Monthly Archives: October 2016

КАМЕНОТ И БАНАНАТА

1.

Еден индонезиски мит вели дека во времето кога земјата и небото биле блиску, Господ спуштил јаже до земјата и имал обичај, од време на време, на крајот на јажето да врзува подароци и да ја дарува првобитната двојка. И овие свикнале на тоа и ги примале подароците, среќни и задоволни. Еден ден Господ врзал камен за јажето и го спуштил на земјата, но овие, навредени, го одбиле каменот. По неколку дена Господ на јажето врзал банана, која што овие со задоволство ја прифатиле. Тогаш Господ им рекол: со оглед на тоа што сте ја одбрале бананата, вашиот живот ќе биде ист како и на тој плод; да го одберевте каменот, вашиот живот ќе беше како и постоењето на каменот, непроменлив и бесмртен.

Но, Индонезија е прилично далеку од Македонија и, иако во првобитните времиња можеби и овде, како во библиска земја, растеле банани, според сите историски и современи параметри ние од бананата сме ја добиле само – кората. За да постојано се лизгаме на неа и никогаш памет да не ни дојде!

Токму на овој мит се потсетувам секогаш кога ќе го видам оној бивш премиер со бугарски пасош, кој, еве, повторно ни ја подместува кората од бананата. И ние, слепци, повторно ќе се лизнеме на неа?

2.

Зашто, кога еден таков лик, после се’, после сиот оној негов „политички“ и секаков друг багаж одново и одново ви се појавува во стварноста, тогаш не може а да не помислите дека Господ повторно си поигрува со нас, нудејќи ни ја кората од бананата. И се’ уште има такви кои ќе ја прифатат! Или – само тој така (си) мисли? Хипотетички?

Но, која и каква е таа хипотетичност што му дава за право на тој лик да мисли дека тој, со неговите бандити, може да освои дури 15 пратеници? Па згора на тоа и да се квалификува да формира малцинска влада? Или и тој си го познава „народот“ и неговите квалитети, како и овие сегашниве, знае дека тие редовно ја избираат кората на бананата мислејќи дека таа е делот што се јаде?

Можеби, зашто последниве дваесет и пет години многу пати го гледавме тој филм мислејќи, надевајќи се дека ќе биде и последен. Ама не, се вртиме во идиотскиот круг како кучињата бркајќи си го опашот. Иако и за тоа има причини, се разбира. Меѓу другото и онаа која што, со право, може да го постави прашањето: а кому тоа му одговара постојано, на одредени интервали, да го активира овој шарлатан и неговите верни бандити, да му поттура микрофон за да и тој каже што и како мисли – божем не ни покажа до сега дека ни знае ниту може да мисли – а богами му правеа и интервјуа и му даваа простор небаре станува збор за некаков политичар од формат. А неговиот формат – до Благоевград! Или тие некои Македонија ја гледаат и помала од Благоевград? Што не би ме зачудило, секако.

Но, повторно, случајно ли ни се случуваат тие нешта? Без намера да звучам параноично, но секогаш кога ќе го видам тој лик во медиумите се прашувам: кој е овде луд?

3.

Затоа и не се сомневам дека овој лик, како излезен од прегратките на историското подземје, сака (повторно) да биде премиер. И мисли дека може. Поучен од неверојатните исксуства дека овде се останува политички жив (па и на слобода!) дури и со неговата „биографија“, ете го повторно се крсти во краткото паметење на луѓето, во неукоста и неспособноста да го препознаат и одберат каменот наспроти кората од банана. Се крсти божем и во светите четири букви, во чие име и тој и неговите пајташи, а наследнициве особено, ја дотераа земјава до просјачки стап. Но, велат, во оваа држава, со ваков народ, навистина се’ е можно. Или не е?

Ќе смогне ли овој народ сила (и) нему да му покаже дека тој не е ништо повеќе од онаа кора на банана, еднаш фрлена в ѓубре, каде што треба и да остане? Ќе добијат ли ваквите ликови соодветен (историски) одговор дека луѓето овде можат да се лизнат еднаш, но не и вторпат? Зашто, тоа, повторено, многу скапо (ги) чини!

Иако, како што тргнале работите, јасно е дека шарлатанов ќе го гледаме уште многу до изборите, зашто тој, и неговите, секогаш мислат дека имаат нешто да кажат, без оглед што нивните глупости потоа служат за засмејување на луѓето. И креваат расположение, секако. Но, како што велат, немало лош публицитет, а ваквите типови особено играат на такви (сепак непроверени) карти. И на оние на гатачките, нели, кои им ги полнат ушите со љубовта на овој народ за нивните (не)дела, со нивните „заслуги“ за државата, со нивниот историски „придонес“ …

Во оваа земја, речиси по правило гладна, за жал, бананата секогаш повеќе се ценела од каменот. Можеби заради тоа што ретко ја имало, а камења – многу. Ние никогаш не сме ги проценувале сериозно нештата, длабински, што би рекле, или суштински. И секогаш за тоа сме наоѓале историски оправдувања. (Не се изземам ни себеси од таквите навики, напротив). Но тоа е всушност недостаток на смелост нештата да се именуваат со вистинските имиња, па нека и на наша штета. Зашто еднаш ќе мора сета историја да се погледне отворено, очи в очи. А оваа кора од банана е дел токму од таквата историја. И треба конечно да се фрли таму каде што навистина припаѓа!

DOING CULTURE

1.

Кога има учени луѓе да ви ги објаснат нештата, тогаш оние шарлатанине од Владата, на чело со министерот за финансии, ви изгледаат уште посмешно со нивните фалби околу позицијата на државава на ранг листата на Светска банка за „Doing business“. Иако, всушност, не треба повеќе од само еден летимичен увид во онлајн брошурата, каде точно се појаснува дека „годишните извештаи ги истражуваат регулативите што ги подобруваат бизнис активностите, како и оние што ги ограничуваат“, и дека „Doing business ги презентираат квантитативните индикатори на бизнис регулативата и на заштитата на сопственичките права …“. И магаре да си – ќе разбереш. Односно, ќе разбереш дека само во некаков таков контекст Македонија можела да се најде некаде при врвот, како да овде се врти којзнае каков бизнис, а не криминално рекетарска клиентелистичка првобитна размена под директна контрола на врхушката од власта. И човек оправдано ќе се праша: нели таа Светска банка некогаш важеше за сериозна институција? Или не, зашто таму шеф беше и оној што го апсеа во Њујорк заради некакви егзибиции во хотелски соби, и тако даље и тако ближе? И што сака да ни каже таа Светска банка? Дека ние сме подобри за бизнис од Тајван (за едно место), од Германија (за седум места), од Холандија (за осумнаесет места) …? И некој треба да ги смета за сериозни? (Апропо, неодамна се појави една фотка како изгледа болничкиот ручек во втората најбрзорастечка економија во светот – се разбира, тоа е Македонија, ако некој се сомнева – според Светска банка. Е сега, треба некој да ги натера тие бирократи таму една недела да се хранат така – доручек, ручек, вечера – и да видат како се ужива кај нас!). Или тоа нема врска со бизнисот?

Но, во секој случај, треба да се прочита г-дин Узунов и неговите коментари и упатства за читање на овогодишните резултати на „истражувањето“ на „Doing business“ и се’ станува појасно. И, нормално, јас воопшто немам намера да се впуштам во економски или рекетарски „бизнис“ анализи. Но, г-дин Узунов ми наметна една интересна компарација: замислете некаква таква меѓународна организација да се нафати, по истиот принцип, да го споредува годишниот степен на развој на културите на државите во светот. Какво славје тоа би предизвикало кај нас. И кај Елизабет, онака, пред судење, да ја расположи!?

