Monthly Archives: July 2015

ПРЕРОДБА СО ЗАОКРУЖЕНА ЦЕНА

или

МАКЕДОНСКА „РЕНЕСАНСА“ (2)

5.

И сега, без оглед дали, и колку мене ми се допаѓа целата сентенца за нашата преродба („А сега, да ви соопштам, со целиот ризик од вашиот анимозитет дека „преродбата“ ќе продолжи, и мора да продолжи. Таа не е само естетско-уметнички проект, како што Дизниленд или Лас Вегас не се тоа во потполност. Таа е, пред се’, проект поврзан со историската вистина и идентитетот, таа е и туристички и економски проект. Затоа, кога плукате по палмите како биле кич, отидете во Мадрид или во Рим, па да видите колку тие палми им даваат шарм и убавина на овие прекрасни градови, преполни со посетители и туристи“), дали, и колку мани можам да и’ најдам, признавам дека мене особено ми се допаѓа – почетокот. Ми личи, и по форма но и по суштина, токму на Сезан и неговата чуена „Ви ја должам вистината за сликарството и ќе ви ја кажам“ (во писмото упатено до Емил Бернар, 23 октомври 1905 г.). Да, но Сезан не само што ја кажа вистината за сликарството, туку и ја – покажа, на дело, барем неговата вистина, во тоа време!

Нашиве нови маалски „филозофи“, па дури ни оваа селска варијанта на „Рембрант“ алијас Сарајлија, не кажуваат и не покажуваат ништо. Новиот македонски преродбенички стил е да се трупаат зборови без смисол и значење, без врска со реалноста, но зборови што ќе остават впечаток не на тие кон кои се наводно упатени, туку на оние кои тие зборови ги нарачеле, директно или индиректно. Односно, битно е да покажат дека задачата за тој ден е завршена. Инаку, и самите многу добро знаат дека одамна се прочитана приказна, ако не повеќе тогаш според коментарите што ги добиваат за нивните умотворенија. А впрочем, кој, и што може да разбере за новата македонска преродба од онаа збирштина случајни и неповрзани зборови цитирани погоре?

На пример: каква врска има некоја, па нека е и нашава актуелна „преродба“ со некаков „естетско – уметнички проект“? Та не ќе да е да мислат новиве просветители дека преродбите се сведуваат на тоа, на некаква естетика и некаква уметност, какви и да се? И толку? А што пак некој „естетско – уметнички проект“, па нека е и нашиов „Скопје 2014“ (ако веќе сме решиле така нагалено да му се обраќаме на тој злосторнички чин!) има со Дизниленд и Лас Вегас? Зарем овие преродбеничкиве дејци навистина толку го потценуваат она на што до вчера му се восхитуваа, па сега го сведуват на Дизниленд и Лас Вегас? (Што за нив не би било чудно, ама ми изгледа некако преурането, таквите освестувања треба да дојдат подоцна, кога нивните газди ќе бидат сместени на политичкото и историското ѓубриште). И каква врска имаат Дизниленд и Лас Вегас со некаква естетика и уметност? Или знаењето на дејциве допира дотаму што ним и Дизниленд им личи на – уметност!?

6.

И понатаму, дали овде станува збор само за некаков случаен лапсус? Но не, зашто лапсусот се случува во збор-два, не во толкава реченица. Зашто, веднаш понатаму, „преродбата“ се изедначува со – проект. Мислат ли овие навистина дека некаква преродба е само и единствено проект? Нешто како да реновираш купатило или да засадиш нивче со канабис?

Сепак, право на секоја будала е да го вика како сака. Право на секоја будала е дури да смета и дека „Барокот и проектот Скопје 2014 еден ден ќе бидат историско наследство“, односно дека „… градот го има еден од најубавите плоштади во регионот, а во промотивните секвенци изгледа како место од светот на бајките“ (Аљоша Симјановски, Архитектурата на архитектите, Утрински весник, 26.07.2015). И јас воопшто немам намера тоа право да им го ускратувам на будалите. Ама, кога тоа нивно лично право ќе го изнесат јавно, кога јавно ќе почнат да не’ убедуваат дека, еве, ние живееме како во бајка, и тоа во преродбеничка бајка, па кога ќе почнат да не’ праќаат во Рим или Мадрид да сме ги виделе тамошните палми ама не ни го плаќаат авионот и престојот во тие градови, е тогаш нивното „право“ иницира и друго право (барем) на размислување и евентуален – одговор. Можеби некој смета и дека е право на градоначалникот Трајановски да мисли (и каже) дека парите за т.н. тушеви за новозасадените палми низ целава римо-мадризирана држава не се големи. Тоа било – ефтино! Ок, негово право е да мисли така, ама само тогаш кога ќе си брцне во џебот и тоа „ефтиното“ ќе си го плати со свои пари. Само тогаш има навистина право да каже дека е ефтино.

Меѓутоа, кај нас туѓото секогаш било ефтино. Затоа што е туѓо, се разбира. И ним сигурно ефтино им звучат и оние 600 милиони евра (што така детално ги лоцираше БИРН) фрлени во ветар (овде ветарот е метафора за нечиј џеб) а божем зa нашава преродба, за оваа „бајка“ во која што не’ ставија. И тука делумно имаат право зашто сето ова околу нас е навистина ефтино, и тоа се гледа – пропадна, се упропасти за само две-три години. Некои „ремек дела“ и за пократко време. Токму заради тоа што сето тоа беше ЕФТИНО. Ама проблемот останува: каде отидоа другите пари?

Дали потписникот на онаа фамозна преродбеничка реченица, и сите останати преродбеници кои на еден или на друг начин во изминативе години му го переа мозокот на народов со нивните дегутантни изливи на воодушевување, сметаат дека една ваква национална преродба може навистина да биде така ефтина? И да се самодемонтира, да се офуца, да се упропасти за само неколку години, некогаш и помалку? Дали навистина станува збор за преродба или за нешто многу попрозаично, нешто со што ќе се бави идниот специјален обвинител?

7.

Секој иоле нормален и малку учен ќе се фати себеси дека, дури и несвесно, се испрашува дали знае дека една сериозна национална преродба може да се сведе само на некаков проект со неколку згради како филмски кулиси и едно чудо кич-споменици. Па нека има и по некоја палма плус, наводнувана дури со (ефтини) тушеви. Таквото лично преиспитување можеби ќе доведе и до поегзактни проверки низ некоја книга, ама секогаш со истиот краен заклучок: светот не познава таков тип преродба, па уште и национална, демонстрирана само низ градителскиот и скулпторскиот „гениј“ на една нација и веќе во старт финансиски заокружена на цена од осумдесеттина милиони евра (коишто подоцна ќе нараснат до епски размери од 600 – до сега познати и откриени – милиони евра). Тоа, повторно, му доаѓа како нашава преродба да ја планирал некој дилетант претприемач, некој не баш еснаф човек кога дозволил цената тооолку да му порасне, и тоа без последици и консеквенци по него и неговата тајфа. Барем засега, се разбира. Или, ако оваа наша национална обнова ја упростиме баш по нејзината вистинска мерка и ја споредиме со, еве, реновирање на едно купатило за коешто вашиот архитект (главен или спореден, сеедно) ви кажал дека ќе чини околу 2 илјади евра, а на крајот ви побара 16.000 евра, ќе му ги дадете ли? Или ќе ја грабнете првата мотка при рака и ќе го избркате од дома?

Или нашиве просветители-преродбеници навистина мислат дека цената на националната преродба не може и не смее да игра некаква улога, или дека платената цена во нашиов случај е мала, ефтина? А да си ја платеа и тие, како и Коце тушевите, од џеб? Или бидејќи преродбата е национална, не’ тангира сите, па мораме здружено и да ја плаќаме, колку и да чини? Но добро, и ова може да се смета за зајадливо опозициско мешање во една таква значајна работа и комуњарско поистоветување на преродбата со некакво купатило. Иако, всушност, и онаа Градска плажа што неодамна ја преораа беше дел од преродбата (ваљда да го потсетува народов дека треба да се бања!), па оттука и асоцијацијата на купатило!

8.

Но, пак шегата на страна, ама прашањето стои: што навистина преродивме, односно – преродија? Може ли една толку скапа преродба да се сведе само на десеттина згради (од стиропор и „мермер што личи на мермер ама не е мермер“!), два-три музеи (ако и тие можат да се протнат под тој поим!) и – едно чудо дилетантски, да не речам кич, споменици? Тоа ли е таа преродба (и затоа ли ја пишуваат со мала буква?) или јас можеби сум пропуштил нешто? Како што, изгледа, лани го пропуштив инсталирањето на оној нов вредносен систем којшто, се покажа, никој нит го видел нит го чул, иако беше громогласно најавуван од страна на новион consigliere на Хорхета и онаа партизанкана?

Како и да е’, ако добро се сеќавам, Македонија во поновата нејзина историја памети две преродби – првата национална (крај на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век) и втората државотворна, но и национална и културна и уметничка (по 1945-та година). Дали третата ќе биде онаа во 1991 година, или можеби некои шуплоглави историчари од денешниот македонски профил ќе ја прогласат токму оваа денешна „преродба“ за официјално трета, останува да се види. Ако тргнат по умот на оној „режисер и публицист“ и неговата бајка, којзнае?! Иако некако мислам дека тој филм нема да се сними кај нас.

Но, како и обично, допуштам дека грешам. Допуштам дека и маломозочниве изливи на нашиве нови просветители еднаш може да погодат. Виделе нешто што ние сите не можеме да го видиме. Ок, ама баш би сакал некаков пример, нешто што би излегло вон видокругот на оној „… монументален зафат од епохална пропорција за македонскиот народ и народностите“ (види: Ацо Станковски, Прошетка 2, Република on line, 24.10.2014), нешто прилично попристојно, да не речам поумно, нешто што навистина наликува на преродбенички менталитет, на пример: книга од форматот на „За македонцките работи“ или барем расказ како „Силјан штркот“, или претстава од типот на „Македонска крвава свадба“, или списанија како „Вардар“, „Лоза“, „Македонски глас“, „Македонски лист“, или можеби поема како „Сердарот“, песна како „Т’га за југ“, што ли во оваа нова преродба би му парирало на Тријазичниот речник, како таа Преродба цели кон европеизација на Македонија а оваа, „новава“, кон антиквизација … Зашто тоа се вистински духовни белези на една Преродба, а не грст, па нека се и стотина недоквакани споменици! Или дајте, по ѓаволите, современици од форматот на Мисирков и Чуповски, Пулевски и Цепенков, Чернодрински и Миладиновци, Прличев и Шапкарев, Мартиноски и Личеноски, Вапцаров … набројте ги, по име и презиме, па да им се поклониме!

