Monthly Archives: August 2018

ПАРАДОКС

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (6)

Најголемиот парадокс во негувањето на македонската култура на молкот е фактот дека наместо гласот / гласноста на оние кои денес го имаат апсолутното право на јавен говор, ама – за жал – одбрале да молчат, нивното место го завземаат оние кои по сите морални стандарди би морале да (за)молчат. Еднаш и засекогаш. Би морале да замолчат зашто токму нивниот говор и во блиското минато, а кај некои и особено нивното секојдневно чинење во спрега со и за сметка на злосторничкото здружение, но и своја лична, ја доведе македонската држава – особено македонската култура и уметност – на денешново рамниште на непрепознатлива збирштина на неуки, нестручни, непрофесионални и во крајна линија криминални практики и „идеи“ на која што не може да и’ помогне ни некој алхемиски камен на мудроста. Некој ќе рече, и ќе биде во право, за жал, дека таквиот парадокс е не само наша сегашност туку и наше минато, нешто на што одамна сме свикнале. Не знам, можеби, но мислам дека порано, дури и во „проколнатиот“ социо-комунизам, правото на критички збор беше некаков достигнат апсолут во кој што дури и најдрските „комуњари“ веќе не смееа да чепнат. Не сакам да мешам други персони и ситуации, ама можам лично да сведочам дека во изминатите четириесетина години на континуирана активна работа на полето на критиката на уметноста и културата – некаде до 2006 година и доаѓањето на власт на криминалното здружение преоблечено во парталите на „најпатриотската“ политичка партија – речиси и да не паметам дека сум имал проблем со напишан и објавен збор во некој од македонските печатени и електронски медиуми. Дури и во време кога сум бил званичен „функционер“ во Министерството за култура, на пример, но сум имал спротивно мислење од тогашниот министер (во случајот Унковски) апропо „вредностите“ на Законот за културата, и тоа мислење јавно и континуирано, со месеци и во продолженија, го искажував на страниците на тогашна „Нова Македонија“. И за тоа, секако, сум му благодарен и на Унко (впрочем, мислам дека тој монструм закон му беше комплетно наметнат од тогашни недоветни партиски структури) и на (тогашна) „Нова Македонија“ (Потенцирам: тогашна, зашто она што денес го читаме на нејзините страници е чист резил за традицијата и реномето на весникот, а за што ќе пишувам подолу!). Но затоа, од 2006 година наваму, во неколку наврати ми беше отворено посочено во неколку весници и месечници – да не ги спомнувам електронските „медиуми“ – дека моите текстови / прилози се непожелни, дури и од (денес) многу „демократски“ настроени (тогашни) уредници а сегашни новинари, дури и во „гласила“ во сопственост на, демек, (повторно) демократски ориентирани сопственици. И на тие простаци им ја видовме демократичноста, соголена до коска. Но и простотијата, иако некои од нив, велат, ќе се кандидирале за претседател на државата (sic!).

Денес? Денес со медиумите – весници, портали, телевизии (чест на исклучоците) – владеат полуписмени профитери, шушумиги и шмизли кои не се способни ни чевлите да си ги врзат, ама затоа на екраните и страниците, и зад нив, се „неприкосновени“ во дилетантството, незнаењето, навредувањето, во водењето на некои нивни селски „политики“ … а сето тоа под заштита на нивните по правило празноглави главни уредници за кои ни Господ не знае за чии интереси работат. Или, на пример, кој имаше полза, или интерес, особено од електронските медиуми, секојдневно да ни го сервира оној стуткан ко армоника ама арогантен дилетант Божиновски, за чија (политичка) припадност и послушност – а ние као не знаевме, нели? – деновиве разбравме од „бомбите“ во македонските судови? И сите паднавме во несвест, нели, па како је то могуќе? Или и зад таа игра имаше и други, подлабоки игрички, или игришта? И уште, како е можно онаа „Нова Македонија“ и понатаму да објавува „длабоки мисли“ на библиотекарон-академик, оној истиот што не’ „закрпи“ со толку милиони евра по подрумите на македонските културни институции а сега не’ плаши со незнам какви црнила што ќе се случувале со земјава само затоа што неговото злосторничко здружение не е повеќе на власт, а некои богами ќе мораат и да одлежат? Па како никој во оваа држава и во таа „Нова Македонија“ не се запраша каде беше тоа човече до вчера, каде кмишеше како безгласна буква и што правеше додека не се појавија ова криминалциве да го сместат во ману (малите букви се израз на моралноста и кредибилитетот на таа „институција“!)? Па и други примероци во тоа дувло, меѓу кои и една некогашна претседателка на општинска конференција на социјалистичка младина (sic!) која исто така милува да морализира за денешните демократски вредности? А можеби таму ќе ја приберат – колку за да бидат покомплетни – и онаа „професоркана“ која пак многу милуваше да ни биде претседателка, а сега живи жаби блуе по се’ и сешто што барем малку заличува на нормалност во оваа држава? И не се само тие, за жал. Да беа, белки некако ќе се справевме со нив. Ама многу се, и веќе не знаеме во чија полза а за чија штета работат. Односно – знаеме, само, демек, се правиме мутави. Ама тие не се. Мутави. Тие се безобразни, бесчувствителни, аморални човечиња кои точно ја прочитале климава на молк и ја користат до сто-и-едно, и назад. Ене, велат, и онаа бившана „министерка“ – не пуфлата, таа не знае главата кај и’ е – онаа која со еден гнасен приватник од Белград трампеше бисери од збирката на Националната галерија за некакви крајно сомнителни „дела“ од Мартиноски и едикоиси, е и таа искажувала „мислење“ – види мајката! – за работната група која предложи целосна преработка на Музејот на хоророт. Пази богати, со што ли пак таа „мисли“, да ми е да знам?

Оттука и парадоксот: наместо македонското општество по победата на демократската идеја (и) медиумски да заздравува, ние и понатаму тонеме. Наместо на страниците на весниците и порталите (чест на исклучоците) и на „малите екрани“ да читаме и гледаме критичка мисла и јавно соголување на македонската катастрофа наназад една деценија, ние и понатаму ги гледаме, слушаме и читаме истите партиски паразити, истите секогаш гладни профитери и нивните мрачни сценарија. Ама, велат, и тоа е закон на физиката: празниот простор некој/нешто ќе го пополни!

АПАТИЈА ИЛИ ИНТЕЛЕКТУАЛНА ШИЗОФРЕНИЈА?

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (5)

Дали, на пример, оној крајно простачки и во основа националистички јавно изведен „перформанс“ наречен „Je suis Krsto и остала багра“ пред Кривичниот суд е нешто што македонската критичка мисла треба туку-така да го игнорира (како што впрочем и е’ игнориран, повеќе или помалку, особено од културњаците, иако таму тие го водат орото!) – како, демек, да не се ни случил иако беше прикажан на сите електронски медиуми, во различен контекст и со спротивставени коментари, според „афинитетите“, се разбира – или треба(ше) да се реагира веднаш, остро, јавно, недвосмислено? Се разбира, не мислам дека таа будала, и сите други, треба(ше) да се апсат, никако, зашто револтот и демонстрирањето, велат, било демократско право (кое што нам, во нивно време, ни беше ускратено, ама нејсе!), туку токму заради правото, и обврската кон македонската јавност да ја слушне и „другата страна“, онаа (условно) поумната, или барем подемократската, која што токму на таа јавност, а овде ја имам предвид особено помладата популација, ќе/би и’ укажала дека тоа е не само несоодветен начин на демонстрирање на демократијата туку е и целосно недемократски бидејќи поддржува незаконски, неуставен, криминален, бандитски упад во Собранието на РМ и обид за убиство на пратениците на тогашната опозиција. Ама – не, кај нас тие нешта се мерат според некои лични „мерки“, оние кои што не ги мерат демократските придобивки за државата, туку токму оние другите, оние личните кои прашуваат: а што имам јас од тоа, а што ако утре овие, па и тој Крсто, се вратат на власт, а што ако … ?! Таквиот резон, таквиот двоен интелектуален морал не води кон сегашна и идна демократизација на јавното мислење и процесите во државата туку подучува на приземна калкулантска, опортунистичка, опасно недемократска и крајно (без)лична диоптрија на актулените настани. А токму тое сме ние, денес! Зашто ако ни се протнуваат вакви и слични настани без соодвента јавна реакција, ако секакви бараби изигруваат херои во јавноста, некои дури и со „махинално мавтање со раце“, а не се ништо повеќе од организирани платени убијци и нивни помагачи, тогаш каква порака им испраќа оваа држава на младите генерации? Дека „махиналното мавтање со раце“ е нешто што народните пратеници го прават во слободно време, или дури и кога се на работа, ама тоа не е повикување на толпата да влезе во Собранието и да направи масакр туку е некаква вежба за раздвижување после напорно седење? Или кога оној вели дека е Крсто, не мисли дека и тој би ги отворил вратите за барабите туку се идентификува со ликот ама не и делото на дотичниот? Или кога онаа будалетинка, наводно, ги читала стиховите на Конески од говорницата на пленарната сала на Собранието на РМ – а патем и тој „махинално мавташе со рацете“ – тоа да ти било некој актерски перформанс во функција на новите културни политики каде нема простор каде што културата не може да влезе? Мислам, ние свесно се правиме малоумни, сме навистина малоумни или … што е третата опција?!

