Monthly Archives: March 2018

СКАПО ПЛАТЕНИ БУДАЛАШТИНИ

Без каква и да е’ намера да прејудицирам можни препораки / решенија за „најпатриотскиот“ музеј кај нас со најдолого име во светот, ама јавноста има право да знае барем некои „хумористични“ – се разбира, не се хумористични во вистинската смисла на зборот, повеќе се трагични – детали токму околу стручноста и начинот на работа на онаа штабска комисија за испишување на новата историја на македонскиот народ, овојпат во музејска варијанта. Иако за сите (или барем за повеќето) кои барем еднаш влегле во таа „приказна“, единствено јасно е дека таа македонска историја е повеќе пештерска (што ќе рече темна и задушлива), грозоморна (што ќе рече хорорна), опскурна (што ќе рече тотално нејасна, како исчепкана од некои / нечии дубиозни фантазии) итн. Иако, за таа и таква „историја“, биле потрошени многу вреќи пари, меѓу кои и за т.н. стручна комисија.

И бидејќи на разноразни „колумнисти“ од мојот тип, како и на активисти и симпатизери на власта (како што беа наречени останатите членови на работната група, иако сите со докторски и магистерски звања!) не им се верува веќе во старт, еве како работата на поставката на тој „музеј“ ја видел Анатолиј Гајдамака, украински уметник, на почетокот официјален надворешен соработник на пуфлата и нејзина врска со сите идни соработници за восочните фигури и сликите вклучени во поставката на овој „музеј“. Пустиот Гајдамака, дури откако видел со кого си имал работа, и со што, се осмелил да изнесе детали околу целата авантура, нарекувајќи не’ „вонземска цивилизација“ заради начинот на кој што ја терале целата (хаотична) постапка, укажувајќи дека концептот на поставката е надминат уште во 40тите години на минатиот век, дека зградата е тотално несоодветна за музеј од тип итн. Се разбира, укажувањата на човекот не биле по ќеф на власта, па го шутнале од позицијата! А Гајдамака кажувал многу вистини. Меѓу другото и дека „Јас мислам дека борбата на македонскиот народ треба да се прикаже преку документи наместо преку слики кои ќе бидат нацртани од уметници во Киев или Москва. Како може странец да навлезе во оваа македонска борба и да прикаже еден човек кој пресекува друг или некој човек кој пали нешто? (…) Тоа е размислување од минатиот век!“.

Ама таква ни била и тогашната („стручна“) комисија – од минатиот век. Така и работела, така и сработила. И не се снебивала да дели совети и за она што во принцип не треба односно не смее да го прави. Ама тие се, нели, најпаметните? И ако некој се чуди, на пример, или се ужаснува, од аматеризмот, неукоста, нејаснотиите, недоследностите … па и грдотиите во големоформатните сликани дела испозакачени со десетици (ако не и стотици) на број низ овој (божем) историски музеј, не треба да ги колне уметниците. Тие само работеле според упатствата на комисијата, според нивните изричити барања како и што да сликаат. Како во 1948 година! Па така, на еден уметник кој го сликал „Дедо Иљо Малешевски“, 2х3 метри, му порачувале дека „… во длабока перспектива е потребно да се гледаат селски куќи, односно да се препознае македонската околина“; на друг му нашле замерка дека „скицата како перцепција е премногу свечена“; на еден прилично повозрасен македонски сликар му префрлиле дека „ … авторот и на двете скици слабо го владее просторот, фигурите се нестабилно поставени, не е развиена перспективата“; а на еден помлад му порачале дека „авторот треба да развие една вештачка перспектива (…) да се развијат подобро фигурите, да се придвижат во правец на академската структура (…) на скицата да се почувствува некоја сликарска фактура (…) авторот да покаже поголема уверливост и живост“! Јасно ви е? „Авторот да покаже поголема уверливост и живост“, ееееј!? Бреее, какви стручњаци. Ова сигурно од професорон – препишувач, кој што патем е, нели, (божем) и сликар и на кого пуфлата му даваше едно чудо пари (и) за изложби. Или можеби е забелешка од она вајарчено, кое било ем во комисијата ама и со слика во поставката. А на неговата „слика“, верувале или не, како на филмска секвенца го гледате куршумот како лета кон телото на кралот Александар Караѓорѓевиќ! И тоа сматок-стручњаците го ставиле во поставката, а ние таа будалаштина дебело сме ја платиле!!! Е толку за „стручноста“ на таа и таква комисија, иако таму има сериозен материјал за цел еден, па и два, докторати како не треба да се прави музеј.

СМАТОК СТРУЧЊАЦИ

Еден Фејсбук статус прашува отприлика вака: како би изгледала државава кога во неа би зборувале само тие што знаат што зборуваат? Како? Идеално. Идеална држава – громогласна тишина. Особено кога т.н. национални тв медиуми, посебно оние со презервативна провениенција, ќе престанат да ги еманираат нивните будалаштини! Ќе се појави, се разбира, некаде, некој проблесок на умна мисла / збор, есеј, критика. Е дури тогаш ќе пристигне животот во државава. Зашто ова тоа не е. Каков живот, какви „бакрачи“, какво време дојде човек не може со денови око да склопи. Се’ некој – да не речам секоја партиска или медископрезервативска будала – се занимава со него, го развлекува низ (особено) националниот етер како ќе стигне, му оценува стручност и компетентност, па домашно воспитување, му лепи државнослужбенички жолти ѕвезди … Ама, од друга страна, и мене све ме бутаат по некакви озлогласени комисии и работни групи, како да нема некаква пристојна работа да се заврши за власта. На пример: работна група за подготовка на мемоари на малоно фирерче! Што би му фалело на тоа? Или комисија за споменичко одбележување на придонесот на презервативните медиуми во уривањето на македонската демократија? Тоа би биле ефектни потфати на кои што оваа држава и оваа култура би требало да им обрне сериозно внимание, нели. Особено денес. Ем, плус, човек ќе си добие заслужени пофалби од погореспомнатите, како од меродавни проценители во сегашниот македонски јавен простор. Иако, колку за утеха, ај да се некои сериозни капацитети, некои новинарчишта, учени и научени, па воспитани. Не бре, оно све бараба до бараба, со цел живот во наводници, во нормални земји одвај би им дале да бришат прашина и чистат геризи, ама овде се „политичари“, „новинари“, „уредници“ … да те бог сачува. И пљампаат ли, пљампаат.

