Monthly Archives: December 2021

(ПОЛИТИКАНТСКИ) СВЕТОГЛЕД

Немам намера, не сакам подетално да коментирам зошто кај нас, наспроти сѐ, не може да се реализира ни „к“ од некаков системски концепт во државата, најмалку социјалдемократски односно онаа „welfare state“. Доста пати, па и во оваа серија текстови, сум го допирал тоа прашање. Доволно е. Но, некои нешта заслужуваат почесто да бидат спомнувани како некаква генерална фалинка на македонската политика, без разлика на идеолошката провениенција на власта. И нема да се враќам пет или единаесет години назад и да се занимавам со идиотине што така „стручно“ ја спроведуваа политиката на заробената држава. Зошто? Па затоа што овие, демек, вртеа „нов лист“! Ама листот остана празен, безгласен… бел, или со препишани (криминални) методи и лекции од претходниците. Иако, ако некој приговори, можеби и ќе биде во право: некои актуелни примери се навистина без преседан во македонската политика! На пример она приземно, некултурно, самобендисано „како јас сакам“ на претседателот на државата по прашањето на помилувањата. Таквиот одговор, од самиот врв на државата, веднаш сугерира незрелост, самоволие, отсуство на такт и политичност… Таков одговор е веројатен или можеби очекуван – иако ни таму не баш така чест – на некој од скопските пазари, но никако од нивото на еден претседател на држава. Но тоа е уште еден доказ како македонските политичари ја разбираат политиката и до каде допираат нивните разбирања за практикувањето на власта.

Или, ако сакате, она веќе фамозно „мало сутра“ и уличарскиот гест со рацете на, за среќа, бившиот премиер. И тоа го гледаше целиот дипломатски кор во државава и, нормално, го пренесуваше (веројатно како некаков „балкански“куриозитет) во матичните земји. Ама такво нешто не му се случи на ниту еден друг балкански лидер, нели? Но ние и понатаму ќе се чудиме зошто за нас нема датум за почеток на преговорите со ЕУ? И понатаму ќе мислиме дека Бугарија е таков важен фактор во Европа што ги диктира политиките за прием на нови членови во Унијата? Или, од друга страна, така бргу ли ја заборавивме трагикомичната приказна со македонските споменици од Втората светска војна и нашата – поточно на бившиот премиер, а во наше име! – благонадежна подготвеност да ги бришеме плочите, па оној споменик на некаков бугарски офицер (sic!) во Дојран со којшто така со гордее(ше) владата, па циркусот со плочите на спомениците од СК 2014… Ако пак кон тоа ги додадете и оние криминални и коруптивни скандали во самиот врв на власт, па и последниов со автомобилот од 50.000 евра како подарок, нели, па оние пасоши за познати светски криминалци кои сега ја шират „македонската приказна“ низ сите континенти, па последниов наш хумористичен „преговарач“ со источниот сосед и неговите шарлатански историски „лекции“, или последниве светски рекорди во загадувањето на животната средина…  Сѐ се тоа катастрофални политички, историски, идентитетски, културни… промашувања кои дотични персони во ЕУ точно знаат како да ги толкуваат. И тоа е всушност она што го потенцира Ридли кога вели дека за да се разбере културната политика на една земја мора прво да се разбере нејзината политичка култура! Нашата е ваква, а на граѓанинот му останува евентуално да се чуди зошто немаме датум за преговори.

Затоа и културната политика – или „политика“, како сакате – не е само сет од административни мерки, туку е рефлексија на сето она што се случува во државата, или на т.н. Weltanschauung разбран како светоглед односно когнитивна ориентација на целото општество. А кога македонскиот светоглед е ваков каков што го гледаме околу нас, кога политичката (не)култура е таква, може ли културната политика да биде поинаква? Се разбира – не, и тоа е веќе толку очебијно што станува „општо место“ во културата. Дури и во областа на заштитата на културното наследство – сегмент што во нивните „политики“ посебно го потенцираат двете „идеолошки“ опции (не само) кај нас. Од спомнуваната Норвешка на север, до Грција на југ, сите европски држави, без оглед на идеолошкиот систем, водат посебна грижа за културното наследство. И тоа го потенцираат во нивните културни вредности односно културни политики. Норвешка става особено силен акцент на најшироката достапност на граѓанинот до националното културно наследство! Следствено, и сите политики во неговата заштита се максимално стручни и професионални и соодветно финансирани. Кај нас културното наследство, без оглед на идеолошката провениенција на власта, е присутно само на предизборните митинзи и во инаугуративните говори на новоизбраните премиери и министри за култура. Потоа – штама, се губи од видокругот и се препушта на партиски дилетанти. Дури и најдрагоценото, врвното културно наследство, како Охрид; Скопје со Нерези, Аквадуктот, Камениот мост…; средновековните цркви и манастири; археолошките локалитети… итн. Охрид повторно го спасуваат оние кои го упропастија, Скопје е целосно препуштено колосално неквалификувани партиски приврзоци, Управата за заштита е одамна претворена во првокласна шарлатанска партократска експозитура… Кога ги слушате челните луѓе во заштитата исто како да ги слушате оние погоре спомнати високи државни функционери: сето тоа е чиста импровизација комбинирана со неукост и нестручност, сето тоа се флоскули со години повторувани а неразбирливи и за тие кои ги кажуваат. Слушате расипана плоча што „врти“ во место, без очигледен резултат или барем видлив напор за надминување на состојбите. Додека нашиве актуелни раководни „заштитарски“социјалдемократски шарлатани раскажуваат бајки за „добра во опасност“, ловиџии ни ги пријавуваат штетите на најдрагоценото наследство во Матејче; додека првиот човек на заштитата им држи предавања на експертите и ги праќа да „живеат во Крушево во куќи со бондрук систем“, ни од тоа Крушево не остана ништо; додека истиот ги споредува македонските села со Дубровник (sic!), во Ваташа му подметнуваат споменик од полиестер… Оние пак претходните, демек конзервативни но со истиот шарлатански светоглед, редеа антички скулптури пред зградата на Владата, го бараа гробот на Александар, ги испразнија македонските музеи и сиот археолошки материјал го донесоа во Скопје, во оној комплетен кичерај нарекуван Археолошки музеј на (Северна) Македонија…

Сето тоа се рефлексии од вкупните политички – или политикантски, подобро речено – состојби во државава, производ на ерозијата на интелектуалните капацитети каде секоја партиска шушумига се промовира во директор на најзначајни културни институции со непоправливи штети, особено во сегментот на културното наследство, итн. Тој наш партократско-провинциски Weltanschauung, каде погледот на највисокото државно раководство не допира подалеку од личните амбиции и џеб и теснопартиските интереси, ја доведе државата до овој амбис каде веќе одамна нема ни идеолошка ниту партиска разлика туку сѐ е стопено во една криминална и коруптивна структура што секојдневно арачи низ Македонијава.

КУЛТУРА ВО ИНВАЛИДИЗИРАНА ДРЖАВА

Со оглед на фактот што актуелната власт номинално се повикува на социјалдемократската идеја, од којашто, барем во културата, не видовме ама баш ништо, ќе се задржам уште малку на овој концепт во културата. Но, прво, за многумина би било легитимно прашањето: возможен ли е воопшто социјалдемократски концепт (не само) во културата во една држава, денес? Велам, прашањето би било легитимно зашто ние веќе почнавме да се сомневаме во сѐ, дури и во најелементарните нешта што ѝ даваат смисла на една современа држава со сите нејзини неопходни атрибути. Македонската затвореност, во секоја смисла, ја држи земјата и граѓаните во некакво чудно лимбо во коешто сомнежот станува доминантна мисла а иднината одамна е минато. Сега минатото ни е иднина! Повторно многумина ќе речат дека државата, власта – која и да ѐ, но и оваа на којашто ѝ дадовме таква доверба пред четири години – не успева да се справи со базичните потреби на граѓаните, со криминалот и корупцијата во самите нејзини врвови, со неспособноста на челните луѓе во државата… па чуму ни е тогаш некаква култура, па нека е и социјалдемократска?

И тоа, пак, ќе биде точно: илузивната природа на културата, непознавањето на принципите на културните политики и слично, особено во културно неедуцираните средини, создава впечаток на неважност, безмалу бесцелност, загубено време, дури невозможност. Посебно кога таквата магловита клима доаѓа од самите врвови на културно инвалидизираната држава за кои полето и потенцијалите на културата се целосна непознаница. Културата, нормално, како и сѐ друго, генерално зависи од степенот на демократијата во општеството и од природата на политичкиот систем и идеолошките вредности што тој ги промовира. Но, за тоа веќе доволно пишував односно каква демократија и идеолошки вредности може да понуди еден хибриден режим или оној на заробена држава пред него?    

