Monthly Archives: March 2016

ОМАЛОВАЖУВАЊЕ

1.

Го слушам оној од Советот на јавни обвинители, оној кој на г-ѓа Јанева и’ вели „му рековне“, „му го дадовне“, „му објаснив“, како се жали дека таа го омаловажувала. Него. И неговиот Совет. А не знам што очекувал(е)? Нешто друго? А зошто?

Омаловажувањето, како спротивно на уважувањето односно почитувањето, веројатно е непријатно да се доживее. Лично, но и да му се приреди на друг. Особено ако е – без причина. Иако, велат, дури и кога е со причина, па нека е и добра тоест соодветна, омаловажувањето е прилично непристоен гест / исказ. И тука не би имал што да одземам или додадам. Освен дека тоа важи за цивилизирани земји и нормални луѓе. И нормални состојби, се разбира. Ние – поточно тие – не с(м)е ни едното ни другото. Најмалку третото.

Не знаеме како г-ѓа Јанева „го омаловажила“ оној од Советот, сосе компањоните му. Знаеме само според неговото кажување односно дека изрично им рекла дека нема намера ништо да им објаснува, нема намера повеќе да доаѓа и ги замолила да не ја повикуваат. И што е тука омаловажувањето? Не рече дека ги пцуела, дека била дрска, дека била непристојна. Го кажала тоа што и претходно им го кажуваше низ соопштенија и сите сме сведоци на тоа. Тоа ли е омаловажување? Им кажала дека, според Законот за СЈО, таа нема обврска да се појавува пред нив и да им објаснува. Ништо. Таа има обврска да им достави извештај и таа тоа го направила. И што сака човеков?

Добро, и мене во неколку наврати, „добронамерно“, ми било „укажувано“ дека во одделни текстови (арогантно) омаловажувам извесни ликови. Особено некои од власта, па и оној од почетокот. Јас тоа не го гледам така. И ќе образложам.

2.

Но прво – за првиот. Уважувањето тоест почитувањето се заслужува. Точка. Не можете некого да уважувате, да го почитувате ако сметате дека тој тоа не го заслужува. Оној од почетокот, уште кога стапи на сцена пред неколку месеци и си се виде главен во последниот чин на драмолетката, направи се’ да се сроза и како стручњак – ако воопшто тоа го донело на таа функција – и како личност. Никој не го тепаше по уши да се кочопери, да се сили, а потоа како попче да прифати се’ што ќе му наредеа газдите. На таков начин не се стекнува уважување! И не само што не престанува, туку продолжува. Упорно држи лекции некому, ни самиот не знае кому, ама и тоа го прави на толку вулгарен начин што од ден во ден го губи и она малку уважување што кај некого по инерција останало. Не можете, ве молам, пред камери да се однесувате како да сте на својата нива во Свирипичино и да давате изјави на некој неразбирлив јазик. И кој да ве разбере? И како? Какво тогаш почитување очекувате? И од кого?

За таквите луѓе почитување немаат ни нивните газди. Зарем инаку би им давале такви понижувачки задачи контра здравиот разум, контра моралните и професионалните норми? Зарем човек кој очекува уважување прифаќа такви задачи, се нафаќа на такви бедотии? Оттука, нивното самоомаловажување / себепонижување им дава право и на другите да им го прават истото!

Впрочем, идентичен е случајот со истата г-ѓа Јанева и она што некои се’ уште го нарекуваа Собрание на РМ односно онаа квази Комисија за политички систем. И нејзиниот божем претседател – оној кому во биографијата му стои само датумот на раѓање. И тој секојдневно се треска од земја дека некој, со недоаѓањето да го образложи она за што нема никаква обврска, го омаловажува Собранието. Иако од тоа Собрание не остана ама баш ни „с“ за почитување, уште помалку пак на тоа имаат право да се повикуваат истите оние кои дозволија тоа да се случи! И на таков начин. А впрочем, кој и каков ли е угледот на тој божемен претседател на таа Комисија, па некој да запне да го омаловажува?

3.

Токму тоа е и основниот проблем, па и во некои мои текстови во врска со одделни ликови од македонсково веќе мачно секојдневие. Особено некои персони од културата, вклучувајќи тука и „видни“ уметници но и „почитувани“ функционери! Не можете, имено, да барате некој да ве почитува кога веќе во стартот самите сте се омаловажиле до крајни граници. Кога сте се откажале и од чест и од достоинство, некои и од професијата, други пак ни тоа го немаат, сте прифатиле газдите да ве газат и плукаат, да ве командуваат и од вас да прават палјачовци и парталковци. Не можат да очекуват уважување односно почит луѓе сплотени со банда криминалци за чии злодела слушаме веќе цела година, луѓе кои упропастија се’ што допреа.

И токму тие од другите бараат да не ги омаловажуваат. Па тоа некако ви следува, природно, после се’ што и’ приредивте на оваа земја и на овој народ. И себеси, се разбира!

ТУЃИ ПЕРЈА

или

ЗБУНЛИВ ОТЧЕТ (3)

8.

Проблемот со нашиве не е мал. Голем е, пресериозен и парадигматичен. Такви неуки луѓе, такви лажговци и преваранти не би можеле толку години да опстанат во ниту една друга средина освен ваква, нашава, која што очигледно погодува за такви типови. Виреат како луди, а милјето ги прифаќа како свои, родени, најмили! Зашто, цели десет години оваа влада и нејзините институции глумат систем, глумат држава, а не знаат што да прават со себе. И со нас. Односно, тие очигледно знаеле што и како да прават за себе, а ништо за нас и со нас. И се’ им поминуваше – мазно, акламативно. Сите лаги и превари, сите марифетлуци и манипулации, сите подлости и неукости, како во некоја Недојдија на крајот на светот. Цела деценија системот се пресликува од горе надолу и никој не прашува ни што ни како. Последниот им „Отчет“ е само црешка на врвот, шлаг врз лажната торта. Владата цели 3.500 „проекти“, Министерството за (не)култура по 2.000 „проекти“ годишно, другите којзнае колку … па со толку завршени значајни проекти оваа земја ќе беше три Швајцарии! И барем две Германии. Заедно!

9.

Кога ќе прочитате дека Министерството за (не)култура, само во една година, реализирало ни мање ни више туку 2.000 проекти, треба да ги предложите за Нобелова награда. А никој тоа не го прави! Зошто? Зашто знаат дека се’ е лага, жива превара …?

