Monthly Archives: September 2020

ИЛЈАДА И ЕДНА НОЌ

Во ветената куќа на (сепак само) три столба, дури и да ја додадете одговорноста како можен (неопходен!) четврти столб, сепак недостасува најважното, најцврстото, најнеопходното – темелот наречен реформи во културата! Иако и оваа влада, како впрочем и пертходната, милуваше да се нарекува реформска влада, малку од тоа видовме во праксата. И за тоа голем дел од граѓаните имаа разбирање, и за тоа, впрочем, повторно им дадоа доверба на безмалу истите луѓе. Никој нема, и не може, да каже дека реформи во еден таков закржлавен, закостен во злосторство систем се лесни и едноставни и особено или се изводливи преку ноќ, иако и такво нешто беше најавувано во жарот на „Шарената револуција“. И никој добронамерен нема тоа да го земе за зло. Ама ноќта се оддолжи, поминаа повеќе од илјада и една ноќ (воопшто не асоцирам на позната приказна, туку самата бројка е реална!) а многу малку се случи. Некаде – ништо, некаде по нешто, некаде (велат) дури регресираме. Требаше да има реформи во целиот државен апарат, па во правосудството, здравството, образованието, социјалата… во сите сегменти на системот којшто, очигледно е, врти во место, илити – шлајфува, како што популарно се вели. Фактот дека Бугарија го превзела кормилото на најкорумпирана држава во ЕУ не е баш многу за радување (иако, ама скришно – е’!) зашто ние сме сепак и се’ уште многу блиску до врвот, на самиот светски врв сме и по загадувањето, по неписменоста или функционалната неписменост, по криминалното судство итн. Сега и по неспособноста во справувањето со пандемијата!

Притоа, за волја на вистината, и во културата останавме на опашката на регионот и ЕУ, за светот и да не говориме. Иако не беше така. Велам – не беше така зашто културата во таа 2017 година прва започна со реформите односно го постави тој носечки темел како приоритет. (А сега ќе изречам една прилично еретичка мисла: дали можеби заради тоа беше сменет тогашниот министер, зашто даваше „лош“ пример додека другите спиеја?!). Но потоа културата заглави во политичките пазарења и двегодишното катастрофално „министерување“ коешто повеќе заличуваше на некултурно етно-мешетарење отколку на некаква политика! Сепак, и онаа една година укажа на сите слабости, отвори многу прашања, посочи на можни излези… па дури, ако баш сакате, подотвори и некоја вратичка.

Е сега, дали со неспомнувањето на зборот реформи во културата во новава влада и првото обраќање на министерката требаше да се прати некаква порака? Дали власта сака да ни порача дека не’ чекаат нови илјада и една ноќ, со „преспивање“ ваму-таму и со инцидентни „пеглања“ на „културниот систем“? Не верувам, односно не би сакал да верувам зашто после оние двајца „министри“ приправници кои упропастија се’ што можеше да се упропасти, зарем некој навистина (повторно) би се нафатил залудно да преседи години во некаква министерска фотелја? Ако и бидат години, нели?! Повторно – не верувам!

Затоа, нештата мораат да се корегираат. Не знам кои се советниците на министерката за култура, ама – го има ли зборот реформи во нивниот стручен вокабулар? Ако не, треба веднаш да ги смени. Ако да, нека загреат столче и нека кажат што и како ќе прават во културата! Инаку, онакви општи назнаки како оние столбови, па уште климави, не водат никаде.

Од друга страна, многу слухови кружат низ Скопјево, слухови коишто, барем јас, не би сакал да ги видам реализирани. Едниот од нив е укинувањето на единственото тело во државава коешто – иако крајно опструирано – како-така се грижеше за некаквиот тек на реформите во културата а се викаше Координативно тело за спроведување на реформите во културата. Можеби сум субјективен, зашто бев член таму, ама дали неговото укинување значи дека на Министерството, од вчера, не му е потребна експертска помош за спроведување на реформите? И дали тоа значи дека сега новиот „тим“ составен од не повеќе од пет-шест поединци навистина е толку капацитетен та може на сопствените мозочни мускули да ги изведе сите реформски процеси? Ако е тоа навистина така, со чисто срце ќе им честитам!

Но, не е само тоа. Велат, а вели и министерката во едно од нејзините интервјуа, дека онаа Работна група за справување со последиците од СК 2014, ќе биде заменета со Асоцијацијата на архитектите на Македонија. Што и не е така лошо, кога толку би го стесниле фокусот врз СК 2014 само и единствено на – архитектурата!? Ама не е така, и тоа некој мора да го каже, јасно и гласно, зашто тој самонаречен проект не е само архитектура туку е и историја, заштита, уметност, социологија, образование, право… Или сега архитектите – без навреда – ќе ги промовираме во ренесансни сезнајковци? Извинете, ама нештата во реформите мора да добијат нормален тек, инаку на културата и’ нема спас! Се разбира, сите овие мои констатации се подложни на секакви па и мои (иако не само мои) преиспитувања, особено на спомнатите во текстот, ама токму тоа ми е поентата: каде заглавија реформите во културата, зошто никој не смее да го спомне тој збор, зошто треба да се укинат сите реформски тела во Министерството… и, конечно: ќе има ли реформи во културата и кој ќе ги спроведува?

КУЌА НА ТРИ СТОЛБА

Не знам зошто овој (повторен) фрапантно гласен молк во културата упорно ме запрепастува, дури и по првиот прес на новата министерка и нејзината објава на некои елементи на „новата“ културна политика. Како да се’ што говори, дури порачува власта односно одговорните за културата во државава тангира некој друг а не – културата. Никој бре ни да зуцне, два збора да каже, или ајде нека е барем еден – добро, лошо, ветува, не ветува… – како да сето ова што го говори министерката (ќе) се случува некаде таму, далеку од нас, а ние ќе си тераме по старо? Или, во случајов, јас сум тој што си прави филмчиња и мисли дека со секој нов ден, со секој нов збор/чекор во културата нештата треба рапидно и видливо да се менуваат, ама културата, оваа македонскава, точно си знае дека кај нас нештата се тешко поместливи, дека кај нас со децении, ако не и векови, важи онаа „кучињата лаат, караванот минува“… ? Не знам, веројатно се во право. Па и оние еден-двајца кои се огласија, на пример нашиот „национален“ режисер, се толку ограничени во нивните „мислења“ – спомнатиов се фатил за онаа фамозна Агенција за филм како да животот му зависи од неа, а веројатно и му зависи, зашто кој друг ќе му даде тооолку пари за неговите акробации? – што од нив нема никаква практична полза. А треба да има, та нели с(м)е интелектуалци (како што вели и Вангелов, повикувајќи ги да гукнат за „бугарскиот проблем“ ама овие спијат!), нели ги допира барем на некој начин ова што се случува околу нив, а особено, на пример, крокито на новата културна политика?!

