Monthly Archives: October 2014

МУЗЕЈ НА МАКЕДОНСКИ НАЧИН

1.

Не знам како би се објаснила неподносливата горештина и немање воздух во новиот ни и веќе фамозен Археолошки музеј, освен дека на Александар и семејството му – Филип и Олимпија (не знам зошто нашиве ја викаат Олимпијада?) – им е студеникаво во лесните алишта, па температурата мора да се држи над нормалата, за да овие не се побунат и си заминат од нашата историја. А тукушто дојдени. Ако пак некој помисли дека ќе види некои симпатични (да не речам убави) ликови ала Анџелина Џоли (Олимпија) или Колин Фарел (Александар), страшно се излажал. Овие се бре брате грди ко ноќ. Ај за Филип се знае дека бил грд, ама Ацета ваков да го гледаме?

Што се однесува до Самоила, нему сигурно не му студи зашто е од свежиот Охрид, иако се гледа дека му е малку непријатно што го смешале во македонската археологија, а Ана Комнена (инаку родум porphyrogénnēta) сигурно е повеќе зачудена отколку застудена зашто никако не и’ е јасно како се нашла таму … Или пак Михајло и Евтихиј, во друштво на кралеви и цареви, наместо да осликуваат некоја денешна црква и да им покажат на современиве „уметници“ како тоа се прави. И сите се некако збунети, со подотворени усти и крената рака, како да сакаат да се побунат заради ваквото непријатно (најблаго речено) заточеништво во денешната им зандана наречена македонски Археолошки музеј.

2.

И не е тоа единственото повеќе тажно отколку смешно што го очекува посетителот таму. За жал. Зашто новиот „музеј“ навистина заличува на зандана, барем по теснотијата, мракот, недостатокот на воздух и горештината во него. Или на диско – зашто има и музика! – оние диско клубови од „наше време“, со „лајт шоу“ по ѕидовите, со очајна музика и загушлива атмисфера. Човек одвај чека(ше) да излезе надвор! Се разбира, тоа ќе ви се случи кога музеј ви проектира „архитект“ чиј врвен домет е уредување на скопски кафиќи – три со три и сијалички над масите – без трошка дневна светлина или не дај боже сончев зрак, се’ затутулено и замумулено во тесни и долги како вагони простори, низ коишто се движите пазејќи да не се сопнете од нешто, да не удрите со глава во централните скалила, да ги одбегнете светулчињата за експонатите што ви бијат директно во очи … Не знам тој човек видел ли музеј во животот, ама очигледно не виделе ни оние кои по дефиницијата би морале да знаат како се конципира една археолошка поставка, како се осветлуваат витрини, како се пишуваат легенди, како се потенцираат највредните експонати итн. Веројатно би требало да знаат дека се неопходни некакви, барем некакви означени правци на движење, па хронолошки периоди, па дека „уметничките“ (украински) слики не можат да бидат замена за неопходните информативно едукативни  табли (или дијарами, или обични панои, или …), па дека треба на секој кат да има барем план на просторот за да знаете каде се наоѓате, па дека сето тоа би морало да биде нормално осветлено за да посетителите можат да прочитаат што овие „стручњаци“ напишале на легендите, па дека не можете во една витрина да сместите десет експонати а да не ги означите со соодветни броеви (заедно со идентични на легендите, за да човек знае што гледа) … Па дека од целата македонска археологија не може да биде највредна една новосоздадена божем римска кочија, заобиколена со сиџими како да е којзнае колку вредна (а заборавиле дури и да стават легенда за истата!). И не може таков ист третман на „врвна вредност“ да добие и саркофагот на Александар, кога сите знаеме дека е само копија на оригиналот од Истанбул. И кој на светов заштитува копии на таков помпезен начин? (Патем, фамозната копија изгледа била поставена само за отворањето, зашто веќе не може да се види. Да не ја сокрија во некој од трезорите од блиската Комерцијална банка? А кој пак би ја крадел, и за што му е?).

3.

Но, не дека не знаевме дека сето тоа, горе-долу, ќе изгледа така, имајќи предвид кои „стручњаци“ ја тераа(т) целата работа, уште од времето кога онаа шушупатка која не знае колку е часот истопори антички скулптури пред Владата. А сепак, жално е македонската археологија да спадне на такви ниски гранки. Зашто, ако има нешто навистина вредно во македонските музеи, тоа секако е археолошкото богатство. И иконите, се разбира. Затоа целиот овој циркус изгледа уште потажно, кога највредното што го имате го изложувате на таков начин, односно го изнесувате на потсмев на луѓето кои барем малку разбираат како треба да изгледа еден археолошки музеј.

Ако ништо повеќе, нашиве „стручњаци“ можеле да отидат до Солун и Атина па да видат како се презентира археологија, можеле да отидат и до Софија (ем ќе го виделе она што божем не знаеле дека е таму, а потекнува од Македонија!). Белки некој од нив разбира дека музејот не го прави зградата – особено не ваква грдотија, со „столбови“ полнети со стиропор – или „неговото вечерно амбиентално осветлување, со што се збогатува ноќниот живот на нашата метропола“, како што смета директорката. Еден музеј не го прават ни т.н. лед-подови и екрани (патем, не умеевте ли некако да ги сокриете / маскирате толкуте проектори?), туку музејот се цени според вредноста на експонатите и начинот на нивната експозиција. И овде нарочно не ги спомнувам Археолошкиот музеј во Атина, сместен во сосема просечна (неокласицистичка) зграда, слична на онаа на Археолошкиот музеј во Истанбул, или некои други. Особено не новиот Акрополис музеј во Атина – ремек дело и на архитектурата, и на музејската поставка. И како, по ѓаволите, на Грците не им текнало да ја направат божицата Атина во восок па таа да ги пречекува посетителите на музејот, па восочниот Перикле да ги поздравува, па …? Или мислиме дека ние сме тие најумните кои постојано ја откриваат топлата вода?

4.

Умешните пак, дури и од просечни експонати, а низ стручно осмислена и дизајнирана постапка, знаат да направат солидна поставка. Ние не умееме да го изложиме дури и највредното што го имаме. Односно, го изложуваме, ама за нас се поважни копиите на саркофаг, на римска кочија, наместо нашите „локални“ но вредни експонати. Или, ако сакате, има ли некој стручен што ќе и’ објасни на јавноста зошто за нас е поважна копијата на саркофагот на Александар од една наша Менада, на пример, или од обетките – гулабици, или од златните маски? И зошто една копија на римска кочија направена буквално вчера е поважна за македонската археологија од една „Венера Пудика“, или од од онаа римска „Глава на маж“ (Демир капија, 3 век н.е.), …?  Зошто оние малкумина поумни кои сосема солидно и инвентивно умееле да ги презентират барем гробните наоди, не ја превзеле целата работа па да го упристојат музејот?