 

Елем, последниот потфат на овие националниве, оној што буквално ме остави без сон, беше грижата за иднината на оној „патриотски“ музеј со најдолго име на светот. Како тие да го граделе, јеботе. Кога го слушате оној бандоглавион „новинар“ како, намуртен, и со торжествен глас ја чита штимуваната штабквартирна (Тричковски) прозивка, како лепи квалификации за нечија стручност повикувајќи се на злосторнички прогласи на една малоумна бандитска дружина, се прашувате: што ли си мислат странцине кога слушаат вакви бљувотини по националните иморални (Ордановски) телевизии? Како ли навистина не’ гледаат? И какви извештаи испраќаат дома, за нас? Тоа е, можеби, вистинската грижа на оваа држава и нејзината култура, сега и овде. Некој ќе рече: а што е важно како не’ гледаат странците? Важно е, за културите од овој наш тип – и тука не мислам само на „големината“ на земјата – е особено важно каков генерален впечаток остава во светот. А ние – оставаме (некаков) впечаток, или …? На пример, впечаток на – сматок?!

Не дека идиоти можат да ни ја земат стручноста, ама дотаму ли стаса оваа култура секој шалабајзер или спонзоруша со два грама ум да оценува нечија стручност и компетентност? И каква е таа верност на овие кон силите на Злото, со што, колку и како е плаќана? Ќе го истражи ли некој тоа, некогаш?

И, понатаму, како никој во оваа иморално-медиумска империја на Злото не ги постави истите прашања за стручност и компетентност кога фирерчено, со неговиот психо пајташ – оној кој ужива да бута луѓе во ендек – ги шнајдерисуваа дијагоналите токму на овој „музеј“ за кој што, сега, се крена таква фрка во јавноста? Како никој тогаш не праша: абе што образование, и стручност, имаат тие две будали па да смислуваат „концепт“ за еден музеј? Та оној нели беше некој брокер, боксер, што ли, а не историчар, музеалец или нешто слично? Или тој да ти бил постручен, или можеби најстручен и за таа работа? И зошто тогаш оној тикварон од дотичната „телевизија“ не излезе со таков коментар за неговата стручност?

Или, ако веќе инсистираат, во што тоа, во кои сегменти беше постручна онаа нивна полит-комисија од тодоровско-ачковистички маштаб со видени цели два музеи во вкупниот нивен „стручен“ живот, на кои одвреме навреме им се приклучуваа и сматоци од „уметничката“ фела? Како, на пример, оној професорон-препишувач кој денес не успева, иако крваво настојува, да си ги домие рацете од сите негови злосторнички замешателства во „уметничкото“ минато на државава во злосторничката деценија? Па згора, со нив и едно стуткано полуписмено вајарче партиски промовирано дури во „проф“ (и со очигледен конфликт на интереси!), плус некакви изџвакани припрости координатор(к)и од моронската партијна номенклатура на Министерството за култура. И сите тие беа, демек, стручни и компетентни да прават музеј – на што и да е’, нека е и на селски вмронски опинци – ама овие сега се нестручни и некомпетентни да ја оценат нивната „работа“?! Па бар да беше некоја работа! И што е тоа што толку ги здоболе сите овие сматок-стручњаци: што некој сега ќе го преоценува нивното чедо, квачено и лулано во мрачните ходници на нивните забегани „историски“ умови? Каков музеј, какви глупости. Тие да правеа музеј, можеби и ќе го направеа, иако сега и во тоа се сомневам зашто, кутрите, тави какви што ги дал господ, ни „м“ од музеј не умеат да склепаат. Тие само му правеа историски метании на нивниот партиски газда, водени не од стручност туку – од алчност! И глупост, се разбира. Но за тоа следниот пат.

АНАХРОН МОДЕЛ

Што имаме денес во поглед на финансирањето на културата? Па имаме во сила еден „модел“ воведен пред некои петнаесеттина и повеќе години кој што, во поглед на претходната пракса, изгледа дури и современ. Ама не е, се разбира, според онаа (не само моја!) теза дека ние (не само во културата) доцниме зад светот добри половина век. Значи, тој „модел“ за нас е современ, или „современ“, ама за европски услови е целосно анахрон. Како впрочем и се’ друго во нашата култура.

Елем, денес имате можност званично да барате пари во културата само еднаш годишно! Ако не добиете – а тоа се случува многу често – ќе чекате уште една година. Што можеби и не е толку страшно, ама сепак е крајно ограничувачки, и непотребно. Ако пак ви искрсне сериозен проект вон временската рамка во која што се објавува тој фамозен годишен конкурс, нема помош. Пак ќе го чекате конкурсот, идниот. Или, можете сепак интервентно да побарате пари од Министерството за култура, ама таму имаа доволно претходно отпечатени одговори со изветвената формулација дека сте го пропуштиле рокот на конкурсот, парите се веќе поделени, бла, бла, бла … и ќе ве откачат ко тринаесето прасе. Ова, се разбира, ако не сте им по ќеф на тамошните структури, а повеќето македонски културњаци не беа. Ако сте им по ќеф односно ако сте им партиски, пријателски или којзнае како блиски, тогаш можете и да се надевате дека ќе успеете. (И да, се согласувам дека туку-така не искрснуваат сериозни односно значајни проекти баш преку ноќ. Ама сепак – се случува. И повторно ќе останете со кратки ракави). Оттука, едно од можните идни решенија во оваа насока би било (барем) повеќекратна шанса – неколку конкурси во тековната година – кои што, прво, ќе го растеретат притисокот што се создава со само еден конкурс, и второ, ќе отворат повеќе канали за финансирање, особено на неинституционалната култура.

Од друга страна, а бидејќи веќе ја спомнувам институционалната култура, целосно е нелогично националните институции – и за ова сум пишувал повеќе пати – да се јавуваат на некакви конкурси, наместо нивното финансирање да се решава договорно и експертски, тет-а-тет со надлежните во Министерството за култура. Брзо и ефикасно, на задоволство на двете страни. Притоа, отворени се и сите можности за ефективен договор околу евентуалните „спорни“ или недоволно јасни програми / проекти, па и доза на балканско „пазарење“, ако сакате. Но, што е поважно, со тоа ќе се избегне и небулозното „комисиско“ надгласување за програмите на националните институции, најчесто од некомпетентни луѓе.