Овие, но и многу други варијабили влијаат на разбирањата на културата во државата, но неколку битни точки влијаат на објаснувањето и операционализацијата на често навидум недофатливата идеја за културата, културните политики/практики итн. Некои теоретичари (Kevin V. Mulcahy, на пример) посочуваат дел од нив: односот помеѓу политичката култура и јавната култура; што во јавната култура се наметнува како културна политика; посочување на целите и оправдувањата во јавната култура; дефинирањето на културата и нејзините импликации во формулирањето на јавните политики итн. Од друга страна Ридли (Ridley, 1987) вели: „ (…) to understand the cultural politics of a country, one must first understand its political culture“, па следствено излегува дека државните политики кон културата и уметноста се обликувани според некои пошироки верувања како една влада би требала да се биде раководена и како да се однесува во овие јавни политики. Е па, видовме како нашите влади беа раководени и како се однесуваа во јавните политики последниве петнаесет години, не само во културата!

Но, повторно, нашите претходни искуства и сето она што нѐ следеше низ последниве години во културата на државен план, не го прави и социјалдемократскиот концепт во културата далечен, недофатлив, нејасен, речиси невозможен. Напротив, особено во Европа, социјалдемократската култура егзистира со децении во континуитет во некои држави. Во тој поглед теоријата и праксата особено ги посочуваат т.н. балтички држави (вклучувајќи го и Исланд) како посебен феномен економско и политичко единство и споделената посветеност на социјалдемократските принципи (и) во културата. Раководени од тезата за социјална држава, еднаквост и правда, овие држави негуваат специфични практики речиси во сите сфери на животот, па и во културата. Културната политика кај нив е дел од еден многу поширок опфат на напори и практики на владите да обезбедат висок квалитет на живот за своите граѓани што подразбира достапност, одржливот и репрезентативност. Нордискиот културен модел ја отсликува идеолошката суперструктурата на социјалдемократската идеја/концепт, при што и културната демократија е аналогна на вкупната социјалдемократија во државата! Норвешка, на пример, е социјалдемократска држава со одлично артикулирана политика на културна демократизација и силна нагласка на културните политики. Финансирањето на културата во оваа земја е речиси вкоренето во социјалдемократската идеологија којашто ја гледа државата/владата како примарен фактор во обезбедувањето на социјалните, културните, образовните потреби. По Втората светска војна норвешката влада – сите влади – ја прифатиле идејата дека тие се одговорни за јавната култура како логично продолжение на социјалната држава. „The welfare ideology implied that ‘cultural goods’ should be fairly distributed throughout the country, and that the population should have extended influence upon decisions affecting the cultural life of its own community” (Mangset, 1995). Социјалдемократскиот модел ја согледува културата како едно од оние права што им припаѓаат на сите граѓани, еднакво како и сите други права, (а не само на партиските членови или нивните симпатизери, како кај нас). Државата (дури) интервенира со корекции на нееднаквостите на слободниот пазар при дистрибуцијата на културните „продукти“ и можности преку субвенции на националните институции, преку „синекури“ за уметниците, поддршка на заштитата на локалното култѕурно наследство итн. И впрочем, секако дека низ децениите имало влади со различни генерални концепти, на пример неолиберален, и имало прилагодувања на социјалните и културните програми и политики, но најшироката базична социјалдемократска посветеност на целата држава останувала приоритет. Или Финска, на пример, држава со „највеликодушни“ јавни субвенции per capita за уметноста и културата, е најчесто посочуваниот пример во Европа, но и во светот, за прогресивни културни практики.  

Колку светлосни години сме ние далеку од вакви размислувања и политики? Знам дека надобудните властелински кербери веднаш ќе посочат дека спомнатите држави се меѓу најбогатите во Европа, па и во светот, особено Норвешка, но тоа е најчестата ступидна забелешка што може да се замисли. Како да треба којзнае какви пари за поправична, непартиска, неабонентска… стручна и компетентна… културна политика во државава и распределба на средствата за таа намена? Државата ќе распредели толку колку што може односно онолку колку што предвидела за културата, ама тоа ќе биде транспарентно, демократски, втемелено на сериозни анализи и проекции, од страна на професионалци во областа… итн. Не верувам дека некој во македонската култура очекува онакви буџети – не само за културата – какви што имаат посочените балтички држави, но зарем нема право да очекува, дури да бара, посовремени културни практики и политики, попрофесионални луѓе на клучните места во културата (па и на министерските!), појасни и посовремени критериуми за распределба на средствата и др.? Нашиот инвалидитет во сѐ што е државна надлежност, па следствено и во културата, некогаш ќе мора да запре зашто него – инвалидитетот – го носат инвалидизирани политичари, во сите државни сегменти. И оние тиради за фасцинантните македонски политичари, за нивната небесност, посебност, капацитетност… ќе мора да ги положат сметките. Зашто, нивната лукративна збудаленост ја однесе државата во провинциска бездна. И одговорност ќе мора да има. Ама – да не биде доцна?        


МИСЛИТЕЛОТ

Кога и да се спомнат деновиве актуелните калкулации за претстојната нова влада, ми доаѓа на ум делото Мислителот на Огист Роден (Auguste Rodin, 1840 -1917). Веројатно потсвесно, но со добра причина, а особено слушајќи ги секојдневните комбинаторики, министерската вртелешка качи се-симни се со ново-стари разместени ликови. Такви политикантски претстави се изнагледавме во изминативе три децении. Меѓу нив и такви за кои сложена задача би била и раководење на куќен совет, но македонската политика им доделуваше министерски, дури претседателски функции. Не видовме еден, барем еден мислечки човек кој ќе трасира некаква долгорочна стратегија за државава, обмислена/осмислена од сите аспекти и ослободена од нарцисоидни лични, групни или партиски мешетарења.

Оттука, Мислителот (1903, бронза, 180х98х145 см., Париз – Музеј Роден), едно од (велат) најдобрите дела на Роден, се чини најсоодветно како метафора (не само) за овој миг во македонската политика. Делото има интересна историја: прв пат изведено во неговата оригинална големина од околу 70 см., тоа било замислено како еден од најважните елементи на еднакво познатото дело на уметникот наречено Вратите на пеколот. Првобитниот наслов на скулптурата бил Поет и (требало да) го претставува италијанскиот поет Данте, автор на Божествената комедија (којашто всушност била инспирацијата на Роден за Вратите на пеколот), како ги набљудува круговите на Пеколот и медитира над своето дело. А сепак, Роден одлучил скулптурата да ја изложува и одделно/издвоено  (во 1888 година), па така Мислителот станал самостојно дело. Сегашните димензии ги добива во 1904 година (излеано од ливецот Alexis Rudier) и оттогаш мнгоумина ја сметаат за една од најпопуларните скулптури во светската уметност. (Оние кои на прв поглед ќе им заличи на седнатиот портрет на Лоренцо ди Медичи од славниот Микеланѓело, ќе бидат во право: Роден особено го почитуват опусот на овој мајстор!).

Не случајно Мислителот е денес една од иконичките скулптури меѓу љубителите на визуелните уметности. Нејзината контемплативност, изведбеното мајсторство, димензии… античкиот склад и Микеланѓеловскиот „touch“ ѝ даваат посебен шарм. Таа достоинствено стои – поточно:седи – во централниот дел на екстериерот на Музејот на Роден. Ако некој престојува во Париз, овој музеј е едно од незаобиколивите места. Пред смртта Роден дал дозвола скулптурата да биде умножувана (во бронза и гипс), па така нејзини одливи (околу 28) можат да се видат и во разни делови на светот (Мелбурн, Буенос Аирес, Женева, Вашингтон и др.), како и на гробот на уметникот во Модон. Мислителот, во сегашните домензии, прв пат бил изложен 1904 година на познатата изложба Salon de Paris и веднаш станала миленик на јавноста. Печатот и критиката ја прифатиле многу добро, за разлика од Роденовиот споменик на Балзак (исто така во Париз), кој го сметале за невообичаен и нејасен. Gabriel Mourey, уредник на магазинот Les Arts de la vie дури започнал и кампања за откуп на скулптурата за градот Париз, но и како замена за непопуларниот споменик на Балзак. Денес историјата на уметноста го смета Роден за еден од предводниците на импресионизмот во скулптурата, иако уметникот никогаш себеси не се поврзувал со ова движење, ниту пак изложувал на некоја заедничка импресионистичка изложба. Како и да ѐ, Роден останува еден од највлијателните скулптори на неговото време и секако еден од најиновативните во историјата на уметноста.