2.

Зашто, ако добро го разбрав Узунов, а и наводите на сајтот на Светска банка, таквите „мерења“ се одвиваат главно преку два начини: следење / истражување (иако, мислам, ова за нив е преамбициозен поим!) на бизнис регулативата и избрани поединци кои учествуваат во „истражувањето“ преку доставување на податоци и мислења за темата. И сега, има ли некој да се клади каде би се нашле ние на светската топ т.н. листа Doing Culture? Ако не на прво, тогаш барем на престижно трето-четврто место! Гарантирам.

Зошто? Прво, уште во 1997 година, како пионери во светот, воведовме еден и единствен и до зла бога ступиден закон наречен Закон за културата. Нешто што светот ни видел ниту чул, ама ние го заживеавме и еве, уште малку, ќе му славиме дваесетгодишнина. Во меѓувреме, хрането и прихранувано секоја година, некогаш и два пати годишно (особено во последниве години!) со идиотски партиски законодавни бравури од кампот на Елизабет, тоа монструмче прерасна во прав Гоѕила, во вистински монструм кој јаде се’ пред себе. Ама, закон е, и тоа единствен од тој вид во светот, што според меѓународните институции би донело многу поени, нели?

Згора на тоа, во македонската култура, за воља на вистината, има уште едно чудо други закони – оние т.н. lex specialis – коишто, иако како излезени од шинелот на соцреализмот, се’ уште „совршено“ функционираат. Мислам, „функционираат“ онака како што замислиле заморчињата на Елизабет – да ги отежнат сите демократски процеси во културата, да го стегнат вмровскиот зафат околу вратот на творците и културните работници до одвај поднослив степен, да ги поништат сите прогресивни мерки што некогаш вирееле во македонската култура! Ама тоа оние во Светска банка – пардон, во таа некоја имагинарна меѓународна организација што ќе ја „мери“ културата – нема да го знаат. И нема да сакаат да знаат. И нема да знаат дека македонската култура веќе и буквално се гуши од (не)пријателската патриотска прегратка на Елизабет, на земјоделецот, на сите оние „стручњаци“, клиенти и советодавци накотени околу Министерството за култура. Тоа таквите организации од типот на онаа банка не ги интересира. Тие мерат регулатива, а таа кај нас е топ! Не знам дали мерат селективна примена на регулативата, или заобиколување на регулативата, или целосно нејзино игнорирање …? Веројатно не, нив тоа, повторно, не би ги интересирало. Битно да се законите тука, и во примена, а какви се резултатите – тоа нека си чука главата македонската култура!?

3.

Подеднакво битен е и сегментот на „стручњаците“ кои учествуваат односно даваат свое мислење во процесот на вреднувањето на земјата и нејзиниот (во случајов) културен развој. Се мислам кој се’ би бил тука соодветен за таа работа, а бидејќи тие нешта вообичаено одат преку консултации со властите – зашто нивното мислење е битно, по ѓаволите, а не на некои аутсајдери – имам и прилично јасна слика за составот. На пример, грото од советниците ќе бидат, сигурно, од составот на Советот на Министерството за (не)култура, зашто, богати, се подразбира само по себе дека се тоа најстручните луѓе во државава. Барем колку и Елизабет, ако не повеќе!? Иако, мислам, постручни од неа не можат да бидат. (Можеби и тоа е внесено во некој од законите, баш пред да се распушти Парламентот, по итна постапка, којзнае?).

Елем, на списокот сигурно ќе се најдат заштитари од „калибарот“ на бившиот и сегашниот од Управата за заштита како најдоследни упропастувачи на македонското културно наследство. Силна конкуренција ќе им биде и академикон кој веројатно ги преспивал седниците зашто, кога и да се разбудеше, се’ му изгледаше како голем успех. Па ќе дојде џезерон со неговите розови очила и благотелеќа умисленост, и кога ќе распали со фалбите цела Светска банка или другата дотична меѓународна организација ќе позелени од завист. Па издавачкине босови, па по некој од писателине, или можеби уште некој од МАНУ да го објасни оној шлепер томови на сите можни видови книжевности преведени, печатени и веќе распродадени во слава на нашион паташон! Па веројатно ќе ја викнат и онаа домаќинкана од МСУ да ги објасни успесите на македонската ликовна уметност. А ако таа е зафатена со правење зимница, ќе најдат некој од клиентине на ФЛУ, или можеби оној „архитектон“ кој ни ги посади низ Скопје оние „скулптурине“ за нагрдување на градот? Тоа би бил полн погодок, зашто тој би можел убаво да го објасни и нашето учество на сите меѓународни ликовни манифестации, од Венеција па на даље, зашто таму беше малтене секоја година! А кога ќе дојдат на ред културните ни амбасадори и творците носители на националната пензија мислам дека странците дефинитивно ќе кренат раце во знак на признавање и ќе ни го доделат можеби и првото место?!

Еј колку ќе биде среќна Елизабет, ама и паташонон. Можеби ќе решат и да не го затвораат „Табернакул“ зашто повторно ќе ја активираат меѓународната награда „Никола Груевски“, овојпат надградена и проширена за вкупни дострели во културата!? Сега би можеле да му ја дадат и на Боб Дилан, откако овој прифати да ја подигне Нобеловата награда? Па „професорон“ да намачка уште барем дузина слики за Боби, па да уприличат една гооолема фешта …?! Еееј, кој како нас!

СОВРЕМЕНОСТА ВО ЖОЛТО КОМБЕ

1.

Текстов го започнав некаде околу „светиот“ ни празник, и – го баталив. Зарем после се’, пак човек да се занимава со историски будалаштини. Зашто ние, во принцип, не негуваме историја и историска мисла, ние негуваме, и чествуваме, митови. И ова не го мислам само во контекстот на актулениот празник на Внатрешната македонска револуционерна организација, туку воопшто, во целост, а особено кон „светите четири букви“ (како што прочитав некаде деновиве, што впрочем е вообичаено секој октомври, а некогаш и во текот на целата година) и се’ што е поврзано со нив. Изминативе десет години тој мит беше кренат на ниво на религија и закон, заедно. Со четирите букви во устата одат во црква и се крстат, делат награди, чествуваат на академии, и во нивно име носат закони што ја тангираат – поправо ја зацрнуваат – целата држава. И таквите потсетувања ми станаа одвратни и кренав раце од текстот.

Зашто, на овие е џабе да им се говори со јазикот на историјата. Тие тоа не го разбираат. Уште помалку им е близок јазикот на науката. Кај нив пелтечењето на четирите букви е доминантна светост и тука ретко нешто може да се промени. Џабе и Жарко Трајановски се обиде концизно да ги демистифицира четири свети букви објаснувајќи дека на почетокот (во таа славна 1893) биле само три (МРО) букви, па се менувале во четири, ама повторно не овие што денес ги слават. Тие влегуваат во игра дури со Тодор Александров. И не дека тоа е некоја новост, ама добро беше колку за потсетување дека бандитиве дури и тука смислиле манипулација. А не би ме зачудило да е и незнаење! Кај нив навистина е се’ можно.

2.

