Monthly Archives: November 2021

ЖЕНА ОД СУЛТАНА

Како одеднаш сите запрепастени од „Жена од султана“? Ама кога ќе им спомнеш култура – се ежат. Ако им спомнеш дека на 4-5 годишна возраст во Европа децата веќе (организирано, што ќе рече од градинка и потоа од училиште) ги носат во посета на најдобрите музеи, нашиве „мудреци“ само ќе одмавнат со рака. Ако им кажеш дека во центарот на Скопје, оној распослан кич е како сто „Жени од султана“ и дека неговото секојдневно опстојување е убиствена некултура за младите, ќе ти одговорат: е што, да го рушиме ли? Е не – чувајте си го, примитивци!

Кај нас политичарите, дури и оние на највисоки државни функции, во текот на целиот мандат речиси воопшто и не го изговараат зборот култура, не пак да се зафатат со спроведување на некакви концепти или не дај боже реформи во оваа област. За нив културата била и останала само забава – Ниче вели „Уметноста не треба да биде играчка за закачување ваму и таму за да изгледа убаво“ – нешто тотално неважно, што само троши пари и слично. Таквиот (не само политички) празен простор го пополнуваат секакви нивни приврзоци – типови кои само се „очешале“ од културата но веднаш мислат дека се експерти и не се стеснуваат своите „знаења“ јавно да ги пропагираат. Тоа веројатно им носи некакви поени и кај неуките им газди, но прави огромна штета во самата култура. И тука најмалку говориме за некакви и нечии демократски „права“ да каже што и како мисли дури и за културата, но проблемот е што секакви шарлатани со право на јавен збор држат лекции што е култура, како таа треба да се устрои, кои институции добро или лошо работат, се шлепаат на коекакви квазиелитистички флоскули за Виенската или не знам каква филхармонија, разноразни „советници“ за култура – знајни и незнајни – на највисоките државни функционери се обидуваат да заменат цели институции, една таква високопозиционирана дилетантка дури се осмелува да ги искара историчарите на уметноста во земјава дека не сме знаеле кој бил Трајче Јанчевски, друг шарлатан циклично продава пуфки за нашата културна ништожност… итн. Кога имате таква нивелација не само во поимањата за културата туку и на општата некултурна атмосфера во државата, тогаш во реалноста го добивате тоа што го имаме денес – едно големо ништо! Не мал удел во таквите состојби има и т.н. невладин културен сектор, во времето на „Шарената револуција“ наводно прогресивен дел од општото движење, сега безгласен калкулантски приврзок на власта и редовен абонент на културниот буџет сведен на три-четири „монополски“ асоцијации коишто веќе од самиот старт на новата власт се пројавуваат како главни кочничари на овој сектор. Што сѐ не се случи во културата во овие години, тие не најдоа за потребно да кажат една реченица. Сѐ се тоа чети, баталјони „жени од султана“!

А сепак, комплетната девастација на културата во државава не е од денес или од вчера. Вчера и денес таа само добива турбо поттици за дополнително разнебитување на општите состојби во културата и културните институции, со тенденција тие дополнително да се посељачат, омаловажат, понижат, но оваа панорамска слика е сепак директен производ на „политиките“ на владејачките политички партии, не само во културата. И не случајно посочив на двата суштински различни концепти за културата на Малро и Ланг како производ и на нивните различни политички ориентации бидејќи токму тие – политичките партии и нивните леви, десни или центристички политики – се движечката сила и во културата. Кај нас, не само во културата, веќе не можеме успешно да ги разликуваме политиките на едните и/или другите во безмалу ниту еден важен општествен сегмент, уште помалку граѓанинот знае што го очекува во една област доколку на власт дојде едната или другата политичка опција. Сите политички партии функцинираат единствено, како синхроно криминално-коруптивно јадро што го разјадува останатиот дел од државата.

Кај нас, на пример, ниту една политичка партија не го чепка Законот за организација и работа на органите на државната управа – особено не во делот за културата – што ќе рече дека за државата и нејзината култура е сеедно дали премиер е од СДСМ или од ДПМНЕ, од ДУИ или Алтерантива… па вклучувајќи ја дури и Левица за којашто и не знаеме дали воопшто размислува за културата. Сите се среќни и весели во своето незнаење и со „шопинг листата“ утврдена со тој закон и никој не би сакал таму да чепка небаре станува збор за осарник. И никој, на пример, не се прашува што всушност значи тоа дека „ Министерството за култура ги врши работите што се однесуваат на: следењето, анализирањето и предлагањето акти и мерки за развој и унапредување на културата (…)“ од една страна, но и „организацијата, финансирањето и развојот на мрежата на националните установи и финансирањето на програми и проекти од национален интерес во оваа област“ од друга! Дали ова што денес се случува односно како се однесува Министерството за култура е практична примена на овие одредби? И кога тоа сте прочитале некаква анализа, или нека е и само осврт на одделни состојби во културата, некаков акт во којшто би биле содржани мерки за развој на одделни дејности и сл.? И понатаму, дали навистина одредбите од фамозниот ни Закон за културата – барем оние што се однесуваат на дефиницијата на културата, за т.н. национален интерес и слични будалаштини, им одговараат баш на сите политички партии со дијаметрално различни политички концепти, или повторно: таму никој не се осмелува да чепка бидејќи не знаат каков монструм ќе истераат на чистина? Или позицијата статус кво, токму заради нивното незнаење, им одговара на сите? А впрочем, кој пак би се занимавал со културата на такво „високо“ политичко рамниште, небаре таа е некаква важна област за македонскиот граѓанин? Дури, човек не би се зачудил ако и македонските партии мислат слично како некои наши шарлатани дека културната политика – или „политика“ – треба да си ја „гради“ секој министер одделно.

Се разбира дека општата политичка атмосфера и односот и на оваа власт кон одделни општествени – или „опшествени“ – области влијае крајно депримирачки и деградирачки на истите и во размислувањата на македонскиот граѓанин, неговите приоритети во секојдневната трка за преживување итн. Кога владеачките политички партии, од обата етникуми, се однесуваат како „жени од султана“, онака понижувачки кон културата, и не само кон неа, што тогаш му преостанува на граѓанинот? Тој да биде носителот на промените? Такво нешто веројатно не се случило/случува никаде во светот. Но затоа се тука таканаречените „прогресивни сили“ во општеството, онаа самонаречена интелектуална елита којашто мора да се трансформира во „влечна сила“ кога за тоа не се способни политичките партии на власт или во опозиција. Меѓутоа, кога таа „елита“ е претставувана од едно голема молчалива збирштина на самонаречени интелектуалци желни единствено за профит по секоја цена, а оние малкумина меѓу нив кои умеат да им се приближат на политичките партии сејат само омраза и раздор филувани со шарлатанство, што тогаш? Е тогаш решението на загатката се вика Македонија и ситуацијата во којашто се наоѓа културата – и не само таа – во „нашата држава“! Па токму таа, „нашата држава“ е – жена од султана.

АНТИПОДИ

Приказната за културата/културната политика и Андре Малро не би била целосна без неговата „контратежа“ – еднакво легендарниот Жак Ланг, кој министерувал во културата во два наврати: 1981-1986 и 1988-1993 година. Во меѓувреме, а и потоа, бил и министер за образование, па член на Европскиот парламент, член на Францускиот парламент, портпарол на Владата на Едит Кресон итн. Тој и Малро се два антипода, можеби повеќе политички отколку „културно“, но двајцата исцртуваат златни периоди во француската културна политика. Едниот (Ланг) социјалиста, другиот во служба на десно ориентираната влада на де Гол, но двајцата за нас важни како протагонисти на две различно ориентирани културни политики соодветни на нивната политичка провениенција – нешто што за нас сѐ уште е „шпанско село“. Затоа впрочем и ги спомнувам, белки нашава чаршија нешто ќе научи.