Но, добро, тоа се, некој ќе рече, „високи политики“ и македонскиот интелектуалец тоа веднаш го фаќа, онака – во лет, и затоа молчи. Можеби, јас тоа никако не го научив, тоа околу високите и ниските политики. И летот. Ниските, додуша, секој божји ден ги гледаме. Високите – ама баш никако. Ние, за жал, се соочуваме не само со тотален молк туку со невиден, катастрофален колапс на јавниот критички збор во целото општество, а особено во културата, со целосно нечинење односно незаинтересираност за чинење се’ додека ни доаѓа месечната (платичка, се разбира), дури некој сиот овој циркус би го нарекол апсолутна апатија во македонскиот социополитички и културен/творечки простор. Јас – не. Јас мислам дека ова е нешто подлабоко, пошизифрено, полошо. Нашата култура на молкот не се ни обидува да прави разлика помеѓу добро и лошо, квалитет и неквалитет, дело и не-дело! За неа сето тоа е исто: едно големо ништо, една мртвост која што треба таква и да остане.

Или, ако она претходноно навистина некој го смета за „висока политика“ во која што за интелектуалецот нема место, како би ги објасниле сите други „поприземни“ нешта на кои што истите тие „професионалци“ (повторно) останаа неми, безгласни букви  пред очекувањата на јавноста? Без, на пример, соодветна реакција – стручна, компетентна, професионална, промптна, обединувачка – остана уништувањето на неколку македонски историски ремек дела од областа на современата архитектура: „Зградата на ЦК“ на Муличковски, како прво! Но без соодветна реакција остана и историскиот потфат за валоризација на модерната македонска архитектонска мисла, неодамна, во Музејот на модерната уметност во Њујорк. Зошто, заради љубомора, завист, што ли?

Ако пак македонската критичка реч не реагира на вакви културни „бомби“, зошто тогаш би реагирала, на пример, на нечија бизарно прозаична намера да прави книга крстена „За македонцката фотографија“ (sic!, сепак не е виц, уште во насловот), за која што, дури, добил (ни мање ни више) пари од Министертвото за култура, а книгата ја рекламира како пресек на се’ она што е актуелно и современо (sic!, уште еднаш) во македонската фотографија, во која што ќе вклучел дури 100 современи македонски фотографи (sic, по третпат)! Е сега, како да му кажеш на „стручњаков“ дека Македонија нема толку квалитетни фотографи вкупно од времето кога фотографијата се појавила кај нас (ако дотичниот знае кога се појавила!)? Односно, да имавме барем 15-20 квалитетни современи фотографи последниве 30 години ќе бевме на коњ, ама човеков решил да промовира цели 100, ни мање ни више. Ок, добро, можеби знае подобро од сите нас, ама, не лези враже, „стручњакот“ дури и јавно признава дека не умее да направи селекција туку преку формулар-пријава бара од фотографите самите да се пријават и да испратат 10 фотографии за „книгата“! Можете да претпоставите на што ќе личи тоа чудо? И за тоа Министерството „проценило“ дека е „национален интерес“ и дало пари? И за сето ова молчи и Фото сојузот на Македонија, па АИКА, па институциите кои што по дефиниција би требало да се занимаваат (и) со фотографијата, ама молчат и оние малкумина сериозни македонски фотографи. Или, си велат: после се’ што и’ се случуваше на македонската фотографија во изминатава деценија – од „книгана“ за македонската фотографија на МАНУ (сосе епохалниот бисер дека „фотографија стана релевантен естетски феномен, дури кога се вгради во другите уметности“), па еднакво епохалното „стручно“ согледување дека фотографијата заслужува внимание само ако со неа се бават ликовни уметници, итн. – можеби ова ќе даде некаков резултат? Ќе даде – шипки варени, како што дадоа и претходните, зашто не може да има резултат без соодветно стручно знаење! Или тоа нам не ни е многу битно? Ќе редиме, едно по друго, неквалитетни ама скапи промашувања? И во таа насока, можеби некој од спомнатите ќе реагира дека прескапо платената монографија за браќата Манаки сега се дава како донација, па се продава на име помош „на тешко болно дете“!?

Е сега, ако македонската јавност навистина повеќе „се пали“ на голиот газ на шмизлана Лила, не сметаме ли дека сме паднале премногу ниско? Или навистина некој се двоуми дали нештата ќе се сменат ако јавноста, особено стручната јавност, реагира на соодветен, сериозен, компетентен начин на сите будалаштини што ни се случуваа(т)? Зарем некој навистина се сомнева во тоа, денес, на крајот на втората деценија на дваесетипрвиот век и после се’ што видовме во изминативе години?

МРТВОСТ

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (4)

Треба да се читаат умни, учени луѓе. Тие можат да ни помогнат полесно да ги разбереме состојбиве во кои што се наоѓаме, да ги додефинираме, ако можеме, па дури и поедноставно да најдеме излез. Ако сакаме, се разбира. Па оттука, треба да се чита, на пример, Кица Колбе, која дава најдобра (досега) дефиниција за „антиквизацијата“, за „Скопје 2014“ и неговата инсталација во централното градско подрачје. Вели: „сугерираат мртвост“! И тоа, таа мртвост, е толку болно точна за се’ што е таму видливо, и невидливо. Невидливото можеби уште повеќе. Но највеќе боли што мртвоста не дефинира и сите нас, денес, цела Македонија – мртвост вгнездена во срцето на Балканот, убава ама безживотна, вкочанета, неподвижна … нешто како Трнорушка во очекување на принцот на бел коњ. А тој не доаѓа, или доаѓа само во приказните. Па и да дојде, ние би го избркале, со стапови и клетви, со пцости и плуканици. И кому, впрочем, му треба принц на бел коњ кога ги има тврдокорнине?

Добро, но зошто мртвост? Та зарем не е очигледно? Или тоа подобро го гледаат умни луѓе кои, за жал, веќе не живеат овде, но и неколкумина овдешни фрикови – навистина не знам колкумина с(м)е – кои едноставно не можат да се помират со тоа што ни се случи / случува? Мртвоста некако ни стана заштитен знак, амблем / грб на државата, на нацијата, зашто повеќе се грижиме за култот кон мртвите отколку за се’ друго. Живото заминува, велат се иселува од државава, остава празни цели градови. Па кој нормален и би останал овде, и зошто? Секојдневно да се разминува со оние гробишта во центарот на градот, да им отпоздравува, сакал-нејќел, на некои од најмрачните историски ликови кои ја запустувале земјава одново и одново со нивните малоумни националистички теории, да се движи покрај оние стиропорни филмски кулиси неприродно насадени долж брегот на Вардар, но и повнатре, обидувајќи се да сокријат нешто што всушност треба да го покажуваме? Глумат некоја (повторно) мртва Европа од пред три-четири века и ги поништуваат живите архитектонски ремек дела на кои светот им се поклонува! Или оние мртви „галии“ како среде Стикс, кои не можат да запловат никаде зашто се само за покажување? Кому, на странците, тие не виделе галии? А мртвине и веќе во распаѓање „епохални“ изданија по подрумите, тие не се за покажување на странците? И како да не гледаме дека таа мртвост полека го јаде не само градот туку и државата, им ја одзема силата, се шири на се’ што до вчера барем малку заличуваше на цивилизирана средина со проевропски шмек?