Нашево непрежалено Министерство за (не)култура смислило одличен трик. Бидејќи и така ни знаат ни можат да смислат што да работат, им текнало дека друг треба да работи за нив. И затоа се’ што се финансира од нивниот буџет – а наши пари – ќе го носи нивното лого и ќе претставува нивен „проект“. Тие само треба да распишат конкурс. Па едно по едно, десет по десет, лесно се доаѓа до 2.000 кога друг работи за нив! Згора на се’, институциите задолжително мораат на сиот печатен материјал да го ставаат и логото на Министерството за да остане доказ, трага дека и тие нешто сработиле. Е тоа се тие фамозни 2.000 „проекти“ што ги сработило Министерството за (не)култура во минатата година. Ама, кога имате таква лажлива Влада, нормално е да имате и лажливи државни органи и институции и сите да се бават со една те иста лажлива математика!

Оние кои не веруваат нека го отворат сајтот на Министерството за (не)култура и нека побараат нивна програма. Нема. Односно има, ама таа се вика Годишна програма за остварување на националниот интерес во културата. И во неа се содржани, поименично, сите проекти / програми на институциите (национални и локални), на здруженијата и асоцијациите, на поединците, кои биле финансирани од буџетот на Министерството. И ништо друго нема во таа нивна „програма“, зашто ништо друго – освен финансиски трансакции – тие не работат! Сметководителна агенција со големи трошоци.

Но, впрочем, тоа е истиот штос на Владата. Се китат со туѓо перје, зашто во отчетот на Владата ќе ги најдете речиси сите покрупни градежни (а кои други?) зафати на Министерството за (не)култура! Тие се китат со перјата на Министерството, а Министерството со перјата на институциите. И со парите на граѓаните!

10.

Но, и Министерството и Владата во едно се исти. Никаде нема да го најдете специфицирано она најважното: парите! Министерството за (не)култура бега од нив како ѓавол од крст, во извештајна смисла, се разбира. Затоа и нема јавен финансиски извештај цели десет години зашто многу фекалии ќе испливаат на површина. Цела септичка јама, попрецизно! А извештај, за живо чудо, особено финансиски, никој и не им бара. Демек, навикнавме тие да ни ги трошат парите како ќе им прдне на памет? Па не ќе да е така, зашто утре некој ќе го направи тој извештај!

Но, истиот систем на (не)отчетност е применет и во фамозниот „Отчет“ на Владата. Тие пак, од прикажувањето на парите, бегаат како три ѓаволи. Прикажано е само тоа што морало да се прикаже – главно странските пари од разни фондови, парите за некои локални патишта, и толку. Сиот оној галиматијас од градежна актива поминува нечујно што се однесува до парите. Никој не сака да каже што и колку навистина чини!

Но, тајновитоста не била единствениот проблемиот на овие и вакви „отчети“. Тие, за жал, уште поексплицитно објавуваат колку луѓево немаат појма што и како (не) работат, односно работат – погрешно! Погледнете ја само убиствената линија Влада – Министерство за култура – културни институции – приватен сектор. Владата, не знаејќи во здодевноста што попрво да приграби, се заплетка во надлежностите на Министерството за култура измизлувајќи и „конципирајќи“ музеи, па безмалу во целата малоумна измислица „Скопје 2014“, па во издавачката дејност измислувајќи едиции по некаква нивна „мерка“, во археологијата итн. Истиот терк го следеа и оние во Министерството кои, умирајќи од досада, се зафатија со редење скулптури низ градот, па со откупи на уметнички дела директно навлегувајќи во законските ингеренции на музеите, па (да не останат и тие покуси од Владата) со издавање на свои едиции и измислени издавачки „проекти“ одземајќи им ја работата на издавачките куќи итн. Како се зголемуваше веќе неподносливата досада и тоа им стана малку па почнаа да откупуваат драмски текстови, музички композиции (од турбо фолк до симфонии), помислија дека знаат нешто дури и за дизајнот и модата и слични будалаштини! И сето тоа зашто, кутрите, немаат појма ни каде се ниту пак што и како треба да работи една влада или едно министерство за култура!!! Затоа и кога ќе им ги видите „отчетите“ ве фаќа урнебесна смеа. Или тага.

Со таква епохална глупост и незнаење не се бевме сретнале досега. Не’ фатија неподготвени. Барем да се зафатеа со нешто поконструктивно, нешто што сигурно полесно се учи. На пример, да земеа по една метла и да го зачистеа малку градов? Ги има доволно: околу 200 во Министерството за (не)култура и сигурно уште толку во Владана. Тоа е, богами, сериозна работна сила!

*

Наградно прашање: Дали оној Аневски би се осмелил да му го одбие „Отчетот“ на својот газда?

 

ПРОЕКТОМАНИЈА

или

ЗБУНЛИВ ОТЧЕТ (2)

5.

Да не спомнеше и шефот за лаги на властодршциве, оној од Велес, дека основна задача на власта е да продуцира проекти, можеби и ќе го баталев славниот им „отчет“ со којшто веќе цела држава почна да се заебава. Ама овие не попуштаат, таа проектоманија ги зафатила подеднакво силно како и златната им треска. Небаре нема живот без проекти, ни владите ниту пак министерствата низ светов не би знаеле што и како да прават со себе ако не трчаат по проекти! А нашиве богами трчаа(т). Маратон. Што повторно не’ убедува дека појма немаат што и како треба да работат. Ама уживаат да раскажуваат колку многу работат! И тоа е секогаш така со некадарници, со неработници, со оние кои во животот не сработиле ништо освен производство на празни зборови колку многу сработиле.

Не ме мрзеше да отворам неколку владини сајтови од европскиве држави и да видам по кои и какви тоа проекти трчаат европскиве влади. Белки овие нашиве се угледалале на нив, а јас, по обичај, сум заостанал во следењето на современиве трендови во работењето. Прва што ми падна в очи е Владата на Обединетото Кралство – онаа на Даунинг 10 – а за која што веднаш ви е јасно дека ама баш ништо не работи. Барем според сајтот, нели. Прво, на него нема никакви забавни сликички на премиерот или министрите од типот „запознајте ги “ и слични PR глупости. Како да граѓаните не си го  знаат премиерот. Ама затоа го има основното мото: поедноставно, појасно, побрзо! И дава податоци за сите релевантни прашања што би го интересирале еден граѓанин: даноци, образование, работа, животна околина, деца, државјанство, правосудство … Се разбира, имате линкови до сите поважни владини политики, публикации, објави, статистики … буџетот, се разбира, итн. Она што британската влада го потенцира се нејзините политики, во сите области, и тие се абецедно наредени, од академии (A) до млади (Y)! Нема проекти!!!

6.

Добро, мислев дека британцине се и така познати по нивната специфичност, да не речам одлепеност, па затоа им е и владата таква. Ама и кај германците ништо не е подобро. И тие не работат по проекти. Но, прво, имаат повеќе сликички. Можеби frau Меркел сака да се слика? Ништо лошо во тоа. Ама, повторно, нема проекти. Никој не знае што и како работи таа (федерална) влада?