Но, бидејќи претходно посочив некои базични информации за Малро, во биографијата на Ланг како министер за култура се впишани: Денот на музиката, Унијата на театрите на Европа, законот за минималната продажна цена на книгата, концептот на поврзување на економијата и културата итн., итн. Екстраординарен социјалист, но кој – наспроти противењето на неговата партија – прифатил да биде член на комисијата на Саркози за промена на уставот и гласал за тие промени. Неговиот глас се покажал пресуден за прифаќањето на промените! Харизмата на Ланг била толкава што неделникот L’Express го нарекол „таен министер на заведувањето“, а New York Times „a superstar of French culture“! За време на неговиот мандат во културата, буџетот за култура бил зголемен за четири пати. Или, суштински, со доаѓањето на Ланг на местото министер за култура на Франција (1981), се случува трикратен прекин со дотогашните културни политики: енормно зголемување на културниот буџет; непоколеблива поддршка од Претседателот на државата (Франсоа Митеран); поврзувањето на економијата со културата како Коперникански пресврт во начинот на (социјалистичкото) размислување!

Меѓутоа, тоа се само телеграфски цртички за неговата културна и политичка кариера. Неговата биографија, како и онаа на Малро, се исклучителни – творечки, хуманистички, бескомпромисни. Но, како што веќе реков, двајцата се безмалу антиподи во разбирањето на културата и потенцијалниот културен развој на Франција во времето на нивното министерување, сообразно на нивните односно политичките ориентации на владите во коишто министерувале.

Зошто е ова значајно за нас? Прво, заради тоа што со дефинирањето на културната политика во современа држава не може да се занимава чаршијата и самобендисаните приврзоци на власта со нивните полуписмени „тези“ за потребите на македонската култура. Со културниот развој на една современа држава, со дефинирањето на нејзиниот културен концепт, можат да се занимаваат експерти кои знаат што е култура, што е културна политика, ја познаваат културата во државата, го познаваат европскиот културен контекст… итн. Културата не е тема за во меана или пред кооперација со топло пиво. Во Европа со развојот на културата и културните политики се занимаваат професионалци а не фејсбук шарлатани. Но, во Европа со културните концепти се занимаваат и политичките партии, барем оние што претендираат да ја водат државата во одреден период. Зашто, не може една сериозна политичка партија да има програми за развој на државата во даден период за сите други области, а во културата тоа да биде стихијно препуштено на случајности. Или, уште полошо, предизборно да ветува „брда и долини“, проевропско однесување и структурни реформи, а постизборно да поставува министри за култура кои половина мандат се чудат каде дошле и што треба да прават!

Андре Малро е творец на првиот современ концепт на културата во Франција во времето на деголистичката влада и неговото министерување (1958-1969). Многумина сметаат дека со поставувањето на Малро за прв современ министер за култура де Гол испратил силна порака (не само) до Французите дека влијанието на Франција во светот мора да оди и низ културата! Како и да ѐ, Малро е автор и на основачкиот декрет за Министерството за култура (24 јули 1959), со којшто на Министерството за култура му се определува „мисија да ги направи капиталните дела на хуманизмот, а пред сѐ на Франција, достапни до колку што е можно повеќе Французи, да обезбеди најширока можна публика за нашето културно наследство и да го охрабри создавањето на уметнички дела и дух што ќе допре до нив“! Едновремено, ова министерство ги обединило и административните единици (департмани) дотогаш во состав на други министерства, и тоа: генералната дирекција за уметности и литература, дирекцијата за архитектура и дирекцијата на француските архиви. Оттука, практично, целиот костур на културната администрација и односот кон културата во Франција бил поставен во времето на неговото министерување, со следните приоритети: нов однос кон архитектонското наследство (особено во Париз) преку нов закон за историските споменици (1962); генерална инвентаризација на културното наследство („од лажица до катедрала“); спроведување на концептот на maisons de la culture со изградба на 8 домови во Авр, Каен, Фирмини, Амиен, Гренобл и др.; основање на Centre national d’art contemporain (CNAC) во 1967, со цел да им помага на ликовните уметници (меѓу другото и преку обезбедување на социјално осигурување); вклучување на културата во петогодишните планови на државата итн.      

Но, не ми беше идејата да ја воспевам визијата за културата и културната политика на Малро, туку да посочам на визионерско размислување за културата и нејзиното „инкорпорирање“ во функциите на државата. Во случајов, уште еднаш на мисијата на Министерството за култура определена токму од Андре Малро пред цели шеесет години, мисија која за нас (повторно) е „шпанско село“ и денес! Не дека ние на ниво на држава немаме некаков „став“ што треба да работи нашето Министерство за култура. Делокругот на неговата работа е определен во Законот за организација и работа на органите на државната управа, каде во чл. 26 се вели: „(1) Министерството за култура ги врши работите што се однесуваат на: следењето, анализирањето и предлагањето акти и мерки за развој и унапредување на културата; организацијата, финансирањето и развојот на мрежата на националните установи и финансирањето на програми и проекти од национален интерес во оваа област; заштитата на културното богатство; издавачката, музичката, сценско-уметничката, филмската, галериската, библиотечната, архивската, музејската и кинотечната дејност, дејноста на домовите на културата и дејноста за посредување во културата; заштитата на авторското право и сродните права; споменичкото одбележување на настани и истакнати личности од национален интерес; надзорот од негова надлежност и врши и други работи утврдени со закон.“

Приметувате разлика? Ние како да сме правеле „шопинг листа“ за на Буњаковец! И оваа листа е во сила цели 30 години, па и повеќе.

Но, смената на целиот државен концепт на Франција со доаѓањето на социјалистите на власт во 1981 година значел и промени во културниот курс. Првата промена (10 мај 1982) е суштинска – нова визија за мисијата на Министерството за култура: „Министерството за култура им служи на следните цели: да им дозволи на сите француски граѓани да ги развиваат нивните инвентивни и креативни способности, слободно да ги практикуваат нивните таленти и да добиваат уметнички поуки; да се сочува националното и регионалното наследство и наследството на разни социјални групи за заеднички придобивки на целата заедница; да се поттикнува создавањето на уметнички и духовни дела и тие да се понудат на најшироката можна публика; да помогне да се пропагира француската култура и уметност во неограничена размена со сите светски култури.“[1] Наспроти Малроовата „култура за сите“ се промовира (условно) „сѐ е култура“ како нов социјалистички курс којшто инсистира на индивидуална експресија низ креативноста, почитување на сите „видови“ култура (во праксата Ланг воведува државна поддршка за џезот, поп музиката, стрипот и др.), потенцирана грижа за етнолошкото и индустриското наследство, зајакнување на медиумите како стандардна референца за културата и уметноста, и секако – поврзувањето на културата со економијата како централен елемент во новата културна политика. Се разбира, за министерувањето на Ланг се врзуваат уште редица други впечатливи потфати во културата, но тоа е сепак друга приказна.

Она што овде е важно е фактот дека современите политички партии, барем оние што претендираат да се појават на историската сцена како управувачи и насочувачи на државата, веќе однапред имаат осмислена специфична културна политика којашто со доаѓањето на власт се ефектуира во праксата како битен столб на нивните севкупни политики.

Сте виделе такво нешто во Македонија?   


[1]  Philippe Poirrier, French Cultural Policy in Question, 1981-2003, dans Julian BOURG (Dir.), After the Deluge, New Perspectives on Postwar French Intellectual and Cultural History, Lanham Md., Lexington Books, 2004, p. 301-323