Но, во суштина, тоа се само модалитети на, повторно, еден (за)стар(ен) систем каде што државниот орган – Министерството за култура – се бави ем со политиките во културата ем со парите. Вообичаено за нас, но тоа така веќе не оди. Токму затоа во европските напредни демократии се воведе фондовското финансирање, издвоено од досегот на влијанието на политиката. Не идеализирам и не мислам дека и таму не се случува повремена политизација или притисоци во финансирањето. Ама сепак, тоа се исклучително ретки „инциденти“ кои што најчесто завршуваат со – оставки! Ако се обзнанат во јавноста, се разбира. Затоа тамошните политичари дополнително внимаваат на „врските“ со парите. Се разбира, ни фондовското финансирање не е без мани. Барем кај нас, зашто сетете се што се случуваше цели десет години со Агенцијата за филм (првично замислена токму како Филмски фонд): целосно партизирано чекмеџе за делење на (огромни) пари на партиските пулени и симпатизери, на пријател(к)и на пуфлата или фирерчено итн. Стотици милиони фрлени во ветар! Што пак ќе рече дека ние и нашиот менталитет умееме да искривоколчиме се’, дури и најдобро замислениот систем знаеме да го приватизираме до бесвест и од него да направиме лична / групна прчија. Но тоа, се разбира, не треба да биде пречка барем да размислуваме за можните промени, во подобра насока!? А сепак, наинтересно е што тој фондовски систем не е непознат ни во македонската култура. Тој, имено, е истиот оној сиз-овски систем воведен од средината на седумдесеттите, па се’ до почетокот на деведесеттите. И функционираше речиси иделано. Ама „експерти“ од типот на Кљусев, Грозданов и компанија, со пустиот страв од албанскиот фактор, укинаа (и централизираа) се’!

И бидејќи веќе претходно го спомнав Коџабашија, неговото европско искуство е безмалу непроценливо за нас. Ако сакаме да го користиме, се разбира. Но, тој знае да спомне и крајно „еретички“ идеи за финансирањето на институциите за кои што, овде, ако човек ги каже јавно и гласно, ќе го турат на клада. А Никола вели (отприлика): а што би фалело ако дури и националните институции, особено оние на кои не им оди баш најдобро, бидат во мешовита соственост: на пример 51% на државата и 49% на приватен капитал? Па така еден МНТ да биде притискан од „акционерите“ да прави подобра програма, да ангажира подобар ансамбл … итн.? Чудно, нели? Дури непојмливо за наши услови – важна национална институција, ама во мешовита сопственост? И, молам, не го мешајте ова со некаква можна комерцијализација на институциите. Која што, впрочем, и не е некаков бауч, туку многу  често е и посакувана. Но не како единствена ориентација, се разбира. А едновремено, таква „мешовитост“ се спомнува и во актуелната Национална стратегија за културниот развој кај нас во наредните пет години. Па, можеби, некогаш ќе стане и реалност?

Или, ако сакате, барем јас никогаш не ја разбрав огромната разлика во привлекувањето спонзори помеѓу спортот и културата. Добро, и тоа е прашање на афинитет, ама ни јас немам ама баш ништо против врвниот спорт. Кој што ние го немаме, нели. Ама сепак дел од големите македонски фирми истураат камиони пари во фудбалот, ракометот, кошарката … со минимални повратни резултати. Може некој да замисли што би направил еден МНТ, на пример, со добро раководство ама и со милион евра спонзорство од еден од главните финансиери на македонскиот ракомет? Чуда! Или какви изложби би гледале низ Скопје и Македонија со истото тоа количество пари во само два-три наши музеи?

КОЈА ИНСТИТУЦИЈА БИ ЈА ЗАТВОРИЛЕ?

Се разбира, прашањето од насловот е (само) хипотетичко, колку да заинтригира за темата: (стандардите во) финансирањето на културата. Иако, во некое друго време, може да се покаже и реално. Мислам – прашањето, не експлицитно за некоја конкретна културна институција, но сепак за некоја од т.н. национални. Еве, на пример: МНТ, Филхармонија, Национална галерија, Музеј на македонскиот хорор итн. Што, секако, би било проследено со повици од типот „предавници“, „антипатриоти“, „идиоти“ … и се’ друго според веќе востановениот тврдокорен список. Зашто, нели, (според нашата приказна) секоја од нив, или која и да е’ друга институција од тој ранг, е олицетворение на македонската култура, нејзина дика, огледало на македонскиот идентитет итн. Со што јас, секако, се согласувам. Ама, и повторно велам ама, ако не работи добро, ако е постојано во загуба, ако не ги остварува зацртаните визија и мисија на институцијата (иако нашите институции со тоа не се заморуваат премногу!) …? Ние, нормално, и покрај се’, би нашле оправдување да продолжиме со фрлањето пари во некој таков бунар, без оглед дали се викал вака или онака. И, се разбира, јас овде веднаш ќе се извинам на спомнатите како пример институции, но тоа го направив поттикнат од еден линк добиен од Никола Коџабашија, во кој што се вели дека Шкотскиот младински театар не добил финансиска поддршка за наредните три години (2018-2021), што го доведува во прашање неговото натамошно постоење / работа, (барем во трите наредни години). Инаку, Шкотскиот младински театар е национална институција со четириесетгодишна историја, преку чии што штици поминале еден Џерард Батлер, Кеит Дики, Карен Гилан и редица други ѕвезди. Ама, финансиерот (Creative Scottland, инаку главна агенција за финансирање во културата во Шкотска) оценил дека нивната предложена програма за наредните три години не одговара на бараните / очекувани стандарди!

Што е тука интересно за нас? Прво, дека една национална институција може да се финансира долгорочно, односно не само врз основа на едногодишна програма. Тоест, ако веќе сте избрале директор по ваш стандард, врз основа на негова четиригодишна програма, зошто го малтретирате секоја година одново да конкурира на тој т.н. Годишен конкурс? Згора на тоа, зошто би дозволиле некоја комисија, нека е и најдобра, повторно да го проверува вашето решение за тој и таков директор и неговата програма? Нели е пологично да му определите барем тригодишен буџет (како што, мислам, прави и Словенија) и да го оставите спокојно да работи. А секогаш имате можност годишно да ги контролирате неговите резултати односно да ја проверувате реализацијата на програмата. Па и да го смените, ако не си ја врши работата како што треба. Токму спомнатата Creative Scottland работи на тој начин: поддржува финансиски тригодишни програми на преку 120 културни организации, со над 100 милиони фунти! Она што за нас е подеднакво интересно е фактот што нема („стручни“) комисии, туку целата работа ја вршат експерти во самата организација, а Бордот на истата ја носи конечната одлука. (Да, сето тоа понатаму е поврзано со сериозна, стручна, и пред се’ непартиска администрација исправена пред задачите да носи и такви одлуки. Но и тоа е нешто што допрва ќе треба да го учиме!).

