Monthly Archives: August 2021

ВРЕМЕ НА ИЗГУБЕНИ ИЛУЗИИ

Сосема случајно открив дека насловот многу ми заличува на Балзаковата Illusions perdues. Сличноста секако беше ненамерна иако, да бидам искрен, отпосле увидов дека и не ми пречи премногу во општите елементи на фабулата: кај Балзак таа започнува во провинциска Франција, па се сели во центарот – Париз, но во третиот дел повторно се враќа во длабоката провинција. Исто како и кај нас во времето на изгубените илузии: започна како борба против провинцијализацијата на Македонија во времето на заробената држава, па краток период тргна кон ЕУ како симбол на модерните аспирации, за да потоа повторно заглавиме во жабурникот на длабоката балканизација викана провинција Северна Македонија. Тоа е нашата кратка петнаесетгодишна (и)сторија на надежи на многу генерации, време на полет и пад, на восхит и разочарување… Се разбира, не сите тоа го чувствуваат исто или барем на сличен начин, еден мал број одлично ја изиграа играта во своја полза, дел од македонската политичка елита – или „елита“, како сакате – ги искористи настаните за да дојде на власт и на тоа да ги сведе демократските аспирации на македонската пролет… И никако не мислам дека баш сега и овде е дојдено времето за историските сведувања на сметките, но мислам дека личните видувања, сведочењата речиси од „прва рака“, автентичните записи (секако со доза на субјективност) за времето, се важни за историјата, онаа утрешна, којашто секако некој ќе ја пишува. Бидејќи историјата, се разбира, по правило е крајниот судија на нештата, па и во македонскиот случај. Но не верувам дека на идните проучувачи баш сѐ ќе им биде најјасно, а истражувањето на сегашноста ќе им оди мазно. Не дека јас веќе сега се сомневам во нивниот иден пристап и моќ за рационално и објективно просудување туку, прво, историјата работи врз основа на документи, а тие кај нас се (најблаго речено) крајно паушални и двосмислени, и второ, еден важен темел на историското проучување се директните (авторски, биографски, автобиографски…) извори, белешки, коментари, размисли… на современите учесници во процесите. (Твитер и Фејсбук тоа не се, а прашање е и дали тогаш ќе постојат!) Се разбира, сето тоа понатаму поминува низ многу други научни филтри, но во голема мера се од помош за подобро разбирање на историските процеси во даден период.

Ако ја поставите во еден таков контекст македонската денешна ситуација, идните историчари не ќе имаат голем материјал за истражување, особено во вториот сегмент. Поточно, по којзнае кој пат, повиканата македонска интелектуална јавност – со чесни исклучоци, се разбира – апсолутно потфрлува во напорите/обидите процесите да се анализираат, критички да се опсервираат и коментираат (од сите аспекти, се разбира), состојбите да се именуваа со вистинските имиња… Покрај македонскиот интелектуалец повторно поминуваат најважните, најсложените, најконтрадикторните процеси во државава во нејзината понова историја, а тој гледа зад некое скришно ќошенце – и молчи! Ваков молк за судбоносните за државата, за народот, за идентитетот, за културата… мигови не е само трагичен туку е и целосно неразбирлив, да не речам апсурден и, во крајна линија, комформистички, опортунистички, предавнички… Како да станува збор за сегашноста и иднината на некоја друга земја, на некои други генерации. И, нормално, таквата атмосфера на јавен молк им погодува на сите оние партиски платеници, ботови, трутови и други глупандери да „морализираат“, да држат лекции, да потсетуваат на поблиското минато небаре тие тогаш не беа истото што и денес – среброљубива глувчешка сурија.

Но не се единствени, секако, зашто времето на избори е време кога и другите глувци – и по некој стаорец! – излегуваат од мрачните им дупки. Се раздвижуваат ликови кои петнаесет години се кријат и не проговорија ни збор, на кои им погодува(ше) и заробена држава и хибриден режим, но сега гледаат шанса за власт, или барем дел од власта, па нека е и локална. Меѓу нив и едно чудо наводно невладини ама со изразито владини кандидати, па згора и зелени и црвени, дури и бели… и сите со „демократски“ гланц. Кога демократијата и демократичноста би се мерела само и единствено според самофалбите! Тие минорни фигурички нема да бидат од посебен интерес на историјата бидејќи се во принцип небитни, потрошливи, аутсајдери за една употреба. Во надоаѓачкиот кампањски бран, кога дефинитивно се заборава убавото воспитување и се вадат ракавиците, сѐ ќе излезе на виделина. Ние дефинитивно умееме да упропастиме сѐ, па дури и идејата за невладино организирање, за независни кандидати итн.