Зашто најавата на министерката беше баш кроки, посочување на главните столбови – сепак само три – на нејзиниот ангажман во мандатниот период. Велам само три бидејќи тоа е „нестабилен“ број, куќа не стои на три столба, па ни столче, освен триножец ама токму тој е најнесигурен. Меѓутоа, спомнувањето на мандатното писмо добиено од самиот премиер, каде тој лично им дели задачи на новите министри (како некаква новост во македонската политика) донекаде го оправдува нејзиниот избор. Зашто, премиерот е сепак шефот, нели? Иако, ако е дозволено, јас би рекол дека е обратно: за културата министерката е шефот и таа де факто треба да му испрати на премиерот мандатно писмо! Зошто? Затоа што таа е избрана да ги реши проблемите во културата, таа (се претпоставува) дека е стручна (а не премиерот) за ресорот и треба да има готов акциски план за разрешување на состојбите, па следствено, после, да речеме, некои два-триесет дена (ако не пред изборот!) да го извести премиерот што и како ќе се случува во културата во нивниот (ај да речам заеднички) мандат. Вака, работите како да се поставени наглава. Или, некој ќе праша: а според кои тогаш критериуми премиерот ја избра токму оваа министерка, ако дури сега и’ дава насоки односно и’ дели задачи? И кој впрочем го напишал тоа мандатно писмо? Баш премиерот, или некој од неговите советници, или неговите стручни служби, или некој од партијата… ? Следствено, нели тој што го напишал – кој и да е’, но очигледно е дека го сметаат за стручен – како впрочем и сите други писма што беа поделени по ресорите, треба(л) да биде министер?   

Како и да е’, почитувајќи го повикот на новата министерка за култура дека сечиј придонес е важен – што, впрочем, беше и повик на премиерот Заев – за вклучување во разрешувањето на напластените проблеми во културата, иако и досега давав придонес, еве неколку збора околу столбовите. Иако, повторно, бројот три ми е прилично нестабилен!

Првиот столб е, децидно наведено, заштитата на културното наследство. Ок, беше и досега, на сите влади во изминативе три децении. А културното наследство упорно пропаѓа! Што ќе рече: тој столб е прилично климав. Затоа, заштитата – да, ама што во заштитата? Што ќе биде сега приоритет ако сите досегашни заложби не дале соодветен резултат? И да, точно е дека заштитата на културното наследство е едно од клучните барања и на ЕУ! Ама тоа е и Охрид, вклучувајќи го и мониторингот на УНЕСКО! Оттука, Курбиново е’ можеби меѓу приоритетите, ама Охрид? Што ќе се случува таму, знае ли некој? Точно е дека токму оваа министерка беше иницијатор за собраниската надзорна расправа за Охрид и охридскиот регион во Комисијата за култура. И таа расправа донесе 22 заклучоци. Ќе се почитуваат ли, или и сега ќе останат мртво слово на хартија?

Вториот столб е ЕУ, секако, односно македонските евроинтеграции. И тоа е супер столб, иако и тој климав до зла бога зашто со такво Министерство за култура тешко дека ќе стигнеме и до Хрватска, а камоли до ЕУ. Сакам да кажам: овој столб мора да се зајакне, неколкукратно да се армира за да може да ги издржи сите потреси што го чекаат на тој пат. Вака како што е сега – на ова трусно подрачје тој прв ќе колабира!

Третиот столб е најинтересен, никнат којзнае од каде: креативноста на младите!(?). Да, го има во сите документи за културните политики на ЕУ државите ама, да не заборавиме: нивните култури се цврсто втемелени во базичните културни политики, нештата таму функционираат речиси беспрекорно, така што свртувањето кон младите е логичен став. А имаат и млади, нели, а ние? Имаме? Дури и во културата? Каде, колку… и што тоа важно прават па им треба таква базична поддршка, дури и низ мандатно писмо на премиерот? А старите (парафразирам, секако), ќе ги оставиме на буништето на културата? Нивниот минат труд, нивниот креативен придонес веќе не ни треба? А од кого (ќе) учат младите, или тие се’ знаат? Интересен столб, во секој случај. 

Но, иако неспомнат како важен столб, она што остава впечаток е инсистирањето на министерката на (конечно!) воведување и на столбчето викано – одговорност. И тука таа беше децидна: „Голема чест но и уште поголема одговорност е да се биде министер за култура. Говорам за одговорност и секогаш ќе говорам за одговорност зашто културата е единствено нешто по што оваа држава е препознатлива во светот“. Не знам дали ова столбче го има во писмото на премиерот, мислам не. А требало, иако министерката беше доволно јасна и гласна и за него! Тоа влева надеж и чувство на сигурност, тоа впрочем е веројатно и главниот столб што може да ја одржи исправена оваа културна куќа. Тоа, едновремено, е и најдобриот ЕУ ориентир – за оние кои сакаат да го видат!

ДИФЕРЕНЦИЈАЦИЈА

Не знам каков, и дали воопшто некаков ефект имаа(т) некои од досегашните „совети“ за неопходниот нов курс (да не речам реформи) во културата – очекуван и посакуван секако – но меѓу последните, но не по важност, секако би било приоритетното (и темелно) реструктурирање не само на културата туку на целото општество. И тука мислам на кадровска, професионална, стручна… но и морална/етичка детоксификација, дезинфекција, дезинсекција… диференцијација, во сите сегменти. Иако одамна и сериозно не’ има зафатено токму болеста на селективното односно краткото паметење, и тоа главно врз основа на роднинско-пријателски релации (што би рекле: непотистички!), при што власта милува да се опкружи со „свои луѓе“ – кои и да се и какви и да се – според правилата на „бункер системот“, кадешто не може/не смее да припари никој „од надвор“. А всушност – сите ние простосмртни сме тие „од надвор“ зашто не сме „крстени“ со нивната партиска и роднинско-пријателска водичка!

Неброено пати сум пишувал за неопходноста од темелна диференцијација во културата – но и во целото општество – но прашањето е се’ уште актуелно, ако не и итно. Зашто, извинете, обратниот процес, односно зачувувањето на статус квото во културата, со сите оние партиски „кадри“ (независно од партиската провениенција, иако и таа е главно позната!) – особено во Министерството за култура! – кои доведоа до ваквите катастрофални состојби е рамно на – самоубиство! И тоа најдобро го видовме во овие три години, кога под наметката на некаква лажна социјала/грижа „за човекот“ не само што на тие партиски „кадри“ не им фалеше ни влакно од (празната) глава туку најголемиот дел си ги зачуваа стекнатите (често и функционерски!) позиции, а новите партиски „кадри“ одлесно си ги прифатија како (наводно) стручни и компетентни компањони, или пак недопирливи животинки, иако никој не знае според кој критериум, основ и/или пропис!

Таквата состојба (повторно) се покажува неодржлива, а само ќе се докомплицира и доусложнува со секој изминат месец/година. Особено во мала земја како Македонија, со сите можни лично-семејно-пријателски и партиски релации и дај-дам врски, често коруптивно-криминални. Тоа што не се направи во 2017 година, сега ќе се направи малку потешко зашто во меѓувреме културата дополнително се оптовари со нови „кадри“, еднакво неспособни како и старите. И тоа е најдобро видливо по бројот на администрацијата во Министерството за култура, којшто само за една деценија е дуплиран, како и во културните институции каде наместо неопходниот стручен кадар беа вработувани исклучиво партиски пулени, и тоа оние од најлош тип! Оттука, ниту една реформа во културата, ниту еден сериозен реформски проект нема да може да биде спроведен во услови кога неквалитетниот, нестручниот, непрофесионалниот кадар е во силно мнозинство.