И потоа дојде Слободан „Цобе“ Богоевски, кај Чомовски во „Топ тема“. (Апропо, на дотичниот новинар, после ова интервју, можеме да му ги простиме сите глупости што до тогаш ги правеше на истата фреквенција! Кога и другите таму би имале барем по еден ваков светол момент …). Елем, и тој – мислам на Богоевски – го повтори истото за буквите, некако патем и сосема кратко, како за загревање. Знам дека некој ќе забележи дека од целиот час по анатомија на совремието на вемерото и неговите водачи на Богоевски сум го запаметил само тоа. Не, се разбира, запаметив се’, особено тоа што не го знаев, а и повторувањето на она што сум го знаел, можеби во поинаква верзија, не беше на одмет. Но, мислам, многумина ќе пишуваат за другото, па не морам и јас. Сепак, ме врати на текстов неговата сигурност и професионална стабилност. Човекот одржа краток курс по современа историја и начините на читање на истата. А додаде, богами, и прилично материјал за идна разработка. И, онака патем, ја разглоби „славната“ партија на составни делчиња, ја смести во жолто комбе и ја испрати на буништето на историјата. Заедно со целото раководство!

3.

И сега, што понатаму со светите (четири) букви? Ги смете ли и нив жолтата  метла од историската сцена? Веројатно не, ама зашто тие, или попрво оние вистинските три букви немаат врска ни со совремиево, уште помалку со овие бандитиве. И таквите демонтажи на сите митови и приказни за сите нивни  успеси во последниве десет години, за сите први места и лидерства, за сите странски инвестиции слеани всушност само и единствено во нивните џебови, ќе се случуваат се’ почесто, и до и по тој фамозен 11 декември. И којзнае уште колку жолти метли и комбиња ќе бидат потребни да ги собираат остатоците од еден режим во распаѓање.

Можеби тоа ќе биде и некаков знак за повторно воспоставување на некава рамнотежа и помеѓу значајните историски букви – три, четири, потоа оние пет коишто воопшто не се помалку значајни од трите, или четирите. Зашто теророт на четириве букви збриша се’ што беше важно на македонската историска сцена. Збриша и херои и настани, и празнувања и чествувања.

Иако, мислам, дека совремиево, па дури и со жолтото комбе коешто ќе има прилично големи маршрути, е релативно благо, или благонаклоно, кон главните актери. Вистинските димензии на проклетството – а тоа не се состои само во злосторствата и казнувањето – ќе дојдат со историјата. Историјата пишувана од сериозни луѓе, не како овие сегашниве наши     „историчари“ кои всушност и не ја сакаат, иако им е божем професија, зашто ги ограничува во намерите, и желбите, да се размавтаат со фантазијата и да му удоволат на актуелниот миг и неговите водечки протагонисти. И исклучиви се во тоа, како впрочем и сите други од нивното четирисловно опкружување: другите немаат право на нивно толкување, на нивна историја, на нивни букви. „Вистината“ денес е во нивните раце и тие ја моделираат како што милуваат. Иако, кај некои од нив, вистината и порано им беше во рацете, ама тогаш ја соопштуваа поинаку. Вистинската историја на македонското проклетство утре ќе ја пишуваат вистински историчари. А такви ќе има, апсолутно!

УМЕТНОСТ СО СТАВ

Не знам колку често, и дали воопшто, уште се прашуваме која, и каква, е смислата на современата уметност, колку таа е навистина присутна и во каков облик пред нашите очи, што воопшто мислат уметниците (ако мислат!) и како тие гледаат на реалноста околу нив / нас, зошто современата (не ова што вообичаено го гледаме) уметност ја нема во скопските / македонските изложбени простори …? Дали македонската уметноста денес му припаѓа само на просторот на мислењето вон доменот на реалното и актуелното, заглавена некаде во божемните преиспитувања на естетското? Или, можеби, некој ни поттура „уметност“ на празнење на домашните плакари и пренесување на „ѓубрето“ во галерија, инсталирањето на неколку видео бима преку кои ќе се вртат нечиите неуки претстави за видео артот и слични глупости? Дури и она што на прв поглед заличува на можно преиспитување на одделни (типично) наши „дилеми“ за (не)употребата на уметноста денес, за (условно) дебатирањето за односите институција-уметност-уметник, завршува во „иконокластичко“ силување на галерискиот простор, и уметноста воопшто, и (зло)употреба на (кило)метри траорно црно платно, до сега видено којзнае колку пати во различен и многу  поуспешен контекст! Во едно вакво опкружување се чини илузорно да говориме за критичка уметност? Не, ние веројатно не можеме да говориме за тоа дека уметноста може да ја промени стварноста, но може барем да се обиде, нели, да ја подотвори вратата на вистината, каква и да е’, дури и без оглед дали некој сака да ја види?

Затоа, можеби, секое поинакво од општото кај нас размислување – лично, со став, актуелно, критичко – делува освежително, провоцира надеж во сепак сериозното бавење со уметноста во современ контекст и на овие простори. Впрочем, уметноста на Јанешлиева секогаш кај нас делувала некако издвоено, невообичаено, специфично, не само заради нејзината во континуитет препознатлива и длабоко рефлексивна комуникација со минатото и сегашноста, со личните мали наративи но и со актуелните, горливи состојби. Се разбира дека тоа е интерпретирано со личен вокабулар, со специфична визуелизација на која што веќе свикнавме во нејзините дела, со надоврзувања / аналогии на претходни искази / дела односно навраќања на мотиви / постапки што ни овозможуват (и) наши „патувања“ низ нејзините рефлексии, наше лично поврзување / толкување на минатото (како историја но и како уметничка пракса) и сегашноста.

Тоа можеби најдобро се гледа во делото „Имигрант или емигрант или можеби јас“, како продолжение на ремек-делото „Крик“ од 2002 година или, ако сакате, како континуитет на парадоксите на современата егзистенција, овој пат низ визурата на актуелниот глобален (е)мигрантски проблем. Но, од друга страна, како и секогаш, глобалното и (тесно) локалното имаат порозни граници, се преплетуваат и мешаат – а Јанешлиева во тоа обилно им помага – во значењата и и нтерпретациите. Нашата актуелна општествена стварност го чувствува(ше) треперливиот бегалски мигрантски бран на границите, но едновремено е соочена и со внатрешниот емигрантски бран, особено на младата популација. Оттука, прашање е чија е оваа нова постела на Јанешлиева, сочинета од шеќерната „Европа“ (каква метафора!) обвивка и внатрешност од 2 700 остри патенти: мигрантска или емигрантска? Дали тоа е вистинската но скриена судбина (само) на мигрантскиот бран од Блискиот Исток или и на македонските млади емигранти во нивната потрага за подобар живот?

img_4737_hd-mala

Впечатливоста и сугестивноста на ова дело може за миг да го попречи должното внимание и за другите дела на Јанешлиева кои, секое на свој начин, коментираат / рефлектираат ставови за актуелни аспекти на реалното, повторни интерференции (и контекстуализации) на глобалното и локалното, на симболичкото и референцијалното … на личното и општото! Впрочем, и самиот  наслов на целата изложба („Состојби“) на Јанешлиева во „Мала станица“ речиси недвосмислено упатува на ставот и толкувањето како р’бет на изложбата, барем за оние кои малку го знаат нејзиното творештво. И иако обично велиме дека овој тип на изложби / дела се отворени за толкување / интепретации, се чини дека тоа и не е баш така. Или не е секогаш така, а кај Јанешлиева никогаш и не било. Зашто нејзиниот став, вообичаено, па и овојпат спакуван во неочекуваната „игра“ со секојдневните, дури баналните предмети (на пример лажиците-решетки), е цврст, јасен и недосмислен: ако таа (ни) го нуди шаторот како „Споменик за крајот на 20-от и почетокот на 21-от век“, тогаш тоа е токму така зашто тоа подвижно „времено прибежиште“ се претвори во вистински (анти)цивилизациски симбол на ова време, типичен антипод на домот како современо посакувано престојувалиште; глобалниот популациски проблем таа (во делото „Пренаселеност“) го интерпретира како (често употребуваната многузначна) редуцирана шаховска табла како арена на судирот на црно-белите фигури затворени во претесната озонска обвивка; дури и во делото „Трите страни на приказната“ – како наша секојдневна забава со перцепциите – ставот е отворен но и речиси веднаш затворен, итн.