И оттука, повторно за жал, нашиот музеј не нуди, како што смета неговата директорка, „една голема вистинска приказна, заснована на една величествена историја“, тука го експонира / соголува нашето денешна незнаење и неумешност, шарлатанство и самобендисаност. Како и саркофагот и кочијата, и ние сме само лоша копија на современите европски култури, а за музеологија не умееме ни да мислиме, камо ли да ја (с)работиме. Таму, во таа наша македонска „музеологија“, очигледно царува вечна ноќ, како и во новиот Археолошки музеј на Македонија.

ПОГЛУПО, МИЛЕ, ПОГЛУПО (2)

6.

Зошто упорно не се објавува списокот со „резултатите“ од бандитскиот т.н. откуп на дела од визуелните уметности? Зарем јавноста која всушност го плаќа ова мајтапење со македонската уметност нема право да знае за што се трошат нејзините пари? Немаме ли право и ние кои, по некоја случајност цел живот работиме во оваа област, да научиме кои се тие актуелни педесеттина реномирани македонски уметници чии дела биле купени со државни пари? Нема ли ниту еден од „стручњацине“ што учествуваа во оваа битпазарска зделка да излезе и да не’ просветли со нивните критериуми во случајов? И како постојано едни те исти „стручњаци“ – пред се’ библиотекаркана пресоблечена во кустос, па онаа од МСУ која уште пред петнаесеттина години правеше државни трампи со еден белградски „галерист“, па нејзината колешка, исто од МСУ, до неодамна претседателка на ИКОМ (sic!) … – се наоѓаат во такви дубиозни државно – приватни игри?

И нема ли, навистина, културната јавност да потпраша како се изведувал овој префриган „откуп“? Оние медиуми и новинарчиња и уредничиња кои постојано стојат на браникот на македонската култура, нив не ли ги интересира оваа тема, не сакаат ли да ни дадат должна информација за тоа што се’ се купувало таму? Или и тие сметаат дека не треба да знаеме, зашто утре можеби Министерството нема да ги прошета на некоја од бројните „денови на мекадонската култура“?

Или една ваква темелна ујдурма, бидејќи објективно станува збор за мали пари, престанува да биде интересна за јавноста? Ама, веќе утре следува нов „откуп“ – прво на скулптури, потоа повторно на визуелни дела (што ли им значи ова на стручњаците?) – конкурсите се веќе распишани, комисијата сигурно подготвено чека и планира како ќе си го троши срамниот хонорар.

7.

Очигледно дека ништо по овој повод немаат да кажат ни уметниците, оние што беа така вулгарно распродавани и оние кои овој пат беа прескокнати. Никој нема што да каже? Или сите со своите селски математики – фрли рипче фати крапче – сите со некакви улични калкулации од кои што ви се темни пред очи? Зашто, на пример, јавна тајна е дека безмалу половина од Националната поставка во Националната галерија на Македонија е од позајмени дела, главно од уметниците. И тие не бараа(т) низ оваа форма на откуп тоа да им биде надоместено, зашто поминаа веќе петнаесеттина години, туку гледаат нешто да му шитнат на Министерството и да ушиќарат на ситно, две-три илјади евра. А она позајменоно може да чека, тоа се некакви сигурни пари, за во иднина. Какви ситни профитери, каква битпазарска логика!

А како поткрепа на тоа, ми падна в очи една објава на фамозниот Интернет за некаква аукција на македонски уметници во хотелот „Холидеј ин“, што требала да се одржи, или се одржала, во април оваа година, и каде што повеќето од нашите уметнички „ѕвезди“ имале свои дела. Да ги видите цените, ќе ве заболи глава. Еден реномиран сликар таму е проценет на петнаесет до дваесет илјади евра по дело, еден „реномиран“ скулптор таму се нуди за дваесет до дваесетипет илјади евра … Истите уметници, со веројатно слични дела, на Министерскиот бит-пазар биле (от)купени за две-три илјади евра.

Е сега, кој е овде луд, а кој нормален? Или сите сме луди зашто трпиме и такво Министерство и такви уметници? Можеби. Кај нас, како и во се’ друго, така и во уметноста, царува системот на квантитет наместо на квалитет. Со малку да се купи многу, ако може. Или, „да се наполнат седум изложбени сали во центарот на еден велеуметнички град како Париз, тоа е грандиозно!“.    

Нема врска што сте изложиле, битно е – колку! Нема врска што сте купиле, битно е колку, и по која цена. Што поефтино, тоа подобро! За две-три илјади евра, еден „реномиран“ македонски уметник!!!

ЗАЈАК

8.

Грмушката во која што се крие глупавото зајаче, а која што ужива да се именува како Министерство за култура на оваа држава, го распиша Конкурсот за откуп на уметнички дела од областа на визуелните уметности повикувајќи се на фамозната Национална стратегија за развој на културата за периодот 2013 – 2017 година. Во таа т.н. стратегија, која што патем претставува исклучително забавно четиво за деца од основна образовна возраст, се разбира, нема ни трага од такви ингеренции.

Во точка 2.9. насловена „Поттикнување на домашното уметничко творештво“ стои дека оваа активност е еден од врвните приоритети на Министерството, ама истата ќе се реализира преку „Организираното поддржување на македонското творештво, од страна на националните установи (потцртано мое) и на другите релевантни субјекти, ќе придонесува за збогатување на фондот на национални дела, …“! Каде тука, во својот највисок документ,  се гледа себеси Министерството? Понатаму, во точка 4.8. се предвидува „Стимулирање на ликовното творештво преку откуп на дела со коишто се збогатува ликовниот фонд на институциите од областа на културата“, ама никаде не се вели дека тоа ќе го прави Министерството. Односно, тие што им ја пишувале оваа Национална стратегија, биле мааалку поумни од „стручњаците“ во грмушката и не отишле во таква крајност.

И уште понатаму, во точка 5.3. насловена како „Деетатизација и деконцентрација на управувањето во културата“, (ако некој таму воопшто разбира што тоа значи во праксата), пишува: „Централното одлучување за националните установи може да се премости и преку „делегиран буџет на националните установи“, врз принципот на доделување утврден износ на средства потребни за работа на националните установи. Тие, во согласност со проектираните средства, самостојно ќе ја програмираат работата на установата“. Па како тоа националните установи од областа на современата уметност самостојно ќе програмираат и работат кога токму тој што го „напишал“ ова им ја одзема основната функција – откупот на дела? Некој тука се мајтапи со некого, или оние глупави зајачиња се мајтапат самите со себе, а не се ни свесни за тоа?