Но од таа булумента сега подготвена да трча за власт никој и не очекува(л) нешто конструктивно, или умно. Меѓутоа, за жал, ни оние малкумина редовни мегафони на хибридните политики, а кои јавноста – онаа „медиумската“ – ни ги поттура како интелектуален македонски глас, се занимаваат главно или со опозицијата (којашто, таква каква што е, е одамна исфрлена на тринаесеттиот колосек на македонската политика!) или со нарачани теми од властелинската штабска команда. Без оглед дали станува збор за самопрогласени аналитичари (кои, патем, не изанализирале нешто повеќе од сопствениот интерес во нештата!) или за добро платени кампањероси, нив всушност никогаш и не ги интересирала сегашноста, уште помалку демократијата, туку само и единствено личниот профит, без оглед од која и каква страна доаѓа. Во Македонија во екот на општиот хаос со урбанизмот и дивоградбите, со налудничавиот попис, со морничавите бројки што секојдневно ја дополнуваат листата на починати со којашто не се симнуваме од светскиот врв, но и со актулелната „среќна“ вакцин-кампања, со циркусијадата во највисокиот претставнички дом и нејзиниот „камшик“, со целосното напуштање на реформските процеси и откажувањето од еуинтеграциите… со нов бран бегалци и „danke USA“… со прогласувањето на НУБ „Св. Климент Охридски“ за наследство во опасност (sic!)… тие се занимаваат со антиваксерите и нивниот „психолошки профил“, со Левица и нивното кочење на државата (со само два пратеници!), со оние бедни остатоци од опозициската вмровска номенклатура наместо со суштинските проблеми на државата. На таквата нарачај-и-плати атмосфера во државата подлегнуваа(т) и сериозни (и возрасни) стручни имиња кои бркаат вештерки повторно само и единствено кај опозицијата, заборавајќи го притоа минатиот „труд“ на голем дел од партиципиентите во сегашната власт. Се обидуваат со сите сили да дадат кредибилитет – уставен, законски, „стручен“… – на секоја глупост изречена или направена во државава. Одбивањето на сериозната стручна јавност да (про)говори за суштинските прашања на македонскиот миг со стручен вокабулар и демократски капацитет, со ЕУ параметри и примери и со критички осврт на целосното напуштање на ЕУ интеграциите е, најблаго речено, интелектуален промискуитет. Го гледавме на дело во времето на заробената држава, го гледаме и денес, еднакво силен и заводлив, со истите испробани методи.

Сето ова дефинитивно ја враќа Македонија во сенката на длабоката балканска провинција од кадешто за миг се чинеше дека излегува и дека единствен репер во државата ќе бидат современите европски практики. Дали изгубените илузии се надоместливи, може ли повторно да се собере толкав силен дух и нов оптимизам за идни преобразби е тешко прашање, речиси невозможно. Но на него одговор ќе даде веќе блиската иднина.          

КУЛТУРИТЕ УМИРААТ ТИВКО

Во Македонија во културата веќе петнаесет години не се менува ништо. Освен директорите, се разбира, и сега „фирмите“ на институциите. Формата секогаш ни била побитна од суштината. Затоа културите умираат тивко, од ден во ден, од миг во миг. Не со гласен тресок, не со обнароден „бум“, уште помалку со пророкувани години/датуми или настани. За оние кои умеат да гледаат, македонската култура одамна навестува трауматични состојби, за коишто многу често било пишувано и на ова место. Ако некој воопшто сака(л) тоа да го види, и прочита. Но, може да се случи кога ќе посака да го види – да биде доцна. Не заговарам апокалиптични сценарија, далеку од тоа, не дека нештата не ќе можат да се реанимираат, но сето тоа ќе бара огромни жртви, често дури и невозможни, ќе бара реактивирање на бројни, намерно или не, закочени процеси… Но изгубеното не (ќе) можете да го вратите, се разбира. Како што и денес не можете да го вратите сето она загубено време за Охрид, онаа девастирана природа, градот, езерото… не можете да го вратите сјајот на едно Курбиново бидејќи сте дозволиле да го упропастува кој како стигне, сте го претвориле Матејче во борбена зона а аквадуктот крај Скопје во депонија и ресурс за градежен материјал! Не можете да ги вратите необјавените есеи, книги, критики за некои од навистина вредните остварувања на македонските автори во литературата, уметноста, музиката и др., бидејќи критичкиот збор – дури и позитивниот – им пречеше на неспособните клиенти и абоненти на власта. Најнеукото, најнеспособното исплива на (не)културната површина и целата „политика“ се вртеше околу олеснувањето на процесите и критериумите за тие да станат првенци. И станаа, но само во нивните сништа и фантазијата на нивните политикантски газди. И секоја власт го надградуваше тој ступиден процес до границите на тотално разнебитување на целата македонска култура. Тогаш, веројатно, ви останува само онаа – хибридна култура! Но – чуму ви е, ваква каква што е?