Уметноста на Јанешлиева очигледно егзистира на два канали: онаа „ретиналната“ (Дишан) на нејзината графика, и оваа втора или паралелна „страна“ во нејзиното уметничко битие која што подеднакво суверено се движи низ просторите на критичката перцепција, или критичката уметност, ако сакате. И веројатно го задоволува нејзиниот нескриен постмодернистички жар за раскажување, актуелност, рефлексивност, реинтерпретативност … И не случајно го спомнав Дишан, зашто Јанешлиева подеденакво ужива во употребата на секојдневните предмети – не во буквалната смисла на „редимеид“, секако – интревенирајќи во и врз нив и (придо)давајќи им нови значења, битни за дадениот контекст и значење. И секогаш тоа делува концизно, цврсто, обмислено и некако одживеано, или преживеано, со јасни релации и конотации со актуелното! Токму тоа што така ретко го гледаме на македонската уметничка сцена.

РАМНОДУШНОСТ И ЗАБОРАВ

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (17)

За крај, морам да се вратам на онаа фамозна прес конференција на повеќето „автори“ – колку луѓево кај нас имаат погрешна претстава за авторство, да се чудиш! – кои не’ „оплеменија“ со нивните испрдоци во рамките на „Скопје 2014“ (и тука не мислам само на „уметниците“). Имено, на таа прес конференција, Жарко Башески, веројатно во името на сите, порачал: „Најостро и најенергично се огласуваме на нестручните и невешти напади врз нас и се спротивставуваме на секој обид да се девалвираат нашите дела, компетентност и труд. Молиме да се задржи нивото на комуникација на основи што се на ранг на цивилизациските вредности и придобивки. За проектот треба да се води стручна дебата, со факти и аргументи“[1].

Е сега, една ваква изјава заслужува сериозно внимание, заради неколку битни причини.

Прво, не дека немало и „нестручни и невешти“ напади врз сите идиотштини содржани во самонаречениот и самонарачаниот проект „Скопје 2014“. Мислам дека луѓето – не само компетентните поединци – беа згрозени до таа мерка што чувствуваа потреба тоа и да го искажат. А тоа го кажуваа на различни начини, често невешто и нестручно, но прилично емотивно, со жар, би рекол. И тоа не може да им се забележи. Тие имаа(т) многу поголемо право да го кажат своето мислење отколку што најголемиот дел приучени уметници имаа право на таков начин да ги трошат нивните пари. И моите, секако. Но, од друга страна, за овој самонаречен и самонарачан „проект“ беа искажани и низа стручни и компетентни оценки од домашни и странски експерти. И ниту една пофалба, освен неколку ступидни крпеници и „прошетки“ од партиски оркестрирани поединци. Тогаш – што е тука спорно? Зарем Башески, и компанија, имаат таков кредибилитет да ги оспорат ставовите на грото македонски историчари на уметност, меѓу кои речиси ниту еден – освен, повторно, клиенти од типот на „професорот“ и двајца партиски платениците – не најде ни еден барем благ, да не речам пофален збор за нивните (не)дела?

Второ, поврзано со првото: ако мислат дека го имаат, тогаш зошто, до денешен ден, не организираа ниту една сериозан расправа за нивните (не)дела „… што никој немаше доблест да ги изгради во последните 60-ина години“[2]? Па таму да ги соочат аргументите и компетенциите, токму таму, на отворена сцена да се проговори за нивните „дела, компетентност и труд“! Зашто, ако некој се повикува на „стручна дебата, со факти и аргументи“, треба да се погрижи и да ја организира. А тие тоа го можеа. И се’ уште го можат. Зошто тоа до денес не е направено? Или повеќе им одговара(ше) да се групираат низ т.н. куртонски медиуми и да се фалат? Па дури и да се „чувствуваат како херои“!?

Трето: во што тоа се состои нивното херојство? Што успеале да стават во џеб толку народни пари? Па тоа и не е некакво херојство, туку вообичаено се нарекува со друго име. Или што испорачувале количества бронза помалку од договорените, ама парите не ги враќале? Или што користеле „Сасанидски“ калкулатори? Или што безочно ги пумпале претсметките знаејќи дека ќе им ги одобруваат партиски пајташи? Тоа ли е херојстовото на македонскиве партиски „уметници“?

Четврто: зарем уште не разбраа, наспроти целата македонска јавност, дека „проектот“ со којшто се гордеат воопшто и немал историски, идеолошки, културни, естетски … амбиции, туку само и единствено да потенцира моќ, самољубие и одмазда, а паралелно да ги наполни и  џебовите на криминалната врхушка? И дека тие послужија како продолжена рака на бандата, платени со грст сребреници, во силувањето и уништувањето на еден цел град?

Но, еве, дури и сега не е доцна за расправа, напротив, ако навистина имаат таква доблест и ако се убедени во вредностите што ги поставиле. Само не знам со што би ги поткрепиле, освен (некои) со партиски книшки? Зашто, кај повеќето од нив единствената биографска цртичка е членувањето во партијата на власт. Па така ли се добиваат такви нарачки за големи народни пари? И како воопшто можат такви „уметници“ да знаат што се тоа „сериозни, издржани и естетски моќни“ дела, за да се споредат со истите? Зарем навистина веруваат во партиските ракоплескања и евентуално по некое потчукнување по рамо, наспроти презирот од колегите и стручната јавност?

Зашто презирот е единственото нешто што нивните недела го добиваат  во оваа држава. Презир затоа што не смогнаа сила да кажат не, затоа што превладаа партиските, финансиските и клиентелистичките интереси над уметничките, ако воопшто знаат што тоа значи. И навистина ли мислат дека биле одбрани заради квалитетот на нивните „идеи“ и (не)дела, а не заради сите останати фактори што, многу бргу, ќе бидат докрај расветлени? Тогаш, веројатно, презирот ќе премине во нешто друго, во нешто уште пострашно, во – рамнодушност и заборав. Зашто само тоа е соодветен одговор на средината на такви „уметници“ и нивните (не)дела!

[1] Деспина Трајковска, Скулпторите се чувствуваат како херои, Утрински весник, 08.02.2010

[2] Исто

ЛАВОВИ БЛИЗНАЦИ

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (16)

Се’ на се’, нема уште којзнае што да се напише за претставите на „кралот“ на животинското царство во рамките на нашата современа јавна монументална „уметност“, а во рамките на самонаречениот, и самонарачаниот, проект „Скопје 2014“. Оние малку неспомнати лавови – околу фонтаната на Аце Македонски, на пример, два кај фонтаната со Филип Втори, два врз онаа кутра „колонада“ (од 7-8 столба!) – сето тоа се сведува на исто, да простите, „онакво“, без некој ред и смисла. Или, што, на пример, прават тие два лава качени врз „колонадата“, еден на едната, другиот на другата страна, како извидници? Набљудуваат кој и како влегува во околните објекти, имаат камери вградени во очите (и мене ме фаќа параноја, очигледно), Финансиската полиција ги користи во акциите наместо кучиња … што? Ако „колонадата“ е навистина висока осум метри, како ќе скокнат долу, ако затреба? Јес да се лавови, ама од таа височина? Добро, можеби јас повторно се сомневам во способностите на тоа животинче, ама сепак: осум метри се осум метри, а овие сигурно тежат по неколку тони! (Но, да ги објаснам наводниците кај колонадата: само оној кој во животот не видел такво нешто, мислам на колонада, може онаа смешна направија да ја нарекува со такво име. Осум столбови – колонада? А како би се нарекло тогаш она околу црквата Св. Петар во Рим? Или оние во Луксор, Карнак, Париз, Сент Петерсбург, Алхамбра, Карлови вари …?).