Второ, сигурен сум дека и Шкотска си ги сака културните институции, си ја сака културата, идентитетот и се’ што оди со тоа. Ама не се фемка да одбие финансирање на една од важните институции ако смета дека таа не ја врши својата работа на очекуваниот начин! И сега, на тоа се надоврзува цел еден за нас непознат систем на однос кон националните институции, нивното финансирање и одговорноста на државата за истото. Кај нас тој систем треба допрва да почне да се гради. Безмалу од почеток, без претерани национални страсти, дури и без емоции, со калкулатор во рацете и со ум во главата. Зашто, никој во оваа култура, па и „најцврстите“ македонски национални институции, немаат carte blanche за буџетските средства што се прибираат од даноците на граѓаните. Како што пропаѓаат големи економски фирми, можно е на краток рок да се случи крах и на некоја културна институција. И тоа не би бил крај на светот, уште помалку на македонската нација и нејзината култура! Напротив, тоа би можело да ги направи институциите посилни, директорите поодговорни, а министрите за култура посмели. Зашто, инаку, кога на секоја активност на министерот / Министерството ќе му залепите национална (а почесто националистичка) етикета, тогаш приказната не може да има среќен крај. Уште помалку македонската култура може да има добра иднина!

КОНТРАРЕФОРМАЦИЈА

Знаел Лутер, точно знаел против кого и против што тргнува, и дека клинот во вратата на црквата Сите Свети во Витенберг е забиен директно во срцето на Папството и неговата моќ и влијание (не само) во Германија. Впрочем, како што веќе напишав, прашањето „Зошто Папата, чие богатство денес е поголемо од богатството на најбогатиот Крас, ја изгради базиликата Св. Петар со парите од бедните верници а не со негови пари?“ е токму македонското прашање денес, поставувано толку пати во изминативе година-две: зошто фирерчето, и неговата камарила, не го градеа, на пример, „Скопје 2014“ со свои пари, туку грабаа од нашите? Зошто не ги хранеа своите банди во медиумите, во културата, во администрацијата … со свои денари и евра туку тоа мораа да го прават од државниот буџет?

По истата логика, претпоставувам, како и Лутер, знаел и Заев кој и каков пекол отвора со т.н. бомби. Ама знаела и бандата и нивните јатаци дека секоја наредна „бомба“ е нов клинец во нивниот сандак. А ги имаше доволно. „Бомби“. И секоја погаѓаше во целта, а сандаците се множеа со геометриска прогресија! Иако, можеби, недоволно за наш вкус. Или ќе беше премногу половина држава да се смести во сандак, закован? Можеби, којзнае.

Како и да е’, Лутеровата реформска мисла, велат, се раширила низ Германија за само две недели, а низ Европа за само два месеци, што за тоа време (16 век) е како директниот пренос на „бомбите“ на Заев на една-две македонски телевизии. И намерно ги спомнувам тие една-две (ајде да не ги именувам, сите се некако нервозни!) зашто сите други ја држеа македонската јавност во тотален мрак, негирајќи ги дури и очигледните случувања во државата! Борбата за вистината на тогашната македонска политичка опозиција – времето и историјата ќе покажат – е време на голема смелост, речиси дрскост контра еден фашизоиден режим организиран според цврстите правила на тој тип тоталитаристички режими. Особено во медиумите, што денес се заборава! Затоа, можеби, македонската јавност деновиве (или барем оној нејзин дел кој што добро памети што и како се случуваше на овие простори во изминатата деценија) има разбирање за чувствителниот, па и трнлив пат на реформацијата на македонската демократија, сега и тука. Иако, според манифестациите, тоа разбирање некако се стеснува, се витка под притисокот на (се’ уште) неисполнетите докрај ветувања, а често дури и под пресијата на одделни груби грешки во чекорите. Но впрочем, пред крајот на животот и Лутер, бидејќи и тој само од крв и месо, запаѓа во неразбирлив антисемитизам кој што во голема мера го засенува неговото дело односно го прави прилично контроверзно. Се разбира, не мислам дека сегашната власт е непогрешлива, уште помалку дека таму се собрани светец до светец – сите кој од кој позаслужен за македонската демократска пролет и без право на грешка. Но стравот во јавноста, некогаш дури и прегрубо манифестиран, е страв од контрареформацијата, од регенерацијата на Злото, од опашките на криминалната банда и нивните ќосиња залегнати на сите клучни места во државава, особено во медиумскиот простор. Ним им треба само мал поттик – можеби како оној одглумен од гаулајтерчето во Собранието – за да пред приврзениците воскликнат: фирерот е жив, ништо не му можат. Таквите грешки се непоправливи во една демократија, особено во ваква од македонски тип, кревка и кршлива до зла бога! Ако Лутер само ги заковал тезите на вратата на црквата и се свртел и си отидел кај неговата Катарина (добро, во тоа време уште не ја познавал, ама можеби кај некоја Магдалена?), ако не го измарширал папскиот пратеник Тетцел, а со него и самиот Папа, ако не постапувал понатаму така како што постапувал … од Реформацијата ќе останела само прав и пепел. Затоа, впрочем, и македонската јавност покажува знаци на нервоза, на недоумици каде застанаа – и дали? – реформите, свежината на духот на некогашната опозиција, големите зборови што ветуваа големи дела. Зашто, ако, повторно, мораме да ги гледаме маневрите на фашизоидните строеви на бандата, нивните поддржувачи и јатаци како пак креваат глава и ни продаваат сила, ако може секоја хистерична будала да урла и да ни држи предавања за демократијата а реформаторите гледаат в земја или бројат чавки на небото, тогаш повторно нешто не е в ред. Зашто, нештата се прилично едноставни: нема реформи со криминалци, нема промени со истите луѓе на клучните места, нема живот ако „демократијата“ ни ја диктираат пулените на малото фирерче! На контрареформацијата, нормално, (ќе) и’ пречи секој пробив напред, секој успех, секое обновено демократско право и развој. Особено (ќе) и’ пречи потсетувањето на нивните злосторства! И токму затоа се уште понервозни. Но и поопасни. Ама ако моторите на реформацијата шлајфуваат в место, без видлив ефект или со очебијна (и нејасна!) попустливост кон криминалците, што тогаш? Граѓаните во прв ред очекуваат владеење на правото, нов концепт на правдата, осуда на криминалците, но и заштита од нив. Ако овие и натаму дивеат низ македонскиот простор, а реформаторите го вртат погледот на другата страна, тогаш нешто сериозно не е в ред, нели?!

РЕФОРМАЦИЈА

Кога Мартин Лутер во 1517 година ги заковал неговите Деведесет и пет тези контра Папските индулгенции на вратата на црквата Сите Свети во Витенберг, точно знаел што прави. И знаел што да очекува односно дека ќе има поддршка од мнозинството Германци на кои што преку глава им биле Папските привилегии, богатства и аздисувања. И не случајно во 86та теза Лутер прашува: „Зошто Папата, чие богатство денес е поголемо од богатството на најбогатиот Крас, ја изгради базиликата Св. Петар со парите од бедните верници а не со негови пари?“. И знаел дека погаѓа точно во сржта на проблемот – во богатството! Лутер бил смел човек. Ако пак напишам дека Зоран Заев е смел човек, многумина тоа може да го разберат погрешно. Сеедно, но неговите „бомби“ – на времето, во просториите на неговата Партија но и пред „белата шампита“ која што се’ уште глуми Влада на РМ – тогаш ги доживеав токму како чеканот на Лутер и неговите тези контра римскиот Папа. Заевите „тези“ контра нашето фирерче (со тогаш изгледни шанси да биде наш доживотен „папа“) де факто беа почеток на крајот на криминалната банда. И кога тој велеше дека ќе го урне режимот само со пенкало, малку кисело се потсмевнуваме. Како што, впрочем, му се потсмевнувале и на Лутер во неговот време.

