Monthly Archives: January 2015

ЛУКРАТИВНИ ПАРАСПУРИ

1.

Значи, не дај боже на човек да му падне на глава некој од споменициве од скопскиот кич, или пак на улициве од централното градско подрачје да налета на оној Минхаузенон и да добие уплав, не ќе знаевме дека имаме и синдикат за култура! Каде ли беше тоа чудо до вчера, и завчера, каде се криеше? Што се’ низ годиниве виде оваа жална македонска култура, а не разбра дека имала и синдикат – божем да ја штити. Од што, и од кого? Од себе самата? Па од толку „грижа“ на државата, зарем уште има за нешто да се грижиме? Та нели културата ни е приоритет, нели е наш амбасадор во светот, му доаѓа нешто како помал брат на помпезноно министерче за надворешни работи. Она кое држи „меѓународни“ конференции (со дипломатсиот кор!) среде Скопје. Значи министерката за култура некако му доаѓа – сестра, или барем полусестра?!

Како и да е’, никако да се сетам каде, и кога, последен, или прв, пат сме чуле за овој синдикат? Или – зошто не сме чуле? Да не е тоа некаква тајна организација во рамките на македонската култура, толку тајна што никој и не знае дека постои? Нешто во стилот на онаа историскана тајна организација? И таму ли седат такви војводи, и тие ли дискутираат за кревање на некакво културно востание? Ќе не’ информираат ли барем на време, да не биде пак преурането, задоцнето, вакво и онакво, и се’ да оди по ѓаволите?

2.

Подеднакво интригантно е зошто сега се огласува ова таинствено синдикално организирано тело? Навистина ли е време за востание? Договорено ли е со оние што ги држат бомбите подготвени и чекаат некаков сигнал за напад? Да не е ова сигналот – сигналот од моќната македонска култура која што одвај чека да се крене на нозе против окупаторот? Цврц!

Знам, не ќе да е баш така. Овие очигледно излегле од ладовината зашто надвор веќе се стопли, кокичињата излегоа па можат и тие, а и целата земја се буди. Заради што? Па заради пари, што друго би ја мотивирало културата? Оставете ги без хонорарите, земете им ги тезгите, и – ете ви востание во културата. Инаку, за ништо друго не ги боли. Само тогаш се заборава и татко и брат, и партија и лидер, никој на културата не смее да и’ чепка во парите. Како според народнана: брат за брат, или партија за партија, ама сирењето (културата) за пари!

И ете, осмелувајќи се да чепне таму каде што не смее, но бидејќи веќе и ѓаволот ја батали шегата и мора да се прибирааат пари од секаде, еве овие „патриотиве“ се дрзнаа да стават рака и на хонорарниот културен денар. И тука нема милост. (Не)културниот синдикат не го интересираат законите за високото школство и студентските протести, уште помалку го интересира распределбата на буџетските пари низ т.н. „квака 22“ во Министерството за култура, него не му чуе што институциите пропаѓаат, што имаат полуписмени директори, што награди и пензии добива веќе секоја шушимига која била чистач во некоја институција, што ова … што она. Овој синдикат се грижи само нему кога ќе му брцнат во џебот. Е тогаш настанува државен проблем. Види богати: два оркестри веќе престанале да работат! Ма не е можно? Значи тоа била најавената пропаст на светот, а?!

А тоа што целата македонска култура престана одамна да постои, тоа нив не ги загрижува? Или ова што го гледаат денес им се чини култура?

АЦО

3.

Како е можно тој ист синдикат уста да не отвори кога пред пет-шест години сепаратно им се делеа плати во театарот со директно брцање во џебот на сите останати културни работници? Како е можно никој од нив глас да не пушти за континуираните малверзации со т.н. национални а всушност теснопартиски интереси во годишните програми? Зарем не им боцка(ше) очи очигледниот конфликт на интереси кај оние културни „работници“ членови на Советот на Министерството за култура кои себеси, со години, си делеа капом и шаком? Зарем баш никој не им ја дошепна вистината кој до вчера беше директор на Националната галерија; кој се’ уште е директор на Музејот на современата уметност, кои се директори низ македонскиве театри, библиотеки, културни центри …; пушти ли некој од тоа синдикалистите глас за дупката од 800.000 илјади евра по филм, или за парите што ги инкасираат директно од Владата другине lap-dog режисјори во македонската култура; гледа ли тој слеп и глув синдикат што и како се презентира низ светот под името „македонска култура“ …? А каде беше тој мизерен, пардон – мистериозен, синдикат кога неговите (не)културни членови минатата година протестираа со таламбаси против опозицијата низ скопските  улици? И има ли тој синдикат да каже нешто за Универзалната сала алиас „Аце Македонски“?

Или навистина е најбитно тоа што, ете, два оркестри престанале да работат заради даноците на хонорарите? А за синдикалнине бруки низ институциите – за тоа не знаат? И како тоа сега им текна дека со измените во Законот за култура се прави папазјанија во звањата и платите во културата? Знаат ли тие шушумиги кога поминаа измениве на Законот? И навистина, во кое време, во која земја ни на небо ни на земја живеете вие, шутраци?

АЦО 2

4.

И впрочем, како тоа овој (не)културен синдикат уста не отвори толку години за сите минхаузеновштини токму на оној лакрдијашон од почетокот, а кој сака да се претставува и како Ацо „Рембрант“? Јавнат онака најпростачките на грбот на Министерството за култура, со катагодишни слалом и велеслалом партии низ македонските културни буџети – малку за изложби, малку за странство, малку за филм … И секогаш му е малку, па сега запнал и да прави историски портрети, од Адама од Говрлево до Хорхета Величествениот. Малку им беше оној лукративен параспур резил со „12-те апостоли“ на ВеМеРоТо на „прославениот“ ни сликар Анастасов (кој, патем, а и не само тој, си ја упропасти кариерата со такви ниски партиски спреги!), па сега (одново) ќе ги сликаат портретно, па допојасно, па цела фигура … сите славни македончиња низ историјата. Колку да се најдат во работа, де, и да капне уште од некоја страна. Нема ли тука синдикатов што да каже?

Додуша, се чини дека Ризаов му кажа на Минхаузенов се’ што треба за овој негов предлог, ама тој професионално е тврд на уши, а лесен на џеб. Ги слуша само звуците на сребрениците што тропкаат на внатре. Ама, ми текнува што му е задната намера на предлогот. Поточно – предната. Зашто, кога ќе завршат со портретирањето на „патриотиве“ од сите агли и ракурси, ќе преминат на – детали. Па ќе дојдат и до интимните делови, таканаречените гениталии. А тој е тука мајстор. Еееј, што такви и онакви ќе испонаслика. Во различни големини. (Само не знам „видеастката“ што ќе сработи? Ќе ги „видеализира“  можеби историските седници на Парламентот, и Владата?).

