монструмот итн. Ама ние, по обичај, се фаќаме за најлесното. И право кај премиерот.

А скопјесеритисот, ако веќе се развива во локална епидемија, нека се позабави малку и со пропратните епидемиолошки симптоми од типот на фрлените милиони евра во се’ уште недовршената Филхармонија, сосе „свеченото отворање“, па заостанатиот долг, па коктелите од десетици илјади евра и прашањето кој би требало да ги надомести тие пари; или со (не)условите во кои работи „фантастичниот“ ни Археолошки музеј како, претпоставувам, единствен таков музеј во светот без зракче дневна светлина, но и уште едно чудо дилетантски македонски „изуми“ во музеологијата реализирани во него, итн. А они: Ќосето па Ќосето. А пустиот – не може да се (од)брани иако е солидно наоружан. Што ли се’ тој би имал да каже? И зошто не им пречи оној Јустинијан, квакнат ко заскитано куче на кејон покрај Вардар, луѓе поминуваат и се чудат која е оваа будала седната овде ко на царски престол; или оној Самоил кој секојдневно се ежи што го снашло после Беласица па да мора сега да седи пред „Пелистер“ и да го гледа онаквото на Букефал?

Во крајна линија, нема ништо лошо ни во прашањата односно предлозите кои што, ете, по силата на нештата, беа толку долго премолчувани. Ама останува нејасно зошто оваа Влада сега треба да ги решава работите преку колено само зашто некому тоа така му се допаѓа или сака да биде актуелен. Во што тогаш би се разликувале од претходните, од онаа банда која што вон ум, разум, закони и процедури го инсталираше монструмот среде Скопје, а денешниве божем загрижени – гледаа. Некои дури и одобруваа. А сега, одеднаш: се’ морало итно, се’ морало веднаш, како да ќе ни избега денот. Не бега денот, ќе дојде, кога треба и како што треба!

Advertisements

ЗАКОНСКИ НЕБУЛОЗИ

Оние кои сакаат да се занимаваат со небулози и мисинтерпретации, со бесмислени лаичко партиски диоптрии за критериуми во културата или, подобро речено, со наивни местенки достојни на нашата (не)културна паланка, можат да го земат Законот за националниот уметник и – да уживаат. Такво четиво не е лесно да се смисли, па и напише. Усвојувањето одело полесно, сигурен сум, зашто во македонското собрание такви работи поминуваат глатко, по наредба. А читањето – тоа е посебно задоволство. Ќе остане тајна кој е авторот односно авторите на законот, тоест која е таа стручна фела што умеела така ступидно да ги навезе и групира сите оние „критериуми“ според кои оваа држава – односно некои токмаци во нејзино име – ценела дека некој кај нас заслужува да се нарече „национален уметник“.

На пример, во ликовната уметност, доволно било, како прв критериум за оценување, уметникот „да е добитник на најмалку три домашни стручни вреднувања, признанија или награди доделени на врвни манифестации од областа на ликовната уметност и фотографијата во Република Македонија“. Супер, само што законодавецот не кажал кои се тие „врвни манифестации“ од оваа област кај нас. Оние кои малку знаат за состојбите во ликовната уметност кај нас ќе речат дека такви манифестации ние немаме – ниту една, а не пак цели три. Но, ако сакате да се мајтапите односно да терате законска шега, тогаш ќе речете дека има – две, три, пет, колку што сакате – ама нема да ги наведете поменично. А тоа значи дека сте им оставиле на некои потенцијални шапшали во дотична комисија самите да си толкуваат кои се тие „врвни манифестации“. Па ако треба и да се фатат за гуша во жарот на дискусиите и промоцијата на својот кандидат! Се разбира, таа „комисија“, тие „стручни“ шапшали, какви што, впрочем, редовно гледавме во комисиите на некогашното Министерство на пуфлата, ќе требало претходно да решат / да се договорат што значи поимот „вреднување“ наспроти признание или награда, зашто законодавецот и тука си приуштил таква несекојдневна лефтерност за таков вид документ! Или, ако сакате, веќе на самиот старт – зашто ликовната дејност ја беа ставиле прва на листата на уметностите од каде што би се бирале националните уметници – имате неверојатно замешателство со недефинирани поими или можни произволни толкувања, што пак недвојбено води кон неквалитетни резултати. Сосема слични се и другите „критериуми“, на пример: листата на видни меѓународни манифестации (каде Александриското биенале стои како фактор иако во времето на носењето на законот тоа веќе не се одржувало, по втор пат!, па веќе претходно спомнатото Меѓународно графичко биенале во Љубљана како рамноправно на една Венеција или Сао Паоло, итн.), или зошто на листата стои и Биеналето во Венеција каде Македонија секако учествува како држава и тоа не треба да се цени паралелно и компаративно со другите манифестации, потоа што значи реченицата „да има учествувано или добиено награда на групни изложби во афирмирани светски институции на покана на светски критичари, или „да има реализирано најмалку една ретроспективна изложба во најзначајните музеи или галерии во државава или во светот“ итн. Просто – да не можете да се изначудите од незнаење, нејаснотии, произволности … Што значи тоа „да има учествувано или добиено награда на групни изложби во афирмирани светски институции …“? „Нашион“ такозвани културен центар во Њујорк нели е една таква „светска“ институција? Инаку зошто Министерството секоја година би давало пари за „наши“ изложби таму? И зошто тој „центар“ би бил полош, на пример, од една МОМА, во очите на некој македонски дебил кому „организацијата“ решила да му ја сошие на челото ѕвездата „национален уметник“? Кои воопшто за нас и нашиве „стручњаци“ се тие „афирмирани светски институции“, или пак „светски критичари“? Можеби оние кои славниот ни ДЛУМ си ги канеше да му ги „селектираат“ годишните изложби? Па според тој критериум цел ДЛУМ треба да добие титула национален уметник!

