СЕКОЕ ЛЕТЕНЦЕ – ДЕТЕНЦЕ!

Наместо по оние (небулозни) приказни за нашите културни „успеси“ – особено во филмот – изгледа дека македонската култура (повторно особено во филмот) ќе стане позната само по скандалите, по прозивките, по кривичните пријави, по криминалите (знајни и се’ уште незнајни!)… Не дека не сме имале и такви времиња. Ги имавме премногу, особено во времето на пуфлата и криминалецон од Будимпешта и нивната камарила, во којашто културните бандити завземаа челни места. Ама, нели требаше да биде – поинаку? Нели за тоа беше борбата? Или сиот џумбус сепак беше само за преместувањето на чекмеџето и за овој убиствен молк на власт – па нека е и техничка – молк којшто всушност го говори истото како и оние претходните: секое чудо за три дена!?

А сепак, изгледа дека токму нашите саморасприкажани „најголеми успеси“ во културата, оние во филмот, ќе бидат првите што ќе го размотуваат културното криминално клопче? Не сум сигурен, не би рекол, ова се само, што би рекле, хаотични престрелки, куршум ваму петарда таму, сите се сепак безбедни во своите ровови и стрелаат речиси „на слепо“. Или не? Ајде да видиме.

Но, филмот во нашава фантастична приказна е безмалу парадигма на состојбите во културата. Иако во многу поголеми, да не речам побогати, размери. Таму се’ се случува како и во другите сегменти, игранките се исти или слични само со поголеми пари и поголеми екипи, често и на „странски терен“, што значително ги зголемува влоговите коишто и онака се – огромни. Да, успеаја да не’ убедат дека филмот е скапа играчка, ама не ни објаснија зошто истата треба секому да му ја даваме в раце односно со неа да си игра кој како ќе стигне. И тоа со државни пари! Кога некој би излегол со пресметка колкав филмски буџет им бил даден на располагање на коекакви дилетанти од 1992 година до денес, многумина ќе ги заболи главата. Затоа, веројатно, кај нас и не се прават такви пресметки. А едновремено, кога некој би направил сметка колку од дадените пари се вратени во државата/буџетот – зашто, нели, грото од нашите филмови беа ремек дела, огромни успеси! – дури тогаш се’ ќе не боли. А тие весели математики би покажале и дека нашите навистина најголеми успеси биле постигнати со минимална, речиси никаква помош од државата – случајот со „Медена земја“, на пример – додека државните „фактори“ си водат некакви нивни шарлатански „политики“ селектирајќи ги авторите дури и според образованието (случајот со Ханис Багашов) итн. Се разбира, не би било коректно сите македонски филмаџии да ги сместиме во еден криминално-коруптивен кош, особено не оние од помладата генерација, но она што деновиве го говорат некои дека „(…) преовладуваат претприемачки, должничко-доверителски, трговски (гласините велат дури и коруптивни) односи во македонската кинематографија (…)“[1] е само врв на ледениот брег! Зашто, како поинаку да го објасните системот „секое летенце – детенце“, каде во македонскиот филм секоја година едни исти добиваат огромни пари, дури и со незавршени минати проекти, а да не говориме со минати катастрофално оценети филмови? Кој, и со кое право, па и „знаење“, а божем во име на државата така широкоградо секоја божја година дели пари на едни исти „творци“, без стручна, критичка евалуација на претходните нивни проекти, па дури и наспроти лошите критики што нивните „постигнувања“ ги добивале?

Но, кај нас, и не само во филмот, уште поголем проблем е што не знаете кој не добил пари за проект. И зошто? Иако со години говориме дека државните институции се должни да објават список и на тие што конкурирале но биле одбиени, со образложение, тоа никој не го прави. За одбиените ќе разберете само ако некој јавно се побуни ако смета дека е оштетен! Оттука, на јавноста не само што намерно и’ се ускратува целосна информација за кандидатите на конкурсите, туку сега ни продаваат магла и за комисиите што решаваат за проектите на конкурсите! Испадна дека се’ во оваа држава е тајна, строго доверливо, „top secret“… небаре станува збор за интергалактички контакти со непознати цивилизации! А всушност сето тоа е шупливо, празно како и нивните глави, односно однапред познато, да не речам наместено. Си играат шарлатани со државни пари како да се џамлии а не милиони евра.

И власта упорно молчи, ги штити своите пулени како божем остатокот од Македонијава да и’ е крвен непријател. Во случајов успешно го одмолчува и еден Лордан Зафрановиќ – исто така одбиен од „стручњаците“ во Агенцијата – режисер чие име на светскиот филмски пазар вреди барем како сиве наши национални „ведети“ заедно. И формално, и фактички. И умеат ли воопшто оние аматери од Агенцијата да направат проценка што ќе значеше за оваа каллива кинематографија името на еден таков реномиран режисер? Или се’ уште важи логиката: зошто и’ е на Македонија еден Зафрановиќ, кога си ги има своите провинциски „ѕвездички“ да и’ сјаат на македонското небо? Ама македонското (не само) филмско небо е одамна темно, црно, златниот сјај на еврата свети само над главите на оние малкумина повластени шпекуланти и не допира пошироко. Не само македонската кинематографија туку и целата култура ја вративме во праматарските раце на партиските пулени и нивните битпазарски накупци и прекупци кои се грижат само и единствено за своите лични и (евентуално) групашки интереси. И тоа ние пред светот, а особено пред Европската унија сакаме да го претставиме како културна политика, како систем во културата, како локален модел. Тоа можеби е’ „систем“, ама никако не е културна политика, освен онаа веќе спомната: секое летенце – детенце!

П.С.

И не може човек да не праша: не сметаше ли за потребно министерот за (не)култура да реагира и по овој повод, а не само да му држи страна на оној „националнион“? Или требаше прво да му нацртаат кој е Лордан Зафрановиќ?

[1] Антонио Митриќески, режисер: Неприфатлива е „приватизацијата“ на Агенцијата за филм, Република online, 23.07.2020  

1 thought on “СЕКОЕ ЛЕТЕНЦЕ – ДЕТЕНЦЕ!

Leave a comment