Сепак има нешто што се вика „теми“ (Themen) и каде се спомнуваат прашања како: демографската стратегија, германското единство, Европа, еврото, миграцијата и интеграцијата, Г7 / Г20 … итн. Што ќе рече, се спомнуваат базичните политики на владата во дадените области. И повторно – нема проекти! Нема „ќе изградиме ова и она“, „ќе отвориме тоа и тоа“ … Што значи дека и овие ништо не работат и земаат (голема) плата за џабе!!!

Трета среќа, Влада на Франција! Тие секогаш биле традиционалисти,  централизирани, сигурно кај нив барем нешто наликува на нашево. Нормално – не. И тие како и сиот нормален свет се бават со своите политики и не се истоштуваат во трките со проекти. И, се разбира, лесно воочливи и јасно презентирани се главните правци на дејствувањето на владата како Les Actions du Gouvernement (Акции на Владата): главните документи за владините политики и реформи, културата (!), одбраната и безбедноста, економијата итн. Оние што ќе се зачудат што токму културата е втора на листата на врвните приоритети, не знаат што е Франција!

Но, да не бидам несправедлив, и на сајтот на нашата „Влада“, во нејзината програма, помеѓу останатите, стои точката култура. И тука се прераскажува – поточно: буквално се препишува – оперативната „програма“ на Министерството за (не)култура, па вели: изградба на концертна сала на Македонската филхармонија; изградба на културно образовен центар во Тетово; изградба на театар во Велес; изградба на Турски театар … итн.! Се’ од А до Ш што стои во „програмата“ на Министерството за (не)култура, која што пак не е ни нивна програма туку е програма на институциите во областа на културата! А овие само даваат пари. (Но за ова повеќе во следната прилика!).

Кај Французите е прилично поинаку. Тие ништо не градат, или можеби градат малку, ама билдаат знаење: Француски дигитален план за едукација (документ); Франција го реформулира нејзиното високо образование и истражувачки систем во 25 кластери (документ); Европа, културата и дигиталната средина: можности за стратегија 2014-2019; Основни показатели за културата (документ / статистичко истражување) итн.

7.

И навистина човек ќе се праша работат ли овие држави нешто, можно ли е во нивните земји баш се’ да е изградено, стокмено, наредено … нема ли некаде да се стави некоја нова цигла, да се асфалтира патека, да се удри лопатче ако не лопата? Или овие токму тоа не го сметаат за работа туку за некаква маргинална, тековна активност со која што никој не треба да се фали? Впрочем, за тоа ли ни се потребни влади и министерства, да редат цигли и фрлаат лопати? Па тоа ќе го сработи – дури и подобро – некоја малку поугледна градежна фирма. Сите институции ќе и ги кажат нивните потреби, овие ќе направат проекти, ќе довлечкат механизација и завршена работа. Или некој мора и да се слика? Па ќе се сликаат директорите, и работниците, оние кои навистина нешто сработиле, а не премиерот и министрите кои само ги прелеале нашите пари. Малку во градбите, малку на Белизе!

Или, ако сакате, влада што се фали со градежни работи не е влада туку е градежна компанија. Министество што се фали со туѓи проекти не е министерство туку селска задруга. Со многу пари. Ако владата не ни каже што сработила во клучните државни сегменти – безбедност, интеграции, соживот, подобар живот, граѓански / човечки права – таа влада може да се слика. Сосе чичко Страхил, или Драган, сеедно!

ЗБУНЛИВ ОТЧЕТ

1.

Колку глуп, или продаден, треба човек да биде за да каже дека „Системот на отчетност, на начин кој го прави нашата Влада, е врв на транспарентност и нешто што го нема можеби никаде во светот. Од вчерашниот собир се виде дека се работи тимски и дека се внимава на сите сектори на општественото живеење, со цел да се обезбеди балансиран развој. Видовме дека се мисли и на здравството, и на образованието, и на економијата, и на државата, за сите граѓани на оваа држава да се убедат во целосниот и сеопфатен ангажман на владејачката гарнитура. Ова е еден од ретките случаи кога се почнува со ветеното, а се завршува со реализираното“ (Ристо Никовски). Единствено е точно дека низ годиниве видовме дека се работи тимски, дека се внимава и дека се мисли, но не на државата туку на сопствениот џеб. И точка! А ако некој ужива да изигрува глупи август, тоа е негов проблем.

Но, на страна ваквите (пот)платени шарлатани и нивното „експертско“ мислење беше завидната бројка на реализирани проекти на Владата. Цели 3.500 проекти за десет години! Е пред вакви бројки и експертите молчат, нели. Зашеметуваат, признавам. Иако кратко, ама сепак. Ама и ве тераат да мислите. Ако сакате, се разбира, и умеете! Па така, иако не сум некој математичар, толку знам: тоа се 350 проекти годишно, што ќе рече еден проект дневно, со неколку дена (15) годишен одмор. И од проекти и од држава. Па мора и тие да здивнат, нели!?

2.

Се разбира, говорам за некаков просек, и ме чуди што ниту еден од „аналитичариве“ не обрнал внимание на тој податок. Дури ни шарлатанот Никовски. Нив повеќе ги импресионира формата – како сето тоа било организирано, па дедо (или чичко?) Страхил, па бројот на страниците на „Отчетот“ итн. – а не ја гледат суштината. Според која луѓево се убиле од работа. Зашто, повторно, тоа е еден проект дневно (во просек): да се смисли, да се организира, да се реализира, да се соберат ловориките …! Само човек што ништо не сработил во животот, ниту еден проект, поминува така бегло преку тој факт!

Иако, признавам, на втора мисла малку ме буни бројката 3.500. Некако е, прво, премногу заокружена. Зошто не се, на пример, 3.468 проекти? Тоа звучи некако понормално, поприфатливо односно нештелувано. Или навистина биле 3.500? И баш да се погоди по еден проект дневно, плус 15 дена годишен одмор кога никој нормален не работи? А всушност токму тој факт ме убеди дека овие не лажеле. Сигурно биле толку проекти зашто тие, по обичај, не одмораат, или и кога одмораат истовремено и работат. Ене, на пример онаа фамозна фотографија на „големиот архитект“ и фамозните наочари што се сончаат на некоја плажа во Израел. Тоа само навидум е излежување, а всушност е напорна работа. Сосе наочарите. Затоа, да сакале да наместат, да излажат, би кажале дека биле 3.650 проекти. Точно по еден дневно! Бидејќи народот, оној нивниот, точно знае дека тие работат и кога се на одмор. И ќе им поверуваа. Ама вака повеќе им веруваат.

Но, повторно, нешто ме буни: ако толку работеле, по еден проект дневно, кога стигнаа да го однесат сето она од земјава? По Белизе и други дестинации? Или тоа им се всушност „проектите“?

3.