И кога ќе тргнете така малку посериозно од смислувачите и пишувачите на тој велелепен закон, ќе видите дека тука воопшто и не постоела намера да се сработи нешто сериозно, туку само да се протурка нечија сулуда анахрона идеја. Па после – ќе му мислиме, ама државата, доживотно, некому би му броела по две просечни плати. Што пак е уште едно „умно“ решение кое постојано би растело до незнајни височини, како што би растела и просечната плата. Или, ако сакате самите да пресметате, и тоа според сегашни износи, испаѓа дека државата би требало да му исплаќа на еден „национален уметник“ на триесет и некоја годишна возраст – под претпоставка тој/таа убаво да си поживее барем уште четириесетина години – отприлика уште 300 до 400.000 евра. Континуирано. И кога тоа би го помножиле со сегашниот број на национални уметници, па згора и оние кои ќе требаа да бидат вклучени во тој список во наредните децении, сето тоа испаѓа повеќе од една еврообврзница или некој друг сериозен странски кредит!

И, што е најинтересно, ниту еден од толку македонски „национални величини“ не ја осозна целата ујдурма – пред се’ со критериумите, па после и со се’ друго – целата игра сместена од полуписмени будали кои си играа мали богови (и) во македонската култура? Или – сите се надеваа да се најдат меѓу повластените, добитните, кога-тогаш, а приговори во таа насеока само би биле штетни, нели?

ПОДАРОК ЗА ВЕЧНОСТ

И сега, не треба да се крие дека многумина во оваа држава односно во нејзината „култура“ го видоа Законот за националниот уметник како чекмеџе полно пари, како седмица на лото – не знам дали оваа игра уште постои кај нас ама сеедно, знаат луѓето што значеше – па дури и нешто повеќе, многу повеќе. Зашто сите игри на среќа, па и наоѓањето на турското грне со златници сокриено во некоја дупка од страна на отоманците при бегството од славните илинденци е само еднократна среќа, колку и да е’ голема.  За разлика од тоа, фирмата „национален уметник“ претставуваше чист комитл’к (што би рекол Ранко Дакиќ), од Господа (подобро речено од „организацијата“!) даден подарок за вечност! А за него не требаше многу: само верност, посветеност на комитл’кот, и „исклучителен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста на Република Македонија, како и за нејзина афирмација во светот“. Врз основа на критериуми, се разбира. За првите два услови – верноста и посветеноста – немаше посебни критериуми и нив ги пропишуваше Господ тоест „организацијата“ на власт. И тука немаше проблем, барем ние во Македонија знаеме како тие се исполнуваат. А и она другото, поопипливото и врзано со придонесот, унапредувањето и афирмацијата на културата и уметноста беше лесно за штимање, особено ако за тоа се заложеше, прво, „големиот мал креатор“ на македонските нешта, и второ, пуфлата позиционирана како министерка за (не)култура. И толку! После, се’ течеше мазно.

(Апропо, на еден член на онаа мултиплицирана пратеничка банда во Собранието на РМ му запречил зборот пуфла, често употребуван од моја страна како најсоодветна придавка за една негова побратимка во бандата, инаку токму бивша министерка за некултура. Не знам зошто? Мисли дека придавката не е соодветна? И јас така мислам, ама тоа некако ми е најблаг израз за тоа суштество – не можам дури ни да речам персона, зашто тоа не е, никако, бидејќи персоната има персоналитет, односно индивидуалитет, што оваа го нема – и најсоодветен за вакво јавно обраќање. Се’ друго би било навреда, а ние, нели, сакаме да бидеме фини, дури и со такви суштества. Инаку, ако сте го читале најновиот извештај на Прибе, ова суштество е олицетворение на сите карактеристики на владеењето на системот на бандата во оваа држава. А пред се’ онаа за „киднапирана држава“, само што оваа си имаше киднапирано еден убав, богат сегмент, само за себе, оној таканаречен – култура. И во тој сегмент жареше и палеше, и буквално и метафорички, безмалу цела деценија, спроведувајќи ја, меѓу другото, и оваа малоумна идеја за македонски национален уметник!).

Како и да е’, овој македонски подарок за вечност, или наша локална Нобелова награда на доживотни рати, се доделувала според толку смешни, но и различни критериуми, токму онака како што кај нас се прави со туѓи односно со народни пари. Ама најсмешни се оние за „уметник од областа на литературата“, каде било доволно да добиеш една домашна и една странска награда и – оп: илјада евра месечно, до крајот на животот! А во однос на критериумот, изедначена по важност е наградата „Балканика“ со Букеровата или Пулицеровата награда! Стручно до немајкаде. Или, во ликовната уметност изедначени се наградите односно селекциите на „Документа“ во Касел со Меѓународното графичко биенале во Љубљана, што му доаѓа како „бог и шеширџија“, што би рекле србите. И се’ така со ред, редено и местено за одредени верни и посветени на партијата и на малоумниот „голем мал креатор“, просто можеш, меѓу редови, да им ги прочиташ имињата на сите потенцијални комити. Исто онака како што, впрочем, се правеше и со останатите државни награди. И тоа беше верижен процес: на комитите прво им се даваа една до две од тие награди (како еден од „битните“ услови за следното скалило), а потоа влегуваа во конкуренција за локалната Нобелова на рати награда! Функционален систем – милина. Плус, да трае сто години. И сите ќе се изредеа! Ама дојдоа овие со животот и им ги поматија сметките.

Но, и покрај веќе укинатата награда, добитниците ќе продолжеле да си ја примаат клиентелистички заработената сума пари и никого уво не го боли. Ниту еден од нив да се огласи, да гукне барем, да рече – не, благодарам, доволно беше. Навистина ли мислат дека ја заслужиле? На пример онаа певицана, со само петнаесетгодишен стаж на сцената, навистина ли верува дека дала „исклучителен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста на Република Македонија, како и за нејзина афирмација во светот“? И тоа на 37 годишна возраст (во моментот на добивањето на наградата)? Или славниот пијанист кој и’ свиреше на увце на бандата во незавршениот објект, на само 32 годишна возраст? А на народнине херои кои го дадоа животот за оваа земја се’ уште им ги кршат бистите по парковите? Која, и каква е таа (не)култура со такви „критериуми“ за вредност?!