Ама, на крај памет не ми е да пишувам некаква ода за сегашниот премиер – ни тој ниту јас, претпоставувам, имаме потреба од тоа – но сепак, сите настани во денешна Македонија многу ме потсетија на улогата на Лутер, неговата смелост и далекувидост, и историската потврда на неговиот храбар чин. Сигурен сум дека и улогата на сегашниот премиер историјата глатко ќе ја потврди, особено после вчерашните случувања во Собранието на РМ. Демонстрацијата на сила од страна на малото фирерче – по којзнае кој пат во изминативе дватринаесет години – само не’ зацврсти во уверувањето дека се’ што се случува(ло) наназад неколку месеци било на место и дека се’ требало така да се одвива. Зашто ние и нема(в)ме друг пат освен сериозна пресметка со Злото на сите фронтови. Е сега, фронтовите некако ни се стеснуваат, или не се отвораат доволно бргу за наш вкус. Не знам, но кога човек го гледа она насилно чудовиште – иако сето тоа повеќе е популистичка глума за тврдокорен патетичен народ кој не умее да разликува магаре од човек – како самоуверено се шета низ Собранието (токму како оние на 27 април!), како се заканува, како истура вода (иако строго контролирано, знае дека ако малку го смени правецот ќе му го залепат мевот за грбот!), велам, сепак, наспроти целата глума, тоа веќе не е демократија. Како што впрочем не беше ни она на црниот 24 декември, или она на црвениот 27 април … па и сите оние дванаесет изминати години. Ама, мислевме, готово е. Прашањето е: зошто ние треба да толерираме насилници од тој тип? Само затоа што се пратеници, или што биле партиски и државни функционери? За сосема исти или слични постапки некои негови симпатизери со месеци се „на одмор“ во Шутка, или Идризово, или каде и да се. Или зошто, и до кога, треба да ги поднесуваме сите опашки на Злото во администрацијата, во медиумите, во културата, во образованието …? Како тоа ним, се’ уште, се’ им е дозволено, па дури и да се „возбуди“, на пример, цела една телевизија ако им напишете „три слатке речи“? И како никој од тие фолиранти не се возбудуваше на црниот 24 декември, на црвениот 27 април, на „развлекувањето“ на тогашниот лидер на опозицијата при неговите интервјуа во куртон-медиумите? Зошто, повторно, на барабите во оваа држава се’ име е дозволено, па и да се „возбудуваат“ ако некој ги спомне, а ние, дури и кога ни се закануваат – истите бараби кои го поддржуваа цела деценија она чоечено, несудениот глумец, кое вчера изведе „патриотска“ претстава во Собранието на РМ – немаме право на заштита? Или заштита тоа право го имаат само богатите, и злите?

А кога сме веќе кај тоа, Лутер не случајно го спомнува Крас – римски генерал и политичар – чие што богатство се проценувало (според Плиниј) на околу 200 милиони сестерции, а според Плутарх дури на 229 тони злато (што во денешни мерки е околу 9 милијарди долари!). Сепак, никој, па ни Лутер, не знае(л) колку навистина „тежи“ Папата, како што никој (па ни Заев) не знае ни колку навистина во злато тежи нашион статист. Ама не знаеме ни колку тежат сите други бараби кои секој ден ни се силат и не тормозат со нивното богатство, кое што е всушност – наше богатство!

Затоа, за крај: историските мисии мора да се одиграат докрај. Или – го губат значењето на историски мисии. Остануваат само со некои / некакви периферни значења што бргу бледнеат. Тогашната Лутерова реформација стана историска мисија за Германија, но и многу пошироко – обедини половина Европа. Нашата „реформација“, дури и да остане само наша, мора да се одржи како силна демократска мисија за Македонија, или – отидовме сите по ѓаволите!

СТАРО-НОВИ РАНИ

Мојот имењак Лозановски (Злате) е безмалу болно во право кога вели дека овде, кај нас, „преземањето нов чекор во крајна линија е или продолжување на некоја од старите рани или отворање нова“. Ние немаме и не можеме да имаме „нови чекори“ зашто старите, проклетите, не’ следат како сенки, јавнати ни се на вратот и од нив куртул нема. Џабе ни е и живот, и нова култура, и божем нови барања и очекувања кога мафиите си функционираат по принципот дај-дам, кога сите имаат некакви стари долгови, или отворени рани / сметки, за лекување или за враќање.

Всушност, Македонија е цел живот на крстопат: помеѓу вчера и денес, историјата и иднината, личното и општото, локалното и глобалното. Оној Аце заакал дури до Индија, ама што фајде. Оставил расклатена „држава“, попат умрел, генералите му го развлекувале пленот, телото и „државата“ … Дури ни од 1990тите не успеавме да воспоставиме владеење на правото и системот, на квалитетот и вредноста пред се’ и над се’. Затоа цело време се бавиме со старонови рани, ги залекуваме ама пак се отвораат зашто лекот ни е лош, бабин, неефикасен. И постојано ни стои некаква грутка во грлото која што не можеме ни да ја голтнеме ниту пак да ја исплукаме. Судбина!

Таа грутка, тој чемер и јад збран во неа еден ден ќе ни дојде до главата. Во неа се стуткани сите зла од оваа земја, сите неспособни и самоумислени, сите бараби и гниди што цели дваесетина години дефилираат низ јавната македонска сцена продавајќи ги своите фрустрации, лаги и идиотизми како народно добро и современа замена за квалитет. А ние ги одгледуваме како национална вредност, несвесни дека бргу се множат, напредуваат, јакнат во нивниот убиствен поход контра се’ што може да заличи на некаква европска Македонија.

