Monthly Archives: June 2017

ПРАЗНИ МУАБЕТИ

Но, добро, ако не треба да го тупиме, или, во поубава верзија, како што вели Милчин, да не анатемисуваме и замолчуваме други за да не заличиме на оние претходните, можеме ние да (за)молчиме. Трајно, перманентно, зашто како што сме почнале, пак многу нешта ни пречат, пак (ќе) се отвораат фронтови и (ќе) се вади лесна или дури тешка артилерија. Можеме дури и да ги оставиме оние бившите и понатаму да „држат банка“ – да солат памет, да делат лекции, да глумат лудило. А можеби ни јас не сум толкав демократ каков сум се замислувал? Ако, се разбира, под демократ се подразбира да (ис)трпиш секоја будала да „мудрува“ и за тоа што знае и за тоа што не (сака да) знае, да го (ис)трпиш без да трепнеш „ставот“ на секој моронски слуга на довчерашната властела кој заради икс причини (а главно лукративни) мора уште да одработува, да слушаш и да се смешкаш на секој полуинтелигент кому шмелцувањето во главата му е ѕвезда водилка … Во такви случаи јас, признавам, не сум демократ зашто мислам дека, сепак, секоја будала има право на збор, ама не секаде и не баш за се’!

И во тој контекст како (не)демократот да му одмолчи на „великиот“  македонски инквизитор (сега сведен на вистинската мерка – една голема нула!) кога мудрува дека „Доколку тогаш (во 2008 година) државата станеше членка на НАТО и почнеше разговори со Европската Унија, многу од предизвиците со кои се соочи, немаше да се случат“? Ма немој богати, ма није ваљда, што би рекле од Табановце нагоре! Дали тоа значи дека, во тој случај, немаше да крадете? Дека тогаш немаше да затворате – буквално и метафорички – политички противници? Дека немаше да ни го инсталирате „Скопје 2014“? Дека немаше да го урнисате образованието во државава, да ги девастирате културата, науката, дека немаше да ги партизирате сите институции, целиот fucking систем? Дека немаше да ни го смесите фикусон на Водно, или дека во македонската политичка историја ќе ги немаше сите оние битанги од „најпатриотската“ партија кои продефилираа преку македонската политичка сцена, вклучувајќи ги и „вратарине“ во Собранието, па Димето, па „онаа“ на која ни името не сакаме да и’ го спомнеме? Е просто човек да не поверува. Или бандитот навистина мисли дека некој треба да / ќе му поверува, чисто заради демократски причини и принципи? Толку ли долу треба да се спуштиме, божем во името на демократијата?

Мислам, ние како нација низ историјата сме докажале дека сме верувале во секакви лаги и паралаги, во секакви идеологии и „идеологии“, во будалаштини од секаков тип. Ама, белки нешто научивме од историјата? Или мислиме дека и понатаму треба истата, мислам историјата, да ја оставиме на „половинки“ како Чепреганов, Ачковска, Жежов и компанија? Или политиката на „политичари“ од типот на Груевски, Ѓорчев, Милошоски, Димовски и остала дпмнеовска булумента? А уметноста на Сарајлија и жената му, на пуленине од Скопје 2014, или на оние кои не’ усреќија со Македонскиот музеј на хоророт и со нивните астрономски хонорари, па на оној „дизајнерон“ во МСУ и остала дилетантска галантерија? Или, можеби, мораме без збор да го слушаме и оној Мирчевски од „Анал 5“ како јавно си ги пере валканите гаќи на нивната уредувачка „политика“? Па во тој контекст и блебетањето на бакалинот за архитектурата воопшто, а посебно за „архитектурата“ залепена како етикета на „Скопје 2014“? Дали баш, во името на демократијата, сме должни и понатаму да трпиме такви бараби и нивните „концепти“ за … што и да е’?! А можеби посебен концепт, или дури перформанс, е и оној „третман“ на иконите во Музејот на Македонија, особено на „Богородица Пелагонитиса“ онака потпрена на подот, можеби сега ќе излезе некоја нова будала која што ќе не’ убедува дека тоа е најнов тренд во изложувањето на културното наследство од тој тип? И ние упорно да молчиме? Во што тогаш би се разликувале од оние кои успеаа да одмолчат цели единаесет години?

Мислам дека на народов му треба малку одмор, или распуст од таквата „демократија“ која што буквално не’ убиваше 11 години, ни треба дури и „анархичен“ слет на сите (конечно) наши ставови, осуди, па и „пресуди“ (зашто и нам така ни се судеше), „плукања“ па и навреди ако треба (зашто доста не’ плукаа и навредуваа)! И тој распуст, се’ додека е во рамките на (условно) нормалното, и ненасилното, повторно ќе биде распуст на демократијата.

БАКАЛСКИ УЈДУРМИ

Знам дека многумина, вклучувајќи ме и мене, се надеваа (иако не преоптимистички!) дека злосторствата веднаш ќе сопрат односно дека злосторниците преку ноќ ќе ги стигне прстот на правдата. Или дека барем ќе замолчат, засрамени. Тоа, се разбира, не функционира баш така. А дури и да може(ше) нешто такво да се случи, знае(в)ме дека злосторничкото здружение има оставено премногу пипци во државава, премногу јатаци и платеници по сите вертикали и хоризонтали кои ќе ја продолжат перфидната игра на сега (квази)стручни настапи во полза на некогашните газди. Преку формата на демократско право на изразување на мислење – право кое што, до вчера, нам никој не ни го даваше – тие (ќе) агитираат во полза на нашата штета, подготвени се на секакви „операции“ зашто, веројатно, влечат уште многу опашки од стариот систем кои што треба да се  (от)платат! Последното од тој низ недвојбено е „стручното“ самобербатење на професорот на Архитектонскиот факултет Минас Бакалчев, а во полза на монструозната фашизоидна појава наречена „Скопје 2014“. И иако „професорот“ констатира дека Скопје 2014 „не е архитектонска појава“, дека „не видовме архитектонско урбанистички проект“, туку дека тој „попрво се состоеше од низа поединечни зафати кои се впишуваа во сукцесивните парцијални промени на деталните планови на централното подрачје“ – што, патем, е сосема блага, да не речам смешна / аматерска експликација на проблемот – „професорот“ сепак не се двоуми да се впушти токму во „стручна“ одбрана на неговите последни денови констатирајќи дека „тој донесе една специфичност на Скопје, наративност, комуникативност, еден вид ’популизам’, патетичност помешана со панаѓур“ (sic!)! И популизмот е, нормално, во наводници! Ама сепак, според него, „постојат повеќе причини зошто треба да се заштити Скопје 2014“. Разбирате? Не,  нормално, можеби и тој не разбира, ама мора тоа да го одработи.

