All posts by ТЕОДОСИЕВСКИ: Се’ тече, се’ не се менува

НЕМЕНЛИВО ВРЕМЕ

Комплетната клиентелистичка окупација на македонската култура – но и на целото општество, се разбира, зашто не можете во такви „операции“ да влегувате сегментарно – беше брутална и беспоштедна. Одеше на стратегијата „ако не си со нас тогаш си против нас“ – крајно перфидна и гнасна игра во една култура којашто одвај стоеше на нозе, со веќе разнебитена кадровска структура, со очајни плати … што ќе рече: потенцијални клиенти на сите страни. А таквите, се разбира, лесно се купуваат! Иако, за волја на вистината, во почетокот главните клиенти беа од културното подземје – самопрогласени уметници (со жив пример во „Скопје 2014“), третокласни актери, разноразни пискарала (од писателската и новинарската фела), филмски режисери со два грама школо и уште понеписмени продуценти … Сета таа багра беше промовирана во прв ешалон на македонската култура, опсипана со пари, нарачки и награди, заседната во сите комисии и одбори каде се одлучуваше за важни прашања и – за пари, нормално. Само за две години, во неколку чекори културата беше буквално поробена, како во неа никогаш и да немало слободен дух! Таков клиентелизам мислам дека немало ни во онаа Германија, и таму требало подолго време.

Но, кога нема отпор, кога сите веднат глава или дури отворено се нудат за клиенти на власта, тогаш окупацијата оди со уште побрзо темпо. А тогаш се отвораат сите вентили и апетити, и на власта и на клиентелата, се смислуваат матрици на дејствување, „проекти“, тендери … И секоја будалаштина на власта поминуваше мазно, без реакција на политичката или културната, научната, која и да е’ опозиција, а со силна поддршка на клиентите, се разбира, обезбедена со широка „политичка“ поткрепа и од коалициските криминални партии – оние кои денес заборавија каде беа и што правеа, ама сега делат ум и демократија. Но, велат, такво беше времето, и де факто тоа беше една од најчесто слушаните реплики, кажувани главно со половина глас за да не слушне патронот, „газдата“, и да не ги укине бенефициите. Целото „културно“ опкружување во Македонија беше еден голем истомислечки – или еднонасочно мислечки – камп во којшто главен капо (во културата, се разбира) беше пуфлата со нејзината банда викана Министерство за култура, одговорна директно пред малото „фирерче“, онаа мизерна побегуља некадарна да се соочи со сопствените злосторства.

Точно, некој може да забележи дека кампот за којшто говорам е отворена алузија на некои слични состојби од далечното мрачно европско минато. И не го правам тоа случајно, зашто паралелно со клиентелизмот како главна тема (и) на овој текст, во Македонија владееше и стравот од „долгата рака“ на криминалната власт. И тоа е сосема разбирливо зашто тие две нешта, барем на Балканите, одат рака под рака. Дури и не знаете што преовладува, едното или другото. Но, кај нас денес има тенденција овие нешта намерно да се мешаат, клиентелата да ја претставува сопствената лукративна поддршка на власта со божемниот страв од одмазда или реваншизам. Но тоа не беше така, тоа го знаат сите кои во тоа време работеа во македонската култура. Стравот беше левата рака на режимот, ама клиентите беа десната! А двете раце беа одлично синхронизирани во оствараувањето на плановите на криминалците. Затоа и така одлесно поминуваа и сите клиентелистички „проекти“ на бандата, иако денес веќе никој не ги спомнува. Се обидуваат да го релативизираат дури и „Скопје 2014“ односно некои негови „придобивки“ секакви „стручњаци“ веќе ги крстат „уметн ички дела“ (sic!). Резил. Македонската културна „интелигенција“ (сака да) ги заборави музеите – и не само музиете! – полни со ѓубре коешто пулените на режимот ни го подметнаа како уметност, (сака да) ја заборави дванаесетгодишната негативна кадровска селекција во културата, (сака да) го заборави дванаесетгодишното одработување за режимот на цела една директорска гарнитура (дел од нив се’ уште на истите позиции!), (сака да) го заборави молкот и веднењето глава пред таа некултурна банда ништожници … Ние немаме смелост, ни доблест да ги наредиме сите поименично на еден ѕид на срамот, за да не се заборави тоа време. Зошто?

Затоа што знае(в)ме дека тоа и такво време е наша константа, дека тоа време не се менува туку само се – модифицира. Знае(в)ме дека сега доаѓа друга гарнитура клиенти којашто, подучена од минатото, нештата сепак ќе ги прави пософистицирано, но ќе ги прави. Или, ако сакате, интересно е прашањето: постои ли софистициран клиентелизам? Постои, се разбира, повторно го имаме секаде околу нас, ама е умешно маскиран и навидум невидлив. Невидлив е за голо око, што ќе рече за пошироката јавност којашто и нема којзнае каков увид, ама оние кои се „во приказната“ го гледаат, го гледаат секој ден. Инаку, зошто, на пример, замолчеа повеќето од оние (иако малкумина) критичари на клиентелизмот и гнасотиите на бившиот режим? Па некои ги вработија, на некои им ги вработија жените, или некој друг од семејството … клиентелистичката приказна кај нас е бескрајна! Во такви случаи, дури и несвесно, почнува да функционира автоцензурата – најубиствената антидемократска „алатка“, особено стимулирана од клиентелизмот. „И тоа е одличен метод за сојузништво со власта и поставувањето на сцената за взаемна размена на придобивки“, вели Аи Веивеи.[1] И сето тоа некогаш изгледа наивно, невино – па нели сите имаат право на работа? – ама тоа е почетокот на клиентелизмот зашто првиот акт на покорност кон власта со цел да се добијат мали задоволства можеби изгледа минорен, но придвижува општествена лавина. И навистина сите имаат право на работа / вработување, на други општествени „бенефити“ или дури привилегии, ама кај нас клиентелизмот подметнува кукавички јајца, ги инфилтрира во системот оние други „отрови“: неукоста, неспособноста, несоодветни луѓе на одговорни места, итн. Тоа се долгорочните убиствени реперкусии од таквиот „софистициран“ клиентелизам, го признавале ние тоа или не! Кога кон тоа ќе го додадете „кремот“ на системот – етнопаритетот маскиран како „правична застапеност“ – добивате тотално нефункционална култура.

[1] Ai Weiwei, How Censorship Works, The New York Times, 6 мај 2017

МАКЕДОНСКИОТ ПРИДОНЕС ВО ИСТОРИЈАТА НА КЛИЕНТЕЛИЗМОТ

Кои се, каде се границите на клиентелизмот? Ги нема, тој е практично – неуништлив. Или, не е баш така? Не е, се разбира, ама и тоа, како и се’ друго, зависи од степенот на демократизацијата на општеството, од личниот / општиот морал, од казните, се разбира … од многу елементи коишто мораат во од да се решеваат зашто овој многуглав монструм е како корона вирусот: мутира, се трансформира во миг, дури да трепнеш. Следствено, дали битките контра клиентелизмот (објективно) можат да се добијат? Ако кажам не, ќе се каам зашто ширам песимизам, дефетизам, можеби и параноја; ако кажам да, ќе си префрлам себеси дека одлесно прогнозирам, дека немам аргументи за тврдењето, дека повладувам на јавното мислење … За жал, светот нема лек контра клиентелизмот!

Штом тој е вгнезден во највисоките врвови на политиката, културата, уметноста, науката … штом е така дизајниран што веќе тешко и се препознава, тогаш иднината не е оптимистичка. Почитуваниот Бошко Нацевски, врз парадоксалниот „случај“ на негацијата на македонскиот јазик посочува неколку извонредни примери од редот на лингвистичката наука (Лихачов, Јухас, Тот …) токму на клиентелизам во највисоките врвови на науката и нејзините лукративни спреги со високата политика, во случајов источнососедната![1] И тоа е можеби најгрубата, најодвратната, најпрезрената страна на клиентелизмот: неговото ставање во функција на државни „политики“ контра цели народи, а заради материјална добивка! Но, клиентелизмот е еднакво гнасен и кога е упатен контра една личност, кога клиентот прифаќа да работи на уништувањето на човечки судбини, кариери, морал … живот.