Негувајќи ја културата на молкот можеби и несвесно ја прошируваме плодната почва и за културата на мртвоста. Зашто молкот и мртвоста се едно исто, молкот е само вовед во мртвоста, особено во културата, во уметноста. Затоа и кога говориме за отсуство на јавен критички збор во културата говориме всушност за – мртва култура. И за мртва уметност која никого не го интересира и за која никој нема што да каже. Убаво или лошо, сеедно. И тоа е поразително за една култура кон крајот на втората деценија на дваесетипрвиот век. Или не е, смета некој? Или тоа, можеби, е вистинското лице на македонската култура и уметност, она што треба да го негуваме? Мртво лице кое никого не интригира, не поттикнува на збор, на дијалог, на полемика, тотално безживотно тело кое не иницира никаква емоција? Ако грешам, ако не е така, белки некој нешто ќе кажеше за тековната македонска уметничка продукција. Или таа навистина се сведува на она што Синадинов го констатира како „филмови што бргу се забораваат“!? Ама да се само филмови. Кај нас се’ бргу се заборава зашто нема зошто да се памети. Но, дури и тогаш, јавниот критички збор има должност да укаже на тоа, да предупреди, да алармира. Ако има кого, се разбира, и ако има зошто. Кај нас, изгледа, нема ни кого, ни зошто. Како никој повеќе да не е заинтересиран за културата и уметноста, како сите одвај да чекаат да ги покопаат под онаа мртвост на Плоштадот. Културата и уметноста се вистински живи само тогаш кога за нив се говори – во медиумите, во кафулињата, на вебот, кога предизвикуваат реакција, добра или лоша, сеедно.

И не знам што е тоа што би ја придвижило стручната, професионалната културна и творечка јавност во државава на акција, на реакција, на будење од мртвилото. Големи дела, значајни проекти? Се сомневам, бидејќи, покрај сите глупости, видовме и неколку навистина сериозни творечки потфати, проекти несекојдневни за нашава повеќегодишна мртвост кои што, повторно, останаа без вистински одгласи во јавноста. Оттука, има ли некаков одговор на прашањето: што е тоа што може да ја покрене оваа провинциска мртвост, овој апатичен и до зла бога депримирачки молк. Нема, или можеби, сепак – има!? Или, подобро речено, би можело да има? Па да, ама некои луѓе примаат редовна месечна плата за да изнајдат соодветни одговори на ваквите прашања. А не прават ништо. За жал.

ОПРАВДУВАЊА

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (3)

Има едно (речиси единствено) оправдување кое што често сум го слушал од колеги, пријатели – членови на различни професионални здруженија, за нивната повеќегодишна зачмаеност и молк за состојбите во културата во Македонија. А тоа е: а што ако каже(в)ме, и така никој не не’ слуша! И тоа е најлошото, најкукавичкото оправдување за нечинењето, за молкот, за препуштањето на стихијата која што, видовме, можеше сите до еден да не’ збрише и да воспостави „унитарна“ строго контролирана партиска култура и уметност. Тоа всушност и не е оправдување, тоа е повеќе само-оправдување, некакво бедно алиби за повеќегодишната пасивност, утешение грешним, што се вели, или жалопојка наменета за ушите на нивните деца, семејството. Иако, за волја на вистината, и таа флоскула ми се чини поприфатлива од она другоно, она на оној трубачон на „воениот вмровски оркестар за погреби и свадби“ и нему слични, а кои до вчера слугуваа во сите можни (не)работни тела на режимот, ама денес велат дека оставиле трага. Па се разбира, како што веќе напишав, секакви сурати оставаа(т) траги на земјава, ама какви? И гадинките оставаат траги, гадни; дури и стаорците се гледаат себеси важни и големи во глувчешко опкружување. Тие лекции веќе ги научивме. Но, токму за тие и такви траги врз телото на македонските култура и уметност мора да се огласува македонскиот јавен збор, ако не за минатото тогаш барем за сегашноста: за актуелните состојби во културата и уметноста, за тековната продукција, за напластените проблеми и можните решенија. Само критичкиот збор, јавен и гласен, може да иницира промени во однесувањето на секоја власт (во политичка смисла) и на македонската уметничка сцена (во творечка смисла). Инаку, ако се’ поминува како што поминува(ше), македонските култура и уметност целосно ќе се разлеат низ провинциските меѓи така добро устроени од претходниот режим.

Од друга страна, и за волја на вистината, има доза точност во она „оправдување“ од почетокот. Тоа можам и лично да го потврдам со свои примери, но и со редица други, не многу, додуша, јавни критички гласови во неколку области (особено во филмот, на пример, па архитектурата, делумно во ликовната уметност и др.) кои со јавниот збор не успеаа ама баш ништо да сменат, дури ни лоша запирка во процесите во македонската култура и уметност. Но, базичниот проблем во тогашната констелација беше што тој вид на јавен збор беше – осамен! Не дека не беше/беа чуен/и / прочитан/и, напротив, но политичко криминалната буица маскирана како култура и уметност беше пресилна, вировите предлабоки, зборовите обесхрабрувачки останаа да висат за некои подобри времиња. А тие, изгледа, никако да дојдат!

Но сепак, ако за тие времиња можеме да говориме во минато свршено време – или, некој не се согласува? – тогаш зошто проблемот е и денес актуелен? Зошто молкот продолжува како ништо во оваа држава да не се сменило, особено не во културата? Зашто, ќе признете, само последниот пример со смената на директорот на БЈБ под притисок на јавното мислење говори за радикално поинаква (да не речам демократизирана) клима. Ако оваа власт, се покажа, сепак го слуша критичкиот глас на јавноста дури и за такви важни партиско политички позиции, зошто би била глува за аргументирани критики и во културата? Или ние само така сакаме да мислиме, повторно како оправдување?

Затоа, уште еднаш, секој од наша страна игнориран проблем или пак перцепиран само низ призмата на личната комоција и комфорот на нечинењето, резултира во уште еден шамар за македонската култура и уметност. Шамар што навистина немаме причини да го игнорираме, заради себе си но и заради помладите генерации. Зашто токму тие се првите жртви на теророт на провинцијалците, на нивната простотија и злоупотребата на општествените позиции. Или, ако сакате, како го примаат нејзините студенти отвореното кочијашко пцуење (на Фејсбук) на една наша „позната“ професорка, која што, патем, уште ги дели луѓето на оние од „комуњарско / социјалдемократски происход“, и некои други? И на која што веќе со години нема кој од званичните универзитетски органи да и’ застане на патот. Та толку ли е таа креатура битна за образовниот процес на оној и онаков Филозофски факултет? Или најновиот хит на (во првиот текст) спомнатион „професор“ со „три децениско уметничко бреме зад себе“ – инаку „професорот“ е тотално неписмен! – и кој си ја нарекува некогашната студентка „апашка“, „крадачка“, бара таа да се откаже од нејзиниот најавен перформанс зашто (наводно) му го украла неговото „дело во намера“ од пред којзнае колку години! И шутракот тоа го прави јавно, токму на славниот Фејсбук, резервирајќи ја неговата идеја за „дело во намера“ (небаре е во средниот век!) како негов животен творечки влог за некои идни времиња. И пцуе се’ живо и диво, се заканува дури со суд итн. А никој од надлежните на Факултетот за ликовни уметности не реагира, не го фаќа за уши и исфрла од образовниот процес дури и да е целосно во право – а не е, шутракот нема појма во кое време живее! – не реагира ни УКИМ, ни ректор, ни проректор, ни декан ни продекан или кој се’ на тие наши „факултети“ има некакви ингеренции. Но, што е уште полошо, не реагира ни уметничката критика, ниту македонската уметничка заедница – ако воопшто кај нас постои нешто такво – а најмалку професионалните уметнички и/или критички здруженија. Впрочем, неписмениов „професор“, инаку неодминлив во сите комисии каде што треба нешто да добијат негови колеги / пријатели, не прв пат се кара со некогашни студенти, им држи „естетски“ лекции на отворена сцена, ги омаловажува итн. И не може ли дури ни Министерството за образование да се заинтересира за вакви случаи? Или тоа се коси со веќе извиканата автономија на Универзитетот, зашто таа, автономијата, претпоставувам дека би требало да се користи за други нешта а не за слобода за навреди на студенти, колеги и слично?!

Оттука, кога Тричковски, во еден негов постар текст, вели дека „без радикална ревизија (…) нема ништо, (…) ни Култура, ни Општество, ни Нација, ни Држава“, тоа не го прави случајно, ниту пак тоа е некаква пригодна флоскула за некакво неопходно (и, во крајна линија, можеби последно можно) демократско освестување во државава. Кажаното, по се’ што видовме, се покажува како императив за преживување на демократијата на овие простори. А јавниот критички збор е дел токму од посакувана ревизија и, нормално, од таа демократија! И мора да се негува. Ако Владата, велат, ќе подели авторски хонорари во износ од 500.000 евра за „нешто“, дел од тие пари не можат ли да бидат и за стимулирање на критичкиот збор во културата и уметноста во оваа држава? Не знаат како тоа да го направат? Нека се јават. Или нешто друго им се гледа поважно во моментов?