Кој може да го разреши проблемот? На крај памет не ми паѓа да заговарам онакви малоумни лустративни или слични комисии со нови мали и налудничави наполеончиња кои мразат се’ околу себе. Таа работа може да ја изведе никој друг туку самата држава: актуелните министри, новите (или старите, сеедно, ако се квалитетни) директори на институциите… но пред се’ Владата, на начин и во постапка во рамките на закон/пропис и здравиот разум! (Некој може да каже дека тие многу често се спротивставени, нели. Ама законите/прописите се менливи, така? Ако сакаме, се разбира). Ако, имено, се вратиме неколку години назад, на онаа идеја на тогашниот премиер Заев за комплетна и комплексна диференцијација во судството – од којашто се отстапи а никој не разбра зошто! – ќе видиме дека тоа е единствениот можен начин на справување со состојбите не само во македонската култура туку во целата државна администрација! Како и зошто тогаш го разубедија премиерот ќе се дознае некогаш, ама денес процесот сигурно ќе беше завршен, ќе ги немаше оние судии кои носат ослободителни пресуди за сообраќајки со смртни последици, ќе немаше и многу други корумпирани и кримогени персони заседнати врз вратот на македонското правосудство. Тоа дефинитивно можеше да се направи, а советниците кои го убедувале дека не може биле – лоши советници, со лични интереси. (Инаку, што ќе ви се советници, и тоа за дебели пари, кои ќе ви кажат дека нешто не можете да направите а не ви кажуваат како би можеле тоа да го направите?!).

Знам дека и во културата се заплеткани секакви интереси, ама сепак е поедноставно отколку во правосудството. Впрочем, сите нешта во институциите се разрешуваат преку нивните статути и систематизации. Како впрочем и во Министерството за култура. Следствено, една добра и искусна екипа може да ги среди работите за три месеци, не подолго. И систематизациите да заличат на сериозни документи на сериозни институции, а неспособните да си заминат дома и да ги отстапат местата на стручни и професионални кадри. That simple!

Се разбира, секогаш ќе има приговори, особено оние од типот дека културата баш и не е толку важна во овој миг, дека судството, здравството… и сите други со ред се многу побитни, ама тоа значи повторно враќање на старите изветвени муабети за кокошката и јајцето. Или, ако баш сакате, таквите муабети го доведоа и Охрид на ова дереџе, а и целото културно наследство во државава. И не само него. Токму отсуството на диференцијацијата, на конечното елиминирање на влијанијата – директни и/или индиректни – прво на оние кои го доведоа ова наследство на овие ниски гранки, а потоа и на сите кои работат во оваа осетлива област. Тука, немам дилеми, спаѓаат и приличен број стручни и компетентни но морално/етички хендикепирани персони кои извршуваат политички наредби без око да им трепне, дури и по цена на уништување на објектите. Извинете, но нивните евентуални магистратури и докторати можат да им ги врзат за опаш на моето маче – оно особено ужива да си игра со такви – зашто таков стручен но послушен кадар имаше и Германија во 1933 година, имаше и Русија во времето на Сталин… Кому и за што му требаат такви персони?      

СЕЛЕКТИВНО ПАМЕТЕЊЕ

Опасна работа е селективното паметење, особено кај таканаречената академска заедница (кадешто, де факто, нема ама баш ништо академско!), синдром кој станува наш препознатлив белег со тенденција да добие  национално-идентитетски карактеристики. Селективното паметење, односно наменската употреба на „краткото паметење” создава поволни услови за повторување  на постапките, особено оние погрешните. За секој човек е опасно делувањето на овој синдром, но особено е погубно за одредени професии во кои долгото паметење е од суштинско значење. На пример за историјата, археологијата, историјата на уметноста… Замислете  некоја од овие професии да го заборави времето на создавањето на врвните дела (не само) на византиската уметност, на пример на Св.Софија, Нерези, Курбиново, Трескавец, Матејче, Бигорски манастир… но и времето на нивното пропаѓање и девастирање. Да заборави дека манастирската црква во Матејче континуирано се девастира од 2001 година, дека конаците на Бигорски изгореа во 2010 година, Трескавец во 2013година, итн.! Дека во истата година изгореа и вредните мурали на Борко Лазески во Поштата, две беговски куќи во Велес, дека беше урната џамијата во Струга, но и куќата на Гани Граждани во Дебар… Замислете претставниците на посочените професии, чиј предмет на проучување и едукација се токму  погорепосочените вредности да заборават дека истите се оштетуваат или трајно се губат! А после десетина години, наеднаш – им се враќа паметењето! По нарачка, или… ? Наменски и селективно, како во случајот на госпожата професор, се потсетува дека „во Република Македонија, од друга страна, се чини дека во последните неколку години постои еден сосема спротивен тренд на погоре посочениот екстрасензорен приод кон споменичното наследство, кој, наместо грижа за уметничките дела и археолошките локалитети, настојува да ги ’осамостои’ истите, т.е. ги препушта на сопствената грижа и опстанок”!

Само во последните неколку години? Камо среќа да беше така, тогаш лесно ќе се справиме со последиците! Иако, во принцип, добро е што конечно некој од т.н. универзитетска фела се сети на културното наследство и изрази (божем) грижа за неговата заштита. Но, повторно, и за жал – селективно и наменски! Во посебно време и во посебни услови! И – некако нарачано, нели?! Но би било добро истата таа „фела“ и истата загрижена госпожа да направи напор и да се потсети на времето кога беше направено најголемото уништување на културното наследство и култороцидот со реализацијата на  т.н. проект СК 20014. Или како што именуваната милува (демек) да поентира: „чемерот на еден народ кој ги губи врските со сопственото минато” не започна во изминатите неколку години и не само со селективно избраните примери кои функционално ги наведува! Чемерот на овој народ  кој ги губи врските со минатото започна во времето на коешто таа, очигледно, се’ уште не може да се сети, времето од цело десетлетие (2006-2017година), со реализацијата (не само) на т.н. проект СК 2014! Само за потсетување: во тоа време токму надлежните институции за заштита на чело со т.н. Управа за заштита на културното наследство директно учествуваа во уништувањето на Охрид, во конвертирањето на архитектонското наследство во центарот на Скопје, прогласија ново културно наследство а ја заборавија  Св.Софија и Курбиново… ! А богами и  Матејче го имаа заборавено… инаку ќе знаеа дека таму не е погребана царицата Елена. Резултатите од археолошките истражувања извршени во 2003 година не ја потврдија оваа теза! Но, како и да е’, секој со својата „стручност“. Меѓутоа, искажаните ставови  и пројавената загриженост на дотичната „професорка“ за културното наследство ќе станат релевантни и кредибилни во оној момент кога ќе се сетат и ќе се покајат за она што не го направиле (а морале) во изминатите тринаесет години односно за она што го направиле, а не смееле, во истиот период. Поточно – за злосторствата што му ги направиле на тоа исто наследство! А направиле многу злосторства, но имале и можност, барем преку членството во Националниот совет за културно наследство, да се извинат. И сега – што? Ние треба да добиеме амнезија а тие да се инсталираат во Курбиново, таа и оној „стручњак“ Велков!? Ма дајте, ве молам, белки во оваа држава остана некој паметен?