А Македонија, таа Македонија којашто ја спомнав (и) минатиот пат – онаа „држава“ на криминалецон од Будимпешта, неговото злосторничко здружение и нивната заробена држава – беа олицетворение на клиентелизмот од сите „бои“, беа мајстори на „занаетот“, „доктори на науки“ во светски рамки за прашањата како клиентелистички да се „врзе“ безмалу цела нација, како да се понижи / уништи човекот и неговото „јас“, како да се придобие како алатка во политичката пропаганда и борбата за гласови. Зашто, конечно, се’ во клиентелизмот се сведува на тоа: како да се добие глас повеќе, како повторно да се добие власта во една држава (општина, град). И тука нема пардон, се оди со најниски удари, се користи сиот можен арсенал што е на располагање, се користат слабите страни на клиентот – ако не се знаат, ќе се откријат – се манипулира со кариери, вработувања, пари, семејство и роднини … Главен адут, барем кај нас, беше општата сиромаштија којашто буквално е карта за во пеколот: кога работите за 300 евра месечно, се’ е возможно! А кога тоа го знае „газдата“ кој намерно ве држи на тие 300 евра, тогаш и невозможното станува возможно. Особено ако имате семејство, ако сте слаб карактер – па и да не сте! – ако низ главата ви се врти некаква во реалноста недофатлива амбиција, ако ова, ако она … Клиентелизмот никогаш не спие, особено клиентелизмот на она проклето злосторничко здружение кое ја зацрни државава.

Не знам со какви чувства треба денес да се обраќаме кон она мнозинство клиенти на тогашниот режим, дали да ги третираме како жртви на клиентелизмот кои тоа, едноставно, мораа да го прифатат? Не сум сигурен, не знам и на крај памет не ми е да изигрувам обвинител и / или судија, ама според примерите кои лично ги знам, чувствата може да бидат амбивалентни. За жал, ние до денес ни тоа не го расчистивме. Да, знам дека поимот „жртва“ можеби не е соодветен во случајов зашто сите „жртви“ на коишто јас мислам добивале некаква компензација, ама сепак сакам да верувам – и ова го потенцирам: сакам да верувам – дека многумина биле турнати во клиентелизмот заради егзистенцијални причини. Но тоа, се разбира, не можам и нема да го кажам за многумина други, а како еден од многуте и за оној т.н. „алуминиумски“ сликар кому во времето на пуфлата и криминалецот и нивната банда цела држава му откупуваше слики (на пример, доверливи извори велат дека само МНТ му откупила десетина слики!), му се издаваа книги, имаше по три-четири изложби годишно … „госпожата“ му ја направија професор на ФЛУ … За возврат, тој ја раскина устата од пропаганда во полза на режимот, го прогласуваше она малоно смешно диктаторче за мецена на македонската култура и уметност, ја ширеше „идеологијата“ на кражбата и насилството. А такви ги имаше премногу (не само) во македонската култура, тоа не беше само еден изолиран пример на купување на човечки души, на манипулирање на системот со луѓето – во случајов со, за жал, одличен уметник – и со користењето на државни ресурси за политички цели, што е една од најизразените клиентелистички методи. Сетете се само на оној клиентелистички „протест“ на сите директори на културните институции и нивните пајташи против тогашната опозиција! Или (не така одамна) на „тврдокорните“!!! Груевистичкиот клиентелизам беше разорен механизам за Македонија, за македонската култура, за македонската интелигенција (што и да се подразбира под тој магловит поим).

Се разбира, секој паметен денес, дури и пред културата, би посочил прво на македонскиот правосуден систем, на актулените состојби во него и сите реперкусии од тие состојби што ги трпи целата држава. Такво нешто веројатно (барем во понова Европа) било регистрирано само во нацистичка Германија во периодот 1933 – 1945 година. Но, да речеме дека правосудството е грижа на некои постручни во областа од мене. Заради тоа се држам до културата, но и не само заради тоа. Во неа, во културата, особено ако сте „внатре“, сите нешта се видливи. Со голо око, ништо не можете да сокриете. Ене ви го, по којзнае кој пат, „Скопје 2014“! Тоа чудовиште е типичен производ на клиентелизмот, на злоупотребите на политиката во културата / уметноста, на купувањето на луѓе – не сите баш уметници – на манипулациите со државни ресурси … Тоа е една огромна пералница на пари и на човечки суети. „Скопје 2014“ е изградено токму од типични клиенти, клиент до клиент, сите до еден. И сите си ја одработија работата како што треба: сите топтан беа такви пропагатори на заробената држава и злосторничкото здружение – инаку одлично платени, со наши пари, се разбира, а не со меценатство како што тврдеше „алуминиумскиот“ сликар! – што мислам дека ако тој „систем“ опстанеше подолго, ќе добиеа и по некој орден (и тој платен од наши пари). За заслуги за партијата, се разбира. Само тој политикантски монструм ги чинеше граѓаниве повеќе од 800 милиони евра – дел сместени во џебовите на клиентите и нивните патрони, дел фрлени во ветар зашто тоа што го оставија не вреди ни скршена пара. А не беше само тоа. Клиентелизмот на злосторничкото здружение достигнуваше несфатливи димензии и невидени дотогаш модификации. Во тогашната „(квази)културна операција“ наречена антиквизација беше вклучено комплетното Министерство за култура и, тврдам, повеќе од 90% од македонската култура. Процентот што го наведувам е, се разбира, произволен, но е толкав зашто во него ги вклучувам и молчаливците! И тоа, според мене, е вид на специфичен но еднакво опасен клиентелизам! (Минатиот пат спомнатиот Аи Веивеи ги нарекува „самозамолчено мнозинство“). Зашто, пасивната позиција кон власта, молкот и веднењето глава во заробени држави значи спокоен и удобен живот! И тоа е една од картите на којашто игра клиентелизмот и авторитарните власти.

Или, ако сакате, дури и да не беше она „Скопје 2014“, ние ќе бевме светски шампиони во клиентелизмот во културата. Зашто, неуморните клиентелистичко-криминално насочени умови на тогашните перјаници на власта смислуваа илјада и еден начин како да ги искористат културата и уметноста за своите цели, за јавна пропаганда на нивните „успеси“, како да купат повеќе следбеници и мегафони … како да украдат повеќе пари. И во тоа име беа смислувани и промовирани сите нивни културни „акции“: од романтично-националистички филмови до километри томови „книги“, од откупи на „дела“ до организирање „изложби“ на клиентелата, од гостувања во странство до манифестации дома, од национални пензии до „амбасадори“ на културата. Нема сегмент којшто не беше опфатен: една комплетна клиентелизација на културата!

[1] Бошко Нацевски, Наука и валкана политика, Слободен печат, стр. 7, 24 јануари 2020

 

ПАРАДОКСИТЕ НА КЛИЕНТЕЛИЗМОТ

Клиентелизмот не е ни така наивен или безопасен, ниту е пак така лесно победлив. Тој е кариес што разјадува, канцер што метастазира и ништи се’ околу себе. И се шири со необјаснива и несопирилива брзина. Затоа и велам дека не е така лесно победлив, што впрочем се докажува и со неговата долга историја на овој простор, особено во културата. На пример, оние дисиденти во некогашна Југославија, особено во областа на културата, не беа случајни. Тоа беа луѓе кои едноставно не сакаат да ја веднат главата пред клиентелистичкиот систем во културата, пред владеењето на медиокритетите и неспособните, не умееа да бидат исти како другите зашто им беше важно нивното творештво. Заради тоа бараа творечко засолниште во европските земји. Такви беа, на пример, сликарите од „Задарската група“ (викани уште и „комунари“), писателите Данило Киш и Антоние Исаковиќ, сликарот Владимир Величковиќ, режисерот Александар Петровиќ … такви беа Солженицин, Сахаров, Кундера и Хавел … таков е денес кинескиот уметник Аи Веивеи и стотици други од авторитарните системи, расеани ширум светот. Тоа е еден од парадоксите на клиентелизмот: си го брка најдоброто од културата / уметноста! Овој парадокс кај нас не беше распространет, ни во некогашна Југославија, ниту денес. Барем не во културата и уметноста, и за тоа има соодветно рационално образложение. Но за тоа – во некоја друга прилика! Ама затоа го има „на големо“ во сите други области! Иако тоа, главно, се објаснува со сосема други причини.

Односот држава – култура од времето на таа Југославија, (иако и таму подоцна имаше сериозни разлики во третманот), до денес, кај нас остана речиси ист: државата е единствениот газда во културата, во нејзини раце се и инфраструктурата, и буџетот и одговорните за распределба на средствата. Се’ што се случува во културата кај нас се случува, повеќе или помалку, благодарејќи на државата. И едновремено: се’ што не се случува во културата кај нас, не се случува благодарејќи на државата! Ја приметувате разликата, онаа дека во првиот случај стои „повеќе или помалку“, а во вториот случај тоа – го нема? Зошто? Затоа што во македонската култура, инцидентно, се случува да се појави и некој добронамерник кој ќе препознае вредност, квалитети, потенцијал … како во случајот со „Медена земја“, на пример … и ќе обезбеди интервентни средства да се „случи култура“. За жал, тие примери се многу малку, не знам дали ги имаме еден-два во годината. И тоа е уште еден парадокс на клиентелизмот: наместо да бара странски инвестиции и во културата, особено во ликот на бројните (европски и светски) културни / уметнички фондации, со што би го подигнала генералното ниво во културата и уметноста а едновремено би „олабавила“ дел од сопствениот културен буџет, државата прави се’ да ги одбие ваквите „интервенции“ во културата! Што преку незаинтересираност и незнаење, што пак преку отворени сопки.