ИЗМИСЛУВАЊЕ ТОПЛА ВОДА

Па, ако баш сакате, која е таа “топла вода“ или некакви непознати галаксии што дополнително би ги откривал еден министер за култура во Македонија, па нека е и со четиригодишен мандат, а при имање на редица битни документи што прецизно ја определуваат неговата работа. Прв, секако, е Законот за организација и работа на органите на државната управа, којшто јасно посочува која и каква е работата на секој државен орган (министерство) одделно. И што тука има да измислува министерот, кој и да ѐ? А во тој закон има и неколку суштински одредби (чл.13), што велат дека органите на државната управа, постапувајќи во рамките на своите надлежности во согласност со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори: ја спроведуваат политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието на Република Македонија и прописите на Владата на Република Македонија; одговорни се за извршување на законите и другите прописи; ги извршуваат насоките и ставовите на Владата за работата на органите на државната управа итн., итн. И што тука не е јасно и што тука, повторно, има да измислува министерот? А насоките и ставовите на Владата се утврдени во соодветни документи, меѓу нив и во закони од областа (во случајов во културата), како и документи донесени од највисокиот законодавен дом во државата – Собранието. Следствено, тоа се неколку важечки закони во културата (какви-такви) и (во Собранието) донесената Национална стратегија за културен развој за периодот 2018-2022 година, како највисок стратегиски документ за развојот на културата во државава. Ако во законите е релативно пристојно уредена соодветната област, треба само да ги применува. Ако не е, треба да покрене постапка за нивно менување односно дополнување. Но, и тоа би требало да биде – односно ѐ – предвидено во спомнатата Национална стратегија. Оттука, министерот за култура, па и секој друг министер, треба да биде доволно писмен да прочита што државата предвидела во таа област во следните четири години (односно во времетраењето на неговиот мандат) и тоа да го спроведе. Ако знае и умее. Ако не – не требал воопшто и да го зафаќа тоа место. Никој од министерот не бара којзнае каква мудрост и знаење, туку добро менаџирање на процесите и спроведување на зацртаните политики. Оттука, успешноста на министрите за култура се (пр)оценува не според измислувањето „топла вода“ и делењето пари на партиските абоненти туку според процентот на спроведените државни политики во областа. Ако низ оваа оптика ги спружите последните три министри за култура, што мислите колкав процент ќе имаат, дури и сите заедно? Повеќе од 10%? Ни толку! Но ако направите анализа колку закони прекршиле или „заобиколиле“, колку позаконски акти (правилници) игнорирале или воопшто и не знаеле дека постојат, колку неспособни и нестручни директори поставиле и колку процедури „свиткале“ за тоа да го направат“, колку пари потрошиле од државниот буџет за нивни партиски „проекти“… што мислите колкав ќе биде процентот на „успешноста“?

Од друга страна, сосема друга приказна е ако земјата – која и да ѐ, па и Македонија – согледала/зацртала како императив воведување системски реформи во дадена област, во случајов во културата. Како што впрочем нам тоа ни се претставуваше токму од оваа власт во онаа 2017 година. Бидејќи, нели, сето претходно беше катастрофа – и беше, апсолутно! – културата беше крајно политизирана, администрацијата особено, Министерството за култура беспоговорно, ама овие „новиве“ ќе ги решеа сите проблеми. Ако имате таква состојба, и такви (не само) политички ветувања, тогаш воопшто не е сеедно кој ќе се најде во министерската фотелја. Но ние и за тоа имаме главно негативни примери, уште од 1991 година. И во таа наша македонска приказна не игра никаква улога писменоста или евентуалните титули на министерот – ене ви ги за пример Грозданов, па и Димитров, а особено оние неколкумина тотално промашени етнички министри! – туку познавањето на културата, не само македонската туку и процесите (барем) во ЕУ, визијата за потребите на државата во културата, за долгорочниот развој на земјата во конкретни (па и културни) насоки итн. И овде не случајно ја спомнувам ЕУ или барем некоја од земјите во Европа со сериозни дострели во културната политика. Онаа некогашна Југославија умееше, меѓу другото, од таму „да купи“ знаење и во културата: идејата за домовите на културата – доследно спроведена и во Македонија со извонредни архитектонски објекти – е всушност концептот на maisons de la culture на Андре Малро, првиот француски (Деголистички) министер за култура со мандат од полни 11 години (1958-1969). Нашиве македонски министри-тралалајки успеа сето тоа наследство да го упропастат за нецели триесет години.

И сега, пред нашиве чаршиски шарлатани да се фатат за должината на неговиот мандат, треба да знаат кој бил Малро, и какви визии имал за развојот на културата во Франција. Помеѓу останатото, нему му се припишува и чистењето на поцрнетите од смогот згради во Париз, потоа воведувањето на поимот индустриско наследство, „музејот без ѕидови“, па едно чудо книги за уметноста и културата итн. И да, Малроовиот концептот на културата бил a bit elitistic, но имајќи предвид многу нешта во француската култура, како и фактот дека тој бил прв културен министер, тоа е можеби разбирливо. (Малку подоцна, левичарските влади во Франција се пројавуваат со критики за неговиот концепт, во голем дел оправдани, но ние сме далеку од таквите теориски и практични расправи). А сепак, кога ние би имале еден, само еден таков човек, би требале да го прогласиме за доживотен министер за култура. Наместо тоа, македонската чаршија меѓу себе си доделува такви „титули“! Се разбира дека ни светот нема баш премногу поединци во културата како Малро. Ама умните – држави, влади, поединци… – ги ангажираат оние кои знаат кој е експерт за одредена проблематика. Кај нас тоа не оди баш така. Е па затоа и ни се такви резултатите.    

ПОЕДИНЕЦ ИЛИ СИСТЕМ

Во ист кош со (од)глумените досегашни реформи во културата може да оди и оној шарлатански Закон за културата и уште неколку фингирани „процеси“ што требаа да ја држат културата и јавноста во убедување дека нешто се прави. Се разбира и тоа беше само привид, симулакрум, не само заради неспособноста на досегашните власти и неукоста/незаинтересираноста на министрите за култура, туку и заради еден силен регресивен, длабоко антиреформски дел од културата одлично (лукративно) вгнезден во политичките партии. Токму заради тоа, еве, фамозниот ни Закон за културата трае веќе 23 години, со мали и главно безначајни „шминкања“ и (наводно) подобрувања, а коишто де факто само ги доуточнуваа(т) и штимаа(т) претходните будалаштини според новите желби и амбиции на властите. А впрочем, има ли подобар пример за односот и на оваа власт која во времето на „заробената држава“ фрлаше дрвја и камења по Законот за култура прогласувајќи го за главна сопирачка на реформските процеси во културата, а сега веќе четири години го држи „на мраз“ готовиот предлог-закон за остварување на јавниот интерес во културата. Одеднаш и ним извиканиот Закон за културата им стана добар!?

И тука можеби доаѓаме до улогата/мандатот на министерот за култура – кој и да ѐ и независно од политичката опција – улога којашто често во некои македонски шарлатанско-чаршиски „клубови“ се димензионира како особено важна. И која што, демек, досегашните министри не можеле докрај да ја ефектуираат заради краткотрајниот мандат од (најчесто) година-две на таа функција, после што биле менувани со други. И тоа е исто така дел од нашата неука и некултурна приказна, каде улогата на поединецот се предимензионира наспроти важноста, оперативноста односно функционалноста на системот. Нешто што, повторно, се случува и денес со најавените оставки на премиерот и цунамито од „поддршки“ од секакви партиски војничиња, буџетски коледарчиња, неспособни советничиња и уште цела една булумента приврзочиња на власта кои не можат да се пронајдат себеси во некоја и некаква друга констелација. Просто ви се превртува дигестивниот тракт од споредбите со Меркел и Обама, со амбасадор на провидението и слични лигавења. Елем, предимензионирањето на улогата на поединецот во власта кај нас секако е остаток од претходниот социјалистички поредок и наметнатата идеја за големината и незаменливоста на комунистичките водачи, па и она „И по Тито – Тито“ – иако за последново историјата посведочи дека било основано, но тоа е многу, многу редок пример – при што ние денес ја искарикиравме и оваа измислица до невидени размери. Но, и тоа е наша „демократска“ специфика при што во услови на политикантско самоволие и тотално отсуство на одговорност на одделни носители на најважните политичките функции во државата системот едноставно престанува да функционира. И се претвора во своја спротивност! Таков впрочем беше и неодамнешниот пример со претседателот на Собранието, кој ноншалантно ја напушти седницата за гласање доверба на Владата – притоа оставајќи го Собранието без кворум – бидејќи тој не ја поддржувал таа иницијатива. Дали таквото бахато однесување на работното место им дава право и на другите вработени во администрацијата самоволно и без вистинска причина да го напуштат работното место независно од нивните со закон утврдени должности? Ако највисоките политички личности на државата си дозволуваат такво однесување, како потоа може да функционира системот? Системот, се разбира, за такви постапки предвидел санкции, но ако тие не се применуваат, за каков систем говориме? Или говориме за збир на поединци кои свесно го опструираат системот – Уставот и законите – во интерес на политички цели? Или, ставете го ова еклатантно самоволие и непочитување на работните обвврски на највисок функционер со неодамнешното разрешување на в.д. директорката на „Театар Комедија“. Како во вториот случај „системот“ функционира малтене за ништо, а во првиот – за непримерно, дрско, безобразно, антидемократско однесување на највисок функционер – нема никаква санкција? За каков тогаш систем, или „систем“, говориме, за каква држава? 