МОЛЧАЛИВИ МАНЕКЕНИ

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (2)

Ние ја негуваме културата на молкот како егзотично и скапо растение, како јапонските цреши на Коцета од 2.000 евра (во Италија ги продаваат за 5.000 денари!), како којзнае каков подарок од Севишниот. Впрочем, ги негуваме и културата на кичот, на кукавичлакот (само на зборови сме смели и херои!), на културата „незамери се“, на потценување на се’ што барем малку влече кон вистинска култура, образование, наука, воспитување, добро однесување. И ваквото наше однесување веќе ги надмина и потенцијалните генерациски бариери – „вградено“ им е денес на сите генерации, од најмлади до најстари. Или, можеби, сето тоа веќе било вградено во нас/нив како вид генетска грешка, некаков ген-мутант што токму сега се активира? Не знам, и не ми е баш жал за мојата генерација, која досега веќе требаше да даде кандидати за претседател на држава, за премиер, за министри, за академици (колку да им покаже на простацине во ману – малите букви се одраз на моралот и капацитетите на оваа „институција“ – дека би можело и поинаку!), па ни за помладите генерации, ама децава ем родени во оваа вукојебина ем плус воспитувани на апсолутните културни и демократски маргини на Европа, а врз практицираните „вредности“ на културата на молкот, културата на кичот и остала малограѓанска збирштина помали и поголеми „култури“, е тие се осудени на пропаст. Освен, ако Големиот брат Интернет не заврши некоја работа. Ама и тоа тешко веројатно. И крајно индивидуално. Децава и на Интернет го бараат она што го гледаат во опкружувањето – дома, в училиште, на улица, на Плоштад „Македонија“, по „националнине“ телевизии!

Како и да е’, ама, оваа држава наследила некаква културна инфраструктура, каде некакво специфично, да не речам посебно место (треба да) имаат оние таканаречени професионални односно струкови здруженија / асоцијациии во сите области. А една од нивните главни задачи е да бидат стручен, професионален и пред се’ гласен коректив на власта, на секоја власт. И да промовираат стручност и професионалност, особено негувајќи го критичкото мислење. Ако е така, а така е, нели е крајно време ова општество да стави црта и да ги сумира резултатите, да се запраша каков бенефит добива(ло) од нив? И добива ли нешто, воопшто? Зашто, не само што ги наследила, туку и денес беневолентно ги сервисира нивните „стручни“ потреби, колку-толку (членарини, материјални трошоци, проекти, годишни собранија и слично), па следствено, нели, конечно некој треба да се запраша за што навистина ги дава тие средства? Зашто, ако тие не ја хранат културата (и уметноста) со идеи, предлози, проекти, стратегии, со критичка мисла за актуелното македонско творештво и состојбите во културата, тогаш која е нивната денешна улога? Или, ако имате, на пример, еден Македонски ИКОМ (што во превод му доаѓа Меѓународен комитет за музеи односно негова „филијала“ во Македонија) ама во праксата во музејската дејност дивееше кој како стигне, особено пуфлана и онаа довчерашна културна мафија која што отвораше нови „музеи“ како ќе и’ текне, а старите или ги пљачкосуваше или ги полнеше со смет преку епохални акции од типот „чистење на ѓубрето од ателјеата на жморонските уметници и негово складирање во националните музеи“, а оние од ИКОМ ни да гукнат – тогаш, извинете, каква фајда од нив? Или ако имате Македонска АИКА (што во превод значи македонска „филијала“ на Меѓународната асоцијација на ликовни критичари) ама во државава никој не пишува ликовна критика, а таа иста држава издвојува тешки милиони за секакви будалаштини што некои ни ги презентираат низ македонските галерии и музеи, тогаш нели е опортуно човек да праша: а за што тогаш ни служи таа АИКА? Дури, ако сакате, како таа иста АИКА толку години не се запраша како се делат буџетските средства во нејзината дејност, и како, и зошто парите односно проектите беа резервирани само послушните и партиските членови? Да, и овде можам, можеби и треба, да ги наведам сите т.н. претседатели на оваа важна асоцијација во изминативе петнаесеттина години, ама – што фајда? Ќе смени тоа нешто? Или, ако кажам дека во 2007 година, во полниот напон на жморонската стравовлада, една креатура, едно од оние многуте „сметала“ на Паскота Кузман во тоа време, на еден состанок хистеризираше да ме исклучат од таа и таква смирисана АИКА само заради фактот што легално и процедурално сум побарал ревизија на некои одлуки? А тогашниот „претседател“, и сегашен (се’ уште) главен манекен на непрежалениот ни МСУ, и не само тој туку и сите останати членови, не смееа уста да отворат? Оттука, дали културата на молкот почна во таа 2007 година, кога се виде дека нема рамнотежа на идеолошките опции, дека поединецот мора да се приклонува кон политички (поточно политикантски!) варијанти за да преживее бидејќи стручно, и професионално – не може? Дали тогаш започна политичкиот диктат во културата, токму преку партиските креатури во здруженијата, загушувајќи го секој јавен збор? Можеби, веројатно, иако некој ќе каже дека тоа е прилично лабава теза односно дека кај нас тоа ни е константна состојба! Ама не е, сепак, односно до 2007 не беше така! (За волја на вистината, само еден член на тогашната АИКА, многу години подоцна, со конкретни забелешки на нејзината работа, побара да биде избришан од членството на таа професионална организација. И за тоа заслужува признание!).

Или, да продолжам, кога веќе имате едно здружение што се нарекува ДЛУМ (во превод Друштво на македонски ликовни уметници, со славно минато и трагикомична сегашност), зарем не е логично токму тоа да иницира(ло) јавни дебати за состојбите во ликовната уметност, за отсуството на критичкиот збор и неодржливоста на таквата ситуација? Или да проговореше за десетиците јавно познати случаи во изминатата деценија кога токму нивни членови беа шиканирани од онаа некултурна банда во културата, а беа форсирани не само аматери туку буквално и (партиски) дилетанти во уметноста со доделување на огромни пари за „изложби“, за монографии, предлагани за највисоки државни награди итн. Ама не, тие од власта дури добиваа пари да увезуваат „познати“ ликовни критичари од странство да им ги селектираат изложбите. Та затоа и изложбите им личат како од пред триесетина години, ако не и повеќе! А тоа дури ни на АИКА не и пречеше, да бидат така простачки прескокнувани во сопствената земја! Или, на пример, некој од тој ДЛУМ уста да отвореше за „славното“ ни „Скопје 2014“ и „ремек делата“ што ни ги подарија нивни колеги?

Или она неодминливо таканаречено ДПМ (Друштво на писателите на Македонија) кое успеа да премолчи – и премолчува, се’ уште, цврсто и пионерски непоколебливо – се’ што можеше да се премолчи за состојбите во македонската литература и издаваштво, па дури и оние фантомски тиражи во подруми и магацини на македонските културни институции? Или да прашаа што по ѓаволите се случи со македонските литературни списанија, со литературната критика, со општиот криминален амбиент во македонското издаваштво?

Се разбира, списокот на нашиве „стручни“ здруженија, сите до едно закачени на државното виме, не завршува само со овие. Напротив, ги има уште многу, ама резултатот по правило е ист: речиси сите до едно дејствуваат по ист терк и според познатите македонски закони на молкот! Иако, за волја на вистината, а бидејќи го спомнав шизоидното „Скопје 2014“, ААМ (Асоцијацијата на архитекти на Македонија) и неколкумина нејзини членови беа, покрај друга поголема група интелектуалци, единствените стручни / компетентни лица кои се осмелија да критички да говорат против уништувањето на архитектонското наследство на главниот град. Иако останатата архитектурна багра, меѓу кои и „видни“ професори на Архитектонскиот факултет, релаксирано (и добро платено) си ја (ис)туркаа работата.