Понатаму, веќе спомнатиот Kitschelt вели дека клиентелизмот „вклучува реципроцитет и волунтаризам, но исто така и експлоатација и доминација“. Да, знам, некој ќе праша: ма каква експлоатација? Еве пример: што друго беше онаа „акција“ на пуфлата и нејзината банда за редење скулптури низ централното градско подрачје, при што уметниците добиваа еднократна „награда“ крстена хонорар од 500 евра? Не дека тоа беа некој уметници, уште помалку некои дела, ама хонорар од 500 евра за тоа? Ако тоа не е експлоатација, не знам што е’! Едновремено, ни пуфлата ниту пак некој од нејзината банда – а ја имаше, богами, во неограничени количини – во тоа време не креваа ни пенкало за тие пари. Нивните услуги и „работа“ се плаќаа со суво злато! Или, ако баш сакате, што е ова сега со „Медена земја“ ако не целосна и бескрупулозна општествена експлоатација на нивниот труд и знаење, при што сите одеднаш станаа заслужни за нивниот успех? И се намерачиле да го споделат. Среќа во несреќата е што државата, во случајов, има сосема мал удел во филмот па изгледа на „надлежните“ им е некако срам потврдо да нагазат на гас, инаку ќе гледавме вистински циркус!

И вториот аспект што го спомнува Kitschelt (Herbert Kitschelt е професор по меѓународни односи на Универзитетот „Duke“ во Северна Каролина, САД) е доминацијата – можеби самата суштина на клиентелизмот, нешто што сите толку добро го запозанавме низ годиниве на независност и самостојност. Ова со годиниве на независност и самостојност го велам од причини што минатиот систем, оној во некогашна Југославија, сепак работите во клиентелизмот ги изведуваше поелегантно, камуфлирано, да не речам софистицирано!. Ние овде работиме се’ како со секира. И не ни е гајле што јавноста гледа и слуша, што се гнаси од постапките на политиката кон културата, и обратно, што изгуби верба и во уметници / уметност и во култура. (Токму затоа уште понелагодно е чувството кога гледате и слушате што се случува околу „Медена земја“ и како се плетат игрите на доминација околу младите автори на филмот!). Инаку, неколку пријатели ме потсетуваат на историските врски на културата / уметноста со политиката, речиси од памтивека. И тоа е точно така, веројатно уште од времето на Перикле и Иктинос, Каликратес и Фидија, преку Микеланѓело и Леонардо и нивните врски со дворот на семејството Медичи па, ако сакате, до „патронството“ на Гертруда Штајн на Пикасо … до неодамнешниот најцрн период во македонската култура во времето на „заробената држава“. И секаде и секогаш, отворено или подзатскриено, станувало збор (и) за варијанти на доминација на власта / политиката над културата и уметноста. Отворено е само прашањето на степенот на инволвираност на двете страни, на „длабочината“ на односот, на опсегот на безобразлукот на власта, на дијапазонот на практицирањето на доминацијата.

Во овој и ваков (клиентелистички) однос некои се обидуваат дури да видат „морална норма на реципроцитет“ (Gouldner), или да расправаат за „патрон-клиент врска“ (Scott), но укажуваат и на можниот страв дека бенефициите ќе престанат, итн. Се’ се тоа скриените лица (но и парадокси) на клиентелизмот, којшто во современите општества добива нови и нови димензии.

И тука, нашиот придонес, поточно придонесот на оној избеган криминалец, е особен во описот и пописот на финесите на клиентелистички „зделки“, што слободно можат да се предаваат на сите универзитети во светот.

КЛИЕНТЕЛИЗАМ

Меѓу оние со децении таложени „отрови“ во организмот на македонската култура – неукост, нестручност, партизација, клиентелизам, криминал … и многу други убиствени отрови – не е лесно да се избере најсилниот, најефикасниот. Секој за себе е опасен, потенцијално терминален, а кај нас тие делуваа(т) здружено, како современ разорен коктел отрови. И тој има интересни и последователни дејства: прво предизвикува еуфорија, потоа парализира, за на крајот тотално да го умртви кревкото тело на културата (или кое и да е’ друго) со постојана потенцијална закана да предизвика целосен колапс. Отровот е така балансиран што има и редица други потешко видливи ефекти – на пример целосна заспаност на телото, апатија, нефункционалност … – заради што и нема превентива, а нема ни лек! Се разбира, тој е „дизајниран“ за општества / држави како нашата и за народ како нашиот. Не делува секаде!

Меѓу сите наведени „отрови“ сум пишувал за повеќето, но се чини дека клиентелизмот како современ и особено популарен кај нас отров некако содржи елементи и од другите и е безмалу главна состојка во отрови за ваков тип општества. И тој не е лесно препознатлив во помали дози, ама кај нас, како и загадувањето, веќе ги пробива сите познати / дозволени плафони.

Помеѓу сите дефиниции за клиентелизмот, можеби најилустративната е онаа позната латинска изрека: quid pro quo! Таа не само што во три збора ги обединува сите други дефиниции, туку појаснува и дека не е некоја современа, нова измислица туку дека труе уште од времето на првите цивилизации. Што е и логично, иако во многу помала мера отколку денес. Како што впрочем порано немало ни трговија со отпад па тој тип загадување го сметаме за современ „изум“. Но, quid pro quo – најточно преведено како „јас тебе, ти мене“ – постоело во сите историски општества, во секакви ситуации, дури и во најригидните робовладетелски „системи“ каде целата власт била концентрирана во две раце. Но, оваа ситуација, денес современо наречена клиентелизам, особено цути во автократските режими, подеднакво и во демократските. Со извесни нијанси, нели. Која, или што би била основната цел на клиентелизмот? Да обезбеди „размена на добра и услуги“ помеѓу политиката и сите останати! А тие „добра и услуги“ можат да биде се’ што е од интерес на двете страни – политиката и граѓаните, на пример, или политиката и други интересни групи, итн. – што ќе рече дека акцентот е ставен на зборот размена! И се разменува се’ и сешто: од гласови на избори за вреќа брашно и кутија зејтин, преку државни награди и национални пензии како компензација за отворена политичка поддршка и лобирање до (не само) кај нас незамисливи парични износи на име на се’ и сешто (стипендии, субвенции, тендери, проекти итн.) за пошироки услуги во политиката. Современите општества измислиле сто и еден начин – кажано крајно фигуративно, зашто начините веројатно не можат да се добројат – за овој вид „размена“. Велам размена зашто без оглед на сите измислени начини и поими како негова замена, таа „операција“ сепак се сведува на тоа: најпроста, или најпростачка, ако сакате, размена на услуги, влијанија, поддршка, пари …

Клиентелизмот во суштина подразбира „однос“ помеѓу двајца: патрон и клиент. Низ вековите тие се нарекувале различно: господар и роб, феудалец и крепосен селанец, работник и газда …, но секогаш е иста нивната меѓусебна интер-релација односно двајцата (најчесто) своеволно влегуваат во „играта“ (иако, историски гледано, подредената страна баш и немала којзнае каков избор!). Денес, во современите општества, клиентелизмот е веќе развиена гранка, со изгазени / познати главни и споредни патеки и по правило се врзува за политиката, па следствено патронот секогаш е еден ист – оној кој бара политичка подршка, а за возврат нуди разни услуги, додека клиентот е по правило различен, разнолик: од поединец до група, од стручно здружение до етникум итн. Она што е константа е – размената, и тука веќе можеме да говориме за слободна односно доброволна размена! Зашто, клиентот не може – или може многу ретко – да биде присилен на размена којашто во принцип не ја сака. Велам може многу ретко, ама тоа се именува поинаку, најчесто како уцена, ако патронот има со што да го уценува клиентот, но тоа е веќе друг вид на однос. Се разбира, зборот клиентелизам звучи грубо, грдо, непопуларно, па не само главните актери туку и науката често измислува некакви поблаги изрази за овој однос, на пример „инструментализирано пријателство“ (James Scott), или „патронство“ и „врска гласач-партија“ (Kitschelt и Wilkinson), итн. Се разбира, клиентелизмот има уште многу финеси кои не се сега во фокусот на вниманието на овој текст, но треба особено да се потенцира уште една константа во нашиот случај на клиентелизам помеѓу политиката и културата: по правило овде станува збор за однос помеѓу државната (локалната) власт и втора (заинтересирана) страна, при што во сите случаи се трошат државни ресурси (во разни облици)!

