Monthly Archives: November 2023

Контролори на „демократијата“

До денес, никој од власта не го демантираше или оспори „северномакедонскиот јазик“ на нивниот главен „градежник“ во земјава „Бехтел и Енка“, никој од власта не превзеде нешто ни против онаа сталинистичка „пресуда“ за „случајот ИРЛ“, па следствено никој нема збор да каже ниту за најновиот скандал со обидот за цензурирање на едно уметничко дело во Музејот на град Скопје. А и зошто некој од власта или од нејзините „аналитички“ гласноговорници би рекол нешто? Сето ова извонредно се вклопува во победите на сите фронтови во оваа (не)културна војна што (и) оваа номенклатура на власт ја води против државата и македонскиот граѓанин.

Последниов соцреалистички „танц“ со делото на уметникот Зоран Шеќеров доаѓа во вистински час: во времето на одржувањето на фамозниот министерски состанок на ОБСЕ, па Музејот на град Скопје треба да биде вклучен во нивната културна програма како составен дел на запознавањето на учесниците со промоцијата на демократскиот развој на државата. Притоа и директорот на Музејот би можел да им одржи кратко предавање како тоа тие се справуваат со „провокативни“ дела насочени контра демократијата и агресивни уметници кои, ете, решиле да ја уриваат. И тој рецепт ОБСЕ понатаму да го проследи до сите земји членки!   

Во тоа запознавање на гостите со успешната ждановистичка борба контра „подземните“ обиди на македонските уметници – веројатно како уште една форма на „руско влијание“ – би требало да им биде посочено што е дозволено а што не е не само во тој Музеј туку и во македонската култура во целина.

Па така, ќе ги просветлиме дека не може туку-така некој, па нека е и уметник, да пишува „пароли“ дека „Уметник од Северна Македонија не е уметник“ и истите да ги нарекува – уметнички дела. Македонските културни институции прифаќаат само дела што се „на линија“, како во стариот добар комунизам, а кому тоа не му се допаѓа нека изложува – надвор, на улица! Што е сосема прифатлива нова „културна политика“, нели?! И нова национална стратегија? Тоа ќе рече дека прифатлива форма на уметничко дело според рецептот на Музејот на град Скопје и македонската култура би била онаа којашто сугерира дека „Само уметник од Северна Македонија е уметник“? А останатото е – што? Ѓубре, не-уметност, кич, шунд…?   

Кога историјата утре ќе побара синтетизиран впечаток, израз или одраз за овие две-три децении македонска „демократија“, „независност“ и „сувереност“, што прво паѓа на ум? Што е тоа што впечатливо, како симболика и/или прва асоцијација, ги одбележало овие години? Антиквизацијата и уништувањето на цел еден град? Рачето на срце и колнењето во името, идентитетот и Македонија? Криминалот, корупцијата и непотизмот во највисоките редови на власта? Графиконот на иселувањето на младите од државава? Голиот македонски задник што некој запнал да го покрие „на невидено“ со коридори вредни таинствени милијарда и триста милиони евра…, што?

И дали сето тоа е производ баш на она фамозно „руско влијание“ во државава што ја прави ваква каква што е? Она влијание кое, според еден наш универзитетски „стручњак“, го кочи и го одлага процесот на интегрирање со Западот, а на штета на огнениве борци за демократија?

Сепак, нам не ни треба такво влијание, ние си имаме свое, наследено, комунистичко или посткомунистичко, како сакате. Македонските властодржечки гарнитури, особено последниве петнаесетина години, доминантно црпат „знаења“ од таквото (недемократско) минато,  инкорпорирајќи го во своето секојдневие и практикување на власта. За нив политичкото силеџиство од типичен автократски комунистички происход станува conditio sine qua non за одржувањето на власт. Ама се исплашија дали Лавров ќе дошол во Скопје!

За жал, оваа македонска криенка-миженка со демократијата и континуираното флертување со комунистичкото наследство како репер доаѓа по онаа „незаборавна“ 2017 година како најавувана година на пресврт и ново. Меѓутоа, во овие балкански „демократии“ секогаш го добивате она што не сте го посакувале, уште помалку за коешто сте гласале! Политичкиве силеџии апостериори во игранката внесуваат друга музика и играчи од форматот на извеани „научници“ и анонимни „експерти“, провинциски „министри“ и полуписмени директорчиња како оној во Музејот на град Скопје, кои градат коридори но градските улици ги претворат во ним блиски калливи сокаци. Буквално и метафорично!

Нивниот „систем“ ги штити и комплетните идиоти кога се нивни, а во јавноста ги оспоруваат сите други, дури и потврдените авторитети. Оттука, секоја битка однапред е загубена, а тие ја добиваат (и) оваа (не)културна војна.

Какошто наближуваат изборите, политичкото силеџиство и идеолошкото менгеме цврсто стегнато околу нивните вратови, ја поставува и новата политичка односно политикантска сцена. Сега тие јавно, меѓусебе, се убедуваат дека се однапред познати победници, дека тие, сосе него, ќе формирале влада…, а за сите други се поставува нова 1948 година. И клучното прашање, среде ноќ или во црни зори: за кого си, за СДСМ или за ВМРО и Левица? Ако згрешиш, се знае – лепенката те чека, а од неа е тешко да се ослободиш. И да, нема Голи оток, ама нели, помалку или повеќе, целава „држава“ почна многу да заличува на тој екс-југословенски Сибир?


Кич политики

Кога премиерот не би бил таков каков е, кога неговата партија не би била таква каква е, кога оваа коалиција на власт би била навистина прогресивна а не кич ориентед, на „госпожата“ министерка за одбрана по „скандалот Лавров“ веднаш ќе требаше да ѝ се заблагодарат за „придонесот“ во Владата. Впрочем, тоа требаше да се направи многу порано, особено по она силеџиско натегање со општина Желино околу нејзиниот ќеф незаконски да постави споменик на загинатите војници кај Карпалак. А сега, очигледно од неукост и некултура, му се навртела на Лавров, човек/политичар барем двапати повозрасен од неа и со кариера каква што таа не би можела да одработи уште за три-четири сдсмовски животи: „не гледам зошто тој би доаѓал овде“, вели таа!