Значи, околу фонтаната на Плоштадот „Македонија“ стојат четири лава (иако во првичниот Договор фигурираат само два!), од кои два свртени кон фонтаната, два кон Плоштадот. Оние свртени кон фонтаната се доловени во мигот на познатиот – барем од филмовите – и страшен лавји рик, иако од нивните усти, овде кај нас, на одредени интервали, всушност како да „излегува“ онаа убава класична музика, како некакво освежување од целиот кичест впечаток. И тоа е, ми се чини, единствениот добар впечаток.

%d0%bb%d0%b0%d0%b2-%d1%84%d0%be%d0%bd%d1%82%d0%b0%d0%bd%d0%b0-%d0%bc%d0%b0%d0%bb

Другите два гледаат немо кон Плоштадот односно кон посетителите. Или чуваат стража, не знам. И не изгледаат баш многу опасно. А можеби и не требало? Којзнае што и како всушност прават таму. Мислам дека ни „уметничката“ не знае. Освен ако не глумат некаква заштита. Од кого и од што – не се знае. Прво, Аце секогаш умеел сам да се штити, второ,  зад лавовите веќе има базен со вода, па намуртени војници со копја и штитови … И кој во такви (не)услови би можел да му науди на Ацета? Како и да е’, она што паѓа в очи е фактот дека станува збор за исти односно идентични лавови, како пресликани. Мислам на нивниот лик, се разбира, што никако не е во контрадикција со претходниот текст за „карактерните“ лавови. И животните, секако, па и лавовите, имаат свои лични физички карактеристики, особено во ликот, па и во телото. Значи, мислам на нивниот лик, којшто овде, кај нашиве, едноставно бесконечно се повторува и добивате впечаток дека секаде ве следи еден ист лав. Или неговиот брат близнак, ама тој може да биде еден, двајца, а не десетина!

Оттука, и тоа не ми е јасно кај македонските уметници. Од една страна животните ги втурнуваат во некакви впечатливи човечки (емоционални) перипетии, а во ликовите упорно штанцаат само едно исто лице. Како да сите лавови на светот се идентични! Или сите користеле еден ист модел, чисто за да заштедат труд, зашто пари никако не штеделе, напротив?! Во контекстот на парите: не навлегував во цените на коњите и лавовите зашто тоа ќе ја развлечеше приказната во други води. Не несакани и небитни, напротив, но тоа сепак е друга тема. Но, за да не останат неспомнати, еве неколку (тотално спротивставени) примери: за два лава кај фонтаната „Воин на коњ“ „уметничката“ побарала (и добила) 30.000 евра хонорар (вклучувајќи ја и изведбата), додека за еден лав (бидејќи првично така било договорено) на „колонадата“ „уметникот“ побарал (и добил) 19.000 евра; за оние два „сасанидски“ монструми „уметникот“ побарал (и добил) околу 60.000 евра (хонорар и изработка), а за рахитичните лавови „уметниците“ добиле цели 89.000 евра! И уште нешто: за рахитичните лавови биле потребни пет асистенти, а за другине монструми само два. Ама „стручњакот“ на монструмите, како што успеал да ги протури тие скулптури како лавови, успеал да им протури и виша математика според која 34 кв.метри релјеф, по 1.500 евра метар чини 64.100 евра, а не 51.000 евра, како што покажуваат вообичаените дигитрони! Или неговата рачуналка исто така потекнува од времето на  Сасанидите?

*

И тука некаде би привршила приказната за учеството на животинскиот свет во еден од најидиотските „проекти“ што ги видел регионов, а богами, според реакциите, и Европа како целина. Не сум сигурен дека со лавот и коњот целосно се исцрпува оваа приказна односно иако само тие беа централна тема во овие текстови мислев дека е добро да се евидентираат и другите можни животински претстави во рамките на спомениците вклучени во овој „прокект“. Но се покажува речиси  невозможно сегментарно да се проследат сите будалаштини што, на еден или на друг начин, беа вклучувани во „Скопје 2014“, особено вон централното градско подрачје.

 

ГРОТЕСКА

1.

Акцијата „Спасувај се кој може и како може“ дава резултати. Задоцнето, додуша, ама сепак. Ете, спасувачкиот тим, среде Скопје (?), успеал божем да извлече давеник од Вардар! Каде беа пред неколку месеци, никој не кажува.  А како се ближат изборите, вакви акции ќе има се’ повеќе, на сите страни. Некои си ги почнаа акциите на време. Уште пред цела година! Никола Димитров баталил дури и работа во Холандија и дошол да си ја спасува мајка Македонија. Го викала во сон, што ли? Или чувствува грижа на совест? Кога совеста така лесно би се чистела. (Апропо, и неговиот дедо да ти бил комита. Испаѓа дека во тоа време, ама од денешна перспектива, секој втор човек бил комита. Како тогаш Османлиите останаа толку векови на овие простори?).

Велат дека денес-утре и неколку пратеници од најнационалната партија ќе сменеле дрес. Ептен им биле бербат, дресовите, ќе барале почисти – во ФРОДЕМ (sic)! Само, многу доцнат. Или тоа не се гледа, битно е да се спасиш? Ама, повторно, се спасува ли честа така едноставно, со пребегнување и менување дрес? А ако снема дресови? Зашто, веќе ги искупија Лилето на тато Блаже, Павле, Кекеновски, Димитров … и компанија. И така – цел живот? Луѓе за поткусурување? Мрсулав некој живот, безрбетен!

2.

Какви циркуси допрва ни претстојат сам Бог знае. И, евентуално, г-ѓа Катица. Мислам на македонската страна, се разбира. Странците веројатно знаат. Како што уште во јуни минатата година му кажале збогум на паташонот. Мислам на американските меилови, нормално, во времето кога овој (се’ уште) запенето држеше говори и митинзи и се удираше во гради до помодрување: нема ова, нема она … ама – имало. Се’!

На оние не би сакал да сум им во кожа. Иако има теории дека многумина лесно ќе поминат, ама не сум многу сигурен во тоа. Има исто така многумина – се вклучувам и себеси – кои секојдневно ќе ги потсетуваат на неделата. И на злоделата. И на апашлакот! Па белки некој ќе чуе. Ете, немаме попаметна работа, ни поминаа десетве години во ветар, ама меморијата не служи, се’ уште. А некои од нив ќе ги сретнеме и на улица, нели? Па не ќе можат вечно да се кријат!

Не дека не се обидувам да разберам. А има и некои кои ми помагаат во тоа, демек да разберам, дека тие не правеле ништо лошо, дека тоа биле ставови на интелектуалци, дека само имале свое мислење … кое што, ете, некако случајно, постојано се совпаѓало со партиските ставови на бандитине. Ама како и се’ друго се совпаѓаше, од членувањето во сите добро платени совети, комисии и одбори, финансирањето на сите нивни проекти и проектичиња, а богами и проектчишта, на секој нивни испрдок? И добро забележал писателон, веројатно од личното искуство, дека „послушните ќе бидат послушни додека се платени за послушност“! И беа, богами, добро платени. Како за петорица. Вклучувајќи го и него. Веројатно ги гледаа, и се гледаа, како незаменливи, неповторливи. И беа, богами, зашто малкумина се нафаќаа(т) да бидат такви слуги на ваков бандитски режим! Други, пак, упорно сакаат да не’ убедат дека тука вршљаат некакви странски чадори и дека тие, а и ние, сме биле нивни жртви. Можеби, ама ако на ваков еднодецениски арамиски потоп некој ти даде чадор, треба да му бидеш благодарен. Или овие мислеа дека траба да не’ удават, сите топтан, во нивниот криминал и нечесност?