Оттука, ќе го оцени ли некој, некогаш (освен историјата, се разбира) степенот на инволвираноста на овие професионални асоцијации во сите некултурни процеси во оваа држава во изминативе два-тринаесет години, обемот на штетите што ги направија со секојдневното надоградување на културата на молкот и нечинењето? Која и каква е тогаш вистинската општествена оправданост за постоењето на такви молчаливи манекенски „стручни“ здруженија? И ако, како што тврдиме, целата култура е подложена на преиспитување и реформи, тогаш што со овие, денес и во иднина? Зашто, ако тие постојат само за да се бават со себеси односно со некои и некакви таинствени лични / колегијални релации, а јавноста од нивното делување добива една голема нула, што тогаш? Иако кај нас сите се нешти фини, кој воопшто сака да оценува, нели, и да се бави со такви непријатни прашања? Или зошто, по ѓаволите, кога, велат некои, сите с(м)е во истото мочуриште? Е па – не с(м)е. Или, не би требало да бидеме зашто ако и во културата и уметноста, исто како и во политиката, сите се гледаат како исти / еднакви, независно од работата, квалитетите, постигнувањата … тогаш е подобро целосно да ги укинеме категориите култура и уметност. Во ваков „систем“, тие губат секаква смисла. А ако тоа некој не го гледа, или не сака да го види, тогаш – нема помош! Ќе си останеме некаква провинцијална култура на аплаузи и лајкови на Фејсбук, ќе одгледуваме / стимулираме – материјално и духовно – стотици и стотици пезевенковци кои мислат дека се уметници, писатели, режисери, актери … зашто нема кој спротивното да им го каже јавно и в лице. И сите среќни и задоволни!

КУЛТУРА НА МОЛКОТ

Ако човек можеше, со голем напор ама сепак, да го разбере страшливиот малограѓански гласен интелектуален молк во годините на режимот и стравовладата на злосторничкото здружение, денес тоа веќе е необјаснив феномен. Освен во рамките на некои исторски паралели, ама тоа сега не е неопходната поента. Односно, ако македонската интелигенција толку самобендисано, толку самоуверено и целосно несвесна за огромните историски и културни последици од нејзиното нечинење можеше / сакаше да се самооправда пред историјата со претпоставената жестокост на тогашниот режим, го има ли и денес истото оправдување? Не, го нема, за (нејзина) жал или за (наша) среќа. И ако дури и во времето на полуписменана багра и нејзините академски трабанти кои жареа и палеа низ државава сепак имаше луѓе, дури и „обични“, не така познати и признати имиња кои се осмелуваа да противречат, да критикуваат, да сведочат за сите зла на бандата, зошто македонскава „интелектуала“ дури ни денес не се осмелува да проговори не само за културоцидот што го преживеавме, туку и за некои актуелни состојби што ни се одвиваат буквално пред очи, без оглед дали станува збор за киксеви на новата власт, опашки на старата или, едноставно, лоши, промашени, некреативни, некултурни епизоди од културното секојдневие, чии и да се. А во тој контекст и јавно изречениот збор (во вид на критика, позитивна или негативна, сеедно) на тековната македонска културна и уметничка продукција – нешто што во она „комуњарско“ минато беше специјално негувано, стимулирано, па и (релативно) пристојно финансирано. Денес во Македонија во овој поглед владее општ, застрашувачки звучен молк! А кога една култура, една уметност ќе западне во таква молчалива апатија, тогаш нешто во неа длабоко нечини! Можеме ли барем тој вид молк да го оправдаме со сериозни аргументи? Многумина ќе речат – да, јас, нормално, ќе речам – не.

Прво, мислам дека има дури и премногу теми (и дилеми) за пишување, од општо(не)културни до творечки (позитивни или негативни, сеедно), за да царува ваков молк. Во оваа насока молкот постанува легитимација на нашево време, неоправдана и со ништо предизвикана. Второ, ако некогаш имало простор за (критичко) пишување, тоа е денес, и тука најмалку мислам на (за жал) само неколкуте дневни весници, туку мислам особено на неограничените електронски ресурси – од портали преку блогови и веб-сајтови, просто измислени за тој тип комуникација. Ама повторно – нула?! Или блиску до нулата! Е ама тие не плаќаат, може меѓу редови да се насети „аргументот“. Да, најчесто не плаќаат, односно зависи како ќе се договорите, ама, повторно, баш за се’ ли што го правиме во животот сме соодветно платени? Особено во Македонија? И има ли некои нешта, важни нешта за кои што професионално сме загрижени, заинтригирани, заинтересирани … па можеме и бесплатно да ги сработиме? Плачките дека цел живот работиме „за без пари“ навистина ги сметам за детски смешни и провинцијално неодговорни. Па преквалификувајте се, колеги, во извршители, или нотари, или водоинсталатери … (без навреди!) … што мајка сте барале во културата и уметноста? А патем, повторно, ниту еден македонски универзитет – плачат медиумите – не се најде на Шангајската листа. А како да се најде, ве молам, со кои и какви капацитетни професори, зарем со оние жмицкасти ем фамилијарни асистенти ем  „професори“ ем партиски лидери, со „професори“ кои се појавуваат на работа два часа неделно, кои ги уценуваат студентите со купување на нивните „стручни“ скрипти, со бесрамни „професори“ кои ги нарекуваат студентите апаши / крадачи (а кое што поконкретно ќе го дообјаснам подоцна!), а сите здушно кукаат како, демек, за науката кај нас не се издвојувале доволни средства (пак тие пусти пари!) итн. Која црна наука, па уште и образование некој очекува од овие?

Ако јавниот збор – критички, полемички, едукативен, каков и да е’ – целосно отсуствува од јавната културна и творечка сцена, кои и какви се тогаш препораките на македонската култура и уметност дома, ама и пред светот? Врз основа на кои, какви и чии параметри решаваат оние силни комисии во Министерството за култура на годишните конкурси, па оние уште посилни комисии и одбори за секакви општествени награди? Или сите тие „ингеренции“ дефинитивно се’ уште ги држат некои фантомски партиски комисии и (особено) поединци „блиски до“ едикојси? Или навистина целата критичка мисла во државава се преточи на оној Фејсбук, и сите среќни и радосни? Ако е така, имаме за што да бидеме загрижени. Односно не „ние“ како некој имагинарен недефиниран поим, туку македонската култура и уметност кои што полека но сигурно се препуштаат – или остануваат? – во крајно дискутабилните процепи на некои и некакви лични „ми се допаѓа“, „браво“, „честитки“ и слични будалаштини, кои пак се земаат како сериозно стручно јавно признание. Нешто во стилот на се’ уште добродржечкиот тврдокорен Закон за културата кој што (сериозно!) вели дека сите сме биле автори / уметници, па следствено сите сме и познавачи, критичари, стручни за културата и уметноста … А зошто пак да не, ако не по нешто паметно, да бидеме познати во светот барем по глупоста? И нема да ни биде првпат.

Ама проблем е што глупостите ни станаа неодминливо правило, пракса, секојдневие, а нивната идиотштина се шири како зараза зашто нема кој да покаже со прст на неа. Некој ја измислил критиката токму за тоа: да укаже, покаже, посочи, пофали, приговори, куди … како форма на јавен збор што анализира, објаснува, евалуира, или не, како некаков ориентир на јавноста во напливот на информации / настани / дела.

Или, на втора мисла, нам, можеби, ни одговара отсуството на критичкиот збор во јавниот простор односно критичкото мислење во јавниот дискурс? Да, тоа е прашање за кое што треба да се помисли и да му се побараат корените. А тие не се ни длабоки, ни далеку – ене ги во плиткото мочуриште на довчерашниот режим и неговата ефтина провинциска (не)култура. Ним, и на ним сличните, ама баш никако не им одговараше јавниот критички збор во ниту еден сегмент од општественото живеење. Особено не во културата. Зашто, се’, и буквално се’ беше феик: од програми до настани, од книги до изложби, од претстави до филмови! Се’, и буквално се’ беше само бедно но прескапо дилетантско некултурно и нетворечко изживување, филувано со дополнителни национални награди, национални пензии, културни амбасадори итн. Во такви не-услови нема простор за критички збор. Ама денес? Или истата приказна продолжува и денес во македонската култура? Проклетата малограѓанска инерција ги турка и до вчера проскрибираните творци да се залажуваат со оние „лајкови“ и честитики на Фејсбук, главно од роднини и пријатели? Ако е тоа денешната македонска култура, и уметност, нека ни е со среќа!