Но, која е/каква е „врската“ на Мислителот со македонската реалност. Па, едноставно, глетката на човек кој размислува е секогаш освежување за вакви средини. Кај нас таа „операција“, како впрочем и глаголот „мислам“, се одамна проскрибирани не само од политиката (иако особено од неа!) но и од нормалниот, секојдневен живот. Простата реченица „јас мислам“ одамна е заменета со „јас сакам“ – или уште поефектното: како што јас сакам – давајќи предност на желбата над (раз)умот. Тоа, само пред неколку дена, сосема сликовито ни го долови и „претседателот“ на државата манифестирајќи ни го неговото „како јас сакам“ во врвен критериум при помилувањето на затвореници во државава. Не дека тој некогаш ни бил репер за што и да ѐ, но такво јавно демонстрирање на политикантско самоволие одамна немавме видено. Иако, за волја на вистината, и сите овие четири-пет години „хибриден режим“, како впрочем и оние претходни единаесет години „заробена држава“, беа неподнослива провинциска манифестација на самоволие, празна сила, волја за моќ и власт. Создадовме култ кон неукоста, неразумноста, дилетантизмот, афектот… дури и на највисоките државни позиции како претседател на држава, претседател на Собрание, премиер, министри… Науката, образованието, културата – со еден збор: мислењето – ги проскрибиравме од секојдевниот живот и особено од политиката, при што она латинското cogito, ergo sum го трансформиравме во крадам и лажам, значи постојам! Секоја шушумига со осведочено крајно ограничено количество сива материја во главата и сосема дискутабилни можности за логично мислење смета дека прокламираната еднаквост меѓу луѓето како некаков демократски принцип му дава за право и тој да се добере до највисоки државни позиции, да одлучува за политики и судбини, за стратешки прашања за државата, за име, идентитет, историја… Впрочем, фактот што ни во овие три децении не ја научивме таа лекција сведочи за нашата неспособност за конструктивно поврзување на нештата, за отсуство на нормални мисловни процеси кај раководечките структури. Како што тоа неодамна одлично ги дефинираше Ким Мехмети, тие државата ја гледаат само како плен што треба да се подели. И така се однесуваат! А ние, ние – ги толерираме и гласаме за нив.

Нашето негување на одбојност кон процесот на мислење, размислување, промислување, осмислување… и фаворизирањето токму на спротивните процеси нѐ доведе до денешната точка од којашто речиси и да нема враќање. Ако еден народ, една нација, една држава, секојденевно ги губи најважните упоришта на своето историско опстојување, тогаш тоа е резултат на процеси спротивни на нормалните, логичните, мисловните… и е само на чекор до егзистенцијална бездна. Фактот што во јавниот дискурс сѐ уште мешетарат платеници кои извикуваат „еве го месијата“, кои заради лукративни причини предат фантазмагорични сказни за големината на простаци и тезгароши кои тргуваат со сѐ и секого, не е никаков аргумент дека сме имале големи луѓе во тешки времиња туку попрво дека сме имале катастрофални и недораснати импровизатори во сложени историски мигови. Се разбира, не можат сите да бидат Аристотели и Платони, Декарти и Спинози, па ни Линколни и/или Делчевци, ама за триесет години, ако не и повеќе, да немате еден мислечки човек на чело или во самите врвови на државата е – национална трагедија!  

Дали сега, пред осмислувањето на новата влада, не е мигот да се направи пресврт? На крај памет не ми паѓа да му сугерирам на новиот мандатар што и како да работи, ама ако катастрофалните процеси на игнорирање на мислечките луѓе – колку се, толку се – во државава не бидат сопрени, ние немаме на што да се надеваме. А спореден со ова, „проблемот“ со источниот сосед е – минорен.             

„ЛЕВА“ КУЛТУРА

Оној кој ќе рече дека во државава, како што нема „десна“, нема ни „лева“ култура – ќе биде во право. Или барем делумно ќе биде во право. Но оној кој ќе потсети дека и не може да има „лева’ или социјалдемократска културна политика заради последниве случувања со еден неодамнешен „министер“ за култура и обвинувањата од т.н. Антикорупциска комисија за злоупотреба на службената положба, а кој сега треба да биде дури унапреден во потпретседател на Собранието – ќе биде целосно во право. Зашто, не може да постојат идеолошки општествени и културни вредности ама во нив да не е вклучен моралот, на пример, или одговорноста, или правото и правдата… А во спомнатиот случај се работи токму за тоа, во време на актуелната владејачка социјалдемократска опција. И тоа е само еден пример, ама не е осамен! Ги има премногу за да може легитимно да се говори за некакви, па и за „леви“ културни вредности.

Но, во цивилизираниот свет, оној социјалдемократскиот, не е така. Социјалдемократските вредности, па и во културата, се високо вреднувани, а меѓу нив секако и моралот, одговорноста, правдата… Првиот политички програм на принципите на Социјалдемократската партија на Данска, на пример, бил донесен во 1876 година. (Ние не сме биле стасани ни до Илинденското востание). И меѓу тие вредности биле и: слобода, еднаквост и солидарност. Луѓето од оваа партија велат дека „вредностите се важни“, но не само заради фактот што се запишани во некаква програма туку тие се фундаментални во сѐ што прави партијата и тие го одредуваат правецот на нејзиното политичко делување. Нешто слично велат и Jobelius и Vössing: „Being a party of values means not only to have values, but to make values the decisive rationale for all aspects of party behavior.“[1] Замислете како би изгледала Македонија ако во изминативе речиси пет години се беа применувале сите социјалдемократски принципи запишани во ветувањата на оваа „прогресивна“ власт? Но кај нас, одамна, никој не разговара за вредности туку само за скандали и криминал, никој не разменува мислења како вредностите вметнати во партиските програми да се претворат во реалност; „гласот на народот“ е само флоскула што се употребува тогаш кога ќе затреба и не изразува никаква суштина; реалните политики не само што не ги изразуваат прокламираните вредности туку се директно спротивни на истите итн. Што, меѓу другото, од сите оние социјалдемократски вредности сме виделе во овие четири години во културата? Ништо, нула.  

Колку за компарација, еве што за културата вели CDU (Социјалдемократската партија на Германија) во нивните принципи зацртани во Хамбуршката програма (2007): Culture is more than a commodity, it is expression of a humane society. It is not the state that has to rule what culture is but it has to enable culture, even such culture which could not survive on the market. The state is not in charge of truth, neither philosophical nor religious nor historical truth but it is in charge of conditions apt to find truth. Колку сме ние далеку од вакви искази? Премногу. А со нивната реализација во праксата? Уште повеќе. Поточно, како впрочем и кај конзервативната опција, не е проблем принципите да се стават на хартија, проблем е да се применат во секојдневниот живот, и тоа прво од носителите на власта. Ако македонската социјалдемократска идеја нуди европско здравство, тоа треба и да го испорача, а не луѓе живи да горат по болници; ако ветува (про)европска и слободна култура, тоа е императив што не може да се замени со оваа сељачка варијанта на балканска „култура“ на абонентни и партиски миленици; ако се колне во одговорно, чесно, компетентно управување, оваа збирштина на неспособност, криминал и корупција не смее да биде замена за тоа ветување итн. Во крајна линија, можеме, или мораме, да прашаме кој тоа ги формулира – ако воопшто некој го прави тоа! – „идеолошките“ вредности во социјалдемократскиот табор денес? Оние кои ги гледаме по социјалните мрежи и медиумите кои добиваат огромни пари – наши пари – за идиотштини што ги пласираат? Ако дотаму дошла социјалдемократската идеја во Македонија… Светот одамна говори за концептот за „постомодерен пресврт“ (и) во социјалдемократијата, за Теоријата за постмодернизација (Inglehart, потоа и Welzel), каде значењето на целиот сет на меѓусебно поврзани вредности се менува (и) во сферата на културата (семејство, религија, работа, политика…), каде луѓето, особено во региони како овој сѐ уште живеат во услови на релативна несигурност, каде животот и сѐ околу него им зависи само од една моноетничка „племенска“ партија итн. Токму Теоријата за постмодернизација е вообличена околу централната теза за стабилна и длабока демократија како резултат на систем од „еманципативни“ и  „слободоумни“ вредности. Но тој систем е производ на економски развој – нешто што ние не го гледаме веќе три децении!

Дали и македонската социјалдемократија сѐ уште живее во времето на Теоријата на модерната како некаков „модел“ на прогресивна транзиција од „пред-модерно“ или „традиционално“ кон „модерно“општество? Ама модерната заврши во Европа и светот уште пре пет и повеќе децении! Живее ли Македонија, (за жал) сѐ уште во некакви одамна надминати „системи“, во некој чуден симулакрум што само глуми некаква пост-модерност? Или пак, уште полошо: се движиме ли по некаква инерција заради фактот што во денешнава (квази)содијалдемократска реалност мешетарат полуписмени „интелектуалци“, луѓе преплатени со државни пари само да го одржуваат во живот имиџот на некаков одамна надминат паланечки систем? И што тој „систем“ подразбира под поимот културни вредности и култура? Ова денес?!?   