НАЦИОНАЛЕН СРАМ

Некакво чудно (не само) македонско историско проклетство е кога  кривонасадени полуписмени „организации“ – модерно нарекувани партии – се мешаат во се’ и сешто, па и во државни работи. И не само таму туку и во културата, па и во уметноста. Зашто тие, во нивната неспособност, секогаш имаат проблем(и). Со сите, и со се’. Зошто? Па затоа што, главно, имаат неписмен, или полуписмен „кадар“ – пазете: кадар, човек ќе рече дека токмаците биле школувани и обучувани за ова што се денес, а всушност тие останале тоа што биле, такозвана сељачана! – кој не разбира подалеку од носот, ама ужива да се плетка токму во тоа што не го разбира. Е тоа е само наш изум, и производ!

Ене ја мојата „љубимица“ Бетка, ја оставиле на собраниска комисија самата да се бори со титански категории како „национален уметник“, а таа пустата не знае ниту што е тоа уметник, а камоли – национален. За неа, како впрочем и за целата нејзина (не само) културно неписмена партија, сето тоа е исто: занаетчија, пазарџија, водоводџија, кавалџија … алваџија за бозаџија … сето тоа за нив е с’што како исто, само ако тие решат – или, попрво, ако реши „главниот архитект“ – дека тоа и тоа е уметност. Па дури и со големо У. А впрочем, како инаку таква тутурутката ќе станеше главен архитект, па главен музеалец, па главен издавач … ако не со такви како Бетка, па библиотекарон „из Београда“, ама и некој други помошници во таа такозвана МАНУ, кои ја смислија, односно ја купија од Русија, Белорусија или којзнае која бусија формулата за „национален уметник“ и ни ја пресадија како Коце палмите. Па колку палми се фатија во Скопје, толку се фати и формулата пресадена од словенските браќа, и тоа во културата на Македонија во дваесет и првиот век. Да се чудиш колку оние југомакедонски комуњари биле понапред од оваа полуписмена булумента кога не сакале ни да помислат на нешто такво,  „во име на народот и партијата“! Кај овие – нема гајле. Што будалата (ќе) гледа, тоа будалата (ќе) прави!

Елем, наша Бетка, а низ нејзината „медна“ уста и нејзината крахирана партија, запнала да го брани неодбранливото, да брани изживеана формула, пресадена „палма“ однапред осудена на смрт односно сушење. Зашто, како и се’ друго што допреа – исушија, уништија, усмрдеа, запустија. И избрукаа уште едно чудо народ. Иако во случајот со националниот уметник „носителите“ самите се избрукаа, да не речам изрезилија, заради многу нешта. Прво и основно: не може денес да се трти еден уметник дека е некаква авангарда, некаква топ класа – тука и во светот – а да паѓа на усрани партиски формули наречени „национален уметник“. Да прифатиш таков статус значи да си (најблаго речено) провинцијалец, неук, неморален, тутмак, непринципиелен … Зошто? Зарем навистина треба елаборација? Мислам – не. Умните ќе разберат, „националните“ не разбрале ни тогаш кога ги бирале, нема ниту сега. Или, можеби, само се правеле дека не разбираат? И тие ли го живееле митот за стогодишното владеење на неписменине, па мислеле дека и нивното ќе трае?

Сеедно, ама и тоа многу говори за нив. Зашто, за да прифатиш, на четириесетина, или некоја година повеќе, да те озваничат за „национален уметник“ во втората деценија на дваесет и првиот век, па згора и во целата немаштија на македонската култура секој месец да инкасираш по илјада евра на име на таа будалаштина, е мора да си нешто малку од претходните „епитети“ (провинцијалец, неук, неморален, тутмак, непринципиелен …), ако не и сите заедно. А згора на се’, да го прифатиш тоа од рацете на оној фашизоиден диктатор и од неговата продолжена рака во културата наречена тетка Бетка, е тогаш мора да си и повеќе од оние епитети. И тоа е така и никако поинаку не може да биде! Добро, некои (со право) ќе приговорат дека слична беше постапката и за неколкумина навистина сериозни странски творци – од калибарот на еден Кундера, Ршумовиќ, Памук, Стопард, Милер … а во режија на полтроните од „Табернакул“ – ама тоа сепак не е исто. Зошто? Затоа што тоа сепак беше само  еднократна награда, иако повторно од шепите на диктаторот, во износ од 5 илјади евра. Износ што нашиве го инкасираат за пет месеци, континуирано! А до крајот на животот … ехееј, цела Нобелова награда! (Апропо, што стана со таа наша „престижна“ награда што божем ја доделуваше „големиот креатор“ на македонските нешта? Се загубија и полтроните што ја смислија и оној малоумнион „креатор“ што божем ја даваше. А зошто? Нема веќе светски имиња кои треба да се наградат, или секна изворчето, а малоумниот не сака да дава свои пари, научен е само да – зема?).

Тие кои сакаат да го бранат концептот на национелан уметник во дваесет и првиот век во македонската култура треба итно да го посетат проф. Чепреганов! Ако професорот е уште активен – се надевам дека е’ и во добро здравје. Зашто ум, особено креативен, кој прифаќа таква награда, згора и од такви луѓе, е – пореметен ум, или ум кој само се претставува дека е креативен, културен, прогресивен. Исто, впрочем, како и оној статус на „културен амбасадор“. Да умреш од смеење кој се’ не се стекна со таква резил титула. А за што? За две-три отпечатени книги, одиграни претстави, снимени филмови …! Ебави тоа „творците“, фашизоидни во умот како и вашиот (политички) ментор од кого што сега сакате „брже-боље“ да се раатисате. Е ама бељата – да беше барем само беља – ќе ве следи цел живот. И треба. Ќе си бидете во друштвото на изрезилените мртви поети, ги има доста: среброљупци, властољупци, наградољупци, ќе се споредувате со нив, можеби ќе влезете и во некоја македонска енциклопедија, ама ќе излезете – дефинитивно – од големата граѓанско патриотска книга на живите на оваа држава. Иако вашите ментори мислеа дека тоа е исто. Е – не е! И не може да биде. И не треба!

