Monthly Archives: February 2014

БЕЗИДЕЈНА ПРОМЕНАДА

1.

Дилетантиве навистина убиваат се’. Дури и нешта коишто, можеби, во друга прилика, би заслужиле посериозно внимание, да не речам почит. И тука најмалку мислам на нашиве нови „градители“ и „уметници“ (чувај Боже, кој се’ стана уметник!) во рамките на такозваниот проект Скопје 2014. Таму работите се одамна јасни, и забегани. Овде мислам на неодамнешното (конечно) отворање на новата поставка на Музејот на современата уметност во Скопје, институцијата којашто годиниве си го задржа статусот „ни на небо ни на земја“, којашто како да постои сама за себе и вон македонската култура. Зашто нив, таму горе, како ништо да не ги засега. Таму бре брате како да се на прооодолжен викенд: една, две изложби годишно, и – толку. За се’ друго, особено за сите актуелни прашања за македонската уметност – целосен молк. Нив таму ништо не ги допира!

2.

Елем, најавената работа врз новата поставка беше еден (да не речам единствен) адут во прилог на оправдувањето на постоењето последниве десетина години. Ама кога во најавата на отворањето на поставката ќе чуете од „првиот“ човек на институцијата дека Музејот на современата уметност, со петте илјади дела, е една од водечките институции од оваа област во регионот, ви одмилува и отворање, и поставка, и професионална радозналост, па и онаа мала почит што би ја заслужила институцијата за завршената работа.

Некој може да каже дека тоа не е ништо страшно, дека менаџерот (sic!) и не мора целосно да ги знае стручните работи, дека не мора баш да внимава на деталите … Ма немој! А на што треба да внимава, и што треба да знае ако не фактот дека тие пет илјади дела што ги има нашиов Музеј се мачија кашлица во однос на некои сериозни институции во регионот токму во таа област. И ако „менаџерот“ не ги знае тие нешта, што тогаш се трти да дава изјави во медиуми и да го офира и она малку што Музејот го знае и умее. Зашто, лично не верувам дека таквата информација произлегла од некој од стручните луѓе во МСУ. Мислам дека не се баш до толку, зашто знаат што и како имаат Музејот на современата уметност во Белград, па во Загреб, па Националната галерија во Софија итн.

Ако пак сум се излажал и ако таа фалбаџиска (дез)информација прозлегла токму од стручниот тим на МСУ, тогаш сите можат да се фатат рака под рака со „менаџерката“ и да се излизгаат од горе право во Вардар!

3.

Но, да не говорам и јас напамет, еве некои бројки. На пример, Музејот на современата уметност во Белград во моментот има над 8.000 дела во депоата. Музејот на современата уметност во Загреб има околу 12.000 дела, плус неколку архивски збирки, на пример архивата на фотографот Тошо Дабац (200.000 фотографии), збирка на филм и видео, архивот Кожариќ, збирката Рихтер итн. Понатаму, Модерна галерија во Загреб има околу 10.000 дела во збирките, а Националната галерија во Софија ни мање ни више туку 30.000 дела! Да не ја заборавиме и Националната галерија во
Атина со околу 16.000 дела, па Музејот на современата уметност во Солун … па … ајде да застанеме тука. Односно, нашиот Музеј, барем според бројот на делата во депоата, е сосема на крајот на листата. Што пак не е никаков грев, зашто нема музејски натпревар во број на делата, меѓутоа кога се дава званична информација, особено од „првиот“ (?!) човек на институцијата, истата мора да биде прецизна. Односно, ако промоцијата на поставката почне со таква дезинформација односно самобендисаност, каде ли ќе заврши? Или „менаџерката“ навистина мисли дека и другите овде пијат од  петролејот на Брак, во стилот на Сарајлија?

4.

Она што е навистина за почит е квалитетот на делата што ги поседува оваа институција. И во домашната колекција, и во меѓународната. За почит е и очуваноста на делата, што не е баш така чест случај кај нас.

Но, за жал, секогаш мора да има едно (или повеќе) „но“. Но, приказнава завршува тука. Зашто, изгледа дека токму двојноста на колекциите – домашна и меѓународна – е каменот на сопнување во конципирањето на една постојана поставка во институција од овој тип. Тоа се гледа веќе во насловот на поставката. И стварно не знам кој го смисли: „Солидарност – незавршен проект“? И што сакаат со тоа да кажат? Дека солидарноста од времето на земјотресот, кога стотици уметници од светот му подаруваа дела на новоформираниот музеј, требаше да продолжи? Жити мајка, и понатаму да ви подаруваат дела? Зошто, за лепе очи? Па малку ли се 3.000 дела подарок? И каде постои таков музеј каде со децении колекциите со формираат низ – подароци?

5.

Оттука, веќе на стартот промашувајќи го мотото на поставката, се надоврзуваат и другите промашувања. Прво, институцијата не умее да си го најде профилот, односно да одлучи што и како сака. Сака да презентира меѓународна поставка – што е единствен логичен пат зашто токму заради тоа и била основана – или сака да се бави со локалната уметничка сцена? И ова сум го пишувал веќе шеснаесет пати и ми здосади докажувањето дека некој треба да седне, да стави прст на чело, да размисли и да одлучи што сака. Или немаат прст, или чело?!

Вака, со таканаречена комбинирана поставка, се губи смислата и на едниот и на другиот дел. Односно, ни домашната ниту пак меѓународната секција во поставката се прикажани како што треба! Секаде дупки, фалинки, судири … еднаш доминира едниот дел, потоа другиот …

Но, второто, и поважно (целосно) промашување е неможноста (барем за мене) да се согледа базичниот концепт на поставката.Што ќе рече, ако се изземе првичната импресија дека составувачите сакале да го прикажат најдоброто од двете колекции, сето друго е – гола вода. Односно, поставка, денес, веќе не значи просто редење на дела (дури и најквалитетни!) едно до друго. Или ќе има сугестивен концепт, разбирлива „приказна“, или добивате –  продажна галерија. Ако пак не е запазена и извесна хронологија, тогаш посетата на поставката се претвора во благопријатна променада без цел и смисла.

6.

Додека ние дефинитивно чмаеме во балканскава крчма од крајот на деветнаесеттиот век, светот работи сериозно, усовршува начини и концепти, размислувајќи за приближување на уметноста до секој (па и уметнички најнеобразованиот) поединец. Затоа и сериозните музеи се трудат да разработат впечатливи поставки базирани на јасен концепт, се обидуваат на гледачот да му понудат современа „приказна“ за уметноста проследена не само со врвни дела туку и со битни теориски / едукативни информации.

Последниве години, за среќа, имав можност да посетам повеќе европски музеи, главно од областа на современата уметност. И навистина е фантастично како работат колегите надвор. И како размислуваат за уметноста и нејзината презентација. На пример, Новата национална галерија во Берлин ја изложува извонредната колекција низ неколку (ротирачки) изложби: „Модерни времиња (1900 – 1945), „Поделен рај“ (1945 – 1968) и „Експанзија на борбената зона“ (1968 – 2000). Низ овие три поставки Националната галерија не само што ги презентира своите ремек дела туку на посетителот мајсторски му ја раскажува суштествената приказна на развојот на уметноста на дваесеттиот век токму низ делата што ги има во депоата.