И тоа е, меѓу другото, на дело таа кич политика воведена (и) од оваа власт, во која секоја партиска шушумига може да стане министер и да креира „политики“, може својата кусогледост и незнаење да ги проектира и врз важни меѓународни политички прашања или личности, може и – како „министерот“ за транспорт – со одвај еден колку-толку исправен воз да потпишува меѓународен договор за брза пруга… итн.     

Провинцискиот менталитет и слугувањето на неговото височество кичот веќе одамна стана modus operandi (и) на оваа власт. Што драстично им ја менува и диоптријата и фокусот врз важното и неважното, општото и посебното. Одеднаш сите македонски политиканти од власта станаа глобални играчи желни да толкуваат светски процеси и личности, не гледајќи што и како им се случува во земјата. Нив не ги загрижуваат изјавите на Таравари, „музејот“ во Сопот, бравурозните политикантски лупинзи на Османи или дивеењето на тинејџерските банди во Скопје…, тие пак ќе се провикнат „стани Цаци да те види сала“ или ќе ја обвинуваат опозицијата за катастрофалниот Извештај од ЕК итн.

За жал, глупоста и простотилакот на партиските раководни структури и нивната автократска поставеност го држи во строга потчинетост целото членство (со чесни но многу, многу ретки исклучоци!). Што за оние пајтон-партии и не е големо чудо, но кога и една партија којашто себеси сака да се гледа како прогресивна, па дури и има и некакво историско „педигре“ во коешто зборот демократија и морал имале доволно полни значења и политичка длабочина, се препушта на кич стихијата, тогаш иднината на македонската повеќепартиска сцена е јасна.

Впрочем, сѐ што допре актуелната македонска политика, го претвори во – кич, во извртена реалност, во провинциска незрелост. Дури и Уставот, со сето она набројување на народи односно делови на народи – сега дури и Бугарите! – кои, ете, демек некако придонеле во борбата за создавање самостојна и суверена држава Македонија. Иако никој не знае кога и како!? Но никој не прашува ни што остана од оние други цели во преамбулата: Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава; да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта; да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот итн.? Или тие, сега, се згазени од кич-државата и нејзините сменети приоритети? 

Но, всушност, она што навистина е сменето е токму политичкиот амбиент во Македонија, значењето на зборот политика, па и демократија, моралните и прогресивните вредности и мерила, општото интелектуално милје во државата. Тоа е срцевината на оваа културна војна: Македонија веќе нема своја политика туку има „политики“ на дуи, сдсм, вмро-дпмне, алијанса и беса (малите букви се реален одраз на нивното значење за државава!) и – „упатства“ од т.н. „меѓународна заедница“ што и како треба да се случува во државава.

Што, во принцип, при ваква локална политикантска понуда, некогаш и не е лоша варијанта. Но, кога ние би знаеле да ја „прочитаме“. Зашто, на пример, и за жал, дури и „ефективната сугестија“ од странските партнери – ако американската „црна листа“ може (и) така да се нарече! – оваа власт наоѓа начини да ја маргинализира и „неутрализира“. Како што беше досега, особено во „случајот Мерко“, кој е типичен пулен на власта и мешетар пар екселанс. А сега, како да се подразбудија, па министерот за внатрешни бара законска можност компаниите и лицата што се наоѓаат на таа листа да немаат можност да учествуваат во јавните набавки во кои ќе се исплаќаат јавни пари.

А за да не остане подолу, и веќе фамозната вицепремиерка за лошо владеење бара доколку на некој функционер, кој во моментот е на позиција, му биде изречена таква санкција, мандатот веднаш да му престане. А како на Мерко ќе му престане мандатот кога тој е биран од граѓаните? Или што ако некој пратеник во Собранието се најде на „црната листа“? Или, замислете, тоа да биде – Ковачевски? Ама немаме ние таква среќа.

Сакам да кажам: сето ова прозвучува расштимувано, недомислено и неусогласено (иако седат во иста влада!), па и малку наивно, нели. Но основното прашање е: што во меѓувреме ќе работат македонските служби надлежни за криминал и корупција? Ќе „вртат палци“ цела година и ќе ги чекаат американските објави на имиња на „црната листа“?! И значи ли тоа, меѓу другото, и дека ние веќе немаме наши способни институции, наш „стандард“ или репер за тие „дејности“, па и за перењето пари, на пример, па американската „црна листа“ ќе ни биде супститут односно ќе ни ги открие тие лица и фирми?

Сето тоа длабоко мириса на кич-политики, на инфантилни импровизации недозволиви во една современа демократска држава. На што, повторно, нѐ потсетува уште еден фамозен играч на македонската политикантска сцена – Судскиот совет. Тој, имено, повторно смислил „историска“ одлука: да го казни судијата кој 9 месеци го чувал предметот „Тврдина-Таегет” за да застари, со 20 отсто од платата во наредните 6 месеци! За намерно застарување на најважниот предмет во актуелната судска пракса и „темелот“ врз којшто се градеше и СЈО и оваа „прогресивна“ власт! На здравје.

Затоа, впрочем, и клучното прашање за македонската политика, или „политика“: кој ја конфигурира, и како, и дали воопшто ние имаме наша политика? Па дури, во ваква кич ситуација, дали воопшто и можеме/треба да ја имаме? Се разбира, знам дека ова е многупосакуваната небулозна зона за тезите на оние кич-интелектуалци (со примерот за слоновите, па со значењето на албанскиот фактор и слични глупости), за нашата малост, па и неспособност да се носиме со актуелните трендови на светската геополитичка ситуација итн. А со што јас длабоко не се согласувам бидејќи тоа е само проста замена на тезите, односно оди на линијата на оној дефетистички „концепт“ дека ако не можеш да го победиш непријателот – приклучи му се.

Но, но, се појавува дилемата: гради ли, смислено, некој/некои таква реалност, таква импресија за македонската неспособност – не само политичка – и дали и тоа е дел од културната војна? Или неспособноста на оваа власт е сосема доволна самата да се дискредитира. Тогаш, останува прашањето: зошто поддршка, дури и на меѓународната заедница, за една ваква неспособна власт? Само овие ли се (не)кадарните да ја изведат докрај играта за неспособната држава на којашто, очигледно, ѝ треба помош?!