ЗА „ФЕЛАТА“

Годинава неколку пати почнував текстови за македонското нивинарство – или она што сака така да се нарекува – и за новинарската „фела“ (тие уживаат така да се нарекуваат себеси иако не разбраа дека тоа е погрден назив!), но секогаш кревав рачна велејќи дека тоа сепак не е моја работа, нека се стрват и колат меѓусебе (некој ќе каже подобро и не заслужиле!). Иако споредено со најголемиот број од нив сум соработувал со повеќе медиуми отколку што тие можат да замислат. Нејсе, но „случајот“ со вкочанетоно новинарче некако ми се гледа не само како парадигма на целата состојба во таа професија, туку и за сите „постреволуционерни“  состојби кај нас. А човечето е дибидус и буквално вкочанет – како да голтнал метла од која што не може да се ослободи при секое негово (некогашно) појавување на тв екраните. Можеби подобро би му оделе пишуваните медиуми? Можеби, ама веќе ги нема, сега остана само Героски, а детено црка по него и си ја сече гранката на која што би можел да седне! Евентуално, иако лично се сомневам во вкупните негови капацитети.

Како и да е’, си велам: јас не сум Героски, нема мене зошто да ми се лути, можеби ќе посака да го разбере ова малку пообјективно. И не дека Героски не е во право. Во право е сто посто! Ама има право и детено. На пример, дека тој барем избрал – погрешно, ама избрал, па згрешил, добро, и грешките се за луѓе – и последиците ги сноси самиот и, за жал, неговото семејство. Затоа е добро при такви избори човек здраааво да размисли што и како прави. Тој тоа не го направил. И очегледно станува свесен за тој ноторен факт, ама не сака докрај да го признае, како впрочем и илјадници други, па мисли дека сега некој му „суди“. Не, тоа никој не го прави, за жал, а можеби треба. Треба зашто нивното злосторство – мислам на медиумите каде што тие работеа – се вистинската петта колона во државава и морат да си го споделат делот од одговорноста. Ова што сега му се случува е – ништо! Ништо во споредеба со тоа што ни го приредуваа(т) толку години. Вкочанетата тв, и тој меѓу нив, можеби пократко од другите, ама подеднакво ефикасно! Сакам да кажам, а во контекстот на тоа дека кај нас се’ уште, ништо не е готово, дека ваквите случувања допрва ни претстојат. Дури и со вистински судски завршници. Така што ова не е ништо, ова е најбезболното. Неговото однесување од типот „јас не сум од тука“ само дополнително ја нервира јавноста. И тоа е уште посимптоматичното во овој „случај“. Навистина ли овој сој луѓе нема чувство за реалност, за професионалност, за објективност, не чувстувуваат ли никаква морална одговорност за состојбите во кои што ја беа втурнале државава со вкупната нивна работа? Згора, виновни испаѓаат оние кои што ќе се осмелат да им преречат, да им укажат на неморалното, непрофесионалното, дури предавничкото однесување. Па употребуваат и тешка артилерија од типот на „инквизиција“, заборавајќи дека токму тие запечатуваа судбини, ширеа пропаганда (најблаго речено!), ја туркаа земјата во пропаст од името и во полза на една малубројна злосторничка дружина. Никој со спротивно мислење нема(ше) пристап до нивните медиуми. И сега – некој нив ги судел? Не, ова е тек почеток, за многумина.

Иако, лично, мислам дека детево воопшто не беше во онаа прва лига манипулатори и клиенти на Злото. Не му ги загледував многу емисиите, редовно го прескокнував зашто беше некако блед, дури уплашен, по малку неук. Да не беше „одбраната“, ќе немаше ни „случај“. Ама, имам чувство дека намерно ги превидуваат ороводачите, а овој испаѓа жртвено јагне. Тоа не е и не треба да биде целта. И понатаму, иако и тој потег не е баш најдоблесен – демек: а другите што правеа? – има голема вистина во неговото дека извесни „професионалци (…) десет години години дремеа и земаа плати во режимските медиуми – пишани или електронски, а сега се истакнати провладини пера во ’демократските’ медиуми“. И понатаму: дека некои од нив „завршија и по владините кабинети како разни гласноговорници и советници“!

Е тоа е работа што „фелата“ мора да ја расчисти, ама не преку грбот на детево. И таа битка мора да ја отворат, јавно, зашто премногу доцнат. Како впрочем и во сите други професии, каде вирееше таква сорта гниди. А вирееше на сите страни! Ама некако почнавме да се правиме многу фини, да глумиме демократи од формат, да делиме пардон и каде треба и каде што не треба. А не треба, многу не треба. И ако вака ја тераме работата ќе стасаме – никаде. Ќе станеме општество на лицемери, на неморални суштества исти како и претходните, ќе ги заштитуваме „силните“ а ќе удираме по „слабите“. Затоа, не е готово додека не е дефинитивно готово. А ние – не сме ни почнале!

КОМПАРАТИВЕН ИДИОТИЗАМ

„Законот за компаративен идиотизам“ (парафразирано според Е. Шафак) како базичен, системски закон во живеачката на Балканиве царува веќе толку векови според цврсти одредби / принципи, а основата ја наоѓа во следното: кога сите се идиоти, никој не е идиот! Има, се разбира, уште цела редица умни мисли и сентенци што еднакво убаво го опишуваат овој балкански синдром, ама мене некако ми се допадна токму оваа. Зашто сето ова што континуирано го гледаме од деведесеттите години наваму, а што требаше да се нарекува од кон демократијата, не е ништо друго туку само подлабоко сплотување во идиотизмот. Некаде повеќе – некаде помалку, некаде појасно – некаде подзатскриено, ама секаде доволно речито и експлицитно за да никој не се почувствува навреден, или отфрлен, или не-знам-што-друго. Скраја да е’! На што би личело кога само ние би имале наше „Скопје 2014“ и само нам светот да ни смее, а албанскиот дел од популацијата да го нема „Плоштад Скендербег“? Плоштад над булевар – извонредна балканска измислица и придонес во урбанизмот! Или, ние да го имаме онолкав Аце, а тие Скендербег во минорни димензии? Затоа му треба (барем) поголем, повисок постамент. Сигурен сум дека не го прашале авторот (Тома Томаи) за дозвола така да му го нагрдат делото. Или ние да го имаме оној фашизоиден „Споменик на паднатите херои“ од нашиот локален Томче „Тинекс“ Бонд, а тие да го немаат оној маоистички плакат распослан по ѕидовите на „плоштадот“, од засега непознат ама нивни маалски автор? Сето тоа говори за видливи напори во нивелацијата на идиотизмот – едните да не се почувствуваат позапоставени од другите, или почествувани, или како сакате наречете го тој вид идиотизам што вирее кај нас.