Од друга страна, ме буни уште нешто. Ме буни и нивната некоординираност, што е недопустиво за една ваква влада која по правило била координирана во се’. Особено во тендерите, разнесувањата на домашните богатства, задолжувањата …! Ова го велам од причини што неодамна пишував за еден сличен „отчет“ – зашто кај овие не постои формата на извештај, со сите вообичаени, и неопходни параметри, особено финансиските, како во другите нормални држави – оној на Министерството за култура. И тогаш, актуелниве ни (не)културњаци, на чело со националната министерка за (не)култура, не’ просветлија дека тие ја исполниле нивната годишна програма за цели 98 проценти! И не само тоа, туку тие да ти реализирале цели 2.000 проекти во изминатата година, што со проста математика покажува импозантни (речиси) 5,5 проекти дневно! И тогаш напишав, а сега повторно потпишувам: таков процент навистина не остварува ни малион Ким, а нашиов Гру може само да сонува.

И тука почнуваат сите мои дилеми околу ваквите „отчети“. (Тука начелно и завршуваат, се разбира, се’ дури немаме подетални податоци – а ќе ги имаме, набргу, како што се одвиваат работите со Катица – особено оние со финансиски показатели). Односно, не можам да разберам како Владата, па нека е и без Гру, а не е, очигледно, дозволува вакви дискрепанци и подјебавања, особено од едно Министерство, па нека е и толку неозбилно како што е Министерството за (не)култура! Како можат да си дозволат само тоа Министерство, со такви дунстери и полуписмени залегнати внатре, за една година да сработи две третини од нивните десет години? Со што тогаш се фали таа Влада? Со трошки? И зошто воопшто се резилеле, па инсталирале толкава маса за да се соберат сите ко ритерите на полутркалезната маса, па печателе 10 кила тешка книга, па го мачеле пусти Страхил да доаѓа, а овој знаејќи го резилот си испратил делегат во ликот и името на Драган, итн.?

Ако веќе сакале да се прчат, а сакале, очигледно е, зашто на оној Гру му е досадно дома, најелегантно ќе го решеле проблемот со повторно експонирање на актуелната министерка за (не)култура – а се знае колку таа ужива да се слика и да говори глупости – и со нејзините 2.000 проекти пута десет години! Што ли тогаш ќе кажеше пусти Никовски? Ќе паднеше во несвест. Цели дваесет илјади проекти! А не овој, се трти со 3.500 сработени проекти, па ги испрашува министерчињана ко мали деца, па овие кутриве одговараат. Да не беше Страхил, пардон Драган, да ги насмее …

4.

Нормално, циркусов ќе заврши, кога тогаш. А со него и сите шарлатани и шетачи по жица што задолжително се муваат околу таквите шатори. Тогаш сигурно ќе го дознаеме вистинскиот обем на тие 3.500 „проекти“ за десет години, и оние 2.000 „проекти“ за една година. Тогаш ќе почне и новиот циркус, оној на Катица, со новото испрашување. И се’ ќе се разјасни!

ДЕМОКРАТСКА НЕКАПАЦИТЕТНОСТ

или

КАПАЦИТЕТИ (7)

19.

Се разбира, кога демократските капацитети на овие би биле на некакво подносливо рамниште, нека е и сосема на црвената линија, сите други нивни „капацитети“ би биле ставени во втор план. Нека говорат како што сакаат, па дури и марсовски, нека се однесуваат како последна сељачаана во државава, па и нека не бидат докрај стручни и професионални за местата што ги окупирале. За една млада демократија како македонскава демократските капацитети на политичарите се сепак најважни. Иако држи и реченицата „што ќе ми се твоите демократски капацитети кога си глуп ко ноќ“! Сепак, дури и со најглупавиот, но демократски настроен тупак човек може да се разбере. Со овие – никако! Кај нив, покрај се’ друго, недемократичноста односно комплетното отсуство на такви бразди во мозокот е стопати проверен факт.

Иако, по правило, позите се секогаш оние на научена на памет или одглумена демократичност, подготвена за камери и за народ, како претставана со „отчетот“ што самите си ја подготвија и самите ја изгледаа! Со детско воодушевување и малоумно ракоплескање! И чичко Страхил, нормално.

20.

И не велам дека тоа, таа добро извежбана за одглумување демократичност, е нивна измислица. Далеку од тоа, но овие ја усовршија речиси до перфекција. Како впрочем и сите други идиотштини. На пример, уживаат да формираат комисии. За се’ и сешто, односно таму каде што не можат да избегнат. Делумно за да не се заврши работата, но делумно и за да се задржи демократската фасада. Но, истите тие комисии требаа да бидат, и беа, одличен чадор и за сите промашувања, малверзации, лаги и прелаги на челните луѓе на власта.

На пример, Исмет Рамадани, член на Комисијата за помилување на претседателот на државата, вели дека Комисијата има само советодавна улога да предложи / препорача, ама Хорхе најчесто си тера по свое. Помилува(л) како и кого ќе стигне. Воден од што, од какви дополнителни информации или интереси што ги нема(ла) Комисијата? И зошто не ги кажал? Што ќе рече, ние сега имаме статус „дупло голо“! Ем Комисијата покриена со („само“) советодавниот статус (а зошто тогаш воопшто постојат?), ем претседателот (или кој и да е друг) „демократски“ заштитен со неа, ама со своето ексклузивно право самиот да одлучи за се’! Па зошто му е тогаш таа Комисија кога самиот е толку капацитетен? За украс?! И ако веќе решил за се’ самиот да одлучува, следува ли и некаква казна за грешките?

21.

На еден доста понизок, но сепак доволно висок (министерски) ниво, актуелна е една прилично слична постапка. Па така, деновиве, за „Роман на годината“ беше прогласена книгата „Телото во кое треба да се живее“ од младиот автор Петар Андоновски, а во издание на „ИлиИли“. Куриозитет е што овој роман бил предложен за финансиска поддршка во Министерството за култура, соодветната комисија го поддржала, ама книгата, на крајот, не влегла на конечната листа финансиски поддржани книги. Конечна одлука донела кој друг ако не фамозната министерка за (не)култура и влијателна тендеруша, со лична одлука! Зашто таа, веројатно, е стручна и за литература, нели, како и за се’ друго во културата?

Што ќе рече, повторно, една (барем на хартија) стручна комисија предлага, но една тотално нестручна – да не кажам целосен дилетант – министерка (како впрочем и во случајот на Хорхе!) не прифаќа односно одбива таков предлог! И ова не е прв пат, не ќе биде ни последен, барем додека баграва е тука. А за вакви примери, барем десетина, можам и лично да сведочам преку зборовите на членови и претседатели на комисии за т.н. ликовна дејност, кој ме убедувале дека кај нив еден предлог „поминал“, ама после некако се загубил од конечната листа. И никому ништо!