Или – човек веќе навистина станува параноичен – во државава сериозно постои некаков план за конечно уништување на најскапоценото културно наследство? Па белки во Министерството за култура, па и во Владата, не ќе „паднат“ на вакви проѕирни фазони и на такви уште попроѕирни луѓе? Или – веќе паднале, како што се шират некои гласови? Сакате да кажете дека сега, денес, овде, после се’, политиката во заштитата ќе ни ја кројат истите оние од времето на криминалецон од Будимпешта? И онакви самопрогласени стручњаци за заштита кои само штета правеле на овој план?

Е сега, дали станува збор за некакво темпирано време за појавата на вакви „стручњаци“ кои ги нудат нивните услуги на оваа власт? Не знам, ама тие се – мечкини услуги, се плашам дека ќе ја изедат оваа власт, а прва на менито ќе биде министерката за култура. Ако ги послуша, се разбира, и ако послуша некои од партијата на власт кои се во чудни недефинирани спреги со овие, а глумат лојалност? Сеедно, нивни проблем, но да не испадне утре дека никој ништо не кажал, никој не предупредил… Зашто, белки на надлежните им текнува дека и Матејче, и Курбиново, и Св. Софија, а и сите други девастирани ремек-дела на средновековното македонско културно наследство беа и вчера тука, беа и завчера, односно тука се цело време и во периодот на стравовладата на Груевски, кога „стручњациве“, сосе професорката на чело – за оној другион ниту сакам да коментирам! – беа главните фаци во заштитата. И сега – што, ги воскреснуваме, демек ние не знаеме а они знаат? Па ако толку знаеа, што правеа цели единаесет години?! Или сега им дојде од задникот до главата? Ама не само ним туку и на некои од оваа власт?! И признавам: јас, но и не само јас, се’ помалку разбираме што и како се случува во културата на оваа држава, од каде, и зошто извира сето ова незнаење и неспособност но и одбивање на доброволна помош, зошто свесно влегуваме во такви историски ризици коишто скапо (ќе) ја чинат оваа држава и нејзиниот народ? Белки ова не е таа грижа за културното наследство којашто постојано ја повторуваа(т) премиерот и министерката за култура? Белки не со овие и вакви луѓе кои некој им ги дошепнува?!

ПРАЗНИ ПОЛИТИКИ

Празните зборови не се и не можат да бидат политика, уште помалку културна политика. Празните ветувања поткрепени со празни зборови не се и не можат да бидат политика, уште помалку можат да бидат културна политика. Празни глави не можат да осмислат културна политика, уште помалку можат да ја спроведуваат. Теоријата не е празни зборови, но ние теорија во културата/културната политика – немаме. А немаме ни пракса. Затоа и немаме културна политика, а се чини дека веќе немаме ни култура!

Зашто, да ја имавме, ќе ја имавме ли онаа и онаква состојба во манастирот Матејче и црквата Св Богородица (14 век), состојба којашто запрепастува не само заради неразбирливиот вандализам туку уште повеќе заради негрижата на државата за највредното културно наследство? Ама ќе имаме договор со Бугарија и ќе започнеме пристапни преговори за членство во ЕУ? И? Со што ќе одиме во тоа ЕУ? Со скинати гаќи, со празни џебови, со гробишта среде главниот град, со оној морбиден Парламент, со онаа еднакво морбидна „Бела шампита“ викана Влада на СРМ, со ова морбидно Скопје… со уништено вековно културно наследство на и за сметка на овие морбидитети? Со пратеници кои и не знаат што е тоа Матејче или Св.Софија, кои не знаат и не ги интересира што се случува во Преспа, ама знаат дека мора за нив да има патни трошоци? Зашто, да беше поинаку, зарем немаше барем еден да отвори уста и да каже два збора? Нели, згора, имаат и Комисија за култура или и таа служи за украс и за збирање на патни трошоци?

Во Европа и во светот има цели држави помлади од македонските средновековни цркви и манастири, од Нерези, Курбиново, Матејче, Бигорски, Св. Софија… Но во Европа и светот процесите се обратни од нашите: таму државите прогресираат, се развиваат, кај нас наследството се девастира, се уништува, не разбирајќи дека со тоа систематски се уништува и државата! Станавме ко расипана плоча верглајќи дека државата е култура и дека без културата нема држава. Ама други ни продаваат приказни дека не е важно што и како било вчера туку е важно што и како е денес! И дека нема држава без економија, без онаа бизМис заедница закачена врз вратот на сите граѓани на државава. Ќе пушти ли некој официозус глас за систематското (дали и планско?) уништување на културното наследство, за Преспанското езеро, за мозаиците во Св. Софија… ? Или повторно ќе не’ замајуваат со Бугарија и нејзините ништожни калкулативни аспирации? (Па читајте го Вангелов, по ѓаволите!). Та животот ли ни зависи од тие и такви „соседи“? Ма дајте, ве молам, децава уште не тргнати в училиште „дебатираат“ за Бугарите и чиј е Гоце Делчев, а не знаат колку и какви музеи има во Скопје, од кој век е Нерези, што е тоа Скупи… Ние можеби и ќе се договориме со алчнава Бугарија, можеби ќе им ја препуштиме и целата историја, ама ќе добиеме – што? Помош и добрососедство, амин за влез во ЕУ? Како да не. Ние можеби до 2024 година навистина ќе отвориме 80% од од поглавјата во преговорите со ЕУ, ама дотогаш ќе загубиме 80% од скапоценото културно наследство! Направил ли некој соодветна калкулација: што добиваме а што губиме?

Имаме едно чудо „надлежни“ институции во заштитата, ама ги имаме само на хартија. И на платен список – цел баталјон неспособни и полуписмени етнопартиски војници, лепачи на плакати, викачи по митинзи, мафтачи со знамиња… Кога последен пат некој од фамозниот Национален конзерваторски центар бил во Матејче или во Св. Софија, кога последен пат некој од уште пофамозната Управа за заштита на културното наследство бил некаде на терен, па и на двете спомнати места, меѓу останатите? Која и каква е нивната работа, за што добиваат плата, која и каква е нивната одговорност за најскапоценото во државава и ќе ги повика ли конечно некој на рапорт? Министерката, премиерот? Ќе се ослободи ли оваа држава некогаш од такви кочоперни обломови и лешпери или и понатаму ќе бидеме прифатен центар за сите такви неспособни партиски кадри?

Во овој глобализирачки свет сериозните држави отвораат пресвртни страници обединувајќи ги политиката, економијата, екологијата и културата во заеднички растечки процес и ресурси. Ние – намерно ги цепкаме, ги раздвојуваме, мислејќи дека тие немаат взаемни врски. Новата различност и нејзините пратечки парадигми во светот наложуваат промислени културни политики на сите рамништа. Ние ја немаме ниту на едно рамниште. Традиционалните културно-политички односи помеѓу „внатре“ и „надвор“ одново се актуелизираат, како впрочем и политиките на идентитетот, културното наследство и различноста, улогата на уметниците и формите на културната едукација… Ние, за жал, ништо од тоа не разбираме и мислиме дека нашата провинциска итерпејовштина е доволна за овој современ свет. Ама не е, и тоа скапо (ќе) го плаќаме. Надворешно-политичките гафови и внатрешно-политичките вратоломии, отсуството на културна мисла и девастацијата на културното наследство, неукоста, необразованоста и некултурата… надвиснатата страотна бугаризација на историјата… се огромен, цивилизациски хендикеп на овие генерации. Од наша некогашна предност, ние ги претвораме во влог на коцкарската маса на иднината ризикувајќи засекогаш да ги загубиме. Ама со тој влог оди и идентитетот, традицијата, минатото, културата… државата! И уште една: читајте го Вангелов, по ѓаволите!              