Или, ако сакате, да не одиме толку далеку, изроди ли оваа преродба, ова време-невреме, барем нешто приближно до форматот на „Ленка“ или „Тутуноберачите“, „Тешкото“, збирките „Везилка“ или циклусот „Стерна“; или роман како „Крпен живот“, „Големата вода“, „Пиреј“; или драми како „Црнила“, „Диво месо“, „Лет во место“; или можеби монументални дела од типот на фреската „НОВ во Македонија“ во старата Железничка станица, споменикот на Св. Климент Охридски пред НУБ, спомен костурницата во Велес, монументалниот комплекс во Кочани …? Или каде се кријат современиците кои би можеле да се мерат со еден Блаже Конески и Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Коле Чашуле, Димитар Солев и Гане Тодоровски, Димче Коцо и Михајло Петрушевски, Петар Илиевски и Владимир Мошин, Петар Мазев и Душан Перчинков, Петар Хаџи Бошков и Стефан Маневски, Властимир Николовски и Ѓорѓи Константиновски … (со сета почит и кон многумината неспомнати!). Тоа се, шупелки низаедни, преродбеници и преродбенички дела, дела и луѓе кои остануваат во историјата на еден народ, а не вашиве пишливи споменици и стиропорни зданија! Каде е тогаш современиот пандан на овие, и не само овие, каде се тие имиња што денес значат нешто за ова време, а ќе значат и утре, и задутре? Што вредно изнедри оваа „преродба“ за да остане запишана во гените на нацијата?

Треба ли можеби да ги редам сите македонски институции што беа основани од 1945 година наваму, за прв пат во македонската историја, а коишто денес се континуирано упропастувани токму од оваа преродба со мало „п“ и овие преродбеници? До каде ли би стасал тој список?

РАСЦУТОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ГЕНИЈ НА ГЛУПОСТА

или

МАКЕДОНСКА „РЕНЕСАНСА“ (1)

1.

Јас не знам што точно е проблемот со оваа земја и овој народ, вклучувајќи ме тука и мене, се разбира, ама ние мора многу да сме му згрешиле на Господа. Зашто нема друго: народ и земја осудени на вакви тормозења, од ден во ден, од година в година, на вакви маки да мора да гледа, слуша а богами и чита се’ ова што ние видовме, чувме а богами и прочитавме, е такви земја и народ мора (пре)многу да се грешни. Од кај нас ли потекнал исконскиот грев, што пак ја докажува тезата за Македонија како Библиска земја, од ова тло ли потекнуваат и сите други човечки гревови, што повторно оди во прилог на нашата древност? Толку ли сме го пцуеле Господа, сме го мавале ли со камења … што ли? А велат и св. Павле поминал оттука, или беше св. Петар? А онаа Лидија? Немаме ли и само заради тоа некаков попуст?

Не знам, и впрочем не можам да ги знам гревовите на нашите предци што довеле до ваква Господова пизма и осуда на современото македонче – пардон, Македонец – а можеби влечат корени уште од времето на она глупаво доселување на Словенскине варвари и нивното мешање со тукашните тогашни „ариевци“ кои, еве, почнаа да го слават и роденденот на Ацета. Малку доцнат, додуша, едно 22-3 века, ама никогаш не е доцна, велат. Или можеби Господ токму затоа вака не’ казнува зашто, сепак, знаеме и кој и што бил тој Аце?

Ако е пак заради она (сепак краткотрајно во размерите на вечноста) комунистичко роварење – грешка е. Та токму тие му ги озваничија неговите „пратеници“ на земјава и нивната куќа. Мора да е нешто друго!

2.

На страна шегата, ама ние навистина мора да сме многу грешни штом сме осудени тооолку години на ред да гледаме, слушаме и читаме секакви будали и нивните маломозочни сочиненија (божем) просветлени од некакви  внатрешни инспиративни „гласови“, а всушност дебело наплатени неписмени блебетања лиферувани по нарачка преку националните куртон-медиуми. Зашто, навистина, што се’ не се наслушавме и нагледавме низ овие години на царството на малоумните, кој се’ не излезе на јавната бина да ни каже што тој / таа мисли, знае и умее, какви се’ идиотизми моравме да трпиме само заради нивната решеност да му слугуваат на голиот цар за бедни триесеттина сребреници?

Но, што е уште пострашно, нивната самоувереност со години растеше, просто цутеше, нивните брливи скаски добиваа на „тежина“ (но и на дијагноза), зафатија секаде и секого, допираа „глобалистички“ теми и „геополитички“ стратегии, локално-маалски филозофии и регионални историографии. Го живеевме, на дело, безмалу секој ден, расцутот на македонскиот гениј на глупоста! Ни копаа по генетската структура, го бараа гробот на Ацета, си пцуеа по комунистичките татковци и дедовци, пишуваа и допишуваа национални и светски истории, палеа договори, ни носеа „браќа“ од далечниот Исток, ѕиркаа во некакви паљурски дупки, откриваа нови светски уметнички и архитектонски стилови, а богами и нови светски заговори … направија се’ што еден налудничав ум од оваа почва изникнат може да направи! Не не’ оставија раат ни ноќе ни дење, бомбардирани од сите страни како да сме осудени на сите Дантеови кругови, еден по еден, па повторно од почеток.

И мислам дека и најсталожените и најмирните меѓу нас, дури и оние најучените, не можеа да останат имуни на сите нивни растегливи и умножливи, целосно фабрикувани или делумно извитоперени „тези“ и „теории“, спинувани вистини и полувистини, лаги и паралаги. Ќе мораше да се отвори барем по некоја енциклопедија, ако не книга, да се изврти некој лексикон, човек ќе почнеше да се сомнева и во сопствените знаења зашто пресијата на сто пати повторената лага цели токму и кај најсамоуверените да предизвика (барем) сомнеж. Од сите тие антиквизации, археологии и истории, од сите оние бароци и неокласицизми, од сите оние национални вредности и дострели почна, богати, да не’ јаде сомнеж и во сопствениот здрав разум! Можеби тие навистина се во право? Да, кога врбата ќе роди грозје. Или кога Чак Норис ќе земе да прочита книга!

3.

Но, не мислам дека најсоодветниот одговор на сето ова, оној одговор во вид на тупо молчење што го гледаме сиве години, е вистинската одбрана од ваквите умоболни манијаци. Знам, многумина ќе кажат: абе пушти будала! Да, ама тоа стадо будали ене го разнебити градот, усра се’ што можеше да се усере, смени личен опис и на македонската култура и на македонската уметност, инсталира идиоти како некаков наш нов вредносен систем. Затоа, мислам дека филозофијата „пушти будала“ само оди во прилог на маскирањето и пропуштањето на ваквите тенденции. Впрочем, ако не повеќе, добро е барем да се проверат нивните „тези“, онака – лефтерно, колку да се види до каде е забегана работата. Или, ако сакате, што ако луѓето се во право? Што ако ние навистина живееме во време за коешто и не сме свесни каквио вредности ни донело, и ни носи? Што ако ние, навистина, во нашата интелектуална закоравеност, завидливо гледаме кон ваквите нови теоретичари и нивните тези за нас и нашето општество, што ако времето навистина не прегазило односно оној проклет комунизам уште ни тече во вените? Што ако овие (сепак) малкумина се новите македонски просветители, преродбеници, геостратези, архитекти, уметници … а ние, да простите, се заебаваме со нив како со малоумни? Таквиот однос не доликува на цивилизирани луѓе, ако се сметаме такви, нели?

Поттикнат токму од ваквите дилеми, а инспириран од последниот генијален излив на виспреност, ученост и посветеност на „каузата“, сметам дека е крајно време сите овие битни за нас тези да почнат сериозно да се проверуваат. За да не останеме неуки и неинформирани, за да не не’ гази и понатаму времето. Јас додуша во неколку наврати се обидов да си расветлам, себе си, се разбира, некоја од новиве теории – на пример: за новиот вредносен систем, за новата македонска уметност, за културата итн., – пласирани од некои од нашиве јун(а)ци, кои очигледно и одлично напредуваат благодарејќи на нивните умствени (не)способности. Ене, оној што упорно се обидуваше да не’ убеди дека ние веќе сме имале нов вредносен систем дотера до советник на Хорхета!(?).

4.

Значи, последната генијална теза пласирана како шлаг на повеќегодишно украсуваната торта на македонскиот идиотизам е скаската дека ние, практично, го живееме времето на некоја наша „преродба“, ни повеќе ни помалку! Или, ако сакате, еве го целиот цитат што цели конечно да не’ просветли и извлече од мракот во којшто упорно талкаме: „А сега, да ви соопштам, со целиот ризик од вашиот анимозитет дека „преродбата“ ќе продолжи, и мора да продолжи. Таа не е само естетско-уметнички проект, како што Дизниленд или Лас Вегас не се тоа во потполност. Таа е, пред се’, проект поврзан со историската вистина и идентитетот, таа е и туристички и економски проект“! Не знам колкумина веднаш ќе го препознаат овој веќе солидно етаблиран наш генијалец од клапата „нови просветители“, но за оние понедосетливите добро е да се даде насоката дека себеси ужива да се нарекува – „Рембрант“. Но и тоа впрочем воопшто не е битно, не е битна ни неговата повеќегодишна репутација и јавна дијагноза, битно е што вакви сериозни поими, а во контекстот на нашето секојдневие, можеби и токму истиот, ги слуша(в)ме многу, многу често. Не знам за другите, но јас навистина мислам дека е крајно време да се преиспитаме дали можеби сме грешеле во однос на прифаќањето на новово време и неговите идеи, дали можеби погрешно – што би рекле: разроко или накриво – сме ги читале / слушале овие нови маалски филозофи, овие современи улични интелектуалци со се’ уште калливи опинци, овие најнови производи на оваа нова македонска ренесанса која што тендира да ја однесе земјата во нејзината најцрна иднина. Или повторно само ќе ги исмејуваме, ќе ги слушаме со нашиот вообичаен цинизам, со нашето познато опозициско предубедување наспроти сеприсутната распупена македонска реалност? Или, едноставно, ќе ги игнорираме?!

Та ако овие нови млади (добро, не се сите млади) и умни (добро, не се сите ни многу умни) глави успеваат да ги пласираат нивните тези безмалу секојдневно, преку весници, списанија, радија, телевизии … а згора на тоа и добро се платени за тоа што го прават,  па зарем тоа не е доволен знак дека во земјава има и такви кои со внимание и со почит ги следат дострелите на нивните генијални умови? Или суетата, онаа типична левичарска суета, не ни дава конечно да симнеме капа и да им одадеме должна чест и респект на неуморноста, на настојчивоста, на патриотизмот да ја шират вистината за нашето секојдневие?

Се разбира, некој може да приговори дека ваквиот типичен македонски  „гениј“ секогаш расцутува во последната, најдекадентна, предсмртна фаза! Но и тоа би биле само зборови на завист. Мислам дека онаа безмалу историска сентенца, онаа цитирана погоре, за нашата преродба, заслужува неподелено и неускратено внимание, од сите аспекти. Во следната прилика, секако. А за да не ја заборавиме, еве ја уште еднаш: „А сега, да ви соопштам, со целиот ризик од вашиот анимозитет дека „преродбата“ ќе продолжи, и мора да продолжи. Таа не е само естетско-уметнички проект, како што Дизниленд или Лас Вегас не се тоа во потполност. Таа е, пред се’, проект поврзан со историската вистина и идентитетот, таа е и туристички и економски проект. Затоа, кога плукате по палмите како биле кич, отидете во Мадрид или во Рим, па да видите колку тие палми им даваат шарм и убавина на овие прекрасни градови, преполни со посетители и туристи“. (Александар Станковски, Преродбата и кичот, Утрински весник, 20.07.2015).