Но и тоа не е од вчера. Тие не се паднати од Марс или дојдени од најмрачните тунели на Адот. Сме ги гледале и сме ги слушале пред многу години, не придавајќи им којзнае какво значење односно мислејќи дека се навистина неважни, невредни, неспособни односно некадарни да пореметат којзнае колку во вредносниот систем на државата. Премногу бевме сигурни во себе! А тие ебиветри и секакви други психо типчиња се муваа низ сите благополучни професии, по разноразни периферни и тотално ступидни медиуми и нивни ретардирани рубрики (деск, скопска, некакви „музички“ емисии и сл.), одеа на сите отворања на изложби и други културни настани, беа во првите редови на коктелите и приемите само за да се сликаат со важните политичари … И не било за џабе зашто – оп, преку ноќ, на крилјата на распафтаниот националистичко – злосторнички подем на некоја новокомпонирана номенклатура со фашистички происход во потрага по нова распределба на моќта, тие стануваат важни директори, новинари, професори, уметници, културњаци. Но не само тоа, туку тие се осмелуваат да диктираат што е што и кој е кој, да водат кадровска политика, да расправаат за вредности и истории, за мината и иднини. До вчера се криеа од дневната светлина, бараа поголеми камења под кои што ќе се пикнат за да не ги спржи свежата македонска идеја која што, во суштина, тие ниту можеа да ја разберат. Ама затоа одлично го разбираа(т) говорот на парите и наредбите на малото фирерче. И се строеа. И се зацврстуваа во рововите, (полу)свесни дека ова нивново сепак не може вечно да трае. И уште се во строј! Некои дури и со мисла дека шаткестоно фирерче и неговите мрсни арамии ќе се вратат и тие повторно ќе бидат први виолини. Ама ние како да не сакаме тоа да го видиме? Па и да поверуваме дека и тоа е можно!? Староновите рани ги оставаме незараснати, ама сепак се стремиме кон Европа. Иако тие упорно ни велат дека така не може! Дека раната мора да зацели, да се затвори! Дека на неспособното, на криминалното, на глупото, на некадарното мора да му се каже отворено каде му е местото ако сакате да градите здраво општество. Вака, секоја будала, секој психотик ви диктира темпо, ве вовлекува во негови шеми, ви вреви под прозорец како нездрав за да ја прикрие личната неспособност и, евентуално, криминал. А всушност нема што да се крие зашто овде се’ е веќе јавна тајна!

Затоа и гртуката тендира да расте и да задушува. Не поединечно – тоа е дури и најмалиот проблем, денес бил, утре не си – туку колективно: на здраворазумско, демократско, морално, етичко … рамниште. Како тоа секоја втора бараба стана поважна од чесниот човек во оваа држава? И зошто?

Грутката ќе порасне – и ќе не’ задуши.

ТВ ГЕРИЗ

Никогаш докрај не ја разбрав поентата на фразата: никогаш не се карај со новинари! Демек, поедноставно, да не речам побезболно, е да се караш со лекари, или со полицајци, или со глумци, на пример? Во што се тоа привилегирани новинарите, особено македонските? И толку ли се одмаздољубиви што ќе те начекаат – кога и да е’ – и ќе ти вратат дупло? Ќе ти направат таква ненадоместлива штета што ќе ја паметиш цел живот? Можеби, иако немам такво искуство, ама мислам дека фразата е повеќе резултат на самофалби односно самозакани отколку на реални аргументи. Добро, македонските новинари, па и не само тие, проблемот е повеќе регионален, се посебна приказна зашто ние бевме нагледен пример за нивното „влијание“. Ама тоа се однесува главно на оние на кои им треба(ше) нивната пропаганда, а не нивното знаење или способност. Јас не говорам за тие, и таквите. Такви има секаде, кај нас можеби повеќе отколку на друго место. А нивното влијание е правопропорционално со парите „инвестирани“ во нив: колку повеќе пари – толку поголемо т.н. влијание! И тоа го гледавме цели единаесет години! Ама: зарем тие и такви гниди треба да ги сметаме за – новинари?

Како и да е’, неколку дена чекам да видам / прочитам (од)глас за емисијата „Само вистина“ на (К)Анал 5, во „режија“ на една тамошна „новинарка“ и нејзиниот гостин – народен трубин (пардон: трибун!) со големомакедонско име, контра архитектот Мирослав Грчев. Велам – чекав на некаков одглас, особено од некој од македонските новинари, па може и од ЗНМ, „главом и брадом“, или неговиот Совет на честа … или како веќе им се вика тоа „тело“ што така помпезно се претставува. Зашто таа срамота не беше само на (К)Аналот, таа беше резил на целото македонско новинарство. И не беше резилот само во навивачката страна на „новинарката“, која со нескриена омраза се обраќаше кон едната страна, притоа премолчувајќи ги сите навреди од големомакедонскиот уличарски трубин (пардон: трибун!), туку таа „емисија“ – каков епитет за еден тв гериз – која што обично трае до триесетина минути овојпат ја развлекоа на час и четириесет минути! За да имаат повеќе време, нели, да го тормозат едниот гостин, да го распнуваат на сите дпмнеовски и уличарско народни крстови, на одушевување на широките тврдокорни маси. Гладијаторска тв местенка со учество на цела една квазителевизија – од главен и одговорен уредник па надаље – контра еден човек! Секоја чест, аналитети!!!

Иако, некој ќе каже – ништо чудно. Да, иако кај нас навистина веќе ништо не е чудно. Ама ова мора да биде. Барем денес. Зашто злоупотребата на медиумите со национална концесија мора (конечно) некого да го тангира. Некој мора да биде загрижен за нивото на омраза, невоспитување, некултура, незнаење … кај „новинарите“ во дотичните медиуми, некој мора и службено да е одговорен за состојбите, а за такви случаи да презема и мерки. По службена должност! Или тие идиоти навистина можат да прават што сакаат? А тормозените, навредените, исплуканите да ја бараат правдата на суд, во граѓански постапки? Та не го тангира ли сето ова Здружението на новинарите, нивниот Совет на честа?

И за да не испаднам дрвен адвокат на Грчев кој стоички го издржа тврдокорниот трубино-геризки комплот, од лично искуство знам дека тие и такви „совети“, „здруженија“, „агенции“ … повеќе обичаат да молчат „ко заливени“ отколку да се произнесат контра гнидите во нивните редови. И колку и да не ја разбираме таа (не)професионална „толеранција“, таа очигледно функционира. Ако кажам дека пред 5 (и со букви: пет) месеци поднесов 2 претставки до Советот на честа на ЗНМ контра слични гниди – Горан Петрески и Христо Ивановски од укочената телевизија – кои во мое отсуство „ме развлекуваа“ низ нивните „емисии“, ќе го тангира ли тоа некого? И мислите, добив нешто како одговор од Советот? Или од ЗНМ? Ништо! Како и да не сум побарал некаква заштита од тој т.н. Совет на честа, како и да не сум напишал ништо, како да се случило – ништо! Па можеби затоа, подоцна, истото тоа, еднакво „добронамерно“, си го правеше и една спонзорирана тв шмизла. И пак ништо. Пустелија, нема (од)глас!