Се разбира дека ако постојната веќе декадентна до дегенерираност состојба укажува на тешки конфликтни трауми внатре во самата „хибридна“ култура, алтернативата не е и не може да биде нејзината – смрт. Иако денес тоа така изгледа, или некој сака така да изгледа. Треба ли состојбите во културата – а тие не се ништо подобри ниту во останатите сегменти на општеството – да нѐ обесхрабрат до целосна капитулација? Впрочем, во еден дел, тоа и се случува во македонската култура. Отсуството на јавниот збор, на јавниот критичко – полемички дискурс во македонската култура делумно сведочи и за високо кренатите раце на македонскиот творец и културен работник пред наездата на партиските варвари. Во секој друг случај, во секоја друга малку подемократска култура тоа ќе беше општ сигнал за аларм, за состојби непосакувани во секоја друга малку поцивилизирана земја. Зашто, фразата дека ако немате култура немате ни држава не е измислица на учените. Неа не можат да ја разберат само неуките и будалите бидејќи културата е крвотокот на народот, нацијата, на државата. Свесното сопирање на тој крвоток значи – убиство односно, во случајов, самоубиство. Само во таа светлина може и мора да се гледаат сите случувања во државава последниве петнаесеттина години, па и „политичките“ процеси околу името, јазикот, историјата… Од самостојна, независна и (колку-толку) суверена држава ние се претворивме во загрозена држава. И загрозен народ и култура! Онакви какви што горе-долу се опишуваат во енциклопедиските единици. Зарем сите локални и меѓународни турбуленции – со име, со јазик, со историја… – низ коишто помина оваа земја не се токму такви показатели на загрозеност, на притисок на соседите и меѓународната заедница, на континуирано одземање на суштински делови од културата, традицијата, обичаите? И зарем последнава „прослава“, и одгласите за неа, не сведочи токму за тоа? Што, по ѓаволите, славевме, и кој – славеше?! Ја славевме, меѓу другото, и смртта на нашите сонародници. Можеби така ќе слават и кога врз гробот на културата ќе ја фрлат последната рака земја?

Партиите, партократијата, не може да ја замени културата. Ниту пак може да ја води дури ни на приближно демократски начин. Никако, барем македонскиве и албанскиве партии што ги гледаме во смени цели дваесеттина години. Впрочем, не можат, не се способни да го водат ни образованието, науката, здравството… економијата. Докажано, зарем не? Тоа за нив се дефинитивно неспоиви нешта – ние сме нагледен пример за тоа колку нефункционална може да биде партократијата. Оваа држава се фали со 60% вакциниран кадар во образованието, а бара 100% присуство на децата во училиштата веќе од 1 септември. Оваа држава не дава податок колку од вработените во културата се вакцинирани, зашто – не знае, не ја интересира. А го крие и податокот колку од здравствениот персонал е вакциниран бидејќи бројките не ѝ одговараат. Ако оваа приказна ја прошириме на целата локална и државна администрација, и ги видиме вистинските резултати, што ќе се случи со актуелните „мерки“ на власта? И конечно, зошто Владата не излезе со податок колкав процент од министрите – но и нивните потесни семејства! – се вакцинирани? Дали, следствено, една од карактеристиките на „хибридната држава“, или режим, како сакате, е токму нееднаквоста на политичките структури и граѓаните, на власта и народот, на привидот за функционирање на демократијата…? Не знаеме, никој не сака да говори за тоа. Никој не сака да говори ни за тоа дека имаме претседател со 4% рејтинг во државата, а избран (божем) со преку 50% гласови! Уште помалку некој од званичниците сака да одговори дали навистина последниов пир со трошење на поливина милион евра за „прослава“ на 20 годишнината од „Охридскиот рамковен договор“, во СЕГАШНИ УСЛОВИ, не е неразумен чин на хибридниот режим? И што воопшто таму бараа оние со меѓународна тапија, од калибарот на Солана, Робертсон и компанија? И нив ли ги – славевме?! Та зарем во сиот тој циркус оној со 4% ли ќе ни држи предавања за Охридскиот договор кога во тоа време беше национален советник за безбедност? Или ќе нѐ плашат со „баба рогата“ дека, инаку, Македонија ќе била – поделена? Ма дајте ве молам, кој уште верува во такви басни!?

Ако така ги поставите нештата на пирамидата на власта, се разбира дека и во културата можете да посочите сто и една (партиска) „мерка“ – или басна, како сакате – којашто буквално го урниса целиот вредносен систем, можете да укажете на расфрлање со државни пари за лично-партиски цели, можете да наведете имиња на неколку стотини апаратчици ухлебени на културниот биџет во институциите – национални и локални – но барем тоа се одамна познати факти коишто не водат никаде. Или – водат во пропаст, во тивко умирање на рати кое никого не го загрижува? Знаеме ли ние воопшто што сѐ се случува во културата во Европа и светот, имаме ли претстава на кои височини е искачена уметноста, литературата, филмот, театарот… во светот или уште ќе го убедуваме народот дека сме го фатиле Господа за „таквото“, дури и во културата?

СЕ ЈАДЕМЕ СЕБЕСИ

Современата генетика веќе одамна го утврди непобитниот историски факт: сите луѓе на планетава потекнуваат од релативно мал број индивидуи кои ја напуштиле Африка пред шеесет или повеќе илјади години и се населиле ширум сите пристапни но и непристапни делови на Земјата. Тоа ќе рече дека сите, на еден или на друг начин, го носиме истиот дух и наследство, па и повеќе – тоа вели дека сите ги носиме истите или сличните културни потенцијали, истиот творечки гениј којшто, со текот на времето и заради различните услови, се развивал различно. Во различни делови на светот, согласно развојните потенцијали, различно се развивала идејата за тоа што е односно што значи да се биде Човек, кои и какви се темелите на подемот на културата/општеството итн. А сите заедно го сочинуваат мозаикот на светски култури кои, еден ден, ќе мора да застанат и во одбрана на човештвото и оваа цивилизација.