СОЦИЈАЛИСТИЧКИ ДИНОСАУРУС СО МОДЕРНИ АСЕСОАРИ

или

ЗОШТО КУЛТУРАТА ТРЕБАШЕ ДА ДОБИЕ ПРИОРИТЕТ? (3)

9.

Знам дека на овие горештини, дури и да читаат вакви мрсомудонастроени сочиненија, шефовите на опозицијата нема (пре)многу да ги заболи глава од размислување дали добро постапиле при изборот на, за нив, интересните (дозволените?) ресори. Ама затоа сигурно ќе почнат да мислат за молскавичното упикување на Лилето-на-тато-Блаже сосе нејзината екологија како најбитен сегмент во утрешното управување со државата. Истата онаа Лиле-на-тато-Блаже која до вчера прдеше и се усмрдуваше во лејката на власта и и’ удираше чивии на опозицијата, ама сега експресно бара нови приклученија. А бидејќи политиката е таква … да не речам што … овие сигурно ќе почнат да ја есапат за сериозно. Можеби ќе им донесе гласови, дури 5-6?!

10.

Се разбира, темата за културата е доволно сериозна самата за себе, но, бидејќи застанав кај нејзиното постојано одложување, тоа ќе рече дека ретко кога е сериозна и за државата! И тоа е нејзината перманентна судбина, кај нас. И токму тоа е и проблемот што и сегашново (повторно) поттурнување на културата под тепих и оставањето на проблемите за некои подобри времиња целосно наликува на однесувањето на најголемата опозициска партија и во минатото. Зашто, да бидеме искрени, и нејзините мандати, како впрочем и на оваа карикатурална „десница“, обично поминувале во игнорирање на проблемите, а согласно политиката – не таласај! Не знам зошто, немам дефиниран одговор, па дури ни претпоставка, зашто во нивните редови имало – за разлика од другиве – поединци кои ги разбирале проблемите и можеле да понудат решенија или, во крајна линија, знаеле кој може да им помогне. Еден од малкуте, да не речема единствен таков реформски потег на сегашнава опозиција беше Одлуката за мрежата на национални институции во култура (2003) која што ги разграничи компетенциите во културата на национално и локално ниво. За тоа време голем чекор, ама  толку, се застана на тоа. Зашто Одлуката се однесуваше само на финансирањето на платите на културните институции. Сето друго остана по старо. Овие пак денешниве десни болшевици тоа само го дополнија финансирајќи не само локални туку и селски проекти (вклучувајќи ги тука и сите пифтијади и ајваријади), па и оние прекугранични (како национален интерес!) од типот на сетинци и попадинци, кои пак потоа ни враќаат со подигање на споменици во главниот ни град. Лепота!

Што ќе рече, дали на власт се десни или леви болшевици, македонската култура нема(ла) којзнае каков ќар и третман – освен некои, нормално, во зависност од блискоста со властите. А такви, кај нас, секогаш има(ло) многу: од надобудни “академици“ и „писателчиња“ до опинчани џезери, од „брилијантни“ глупици до „авангардни“ пенисолози, од домаќинки до штребери кои не знаеле што да прават со себе па заакале во културата.

11.

Оттука, може да се покаже дека сосема е на место тезата (неодамна актуелизирана и од М. Стевановиќ!) дека кај нас политиката всушност се плаши од културата како од нешто туѓо, непознато, безмалу несакано! И тој страв, тоа непознавање (и на теориските и на практичните страни) на културата води кон несакање и – нечинење! Полесно е кога нешто не правиш, нели, барем не можеш да згрешиш!?!

Токму затоа, впрочем, кај нас културниот модел (ако воопшто можеме да говориме за нешто такво!) наликува на некаков социјалистички диносаурус со тук-таму модерни асесоари. Десниве болшевици неодамна комплетно и го зацементираа ваквиот македонски „културен“ имиџ воведувајќи ги некогашните комунистички платни разреди во културата како нивен нов белег, нивен најнов дострел во промислувањата на културата. Какви идиоти, невидени. Да не говориме за веќе спомнатите будалаштини од типот на „национален уметник“, „национална пензија“ и сите други позајмици од најригидниот социјализам. (Можеби ова е таа „преродба“ за која што пишува акмакон Сарајлија?). Затоа, веројатно, на овие простори, но и на сите други во регионот во времето на социјализмот, владееше максимата: „не ме плаши министерот за култура, туку ме плаши културата на министерот за култура“. А и за плашење е, богами, без оглед со какви се’ титули се китат нашиве министри! Само што ние почнавме да се плашиме од културата на сите министри – особено на потпретседателон на Владата кој брка новинари по улица за да ги тепа, а се плашиме и од здравството на министерот за здравство, од образованието на министерот за образование (оној, де, кој не сакаше да одговара на прашањата во „Вин – вин“!), се плашиме од историјата на нашите историчари, од градбите на нашите архитекти, од споменицине на нашине уметници … се плашиме 24/7, за се’ и од се’!

12.

Непознавањето (да не речам стравот од) на културата и современите културни текови е, (и) според мене, една од битните причини зошто културата не се најде во фокусот на интересот на опозицијата визави претстојната распределба на „територии“ односно ресори. Тоа, прво, упатува и на непознавање на состојбите и неопходноста од коренити промени во овој ресор, но и непознавање на некои посуштински аспекти на значењето на културата за државата и нејзината улога во современите меѓународни релации. Понатаму, тоа укажува на неподготвеност да се фатат во костец со наталожените проблеми, особено оние најболните: во легислативата, во финансирањето на културата, во справувањето со злосторствата од т.н. проект „Скопје 2014“!

Но, се разбира, сите тие проблеми нема да исчезнат. Тие се тука, а десниве болшевици само добија дополнително време да ги забетонираат нивните будалаштини во културата, да потсокријат некои документи, да потрошат уште некое милионче. Евра, се разбира. Но, повторно, работата така само повеќе се усложнува, но не се решава. Прв сериозен тест ќе биде справувањето со злосторствата од т.н. проект „Скопје 2014“. И, се плашам, тој тест многумина нема да го преживеат. Политички, мислам. Зашто уште пред некоја година беше јасно дека битката против ова злосторство ја водеа, и ја водат, во најголем дел, луѓе вон политиката, интелектуалци кои јасно, од прва, ги согледале сите краткорочни и долгорочни последици од оваа криминална авантура. Политиката, мислам опозициската, тука се вклучуваше само во финансиските афери, како подлога за напади врз власта и нејзиното аздисано трошење. И правење паралели што и колку може(ше) да се изгради со тие пари. А зошто пак тие не го градеа тоа за што сега се залагаат? Мислам на болници, училишта, инфраструктура итн? Основните квазипостулати на овој „проект“ – историски, културолошки, идеолошки, образовни и др. – и општите штети на долг рок по правило остануваа вон видокругот на опозицијата. Дури, во извесни мигови, опозицијата на општинско / градско рамниште прилично попустливо преминуваше преку многу идиотски сегменти на „проектов“ наметнувани од идиотиве.

Впрочем, тоа се случува и денес: оној безгарнично ступиден, анахрон и визуелно примитивен „амблем“ на Општина Кисела Вода – оној со црквата де, иако во општината нема ниедна вредна црква – (велат) е изгласан со воодушевување и од опозициските советници. А згора на тоа, автор на истиот е кој друг ако не економистон кој глуми уметник, инаку „автор“ и на спорните (најблаго речено!) нови пари на Народната ни банка! Е па сега, јасно ли е?

13.

Се си мислам дека истата приказна ќе ја читаме и во стрипот „Скопје 2014“, при што опозициските сили здушно ќе застанат во одбрана на кичерајот што им го „разубави“ градот. Зашто, кутрите, ни разбираат што им се случило пред носот, ниту пак можат да претпоставата какви последици тоа (ќе) има за нивните деца. (И) за нив, како и за десниве, е важно да светка, да е големо, да е препознатливо … И кој ќе смее да пријде со француски клуч, баш би сакал да видам!?

Тој прв тест ќе ги отвори картите докрај, но ќе отвори и сериозни проблеми, проблеми што понатаму ќе се реперкуираат и во целата културата. Зашто, за македонската политика не е битна суштината – никогаш и не била – туку само формата. И мирот. А во „Скопје 2014“ ним формата им се допаѓа, по ѓаволите. И не можете да ги разубедите во тоа. А мирот? Тоа значи дека е битно да се продолжи со изложби, какви – такви, со претстави, какви – такви, со издавање книги, какви – такви, со концерти, какви – такви …

Битно е да се продолжи со стариот привид дека ние, сепак, имаме култура. И тука нема којзнае колку многу да се дискутира. И кој, впрочем, видел некаква фајда од културата? И, ако сакате, токму на тоа наликува и сегашната релаксираност и (дали?) задоволство што барем во првиве месеци не ќе мораат да се плеткаат со она незгодно нешто што се вика – култура. Нека си кршат глава со неа оние кои тоа и до сега го правеа. Само што тие не си ја кршеа нивната глава, туку ја кршеа главата, и кичмата, на македонската култура. Иако и тоа не е некоја новост, барем кај нас.

АКО СЕ ПОЧНЕШЕ ВО СЕПТЕМВРИ …

или

ЗОШТО КУЛТУРАТА ТРЕБАШЕ ДА ДОБИЕ ПРИОРИТЕТ? (2)

5.

Една од оние фамозни „национални“ куртоновизии излезе со „информација“  дека опозицискиот камп пред Владата зад себе оставил 30 квадратни метри ѓубре! Неписмениве мислат дека ѓубрето се мери како плочки за купатило, или како паркет. Нејсе. Не кажаа колку кв.м. ѓубре останува секојдневно од омилената им власт, во цела држава, од 2006 наваму. Ама некој и тоа ќе го пресмета. Можеби специјалниот обвинител?

Како и да е, ѓубрево е добра метафора за понатамошно образложение на тезата дека токму културата требаше да добие приоритет кај опозицијата како важен ресор за државата, како нивен фокус и како област во која криминалите беа (и се’) најтешки. Но и лесно видливи, дури не им треба ни специјален обвинител. Доволно е два-тројца поербап луѓе да прошетаат со пајтонот низ централното градско подрачје. Тука, за неколку години, е наталожено тони и тони ѓубре, шут, смет … боли глава. Една цела депонија! И тоа е само еден дел, оној на површината, видливиот, забележливиот. Тоа е едната од, можеби првата, причина за неопходноста опозицијата потемелно да се зафатеше со оваа област. Зашто, за изнесувањето на тоа ѓубре не се доволни неколку месеци. Ако се почнеше од септември …

Не знам каков специјален или „обичен“ (културен) обвинител ќе биде потребен за да се расветлат сите наталожени криминали, практицирани низ оние разновидни измислени форми на легализиран грабеж, почнувајќи од вообичаената „Годишна програма …“ па надаље. Или, некој мисли дека е случајност и (само) неспособност што за толку години немаме ниту еден, ама баш ниту еден, финансиски извештај на Министерството за (не)култура? Или зошто упорно одбиваат, со години, со објавената „Годишна програма …“ за фамозниот национален интерес во културата да посочат и финансиски показатели за секој проект одделно? Токму таа „Годишна програма …“ – да не ги спомнуваме сите други смешни „програмски“ измислици  – е изворот на бројните махинации и манипулации, клиентелизам и неосновано богатење, делење на државни пари за партиски потреби, почнувајќи токму од оние сега популарнине „сетинци и попаданци“, па едно чудо наши „заслужни“ творци закачени на буџетот со орловски канџи … Ако само во овој сегмент од работата на овој ресор треба три пати да се преврти едно ливче, како ли ќе се постигне со другите небулози што чекаат таму? Ако се почнеше од септември …

6.