[1] Sebastian Jobelius and Konstantin Vössing, A party of values: the future of Social Democracy, June 19th, 2020, https://euideas.eui.eu/2020/06/19/a-party-of-values-the-future-of-social-democracy/

„ДЕСНА“ КУЛТУРА

Од сето претходно речено за и околу македонските „идеолошки“ културни вредности инкорпорирани (барем делумно) односно сегментарно вклучени во досегашните национални стратегии за културата, човек всушност тешко ќе се снајде што е што, кои и какви се социјалдемократските културни вредности а какви се конзервативните т.е. „десните“ вредности во културата. Поточно, ако не знаете која политичка партија била на власт во времето на една или друга стратегија, речиси е невозможно да направите суштинска односно идеолошко-политичка диференцијација само врз основа на вредностите и заложбите во документот. Сам по себе се наметнува заклучокот дека во македонската „културна теорија“ – иако такво нешто одвај да постои кај нас – нема таква реска поделба на (условно) лева и десна формула, туку обете страни раскажуваат некакви „неутрални“ културни приказни, веројатно разбирливи само за припадниците и симпатизерите на обете политички опции (но и тоа не е проверено!). Дали е тоа нормално? Па зошто да не, во македонски услови, особено по 1991 година, речиси сѐ е – нормално, или „нормално“, како сакате. Но, ако не можеме за тие вредности да научиме од домашните документи, можеме да консултираме странски базични извори.  

Следствено, на пример, кои би биле темелните конзервативни вредности, потоа пресликани или прилагодени и како соодветни културни вредности што можеле/можат да бидат инкорпорирани во некаква (условно) „десна“ т.е. конзервативна културна стратегија? Каде и да отворите, дури и на фамозната Википедија, ги среќавате оние конзервативни принципи што генерално сте ги знаеле и порано: традицијата, семејството, индивидуалните слободи (дадени од Севишниот!), владеењето на правото, слободниот пазар… Во политиката пак конзервативната идеја се залага за ниски даноци, дерегулација, приватизација, намалување односно ограничување на државната потрошувачка и надворешниот долг… Ако се задржиме само на овие елементи и истите ги споредиме со последниот период на владеење на десната односно конзервативната политичка опција во Македонија во периодот 2006-2017 година, ќе видиме дека во нашата пракса ништо од тоа не е баш така, особено не ова крајново – намалување односно ограничување на државната потрошувачка и надворешниот долг. Таа политичка опција во спомнатиот период се покажа како најрасипничка односно најкриминална власт видена дотогаш во земјава!

Но, што од спомнатото се пресликува како некаква конзервативна вредност во културата? Па пред сѐ традиционалните вредности, културното наследство, слободата на творештвото, националниот и културниот идентитет, патриотизмот, религиозните вредности… итн. Одделни (рудиментарни) сегменти од овој конгломерат сме гледале во праксата во спомнатиот период, но не како приоритетни разработени заложби, па дури ни во заштитата на културното наследство. На линијата на заштитата на традиционалните културни вредности интересна е (во светски рамки) појавата на Ален де Беноа, политички теоретичар и новинар, основач на Nouvelle Droite („Ново десно“), кој вели дека демократијата мора да подразбира влада на националната култура, заради што либералниот плурализам е – недемократски. Оттука, културниот конзервативизам се грижи за културните традиции и цели да ги елиминира заканите и да го задржи статус квото во културата (барем во однос на традициите базирани на националната култура). Затоа, впрочем, и инсистирањето на локалната македонска конзервативна опција на придавката „национално“ и „национален интерес“ во културата, потоа (наводната) грижа за јазикот, религијата (наспроти очебијното пропаѓање на бројни монументални средновековни цркви во Македонија)… итн.

„Десната“ односно конзервативната психологија на личноста била предизвик на многу видни имиња од науката, особено од времето на фашизмот и неговата авторитарност, а со него се занимавале и еден Адорно, Левинсон, Санфорд и др. Поновите истражувања (Jost, Glaser, Krusglanski и Sulloway, 2003) сугерираат дека фокусирањето исклучиво на личните разлики кај десната политичка опција е погрешно бидејќи луѓето ја прифаќаат конзервативната идеологија “in an effort to satisfy various social-cognitive motives”. А сепак, сите овие истражувања ги занемаруваат културните аспекти на оваа политичка идеологија – аспекти доминантни во истражувањето на  Cyrus Sarrafpour (2016), итн., итн. Но тоа се сепак други теми коишто кај нас никого не тангираат. Македонската социолошка, политичка и другите науки – барем во јавниот дискурс – живеат сѐ уште во средината на минатиот век, ако не и во 19-тиот. Но, генерално, она што за нашава ситуација е битно да се потенцира е фактот дека конзервативизмот односно десната политичката опција е „склоност и тенденција да се сочува востановеното; опозиција на промената“ (Neilson, 1958), или „an attitude of opposition to disruptive change in the social, economic, legal, religious, political, or cultural order“ (Rossiter, 1968). Конзервативизмот како историски идеолошки систем на верување искажува(л) многу нешта, но генерално тоа е тежнеењето кон ред и стабилност, постапни наместо револуционерни менувања, идеализација на авторитетот и поттикнување на социјална и економска нееднаквост итн.

А сепак, што од сето ова препознаваме во политиките на конзервативните односно десните партии во Македонија? А особено во онаа Национална стратегија за културата 2013-2017 година донесена од страна на ВМРО-ДПМНЕ? Или во практикувањето на културата во периодот 2006-2017 година, во времето на нивниот мандат во државата? Речиси ништо, односно безмалу во ниту еден сегмент не можете да препознаете идеолошки компоненти, линија којашто би можела да се идентификува со политичката ориентација на таа партија и сл. Како тогаш еден таков документ им служи (и) на нивните политички идеи?  

СПЛАВОТ МАКЕДОНИЈА

Кога за христијанскиот дел од светот велат дека всушност има само една книга – Библијата – и потоа сите други до сега напишпани книги, повеќе или помалку, се само нејзини „деривати“ или произлегуваат од неа, тоа звучи прилично уверливо, барем за оние кои еднаш ја држеле в рака таа книга. Добрите познавачи на Библијата тврдат дека речиси и да нема тема од интерес на човекот што таа Света книга не ја допрела на некој начин, а заради што таа книга има свои почитувачи и кај другите религии (јудаизмот, исламот, растафаријанството и др.). Се разбира, секоја религија има своја света книга (Куранот, Тората, Ведата, Авестата и др.), но моите познавања на истите се, за жал, многу ограничени.

Иако, всушност, овој текст, па и другите што ќе следат по него, немаат ама баш никаква врска со Библијата како таква, ниту пак со светите книги или книгите воопшто, или со религијата и сл. Библијата овде ја користам само во компаративни цели, како споредба за важноста на еден пишан текст за (дел од) човештвото, а со цел да посочам дека, на пример, историјата на уметноста не познава една таква слика односно визуелна претстава којашто би била толку и така влијателна врз развојот на една уметност – во случајов на визуелните уметности – како што тоа е влијанието на Библијата врз литературата. Не мислам, ниту пак сакам да кажам дека Библијата немала влијание и врз развојот на сликарството и скулптурата односно на целиот комплекс на денешната (не само)  визуелна уметност во след од најмалку две илјади години, но овде сепак говорам за нешто друго: во таков еден контекст за влијанието на една визуелна претстава врз историјата и развојот на целата уметност! Такво нешто сепак нема, или јас не сум стасал до таа лекција. Секако дека имало големи и влијателни ликовни/визеулени примери: пештерските цртежи, Венера од Вилендорф и бистата на Нефертити, Сикстинската капела, можеби Мона Лиза на Леонардо или Давид на Микеланѓело, Impression, Sunrise на Моне, Герника на Пикасо, Electronic Superhighway на Нам Џун Пајк… Сѐ се тоа дела на светската цивилизација, антологиски уметнички примероци коишто секако извршиле огромно влијание во дадени периоди/уметнички правци, но не и таков вонвременски „притисок“ врз развојот на визуелната уметност. А во овој контекст намерно (ќе) се трудам да го одбегнувам поимот „ремек дела“, за којшто колегата Ахмети со право укажува дека одамна има „застојан“ капиталистички „вредносен“ мирис – уметноста навистина не е фудбалско првенство или Лига на шампиони па делата да се „вреднуваат“ на тој начин. Придавката „ремек дело“ е несомнено такво рангирање, измислено не заради потенцирањето на уметничките вредности туку заради неговата пазарна вредност и, во основа, лукративна суштина! Следствено, почитувајќи го укажувањето, ќе се обидам да се воздржам од таквото етикетирање на уметничките дела.   