Кич луѓе

Можеби не знаеме како се забавуваат во кафеана Шолц, Макрон или Мелони, дали првиот нарачува да му ја свират Бетовеновата „Eroica“, вториот некое ноктурно од Дебиси итн., или сепак слушаат нешто посовремено, но тоа сигурно не е онаков лумперај како на тројцана балкански „јунаци“ – да не речам простаци – среде Белград. И, да речеме, не е проблем што кај „нашиве“ ечи Харис Џиновиќ а они се трескаат од земја, можеби и кај спомнатине европејци некогаш ќе запее некоја Цеца или Лепа Брена, ама тие нема јавно да паднат во алкохолен севдах, не пред камери. И тоа е првата разлика.

А втората е што „нашиве“ провинцијалци уживаат што тоа го прават јавно, зашто ако другите/јавноста не знаат како тие лумпувале, исто како и да не се случило, нели! Зашто не си ја ни разбираат простотијата, мислат дека се фраери од нивниот сокак и дека луѓето се воодушевуваат кога ги гледаат на таквите теревенки. И факт е: многумина се воодушевуваат! И тоа е една од битните разлики што (и) оваа власт ја наметнува со оваа културна војна во Македонија: кичот и шундот во сите сфери стануваат доминантен „концепт“ во државата.

Затоа денес ни изгледа смешно – или можеби ние сега си изгледаме смешни? – она „демонстративно“ фрлање боја врз кичот на „СК 2014“, она наводно згрозување и важно чепатење што и како тие ќе направеле со оваа архитектонско-споменичка збирштина во центарот на Скопје. Направија – мало сутра!

Но, погледнете ги малку подобро сите наши „државници“ од највисоката хиерархија надолу, сите тие личат на „СК 2014“, кичот и шундот им е во крвта и во малиот џеб, составен дел е од нивната „култура“. Тие никогаш и немаа(т) намера да се справуваат со него зашто тоа за нив би било рамно на самоубиство! Би отстраниле важен дел од себеси, од своето „тело“, од своето битие. И од својата љубов.

И токму таа простачка кич „арија“ стана доминантна нота во новиот (не)културен концепт на државата, токму таа „сушност“ се вее на знамето на нивната културна војна против граѓанството во Македонија. Во нивниот (не)културен концепт простотијата стана мерило на важноста на човекот! И неговата неукост, нестручност, провинцијализам, партиската возљубеност…, како дополнителни „квалитети“! Кичот не е единственото обележје (и) на овие, но е еден од поважните сегменти во војната.

Велам не е единствен бидејќи, како што потенцирав минатиот пат, огромен е фронтот на оваа војна, практично ги зафаќа сите институционални правци во функционирањето на државата: од „идеолошките“ до културните, од административните до образовните, од еколошките до судските… Но и етничките, бидејќи и етнофобијата и национализмот се составен дел на оваа културна војна! Во сите пори на системот се вгнездени воинствени протагонисти (и) на оваа власт, секогаш подготвени да промовираат дополнителни мерки за конечна егзекуција на демократскиот и граѓанскиот дух на државата. Тие се еднакво распоредени и во четите на невладиниот и „аналитичкиот“ сектор како дел од „петтата“ и „шестата“ колона, задолжени за пропагандно политикантското сеење магла во општеството.

Впрочем, прочитавте ли деновиве барем збор-два од владинава клиентела за петдневните теревенки во Белград? Нема ни да прочитате!

Целиот корпус на државното „тело“, сите функционални правци во него се важни во една ваква војна зашто таа е комплексна и мора да победи на сите фронтови. Заостанати демократски острови и/или граѓански слободарски манифестации се непожелни и недозволиви. Победата, ако не е целосна, не е победа на кичот, некултурата, шарлатанството, политикантството, простотијата. Провинцискиот барјак мора да се вее на сите тврдини! И да биде видлив од сите страни. А впрочем, зошто споменикот „Воин на коњ“ е со онолкави димензии? И зошто беше толкаво она знаме на „Голема албанија“ во Тетово? И зошто лумперајот од Белград мораше да биде јавно достапен?!

Паралелно со воведувањето на кичот како стандард во општеството, се одвива(ше) и замената – што е и суштината на кичот, нели – на вредностите во сите државни сегменти, особено во оние „најболните“, политичките. А со тоа ги „преуредивме“ и дефинициите за корупцијата, криминалот, злоупотребите, неморалот, неспособноста итн. А впрочем, што друго беа измените на оној Кривичен законик во делот за бришење на злоупотребата на службената должност? Како и најновиот „бисер“: новиот Деловник на Собранието!

Македонската политика полека но сигурно се трансформираше во политикантство кадешто минорни партиски шушумиги од собраниската или партиската говорница делат „лекции“ за нешта што воопшто и не ги разбираат. Парламентот одамна, уште од времето на т.н. „црн понеделник“ во онаа 2012 година е претворен во куќа на кичот во којашто денес владее – буквално! – мирновременска воена диктатура. Или офицерски пашалак, ако повеќе ви се допаѓа. Па оттука, зарем навистина нѐ зачудува однесувањето на пратениците на „Левица“?

Политиката и културата се двата главни столба на кичот и провинцијализацијата во македонското општество. Впрочем, уште Хорхаимер и Адорно посочуваа дека општеството и културата формираат еден историски тоталитет, таков каде што тежнението за слобода во општеството е неразделно од тежнението кон просветеност во културата! Зашто, всушност, говорејќи и за политиката, и за историјата, и за општеството…, ние говориме за културата и, во крајна линија, за – слободата. Но ние, наместо за култура, говориме за – кич.

Па следствено, во услови на веќе очигледна тотална културна војна, македонската култура повторно нема што да каже. Таа впрочем не смогна сили да проговори ни за идентитетскиот и културниот предизвик од источниот сосед, ниту пак за „врамувањето“ во онаа евроинтегративна Прокрустова постела. Страотен, на самата граница на веројатноста, е молкот на македонската култура за егзистенцијалните прашања, но затоа ефтини кич пискарала и грст хистерични „филмаџи(к)и“ се кренаа да глумат едновремено обвинители и судии заради доделувањето на награда на еден српски актер. А сега, кога пред нив се одвива една нова јавна инфантилна кич претстава со Агенцијата за филм во главна улога, тие – молчат.