Ама зајачињата отишле и подалеку, па во истата точка предвиделе дека „…  ќе се инсистира на јавно презентирање на проектите, што ќе биде во функција на отчетност и запознавање на пошироката јавност со квалитетот и со ефектите од проектите што се реализирани со средства од Буџетот на Република Македонија. На овој начин ќе се процени културната продукција и на националните установи и на другите субјекти кои реализираат проекти од областа на културата“. Па дајте ги резултатите од фамозниот откуп, дајте јавноста да види на што сте ги потрошиле државните парите, дајте да се запознаеме со тој фамозен „квалитет“ реализиран со средствата од Буџетот на РМ!

9.

Се разбира, јавноста ништо од тоа нема да види, ниту пак ќе знае за што се поарчени толку пари. Но, на пример, еве им шанса на она трио „самосвесни“ пратенички – blood, sweat and tears – нека постават пратеничко прашање, нека расчачкаат малку, нека поработат нешто. Ќе бидат запрепастени, и ние со нив, од одговорите.

Зашто, фамозниот ни конкурс инсистираше дека „приоритет при откупот ќе имаат квалитетни ликовни дела од автори од Република Македонија кои дале исклучителен придонес во создавањето, профилирањето и афирмирањето на македонската современа ликовна уметност“. Па што е тогаш проблемот? Белки сите знаеме, вклучувајќи ги тука и тупаците од грмушката, кои се тие што дале „исклучителен придонес во создавањето, профилирањето и афирмирањето на македонската современа уметност“!? Или не знаеме? Можеби оние од Комисијата знаеле? Ако пак тука некој сака да ни продаде „рог за свеќа“ – ок. Ама нека ни кажат дека сега си играме мајтап со македонската уметност и ние, ете, во интерес на мајтапот, ќе молчиме. Но, ако мислат да ни го продадат Милош Коџоман (втори, трети, петти, кој ли е по ред?) како уметник со „исклучителен придонес“, или можеби е тоа „чувениот“ Антони Мазневски, или во тоа дрштванце го сместиле и „неодминливот“ Ацо такозвани Рембрант Станковски …, па ако сакате дури и Рубенс Корубин … и кој ли се’ друг се крие на тој „исклучителен“ список? За Лена Стефанова може дури и да се полемизира, зашто малку нејзини дела има во институциите, што пак, никако не ја прави „исклучителна“. Томо Шијак секако не би бил спорен, или Чемерски, па и Шемов … ама – кој друг? Кои се другите што ги кријат, ако и овие што ги кажуваат ни од далеку не го исполнуваат основниот критериум?

Или, можеби, во дослух со колегите археолози и историчари, сега и историчарите на уметност, диригирани од една грмушка, создаваат нова македонска историја на уметноста, креираат нов систем на вредности во којшто полека ќе ни ја поттураат нивната „уметничка“ војска?

ПОГЛУПО, МИЛЕ, ПОГЛУПО

1.

И ова можеше да оди под заедничкиот наслов „Ситније, циле, ситније“, како продолжение на фамозната „иновативност“ на нашите „стручњаци“ во откупната политика на државава. Но сепак би морало да има друг наслов, нешто во стилот „поглупо, миле, поглупо“, зашто нашата иновативност, веќе во сите сегменти на општествениот живот, се компарира токму во тие и такви „категории“. И секогаш кога мислите дека глупоста го достигнала врвот, дека нема понатаму, нашиве умеат да изненадат. Ако откупнава измислица беше тој врв, после неа дојдоа оние актуелни, „постмодерно“ новокомпонирани  „платни разреди“ во културата, со коишто се воведоа педесеттина (или стотина?) звања, подзвања, категории, подкатегории, субкатегории … на  даватели и приматели на културни услуги. Веќе никој во институциите не знае кој е и што е, и што и како треба да работи. Е кога тоа им го објаснувате на странците, треба да им ги видите лицата –  зачуденост, неверица, збунетост … за да на крајот, сепак, речат: не, тоа не е можно. Е, ама можно е, и тоа така помина. Но тоа е тема за друга прилика, или за нечија магистерска работа!

2.

Елем, нашава култура, односно надлежните во и за неа, главно се однесуваат како мали, не само неуки туку и приглупи, неталентирани и скарани со логиката деца, кои упорно учат да возат точак, ама нон-стоп паѓаат и си ја кршат главата. И тоа трае ли трае, во недоглед. И изгледа никогаш нема да научат. Зашто кај точакот, односно велосипедот, не е марифетот само да ги вртиш педалите. Ама овие толку знаат. Вртат ли вртат, паѓаат ли пажаат. Оние пак што ги советуваат и подучуват се друга категорија. Тие се посебни бараби. Ним им требаат такви незнајковци и неспособни. Полесно и подолго ќе ги молзат. (Оваа специјална категорија бараби, оние од типот на „новинарчено“, „уметничено“, „професорчено“ … ќе останат запаметени во општествените македонски анали како специфични гадинки од типот пијавици (hirudinea)!).

ПИЈАВИЦА

Или, ако сакате, што беше толку тешко и комплицирано да се изнајде соодветно решение по прашањето на откупната политика односно пополнувањето на музејските збирки? Што беше толку непознато, па мораше да се бараат вакви триаглести „решенија“ во коишто сите губат?

Во целава оваа „ситуација“ (ако мафијашкава работа може да се подведе под таков културен термин!) мора да се има предвид надворешниот впечаток што го остава „акцијава“. А што беше и една од основните цели, нели. Односно, мора да се има предвид дека македонската културна јавност, па и оние кои се почести посетители на музеите, не (мора да) ги знаат сите специфики на музејската проблематика кај нас, најмалку пак откупната политика и начинот на којшто истата се спроведува. Дури и ним ваквата „акција“ веројатно им остава впечаток на некаква грижа на државата за збирките во музеите, а да не говориме за грижата за уметниците. И токму заради тоа е неопходно појаснување на целата операција и сите скриени за јавноста елементи што фрлаат поинаква светлина и на мотивите и на учесниците!

3.

Пред се’, најнејасно е зошто воопшто се пристапи кон „решавање“ на ова прашање од страна на надлежните? Или, поинаку кажано: кому тоа му пречеше досегашната востановена пракса музеите, во годишните програми, да планират и откуп на дела од македонски уметници, дела за коишто стручните колегиуми утврдиле дека им се неопходни за пополнувањето на збирките? Постои ли некакво истражување спроведено од страна на Министерството кое што констатира неправилности во досегашната музејска откупна политика, па морало да се прејде на ново решение? Или, постои ли некаква стручна рецензија дека збирките во музеите се лоши, несоодветни, полупразни …? И ако такви нешта постојат, зошто не се објавени, како главен аргумент за насоките за новата откупна „политика“?