Или, ако Берлин им бил далеку, можеле да ѕирнат во Загреб, во новиот Музеј на современата уметност. И таму поставката е поделена во логични целини, отсликувајќи го духот на времето и / или уметничките тенденции: „Проект и судбина“, „Уметноста како живот“, „Уметноста за уметноста“, „Големата енигма на светот“ итн. И сето тоа е разложно, стручно, професионално, едукативно … образложено, така што посетителот точно знае што гледа! И учи!!!

Koljo Misev-Slika LXXII, 1993-94Кољо Мишев

7.

Оттука, не знам дали има смисла уште да се пишува за големово разочарување наречено нова поставка на МСУ? Тоталното отсуство на стручност, професионалност, компетентност, напор да се доближи уметноста до посетителот … ве остава безмалу празен, разочаран, во дилема дали воопшто некој се грижел за нешто, размислил еднаш – двапати за тоа што и како прави?!

На страна, повторно, и одличните дела, и преубавиот простор, и европскиот шмек на музејот, кога суштината е целосно промашена. Згора на се’, без ред и смисла пикале се’ и сешто: фотографија (?) меѓу графика; Личеноски, Мартиноски и Пандилов кај што ама ич не им е местото; целосно промашени  дела од инаку солидни автори (Шумковски, Корубин, Томиќ – Радевска; Павлески, и др.); или, како што позајмувале од автори, можеле да земат подобро дело од Чемерски, или „Град“ од Шумковски …; и зошто го нема еден Ботев, или периодот на интервенциите во простор во седумдесеттите; на оние пак три будалаштини од Димо Шумка, кои некој, според којзнае каков (квази)критериум ги прогласил за уметнички дела, им дале централно место; и зошто ја нема инсталацијата „Улица“ на Хаџи Бошков, којашто можела да стои на местото на глупавите амфори на Димо Шумка; и кому нешто му значат или му кажуваат оние неколку фотографии од Јаневски, Демири и двајца други, тоа ли е македонската фотографија; и нели е срамота Танас Луловски да е претставен само со едно дело наспроти некои шушумиги, ама пријатели на кустосите во МСУ; и зошто некој упорно ги заборава делата на Кољо Мишев од почетокот на деведесеттите, кој им покажа на некои од пулените на МСУ како треба да се слика; и зошто го прескокнуваат Димитар Манев … и уште многу „и“ и „зошто“ на коишто нема логичен, професионален одговор!

Или, ако сакате, го направиле токму она што Блаже Конески им рекол да не го прават: „нема место за лилјаците на еснафштината“ зашто „вакво здраво тело бара здрав дух“. Што ќе рече, телото (зградата) на Музејот, за среќа, сеуште е здрава, ама духот?

ТАНАС ЛУЛОВСКИТанас Луловски

8.

На крајот, уште неколку битни детали за заокружување на приказната. На пример, поставката одлично ја отсликува и состојбата со актуелната акција на Министерството за леб и игри наречена „да ги напуниме музеите со ѓубре од ателјеата“. И да ги разоткрие, целосно,  лагите и на тоа Министерство, но и на нашиве „репрезентативци“ (скулпториски и сликарски) од типот на Сарајлија, Беди, Аџиевски и компанија, за тоа кога и што се купувало. Ако она „животнине“ на др. Јозеф Сарајлија не даваа толку пари за уметност, ќе имаше ли Музејот воопшто што да изложи? И кога запираат откупите? Барем тоа е евидентно токму во поставката. Сите понови дела од последните неколку години се позајмени од уметниците. Ама, од друга страна, како (и кога) се најде она дело од истиот Сарајлија во поставката, а не е дел од колекцијата на МСУ? Или, ако веќе Музејот позајмувал дела за поставката, зошто Министерството не ги плати токму од парите за нивниот глупав конкурс за откуп? Зарем тоа не би бил откуп токму за една национална установа, или тие сепак намислиле дека парите треба да ги земе некој друг нивни пулен од „позитивната листа“?

П.С.

А дека и самите не веруваат дека направиле поставка сведочи фактот што на сајтот на Музејот се’ уште пишува дека работата на поставката е – во тек!?

НИВНИТЕ ПЕТ МИНУТИ

1.

Не знам на колкумина нешто посебно би им значело името и творештвото на Аи Веивеи. Не знам ни јас којзнае колку за него, но станува збор за еден од најатрактивните современи творци (скулптура, инсталација, архитектура, фотографија, филм, кураторство) и еден од најдобро платените ликовни уметници на денешницата, инаку Кинез, коавтор на дизајнот на олимпискиот стадион во Пекинг. И заради политички причини – критика и несогласување со кинеската политика – одлежал извесно време (81 ден) во затвор под едно чудо лажни обвиненија, за да конечно биде ослободен во 2011 година. Од тогаш се убива работејќи на исклучително скапи, но одлични проекти, безмалу низ целиот свет.

И што му се случува неодамна на Веивеи? На една изложба во Перез музејот во Мајами, Веивеи го изложува делото „Боени вазни“, при што, во текот на изложбата, една будала која себеси се нарекува уметник, зема една од изложените вазни и намерно ја треснува од земја! Што би се рекло – jа прави сол. Оправдување? Човекот (некојси Maximo Caminero) наводно протестирал против честите изложби на странски уметници во музејот и запоставувањето на локалните уметници!(?)

Ко за беља, се покажало дека вазните што Веивеи ги користел за делото биле од времето на династијата Хан (206 пр.н.е – 220 н.е.) и дека една вазна чини околу еден милион долари!

weiwei-2

2.

Не знам зошто, но овој Каминеро многу ме асоцира на оној Салиери, а обајцата на нашава тажна македонска приказна. На нашиве стакиновци, димовци, божиновци, валентини, мангаровци, живковци …! Што ќе рече: иста или слична психо(пато)логија, иста или слична суета, иста или слична завист … крстете ја како сакате. Од каде ли само исползе ова чудо „творци“ без биографии, луѓе со бел лист хартија наместо творечко портфолио, насочени кон уништувањето на делата на другите? Зашто, нивнава денешна приказна нема друго објаснување. Тоа е приказната на Каминеро, вообичаената приказна на сите каминеровци / салиериевци или наречете ги како сакате на светов: зошто тие, а не јас? Зошто нивното да е подобро од моето?

Зашто во самата основа на таквото нивно однесување, денес и овде, лежи приземната љубомора на се’ што е подобро, а е создадено од некој друг, на се’ што е поквалитетно од нивните сомнабулни сништа, на се’ што е туѓ успех потврден дури и во меѓународни рамки. Затоа, тоа ќе го скршиме, ќе го уништиме, ќе го сокриеме … и сите ќе не’ гледаат само нас!

Во таквите постапки се крие опасна одмаздољубивост, болен реваншизам, перверзна суетност. Зошто тој / тие, а не јас / ние? Па зашто не ве бива бе, шутраци! (Приметувате дека меѓу горенаведените не го сместувам омилениот ми лик др. Јозеф Сарајлија? Прво, затоа што нему не може да му се одрече некаква творечка биографија, и второ, затоа што кај него сите наведени причини се толку многукратно мултиплицирани, плус зачинети со таква невидена  доза на патолошка омраза, што го прави пациент од посебен формат!).

3.

Случката на Аи Веивеи страшно ме асоцираше и на најновиот наш хорор што моментално му се случува на реномираниот Славко Брезовски, кому сега ќе му виткаат рака и ќе му кршат прсти за да потпише дека ги отстапува правата некои две будали да му го уништат објектот среде Скопје, некогашната „На – ма“, илити „Стоковна куќа“, денес т.н. „Сити галери“.