И јас не сакам да навлегувам во деталите на ова стручно / професионално сепуку, особено не во неговите наводни објаснувања за некаква „спирала на континуирано себепоништување“, или за методот со кој што се „поништува се’ што е друго“ и слични „философски“ демагогии милозвучни за ушите на довчерашните властелини. Во таа насока можам најтопло да ја препорачам вдахновената кратка анализа на овој испрдок од страна на Бранко Тричковски, а не можам да дочекам како на оваа тема ќе го исшамара и  Мирослав Грчев.

Инаку, заради чистотата на својот ум и грижата (конечно) за секојдневното добро расположение, некако почнав да одбегнувам вакви просерувања на македонската „интелигенција“. Особено од божемно научна архитектонска  провениенција! Зашто таа фела, особено будалава, имаше цели единаесет години да каже што и како мисли не само за Скопје 2014 туку за се’ што ги тангира граѓаните (особено) на главниот град. Со чесни исклучоци, ептен малубројни, сите – соработуваа. Или молчеа, што му доаѓа на исто. Дури молчеа и кога нивни колеги од димензиите на оној Хаџи Пуља изигруваше стручњак за визеулни уметности и ни го посра градот со оние „скулптури“ на кои што, за среќа, сега веќе ни трагот не им се знае. Молчеа и кога им ги тепаа студентите на плоштад, молчеа и кога го преоблекуваа Муличковски и сите други авторски дела на нивни колеги низ централното градско подрачје. И еве, се’ уште тоа го прават – без срам, без трунка морал, најбезобразно. Ииако во едно време говореле, особено будалава, за истиов контекст како за „најновиот вулгарен материјализам или историцизам во просторот“, а за некои објекти, на пример за ГТЦ, како за „нов теоретски просторен концепт“, ама сега за истиот нема уста да отворат, уште помалку збор ќе кажат за срамот што македонската архитектура и уметност ги доживуваше во изминатава деценија, туку ќе измислуваат оправдувања од типот на „уникатност“ или „биографија на градот“ (како да претходната уникатност и биографија не беа самоволно поништени!), за некаква „ретроактивна логика“ (која што во стартот не ја почитувала претходната ретроактивна логика) итн. Секој нормален ќе праша – зошто? Е тоа е ултимативното неодговорено прашање на македонското совремие: зошто македонската интелигенција (дури и кога станува збор за ваква на дело манифестирана неинтелигенција) не го отстранува по брза постапка таквото канцерозно ткиво; зошто дозволува да и’ се валка образот од такви типови, без оглед на професионалната припадност; и каде, во крајна линија, завршува демократското право на став а почнува јавната морална одговорност односно, во случајов, типично клиентелистичко бакалскиот образец на срамно поведение?

А сепак, сето ова не е ни „површно“ (Linea West), уште помалку наивно. Ја спомнувам Линеа Вест, а можам барем уште десетина сериозни експерти за уметност и архитектура кои поминале низ Скопје и кажале што имале за овој квазибуржоаски (или антиквизаторски, како сакате) билборд наречен Скопје 2014. Но ни тоа на нашиве саможиви тутурутки ништо не им значи. Затоа и велам дека ова веќе не е ни наивно зашто активистички цврсто гази по дпмнеовската линија „ние против целиот свет“, што и не мора сериозно да не’ загрижува кога будалава би работела како дисперзиран машиновозач на тринаесетти коловоз. Ама кога на некој таков општеството му доверило  сериозна воспитно образовна должност на реномиран факултет, тогаш имате право и да се запрашате за компетентноста на овој тип луѓе да се бават со пренесување вакви „знаења “ на студенти кои треба да се здобијат со современи широки погледи и познавања а не со провинциски испрдоци во обликот на партиски памфлети!

ГРДОТО МАКЕДОНСКО ЛИЦЕ

или

ТХЕ ЕНД (7)

Е сега, добив забелешки од неколку сериозни луѓе дека Канческа Милевска  баш и не завредува толку внимание и ангажман. Се согласувам, не завредува ни најмалку. Напротив, ниту буква на хартија. Но, поентата на овие текстови не е во таа персона – еве нема веќе ни името да и’ го спомнувам – туку во парадигматичноста на времето чиј што производ (и егзекутор) таа беше, и на „резултатите“, се разбира. Тоа време, таа децнија, верувам ќе биде предмет на идни дополнителни проучувања на политиколози и историчари на културата. Таа македонска културна дегенерација, нешто налик на онаа некогашна кинеска културна револуција со елементи на германскиот нацизам од гебелсовски тип, мора уште долго да ни биде пред очи. И таа и нејзините протагонисти, колку и да посакаат да се сокријат во глувчјите дупки од каде што впрочем и излегоа на светлината на денот. Како што веќе спомнав, мислам дека ние немаме соодветен современ репер за да ги компарираме идеите (ако воопшто може да се говори за идеи во вистинската смисла на тој поим), методите и резултатите на нашево (не само) културно совремие. Можни се дури, ако некој баш посака, и историски компарации со периодот веднаш по 1945-та, па вклучително и со Информбирото, ако сакате, па сепак и тоа чудо траеше пократко, а во поглед на резултатите во културолошки поглед тоа би била споредба помеѓу два света – прогресивен и регресивен! Дури и времето на социјалистичкиот реализам во уметноста било поблаго, или поблагонаклонето, диктирало формули но правело и компромиси, имало пулени но не дискриминирало. И не можело да го заобиколи квалитетот туку-така.

Ние, односно тие – онаа на која што веќе нема да и’ го спомнувам името, но и она тврдокорноно директорче – се пекмезат дека, ете, и Унковски, и Поповски и едикојси имале шанса да работат, да режираат. Добро, два пати во десет години, ама сепак. И на актуелниот министер му бутаа пред очи дека – пазите: тие – му финансирале книги. А Поповски дури и бил кај „онаа“ да и’ бара не знам што. Какви бараби, какви бандити со криминално „алиби“ за сите злосторства што ги чинеа цела деценија контра кремот на македонската култура, во сите области. Како тоа да беа нивни пари, од дома донесени, и резервирани само за нивните пајташи!

Десетгодишната катаклизмична епизода со монструозното владеење на „најпатриотската“ партија и разнебитувањето на македонскиот културен простор (разбран во најсеопфатната смисла на поимот култура!) не сведочи само за македонската необразованост, затвореност, ксенофобија, недостаток на демократски капацитети и склоност кон авторитарност и криминал. Односно, сведочи за сето тоа, плус за многу други нешта подеднакво сериозни и вредни за анализа / преиспитување, меѓу кои што фашизоидноста е секако најстрашната, но и поводливоста, некомпатибилноста, клиентелизмот и коруптивноста, кукавичлакот итн. Но и културата разбрана во потесната смисла на поимот, па ограничена дури и само на творештвото како нејзин можеби најкреативен израз, односно сето она што цела една деценија го гледавме како доминантна чума во нашето опкружување, обеспокојувачки говори за некои историски македонски фрустрации кои што како да притаени го чекаа(т)    погодниот миг да испливаат со сета своја жестокост. Па, ако сакате, и сето она, или повеќето од она што (не само јас) го пишував низ годиниве – онаа чудна, (за мене) необјаснива тенденција за самоизолација, ретроградност, автархичност итн. – сведочи за состојби кои што порано не сме ги познавале, или пак, повторно, биле притаени за да бликнат во даден погоден миг. Како инаку да се објасни сето ова што ни се случуваше во културата и уметноста, во една модернистички ориентирана и отворена култура жедна, и желна за меѓународна афирмација, за контакти со другите култури, за импорт но и експорт, за „творечко достигнување на светот“?