Се разбира, воопшто немам намера да ја потценувам улогата на поединецот во еден политички систем, напротив, но таа улога – говорам за политиката во едно демократско општество – е ограничена односно мора да биде ограничена од системските/државните политики во одредена област. Следствено, улогата на поединецот ќе биде управување, или подобро речено насочување, на политиките во една област во утврдената насока, со одделни финеси коишто можат да бидат негов односно придонес на поединецот кон основната цел. Или, на пример, зошто само кај министрите за култура би бил актуелен проблемот на времетраењето на нивниот мандат, но не и во другите ресори. Што ако, на пример, често се менуваат министрите за надворешни работи, или за евроинтеграции? Дали тоа значи дека секој министер ќе воведува своја надворешна политика и ќе отстапува од декларираниот и утврдениот со низа државни документи европски пат на државата? Се разбира – не. Зошто тогаш само кај министерот за култура е важно времетраењето на мандатот ако тој мандат е даден/добиен со една цел: да се спроведат системските, државните политики во културата, утврдени во највисоките политички документи? Следствено, од каде тоа „алиби“ само за културата односно дека релативно краткиот мандат на неколку последователни министри не им дозволил да сработат повеќе во насоката на реформите? Па тие, по ѓаволите, не сработиле ништо, ама чаршијата ги амнестира со краткиот мандат!

Оттука, траењето на мандатот на македонските министри за култура е најмалиот проблем во (не) спроведувањето на реформите во културата туку нивната лична неспособност, неукост, често и целосното непознавање на ресорот во којшто дошле. А една „успешност“ на долготрајниот мандат, впрочем, сме ја виделе во пракса – ни остави едно долговечно (не)дело: „Скопје 2014“! А и тоа – неказнето!!!

КУЛТУРНИ МРТВОРОДЕНЧИЊА

И бидејќи веќе го спомнав со децении одолговлекуваниот – а важен – процес на децентрализација (не само) во културата (но и деметрополизацијата, како еднакво битен сегмент во тој процес!), не може а да не се спомне дека најчесто, или (дури) по правило, Министерството за култура и Владата – која и да ѐ во изминативе петнаесетина години – постапувале токму спротивно: наместо да го намалуваат бројот на националните институции, тие го – зголемувале! Зашто, спомнатата Одлука за мрежата на национални институции во областа на културата од декември 2003 година беше само вовед во тој процес, иницијално покажување воља од страна на државата да се зафати посериозно со него (и) во културата, растеретувајќи го, прво, централниот буџет, и второ, посочувајќи дека и општините мораат да си го превземат делот од одговорноста во културата. Тој ретро-процес најотворено и бескрупулозно го започна Владата на заробената држава и („најуспешната“, според едни наши „познавачи“) министерка за култура во таа Влада, со основањето на нови десетина национални институции. Како да ни беа малку и овие 60-тина, „моравме“ да имаме и нов Археолошки музеј, па (ступиден) Музеј на Тоше Проески, па уште поступиден Музеј на македонската борба, па (еднакво ступиден) Спомен дом на Мајка Тереза, па Музеј на албанската азбука… итн. Сите тие во самата суштина неважни односно небитни (од стручна и културна гледна точка) институции дополнително го зголемија бројот на националните институции и додатно го оптоварија буџетот на Министерството за култура со нови трошоци за плати, материјални и програмски трошоци, одржување и др. И тоа не беа/не се мали трошоци – напротив, а за возврат државата и македонската култура не добија ништо. Или, ако сакате, кога последен пат сте слушнале збор-два за Музејот на Тоше Проески и некоја негова активност, или за Спомен домот на Мајка Тереза, или за Музејот на албанската азбука…? Тоа беа/се (буквално) културни мртвороденчиња, скапи објекти без суштина и значење, без вистински предмет на работа… основани дури и спротивно на законите што ги донела токму власта што ги основала. Тоа се културни злосторства што сѐ уште се едни од најголемите потрошувачи во македонската култура коишто не даваат ама баш ништо за возврат! Впрочем, ништо подобар во таа насока не е ни т.н. Археолошки музеј – сместен во една идиотска градба, со ентериер налик на провинциски театар а не на национален музеј, за чиешто отворање/поставка, по наредба на „најуспешната“ министерка, беа буквално испразнети витрините од неколку други македонски музеи. Иста е ситуацијата и со т.н. Музеј на македонската борба, каде во времето на подготовките „оперираа“ едно чудо македонски „историчари“ и „интелектуалци“ наплатувајќи ги толку скапо сопствените услуги што ќе си речете дека граделе/опремувале нов Лувр. А – за што? За еден селски музеј на восочни фигури, за забава на најдолните националиситички чувства на една партиска врхушка, за исполнувањето на фантазмагориите на криминалецон од Будимпешта дека баш тој е некаков историчар, музеолог, архитект… Добро, таква будала Македонија одамна немала, но зарем и денес неговите испрдоци мора да се финансираат од државниот буџет? Или зарем и денес, во времето на „прогресот“ и „забрзаните“ евроинтеграции треба(ше) да се однесуваме на сличен начин?

Ова го велам од причини што и новата власт по онаа 2017 година не само што не направи ништо во справувањето со овие монструозни институции, туку го продолжи начинот на однесување во културата. Веќе во 2018 година, со декрет на тогашната Влада беше основан Ансамбл на албански народни ора и песни како нова национална установа, по ист терк/начин како што и во периодот 2006-2016 беа основани гореспомнатите културни институции, па албанските театри во Гостивар и Тетово итн. И повторно, дури и да не е спорна потребата од нивното основање – особено на, на пример, театрите во Гостивар и Тетово – крајно дискутабилен односно контроверзен е начинот на којшто се основани овие установи, и тоа веднаш како национални. Ако тоа го правеше бившата власт, и за тоа беше сериозно критикувана, зарем новата „прогресивна“ и проевропска власт требаше да го примени истиот незаконски терк за основање национални институции. Или ако токму Владата, како извршна власт задолжена да ги спроведува законите, истите ги прекршува, за што тогаш говориме (не само) во македонската култура? И за каква проевропска интеграција?

Ако веќе говориме за европски трендови и наши евроинтегративни аспирации, интересно би било некој да образложи како ваквите „политики“ (не само) во културата се согласуваат со тие процеси? И дали основањето на национални институции коишто потоа, за „х“ број години во иднина, паѓаат на грб на даночните обврзници можат да зависат само од некакви полуписмени партиски врхушки подготвени да кршат и закони? Истиот „систем“ на кршење на законите токму од страна на државата е присутно и во заштитата на културното наследство во многу сегменти, а воп организациска смисла во непостапувањето односно непочитувањето на законската регулатива (уиште од 2004 година) којашто наложува раздвојување на т.н. заводи и музеи во одделни институции од областа на заштитата. Цели 17 години државата – Министерството за култура и Владата, која и да ѐ – потполно и необјасниво ја игнорираат оваа состојба, дури и наспроти фактот што во праксата овие институции функционираат целосно нелегално! Зошто? Како ли ова ќе им го објасни власта на партнерите од Европската комисија кога на дневен ред ќе дојде културата, ако дојде? Е тоа би сакал да го видам! Но, од друга страна, прашањето може да се постави и вака: во што е проблемот ако Битола, Прилеп, Струмица, Охрид… имаат заводи за заштита и музеи како одделни институции? Ќе им дојде многу култура? Нема простор, нема кадар за такво раздвојување, или во прашање е само вообичаена неодговорност, неспособност, политикантство… од невидени размери? И кога некој, веќе утре, би го покренал ова прашање и би барал одговорност, а згора на тоа – со право – би ги прогласил сите дејствија на овие (фантомски) институции за нелегални и спротивни на закон, што би се случило? Можеби македонскине улични „теоретичари“ на културата имаат одговор?