Низ слични голготи поминуваше и Муличковски, тоа ги чека и наследниците на Живко Поповски за „Трговскиот центар“ и неколкумина други сериозни архитекти, кои едноставно не можат да се согласат да им ги отстапат своите дела на дилетанти за нивните патолошки игри.

И впрочем, од каде такви приземни пориви, од каде такви ниски страсти буквално да се уништи делото на другиот, подобриот, да се премачка, префасадира, преработи, прекрие … авторското достигнување на колега? Какви се тие (болни) умови што размислуваат во такви насоки, наместо во вербата во создавањето на нови дела? Толку ли се неспособни да изградат нешто свое, наместо да уништат нешто туѓо? Или за нив дефиницијата за  творештвото, за архитектурата, за уметноста е токму тоа – уништи, префарбај, преправи?

Како е можно некој кој себеси се нарекува уметник, та дури и интелектуалец, да размислува на перверзниот начин на др. Јозеф Сарајлија дека „… оваа зграда беше епицентарот и инкубаторот на комунистичката партија на Македонија. Оваа зграда има премногу злоба во себе за да биде институција од која се креираат современите политики на Република Македонија“. Човеков не само што го испил Браковиот петролеј, туку исцицал цела бензиска пумпа! И тоа да било оправдување целосно да се уништи едно архитектонско ремек дело, односно да се замени со недокваканиот квазибарок – испрдок од малиот мозок на двајца квазиархитекти? И тоа врз база на некакви девет илјади гласови (?) на интернет?!?

МАРАБУНТА

4.

Токму заради тоа оној кутар Каминеро неодоливо потсеќа на нашава подеднакво воинствена булумента каминеровци изнедрени од македонскава дозволена „колку-толку поднослива“ демократија. Тие како марабунта му се пуштија на градот и на се’ што барем малку заличуваше на пристоен културен производ. Но, истурајќи едно чудо шлепери долго криена завист, максимална суета и со децении таложена омраза кон се’ што значи квалитет, овие наши каминеровци го истоварија и сето свое незнаење, нестручност, простотија и игнорантство. И тоа и ним им е јасно, дека се голи и боси, дека немаат појма од ништо, дека знаат и умеат само да крпат и доправаат како недоветни чираци. И дека тоа ќе биде со краток век зашто така како што е правено не ќе издржи ни неколку години. Веќе сега им се гледаат сите шуплоглави пропусти.

Ама ги користат петте добиени минути. Сериски произведуваат кич и плагијати, преоблекуваат, префасадираат, преправаат … вртат книги и пресликуваат фасади … што поразиграно, тоа подобро. Но, останува нејасно како е можно, само врз основа на конкурс, луѓе со божемен творечки интегритет и достоинство да се впуштат во цивилизациско / културолошко злосторство од такви размери? Кои и какви се изворите и димензиите на таа творечка омраза кон модерното, современото, а во полза на историскиот плагијат и фалсификат? Та зарем мислат дека некој навистина ќе поверува во автентичноста на скопскиот квази барок и немушт неокласицизам, очебијно сожвакан и ипслукнат низ горчината на омразата, а од неквалификувани фасадери, молери и препишувачи? Ама, за да не се рече дека не се инвентивни,  во нивната налудничава „креативност“ измислија и „барокни“ гаражи и „барокно – неокласицистички“ фасади со огромен монитор во средината, како во случајот со „Сити галери“. Или оние поклопцине врз Собранието што глумат некакви куполи, а чинат баснословно? Да не ќе да е тоа некаква скопска варијанта на … на што … на сомнабулна „постмодерна“ … или она идноно јајце што ќе глуми Universal hall е … што … современа налудничава архитектура …? Да се чудиш!

БЛАГОСЛОВЕНИ ВО ГЛУПОСТА

1.

Не знам кои се / какви се границите на човечката глупост, да не речам идиотштина. Можеби некој, некаде, направил / прави и такви истражувања, зашто ако не ги знаеш негативните граничници на човечкиот ум, тешко дека ќе можеш да ги утврдиш и оние позитивни, прогресивни меѓници коишто, се подразбира само по себе, практично се неомеѓени. Дали пак тоа едновремено значи дека и негативните граничници се – безгранични? Се разбира, секој ден, во секој поглед … итн.

Нарочно гледам да го избегнувам зборот прогресивно зашто некои од ова антиквизаториве едноставно се ежат од него. На пример др. Јозеф Сарајлија, за кого напредокот е во регресот! Што подалеку – тоа поблиску, што постаро – тоа поново. И според кого едни, денешниве, да ти биле луѓе, а оние вчерашнине да ти биле – животни! Од некоја (веројатно) црвена, до сега непозната, сорта. Каков дарвинист, да се чудиш. Но, мајка природа – некому дава, некому зема. Кај некои зема целосно! Ама, ех, да е оваа креатура единствената во нашево секојдневие .

НОСФЕРАТУ 2.

Зашто, наспроти сите математички, филозофски, логички, … животни … практични … и не знам какви се’ не законитости дека два и два се секогаш четири и никогаш пет, грото од нашиов народ упорно сака да верува во чуда. Во чуда од тој тип, дека еден убав ден, некогаш, тие два и два ќе бидат пет и тогаш тој / таа / тоа ќе биде благословен од Севишниот со незнам каков  небески дар во вид на стан, пари, кола, работа – за него / неа и целата фамилија – дека такво нешто ќе се случи сега и тука. Тоа како да е некаква магијско-таинствена, скриена желба на безмалу секој поединец во оваа кутра држава. (А кога сме веќе кај чудата, зошто никој не прашува што стана со извештајот за „чудото“ во Св. Димитрија? Та нели ќе го имавме за три, па за шест, па за не знам колку месеци? Изминаа години, а онаа „верничкана“ Валентина молчи ко ќутук).

Некои пак веруваат и во чудото дека некогаш, кога и да е’, и на Сарајлија ќе му дојде умот. И на неговата братија. И така ќе биде, штом малку се сменат работите во државава. Веднаш ќе ги свртат шинелите на стариот, некогашен и ним добро познат дезен. И тогаш овие ќе бидат животните, а оние – луѓето. Нема проблем, брате, тоа ти е таква пациентажа.

3.

Но, уште една „категорија“ граѓани кај нас е посебно наклонета кон вербата во чудата: новинарите, особено оние од културните рубрики. Па тоа ти е бре брате таква лековерна булумента што безмалу ги шие сите други. Во се’. Оние политичкине се барем итромани. Полуписмени, ама крвоследнци! И не веруваат во ништо освен во шушкавиот звук на парите.

А ова „културњациве“ ти веруваат во сите чуда што им ги сервира Министерството за леб и игри. И впрочем, не знам ни зошто воопшто се нарекуваат новинари, а не портпароли на дотичното Министерство? На дотичното Министерство, имено, не му е ни потребен нивни портпарол. А впрочем кога и каде сте го виделе? Наместо него / неа, овие „стручњаци“ ги пренесуваат сите фантазмагории и небулози на дотичното Министерство, од збор до збор. Без задршка, без резерва, без сомнеж. До точка и запирка.

А и зошто би се сомневале? Та тоа тие е Министерство за леб и игри, што ќе рече Господ во македонската култура. И што тие ќе речат мора да е точно! Кој нормален би се сомневал? Сомнежите тука се непотребен луксуз, а можат да бидат и опасно минско поле. Што ако, на пример, утре не ги земат на некое платено туристичко пропатување, се разбира со доза на културно циркузирање, низ некоја од европските земји? Кутриве наши „културни“ новинари не би виделе бел свет!