Но, после овие воведни појаснувања, што е целта на овој и идните текстови? Главната цел во овој почетен и во идните текстови ќе биде „креативното“ користење на познати но и не толку познати, значајни или помалку значајни уметнички дела – странски и домашни – од областа на визуелните уметности, но ставени во поширок контекст на „рамка“ за интерпретација на некои актуелни локални или меѓународни теми. Уметничките дела, имено, имаат страшна, зачудувачка моќ на пренесена – симболична, метафорична, скриена… – визуелизација. Во нив, низ нив, можете да го видите и тоа што таму го нема но неумоливо сведочи, или посредно говори, (и) за некои современи настани, за актуелни состојби, за општи чувства, атмосфера и слично. Следствено, вилендорфската Венера, без оглед што е стара веќе 25.000 години, може сосема добро да биде директна или индиректна „илустрација“ за некои современи теми, особено во модната индустрија, на пример. Или Герника на Пикасо речиси секогаш била употребувана како визуелизација на стравотиите на војните – некогашни или сегашни.  Тоа ќе рече дека староста на уметничкото дело не е еднакво пропорционална со неговото значење и/или податливост и можност за (ре)интерпретација! оттука, ќе се обидам во овие текстови да ги поврзувам, да барам допирни точки, симболички и метафорички конекции помеѓу познати уметнички дела од областа на визуелните уметности со настани/случки од денешницата во Македонија, нешта што ги спојуваат, или можеби дијаметрално ги раздвојуваат настаните „опишани“, или посочени, или сугерирани во одделни (историски) дела преку некои современи случки или состојби. Тоа, секако, ќе бидат дела избрани според некакви мои критериуми и гледања/поврзувања и немаат амбиција да претставуваат „општо место“ или некаков критериум и за јавноста!

*

Следствено, пренесено во современ (локален) контекст, одамна во мислите ми се врти една слика како најсоодветна „илустрација“ за македонските состојби: Сплавот на Медуза (1818-19, 491х716 см., Лувр) од Теодор Жерико (Théodore Géricault), француски сликар и графичар, на којашто е „опишан“ мигот по хаваријата на француската фрегата „Медуза“ на 2 јули 1816 година, близу до брегот на Мавританија. Историјата вели дека 147 морнари успеале да се спасат на сплав, но само 15 ги преживеале ужасите на 13-дневната борба со Атлантскиот океан. Сведоштвата говорат дека покрај гладта и дехидратацијата, на сплавот имало траги и од канибализам. Како и да ѐ, се покажало дека целата катастрофа била директен резултат на некомпетентноста на Хју Шомери (Hugues Duroy de Chaumereys), капетан на фрегатата „Медуза“! Сликата го претставува мигот кога преостанатиот дел од посадата конечно го здогледува бродот што ќе ги спаси.

Теодор Жерико (1791-1824) го насликал ова дело на 27-годишна возраст. Иако релативно млад, Жерико демонстрирал сериозно, мошне зрело мајсторство во оваа слика којашто ќе остане негово најдобро дело (умрел многу млад, на 32 години) и икона на францускиот Романтизам. Без оглед што активно ја сликал само една година, на самата изведба на сликата ѝ претходеле долги подготовки, скици, разговори со неколкумина преживеани морнари итн. Меѓу ликовите на сликата се и сликарот Делакроа (пријател на Жерико), како и тројца од преживеаните морнари (Corréard, Savigny и Lavillette). Можеби највпечатливиот опис на Сплавот на Медуза доаѓа токму од Делакроа кој вели: „Жерико ми дозволи да ја видам неговата Сплав на Медуза додека уште работеше на неа. Таа остави мошне силен впечаток врз мене така што кога излегов од неговото ателје почнав да трчам како луд и не застанав додека не којдов во мојата соба“. И навистина, сликата е извонредна, речиси шокантна, мајсторски сработена, импресионира со големината, изведбата, вознемирувачката атмосфера, потресните ликови… длабокиот очај и страдање на дел од посадата наспроти оние неколкумина кои први го здогледале бродот на спасението. Сликата била изложена на т.н. Париски салон во 1819 година (под насловот Сцена на бродолом) и предизвикала нескриено внимание на јавноста и на спонзорот на Салонот Луј XVII.   Се разбира, немам намера да ги наметнувам, па ни сугерирам моите впечатоци и современи поврзувања односно (ре)интерпретации на ситуацијата во Македонија последниве 2-3 години со оваа слика. Но, за мене, симболиката е очигледна, метафорите со нашата турбулентна „пловидба“ по патот на ЕУ интеграциите се повеќе од јасни, „живи“, речиси драматично пресликани. За оние кои можат/сакаат да ги видат, секако. Сликата Сплавот на Медуза е неверојатно сугестивна во таа насока, особено во делот на одговорноста на раководните луѓе во македонскиот ЕУ бродолом. Токму неспособните раководства во изминативе години се главната причина за хавариите на сплавот Македонија, од година в година, континуирано, непрекинато. Ако на главната оска на неспособноста викана ЕУ ги надоврзете и лошите економски политики, скандалозното справување со пандемијата, енормниот раст на корупцијата и криминалот во самиот врв на власта, сега и непредвидливата енергетска криза… катастрофата на македонскиот сплав добива застрашувачки димензии. Ние, за жал, броиме многу повеќе жртви од Медуза: само од пандемијата Македонија загуби безмалу 8.000 жители – речиси цел еден помал град – за само две години, бројот на неповратно иселените млади луѓе не го ни знаеме, како што не го знаеме ни бројот на потенцијалните баратели на подобар живот во други земји, довербата на граѓаните во раководните структури е сведена на едноцифрени проценти итн. Тоа се необјасниво поразителни резултати од партија речиси буквално внесена во власта на крилјата на народното незадоволство и протести, а којашто за кратко време успеа да инсталира режим во кој веќе сѐ е можно и, дури, велат оправдано! Сплавот Македонија нема пандан во современата европска историја по неукоста и неспособноста на неговата власт која едноставно не поднесува ништо што е поумно, постручно, покомпетентно од нејзините полуписмени претставници. Затоа, впрочем, и оваа катастрофа за којашто, за жал, нема спасувачки брод на хоризонтот.

СЛИЧНОСТИ И РАЗЛИКИ

Но, да продолжам со стратешките документи – оние три национални стратегии во културата во периодот од 2004 до 2022 година – и нивното промислување на културните вредности на општеството, од аспект на социјалдемократските разбирања за културата (стратегиите 2004-2008 и 2018-2002) и оние конзервативните, од т.н. десна провениенција (стратегијата 2013-2017). Многумина можеби ќе се зачудат ако речам дека де факто меѓу нив нема којзнае какви и колкави разлики, уште помалку (очекувани) конфликти од политичка природа. Велам очекувани бидејќи би било логично двата „идеолошки“ спротивставени блока – социјалдемократскиот и конзервативниот односно десниот – да се конфронтираат (и) во културата. Низ овие документи во глобала провејува унисоно гледање на културата, можеби тешко прифатливо но донекаде разбирливо имајќи го предвид игнорантскиот однос кон културата на двете страни.

Националната програма за културата за периодот 2004-2008 година, донесена во времето на владата на СДСМ, би требала веројатно да се гледа како производ на разбирањата и очекувањата од културата на таа политичка опција. И таа тоа (делумно) и го прави, веќе на стартот повикувајќи се на Законот за културата – исто така „чедо“ на социјалдемократијата од 1998 година – заборавајќи притоа дека тој неук, да не речам шарлатански, закон нема(ше) ама баш никаква врска со социјалдемократските идеи во културата туку пропагира(ше) некакви небулозни локални испрдоци промовирани како „концепти“, меѓу кои и категориите: национален интерес, поединечен интерес во културата, трговец-поединец, „класификацијата“ на дејностите во културата итн. Сепак, оваа Национална програма, иако не ги именува прецизно како такви, се држи до некои општи принципи на социјалдемократијата, посочени и како „темелни принципи“, и тоа: достапноста на културните вредности до сите граѓани (што пак, едновремено, е и десно-центристички принцип посочен уште од Малро!), разновидноста, отвореноста итн., а понатаму и главните цели како децентрализацијата, културата како развој, заштитата на културното наследство, поттикнувањето на современото творештво и др. Дури, како интересен факт, оваа стратегија изрично посочува дека „(…) таа е документ за културен развој втемелен на објективни, научни претпоставки, а во исто време заштитен и корективен инструмент од евентуалното субјективно, идеолошко или партиско артикулирање на националниот интерес“ (sic!). Дури и партијата што го промислувала овој документ се иззема себеси од неговото артикулирање!