Некој ќе рече дека примерите се километри еден од друг. Да, но не е во тоа работата. Прво, имаат еден заеднички именител – недемокротичноста. Второ, сведочат за идентично непочитување на стручноста. И понатаму, злосторство е и едното и другото, и помилувањето на криминалец кој вршел изборни манипулации, но (културно) злосторство е и спроведувањето на некаква лична – згора тотално некомпетентна – и партиска цензура и дискриминација. А кога се говори за актуелнава министерка за (не)култура, нејзините злосторства во оваа насока се бројат не со десетици, туку со стотици. И за тоа таа нема да одговара – утре, задутре? И кога сме веќе кај тоа, никој ли нема – а повторно токму таа е прва на листата – да одговара за злосторствата врз културното наследство, префасадирањето на објекти со статус на културно наследство, целосно уништување на такви објекти и слично?

22.

Третиот пример е подеднакво свеж и сврзан со актуелните битки околу фамозниот Избирачки список и Државната изборна комисија. Која, очигледно, не ги прифаќа сугестиите и решенијата на стручните лица која самата ги поканила како експертска помош во нејзината работа. Колку само да ја задржи демократската форма дека таму не одлучуваат политички поставените војници туку – стручњаците! Но, мислењето на експертите е само „примљено к знању“, и толку. ДИК пак ќе си тера по свое, ќе гласа и надгласува колку фантоми ќе се проверуваат теренски а колку не итн. И повторно ќе имаме папазјанија во Избирачкиот список! А стручњаците таму ќе седат за украс?

И тука веќе доаѓаме до посериозни нешта, до одговорност, некогаш и кривична, ако веќе за недемократичност кај нас не се одговара. Ако таквите злосторства не се процесуирани, ако не се казнуват, денес или утре, тогаш ние целосно се претвораме во криминална држава. Ако следува казна за стотина ќебапчиња или дваесет марули, но не и за изборен криминал, кражба на милијарди, но и за погрешни одлуки, злоупотреба на службена должност (од Хорхета па надоле), шурување со криминалот … тогаш какво наследство им оставаме на младите? И какви поуки? Затоа, на бандитиве од сите провениенции, а особено на оние по судовите, министерствата, државните агенции … мора јасно и гласно да им се каже дека за секое злосторство следува казна. Според закон. Па нека тераат вака и понатаму!

ФАНТОМИЗАЦИЈА

или

КАПАЦИТЕТИ (6)

18.

Човеков толку години ништо не научи. Не научи дека е попаметен кога молчи, дека штом отвори уста говори глупости, дека најчесто токму низ говорот го открива она што упорно сака да го сокрие. Мислам на фамозниот ни Хорхе, се разбира, кој веднаш побрза да ни „појасни“ дека тој немал, ниту има, намера да помилува „… педофили, нарко дилери, силеџии на избори …“! Не научи човеков дека најгласно вреска токму тоа што упорно настојува да го премолчи. Кој, каде и кога спомнува(л) „силеџии на избори“? Тие, фала богу, иако можеби не сите, лесно ги лови полицијата и без помош на Уставниот суд. А Хорхе мисли дека ако ги сокрие односно не го спомне поттикнувачите, инспираторите и наредбодавците за кражби на изборите – токму оние чии злодела ги слуш(н)авме низ „Вистината за Македонија“ – дека и ние ќе ги заборавиме? Или така го советувале „капацитетнион“ consigliere, или „мудрион“ Мирчев?

Тој треба да излезе барем уште еднаш и јасно и гласно да каже дека нема да ги помилува токму овие против кои е покрената постапката „Титаник“, но и другите подеднакво вплеткани во оваа нечесна манипулација. И сите други гнасни малверзации, се разбира. Нека излезе и нека го каже тоа. Со имиња и презимиња. И веќе еднаш нека замолчи, по ѓаволите!

19.

Инаку, кога сум веќе кај говорот, како да верувате во капацитетите на човек кој вели „му се повторува“ за женско лице (Катица Јанева), или „ќе биди“, „ќе можи“ …? А слепциве го поставиле за некаков претседател на Советот на обвинители! За каков негов капацитет за таа јавна позиција можете да говорите кога човекот не успеал на негови години да го совлада ни литературниот македонски јазик? Јас немам никаков проблем со „дијалектиката“ како богатство на секој јазик ама, извинете, овде станува збор за јавна функција! И не можете од таа позиција да тртљате како сред село или пред кооперација!!! И тука можеме да наредиме уште стотина слични или исти примери на неукост, незнаење, некапацитетност од најблиското минато, без да се враќаме години наназад. На пример сите оние „џокери“ на власта, оние од типот на „спектакуларистички“ или „супермација“ (за кои толку вдахновено пишуваше Вангелов)! Фантоми заседнати на сите значајни државни позиции!!!

Некој може да каже дека ако светите Кирил и Методиј ни се на 1.196 место во светот, св. Климент на 5.337 а Гоце Делчев дури на 6.450 место, тогаш за какви државни капацитети можеме да говориме? Мислам на нашите универзитети, се разбира, и нивното рангирање во светски рамки, што, на некој начин, го гледам и како рангирање на нашите (интелектуални, академски, образовни … како сакате) капацитети. И токму од тие и такви денешни „универзитети“, од кои повеќето понови се типично фантомски, како впрочем и оној што допрва сакаат да го основаат под звучното име на уште еден револуционер, се испилува нашава политикантска фантомска „елита“, која понатаму избира свои подеднакво фантомски (не)капацитетни (со)работници и слуги. И затоа ли имаме и ваква капацитетна држава?

За жал, во овие десет години, сите државни капацитети се сведоа под елементарното ниво, дури и под црвените линии. На сите рамништа, во сите области. И тоа потполно неказнето. Дури, „капацитетниве“ слепци беа направиле такви идиотски измени во Законот за високото образование, дозволувајќи му секому, и буквално секому, кој на времето немал соодветен просек, тоа да го надокнади / надополни кога ќе (му се) посака. Дури и петнаесет, дваесет години по дипломирањето! Ќе преположи неколку испити „кај своите“ фантомски професори и ете ти просек, па после магистратура, па докторат … И после ете ти супермација, па спектакуларистика … па „епохални“ изложби со факсимили …! Едно комплетно и спектакуларистичко упропастувањето на цела една држава како најнормална, безмалу секојдневна работа.

20.

Во сите сегменти, по вертикала и по хоризонтала, „системов“ форсирано фингираше целосна фантомизација. Затоа и воопшто не зачудуваат толку фантомски гласачи. Како што впрочем не треба да не’ зачудуваат и толку магистри, доктори на науки, стручњаци вакви и такви … Се’ се тоа типични фантоми, тотално неупотребливи „капацитети“, фрлени пари и време – продукт на оваа десетгодишна фантомизација на државата. Просто нема државен сегмент каде не владеат фантоми – со или без лични карти, биографии, ум … – само ги гледате како се сноваат низ институциите, во дипломатијата, во културата, образованието. И произведуваат нови и нови фантоми за партиски потреби!