Иако веќе и малите деца знаат дека македонските музеи и галерии се целосно финансирани од Министерството за култура, вклучувајќи ги тука и средствата за откуп. Што ќе рече, музеите можат да направат откуп само и единствено ако државниот орган им даде пари за тоа! Ако не добијат пари – нема откуп. И што е тука нејасно, или непознато? И зошто тогаш, и кому му требаше, да ги обвинува музеите дека не откупувале дела? Музеите можат самостојно да купат тук-таму по нешто од средствата што ги заработуваат преку издавање на простор и други услуги. Но тоа се незначителни средства, одвај за едно дело годишно, по скромна цена.

Но, во интерес на вистината, можно е во синџирот на откупната одговорност музеите сепак да се апострофираат како „алката што попушта“, и тоа во лицето на првиот одговорен човек – директорот. Можеби надлежниот орган дава(л) доволно финансиски средства, ама директорот ги пренасочувал за други потреби. Можно е и средствата да биле давани за откуп, ама за сосема периферни дела и уметници. Ама сепак, одговорноста во ваков случај паѓа на еден човек, а музеите тука би биле само посредно инволвирани. Во одделни случаи може да се каже дека се соучесници – заради професионално нереагирање – но главната вина ја носи наредбодателот. Ако е така, а така, зошто тогаш надлежниот орган не си ги средил нештата со своите директори, зашто тие ги поставуваат на тие места, туку ги обвинуваат музеите како целина? Јас не се сомневам дека сегашниве, и минатите, и по-минатите, директори на македонските музеи се тотални тутурутки кои немаат појма каде се и што треба да прават. Односно – дека прават глупости и дека нивното „директорување“ е зачинето со сосема други мотиви. Доволен е примерот со МСУ, па Музејот на Македонија, па Музејот во Велес, па едно чудо други македонски музеи. Особено оној на Македонскиот хорор, каде директорот на два-три месеци си приредува своја изложбичка. Ама  повторно велат дека – музеите се виновни!

Ако пак, следствено на ова, музеите како институции навистина не се виновни за лошата откупната политика, тогаш – кој е’? Во која грмушка се сокрило тоа глупаво зајаче што не може да научи да вози точак?

4.

Сосема на место би бил коментарот од типот: ако музеите немаат вина за ваквата очајна (зашто зборот лоша е само деминутив) откупна политика, зошто никој од музејските „работници“ не реагираше на обвинувањата од страна на државниот орган којшто запнал да си се нарекува Министерство за култура? Се разбира, на тоа може да следи контрапрашање: а зошто никој не реагира на очајната состојба во македонската изложбена политика, на малоумната меѓународна културна политика, на небулозната легислатива во културата, на …? Тоа е една иста состојба, една иста жабокречина во која пливаат аутистични полноглавци, приучени сомови кои сакаат да се нарекуваат експерти, приглупи кркушки кои не можат да разликуваат графика од цртеж!

Кој од нив, и како, и зошто би реагирал кога сите се натурени (или истурени?)  во институциите со механичката помош токму на државниот орган? Како танте за кукурику на нивните татковци и мајки, браќа и сестри кои по којзнае какви основи фатиле којзнае какви врски со којзнае кој … Та зарем тие ќе кренат глас против „добродетелот“? А впрочем и како би, кога појма немаат што уствари се случува, ниту пак знаат каде работат, ни што работат. Поголем проблем се оние малку сериозни музејски професионалци кои, за жал, одамна се самопотонаа во истиот жабурник со другите. Уште поголем проблем се оние неколкумина (самонаречени) професионалци, оние кои седнаа во откупната „комисија“ и директно и неотповикливо си ги обвинија институциите дека ништо не работеле. Но тие се посебна приказна, за некое друга прилика!

Па оттука, нелогично би било да се очекува музеите да реагирале, или да  реагираат, на ваквите обвиненија – директни или индиректни – од страна на државата. Нивното молчење влева и доза сомнеж дека работите во овој сегмент навистина не се чисти, дека правеле и прават глупости – да не речам криминал – дека добивале средства ама ги трошеле за којзнае што. Зашто, инаку, зошто би молчеле? Или – толкава е несигурноста, толкав ли е стравот па сите молчат „ко’ залиени“? Или, на пример, слушна ли македонската јавност еден, барем еден македонски археолог да се спротивстави на актуелната трансформација на новиот Археолошки музеј во циркус „Вардар“? Или тоа го ќе го сторат после педесеттина години, како „академик“ Грозданов за македонските (и српските) експонати во Софија (и Белград)? Премногу глупави зајачиња за една релативно мала земја!

5.

Оттука, ние сите можеме да се правиме недоветни дека не ја знаеме грмушката во која што се крие глупавото зајаче. Со денови можеме да раскажуваме бајки за кои што однапред знаеме дека никој нема да поверува. Приказната во суштина е многу проста.

Се’ што требаше да направи грмушката во која што се крие глупавото зајаче е: прво, да побара од институциите предлози на уметници и дела (со апроксимативни цени) што им се потребни за пополнување на евентуалните празнини во збирките, и второ, да им ги дадат парите на музеите да ги откупат делата. Толку просто, едноставно и – законски! Како трето, и само во креан случај, можеле да формираат екстерна комисија (ова е сега многу популарно!) заради некаква супервизија, која што уште еднаш би ги разгледала и (условно) потврдила основаноста и целисходноста на целата работа..

И повторно музеите ќе свикаа прес-конференции каде што ќе ја пофалеа грмушката (што го крие глупото зајаче) за потегот, ќе ги кажеа уметниците и делата што се откупени и – толку. Ни конкурси, ни „стручни“ комисии, ни популизам, ни фалби и кочоперења. И повторно и државата и грмушката ќе беа тие што ја иницирале и поддржале откупната акција, што впрочем е и вистината и тоа никој паметен не би го негирал.

Или, по веќе одамна востановениот обичај, сите овие таламбаси беа неопходни да се замагли нешто друго, да се прикрие суштината на нештата? И кому воопшто му требаше таква мафијашка операција во три чина?

СИТНИЈЕ, ЦИЛЕ, СИТНИЈЕ (3)

9.

Кога нашиов турбо-фолк, или барокен-фолк (како што го нарекува еден ФБ пријател), би се ограничил само на нашава антиквизирана територија, па со него да се заебаваат, да простите, само „стручњацине“ од Министерството и поедини нивни поддржувачи (што убаво звучи ова, само што ли им поддржуваат!?) од „генијалниот“ формат на македонскава „уметничка“  дружина, некој би рекол – па нека ги. Нека си ги изживеат, дури и со наши пари, простачките фрустрации и комплекси, нека се почувствуваат важни, белки бргу ќе се (само)задоволат. Иако не изгледа така, зашто (само)задоволувањето трае предолго а нивната зараза се шири како онаа ебола. И против оваа простотијата нема ни вакцина ниту пак соодветна терапија. Вирусот наречен турбо-фолк менталитет ништи се’ пред себе. И се шири, незапирливо. Дури почнавме и да го извезуваме.