Затоа будалава не сака да дојде до „… ретроактивно одбележување на историјата на македонската нација и држава …“. Тој сака сега, веднаш, и тука. Се’ тој / тие да направат, по можност да се почне уште утре, рано посабајле „… синхрониски да се зафатиме со оваа задача“, да не биде некој друг да се намерачи на парите. Да се осигураат уште денес, не знаат што доаѓа утре! Или знаат? Ама знаат и други!

И нема ли, повторно, „синдикатов“ нешто да каже (и) по овој повод, и за ваквите предлози за пљачкосување на македонскиот културен денар? А за „величенственион“ кич низ главниот град што однесе над шест-седум стотини милиони евра, и за тоа ли немаат што да кажат? Колку оркестри ќе свиреа со тие пари?

КАПЛАРОТ И КУРИРИТЕ

или

ДОЦНОБУДНИ ПЕТЛИЊА (2)

5.

Да бидам искрен, и самиот се згрозив од (по)мислата што ја напишав: дека веќе утре секоја будала може да земе маска на Кежаровски и да маршира низ улиците на Скопје, и ние да се редиме зад него / нив. Почнувајќи од Хорхета, кој и така нема друга работа, па до сите оние кои всушност го сместија човекот зад решетки. И не само него.

А што ако утре токму таа судијка која во неговиот „случај“ пресудувала според „правдата“ на некогашниот турски башибозук згреши нешто и биде избркана од работа? Како и овие петлињава. И неа ли ќе ја следиме „на чело колоне“? А зошто пак да не? Или мислите дека таа е повиновна, а овие се – кокичиња? И зошто не би ги прифатиле и партизанкана, и бурекџијана, па и Миленко, за кого капларов сега во „Фокус“ пишува дека „лупета“? Ама кога седеше кај него во студио сите говореа само и исклучиво умни думи? Каков лигле! И замислете каква живописна колона ќе биде тоа. Тие напред, зад нив цела опозиција, сосе лидерите. Алооо, вие нормални ли сте? Та не најдовте ли некој посаглам зад кого ќе се редите?

Но уште погрозна, поодвратна е неговата / нивната осиленост дека тие и понатаму можат на сите да ни ебаваат мајката, зашто некој, не знам зошто, ги прибрал повторно од улица. Некој дефинитивно (ќе) треба јавно да го објасни ова нивно воскреснување – и не само со колегијални причини – зашто инаку сето ова почнува да заличува на надградена и проширена реприза на некоја од пифтијадите или ракијадите, ама дислоцирани на улиците и низ редакциите во главниот град.

И сигурен сум дека утре, како по правило, највиновни, како во случајов, ќе бидат портирите, чистачките и – куририте. Сега пижено се нафрлило на куририте му, и ги ренда до сто и едно, и назад. А за кутрите и самото име говори доволно кои се, што се и што работат. И сега треба уште и да ги маваме? Ама тој како бивши каплар, но и сите други капои, сите оние наредници и заставници кои им поттурнуваа(т) готови пораки за пренесување на истите тие курири – е тие да ти биле поарни. Види богати!

6.

И токму оваа драмолетка е она што веќе поодамна предизвикува морници и презир кај секој нормален човек, оваа циркусијада дека утре се’ ќе се одвива по некое вакво или слично сценарио. А за таквото сценарио се свесни многумина, ама бараат оправдување во фактот што ние сме ти биле мала земја, малку народ, сите се знаеме, па сега самите ли очите ќе си ги вадиме …? Ама кога каплариве ни ги вадеа очите – тоа беше ок? И не бевме ли истата мала земја и изминативе години, не се ли знае(в)ме и познава(в)ме и до вчера, па и денес, ама тоа овие не ги интрересира(ше)? Ама од утре тоа ќе мора да функционира? Само така ли ќе им се прогледа низ прсти?

А такви скиселени сценарија циркулираа(т) кај опозицискиот блок веќе неколку години. И ферментираа(т) до заразна смрдеа, почнувајќи од фамозното „Скопје 2014“ па до најнебитните – ако такви воопшто има – аспекти на општественото живеење. И не еднаш слушнавме „мудреци“ дека е глупо да се руши нешто што е веќе изградено (сега и гипсот и картонот го прифатија како елементи за градба!), дека администрацијата мора(ла) да се повинува на наредбите на партиските шефови (ама претходната не мораше, ни идната не ќе мора?), дека културата уствари и не е партизирана и дека ова се вистинските македонски вредности (сосе сетинци и попадинци, сосе објавените тртљања на Боцевски, сосе „книгана“ на ghost writer-он, сосе сите оние национални „уметници“ и пензионери …), дека образованието ни е всушност по мерка зашто некои професори навистина „аздисаа“ (сосе професори штрајкбрехери, сосе беспослени универзитетски професори во секакви управни и надзорни одбори …), дека дури и дипломатијата ни е ок (сосе поштари, кондуктери и остала „амбасадорска“ братија распослана низ светот) … И впрочем, кому пак толку му боде очи она чудоно среде плоштадот во Скопје, што некои го нарекуваат дури и споменик?

7.

А во духот на тоа наше (започнато со капларчено) братско помирување, мислам дека полека треба да го подготвуваме оној Минхаузен алиас Ацо Станковски за иден директор на Музејот на современа уметност; за министер за култура не сум до крај сигурен: дали супозиторнион џезер или коконана од „Комедија“; можеби она маалсконо филозофче-конзервативче кое членуваше во сите одбори и комисии што ни го посраа вака градот би бил добар за главен градски архитект; оној клекнатион аналитичар беспоговорно треба да биде некаков амбасадор, барем на Северен пол; во дилема сум дали Вангел би бил подобар министер за образование или да си го вратиме Шпирота … и се разбира бурекџијана како најречит за министер за информации. Долго време се мислев за сериозен кандидат за министер за здравство, ама веќе не, сам се наметнува оној „стручњакон“ кој вели дека ако воздухот во Скопје не ни чини, да се гониме и три п.м. на Караџица или Свирипичино. Алал докторска заклетва! Веројатно и во опозициските редови има вакви (ама волкави?) шапшали, ама изборот на овие егземплари навистина би бил гест на дорба волја и интерпартиска соработка.

За министер за надворешни работи најтопло го препорачувам Андонис Самарас. И така набргу, по се’ изгледа, ќе остане без работа, а кој подобро би ги застапувал македонските интереси во надворешната политика од него? А впрочем, мислам дека и „егејското крило“ ќе биде среќно. Тогаш она зачуденоно министерче може слободно да го прешалтуваат во „Слободна Паланка“ да ги прашува слушателите кој и зошто протестира низ Скопје. Итн, итн. Не знам само што бил добил Трајанов за неговиов херојски потег? А Лилето на тато?

И не мислам дека ова е претерување или само плод на некаква ежедневна досада. Сигурен сум дека низ нечии црпки се провираат вакви „мудрости“ согледани како вистинско подавање братска рака. А и Европа веројатно ќе не пофали. И ќе не потапша по рамо.

8.