Сепак, суштествената причина за потребата односно неопходноста во културата веднаш да се преземат ригорозни реформи е очебијниот нејзин крах во сите сегменти, од легислативни до творечки, од административни до менаџерски, од општи до персонални. Македонската култура со години не дава ни просечен резултат. (Не дава додуша никаков, но некои сакаат ова што го гледаме околу нас да го наречат – некаков). Низ годиниве во македонската култура се востановија примитивни принципи на квантитет наместо квалитет, на фолирантство и плагијат наместо творештво, на дилетантизам наспроти професионализам. Не е важно кој си туку е важно од која партија си, не е важно што правиш туку кој ти дошол на отворање, секоја шушумига се пишува уметник а овие му даваат награда како стартна основа за национална пензија, на неродени деца им отвораат работни места да ги чекаат кога ќе пораснат … Зошто тогаш се чудиме на скандалозното велешко одбивање во Ликовниот салон да се изложи акт? Па целата култура ни стана порнографија, онаа од најлош вид, на чело токму со оние кои „одлучуваат“ за неа! А нели е, да простите, чиста порнографија бомбастичното најавување на „работилницата“ на Влатко „национале“ во Крушево, а сега и неговото „гостување“на гитаријада во – Зајечар?

Тоталната повеќегодишна блокада (илити партизација, како сакате) не само на институциите туку и на целата култура, буквално, вклучувајќи тука и невладини организации и професионални здруженија и творци … сите со ред … го исцица и она малку творечки и културен дух од македонската култура. Но, да речеме дека и тоа не е којзнае колку битно. Се’ додека тоа партиско културно ѓубре останува(ше) во државата. Зашто ние веќе свикнавме на неговиот мирис, го препознава(в)ме на километри. Меѓутоа, овие самобендисани незнајковци почнаа континуирано да го извезуваат тоа исто ѓубре и во странство, некогаш на само ним познати и по ќеиф локации, но често и на важни меѓународни културни и уметнички манифестации, прикажувајќи го како современ „дострел“ на македонската (не)култура. Да те изеде срам!

Тоа ќе рече дека на нашиов актуелен тип на десно-бољшевичка културна матрица и’ претстојат сериозни трансформации, ригорозни реформи неизводливи на краток рок. Фактот дека неписмени носеа некакви стратегии и програми – коишто и самите не ги разбираа зашто им ги пишуваа други – не е утешителен, особено и заради фактот дека никој и не ги почитуваше. Или, подобро речено, работеа токму спротивно на тоа што, демек, го смислиле! Ќе мора и во културниот меѓународен свет да се разбие сликата за Македонија како заостаната, закоравена, неспособна и типично балканска културна средина која што нема што да и’ понуди на Европа. Ако се почнеше во септември …

7.

Денес во Македонија, не само во културата, се погазени сите повеќедецениски добиени битки против пролеткултот и идеологизацијата на културата, против балканскиот дух и урамниловката, калливите опинци и селските духовни сокачиња. Сите вредности се фрлени на партиското буниште на една карикатурална партија, која што од културата ни „к“ не разбира, но успешно ја користи за општа и поеденечна манипулација. Демонтирањето на сите квазимерки и решенија, приучени „акциски планови“ и „стратегии“, не е тешка работа. Но рестартирањето на независниот и често неизвесниот творечки дух и вкупната демократска културна машинерија – или она што останало од неа – не е баш така лесна работа. Велам неизвесниот зашто во творештвото, па ни во културата, никогаш ништо не е апсолутно, извесно, предвидливо. Освен кај нас, денес, и годиниве, каде што се’, и буквално се’, беше познато и извесно. И кој ќе добие пари, и за што, и кој нема да добие пари, и зошто, и кој ќе патува каде, и кој нема да патува никаде, и какви конечни културни „плодови“ ќе ни даде годината!

И таквиот тип работа ја нема во ресорите како што е земјоделието, социјалата, информатичкото општество итн. Таму, претпоставувам, треба да се прелистаат односно преиспитаат главно партиските субвенции и донации / дотации, а средствата да се насочат на вистинските корисници. Културата е сепак нешто различно, друг тип на организам со редица специфики – поединечни и општи, со булдожерски потреби но и со нијанси на најфин и најпрецизен механизам остелив и на најмали потреси. Во земјоделието, претпоставувам, преорувањето е потребна мерка, во културата таа мерка може да биде и – погубна.

SEKAVANJE NA ELADA 2009

Божидар Дамјановски, Сеќавање на Елада, 2009

8.

Оттука, на македонската култура и уметност, токму во овој миг, им требаше некој нов видокруг, нов хоризонт што ќе мотивира и потврди дека некому во оваа држава сепак му е грижа за состојбите во овие области. Токму овој миг на обновени демократски импулси, со евентуален, потенцијално нов и реформски наострен правец, можеше да сигнализира некое ново време за македонската култура. Не дека и вака, и со овие дополнителни месеци на продолжен очај, којзнае колку ќе се заостри и онака трауматизираната состојба. Ама, проблемот е што македонската култура постојано тренира одложување, чекање, подобри времиња, некој да се смилостиви да и’ обрне посериозно внимание. Токму затоа, веројатно, и македонскиот сликар  Божидар Дамјановски во неговиот коментар на првиот текст, вели дека „културата никогаш не се одложува … бидејќи ако тоа прејде во ’навика’ … тешко си на таа држава“!

ЗОШТО КУЛТУРАТА ТРЕБАШЕ ДА ДОБИЕ ПРИОРИТЕТ?

1.

Едноставен и недвосмислен одговор на прашањето од насловот, а во светлината на најновиот Договор за разрешување на политичката криза во Македонија е: затоа што културата е темелна вредност на едно општество, а на македонската култура и’ се неопходни темелни реформи! Ок?

Е сега, и прашањето, но и одговорите имаат уште редица финеси, се разбира. На пример, легитимно е потпрашањето: а зарем културата е толку загрозена што мораше да се најде на списокот на желби на опозицијата? И тука одговорот е едноставен и краток: да! Или, ако сакате, може и подолго: треба ли поголем аргумент од самонаречениот проект „Скопје 2014“ и од комплетно девастираните културни институции, од упропастеното културно наследство, од замолчените интелектуалци и културни дејци, од алаш-вериш културата промовирана на голема државна врата, од кичерајот навлезен во сите пори на општеството …?

Можеме да спориме дали за една држава е побитно земјоделието или културата, ама мислам дека не можеме да спориме дали за една држава, особено од типот на Македонија, се побитни ресорите труд и социјала од културата, или информатичкото општество и администрацијата од културата … Или, може и вака: кои се тие суштински реформи (освен субвенциите!) што се потребни во земјоделството? Или во ресорот труд и социјална политика, или во информатичкото општество …? Да, знам дека при потпишувањето на Договорот не се мислело на неопходните реформи во дадените ресори туку на други нешта, ама сепак: кои се тие специфики што ја насочиле опозицијата да се сврти кон оние други ресори, наспроти културата?

Или, нели е доволен аргументот од типот: во кој од наведените ресори има толкава промашена инвестиција како во културата, олицетворена во „Скопје 2014“ и неговите близу 700 милиони евра?

2.

Но добро, знам и дека секој, согласно личните и професионалните преференци, има забелешки на „добиените“ ресори со најновиот Договор со којшто, нели, Главнион архитект никако немаше да ја напушти премиерската фотелја. И тоа е сосема логично и верувам дека секој има аргументи зошто е побитно Министерството за внатрешни работи од Министерството за (не)култура, или Министерството за труд и социјала од Министерството за (не)култура итн. Ама логично би било да има и различни мислења односно и некои други да не се согласат со тоа, нели? Зашто и другите можеби имаат аргументи! Иако нам не ни е баш најјака страна борбата со аргументи. Никогаш не ни била.

Сеедно, не е грев ако некој јавно го искаже сопственото мислење, нели? Особено ако истото не се сменило повеќе години – за што, повторно, постојат аргументи, односно бидејќи ни културата не ни се сменила веќе толку години – а константно било јавно искажувано на повеќе начини.

Иако, признавам, многу би ме интересирале аргументите од типот: кому, и за што, му требало Министерството за земјоделие среде зима, наспроти Министерството за (не)култура коешто ќе продолжи да арчи нови и нови државни пари за сите будалаштини што вообичаено ги финансирам вклучувајќи го и „Скопје 2014“? (Па само т.н. Панорамско тркало би изело околу 20 милиони евра!). Ќе се делат ли некакви субвенции среде зима па на опозицијата и’ треба(ло) токму тоа Министерство? Или оцениле дека можат (идеолошки, да не речам партиски) да влијаат на земјоделците преку тоа Министерство? Можеби, иако се сомневам.

А Министерството за труд и социјала? Идеолошки (да не речам политички) ќе се убедуваат социјалните случаи за кого да гласаат или – нема принадлежности? А Министерствоно за (самонаречено) информатичко општество и администрација, што ли таму (ќе) се спрема? Ако може идниот министер од опозицијата во старт да потпише едно 150.000 отказни решенија за македонскава партиска администрација – ок! Ако не, што бараат таму? Ќе ги убедуваат неписмениве за кого да гласаат? Па тие се таму зашто знаат за кого да гласаат!

Да, го слушав Шилегов и неговите аргументи, и тие држат, ама сепак – малку да подразмислеа? Или барем малку да го сменеа стереотипното размислување на оваа партија?!

3.

Како и да е’, мислам дека има доволно простор (барем) за полемики и дијалог со некој кој е спремен на тоа, иако нема простор за пишманење бидејќи Договорот е потпишан. Ама јас сепак ќе се обидам.

Па така, морам да почнам со односот кон културата, којшто никако (и никогаш) не бил јака страна на левава опозиција кога била на власт. Како што се покажува и денес. Мислам дека луѓево немаа, и немаат појма што е тоа култура и која е и каква е нејзината моќ (да не говорам за нејзиното значење, кое што исто така како да е непознаница!).  За нив културата е некаков спореден колосек, нешто без коешто не се може зашто другите инсистираат на тоа, некаква „сива зона“ во која што луѓето говорат  на неразбирлив јазик. Нивна главна девиза беше: промоција на „живата“ култура!