Кога веќе нон-стоп дремат во тоа канцелариите, барем нека отворат Интернет (белки го имаат во редакциите?), нека ѕирнат што и како се случува во музеите во Европа и светот, како кај нив се „пополнуваат“ збирките, како се работи во 21-от век. Или, кај нас е добро и во 19-от?

4.

Па така, еве, по којзнае кој пат, не’ известуваат за „успешната“ акција „Да ги наполниме музеите со ѓубрето од ателјеата“. Поточно, повторно ни ги пренесуваат сите „длабокоумни“ предвидувања и ставови на Министерството за леб и игри. Зашто, тие немаат свое мислење. И не треба да го имаат. Има кој да мисли за нив. Ним им е проблем дури и да излезат од т.н. редакции. А и што бараат надвор, кога се’ добиваат сервирано?

И, демек, не’ просветлуваат дека на (божемниот) конкурс пристигнале не знам колку дела, па ќе се формирала не знам каква комисија, во којашто немало да има сликари (аман бе, и Сарајлија ќе го оставите без хонорар?), а можеби ќе имало и по еден претставник од Музејот на современата уметност и Националната галерија. Што ќе рече, можеби ќе има и по еден претставник токму од оние институции за кои што е наменета оваа „акција“!

И нормално, пресликано целото соопштение од дотичното Министерство за леб и игри, ниту еден „новинар“ нема коментар, ниту еден „новинар“ нема дилема, нема барем едно прашање, нека е мало, малецко, ама нека е самостојно, независно. Ниту еден „новинар“, по којзна кој пат, нема прашање зошто воопшто Министерството се бави со оваа работа, кога таа е во исклучива надлежност на музеите? И тоа согласно Законот за музејска дејност, што го смислило истото Министерство. И ниту еден да праша како тоа Министерството за леб и игри не ги почитува ни сопствените закони?

Толку ли им е тешко на „новинарите“, во интерес на информирањето на граѓаните – зашто, тоа им беше основната работа, нели? – да го земат тој Закон за музејска дејност и да прочитаат неколку члена што се однесуваат на таа материја. Та белки се писмени, кога се веќе новинари?

Ако им е и тоа тешко, еве им цитат од Законот, каде во член 18 се вели: „Музеите, музејскиот материјал и музејските предмети ги прибавуваат преку истражување, ископување, купување, подароци, легати, завештанија, размена и на друг начин, како и преку отстапување и преземање од други правни и физички лица согласно со овој и друг закон“. Никаде не пишува дека наместо музеите тоа ќе го прави некој друг, а најмалку некој државен орган! На музеите, како што стои, може да им биде отстапен односно тие можат да преземат музејски материја и од правни лица – во случајов дури и од Министерството за леб и игри – ама овде не станува збор за тоа. Овде станува збор за комплетно делегитимирање на музеите во набавката на музејскиот материјал, односно целосно незаконски упад во нивните законски надлежности. Уште помалку пак некаде е запишано дека Министерството за леб и игри може / треба да се бави со оваа работа. Што ќе рече, од двата краја – беззаконие!

5.

И еве, сега „новинарите“ го имаат дотичниот текст сервиран како на чинија. Ќе смени ли тоа нешто, ќе се осмели ли некој да постави барем едно прашање во таа насока?

Или, кога сме веќе кај компетенциите, надлежностите, интересите и слични кај нас тотално нефункционирачки нешта, можат ли ова културниве „новинари“ да се јават во некое од стручните асоцијации што се подеднакво директно засегнати од оваа далавера. На пример, МНК ИКОМ, или во превод: Македонскиот национален комитет при Интернационалниот комитет на музеите. Оваа стручна асоцијација директно ја покрива стручната работа во музеите. Ако некој треба да е засегнат од далаверава, тогаш тоа е МНК ИКОМ. Да им дадам и телефони каде да се јават? Е па, белки можат малку да се помачат.

Или, нека свртат и до такозваната МАК АИКА – онаа што никој ни ја видел ни ја чул со години, ама тука е, сигурно дреме – којашто претставува Македонска секција на Меѓународната асоцијација на ликовните критичари. Верувам дека и тие би требало да бидат заинтересирани за еден ваков упад во надлежностите токму на музеите од областа на современата уметност.

СОЛ ЛеВИТSol LeWitt

6.

И навистина, почнувам да мислам – и не само јас – дека таквите наши „стручњаци“ од типот на оние во Министерството, низ медиумиве, па и во нашиве (божем) професионални асоцијации, стварно немаат појма ни што значи поимот музеј, уште помалку што и како треба да работи. За првине две „структури“ сум апсолутно сигурен дека тоа не го знаат. Тие бре брате, кога одат / ги носат во странство, трчаат ко муви без глава низ дуќани и бувљаци. Нив музеи не ги интересираат. Тие влегуваат во музеј само ако ги внесат насила, како по казна, или ако некој таму организира модна ревија, како во Даут пашин амам.

Третава „структура“, да не грешам душа, би требало барем да има појма од овие нешта, иако и тоа не е докрај проверено. Зашто, зарем би смеела да им промакне ваква глупост. И истата да ја премолчат?

Додека ние се бавиме со измислиците од малото мозоче на др. Сарајлија и неговите лековерни „умници“ од Министерството за леб и игри, светот во музејската област бара одговори на нови и нови предизвици. На пример со прашањето на приватноста, односно барањата на одделни семејства да се отстранат деградирачки и несоодветни фотографии на нивни членови во одделни историски поставки. Или, што ако полицијата / тајните служби ги  побараат снимките од отворањето на некоја изложба со цел да се „провери“ публиката, како ќе реагира управата на музејот? Или, мора ли музејот да прифати баш секаков подарок? Еден американски пример вели дека музејот се откажал од подарок (ѕиден цртеж од Сол ЛеВит) зашто демонтажата, транспортот и повторната монтажа чинеле далеку повеќе од вредноста на делото. Нешто сосема слично како нашиот случај со Кираца Висулчева, при што за „подарокот“ требаше дури да се гради посебен музеј (?!), па нашиве „стручњаци“ најдоа соломонско „решение“ да го окупираат прекрасното здание на Сарајот во Ресен, каде „поставката“ чмае. И сето тоа се направи само врз основа на некаква будалеста политичка а не стручна / професионална проценка на дотичното творештво. Итн, итн.

Нашиве „новинарски“ главчиња не се заморуваат со такви размислувања. Тие упорно ги чекаат соопштенијата од Министерството за леб и игри и ја „просветлуваат“ јавноста со неверојатно количество будалаштини. И воопшто не им пречи што во тие постапки на Министерството царува очигледна глупост, незнаење, дилетантизам, беззаконие … што тие нивни „акции“ се втемелени на нечии фикс идеи исчепкани од малиот мозок на секакви пациенти кои едноставно не знаат што да прават со себе цел божји ден па смислуваат идиотштини.

„КОЛКУ – ТОЛКУ ПОДНОСЛИВИ“ УМЕТНИЦИ

1.

Остана уште еден апсолутно битен, ако не најбитен, аспект на јавната бламажа на македонскана Тинекс скулпторска репрезентација. Иако, морам да признаам, секогаш кога размислувам не само за ДЛУМ туку за македонските уметници во целина, се јавуваат спротивставени, контроверзни аспекти, па и чувства. Зашто, наспроти херојските периоди во минатото и личната големина на поединци, едноставно неразбирлив е нивниот – секоја чест на исклучоците –  тотално понизен (ај да не речам поданички) однос кон власта последниве години, нивната „не се замерувај“ политика со оние од кои, наводно, им зависи „творештвото“, нивната детска психологија на „глава во песокот“, нивниот целосно игнорантски / индолентен однос кон совремието и секојдневието. И случувањата околу нив. И судбината на другите!