ЛОГИКАТА НА СТАДОТО

Полека но сигурно животот ни протекува во навистина неподнослива леснотија на анимозитет кон другиот, на ширење на омраза и нетрпеливост кон инакумислечкиот, но некако уште пострашно ми изгледа онаа барем во минатото (подалечното, се разбира) непозната невоспитаност и некултура, непочитување на некои базични морални норми, безрбетништво … Да, многу зборови, секој за себе доволно страшен човек да се подзамисли, а сите заедно како некакво наше ново секојдневие задолжително засолено и забиберено со очајно незнаење, непознавање, неукост, нестручност. Велат, за тоа нема лек – општеството, па и граѓанинот со него, мора едноставно доволно да пораснат за да можат да ги надминат тие слабости. Иако, всушност, тоа не се никакви слабости, тоа не се наши и општо неотпорности, никако, тоа е немање базична култура и воспитување, немање вистинско образование без оглед на завршените школи и магистратури и докторати. Сето тоа не се стекнува баш така лесно. Не се ни надминува лесно, се разбира. Иако, можеби, единствениот лек е – покрај домашната култура и воспитување – квалитетното образование! Зашто, една варијанта е кога нешто напаѓате, оцрнувате, омаловажувате, дури мразите, ама тоа го правите како тотален идиот незнајко, неука будала која се поведува по она што некој друг му го сервирал како негово „мислење“ и „став“, а сосема друга приказна е кога тоа го правите исто така дрско и безобразно но со соодветни познавања односно знаење и свест за проблемот за кој што спорите. Или, упростено, одбивањето, дури омразата од незнаење е идиотштина својствена на идиоти, но одбивањето, дури и омразата во која што сепак има искра на познавање на проблемот е рационално, свесно несогласување. Па нека е и погрешно, нека е и тврдоглаво, тврдокорно, што би рекле, но произлегува од свест и познавање на проблемот и следствена на тоа – реакција. Тоа, впрочем, го одвојува човекот од стадото (овци, крави, волови, изберете сами). За жал, нашата стварност се’ повеќе заличува на онаа на стадото, каде голема група граѓани – тотално неуки, тотални незнајковци, и не само незнајковци туку и такви кои ниту сакаат да научат – тера инает со цела држава околу витално важни прашања не само за нив туку за сите нас. На тоа е сведен за среќа еден помал дел од Македонија денес на чело, разбира се, со „најпатриотската“ ни партија која го води стадото директно во бездна, и таа самата раководена од тотални незнајковци и игноранти, некои закитени и со секакви академски титули. Ним, норамално, им оди во прилог стадото да биде што помалку писмено, никако културно и воспитано, најмалку образовано, зашто тогаш (рако)водењето станува не баш така лесна работа. Образованиот и освестен поединец тешко се приклонува кон необразованото „братство“. А ако се приклони, тоа сепак ќе биде негов личен избор, а не избор на стадото!

Како општество изгубивме цели дванаесет години по разноразни трла – партиски, антиквизациски, националистички, етнички – сите со еден заеднички именител: простотија и необразованост, некултура и невоспитание. И тој отров се вгнезди во македонското општество, дури беше (не баш така тивко и невидливо) поттикнуван од тогашниот режим како македонска доблест. И затоа и не е така лесно отстранлив. А ја видовме неговата кулминација во сета жестина на минатогодишниот 27 април! Па од една страна велиме: да не се повтори, ама безмалу ништо не правиме во таа насока. Дури напротив! Ситуацијава со Спогодбата со Грција, па и онаа со Бугарија, а особено претстојниот Референдум не се претворија во тест за нашето чувство за државност туку во бојно поле за повторно дивеење на секакви неписмени или полуписмени самопрогласени „водачи“. Такви секогаш сме имале одповеќе, но ни недостасувале разумни, рационални, демократски и прогресивни поединци кои влеваат доверба наместо недоверба, оптимизам наместо дефетизам, ум наспроти шупливост … чие кредо се демократијата и добросостојбата а не автократијата и криминалот. Кога еден од предводниците на стадото ги убедува истомислениците дека ќе сме го загубеле идентитетот само заради тоа што институциите ќе морале да бидат преименувани согласно новото име на државата, говори ли како професор или како предводник на стадото, како сериозен политичар или како политикант кој сака да си обезбеди идни којзнае колку години беда во државава за да може да шефува со толпата? Или навистина толку разбира? Човек никогаш не е сигурен со нашава „политичка елита“! Но, згора на се’, испаѓа дека токму таква „елита“ – образована а полуписмена, со академски титули но без ум и логика во црпките, националистичка наместо проевропски ориентирана – ни е потребна  за да им дадеме акцент токму на нашите (демек) позитивни ставови. Но, тоа не е посакуваниот излез ниту за една демократија. Само образован, умен, писмен и логичен опонент е вистински опонент: политички, културен, економски и секаков друг.

И повторно: ќе биде ли претстојниот Референдум (ама и не само тој туку и целава наша реалност) тест за оваа и ваква Македонија односно за нејзиниот глас за иднината контра минатото? Којзнае, би требало, зашто мрачните националистички и скарадно малоумни сценарија, колку и да се прилепени за еден мал и во суштина идејно мизерен дел од нашава популација, сепак тендираат да се шират и кај онаа самоумислена полуписмена багра чиј глас може да се покаже како пресуден. Зошто? Прво, заради нивната бројност, и второ заради фактот што најголемиот дел од нив не може во денешнава констелација на односите да смета на некакво ухлебие кај власта. Токму заради тоа е неопходна сериозна, ама навистина сериозна и обмислена кампања која ќе објаснува но не и агитира како во времето на политкомесарите, која ќе се темели на размислите на сериозни политичари и интелектуалци и нивната моќ на „упростување“ на прашањето но и ефектна поента. Актуелниве бит-пазарски ценкања кој колку треба да добие од парите наменети за кампањата само влева уште поголема доза на страв дека ние, всушност, не сме ни свесни во каков миг живееме. Ама другине – се, без оглед што и како ние мислиме за нив. А потоа, како и обично, ќе биде доцна!

 

СТАРИ „МИСИОНЕРИ“

Е сега, ако, како будали од некоја резевна категорија на Сафон – не онаа резервирана за Бачев и придружната пациентажа, (иако, во крајна линија, будала си е будала) – настојчиво, безмалу секојдневно зборуваме, да не речам мелеме, иако однапред знаеме дека ни има кој да не’ чуе ниту пак, како полоша варијанта, сака да не’ чуе, зошто тогаш по ѓаволите, си го арчиме времето? Или зборуваме за оние „мудрите“ кои, нели, слушаат? Не бре брате, тие веќе не се слушаат ни самите себеси, камоли нас. Тоа е таква гнилеж залегната во државните мануковски јасли замотана во ќебенца да им ги топли старите коски, што на човек му е и помило дури и да не влезе во нивниот видокруг, или увослух. Но добро, тоа можеби е вечното прашање на духот: зошто се прават некои работи, иако – не мора? Ниту пак некој ги бара од вас. Не знам, немам вистински одговор, можеби некој од мојата категорија будали, некој од тврдоглавото друштво кое секој ден се обидува некому нешто да посочи, би умеел подобро да каже? Којзнае, можеби тоа е вербата дека некој, барем еден, сепак ќе прифати некакви аргументи наместо оние нивни веќе ладно сервирани будалаштини? Ене, оној вели „Коце, врати се. Толку“. Ок, добро, ама зошто да го вратиме, да не се трансформираше Коце во некаков мисионер? Или да го вратиме за да доупропасти она малку што не успеа, она премалку што остана од културно Скопје? Пак да ја направи „плажана“ и повторно да ја растури? Со наши пари? Да крене уште некој споменик, на едикојси од нивната „историска“ злосторничка банда? Или да го доврши процесот наречен „пловен Вардар“, ама сега со некоја подморница во која што, веројатно, би се криело раководството кога ќе доаѓаат да ги апсат, полека но сигурно? Каде тоа Коце може да се врати? Не знам каде може да се врати ама сите знаеме каде му е местото. Иако изгледа не му дошло времето, ама ќе биде и тоа, полека но сигурно. Прво почнаа од општините, демек од „помалите“. Освен, можеби, ако повикот за некакво негово враќање не е врзан со фамозниве комарци? А што, во негово време немаше комарци па сега го повикуваме како божем некаков стручен спас? А можеби и немало: кога ќе го видеа, и тие кутрите бегаа уџум! И кому вие сега ќе објаснувате нешто за тоа што е град, што е држава, што е закон … и дека сето тоа не е исто што и партија, уште помалку партиска врхушка? Загубена работа, ама некој мора да ја (с)работи. И токму затоа, можеби, Сафон не’ есапи за будали, иако, се надевам, малку помали, или барем поинакви од оној Бачев и пациентажата, сосе оние егземпларни „ликови“ во Собранието.