Или, ако сакате, последните ги податоците за перцепцијата на корупцијата во државава во оваа година не’ рангира на 106 место!!! А корупцијата и клиентелизмот се брат и сестра!

Уште еден, многу битен за нас аспект за толкавата функционалност на клиентелизмот помеѓу државата и културата е фактот што државата држи целосен – или, ајде, речиси целосен – монопол во културата, така што културата, практично, нема друг излез освен да се „пазари“ (каков деминутив!) со државата! Во некои поразвиени демократии, некој на моето место не би се премислувал многу за да каже дека во нашиот случај станува збор дури и за „блага“ уцена од страна на политиката кон културата. Но, кај нас тоа може да предизвика редица отворени недоразбирања, и реакции, па така ова нека остане inter nos, некажано.

Како и да е’, ако треба исторски да го лоцираме клиентелизмот кај нас, особено политичкиот, тогаш би требале да копаме длабоко во минатото, уште во социјализмот. Сосема идентичен е случајот и за клиентелистичкиот однос помеѓу државата и културата. Социјалистичката држава беше alma mater за овие „односи“. Па следствено, тоа се преслика и во новата држава, во новиот (неименуван) систем. Зошто? Прво, културата немаше забелешки на тој однос зашто главни и во „новата култура“ беа старите кадри од социјализмот на кои целосно им одговараше таквата меѓусебна љубовна „размена“. Малкумина од тие кадри имаа доблест и интегритет да предложат нови односи, навистина нова култура и културна политика која што можеби немаше да го збрише клиентелизмот ама ќе му ги поткастреше ноктите, ако не и дланките. Ќе се бараа нови начини на поправична распределба, на функционално финансирање, на квалитет наспроти квантитет, на непартиска култура итн. Меѓутоа, тоа никому не му одговараше! Не и’ одговараше на „државата“ олицетворена во партиите на власт коишто точно знаеа што (ќе) значи нивното развластување во културата, не и’ одговараше ниту на културата односно на самопрогласените нејзини челници (особено во т.н. творечки сфери – писатели, уметници, актери итн.) кои едноставно не можеа да си го замислат животот без топлината на односот држава – култура. За жал, врвните македонски институции, особено МАНУ и Универзитетот, во овој поглед беа тотално неуки, неписмени и незаинтересирани, така што тоа на власта и’ беше добредојдено. А ако се сеќавате на составот на првата македонска Влада во независнава држава – со простак за премиер и културно неук човек за министер за култура – тогаш е јасно зошто социјалистичкиот дух (и) во културата продолжи во недоглед, се’ до денес!

(САМО)УНИШТУВАЧКО-МАЗОХИСТИЧКА ЖИЧКА

Мојот лаички „медицински“ речник може некому да му предизвика лоши асоцијации, иако „болеста“ на организмот наречен македонска култура не е нималку наивна и лесна. Во тој организам се таложеле децениски „отрови“ од најлош вид: неукост, нестручност, партизација, клиентелизам, криминал … и тие отрови непречено се ширеле низ чувствителните органи до степенот на прашањето –  има ли шанси за преживување на „пациентот“, и со кои мерки? Тоа, денес, се вистинските прашања за македонската култура, прашања од коишто во многу нешта зависи нејзиниот натамошен развој, па и резултати. Оние резултати коишто нема да ги нарекуваме инциденти туку коишто ќе бидат производ на сериозни и сеопфатни културни политики, политики за секоја област / дејност во културата одделно, со назначени развојни среднорочни и долгорочни насоки и компоненти, итн.

Се разбира, културите не гаснат така лесно. Тие се жилави, тврдоглави, трансформативни … дури и кога се на претсмртна постела умеат да се разбудат како Трнорушка од долгиот сон кога најмалку ги очекувате. Ама им требаат поттици, им требаат идеи, потенцијали … она „нешто“ што колоквијално го викаме – критична маса. (Иако таа де факто не постои, таа најчесто е само изговор за лично недејствување. Која „критична маса“ ја имало во Македонија на оној 11 Октомври? Или за АСНОМ? Колкава „маса“ – илјада, пет, десет илјади народ? Тоа сепак и не е некоја „маса“, ќе признаете, ама во неа важни била вербата, силата, херојството … !). Потребни се и пари, се разбира, насочени на вистинските места! Се случува и тоа: некои култури умираат, тоест стануваат грди, нефункционални, стануваат не-култури. И тоа историјата го забележила. Веројатно историјата забележила и примери како нашиов, не знам. Мислам на самоуништувачкиот пример на македонската култура односно тоталната негрижа на сите одговорни (државни и културни) фактори за состојбите во истата и патот по којшто се движи.

А сепак, често го слуша(в)ме тој страшен збор „самоуништувачки“ во контекстот на Македонецот. Пречесто. Иако јас многу не верувам во него, во таква некаква општа судба, или нагон, или што и да е’. (Не сум сигурен што вели историјата, дали имало баш такви самоуништувачки култури или ние ќе бидеме првата? Можеби оние предколумбовски култури во Јужна Америка има некој таков синдром? Како исчезнале, како од ветер однесени. Ама барем зад себе оставиле нешто. Ние – што би оставиле? „Скопје 2014“?). Мислам дека кај нас станува збор за нешто друго, прилично поразлично, и следствено можеме да најдеме подобри изрази, посоодветни, посодржајни, би рекол. Или барем комбинирани. Пред се’, мислам дека она „самоуништувачки“, со сета негова морбидна звучност, е намерно избран за да не’ плаши. Ама, колку што гледам, барем во културата, не не’ плаши доволно. Не не’ плаши воопшто! Или само сме отрпнале од толку самоуништување, ни дошло прекуглава? Од друга страна, попрво би рекол дека на дело, веќе подолг период, е процес на уништување, а не самоуништување! Систематско уништување, ако сакате, заради различни причини, зависно од актерите. А нив ги има – многу. И понатаму, и она (историско!) самоуништување го има, не велам не, но повеќе во форма на некаква мазохистичка жичка, како народ, како култура? Е да, во тоа верувам, зашто кој нормален би го трпел сето ова? Онака, „стоички“, исправено – добро, не баш исправено, главно со наведната глава! – секоја будала да те малтретира, да ти ги зема парите, да те тормози по разни основи а најчесто по етнички, да ти ги негира стручноста и компетентноста само заради некаква „правична застапеност“?

Иако, де факто, мазохизмот во извесна смисла води до самоуништување, ако не физичко тогаш секакво друго. Затоа, можеби комбинацијата (само)уништувачки мазохизам е најсоодветна за овој миг? Мислам дека таа и таква жичка можеме да ја најдеме во главните сегменти на македонската култура, денес и овде. Зошто го велам ова? Затоа што не знам уште колкумина умни луѓе – тука не се вбројувам себеси – треба да ни кажат дека културата ни е се’ што имаме, дека таа ни е идентитетот по којшто толку се крева галама, дека таа ни е главниот извозен производ и реперна точка во регионот, Европа и светот. И ние упорно тоа го игнорираме а главните адути ги фрламе на во суштина безначајни работи, на исцрпувачки меѓуетнички натпревари, на шарени лажги. Ние мислиме дека сме, или ќе бидеме, регионални лидери во бизнисот, во иновативноста, во спортот … а токму во тие области сме џуџиња, никој и ништо, локални флеки. Важно плескаме стотици милиони евра за „проекти“ вакви и онакви коишто уствари само ги полнат џебовите на поединци и групи, на меѓуетнички мафиози и партиски криминалци и – ништо друго. Таква ука почна да се применува и во културата, за жал. Не ви треба повеќе – ене ви го „Скопје 2014“!

Но најголем наш грев е фактот што овие три години апсолутно ги има(в)ме сите неопходни механизми за надминување на (само)уништувачко-мазохистичкиот синдром во македонската култура. Ама тој миг го пропуштаме, веќе ни бега од рацете. Сакам да кажам дека уште пред цели две години се подготви таа проклета Национална стратегија за развој на културата којашто поименично ги сервираше сите – или, ајде, нека бидат повеќето – затекнати проблеми, не само вчерашни односно не само од времето на дивеењето на бандите на пуфлата, ги детектираше слабите точки и – понуди решенија. Не секогаш проевропски, зашто често сме далеку од нив, но решенија коишто во даден миг, и среднорочно, ќе и дадат барем современ печат на оваа култура. И – што се случи? Стратегијата прифатена, решенијата поздравени и – молк. Ништо, nada, niente, zero … Да се вратам на медицинскиот речник: исто како кога пропишаната терапија, наместо редовно да ја земате, ја фрлате во вц шолјата, одите контра сите совети на лекарот, правите се’ што е контраиндицирано на вашата состојба! Има нешто по(само)уништувачко, помазохистичко од тоа? И некој има некакво објаснение за тоа, некакво оправдување? Не, дури ни тоа.