Не им пречат криминалци и незнајковци, тие ја прифаќаат како своја и рамна на себеси онаа неписмена и неспособна банда културни профитери кои во нејзино име ја резилат низ регионот и светот. Прифаќаат сѐ: од неспособни „мамини и татини“ ќеркички и синчиња до партиски џуџуња на директорски позиции, од лажни демократи до „демократски“ лажговци, од кловнови во „експертски“ куси панталони до џепчии како владини миленичиња…

Затоа, тука повторно доаѓаме до спомнатите Хорхаимер и Адорно, кои посочуваа(т) дека во современите општества, многу често, јавноста е безмалу неизлечиво заробена од страна на коруптивната култура што ја соголува од нејзината автономност и индивидуалност! Кичот нѐ зароби целосно и неповратно.


Дајте вина, хоќу лом

На што ви наликува оној „перформанс“ во некоја белградска кафеана, со тројца распеани премиери кои бараат вино и ветуваат – лом? На успешна европска приказна или на темна балканска провинција, на Харис Џиновиќ на европски начин или на „прогресивна“ културна војна? Кое, и какво е, тоа културно рамниште што ќе нѐ носи во Европа?! 

Не сум сигурен дали и колку македонското општество сериозно ја перцепира и препознава војната, или „војната“ (ако ви звучи поумерено и поприфатливо!), што веќе неколку години се води на сите важни државни фронтови. За жал, македонскиот граѓанин, дефинитивно шокиран и делумно парализиран од неспособноста и кримогеноста на власта, од ценовните удари, галопирачката сиромаштија и веќе катастрофалните услови за нормален живот, едноставно нема време поопстојно да ги следи овие „суптилни“ збиднувања во општеството.

А тие не само што не се розови, туку стануваат црни, мрачни, злокобни. И, да појаснам: оваа културна односно некултурна војна не е крвав конфликт како оној во Газа или Украина, не се води за територија туку за превласт на еден (културен) концепт над друг, на една автократска матрица над базичната демократска суштина. Или она што останало од неа!

И воопшто не се суптилни, само што не ги систематизираме, не ги класифицираме под заеднички именител и иста цел: културна војна за превласт на еден провинциски концепт над модерниот европски дух, на неправда над правда, на политикантство над политика, на шарлатанство над наука итн.. И во таа војна де факто нема ништо културно, напротив. Зашто, зарем во заканите на министерот за надворешни работи со „имиња и презимиња“ на „предавниците“ има нешто културно и демократско; зарем во прогласот на премиерот за Македонија како лидер во регионот има барем зрно култура; или во неговото однесување во Белград на „винскиот саем“; или зарем оној т.н. Судски совет некој може да го види поинаку од ударна судска тупаница на власта…?

Или, ако сакате, кога сте го слушнале македонскиот премиер да „запее“: дајте повеќе демократија? Ама „дајте вина“ – може?! И ни сервира – лом?

Дали ние ја препознаваме таа „чиста“ војна, без крв и разурнување но со длабоко девастирачки последици, е сосема друга работа. Ние, впрочем, во борбата за голиот живот одамна не правиме разлика помеѓу политикантство наспроти политика, навивачко силеџиство и празноглави флоскули наспроти интелектуален говор, државен концепт vis a vis простачки манипулации… Како што, де факто, загубивме ориентација и во насоките на тоа што е кич а што култура, што е образование наспроти диригирана импровизација или што е наука наспроти шарлатанство!

Затоа, можеби, денес македонскиот граѓанин не умее да препознае дека е среде сериозна културна војна, дека македонското општество последниве деценија и половина се наоѓа „во окото“ на жесток „идеолошки“ судир, можеби најголем од 1991 година наваму. И дека тој судир е всушност континуирана убиствена културна војна, но не за превласт помеѓу СДСМ или ВМРО, ДУИ или Алијанса…, уште помалку за интеграција во ЕУ, туку за идеолошко репозиционирање внатре во државата? Или, можеби, гледа но не разбира што гледа и што ни се случува?

Меѓутоа, ако за „просечниот“ македонски граѓанин, судрен со животниот хаос, човек може да најде редица оправдувања за непрепознавањето, па и игнорирањето, на овој одамна очигледен судир, такви чувства не можете да имате за македонската таканаречаена интелектуална елита. Зашто таа, во голем дел, е инспиратор, па и егзекутор, во оваа војна, раководена не (само) од (небулозни) идеолошки туку од чисто лукративни причини.

Но, можеби придавката културна ја ублажува перцепцијата за оваа тековна војна па само малкумина ѝ обрнуваат должно внимание? Веројатно, но тоа е апсолутно несоодветно однесување бидејќи културните војни имаат еднакво убиствени и долгорочни последици. Тие, последиците, се следат во целото општество, во политичкото милје, во културата, образованието, науката, во историјата и идентитетот… итн. Придавката културна нема врска со културата како посебна „тесна“ област: културните војни го опфаќаат целиот живот на државата, сите нејзини функции, општеството како такво, иднината…!

Оваа војна е културна војна бидејќи ги опфаќа сите сегменти на општеството: од етнички и религиозен карактер, од економијата до науката, од културата до образованието, од здравството до животната средина… Војната започната во онаа 2006 година требаше целосно да ја окупира државата – што и го стори! – но интермецото во онаа 2017 година навести можен пресврт. Меѓутоа кримогеноста, коруптивноста, неспособноста и некултурата на самонаречените прогресивци го завртеа текот на историското интермецо во своја полза: повторно ја заробија државата, прво во формата на хибриден режим, сега како отворена криминално коруптивна агресија. Со сесрдната помош од т.н. „меѓународна заедница“ и домашните „интелектуални“ подлизурковци.

И не се тие така небитни чинители, како што обично мисли опозицијата. Којашто, патем, е еднакво слепа за димензиите на „војната“. Таа ја гледа, или согледува, само политичката страна на нештата и ги „лови“ нејзините криминални манифестации. Но оваа војна е мултифацетна, повеќедимензионална, сеопфатна. Со неа се определува иднината на државата: карактерот на системот, функционирањето на институциите, меѓународната позиција и др.