КИЛАВИ „РЕФОРМИ“

При некоја идна културна ретроспекција, оние кои подолго паметат ќе се потсетат дека последната вистинска реформа во културата кај нас се случи во далечната 2003 година, со Одлуката за мрежата на национални институции во областа на културата, со што беше конечно (или барем делумно) прекината централистичката „политика“ во културата и извршена поделба на културните институции на национални и локални. По 1991 година тоа беше еден од ретките проевропски реформистички потези – по оние за престанокот на постоењето на државните издавачки претпријатија, преминот на формата конкурс при годишното финансирање на проектите во културата и слично. За цели три децении постоење на Министерство за култура и околу 15-тина министри, тоа е малку, очајно малку. Затоа, впрочем, и тагата, и срамот, па и револтот заради пропуштеното време и можности – особено во изминативе четири години – за анахроноста на македонскиот културен „концепт“ (ако воопшто кај нас нешто такво постои!), за неспособноста на Владата, Министерството за култура, културните институции, за непочитувањето дури и на највисоките државни документи во културата донесени во овие години… итн. Упорно ги потенцирам последниве четири години коишто мораа – едноставно: мораа – да бидат пресврт (не само) во културата бидејќи претходните предолги 11 години претставуваа(т) црна дупка во македонската културна историја. Но, што се случи? Црната дупка само се продлабочи, абонентите само се сменија – иако не сите, многумина од претходните останаа – сите ветувања беа фрлени во ветар а очекувањата изневерени. И за тоа денес нема ама баш никакво оправдување.

Од друга страна, она што особено загрижува е и фактот што и досегашните проевропски реформски процеси – спомнати и неспомнати – биле спроведувани само делумно, односно половично, што дополнително остава сомнеж во нашата сериозна подготвеност за менување на состојбите во културата. Тука веднаш се поставуваат неколку битни прашања, меѓу кои особено: дали досегашните реформски активности не биле доволно обмислени, биле недоволно стручно конципирани… или проблемот е во нивната реализација односно спремноста на власта којашто, иако формален носител на промените, се обидува во истовреме да ги минира или барем делумно ублажи? Праксата покажува дека има(ло) од сѐ по малку.

На пример, никогаш не беше целосно спроведена спомнатата Одлука за мрежата на национални институции во областа на културата од декември 2003 година. Поточно, формалниот дел – поделбата на институциите на национални и локални – беше реализирана, но не и суштинскиот дел: општините конечно, во секоја смисла, во блиска иднина да ја превземат грижата за локалните културни институции. Тоа значеше/значи обврска односно одговорност на општината да обезбедува плади и надоместоци за локалните културни институции, средства за програма, (дел од) инвестициите итн. Тоа, се разбира, никако не значеше/не значи комплетно дистанцирање на централната власт од овие институции, тие и понатаму ќе имаа право да конкурираат и за програмски и за секакви други средства (и помош) во Министерството за култура. Но, генералната грижа за институциите мораше/мора да ја има локалната власт – општината – на чија што територија делува културната институција. Ништо односно многу малку од ова беше спроведено во праксата заради една „проста“ причина: неспроведувањето на неопходната децентрализација во државата, најавувана со децении во сите најважни државни документи но никогаш нереализирана. Зошто? Затоа што централната власт, меѓу другото, ќе мора(ше) да се откаже, на пример, од дел од даноците, а потоа и од други приграбени ингеренции што сега ги држат општините во зависност од централата. Друг проблем е некритичкото енормно мултиплицирање на бројот на општините во државата, при што се добија десетици крајно сиромашни општини што никако не можат да оперираат самостојно, што пак повторно ги враќа во полна зависност од централата, итн., итн.

Впрочем, како што веќе спомнав, процесот на целосна децентрализација во државата стана приказна за себе во многу продолжетоци, но без крај. И оваа власт, во Националната стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година (што ќе рече дека нејзината важност завршува за еден месец без реализација ни на 10% од планираното!), често ја спомнува неопходноста од децентрализацијата во културата односно како една од констатираните „слабости во организациските модели“ („Отсуствуваат иницијативи за суштинска реформа на културниот сектор, особено во поглед на: децентрализација (…)“, стр. 5); во т.4 Стратегиски насоки и приоритети децентрализацијата во културата е поставена како највисок (втор по важност, после департизацијата) приоритет, потцртувајќи дека овој процес „треба да им обезбеди најдобри услуги на граѓаните – поблиски, посоодветни и поефтини“; констатирани се две битни димензии на таа децентрализација: политичка и административна, итн. Притоа, во овој документ се наведени и главните стратегиски насоки и основните мерки за остварување на децентрализацијата во културата (стр. 10).

Но, за четири години да не мрднете со прст (не само) во оваа насока, а самите сте ја потенцирале како некаков врвен приоритет? Тоа, извинете, е својствено само на крајно неспособни, неодговорни, нестручни и некомпетентни поединци и групи, со очигледно сосема поинакви „приоритети“ и задачи. Тоа, впрочем, и најпрецизно ја лоцира целосната одговорност за кочењето на процесите во културата во самите врвови на власта – не само во културата!  

Но дека ова не бил само некаков хир и фантазија на Националната стратегија, еве што вели оваа Влада во нејзината Програма за работа 2020-2024 година, во делот Европска култура (стр. 30):  „Владата ќе ја продолжи втората фаза на институционалната децентрализација која треба да им обезбеди најдобри услуги на граѓаните согласно Европската повелба за локални самоуправи. За да се надминат слабостите од првата фаза на децентрализацијата ќе извршиме зголемување на блок дотациите за да ги покриваат сите реални потреби на локалната установа, средствата за тековно и материјално одржување на установите, за нови инвестиции, а со цел подобрување на состојбата на објектите на локалните установи во културата и нивната функционалност и редовно ќе ги одобруваме барањата за пополнување на упразнети работни места, како и за нови неопходни вработувања во локалните установи од Министерството за финансии. Живееме во нерамномерно развиена земја. Во културата ќе работиме на рамномерен културен развој, пред сé, преку политиките и инструментите на децентрализацијата и деметрополизацијата на култура.“

Оттука, она што денес посебно запрепастува не е само сето она спомнато погоре и уште многу други килави „реформски“ неспомнати нешта, туку запрепастува тенденцијата за продолжување на ваквиот необјаснив статус кво, филуван  со шарлатански еквилибристики на власта и нејзините мегафони, дури и наспроти, еве, актуелните криминални обвинувања на еден неодамнешен министер за култура, но особено и заради отворените повици процесите во културата да се вратат со децении назад.    

ТАРАПАНА

Имајќи го предвид интересот за состојбите во културата во земјава, веројатно само малкумина ќе се присетат дека Владата на РС Македонија, со заклучок од седницата одржана на 9.2.2021 година, го задолжи Министерството за култура  да не ги исплаќа финансиските средства на дел од корисниците за 2020 година без прецизно да ја утврди законската основаност на добиените средства односно валидноста на дотичните проекти. Врз основа на тоа „алиби“ и Министерството за култура го чекаше исходот од истрагата што ја спроведуваше финансиската полиција за државната поддршка за над 100 проекти надвор од финансиските планови, потпишани од тогашниот министер за култура, а сегашен пратеник, за кого Антикорупциската комисија сака да покрене иницијатива за кривично гонење за неговото извршување на функцијата министер за култура. Всушност некој веќе и мораше, кога Владата не сметаше за потребно тоа самата да го направи, иако и овој скандал беше само уште една „јавна тајна“ на македонската културна „шведска маса“, како впрочем и општопознатите и пречесто спомнувани во јавноста сомнителни „поддршки“ – и по квалитет и по износи – на огромен дел од проектите на годишните конкурси на Министерството за култура, особено во делот на „поддршката“ на коалициските партнери од другите етнички заедници. Ама „здодевната“ Антикорупциска комисија и овојпат решила да ги расчистува работите што некој друг треба(л) да ги сработи, пред сѐ Владата, бидејќи и овој беше нејзин „министер“ – како што, впрочем, отвори и многу други случаи, за жал често без вистинска разрешница.