Секако, со ова најмалку мислам дека националните стратегии во одделни области треба да бидат чисто партиско-политички обележани. Напротив, тие, стратегиите, се носат за области од јавен интерес – значи за сите граѓани, без оглед на нивната политичка односно идеолошка определба – но некако логично би било тие документи да содржат „идеолошки специфики“ што би претставувале обележје на периодот за којшто се однесуваат. Затоа воопшто и го спомнав тој „идеолошки“ аспект т.е. потребата од вградување на некакви општи „идеолошки“ елементи според коишто ќе може да се разговара за соодветни концепти, заложби, проекции итн. А сепак, од друга страна, не може да се тврди – барем сѐ уште не, дури и од оваа временска дистанца – дали општоста на овие стратегии односно неинсистирањето на некакви идеолошки диференцијации било намерно или случајно, дали (во крајна линија) имало позитивно или негативно влијание врз развојот на културата. Времето сѐ уште е кратко, нема никакви теориски проучувања, никој дури ни не се обидува да ја истражува оваа област…

Како и да ѐ, втората стратегија (2013-2017 година) донесена во времето на т.н. заробена држава и власта на ВМРО-ДПМНЕ, во еден голем дел се потпира на истите „темели“ како и онаа од времето на Социјалдемократскиот сојуз. Во „Основните начела и приоритети на културната стратегија“ таа ги посочува: националниот интерес во културата, правото на култура, слободата на уметничкото изразување, хармонизацијата на политиките на културен диверзитет, културата како развој… итн. Ништо ново или специфично „десно“. Во делот „Организациски, финансиски и административни мерки за реализација на националната стратегија“ и таа говори за потребите од децентрализација, деметрополизација, деетатизација и деконцентрација на културата, јавни и приватни партнерства… итн. Новина во оваа стратегија е Акциониот план за имплементација на националната стратегија како неопходен пропратен документ каде се временски се лоцирани главните активности, носителите, роковите и средствата, што е неопходен елемент за стратегиите од овој тип.

А сепак, меѓу куриозитетите, дури поларитетите, кај двете стратегии е нивниот однос кон граѓанскиот концепт на културата. Кај „социјалдемократскиот“ концепт во однос на достапноста се говори воопштено, за „сите граѓани“, за „цели општествени групи и слоеви“ и сл. Но кај „конзервативната“ стратегија се чувствува сменетата културна клима во општеството, при што се потенцира граѓанинот но „(…) независно од неговото потекло, етничка, верска, полова и политичка припадност (…)“. Логично ќе беше да е обратно. Но, понатаму, „конзервативната“ стратегија, во делот „Право на култура“, говори и за „вклучување на лицата со посебни потреби во културниот живот“, што е целосно заборавено во првата стратегија, итн. Понатаму, логично ќе беше во „социјаледомократскиот“ концепт да се спомне заложбата за културни права на ЛГБТ заедницата – нешто што беше направено во 2018 година – но изгледа тогаш кај нив сѐ уште не беше созреало тоа сознание. Притоа, еднакво логично е што оваа групација поименично не се спомнува во „конзервативниот“ концепт заради нивниот познат однос кон оваа заедница, итн.  Она што исто така е заедничко за овие две стратегии, па и за третата којашто сѐ уште е во сила, е нивото на нивното неисполнување односно нереализација на зацртаните цели, приоритети и проекти. Некаде помалку, некаде повеќе, со или без „објективни“ причини, оваа пракса очигледно се задржала до денес (не само) во културата. Ова општество како да свикна дека документите, дури и оние најважните (Уставот и законите) во државата, се пишуваат и донесуваат само заради исполнувањето на формалностите, за показ пред меѓународната јавност дека и ние се раководиме од некакви демократски принципи зацртани во документите. За потоа целосно да ги заборавиме, не само во некои безмалу неважни детали – иако за такви не би ни требало да има простор во такви важни документи – туку и во оние сегменти што (треба да) ја профилираат државата како навистина демократска, современа, европска, цивилизирана… Ако за стратегијата 2006-2008 може да се најдат оправдувања бидејќи важноста на истата беше прекината со изборите во 2006 година и доаѓањето на власт на друга политичка опција, за онаа за периодот 2013-2017 година нема апсолутно никакви оправдувања. А таа е репер за благоглаголивост наспроти пракса, за игнорирање на темелните уставни и законски принципи во државата не само во културата итн. Зашто, ако се повикувате на правото на култура, тогаш тоа треба и да го спроведувате, секојдневно; ако се залагате за слобода на уметничкото изразување не можете/не смеете Министерството за култура да го направите главен цензор во државата; ако говорите за децентрализација, деметрополизација, деконцентрација… на културата тогаш треба да поместите некои нешта во тие насоки итн. За жал, таквата неодговорност од времето на заробената држава, не само во културата, како да беше високо заразна – еве ја сѐ уште суверено владее низ државава.

РАЗГРАДЕНО ОПШТЕСТВО

Ако е точна – а впрочем, нема логична причина зошто не би била точна! – теоријата на Шварц дека културата не му е инхерентна на човекот, дека таа е „вон“ индивидуата но која ги прифаќа вредностите и се однесува согласно нив заради „притисокот“ на којшто луѓето се подложени бидејќи живеат во еден социјален систем, тогаш, повторно, македонското општество е само уште една нејзина потврда. Повеќедецениското отсуство на потребниот културен „притисок“ – во семејството, училиштето односно целото општество – одамна го направило своето. Дури, би се осмелил да речам дека државата како примарен механизам-двигател на општеството систематски и континуирано го фаворизирала намалувањето на тој „притисок“ во спротивната насока: дека културата е небитна, дека општеството може и без неа, дека економијата е единствениот важен приоритет, дека простата акумулација на капитал води кон благосостојба (веројатно, но само на повластени поединци!), дека и партијата е поважна од државата/општеството итн. Таквото некултурно општество, општество без базични вредности, не е и не може да биде прогресивно, современо, демократско… општество за сите! Впрочем, многумина теоретичари одамна ги специфицирале силните врски помеѓу културата/културните вредности и стабилната демократија, како и културните вредности и економскиот развој.

Се разбира, секој кој ќе приговори дека ние развиваме демократско општество само три децении, ќе биде – барем делумно – во право. Велам барем делумно бидејќи тој „некој“ кој (потенцијално) би го кажал тоа би морал да биде релативно помлад односно да не е во позиција искуствено да го познава системот во некогашна Југославија, а со тоа и во Македонија во времето на социјализмот. И јас ама баш никако не сакам да сугерима дека тоа било време на којзнае каква демократија, или социјалдемократија, ама сепак било време на демократија и социјалдемократија многу поголема и реално „поопиплива“ од овој монструм што го имаме денес! Се извинувам за оваа дигресија, ама таа е неопходна бидејќи денешниве генерации приучени политиканти постојано го наметнуваат ставот дека ова денес е некаков супер систем за којшто граѓаните треба да им бидат благодарни. Тоа, секако, не е така, но малкумина јавно се занимаваат со овие прашања. Затоа и полето на современиве политиканти е така широко. Оние пак доволно возрасни да ги паметат двете времиња – меѓу нив и многу универзитетски професори, како оној, на пример, кој неодамна доби и некаква локална награда за научен придонес – бегаат од таквите компарации како ѓавол од крст бидејќи, едноставно, немаат поткрепа за нивните денешни манипулантски тези. Или, и не само за културата и вредностите, зошто актуелниве двајца политиканти од истата универзитетска катедра, не се појавија/пројавија пред 1990-та, или барем во таа прва деценија по осамостојувањето, со тезата за македонската „заедничка историја“ со источниот сосед? Зошто такви „специјалитети“ сервираат денес, во една недоквакана политичка клима, во време на неуки „лидери“ и морално распродадени персони? Или зошто некој доволно возрасен од сегашниов Социјалдемократски сојуз не се дрзнуваше да се однесува вака профитерски на сите општествени полиња, зошто денешната интелектуално импотентна социјалдемократска „мисла“ спадна на триесетина илјади членови без еден, барем еден, сериозен интелектуален глас? Тоа се прашања за денешната социјалдемократија, за денешната демократија воопшто во Македонија. А меѓу тие прашања и прашањето за местото на македонската култура во системот на вредности, секако. Или, во она време додека сѐ уште беа живи големците на македонската културна мисла, а меѓу нив секако и еден Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски…, ќе смееа ли овие интелектуални џуџиња од профилот на двајцана „професори“ или оној „интелектуалецон“ кој се осмелува дури и Пиноче да ни го подметнува како некаков реформатор на таков начин да се доближат до суштествените теми за државата? А впрочем, ако идентитетот не е културна вредност пар екселанс, што е?     