А сепак, извинете, ама дури да се и аманпуровки и леновци, пикасовци и преверовци, хоџкинси и ајнштајни … а не безкичмењаци и гниди какви што се, ќе мораат да го почувствуваат тоа што им го правеа на другите. И тука нема христијански „мудрости“, и тоа нема никаква врска ни со некакво евентуално пријателство, ни колегијалност, најмалку некаква хуманост. Тоа, да простите, би било продавање муда за бубрези, или замена на тези, ако повеќе ви се допаѓа.

Ова што (некои од) новинарите сега си го „играат“ меѓу себе, тоа е нивна работа. Тие и утре нека си продолжат со сличните групњаци, ама не гледам зошто тоа некого би го интересирало. Или можеби овие се незаменливи? Ма дајте, ве молам. Колку новинари со години, и во мрак, ги остреа моливите за некаква (често имагинарна) правда? За да им дојде ова капларчево да им држи лекции? Та белки не сме до толку забегани?!

ДОЦНОБУДНИ ПЕТЛИЊА

1.

Жал ми е што не отидов на протестите за Кежаровски. Човекот навистина заслужи таква почит, и напор, ама – не можев. Односно, претпоставував кого се’ ќе видам (и чујам) таму и некако срце не ми даваше. Иако всушност тоа нема никаква врска и протестите – какви и да се – се отворени за сите. Па и за гнидите. Ама добро, можеби дадов некаков свој скромен прилог со текст на блогот.

Но, никако да престанам да мислам на нив. Додуша, и да сакам – не можам. Не даваат. Ене ги веќе на сите насловници на порталите, држат мегафони, врескаат ко ненормални. Држат лекции. Кому? На оние кои цели десетина години мака мачат да задржат уште ронка достоинство, на оние кои безмалу цела година ги мереа скопските улици и искинаа по две рала чевли во рамките на оној некогашен „Отпор“ и сите други отпори, на оние чии имиња не смеат да се појават на ниту еден државен список, во ниту една програма, во ниту еден проект. Па не би се наредил зад нив и со злато да ме плаќаат. И згора да ги слушам како се дерат. Доцнобудни малоумни петлиња од метар и жилет!

ПЕТЕЛ

2.

Колку до вчера седеа распиштолени во фотелјите делејќи троа ум и повеќе пари, бистреа „политика“ низ оние петпарачки медиумски срања од типот на бурекџијана и компанија, пишуваа уводници, заводници и преводници пцуејќи по се’ што не мислеше како власта. И како нив, се разбира. Сега – сечат вени за Кежаровски!?  Бараат слобода за Македонија? Од кого – од себе си?!

Откако ги избркаа од фотелјите зашто веројатно нешто усрале, или се усмрделе на местата, или направиле не-знам-што, не ме ни интересира,  веднаш се прешалтуваа во борци за демократија. И тоа во првите редови. И морализираат, држат лекции. И на пастирот, и на Хорхета, и на сите по ред. Демек, „Видовме досега и лисици и зандани, видовме затворени весници и телевизии, медиумски газди во апс, новинари на улица, понижени и посрамени. Сакаат фамилиите да ни ги затворат, семето на слободата да ни го сотрат, вампирски крвта да ни ја испијат! Ѕверови се тие!“. Како одма се поистоветуваат, да се чудиш. Каде тоа сте виделе „лисици и зандани“, кои тоа ваши весници и телевизии биле затворени, кога тоа вие сте биле на улица … петлиња доцнобудни? Или откако ве шутнаа ко тринаести прасиња, се свестивте? И станавте предводници на борбата за слобода? До следниот ангажман? До следниот (п)откуп? Па привремено сте тука, демек да се најдете во работа. Да не кмишете дома, да ве тераат жените на пазар и да ги чувате децата. Затоа, подобро е привремено да изигрувате бунтовници, и тоа во првите редови. Како оној Шкариќ, кој бара дури и резервација! Или навистина сега намирисавте дека доаѓа крајот, дека кад-тад, многу бргу, ќе има прераспределба на картите, па пак да фатите некој џокер?

3.

А и овие опозиционериве какви се, да те бог сачува. Им препуштаат место само за да не се расправаат со нив. Или пак овие имаат силни лакти? Можеби, вешти се, навежбани. Како инаку би преживеале со тоа малку памет што го имаат? Малку памет – силни лакти!

Ама и не се малкумина. Се множат, придоаѓаат секој ден. Гледате дури и невозможни трансформации. Им фалат уште партизанкана и бурекџијана, и тие да земат мегафони и да се дерат ко нездрави. Против кого? Против секого, се’ дури некој плаќа за тоа. А впрочем, нели и седеа заедно, барабар со онаа будала Сарајлија и ни ебаваа мајката еднаш неделно на ТВ а секој ден низ весниците? На сите по список. Не правеа сите луди. А сега циртираат Библија, порачуваат дека „немаме намера да се пазариме“. Кој тоа, ние или – вие, доцнобудните супозиториски очерупани петлиња? И со кого, со вашите бивши газди? Ќе се пазарите и тоа како, само овие да ви дозволат. И ќе усерете се’ што другите, чесни луѓе, со мака го сработиле. Цел живот се возите на нечиј грб.

И како тоа кога таквите ги чистеа редакциите од непожелни новинари, токму новинари од типот на Кежаровски, кои не беа баш по ќеиф нивни и на власта, како тогаш во оваа „држава“ се’ беше ок? Зошто тогаш не земаа мегафони да урлаат и да протестораат туку ко млади мајмуни ги потпишуваа решенијата за отказ на колегите? Ама сега, кога и нив ги исчистија, е сега нешто не чини!?

И кога и овие би биле осамени. Ама не. Како кој добие клоца од актуелните газди, ене го на чело на сите протести. Сакате онаа универзитетска колумнистка, оној бивш капо на „Дневник“ што сега му држи лекции на Милета божем тој е нешто поарен, овој малиов што се дере ко да го дерат … и уште редица други. И ако, како што констатира Фрчковски, „ … оваа власт ги има најпростите, најпродадените и најмрачните „експерти“ извршители на ова убиство на слободата на Универзитетот од било која власт порано …“, нели се медиумите веќе одамна убиени токму од ваквите „интермедиумски“ најпрости и најпродадени и најмрачни а сега кастрирани петлиња? Кои кукурикаат и ден и ноќ, за се’ и секого?

И навистина ли така брзо се заборави (или забошоти?) нивната довчерашна улога? На пример, дека „Новиот уредник на Дневник, десничарот Димитровски, самиот обнароди, а и лично бев сведок кога телефонски разговораше со Груевски, дека премиерот му признал дека со Керим договарале главен уредник на Дневник. Дали тоа што Груевски му раскажа дека тогаш бил за него, ама Керим одлучил за Кокаланов, сега било причина Среќко да реагира со задоцнето палење, не е толку важно. Лично би сакала, како што Жоро тогаш призна дека, сепак, иако е кабинетски производ „Кокаланов умее да покаже дека не размислува со главата на Протуѓер“ и тој да умее да го покаже истото!“ (Јадранка Костова, Дали Срѓан Керим, за да излезе од шишето на преродбата, го флашираше Дневник, „Фокус“, 6 мај 2011). Можат ли навистина такви „производи“ да мислат со своја глава, и со каква мисла? И како тоа, да простите, овие десничари сега станаа предводници на левичарите? Или тоа нема везе, новинарите се „едно братство“? А и ние со нив? Та ако е така, зошто не си ги викнете и онаа партизанкана, и бурекџијана и сите останати и заедно да се наредите зад нив и да протестирате? За што и да е’.