И овој дел одлично се вклопува во општите црнила на македонските состојби коишто, ете, реално се спротивставуваат на симулакрумот на власта и на онаа фразеологија за нашиот „прогрес“, за „силната и европска демократија“ што владее кај нас, за слобода и правда за сите… а особено за заслужената иако сѐ уште неостварена одлука на ЕУ за почеток на пристапните преговори. И последниов случај, којшто (повторно) се заканува да остане без објективна разрешница имајќи ги предвид преговорите за влегувањето токму на таа партија (од чиишто редови беше министерот) во Владата, е само шлаг (и) врз културниот колач, еднакво кримоген, коруптивен и застојан како и грото општествени сегменти. Оттука, кога би рекол дека ние, сосема непотребно и крајно дилетантски изгубивме цели четири години во културата, би бил само делумно во право. Ние губиме веќе 15 години (не само) во културата, сметајќи од онаа 2006 година. Но, ако речеме дека периодот од 2006 до 2016/17 со право го смета(в)ме за безмалу целосно и неповратно загубено време, тогаш мора да бидеме искрени и да кажеме дека времето од 2016/17 сакавме да го броиме како „нова демократска ера“ (не само) во македонската култура. За жал, се покажа дека и тој период бил време на заборавени ветувања и изгубени илузии. Дотолку е поболна загубата на овие години, (не само) во културата! И токму тоа е најголемиот проблем со оваа власт дојдена не заради некаква своја докажана способност туку на крилјата на народното незадоволство од „заробената држава“, за целата работа да заврши како „хибриден режим“ и безмалу целосен распад на системот на маргините на штотуку завршените локални избори. Но агонијата, очигледно е и тоа, продолжува подгревана од локалните шарлатани и навивачи кои глумат аналитичари, но – велат некои – во уште поголема мера и од меѓународната заедница, онаа којашто и ни ја залепи спомнатата етикета. Им одговара ли (и) ним оваа состојба? Имаат свои долгорочни (нереализирани) планови со ваквата гарнитура на власт? А кој не би имал, нели? Циркусот со оној Руте требаше да ни ја покаже нивната загриженост или да ни испорача дополнителен сигнал дека (сѐ уште) ја имаме нивната поддршка? Но поддршка – за што? Е тоа никој не ни го кажува. Меѓутоа, ваквото оддолжување односно продолжување на „маките по Македонија“ од страна на меѓународната заедница веќе утре за многумина ќе бидат одлично алиби за нечинењето, за неработењето односно лошото работење, за криминалот и корупцијата, за непотизмот и кронизмот… you name it! Таа, меѓународната заедница и нејзините „поддршки“ секогаш ќе бидат џокерот што ќе се покажува, и побарува, во сите кризни ситуации. Сѐ додека на овие не им се смачи од нашиве.

А сепак, тој џокер како некакво алиби ама баш никако нема да може да се користи во културата, како впрочем ни за глупостите во образованието, за уништувањето на науката, за катастрофите во здравството… И да сме добивале некакви „смерници“, не сме биле должни истите да ги следиме бидејќи овие области баш и не се/не биле во централниот видокруг на странците. Да, тие ги воочувале проблемите, погрешните патишта, некогаш кажувале (главно индиректно) збор-два, но решенијата секогаш биле – наши. И тука нема затскривање зад некакви „европски инструкции“, зад „американски планови“ и слични будалаштини. Ќе поминат уште многу години, ако не децении, културата (па и образованието, науката, здравството…) да дојдат во сериозниот фокус на интересот на домашната политика. Дотогаш ќе се сменат многу политички гарнитури, од секаква провениенција – и лева и десна – и тоа веројатно е надежта на изминативе и сегашниве циркузанти: дека никој нема да се сеќава на нивните глупости. А тоа не е точно. Историјата секогаш памети такви шарлатани. Следствено, ако мислат дека денешното лесно провлекување со ваквото политикантство во културата, образованието, науката, здравството, социјалата… е трајно, дебело се излажале. Ќе се појават – мора да се појават – генерации без пардон кон ваквото уништување на целиот вредносен систем во културата, кон негрижата за културното наследство, кон катастрофално неуките експерименти со децата и образованието, со разнебитеното здравство… Па белки и ние имаме некои деца од Харвард, од Оксфорд… а не само од нашиве селски универзитети?

Денес нештата изгледаат стравично, како секогаш одново да почнуваме од нула во најважните области на човековиот дух. Се заборавија генерации и генерации македонски културни дејци, писатели, уметници, музичари, актери…, македонската култура се влечка зад политикантсвото на самиот раб на општеството, потиснувана уште подолу и подолу од секакви палјачовци кои делат свои „совети“ и „размисли“ за културата, за уметноста, за државата и што и како таа треба да прави во културата небаре Македонија е сѐ уште во деветнаесеттиот век. Тртљаат за некакво „просташтво“ а простотијата им е единствената мерка во животот, бистрат уличарски политики само подобро да се додворат на власта, се престориле во движечки транспаренти во полза на актуелното политикантство. Токму заради такви протуви кај нас нештата во културата почнаа да се мерат според „светогледот“ на полуписмени групички солидно пришрафени при партиските врхушки, кои се расфрлаат со „тези“ и „теории“ (и) за македонската култура и што и како таа би требало да прави. Во таквите нивни муабети сретсело секогаш се почнува од личните интереси и желби, од „информациите“ и „тезите“ собрани попатно низ животните меани, а сега истурани во македонскиот јавен простор небаре аксиоми. Затоа на едни не им се допаѓа ограничувањето на бројот на проектите, на други им пречи државната поддршка на процесите туку советуваат форсирање на некакви таленти, на трети им пречат институциите, на четврти кратките мандати на министрите… една цела тарапана од неуки и припрости луѓе и „инструкции“, не многу подалечни од нивните општи политикантски ставови за македонската реалност. А што е најсмешно, токму таквите власта ги зема сериозно!

ЕДНА БОЈА: ЦРНО

И сега, после целата македонска зелено-прогресивна и лево-десна шарада, на моменти украсувана со блескави сијалички за да само миг подоцна се завитка во траорни црнила, одново ни останува истото секојдневие на еквилибристички сидра и дополу урнати галии, на големи гробишта среде центарот на „метрополата“ и на фолиранти кои се секогаш подготвени на нови и нови егзалтирачки изливи само за  да ја задржат месечната принадлежност, на политиканти кои и понатаму се удираат в гради и улични „филозофи“ и „политиколози“ и нивните битпазарски „тези“ за некаков уривачки катастрофизам. И понатаму ќе живееме во процепот меѓу две зла незнаејќи кое е поголемото, и зошто, кое е поцрно и понеморално.  Не можете да се оттргнете од чувството дека се менуваат само квалификативите (заробена, хибридна, корумпирана, криминална…) а државата и понатаму – ја нема. Истите политиканти водат војна за смената на местата, не за смена на привидот на државата и нејзината суштина, не за излез од ништожноста во која што нѐ турнаа со нивните дај-дам политики туку за нови враќања назад во македонските задушливи простори. Изгубените илузии на луѓето, нивното достоинство и самопочит како граѓани на оваа држава и по оној 31-ви октомври – а особено по овој 11-ти ноември – остануваат во доменот на некоја недофатлива иднина. Македонија, впрочем, сѐ почесто се идентификува како држава со подолго минато од иднина! Таквиот (црн) современ колорит, по сѐ изгледа, ќе нѐ следи уште долго.

Црното, таа „не-боја“, и обликувањето (на реалноста) одамна не се само чувство како кај Малевич, ниту се супрематистички надредени над реалното; кај нас тие се реалноста – состојба, атмосфера, континуитет на проклетството. Кај нас црнилата се Новиот реализам! Нам ни останува да живуркаме во нашите индивидуални светови затворени во формите на квадратот, крстот, кругот… „Наместо црвено, црно (нула боја); наместо лице, шуплива вдлабнатина (нула линии); наместо икона – поточно, наместо прозорец кон небесата, кон светлината, кон вечниот живот – мрак, подрум, отвор кон подземниот свет, вечна темница“!Вака Татјана Толстој го опшишува делото „Црн квадрат“ на Малевич, некогаш сместено во самиот агол на галеријата за време на изложбата насловена „0.10“ на уметникот во Петроград 1915 година. Звучи познато како чувство, нели?

Како и да е, циркузантскиот „танц“ по острицата на моралот и пристојноста – зашто тоа се категориите што меѓу првите ни недостасуваат – се игра на двете страни. Укажувањата дека македонската политика е во самата суштина неморална, простачка и невоспитана веќе си ги присвоивме како некаков стандард од којшто не можеме да се одвоиме. Значи ли тоа дека нештата треба такви и да останат, без оглед што сите овие, а особено „прогресивцине“, сепак се колнеа во некои други (еу) вредности и стандарди? И бргу заборавија. Ние, впрочем, одамна и престанавме да говориме за неопходноста од воведувањето на културата во политиката, за современ политички говор наместо пцовки, навреди, омаловажување и лаги, за визии за иднината наместо за прикривање на сегашноста и менување на минатото… Ниту една лекција од времето на заробената држава, и пред тоа, и пред тоа… не е апсолвирана, научена. Можни ли се изненадувања, од која и да ѐ страна во блиска иднина? Можна ли е боја во „не-бојата“, во црнилата? Звучи безмалу неверојатно, но останува да видиме, некогаш.