Некој можеби ќе каже дека македонскиот синдром на самоуништување и овојпат го покажал своето лице. Можеби, не сум експерт за „историски лица“, ама ова и не може да биде македонско лице. Или сакаме да кажеме дека македонското лице е крминално лице, деградирачко, деструктивно, дискриминирачко? Не би се согласил со тоа зашто сме гледале и подобри верзии на македонското лице. Ова во најдобар случај може да биде некој локален сурогат, и сурат, некое квазимакедонско ѓаволско лице со стремеж не кон самоуништување туку кон уништување на другите – оние различните, инакумислечките, слободоумните. Зашто ова грдо македонско лице, (не само) во културата инсталираше наци-фашистички методи и критериуми, воведе крајно деградирачки и дискриминирачки правила, спроведуваше ригидни, анахрони и авторитарни „политики“, се раководеше од провинцијални и простачки стандарди во културата и во творештвото. Повикувањето на „онаа“ на неколкумина платеници ала маџунковци, андоновци и останати „професори“, „многу професори“ не може и не смее да биде македонски репер. Такви маџунковци и андоновци, милчовци и трпчевци … како и секакви други слуги и молчаливи извршители на авторитарни режими историјата ги мете со железна метла. И овде воопшто немам намера да спорам за одредени нивни креативни дострели, ако има такви. Но и за тоа може да се разговара, нели? Сепак, овде првенствено говориме за човечкото лице во културата, за творци со интегритет и персоналитет, а не за партиски послушници и креативни апаратчици!

Токму тоа, а не „онаа“ беше мојата поента за ова време кое што многумина ќе се обидуваат бргу да го заборават или нас ќе не’ убедуваат – како она снисходливо директорче, но и многумина други – дека се’ било нормално, дека институциите функционирале, дека уметниците биле задоволни итн. Најстрашно е што се обидуваат да не’ убедат дека нивната мерка треба да биде и наша мерка, дека ова околу нас е вистинското лице на македонската култура, дека дури и „онаа“ која што не знае дека Нобелова награда не се добива „за книга“ туку за литературен опус е македонски профил на министер за култура!

Токму затоа, заради тие и такви подопашници кои не умееа или не сакаат да видат подалеку од сопствениот џеб, оваа култура мора да ја искористи шансата што повторно ја добива. Ако сака, се разбира, повторно да се врати во друштвото на современите европски култури, според сите стандарди. Тие стандарди во многу нешта нема да ни одговораат – сега и овде – но тие едновремено се и единствениот наш излез односно влез на светската културна сцена. Сите наши квазиносталгични и квазинационални теми, сите самоило-комитски дилеми и псеудоисторизации спакувани во неписмени и очајно скапи „креации“ на нашиве лумпен-творци веќе никој ни кај нас не сака да ги гледа / чита / слуша, а камоли во светот.

НЕГАТИВНА СЕЛЕКЦИЈА

или

ТХЕ ЕНД (6)

Не разбравме на кој начин Канческа Милевска му помогнала, или се обидела да му помогне, на актерот Висар Вишка зашто тој сведочеше дека наспроти се’, повеќе од десет години, неговиот „престој“ на македонските театарски штици бил крајно инцидентен, а на филмското платно – ни тоа. Се покажало дека за него е полесно да дојде до улога на филм во САД отколку кај нас, а ни тоа не била доволна препорака некој од нашиве државни режисери да го „забележи“ и ангажира. Но, одисеите на овој актер шокираа можеби и многумина кои и самите биле жртви на негативната селекција на власта во изминатиов период. Велам шокираа зашто поединци, меѓу кои и овој актер, според неговото кажување, биле подложени на дупли опструкции, на двојни рестрикции, за кои што ние малку знаеме. И иако Вишка изгледаше прилично сталожен и мирен, не би се кладел дека некои други (вклучувајќи се и себеси) туку-така, мислам мирно, би одседеле во друштвото на Елизабет. Зашто, како сакате кажете, ама партократијата во институциите и во нејзиното Министерство за (не)култура имаа, така да се каже, само ограничен дострел. Најважна во нивната ништавна партиска окупација беше воспоставувањето на комплетен систем на негативна селекција во општеството, видена се разбира (повторно) низ партискиот објектив!

Велат дека негативната селекција е вид на сила на отпорот низ која што општеството делува врз сопствената креативна енергија. Колку е поголема пресијата, толку се намалува креативната енергија. Ние пресијата ја доведовме до максималната точка, безмалу до врвот! И тоа е пресија на медиокритетите контра креативците, на неписмените контра писмените, на неуките контра учените … А кога таа негативна селекција трае повеќе од една деценија, нејзините резултати стануваат разурнувачки за целото општество. Тогаш надвладува неспособната „елита“, кај нас инаку комбинирана и со криминалните структури, се множи по хоризонтала и по вертикала, ги намалува вкупните капацитети на општеството и тоа следствено стагнира, извесно време трокира во место, за да потоа тргне вртоглаво назад. Токму тоа се случи не само во македонската култура туку во македонското општество во целина! Медиокритетството на „елитата“, на врвот – политички, економски, културен, образовен, научен итн. –   наложуваше и соодветно опкружување, така што ниските стандарди, полтронството и синекурата експоненцијално се ширеа како зараза низ целото општество, нагризувајќи му ги (нај)виталните делови.

И затоа, кога тврдокорноно директорче не’ убедува дека тој не е од тука и дека директорот всушност не вршел актерска или репертоарска селекција, тоа е чиста партиска лага. Кажана онака, тврдокорно – без око да му трепне. Зашто токму тоа и беше основната функција на директорите на институциите: да бидат првиот заштитен круг, оној наш „трампов ѕид“ во македонската култура односно во воспоставувањето на целосната контрола врз македонскиот културен простор. Потоа следеа уште два круга високи ѕидови во лавиринтот – прво партизираните комисии во Министерството, а потоа врвниот цензор Канческа Милевска како семожен прст на судбината за многумина во македонското ккултурно опкружување. Резултатите се евидентни денес – во неспособните културни институции, во неписменото Министерство, во девастираната македонска култура! Впрочем, таа негативна селекција и не можеа да ја вршат „позитивни“ поединци, луѓе со квалитет и интегритет. Затоа и беа потребни токму овие вељановци како модел, како партиски прототип кој дури не се ни срами да потврди дека бил дел од толпана што урлаше низ скопските улици барајќи крв. И тој и толкумина други кои станаа – а всушност секогаш и биле – ефтин инструмент во рацете на една криминална банда на власт. Уличната „тврдокорна“ епизода беше само капак, врв на безочноста на нивната послушност. За многумина уште пострашна беше онаа „тивка“ пресија на неписменава багра, оној мобинг и малтретирање по сите основи и линии на се’ што беше покреативно, поумно и попрофесионално од нив. Ние немаме соодветен современ локален историски репер за споредби, за адекватно промислување на сето она што ни се случуваше, но имаме sufficient memory за сите такви вељановци, манчевци, ѓорговки, трипковци, старови, пројковци, дурловци и остала братија. Зашто формулата на негативната селекција се потпира на такви луѓе, токму на овие кои, ете, се’ уште седат на директорските фотелји, кои дури и подготвуваат програми за следната година надевајќи се дека нивното време не завршило. Немаат дури ни толку доблест самите да си заминат!