И да, опозицијата како да не го препознава ни ангажманот на локалната „петта“ и „шеста“ колона. Иако нивните некогаш збиени редови полека се осипуваат, сепак уште имаат силни упоришта. И засилена реторика. Сега бараат предавници и велепредавства, лажни и опасни дилеми, будали со или без рогови…, а не се гледаат себеси. И нештата ќе се интензивираат како што ќе одминува времето и ќе стане јасно дека „конзистентните“ криминалци сепак – напредуваат!   

Денес, очигледно е веќе, се бијат последните битки во оваа војна за (ре)дефинирањето на државата, за значењето на Македонија, за тоа што и кои сме биле (што е особено важно) но и кои ќе бидеме! Ако македонската интелектуална јавност ни тоа не го гледа, тогаш е дефинитивно ослепени од алчноста. Или, едноставно – не сака да види бидејќи е на погрешната страна?! Можеби. Но, оваа војна не е војна само и единствено на интелектуалниот дел на државата. Таа, односно нејзините резултати нема да го погодат само тој дел од јавноста односно државата.

Зашто, на пример, последната „пресуда“ на една „судијка“ во Основниот граѓански суд, не ја погаѓа само ИРЛ туку целата медиумска сфера. Денес е на дневен ред „само“ Истражувачката репортерска лабораторија, но веќе утре ќе бидат и другите медиуми. Денес само една „судијка“ се дрзнува да дели јавна неправда, да доделува или одзема статус на јавен интерес, да признава или непризнава новинари, да определува што е новинарство а што не, да решава што е за јавна а што за внатрешна употреба… итн. Но веќе утре ќе се појават нови такви „судијки“, ќе ви влезат и дома ако им наредат, ќе потпишуваат налози за апсења, ќе затвораат фирми… Тоа се тупаниците на културната војна во судството и медиумите!

Оној скандалозен Судски совет е само уште една продолжено „софистицирано“ оружје на таа војна. Тој и понатаму (ќе) бира судии кои на ист или сличен начин ќе делат шамари и во сите други области. И никој не може да го сопре? Ма дајте, ве молам.

Мизерна „семејна“ лакрдија

Ние дефинитивно веќе не знаеме каде лежи нашиот поголем проблем: во локалнава криминална власт или во бриселската политикантска номенклатура? Или, всушност, во партнерството на двете неморални страни, здушно помагано од лукративната ни „интелектуално образована“ клиентела?

Зашто, да објавиш онаков катастрофален Извештај за состојбите во една земја, а потоа „елегантно“ да ја продолжиш „страсната врска“, треба да бидеш беден политикант. Или, како власт да добиеш онаков поразителен „опис“ за нефункционирањето на државата а причините за тоа да ги наоѓаш кај опозицијата и сите други, треба да немаш ни образ ниту морал.

Е таа и таква мизерна „семејна“ лакрдија ни се сервира деновиве, зачинета со засмрдени додатоци од локалната „експертска“ кујна која со сите сили се обидува да ја убеди јавноста дека ништо страшно не се случило, дека такви „оброци“ сме добивале и порано, дека никој всушност и не ги чита тие извештаи итн., итн.         

Затоа, впрочем, речиси е невозможно да се поверува дека бесрамната папочна врпца Брисел-Скопје којашто ја храни оваа коруптивно-криминална мафија ќе се пресече. Затоа, впрочем, и сомнежот дека неморалниот карактер на онаа бриселска гарнитура односно нивната потреба од ваква криминална македонска власт каквашто им помогнавме да си сместат во Скопје ќе се смени по актуелниот Извештај за состојбите во државава (не само) во 2023 година. Застрашувачкиот опис на нефункционирањето на оваа држава, иако често со воздржан политикантски речник, сепак, се чини, ќе биде надминат со познатата флоскула за „стратешкиот интерес“ на Унијата, но на штета на интересите на македонските граѓани во овој веќе грд процес.

Да не е така, и некои други делови од Извештајот ќе звучеа поинаку односно ќе ја опишуваа македонската реалност со вистинските зборови. Но, уште од првите страници очигледна е подготвената отстапница во интерес на стариот шаблон на жизнерадосна соработка со оваа власт. И ова воопшто не е некаков песимистички пристап – а би требал да биде, после сѐ – но некои нешта се видливи и со голо око и читливи „црно на бело“. И не се многу пријатни.

Веќе стартот, односно првите реченици на Извештајот (таканареченото „Резиме на извештајот“, т.1.2.) ја откриваат трагата на отстапницата тврдејќи дека „Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата, соочувајќи се со значителни предизвици на планот на владеењето на правото“!

Ваквото, во самата суштина „проблематично“ (да не речам замаглено до лажливост!) тврдење, ако не е резултат на континуирано слепило, тогаш е одраз на свесното премолчување на вистинските состојби и авансирање во идната (повторно) неморална „соработка“. Поточно, прво, таа фраза запаѓа во очигледна и непродуктивна контрадикција бидејќи „зајакнатата демократија“, ако навистина ја има, не може да се судрува со „предизвици на планот на владеењето на правото“. Особено заради тоа што ова што се случува кај нас не се банални предизвици туку е директно и вулгарно поништување на владеењето на правото!

Второ, тоа не е мој произволен заклучок туку тоа газење на правото се констатира долж и попреку целиот Извештај – за судството, за корупцијата, за организираниот криминал итн. – со, на моменти, прилично остри констатации, што е неспоиво со констатираната „зајакната демократија“. Или, да прашале составувачите на Извештајот кој и да е нормален (што ќе рече непартиски) македонски граѓанин, ќе добиеле одговор дека Македонија е многу подалеку од демократијата денес отколку што беше во 1991 година!

Или Брисел и тамошната номенклатура сакаат да речат дека констатираните висока корупција и организиран криминал во самиот врв на државата се второто име на зајакнатата демократија а ние тоа не сме го знаеле? И како овие „категории“, заедно со страотно корумпираното и контролирано судство ја зајакнуваат демократијата? И каде се тука сите оние секојдневни автократско фашизоидни изливи на поединци на челни позиции во власта?

Понатаму, дали, на пример, за нормален демократски чин на власта се смета склучен договор во четири очи вреден 1,5 милијарди евра? Има ли сличен пример во европските демократии па и ние така да го прифатиме?