3.

Се’ на се’, ситуацијава станува неверојатно гротескна, парадоксална. Оние од кои ти се превртува(л) стомакот веќе десет години, сакаш уште повеќе да ги гледаш. Дури и секојдневно. Зашто денес, улогите се целосно поинакви, сменети. Тие веќе не се режисерите, туку се бедни статисти во драмолетката „држ’те лопова“ и „спасувај се кој може“. Ги гледаме (веќе) секојдневно како се препотуваат објаснувајќи какви цвеќенца се всушност, нежни и миризливи божем кокичиња, како тие не се огрешиле од ништо и никого, повикувајќи се на Устав и закони. Тие, кои секојдневно не само што ги кршеа туку ги газеа, најнемилосрдно, онака – од инат, и со ќеф. И знаеја дека знаеме што прават,  ни се смееа в лице мислејќи дека нивното вечно ќе трае. Сега плачат ко мали деца, или бегаат од камерите ко она прилепсконо сељаче кое до лани  секогаш беше спремно нешто да мудрува. А шефицана на партискиот мвро штаб ја крие партиското обезбедување. И таа нема што да каже. Па и нема(ат), се’ е кажано, одамна. Сега друг им (рас)кажува што и како правеле. Каква беда од луѓе. Не се кадарни дури ни на сопствената вина да и’ погледнат в очи! Или – тоа е најтешко? Можеби, за глувци како нив.

И полека сите доаѓаат на ред. А кој нема да стаса, ќе има и нови термини. Закажани се, однапред. Ако не биде ова СЈО, ќе биде некое друго. Нивните криминали не застаруваат. На тоа се надеваше и Елизабет, ама ја изненадија. Мислеше бурата поминал, не гледа дека дури сега забрзува. Нејзиното допрва претстои зашто влече десетгодишни опашки . А тие не можат да се сокријат со никакво париско фустанче! Уште помалку со фингирани повикувања на процедури и закони. Зошто не ни ги кажуваше тогаш кога требаше, туку надмено вртеше глава као „ја нисам одавде“? А из дакле сте, „мадам“? Вие, и сите ваши пулени кои ги гоштевавте со културниот буџет цели десет години? И кои полека се обидуваат да се оддалечат од веќе засмрденото гнездо на криминалот, корупцијата и клиентелизмот? И тие мислат дека ветриштата ќе ги одминат, дека смрдеата од нивната облека така лесно ќе ја пролуфтираат. Ама десет години не се малку. Дури и ако пишуваат секојдневно, како незаменливион „писател“, или оние два-тројца полуписмени издавачки ѓоа могули, или оние подмочани академици купени за две книги и еден саем (па нека е и Франкфурт!), па џезерон во опинци среде „златнион“ театар – каква гротеска!

П.С.

А ја видовте ли Елизабет како не го дава фамозното пенкалце, веројатно и тоа купено од наши пари? Го стиснала и не пушта, ко бултериер. Мисли сите се како нив, па нема да и го вратат!?

КАРАКТЕРНИ ЛАВОВИ

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (15)

И пред неколку години (си) ги поставував истите прашања: според кои, и чии критериуми сета оваа збирштина од скулптури и скулптурчиња, фигурчиња но и фигууууури среде Скопје ги викаат споменици? Потполно нејасно, зашто овие немаат ама баш никакви допирни точки со поимот споменик! Особено не оној грандиознион кич на Валентинчето, на Томета „Тинекс“ Аџиевски, на Карев, на споменикот на АСНОМ и на редица други. Зашто споменикот слави, често и глорификува, достоинствен е, урамнотежен, се базира на проверени вистини, симболизира, потсетува или пак предупредува, некогаш оплакува, едуцира … итн.

Какви се функциите на овие наши „споменици“? Да ги нагрдат личностите, да ги изложат на потсмев, да не’ исплашат, да не’ шокираат, да не’ згрозат …? Ако тоа била намерата, тогаш – постигната е’! Во интерес на развојот на домашниот и странскиот туризам, можеме да организираме деноноќни тури насловени „Како да се упропасти сопствената историја“, или „Како да го понижите сопствениот народ“ и слично. Или, младите мајки да ги носат „неумните“ деца пред фонтаните со лавји и коњски полутки, или на Мостот на уметноста, да им ги покажат оние страшила и децата од страв веднаш ќе јадат, ќе заспиваат, ќе бидат умни …

Се мислам и друго: дали нашиве „уметници“ можеби ги згрешиле приказните па на животните им даваат човечки карактеристики, а на луѓето – никакви? Зашто, ако тргнете од коњите, за кои што пишував претходно, особено од некои од нив, гледате дека тоа се карактерни животинки, со свој табиет, често раздразливи (коњот на Пере Тошев), тврдоглави (на Никола Петров Русински), некогаш самобендисани (на пример Букефал, но и коњот на Карев), циркузанти (на Чакаларов) … итн. За разлика од нив, јавачите односно токму оние кои би требало да покажат некаков карактер или емоција, се безлични, рамнодушни, здодевни. Еве сега истата приказна и со лавовите. Кај онаа фамозна фонтана со лавји полутки има четири (половични) лава, ама со извонредно пластично отсликана емоционална состојба: едниот (претставен во минатиот текст) е како зашеметен, можеби депресивен, или едноставно – хај; па имате еден што покажува (кралска?)  сила, окезен и мавта со шепата (претставена безмалу како човечка рака); третиот исто се дере, но најверојатно заради лошата протеза на предните заби направена од којзнае колку неписмен „доктор“; четвртиот, жив грев, со некаква смешна (постмодерна?) фризура не знае ни каде се наоѓа …! Како тоа животните кај нас покажуваат повеќе емоции од луѓето? И нашиве „уметници“ мислат дека тоа е битно да се претстави?

%d0%bb%d0%b0%d0%b2-%d0%b7%d0%b0%d0%b1%d0%b8

Иако не можам до крај да ги согледам емоциите на оние другине два he-man или battle-cat лавови од спротивната страна на рахитичните, кај мостот „Гоце Делчев“. И можеби затоа тие предизвикаа толкаво интересирање кај граѓанството. И се’ уште предизвикуваат. Зашто не можат луѓето да им влезат во расположението. Што сакаат? Лути ли се, нерасположени, или само имаат таква непријателска поза – онака робусни, набилдани, коцкести – колку да плашат народ? Иако мислам дека луѓето повеќе се прашуваат не (само) која будала ги направи, туку кој идиот ги постави таму? И ги остави! Инаку, оние тртљави обиди овие чудовишта да се поврзат со Партско-Сасанидската скулпторска традиција може да му паднат на ум само на класичен незналица. Па Сасанидските, и Асирските, и Сумерските лавови се уметнички ремек дела, а не сомнабулни продукти на неуки раце! И впрочем, каква врска има Сасанидската култура со нас, па (уште и неуспешно) да крадеме од неа? И конечно, и Партската и (особено) Сасанидската култура се далеку после времето на нашион Аце, така што тие натегнати врски илустрираат само незнаење и ништо друго!