НИКО НАМ НИШТА НЕ МОЖЕ!

Се обидував да најдам некој „помек“ збор, некаков деминутив за свесното кршење, непочитување на законите, ама таков – нема. Се’ што се поврзува со такви (свесни, па дури и несвесни) дејствија вообичаено се нарекува незаконско, нелегитимно, илегално… дури криминално. Нема замена, иако ние често се обидуваме да ги минимизираме нештата, да ги нарекуваме со некаков детски речник, само за да си ја олесниме вината! Олеснување – нема, вината за кршење на законите мора да се прифати. И казната, ако ја има (иако и тоа кај нас најчесто го нема).

Сакам да кажам дека кршењето на законите од страна на државата – свесно или несвесно – е само отворена провинциска демонстрација на „моќ“, на политика на недопирливост и „баш ми е гајле“ свест. Се разбира, таа не е својствена само на политичарите, иако таквото нивно однесување секогаш е во фокусот на јавноста.   Но, за да не остане впечатокот дека само Министерството за култура ги кршело законите што самото ги пишувало, сведочи оној скандал без преседан со основањето на цела една низа национални културни институции од страна на кримогената влада – директно и неотповикливо! – на пребегуљата од Будимпешта. Иако, како што и доликува, нели, на целата таа (не)културна скаламерија кумувало и тогашното Министерство за култура на чело со Канческа како култур-geschafft на криминалецот. Впрочем, поинаку и не можело да биде зашто основањето на нови културни институции не можело да помине – дури ни тогаш – без соодветна согласност/мислење на надлежното Министерство! Тогаш во тој налет од неколку години (2007-2011 година) со одлуки на тогашната Влада на Република Македонија, беа основани 7 национални музеи, и тоа: НУ Уметничка галерија – Тетово (2007), НУ за управување со Археолошкиот локалитет „Стоби“ (2008), НУ Спомен куќа на Мајка Тереза – Скопје (2008), НУ Национален музеј на македонската борба за државност и самостојност, „Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунизмот“ – Скопје (2008), НУ Музеј на албанската азбука – Битола (2009), НУ Археолошки музеј на Македонија – Скопје (2010) и НУ Спомен куќа на Тодор Проески – Крушево (2011).  И, се разбира, никој нормален не би имал ништо против кога сето тоа би било направено според каналниот ред на процедурите и одредбите на соодветните закони, и тоа Законот за култура, Законот за заштита на културното наследство и Законот за музеите. Меѓутоа, одлуките за основање на овие институции не се повикуваат/придржуваат – како што впрочем би прилегало на влада на една самостојна, суверена и независна држава – на целата процедура, туку само на оние елементи коишто им одговарале, а другите, оние поважните, биле целосно игнорирани. Зашто, разбирливо, да оделе постапките според законскиот ред ќе морале да бидат исполнети повеќе битни предуслови. На пример, карактеристично е повторувањето на една иста нелегална постапка: започнување на изградба на музејот со поставување на камен-темелник, но без валидна одлука на владата за градба на објектот: изградбата на Спомен куќата на Мајка Тереза (како што е наведено на веб сајтот на Музејот) била започната со поставување на камен-темелник на 9 мај 2008 година а Одлуката на Владата на Република Македонија за основање на национална установа „Спомен куќа на Мајка Тереза“ носи датум од 25 јули 2008 година; изградбата на НУ Спомен куќа на Тодор Проески – Крушево била започната во јануари 2009 година, а Владата на РМ донела Одлука за негово основање во февруари 2011 година; или, ако Одлуката на Владата на РМ за основање на Музеј на македонската борба за државност и самостојност датира од 25 јули 2008 година, а директорот на Музејот е избран дури во 2011 година, кој раководел со Музејот во временскиот распон од 3 години? Ист е случајот и со Археолошкиот музеј, каде Одлуката за основање датира од јуни 2010 година но Музејот бил отворен во 2013 година, заради што не е јасно кој раководел / управувал со музејот во периодот од 3 години. итн.

Сите овие постапки, и многу други, се прецизно пропишани во соодветните закони, но некој очигледно не сакал да ги почитува. Меѓутоа, уште поголем проблем е непочитувањето на општествено-стручните претпоставки за основање на национален музеј пропишани во Законот за музеите, а целосно игнорирани во сите овие случаи: немање соодветен елаборат за оправданоста од основање на таков музеј, не е утврден видот на музејот, во добар дел од новите музеи не била почитувана обврската да имаат „обезбеден музејски материјал со документација која може да послужи како основен музејски фонд“, ниту за еден од новооснованите музеи не било побарано претходно мислење од матичен музеј (што е законска обврска), голем дел од овие „музеи“ немале (и се’ уште немаат) соодветен стручен кадар итн.

Оттука, сите тие де факто октроирани институции не се, повторно, ништо друго туку илегални градби склепани на мускули и спротивно на сите или повеќето законски прописи во државава. И тоа диригирано наметнати директно од тогашната Влада на оваа држава! Дали ваквото силување на културата требало да ја презентира и моќта на тогашната Влада и Министерството за култура? Веројатно, затоа целата таа ујдурма потсетува на онаа фолкерската: Нико нам ништа не може, јачи смо од судбине! Меѓутоа, она што посебно загрижува, е фактот што тој „манир“ се беше вселил и кај минатата власт – Владата (со истото незаконско основање на национални институции), Министерството за култура и другите министерства – токму според „стравовите“ односно укажувањата и на Прибе!

ЗАКОНСКИ (НЕ)КУЛТУРЕН ХАОС

Некако при крај, но никако како последен по важност – напротив – во низата клучни сегменти во културата што со години чекаат сериозни реформи односно трансформации, логично се наметнува долгогодишниот проблем на непочитувањето на законската регулатива во културата. Ваквиот исчекор денес, или барем утре, во насоката на безрезервното почитување и решителната имплементација на актуелните прописи во културата веројатно би значел сигнал дека оваа држава, ова Министерство, конечно се однесува сериозно. И овде најмалку мислам само на итната потреба од измени и дополнувања на постојните или подготовка на целосно нови закони таму кадешто е веќе констатирана неопходноста, туку уште повеќе принципиелното придржување и спроведување на регулативата во дело. Зашто, ако токму државниот орган надлежен за работите во културата не ги почитува законите коишто самиот ги донел и за чиешто спроведување само тој е надлежен, тогаш како и зошто истите закони би биле почитувани од другите субјекти во културата? Или, и овде (ќе) важи правило: државата/државните органи можат да ги кршат законите, но граѓаните – не?