А ДИК мисли дека со само една бегла проверка „од врата до врата“ ќе се справи со фантомите?

НЕЛЕГАЛНА ДРЖАВА

или

КАПАЦИТЕТИ (5)

15.

Сега, повторно, сите ќе се нафрлиме врз петчлената банда облечена во црвени тоги и затскриена зад стиропорното здание на Уставниот суд, некој со поостра, друг со поублажена реторика. А тие – ги накривиле тогите и „баш ги брига“. И не ме чуди, зашто таквиот тип некапацитетни луѓе по правило се некапацитетни ни да ги согледаат сите последици од нивното делување. Дали ги согледуваат потенцијалните лични последици, не знам. Можеби мислат дека времето ќе застане и нештата ќе останат забетонирани за век и вјеков? И тие на нивните места во Уставниот суд? Не би рекол. Но и тоа е работа на капацитетите. Ги имаш или ги немаш. И тука ни господ не ти помага.

Но, зошто овие би мислеле така? Па затоа што целово наше 25-годишно самостојно минато недвосмислено сведочи дека преку глава ни помина се’ и сешто – од ист или сличен формат на бандитизам – но правдата стаса само малкумина. И тоа главно маргиналци. Ние за 25 години успеавме да инкубираме криминал од меѓународен маштаб, преваранти и манипуланти од светски профил, легнилебојадци и политиканти со сто лица и долги прсти, но безмалу ниту еден од нив не застана пред лицето на правдата. И пред народот! Црните архиви и криминалните хроники ни се бројат во томови, ама успесите во нивното процесуирање во тефтерчиња! Пишани со мастиљави моливчиња!!!

Добро, вакво нешто немало, ама сепак. Но, тоа ли е надежта на овие петмина? Дека ќе има милост, дека ќе се заборави како и многуте други нешта? Ама – да не се лажат?!?

16.

Зашто, овде не станува збор за пет, десет, сто или илјада фантомски гласачи, што повторно не би било никакво оправдување дури и да е еден, а како што упорно настојува тоа да го прикаже оној „фаворитон“ Саздов од власта, потенцирајќи дека тие победиле со 200.000 разлика. Овде брате станувало збор за 495.258 спорни гласачи, од кои над 190.000 гласачи се чисти фантоми измислени во базите на МВРО-то. Е па ете му ги тие 200.000 на „фаворитот“! И тоа е вистински искажан „капацитет“ – капацитет за кражба, измама, прелага! За таква кражба на веков овие треба сами да се спакуваат и „пут под ноге“ – Идризово! Се разбира, кога би имале барем мал морален капацитет. Зашто, фатени се со рацете во гласачките кутии – директно, неотповикливо, најбезобразно и најлоповски.

И сега токму тие треба некој да ги аболира, да не дозволи правна разрешница, да ги куртули од повеќегодишно казаматство. Барем да ги подобреа затворите дури беа на власт. Вака – со свој камен по глава. А треба да ги аболира, односно му се дава можност за таква постапка – а никој не се сомнева дека тој благополучно ќе ја искористи – на човек кој глуми претседател на држава, а е во истите фекалии со овие. Зашто и неговиот избор на таа функција автоматски паѓа во вода, нелегален е односно украден, што опозицијата сигурно умешно ќе го искористи!

Впрочем, не само тој туку и целиот систем, таков каков што е и барем пет-шест години наназад, со сите „сваровски“ инсталации во сите структури. Вклучувајќи ја тука и онаа петчлена клиентела во Уставниот суд.

17.

Се разбира дека за вакви епохални кражби и малверзации, за ваков планиран и спроведен континуиран пуч контра сите државни институции, неопходен е соодветен капацитет. Барем тоа не е спорно. И да се (о)смисли но и да се спроведе една таква операција. И јас, како и Ордановски, не верувам дека мозокот на целата операција на кражба на државата е некој локален, некој тукашен, кај овие. Не сугерирам теорија на завера ама овие сепак не се толку капацитетни. Ни приближно! Главата и рацете се тука, да, ама мозокот не е нивни. Невозможно е, зашто за тоа нема валидни аргументи и докази. Видете им ги само биографиите и животните дострели! Такво нешто овие не можат да (о)смислат. Тоа му доѓа исто како обичен уличен џепарош да смисли пљачка на трезорот на Народна банка, на пример. Нема таков капацитет. Да ја изведе – да, но според логистика и инструкции од поумна глава!

Факт е дека „Гоцевава раса“ ја согледа државава, па и светот, како поле за измами и пљачкосување и тоа мајсторски го изведе. И нивните капацитети за такви операции очигледно се безгранични. Како што впрочем е и последнава измама со Уставниот суд. Но, во нелегална држава и одлуките на државните институции се нелегални. Вклучувајќи ги оние на нелегалниот „претседател“! Белки тоа им е јасно?

ЃАВОЛОТ ДОЈДЕ ПО СВОЕТО

или

КАПАЦИТЕТИ (4)

12.

Кој како сака нека каже, ама не им е лесно на оние петмина од Уставниот суд. Прво, цела земја ги пцуе – со право, би рекле, потоа не се толку неуки да не знаат во што се впуштиле, знаат дека станале „челуст на ѕверката-власт“ (Вангелов), ама знаат и дека се’ ќе им се урне ако попуштат, ако почнат да размислуваат со своја глава. Или главата им кажува дека ова е исправниот начин? Не знам, не сум докрај сигурен. И кога велам „се’ ќе им се урне“ мислам на сето она (главно) материјално стекнато низ годиниве. Нивно и на семејствата им. Зашто и тоа е уште еден дополнителен фактор во нивното вакво однесување. Ставени се – или се ставиле, подобро речено – пред тежок избор: форма или суштина, морал или параспур, етика или битпазар, образ или ѓон! И токму затоа се некапацитетни, неспособни за она за што се зафатиле, некомпетентни за местата што ги држат. Зашто, капацитетен човек, компетентен стручњак, морален поединец … во вакви случаи нема дилеми. Прво, капацитетен човек, компетентен стручњак, морален поединец не би се довел во таква ситуација некој да го поставува на функции вон односно неспоиви со неговите капацитети и компетенции. Тоа е својствено на оние другите, оние кои и ја доведоа земјава до оваа катастрофа! Второ, капацитетен човек, компетентен стручњак, морален поединец не би се довел во ситуација некој да му ја вработува половина (или цела?) фамилија на подеднакво престижни функции знаејќи дека и тие не се соодветно капацитетни и компетентни – инаку не би им требала таква помош, нели? – за дотичните позиции. Тоа се веќе две стапици од кои излез нема. Односно – има, ама овие не се спремни на такво нешто. Зошто? Токму заради нивната некапацитетност, заради нивниот неморал и некомпетентност, токму заради клиентелистичките врски врз коишто си ги изградиле животите.