Културниот образец на квази-елитите во крајна инстанца создава квази-народ кој на крајот ги приграбува, дури прегрнува како свои сите исходишта на негативната селекција. Тогаш настапува стадиумот на стопување со негативното, на непрепознавање на вистинската вредност и способност и критериумот за  истите. А тоа значи целосна деградација и на општеството, губење на креативните ресурси и смрт на културата. Ние, за среќа, не сме влегле во тој стадиум. Иако бевме блиску.  Поточно, се’ дури има – а овде и сега има – поединци и групи кои можат да го согледаат амбисот пред кој што бевме / сме исправени и можат да се спротивстават на негативната селекција, за општеството има надеж. Но тој миг мора да се искористи зашто може да замине во неповрат!

ЌАР ORIENTED

или

ТХЕ ЕНД (5)

Партисконо тврдокорно директорче, она кое урлаше како нездраво на дпмнеовските митинзи, на прашањето дали ќе се гради „Драмски театар“, вели – не знам. (Поимот Драмски театар го ставам во наводници зашто ова што го гледаме наназад десет години не е некогашниот Драмски театар!). Е кој да знае, јас? Вели, прашајте го Министерството за култура, тоа ја водело целата постапка, а он не е од тука. Тој таму е директор за покажување и евентуално за дисциплинирање на опозициски настроени театарџии од сите профили. Да, и за митинзи и шетање по улици. Друго – не знае. Ама не е единствен. Зашто Канческа Милевска, како впрочем и нејзиниот капо но и целата дпмнеовска влада, беше deal oriented и преку тоа поле не можеше ни пиле да им прелета. Цврсто држеа в раце се’ што беше сврзано со можни финансиски интереси. Затоа впрочем Канческа Милевска така „стручно“ и страствено говори за карабините и тендерите, за позициите и порамнувањата, за можните „збунки“ на јавноста – зашто ние сме морони, дил неориентирани и ништо не разбираме – околу одделни нејаснотии за висината на износите на сите градежни проекти во кои што беше вклучена таа и нејзиното Министерство за (не)култура. Па и целата тогашна Влада, ако сакате, зашто сите, до последната партиска шушуми, се самопрогласија за архитекти и градежници, за проектанти и контролори, затоа и целата земја ја претворија во едно огромно градилиште. Зашто, каде се гради – таму има за сите! Се разбира тоа „сите“ во праксата беше прилично стеснета категорија, ограничена на малкумина пулени околу д(р)пмнеовските „патриоти“. Но, повторно, токму оттука и потенцијалната разлика во однесувањето, во говорот на телото, па и во самиот вокабулар помеѓу некој сериозен министер за култура и нашана Елизабет. Бидејќи еден сериозен, образован и посветен министер за култура ќе ги вклучи, сакал-нејќел, и главата и емоциите во коментирањето на една театарска претстава, на една книга или изложба …  ќе елаборира со жар и восхит, па и со патос, ако треба, ќе пледира за квалитетни проекти од овој или оној тип, ќе потенцира имиња, величини, па и свои преференци. Кај Канческа Милевска сето тоа е сведено на „почит“ кон уметничките потенцијали на земјата. Таа не ги знае ни имињата на македонските творци, на македонските претстави, книги – не прочитала ниту една, гарант – изложбите што ги отворала со однапред напишани туѓи текстови ги заборавала во истиот миг. Кај неа моториката и емоциите се палат кога ќе почне да говори за градежништво, за кубици бетон и квадратни метри стирпор, за карабини и габарити, за договори и тендери; некако, очите и светнуваат, гледате жар (или алчност ќе да е, не знам?) во нив, гестикулацијата е неодмерена зашто очигледна е возбудата. Таа мисли со џебот, не со главата, или срцето! Тоа е тој „бизнис“ дух што ни го подари „најпатриотската“ македонска партија, тоа е впрочем оној дух на балетанките „Гришко“ што сега можете да ги видите фрлени на некоја депонија, а беа као важна инвестиција во македонското стопанство, но и во културата! Тоа е, впрочем, и оној „бизнис“ дух на промашена цела траса на еден автопат.

Градењето и т.н. дил ориентед дух како спиритус мовенс на дпмнеовската влада, а со тоа и на Канческа Милевска како министер за (не)култура, се разбира, беше завиткан во обландата на грижата за развојот на земјата, нејзината култура, разубавувањето на градот / државата, развојот на инфраструктурата, грижата за градежните фирми – ќе останеле кутрите без работа итн. Се разбира, сето тоа беше само фама, вештачка магла да ги затскрие вистинските мотиви насочени само кон ќарот (зашто тие, во основа, и не знаат што е тоа бизнис!) и ништо друго. Впрочем, токму затоа и директорчено на „Драмски“ (повторно наводници!), нема појма што му се случува во „куќата“! Како што појма немаше што и како му се гради и оној разгледничарон во Музејот на македонскиот хорор, туку го спуштија ко со хеликоптер, да извршува наредби. Истата ситуација се повтори и со Археолошкиот музеј, каде Министерството беше главниот шеф на градбата – од проектант до падар, а директорката ја ситуираа отпосле. Затоа и објектите ни се такви какви што се’ – недоправени, недоквакани, непрофесионално осмислени, нефункционални, дури понекогаш смешни во нивната неадекватност за функцијата што треба да ја вршат – бидејќи „стручњаци“ и ќар ориентед персони од типот на Канческа Милевска и нејзиниот газда беа и идејни творци, и проектанти, и градители, и надзор и – се’! Шушумиги кои дотогаш не беа влегле во сериозен музеј, театар, галерија … или каков и да е’ друг културен објект преку ноќ станаа и архитекти, и кустоси, и историчари и декоратери итн.

Затоа, кога Елизабет продава пуфки за некаков градежен експанзионизам, за некаква грижа за објектите во културата, таа мисли пред се’ на ќарот, на сите потенцијали што се отвораа пред власта при склучувањето на договори од таков тип. Затоа, повторно, таа ништо, ниту цигла не препушти на нејзиниот раководен кадар – та не го избравме ние, туку таа, нели? – во институциите, тие не требаа да знаат што и како ќе се случува со новите градби, туку дремеа таму колку да се најдат во работа. Ќарот, се разбира, никој не сака да го дели баш со сите!