Европската уметност уште од 1968 година, а особено со делувањето на големиот Бојс, децидно раскрсти со секоја и секаква власт, со сите и секаквите институции, издигнувајќи ја Уметноста, и Творештвото во целина, на пиедесталот на Јавното, на Прогресивното, на … вечното. Бојс ја прогласи Уметноста за единствената еволуциска – револуциска сила, ја насочи кон социјалната скулптура, го обнови идеалот за gesamtkunstwerk (тотално уметничко дело). Уметноста почна да размислува за синтези, за comprehensive artwork, за сопствената моќ да го демонтира арогантниот репресивен општествен / социјален систем!

2.

Но, додека Бојс бара(ше) „организација за директна демократија низ плебисцит“, кај нас денес имаат други „приоритети“. Кај нас, „уметниците“ мегафони трубат: „Денес изборот на електоратот во Република Македонија е едноставен и јасен … Кај курентните владетели во Република Македонија гледаме волја за нешто конструктивно и креативно, и што е најважно, гледаме напор и посветеност од нашата држава да се направи една, колку-толку поднослива демократија и одржлива економија“. Хајл, Станковски!

Но, дури ме чуди што нашиве „уметници“ дозволуваат „колку-толку поднослива демократија“. За што ли ни е потребна, таа и таква „колку-толку поднослива демократија“ во оваа вукојебина, сељачино една, каде што се’ што гледа напред е непожелно? Дали таа „поднослива демократија“ ќе не’ направи сите древни, антички, ќе не престори во онакви „епски“ креатури какви што никнаа низ цел град? И ова ли е таа „одржлива економија“ во којашто пајташот му Беди од „славната“ Зеро сака приватниците и локалната самоуправа да му ги купуваат скулптурите? Па што не му ги купат, сите топтан, кога се толку „одржливи“?

И впрочем, тоа е поентата на македонската уметност денес, онаа што ја пропагира македонскиот др. Јозеф Сарајлија, онаа скулпторска Тинекс репрезентација, ама и целото ДЛУМ. Тоа е филозофијата на „колку – толку поднослива“ уметност, каде што ќе нема автономност и авторство, ќе нема достоинство и интегритет, интернационалното ќе се брише во полза на исклучивоста на  локалните идиотштини, каде што сите „подносливо“ ќе се вртат како вртелешки на јавната сцена – ама некој повеќе од другите, каде што уметникот ќе биде само статист кого некој ќе го влече за уши и ќе го седнува каде што ќе посака и како што ќе посака. И тие ко навиени ќе тртљаат и за она што разбираат, ама многу повеќе за она што не разбираат. Ама ако е таква директивата …

megafon

3.

Актуелната паланечка „колку – толку поднослива“ филозофија (не само) на кичевскион носферату ја сроза македонската уметност на најниските гранки во нејзината современа историја. Последниве години се период што допрва сериозно ќе мора да биде проучуван токму од аспектот на срамниот однос на уметноста кон современиот zeitgeist. Особено денес. И ако во нешто има право др. Сарајлија, тогаш тоа е фактот дека токму тие денес се престорени во „хипнотизирано стадо“, заслепено исклучиво од бојата на парите, од допирот на сребрениците (ама и златниците, како за кого) во нивните џебови без дно. До толку хипнотизирано што ни гледа ниту слуша, се буди од хипнозата само на тропкањето на кесенцето полно парички, а и тогаш исклучиво за да каже „да“. И толку, нивниот вокабулар веќе не познава други зборови.

4.

Ваквата хипнотизираност со бојата на парите на македонскиот уметник денес поприма епски размери. Како е инаку можно неколкумина (некогаш) сериозни скулптори, сите веќе побелени во главите, некој да ги седне како мали деца во одбрана на еден обичен памфлет завиткан во шарената хартија на откуп од шеесетина илјади евра. Колку скулптури ќе се (от)купат со тие пари: осум, десет …? И со тоа ќе се реши проблемот? И тоа ли е цената на достоинството, на творечкиот интегритет? Или, повторно ќе потенцирам, мораат ли и на ваков начин да се отплаќаат политичките долгови?

И како никој од „големава“ петорка толку години не пушти глас за состојбите во македонската уметност, во македонските институции, за нивните „директори“, за „стручните“ комисии во Министерството за леб и игри кои ја запустеа македонската ликовна сцена? Како никој од нив не праша: абе која е таа Палоши што сте ја ставиле директор, или онаа во Музејон на совреманата уметност? И што пак тие разбираат од уметноста? И кој ги постави, опозицијата ли? И како оној др. Јозеф Сарајлија барем една од неговите бљувотини наречени колумни не посвети токму на оваа „кадровска“ политика на Министерството во кое што си го грее газот толку години, на наша сметка? И божем никој не знае(ше) дека Палоши од изложбите им зема по 15% за, да не речам, какво здравје? И како бре никој уста да не отвори?

И што мајка бараа оние ДЛУМ-овци пред некоја година да висат по автобуски станици и да протестираат против ЕУ – кој цацко пак ЕУ им беше крива? – наместо да одат во Министерството за леб и игри и да прашаат од каде ги ископаа пензионеркиве и ги преквалификуваа во „менаџери“? И што изменаџираа годиниве? Две кози и три овци?

5.

И згора на се’ кичевсконо сељачиште ќе ги нарече сите што денес не мислат како него – животни! Тоа да ти била разликата помеѓу денешниве негови луѓе и некогашните не негови луѓе – животни. Па дури и да е’ така, тогаш што мајка баравте да учествувате  на изложбите што ги правеа токму тие некогашни животни? Зошто дозволувавте ваши дела да бидат шетани од такви животни низ европските центри, зошто дозволувавте животни да ви пишуваат текстови, да ви прават каталози …? Оној шнајдерон прометејски плачеше токму тие животни да му најдат врски да стане професор, па после се влечеше по Фрчко како мало дете по лижавче за овој да му пишува текстови, а сега нешто „умува“ од високо. И како тоа кичевскион носферату  прифаќаше за овој припадник на тој човекоживотински вид – се разбира, мислам на себе – да подготвува проект за Венеција, да дава дела за изложби во Париз, Утрехт, Нирнберг, Рим, Подгорица …? И влегол ли годиниве да ја види „Мала станица“, на што ја сведоа неговиве „луѓе“? И какви се’ пиздарии не правеше оној „голееемион“ Василев за да во монографијата не му се појави името на актуелната „директорка“ на Националната галерија? А зошто, кога вие сите сте, нели, луѓе од ист, добар сој? И кој, во случајов, навистина е човек, а кој – ни животно, зашто за животните е навреда да ги споредуваме со ваков отпад?

BEYS

6.

Но, на ДЛУМ-овци, читам, им дошло до хуманитарен маскенбал. Добро, во ред се хуманитарните акции, ама кај нив маските треба да се симнуваат, не да се редат нови. Зашто, веќе не ги препознаваме, не знаеме кој е кој, што е што. Само една чудна маскирана булумента, тарабосана во лукративните меѓи на македонскава јалова уметничка нива.