Или, ако баш сакате, се потресе некој нешто околу извештајон на GRECO (Group of States against Corruption), па наместо да го вика Коцета да си ја повика врхушката на одговорност? Не, а и зошто би?! Та нели сме имплементирале дури 6 од бараните 19 препораки? И што мислат тие, дека ние сме као „на копче“ и кога ќе го притиснеш – се разрешуваат односно исполнуваат сите нивни барања? А комарците, а жештината, а спогодбата со Грција, а референдумот …? Мисли ли некој од нив дека ние и тоа треба да го сработиме? Е па – кога? Денот има само 24 часа, а годината 365 дена. Таа ЕУ или тоа ГРЕКО (што премногу асоцира на најголемиот ни непријател, а и ништо чудно сето ова да е нивно маслиново масло) нека измислат подолги денови или години со повеќе такви подолги денови, па да правиме муабет за имплементации! GRECO „играше“ само еден ден како некаква надве-натри вест, очигледно од никого посакувана и со нескриена желба бргу да се заборави. А што, повторно, злосторничконо здружение кое никогаш не спие – како бе издржуваат, или толку маки сон не ги фаќа? – успеа да го заврти во своја полза: за ова е крива власта! Која власт? Па се знае која, оваа, актуелнава, зашто во Македонија секогаш имало само една власт. Она нивното не се брои, тоа му доаѓа како време на наше спасение, наше освестување, со нивна помош. Еден вид мисија, нели. А помошта и мисионерството – коштаат, брате, коштаат многу, особено таков вид национална, надградена и проширена помош на сите новои, по хоризонтала и по вертикала. И никој да им противречи! Иако GRECO говори за препораки дадени пред 4,5 години, што ќе рече токму во времето на нивната „мисија“ во нашата држава.

А GRECO кажува прекрасни работи. Не ни се допаѓаат? Е па, видете, не може баш се’ да ни се допадне. На пример, ни кажуваат дека нашите перформанси во оваа фаза се „јасно разочарувачки“. Дури, велат тие, со сета почит кон Парламентот, но тие таму не спровеле ама баш ниту една нивна препорака! А оној „стручњакон“ го вика Коцета назад?! Можеби, онака мисионерски, да ја испрска и групава со отровите за комарци?

Но, да се вратам на почетокот: дали, можеби, во групата будали на Сафон спаѓаат и вакви изговорени нешта? Не мислам на „стручњакот“ туку на извештајот на групата, како впрочем и на безброј други такви и слични што сме ги добивале од други групи, од званични органи и организации, од професионални асоцијации и слично, а на кои што сме гледале со огромна доза на потценување, дури со потсмев, токму како да доаѓаат од некакви будали кои не знаат што да прават со своето време па пишуваат такви глупости за нас. А ние – совршени! Толку совршени што не умееме да исчистиме ни еден пишлив избирачки список, каде во еден стан од 30 квадрати се’ уште „виреат“ и по педесетина граѓани, сите со гласачко право. И пак ќе имаме околу 1,8 милиони гласачи. И ДИК вели дека тие биле спремни за референдумот. Машала! Пак цел свет ни се смее, по којзнае кој пат. Не знаеме дури ни кој треба да ја води јавната кампања за претстојниот референдум. Лудакон од Водно, пак, не сака да се сретне со врховниот командант на НАТО. Ова му биле единствени денови за одмор. А на одмор е цели девет години, континуирано! И ние само се смешкаме.

Да не ни преседне смешкањето, да не испаднеме навистина општество на зборлести будали, молчаливи кукавици и мудри идиоти кои веќе не се слушаат ни себеси? А во такво опкружување одлично играат секакви банди, бивши и сегашни, што всушност веќе беше наша видена приказна во изминатава деценија и нешто повеќе. Толку!

ЗА БУДАЛИТЕ, КУКАВИЦИТЕ И МУДРИТЕ

Карлос Руис Сафон вели: „будалите зборуваат, кукавиците молчат, мудрите слушаат“. Има некаква сличност со онаа на Андриќ – „доаѓаат времиња кога паметниот ќе замолчи, будалата ќе проговори, а фукарата ќе се збогати“. Има, велам, сличности, ама и суштински разлики. А ние, се чини, поминавме се’ по ред!

Но, сега, колку и она на Сафон да изгледа на прв поглед сосема јасно, веќе на втора мисла не сте сигурни дали е се’ баш така. Ајде за првите – можеби е и јасно, па човек – еве јас, на пример – може и самоиницијативно да се (про)најде во тоа друштво. И тоа често пати сум го мислел: кому, по ѓаволите, му требаат вакви писанија? И за што? Ама, сепак, оваа категорија будали кои зборуваат, барем кај нас, мора да има барем две поткатегории: едните се навистина будали, вторите се исто така „будали“, ама со задолжителни наводници. Зашто, сепак, не можете, онака лефтерно, да ги изедначувате баш сите оние кои зборуваат со оние кои – „зборуваат“!? Нели? Има некоја разлика, барем во значењето на зборувањето!? Или – нема? Сафон не прави таква разлика, ама мислам дека тука греши. Односно, можеби, во некаква поширока, суштинска смисла на реченицата, првото тврдење навистина изгледа точно бидејќи какво значење има, впрочем, нечиј говор, или нечие мислење, во некакви пошироки рамки, да не речам државни, етнички, национални? Ако веќе таму има играчи кои мислат дека се’ најдобро знаат и умеат и не им е потребен ничиј совет? Па ни мислење. Можеби е така. Ама јас сепак сакам да направам разлика. На пример, еве, меѓу мене (да не земам други зборлести како мене луѓе за пример, а ги имаме неколкумина) и – Јанко Бачев? Или кој и да е’ од онаа збирштина политикантски мизерии кои пред некој ден потпишуваа некаква тоалетна хартија за бојкот на претстојниот референдум. Оној Филип Петровски? Зарем некој се’ уште го зема за озбилно? Но, јас – да, јас сите тие ги земам за сериозно, иако тие – сигурен сум – себеси не се гледаат така зашто знаат дека го истрошиле сиот кредит што (ако воопшто) го имале во јавноста. Го истрошиле многукратно, а сега само ставаат печат на минатиот „труд“! Зарем навистина мислите дека тие мислат дека некој им верува? Дека некој сериозно верува во нивната грижа за државата, за народот – задолжително само македонскиот, зашто овде други етникуми не виреат! – за доброто на нашата иднина? Никако, и тие знаат дека тоа е така, дека и оној мал процент верба, ако воопшто и ја имало кај некого, одамна е потрошен. Gone with the wind! Ако денес ги погледнете „аргументите“ на овие мизерии, ќе видите дека тие се дури и неписмени, дека или не знаат да читаат, или читаат погрешно, што пак се сведува на исто. Или: намерно читаат погрешно? Намерно или случајно – не знам, ама дека се неписмени, тоа дефинитивно се потврдува. И играат на тенките жички на националниот романтизам, на глупоста и неинформираноста на мал дел од народот, на наивноста, ако сакате, онаа иста наивност која што ја доведе и онаа бивша криминална банда на власт и ја држеше цели дванаесет години. Слушнавте некој од овие тогаш да се побуни?

Е тука доаѓаме до молчаливците, односно оние кои Сафон ги нарекува кукавици бидејќи нон-стоп молчат. (Андриќ, пак, со неговата сентенца, велат, имал намера да покрие и некои свои замолчувања!). Такви, молчаливци, не андриќи, за жал, имаме на тони, на милион(и). Докажано, проверено во изминатата деценија. Да не беше така, криминалцине ќе играа само едно лето. Овие кукавици се токму тие кои ги задржаа на власт толку време. (Е сега, Андриќ молчаливците ги претставува како паметни. По силата на нештата, ама сепак. Малку нејасно, или јас не разбирам?). И за тоа сме пишувале многу пати, иако секогаш само површно, некако само загребано по површината – како констатација а не како елабориран факт – но и тоа е наш специјалитет. (Сафон нема констатација за тоа!). Категоријата на кукавиците, нагалено наречени молчаливци, секако не е само наш специјалитет. Ама ние некако, како да ги одгледуваме, како да се гордееме со нив, ги размножуваме како габи, или глувци, што е посоодветно, секако. Да виреат во темница, да излегуваат само за избори и да гласаат така како што веќе гласале толку години. Македонски (опробан) рецепт!