Каде сме ние денес во тој мозаик на култури? Никаде, нѐ нема. Нашите културни потенцијали не се (до)развиле, поточно нашите претци ги развивале толку колку што им дозволувале историските услови (па и повеќе од тоа, благодарејќи на свеста за значењето на културата на нацијата!), нашите татковци и дедовци го забрзале тоа темпо по 1945-тата година со светлосна брзина… за да ние денес ги крчмиме нивните заложби, нивниот труд и резултати. Овие (не само политички) генерации денес на власт и нивните следбеници се – без навреда но и без пардон – трутовски генерации. Тие само трошат, не создаваат. Зад нив речиси и да нема сериозна придобивка извојувана со работа и знаење. Сѐ е наследено, што ќе рече дека е и потрошливо, и тоа баш онака пазарџиски, ефтино. Тие немаат свест дека културата не е роба за размена, уште помалку за продавање или препродавање. Така не се чува една култура стара илјадници години! И воопшто немам намера, сега и тука, да ронам крокодилски солзи и да редам имиња од Кирил и Методиј, Климент и Наум, Богомилите, Прличев, Миладиновци и Мисирков… уште помалку за Конески, Кирил Пенушлиски, Мартиноски, Мазев, Поленаковиќ, Петре Андреевски… Ако една држава/една култура – меѓу двете ставам знак на равенство – едноставно ги отпишува своите културни великани и вредности во името на профитот на новоиспилените тезгаџии, ако една култура е препуштена на селанчиња и на дај-дам и купи-продај менталитет, таа е тогаш осудена на (само)поништување. И тој процес се одвива буквално пред наши очи, на отворена сцена. Правиме ли нешто да го сопреме? Не, напротив – само додаваме врз купот, врз товарот што на македонската култура го става безмалу секоја власт од 1992 година до денес. Без срам, без однос, без чувство. Кај нас не е актуелна приказната – или е актуелна само делумно! – за глобалната култура што ги „јаде“ малите култури. Ние се јадеме себеси, тоа е нашата приказна! И ништо не правиме да го спречиме тој ретрограден процес.

Некои кругови (пре)често го нарекуваат македонскиот народ етноцентричен. Со право, имало и има такви предимензионирани манифестации, но никој не разговара за корените на тој етноцентризам. Зошто? А впрочем, науката вели дека етноцентризмот е универзална појава, дека секој народ е етноцентричен до извесна степен. Или, некој сака да каже дека Американците не се етноцентрични? Или Русите, или Кинезите…? Но никој – сите престанаа! – не говори за очебијните етноцидни пројави кон македонскиот народ од страна на соседите, на целата меѓународна заедница, но и на т.н. внатрешни сили. Зошто го велам ова? Затоа што ние баш и не можеме да негираме дека сме биле соочени, или сме соочени, со акти/обиди за систематично уништување на етницитетот и културата на македонскиот народ, не само од надворешни туку и од внатрешни елементи. Таквите обиди, ако се обединети и со една цел, а кај нас се, обично резултираат со смрт на културата. И тие и такви обиди, барем досега, даваа евидентни резултати, што пак само ги потхранува теориите за потенцијалната, за претстојната етничка, а следствено и за културната смрт на Македонија. Но, за тоа во некоја следната прилика!

Она што ние, денес, мораме да го разбереме и да го прифатиме како некаков актуелен манифест на македонската култура – а тука, под тој поим, за да бидеме докрај јасни, ги подразбирам и сите малцински култури во државата со нивните (не само) со Уставот загарантирани права! – е дека смртта на културата значи и смрт на државата. Македонската држава, а тоа едновремено ја подразбира и мултиетничката, или наречете ја како сакате… но таа дефинитивно покажува дегенеративни знаци, знаци  на немоќ и крај. Кому тоа му оди во прилог? Не знам, и не можам ништо повеќе да сторам освен да размислувам на таа тема. Механизмите се во рацете на другите! Но сепак, ако македонската култура, дури и без држава, успеала да преживее речиси пет века под Отоманската империја, ако успеала да опстане и во времето на Кралството СХС за да, по 1945-тата година, во рамките на некогашна Југославија, како самостојна федерална единица да се вивне до некои глобални височини и таму да опстои сѐ до 1990 година, тогаш кое и какво е правото на овие тутмаци да мислат само на себеси? Но и кое и какво е нашето/вашето право да молчите и сите нивни идиотизми да ги прогласувате за придобивка и прогрес, а тие се всушност – длабок регрес? Не можат минатите времиња, а најмалку „груевизмот“, да бидат оправдување за нечинењето, за неработата, за неукоста и незнаењето… Зашто, сепак, тој период траеше „само“ 11 години, а Отоманското царство цели 5 века. Тогаш, зошто никој не ја обвинува Турција – што секако би бил историски нонсенс од современ аспект – за нашето континуирано назадување во културата?