Или Брисел за зајакнати демократски чекори ги смета и актуелните притисоци на власта за наметнување на некогашната контрола врз медиуми преку методот на поткуп со буџетски пари? Оној ист метод од времето на груевизмот, а којшто се покажа за погубен за дел од медиумите и против којшто секојдневно демонстрираа македонските граѓани? И повторно ли власта ќе биде главниот и (не)одговорен уредник на повеќето телевизии? Тоа ли е бриселскиот тип на демократија во медиумите?      

Вистинската реченица за почетокот на ваков извештај би била дека Северна Македонија, во периодот по 2017-та година воопшто не го започна очекуваниот процес на зајакнување на демократијата. Следствено, игнорирањето на тој незапочнат (иако најгласно ветуван) процес ескалираше од година в година, до резултатите посочени во понатамошниот дел од Извештајот. Односно, невозможно е една земја да ја развива и особено да ја зајакнува демократијата а притоа да постигнува онакви поразителни „резултати“ во сите најважни сегменти во општеството.

Така требал да започне овој Извештај, и веднаш тука да – заврши!

Но, многумина би сугерирале дека таквиот почеток и потенцијален крај би предизвикале силни потреси во т.н. „меѓународна заедница“. Дали навистина? Можеби. Но дали на таа „меѓународна заедница“ ѝ е поважно да има во скутот нестабилна, недемократска, криминално коруптивна и лоповска држава…? Веројатно, бидејќи тие и такви „држави“ полесно се контролираат.  

Следствено, дали на Брисел токму заради тоа му оди во прилог ваквиот вокабулар што ги извртува фактите за вкупните (не)демократски состојби во државава и отвореното говорење невистини (да не речам лажење)? Веројатно. Инаку, целиот трагикомичен евроинтегративен процес на Македонија би морал веднаш да заврши. Или, во најдобар случај, да биде ставен во мирување до нормализирањето на состојбите во државата. Што не би било ни брзо ни лесно, особено заради фактот што доаѓаат избори на двете страни, при што исходот, барем во едната, е предвидлив со голема веројатност па следната бриселска гарнитура ќе мора многу работи да започне од почеток?!

Главоболка после журката?

Некој, конечно, не само кај нас, (ќе) мора да пристапи кон посериозна (пр)оценка на однесувањето на политичарите бидејќи тоа – нивното континуирано необјасниво однесување – пречесто многу скапо ги чини граѓаните. Да, јавното мислење е некаква „инстанца“ во оваа насока но, на пример, ЕУ јавноста баш и не е претерано заинтересирана за изјавите односно однесувањето на „госпожа“ фон дер Лајен на нејзините балкански „турнеи“ (најблаг можен квалификатив за нејзините политикантски променади низ овие простори!). Ама ние – сме, сѐ уште ни е свеж нејзиниот неодамнешен карикатурален танц со македонскиот премиер и благоглаголивата арија што тогаш ни ја испеа. Од којашто сега, со овогодишниот Извештај, не остана ни нотичка. Само главоболка.

Од друга страна, кај нас јавноста е таква каква што е и државата: поделена до разнебитеност, трагично некомпетентна и навивачка, ужасно провинциска и крајно некултурна. Затоа и „нашиот“ премиер онака слободно (да простите) се „клешти“ пред камери, држи лекции на новинари, па и историски предавања што всушност ни самиот не ги разбира. Или прогласува „најдобра држава во регионов“, од којашто, повторно после овогодишниот Извештај, не останува ни држава, а камоли – најдобра! А тој, се крие.

И сѐ се тоа журки односно теревенки со последици, особено последнава во Скопје при посетата на „госпожата“, после кои доаѓа мигот на отрезнувањето. А со него и – главоболката. Во случајов тоа отрезнување се вика North Macedonia 2023 Report односно Извештај за Северна Македонија за 2023 на Европската комисија! Екс-министерката Десоска го оквалификува во професорски стил: „седи кец!“.

И сега јавноста во Брисел но и во целата Унија треба да ја праша „госпожа“ Урсула како тоа, само пред десетина дена во Скопје, таа иста North Macedonia беше направила многу на патот кон ЕУ и заслужуваше членство, дека „Прогресот кој го правите со детерминацијата да продолжите по европски пат е за восхит”, дека „неверојатно е навистина она што Северна Македонија досега го има постигнато и затоа навистина посакувам (…) да продолжи да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат“ и слични глупости, а сега, одеднаш, добива онаков Извештај?

Како одеднаш, безмалку преку ноќ, тој нејзин восхит колабираше во континуитет на длабока и висока корупција и криминал, на злоупотреба на европското знаменце, на катастрофално судство, на ужасна администрација, блокиран Парламент, на закочени реформи…? Како така ненадејно во државава нема веќе „големи успеси“ туку има: „никаков прогрес во судството за време на извештајниот период“ и дека „се доцни со „новата стратегија за судски реформи“; дека „корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачка“ и дека „Кривичниот законик беше амендиран низ забрзана парламентарна процедура“ и ги намалува максималните законски казни за специфични криминални дела поврзани со корупцијата; дека во земјата и понатаму има проблеми со организираниот криминал, заштитата на основните права, слободата на изразување итн.

Како тоа црцорењето на „госпожа“ Урсула одеднаш се трансформираше во реквием за Северна Македонија? И зошто никој не говори за огромниот придонес на расштимуваниот оркестар вика Европска комисија кон овие и вакви состојби во државава (одамна видливи со голо око!), за оние повеќегодишни лажни фалби – и нивни и наши – за некаков прогрес во евроинтеграциите, за лидерството итн.? Зашто, колку што оваа оценка „седи кец!“ се однесува на друштвото на мртви политичари со неограничена неодговорност во македонската власт, таа е еднаков шамар и за Европската комисија, за тетка Урсула, Борел, Вархеи и останатото братство на квазидемократи. Бидејќи токму нивната необјективна и крајно неморална долгогодишна поддршка на оваа власт сега е самооценета во Извештајот!