Така, впрочем, никнаа и тие „фалени“ монструозни градби – Македонскиот музеј на хоророт, Археолошкиот музеј, Спомен куќата на Мајка Тереза, Споменикот на Мајка Тереза, Порта Македонија, Аце Македонски и редица други – под диригентската ќар-палка на Канческа Милевска. Затоа всушност и изгледаат така како што изгледаат, затоа се и тотално нефункционални, затоа се и смешни, ама Елизабет уште се пали на нив, нели?!

ТРАНСПАРЕНТНОСТ

или

ТХЕ ЕНД (4)

Кога ја гледате Канческа Милевска како говори за сопствените достигнувања во унапредувањето на македонската култура, имате само едно прашање: зошто женава не отиде во глупици туку се зафати со политика? А така ќе и’ легнеше некоја улога во онаа серијана „Преспав“ – на пример да изиграше некоја собарица која што, онака патем, зачистувајќи, транспарентно им ги објаснува на гостите предностите на хотелот и убавините на Македонија? Или да ја земеа за комитка во некое филмче од оној национален комитски серијал финансиран со пари од македонската култура. На пример, во „До балчак“? Толку пари поарчија за ништо, барем ќе ја промовираа Елизабет како глупица! А жената така се внесува во улогите. Не дека не и’ легна и оваа на министерка за (не)култура. Кога пак ја слушате како транспарентно објаснува колку чинела само карабината на старо-новиот театар, па заради што трошоците скокнале од првобитните 6 на 39 милиони евра, просто ви оди да заплачете. Па нели и историската (се градеше безмалу десет години!) Филхармонија почна од некакви 6-7 милиони па стаса до 39? И тоа ли беше само за карабина или овде станува збор за некаква дпмнеовска магија во конкретните бројки? Згора на се’, Канческа Милевска, баш онака транспарентно, не’ убедува дека таа, односно нејзиното Министерство, биле одговорни само за два-три објекти од идиотштината наречена „Скопје 2014“, а другото им оди на врат на градот Скопје, на Општина Центар, на Владата итн.

А заборава кутра Елизабет во нејзината транспарентност дека токму таа (со оној „Тинекс“) беше нацуцулена на Владината прес конференција – зошто, за „лепе очи“? – да ги објаснува и „нараснатите“ трошоци за спомнатиот монструозен „проект“ од 80 милиони евра на, како што тогаш тврдеше, само 208 милиони евра. И со сета нејзина транспарентност не успеа да го објасни тој феномен. Можеби и таму беа замешани некакви карабини, за 80 милиони, а комплетот чинел 208 милиони? А само неколку дена потоа јавноста беше просветлена дека Елизабетините 208 милиони се всушност преку 670 милиони евра, ама таа, во сета нејзина транспарентност, не знаела за тој податок. Тогаш, за која и каква транспарентност говори Елизабет?

Или, можеби таа мисли на нејзината фингирана, да не речам лажна транспарентност во однос на нејзиното учество во финансирањето на „Скопје 2014“ односно на трошењето на културниот буџет на идиотските градби од овој „проект“? Зашто, „транспарентната“ Елизабет милува да потенцира – кога нема кој да ја демантира – дека Министерството за култура било замешано во таа пљачка на векот само во два-три објекти односно во: старо-новиот театар (започнат, како идеја, нели, токму од СДСМ, ама ним им се погоди – толку бива!), во „фантастичниот“ Музеј на македонскиот хорор и спомен-куќата на Мајка Тереза! И можеби Канческа Милевска навистина мисли дека може „транспарентно“ да ги лаже сите секогаш, ама таков махер, велат, се’ уште не се родил. Зашто, буџетот на нејзиното Министерство говори нешто сосема друго. Говори, на пример, дека почнувајќи уште од 2008 година, во средствата предвидени божем за заштита на културното наследство, редовно, и со години, се појавуваат значителни средства наменети за некоја таинствена „Монументална фонтана на плоштад“! И веројатно не не мисли толку глупави, нели, па да не знаеме за која фонтана станува збор? А средствата секоја година се прелевале во фонтаната, божем се врши некаква заштита на македонското културно наследство: во 2008 година 7,1  милион, а во 2009 се качиле на 100 милиони денари! Или, транспарентноста на Канческа Милевска можеби умее да објасни и зошто „фантастичниот“ Музеј на македонскиот хорор бил финансиран директно од средствата на Музејската дејност (речиси 50% од вкупните средства, а некогаш и повеќе) а не од капитални расходи? На пример: во 2008 со 29 милиони, во 2009 со 275 милиони, во 2010 со 273  милиони, во 2011 со 237 милиони итн.? А потоа, Канческа Милевска ги заборава и „Порта Македонија“, па објектот на Археолошкиот музеј / Државниот архив, каде Министерството е кофинансиер, па споменикот на Мајка тереза на Плоштад Македонија, па сите оние самонаречени скулптури посеани низ централното градско подрачје?

Е сега, оваа „транспарентност“ е тешко видлива ако, прво, и’ верувате на Елизабет на збор, што е основна грешка, а второ, тие познати замаглени финти се распределени во буџетските ставки кои што многумина не ги ни гледаат. Но, бидејќи Канческа Милевска толку љуби да се претставува како транспарентна министерка, можеби ќе требаше да објасни како дури сега на светлината на денот излегоа, односно излегуваат сите оние податоци кои што јавноста толку години ги бараше? На пример, нејзините трошоци за „репрезентација“, што е само фин еуфемизам за она дивјачко трошење државни пари за јадење и пиење ко да не виделе храна! Што е со овие луѓе, вечно гладни, имаат аждаи во стомаците, што ли?

И кога би ја плетеле докрај листата на криминалното „транспарентно“ расипништво на екс-министерката за (не)култура, останува, покрај многуте други, и најголемата нетранспарентна тајна на тоа Министерство: финансирањето на годишните проекти од т.н. национален (читај: партиски) интерес! Е таа најстрого чувана тајна да ја објавеше Елизабет, па да и’ симневме капа. Зашто тие податоци чувани како зеницата на дпмнеовското око беа барани од јавноста со години. И никој не ги виде, никогаш, односно до завршувањето на канчевистичката „ера“ во културата. А се предеа секакви приказни, како впрочем и за другите тајни, ама вистината никако не проби. Но, се разбира, ќе излезе и тоа ѓубре на површина, како и ова со „репрезентацијата“ односно со гладните стомаци на министрите, замениците, државните секретари и остала криминална братија! Ама тоа ѓубре ќе биде прилично поголемо, една огромна (не)културна „Дрисла“ која што дефинитивно ќе го покаже вистинското лице на „патриотиве“!