Мигот кога ќе прифатиме дека самите, денес, сме виновни за сето тоа што ни се случува во локални и глобални рамки, ќе биде голем миг за државата. Ќе треба да се слави како државен празник бидејќи ќе има такво и толкаво значење. Дотогаш, се чини, осудени сме на постепено умирање, на културен распад на рати.             

САМОПОНИШТУВАЊЕ

На секојдневно растечкиот фонд на суштински прашања од глобално значење – на пример оние од сферата на антиваксерите и човековите права – од коишто дел се прелеваат и кај нас, ние континуирано додаваме и наши локални „приказни“ (од типот на најновите „мерки“), ги трупаме една врз друга без да дадеме одговор барем на еден витален проблем. Таквиот општествен контекст ја потенцира усвоената логика „секое чудо за три дена“, а тие „чуда“ (поим избран како замена за оние „потврдите“ од типот: самоволие, криминал, корупција, неодговорност, неспособност…) потоа ни се удираат од глава со години. Кому, во таков случај, во општата борба за елементарно преживување, воопшто му е грижа за т.н. општествена надградба – образованието, културата, науката… Иако, де факто, таа „надградба“ одамна го загубила темелот па лебди ни на небо ни на земја.

И кога во еден таков контекст би напишале дека ние, во вакви денешни услови, како да ја приведуваме кон крајот приказната за македонската култура, најголемиот број само кисело би се насмевнале, ако на една таква констатација воопшто ѝ придадат некакво значење. Ние сѐ уште докрај не ја разбираме важноста на културата, особено за вакви земји како Македонија, па нека е и Северна. Едноставно, состојбите упатуваат на тоа: која и каква може да биде персспективата за една вака дезориентирана и неорганизирана култура, култура којашто самата не се грижи за својата иднина, која така одлесно допушта да биде командувана, навредувана, манипулирана, корумпирана, крадена… од секоја будала која себеси се гледа како власт, или како „надлежен фактор“, дури како министер или директор од национален маштаб…? Особено кога таа и таква култура ѝ го дозволува тоа „право“  на секоја шушумига со партиска книшка и никој не се осмелува да се спротивстави на заробувањето, на хибридизирањето, на комплетното девастирање на сите културни вредности – дури и оние коишто ги нарекуваме драгоцено културно наследство (Охрид, Курбиново, Нерези, аквадуктот крај Скопје, Матејче… спомениците во Ваташа[1] и Дојран, Кочани… и др.) – сето тоа наликува како последна точка на декадентниот список на македонското културно пропаѓање.

Ние во последниве три децении, а особено во изминатата, фактички ништо не придонесуваме за културата. Само и постојано ѝ одземаме: средства, инфраструктура, човечки ресурси. Ни најсилната културата не би можела тоа да го преживее, особено кога одземањето неколкукратно го надминува вложувањето. А нашето „вложување“, во континуитет, е секогаш погрешно и по правило – контрапродуктивно. Ние вложуваме во лични и групни интереси/ресурси – најчесто партиски односно коруптивно криминални, наградуваме според пријателски, партократски и непотистички „критериуми“ но не и според мериторни и стручно-компетентни, функционираме според (неуки) желби а не според согледани потреби. Последниве пет години се врв на тоа самоволие, волунтаризам, партократија, корупција и криминал. Ова го говорам со полна одговорност за искажаното, а врз основа на директната – во еден краток период – и индиректната (во подолг период) инволвираност во најголемиот дел од културните (но и политичките!) процеси во државава. Чуденката наречена „хибриден режим“, или „хибридна држава“, како некаков еуфемизам зашто она „режим“ премногу асоцира на блиското минато, па следствено и поимот „хибридна култура“ се веќе елаборирана фраза, а за мене ќе бидат предмет само на некоја идна книга. Иако тоа, де факто, никого и не го интересира, а најмалкју културата и културните работници и уметници.

Но, повторно, ништо од тоа не е толку страшно – ни некогашната (само)заробеност, ни сегашната хибридност, ниту пак тоталниот крах на сите културни вредности (и институции) во оваа (квази)општество – како владеењето на оваа целосна индиферентност, оваа неукост, овој молк во целата македонска култура соочена со амбисот на дефинитивната пропаст и заборав. Зашто, ние, не само што ги заборавивме нашите најголеми културни творци, туку инсталиравме (сосема успешно и без каков и да е отпор) криминалци и дилетанти, неуки и неписмени, етнички полтрони и апаратчици наместо стручни и компетентни кадри. Е, така, не се гради континуитет во културата, уште помалку равој, реформи и интеграции.