Имено, само пред некој ден, повторно, по којзнае кој пат, наша еминентна турбо-фолк делегација отпатувала во „белиот свет“, овој пат додуша на пократка релација, само до Виена. Со идеја да ја претставеле македонската култура, велат, а со неа и современата македонска ликовна уметност. Ни мање ни више. И нека, иако тоа со што сакаат да ја претстават („Меид ин Мацедониа – Бриколаж“, чувај боже!) наводно современата македонска ликовна уметност нема три благе везе со реалноста. Вклучувајќи ја тука и ќерката на „кураторката“ која, по којзнае кој пат,  користејќи ги своите партиски врски, вештачки и’ прави на ќерка си некаква (меѓународна) уметничка биографија. И сето тоа со државни пари, а во фолкерска изведба на нашата „елитна“ институција наречена Музеј на современата уметност. Сосе домаќинката на чело која упорно глуми директор, замислувајќи се божем наш истакнат познавач на современата уметност, и наша и меѓународна. Нејсе.

10.

И секој нормален би рекол – а зошто да не одат? И – да, зошто да не одат? Ама кога би знаеле каде одат и што прават? Ако онаа претходнана шушумига  во Националната галерија правеше меѓународни изложби во културно уметнички друштва во Љубљана, овие малку напреднале. Овие стигнале до Виена, ама само навидум, зашто всушност останале на македонска територија – во македонската амбасада. Како и да не излегле од Македонија. Или, подобро речено, тие се прошетале низ Виена, ама македонската уметност останала затворена на македонска територија. Ја виделе Виена, ама Виена не ги видела нив.

Да отидеш во Виена – еден од највиталните европски културни центри – и да правиш изложба во македонска амбасада, треба да си, најблаго речено, малоумен. Ама онака, баш – малоумен, што ќе рече: со мал или никаков ум! Зашто, што мајка бараш таму, баш во Виена, и тоа со амбиции да претставиш некаква македонска уметност, а тоа да го правиш во – амбасада? Последниве години научивме дека македонските амбасади служат за се’ и сешто, како впрочем и македонските амбасадори. Ама дека тие се специјализирани и за ликовни изложби, е тоа не сме знаеле. Овие од Музејот на современа уметност во тој поглед се секогаш чекор напред од сите нас. Тоа што ним ќе им падне на памет, друг не може да го смисли ни за пет години!

Ама има и некаква „тајна веза“ помеѓу нив и Министерството, зашто што и да намислат – добиваат пари. За секоја будалаштина, за секое, да простите, срање. Што љубов ќе беше тоа? Дали е можеби взаемниот фолкерски дух што провејува низ двете институции, или станува збор за некаков посебен feeling, ама овие не се двојат. Каде едните, таму другите. И барем еднаш оваа взаемна љубов да резултираше во просечно успешен проект. Ама труба, никако не им успева. Но – се обидуваат. Се разбира, со туѓи пари. А да си ги финансира сам Музејов своите будалаштини? Постои ли таква опција, па да видиме дали така ќе се однесуваат?

БРИКОЛАЖ Viena

11.

Се разбира, во случајов не е проблем само амбасадата како тотално несоодветен простор за такви презентации. Проблеми има повеќе.

Прво, кому била наменета таа изложба? На виенската културна јавност, на виенските уметници и познавачи на уметноста … или на персоналот на македонската амбасада во Виена, сосе амбасадорот на чело? Односно, второ, ако нашиве сакале да ја претстават македонската уметност во овој град, зарем не можеле да најдат посоодветен простор? Па не мора да биде којзнае каков елитен виенски музеј (нешто од профилот на Kunsthistorishes Museum, Leopold Museum, Albertina, Mumok …), ама белки можело да се најде некаков галериски простор? Или толкави се нашите (на Министерството и на Амбасадата) контакти, врски, можности … реноме … значење во странските земји, во случајов во Австрија? Или и оваа „презентација“ била резултат на, како што обично бидува кај нас, петминутно „планирање“ и „решавање“, а од денес за утре, нормално, не можете да најдете простор ни во Тунгузија, а камо ли во Виена. Трето, ако слепциве се навистина такви тутурутки па немаат појма што и како требало да направат, не можеле ли да прашаат некого? И тука, кај нас, и таму, во Виена? Ама тие не ни знаат дека не знаат, тие не ни знаат дека појма немаат, дека нивниот турбо-фолк менталитет не функционира никаде освен овде. За нив изложба во амбасада е врвна презентација! Четврто, а згора на се’, како што потенцирала „директорката“ на нашиов Музеј, „ова ликовно претставување е особено важно за македонската култура бидејќи се реализира во годината кога Република Македонија одбележува дваесет години дипломатски односи со Република Австрија, а Музејот на современата уметност прослави пет децении постоење“. Е па честито!

И кога ќе го соберете на едно овој шарлатански однос не само кон македонската ликовна уметност, не само кон застапените македонски уметници, туку и кон македонската култура и држава во целина, доаѓате до крајниот резултат: на отворањето на изложбата гледате 15-20 посетители, веројатно членови на дипломатскиот хор, се разбира прописно дотерани, и – толку. На тоа спаднало нашето „особено важно ликовно претставување“, на тие 15-20 посетители се свело одбележувањето на дваесет годишнината од дипломатските односи со Австрија и, се разбира“ „прославата“ на јубилејот на МСУ. Зашто, кој друг, утредента по отворањето на изложбата во една амбасада, би одел да ја гледа баш таму? Вон сите културни виенски рути, вон сите професионални стандарди? И кој нормален би поминувал низ задолжителни безбедносни процедури што владеат во секоја амбасада, па нека се и минимални, само да види македонска изложба? Или нас, всушност, тоа воопшто и не’ не интересирало? Нам ни било битно да испратиме „одгласи“ дека изложбата била отворена, дека поминала успешно (како што бидува со сите наши изложби во странство), дека предизвикала интерес (како што исто така бидува со сите наши изложби во странство), неколкумина да си ги прошетаат задниците до Виена, и назад, да купат по некое крпче …

12.

Се разбира, крајниот резултат од некои 15-20 посетители на отворањето на нашата изложба во македонска Виена е само видливиот дел од настанот, видливиот краен резултат на оваа будалаштина. Сите други негативни аспекти на ваквата наша „презентација“ се / ќе бидат видливи на подолг рок. Ќе не’ покажуваат со прст – впрочем како и многу пати до сега – како држава која си прави изложби во своите амбасади, како луѓе кои немат три благе везе што значи изложба и како се подготвува нешто такво, ќе не’ посочуваат како културни дилетанти кои умеат само да трошат државни пари. За ништо! И понатаму ќе не’ гледаат како турбо-фолкери паднати директно од Марс, кои не можат да ги разберат, уште помалку да ги научат основните лекции од културата.