За разлика од нив, десницата, кај нас олицетворена во карикатуралноста наречена дпмне, не знае(ше) но насетува(ше) дека оваа област е особено важна за вакви мали држави и (културно) загрозени (мали, по бројност) народи. Затоа обично не ја испуштаа од раце, освен оние година-две во 2007/8 кога ја препуштија на коалициониот партнер и веднаш видоа каква глупост направија. Меѓутоа, нивниот проблем е’, и секогаш бил, кадровски и теориски. Прво, секогаш за министри поставуваа често неуки (за културата) и уште почесто неспособни (за се’ друго) луѓе. Од времето на самобендисаниот а тотално изгубен Цветан Грозданов во „експертската“ влада, до актуелнава барокољубна „госпожа“ која после толку години, од секретарка дотурка до министерка! Нивните министри појма немаа(т) ни каде се, ни што треба да прават. Сите мислеа дека работа им е да ги (по)делат културните пари шаком и капом на нивните полуписмени сопартијци, и да одржат по некоја идеолошка лекција, се разбира. Мислам, направете список и потсетете се: од оној паунон кој ќе му подаруваше скулптури на светот а подоцна се прослави во Министерството за одбрана со 13-те милиони марки, преку Ганка која не’ збогати со едно чудо фалсификати од белградската „ресавска“ школа, па Димитров и неговата „беспоштедна“ борба со кичот која заврши со шетање на ковчег низ Венеција … па до денешнава широкорака „градителка“ која не знае од носот подалеку. А нејзиниот заменик – земјоделец! Е па сега, видете со кого сме имале работа и зошто не мора да се чудиме до кое дереџе ни стасала културата!!!

Нивното теориско рамниште по правило било под нулата, а познавањата за културата им се сведувале на набројувањето на таканаречените културни дејности. Овие пак денес особено го збогатија арсеналот на културните глупости: од национален уметник до национални пензии, од мешање на културата и естрадата до аздисано трошење на грдни пари за триминутни македонски забавни и фолк тралалајки, од (от)купување на ѓубре од ументичките ателјеа до упропастување на цел еден град … Еден од главните „теориски“ постулати им беше, и се’ уште е’, дека предност во културата треба да има т.н. мртва култура, односно заштитата на културното наследство, музеите итн. И „резултатите“ на нивните познавања се евидентни: од онаа будала со три часовници која ги нареди античкине скулптури пред Владата до создавањето на „современо културно наследство“ како посебен македонски продонес во светската наука и култура!

4.

Затоа, сигурен сум дека размислувањата на опозицијата ги ставила на кантар многуте ресори и дека (мислат дека) ги побарале клучните. Што добиле – добиле, читаме. Ама не сум сигурен дека воопшто, барем за миг помислиле на културата. Е тоа ме интересира. Зошто не? А не сум сигурен и дека би ја добиле. Културата, мислам. Зашто таму има уште многу да се сокрива.

Но, зарем навистина оваа област е таква непознаница за нив или (повторно навистина) мислат дека е неатрактивна (за нив, за народот, за кого?), или пак навистина мислат дека тука нема некакви специјални проблеми? Е тука се излажале. Дебело. Но за тоа во следната прилика.

ДОЃИ МИ У ЗАГРЉАЈ

1.

Којзнае со какви мисли, или можеби восклици и желби се подготвуваше Сребреница за „пречекот“ на Вучиќ, кој со сиот ум, после се’ – и тука мислам исклучиво на неговата лична „историја“ со настанот – се натопори на лице место, иако некогаш бараше за еден мртов Србин не знам колку мртви муслимани. Можеби – доѓи ми у загрљај? Ама и тоа е Балканот, оној ист којшто (Марија) Тодорова го нарекува „етнографски музеј на мултикултуралноста во еден ќош на Европа“. И всушност, целиот тој Балкан, токму со аминот на Европа и големите сили, настојчиво и потполно свесно се труди да си ја задржи таа карактеристика, да ја оправда пред светот. Барем засега!

Обидот на Вучиќ, во таков контекст, не изгледаше како искрен обид за покајание – зашто тука ќе фалеа уште многу други додатни елементи, а пред се Шешељ и претседателот Николиќ – туку повеќе личеше на одработување на прифатена задача. Затоа и заврши така – со камен в глава!

Затоа впрочем и нашите работи завршуваат така бидејќи како да нема искрени обиди нештата да се променат, да се прифатат вините, да се плати сметката. Зашто барем пари има, ако не друго. Ги има речиси и отповеќе.

И понатаму кај нас, како и на целиот Балкан, сосе фолклорниве „инциденти“, се’ си функционира како ништо да не се случило, ниту пак ќе се случува. Џабе „бомби“, џабе „преговори“, џабе се’ – сите институции си функционираат „нормално“ (како впрочем и сиве овие години!), ене домаќинките го отворија и Охридско лето, полека ќе ги растураат и камповите зашто летните одмори „за по странство“ навистина ќе започнат … доста беше одмор дома. Идила! Избори, преодни влади, оставки … апсења …? Други нека се заморуваат со такви будалаштини. На пример – оние кои немаат пари за одмор!

2.

И мислам дека Тодорова не случајно не’ нарекува „музеј на мултикултуралноста“. Тоа го прави со причина. Зашто, иако на прв поглед – или можеби само нам погледот ни оди таму кај што навистина не’ боли, како со расипан заб? – акцентот е ставен на мултикултуралноста, на онаа се’ уште жива рана на овие простори каде што другиот е по правило помалку вреден, поентата, според мене, е во музејот. Зошто? Затоа што Балканот – вчера, денес и утре – е токму пример за идеален музеј со раскошни артефакти и константна, неменлива постојана поставка. Како и во секој музеј, и во овој се сместени горе-долу истите експонати, со сосема мали и небитни измени, осветлувањето е по правило штедливо (што ќе рече – мрачно), редовно се подзабришува правот, но со намера одделни делови да се остават правливи за да има работа и за утре … Пописи, отписи и ревизии на мултикултуралните артефакти ретко се прават зашто, главно, се’ и секогаш си е на број, со незнатни варијации.

И главните кустоси се безмалу постојано исти, со незабележливи измени во надлежностите, и во „проектите“: од големи и мали сили, антанти и оски, лиги на народи и (божем) обединети нации, преку ЕУ и кој како стигне. Секој по нешто чепка и проветрува, колку да не се сбајатат работите, зашто Балканот тогаш страшно замирисува!

Единствено менливо нешто во овој музеј се границите односно просториите во коишто се движат мултикултурните народи. Кустосите им дозволуваат одвреме навреме да се прошируваат или пак со сила ги стеснуваат, ги пикаат во помали, мемливи и загушливи собчиња. И сето тоа се прави врз основа на валидни договори и планови од типот на Версајскиот, Букурешкиот и некои други купи-продај договори, иако денес се повалидни оние (и кај нас) познати алаш-вериш спогодби потпишувани на тоалетна хартија! Е па и „големите“ сили не се тоа што беа!

3.

Ако порано политиката на овој балкански музеј беше повеќе експанзионистичка односно насочена кон надвор, денес е валидна политиката насочена кон внатре, како од насловот: Доѓи ми у загрљај! Зашто балканските музејски експонати веќе никој не сака да ги гледа, уште помалку да ги прими или да ги финансира. Затоа, балканскиов музеј бара свежа крв, бара нови газди, бара инвестиции кои во неговата прегратка се трансформираат во смртоносни стапици. Или, локално – меѓународните прегратки завршуваат како трамбулини за извоз на домашниот капитал надвор, како услужни пералници на пари од секаква провиниенција итн. Токму затоа балканскиов музеј на Тодорова е и занимлив за странците, инаку одамна ќе беше затворен. И се’ уште има што да се земе од него. Останало по нешто.

Затоа, кога музејот ептен ќе се избербати, доаѓа Главниот куратор од „преку барата“ – како деновиве – да ги подсуреди работите, да очита некоја лекција од современа музеологија на локалниве бараби, но и да им даде малку на значење. Демек – еве, ние се грижиме за вас. Но и тие лекции бргу се забораваат и летаргијата се враќа на местото на злосторството! Животот (ќе) си тече според старите навики и закономерности.

4.

Она што е интересно е фактот што ваквите нешта како да не допираат до нашите политички „елити“. (Ако некому не му се јасни наводниците кај зборот елити, нека се јави, ќе му ги објаснам!). Тие како да уживаат во улогите на експонати во балканскиот мултикултурален музеј, постојано и особено настојчиво потврдувајќи ја тезата дека за овој ќош на Европа едноставно нема подобри времиња. Постојано истото време, постојано истите луѓе!

Тука се’ ќе биде исто, уште неколку наредни векови! Оние кои се обиделе нешто да сменат, да ја осовременат поставката, ги јаде мрак. Историски потврдено. Ви текнува што, како најсвеж современ настан, му се случи на Ѓинѓиќ? Прво му лепат етикети на странски шпијун, а потоа му лепат – куршум. Препознатливо? А се мислам: ќе поминеше ли и Ѓинѓиќ исто во Сребреница, со истата прегратка?

Денес актуелен enfant terrible е Ципрас. Нашиве „стручњаци“, главно од злоба и неразбирање, му залепија се’ што можеа. Дури и дека сакал да ја урне еврозоната! Ама никој, на пример, не објаснува – зошто? Зошто тој би сакал да го направи тоа? Не, ама полесно е да се лепне етикета, нели? Особено на некој друг, по можност да е Грк!

И токму тоа е вториот битен сегмент зошто овој балкански музеј е ист за век и веков. Зашто никој не сака да се зафати со промени, со проветрувања и осовременување на поставката, на идеите, на делата. Никој не сака да ја смени перцепцијата за музејот во насока на европеизација на нештата, не се обидува да го тргне товарот на колективното жигосување и локално затупување. Никој не ги поставуа вистинските прашања на кустосите и кураторот: ќе се смени ли еднаш перцецијата за овој ќош на Европа, ќе се разговара ли нормално како и со другите светски ќошови со речиси еднакви проблеми, ќе се избрише ли вековната кравава прашина од поимот – балканизација? И зарем за се’ што се случува во тој мултикултурален музеј мора да се бараат идиотски историски претексти и поттексти, зарем овој ќош нема право на нормални историски превирања како и другите европски региони, зарем не може и кај нас нештата да се мерат според рационалните параметри а не само според прастарите непријателства и одмазди кон цели народи?

5.

Не мислам дека евентуалната релативизација на нештата, па дури и на безгрешноста на Европа и светот би не’ ослободила од нашата одговорност. Никако. Тоа би било самозалажување, што денес е наш национален спорт, не само македонски. Но сепак, можеби е краен момент да почнеме самите да си ја бришеме правта од локалните експонати, да ја разбиваме таа проклета усталена слика на провинцијален музеј, иако упорно и самите градиме такви. Ние веројатно одлично и’ служиме не Европа да си ги плаши децата со нас, особено можеби со Ципрас, деновиве, како со Ханибал на времето. Меѓутоа, сликите што ги испраќа Балканот нема да ја ослободата Европа, но и нас, од бројните фрустрации. Овој балкански склад на сите негативни карактеристики мора да се обиде (барем) да и’ парира на конструираната и самобендисана слика на „Европеецот“, зашто “Балканот остана европски кмет, антицивилизација, алтер-его на Европа, нејзината темна страна“, потенцира Тодорова.

Се разбира, видливо е со голо око, некому овде, во овој ќош, не му е битна перцепцијата на другиот, дури ни искривената слика за неговите најблиски само заради фактот што се нашле во оваа вукојебина. Не им е битно менувањето, битно е одржувањето, и – богатењето. Но тие и така немаат кредибилитет да менуваат. Но, што е со останатите? Или – доаѓа време на одмори, па ќе му мислиме наесен?

Знам дека власта денес, на сите рамништа, е дежурниот виновник за се’, единствениот црн ѓавол натокмен на грбот на државата и народот, без желба да се симне и да ги сноси заслужените консеквенци. И за тоа не требаат којзнае какви аргуметни илити докази, зашто за многу нешта е сосема доволно да се прошета низ градов – за државата и да не говориме, пуста пустелија – и да се прави список на злосторствата. Ама, време ли е за одмори, навистина? И за самобендисани прегратки???