4.

Иако, впрочем, немам ама баш никакви намери некому да држам лекции. Ниту пак мислам дека и ова може нешто да промени. Само не сум сигурен каде сето ова не’ води? И нема ли веќе утре повторно да си ja чукаме главата? Или треба да ги толерираме зашто тие некои се постојано поербап од другите? Во минута знаат да се преоблечат, да се прешалтуваат, да се сторат вевчански карневалџии. Маски не им ни требаат.

Фали уште некој да почне да не’ убедува колку се они уствари добри, дека се во душа демократи, дека се каат, дека се златни, дека и тие имаат семејства (а другите божем немаа), дека и тие мора да живеат (а другите баш и не мора), дека … ова и дека она. Можеби е и така, ама – на чело колоне? Извинете – НЕ! Сосе мегафони и срања – не, благодарам! И тие можат да продолжат да говорат во ваше име, ама не верувам дека говорат во името на мнозинството. Во мое секако не.

Можеби, во некое друго време, логиката на Геровски дека никогаш не е доцна, дека „се ќе беше поинаку ако овие луѓе протестираа вака орно пред четири или пет години и ако тогаш читаа вакви храбри, инспиративни говори“ полесно ќе ја прифатев. Денес не, зашто тркалото е веќе одамна завртено, знамињата развеани, а овие само се шлепаат. Онака – најбезобразно, најкурвински. Денес можеби ни заличуват на храбри, ама во основа се пак кукавици, денес можеби изгледаат орни, ама во суштина се бедни. Ако пред толку години не можеа (не сакаа?) да го препознаат злото, зарем денес можат? Денес можеби викаат на ист глас со другите, ама тоа е пискав глас на очајници кои само бараат скривалиште помеѓу народот. За нив одамна е  доцна, Геровски. Заради такви како нив, како што вели Гелевски, „нацијата денес наликува на зомбифицирана глутница што се ака низ некаков апокалиптичен предел со споменици, несвесна и за себе и за спомениците (новата надраса дојдена од вселената?!) и за минатото и за иднината…“. Затоа, со повторно извинување до Кежаровски, попрво ќе го одберам „принципот на Солжењицин“ и ќе застанам на страна од таквите доцнобудни петлиња!

СЕ’ ШТО НЕ Е ЗАБРАНЕТО …

1.

Добро е кога-тогаш човек да ги надмине заблудите. Или да се стреми да ги надминува. Да ги открива сопствените грешки, да ги надминува сопствените предубедувања, дилеми, нејаснотии, во животот и во работата. Говорам за себе, се разбира. Добро е да се луфтираат напластените илузии за средината, народот, државата … Одлично е да ви се разбистри пред очи, дури и на повозрасни години, да ви се отворат нови хоризонти на мислата за тоа што и како се случува околу вас.

Кои се овие луѓе околу нас, овие кои секојдневно буквално навалуваат низ сите медиуми, објаснувајќи ни ги нивните (нарачани) идиотски „ставови“ за се’ и сешто, од импакт фактори до потребата од реформи во високото образование, од „вредностите“ на штрајкбрехерството до денунцирањето на колегите, од „големината“ на нашата култура за нивните длабоки џебови, од важноста на нивната „работа“ за нашето добро? Од каде исползаа такви креатури без морал и етика, без воспитување и култура, без елементарни човечки норми на однесување?

Некој ќе рече дека е тоа работа на перцепција, на снаоѓање, на разбирање на секојдневието и случувањата, на разбирање на околината односно околностите во кои што живееме. Тие биле тука, ама ние не сме ги забележувале? Односно тие цело време биле тука околу нас, ама притаени, маскирани? Веројатно е така, но безпоговорно перцепцијата кон надвор произлегува од перцепцијата кон внатре, личноста (ако е’ личност, се разбира) во голем дел низ надворешните манифестации ги пресликува сопствените лични, внатрешни карактеристики, сознанија, навики, размисли … Ако сте внатре бараба, и светот ќе го гледате како место полно бараби и преваранти, нечесни луѓе кои одвај чекаат шанса за злодело, за лага, за измама … Ако пак внатре сте принципиелна и морална личност ќе се обидувате и околината да ја доживувате на таков начин. (Иако, најчесто, ќе згрешите, се разбира, зашто очигледно нашиов свет не е таков!). Без оглед на се’, односно без оглед (и) на претпоставеното двојство на секоја личност – повторно: ако е’ личност, се разбира – на присуството на темната и светлата страна како некакво можно единство на спротивностите, јасно е дека доминантното ќе излезе на површината. Кога – тогаш!

2.

А тоа „кога – тогаш“ особено се однесува на кризни времиња, на пресвртни периоди, на ситуации во кои што човек мора да се определи. И тука маските паѓаат. Дефинитивно. Темната страна, таму каде што е посилна, ќе се покаже во сета своја дрскост и безобзирност. И тука нема помош, безобразлукот го освојува теренот, барбаризмот е доминантниот чинител во нивното секојдневие. Тогаш човек на човека станува волк, се’ што не е забрането – дозволено е, се плука и се лаже на сите страни … И тука, повторно, паѓаат нашите предубедувања дека живееме во некаква библиска земја, меѓу некаков библиски народ, каде библиското останало само мртво слово на хартија. Полека ни станува јасно дека нашата перцептивна моќ затаила, дека сме се излажале во многу нешта, особено дека овој народ – односно неговите видни претставници – не ги совладале ниту елементарните домашни воспитни курсеви, а не пак важните историски лекции.

Илузија ли беше верувањето во питомоста и честољубивоста на овој народ, во библиската посветеност и побожност, во братољубието, во добрината …? Па каде е тој народ да им ги истегне ушите на овие бараби, на оние денунцијанти, на оние штрајкбрехери, на оние уличари кои секојдневно почнаа да ни солат памет, за наше добро?! Ваква ли е таа „елита“ – политичка, академска, културна, образовна – вака ли се однесуваат честољубиви и морални луѓе?

Потенцираат: се’ што не е забрането, дозволено е. Зашто, „согласно Правилникот за избор на научници на УКИМ кои покажуваат врвни резултати во научноистражувачката дејност, согласно Законот за високо образование, како и согласно кој било друг закон, не постои забрана член на која било комисија при УКИМ, вклучително и член на Комисијата за наука, да нема право да се кандидира на конкурсот за избор“. Да, да се кандидира. Ама да добие? И кој, и кому тука може да му каже дека во некои нешта не станува звор за закони, туку за чест, морал, професионалност, колегијалност, добро воспитување …?! Толку ли се тие категории неразбирливи за „новиве“? И кои се тие закони на коишто овие им се поклонуваат? Законот на посилниот, на помоќниот, законот на протекционизмот и корупцијата, законот на партијата …?