Во вакви историски мигови се гледаат, се просејуваат вистинските уметници од неплодниот кукол. Во вакви услови се диференцираат творците од манипулантите, личностите од трабантите. Веќе не можат да се шлепуваат  на авторитетот на некогашните професори и ментори, нивните професори  веќе не можат да ги бијат ДЛУМ-овите битки. Тие изборија многу нешта, иако овие срамни генерации не им возвратија ама баш со ништо. Упропастија се’ што можеше да се упропасти, ја погребаа македонската уметност за триесет бедни сребреници, гледајќи патем како некои дилетанти си ги товарат магарињата со злато. Е па, нека ви е алал!

А впрочем, кој од оние некогашни „животни“ виорел такви хулиганско одмазнички знамиња како што тоа го прави денес др. Сарајлија? Дали некој од тие „животински“ генерации кои ја артикулираа модерната македонска уметност и култура се стави така одвратно, така понизно и така бескрупулозно во службата на тогашната идеологија? Пишуваа ли фашизоидни памфлети, носеа ли мегафони во „животинските“ пазуви само за да им се додворат на властелините? Памети ли некој, некогаш, „животните“ да се впуштат во онаква петчлена комедијантска инсценација? Па тогаш, кој е вистинскиот човек, а кој – животно?

И како, впрочем, да му ја објасните Уметноста на мртов ум?

КЛЕНОВИ ЛИ СЕ, КЛЕНОВИ …

1.

Има право човекон дека ние секогаш, со секоја промена, како да почнуваме од нула. Како ништо пред нас да не постоело. Како да не’ немало. Односно – тие така (сакаат да) мислат. Мислат дека на сите ни се испрани мозоците и можат да пљампаат што сакаат. Поточно, нивните празни мозоци ги пресликуваат кај сите. Кај ќе стигнат и како ќе стигнат. Забораваат дека (барем) кај некои се зачувала некаква меморија, некакви сеќавања за минатото, поблиско и подалечно. (И ова е тема што ќе треба подетално да се обработи, во блиска иднина).

Затоа, више човек и не знае дали да плаче или да се смее. Не знае ни кој треска поголеми глупости: Министерството за леб и игри, уметниците или новинарите. Се’ е тоа за во една корпа за … да не кажам што, и – надвор. До толку да не се знаело, до толку да се немало појма од ништо и до толку, божем, да не се паметело.

Не дека не знаевме дека тоа бирократите во Министерствоно не ги бива, ама пустите навистина се за греота. Луѓето бре брате не разбираат. И толку. Точка, Немаат појма ни што е уметничко дело – да имаа, се разбира, не ќе го посраа градов вака – ни што е сликарство, ни што скулптура … Само фрчат конкурси, колку да се добие на време, да се пополнат празните одови, да се фингира некаква активност. А всушност – сматок. Ниту сработиле нешто, уште помалку пак од тоа може да има некаков ефект. Па така, за нив, прво се уметнички дела од областа на визуелните уметности, па веднаш потоа се појавуваат скулптурите,  како паднати од Плутон, као – тоа е нешто друго, а којзнае утре што ќе смислат? Абе еден паметен да имаше да им каже што треба да прават? Не знам зашто не се замеша таму малку повеќе оној Сарајлија, или земјоделецон (пардон, тој е „одговорен“ за международна соработка), или … „професорон“? Па барем тој би требало да знае што е поп а што е – боб?!

А лажат, до сто и едно и назад. На пример, велат: „ конкурсот е резултат на сериозниот дефицит од скулптурата од галериски формат во националните збирки“! Супер, ама кој „стручњак“ го утврди тоа, и како? Пак оној земјоделецон, или некои од пулените – „уметници“, или можеби некој од „стручната“ бирократија? Кога и каде, во која институција влегол некој од тие „структури“ за да постави таква дијагноза? И знаат ли тие воопшто што е скулптура?

Е тоа е влијанието од нашион непрежален Сарајлија. Демек, еве, за откуп на скулптури, догодина (види богати!) ќе издвоеле (не баре двојат од сопствената уста) цели 4 милиони денари. И никој не кажува дека тоа се, ни мање ни више, туку околу 65.000 евра. И нормално, некој паметен, а такви ги имаме (пре)многу, ќе рече: а вие пак, што сакавте, 650.000 евра? Да ме праша некој, би рекол – да, толку сакаме. Ама не ме прашува. А тие што (божем) ги прашуваат, веројатно онаа репрезентативна Тинекс петорка, тие велат – да, доста се.

Е тоа доста изнесува, ни мање ни више, колку наградите на еден наш пооознат и реномирааан забавен фестивал! Само еден, не повеќе. Е толку (годишно) вреди македонската скулптура, според нашата репрезентативна петорка. Или тие имаат друга математика, тие сметаат колку тие ќе инкасираат?

2.

А и нив, мислам на „славнана“ Тинекс петорка, богами, ги префатил вирусот наречен минхаузенштина. Веројатно од Сарајлија, штом прдат во иста тиква. Зашто, толку да се лажело, толку да се измислувало … без мерка. Ај дека имаат личен финансиски интерес, ај дека треба да се оддолжат за добиените пари, ај што мораат да се претворат во партиски ПР-и, ама – до толку? Оној шнајдерон, кој ту го соблекува ту го облекува Прометеј, кука како цели триесет години не се водело сметка за скулптурата во Македонија. А од каде тогаш оние едно чудо дела само во поставката на Националната галерија, па во депото, па во депоата на Музејот на современата уметност, да не паднаа и тие од Плутон, сосе нашава репрезентација? Или тоа се виртуелни дела, ту ги има  – ту ги нема? И кој ги шеташе неговите / нивните дела по изложби, по венеции и слично? Министерството за леб и игри или токму тие институции против кои сега сите имаат некакви забелешки. Па што не ги кажавте тогаш? И зошто токму сега? Што сте вие, уметници или политкомесари?

А и оној „славен“ Беди кој успеа некако да се огребе за два-три споменика за Скопје 2014, е па и нему нешто не му чинело. И тој „знае“ дека „долго време во Македонија немаше откуп на скулптури. Ова ќе биде огромен стимул и за младите автори, но и поттик за приватниот сектор и локалната самоуправа да создадат идеја и навика за откуп на вакви уметнички дела“. Жити мајка, ајде баш да видиме кој и каков тоа приватен сектор или локална самоуправа ќе ги (от)купи баш твоите / вашите дела? И зошто, зашто сте многу умни? И токму заради тоа ви дадоа по некое коскиче за Скопје 2014, зашто сте лични, или за да пополните некоја етничка дупка? Каков „уметнички“ резил!

3.

Се разбира, за да биде сликата поцелосна, на целава бајка и треба поддршка од некои полуписмени новинари. Демек – од медиумите. Од оние „новинари“ кои не излегуваат од канцеларија, ама знаат се’, особено за македонската култура. И сите, од канцеларија, дрндаат иста песна, онаа што им ја сервира токму Министерството за леб и игри. Дека националните институции се сиромашни баш со галериска скулптура (не дека знаат што значи тоа!), дека триесет години не се откупувало ништо, дека ова … дека она. Ниту еден да помисли со своја глава, ниту еден новинар барем да отиде до тие посочени институции, да ѕирне внатре, да праша … Ама не, тие бре брате знаат се’ греејќи си го газот цел живот во канцеларија! И пренесуваат што рекол едниот, што рекол другиот. Сигурен сум, некој да направи експеримент и да им каже дека имаме празни музеи, тие и тоа ќе го голтнат. Ко кленови! (А всушност, зашто „ко“?).