УЧЕНИТЕ ПОДУЧУВААТ, НЕУКИТЕ СЛУШААТ

1.

Да, така треба да биде: учените треба да подучуваат а неуките треба да слушаат. Иако, во реалниот живот, често не е така. Особено не е така во политиката, односно обично е обратно: токму неуките ја имаат власта, па следствено – пљампаат ли пљампаат … Најчесто глупости, се разбира. И прават што и како сакаат! Затоа, обврска на учените е, по секоја цена – кога можат, каде можат и како можат – да ја изнесуваат вистината на видело.

Токму онака како што (велат) правел и Варуфакис на состаноците со „кризните групи“, со „тројката“, со штабовите на кредиторите, со европските бирократи. Им држел предавања. А што требал да прави, да им купи цвеќе? Со полно право ги нарекувал тероризам нивните „финансиски“ методи, па по автоматизам и сите тие лихвари испаѓале – терористи. Грешел? Не, зашто методите на меѓународните (особено финансиските) институции, се покажува, не се подалеку од најцрното лихварство на американските loan shark-ови од времето на Капоне. И нормално, никој не сака, онака в лице, да си ја слуша вистината за себе. Затоа, Варуфакис мора да си оди за да повторно се отвори кругот на „преговорите“, овојпат без мечот на учените поуки за финансискиот тероризам врз нивните глави!

Се разбира, не мислам дека некој друг освен грчката политичка мафија, инаку (само)наречена „елита“, е генерално виновен за состојбите во Грција. Како што никој друг не е виновен ни за нашите состојби освен нашава локална мафија која што некои сакаат да ја нарекуваат политичка „елита“. Ама, каде е доблеста и стручноста на тие меѓународни финансиски терористи кои на една толку задолжена земја упорно и’ давале нови кредити? Или точно знаеле до каде ќе доведе сето тоа? Тоа и била пошироката слика?

Yanis_Varoufakis

2.

Примерот на Варуфакис е поучен и за нас, но за една друга област, наша специфика, во која што одново и одново ни се покажува вистинското лице на нашите неуки. Мислам, се разбира, на „велелепниот“ самонаречен проект „Скопје 2014“, неговиот урбан тероризам и евидентните резултати, (не само) денес видливи со голо око.

А всушност веќе неколку години многумина посочуваа(т) – меѓу нив и мојата маленкост – на катастрофалната неукост со којашто се изведуваа(т)  работите, на непланското и нестручното градење, на оглушувањето на предупредувањата на експертите за несоодветноста на теренот крај бреговите на Вардар, на дилетантизмот со којшто се решаваат сериозни урбанистички проблеми, на евидентниот кич што го преплави градот, итн. И наспроти се’, машинеријата на локалната политичка мафија (за некои – „елита“!) токму во терористички манир – дури и за најблагата дефиниција на овој поим – никако не застануваше. Ниту заостануваше од планираното.  Поточно, ако тероризмот е „употреба на насилство и заплашување за постигнување политички цели“ – оние истите карактеристики што ги посочува и Веруфакис за меѓународните финансиери – тогаш дали нешто поинаку се одвиваше низ Скопје сиве овие години? И на што се’ беа подложени граѓаните на овој град, но и на државава, токму заради остварувањето на нечии политички цели? Коишто, сепак, на крајот, се покажаа лажни, зашто зад нив немаше дури ни тенка политика туку само дебел криминал!

Дефиницијата за тероризмот на FBI вклучува и други карактеристики, на пример: „инволвирање на дејствија опасни по човечкиот живот“! Да, можеби некому му звучи претерано за нашиот случај, ама кога ќе ја погледнете состојбата на оградата на фамозниот ни мост „Око“, станува пореално, нели? Станува некако опипливо, потенцијално крваво, како некое „C“ хорор филмче каде што точно знаете што и како ќе се случи на крајот. Зашто и тој мост, како и безмалу сите други објекти изградени во рамките на овој самонаречен проект, се директно или индиректно опасни по човечкиот живот. Некои на подолги, некои на пократки патеки!

NAPUKNAT MOST

3.

Овој урбан тероризам отиде дури дотаму што среде Скопје, до Камениот мост, мафијашиве ни направија „Градска плажа“, да сме се разладувале во летните месеци. Во / покрај најзагадената кај нас река, од која што и бактериите бегаат! И никому тогаш не му текна да побара од Коцета, па и од Главнион архитект, да се соблечат по купаќи и да ни демонстрираат како тоа треба да уживаме и да се разладуваме во тоа легло на зарази, под пеколното скопско сонце во јули и август. И тоа им беше малку па неодамна „градоначалникот“ ја порибуваше оваа канцер-река. Господ знае зошто и кој колку заработил и на тој „проект“? Или можеби посакале да видат какви монструмчиња ќе се престорат рибите од сите тие хемикалии и гадотии во реката?

Ама сега, „плажата“ веќе не им се допаѓа и ја преораа. А таман не’ навикнаа  да одиме на бањање. Или можеби ќе прават клупи (под палмите, се разбира) за гледање во водата и уживање во растот и размножувањето на монструмчињата? Да не’ ни се изроди некој нов Гозила? Или тој е веќе тука, меѓу нас?!? Да не е и тоа дел од некој таен проект за филмски град, или филмска држава?

4.

Не знам дали некој, некогаш, а особено некои нови идни власти во Скопје и Општина Центар, ќе се освестат да подигнат тужби против демонстрирањето на еден ваков нов вид урбан тероризам, против малтретирањето на сопствените граѓани – што потпаѓа под дефиницијата за „домашен тероризам“ на FBI – против загадувањето на градот, против загрозувањето на животот на граѓаните. Или, вообичаено, чекаат да стане предоцна, навистина да има жртви?

Иако, за сега, никој не го спомнува и новонакитениот мост кај Министерството за недовршени работи, кој е така убаво натежнат од оној повеќетонски кичерај. Има ли некој компетентен да побара пресметки, проекти, елаборати … дали тој мост сега е воопшто безбеден за сообраќај? Или пак ќе биде: учените подучуваа ама неуките не слушаа? А луѓето и понатаму со страв ќе се движат по мостовите, по улиците и околу спомениците од страв некој да не им падне на глава, вработените и посетителите ќе добиваат чизми за да зимно време влезат во оние кулиси наредени од онаа страна на Вардар, ќе доаѓаат и други уметници како Дамир Никшиќ да ни појаснат како и колку сме го „испушиле“ …? Но, тероризмот игра токму на тие карти: на стравот, на несигурноста, на потенцијалната одмазда, на манипулацијата. А локалнава мафија е мајстор за тоа!

5.

Но, бидејќи почнав со Грција, да завршам со неа. Тие, имено, полека се справуваат со проблемот. Имаат и смели нови дечки кои, дури и по цена на саможртва, не само што точно го именуваа насилието врз нив туку отворија и редица други релевантни прашања. На пример, некогашното беневолентно отпишување на долгот на Германија во 1953 година. Ама, велат нашиве „експерти“, ѓаволот бил во деталите. И од кога ја поднаучија оваа нова фраза, буквално не’ подуа со неа. Кои црни детали? Ѓаволот е во немањето политичка волја да и’ се помогне на земјата. Демек, околностите под кои што Германија тогаш го акумулирала својот долг биле различни. Ма немој, а овој долг да не го направија Ципрас и Варуфакис? И што е воопшто битно кој го направил долгот? Тоа впрочем е секогаш познато – политичката мафија! И во некогашна Германија и во сегашна Грција! Проблемот е во подготвеноста да се помогне!!! Зашто Ципрас бара помош, пред Европскиот парламент вели „Дајте ми поддршка да ја променам Грција“! Ние ни тоа не го бараме. Нашиве неуки знаат и умеат се’!!!

Но, сигурен сум дека и ние бргу ќе се најдеме пред слични проблеми, особено во врска со домашниов урбан теророризам. Кога сите овие опасни по животот и културното здравје кичераи ќе треба да се демонтираат, веднаш ќе се најдат оние неуките да глумат „експерти“ и да држат предавања за деталите. И за целината, и за се’ друго. Иако и тука нештата се јасни, дури и без реферундуми и слични губења на времето. Како што никој не го праша овој град дали сака да биде на удар на таков специфичен вид тероризам, така и спасувачките екипи ќе работат без прашање. Време е еднаш оваа држава да се раководи од ум, а не од разноразни мафии!

ИДЕАЛНА БУЛУМЕНТА

или

ЕДНА ГОЛЕМА (В)РАБОТИЛНИЦА (2)

5.

Елем, приказната за македонската јавна булумента која што некои сакаат да ја нарекуваат јавна администрација кога-тогаш ќе добие разврска, дури и наспроти помирливите тонови на опозициските лидери за некаков нереваншизам, за толеранција, дури „соживот“ и не-знам-какви други приказни. Можеби и тоа некогаш ќе профункционира, и кај нас, како и во другите цивилизирани европски земји, особено скандинавските, а за што можам и лично да посведочам. Но, денес-утре, не верувам, заради многу причини.

Прво, дали е реваншизам ако на неспособниот, утре, му ја покажеш излезната врата и му кажаш да ја затвори однадвор и повеќе да не ја отвора навнатре? Или некој ќе посака да ме убеди во способноста на оваа булумента? Ок, чекам. Чекам да слушнам за нивните способности, за нивниот досегашен придонес, за нивните решенија за подобрувањето на јавните услуги сиве овие години, за нивните „проекти“ што ја однесоа Македонија во друштвото на почитуваните. Нормално – ги нема. И не може да ги има зашто станува збор за неспособни туткуни кои не знаат подалеку од носот. И тоа нема никаква врска со потенцијалните нивни дипломи од секаков вид – што денес кај нас се добиваат како кило домати на Бит пазар – со нивните CV-а билдани по партиски „работилници“ и во здруженија од типот на сетинцине и попадинцине. Таквата хиперпродукција на факултетски „образувани“ морони, подучени од македонската квазипрофесура, е одамна наш „стандард“. Па оттаму и онаа веќе со години воспоставена идиотска пракса дека во оваа јавна булумента секој може да работи се’, па следствено така и ги вработуваа своите пулени каде и како ќе стигнат. Оние поблиските, пријателите и роднините, ги правеа – директори и министри!

Од друга страна, не тврдам дека и во таа и таква булумента нема квалитетни поединци. Ама, белки некој знае и умее да направи таква разлика? Зашто – има разлика и таа е лесно воочлива. Ако некој сака да ја види, се разбира. Но, во што би се (с)огледал тој квалитет ако и тие малкумина цели девет години дремат, примаат плата и извршуваат небулозни наредби? Оние од типот на „Мој термин“ на лигњана, или квалитетот на учебниците и екстерното оценување во образованието, или сите оние легализирано партизирани буквални кражби низ формата на „Годишна национална програма во културата“ на онаа којашто го исфинансира и „Скопје 2014“ со пари од културата, или науката на оние квазиисторичарине кои девет години ни продаваат „чојство и јунаштво“ во македонизирана варијанта, или …? Каде тука се гледа професионализмот, кадарноста, квалитетот и на тие (малкумина) кои молчешкум исполнуваа(т) и такви „проекти“? Или, на пример, се сеќава ли некој на некаква реакција на „стручниот“ кадар апропо „политиката“ на домаќинкана која глуми директор на МСУ? Па ги тера да прават изложби и во македонски амбасади? Или може ли некој да посочи на каква и да е’ реакција апропо онаа полуписменана во Националната галерија (едни новинари на времето дури ја прогласија и за личност на годината, ама сега веројатно од тоа се срамат), или на „стручноста“ и „квалитетите“ на биологичарката после неа? Тогаш – за каков кадар говориме? И ако тој и таков „кадар“ утре биде (пристојно) замолен да си побара друга работа, тоа ќе биде реваншизам?