Премногу секојдневни примери говорат во прилог на ваквото постапување од страна на Министерството за култура во блиското или подалечното минато и за посочување на сите такви примери би требала цела книга. Но, доволни се само најактуелните. На пример, во заштитата на културното наследство како, нели, приоритетна област на оваа Влада. Последниот скандал со мозаиците во Св. Софија во Охрид – а многупати досега констатираме дека криминалните состојби во овој град веќе се парадигма за состојбите во целата држава – убиствено сведочи, прво, за тоталното отсуство на стручност и професионалност на институциите, и второ – директно и индиректно – за комплетното непочитување на законската регулатива во оваа област. Ако за првото се каже дека директорката на надлежната институција за заштита во Охрид е социолог, дали е тоа доволно за да се долови сликата за стручноста и компетентноста на таа институција? И дека таму, денес, дали има еден вработен историчар на уметност? Доволно е, иако акцентот овде е на нешто друго. А тоа друго е дека таа таканаречена надлежна институција Завод и музеј Охрид е хибридна и – целосно илегална институција! Зошто? Затоа што законодавецот (токму Министерството за култура) уште во 2004 година, во Законот за заштита на културното наследство, предвидел одвојување на ваквите „ни риба ни девојка“ институции, и тоа на заводи (односно конзерваторски центри) и музеи. И рекол дека токму тој „Завод за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид, продолжува со работа како Конзерваторски центар-Охрид, со надлежност за подрачјето на општините Охрид, Дебарца, Струга и Вевчани“, и тоа „ без работниците кои остануваат во музеите како самостојни јавни установи за заштита“, додека пак „ Музеите (…) продолжуваат со работа како национални установи за заштита, до утврдување на нивниот статус согласно со закон“. Плус, многу оптимистички, законодавецот зацртал дека оваа трансформација на овие установи ќе се заврши во рок од шест (6) месеци од донесувањето на тој закон! И сега, ако знаете дека оваа логична и законски заснована поделба на овие институции на конзерваторски центри и музеи не е извршена ни после шеснаесет (16) години од донесувањето на законот, треба некаков коментар? И кој тоа, и зошто, и со какви мотиви, противзаконски односно целосно илегално ги финансира овие институции – плати, материјални трошоци, програмски средства… ? Има некој одговор на ова прашање или одговорот е стандарден: дека државните органи не се баш должни да ги почитуваат законите што самите ги пишуваат и предлагаат?! Да, ама кога ќе настапат вакви штети? Покрај Охрид, идентичен е случајот со уште четири вакви институции: во Битола, Штип, Струмица и Прилеп, коишто, барем законски – не постојат! Ама работат, сосе плати, материјални трошоци, програмски средства…      

Овде, од друга страна, државниот орган надлежен за работите во културата, а со него и претходната Влада, не можат да се „вадат“ дека не знаеле за проблемот, дека тој се провлекувал толку години незабележан од никого итн. Такви самоамнестии, во коишто ние просто уживаме, во случајов не важат зашто овој проблем, како сериозен и актуелен, беше апострофиран во сите материјали од областа на заштитата на културното наследство во единствената „реформска“ година во културата: јуни 2017 до јуни 2018. Проблемот особено беше потенциран во двата клучни материјали: Елаборатот за функционирањето на музеите во Македонија и Елаборатот за состојбите во заштитата на недвижното културно наследство во Македонија! Меѓутоа, и од тоа – ништо. Е за такви службени промашувања амнестија – нема. Ова пак особено се однесува на онаа фамозна (и очигледно никому потребна!) Управа за заштита на културното наследство каде цели три години никој со прст не мрда за конечно решавање (и) на овој проблем. Впрочем, таа и таква Управа – со други директори, а во времето на криминалнана банда – беше и главниот кочничар и узурпатор на состојбите во заштитата, (и не само таму), ги „виткаше“ законите како што им требаше на градежните апетити на криминалецон во Будимпешта и неговата „културна“ секретарка Канческа, упропасти се’ што можеше да се упропасти… ама истиот филм продолжи и после 2017 година, само со други луѓе и малку видоизменети сценарија (иако голем дел од започнатите „филмови“ овие успешно ги завршија!). Апропо, сосема идентична е приказната и со новоизградените „музеи“ од времето на злосторничкото здружение, коишто исто така се во голем дел целосно незаконски односно илегални институции. Но, за тоа во следната прилика!

Оттука, ако владите на една држава во континуитет од 16 години не ги почитуваат законите што ги донеле, ако државниот орган надлежен за работите во културата не ги почитува законите што самиот ги подготвил/предложил, ако „главната“ институција во една област – во случајов во заштитата на културното наследство – викана некакваси Управа се однесува како за неа да неа важат законите на оваа држава… што очекувате да ви се случува (не само) во таа област? Малку се и мозаиците во Св. Софија (коишто некој „стручњак“ ги суредил а другите „стручњаци“ ништо не гледале), малку е и едно Курбиново (коешто, очигледно, сите полека го отпишуваат ама тој грев некој дебело ќе го плати!), малку ни е и заборавениот Аквадукт кај Скопје… (Апропо, зошто никој не прашува кои се тие „стручни“ луѓе во Министерството за култура кои овие години се грижат за заштитата на културното наследство?)!

ЛОВ НА ПАРИ

Сите оние аспекти пред (hopefully) претстојното проветрување во културата коишто досега ги спомнував – професионализација, идентификации, (дис)континуитет, децентрализација, транспарентност/јавност/гласност… а ги има уште многу – се (условно) подолгорочни зафати и некаква основа за градење нова културна политика втемелена (и) во определбите на најважниот документ во културата на оваа држава викан Национална стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година. Се разбира, ако тој документ, донесен од претходната влада и парламентарен состав (кои, патем, речиси воопшто не се разликуваат и од овие денес) го изгласале документот со полна свест за неговата важност и за обврските што си ги превземале со него. Јас тоа така го гледам и верувам дека и тие највисоки државни органи тоа така го (со)гледале. И го согледуваат и денес, заедно со актуелната министерка за култура која во тоа време беше претседателка на собраниската Комисија за култура! И да, кратко е преостанатото време од само две години за реализација на погореспомнатите насоки, но не е кратко барем да се започне, нели? А кога еднаш би почнале… а ќе мораме, дури и ако не сакаме… се’ си мислам дека конечно ќе не натераат…

Како и да е, за разлика од развиените европски држави кадешто во културата токму ваквите базични аспекти на културната политика се под посебно внимание на јавноста и токму според нивото на нивното имплементирање во општеството се цени успешноста на културниот министер и владата, кај нас тоа не е така. Кај нас главна болка во културата, уште од 1992 година, се – парите! Ги „заболе“, да простите, културните работници дали некој во државава спроведува децентрализација, дали во Радовиш има музеј и дали во Пехчево има театар, дали националните институции градат соодветна национална програма, дали и колкава е професионализацијата во културата… туку главната болка е дали во културата ќе има пари за нив, и колку. Забораваат дека во една стабилна културна политика стабилни ќе бидат и парите односно нивната распределба таму кадешто се потребни, и договорени, а културниот буџет нема да се дели во партиските штабови и по кафиќи и меани, како што имало примери во минатото! Инаку, целата процедура околу распределбата на парите во културата заличува на money-safari, на вистински брутален лов на пари.