Сепак, во еден сегмент имаме некаква среќа, ако тоа воопшто може да се нарече така. Историјата не памети смрт на култури. Културите не умираат туку само се трансформираат, се менуваат, се надградуваат или започнуваат од почеток. Дури и мистеријата на културата на Маите, Инките, Ацтеките… денес сепак сѐ уште живее во Јужна Америка. Во друга форма, се разбира, често декадентна или анахрона, па можеби и ретроградна, но таа е таму, жилава е, не се предава, еднаш повторно ќе се развие. Како што, според некои, кај нас, или во нас, сѐ уште се присатни елементи на културата на Хеленизмот, на Античка Грција и Рим, на Словените, Богомилите… но и на современите македонски творци. Не мислам дека ние, денес, сето тоа можеме да го уништиме. Не е тоа баш така лесно, иако (и) на овие дилетанти добро им оди тој процес! За цели пет години не успеваат нештата во културата барем минимално да ги поместат од точка А до точка Б иако сите механизми им се буквално во рацете – од законски, организациски, финансиски… до мнозинство во Парламентот. Што пак ќе рече дека можеби во прашање е (и) нешто друго освен очигледната неспособност и неукост. Ако после „Преспанскиот договор“, некако „случајно“ на ред дојде „Бугарскиот договор“ и актуелниов трипартитен „Балкан Опен“, тогаш теориите на заговор добиваат неомеѓено поле за натпревар! А во сите тие „историски“ замешателства, се појасна станува тезата дека, всушност, битната приказна беше нашиот влез во НАТО како заокружување на процесот на присуството на Алијансата на Балканот. ЕУ никогаш и не била дел од „приказната“, од агендата на меѓународната заедница. Не дека можеме многу да им забележиме: никој не сака вакви „хибридни режими“ коишто де факто уживаат во својата хибридност и некадарност! А сите показатели, па и во културата, покажуваат дека ние навистина немаме намера ама баш ништо да менуваме во нашата самодоволност!

Сите показатели, апсолутно сите – барем за оние кои умеат да гледаат! – покажуваат дека нашите потенцијали за тотален неуспех се акутни и секојдневно бележат раст. Но ние, особено културата, одбива да ги види. Дел од културата е слепа и глува за симптомите, се разбира, бидејќи е новокомпонирана од полуписмени и саможиви партиски апаратчици. Но еден дел, колку и да е мал, сепак гледа, и – молчи. Тоа скапо ќе нѐ чини. Ние сме веќе загрозена култура, со загрозен/негиран јазик и потекло, затворени сме – поточно: нѐ затворија! – во трло од Куманово до Гевгелија и од Дебар до Берово и сите, повторно, само блеат. Среќни се и благодарни дури и за цркавиците што им ги фрлаат. Никој веќе не се ни обидува да му објасни на стадото што значи да ја загубиш културата, јазикот, историјата, традицијата… Нашето поништување, нашата демисија од историската сцена треба да изгледа како самопошништување, како наш чин и избор      


[1] Не знам колкумина го читаат Дакиќ и случувањата со Споменикот на 12 стрелани младинци во Ваташа, но треба, поучно е!

ИСТА МАТРИЦА

Што е тоа што ние би требале да научиме за културата и „културната размена“ – како што велат некои – од останатите двајца „партнери“ (Албанија и Србија) во „Балкан Опен“? Најкратко речено – ништо, и тоа за многумина познавачи на културните „прилики“ во овие две земји би бил соодветен и доволен одговор. Но не и за оние „другите“, нели, оние кои перманентно ги следат релативизаторските инструкции од штабовите трудејќи се да оправдаат буквално секоја будалаштина во земјава.

Но, добро, ајде да одиме со ред. Имено, трите земји – Албанија, Србија и Македонија – речиси во исто време (1992) излегоа од под комунистичко социјалистичкиот шинел во културата, не знаејќи кој правец треба да го фатат. Зошто? Затоа што кај сите нив, дотогаш, поимот културна политика во значењето на европските демократии беше terra incognita! И со тоа најмалку имам намера некого да навредам, но тоа е единствената вистина. Друга – нема. Не дека не знаеа ни некои општи работи, на пример дека државата треба полека да се ослободува од директните влијанија во културата, дека треба да ги распушти, или затвори, како сакате, државните „претпријатија“ во издавачката дејност на пример, во филмот и сл. Речиси во трите држави чекорите беа идентични: кај нас се донесе нов Закон за издавачка дејност со којшто беа укинати државните издавачки куќи; во Албанија беше затворена државната дистрибуција на книги и филмови, кината и библиотеките беа префрлени под јурисдикција на локалната самоуправа и набргу целосно руинирани; во Србија се одвиваа слични процеси, иако таму многу побрз чекор фати децентрализацијата на институциите итн. Во суштина, трите држави многу, многу тешко се ослободуваа од социјалистичкиот менталитет дека државата е господар на сѐ па и на културата, дека културата е потрошувач но не и придонесувач во општеството и слично. Сегашниот премиер Рама, како градоначалник на Тирана во 2002 година барал да се урне Националниот театар и на тоа место да се изгради бизнис центар! На тоа, со петиција, се спротивставиле уметниците и интелектуалците, па тогашниот премиер Пандели Мајко го одбил тоа барање. Но, потоа следувале други слични „идеи“ – да се урне т.н. Пирамида (некогашен мавзолеј на Енвер Хоџа), во 1988 година претворена во Меѓународен културен центар, и на нејзино место да се изгради нов Парламент итн., итн. Блерина Бербери вели дека „ако 1990-тите беа години на деструкција, злоупотреба и осиромашување на културната инфраструктура, 2000-тите беа декада на реставрација. До денес, ниту еден нов простор не е додаден во културната инфраструктура на државата од времето на падот на комунизмот“! И сега, ова треба да ни биде некаква културна водилка?