За среќа, има назнаки дека овој мазохистички молк полека се надминува!

ВИРУСНА ИНФЕКЦИЈА

Затоа, мислам дека нештата (барем во културата) мора бргу, итно да се расчистат во самата власт односно во владеачката коалиција, каде конечно мора да профункционира принципот на стручност и компетентност. Плус – моралност, се разбира, и тоа дебела, непробојна моралност како гаранција за отпор кон интересните групи и поединци кои се’ уште ја пљачкосуваат оваа култра. Она малку што останало од неа! Зашто, ако е веќе очигледно дека од оваа и ваква опозиција не може да се очекува макар и минимална кооперативност и дека токму тие се едниот блок, оној можеби најсилен блок на неспособни и неуки сили на коишто им конвенира ваквото статус кво во државата, во сите сегменти, па и во културата, тогаш нема друга опција освен воведување на опсадна состојба со интервентни мерки во редовите на власта. И прочистување, силно и целосно, на сите „капацитети“ на истурени позиции кои се самонаметнаа во 2017та година и кога, можеби, и немаше подобар избор или се’ уште имаше некаква верба во нечии квалитети и биографии. Се покажа дека и тие (божем проевропски) биографии се во суштина лажни перја и параван за остварувањето на нивните лични и групни интереси. На страна што на најголем дел раководни места во културата седат партиски пулени кои немаат ама баш три благе везе не само со струка или со култура, туку уште им се даваат дополнителни ингеренции со коишто само се продлабочуваат и прошируваат штетите што овие секојдневно ги прават. Битката на овој „кадровски“ фронт е првата и можеби најважната битка што оваа власт мора да ја отвори и бргу да ја затвори – позитивно, се разбира – во (и за) културата! Инаку, тој фронт ќе се претвори во нова однапред изгубена битка – нешто како онаа кај Беласица во 1014та година – од која што сите ќе излеземе кој слеп, кој ќорав. Културно, се разбира. Ние можеби ќорави, ама нашите внуци тотално (културно, но и европски) слепи!

Како и во сите други општествени сегменти, но со малку видоизменет контекст, и во културата нема иднина без најавените реформи. Не знам дали на ова Министерство за културата има или нема кој да му пишува, ама некој мора конечно да му испрати едно љубезно но сериозно писмо. Тој некој веројатно мора да биде премиерот – овој сегашниот, наречен технички, или оној идниот, од април годинава – и да го потсети на Националната стратегија и Акцискиот план што ја следи односно на сите оние обврски коишто тоа Министерство за култура ги превземало кога ја предложило Стратегијата, а Собранието ја прифатило и му рекло – вози Мишко. Ама Мишко никако да тргне! Како да не умее да уфрли ни во прва. Само рикверц. Никакво оправдување не е честата промена на министрите за култура во изминативе три години. Зашто, ако сите работи во културата зависат само од министерот, што цацко тогаш бара сиот оној „апарат“ во Министерството, со советници вакви и онакви, посебни па дури и државни – на која црна држава? – со раководители, шефови и шефчиња, кога никој, или само малкумина, си ја вршат работата за којашто се сосема пристојно платени? Или, следствено, ако, на пример, се случи министерот за полиција, или војска, да се менува зачестено, значи ли тоа дека одбраната на македонските граници нема да биде функционална, или внатрешниот ред и мир ќе бидат – неред и немир? Се разбира, јавна тајна е дека токму Министерството е тотално дисфункционално, намерно или по силата на нештата. Намерно го потенцирам зборот „намерно“ зашто ако некој се’ уште има некакви илузии, сакам докрај да му ги уништам. Зашто овде веќе нема место за илузии! Тоа Министерство е целосно неуко и неспособно, што ќе рече – нефункционално. Тоа е веќе аксиом. Впрочем, токму затоа и спомнатата Национална стратегија инсистира(ше) на темелна реорганизација / трансформација на ова Министерство од мрзлив, саможив, неспособен орган во динамично стручно и компетентно тело со проевропски политики. Се разбира, од тоа не бидна ништо, заради што минатиот пат напишав дека се’ си функционира исто како во времето на пуфлата и нејзината банда! Буквално!!!

Но, ако, по некоја случајност, (а ние веќе се убивме од вакви „случајности“), државниот орган надлежен за работите во културата е тотално аут, зарем културата мора да ја дели неговата судбина препуштајќи се на тивка смрт? (Што, звучи пресилно? Ма немој, а зошто? Само заради „Медена земја“? Па, повторно, тој филм не е производ на оваа култура и овој систем! Тој е, како што веќе реков, само прекрасен инцидент, за разлика од многу други системски фелери финансирани со вреќи пари! И ете, некој сериозни познавачи ми укажаа на фалинката на мојот податок за оние 30.000 гледачи од минатиот текст. Велат, за тие пари – за 1,5 милион евра! – тој филм требал да има 1,5 милион гледачи само кај нас! И да биде во официелните конкуренции на сите најдобри светски фестивали!!! Добро, јас како лаик не знам дали е тоа така, ама знам дека толкави пари не земала целата македонска ликовна уметност за неколку години. Но, велат, и тоа е една од „проевропските“ стратегии на оваа држава во културата! Или контра-стратегии, не знам?!). Меѓутоа, зборот ми беше за следново: ако, по некоја случајност, се покажува дека државниот орган надлежен за работите во културата е целосно нефункционален, тоест функционира според некои анахрони и контрапродуктивни принципи, зарем останатиот дел од културното тело, ако е здраво и функционално, нема да испрати соодветни сигнали за фелерот во системот, за застојот, за хаваријата …? Ќе испрати, се разбира, и тоа директно до централниот компјутер (инаку сместен во „Белата шампита“) којшто потоа ќе алармира таму каде што треба.

Но, повторно едно „но“: ако целото културно тело е зафатено со анахрониот и контрапродуктивниот вирус, ако виталните органи – националните институции, агенциите, директорите – „функционираат“ според истата вирусна матрица, изостанува и алармот, нели? Поточно, кога и кај виталните органи – според онаа Национална стратегија – е исто така дијагностицирано дека се затворени во себе, дека се нефункционални, дека се „болни“ тоест зафатени од вирусот наречен неспособност, нестручност и некомпетентност, тогаш навистина и нема здрав „орган“ којшто ќе ја крене таа узбуна. Ако целиот имунолошки систем е зафатен од таа инфекција, а наместо соодветна терапија и понатаму прима само етно-партиски фалшиви третмани, тогаш бргу настапува клиничка смрт. Рамна линија, и систолна и дијастолна! И ние сме многу блиску до тој терминален стадиум.

Зошто културниот систем го споредувам со човечкиот организам односно, пред се’, со човечкото тело кадешто државниот орган надлежен за работите во културата е главата (или срцето, зависи кој орган го сметате поважен!) а телото со екстремитетите се институциите, пред се’ националните? Затоа што нашиот културен систем е така дизајниран, при што ако главата не функционира, полека но сигурно се распаѓа и целото тело бидејќи е комплетно зависно од неа. Сите витални функции на телото доаѓаат од таму, низ формата на парите, се разбира, и тоа е апсолутна и неотповиклива зависност! Но, така, всушност, е дизајниран и целиот државен систем, заради што и една нефункционална, или криминална власт како минатата, го прави и системот нефункционален.