13.

Ако сето тоа што го наведува опозицијата е дури и само делумно точно – односно дека „Ќерката на претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, Слободанка е директорка за регулатива и големопродажба во Телеком, каде што главен извршен директор е кумашинот на Сашо Мијалков, Жарко Луковски. Слободанка Гиевска односно Гошева била потпретседателка на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ, УМС. Сопругот на Слободанка е Игор Гиевски, поранешен претседател на УМС на ВМРО- ДПМНЕ, сега член на Управниот одбор на ЕВН, именуван од владата. Нејзиниот татко, односно сопругот на Елена Гошевска, Ѓорѓи Гошев, бил поранешен директор на Студентскиот центар, назначен од ВМРО-ДПМНЕ. Другата ќерка на Елена Гошева, Бојана Гошева, работи во Агенција за електронски комуникации“, па дека „За Уставен судија, Јосифовски е предложен од Илија Димовски, односно од ВМРО-ДПМНЕ и во отсуство на пратениците од опозицијата е избран во 2012 година. Дополнително, синот на судијата Јован Јосифовски, Борис, е генерален секретар во Кабинетот на Ѓорѓе Иванов, од ВМРО-ДПМНЕ“ – значи ако сето ова е дури и само делумно точно, тогаш нашиве судии влегле во опасни врски, во ѓаволски игри од кои нема лесен излез. Нели, велат, ѓаволот секогаш доаѓа по своето?!

Но тој ѓавол кој така сурово и безмилосно ги употребува(л) не само овие петмина туку цели 2-300.000 илјади државни административци во текот на изминатава деценија, не е најстрашниот ѓавол. Барем мене така ми изгледа. Со тој ѓавол лесно се справува морален поединец. Поголем проблем е другиот „ѓавол“, оној што моментно танцува низ Специјалното јавно обвинителство, а веќе утре, по изборите, и во сите други надлежни државни органи за прогон и правда. Тој „ѓавол“ има многу имиња – јустиција, казна,  одговорност, последица, … – може да задоцни, но не и да не дојде!

14.

Уште Платон (во Република) посочува дека вистински човек е оној на вистинско место, кој го чини најдоброто што може. Ова ли се вистинските луѓе за тие места? Да беше така ќе имаше ли вакви протести, ќе бевме ли (повторно) потсмев за светот? А нивните згрижени на престижни места деца? Тие ли се вистинските луѓе токму за тие позиции? Ако беа, зошто им била потребна раката на ѓаволот? Или, го чинат ли овие (погрешни) луѓе на погрешни места најдоброто што можат? Не, зашто и тие, колку и да се некапацитетни и неморални, точно знаат дека се носители на неправдата, на злото, на измамата. И дека отплаќаат долгови, дебели лични и семејни долгови!

Затоа, впрочем, луѓе со такви ниски, да не речам приземни, капацитети, луѓе неморални и целосно непрофесионални, не можат да извршуваат одговорни функции дури ни во куќен совет, а камоли во една држава. Па нека таа се вика и Македонија.

За жал, сега во фокусот се овие петмина зашто им дошло времето за наплата. Но не се единствени, ги има премногу. И ровареа цели десет години. Безмалу сите шрафчиња во државниов механизам се рѓосани од некомпетентност, незнаење, нестручност, некапацитетност. Разликата е само во обемот на штетите. Еден поттура факсимили (кои новиот „директор“ на МСУ ги гледа како епохална изложба!), друг решенија за аболиција!

ЕДИНИЦА МЕРКА

или

КАПАЦИТЕТИ (3)

8.

Баш го гледав Ѓоковиќ, во Индијана Велс игра со некој едикојси кој воопшто и нема позиција на ранг листите меѓу првите сто. И бидејќи Ѓоковиќ извесно време паузираше заради проблеми со очите, враќајки се повторно во старата позната форма, на стартот губи со 4:0, па 5:1, за да го загуби првиот сет со 6:2. И веќе кај првите 4:0 го гледате тој едикојси како се ококорува, како добива сила, како веднаш се трансформира во „играч“ многу сличен на нашиве некапацитетни шапшали, мислејќи дека му е рамен, дури и подобар, од еден Ѓоковиќ! Се стегнал, се осилил, има подршка од домашната публика зашто е локалец, демек сега ќе го суреди првиот светски рекет. Нормално, на крајот загуби со 2:1 во сетови.

Добро, не беше толку лош човекот, ама ужасно ме потсети на нашиве капацитетни „стручњаци“ кој до којега, сите испилени како нешто сосема десето ама сега фрлени в огин како министри и директори, како експертутки и аналитичарчиња кои веднаш се соживуваат со улогата на некаков „субјект“ падната од Господа (или „лидеро“, сеедно) и себеси се поставуваат како единица мерка за квалитет. Или капацитет, сеедно. И препознавајќи некаде шанса, можеби моментна слабост, користејќи го партискиот грб и автократскиот режим, веднаш се гледаат себеси како победници, како советодавци, како умни и капацитетни да се мешаат во се’ и сешто, дури и во тоа што комплетно не го разибраат! Жив пример е Хорхе кој и самиот знае како стана тоа што стана. Ама човеков се заборави, навистина веќе појма нема што и како говори, и кому, какви штети прави за државава, ама мисли дека институцијата претседател на држава му дава право да тртља сешто и секаде!

Не добиле ни цент? Можеби, ама дали ги дале трансакциските сметки? Како ЕУ да знае каде да им ги уплати парите?

9.

И не е ова од вчера, не е ниту од завчера. Тоа е кај нас некаква заразна болест во контиуитет, ама овие ја доведоа до степен на убиствена епидемија. Со пандемски тенденциии! Тоа е всушност истото она на кое што потсетува и Вангелов – за „славниот ни“ прв „премиер“ Кљусев и неговите економски „политики“ (кои патем ги тераа жените рачно да перат на Вардар!) и сите шушумиги продолжувачи на истите до денешен ден. И такви кљусиња имаме во сите области, барем по дузина, некаде и по повеќе. Ама денес, илити десетина години наназад, цела државна администрација ни се покљуси! И уште се множат. И сите се со свои „политики“, и сите мислат дека токму тие се онаа единица мерка во дадената област која ќе ни ги објасни нештата, или ќе постави „сувисло“ прашање, па ќе не’ искара, ќе ни одржи лекциичка, а некогаш и лекција! Иако најчесто појма немаат што и како говорат, како Хорхе, уште помалку знаат што и како се случувало во државава последниве два-триесет години – пред тие да прогледаат – ама сепак тратљаат ли тртљаат. А медиумиве, обично бетер и од нив, им даваат огромен простор за нивните будалаштини.