ПЛАСТЕНИЧКА КУЛТУРА

или

ТХЕ ЕНД (3)

Покрај тоа што е, нели, „лично горда од се’ што направивме во културата“, па е логично горда и на нејзината партиска бирократија во Министерството за (не)култура и нивниот „професионализам“, Канческа Милевска е горда и на „уметничкиот потенцијал на оваа земја“ (sic)! Како тоа навистина „гордо“ звучи изречено од устата на „стручњакот“ Елизабет! И сега, да станува збор за нешто друго, на пример за земјоделски производи, па да рече дека е горда на квалитетот на доматите и пиперките – особено што заменик и’ беше земјоделец, или да каже дека е навистина горда – и треба да биде – на „градителските“ вештини на македонските фирми со кои што истурка стотици тендери, па човек и да ја разбере. Ама кога Канческа Милевска се гордее со „уметничкиот потенцијал на оваа земја“, тогаш или нешто не е во ред или говориме за сосема различни нешта. Зашто, прво, Канческа Милевска е тотален дунстер, целосно неука персона, анонимус во културата и уметноста, далтонист да препознае каков и да е’ уметнички потенцијал и не дај боже уметничка вредност. И второ, она што Канческа Милевска го претпоставува или замислува како „уметнички потенцијал“ сигурно е сосема нешто друго, односно веројатно е некаков прост збир на оние нејзини „гордости“: партизацијата во културата, аматеризмот, неспособноста и некритичноста. Или, евентуално, Канческа Милевска практикувала безмалу десет години некаква друга култура, некаде на друго место, скриено од нашите и погледите на јавноста? И таму, можеби, таа навистина се сретнала со некои „уметнички потенцијали“. Иако, сигурен сум, да се сопне од нешто што е налик на уметност, да си ја чукне главата од тоа нешто, очи да и’ ископа, Канческа Милевска нема да умее да препознае уметност. Како што впрочем никогаш не научи ни што е култура и што еден министер за култура треба да работи на тоа поле. Затоа таа веројатно и мисли дека и културата е некакво такво земјоделско стопанство во кое што виреат разни култури кои што, на крајот на денот, или сезоната, се мерат во килограми, или тони. Единствената разлика овде е што целиот род е однапред (пре)платен, а таа и нејзината тајфа баш и не морат да се испотат за добро да заработат!

Затоа Канческа Милевска и мисли дека сето она што таа и нејзината партиска бирократија го сработиле низ годиниве, измерено во тони книги, стотици изложби, не знам колку претстави … дека токму тоа е уметност, и култура, и дека таа може со тоа да се гордее. Да беше така, замислете колку горд би бил еден руски министер за култура кога објавува статистички показатели, кога ги реди бројот на претставите, изложбите, книгите … во една огромна земја како Русија? Кутрата наша „министерка“ едноставно не разбира – а и не може да разбере – дека сето тоа се само бројки, главно празни, како и имињата на носителите на тие бројки, тие не говорат за некаква уметност или уметнички потенцијал, туку само за количеството стока произведено со конкретна сума пари од државниот буџет. Е за тоа, како (условно) добар стопанственик, Канческа Милевска може да биде горда! Велам условно како добар стопанственик зашто дури и во стопанството нештата не се ценат според количествата туку според квалитетот. Доматите и пиперките на Канческа Милевска, иако импозантни по број, ако се неквалитетни, ќе (из)гнијат по магацините и пазарите. Затоа, впрочем, госпожа „врло веома“ и не може да посочи еден, барем еден успешен, квалитетен проект, зашто неа и’ се сите исти, „квалитетни“ како и пластеничките градинарските култури никнати под дпмнеовските партиски  пластеници, или чадори, како сакате!

Впрочем, целата дпмнеовска, или канчевистичка „култура“ во изминативе десетина години беше токму пластеничка култура стокмена да произведува „уметнички потенцијали“. Пластеникот беше државата односно буџетот на Министерството за (не)култура, под чиј што „чадор“ требаше да се продуцира  таканаречениот македонски „уметнички потенцијал“ кој што, за жал, прво, се покажа со сосема гнил корен од кој што не се раѓа ама баш ништо, и второ, она што евентуалното ќе се родеше, беше – неупотребливо. Беше горчливо, црвливо, кисело, зелено … што ќе рече – никому потребно! Тој таканаречен „уметнички потенцијал“ со кој што се гордее кутрата Елизабет го гледаме распослан низ централното градско подрачје, го гледаме во изложбените сали, во театрите, во книгите … Тоа е тој фамозен дпмнеовски „уметнички (не)културен производ“ кој што буквално изеде цели десетгодишни културни буџети и кој што требаше да ни биде поттурен како наш автентичен современ творечки производ. Некои неуки дури го нарекуваа и нов вредносен систем, ама нешто замолчаа. Ги нема, се загубија, тие или „вредносниот систем“, не знам, ама очигледно сето тоа се претвори во пепел. И тоа е всушност конечниот производ на таа канчевистичка „уметничка продукција“, таа пепел развеана низ сокаците на државава, зашто само дотаму стасува!

За волја на вистината Канческа Милевска ниту имаше прилика да ги види автентичните, оригиналните македонски уметнички потенцијали зашто, прво, таа веднаш и отсечно ги дистанцираше од македонската културна сцена,  задушувајќи ги постапно и систематски, и второ, дури и тоа што успеа да опстане по правило се движеше по целосно различни патишта од познатите кич патеки на „министерката“ и нејзините гаулајтери!

КУЛТУРНА ПАРТОКРАТИЈА

или

ТХЕ ЕНД (2)

Дури, се мислам, а би можела ли Канческа Милевска да не биде задоволна, и „лично горда“, како што потенцира, „од се’ што направивме во културата“ во   неколкуте нејзини мандати? Да, веројатно би можела односно би требала да не биде задоволна, односно секој нормален човек – а под тоа нормален подразбирам интелектуалец, или барем делумно стручен за културата човек – ставен во такво партиско менгеме стегано секој ден од криминалци како нејзиниот главен шеф и неговите разбојници, диригиран да чини глупост до глупост, криминал по криминал секој божји ден, на крајот би требало да изрази незадоволство, или барем жал, од сето толкугодишно лошо чинење односно нечинење. Ама не и таа, не и нејзината (не)културна братија, туку токму спротивното: таа е горда, дури и се заблагодарува на нејзината партиска бирократија во Министерството за (не)култура за „професионализмот“ во извршувањето на нивните обврски! Да, и тука веќе, некој ќе рече, почнува да станува збор за поматен ум, зашто само пред неколку дена, од истото тоа Министерство за култура, излезе податокот за трикратното зголемување на бројот на партиските апаратчици ставени во служба на Канческа Милевска, нејзината „најпатриотска“ партија и нивните (не)културни апетити. Односно, ако во времето на доаѓањето на „најпатриотската“ партија на власт во тоа Министерство имало 51 вработен, а Канческа Милевска вчера ни оставила во наследство цели 159 вработени, не треба големи математички ниту пак политички вештини да се заклучи како и каде се движела канчевистичката логика во екипирањето на Министерството за (не)култура.