И кога ние самите имаме таков однос кон сопствената (наводно) национална уметност, па ја пикаме во сопчиња на Kinderspitalgasse, кој ни е крив? Пак некој од надвор?

СИТНИЈЕ, ЦИЛЕ, СИТНИЈЕ (2)

6.

Кога нашиве турбо-фолк тутмаци, и „државни“ и „уметнички“, би биле барем малку свесни какви се’ негативни сигнали испраќаат со своето фолкерско поведение и однесување, можеби би се замислиле. Или не? Па колку пати до сега беше пишувано токму за ваквата одлука на Министерството за култура да се вплетка таму каде што апсолутно не му е местото – во откупот на дела за македонските музеи? И – што? Ништо. Ете ги упорно си објавуваат нови конкурси за следната годна, што ќе рече дека тие се цврсто решени да ја тераат приказнава до сто и едно, и назад. Со сесрдната помош на македонските уметници, се разбира.

Првото можно прашање што Европа ќе си го постави е: толку ли се македонските институции неспособни па не можат самите да определат што е тоа што им треба од ликовната уметност? Или, толку ли се директорите на овие институции неписмени и необразовани, нестручни и слепи, па не знаат да селектираат дела што им се неопходни? (И можеби тука ќе бидат блиску до вистината!). Или, толку ли се македонските институции, сосе стручниот кадар, кримогени и неконтролибилни, па некој однадвор мора да им ја средува работата? (Судејќи според неодамнешните „ситуации“ во Музејот на Македонија, и тука можеби ќе бидат во право!). Но, од друга страна, и директорите и поголемиот дел од „носечкиот“ (ама во буквалната смисла на зборот, зашто нив за друго и не ги бидува) стручен кадар во македонските институции од областа на културата се токму избрани и по мерка на „излези момче“ стандардите на Министерството за култура. Па тогаш што е проблемот да се реализира замислената и зацртаната турбо-фолк политика и во откупот на ликовни дела? Впрочем, тие исти „кадри“ им ја реализираат „ситније, циле, ситније“ годишна програма. Тогаш, зошто оваа „операција откуп“ мора директно да ја реализира Министерството за култура, а не нивниот „кадар“ во институциите? Зарем толку не си веруваат едни на други? И зарем навистина мислат дека овие шушумигиве поставени на раководни позиции ќе се осмелат да им противречат? Или „кадриве“ во институциите го немаат списокот на подобните, односно оној друг список – на неподобните. На оние кои не смеат да добијат откуп. Оние од „entartete“ листата. Или пак  ги јаде јанѕа сепак некој од нивните пулени договорени однапред да не помине, да не се случи некаков преврат, некаков „Отпор“ можеби, па нивните киткиритки да останат без откуп, и без пари, нормално. Зашто, очигледно е, целава процедура е само за тоа – да им се дадат парите на една утврдена листа квазиуметници (оние другине тука играат улога на декор, ама не се свесни, но за тоа подоцна!).

Второ, има ли Министерството, или некој од оние „стручњаци“ што седнаа на неморалната комисиска клупа, сознание дека ваков типично болшевички зафат во откупната политика се случува и некаде другаде, во некоја друга демократска земја, или земја којашто барем малку држи до својот културен и цивилизациски углед? Може ли некој да не’ просветли со таков податок? Или барем сличен, колку да си го подзачистат образот? Низ европските музеи (да се задржиме само на нив) циркулираат годишно десетици вистински ремек дела со за нас непојмливи парични износи. И сето тоа тече прилично нормално, според одредени институционални / професионални или државни процедури. И таму, богами, се работи за сериозни милионски суми (во евра, се разбира), а кај нас за четири милиони денари или шеесеттина илјади евра. Колку што, на пример, би требало да биде откупот на едно до две сериозни дела за музејска колекција. А нашиве со парите купиле дела од 54 („реномирани“) уметници! Па дајте ве молам. Кој е овде луд, а кој глуп? Та зарем е можно за некакви пишливи шеесеттина илјади евра – зашто толку изнесувал буџетот за откуп за оваа година – да се избербати образот и на Министерството, и на државата во целина, а особено на институциите што утре ќе треба да ги примат овие „подароци“? Во случајов не ги спомнувам членовите на т.н. Комисија, зашто тие веќе седнувајќи на таа однапред инфицирана работна маса се согласиле да си го извалкаат образот и професионалната чест. Ако ги имале, се разбира. За некои сум сигурен дека ги немале, и ги немаат, ама ме чудат колеги кои на една моја Иницијатива упатена до ИКОМ и АИКА за отворен протест против ваквата турбо-фолк откупна политика на Министерството изразуваа поддршка, а во праксата прават друго. Ама, нели, човечкиот образ трпи се’?!

7.

Трето, или не знам кое е веќе по ред, можно ли е ни еден, ниту барем еден од македонските уметници чии дела беа откупени на ваков каубојски начин, да не се запраша зошто оваа фарса се прави токму вака? Можно ли е никој да не ги видел сите (најблаго речено) сомнителни „процедури“, сите апсурдни нијанси на оваа турбо-фолк откупна „политика“? Та не се од вчера, барем поголемиот дел од нив, не се ни од завчера. Кога во минатото еден државен орган со бавел со откупна политика на музеите – вака, директно, безобразно, мафијашки? Или, почувствуваа мирис на евра и заборавија на се’?

Има ли некој од овие уметници кој ќе застане јавно против ваквото понижување, против дампинг политиката што ја спроведува Министерството за култура, против резилот што им го лепат на имињата? Или навистина ќе се продадат за пет-шест илјади евра?  А меѓу нив има и такви кои поминале и сито и решето, кои биле низ светот, се судрувале со секакви предизвици. Но ова не е предизвик, ова е – нешто сосема друго. Ова е нечесна дубара, ама легализирана, зашто ја извршува државен орган. Ќе се согласат ли навистина сите од списокот да бидат сценографија вредна две-три илјади евра, а направена со цел да го покрие она потенцијално ѓубре што се крие позади? Ќе прашаат ли кои се тие други фамозни „реномирани“ македонски уметници кои утре со сила ќе им бидат напикани во депоата на македонските музеи? Или повторно, по којзнае кој пат, ќе се задоволат со трошките? Со коската што оние упорно им ја фрлаат, а овие се глодат меѓу себе кој прв ќе ја фати? И нема ли да им биде под честа да седат / да бидат на ист список со оние бараби кои годиниве ги полнеа џебовите со наши / нивни пари за – ништо, за лепе очи? И ќе се согласат ли, повторно и повторно, по којзнае кој пат, со очигледната ситуација дека во Македонија владее турбо-фолк менталитет што упорно не влече на маргините на европската култура и уметност? А можеби сметаат дека тоа не е нивна грижа? А чија би била?