И зарем не беше оваа иста постава на европски политиканти што така агилно го поттикнува(ше) ваквиот македонски криминален начин на водење „политика“ само заради постигнувањето на (наводно) стратешката цел на ЕУ? А притоа ги маргинализираше националните суштински цели во тој процес, а попатно државата – или она што останало од неа – дефинитивно ја трансформираше во криминално дувло? Ама сега само криминалциве добиваат „кец“, а професорите – што? Па, во крајна линија, нема ли некој во Брисел да ја праша и „госпожа“ фон дер Лајен за неморалната скопска журка, а во светлина на овој Извештај?

Но, во Брисел никој нема да ѝ поставува такви „незгодни“ прашања. А нема да ги има ни овде, за неа или за премиерот. Кој, патем, три дена се крие или има навистина толкава главоболка? Меѓутоа, додека тој да смисли што ќе лаже – пардон: каже! – водечката улога ја превземаат секогаш спремните министри за евроинтеграции и надворешни работи: нема ништо толку страшно во Извештајот односно за сите лоши нешта во него виновна е опозицијата. Или она веќе смешноно човече кое вели дека Извештајот, демек, „дава патоказ за натамошната работа на институциите, како и областите во кои треба да посветиме внимание“!

И тука завршува нивната одговорност кон македонскат јавност и нивните гласачи. Тук-таму ќе се провикне некој(а) од оние ухлебени „видни“ членови на сдсм бандата, во стилот „Нема повеќе тефтерчиња и нарачки“ (што е, црно на бело, демантирано во Извештајот!), а остатокот од понапорната работа на минимизирање на штетите од катастрофата ќе ја препуштат на суријата абоненти од „интелектуално образованата“ провениенција. Додуша, сега и тие се некако во шок и замолчени, чекаат инструкции, што ли, но ќе се огласат, бргу.       

Оттука, ние не знаеме кој ни е поголемиот проблем: локалниве криминалци или бриселската политмафија. Ако после ваквиот Ивештај Европската комисија не ја стави оваа криминална власт на „stand by“ на 12-ти колосек додека не ги исполни сите, ама баш сите, до една, препораки посочени во Извештајот, ќе знаеме дека коруптивната трансферзала Брисел-Скопје и понатаму ќе се журка заедно.  

Во што дури и не се сомневам бидејќи за можниот таков развој на трагикомедијава има очигледни назнаки во делови и од овој Извештај. Но за тоа во следната прилика.   

Судска сапуница

Зачудувачки е, барем за мене, како „глуво“ поминува во македонската јавност „Манифестот“ на германски „Билд“. Да беше поинакво четиво, особено некоја пофалба за Македонија, ќе летаа цитати и поддршки, пак ќе имаше ракоплескање и Danke Deutschland… Ова – не ни одговора, особено не ако потенцијално го видите (и) како македонско секојдневие. Ние во принцип не сакаме да се споредуваме, не само заради сѐ почестиот факт дека притоа си ја гледаме вистинската слика за земјата. Во таквите ситуации гледаме и колку сме назад од цивилизираниот свет, колку и што не сме направиле а сме можеле, и морале, колку актуелните политикантски пропаганди и понатаму успеваат да нѐ држат во клештите на симулакрумот.

Кога би ги проверувале, точка по точка, оние „упатства“ од „Манифестот“ (без оглед што тие се однесуваат на Германија) и за секое од нив јавно и детално би дебатирале барем еден месец како за наша реалност, би ни требале најмалку педесет месеци односно повеќе од четири години за да дојдеме до некакви заклучоци. Ако сакаме, се разбира. И то не би биле четири загубени години како овие седум. Напротив. Тие би разбистриле многу матни води во македонското општество, особено оние во „опШеството за сите“, во самопочитувањето и почитувањето на другиот, во патриотизмот и одбраната на државата итн.

Редоследот на точките не е важен, важна е расправата. Актуелните случувања можат да го диктираат редоследот, на пример точката 18, којашто вели: „Ние го почитуваме судството затоа што суди без предрасуди“. Од кога кај нас не сме слушнале ваква реченица!? Германците се гордеат со судството а неи го гледаме како една од најболните точки во државата. И тоа се констатира „долж и попреку“ на сите компетентни инстанци, па и од страна на т.н. „меѓународна заедница“, но најчесто без разрешница или соодветна вистинска акција. И таа, очигледно, нема да дојде бргу.

Меѓутоа, за оваа прилика, а во светлината на актуелните случувања на релација Судски совет-претседателка на Врховниот суд, малку би ја модифицирал посочената точка: како да го почитуваме судството во контекстот на ваквите македонски релации? На пример, ако во македонското судство нема самопочит односно судиите не се почитуваат меѓусебе? Или ако тие, како добри „деца на комунизмот“, и понатаму говорат во познатите шифри „некој, некаде…“?

Зашто, ако претседателката на Врховниот суд на државава – што ќе рече не некој општински/„селски“ суд – се оглушува односно отворено демонстрира против поканата на Судскиот совет како нејзина надредена инстанца, тогаш што? Како ние би ја почитувале и претседателката и судот што таа го води, уште помалку оној Судски совет чијашто работа се претвори во македонска сапуница? Но, карикатуралноста на овој и ваков Судски совет може ли да биде оправдување за претседателката на Врховниот суд за онакво бахато игнорирање на формално надредените колеги во стилот „не го признавам овој суд“? Иако и самата, по функција, е член на тој совет?

И понатаму, ако, на пример, Законот за Судскиот совет, во член 3 став 3, вели дека „Советот со својата работа оневозможува политичко влијание во судството“, зошто претседателката на Врховниот суд го игнорира ова и мисли дека поголема помош ќе добие на друго место, на пример во некоја странска амбасада?

А впрочем,  дали ваквото однесување на судиите му дава право и на граѓанинот утре, со истите „образложенија“, да не се појавува пред судовите? Со таа разлика што граѓанинот ќе биде присилно приведен, а претседателката – не.

Но, имајќи го предвид вкупното веќе комедијантско и често вулгарно однесување токму на тој Судски совет, веројатно и секој од нас би се замислил дали воопшто има некаква смисла појавувањето и расправата со/во една таква збирштина. Меѓутоа, зарем и ваквото „однесување“ на претседателката на Врховниот суд не оди на линијата на потценување и вулгаризирање на состојбите во судството?      