И сега, секој злонамерен, а јас често знам да бидам таков, ама со аргументи, би рекол дека сите се исто гомно. Ама не се, се разбира. Меѓутоа, нереагирањето создава таков впечаток. Или, ако сакате, како тоа новинарите, па и „новинарите“, умеат да бидат до зла бога настојчиви за одговор од политичарите за секое, па и за најбанално прашање, умеат парампарче да ги прават ако не го добијат бараниот одговор, ама се целосно толерантни за истиот тип преваранти во своите редови? И зошто се тие нешто повеќе од нас, обичните граѓани? Или, конечно, нели постои онаа фамозна Агенција за аудио и аудиовизуелни медиуми? Или тие навистина нон-стоп спијат, како што еднаш напишав? Па што спанковци ќе беа во оваа држава, на сите страни и на сите божем одговорни позиции? И оттука, ако јавниот медиумски простор, особено оној со национален предзнак, е така геризиран, особено денес, и ако никој од повиканите не смета дека треба да реагира, не’ чуди ли, се’ уште, како она злосторничко здружение ни се обеси на врат повеќе од една деценија? И мораме ли, навистина, нивните се’ уште живи и здрави пипци, но и новоизраснатите, понатаму да ги толерираме? И нема ли во новинарската професија барем глас-два – ако не цело Здружение – да се јават со осуда на гнидите во нивните редови?

П.С.

А после се’ – го гледам Милчин на истиот тв гериз! Неверојатно.

ДОЛГ И ТЕЖОК ПРОЦЕС

Не знам колку фајда кај нас има ако човек наведува што и како мислат експертите за процесот на децентрализацијата. Нам обично тоа ништо не ни значи, ние во принцип не сакаме стручни луѓе зашто (главно) сите ќе (по)тврдат дека децентрализацијата е круцијалниот фактор за доброто владеење, односно дека „врската помеѓу успешната децентрализација и доброто владеење е многу висока“ (Richard Vengroff и H. Ben Salem), дека таа (децентрализацијата) е „важна институционална рамка што го подобрува владеењето кај нациите во развој“ (Jerry VanSant), дека таа значи „обезбедување повеќе центри на партиципација во одлучувањето“ (Robert Charlick) итн. Се разбира, стручните мислења нема да ни го ублажат процесот на културната децентрализација – тој кај нас нема да биде ни брз, ниту лесен. Примерот со директорот на Домот на културата во Гевгелија е жив пример како таа приказна може да се развлече во хумореска, но со трагични последици по локалната култура. Човекот, ни мање ни више, го бара локалниот театар, иако кутриот не знае што да прави ни со тоа што го има, односно со Домот на културата. Ама знае дека му требаат – пари! И тоа многу. Што ли пустиот намислил да прави со нив? Најмалку пак мислам дека новата општинска власт била широкорака со 100те илјади денари што му ги доделила за годинава. (Јас, на пример, не би му дал ни денар!). Ама, кога човекот не знае ни со тие што да прави?

Оттука, најлесно во овој процес е да се опцуе централната власт, нејзината наводна неспособност или несакање да помогне таму каде што треба. И повторно велам, процесот на децентрализацијата е премногу важен за да се остави на некакви стихијни иницијативи, брзи и навидум лесни, уште помалку пак на луѓе кои само мислат дека нешто знаат. Ама тој процес мора да биде ефикасен, контролиран, стручно фундиран и – безмилосен. И со сета можна помош од „центарот“, се разбира, дури и на подолг рок. Но првата фаза мора да ја заврши самата „локална“ култура – таму каде што ја има – односно културните институции, какви-такви, и независниот културен сектор. Притисокот мора да доаѓа паралелно, од „центарот“ но и од внатре, при што тој од внатре може да биде многу поделотворен бидејќи (ќе) тендира да прерасне во експлозија на граѓанско незадоволство. А тоа никој од политичарите не го сака. Зашто, ако културните работници, колку и да се, секојдневно бидат присатни пред општинската политичка „елита“ со свои барања, ако на своја страна привлечат барем еден дел од граѓанството на кое што му треба театарска претстава, кино, концерт … и ако тоа се повторува од ден во ден, проследено и од локалните медиуми … никој не може да остане рамнодушен пред таков притисок! Впрочем, ако упорноста и масовноста на „Шарената револуција“ скрши еден цел солидно забетониран режим, белки и локалните „културни револуции“ можат да ги помрднат работите од мртва точка?

Едноставно е неверојатно дека во Македонија има толку сиромашна општина која што не може на своите жители да им приушти барем два-три културни настани во годината. Нека се и од мали размери, скромни, адаптибилни на секакви услови, често главно помогнати со волјата и парите на „центарот“ и неговите институции (кои што тоа мора да го имаат како приоритет во нивните програми!). Ако општинските власти бидат одбиени при една таква желба, што е речиси неверојатно, тогаш притисокот треба да се изврши во националните медиуми, Владата итн. И тоа е еден од првите репери што мора да ги демонстрира новата културна политика: дека се грижи за културниот развој на земјата, дека е подготвена да помогне таму каде што помошта е побарана, па и таму каде што не е побарана. Зашто, објективно, културните капацитети на дел од општинските „елити“ се на такво дереџе што тие никогаш нема да побараат културни активности за своите граѓани. И тоа мора да се има предвид и да се делува во таа насока. Едноставно – ќе им се нуди, сугерира, ќе се користат партиските притисоци и „наредби“ … се’ додека тоа не стане навика, процес, потреба.

И да, ги знам и негативните примери на културната децентрализација, кои што по правило се посочуваат кога ќе се спомне овој поим. На пример, искуствата од соседна Бугарија. И никој не вели дека и кај нас нема да има такви примери, или дека ние сме генерално имуни на истите. Прашањето е: дали умееме да учиме на туѓите грешки / искуства? И да не ги повторуваме? Иако, всушност, некои бројки токму за Бугарија кажуваат и различна приказна: дека во периодот 2000 – 2009 година државното финансирање во културата се намалило од 49,9% на 39,8%, што пак е компензирано со зголемено финансирање во општините од 49,6% на 60,2% (Tomova и Andreeva 2010). Но, сепак, и таму, ни Министерството за култура ниту пак општинските власти презеле сериозни реформи во насоката на подобрувањето на квалитетното финансирање и институционалното преструктуирање, што пак, во крајна инстанца, е резултат на некохерентна културна политика. И секако, лошите политики – на пример во театарската дејност со затворањето или спојувањето на театрите (што пак резултираше во големи протести!), или фактот дека министерот за култура можел да затвора општински културни институции итн. – произведуваат лоши состојби. Од друга страна, бројни експерти во Бугарија (Институтот за културологија, Диана Андреева, некои релевантни политички партии итн.) тврдат дека ова се должи на немањето национална стратегија во културата! Што не е случај кај нас, нели. Но, основното прашање останува: колку во праксата (ќе) го почитуваме тоа што сме го зацртале во стратегиите? Е тука – нема помош!