Но сеедно, во (навидум) сиромашна држава и со (навидум) сиромашен културен буџет, секој се плаши да не остане без своето делче. (Она навидум, се разбира, бара дообјаснување, но тоа би одземало премногу време и простор и ќе го оставам за друга прилика). Но, дури и да е така, дури тие и да се во право што се грижат само за својот џеб, зарем не ќе беше добро, чесно, доблесно еднаш да ги видевме тие и такви наши културни големци и „фаци“ на некоја јавна трибина, презентација, макар пресконференција – еве како „госпожана“ од Стопанската комара која повторно бара пари за „бизнисмените“, меѓу другите и за оние кои ја испокрадоа државава сосе парите за помош на работниците! – кадешто ќе ги образложат своите барања, намери, потреби… наместо да шетаат од кабинет до кабинет, од штаб до штаб? Впрочем, и таа јавност, и таа транспарентност е дел од вкупната јавна свест во државата, а секако е дел и од културната политика во неа.

Но, да се вратам на темата. Бидејќи веќе стана вообичаено кај нас во културата да се расправа за пари и за ништо друго, проблемот на финансирањето на културата – она „јавно“, годишно финансирање по пат на конкурс – од сегашната приземна и во многу нешта простачка етно-партиска дрпачина мора да се издигне на степенот на висока јавност, стручност и компетентност! И за тоа нема некоја посебна формула или којзнае каков универзален рецепт освен оној основниот: дека распределбата на средствата врз основа на годишниот конкурс за финансирање на „националниот интерес“ во културата мора строго да се држи до утврдени високи стандарди и критериуми, спроведувани во дело од страна на угледни, стручни и компетентни комисии. Сето друго е лук и вода, или партиска матеница, како што впрочем беше и досега: буџетот во глобала ќе се расече (отприлика) фифти-фифти помеѓу главните коалициски партнери, а потоа ќе се уситнува на помали делчиња на сметките на етно-партиските пулени. Оној кусур што ќе преостане, ако преостане, ќе се насочи кон некои периферни сателитски невладини организации, кон поединци кои заслужиле по некое ковче и слично! Така отприлика – грубо речено – изгледа(ше) таа „распределба“ на културниот колач во којашто највеќе се водеше сметка за припадноста (партиска и етничка) на корисниците и блискоста до власта. Ако овој (кај нас особено битен, можеби најбитен според наши „стандарди“) сегмент од маневрирањето во матните културни води остане ист, бродот нема да стаса подалеку од оние чудовишни „галии“ во Вардар!

Оттука, за првиот чекор – формирање на независни, стручни и компетентни комисии – се’ уште не е доцна. А тоа може да се направи само преку јавен оглас, или конкурс, па дури и да се повикаат одредени луѓе да се пријават на огласот/конкурсот! И сето тоа се решава за петнаесеттина дена, не повеќе. И не боли, најмалку (ќе) боли главата подоцна. Сето друго би било повторна импровизација, отворање на нова сезона на притисоци и лов на пари кадешто заштитени се само многуте партиски бели мечки во културата со бескрајни апетити! На се’ друго се пука без предупредување.       

КУЛТУРОФОБНА НОРМАЛНОСТ

Речиси е неверојатно како на македонската политика некои нешта не и’ пречат. Не на одделни партии, туку на сите – генерално. Како, на пример, не им пречеше да седнат во оној епохален собраниски кич, во она бескрупулозно, монструозно сочинение како шизоидна „македонистичка“ синтеза на лудилото викано „Скопје 2014“? И никој не кажа ни збор, си отседеа толку време, ќе си седат и понатаму, можеби меѓусебе тук-таму си разменија и срамежлив комплимент дека конечно заличевме на држава – болна, ама сепак – а некој можеби потајно и му благодареше на криминалецон од Будимпешта и неговиот „генијален“ архитект во Скопје. Не би ме зачудило, навистина, зашто очекував (најмалку) барем некаква реакција, збор-два од некого, можеби и од потенцијалниот мандатар на неговата прес конференција, или од Апасиев, или барем прашање од некој од новинарите… Ништо, штама! Се навикнуваме ли полека на се’? Или веќе сме свикнале? И веќе ништо и не ни пречи, како ни онаа архитектонско-скулптурална гробница среде Скопје? Веројатно.

Така впрочем, полека но сигурно се навикнуваме и на целава наша (не)културна реалност, дури и на необјасниво потценувачкиот став на државата кон културата, на еднакво чудно амбивалентниот однос и на јавноста – што и да значи овој поим денес! – кон оваа област, како впрочем и на зашеметувачката незаинтересираност на самата култура за своите проблеми и потреби. Што пак белки не значи дека, еве, сега и ние треба да престанеме дури и да ја спомнуваме оваа област? Можеби тоа е генералната интенција, зашто ако нешто не спомнуваш, тогаш истото и не постои, нели? И следствено: не создава ни проблеми! А ситуацијава со пандемијава и нашава неверојатна неспособност во справувањето со неа така убаво и’ оди на рака на власта и на сите останати културофоби.

Иако, во принцип се согласувам: на културата можеби и’ треба (и) еден таков експеримент на тотална изолација, на убиствен молк, игнорирање на плачките за пари и само за пари а ни збор за понудата, за квалитетот како заборавена категорија, за консументот/публиката како партиципиент… Пред само неколку дена беше постирана фотографија од „концерт“ во Св. Софија во Охрид, во рамките на фамозното „Охридско лето“ (нашиот „единствен културен бисер“!?): само десет посетители! А знаете колку чини „Охридско лето“? И подобро да не знаете. Меѓутоа, дури ни онаков експеримент многу не би помогнал зашто во таков случај проблемите/состојбите само би се продлабочиле па враќањето дури и на денешната „нормала“ би било невозможно! Па следствено, едно од прашањата на идната културна политика е да одговори: која е, што е денешната „нормала“ во македонската култура? Ова што го гледаме околу нас? Поточно – ова што не го гледаме бидејќи и нема што да се види? Но, ваква „нормалност“ немало во македонската култура дури ни во 1945 година. Гарантирано, зашто и тогаш се говорело за некоја „нова нормалност“ – со други зборови, се разбира – се говорело за „прв пат“ (во смисла на основање на први државни културни институции), се говорело за културни потреби, за културни слободи… Живееме ли навистина во културофобна „нормалност“?