Секојдневиево некако одеднаш ни го фрла в лице фактот дека во оваа земја одамна се заборавени општите човечки принципи, оние врз коишто се темели секоја цивилизација. Зашто тие бараат законите да им забрануваат, а не свеста, совеста, честа, моралот …! Впрочем, тие категории се повеќе некакви норми и принципи кои некој, некогаш и однемајкаде ги измислил и веројатно не очекувал луѓето вечно да се придржуваат кон нив? Особено не во библиските земји? И изгледа дека денес тие веќе и не важат, барем не овде и сега, и изгледа дека тие норми и принципи не се повеќе ни составен дел од домашното воспитување или основното образование!

3.

За нас е впрочем веќе се’ застарено. Ние имаме нови закони и нови луѓе. За кои законите не важат. Не важат ни Севишниот, уште помалку оној кој им ги пренесе на луѓето заповедите испишани со неговиот свет оган врз глинените плочи. Не ги ни спомнуваат. Овие бараат ново законодавство, важечко само за другите.

И каде впрочем, во кој закон пишува дека не смее да се лаже? Или дека треба да се каже „добар ден“, или да му се отстапи место на постар во автобус, или да се сочека во ред, или да му се помогне на снеможениот …? И секако: во кој тоа закон пишува дека член на некаква комисија не смее себеси да си додели награда?

Впрочем, оваа пракса не е од вчера кај нас. Колку години по ред во сите комисии во она непрежалено Министерство за култура ежедневно си прават „на ти го, дај ми го“? Самите одлучуваат за себе и своите пајташи, се разбира. А Советот на Министерството? Кој до којега, мој до мојега, не може да помине година а сите до еден да немаат по неколку проектчиња во фамозната Програма за јавен интерес. Сите ни биле всушност – јавен интерес, само што ние не сме знаеле. Се’ уште ги мислиме оние некогашни шушумиги што не знаат ни носот да си го избришат. А они – научиле и во џеб да ти брцаат! И во кој закон пишува дека не смеат?

Или во кој тоа закон пишува дека не му доликува на еден претседател на МАНУ да биде рецензент на онаква будалаштина наречена „книга“ за еди кој си? Или во кој закон пишува дека правник и Институт за филм се две тотално различни работи? Или каде пишува дека домаќинка не може да биде директорка на Музеј на современата уметност, па уште и да ни држи говори за уметноста? Или кој закон забранува една иста шушумига континуирано, со години, да биде министер за се’ и сешто и патем да упропастува се’ што ќе допре? Или на Димета директорувањето и министерувањето да му е прва работа во животот? Или Миле да не смее да си ја издава куќата токму на тие странци кои подоцна случајно ќе победат на тендер? Или Хорхе да си го шета синот и да го претставува како наследник на лозата Хорхе-овци? Каде пишува дека тоа не смее да се прави? И каде, уствари, во кој закон пишува дека во оваа земја е забрането да се има таков претседател? Такви закони нема ниту во една земја, па зошто би ги имало и кај нас?

Впрочем, прашање за дискусија – а кај нас веќе сите прашања се за дискусија – е дали еден претседател на држава, дали еден премиер, дали некој министер, академик, универзитетски професор … мора да знае дека постојат и некакви други, поинаку напишани и поинаку формулирани закони? Уште од памтивека?

На пример, дали заповедта „Не кради“ се однесува и на членувањето во неколку одбори што немаат ама баш никакви допирни точки со професијата на членот? И дали тоа се однесува и на вработувањето на целото семејство – блиско и подалечно – во државни и странски фирми? И дали она „Не убивај“ се однесува само на Мартин Нешковски, Николче Младенов … но и на сите оние други што заради нечиј ќеф со години веќе чмаат во македонските затвори, зашто и нивното е еднакво на смрт во тие години? Кој закон го спречува оној Маказиќ сега да го плука сопствениот фаворит, оној што го водеше за узда од асистент до претседател? Дали на тоа, можеби, се однесува она „Не сведочи лажно против својот ближен“? Па и токму Кежаровски, како најсвеж пример, експресно, ноќе, однесен (повторно) во затвор, а врз основа на нечие „сведочење“?

И зошто воопшто за Декалогот се вели дека е збир на религиски и морални закони, напишани од Бога, кога ние / тие тој Бог не го признаваат бидејќи не му ги признаваат основните закони што им ги наменил? Или тие се за другите, за рајата? А сепак први се редат на сите верски празници, се сликаат божем богопокорни, бацуваат раце и крстови … Та нели е тоа најодвратното богохулење во оваа (наводно) библиска земја? Токму според онаа: слушај ме што говорам, не ме гледај што правам!?

kezarovski

4.

И повторно – дали навистина е дозволено се’ што не е забрането? И дали моралот, ако воопшто го има, се мери само според бројот на нулите на хонорарот за извршената „работа“. И бројот на управни и други одбори и комисии во коишто членуваат. За наводни 600 денари месечно! И се бават со наука, сите. Сите до еден. Не можеме глава да кренеме од научници со божемни импакт фактори кои сега начекаа да си ги кодошат своите ментори. А Аџиев – спие! Не сака вакви кодоши, ги сака оние од порано. Тие не можат да му наштетат. Овие можат главата да му ја скинат. А и не е некоја глава, за право!

ДА ТЕ ИЗЕДЕ СРАМ!

1.

Бре, бреее, Ренци не ја спомнал Македонија во неговиот отчет пред Европскиот парламент! Ги набројал сите, само не и нас. А за што би не’ спомнал нас? Што пак ние направивме за Европа, или за ЕУ? Што се’ се случува(ше) во оваа Европа само измината година, а ние блеевме во шталичкава нарелена Македонија, пребројувајќи се по којзнае кој пат. Барем да ги опсуевме, ако ништо друго. Ако навистина немаме убав збор. Многумина говорат: а и зошто би го имале? Особено некои од помладите кои, прераскажуваат луѓе, дури и се ситат на тоа што се случуваше во Париз пред некој ден. Велат: така им требало, зашто никој од „тие“ со прст не мрдна(л) кога кај нас се случи Смилковско езеро! Пази богати. А колкумина кај нас излегоа на улица, тој ден и по тој повод? Да не беа најблиските на убиените деца да го блокираат патот за / од Радишани, и таа трагедија ќе (ни) поминеше како и многу други.

Та затоа, не е проблем Ренци, или најмал проблем е што другите одамна не не’ спомнуваат. Проблем е што и ние самите веќе не се спомнуваме. Како и да не’ нема, не постоиме. Освен некои кои се постојано тука, се разбира, и кои изигруват државници, политичари, новинари, уметници, писатели, академици … Имаме од се’ по малку, само народ изгледа немаме. Онаков, кој би донел промени, а не аплаузи. Да не се и студентиве и она малку саглам професори …

2.