СОПИРАЧКИ

Во самата суштина на нештата – како ништо да не е сменето од времето на пуфлата и нејзината банда. Па, богами, и од навиките односно нефункционалноста на државата / културата од времето на будимпештанската пребегуља. И не мислам тука на политичкиот амбиент во државава, на односите со соседите, на правата и слободите на граѓаните … мислам дека се разбираме … мислам на некои навики (очигледно без одвики), на некои односи, на начини на дејствување но и на поле за дејствување зашто наспроти сите политички и општествени промени, наспроти настојувањата на оваа власт сепак да поентира со ефективни промени, наидува на ѕид од опструкции, на политика на сопки, дури на отворено спротивставување на се’ што се обидува барем за милиметар да ги помести нештата во оваа несреќна држава. Да, велам несреќна зашто ние де факто нема да мрднеме ни чекор напред со такви опструкции. Дали тоа треба да значи дека ако оваа (таканаречена) политичка опозиција не се промени суштински, во самата идеја тоест поимање на државата и нејзината иднина, ние нема да видиме бел ден во догледно време? Да, ова треба токму тоа да значи и тоа нема врска со никаква политика, со никаква идеологија односно „идеологија“, зашто криминалот по дефиниција нема идеологија. Така, за жал, изгледаат нештата од денешна перспектива. И не е тоа песимистичко гледање или ала Ванѓа или македонската и’ посестрима со нејзините мрачни „нострадамус“ прогнози, туку тоа е горе-долу објективно „читање“ на македонското секојдневие. Барем за оној писмен дел од државата. Да, зашто имаме и неписмен, и не само во редовите на оваа (таканаречена) политичка опозиција, туку и во редовите на сегашната власт. За жал, секако.  Иако, де факто, дури тука и да не ги спомнуваме и сите опструкции и грешки во чекори што се случуваат во редовите на самата власт – зашто и таму има сили кои настојчиво се трудат да ги задржат нештата на ова дереџе, и ги има дури премногу! – нам ни е доволна само оваа и ваква деструктивна опозиција, со ваков распоред на силите, за да нашата иднина зависи не од нас туку од нив и слични на нив. Или, ако сакате, погледнете што и како се случува со сите проевропски закони, како се поставуваат барикадите за борба против македонската иднина, како се опструира дури и еден закон за македонскиот јазик (и тоа баш од македонската страна!) плус едно чудо други. Кога и тоа се проблематизира, кога се најавува силна опструкција и на законот за остварување на јавниот интерес во културата како системски закон во таа област којшто треба, ако не повеќе, барем да ги откочи сите закатанчени лавиринти во културата, а сето тоа се прави не со ум и аргументи туку со силата на „процедурите“ и инаетот, тогаш иднината навистина е непредвидлива. И затоа е оваа држава нефункционална, а затоа и нејзината култура е / ќе биде уште долго нефункционална. Во ваква ситуација, со вакви односи, дури и утре да станеме полноправни членови на Европската унија, ние и понатаму ќе бидеме нефункционална држава со анахрона, бескрвна и дисфункционална култура. Впрочем, зошто никој по ѓаволите не го зема сериозно предвид предлогот на Ван Хојте?

Оваа и ваква опозиција, со овие и вакви „партии“ и ваков политички дисбаланс во Парламентот, е реален непремостлив ѕид. Да, и во демократијата, како и во сите други системи, една групација мора да влече напред, дури и двојно посилно ако треба, за да ги деблокира процесите и да ги откочи перспективите. Така било уште од времето на Египет, на Александар, така е и сега, овде. Што е тогаш проблемот? Не можам да тврдам за механизмите на државата, иако и таму состојбата е слична, но во културата не е проблем само оваа и ваква полуписмена и деструктивно расположена опозиција. Таа е само едната карика во дисфункционалната култура. А ги има многу други! Пред се’, такви дисфункционални карики ќе најдете и во сите оние партии-влечуги, оние што буквално се влечат по изборниот победник за да грабнат дел од „пленот“, за да сместат два-тројца свои функционери на раководни места. Тие се еднаков дисфункционален дел, тие се товар на патот кон реформите, во културата и во целиот систем. Зашто нивниот светоглед почнува и завршува со личните амбиции и позиции! Но, да речеме дека нив ги нема така многу, иако не се баш ни малубројни. Ангажираат сигурно десетина пратенички места коишто, кога ќе ги помножите со (минимум) две-три раководни позиции во системот на власта, резултатот дава ангажирана „моќност“ од три-четириесет важни извршни места. Тоа е сериозна бројка кога ќе се преведе во сопирачка на трансформативните процеси. Вие одите напред ама тие – кочат. Колку што вие притискате, притискаат на сопирачката и тие. Со полно „право“ – дел се од владеачката коалиција, се гледаат како победници (иако никој не знае во што?), и овој политички лавиринт им одговара како кец на десетка.

Но, има едно поголемо „но“ и од овие влечуги, а тоа се влечугите во владеачките редови. Дел од нив се, наводно, партиски и идеолошки припадници на левицата – иако, во суштина, тие никогаш тоа не биле односно секогаш играат на страната на парите – а дел се оние „метеоролошки“ приврзоци кои играат на сите страни, поточно на добитните страни. А ако тој број е сразмерно голем, како што тоа е случај со Македонија денес, тогаш нештата навистина стануваат заплашувачки дисфункционални. Но, всушност, ним тоа им е приоритет зашто само во такви „услови“ тие можат да функционираат и да го добијат тоа што го очекуваат. И тука нека не ве лажат фалс паролите за некаков патриотизам, за некаква професионалност, дури и за стручност, ако сакате, зашто сето тоа, дури и да го има(ло), одамна го нема. Во (не)функционирањето на македонската култура тие одамна се оној паразитски дел, навикнат само да консумира и инкасира, особено кога тоа е врз база на лабави „критериуми“, на дај-дам политики, на партиски релации итн. Или, ако баш сакате, како, и зошто, одненадеж, во екот на еуфориите за успехот на „Медена земја“, се појавуваат онакви гнасни коментари и „критики“ за филмот, но и една наводно беневолентна „информација“ за „незапаметениот“, дури „историскиот“ успех на еден друг филм – кој инаку доживеа комплетно критичко фијаско на домашната и меѓународната сцена – и неговата интергалактичка гледаност од 30.000 гледачи во земјата! И од кога, ве молам, гледаноста е мерило за квалитетот на еден филм? Знаат ли дотичните каква гледаност, на пример, имаше една „Тесна кожа“ (1, 2 и 3, а можеби и повеќе)? Го става ли таа и таква гледаност овој филм во самиот врв на некогашната југословенска кинематографија? Извинете, ама кога македонската култура би се прочистила од вакви крлежи и манипулатори, нештата некогаш можеби и би тргнале напред. Или, ако сакате, погледнете ја наназад една година целата онаа рашомонијада со Охрид, неговиот статус, па УНЕСКО итн. Погледнете кои „стручњаци“ и денес ги решаваат проблемите таму, кои фаци држат конференции и делат совети како Охрид да се сочува:  оние кои и го доведоа Охрид до ова девастирано рамниште. Тоа ви доаѓа на исто како сега да го вратите криминалецон од Будимпешта и да го направите потпретседател на Владата! Ќе реши се’ за 24 часа. Токму тоа е само уште еден пример за нефункционална култура, но и држава, којашто не умее (не сака?) да ги диференцира нештата, не знае да ги определи приоритетите но и експертите кои ќе ги стават во функција. Оттука, внатрешните сили во самата власт, подобро речено сопирачките во редовите на оние кои би требало да влечат напред се еднаков ако не и поголем проблем за македонскиот развој и евроинтеграции. Зошто, инаку, никој во македонската култура веќе не го спомнува зборот реформи, освен неколку будали? И кому воопшто во ваков закостен систем со однапред готова листа на  абоненти (не само) во културата му дошло до – квалитет и реформи? А листата на реформи, до детал, е пред нас. И – што? Зошто никој не ја спомнува, зошто никој не ја операционализира? Нашиот културоглед е стеснет, нашите размислувања допираат само до наредниот сокак – а и тој ќорсокак! – ние се’ уште се препелкаме во за светот одамна напуштените територии на етничкото, националното, личното … лукративното. Затоа, демонтажата на „внатрешните“ бариери и отстранувањето на сопирачките во самата власт се наметнува како најгилем приоритет. Зашто, во крајна линија, од оваа и ваква опозиција сулудо е да се очекува кооперативност, но кога и „внатрешниот“ распоред на силите е диспропорционален, кога самонаречени „стручњаци“ со три грама ум командуваат со културните политики и збиднувања, кога нивниот меркантилен фокус ни се препорачува и како наша мерка, тогаш ние немаме што понатаму да бараме од оваа (не)култура!

МОЛКОТ КАКО СОГЛАСНОСТ?

Кому му одговара дисфункционална култура, а следствено и дисфункционална држава, односно обратно? Тенденциозно прашање? Се разбира, ама поинакво и не може да биде, не барем во наши услови. Но, прашањето, прикриено, сугерира и одговор: дека некој наметнува дисфункционална култура односно некому му одговара дисфункционална држава. Да, и јас токму тоа го сугерирам, го мислам и го кажувам овде! Ако некој го разбира поинаку – се извинувам. Ама би сакал да чујам аргументи за спротивното. Зашто, не постои дисфункционална култура, уште помалку дисфункционална држава сама по себе, таа / тие не паѓа(ат) од небо, уште помалку доаѓа(ат) од некоја „странска сила“ со жолти комбиња. Барем за тоа не можеме да ги обвиниме – другите. Таа / тие мора да бидат наметнати, октроирани од некого од внатре. Можеби со амин од надвор, ама тоа не во случајов важно. Како што, впрочем, сакаме да сугерираме дека дисфункционалното – ајде да не речам криминалното – судство е резултат на украдената држава односно на злосторничкото здружение и побегуљата во Будимпешта! Што ќе рече: некој / некои мора да се одговорни и за погоре посоченото. Ако некој мисли поинаку, молам – нека се изјасни! Со аргументи.