Не научија, а веројатно и не можат да научат – толкав им е капацитетот –  дека власта, или позицијата (премиер, министер, директор …) не е замена за знаење и способност, дека не им дава право на ум по некаков автоматизам. Од најгоре, до најдолу, се’ по список, очебијно голо и босо, ама научило дрско да држи лекции, да подучува небаре навистина знае нешто. Сите куци кљусиња, ама безобразни во јазиците! Од министерчиња до директорчиња, од професорчиња до новинарчиња – единица мерка за глупост и незнаење!

10.

И немам намера да наведувам примери или да влегувам во евентуални полемики со тотално нестручни луѓе кои по некакви партиски случајности станале тоа што станале и си земаат право да ни (у)кажуваат кои сме и каде сме, кои сме биле и што (не) сме сега, уште помалку што (не) сме сработиле и дали сме го поминале Табановце или не. Такви дијалози можат да се водат со барем минимум стручни луѓе. А овие тоа не се! Без оглед што денес, и вчера, сите се стручни за се’. Особено за уметност, култура, и – политика! Дури и Хорхе. Ене го, беше да го види и Пикасо (или она што некој му го поттури како Пикасо?)!

Цела држава ни е единица мерка за неспособност, за глупост, почнувајќи од оние во Парламентот од кои ќе ве изеде срам што воопшто сте излегувале на гласање, до оној безочен кичерај инсталиран низ централното градско подрачје, а кој некои „капацитетни“ го нарекуваат уметност! Ако ги спомнеме и учебниците што на децава им ги пишуваат онакви неспособни (како најблага форма за нивните умствени капацитети!) професори како оние за класите, тогаш сме зрели за целосно демонтирање на државата. Зашто таа впрочем и не постои, одамна, постојат само белосветски преваранти маскирани во пратеници, академици, министри, директори … И професори! Овде веќе не се знае кој е понеспособен, кој е поблесав, кој е понеписмен – дали оние кои треба да подучуваат и советуваат (почнувајќи тука од фамозниот ни професорски кадар) или оние кои треба да контролираат (државната администрација). Сето тоа се стопило во една неспособна партиска и клиентелистичка збирштина која начекала пет минути и ги отегнала на десет години. Како? Со лаги, со кражби, со рекет, со манипулации несвојствени на нормални академски образовани луѓе.

11.

И сега, најновите вести велат дека партијата на Меркел загубила на покраинските избори. Ете што беља умее да направи Хорхе и неговото гооолемо меѓународно влијание. Да не го даде она фамозно интервју, може женава глатко ќе си поминеше, како и обично? Кој ќе го трпи сега, кога се покажува како влијателен меѓународен (изборен) фактор!? Па уште и онаа Хилари со него!!!

НИВНИОТ СИСТЕМ

или

КАПАЦИТЕТИ (2)

5.

Една „госпожа“ докторка се буни и бара извинување од „Слободен печат“ за „неумесниот“ коментар „вметнат“ во нејзина уста при нејзиното ракување со актуелниот министер за смрт Тодоров. Нејзе и’ пречи „неумесниот“ коментар, ама не и ракувањето со Тодоров! Нејзе и’ пречи „неумесниот“ коментар за убивањето на здравството ама не и неодамна откриеното писмо на Фондот за здравство за болните од сколиоза. На „госпожата“ и’ е нарушен личниот и професионалниот углед од коментарот за убивањето на здравството, но не и’ пречи и самото убивање. И убиецот! Така денес ги учат на Медицински факултет? Веројатно не – до капацитетот е! Го имаш или го немаш. Толку можеш да научиш. Можеш да имаш и три дипломи, плус два магистериуми и барем еден докторат – што денес се покажува дека воопшто не е проблем – ама тоа не значи дека имаш неопходни капацитети за, прво, примање на тоа знаење, и второ, за негова апликација во совремиево. Капацитети да направиш разлика помеѓу доброто и злото, помеѓу моралот и неморалот, помеѓу честа и срамот, образот и ѓонот … Впрочем, не слушнавме да се јави ни онаа фамознана вмровска докторка, инаку членка на уште пофамозната комисија што не ја пушташе малата Тамара на лекување во странство. Го  тераа девојчето да чека додека нашиве да научат!

Впрочем, ја слушнавме и советничката на министерот за смрт, сосе нејзиниот дијалект. Е па што се чудиме тогаш: сите тие се „капацитетни“, можеби, ама не знаеме за што.

6.

Во крајна линија нас можеби и не би требало да не’ интересираат нивните капацитети. Нивни си се и нека си ги чуваат. Ама тие се амбицирале да водат држава! Оние пак во белине мантили се заколнале да лечат луѓе. Е па оваа држава има право да ги проверува капацитетите на тие кои сакаат да ја водат. И да ги проверува моралните и хуманите капацитети на оние кои решиле да облечат бели мантили.

Не дека секоја професија не е важна. Ама за мојата професија не е којзнае колку битно дали едно дело од, на пример, Мазев ќе биде соодветно датирано и образложено. Не е голема трагедија ниту за државата. Ама кога незнаењето, нестручноста, непрофесионалноста, неморалот … и во мојата професија ќе заседне во институциите, е тогаш и државата има проблем. Како што има. Иако никој не умира од тоа, нели. Ама на подолг рок – умира професијата. И знаењето! Се претвораат во папазјанија, во чаршија каде што се ценкате за денар-два.

Особено пак кога некои ќе облечат бел мантил, па тога на уставен судија, или ќе застанат зад амблемот на Претседател на државата, премиер или министер … е тогаш е богами многу, многу битно. Битно е не заради тоа што се резилат самите себеси, туку што ја резилат целата држава. И сите нас!

7.

И згора на се’, некапацитетниве мислат дека никој жив не ја гледа нивната неспособност, нивниот неморал, нивното бедно слугување на една партиска врхушка и нивните тесни интереси. Мислат дека сите околу нив  се – како нив! Мислат дека целиот божји свет е неспособен, неморален, резил … И затоа мора да им се покаже местото, и да им се каже каде точно спаѓаат. И дека тука дошле само и единствено заради нивниот клиентелистички однос со властодршците, а не по заслуга на умот, знаењето, способноста, моралноста!

Димитар Башевски ги прашува уставните судии: „… зар само во таков систем вие знаете да функционирате“? Прашањето е веројатно само реторичко и никој не очекува одговор, зашто одговорот е одамна пред нас. Да, тие, и тие како нив умеат да функционираат само во таков / ваков „систем“! Систем на лаги и прелаги, на манипулации и клиентелизам, на неморал и непрофесионалност …! Зашто ниту еден други нормален систем не би прифатил таков фелер. Автоматизираната капацитетна лента во нормалните системи веднаш таквите ги исфрла. Тие се, едноставно, неупотребливи. Односно, ги сместува таму каде што им е местото – на маргините на општеството!