А компаративниот идиотизам е како вирус, airborne, се шири со идиотски прогресии. На пример, зошто, повторно, само ние да го имаме „Скопје 2014“ а соседен Белград да се резили со стари идеи и идиотизми? Го смислија „Белград на вода“, иако со прилично различна „естетика“ и финансиски импликации но со истите балкански идиотски методи на присила и притисок, манипулации и автократија … А идиотизмите можевме компаративно да си ги мериме во сите домени на живеењето, особено во политиката и владеењето (повторно ние и Белград како брат и сестра, ама и со Хрватска, Црна Гора па и другите во регионот), во културата (пак истата дестинација северно, на околу 450 км.), во загадувањата (иако тука сепак сме шампиони), во корупцијата итн. Затоа и кога некој, во даден миг, ќе посака да излезе од прегратката на тој компаративен синдром, како новата политичка ситуација во Македонија на пример, тогаш следува реакција како (повторно) северните кошавски ветришта среде јули, а очекувани се и друг тип на одговори во вид на некакви измислени временско-политички непогоди. Зашто, ако некој посака да излезе од маѓепсаниот круг на идиотизмот, веднаш се менува целата констелација на односите и геополитичката слика на идиотизмот, па камерите зујат и се вртат кон поинтересниот, понеобичниот кадар и се покажува дека не се баш сите еднакви на дното на пеколот, дека може и поинаку, и подобро.

Оттука, овие рецидиви на едно мртвородено време (ама и луѓе!) какво што беше груевизмот и неговата номенклатура, задоцнети во нивната минатост и минливост, предизвикуваат само кисела насмевка, понекој лош збор или можеби дури и пцост, ама не од немоќ, како што беше порано, туку повеќе од сожалување. И надеж дека навистина станува збор за заостанати „долгови“ на менталитетот и практики што запираат тука. Ако е тоа последното камче во идиотскиот мозаик наречен „Скопје 2014“ – платен и преплатен со наши пари во туѓи џебови – ајде и тоа ќе го голтнеме. Иако со голем срам дека вакви нешта може да се случуваат во втората деценија на дваесетипрвиот век, а особено после сето она што го гледавме низ централното подрачје на Скопје. Ама и со ветување дека опашките тука прекинуваат, дека баграта не може понатаму да диктира свои „естетики“ и „културни политики“, и секакви други политики, се разбира, дека девастирањето на македонскиот (не само) културен простор конечно мора да заврши. А на сите оние клиенти на бившиот режим кои очигледно веќе нашле приклучоци и се уштекале и во новите политики мора да им се исклучи струјата. И ефтината и скапата (иако тие обично работеа на најскапата струја!). Ним конечно треба да ги фати мракот, ист онаков каков што му товареа на македонското општество во целата измината деценија. И тука нема и не може да има пардон за никој од таа криминална булумента, без оглед на нивниот (октроиран) општествен статус, „важност“, „заслужност“ и слични будалаштини. Единствената нивна заслуга и важност е времетраењето на претходниот режим, кому тие и нивните поддршки му подарија цели десет мафијашки години. Таа „културна“ банда професори и режисери, актери и сликари, книжевници и сценаристи, музиканти и секакви други „анти“ беа срцевината на македонскиот компаративен идиотизам, наш придонес во историјата на човечката глупост на овие простори. Нели е време да речеме: доста е?

НЕ Е ГОТОВО

Никогаш не е готово додека дефинитивно не е готово. Овие ништо не се сеќаваат, дури „не паметат“ ни како, ниту каде ги трошеле државните пари од картичките – пуфлана дури „не знае“ ни дали ги трошела од нејзината или од службената картичка – некои, се покажува, имале и двојни (можеби и тројни?) идентитети (од Г.Г. на В.В., а можеби и „нешто треќе“!) па сега државава не знае кого всушност бара, тврдокорнине пак ќе маршираат – а „промаршираа“ и на сцената на СВП, каде од првите редови, повторно, се ѕвереа истите петрифицирани лејки, само Паскалчо по правило ѕиркаше од третиот ред – градежните работи си продолжуваат со забрзано темпо да се фатат роковите … И – било готово?! Што? „Скопје 2014“? Како да не! Од Плоштадот „Скендербег“ се возвишува нов соцреалистички етно-ораториум како современа „замена“ за некогашниот „кубистички ораториум“ (Б. Петковски) на Борко Лазески во старата Железничка станица во Скопје. Овој е само неколку стотини метри кон Север, и на отворено, луѓето да не се мачат да влегуваат во разноразни објекти за да го видат. Денес побрзо се живее, се нема време за губење. Впрочем, додека ние педесетина години се каниме божем да го обновиме стариот, некој се сетил да ни направи – нов! Е сега, не бил таков, бил ваков, бил онаков … бил смешен … па смешно е и времето во кое што живееме, нели? Кога би тргнале по логиката на смешното, би умреле од смеење! А и споменикот на Скендербег добил нов постамент, речиси идентичен како оние некогашни два на српските престолонаследници, лево и десно од Камениот мост. Чиста „Постмодерна“!