8.

Четврто, или кое е по ред: ќе се огласи ли некој од овие (от)купени македонски уметници против небулозите од типот дека „благодарение на оваа иницијатива, генерално ќе се пополнат некои празнини во музејските колекции“ (Симон Шемов), или дека се надеваат „дека овој тренд ќе продолжи“ (Жанета Вангели). Кои се тие празнини, и од каде вие господа ги знаете? И зошто не ги пополнувавте порано, ама за вакви пари? И кој тоа тренд да продолжи, овој на мафијашки избор на однапред наштимани откупи? Се сеќава ли господинот колку негови дела има во Музејот на современата уметност, а колку во Националната галерија? А во другите музеи? И колку тој би сакал да има? Да му се направи специјална, негова поставка? Се сеќава ли и госпоѓата колку нејзини дела се наоѓаат во најзначајните македонски институции и што се’ направија за неа македонските институции изминативе петнаесеттина години, на кои што сега им лепат вакви шамари? За какви тогаш трендови овде станува збор? Па имате ли барем малку срам?

Или, можеби, сите (от)купени се согласни и со рефренот на оној шарлатан кој ужива да се нарекува „Рембрант“, а кој не’ подучува дека недостатокот на арт-маркет кај нас е проблем на „… нивото на културата на побогатите луѓе кај нас кои, за жал, не се култивираа“ (sic!). Ма немој! А кој тоа овде, во оваа вукојебина може да се култивира покрај вакви некултивирани уметници? И како воопшто може да постои „арт-маркет“ (ова му е остаток од амстердамските денови!) со вакви уметници кои од дома продаваат по едни цени, во галерии по други, а во Министерство за култура по трети, багателни цени? Па зарем богатите луѓе, па и во Македонија, се будали да инвестираат во вакви шарлатани, кои сами си ја уриваат цената? И кој сега ќе им ја надомести загубата со ваквите дампинг цени и на оние малку колекционери кои инвестирале во некои од овие „реномирани“ македонски уметници кои сега самите си се распродаваат? Односно, дали веќе од утре – а така би било логично – цените на делата на овие турбо-фолк миленичиња значително ќе паднат како некаква ориентациона вредност и како кон нив ќе се однесуваат оние постари колекционери или новите потенцијални купувачи? Мислеле ли барем на тоа овие? И каков ли би бил тој „арт-маркет“ на турбомакедонски начин, каде Министерството за култура би си организирало свои „аукции“ со дампинг цени, „уметниците“ би се заебавале кој како сака и како ќе стигне со цените на нивните дела, па дури и ќе ги донираат по партиска наредба …? Па има ли такви будали овде, богати или не, кои би плаќале за вашите заебанции, шутраци ни едни?

СИТНИЈЕ, ЦИЛЕ, СИТНИЈЕ (1)

1.

Дека во суштина развиваме типична турбо-фолк култура веќе одамна не е спорно. И според остварувањата и според секојдневните манифестации. Турбо-фолкот ни влезе некако во крв, стана државна политика. Особено во културата. И формално и фактички. И буквално и метафорично. Нема ден без турбо-фолк изблици, нема активност без турбо-фолк сегменти инкорпорирани директно во сите пори на културното живеење. Сосе турбо-фолк луѓе за сите турбо-фолк времиња. Како оној Барабовски, пардон – Барбаровски, и дружината му. Ама кога би бил само тој. И всушност најмалку е битно што во македонската култура царува турбо-фолк песната и „ситније, циле, ситније“ логиката, „чаше ломим“ забавата и „излези момче“ идеологијата. Побитно е што тоа стана некаков репер, што се вдоми во сите институции од областа на културата, што стана начин на размислување и работење. И тоа она најпростачко, најпетпарачко фолкерско размислување и преточување на истото во пракса, при што, евидентно е, сите јавни укажувања и посочени – некогаш и сега – небулози на овој тип „културна политика“, немаат никакво влијание. Турбо-фолкот е практично неуништив.

2.

Еден од омилените рефрени на оваа турбо-фолк политика, буквално преточен во културното ни секојдневие, е некогашниот познат рефрен на Лепа Брена „ситније, циле, ситније“. И тој се применува од врвот до доле, од културниот буџет уситнет на стотици безначајни „проекти“, до најновата информација дека ние, денес, сме имале дури 54 реномирани уметници.  Уситнето до зла бога, трошки на сите страни, зошто малку ама квалитетно кога може многу и – турбо ужасно. Уситнета турбо-фолк мисла, уситнет турбо-фолк карактер. За морал да не говориме!

Така, имено, онаа турбо-фолк библиотекарка која последниве години ја преоблекоа во водечки (заедно со „професорон“) „чаше ломим“ судија на македонската ликовна естрада, ги „објаснува“ објавените резултати од историскиот државен откуп на ликовни дела. Односно, како што не’ просветлува фолкеркава, „овој откуп треба да го прославиме бидејќи е прв по три децении“ (sic!). Па слави го, „госпожа“, кога ти дошло до славење.

Се разбира, оваа типична турбо-фолк безочна лага е насочена кон помалку упатените, кон онаа јавност која што нема или не сака да има дневни контакти со македонската култура и уметност. Ваква турбо-фолк измислица може да искаже персона со турбо-фолк морал и образ, некој кој навистина нема врска ни со македонската култура, уште помалку со македонската уметност. Ако до вчера се чудевме на лагите на политичарите, коишто сепак можевме да ги припишеме на нивната вообичаена необразованост и незнаење, сега се привикнуваме на општиот безобразлук, на масовната лажливост, на манипуланти од секаков маштаб и „професија“.

Она што зачудува е индиферентноста на останатите членови на таа Комисија, кои работеле и работат во институциите од областа на уметноста и кои така лесно преминуват преку ваквите ординарни лаги на фолкеркава. Очигледно денес оваа турбо-фолк културна политика не’ потсетува дека никој не е имун на нејзиниот вирус и ситните бенефиции, дека селективниот  неморал треба да стане општ неморал!

И за да приказната добие убава розева заокруженост, фолкеркава повторно не’ просветлува дека тие откупиле дела од 54 реномирани македонски уметници, набројувајќи само пет-шест имиња кои навистина ја заслужуваат таа придавка. А кои се останатите? Зошто не ги објават сите имиња, па да се чудиме уште малку како тоа ние во моментов имаме тоолку реномирани уметници, а не ги знаеме? И од кога тоа, ве молам, Коџоман, Мазневски, Ташовски, Аџиевски и компанија станаа реномирани македонски уметници? Па и Лена Стефанова, ако сме веќе кај тоа? Тоа ли се критериумите на „Комисијата“, или се тоа некакви други турбо-фолк и „излези момче“ критериуми? Којзнае што ли друго се крие на тој список и кој се’ не е унапреден во „реномиран македонски уметник“?!