ШТО ДА ПРАВИ ТЕЛОТО КОГА ГЛАВАТА Е ПРАЗНА?

1.

Не знам што и како мислеле ДЛУМ-овци со онаа (инаку ступидна) тема за телото, ама дефинитивно потврдија дека ние сме бре брате асполутно скарани со уметноста. И со здравата памет. Зашто, ако во насловот на темата се спомне зборот „тело“, значи ли тоа дека секое човечко тело, „осмислено“ во стотици варијанти, е соодветен одговор на темата? Па ќе стават една глава овде, друга нога таму, три кукли со монитори место глави, шнајдерски шнитови или хорор рециклажи …? И тоа значи дека телото нешто памети? И тоа е, демек, Зимски салон? Не бре брате, телото не може ништо да запамети ако главата е празна. Односно, ќе „памети“ одделни механички реакции, ќе реагира инстинктивно на дразбите – во случајов на повикот за учество на изложба – ама сето тоа не дава финален творечки резултат. Она што импонира е присуството на многу млади имиња, меѓу кои и некои кои влеваат доверба, иако генерално впечатокот е – лош!

Оттука, не сум сигурен во она што Алексиев го нарекува „тивко гаснење на дејноста“. Овде некој најдрско го исклучил прекидачот и владее – мрак. Можеби можеме да бараме оправдувања и во општата клима во државата, и во лошата (поточно: уништувачката) политика кон ликовната уметност, во дефинитивната смрт на сите стандарди и критериуми. Можеби е точно и тоа дека младите навистина немаат што и каде да видат, односно немаат уметнички репери што би им претставувале некаков можен ориентир во творештвото. Но, има ли, навистина, оправдувања за една ваква катастрофа?

2.

Зашто, сепак, извинете, дали можеби беа во подобра положба оние први македонски генерации уметници, оние во педесеттите години на минатиот век? Во оној „баба рога“ систем и диктат на социјалистичкиот реализам, без интернет, без вистински контакти со светот, особено во уметноста? Па како тие генерации „испливаа“ од општото сивило, а овие денес ни приредуваат вакво фрик шоу?

И јасно е дека напорот на Алексиев не ни можел да вроди со којзнае каков плод зашто конците се’ уште се во рацете на онаа булумента длумовци за кои кичерајон низ Скопје е врвна современа уметност. И пред да почнат нешто да работат одат на поклонение во центарот на градот, или во некој партиски кабинет.

ТИНЕКС РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

3.

И дека тоа е така, сосема јасно ни покажа една (релативно) постара петорка ДЛУМ-овци, седнати како некаква национална Тинекс „уметничка“  репрезентација, за да го оправдаат и последниот „фантастичен“ потег на Министерството за леб и игри, овој пат сврзан со, демек, идните откупи на македонска скулптура.

Добро, а што беше оној Конкурс за откуп на уметнички дела од областа на визуелните уметности, распишан уште во минатиот септември, и веќе завршен? И со којшто (повторно) ќе се „збогатеа“ депоата (колкави ли се тие депоа?) на националните институции? Та нели се и скулптурите „уметнички дела од областа на визуелните уметности“, или можеби делата на овие Тинекс репрезентативци се нешто посебно, нешто повеќе – uberдела? Зашто, никој веќе нема дилеми дека тие петмина ќе бидат гумениот р’бет на тие откупи? Ама ајде, па тие се само петорица, кои се другите? Односно, пак ли ќе ја гледаме проширената рагби репрезентација на доајените на Скопје 2014, ама сега со камерни „дела“? И каде ли сета таа гнасотија ќе се изложи?

Па нели им беше барем малку срам на оние петмина, особено на оној Василев со неговите којзнае колку години, да се тртат таму каде што не им е местото? Што имаат тие некому да објаснуваат? И што ли можат, такви какви што се, некому да објаснат? Немаше ли некој од фамозните национални институции за коишто е наменет „откупот“ да седне таму? На пример, стручњакот Палоши, или онаа од МСУ? Тоа дека ќе се откупуваат нови и нови „скулптури“ од овие, тоа веќе беше јасно во старт. Ама, малку ли инкасираа аџиевци, бедиевци, башевци и компанија, уште ли им треба? Та колкави стомаци и какви џебови имаат ова репрезентативците? Ко вреќи? Или, со ова сликањево отплаќаат (партиски) долгови? ПР?

И сите здушно (ами како!), без трошка творечко достоинство, ја поздравуваат идејата на Министерството за леб и игри. Ало, „уметници“, тоа не е ни идеја, ниту иницијатива. Тоа, во нормални земји, е редовна обврска, задача, должност на едно Министерство за култура. Токму тоа, а не да гради и шверцува споменици! Особено ваши!!!

И токму тоа, да простите, се делот на нашите „гооолеми“ професори на ФЛУ, што ги учат идните генерации македонски уметници, да ни приредуваат вакви циркуски забави како овогодишниот „Зимски салон“. И да кумуваат на такви „иницијативи“ на Министерството за леб и игри. Нормално, ниту еден од нив нема да ги коментира констатациите на Алексиев, нема да гукне за состојбите во ДЛУМ, за состојбите во македонската уметност и култура …? Та тие се над сето тоа, тие се – Тинекс репрезентација, по ѓаволите!

4.

И, за да биде впечатокот комплетен, ене им го менторот Станковски алиас Сарајлија, кому пак сега ни ова не му чини, кај нас било мизерно, вели тој – е баш би сакал да го прочитаат ова неговите политички ментори – сме имале уметници ама сме немале клиентела да ги купува „вредните“ уметнички дела. Мореее шутрак! Па што друго прави оваа држава последниве осум години, освен што (от)купува кич и будалаштини коишто тој ги прогласи за уметност, и тоа за огромни пари? За познати 200 милиони евра, и барем уште толку – непознати! А „македонската транзициска крупна буржоазија“ да ти немала доволно култура да ги купува неговите и делата на неговите пајташи, па заради тоа  се „добива колку очајна, толку и гротескна визија за овој аспект на културата“. Бреее, каков филозоф. Па чии дела се купуваат во државава? Мои?

Но, згора на се’, „стручњаков“ констатира дека „ оваа ужасна беда, изгледа, уште долго ќе царува со нашата културна реалност“. Па како сега беда, кога до вчера беше „res publica“ и „res aesthetica“? Како беда кога до вчера бевме најбољи у свет, во уметноста особено, на чело со него? А сега – бедава ќе потрае?! Па нели по негов „проект“ Министерството за леб и игри ќе ги усреќува националните институции со „откупи“ на уметнички дела?

Што ли сега му фали на човечево? Некој да не не му го платил хонорарот, да не не му ги подмориле договорените финансиски обврски, да не му ускратиле некој сребреник, па сега плаче, убива? Дајте луѓе, тој е од малкуте што останаа посветени на идејата Македонија целосно да се обвитка во кич и песна. Кичот веќе го гледаме, останува да ги чуеме „песните“ што ќе се плаќаат со суво злато. Црвчено (само)наречено „џезер“, се разбира, како и за се’ друго – молчи! А онаа другана (да не речам што) се трти во Кан, демек ја промовирал македонската музика. Која, онаа што беше на CNN како mental hospital?

Затоа, во насоката на поданичка верност кон властелините, иако сега ги критикува, јас не би го елимина Сарајлија. Оние петмина Тинекс репрезентативци, па и другине, не се толку сигурни. Денес се ваму, утре се таму. Додуша, и Сарајлија е шампион во тие игри, ама овде некако заигра со целата (дволично фалична) посветеност.