И според австралиски стандарди – земја која што апсолутно не е за потценување – кај нас ќе биде готово дури после 138 години, што ќе рече некаде во далечната 2155 година. Тогаш, можеби, ако ги достигнеме австралиските височини на размислувањето, ќе почнеме сериозно да се занимаваме со прашањето на „Скопје 2014“. Зашто ним, на австралијците, со сиот нивни демократски бекграунд, им требале точно толку години да се свестат дека споменикот на оној Џејмс Кук во Сиднеј им раскажува лажна приказна, па едни посакале да ја менуваат само таблата а други богами и да го урнат целиот споменик. Не знам дали нашава група за „Ск 2014“ ќе издржи до 2155 година за да се’ биде готово, иако не знам дали и во тој рок ќе се успее се’ да се заврши.

Како и да е’, приказната продолжува, со добро темпо. И иако, ете, дури и од Полска не’ прозиваат за нашите „етноцентристички модуси“, немам ама баш никаква намера да анализирам – иако не знам дури и што тука би се анализирало – нешто околу т.н. мурали за Скендербег. А би можел, зашто знам некои од решенијата што беа нудени на конкурсот, пред година-две. И кои што се како бог и шеширџија во однос на ова што го гледаме, а кое што некој сака некому да му го продаде како мурал односно како уметност. Дури не би се согласил дека тоа е етноцентристички модус. Тоа, за мене, е – идиотски модус, па кој како сака. И не гледам што тука би требало да се додаде!

Но, да се вратам на времето, она после некои цирка 140 години, кога ќе ни стаса од газот до главата дека тука нешто не штима, дека ова околу нас е чист идиотизам, белки тогаш нема повторно да формираме работни групи туку ќе излеземе, тоест ќе излезат, здушно македонци и албанци, со чекани и хилти в раце, па и багери ако треба, и ќе ги решат овие лепешки. За некои не ќе треба мака, самите дотогаш ќе се распаднат во прав и пепел, последново „ремек дело“ сигурно, но врз тоа што ќе остане – бронзата не е така лесно разложлива – ќе мора конечно да се интервенира. Иако тоа може(ло) да се направи и вчера, и денес, па и утре, ако сакате, и животот ќе ни тече(л) еднакво среќно по истите патеки. Зашто тука воопшто не е во прашање Скендербег или Аце Велики, Ченто или Гоце, Питу или едикојси. Тука станува збор само за алчност, коруптивност, криминал … и ништо друго. Но, како сакате, можеме и да причекаме, што се пак 140 години наспроти вечноста?

image-0-02-04-bbea1bc2b080bae05404813f9dde0f9fc8bef2fbdbe1318dc615ee466e6fea5a-V

Инаку, дека ама баш ништо не е готово и дека секој овде може да прави што ќе му прдне на памет покажува и најсвежиот пример пред училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела вода, каде некоја будала, веројатно со амин на „големата“ глупица (не е техничка грешка!) која што глуми градоначалничка, распослала две голи (гипсени) жени среде тревникот и мисли дека завршил голема работа! Затоа, пред да викаме по Скендербег, ѕирнете си во дворот – училишниот, малскиот, домашниот … Со ваков народ никогаш не е готово!

image-0-02-05-096d45ff0e472657e3332647db597a451056ee834cab39fab57c7616dc61e041-V

ПАЛАНЕЧКА МЕЛНИЦА НА ДУШИ

Какво време дојде, ако не се изјасниш за Дарко Лешоски барем со збор-два како да не си (од) тука, како да си на некоја друга планета или барем некој од оние астероиди што зачестено профучуваат покрај нас. А јас дури да кажам „а“, човеков крена раце од нас. Подобро и не сме заслужиле зашто уште еднаш, по којзнае кој пат, ја покажавме целата разорна моќ на македонската паланечка (не)култура, толку длабоко вкоренета во македонскиот јавен простор. Барем да му дадеа шанса, па ако / нека ја прокоцка и тогаш да имаме за што да го критикуваме. И да го смениме, и да му удриме ќотек, ако треба. Вака … Но, можеби и му направија услуга, зашто и не е некоја посебна чест да бидеш претседател на Управен одбор на Струшките вечери, онакви какви што ги наследуваме од неписмената орда. А во тој Управен одбор само Лешоски им засмета? Оние другите, оние анонимуси покрај него – тие се ок? А оние претходните? Но добро, и тоа е ука, и на тоа треба да се учат младите, па кога ќе станат пет-шеесет годишници, тогаш државата (повторно) ќе им даде шанса! Не знам што и како ќе направеше Лешоски со Струшките вечери. Веројатно имал некаква идеја инаку не би се нафатил на работата. Нема да дознаеме, во блиска иднина. Но, признавам, ме допре неговата претходна „исповед“ на неговиот матичен медиум – ФБ! И бидејќи го споредуваа со некои повозрасни и демек посериозни претходници на Струшките вечери, ќе се осмелам да кажам дека многумина од тие „заслужници“ на македонската поезија и култура во животот не напишале толку бурен и животен текст!

Но, она што беше уште помизерно беше поистоветувањето на младиот поет со еден возрасен … ај да не кажам што … кој исто така, демек, „се откажа“ од понуденото функционерско место. Е тоа е уште погрозната страна на паланечката мелница на луѓе, кога ве поистоветуваат со секакви, па и такви, а со кои немате ама баш никаква допирна точка, освен фактот, или актот, дека сте постапиле слично во дадена ситуација. Иако ни ситуацијата ниту постапката не е слична, апсолутно! Уште помалку луѓето. Ама паланката не бира средства и методи, не бара да ги согледува нештата трезвено и објективно, туку работи методично по принципот на дискредитации, гласини, „мислења“, „ставови“ … најчесто од тотално некомпетентни луѓе. Да, разбирам што е демократија и јавно мислење, особено потребата истите да ги имаме денес и овде – некои ќе речат дека за тоа се бореле, јас не, не’ сум се борел за ништо, можеби сум се залагал за нешто а тоа нешто, ете, добило шанса – ама се’ има свои граници. Или барем треба да ги има. А тие граници ги поставува вистинската култура, онаа на културната демократија, на културниот дијалог, на правата на единката, па и на фактот дека никој не е виновен додека не се докаже спротивното. А детево го осудија на жими мајка, прво само затоа што е млад, што е најстрашно, а потоа и заради тоа што бил неискусен – демек Струшките вечери едно искуство, па, па, па – а во крајна линија најгласни беа коментарите зошто тој а не јас, или нешто слично, а ова вадеше очи меѓу редови! Некои кои се немаа огласено цела деценија, кои не кажаа збор за злосторничкото здружение и нивните криминали, сега кренаа глас. Демек – во одбрана на демократските права. За разлика од тоа, ниту еден, или сосема мал број, регистрираше дека еден од симболите на македонската пролет, новинарот Кежаровски, ја напуштил земјата во потрага по подобро денес и утре. Тој, имено, не го заслужи нивното демократско внимание, ама детево – да, само заради фактот што сакало да се нафати на неблагодарната работа (тоа го потпишувам уште еднаш!) наречена Струшки вечери на поезијата.