Но, се разбира, ова може да биде наш придонес, (ако умееме да го изрекламираме, а не умееме, се виде), за тоа како малите македонски „уметници“ ги замислуваат Сасанидските лавови, или можеби лавовите на Марс, или на Јупитер!? Па народ од цел свет да доаѓа и да се чуди. Ама и да плаќа, зашто нашиов рококо „стручњак“, за таа мизерија, наплатил солидни 8.056.500,00 денари. Што во превод му доаѓа 131.000 евра! Да вратиме барем некоја пара.

А кога сме веќе кај лавовите на мостот „Гоце Делчев“, треба да се каже и тоа дека тие беа посочени во Вториот извештај за Скопје 2014 на Слаѓана Тасева и на Драган Малиновски, изготвен по барање на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски како пример за проблематични исплати и оштетување на буџетот на општината. Во Извештајот дословно стои: „Во пресметката на авторот Константин Јанев, покрај двата лава, тој требало да изработи и 34 квадратни метри релјефи, но од записникот за примопредавање произлегува дека изработил за 5,92 квадратни метри помала површина. Но, оваа сума не е и конечната штета по буџетот на општината, бидејќи во тендерската документација за леењето на релјефите на четирите лава предвидена е вкупна површина од 74 квадратни метри, а излиени се 17,84 квадратни метри помалку. Вкупната штета за општината, само по основа на овие релјефи изнесува 151.560 евра“. Ама махериве не сметале дека треба да вратат пари?

Но, не случајно ги спомнувам и проблематичните релјефи, иако вон контекстот на лавовите. Едниот од нив е мало, или можеби најголемо „ремек дело“ на целиот „проект“. Тоа е т.н. релјеф „Демократија“, каде исказот е напишан со букви од сите можни писма (латиница, кирилица, грчко) за кои чул нашиов „стручњак“, употребени во една реченица. Еден идиотски меланж, за којшто „уметникот“, овде во улога дури и на „лингвист“, не’ убедува дека е коине писмото, односно оној упростен  грчки дијалект, во употреба во времето на Александар Македонски! (А коешто, фактички, само ја потврдува тезата на соседната пропаганда дека и Македонската династија, во немање свој, се служела со грчкиот јазик – во неговата упростена коине варијанта!). Mama mia, un cretino fosforescente, што би рекол Маринети!

%d0%b4%d0%b5%d0%bc%d0%be%d0%ba%d1%80%d0%b0%d1%82%d0%b8%d1%98%d0%b0

Но тоа е друга тема, иако сето ова извонредно ја отсликува не само идиотштината и целосната неписменост на сите актери во „најнационалниов проект“, туку и бескрупулозната индиферентност (освен за парите, се разбира) на власта во однос на резултатите!

НЕГОВОТО „ВИСОЧЕСТВО“ – ЛАВОТ

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (14)

Знам дека лавот го нарекуваат цар на животните. Не’ учат на тоа од мали, иако никогаш многу не сум верувал во тие приказни. Можеби бил, некогаш, меѓу оние ситни диви животинчиња. Ако пак судите според нашиве „лавови“ – оние бронзенине, распоредени низ централното градско подрачје – тоа е најмилното и најбезопасното животинче во животинското царство. И најтупавото, се разбира, ако цените според оние половинки во фонтаната веднаш до коњските полутки, коишто така  блентаво и зашеметено се ѕверат во вас како последни идиоти! Ако е тоа кралот на животните …

%d1%84%d0%be%d0%bd%d1%82%d0%b0%d0%bd%d0%b0-%d0%bb%d0%b0%d0%b2

Не знам зошто нашиве „стручњаци“ морале да подложат на понижување и едно такво животно. Ајде што тоа си го дизволиле кај комитите / илинденците, кај партизаните (погледнете ги оние релјефи кај споменикот на АСНОМ, срам ќе ве изеде!) – можеби овие нешто им згрешиле, којзнае – ама зошто кутрите лавови? Особено ако се има предвид дека и симболот на партијата им е лав, да не говорам за земскиот македонски грб. А божем се некакви патриоти?

Не велам дека лавовите, некогаш, не шетале и низ оваа и ваква Македонија. Ги имало и низ Европа, особено Југоисточна (т.н. азиска  подврста). Иако оној лав на познатиот (и долго време единствениот познат) македонски земски грб (1620 година) повеќе личи на оскубана мачка! Не знам кој го дизајнирал – многумина спомнуват некаква смешна приказна за некаков Дубровчанец – ама целосно промашил работа. Не се којзнае колку подобри ни оние откриени подоцна, а хронолошки постари грбови (Вилем Верланд, 1481; де Бара, 1581 итн.). Иако, очигледно, спрема нив се раководел и тој кој го правел оној кутар „лав“ пред седиштето на најнационалната партија. Затоа така и изгледа. Сепак, барем статиката му ја решиле како што треба, но не и пропорциите према столбот односно височината на столбот според димензиите на лавот! Катастрофа – нацуцулено лавче како играчка на толкав столб. А се труди да изгледа опасно! (Многу слично на оние фигурички стокмени врз тоооолкави столбови на плоштадката кај црквата „Св. Богородица“!).

Или, можеби, нашите лавови, тие што шетале низ Македонија, изгледале навистина баш така? Зашто, ако се суди и според фреската (16 век) во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Бањани, дури и хералдичките лавови изгледаат пристојно зашто тој на фреската личи на се’ друго само на лав – не! Или ние навистина повеќе сакаме да се бавиме со смешната, карикатуралната страна на нештата, отколку да се зафатиме со сериозна работа?

%d1%84%d1%80%d0%b5%d1%81%d0%ba%d0%b0-%d0%bb%d0%b0%d0%b2-%d1%81%d0%b2-%d1%93%d0%be%d1%80%d1%93%d0%b8-%d1%81-%d0%b1%d0%b0%d1%9a%d0%b0%d0%bd%d0%b8

Како и да е’, можеби навистина, како и кај претставите на коњаничките споменици, куршлусот е во немањето или имањето мала и главно лоша  традиција во оваа проблематика. Инаку, како што веќе спомнав претходно, македонската современа уметност речиси и не го познава лавот како тематска преокупација, освен во неколку платна кај маестро Чемерски, сврзани со библиската тема на Даниел и лавовите. Се разбира, допуштам дека може некаде да се сретне уште некое од овие животинчиња, но главно инцидентно. И сето ова не го спомнувам како оправдување зашто не може да биде, особено не денес, со сета достапна техника и технологија, но сепак. Што пак, исто така, не ја исклучува и очигледната неукост и неподготвеност на „уметниците“ да се справат со материјата. Зашто, навистина, она што го добивме како претстави на лав во рамките на самонаречениот проект „Скопје 2014“ само во одделни сегменти заслужува посериозно внимание наместо подбив и шеговити коментари.

Односно, како главен куриозитет по свеченото откривање на двата лава кај мостот „Гоце Делчев“ останаа шегите во јавноста за нивната очебијна непропорционалност во односот глава-тело, на што авторот одговорил дека „не е лав ако нема голема глава“[1] (!??). Токму заради ваквите „финеси“ присутни безмалу при поставувањето на секоја од скулптурите вклучени во овој „проект“ или започнувањето на градбата на некој од објектите, македонскиот јавен (печатен и електронски) збор вриеше од вистински критички бисери, од аналитички до саркастички изблици од типот: „Не е скулптор ако нема празна глава“ или „А, зошто и лавовите не ги качите на коњи?“[2].

%d0%bb%d0%b0%d0%b2-%d0%bd%d0%b0-%d0%bc%d0%be%d1%81%d1%82

И навистина, тие два лава и денес предизвикуваат смеа со нивните не само непропорционално големи глави, туку и со рахитичните нозе, со целата поза … токму како карикатура за крал на животните! Ваков лав, со толкава глава и несразмерно тело, тешко ќе можел да направи и два-три чекори, камо ли да си улови нешто за јадење!