5.

И пак ќе речам, не е до телото, до умот е!

МАСКИТЕ (ПОЛЕКА) ПАЃААТ

1.

Се разбира дека и овој театар на апсурдот во македонската култура, оваа маскарада во квазибарокна македонска варијанта ќе заврши. Кад – тад, што би рекол Душан Силни на Мостот на „цивилизациите“. Ваквите (по опфат) мали, заради историските (не)прилики неизживеани и во принцип фрагилни култури не смеат да се држат затворени, гетоизирани, и плус ретроградно идеологизирани, зашто бргу ќе генерираат самоуништувачки процеси. Ќе почнат да се јадат одвнатре, како и секој болен организам. Што всушност и ни се случува. Ние можеби има(в)ме силни носечки столбови во традицијата (којашто полека но сигурно ја уништуваме), ама неопходните двигатели на совремието ги уништивме во инфантилната борба за власт и пари. Оваа култура нема на што да стои. Останавме и без култура и без творештво. Станавме комплетно коруптивна културна маса, (з)гмечена до зла бога од некадарници и малоумници. И оние со „сменетото мислење“. Ако сакаш да бидеш дел од нејзиното совремие треба да се антиквизираш или, барем, барокизираш. А по можност – и двете!

2.

Пред извесно време, по повод изборот на Емил Алексиев за селектор на ДЛУМ-овиот Зимски салон, јавно го повикав да не ја прифати таа јалова работа зашто ми се виде дека влетува во некаква / нечија утешна варијанта, заради беспарицата и безидејноста на ова Друштво. Мислев дека со нив, едноставно, не треба да се игра, дека треба да се остават да се удават во сопствените да не кажам што … Зашто тие, очигледно, ни имаат ниту пак им треба ум. Тие бре брате знаат се’. Затоа и дојдоа до ова дереџе.

Се разбира, Емил Алексиев постапи како што тој мислел, и – бил во право. Зашто, прво, навистина не се сите членови на ДЛУМ одговорни за состојбите во коишто се најдоа. Ама поголемиот дел се’, и тука немам дилеми. (Само ја чекам онаа госпожана Балаќ, да гукне нешто апропо сето ова што се случува?! Го измрцвари Друштвото толку години. Ама и тие околу неа … па, па, пааа!).

Второ, не е ниту публиката одговорна за сето ова што ни се случува и немаме право да и’ ја ускратиме можноста да види добра изложба. Потенцирам – добра изложба, зашто сето она што досега се правеше на овие и вакви изложби беше живо, да простите, срање. Балаќевци си ги вежбаа трите мозочни келии (оние за дишење, за стоење исправени и викање „да“) со некакви бомбастични теми и темички, се редеа на автобуска станици со куферчиња, абе да ти одмили животот. Тоа, за нив, била уметност, тоа да ти бил Зимски салон. Будалаштини! А тука секако се вбројуваат и оние странски „селектори“ кои ги м’кнеа по некакви лични профитабилни (канализациони) канали и каналчиња, па кои понатаму им средуваа изложбички и изложбичиња во некакви периферни галеричиња, во истото странство против кое (тогашните) ДЛУМ-овци божем протестираа. А и тие „селектори“ им ги натураа наши таканаречени уметници на привремена работа во странство, па ги викаа од соседствово и ни ги претставуваа како светски ѕвезди, па ги тинтраа и плаќаа … и – од нив повеќе ни траг, ни глас. Неколкумина наши „уметници“ се офајдија, ама сега се кријат ко … да не речам што!

DLUM_Zimski_Salon

3.

Трето, Алексиев ја искористи добиената можност да ги отвори работите. Иако тие одамна се отворени – веќе едно чудо промаи ги фатија – ама, сепак, подобро е и кога повторно, и повторно, јавно ќе се проговори за веќе очебијните нешта. Дека не не’ бива бре брате. Дека сме во такво до гуша, дека не ни функционира ништо, дека не’ нема никаде … Дека одамна сме „во агонија“, како што констатира Алексиев. Дека „сето она што во минатото го градеа поколенија културни дејци и уметници, денес е урнато и овие тажни урнатини на нашата национална култура не можат да ги прикријат веселите фасади на новите градби, ниту баењето и мамењето на политичарите“ и нивните трабанти од типот на Сарајлија, „архитектон“, или оној што си го „менува мислењето“ ко чорапи, и ним слични сподоби. Алексиев недвојбено има право да смета дека ја разоткрива, уште еднаш, „културната катаклизма што се случи во нашава земја“.

Или, можеби, како што сметаат некои, Алексиев не требаше да не потсети дека „судбината на ликовната уметност во Македонија е доведена во прашање“. Или, ако сакате, на целата култура. Дека „наскоро ќе бидеме единствена земја на планетава кај што нема да има ликовна уметност. Нема да има кој да работи. Да не се лажеме. Не сме повеќе во ситуација да бидеме фини, нежни, културни. Катастрофата веќе се случи. Ова е постапокалиптично време во кое ние се обидуваме да одржиме некаква идеја за ликовна уметност во Македонија“.

Односно, според нашите нови мудреци со „сменето мислење“, Алексиев можеби требаше да ни раскаже некои „мали наративи“, некои негови локални приказни? Од типот: како се буди сабајле, што појадува, како оди на работа …? Тоа, според нив, ќе беа битните за нас нешта, денес и тука?

4.

Она што мене ме чуди е прашањето како воопшто човек како Алексиев, со веќе изречени / познати дијагностицирања за нашава тековна епидемија, влегол во комбинација за селектор на Зимскиот салон. Дали нашиве ДЛУМ-овци веќе не можат да ја трпат диктатурата на антиквизаторскиот лумпен-пролетаријат? Дали им е преку глава од нивните „стручњаци“ од типот на Ацика и компанија? А всушност, и ги немаат повеќе, толку беа таквите минхаузени, на прстите на една рака да ги наброиш. А и не се многу по работата. Тие попрво би да кажат два лафа, да напишат три збора, и – да инкасираат. Тие бре брате не се за сериозна работа. Ем не знаат, ем ги мрзи.

Оттука, токму заради сосема неочекуваното влетување на Алексиев во таква комбинација, ми се чини дека во македонската култура веќе паѓаат маските. Веќе се гледа кој е кој, и што е што. Премногу е очигледна ем малубројноста ем неспособноста на барокољупциве да сработат нешто пристојно во културата. Ист филм веќе им се врти насекаде, во сите области, не само во ликовната уметност, иако таа е дефинитивно пример за показ за неспособноста на една ступидна културна политика “темелена“ исклучиво на партиски опции. Ограничени до немајкаде. Та видете на што спадна театарот, издаваштвото, филмот …! Маските допрва ќе паѓаат, допрва ќе се разоткрива голотијата на македонската култура. Односно, на она што останало од неа.

Но, од друга страна, да не ги викнат сега ДЛУМ-овци на идеолошко пеење и прочистување за „пропустот“ од типот Алексиев? Не знам каде, и не знам кај кој „идеолог“ денес обично одат, ама да се надеваме дека лесно ќе поминат. Порано, во проклетиот социјалистички реализам, за „идеолошка“ инструктажа во ДЛУМ  барем доаѓале сериозни уметници од форматот, на пример, на еден Лубарда. Сега, во епскиов реализам, којзнае која будала ќе ги пее!