Е сега, иако оној „некој“, оној кој ни наметнал такви нешта и денес, во „животот“, особено во културата и во државата, е горе-долу, по дефиниција познат, сепак морам да одговорам на прашањето поставено на почетокот. Значи: кому, во еден поширок контекст, му одговара дисфункционална култура, или, малку поинаку формулирано, дали таквата култура навистина ни одговара на сите? Јас би рекол – не баш, тоест воопшто не, иако според нашата „сталоженост“, нашиот „мир“ и не-реакциите на сите инволвирани / засегнати тоа би бил впечатокот што се добива во јавноста.

Иако, моето прашање за дисфункционалната култура може да се нарече и депласирано зашто, во крајна линија, кого воопшто (кај нас) го интересира културата? Ама, ако поставиме слично прашање и за загадувањето, и ги „мериме“, повторно, нашата „сталоженост“, нашиот „мир“ и не-реакциите на луѓето, пак ќе добиеме горе-долу слични резултати коишто ќе ни кажуваат дека ни тоа не го интересира мнозинството на народот. Што пак следствено не’ води до констатацијата дека народот сака да го трујат? Е па – не баш.

Затоа, мора да се приклониме кон досега многупати потенцираниот факт дека мнозинството кај нас е научено да молчи. За се’, дури и кога отворено го трујат, па и кога го лажат. Дали е тоа  некаква семејна навика / наука од детството, или е од времето на злосторничкото здружение, или е, како што некои тврдат, историска „навика“ односно „особина“ на Македоноцот, не знам. Ние ни за тоа немаме сериозен научен придонес. Но, ако молчењето само по себе односно нереагирањето на / за сите идиотизми што ни ги сервираат во културата и во државата секакви партиски односно политикантски суштества е некаков репер, тогаш барем на 99% проценти од културната популација и на околу 80% од вкупната популација (за државната дисфункционалност) ништо од сето ова не им пречи. Се разбира, за второто, процентот го тресам од ракав (зашто ни со тоа кај нас никој не се бави за човек да има релевантен показател!), ама за т.н. културна популација – иако во Европа нема таква категорија, целата држава е култура! – безмалу ставам рака во оган! Оттука, дали, ако моите предвидувања се точни, важи онаа: каков народ – таква култура, односно каков народ – таква држава? И тоа е вообичаена колоквијална флоскула, иако во случајов сум склон да поверувам дека тоа е баш така, наспроти фактот дека младиве, едно време, праќаа поинакви сигнали. Или, или, мораме да признаеме дека ние се’ уште не сме доволно – а тука мислам европски тоест демократски – еманципирани, дека кај нас луѓето се’ уште се плашат да го искажат сопственото мислење дури и за времето, а камоли за политиката или за политиките во културата. И тоа важи не само за оние на кои културата им е последната важна точка во животот туку особено за оние на кои културата им е живот односно живеат од културата, и уметноста.

Оттука, имајќи ги предвид ваквите мои (се разбира произволни, па и тенденциозни но тешко соборливи) констатации, на најголемиот дел од популацијата во Македонија му одговара оваа и ваква состојба: дисфункционална држава и соодветно дисфункционална култура! Навистина ли е тоа така, и ако е така зошто е така? И тука повторно треба некој покомпетентен да даде одговор, некој од (самопрогласените) врвни македонски институции од профилот на една МАНУ, или УКИМ, па и оние селскине универзитети (за да си го заслужат името!), професорската тоест високостручната фела … Кога, на пример, воопшто сте слушнале / прочитале сериозен збор за современата македонска култура / уметност од МАНУ? Или од некој друг „компетентен“, некој / некои кои со децении примаат не мали плати за тоа? Оттука, се’ што можеме во вакви не-услови е да импровизираме со некакви сопствени искуства и достапни податоци, со некои видливи на површината состојби и манифестации. Но и тие се доволни за вакви поразителни заклучоци коишто, во крајна линија, никого на ништо не обврзуваат, и од коишто, повторно, полза имаат само оние интересни групи и „политики“ од културното и државното подземје коишто ионака ги држат во заложништво и културата и државата. Се разбира, формално, државата односно власта, која и да е’, е секогаш најодговорната за состојбите и тоа е најлесниот начин сите да се испереме од евентуалната наша „вина“ за нереагирањето, за молчењето, за веднењето глава. Сегашната власт пак ноншалантно лесно ја префрла сета вина на главните актери во процесот на заробувањето на државата, тие пак на некои претходници (нормално од спротивната политичка опција) … и повторно сите се вртиме во круг. И тој круг, за жал, се чини запрепастувачки компактен, речиси непробоен. Ама не е, не е непробоен. Веќе е напукнат, би рекол. Напукнат токму од онакви инцидентни п(р)ојави како „Медена земја“, како цедето на Симон Трпчевски за кое пишува светот но не и ние, како напорите на две-три македонски културни институции наспроти жабурникот на простотија и неукост кај другите … па дури, ако сакате, и како „протестот“ на ДЛУМ којшто сепак укажува на некои неодржливи актуелни состојби. (Ќе) имаат ли овие п(р)ојави потенцијал, сила да повлечат напред или ќе останат на рамништето на инцидент? Зависи, зависи од многу фактори.

ИНЦИДЕНТОТ КАКО ПОЛИТИКА

Паралелно со сите слепи улички во коишто не’ води кој и да е’ обид рационално да се (про)толкуваат повеќето аспекти на неодамнешниот „протест“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, сепак останува валидна барем една: неговата парадигматичност за културната ситуација во Македонија. И не само овој „протест“, се разбира, туку и оние предупредувачки штрајкови во културата иницирани од Синдикатот на културните работници на Македонија, неговата настојчивост во поглед на решавањето на некои витални прашања во културата, правата на вработените во неа, статусот на културата – иако, за жал, оваа страница останува незатворена тоест ќе мора да чека некоја друга, идна борба – итн. Но, од друга страна, она што запрепастува, дури до степен на неверување, е не само ноншалантниот однос на државата (барем во првиот случај) туку и  целосното игнорирање на јавноста тоест медиумите или, во најголем број случаи, третманот на ваквите настани само како површна еднодневна вест и ништо повеќе. Безмалу ниту еден медиум не му посвети посериозно внимание на протестот на ДЛУМ – причини, можни последици, неговото пошироко значење (ако го има) – како што впрочем и целата култура по правило се остава на маргините на медиумскиот третман и општествена улога. Освен, се разбира, сегашното разбудено внимание за историскиот успех на „Медена земја“ и потенцијалната шанса, поточно две шанси!, да се вброиме меѓу земјите добитнички на онаа волшебна статуетка на Американската филмска академија кај нас викана „Оскар“. Сака ли јавноста само такви врвни успеси од културата и уметноста? Така изгледа, но таа „јавност“ по правило заборава дека такви континуирани успеси на сите полиња во културата и уметноста не се производ на инциденти како кај нас туку на сериозна постојана работа и соодветни политики.

А покрај, или заедно со државните, (особено) и медиумските политики, оние коишто кај нас во целост недостасуваат, зашто, за жал, токму медиумите, со нивните културно и уметнички неписмени новинарски тимови (со сета почит кон ретките исклучоци) се тие што ја моделираат, или подобро речено ја манипулираат културната јавност, кои културата и уметноста ги препознаваат само на рамништето на спектаклот (што би рекол Кустурица!). А и на тоа рамниште се прилично боси односно најчесто со само еден чевел зашто тук-таму знаат по нешто токму за „Оскарот“ и Холивуд, а многу малку за „спектаклите“ во другите уметнички области, особено во визуелните уметности. Или, на пример, што видовме / прочитавме минатото лето за македонското учество на најпрестижната, па ако сакате и најспектакуларната светска уметничка манифестација наречена Венециско биенале? Ништо, или речиси ништо. Се кладам дека јавноста веќе и не знае – ако воопшто и знаела – кој(а) беше македонски претставник таму. А Венеција е на исто рамниште со Холивуд и оскарите! Ваквиот површински, само на ниво на вест третман на културата и уметноста во општеството е не само понижувачки туку веќе и симптоматичен за македонското општество и неговата „глад“ за спектаклот и сите пикантерии што го следат, вклучувајќи го тука особено и скандалот како лепило за широките народни маси. Затоа и понатаму ќе се запрепастуваме, и едновремено воодушевуваме на редиците посетители пред странските музеи и галерии, особено за присуството на децата од најраната возраст, за бројот на читателите во библиотеките, посетителите во театрите итн. Сето тоа е и одраз на политиките на државите кон културата и уметноста односно, за жал, слика и прилика на нашиот игнорантски однос кон овие области за коишто, некои велат, ја претставуваат самата есенција на квалитетно општество и среќни луѓе. Но кај нас инцидентот стана политика!