Србија, од друга страна, имајќи ја предвид големината на земјата, нејзината културна историја и традици, сепак е во подобра (културна) позиција. Но, да ја немаше онаа воено-освојувачка деценија, нештата веројатно ќе беа далеку подобри. Како и да ѐ, како што веќе спомнав, во Србија процесот на децентрализација во културата е напреднат, такашто речиси помалку од 10% (40) од вкупниот број на културните институции се национални. Останатите се регионални и локални, што значително ја стабилизира таа слика, особено споредено со нашата ситуација. Процентот на учество на културата во вкупниот буџет на Србија од времето на 1997 година (2.26%), речиси никога не се покачил од 1%. Во трите земји државата/власта ги подмирува трошоците на националните институции до 90%, назначува свои директори, го контролира вработувањето… итн. Тогаш – во што ќе нѐ подучуваат дотичниве „партнери“?

Ајде да ја видиме фамозната „културна размена“. Во сите три држави главен играч на тоа поле се соодветните министерства, во соработка со министерствата за надворешни работи. Голем дел од соработката – ако ја има – се одвива и на локално рамниште и на ниво на невладини организации. Главен инструмент се билатералните и мултилатералните договори, но речиси по правило, во трите земји, подоминантно е присуството на странските програми (на побогатите држави, се разбира) отколку обратно. Албанија речиси и да нема соработка на културен план со Србија, со Македонија тук-таму, а со Европа… не знам, можеби знаат оние нашине „експерти“ за сѐ?! Србија не е во никаква подобра положба, без оглед на големината на земјата и буџетот, но сепак е прилично понапред во размената со европските (и светските) организации (Совет на Европа, УНЕСКО, ОН итн.) што секако се должи (и) на подолгите културни врски со светот, но во билатералната соработка, освен Културниот центар во Париз, речиси и да нема нешто специјално да се спомне. Но затоа планираат (2017-2025) отворање на слични културни центри во Москва, Пекинг, Берлин и Трст. Ние ги имаме центрите во Софија, Њујорк, Истанбул и сега во Тирана, што ќе рече дека дури би можеле и да им држиме лекции во тие нешта. Се разбира, кога нашиве центри би работеле онака како што треба да работат.

И сега, повторно, што е тоа што треба ние да научиме од „партнериве“ во „Балкан Опен“, ќе нѐ просветли некој од „експертиве“, или…? Сите три се со еднакво „идеолошко“ наследство, но и наследство на една иста/слична матрица што никако не сакаат да ја напуштат. Впрочем, да беше поинаку, не ќе се здружуваа(т) во такви глупави „сојузи“! 

БАЛКАНСКА ТРКА

Има ли соодветни – компетентни! – одговори на ова македонско историско лудило, одговор во смисла на некакви не политички/политикантски туку релевантни стручни или дури научни елаборации на актуелните збиднувања што нѐ туркаат во железните прегратки на некои минати времиња, некакви сериозни стратегиски согледби во овој дневнополитички контекст наметнат од неуки самозадоволни умови? Веројатно има, иако во Македонија науката, но и струката, се проскрибирани од власта (не само оваа, туку барем две децении назад) категории, а најважна стана политичката блискост и партнерство, дури и она најдилетантското, најбезвредното – коалициското или, ако баш сакате, (мулти)етничкото! – коешто ни го наметнаа како главен репер во државата! Најмалку сакам за сите неволји да го обвинам тој став на оваа власт (и не само неа туку и сите претходни!), којашто очигледно, сакала или не, е во некаква неразбирлива етничка шах-мат позиција, и никако не успева да се снајде во тој стерилен лавиринт, а сепак, повторно и повторно, ги играат погрешните карти. Сеедно, прашањето беше: има ли стручен, па и научен, одговор на ова лудило со овој „мини Шенген“ (и не само со него!), но не од аспектот на наводните придобивки (а за коишто впрочем веќе пишував, како и многумина други) и коишто, де факто, на подолг рок (ќе) ги нема, туку како наше неодговорно скршнување од патот, сосема необјективно и неаргументирано поттурнувано токму како „зделка“ што ќе нѐ држи на вистинскиот колосек?