Токму затоа, паралелно со сите други компоненти, менувањето на оваа денешна културнофобна нормалност треба да се вброи меѓу приоритетите, треба оди во пакет со другите битни, суштински менувања на односот кон културата. И тоа почнувајќи од највисоката власт, па надолу! Зашто, денес практично за културата се молчи, не се говори ништо. Не се ни размислува за нешто во културата. (Дел од) јавноста – повторно тој кај нас загадочен поим – „реагира“ само на специфични зборови, во случајов, на пример, на: Универзална сала. И реагира жестоко, и со право, како што треба. Ама само тоа ли ги интересира граѓаните на Скопје? Од тоа ли им зависи културниот „живот“ во градов? Па таа и таква Универзална сала не функционира веќе со години и беше очигледно дека „ја спремаат“ за нешто вакво. Што е тогаш тука новото или ние, по обичај, реагираме на последиците а не на причините? Или, дали чепкањето во културната меморија, во некои носталгични спомени, е таа дразба што кај нив предизвикува реакција? Можеби, ама како таа културна меморија не се активира и во случајот на „Скопје 2014“ на пример, на сеќавањата на некогашниот изглед на централното градско подрачје? Па од тогаш поминаа само шест-седум години, не е тоа некој долг заборав. И зошто сеќавањата навираа при спомнувањето на Градскиот трговски центар, па одеа дури и до гушкања и организирани одбрани, ама ич не им е гајле што на само педесеттина метри од ГТЦ, среде Плоштадот, им се надвисува онаа карикатурална претстава на нашиот „предок“, по меч и по дух? Или, ако баш сакате, како тоа на оваа македонска „културна“ јавност и’ треба само Универзална сала, ама не и’ треба театар, библиотека, музеј… која и да е’ друга културна институција затворени без објаснение веќе половина година? Како тоа во оваа држава има протоколи за се’, освен за – културата? Интересно како оваа културна јавност во овој поглед е, од една страна, сосема унисона со власта бидејќи на двете (условно) спротивставени страни не им треба поширока културна понуда, ама сепак никако да се согласат околу една Универзална сала? Толку ли е силен тој симбол, таа (културофобна) „лименка“, толку ли се впечатливи тие спомени? Просто човек да не верува. Или, едноставно, оваа јавност во моментов сака да се спротивстави барем за нешто? Ако не може на „големиот план“, тогаш нека биде нешто мало, ситно, ама да е против званичниот став? Но, зошто тогаш не се спротивстави на планот за „Малиот ринг“? Ете и тоа е – „мало“! Да, знам, во поимот Универзална сала се содржани и изневерени очекувања, ветувања што се’ уште ги паметиме, ама на приказната за справувањето со „Скопје 2014“ беа добиени изборите! Или некој тоа упорно сака да го заборави?

Како и да е’, јавноста, јасноста и гласноста се едни од приоритетите на потенцијалниот нов однос кон културата, приоритето во справувањето со оваа дрска, наметната културофобна нормалност.

ХОРОР ПРОДУКЦИЈА

Можеби Владата ќе го послуша Теофил Панчиќ – еден од најконтроверзните но и најчитаните современи филозофи – и ќе не’ куртули од онаа грдотија среде Скопје? Не верувам, ама не треба да заборават дека Панчиќ е читан низ целиот свет и дека неговите ставови често се репер за јавното мислење. И без оглед на неговата (наводна) контроверзност, неговиот збор богами тежи барем колку сите оние други заедно кои ја убедуваат власта дека ова и вакво Скопје изгледа – светски. Можеби, ама само во нивните глави, а тие не се меродавни.

Но, зошто го спомнувам Панчиќ? Затоа што неговата констатација дека „Градот (Скопје, м.з.) изгледа точно онака како што го остави Груевски, денес делува како споменик на периодот на лудило во обем од еден до еден“ е само потврда на мојата теза за необјаснивиот континуитет на оваа власт со политиките на „(…) налудничавиот провинцијалец и неговата клептократско-митоманска банда“![1] Или, поинаку поставено, ние денес не се навикнуваме само на грдотиите што ни ги остави тој „налудничав провинцијалец“ пребеган во Будимпешта, туку многумина од власта се обидуваат да не’ убедат дека треба да се навикнеме и на комплетниот дисконтинуитет што неговата банда го заведе во вкупниот општествено-политички живот во земјата. Се разбира, нагрдувањето на главниот град со оној самонаречен проект „Скопје 2014“ е само врвот на ледениот брег, црешка на шлагот врз тортиљата викана „ново време“. Тоа монструозно разнебитување на меморијата на главниот град на државата е само најочигледното, највидливото зло што го снајде градот и неговите граѓани. Еднакво страшни, ако не и пострашни, се оние помалку видливи или „невидливи“ нешта така цврсто вкоренети во сите пори на јавниот живот и власт: од некултурата до политиканството, од кримогеното судство до разнебитеното здравство, од континуираното партиско договорно празнење на буџетот (вклучувајќи го тука и културниот) до целосната партизација на администрацијата (државна и општинска)…

Дисконтинуитетите на злосторничкото здружение како непречено да продолжуваат и во секој сегмент од културата во државава. А впрочем, обидите за уривање на Универзалната сала – онаа којашто еден културофоб се осмели дури да ја нарече и „лименка“ – не се во ништо различни од методите на „Скопје 2014“: ова ќе го урнеме а ќе ви изградиме нешто уште постаро! Добро, овде станува збор за градење на „нешто поново“, ама зарем немаат право на збор и избор не само граѓаните на градов туку ни стручната јавност, зарем ние немаме никакво чувство на почит кон традицијата и кон помошта што некои му ја пружиле на овој град, зарем толку некому му пречи таа „лименка“ за нечии мафијашко-урбани аспирации за тој простор? Конечно, и новата министерка ќе мора да каже збор-два за случајот и, се надевам, да застане на вистинската страна иако Универзална сала е објект под ингеренции на градот. Ама е објект и на културата на целата држава! Поточно, таа и таква Универзална сала требаше досега да биде прогласена за културно наследство и тоа може да се направи дури и денес. За цирка пет минути, ако се сака, се разбира, да се разбие овој континуитет на злосторнички потфати! А не на листата на тоа и такво културно наследство се’ уште да се трткаат онаа чудовишна Триумфална порта, оној Музеј на хоророт, малоумнана спомен куќа на Мајка Тереза (сега сосе „гробон“ на Плоштадот)…, Плаошник… итн. Или онаа таканаречена Управа за заштита на културното наследство има попаметна работа? Да гради попски резиденции?!

Впрочем, пред Министерството за култура стои обемната и сложена задача конечно да се запре дисконтинуитетот наметнат од груевистичкиот режим во културата, во сите сегменти: од конципирањето на буџетот, преку распределбата на средствата (главно етно-партиска и пријателска!), етничката поделба на директорските места, партиските наместо стручни вработувања и слично. Еднаш мора да разбереме дека тој дисконтинуитет прескапо ја чинеше македонската култура, а континуитетот со тој дисконтинуитет е де факто продолжување на злосторничката политика на бившиот режим. Впрочем, сето тоа, повторно, се прекршува токму во централното градско подрачје и она ругло што се’ уште стои таму. Зашто тоа е највидливото, очигледното пркосење на здравиот разум и традицијата на модерно Скопје, тоа е доказ за силината на дисконтинуитетот без оглед колку истиот е монструозен и злосторнички само ако е исплатлив… а впрочем, и „гробон“ на Мајка Тереза среде Плоштадот, или продолжувањето на дивеењето на урбаната мафија во Дебар маало, во Карпош, во Аеродром… не е ништо друго туку само втор дел од оној насилнички хорор филм снимен од „налудничавиот провинцијалец“! И мора ли, навистина, и оваа власт да биде продуцент на тој продолжетокот на тој филм?

Замислете што и како би ви се случило во еден Лондон да се дрзнете да им го менувате Трафалгар сквер, или Пикадили, или во еден Париз да го преорате плоштадот Конкорд, Елисејските полиња и слично? Па таквите силеџии ни пет минути не би останале на власт, а богами ниту меѓу живите. Ама ние тоа го нарекуваме глупава традиција, нели? И само ние сме паметните, нели?          


[1] Теофил Панчиќ, Навикнете се на грдотија, Слободен печат, 4 септември 2020