Секако, темата на културните вредности не е инстант прашање решливо за година-две, или еден мандат. Тоа се оние таканаречени „long-run growth“ егзистенцијални прашања што се градат безмалу цел еден живот. Впрочем, токму Македонија е пример за таа теза, бидејќи речиси од феудална провинција зачекори директно во социјализам. Нејзиниот економски, политички, образовен, научен… и особено културен развој беше граден систематски, со знаење и во континуитет. Во тој систем умно беа вградувани културните (подразбирајќи ги во најшироката смисла на зборот) вредности и дострели на личности од форматот на еден Цепенков, Мисирков, Чуповски, Пулевски, Папрадишки, Зографски, Чернодрински, Дамјанов…, како и оние непосредно пред и особено по формирањето на независната држава по 1945 година. Тоа е тој долгорочен „план“ и „притисок“ што обезбедува континуитет на националната, културната, општествената… мисла, а којшто ние со сити сили се обидуваме да го прекинеме. Од оваа дистанца, и токму на планот на оној спомнат „long-run growth“, нашата самостојност и сувереност од 1991 година наваму повеќе заличува на дисконтинуитет во секоја смисла на зборот. Ама изгледа (и) тоа некому му одговара! Кога говориме за континуитети и општествени „притисоци“ во насоката на прифаќањето и траењето на културните вредности, не можете да не им завидувате на современите европски демократии и нивните „притисоци“ во таа насока, па ни на нашите соседи во регионот. Дури и едно Косово – ако го гледаме како некаква најмлада форма на „државна“ творба – успева да најде културни корени во минатото и ги негува во сегашноста, разбирајќи ја нивната важност за општеството. Паметните држави градат општества, не ги разградуваат; градат вредности и култури, не ги уништуваат. Никако не мислам дека баш сѐ што сме учеле за македонската историја и култура од – ајде да се задржам на Словените – 6-от век наваму ни било најпрецизно истражено и предавано, имало, се разбира, многу национален романтизам, па и национализам во тие текови, ама денес да кажеме дека од 1945 година сме живееле во лага и историско-културен мрак е чисто безумие. Бласфемија. Тоа не го прави ниту една нормална држава, ако е држава, ниту еден народ, ако е народ. Таму коекаквите бучковци едноставно ги бришат со гумичка! Ние задолжително мораме постојано да се навраќаме, научно, на сите периоди од македонската историја и да ги доуточнуваме, но како кога македонската наука, образование и култура се на маргините на општеството? Кога општествениот „притисок“ оди во спротивната насока од потребната – ги уништува инструментите на неопходниот позитивен курс на државата? Научните и културните институции кај нас со децении се сведени на мизерно преживување, без базични фондови за сериозна стручна работа. Но затоа партиите на власт се расфрлаат со огромни буџетски пари за идиотски „проекти“ на нивни членови и симпатизери преку разноразни ТИРЗ, ФИТР, АФ, АВМУ… и останати налудничави фондови, фондчиња, агенции и др. Комплетната деградација на научната, образовната и културната мисла во Македонија особено во последниве петнаесет години доведе до рапидно влошување не само во внатрешните работи на државата и туку и во нејзините надворешно-политички односи раководени од тотално неуки и неспособни поединци. Во такво „општество“, во општество без позитивни импулси и стимули насочени кон граѓанинот per se и кон градењето на чувството за право и правда, еднаквост, демократичност, култура, заедништво, историја… односно културни вредности заменети со парцијални партократски и крајно субјективни и сомнителни „критериуми“ за вредност, не може да има современа демократија и прогрес без оглед колку власта – оваа или некоја друга – се обидува тоа да го наметне. Индивидуата – граѓанинот одамна го загубил компасот односно го заменил со друг, нов, не со страните на светот односно културните вредности туку со страните на партократските малверзации и криминали, со општата коруптивност како современа дефиниција на македонскиот политичар, со етноплеменски заедници што егзистираат една покрај друга а се здружуваат само и единствено во криминални операции. Едно такво „општество“, каде што осведочени криминалци стануваат бизнисмени, па дури и владини преговарачи во тензични меѓусоседски историски прашања, каде секоја шушумига станува советник на премиерот, владин службеник, директор на фонд или јавно претпријатие, а коекакви умислени шарлатани сметаат дека имат право да ни држат предавања за тоа кои сме и што сме… е таквото „општество“ се трансформира во приватна дај-дам фирма којашто тргува со сѐ и сешто, па дури и со такви поими како културни вредности, демократија, идентитет, име на држава, историја… итн. И мислат, дури, дека историјата ќе ги запамети по нивните дела, несвесни дека тоа се недела против државата, народот, демократијата, правото и правдата, културата…

„СИСТЕМ“ НА НЕВРЕДНОСТИ

Прашањето дали воопшто македонските политички партии во нивните базични политички определби подразбираат и соодветни стратешки програми за културата прозлезени од нивната политичка провениенција не е техничко прашање. Тоа е всушност можеби и најтешкото прашање за политичките партии, односно: на што ги темелат нивните (пред)изборни програми и потоа – ако и кога ќе ја „освојат власта“ – нивните културни политики. А одговорот е можеби уште потежок и се движи помеѓу двете крајности – и да и не!       

Како и да е, почнав со социјалдемократската идеологија и понатаму ќе се задржам само на таа идеја во културата од проста причина што и првиот македонски стратешки документ по осамостојувањето – Националната програма 2004-2008 – е донесен во времето на владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија 2002-2006 година. Но, притоа, мора да се има предвид дека оваа партија (основана на 20 април 1991 година, основач Бранко Црвенковски) управувала со државата и претходно, односно во периодот 1992-1998 година, во време кога во културата се донесени и низа важни мерки (на пр. Законот за културата) коишто, по логиката на нештата, би требало еднакво да ја одразуваат идејата на/за социјалдемократските вредности во целото општество а не само во културата. Дури и една бегла анализа како мојата покажува дека тоа не е баш така. Или, поточно, дека токму партијата што треба да ги промовира социјалдемократските вредности (и) во културата, не знае како тоа да го направи. Или не знае кои се тие вредности?

Ајде прво да видиме што вели историјата/литературата токму за тие социјалдемократски вредности. Кои се тие, какви се, што сакаат…? Оние „оригиналните“ – слобода, еднаквост, солидарност, правда… – се веќе толку профанисани и (зло)употребени од сите политички опции што тоа е веќе мачно да се чита. Без оглед што овие вредности се и базични хуманистички вредности уште од Француската револуција во 1789 година, а оттогаш и основни вредности на „главните“ меѓународни организации (ОН, Конвенцијата за човекови права, СЕ, па дури и НАТО итн.) тие многу често, сѐ уште, се лиферуваат како исклучива сопственост на социјалдемократијата, што не одговара на вистината. А често на нив, и речиси само на нив како на некаква лична своина на социјалдемократите, се темелат и нивните програми/стратегии во културата Оттука, а врз основа на претходното, прашање е можеме ли воопшто да говориме за такви (социјалдемократски) вредности кога тие стануваат општи вредности, дури и кај (условно) десно ориентираните политики, па и на една (повторно условно) конзервативна ВМРО-ДПМНЕ? Или, ако баш сакате, кај нас последната вест вели дека најкорумприрани во државава се министрите, пратениците, градоначалниците, правосудниот систем, јавната администрација… што ќе рече речиси целиот актуелен државен социјалдемократски апарат што управува со државата! И сега, за што да разговараме? За поблиското минато, за нештата во 1992 година, или во 1998, или во 2002…? Можеме и тоа, но која е смислата? Или на актуелниве социјалдемократи им е важно како би биле прикажани во минатото но не и во сегашноста? Ама и оваа сегашност веќе утре ќе биде – минато! Следствено, што останало од тие вредности, барем кај нас? Но сепак, вреди да се преповторат слободата, еднаквоста, солидарноста, правдата како базични вредности на социјалдемократијата, па и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, а во тој контекст тие (треба да) се инхерентни и на културната демократија како културни вредности, дополнети со плурализмот, партиципативноста, достапноста… како дел од културните политики на едно социјалдемократско општество.     

Но, повторно едно „но“: ако овие вредности, во нивниот оригинален облик или само бегло преформулирани, ги наоѓаме како темелни вредности и во стратешките документи на (условно) десните, центристичките, конзервативните… политички опции, како во таков случај ќе ги разликуваме односно квалификуваме нивните културни политики? Поточно, дали денес полека се брише границата дури и помеѓу дијаметрално различните политички опции во однос на културата, културните вредности и културните политики, или тоа е случај само кај нас како одраз на недефинираноста на овие вредности кај македонските партиски субјекти од различна политичка провениенција? Тема за длабоки анализи, несвојствени за македонската реалност. На пример, дали УНЕСКО е социјалдемократска (меѓународна) организација? Не е, се разбира, но сепак кога говори за партиципативноста во културата УНЕСКО вели дека таа се однесува на „the ways in which ethnically-marked differences in cultural tastes, values and behaviours inform not just artistic and media preferences but are embedded in the daily rhythms of different ways of life; and of the ways in which these connect with other relevant social characteristics – those of class and gender, for example“! Многу потсетува на нашето „Едно опшТество за сите“, со таа разлика што оваа организација така се раководи и така се однесува!