[1] Катерина Блажевска, Panthera leo, Дневник (on-line издание), 27.08.2010

[2] Исто

ШТО НАПРАВИЛЕ

1.

Некако изнасилено, да не речам целосно промашено, депласирано, ми изгледа партиската журка во изминатиов викенд под мотото „Што направивме“, при што се ределе сите кои во најнационалната партија се сметаат за важни следбеници на Лидеро. Дали ќе го следат и во неговото наредно журкање на една друга локација, останува да се види. Некои – сигурно, за некои се’ уште се истражува.

Велам дека целата манифестација им е промашена зашто нивните (не)дела се пред нас цели десет години, спрострени низ цела Македонија. (Не)дело до (не)дело, „бисер“ до „бисер“. Не треба ништо повеќе да ни се покажува. За нас пак во Скопје, нивното најголемо (не)дело е постојано пред нашите очи, тешко го одбегнуваме и да сакаме. Затоа, нема што тука повторно да ги  убедуваат луѓето, да им објаснуваат, да ги шетаат по кровови и да им кажуваат што и како утре ќе биде. Тоа утре е – денес, а вистинското утре ќе биде сосема поинакво! Зашто, само во Скопје, нивното најголемо (не)дело изеде цели 700 милиони (знајни до сега) евра, вградени во нивните џебови и банкарски сметки, дома и надвор, а еден мал дел и во стиропорот и бронзата со кои што ни го нагрдија градот. Нивното „Скопје“ се’ уште е само нивно. Се надеваме дека набргу ќе можеме (повторно) да го викаме и – наше! Тие можат (се’ уште) да го кријат бројот на заминати (претежно млади) луѓе од државава, можат да ги фризираат бројките на социјалците и невработените, можат да лажат до зла бога … ама градов не можат да го сокријат! А богами не можат ни бедата во другите градови да ја сокријат.

Затоа, имајќи го дури и само Скопје како пример, ако веќе мораа нешто да прават во пресрет на изборите, односно да се пофалат со (не)делата, тоа требаа целосно да им го препуштат на оние „стручњацине“ од Министерството за (не)култура, кои всушност и станаа познати по нивното веќе легендарно поддржување на се’ што е сомнително во оваа држава. Тие, кутрите, станаа синоним за незнаење, невкус, неспособност, неукост … и сите други именки што започнуваат со префиксот „не“. Само кичерајот и шундовизијата отскокнуваат од тоа правило, но овие одлично се снајдоа и таму. Колкумина токму од тоа друштво ќе си го следат Лидеро останува да се види!

Но, затоа и велам дека тие и нивните епохални лудории станаа еталон мерка за глупоста во државава, па доволно ќе беше да ги остават нив три дена да ја пополнуваат манифестацијата (ете, повторно – култура!) „Што направивме“. А со што, впрочем, би се пофалиле другите ресори? На пример здравството? Со бројките колку луѓе успеаа да умрат со нивните идиотски политики? Или социјалната политика со бројката на избришани социјални случаи само за да останат повеќе пари за нивните џебови? Или странските инвестииции на прстите на едната рака и луѓето кои во тие фирми робуваат за 200 евра? Мислам, навистина, со што ли тоа мислеа да се фалат?

2.

Да ја оставеа само културата да говори за нивните дострели во изминативе десет години и за се’ она што (не) успеаа да го направат, можеа да тераат  барем цела недела. Зашто тие, само во културата, реализираа по две илјади проекти годишно. Што, сума сумарум, испаѓа околу дваесет илјади проекти за десет години! И да ја навиткаа добро, онака до даска, Канческа – Милевска да дрнда 100 на саат, пак ќе и’ требаше многу време да се пофали со се’ што успеале да не’ нагрдат годиниве. А таа во таквиот тип говоранции има одлично искуство. Ги тера секоја година, онака како сред село, седната со плетилото в раце, им ги прераскажува на новинарите и сите други кои сакаат да ги слушнат нивните културни и уметнички подвизи низ годините, дури и без ливче хартија пред неа. Тресе, онака, како од ракав, а овие – веруваат. Веруваат баш така, на збор, без еден лист хартија, без сериозен документ што би се нарекол извештај за работата на Министерството за (не)култура, а тие им раскажуваат бајки за тоа како успеале да сјебат цел еден годишен буџет или, во случајов, десетгодишен. Со крајни напори! И бидејќи тоа се повторува(ше) од година в година според истото сценарио – седнува „госпожа“ министерка, придружена (или не, како кога) од земјоделецот преоблечен во културен работник, и по некој од нивните културни циркузанти и ни раскажуваат шарени скаски како, со крајни напори, успеале (а секогаш успеваат) да ги потрошат сите пари, до денар, на нивни будалаштини – сега можеле да пуштат и некаква постара снимка и никој немаше да примети разлика.

Впрочем, токму заради таквиот десетгодишен след на работите на „жими мајка“, овие наши мали улични битанги и понављачи самопромовирани во министри и премиери, се соживеаа со улогите на народни „избраници“ и поднаучија дека постоеле книги, па дека постоела уметност, па дека постои театар … па влегоа во филм дека разбираат и што е тоа култура.

И како веќе не се изморија цели десет години убедувајќи не’ дека којзнае што прават за нас и за земјата, иако ние од тоа ништо не можеме да видиме?  Упорни се ко муви зунзари во брмчењето за некакви нови почетоци, за нешто што порано било тешко достапно ама тие, еве баш сега, ни го овозможуваат, за некакви нивни напори за нашето културно збогатување и слични идиотштини. Па што мисли оваа булумента, како живеевме пред нив? Немавме ли книги, немавме ли музеи, немавме ли филмови и кина …? Сето тоа тие ли ни го донесоа, од калливите сокаци на нивните полузамрачени умови директно во центарот на метрополата? Како ли се образуваа толку генерации без нивните фамозни едиции, како ли луѓето завршија факултети, магистериуми и докторати без нивните (фалшиво) преведени стручни книги? Како ли во оваа држава се создаваше сериозна уметност без нивниве партиски културтрегери и циркузанти менаџери?

3.

И прашање е дали воопшто требаше да се фалат со минатите достигнувања, или со оние што допрва ги очекуваме? Мислам дека тие се побитни за државава. Тоа што го направија – го видовме. Тоа што не го гледаме, а ќе го видиме многу бргу, се упропастените македонски генерации од 2006 година наваму, меѓу кои, прво, тогашните едногодишници денес веќе одат во трето-четврто одделение. И учат тоа што учат, гледаат тоа што гледаат, слушаат тоа што слушаат. И тука, повторно, предноста треба да се даде на културата, и уметноста, секако, зашто тие инвестираа(т) токму во иднината. Нивната инвестиција наречена „Скопје 2014“ е грандиозен идиотизам за заглупување на младите генерации. Оние кои во таа 2006 година имаа десетина години денес се веќе полетни но неупотребливи дваесетгодишници (барем оние кои останаа во земјава!), напиени на изворите на маестралниот кич на секој агол во градов, на брилијантниот шунд спростран на секој екран на телевизиите со национална концесија и на секоја страница од грозоморните печатени изданија што глумат дневни весници (секоја чест на малкуте исклучоците)! Македонската култура, рака под рака со уметноста, од секој партиски идиот создаде македонски културен (не)работник, а од секој втор измоделира  квазиуметнички лумпенпролетер и сите среќни и весели секојдневно си се тапшаат по рамо во провинцискиов културен жабурник. А околу нив – штама, или милозвучен овчји блеј во потврда на успешноста на нивната (не)културна мисија!