Дали (и) заради тоа јас ја гледам македонската култура како дисфункционална? Веројатно, иако за таквите квалификации, се разбира, неопходни се и многу попродлабочени истражувања. Но македонското општество, а особено македонското образование потфрлува и на тој план зашто тоа се области, и опфати, кои никого не го интересираат. Или, на пример, колкумина историчари на уметноста, или критичари, квалификувано се осврнаа токму на овој протест (па нека е и „протест“) на ДЛУМ? Никој, или тук-таму со некакви глупави констатации. Колку уметници – од ДЛУМ но и други – јавно се придружија на протестот? Колку други уметнички професионални здруженија дадоа поддршка на протестот? Никој, ништо … тотален молк! Или, ако сакате, постои ли во државава стручно-научен профил што се бави со социологијата на уметноста? И како тој профил гледа на манифестациите од овој тип, како ги оценува во еден поширок социолошки контекст? Кога воопшто сте прочитале сериозен (македонски) текст од оваа област? Или ваквите уметнички и културни хаварии не се од интерес на македонската социологија, социологија на уметноста или социјалната историја на уметноста?

Уште Хаусер кон средината на минатиот век пишуваше за големиот број социјални фактори што влијаат на состојбите во уметноста, на разбирањето на одредени појави во културата и уметноста итн. Зашто, однесувањето на поединецот, и групите, не е случајно и хаотично туку е резултат / склоп на цела низа ситуации, услови / релации во општеството, вродените способности на поединецот и слично. Хаусер пишуваше и зошто сликарството на еден Рубенс и еден Рембрант се толку различни, иако создавани во исто време и на многу мала оддалеченост едно од друго. Кај нас такво нешто не сте прочитале за македонската уметност, ниту ќе прочитате, кај нас не постои социолошка интерпретација на културните дострели! Следствено, никој утре нема ни да знае дела ДЛУМ имал некаков протест, или „протест“, зошто односно со што истиот бил мотивиран во еден даден поширок социолошки контекст, со какви резултати завршил … Како што никој утре нема ни да се сеќава дека македонската култура во 2019 година водела некаква битка да се издвои од третманот на јавна администрација, дека таа битка за жал била неуспешна не само заради нестручноста / некомпетентноста на политика туку и заради отсуството на поддршка од јавноста, од интелектуалното општество, од медиумите. Поразителните состојби во македонската култура и уметност не се од вчера и не се производ само на внатрешните недоразбирања или дури некадарност на уметниците и културните работници. Не, тие состојби се резултат на длабока криза на целото општество, во сите негови сегменти, особено односот кон културата и уметноста, негрижата  за нив и за идните генерации.

Наспроти тоа, секојдневно, дури од час во час, сме бомбардирани за деталите на „војната“ помеѓу техничките министри и соодветните заменици, кој колку кривични пријави поднел за противникот, што и како рекол и слични будалаштини. Општата политизација на секојдневието укажува не само на незрела туку и на длабоко болна и нефункционална средина, општество без компас и приоритети, без (или само со инцидентни) вредности.

ОФУЦАН КОНЦЕПТ

Но, да се вратам таму кадешто почнав: од протестот на ДЛУМ. Зошто? Па заради тоа што тој е, како што веќе реков, по многу нешта – не само по „лошите“ референци – парадигматичен за дисфункционалноста на македонската култура. На пример: каков одглас предизвика овој „протест“? Се потресе некој од надлежните? На пример Министерството за култура, Владата …? Им одговори некој од надлежните на „критиките“ на ДЛУМовци? Им ветија подобрување на третманот, повеќе пари, откупи, што и да е’? Не? Е па … токму тоа се вика – дисфункционална држава односно дисфункционална култура! Првото, она за државата, баш заради нереагирањето на кој и да е’ од државните органи – а мораа да реагираат, ако не повеќе тогаш барем куртоазно – што пак води кон сериозни дилеми колку на оваа држава и’ е важна визуелната уметност, уметниците, уметничките здруженија … Или, (и) тие оцениле дека „протестот“ е само шминка, утка, колку да се рече дека некој за нешто протестирал? Но, дури и да е тоа така една сериозна држава би морала да покаже некаков интерес и за такви (фингирани) протести вршени заради којзнае какви и чии цели, за „активности“ коишто ја прозиваат, и’ лепат етикети и сл. Ако не повеќе, мораше во јавноста да излезе барем некој низок службеник од Министерството за култура, ако не министерот, и да објасни некои нешта, нели. Можеше некој да им објасни на ДЛУМовци дека се во заблуда, дека Министерството не е вистинската адреса за некои од нивните барања. Или ни Министерството не знае кои се неговите надлежности? Дури и да е така, некој во власта белки знае кој што треба да работи во државава? Или навистина, по којзнае кој пат, се очекуваше тоа да биде (екс)премиерот Заев кој, како што вели Ордановски, е човекот што треба да ги реши сите работи во државава? Се шегувам, нормално, ама за волја на вистината токму Заев беше оној кој во неколку наврати ги примаше претставниците на Синдикатот на културните работници на Македонија во врска со Колективниот договор и нивелацијата на платите во културата, тој „тегнеше уши“ таму каде што беше потребно и ги забрзуваше работите. Можеби ќе реагира(ше) и за ова? Ама, сепак, еден човек ли ја глуми Владата на Република Северна Македонија? Другине за украс ли се?

А второто, она за културата, бидејќи станува очигледно дека протестот беше само заради протест, заради малку галама и поткревање на тензиите пред Нова година, без очекуван резултат. Зашто, ако стануваше збор за сериозен протест, претпоставувам дека ДЛУМ ќе имаше и некакви барања а не само констатации, односно изнесените укажувања за негрижата на Министерството за нив, за лошиот третман и слично можеа да бидат искажани и на организирана прес конференција. И понатаму, ДЛУМ, ако мислеше сериозно, ќе бараше средба (најмалку) со министерот за култура, па дури и со премиерот. И тогаш на дело ќе ја видевме функционалната култура и, евентуално, функционалната држава – ако нивното барање за средби беше прифатено. Или – одбиено! Па дури и во таков случај ДЛУМовци ќе имаа алиби пред себе и пред другите дека, ете, се обиделе, државата ги игнорирала, не им одговорила,  со што ќе си отвореа пат за нови и поосмислени (вистински) протести. А изложбата можеше да си оди како што и било планирано, нели. Или овде, повторно, станува збор (и) за нешто друго? Дури, им пропаднаа и парите за каталог! Односно не им пропаднаа, демек ги „искористија“ и го направија каталогот со онаа црна траорна лента на којашто ги беа изнапишале своите новогодишни желби? Добро, и тоа би можел некој да го смета за пристоен каталог, попристоен од некои претходни стокмени за таквите нивни годишни презентации. Или ДЛУМ навистина мисли дека направил добра „концептна изложба“? Па луѓе божји, тоа е веќе толку офуцан „концепт“, такви нешта се правеа во Македонија во осумдесеттите години на минатиот век! Но, ајде да речеме дека тоа е друг муабет, дека луѓето толку знаат … Но сепак, пуштениот балон, наместо да се вивне во височините на функционалната култура, комплетно се издиша уште пред да појде на пат.

И тука се отвора едно важно прашање: дали државата, односно државава, се однесува така како што се однесува кон културата – или во конкретниов случај кон визуелната уметност – токму заради начинот на којшто самата култура односно во конкретниов случај самата визуелна уметност се однесува кон себе? И тоа секако е сложено прашање, бара поширока елаборација, ама нуди и еден сосема лапидарен одговор: да! Зошто го велам ова? Затоа што ако некој протестира против нешто, или за нешто, тој бара начин како со своите барања да допре до оној кој може да му го реши проблемот / барањето. И сите сме сведочеле на такви протести токму пред Владата на РСМ, дури и на онакви, да не речам смешни, собири на десетина-петнаесет луѓе кои заради лична мака го стопираат сообраќајот и бараат решение за нивниот проблем. Не знам дали секогаш демонстрантите се / биле примани од некого во Владата, или некој само формално ги примал нивните барања и како течеле постапките понатаму. Ама, мислам дека тоа е првиот начин. Се разбира има и многу други ама сигурно тоа е почетокот. Или, замислете го цел ДЛУМ, со сите или барем со повеќето членови, меѓу нив и оние малку преостанати доајени, наредени пред Владата на РСМ. Е тоа веќе ќе беше сериозен „концепт“ односно дури „перформанс“! И никој немаше да се осмели да го игнорира!!! А вака, со смушени, да не речам смешни објави и „барања“, со лоши „образложенија“, со наредени десетина уметници на скали кои мавтаат со некакво каталогче … извинете ама тоа не личи на ништо. Па уште кога ќе видите меѓу нив и некои кои до вчера беа плаќани со суво злато од будимпештанската побегуља за неговите идиотски „проекти“ а сега „протестираат“ дека немало откупи, кој би ги земал за сериозно?