Или, ако сакате, ќе се смета ли за реваншизам идното раскинување на договорот на „госпожана“ бивша од Фондот за здравство, сега во Министерството за финансии? Да? Е па направете ја повторно директорка!

6.

Второ, во контекстот на идното постапување со оваа булумента често се спомнува и поимот толеранција. Иако по правило секогаш еднострано. Но каде, во кој речник стои дека толеранцијата подразбира и замижување пред неспособноста, пред глупоста, пред незнаењето …? Како е можно утре да постои толеранција во здравството токму кон оние кои не’ усреќија со овие „белосветски реформи“ на нивната нереформирана свест? Или во Министерството за култура кон оние кои така беневолентно го спроведуваа последниов (п)откуп на ликовни дела, па распишуваа конкурси со фрапантни износи за наградување на турбо фолкот и македонскиот естраден кич, или замижуваа пред скандалозно малоумните „проекти“ финансирани од државни пари исклучиво заради лични богатења или партиски компензации? Дали помилувањето на тие и такви „административци“ ќе значи спроведување на некаква толеранција? Никако, тоа само ќе значи спроведување на самоубиство во неколку чекори, зашто од такви „професионалци“ никој нема полза, државата најмалку.

И како овие поими се потегнуваат секогаш кога овие со историскиот предзнак треба да заминат на буништето на политиката? А се сеќава ли некој на постапките на „либералот“ Димитров и „демократот“ Чоревски кога како двоец без кормилар упаднаа во Министерството за култура во 1998 година? Тогашните петнаесеттина од нив избркани луѓе – само заради фактот што не беа „нивни“ – добро ги паметат. А на нивните места донесоа дилетанти, вклучувајќи ја и сегашната „министерка“ за култура која тогаш изигруваше секретарка! Па и за тоа не ја бидуваше.

И колку такви имаше низ цела Македонија, во сите министерства, во сите институции? Зошто тогаш никој не ги спомнуваше зборовите толеранција, нереваншизам и слично? Или, зошто овие поими беа така наврапито заборавени во 2007 година, кога започна партизираниот марш на булументава?

Трето, каков „соживот“ – поим што најчесто го употребуваме во меѓунационалните односи, но функционира и овде – би можел да постои помеѓу сегашниве административни туткуни и идните професионални кадри во јавната администрација коишто толку (ќе) и’ требаат на оваа држава? Дали, во старт, тоа значи дека другите ќе треба да ја работат и нивната работа а овие (и понатаму) да дремат и да примаат плата? Тоа ли би бил тој соживот? Или ќе бидат пратени дома – барем да не завземаат места – ама сосе платите, како и оние илјадници други за коишто слушавме и читавме? Ако Македонија навистина е толку богата, тогаш и таа будалаштина можеби ќе ја видиме.

Или, замислете ја во тој соживот целава сегашна ергела полуписмени партиски активисти влезени во амбасадорски филм и расштркани низ светот, кога ќе ги вратат во Скопје а тие брже-боље ќе фатат ладовина во нивноно Министерство за недовршени работи. Можеби ќе го ангажираат Никовски да ги брифира и подучува за најновата ситуација во земјата, и светот?

Или, дали под формата на соживот нашиот непрежален „Рембрант“ алиас Сарајлија и пулените во Министерството за (не)култура и понатаму ќе смислуваат „национални проекти“ од типот на „Продадете го ѓубрето од вашето ателје на државна институција“? Ние, објективно, се’ уште не знаеме колку (и кого се’) може да издржи оваа држава. Ама, ни треба ли и тој ризик?

7.

Дури и како предизборно ветување приказните со јавнава булумента не држат. Едноставно – зашто овие се неупотребливи. Тотално. Зашто, не можете да очекувате од човек кој цел живот не влегол во една културна институција да знае што е тоа култура. Или некој кој не прочитал една книга во животот да пишува учебници. Или понављачи да ви продаваат реформи за дебели пари. Или ебиветри да кројат надворешна политика! Дали навистина, како што вели Дамјан Манчевски, некој има илузии дека оваа и ваква администрација и остала „клиентелистичка фукара“ (К. Наумов) некогаш ќе каже „… НЕ на своите криминални наредбодавци“? Тој филм нема да го гледаме, од едноставна причина што не е снимен. И никогаш нема да се сними. Та тие се ухлебени тука токму за да не кажуваат – не!

Не дека сакам да го подведам под сомнеж правото на работа, на запослување, ама баш секој ли е способен за се’? И баш секој ли е за во јавна администрација? Се разбира дека е наједноставано да се повикаме на командната одговорност и целата вина за македонскиве катастрофи во сите области да се префрлат на врхушката. Впрочем, во многу сегменти тоа и е’ вистината за Македонија! Ако не повеќе, ги слуша(в)ме нивните „бисери“, нивната „стручност“ и „компетентност“ во раководењето со земјата. Го слушаме и „министерот“ за здравство како изигрува будала и вели дека не е запознаен со извештајот на Стејт департментот за неговиот ресор. Ама токму професионалната јавна администрација а не оваа партиска булумента може да биде единствениот коректив на глупоста и некомпетентноста на политиката. И се разбира дека не мислам дека тоа е баш така едноставно да се направи. Ама реформирана јавна професионална администрација – вклучувајќи ги тука сите државни институции – подразбира реформа и на свеста за истата. А таа, свеста, денес е токму на потребното ниво: таа треба да е полуписмена, да слуша, да не мисли и да носи барем по уште пет гласачи! Ако таа „свест“ важи и утре, тогаш навистина нема потреба од какви и да се менувања. Оваа булумента е – идеална! Тие се тука, што би рекол Ордановски, токму за „… режимот да може комотно да се рециклира и ефикасно да ги елимира сите оние што им велат дека во огледалата пред кои секојдневно се фрцкаат, се одгледува најгрдата македонска реалност“!

ЕДНА ГОЛЕМА (В)РАБОТИЛНИЦА

1.

Мислам дека г-дин Тричковски дефинитивно претера. Што сега му пречат белите маички на новинарите на „Вест“? Па уште: „… јебале вас белите маички“! Зошто? А на нив убаво си пишува – „Македонија вработува“. И што тука има погрешно?

Ама, ако Македонија е навистина нешто во изминативе години, тогаш тоа е една голема (в)работилница. Тука се (в)работи се’ и сешто и се вработува се’ и сешто. Од шуто до рогато, од ќораво до слепо, од криво до сакато … од глупо до поглупо. И сите нешто работат, и сите се вработени. И им се даваат „решенија“ за една година унапред, и им се ветуваат брда и долини и им се раскажуваат приказни за мали деца. И овие – веруваат. Баш ко мали деца. Ко Ристо Никовски, на „24“! (И кога сме кај него, може ли некој да објасни како човек со таква „логика“ можел да биде амбасадор? И може некој да ни каже кој и зошто воопшто некогаш го вработил? И сите оние други ко него, од онаа „амбасадоркана“ во Хрватска па надаље? И сите овие двесте и кусур илјади во јавната администрација? Е што е тоа ако не е вработилница?).

И сега ги најдоа новинарине на „Вест“, само тие не чинеле па ќе ги отпуштаат? А имат убави маички. И, плус, ми се допадна нивниот „перформанс“ со мобилните и селфито. Многу слично како неодамнешниот перформанс на „Протестирам“ во милиот ни Театар на спрдачината и Н.В. директорката. Која што, еве, покрај партиското пренемагање наречено глумење, организира и меѓународен фестивал, ама со театри од Македонија. Добро, и еден од БиХ! Каква инвентивност од нашата најдобра глупица, според „великанон“. Ама, ете, чекам, имено тој ист „великан“ да се јави и да протестира и против перформансот на новинарите не „Вест“ односно да го каже судбоносното „за“ нивното (потенцијално) бркање од работа. И како воопшто се осмелуваат да протестираат против газдите? Та тоа е непојмливо во оваа (в)работилница!

2.

И ене, како убаво ја вработија и дотичната „госпожа“ да носи бурек во Археолошкиот музеј на Македонија. Ним навистина им требаше уште само тоа, односно таа. Се’ друго им е потаман, иако зградата веќе почнала да им се распаѓа, да пука. А како и не би под товарот на толку глупост набиена во неа. Пазете: ем Археолошки музеј, ем Уставен суд ем Државен архив! Мега глупост, на квадрат. Плус проектантот. И разбирливо, веќе во старт, после само неколку месеци, Археолошкиот музеј станува – археолошки експонат! Чуди невидено. И повторно ќе доаѓаат странци да го гледаат како којзнае кое по ред светско чудо. Само не знам зошто не го изложат внатре – а може и надвор, пред влезот, уште подобро – и главниот „проектант“, па главниот изведувач, па главниот … падар, се’ до Големиот архитект. Нека ги гледаат луѓето, нека знаат чие дело е тоа. Нека направат еден споменичен ансамбл, за сликање, па и за „селфи“. Ако дозволи „великанон“, се разбира, зашто тоа може ќе го крсти напад и врз овие велелепни институции?

И навистина мислам дека треба да се определи еден ден во неделата кога сите вработени глаучи во државава, со нивните пулени наречени јавна администрација, би се построиле пред нивните институции, народ да може да ги гледа. И кога велам сите, мислам од Хорхета па надолу. Ќе се одбере еден ден, еве на пример понеделник, сите ќе си се постројат пред влезовите и ќе можеме да ги видиме кој за што е надлежен. Зашто вака изгубивме и ред и рачун кој каде е, кој за што одговара, кој што работи односно – не работи. Така би си имале увид, и ние и тие. Зашто, сигурен сум, и власта изгубила есап каде кого вработила. Кој што прави или треба да прави. Вака – сите на ачик, па бирај аго шта ти драго!

Едновремено, мислам дека пред институциите треба да се наредат и оние кои чекаат вработување во нив, оние на кои нешто им е ветено, оние кои добиле пред-договори или пред-решенија дека ќе бидат можеби вработени во 2021 година итн. Зошто? Па така ќе видиме зошто одделни персони хистеризираат низ медиуми, зошто се прават луди како оној Никовски и братија, зошто со нокти и со раце и со нозе се држат до налудничавите тези во одбрана на власта. Само така ќе видиме кој какви ветувања има и на какви трки трча. Така на време ќе ја видевме и онаа што треба да носи бурек во Археолошкиот музеј. И многумина други – жени, мажи, синови и ќерки, браќа и сестри … сите наредени пред институции, сосе пред-договорите в раце. Милина!

3.