И овде веќе започнува да работи и паранојата, мојата секако, дека паланката се има удружено во интерес токму на тој мастодонт на македонската (не)култура – иако некои сакаат да го прикажат како перјаница на македонската поезија и симбол на македонскиот идентитет, што е чист нонсенс во даденава ситуација – само за да се задржат некои / нечии позиции, некои закостени односи, некои анахрони теченија на „поезијата“. Не спомнувам (барем засега) бенефиции и финансии, но тие се во самата срж на прашањето, како впрочем и во целата македонска култура во изминатава деценија. Паланката по правило сака нештата да остануваат по старо, зашто секоја промена е ризик, а промената со млади и квалитетни луѓе е двоен ризик. И, очигледно, нивната пропаганда поминува, фаќа корен дури и денес, неколку месеци по обидите за демократизација на македонското општество! За жал, секако.

АЛЧНОСТ И НЕЗАСИТНОСТ

или

ДЕВЕТ КРУГА (2)

Е сега, дали, на пример, во некој од деветте пеколни круга концентрично како одбрана наредени пред ликовите-симболи на злосторничконо здружение повторно ќе ги гледаме истите фаци како, на пример, оние кои ги мереа скопските улици закитени со црвено-жолти ленти? Или тоа друштво се распрсна на сите страни како што впрочем и се собра, зашто сега снема пари односно како што државната каса премина во рацете на ова комуњариве? Ќе има ли игри и песни – фолклорни, се разбира – како вечерта пред Собранието на РМ, додека внатре толпата беснееше и тепаше се’ живо што не мисли како нив? Во тогаш вртените ора гледавме, богами, секакви фаци, на бината зад микрофоните тие денови урлаа дури и уметнички (пот)платени со скапи ретроспективни изложби, однапред исплатени, за да на комуњариве не им текне да им ги секнат парите кога ќе ги превземат институциите. Знаете како: комуњари како комуњари, веднаш пристапуваат кон радикални мерки! Иако, да ме прашаат мене, јас би ги оправдал и на дело, „во живо“, таквите епитети. Нека си ја прави изложбата дома, и така е преплатена, што мора да зафаќа простор во институциите?

Како и да е, Данте, во првиот круг на Пеколот ги сместува т.н. неверници, или нехристијани, меѓу кои и многу славни имиња од форматот на Хомер, Аристотел, Електра, Саладин, Јулие Цезар и други – иако нивната вина не е многу јасна. Тие не се неверници по избор. Но кај нас ситуацијата би била (барем) обратна. Кај нас токму самопрогласените верници застанаа, и повторно ќе застанат во првиот од концентричните кругови во одбрана на злосторничкото здружение. Како што впрочем и криминалциве се’ што правеа правеа за народот, за државата и (божем) – за верата. Таквите клеро-криминални комбинации секогаш палеле на овие простори. И играле ора. И секогаш „верниците“ се ределе зад нив, или пред нив, сеедно. Така ќе биде и утре кога ќе треба криминалците да ги спасуваат од заслужената казна!

Во вториот круг, кругот на Алчноста, во делот каде „нештата не сјаат“, ќе има голема навалица. Ако нешто функционираше во минатата заробена држава, тоа беше алчноста. За се’ и по се’! Неизживеана, гладна, непрошетана, необлечена, сиромашна … толпа народ начека истомисленици што ќе ја водат во неказнето (така барем мислеа!) ограбување. Првите редови во кругот на алчните веројатно ќе бидат резервирани за оние кутрине контрапротестџии гладни за сендвич, бесплатен превоз и по некоја ситниш дневница, ама останатите редови сигурно ќе бидат пополнувани од клиентелата од различни професионални профили зашто алчноста кај нас во изминативе години беше распространет, речиси национален спорт. Не знам само кој од „најпатриотската“ партија ќе ја има улогата на Минос односно распределувач на клиентиве по круговите. Ако оној бившион шеф на кабинет е, како што велат, неупотреблив, можеби некој од Халкидики ќе ја превземе таа улога? Чисто онака, заради географија, и митологија?!

А всушност, мислам дека распоредот по концентричните кругови во одбрана на врхушката на злосторничкото здружение по угледот на Дантеовите девет круга и нема да биде баш така лесна работа за само еден човек. Зашто ние, односно тие – клиентите кои така ревносно и „гладно“ ги поддржуваа криминалциве цели десет години – не можат едноставно да се класифицираат во само една категорија или еден круг (Алчност, Лакомост, Незаситност, Гнев итн.). Ние, односно тие секогаш биле специфични, историски, и обединувале повеќе гревови во една личност. А изминатава деценија беше како измислена за сите грешни души во оваа земја, како подарена од небесата за да се види кој е кој и што е што. И видовме, мислам, и разбравме. И тоа, мислам, повторно ќе го гледаме кога ситуацијата ќе се „згусне“, кога по наредба, повторно, сите, или барем повеќето, пак ќе застанат во одбрамбениот круг околу врхушката која така одлесно ги плаќаше и нивните (не)дела. А ги има многу. На (не)делата мислам. Ги има и конкретни и виртуелни, се’ уште неконкретизирани. Едни се во онаа група за која што е задолжено Специјалното јавно обвинителство, ама има многу и во јавниот простор. Речиси подеднакво се страшни, човек дури не може да се определи дали „приватниот“ криминал (кражбата) е посвирепа од јавниот криминал, оној од типот на „Скопје 2014“, на пример, или на јавните поддршки и плукања по се’ што пројавуваше поинакво мислење итн. Замислете само колку, и какви, ги имаше во културата. На пример алчноста, лакомоста и незаситноста во македонскиот филм?! Колку пари изеде овој аждер? А сака уште! Колку самонаречени продуцент(к)и, режисери, глупици … продефилираа овие десет години?