Каде беше Македонија во Париз? Или на нашиве им студеше, кој сега ќе се шета по париските улици, се’ ќе биде затворено, нема да може ништо ни да се купи … Ене, тутмакон имал поважна работа, ќе се однесувал државнички, а не професорски. И кога тоа оваа персона низ сиве овие залудо потрошени години постапила државнички? Зарем не ќе го запаметевме тоа? Ако сакаше да биде државник ќе се појавеше во Париз, а не да преде тука ко дремлив  мачор и да тртља будалаштини. И што уште сака таа персона што глуми претседател кога токму неговите студенти му велат дека од него „нема фајде“?! Или оној негов ментор кој ни го смести тутмаков, а сега го резили низ весници? А овој па му враќа: лажеш! Па имате ли малку срам, сељачаана ни една?

Или она помпезноно министерче за надворешни работи, зошто него не го пратија во Париз? Тука ли е тој, воопшто, жив ли е? Што не ги прошета малку чевличките низ Place de la Republique? Можеби и ќе се загубеше и ќе не’ куртулеше барем од неговиот срам. Или не го пушта мајка му? А Бесими, и него ли не го пуштаат?

И зошто една Албанија, и тоа претежно муслиманска, би била позаинтересирана да се појави на маршот во Париз, ама нашиве шутраци – не? А после – Македонија отсекогаш била дел од Европа! Пази богати, кога тоа, во некој / нечиј сон, кога се давал тој филм? Такви какви што сме ние не сме ни за во Африка, иако многумина од нашиве „политичари“ често уживаат да си прават такви потсмешливи споредби.

3.

Заради тоа, дното е достигнато кога човек ќе почне да се срами од сопствената „држава“. Онаа „држава“ која што ја претставуваат вакви луѓе. Онаа држава во која што поминуваат на голема врата тезите дека е подобро на луѓето да им се раскажуваат приказни за крававите масакри во соседството. Што има сега ние тука да пренесуваме карикатури, слики или којзнае што и да ги вознемируваме луѓето, велат. Онаа држава во која што дури и „шителовци“ можат не пречено да се заебаваат со самите себе, и со сите нас. А зошто не стават натпис „Јас сум Кежаровски“? Или мислат дека така му треба на колегата?!

Онаа држава во која што Милето прилепски не’ убедува дека ете тој сега ќе го раскине договорот со тој некој Pfeifer (или како се вика) и никому ништо. И зошто воопшто се кренала толкава галама за пишливи триестина милиони? Или онаа држава во која што министрите си ги вработуваат жените во странските фирми што божем ги носат како „инвестициски“ бум и после се прават мутави?

Онаа држава во која што за се’ има контра, па дури и професорска ре-контра?  Еден куп класични малограѓански штрајкбрехери преоблечени во професорско руво тераат ре-контра на своите постари колеги, на своите ментори! Ебати државата. Онаа држава каде врвни македонски писатели изигруваат ghost writer-ри, па уште и не се срамат да се сликаат? Пишуваат „живот и приклученија“ на македонски бизнисмени. А главен рецензент никој друг туку – претседателот на МАНУ!? А ќе каже ли МАНУ збор-два за „реформите“ во високото образование? И за сите случувања со оние пленуми? Или некој прво треба да (им) плати?

Па, ако ништо друго, немаат ли луѓево друга работа? Немаат ли деца, внуци, да се занимаваат со нив? Да ги подучат што е чест и морал, и етика, а што срам? Да ги подучат, научат, врз сопствените примери?! И колку чини нивниот ангажман, еве и јас би сакал да ми сочинат една накитена биографија? И да ја рецензираат!

4.

Умре ли (и) срамот во оваа земја, како и се’ друго? Онака тивко, постепено но континуирано? Односно, го умреа ли ваквите типови и последното нешто што, барем донекаде, важеше за некаква македонска доблест? Зашто вакви срамни нешта македонската историја безмалу и не памети. Зарем е можно е една улична банда вака да ги зацементира своите не-вредности?

Зарем е можно во Македонија во дваесетипрвиот век една Универзална сала да се прекрсти во „Цанде Македонски“? А помалите салички да се крстат „Тодор Алекснадров“, „Борис Сарафов“ и тако даље? Дали сите сме навистина за посматрање? А зошто некое ходниче не го прекрстат во Вангел Божиновски? Или Коце Трајановски? Ако ништо друго, барем првиот ред во левото маде на „Цанде Македонски“?! А десното? Каде ќе биде десното, и кога ќе го изгласате?

Има ли уште нешто со што ќе не засрамите деновиве?

JE (ne) SUIS (pas) CHARLIE?

1.

Речиси сто пати до сега сум си рекол дека веќе ништо не може да ме изненади, ама повторно се изненадувам. Речиси сто пати до сега сум си рекол дека веќе ништо не може да ме изнервира, ама повторно се нервирам. Не дека ми пречи друго мислење, не дека ми пречи друг или туѓ став, не дека ми пречи некој лично и персонално … ама од некои луѓе очекуваш некакви константи, очекуваш континуитет и во минимумот критичност (ако не повеќе), очекуваш (барем) вообичаено мислење со своја глава. Без оглед дали некој ти ги финансира текстовите / работата, без оглед дали ние сме failed state (како што вели проф. Малевски), без оглед на се’, некои минимум стандарди мора да се задржат. По секоја цена! Особено кога е во прашање професионалниот и личниот интегритет, квалитетот на професионалната работа и се’ друго што оди со тоа. Зашто, ако дури и оние во кои јавноста има(ла) каква-таква доверба дека застапуваат некакви општи вредности, некакви современи стандарди, некакви цивилизациски норми, кои биле читани и ценети заради нивните слободни ставови, ако и тие почнуваат да се раководат од некакви мистериозни инфлуенци и слепо „ја држат“ страната на финансиерот (или на Глупоста?), тогаш, нормално, ни се стеснува полето на слободното мислење, на вербата во некакво можно подобро утре, во некакви интелектуални идеали што треба да им ги всадуваме на младите, ама и на повозрасните. Зашто и тоа се учи, мислам на слободата и идеалите, се учи како и се’ друго, ако има такви примери. А кај нас ги има се’ помалку, за жал. И, впрочем, веќе свикнавме на таквото македонско „новинарство“!

2.

Односно, ако грозоморието на Charlie Hubdo во сиот нормален свет предизивка згрозување и протест, кај нас не само што мува не ги лази, туку почнавме да читаме и такви „правоверни“ теории што, просто, делуваат запрепастувачки, И тоа од поединци од кои најмалку сме очекувале.

Фактот дека ниту еден политички званичник не се огласи (освен со неизбежните и по правило неписмени и смешни телеграми) по повод крвавиот терористички пир во Париз – а особено оној тутмакон од Претседател, такозвани Хорхе, кои се слика дури и кога бере калинки, но сега нема што да му каже на „својот“ народ – е наше секојдневие веќе со години. И фактот дека дури и таков настан ќе го искористат некои како онаа „шителова“ ергела наредена на некакви скалички и со натписи „Je suis Charlie“, и тоа ќе го голтнеме и ќе го одбиеме на вообичаената и за таквите примерена Глупост. Зашто, можеби е задоцнето самоосознавање, или доза на  самокритика за сопственото комедијантско новинарство? Или сега треба да ги очекуваме и оние другине, партизанкана на пример, или оној Боцевски? Само што ним ќе им требаат поголеми натписи за да го покријат срамот. И телото.