3.

Но, целата оваа турбо-фолк популистичка акција, пред којашто, гледаме, со поклониле и оние уметници кои ги мислевме барем малку послободоумни, затскрива, или открива, редица други симптоматични аспекти коишто никој ни сака да ги види, уште помалку да ги коментира.

И нема (и) овој пат да должам со тоталната заспаност (или страв?) на надлежните професионални асоцијации (ИКОМ и АИКА) што некој туку-така им го одзема на музеите најсуштествениот дел од нивната работа, нема да елаборирам што тие асоцијации би требало да направат со нивните членови кои учествувале во работата на оваа „Комисија“, нема да укажувам на личниот и професионалниот неморал на тие луѓе и нивните јанусови ликови … Нема да го коментирам ни ставот на македонските уметници кои, учествувајќи на еден ваков конкурс, се ставаат директно во функција на популистичка и политичка манипулација. Наместо нивните дела да се откупат од соодветни, надлежни и стручни институции, нив ги откупува државен орган.Токму како во 1945 година. Па и тогаш, државата била поумна и полиберална па повикала неколкумина реномирани уметници и историчари на уметност во нејзино име да (от)купуваат дела. Но, денес, токму во стилот на „ситније, циле, ситније“, и македонскиот уметник е фолкеризиран до крајни граници што веќе, очигледно, изгубил секаков критериум.

Но, што ќе се случеше ако македонските уметници, барем еднаш во животот, покажат, да простите, м..а, и речат дека не сакат да учествуват на таков популистички конкурс. Можна ли е воопшто таква приказна во наши услови? И овој пат покажаа дека не е можна.

Но, што би се случило и кога надлежните македонски институции – Националната галерија, МСУ, Музеј на град Скопје и др. – утре, кога овие исти уметници ќе дојдат со идеи за изложби, да им ги затворат вратите и ги испратат во Министерството таму да им прават изложби? Па нели институциите се неспособни да изберат нивни дела, а оние во Министерството се способни? Па нека одат тогаш таму! Се разбира, ни тоа нема да се случи. А кога ќе се случи, једног лепог дана, дури тогаш ќе можеме да кажеме дека сме созреале како култура, како општество, како држава.

4.

Но, на страна она што не вреди (по којзнае кој пат) да се коментира. Има два интересни, да не речам жални аспекти, што треба да се коментираат.

Прво, вреди да се коментира односот на целата таа „Комисија“ кон интегритетот и искажаниот став на уметниците кои своите дела, при понудата на конкурсот, ги вреднувале така како што ги вреднувале. Односно, секој ставил некаква цена, за којашто смета(л) дека е доволна парична надокнада за неговото / нејзиното дело. Ама повторно заборавиле со кого си имаат работа, заборавиле на нашиот актуелен турбо-фолк менталитет и неговите застапници, дека не може уметникот да си го вреднува (парично) делото. Иако тоа претходно го побарале од него. Но сега повторно на сцената влетува познатата ни фолкерка која што ни објаснува дека „можеби некои од авторите нема да бидат задоволни бидејќи нивните цени беа повисоки“,  односно „такви беа условите, бевме принудени да ги намалиме цените“ (sic на квадрат!). Што ќе рече, „стручњаците“ седнале и им одрежале на сите некакви урамниловени износи – главно околу две, три илјади евра – за да има мир в куќи. И волкот сит и овците на број.

Со парите што им биле на располагање (4 милиони денари) реално можеле да откупат не повеќе од 7-8 солидни дела, еве нека се десет. Како „стручњациве“ откупиле педесетина, или повеќе? По турбо-филк логиката на „ситније, циле, ситније“. На секој по малку, секому по две-три илјади евра и марш у пм. Има да молчите зашто и тоа нема да ви го дадеме. И овие кутриве, повеќето веќе бели во главите, седат таму и уште се радосни. Може и се избација со фолкерката, којзнае, онака, од благодарност? Нема врска што тие ставиле – се кладам – цени од (барем) десетина илјади евра, односно толку колку што му бараат на секој смртник кој ќе се осмели да влезе во нивното ателје и да праша за цени на нивните слики. Ама кога е во прашање државата, е тогаш може и за две-три илјади. Па нели ви е барем малку срам, шутраци ни едни? А бидејќи фолкеркава, и останатите, знаат дека овие не смеат да писнат, им режеле како прекупци на Бит-пазар: кому две, кому три илјади евра, само да можат да се пофалат дека откупиле едно чудо дела. А да им дадевте по сто евра, ќе откупевте 650 дела! Од сите македонски „уметници“. Ама тоа чувајте го за следниот пат.

5.

Што е уште поинтересно, на сета оваа уметничка проституција глас не пуштаат ни најповиканите за случајот – галеристите кои практично живеат од цените на делата на македонските уметници. Прошетајте низ Скопје и побарајте да купите дело од некој од спомнатите уметници за две-три илјади евра. Ќе ви се изнасмеат и ќе ве прогласат за нетокму. Во скопските галерии, исто како и во уметничките ателјеа, цените се барем два пати повисоки. Најчесто три.

Ама галеристите молчат. Молчат и уметниците. И каков е тогаш личниот и професионалниот морал на овие уметници кои на галеристот, и граѓанинот, му ја нудат робата / уметноста по една цена, а на државата – по друга, дампинг цена? И зошто? Граѓанинот е можеби побогат од државата? Или државата е тооолку повредна од граѓанинот па неа ќе и’ продаваат по багателни цени? Или тие нешто должат па мора и на ваков начин да се откупуваат, како оние со донираните споменици? Каква „уметничка“ фарса!

И зошто сите тие гооолеми македонски уметници не дојдоа директно во македонските музеи да ги понудат своите дела по тие багателни цени? Да се појавеа пред некоја година господата Чемерски, Шемов, Станковски, Маневски и компанија во институциите и ги понудеа делата по две-три илјади евра, ќе им беа откупени комплетните ателјеа. Зошто мораше да се оди преку прекупец? Заради турбо-фолк популизмот?

И зошто државата не спроведе иста таква „политика“ и во другите области туку ја користи културата и уметноста за вакви експерименти? Зошто, на пример, не откупи илјадници фрижидери по багателни цени и нека ги продава на граѓаните по дампинг цени во однос на трговијата? Зошто граѓаните треба да плаќаат две-три илјади евра за фрижидер, ако можат истиот да го купат за пет стотини евра во Министерството за економија?

„Ситније, циле, ситније“!