Да, прифатливи се, и логични, евентуалните објаснувања дека луѓето треба да се вработуваат, особено младите, дека и потребите во културата растат пропорционално со вкупните потреби во државата. Ама Канческа, гордеејќи се со таа нејзина партиска администрација, треба(ше) да посочи барем едно име – барем едно – вработено во нејзиниот кабинет / Министерство кое што има некаква, минимална, културна биографија! Па јавноста да рече дека ете, во тој и тој случај, не играле улога партиските врски и телефони туку дека стручноста и компетентноста си го изборила патот до вработувањето. А да имаше барем едно, барем едно такво име, таков стручен и компетентен човек во тоа Министерство, во која и да е’ област во културата, за овие десет години ќе го видевме, ќе го чуевме, ќе го препознаевме. Инаку, од една цела партиска булумента државни советници, раководители вакви и онакви, мутикаши и самобендисани мамини и татини синови и ќерки видовме до какви резултати се доаѓа! И јас можам да раскажам и лични „доживеалици“ (како најблаг можен израз за нивната глупост, неспособност и простотилак!)  со еден дел од таа тотално неспособна партократија во тоа Министерство, барем во времето кога уште бев директор на Националната галерија, па и потоа. И тие доживеалици не се сврзани само со нивната очајна нестручност и некомпетентност за работите за кои што наводно се примени, туку и за целосната незаинтересираност за работата односно поголемата љубов за, на пример, Бриселските аутлети отколку музеи, за нивното апсолутно неразбирање на разликите помеѓу музеј и галерија (што трае до денес!), за отсуството на сенс за сериозни меѓународни проекти и соработки итн. Но, во крајна линија, нели се вели дека соработниците се одбираат според – себеси? Каков шеф – такви соработници! А во ова Министерство тоа беше правило, со ретки, сосема ретки исклучоци, и тие не по заслуга на „министерката“.

Затоа Канческа Милевска може, и треба, да се заблагодарува на тие и такви непосредни извршители во Министеството за (не)култура кои не само што не смееа, туку и не можеа – толкави им беа капацитетите – да се спротивстават на нејзината разурнувачка канчевистичка логика во културата. Уште повеќе што клучните, да не речам стратешките места – за т.н. културни дејности, за меѓународна соработка, за програма, за правни работи, за инвестиции итн. – беа окупирани од полуписмени партиски пајташи чие што, волно или неволно сеедно, соучество во злосторствата контра македонската култура не смее да се потценува. И заборава!

И кога една ваква полуписмена партиска бирократска структура во едно важно министерство какво што е Министерството за култура ќе ја надградите  во стотина чекори со идентична партиска директорска структура во културните институции, добивате слика и прилика на македонската култура во изминатава деценија, на чиј врв седеше една типична македонска  рурална Канческа Милевска како нејзина „врло веома“ маскота! Впрочем, како и она директорчено кое седеше до неа бранејќи и’ го задникот, а кое дури ни последните денови не смогна да ја отера таму каде што требаше, сосе нејзините планови за продажба на „Драмскиот театар“. Но, од друга страна, а зарем тој, и таков, некогаш ќе стасаше да биде директор? А впрочем, како воопшто еден лош актер може да биде добар директор, и во тој контекст и една лоша сликарка, лош писател, полуписмен археолог или неписмен биолог, домаќинка … Како што и сите други, до еден, директори во македонските културни институции на кои што Канческа Милевска треба споменик да им подигне зашто ја чуваа како матица околу која ќе се множи македонската културна неспособност и неукост!

ТХЕ ЕНД

Не знам колку, и дали навистина има смисла човек повторно да се навраќа на состојбите во македонската култура, на целосно девастираните (физички и професионално) институции, на неукоста и простотилакот на екс министерката Канческа Милевска, а сето тоа апропо нејзиното (да се надеваме – последно!) појавување во медиумите каде што таа, наводно, по којзнае кој пат ќе ни ги објаснела „успесите“ – нејзини и на нејзината партија – во „унапредувањето“ на македонската култура во изминатава деценија. И, повторно, само тотално неук и необразован, но и, извинете, прост до зла бога, одново, после се’, ќе седне пред камери и ќе тртља за некакви успеси, бенефити, резултати … во културата, за некакви специфики, за дејности итн. Ќе спомнува и посветеност, проекти, мерки и стимулации, без притоа и да го знае значењето на тие зборови! И тоа дури и после оние очебијни фотографии токму за „резултатите“ на Канческа во, на пример, Музејот на Македонија, или за износот на сметките за електрична енергија во љубимиот и’ Музеј на македонскиот хорор и слични будалаштини. Но, таа и таква глупост на дотичната е сведоштво и за глупоста, незнаењето и необразованоста на нејзината партија, од најгоре до најдолу, кога ја пуштаат и понатаму да ги резили по медиумите. И, се разбира, на нејзината (не)културна администрација – сите оние кои така верно, навистина кучешки верно ја служеа и мафтаа со опавчињата на секоја нејзина насмевка! Или таа, и тие, навистина мислат дека целата македонска јавност се оние нивните неписмени сендвич патриоти? Таквата „смелост“ како овие „најпатриотскиве“ раководни структури во денешно време ја имаат навистина само оние  „привилегираните“ со најнизок IQ, оние чиј што ум е tabula rasa, рамна плоча, која што „памети“ – ако воопшто памети – само од денот на нивното устоличување до денот на нивното  разрешување. И толку. Тоа за нив е почеток и крај, тоа за нив е репер и стандард за постигнувања во културата!  Во тие мозочиња нема пред и после, нема минато и иднина, не постои континуитет  на културната и творечката мисла … сето друго е црна дупка!

На страна фактот што јавноста одамна е иритирана од таквите нови шанси што овие не само приглупи туку и криминогени суштества, после се’, одново и одново ги добиваат да не’ тормозат со нивните бабини деветини, со нивните простачки флоскули научени напамет, а со кои што ги импресионираа(т) нивните полуписмени водачи. Но, зарем малку говореа, и чинеа – зашто поимот правење е несоодветен за нивните „дела“ – овие десет години па треба да им даваме и дополнителни шанси да се „дообјаснат“? Па нека е и во една минута, а не цел час?