Каков „Je suis Charlie“, какви бакрачи. Па тие единствено што можат да држат во рацете е „Je ne suis pas Charlie“, а уште подобро би им легнало „Je suis Будала“ или нешто слично. Сето тоа се нешта на коишто веќе свикнавме:  однесување на малоумните, понуда „рог за свеќа“ или „муда за бубрези“, ако повеќе ви се допаѓа, коишто со години ни ги продаваат најголемиот дел македонски новинари, интелектуалци, професори, политичари … И веќе никој и не ги есапи за живи, зашто и не се, барем не за нормалните луѓе и секако не за нивните професии. Тоа се истите оние, нели, кои од десетици илјади студенти умееа да избројат само петстотини, оние истите кои како снајперисти умеат да заокружуваат со црвени кругови, таа иста булумента која што веднаш формира контра движења, токму тие кои до перфекција го усовршија процесот на трансформација на лагата во вистина. И повторно: тие се веќе вчерашна приказна, прочитана книга од две бедни странички.

CHARLIE

3.

Но, дека македонското новинарство (читај: Глупост) навистина е неповторливо во својата манипулативност, дека ние и само ние можеме така да ги извртиме нештата и потоа да ги пласираме како издржани тези, дека само кај нас е можна дури и таква нискост, говори најновата „теорија“ за наводна неподобност на објавување на „проблематичните“ карикатури од Charlie Hubdo. Зошто? Зашто така одлучиле американските весници, односно дека „… и опишувањето на карикатурата е доволно информативно за читателите“. Ма није ваљда? И само заради фактот дека тоа, повикувајќи се на некаков Кодекс на уреднички принципи, било прифатливо за одделен број влијателни американски весници, тоа кај нас се пласира како „одличен потег“. Тотално некритички, или, ако сакате, тотално поданички – зашто порталот е финансиран од USAID – па сега и нам, или на цела Европа, ако сакате, треба да ни се натураат тие ставови. Тогаш, што беа оние 4,5 милиони народ излезени на улиците на Франција? Заебанција, им беше досадно на луѓето, или токму поддршка на слободата на говорот односно спротивставување на „опишувањето“? Од каде, и зошто, и кому му служат ваквите тези, сега пласирани дури и од новинари во кои некогаш јавноста имаше барем некаква доверба? И зошто тогаш, само неколку редови претходно, истиот потписник го искара македонското новинарство, па и сите нас, дека „Додека тикерите на светските агенции не престануваа да пласираат вести од Париз, градот каде што беа масакрирани дванаесет луѓе, низ катодните цевки на македонските телевизии течеа сарми, риби, гурабии и посланија, а круна на „истражувачкото новинарство“ беше решавањето на една од најголемите енигми на денешницата, од која зависи иднината на земјата: Кај кого паднала паричката во бадниковото лепче на македонските политичари!?“. Па дури и да најдеме разбирање за американските медиуми – иако не сите се поведоа по „мудроста“ на неколкуте големи – имајќи го предвид сето она што таа држава го преживува(ше) од оној 11 Септември наваму, повторно: зошто тоа треба да биде и наш став? И од каде е тоа „одличен потег“?

4.

Зарем во 21-от век новинарството ќе се базира на рекла-казала, на прераскажување на настаните во светот, па нека е и од најгилемите новинарски пера? (Иако, за воља на вистината, ни CNN ниту пак другите американски национални мрежи се држеа до тој „принцип“). Тоа ли е најновиот тренд според којшто ќе треба да се раководи и македонското новинарство? Та тоа за нас и не е којзнае каква новост – го гледаме секој божји ден. (Пре)раскажувачки мрак. Секој божји ден некоја будала ни прераскажува што и како некој сакал да каже, што и како некој направил, што и како ние треба да правиме … и сето тоа, се разбира, во „меки порно верзии“, за да не се возбудува премногу народот. И сето тоа по избор на „новинарите“ односно нивните цензори! И што е тука ново за нас?

Или, можеби ова се однесува само на сликата, вклучувајќи ја тука и карикатурата, која што, ете, предизвикува такви жртви? (Како да ништо од ова немаше да се случи да не беа тие карикатури!). Или ние можеби не  разбираме, или не сакаме да разбереме како и нашава „мудра“ новинарка, дека целта на крвавите напади е токму тоа: да се замолчат слободоумните? Зарем утре нема истото да се однесува и за текстот, а не само за сликата? И каква беше / е’ разликата помеѓу ова и „Сатанските стихови“ на Ружди? И нив ли ќе ни ги прераскажуваа(т)? Или некој од филмовите на турските дисиденти – режисери, некои дела на кинеските дисиденти – уметници? Можеме ли поголема услуга да им направиме? Каде е крајот, госпоѓо „новинарке“? Вие ли ќе бидете тие што ќе ни ги прераскажувате – со ваши „умни“ зборови, разбира се – политичките случувања во светот, културните настани, уметничките дела …? Да не треба и екстра да ви плаќаме, за напорот што ќе го вложите?

Оттука, апсолутна бласфемија е да се каже дека кај нас Charlie е одамна мртов. Тоа сите го знаеме, но проблемот е: кој го уби? Или кој го убива, секој божји ден, повторно и повторно?!

ИМПАКТ ФАКТОР

или

ЗА ВРАЊЕ И КРАГУЕВАЦ (3)

8.

Иако си имав почнато убава тема, како за по Нова Година, тој импакт фактор не ми дава мира. Не’ побудали сите, до еден. И треба да ни го воведат. Не знам зошто само на професорите – иако, како што објасни Фрчковски, со него ќе се занимаваат недолжните помлади генерации – а сите други да бидат амнестирани од такви контролни механизми? Ако не сака Владата да се позанимава со тоа прашање, нека го направат тоа студентите. Нека смислат импакт фактори за министрите и нивните заменици (особено за Шпиро!), за директорите на државните институции, за државната администрација … И нека ги предложат на Собранието. Па да видиме „чија мајка црну вуну преде“! Каков импакт фактор би и наложиле на една Палоши, или легендарната Крстевска? А домаќинкана во Музејот на современа уметност, или на Сарајлија … или на откупнана „комисија“ при Министерството за култура?

Ако бараат помош во предлози, се пријавувам доброволно. На пример, за администрацијата да се воведе импакт фактор во (Монтипајтонско) глупаво одење или, евентуално, одење на раце од дома до работното место. Во траење од месец дена. Ако не го исполнат – AUS! За министрите и замениците цупкање на една нога до Врање (заменици) и Крагуевац (министри), еднаш на две години. Ако не го исполнат – оставка. И така натаму, со ред. За секој може да се најде соодветен импакт фактор за проверка на неговите способности и знаеа. (За оние поименично погоре спомнати кревам раце. За нив нема соодветен кантар, пардон – импакт фактор!).