Третите, оние мудрите, ми се најинтересни. И за нив имаме најсоодветен пример во светот: таканаречената ману (малите букви се соодветен израз на моралната димензија на оваа институција!), зашто тие ни се најмудрите, нели. Барем службено, ако не повеќе, зашто имаат свој закон, своја зграда, свој буџет, свои привилегии, некакви свои правила … Она што збунува кај Сафон е, на пример: кого слушаат овие мудреци? Јас имам одговор на тоа, ама не сум сигурен дека има и тој односно не ја познавам во детали ситуацијата во Шпанија во негово време (роден е 1962). Кого, значи, слушаат мудреците ако оние кои говорат се – будали? А кукавиците – молчат? Кој тогаш говори во една држава, па и во Шпанија под фашистон Франко во тоа време? Говори власта, се разбира, како впрочем и овде. И „мудреците“ (веќе морам да употребам наводници) слушаат, нормално. За да знаат како да се однесуваат. И кога да одат на поклонение, кога на потпишување на книги, кога на одбрана на докторати итн. Она што, повторно, Сафон не го појаснува докрај е фактот дека слушателите, односно „мудреците“ се едновремено и молчаливци. Еве нашиве, на пример. Којзнае дали молчењето на нашиве „мудереци“ е дел од оние нивни правила на однесување? Можеби инаку не примаат во нивно друштво? А можеби затоа и се таму, прво да одмолчат, потоа да одмерат, па да помислат и – повторно да одмолчат. Зашто нашине во ману (малите букви се соодветен израз на моралната димензија на оваа институција!) премолчеа се’ што можеше да се премолчи. Се разбира, прво „мудруваа“, па потоа премолчеа. Дури и повеќе од тоа. Премолчеа непремолчиви нешта: газење на човекови права, убиства, апсења, невиден криминал (со нивна сесрдна помош и учество!), кражба на избори, (само)заробување на државата … уште колку треба?! Но, беа платени за тоа. (Сафон ништо не вели за таквата можна дребулија кај молчаливите кукавици). Оттука, повторно, останува нејасно зошто во еден случај молчаливците се (само) кукавици, а во друг се – мудри кукавици? И од што тоа зависи? Или, да не се случило нешто што јас во моето непрекинато будалесто говорење сум го пропуштил? На пример, да не ману (малите букви се соодветен израз на моралната димензија на оваа институција!) кажала збор-два за нивнион библиотекар-академик и неговите лукративни догодовштини со бившата власт? Или да не објаснија зошто не го сакаа(т) Прибе меѓу нив? Или …

ЛУДО ВРЕМЕ?

Не, времето никогаш не е лудо, ние го полудуваме, му ја префрламе вината за да ни биде полесно да ги поднесеме нашите лудости, нашите простотилаци, нашите бестијалности. А ги имаме, сам Господ знае. Луди сме што го трпиме ова, сите довчерашни бедници и пезевенковци да ни држат лекции, дури и цел еден јаден (или јавен, како сакате) сервис да не прави луди при здрава памет, да не го спомнувам оној Папаштрумф од Водно (веќе осведочен и славољубец, и словољубец а богами и среброљубец) кој, ете, бил – заобиколуван. Та како и не би бил, со сета глупост и безобразна надменост што ја реи околу себе. Таквите „нешта“ се – заобиколуваат. А сега бара – реформи. Па што не ги бараше изминатите дванаесет години, шутрак ниеден? Ама да беше само тој …

Безобразието, неморалот, непоткрепеното со ништо самољубие и особено простотилакот што се’ уште владее во јавниот простор ја држи аурата на времево денешно како (се’ уште) непроменето, ненормално, „лудо“. А го потпираме и сите ние кои, на еден или на друг начин, замолкнавме мислејќи дека непријателот и петтата колона се поразени – иако свесни дека недостасува зборчето „конечно“ – дека демократијата, ене, заседнала во Парламентот и Владата и никој не може да ја помрдне. А не е така. Лудово време може да помрдне секого, засекогаш. Зашто го полудевме, целосно. Кои се, впрочем, тие сили што држат такви протуви на клучни позиции – во јавен сервис, во институции на системот, во медиуми – а кои се во состојба да подриваат секој конструктивен потег, да релативизираат дури и дека Земјата е округла а не пак македонски стратешки интереси, а само и заради лични лукративни интереси, минати и сегашни? Какви се тие адски мешетари кои на безобразници и простаци, неказнето, им дозволуваат да се закануваат на министри, на стручни комисии, на цел народ односно на се’ живо што ги ремети – а богами здраво им ги поремети плановите – нивните расклатени позиции во јавноста? Зошто, и од каде, собраниската говорница е закрила за секакви манипулации, лаги, местенки, кодошења, простотилаци? И тоа ајде да е барем од некој сериозен, ама од вечни студенти, од безобразници чии извори на приходи, ете, лични и семејни, сеедно, секнале па сега, можеби, ќе мораат и да се зафатат со сериозна работа? Ама што ли тие би работеле, по ѓаволите, кога нивната неспособност е докажана? Наводното лудило на времето, наводната поделеност на народот е стимулирана токму од такви некадарници кои дури и сегашната власт, во еден период, ги прогласи за некакви нивни заштитници во времето на реализирањето на државниот удар на 27 април. Ма дајте, ве молам, тоа ли може да ја измие другата нечистотија?! Или некој навистина ги гледа како заштитници на демократијата и сака и нам да ни ја продаде таа приказна? Та ако беше така, ќе говореше ли дотичниот стручњак за се’, на пример, за чувствата на „десетиците илјади“ поклоници на Музејон на хоророт, заборавајќи ги притоа стотиците илјади, милионот граѓани кои како мнозинство не сакаат со очи да го видат? Или она новоно карикатурално (наводно) претседателче на „најпатриотската партија“ кое се осмелува да говори за криминал, за тендери, за правна држава, заборавајќи ги неговите газди и обвиненијата што им висат над глава? И повоторно: времето е лудо, или ние сме луди?

(Божем) лудово време, а всушност ние во негово име, ги заборави – случајно или намерно – и оние вечни интелектуално парталави превртливци, среброљубци, самонаречена елита, пистелска и друга, гниди враснати во секој систем, во секоја идеологија, со секоја власт, а кои и понатаму ни држат предавања ex cathedra како некакво стекнато право само заради фактот што, повторно, ние сме толку незаинтересирани па ги оставаме на такви позиции. Меѓу нив и онаа „академичкана“ (или како веќе би бил женски род од таа денес одвратна но се’ уште лукративна титула), која дури се дрзнува да праша дали ние, или едикоиси, „ќе ја сфатиме конечно разликата меѓу партиски и државни интереси“, иако таа, сосе нејзините пајташи од ману (малите букви се соодветни на моралниот статус на таа институција!), никако не успеаа да ги одвојат личните интереси од сите други!?

Такви докажани слугинчиња, како трубачон на „воениот вмровски оркестар за погреби и свадби“ (Ориѓански), кои уживаат да се потпишуваат и како писатели и кандидати-академчиња и кои до вчера беа во сите можни (не)работни тела на режимот, денес вели дека оставил трага. Па се разбира, секакви сурати оставиле траги на земјава, ама какви? Нивните траги се највидливи во државните буџети во изминатине дванаесетина години. Само ги мк’неа магарчињата (златни, а?) пред Државниот трезор и – ги товареа. Колку такви тури направивте, трагачи? До бесвест, за се’ и сешто. Еднаш како писатели, па сценаристи, па драматурзи, па членови на комисии, па воведничари, па биографи, па говоропишувачи, па … Ние од нивните траги не можевме и се’ уште не можеме глава да кренеме. Впрочем, некои од трагите уште им се видливи: ене ги по подрумите и магацините на Археолошкиот музеј, Музејот на Македонија, Народната и универзитетска библиотека … скапуваат. Силни траги! И „миризливи“, богами. Токму како она „нешто“ што нормалните се обидуваат да го прескокнат на улица!

Ама сепак, упорни се, уште го користат „лудово“ време односно нашава лудост и дури ни држат и лекции. Оној безобразникон неказнето за тоа ја користи собраниската говорница, а никако да каже, барем да спомне, колку пари товареше на магарчињата нивната комисија за оној хорор наречен Музеј на македонската борба? Брат-брату, десетина милиони денари, илити околу 160.000 евра, поделени како ајдучки плен помеѓу седум-осум „стручњаци“ кои во животот не виделе повеќе од пет музеи! И зад себе оставиле некакво чудно „нешто“ – она што луѓето обично гледаат да го прескокнат – некаква апсурдна мешавина на мувлосан циркус и третокласен хорор која што сега некој ни ја продава за музеј? Па уште и на „светите четири букви“?! Па да им беа толку свети, така ли ќе се однесуваа кон нив?

Оној другион пак уште и не’ кара: „работи ли некој во оваа држава“? Не, само оние работеа, и работат. Ама бидејќи универзитетските професори имале „ѕидарска дневница“, морале да работат и „на страна“. И сработиле: 750.000 евра во скопските подруми! Ама, има право. И тој и сите други режимски кловнови кои денес, повторно, ни солат памет. Им го дадовме (и) тоа право. Како што впрочем и оние од „најпатриотската“ партија говорат за правна држава, за криминал, за наместени тендери, за … Лудо време? Некој овде навистина е луд, ама (не?) се знае кој!