И во таа насока што ново може(ше) да ни каже токму Канческа Милевска? Или кој и да е’ од нејзината „најпатриотска“ партија? Зарем малку говори погледот врз центарот на Скопје, врз она чудовишно здание што сакаат да го нарекуваат Влада на РМ, врз состојбите во институциите …? Канческа вели: „Оставаме големи резултати“. Па луѓе божји, таа не знае ни што значи зборот резултат! Таа во животот не видела резултат, а камоли да оствари некаков, во културата особено. Таа персона не поднесе извештај за работата на Министерството за (не)култура цели десет години. Никој (се’ уште) не знае кому колку пари се давани токму за тие илјадници проекти зашто дури и нив им беше срам да ги покажат тие „резултати“. Таа персона не знае што всушност треба да работи Министерството за култура, па затоа ги броеше – дури и инсистираше на нив – „проектите“ на институциите и ги посочуваше како нејзини односно на Министерството! И си го ставаа логото на сите печатени материјали. Тие тврдокорно мислеа дека парите што ги делат на нивните гаулајтери за нивните „проекти“ навистина се нивни, а не наши, дека ним им припаѓаат по сила на закон и дека можат со нив да прават што сакаат и како сакаат. Тие еднакво тврдокорно мислеа и дека само нивните слуги и гавази се достојни да ги трошат тие пари, а се’ друго е невредно и не заслужува дури ни да биде земено предвид како можна варијанта во македонската култура. Таа и таквите во пет минути изрекуваат барем дваесет и пет глупости, од типот на „проекти кои што се видливи, реално мерливи“. Па точно тоа: ем се видливи, ем се мерливи – според глупоста, според идиотштината, според потрошените за будалаштини пари итн. И што по ѓаволите очекувате таква персона да каже за културата? Нешто паметно? Па таа вели дека постигнале резултати – ееееј, резултати – дури и во заштитата на културното наследство, во музеите итн. Веројатно мисли и на Музејот на Македонија, па на празнењето (да не речам пљачкосувањето) на неговото депо, можеби мисли и на Плаошник, на Курбиново што пропаѓа … итн.? И зарем не слушате дека таа е „лично горда од се’ што направивме во културата“?! Та зарем, после се’, нормален човек кажува такво нешто? И каков разговор воопшто може да следи после тоа?

Можеби, да се надеваме, дека ваквите „разговори“ со вакви персони понатаму ќе се водат само во Специјалното јавно обвинителство и другите обвинителства и органи што се бават со финансиски малверзации, со организиран криминал и слични нешта. Зашто тое се местата каде што вакви персони треба да се појавуваат, таму да држат „предавања“, да објаснуваат  за нивните „успеси“ и „резултати“. Таму, мислам, и подобро ќе ги разберат зашто таму (ќе) ги имаат и сите факти, и докази, и информации и се’ што треба за успешен дијалог со нив. Нам ни оставаат предоволно материјализирани „стручни“ докази за нивната ступидност и неукост, за нивниот националистички примитивизам и простотилак за кој што ќе учат идните генерации!

СРЕЌА ВО НЕСРЕЌА

Пред повеќе години, кога Унковски стана министер за култура, прва работа со која што се зафати беше да сними филм за „здравствената“ состојба во културните институции во земјата. Истиот, потоа, како вовед во расправата за состојбите во културата, им беше прикажан на пратениците на редовна седница на Собранието на РМ. Ваквиот потег на Унковски предизвика различни коментари, но не може да му се одрече крајниот ефект: и тогаш, како впрочем и сега, народните претставници во највисокиот законодавен дом ретко влегуваа(т) во културните институции и филмот за нив беше – полн погодок! Не дека тоа потоа резултираше во којзнае каква (фнансиска) поддршка за македонската култура, ама тие барем имаа ориентациона претстава за што им се говори и што од нив се бара, иако тоа најчесто им влегуваше низ едното а излегуваше низ другото уво.

Можеби сличен зафат добро би му дошол и на новиот министер за култура, особено денес, зашто состојбите во културните институции се многукратно полоши од времето кога на таа должност седна Унковски. А според професионалниот профил на составот на македонскиот Парламент, упатеноста во состојбите во културата е речиси иста, безмалу никаква! А тој филм би имал што да прикаже. Итекако! Иако и временските (не)прилики умеат да уприличат соодветен мизансцен за подобро запознавање на јавноста со актуелните состојби во културата по канчевистичката некултурна револуција и стравовладата на „најпатриотската“ од сите партии во македонската политичка историја. Имаше, додуша, и во времето на канчевизмот слични метеоролошки урнебесија, со поплави – скромни, за волја на вистината – и непогоди од различен тип, ама дресираните во тоа време директори-чувари на институциите не даваа да се припари до нив  и да се снимат евентуалните штети и состојби. Затоа, низ градот кружеа разноразни приказни, понекоја фотографија скришно снимена со мобилен итн. Се говореше за подрумите на т.н. Нов театар – оној од стиропор, а за кој што еден умислен „архитект“ дури доби и награда – полни со вода ала базени за вежбање на канчевистите непливачи, за депоата во иста или слична состојба во фамозниот Музеј на македонскиот хорор и слично. И народот се забавуваше, иако всушност работата и не беше за забава.

Е сега на ред дојде Музејот на Македонија, едно од вистинските сирачиња на македонската култура, заборавено, запустено по изградбата на „велелепниот“ вмровски Музеј на македонскиот хорор, каде се слеваат огромни пари од културата, иако без видлив ефект и резултат бидејќи тоа чудовиште и концепциски и кадровски не може да даде опипливи и сериозни стручни резултати. Тој монструм од музеј како да е изграден за одвај стотина  најзапалени националисти кои одат веројатно секој ден и се восхитуваат на садистичките сцени, на приказните за мали деца – зашто и тие за(о)станале на тоа рамниште – за македонските непобедиви војводи, се сликаат (веројатно тајно) со оние ужасни восочни карикатури … За разлика од ова чудовиште, Музејот на Македонија некогаш беше елитна институција, полека препуштана на нестручни, непрофесионални и во основа неуки поединци. Особено откако фамозната „зелена Лиле“ како коалициски партнер на криминалната вмровска банда го зема во свои раце и почна да цементира нејзини „кадри“ на директорски позиции! (Истата оваа „зелена Лиле“ која што  повторно успева да се упика во Парламентот, сега преку коалицијата на СДСМ, ама ќе била – независна! Но, и тоа се грешки што некогашната опозиција сега скапо ги плаќа зашто сади тикви со лукративни политиканти од типот на Лилето на тато Блаже!!!). Во тоа време, времето на „зелените“ во главите, се случи и најголемата музејска кражба во историјата на Македонија, за која што, сигурен сум, се’ уште малку се знае и нештата допрва треба да се рапретуваат.

Како и да е’, наспроти можеби несреќно избраната локација на овој Музеј, тој сепак долги години претставуваше сериозна и професионална музејска институција. Сега, скопското невреме ги откри сите негови рани, сета беда и јад на оваа некогаш елитна институција. И тоа е можеби среќа во несреќа, како и многу други, зашто луѓето барем ќе говорат за него, можеби ќе дојде во фокусот на јавноста како некаков иден приоритет. А тој, Музејот на Македонија, е само една од многуте канчевистички (или лилевистички, во случајов) жртви. Ги има уште многу, некои ги знаеме, некои не. Особено оние во внатрешноста се скриени од погледите на јавноста и не можеме ни да претпоставиме што се’ се случувало во нивните ентериери. Но, веројатно и тие ќе дојдат на ред, некогаш.

За објектот Чифте амам, еднакво погоден од скопското невреме, нема да говорам. Барем не сега, зашто можеби ќе бидам необјективен. Ама во некоја друга прилика … Мислам – не можете да оставате такви витални институции на сечија милост и немилост!