Иако, всушност, Професорскиот пленум имаше ретка можност директно да испорача вакви предлог – импакт фактори, и тоа директно во Собранието. Не се снајдоа, како да се уплашија. Како ли ќе се борат понатаму кога директниот контакт толку ги збунува?

9.

Шега на страна, страшно ме заинтересира тој импакт фактор и проблемот со новиот закон за високо образование. Не од аспект на толкава грижа или порасната граѓанска свест за проблемите на другите – зашто тие други не трепнаа со око кога другите имаа такви и слични проблеми – туку заради по којзнае-кој-пат воспоставувањето на принципот на отворена дискриминација, сега (и) меѓу професорската фела.

И ја читам и старата верзија на Закон за високото образование – не е ни битно која по ред – но и предложените измени, и во тој дел се сите мање-више исти. Односно, се’ ви е јасно уште кога ќе ја прочитате „дефиницијата“ за улогата на високото образование: „Улога и задачи на високообразовните установи се создавање, заштита и пренесување на знаењата за обезбедување на социјална и економска благосостојба и напредок на општеството, подготвување на студентите за занимања за кои е потребна примена на научни откритија и стручни знаења, културна и јазична разновидност, поттикнување на технолошкиот развој, развој на уметностите, техничката култура и спортот“. Брее, каков ум ли го смислил ова? Многу сличен на оној искривен ум од Законот за култура и неговите „дефиниции“?

Како и да е’, како што им го скроиле, така ќе (си) го носат. Но, тоа е друга тема, овде зборот ми е за нешто друго. Имено во членот каде се говори за менторството и кој се’ може да биде ментор на магистерски студии, стои: „Право да биде ментор на магистерски труд има само наставник кој објавил

најмалку шест труда во меѓународни научни списанија или еден труд во списание со импакт фактор кои се во првите 50% списанија од соодветната област во базата на Web of Science и кој добил акредитација од Одборот за акредитација и евалуација во високото образование“. И пак тој фамозен импакт фактор. А за докторски студии, во чл. 96, стои дека „ … менторот на докторскиот труд треба да има најмалку шест објавени рецензирани научноистражувачки трудови во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од кои најмалку два во меѓународни списанија со импакт фактор кои се во првите 50% списанија од соодветната област во базата на Web of Science во дадено поле …“.

И, горе-долу истиот додаток за импакт факторот и „… првите 50% списанија од соодветната област во базата на Web of Science во дадено поле …“ се повторува како критериум и кај изборот / реизборот во наставно научните звања на високообразовните институции.

Е сега, зарем во државава постојат само професори на Правниот и Економскиот и уште еден-два факултети, кои пак мораат по секоја цена да ги исполнат овие услови? Зарем тие се најважните професори, носечките интелектуалци во оваа држава па само заради нив се носат закони? Сите, имено, говорат и посочуваат безмалу само професори од Правниот факултет при УКИМ, можеби по некој од некој друг факултет, ама повторно од општествените науки, и – толку! Та оние од техничките факултети, па информатичарите, па лекарите, па стоматолозите, па сите други, тие небитни ли се?

10.

Или, дури и по цена да бидам малициозен, многу би сакал да видам некој доцент или професор од т.н. уметнички факултети, кој ги исполнува(л) овие услови. Особено оние од Факултетот за ликовни уметности, од Архитектонскиот факултет, од Факултетот за драмски уметности …? Како тие (и до сега) биле бирани и реизбирани во наставно научни звања, колкумина од нив навистина ги исполниле овие импакт фактори и на колкумина им било прогледано низ прсти? Или, можеби, овие одредби не важат за нив? Односно, важат селективно, како за кого? И што ли можат да напишат тие професори, какви тоа научни трудови би можеле тие да објават, па уште во списанија со импакт фактор? За што ли „пишувале“ доцентите и професорите на Факултетот за ликовни уметности? Па некои од нив одвај умеат името да си го напишат!

Јас стварно не знам дали некој кај нас докторирал на Факултетот за ликовни уметности, ама дека многумина магистрирале, знам сигурно. И сигурно знам дека на истиот Факултет, како и на оние другине т.н. уметнички факултети, има и доценти и редовни професори. Но како, ако професорскиот кадар не ги исполнува(л) условите? Или ги исполнува(л), можеби, ама ние не знаеме? Се разбира, и тоа е можно, ама е речиси неверојатно. Баш би сакал да бидам демантиран. Меѓутоа, законодавецот, бистар како и обично, овде смислил „квака 22“ на која што цел живот се шлепуваат македонските уметници и уметнички „професори“. Знаејќи колку и како овие ги бива, кај нив вметнале друг услов, односно дека кај нив импакт фактор е ако имаат „… признати уметнички и стручни дела, односно остварувања кои се од особено значење за афирмација на културата и уметноста во и надвор од земјата, како и способност за наставна работа“. Ама тоа „признати“ и „од особено значење“ никаде и од никој не е објаснето. Што тоа подразбира, односно значи? Две реченици во каталог, од македонски „куратор“? И без каква и да е јавна рецензија или критика во медиуми? Или, некои можеби си ги книжат во евалуациите и нивните наводни учества на разноразни „меѓународни“ изложби? Можеби онаа фамознана во Виена, во македонската амбасада, или онаа во подрумот на КУД „Франце Прешерн“ во Љубљана? А оние пак со „учество“ на венециското биенале можеби треба веднаш да ги произведат во доживотни редовни професори? И за тоа ли е таа тепачка на македонскиве „професори“ за Венеција?

Се разбира, секој нормален ќе праша дали навистина тоа е еднакво на фамозниот импакт фактор во „… првите 50% списанија од соодветната област во базата на Web of Science во дадено поле …“? И затоа сите овие туткуни од такозваните уметнички факултети молчат? Па тие однапред биле купени! Ќе си направат по една изложбичка на три години, архитектине можеби ќе „проектираат“ по некоја гаража, ќе си формираат интерни комисии, малку (да простите) ќе се дудлаат, и – толку од импакт факторот! И дали навистина низ еден ваков театар овие туткуни стануваат конкурентни на меѓународниот пазар, како што бара премиерот?

А всушност, оваа држава најверојатно дури и не ги смета тие факултети за сериозни факултети? Можеби ги гледа како забавишта за неумни деца, за деца што не знаеле што сакаат, не можеле да станат правници и економисти, па станале – уметници? Иако не сум сигурен дека дури и оние „сериозните“ како Историја на уметноста, Археологија и слично, ги исполнуваат оние услови. Чест на исклучоците, ако ги има. За што ли тие објавуваат во списанија со импакт фактор? За патот на Ацета низ Македонија и можноста некаде кај Ќустендил да му побарале пасапорт?

Мислам, целава работа навистина заличува на една гооолема лакрдија, при што Врање и Лесковац, или Крагуевац, немаат три благе везе со нашава работа, туку се вметнати само да плашат една мала група професори кои никако да се примират и да си ја гледат работата туку се мешаат и во високодржавни работи!