Па така, почнувајќи од горе, од Хорхета, па надолу, би имале одлична претстава кој се’ за џабе ги јаде државните пари. Или, можеби, Хорхе треба да го поштедиме, човекот често заспива, губи фокус и перцепција. Него би можел да го застапува новиот му советник, а? А да ја имавме воведено мерката порано тој ќе стоеше во другиот ред, кај оние кои чекаат вработување во Кабинетот и ќе ни беа појасни сите негови лудории.

Како и да е’, значи од Водно па надолу, преку неколку министерства, па МАНУ (со сите оние „надежни“ кои чекаат и пред нејзините врати!), па Владата, па разноразни агенции и дирекции … би виделе импресивна галерија на ликови. Се’ кој до којега, „кремот“ на оваа македонска лудница. Е тогаш оној од Антикорупциска не ќе можеше така да бега од новинарите. Ќе мораше да стои мирно пред влезот во зградата и да одговара на прашања како и за што арчи државни пари. Или, кога ќе се наредат заедно оние од Обвинителството, сосе Зврлевски, ама и оној претходниот кој сега држи лекции за кодификација и закони. Па, па, пааа, каква глетка би било тоа.

Се разбира, не би требало да се заборават и универзитетите, барем оној државнион, се разбира. Тууу, каква „интелектуална“ збирштина бо добиле: нацуцулени ректорчиња ко оној одликуванион, па до нив деканчиња, па профресорчиња … па од другата страна сите оние идни наречи-професорчиња на кои некој нешто им ветил и само чекаат ред да ја фатат фотелјата … Нормално, културата би дошла на крај, како шлаг на тортата, сосе „министерката“, па нејзиноно директорче на Управата за уништување на културното наследство, па една цела булумента домаќинки и домаќини кои глумат директори низ културните институции … Таква карикатура ни Цицо Поповиќ не би можел да нацрта!

Само така би станале свесни за оваа целосно вработена работилница наречена Македонија, во којашто ништо не се произведува. Освен глупост,   лаги и криминал! И непријатели, се разбира. Сите што не се пред институциите, се против нив. Тоа е јасно ко бел ден и не ни треба дури ни Никовски да ни го објасни.

4.

Само една таква слика и’ треба на оваа (в)работилница. Му треба додуша и на г-динот Заев за да точно види кого се’ оваа држава плаќа, и за што. Еден таков панорамски кадар веројатно би ги развеал идеите дека таа јавна булумента која што некој сака да ја нарекува администрација треба да ја задржи на работа. Зошто, и кому му е потребна? Македонија никогаш немала понеспособна јавна булумента од оваа, која (не)свесно ја води земјата кон катастрофа. Нивната докажана неспособност е веќе легендарна, епска. Замислете како би изгледале потенцијалните преговори со ЕУ кога на наша страна би седнале овие „стручњаци“. SF хорор! Затоа, ни на г-динот Заев ниту пак некому друг му требаат којзнае какви тестови или проверки на способноста на оваа администрација. Нивниот групен портрет е на виделина толку години. Сосема доволно ќе биде само уште еден поглед врз нив, онака построени, некој понеделник … од Хорхета па надолу!

ТРАДИЦИЈА ИЛИ ДЕКАДЕНЦИЈА? (3)

9.

Вториот битен сегмент, односно подеднакво битен сегмент, барем во минатото, на македонското традиционално црковно градителство е внатрешната декорација на црквите со фресоживопис. Или, ако сакате, по правило, македонските цркви во минатото биле декорирани исклучиво со фрескоживопис, без отстапки (за што, секако, имало многу причини, меѓу другото и цената на работата!). И токму затоа, заради квалитетот и на архитектурата но и на живописот, одделни македонски цркви биле вброени во самиот врв на некогашното византиско (во неговата македонска варијанта) градителско и сликарско мајсторство.

Оттука уште поголема беше запрепастеноста кога – безмалу пред две години – за градбата во центарот на Скопје што треба да ја глуми некогашната црква „Св. Константин и Елена“ беше распишан јавен конкурс за изведба на мозаици во ентериерот! Апропо идиотштинава на времето напишав дека изгледа нашата духовна братија одвај чекаше да се вклопи во „дострелите“ на глупоста на „Скопје 2014“, односно дека кај нас рака под рака одат  профаното и духовното. Односно дека духовното ни е – најпрофано. Испрофанисано до зла бога!

Елем, тогаш, нашиве „владици“ (ако некого го интересира зошто служат наводниците, нека се јави, ќе му објаснам), ни мање ни више туку беа намислиле да ја редат со мозаици новата црква „Св. Цар Константин и Елена“, истата онаа што, се покажа, се гради од „донации“ што луѓето не ни знаат дека ги дале и што така ревносно ја чуваше едно „здружение“ на хистерични баби, коешто прво ја уриваше Општина „Центар“ а потоа ги бранеше темелите на црквата. (Патем, ако навистина се гради од донации, кому му текнале да го избере убедливо најскапиот вид на внатрешна декорација?).

Поточно, МПЦ си објави конкурс за избор на уметник кој ќе ги изведе мозаиците во црквата, планирајќи прво да си помуабетат со уметниците што ќе се пријават, односно прво доообро да ги испрашаат(?) како и колку тие знаат за византиската иконографија, што сработиле во животот, дали можеби се верници, пушат ли, какви се нивните размислувања за добрите / лошите мозаици во православниот свет итн. Е ако уметникот го поминеше овој прв (тие велат теоретски) дел, го чекаше вториот дел: „изработка на парче мозаик, на точно зададен лик од светител, (Св. Климент од Перивлепта), допојасна претстава во природна големина, со природни камчиња, без отстапки од цртежот, а со сопствена интерпретација во претворањето на зададената фреска во мозаична форма“. Шампиони!

10.

Ама и тоа не беше се’. Имаше уште еден предуслов, којшто велеше: „ПРЕДУСЛОВ за избор на уметникот е претходно во целост  да ги познава каноните на православната иконографија, традициите и православната духовност,  да го работел тоа, да се занимавал со фрескоживопис (кој би имале  можност да го видиме во живо), како и да има искуство во изработка на мозаици во византиски стил (истиот како продолжение на традицијата на нашите цркви). Технички и технолошки да е образован и да има преглед врз историјата на православната уметност како низ вековите така и денес. Секој кандидат  треба да ги презентира своите размислувања и на според него светски добри примери од мозаици со православен карактер, да ги презентира своите знаења и размислувања и да ги сподели со одговорниот тим“. Можеби некому му се сонила „Св. Софија“ во Цариград?

За да на крај „владициве“  појаснат дека „станува збор за огромни површини кои временски не би можел еден уметник сам да ги сработи“, па „би се направил избор на Тајфа од уметници – мајстори во која одговорен ќе биде најдобриот и најспособниот уметник“! Сполај ви на глупоста, немерлива е!

Не разбравме чија измислица беше мозаикот, исто како што не разбравме ни зошто се откажаа од него. Можеби Севишниот им потшепна дека се дудуци и дека не си ја знаат ни сопствената традиција? Нејсе, набргу се откажаа од мозаикот (иако, сепак, нацуцулуја некакви јадни сочиненија што глумат мозаици на надворешните ѕидови, колку да им помине меракот!) и се насочија кон традиционалниот фрескоживопис, чијашто реализиција се’ уште не е ни почната. Иако браќава веќе држеа служба во недовршената и неосветената „црква“!

И сега, останува да се види што конечно ќе произлезе од внатрешната декорација. Судејќи според генералното промашување во надворешниот лик на градбава, односно во „архитектонското“ конципирање на оваа црква како некакво туѓо декадентно тело во историјата на македонското црковно градителство, такво нешто најверојатно ќе се случи и внатре. Браќава веројатно ќе одберат некој дилетант со брзо и лесно „решение“, можеби нешто во стилот на сите други црковни декорации кај нас последниве години, со катастрофални последици: употреба на акрилни бои или (не дај боже) облепување на внатрешноста со  цели готови насликани платна! Ем брзо, ем лесно, ем ефтино. Зашто, впрочем, во македонските цркви се’ стана ефтино, и профано, и за срам. Скапи останаа само услугите на неукото свештенство!

Оттука, првичната дилема за нашиот однос кон традицијата во црковното градителство односно нашето целосно потпаѓање под очигледен декадентен наплив можеби и не е веќе дилема. Тоа е наше секојдневие, наша реалност, и профана и световна, рака под рака. Не може полуписмен свет да создава  Уметност, како што не можат ни со Верата да се бават неуки луѓе! И Уметноста и Верата се возвишени и кријат премногу тајни за обичниве параспури. Но затоа ним Профитот им е близок и свети во нивните умови како „благословено“ кандило на сите нивни „подвизи“, и профани и световни!

NOTRE DAME

„Notre Dame du Haut“

11.

И можеби токму тука е местото за вистинското прашање: традиција (што во нашиот случај води во декаденција) или современост? Зашто, дури и црквата како институција, ако се цени барем според другите вакви институции во светот (на пример Католичката црква!) не е застаната во времето Петар и апостолите, не може да живее денес како пред пет или десет века, дури и во традициите на градителството и сликарството. Дури и некогашните македонски цркви, оние вистински бисери на локалната византиска градителска и сликарска варијанта, сведочат за развој, за осовременување на традициите, за прогрес ако сакате. Токму затоа е различен живописот на Курбиново од оној во Нерези, како пак што е различен од нив оној во некои од поновите охридски цркви. Сосема исто е и во развојот на архитектонските концепти, се’ до современиот третман кај еден Андреа Дамјанов, на пример. Или, сосема поедноставено: зошто од македонската црква денес е анатемисана современоста? (Впрочем, истото прашање важи и за современата македонска култура и уметност, но тоа е друга тема).

Два брилијантни европски примери (во временски распон од шеесеттина години) говорат во прилог на посакуваната (маестрална) синтеза на верското чувство и современата уметничка / архитектонска мисла: Корбизиеовата црква „Notre Dame du Haut“ (1950) во Роншам во Франција и црквата „Св. Павле“ во Фолињо (2009) во Италија, дело на архитектите Масимилијано и Доријана Фуксас, во соработка со уметниците Енцо Куки и Мимо Паладино.

Корбизиевата црква, изградена недалеку од Париз, е архитектура на чист простор, со впечатливи светлосни детали добиени низ грижливо избраните пробиви во внатрешноста. Градбата е токму спротивност на традицијата деталот и орнаментот и е  прозивод на еден вид редукционистичка естетика, со акцент врз чистоста на медитативниот простор, што е’ и една од основните вредности на една црква.

Гратчето Фолињо не случајно го спомнувам, зашто има барем една сличност со Скопје: во 1997 година го погоди катастрофален земјотрес, по што градот континуирано се обновува. Во името на таа обнова, во 2009 година е завршена градбата на црквата „Св. Павле“ која што според основните карактеристики воопшто не личи на италијанска црква какви што има повеќе во Фолињо. Проектот на архитектите Масимилијано и Доријана Фуксас, во соработка со уметниците Енцо Куки и Мимо Паладино (и други, се разбира) е чиста геометрија, монолитен минимализам, и повторно – света тишина и медитација! Образложението на жирито при изборот на овој проект било дека проектот „е знак на иновација и поддршка на најновите меѓународни истражувања, симбол на повторното раѓање на градот по земјотресот“.

Ќе се појави ли некогаш некое слично македонско жири?

ЦРКВА ФОЛИЊО

“San Paolo”, Foligno