Од друга страна, мислам/сигурен сум дека ние сѐ уште не сме расчистиле ни за значењето на поимот „вредност“, или „културна вредност“. Што е тоа вредност, а што културна, или политичка или некоја друга вредност? Ние само ги пластиме зборовите без да ги согледаме нивните основни и пренесени значења. Дали под вредности го подразбираме само она што е добро во однос на она што е „лошо“, и што е тоа што е – лошо? Ако неморалноста, криминалот, корупцијата се лоши, како тогаш се објаснува нивната раширеност низ сите пори на оваа власт, од врвот на пирамидата до подножјето? Тоа ли е социјалдемократијата разбрана на македонски начин? Шварц (Schwartz, 2009) вели дека вредностите како некаков културен идеал се изразени во нормите, практиките и институциите и влијаат врз однесувањето и ставовите на луѓето како легитимни или нелегитимни, па следствено се стимулирани (или обесхрабрувани) во различен социјален контекст. Кои и какви вредности денес, па и во поблиското минато, влијаеле/влијаат врз однесувањето на македонскиот граѓанин? Оние погоре спомнатите? Зошто го велам ова? Затоа што Шварц едновремено вели и дека културата не му инхерентна на човекот, таа е „вон“ индивидуата, но таа ги прифаќа вредностите и се однесува согласно нив заради „притисокот“ на којшто луѓето се подложени заради фактот што живеат во еден социјален систем. И сега, ако го погледнете овој социјален систем во којшто живееме веќе петта години, но и оној во којшто живеевме од 2006 до 2017 година, појасни ли ви/ни се состојбите во македонската култура? Штом политичките партии цели петнаесет години го оставиле гражанинот во културен мрак, го задоиле со криминал и корупција, со не-вредности и анксиозна атмосфера на беспомошност и безизлез, за каква култура (ќе) зборуваме: за „СК 2014“, за девастираниот Охрид, Курбиново, Матејче, за театрите во Струмица и Штип но и „Театар Комедија“, за Фондот за иновации, за магарињата, за Агенцијата за филм и ДФРМ… за болницата во Тетово и автобусот на автопатот „Струма“… за четиричленото семејство со 17.000 денари… за „историјата“ на Бучковски и „фашизмот“ на Биљали… за што?   

ПОЛИТИЧКАТА ПРОВЕНИЕНЦИЈА НА ВРЕДНОСТИТЕ

Не знам, не сум сигурен дека може така лесно да се најде друга цивилизирана држава – барем не во Европа – којашто со такво игнорирање, дури потценување се однесува кон своите стратешки документи, оние што самата ги напишала и озваничила низ официелните процедури. Зашто, да имаш во континуитет три такви документи – национални стратегии – и да покажеш такво целосно непочитување кон истите, а едновремено и кон своите највисоки демократски инстанци, говори за политичка и национална незрелост, за мајтап со сопствената држава и институции и апсолутна неписменост/непознавање на значењето на културата во современиот свет. Во нормални општества влади паѓале и за многу помали, дури безначајни нешта. Но, тоа само уште еднаш, по илјадити пат, ја потврдуваа онаа честа констатација за нас: дното на коешто се наоѓаме сосема ни одговара бидејќи самите си го создадовме!

Но, она што во моментов е интересно е политичкиот контекст/аспект на ваквиот однос кон културата односно моето досегашно пишување на оваа тема се обидува да го постави, и осветли, ако може и колку може, следното прашање: дали овие стратешки документи за културата целосно и релевантно ги одразуваат (и) партиските ставови на соодветните политички опции во Македонија, односно нивните (условно) десни, центристички, леви… или дури и некакви комбинирани согледби за/на културата? И имаат ли воопшто македонските партии некакакви програмско-политички ставови за оваа област или се поведуваат од мигот, од состојбите, од сугестиите на малкуте членови кои колку-толку ја разбираат современата култура и културните политики? Ако пак ги имаат, зошто таквите програми не се објавуваат јавно? За да знаеме кои тоа полит-културни, или „културни“, вредности се преточени во стратешките документи на државата во времето на управувањето на таа политичка опција. Некој можеби ќе рече дека спомнатите документи се токму тоа, односно дека Националната програма 2004-2008 и Националната стратегија 2018-2022 година се социјалдемократски гледања на културата, а Националната стратегија 2013-2017 е одраз на разбирањата на културата на ВМРО-ДПМНЕ т.е. на нивната десно-центристичка или конзервативна провениенција. Но тоа не е баш така. Прво, овие документи се резултат на коалициски договори на тогашните влади, со не нужно исти па ни слични политички ориентации на партиите во коалицијата. Не мора да сте биле учесник во некое такво „преговарање“ или „договорање“ апропо одделни државни политики, па и во културата, меѓу другите.  Тоа во голема мера ги условува овие документи како некаков неопходен компромис на партиите во коалицијата, а не на стриктно политички документ на една политичка опција. Второ, за да овие документи бидат и партиско-политички програми, би требало да имаат основа во некакви претходни партиски програми за одделни области – во случајов за културата – а тоа не одговара на реалноста во Македонија.

Или, уште подиректно поставено, прашањето би гласело: имаат ли воопшто македонските политички партии нивни стратешки програми за културата, базирани на нивната политички провениенции односно определби? Тешко прашање, уште потежок одговор: и да и не!  Дури, би се осмелил да речам дека македонските политички партии од обете „крила“ немаат ни претстава која и каква би била нивната културна опција врз основа на нивните партиско-политички програми. Знае ли некој во СДСМ која и каква е социјалдемократската политичка кауза во културата? И кога некој таму би го знаел тоа, зарем би допуштил така отворено таа да се игнорира преку комплетното запоставување на актуелната стратегија како плод/резултат на нивното управување (и) со културата во овие четири години? Или кога оваа политичка опција во изминативе петнаесет-дваесет години отворила јавна дебата за културата, за социјалдемократските вредности во културата, за социјалдемократската политика во културата, за долгорочните развојни компоненти во оваа област и нивниот однос кон истите? Никогаш, па ни тогаш! Тие, да простите, ниту имаат поим дека социјалдемократското движење е и културно движење, дека оваа политичка опција секогаш ја имала во прв план (и) културата, но не само како уметност туку и како образование, заштита на културното наследство, општествена форма на соживот итн. Многумина во еден ваков контекст ќе приговорат, и за жал ќе бидат во право, дека ние, денес, социјалдемократската идеја не можеме да ја видиме ни во другите области на општественото живеење, најмалку во економијата, социјалата, образованието, здравството… дури, би се осмелил да речам, на дело гледаме сосема спротивни, или спротивставени карактеристики од оние социјалдемократските. Ако ги погледнете економските политики во државава ќе видите поддршка една олигархиска врхушка и никаква грижа за развојната економија. Токму „социјалдемократската“ идјеа во политиката ја форсира олигархиската „економија“, не водејќи сметка за помалите и средните бизниси, за човекот, за граѓанинот… А впрочем, што беше оној фамозен потег со смената на еден реномиран универзитетски професор и економист од ресорот финансии токму заради инсистирањето на поправична и во суштина социјалдемократска даночна политика и неговата замена со она неуко детенце кое требаше да свири по нотите на „големиот“ бизнис на премиерот и неговите пајташи? Или комплетното запоставување на обврските кон граѓанинот како финансиер на јавното здравство и фаворизирањето на приватното здравство – особено во времето на пандемијата – како крајно нелогичен, нетипичен, недржавнички и антисоцијалдемократски потег во здравствената политика? И можете така да „шетате“ низ сите ресори и да не успеете да идентификувате барем еден издржан социјалдемократски потег на оваа „социјалдемократска“ власт. Оние бомбастични флоскули за едно општество за сите стојат само на хартија, но никако да заживеат и во реалноста!

Се разбира, ќе има упатени гласови кои ќе кажат дека во владејачката гарнитура, на сите рамништа, всушност и нема човек кој разбира што е тоа социјалдеморатија, кои и какви се/треба да бидат нејзините политики и приоритети итн. И ќе бидат во право. Од целата социјалдемократска идеја останало само името на партијата како осамен политикантски меѓник. А тоа не е доволно, никако не е доволно! Или можеби во нивната „социјалдемократска“ свест навистина се врти како точна последната изјава на една нивна „еминентна“ претставничка  дека „четиричлено семејство може да го помине месецот со 17.000 денари“? Искрено се надевам дека и таа, како и многу други слични изјави од оваа гарнитура не се само резултат на нивната неукост и глупост туку се случајни лапсуси, ама не сум сигурен. Премногу „случајности“, пречести „лапсуси“, премногу незнаење и идиотштини… премногу бучковизам и биљализам во актуелната македонска социјалдемократска „политика“! Дали (и) заради тоа и збирштината нарекувана социјалдемократска културна политика е таква каква што е?