Велам некогаш бидејќи стварноста, во којашто секако спаѓа и реалноста за македонската држава, се гради со дела, не со политикантски и ситносопственички провинциски флоскули, делени „шаком и капом“, на сите рамништа. А ние сме преполни со нив, со коекакви (само)прогласени небесности, посветености, визионерства… или со професионалниот патриотизам, (квази)опозиционерството, дискутабилното левичарење… коишто во основа се сепак само идеи што (треба да) се оваплотуваат низ реалниот облик на активните одлуки и секојдневната пракса. Нашата политикантска реалност/пракса не дава основ за такви размислувања. Црна е, прецрна, дури и без можната поетика на „црноста“ во сликите на Малевич. Ама впрочем, што разбира сељачанава од Малевич?

И некои наши добро платени уличари можат бескрајно да раскажуваат недугави приказни и мечти за идеите што останале да висат во воздухот – празни, нереализирани, преповторувани до здодевност. Но нека, поединците платени за тоа нека се тешат со фактот дека објективното, како што вели Мураками, многу ретко (ќе) може да го надмине субјективното, а реалноста да ја згасне фантазијата. Тоа е така во (полу)свет како нашиов. Но ние од тоа немаме никаква полза. Нема дури ни светот на идеите. Имаат полза само личните жиро сметки на една група платеници кои црното ни го сликаат како бело, кои Малевич ни го вулгаризираат со нивото на нивните партиски молери. Меѓутоа, и тоа е разбирливо бидејќи спознавањето на вистината и реалноста ретко влијае благотворно на животот на луѓето. Тие, луѓето, сакаат да живеат во заблуди, да бидат лажени, некои да бидат и заборавени во светот на идеите без реално покритие. Се пронаоѓаат себеси во простачки алегории и налудничави метафори, а завршуваат со/во решето (повторно Мураками). Вистината мора да се разбере онаква каква што ѐ, или – ја нема. Ама кај нас сѐ уште има поединци, и групи, кои наоѓаат задоволство во лагата и симулакрумот, наместо во логиката и фактите. Затоа и се обидуваат на друг начин а не преку вистината да дојдат до разбирањето на нештата, што е исто како во решето да сакате да задржите вода. Што пак, повторно, е исто како кога сакате црното да го претставите како бело. Но, тоа е нивен избор, треба да бидат оставени така да ги минуваат деновите во надеж дека црното навистина еден ден ќе стане – бело! Или барем шарено.

За жал, такви луѓе – „црни“ луѓе – сметаат дека имат некакво право да владеат со нас. И поткрепени се од платеници на кои не им е важно за кого работат, сѐ дури се добро платени. Сепак, наспроти нивните распеани метафори, чувството на црнила, денес и овде, е доминантно во секој поглед, без оглед на „славеничките“ обиди – сепак забележливо „кисели“ – што сакаат да покажат некаква сигурност, премоќ, константа… Ја нема, ги нема, „самодовербата“ останува само во нивните штабови, па и таму прилично траљава, неуверлива, дури вештачка. Зашто, и тоа се незрели обиди реалноста да се претстави поинаку, да се „офарба“ во некакви славенички бои на виножитото, коишто ама баш никако не можат да ги покријат црнилата.

Но, велат, никогаш не е сѐ така црно. Ајде да видиме.  

(НЕ)ЗАСЛУЖЕНОСТ?

Вториот битен  сегмент од изјавата на Димитров, оној за нашето членство во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ („членка на НАТО и заслужена, иако сѐ уште неостварена одлука на ЕУ за почеток на пристапните преговори“) за културата е речиси ирелевантен. Поточно, не само што НАТО и културата се безмалу два неспоиви поими, туку и (наводно) неостварената „одлука на ЕУ за почеток на пристапните преговори“ е на километри од некаков сериозен видокруг на македонската култура. (Приказните за почитуваниот Руте дека „Прашањето меѓу Бугарија и Северна Македонија е билатерално и не треба да ги запира притапните преговори“ е навистина детинесто. Па зарем спорот со Грција не беше билатерален? Но, најавите за можен старт на ЕУ пристапните преговори за декември – иако не кажува која година – се надежни).

Меѓутоа, интересна е онаа вметната придавка „заслужена“ во изјавата на вицепремиерот Димитров, којашто во целата реченица некако „штрчи“, иако очигледно треба да даде посебен акцент. Што е разбирливо бидејќи токму во неговиот мандат како министер за надворешни работи Македонија одработи најголем дел од (поважните) задачи за евроинтеграцијата. Ја потенцирам придавката поважните бидејќи кај нас, во тој „домен“, никој не ја гледа и културата, па ни науката, образованието, здравството… Тие се оние „поневажните“ и секогаш во позадински план области коишто, наводно, Европската унија баш многу и не ја интересираат. Што не е точно, се разбира. Инаку, зошто во годишните извештаи на Европската комисија би фигурирале и делови за овие област? И може ли воопшто една држава да напредува – или „прогресира“, како омилен збор на власта! – само во одделни домени, а остатокот да го држи во заостанување од половина век? Зашто ние, наводно обрнувајќи повеќе внимание на „поважните“ области, тотално го запустивме она што некогаш го викавме „општествена надградба“, што реално е прилично точен израз и денес. Зашто, една од причините – покрај бројните други – за состојбите во државава е недостатокот на култура, и образование, и наука… И морал, се разбира, и одговорност… итн.

Како и да е, придавката „заслужена“, пришрафена на нашиот евроинтегративен процес, е крајно дискутабилна. И тоа не е (само) моја констатација, туку на многумина далеку покомпетентни за овој процес поединци. Впрочем, такви тонови, дури со многу посилни квалификации, беа/се искажувани и од дел од земјите членки на Унијата. Следствено, нашиот „заслужен“ почеток на пристапните преговори никако да започне, па ова самоквалификување за овој процес стои прилично лабилно.  Иако, повторно, ако се цени комплетната подготвеност на земјата за пристапните преговори, дури и да е само културата онаа проблематична област, тие не би започнале уште барем една деценија. А не е само културата, се разбира.

Во овој контекст, ако дури и бегло ги следиме сигналите што меѓународната заедница – поконкретно ЕУ, иако американските се уште поинтересни! – ни ги испраќа(ла) низ годиниве, па и денес, не сум убеден дека така одлесно би ја потенцирале придавката „заслужен“ за патот по којшто се движиме. Дали пак како држава сме умееле да ги прочитаме сигналите, односно дали сме сакале/умееле да ги прочитаме е исто така дискутабилно! На пример, последниот Извештај на Европската Комисија за Северна Македонија прецизно отсликува многу состојби во државава коишто баш не неаликуваат на „заслужена, иако сѐ уште неостварена одлука на ЕУ за почеток на пристапните преговори“. Таму, на пример, покрај постојаните повторувања на неипсолнетите обврски од претходните години/извештаи речиси во сите области, се вели дека земјата има одредено ниво на подготвеност, односно е умерено подготвена да го примени правото на ЕУ и европските стандарди во областа на владеење на правото (Поглавје – 23). Ама „одредено ниво на подготвеност“ не е „заслужено“, нели. Или, Извештајот на ЕК ги потврдува направените реформи во правосудството но укажува дека останува да се осигура нивното соодветно спроведување, со акцент на потребата од доекипирање на институциите со високо обучен кадар и соодветна опрема. Извештајот на ЕК во делот за судскиот систем на земјата оценува дека е остварен одреден напредок во однос на имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, но вели и дека се неопходни напори за гарантирање системска имплементација на надградениот акциски план на стратегијата за реформи во правосудството и стратегијата за човечки ресурси за судството и обвинителството. Што, повторно, не е баш нешто „заслужено“.

Корупцијата пак, се вели во Извештајот, е распространета во многу области и останува прашање на загриженост и дека земјата треба особено да работи на: продолжување на напорите за борба против корупцијата преку зголемување на поддршката за релевантните тела, спроведување на Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси и обезбедување јасни насоки за државните институции; да се обезбедат соодветни ресурси за Канцеларијата на основниот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција со цел да се обезбеди ефикасна одговорност за делата што произлегуваат и се поврзани со прислушувањата, како и за нови случаи на корупција од висок профил; да продолжи со зголемување на учинокот на пресуди во случаи на корупција на високо ниво, проследено со конфискација на криминални средства, врз основа на позитивните резултати од минатата година, итн.