Во таа насока, не може човек да не се согласи со почитуваниот Атанас Вангелов кој, по еден друг повод, вели: „Проблемот е во тоа што еден е доменот и компетенцијата на науката, друг на политиката. Никада во светот научници не преговараат и не се договараат за тоа што е – научна вистина, но затоа пак во светот на политиката без преговори и договори (дијалог) има само говор на топови и тенкови.“ Се разбира дека е така, ама овде, барем сѐ уште, не се на поводок топови и тенкови. Или се, ама ние не ги гледаме? Но дури и да е така, некој тоа мора отворено да ни го каже. И аргументира, се разбира. Вака, сепак сиот тој циркус заличува на некаков фантазмагоричен групнопартиски карневал. А конечно, нели сме членка на НАТО и имаме чадор над главата? Тогаш – што? Кога светот, среде пандемија, во Токио, се бори за повисоко, подалеку, побргу… ние се тркаме на некакви провинциски балкански патеки и мислиме дека сме го фатиле Господ за онаквото! Малку срам, господа, малку самокритичност, ако треба и наведната глава… Или тоа не е својствено на политиката?

Но дали е само политиката проблем во оваа Наша земја? Зашто, она што е еднакво катастрофално во овие 4-5 изминати години е продолжувањето на континуираното губење на довербата и во некои таканаречени (или самонаречени!) интелектуални елити кои се здобија со некаков респект и внимание во текот на „Шарената револуција“, но потоа перманентно тонеа во живата песок наречена погубна безрезервна поддршка на владеачките „политики“, дури кога и малите деца гледаа(т) дека станува збор за лаги, мамење, корупција, криминал… Секојдневните споредби (од типот „Паметете ли“!) со црнилата на минатата криминална гарнитура  во таа насока беа/се уште покатастрофални бидејќи говорат за неукост и самобендисаност, за тенденција за манипулативност, за извртување на тезите. Па кој нормален би гласал за повторување на злоделата од претходните? И оние малоумнине кои ги подбуцнуваат таквите „потсетувања“, зарем навистина мислат дека со тоа ја држат тензијата и довербата кај гласачкото тело? Каква детска памет, просто неверојатно!    

Она што успешно го докажавме во овие три децении независност е фактот дека Македонија, за жал, нема интелигенција, нема интелектуална елита туку има само голема збирштина интелектуални апаратчици управувани од македонските најголеми партии, подготвени да кажат и потпишат сѐ што ќе им наложат нивните партиски шефови. Оние малкумина т.н. независни се, во голем дел, еднакво зависни – на еден или на друг начин, посредно или непосредно – од истите шефови, само што тие релации се прилично „закукуљени и замумуљени“, колку да не бидат премногу проѕирни. Дури, делови од таа „елита“, самозадоволно самопрогласени за „независни“ и „експерти“ по сите можни и неможни прашања, вратоломиите на власта ни ги толкуваат како „покажување зрелост“, како „разликување од територија“ и слични будалаштини, други пак до толку си ја само потценуваат земјата не само во економска смисла туку дури и во културна… па сето ова заличува дека ние всушност треба дебело да честиме што другиве две гревки нѐ прифатиле во нивната „мини Шенген“ банда… Па ако навистина сме биле толку за никаде, зошто „експертиве“ не го кажаа уште кога аспириравме за Европа, туку сега солат памет? Што е уште поинтересно, сите државни параметри се лесно проверливи, од БДП па „даље“, при што јас никако не мислам дека сме ние некое цвеќенце за мирисање, ама дека другиве два соседи се малтене европски „ѕверки“… е тоа е најдобриот виц последниве денови. Особено во културата, на пример.

И притоа, барем јас со години, главно критички, пишувам за неправилниот, нелогичниот, недемократскиот, нестручниот… развој на македонската култура, и тоа ќе продолжам да го правам, ама никогаш така ноншалантно не би правел ранг листи за регионот при што Македонија би била последна, дури и после Албанија. Инаку, за Србија, не смееме да заборавиме дека таа култура се развива слободно барем најмалку стотина години пред нас, што воопшто не е небитно. Народниот музеј во Белград е основан уште од во 1844 година, во време кога Јован Стерија Поповиќ бил министер за просвета. Значи 60 години пред Илинденското востание! Па се разбира дека Србија во поглед на некаква (инаку имагинарна) културна размена би требала да биде пред нас. Иако не е. Албанија уште помалку. Ако ги споредите, на пример, програмите на двата најдобри музеи на современа уметност во регионов – оној во Белград и нашиов во Скопје – ќе видите дека ние не само што не заостануваме туку сме дури и многу понапред во таа таканаречена „културна размена“. И не само во неа туку воопшто во програмите што „се вртат“ во тие музеи. За Националната галерија на Албанија во Тирана е дури илузорно да се говори и нема да компарирам зашто имаме дежурни етно-демначи кои клечат по интернет ќошињата и го извртуваат секој збор на таа тема. Културниот систем на Србија е, како што реков, граден најмалку цел век пред нашиот и нормално е во дадени контексти да биде понапред. Но не говориме за историја туку за – сегашност, а таа, културната сегашност на Србија, не е никако порозова од нашата.     

Поточно, ако некои (сепак неуки) инсистираат да се ставаме во некаква „конкурентна трка“ во културата, но и пошироко, тоа тогаш треба да биде Европа, а не Србија и Албанија!