Но сепак, проблемот никогаш не лежи во една или две точки, иако тие можат да бидат носечки за проблемот. Во процесот на некоја замислена „успешна“ (прашање е и што под тоа подразбираме!?) децентрализација во културата, барем кај нас, еден од клучните фактори се / ќе бидат општинските власти. А тоа значи дека тие ќе мора да бидат континуирано подготвувани за тој процес, ако треба и обучувани, а не само натоварени со обврски кои што малку ги разбираат или, едноставно, не ги сакаат. Нивната неподготвеност во старт ја осудува на пропаст секоја иницијатива во културата, особено процесот на децентрализацијата.

ВОЈНА НА „СВЕТОВИ“

Без намера повторно да се навраќам на Ќосето, но примерот на јавно искажаната желба / намера на една општина трајно да си го посвои дегенерикот – односно споменот за истиот – иако „личноста“ нема ама баш никаква врска со подрачјето или (не дај боже) жителите на дотичната општина, сликовито говори за културните стандарди на (голем дел од) македонските општини, за нивното поимање на културата и, што е уште поважно, за тешкотиите на кои што ќе наиде идната ориентација кон културна децентрализација. Тоа, најблаго речено, ќе биде војна на „светови“ – или светогледи, подобро кажано – на концепти и стандарди наспроти желби и пекмезења, на иднина наспроти минато итн. Или, поинаку поставено, можеби повеќе ќе се зачудевме ако општината побараше изградба на барем една културна установа, зашто таму нема ниту една, наместо желбата за вдомување на кољачот?

Како и да е’, културната инфраструктура е еден од основните културни стандарди во цивилизираните (не само европски) земји. Ако имате општини – гратчиња, градови – без ниту една културна установа, барем библиотека, ако не повеќе, за каква култура можете да говорите? Ако (мнозинството од) жителите на дотичните места (нивното височество – граѓаните!) дури и не чувствуваат потреба од постоењето на културни институции во нивното место на живеење, ако немаат потреба од книга, изложба, претстава – не неопходно како локален културен производ туку барем во форма на гостување, па нека е и еднаш годишно! – тогаш за каква култура и културен развој можеме да говориме во оваа држава? И намерно не ги спомнав концертите како форма на културна понуда (локална или увозна) зашто веднаш ќе се најде некој да пререче дека барем тоа го имаме, иако јас најмалку мислам на оние (повторно локални или увозни) естрадни бљувотини кои многумина ни ги поттураат како култура. Особено нашине поп-фолк кич „ѕвезди“, до вчера полевани со златна прашина токму од страна на Министерството за (не)култура, или, уште повеќе, истиот калибар кој доаѓа од северниот сосед и кој најчесто е (пре)платен токму со општински пари односно со пари од тие граѓани на кои не им треба библиотека, музеј, галерија, камерен оркестар итн. „Чаше ломим“ културата окупира повеќе од 80% од културната понуда во внатрешноста на државата! Дотолку повеќе: за каков културен идентитет и неговата одбрана говорат оние воспалени „патриотски“ муцки? И никако да објаснат што е тоа што некој ќе ни го земел, и како некој може да ни одземе нешто што немаме?

За локалните војни на „светови“ односно (културни) светогледи се изнаслушавме во текот на јавните расправи низ државава организирани апропо Националната стратегија за културниот развој за наредните пет години. И приказната е секаде безмалу иста: општинските власти немаат слух за културата, не ги интересира, се расфрлаат со пари само и единствено за фолк „ѕвездите“ од прилично сомнително потекло од бившите ју простори, културните институции (таму каде што се’ уште ги има!) се во катастрофална состојба итн. И таа „војна“ по правило завршува со победа на општинските власти, најчесто дури и пред да започне. Нема дијалог, нема разбирање, нема волја за промени! Општинските полуписмени „елити“ (со чесни исклучоци!) се’ уште живеат, и уживаат, во зачадената балканска крчма со мирис на ракија и колбаси. Каков локален културен развој, какви бакрачи. А локалната култура, како малцинство, нема доволно сила за отворена борба. Најчесто нема ни обид за такво нешто, а работите треба да ги реши „центарот“ – престолнината. Како да не гледаат дека истата „војна“, во поголеми размери, се води и таму. Зашто, впрочем, главната битка во војната на „светови“, односно светогледи, денес се бие баш во центарот на македонската престолнина, и тоа токму за и околу идиотско криминалниот кич продукт наречен „Скопје 2014“!

Оттука, можеби, конечниот исход на скопската „војна“ ќе ги навести и резултатите на локалните (не)културни војни? Но не, почетокот, односно „судбината“ на Ќосето веднаш ја демантира таа теза. „Внатрешноста“ ќе го апсорбира сиот кич од престолнината. Ќе го трансформира, но нема да дозволи да биде уништен! Ќе го прибираат отпадот од престолнината, како што го прибираат и културниот отпад од бившите ју простори!

Но, се разбира, ова се само сегменти, цртички во мозаикот на еден поголем проблем кој што целосно не е разрешен ни во многу поголеми, поумни и побогати држави од нашава. Ама луѓето таму континуирано работат на негово совладување! Ние велиме – ама така сака народот, мнозинството. Ма немој. А зошто тогаш на тој ист народ сме му пропишале дека мора да заврши средно образование, задолжително? Зошто не му оставиме на слободната волја и на желбите? Зарем културата е нешто подолу од образованието и зарем е поважно некој да знае да си го напише името, па дури и да мисли дека Нерези е познато по питата во тамошната кафеана, а „Мадам Батерфлај“ е марка на нов парфем? Некој ќе рече: па и тоа е образование. Да, ама не баш. Зашто континуитетот на културното живеење и доживување во многу нешта го надминува (често) сувопарниот образовен процес. А културната инфраструктура вообичаено е основниот чекор во таа насока. Се разбира дека секогаш може и да се импровизира, односно дека дури и една Македонска филхармонија може да концертрира на полјана, во последната македонска забит. Ама мислевме дека сме ги надминале состојбите од илјада деветстотини педесет и некоја година, нели?! И сме ги надминале, секако (иако повеќе во материјална отколку во вредносна / духовна смисла), ама главно во престолнината – сега повторно под „опсада“ на разноразни „племиња“, и во пет-шест поголеми македонски градови. Другото се’ уште е на рамништето на полјана, со импровизирана сцена од која што трешти турбо-фолк! И што, (и) тоа ли ќе ни го земат Грците?