За важното Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност – Комисијата оценува дека земјата е умерено подготвена за спроведување на правото на ЕУ и дека е постигнат одреден напредок во однос на минатогодишните препораки, но исто така се потенцира дека и повеќето препораки од извештајот за 2020 година остануваат важни, при што особено треба да се работи на: продолжување на проактивното спроведување на институционалните реформи во безбедносниот сектор (криминална полиција, финансиски единици, Национален координативен центар за борба против организираниот криминал) за да се постигнат понатамошни опипливи резултати; продолжување со имплементација на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, вклучително и во образовниот сектор и обезбедување ефикасно работење на канцеларијата на Националниот координатор со доделување доволен буџет; систематски да се регистрираат мигрантите и да се подобри профилирањето чувствително на заштита, притоа усвојувајќи посистематски пристап во борбата против криумчарењето мигранти.

Понатаму, државата има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал, но напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат. Притоа, некои од претходните препораки од извештајот за 2020 година остануваат важни, односно неисполнети: натамошно подобрување на учинокот на истраги, гонења и пресуди за организиран криминал и перење пари, и демонстрација на способност за ефикасно разбивање на големи криминални мрежи; усвојување и спроведување на потребната легислатива која ќе ја регулира активноста на Канцеларијата за наплата на средства и ќе ја подобри ефективноста на националниот систем за наплата на средства; распределување на потребните финансиски и човечки ресурси за истражните центри, формирани во Основното јавно обвинителство, со што ќе им се овозможи да ја зголемат ефикасноста на истрагите и да ја подобрат меѓуинституционалната соработка, итн, итн.

И сега, може да се дискутира што во овие области е реално постигнато, што не е направено, што треба да се направи… ама сето тоа ставено на куп не заличува баш на „заслужено“ започнување на пристапните преговори. И секако дека е разбирлив речникот на почитуваниот вицепремиер, речиси и не може/не смее да биде поинаков. Но таа „заслуженост“ сепак е, се чини, вештачка, избилдана на мускули, но не наши туку европски и американски, ние само стававме против-тегови на нивните напори. А за културата воопшто и не ни се потребни извадоци од некој извештај на ЕК. Луѓето од културата, освен оние малкумина пајташи на власта, секојдневно ја живеат незаслужената реалност во македонската култура.

СИЛНА И ЕВРОПСКА КУЛТУРА?

Уште еднаш: зошто (за мене) е интересна спомнатата изјава на Никола Димитров? Во еден поширок контекст таа секако дава некаква слика за илузијата што очигледно е општоприфатена во Владата, но тоа не е нешто ново. Јас ја земам за пример заради (барем) две причини. Првата е што таква изјава дава веројатно единствениот висок македонски политичар со европски „шмек“ во оваа власт. Можете да замислите како останатите размислуваат, на пример министерон за надворешни, па оној за градежништво, па „славниот“ Филипче и др. Изјавата, секако, е особено актуелна и за подлабока политичка и социолошка анализа, онаква каква што веројатно кај нас нема да биде направена. За жал. И второ, бидејќи, како што веќе реков, современите културни процеси и практики во земји како Македонија, во најширокиот нивен опфат, се невозможни без сериозна проевропска (колку се профаниса и овој поим кај нас!) политичка и општествена поддршка. А токму за тој најактуелен опфат/контекст говори Димитров. Некои нешта посочени во неговата цитирана изјава се секако стандард (и) за современа култура како дел од едно современо општество.   

Оттука, повторувајќи ја неговата од многу аспекти „жива“ (или живописна, како сакате) изјава (дека македонскиот политички правец сѐ уште е „(…) силна и европска демократија, слобода и правда за сите, членка на НАТО и заслужена, иако сѐ уште неостварена одлука на ЕУ за почеток на пристапните преговори“), прашањето е: што и колку од сето ова може да се „залепи“ за состојбите во македонската култура? Па секако веќе почетната нагласка на „силна и европска демократија“ е нешто без што културата не може. Поточно – може, културата е жилава „материја“, сме имали ние и периоди на многу слаба и неевропска „демократија“, дури премногу и предолги. Но што е тоа што денес би упатувало – во културата, се разбира – на таа „силна и европска демократија“. Пред сѐ, кај нас се речиси неспоиви зборовите „силна“ и „демократија“ и „силна“ и „култура“. Кај нас нема „силна демократија“, уште помалку „европска“, па следствено не може да има ни силна и европска култура. Такво нешто кај нас нема и не може да има бидејќи културата, како што најчесто велам, не е дури ни последното дупче на кавалчето (и) на оваа Влада. Иако, за да бидеме искрени, груевизмот умееше да ја препознае важноста на културата за секакви па и политички цели и умееше да ја (зло)употреби. Не мислам дека тоа и денес, или вчера, треба(ло) да се прави, но ваквото игнорирање на културата како сегмент на општеството, на политиката, на власта односно Владата, кај нас до денес не е видено.

Не случајно претходно цитирав еден-два воведни дела од Новата агенда на ЕУ за културата, каде е отсликан современиот пристап и однос на европските држави кон културата, нејзините вредности и цели. Каде тоа го гледаме во Македонија? Каде во Македонија, во културата, гледаме можност за граѓанинот за културен и социјален развој и економски раст? Кои се, каде се, какви се тие силни и проевропски, демократски државни/владини механизми што на граѓанинот му овозможуваат целосно да ги користи потенцијалите на културата (и образованието) за вработувања, за активно (со)учество во културните процеси, за засилување на македонскиот а со тоа и на европскиот идентитет? Силната и проевропска, прогресивна култура е еден од кохезивните столбови на едно модерно општество што нуди визии за современа атрактивна држава. Каде е таа култура кај нас, каде се тие визии, кој треба да ги понуди? Во денешните општества на растечка социјална нееднаквост, мултикултурализам, радикализам и популизам – а Македонија не е исклучок во ова –  современите културни концепти ја гледаат културата како трансформативна сила за регенерација на општеството и зближување на луѓето. Каде е овој сегмент во македонскиот актуелен културен „концепт“? Имаме ли одговор на овие и на уште стотина слични суштински прашања кога говориме за „силна и европска демократија“ (и) во културата, за прогресивно општество и сл.?  

Ако пак мислиме – како што се потенцира во цитираната изјава – дека живееме во „слобода и правда за сите“, ја имаме ли истата и во културата? Зашто, без слобода и правда можеби може да функционира некој друг сегмент во општеството, но културата никако. А ако велиме дека граѓанинот е навистина слободен и живее во европска демократија, зошто не можеме да ги видиме придобивките од овие процеси, барем во културата? За која слобода на вработување и социјална правда можеме да говориме во целосно партизираната македонска култура со случаите Струмица, Тетово, Штип… и редица други при изборот (не само) на раководни кадри во културата? За која и каква слобода во културата говориме кога министер за култура забранува јавно прикажување на филм финансиран токму од неговото Министерство? И кога до него, рамо до рамо, стои и директорот на Агенцијата за филм како стручно тело на Владата? Зарем слободниот македонски граѓанин – ако е веќе слободен, нели – не умееме да направи слободна проценка на едно уметничко дело или културен производ? Или, кога веќе говориме за „слобода и правда за сите“ (и) во културата, ги подразбираме ли тука и лицата со посебни потреби и каде се тие во македонската културна понуда, во грижата на државата за нив, спаѓаат ли и тие во она „слобода и правда за сите“? Или мислиме дека културната партиципација на овие луѓе не спаѓа во овој дел туку можеме да го решаваме со дилетантски изложбички и „активности“ за овој дел од популацијата? И дали под „слобода и правда за сите“ во културата се подразбира целата територија на државата или само „метрополата“, главниот град? И за која и каква „слобода и правда за сите“ во културата говориме кога ќе спомнеме градови како Делчево, Берово, Кратово, Демир Хисар…?  

Ако за европските демократии културата (и образованието) значат столбови на националниот идентитет, каде се овие столбови кај нас, во македонската култура? Во фарсичното но од државата наметнато самоменување на етничката припадност на граѓанинот заради вработување во културните институции? Или можеби во насилните политикантски и од дилетанти диригираните образовни „концепти“? Тоа ама баш никако не би била „силна и европска демократија“, уште помалку „слобода и права за сите“ во културата, во образованието, во науката…!