Концентричните кругови на грешните во одбрана на злото како оние што ги гледавме неодамна во Собранието сепак ќе бидат разретчени. Односно, се ретчат, и ќе се ретчат сами од себе веќе со самиот факт што не функционира заедничката злосторничка каса. Зашто Злото во принцип така функционира – додека има од што да се храни. Кај нас имаше, премногу. А многумина, богами, останаа и вечни должници на злосторниците и тие никако не ќе можат да се повлечат. Не се само изложби и откупи, филмови и бизниси во прашање, има таму и подебели нешта!

ИНСТАНТ МУЗЕИ

или

ТРЛА БАБА ЛАН (3)

И сега, навраќајки се повторно на прашањето „Зошто Мазев, Хаџи Бошков, Куновски … немаат свој музеј“, некаква сериозна / стручна расправа по тоа прашање се надевам дека би завршила со соломонски одговор дека би било убаво да го имаме и тоа, ама во некоја друга иднина. Или, можеме да кажеме дека тоа веќе можевме да го имаме ако застаневме решително, како струка но и како нормална јавност, против расипничкото трошење пари за некакви смешни инстант музеи од типот на спомен куќата на Мајка Тереза (па и тоа ни беше малку па сега правиме и „објект со скулптурална композиција“ за нови 5,6 милиони евра), па – ни мање ни више – цел Музеј на Тоше Проески, па разноразни споменици и колонади … Но и тоа не би биле  доволни аргументи ако го немаме првичното. А тоа е дека музеј не се гради само ако некому така му прдне на памет – како впрочем на онаа будалетинка која изигруваше главен архитект во државава – туку за тоа се неопходни сериозни стручни истражувања од повеќе области! Дури кога тие ќе се направат и кога ќе покажат дека еден таков музеј би бил економски и стручно оправдан тоест издржан, тогаш би можело да се размислува за понатаму. Патем, што би ставиле во инстант музејот на Петар Мазев ако најголемиот број најзначајни негови дела веќе се наоѓаат во државните, па и во приватните колекции? Иако Мазев важеше за еден од најплодните македонски сликари, сепак во тој иден „музеј“ би требало да ги има повеќето негови антологиски дела, нели? Или, во тој случај, би постапувале како со новиот Археолошки музеј: ќе одземаме експонати од другите музеи за да го наполниме новоно чудовиште на „големиот архитект“? Белки не сме такви простаци? И понатаму – а бидејќи добро се сеќавам на куќата на Мазев освен ако низ годиниве нешто битно не се сменило – колку дела ќе прими поставката? Триесет, четириесет …?

Апропо, Џексон Полок нема музеј во САД токму заради една од причините што ги наведов и за Мазев: најголемиот број негови дела веќе се во други музеи! Само МОМА има преку педесет од неговите најдобри дела. Затоа, и да сакале да му направат музеј тоа веројатно било прилично тешко, па сочувана, реновирана и отворена за јавноста е плевната на Полок и неговата сопруга Ли Краснер која што тие ја претвориле во нивно ателје. Главен „експонат“ таму е дрвениот под на кој што со години се таложела бојата што капела („dripping“!) од четките на Полок. Ама, се разбира, луѓе одат и тоа да го видат. Инаку, кои би биле нашите проценки за посетеноста на „музејот“ на Мазев? Отприлика? Не знаеме, нели. Стотина, двесте, илјада луѓе годишно? А ги знаеме ли годишните трошоци што државата би требала да ги плаќа за да неговиот дом го претвориме во „музеј“? Ни тоа не го знаеме, ама важно поставуваме прашања па надлежните нека мислат?

„Случајот“ со оставнината на Петар Хаџи Бошков исто така не е сјајна, но е подобра од онаа на Мазев. Таму има(ше?) материјал за скромен музеј. Понатаму, Хаџи Бошков сепак имаше поширока интернационална кариера отколку Мазев (иако, некои од тие кои всушност требаа да го „вивнат“ Мазев и неговото творештво барем во Европа сега божем загрижено бараат негов музеј!). Тоа се некакви подобри перспективи за евентуалната посетеност на тој иден музеј. Но, за жал, и тоа е малку, само делче од сите други неопходни фактори што мора да се задоволат! Инаку, точно е дека ние како прилично некултурна нација малку внимание посветуваме особено на современото уметничко творештво. Иако ни со традиционалното културно наследство не сме во многу подобри односи. Охрид ви е најдобар пример за тоа. Многумина очекуваа дека низ изминативе седумдесетина години се профилираа  темелите на тој однос, ама изгледа не е така. Тоа е очигледно и затоа, веројатно, ни треба уште време. Впрочем, ни европските културни навики не биле создадени преку ноќ! Ние во тој поглед можеме да прескокнуваме децении, ама некои дупки остануваат. И култура не се гради без образование и без граѓанска / демократска свест за вредностите на едно општество. А најдобриот одговор за рамништето на таа наша свест е токму Скопје, неговото девастирано централно подрачје. Нормална држава со мнозинство нормални граѓани не си го дозволува луксузот на едно такво разорно уништување на сопствената историја и култура. Ние – и тоа го дозволивме!

Ја разбирам и опасноста дел од уметничката оставнина на некои уметници да биде неповратно загубена. Тоа се опасности што демнат, но и тие се предизвик, па и тема за размислување. Ако веќе говориме за интересите на државата, тие би можеле тука да се бараат. На пример, во откупот на творештвото – односно она што е преостанато – на неколкумината најзначајни македонски уметници и заштита на истото до некои подобри времиња! Тоа, веќе, би бил (по)сериозен пристап и третман на придонесот на овие творци за македонските култура и уметност!