А во тој контекст, каква полза има граѓанинот од сѐ почестата формула на неодреденото зборче „некој“ и „некои“, со широко отворени алузии, а во замена на конкретното посочување на лице/лица заради одредени дејствија. Во случајов, тие „некој“ и „некои“ се поблиску дефинирани како дел од политичките структури, но тоа де факто се подразбира бидејќи никој друг освен тие „структури“ не може да врши притисок врз судовите.

Следствено, што добива граѓанинот од ваквите „закукулени и замумулени“ изјави на поединци на високи позиции во државата, меѓу нив и на претседателот на државата кој, кога сака да биде интересен за јавноста, истрчува со такви глупости дека некој, некаде, му кажал нешто…? Фингирана искреност , лажна чесност…, што? Демократијата не може да се развива со замаглени флоскули и недефинирани обвинувања, уште помалку тоа може да биде придонес за стабилизиција на судството во оваа држава и/или пример на сериозно однесување. А во крајна линија, зошто една амбасадорка на странска земја, па нека е и САД, би требала да знае повеќе за случајот од македонскиот граѓанин? И што ни говори тоа за оваа држава?

И дали и македонските граѓани, кога ќе имаат проблем со правдата/судовите, но и не само со тоа, треба да одат по странските амбасади да бараат заштита и решение на проблемот?

Меѓутоа, последниот настап на министерот за правда и барањето Судскиот совет веднаш да отвори постапка за утврдување на одговорност за судијата и претседател на Основниот суд Квадарци, говори за моќта на државата но и за ингеренциите на Судскиот совет. Ингеренции односно надлежности целосно игнорирани/понижени од претседателката на Врховниот суд. И сега, министерот ќе побара и нејзино разрешување? Или и тој ќе оди на консултации кај амбасадорката?

Но, целата оваа судска рашомонијада, погледната низ посочената точка на германскиот „Манифест“ („Ние го почитуваме судството затоа што суди без предрасуди“), повторно и по којзнае кој пат ја открива мафијашката спрега помеѓу политиката и судството, сега и низ кажувањата на угледна личност од врвовите на македонското судство. Без оглед кои се оние „некој“ и „некои“ – а и тие бргу ќе бидат откриени! – повеќе од јасно е дека македонскиот граѓанин нема ама баш никакви шанси да дојде до право и правда во еден ваков политичко-судски лавиринт. Повеќе од јасно е дека често и неговиот живот зависи од коруптивните спреги помеѓу криминални ликови од двата табори.

Впрочем, зарем и последниот предлог за член на Уставниот суд, при што јавно се посочува партиската припадност на предложеното лице, не говори за отворената партократска војна што оваа власт ја води против граѓаните на оваа држава?

Особено последниве две-три години, откако веќе беше јасна тоталната неспособност на целата владеачка политичка структура од двете коалициски страни и цената што ќе мораат да ја платат, се води беспоштедна битка за обезбедување на постабилни идни позиции односно обид за задржување на власта по секоја цена. И тоа „по секоја цена“ значи дека нема цена што тие – се разбира од џебот на граѓанинот! – не се спремни да ја платат за уште еден мандат. Дотогаш ќе застари сѐ, сите криминали ќе ги прекрие новото политикантско ѓубре што постојано се таложи во државава.

Но, за крај, повторно: можеме ли ние, како германскиот „Билд“, да речеме дека ние барем делумно го почитуваме судството затоа што суди без предрасуди? Не, се разбира, бидејќи речиси и да не можеме да посочиме еден „чист“ пример од праксата. Но не (само) заради скандалозното однесување на судиите или на Судскиот совет. Ние, впрочем, не можеме, за жал, да кажеме дека – барем делумно! – почитуваме што и да е во функционирањето на оваа власт, па и на опозицијата. Политичките влијанија се само еден сегмент од проблемот. Другиот се оние „нешта“ за коишто, на пример, говореше холандскиот амбасадор, а во голем дел се однесуваат (и) на судството. Што пак, повторно, во македонската јавност помина како благ ветрец преку образот на власта и нејзината клиентела, како ништо важно да не се случило во државава.

Впрочем, ни македонскиот Устав, ниту пак законите, бараат од нас го почитуваме судството или што и да е друго во државава. Почитта, сепак, доаѓа преку други „канали“, а не низ Устав и закони. И се заслужува, се разбира. Но членот 100 од Уставот сепак упатува дека „Судиската функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија“. Можеби од тука треба да тргне долго очекуваниот карван…?      

Македонијо, ние немаме ли проблем?

Можете да се согласите со „Манифестот“ на германски „Билд“ или не, но тој прилично реално отсликува една состојба денес не само во Германија туку и во повеќето европски земји. Можете да се согласите, или не, со многу точки од тој „Манифест“, некои дури можете да ги доживеете и како прилично „тврди“ – да не речам потежок збор – но не можете да им ја одземете актуелноста, па и објективноста. А многу од наведените точки секако ќе ги препознаете и како наши, локални.

И ние, како и Германците, научивме многу нешта, особено во изминативе пет-шест години. Што, заедно со оние од периодот 2006-2017, прават речиси цели две децении правен, политички, економски, образовен, културен… хаос во државава. Поточно, ни го даваат правото да прашаме: имаме ли воопшто држава, постои ли некаква (не само) правна сигурност за граѓанинот во неа, има ли иднина за младите генерации овде или истата ќе ја бараат во европските држави. Кадешто, како во Германија, ги чекаат горе-долу сличните (ако не и поголеми) проблеми, но сепак имаат реални шанси за подобар живот.

Ако една Германија вели „Никогаш повеќе“, за нас тоа беше пред шест-седум години. И еве го повторно. Пак ли секојдневно ќе маршираме и ќе ги повторуваме истите зборови и реченици? И како тоа „Никогаш повеќе“ ни го претворија во „мало сутра“? И зошто воопшто го дозволивме тоа? И зошто воопшто дозволивме полуписмени политичари да ја водат земјата во нејасна, магловита насока? И како воопшто е можно еден претседател на држава сега, после толку години, да држи лекции за монтирани судски процеси и да продолжи да ја извршува претседателската функција? И како е можно криминалот и корупцијата да се трансформираат во државна политика?

Ние имаме поголеми проблеми од Германија, но никој не сака да ги види. Тие можеби – велам само можеби – имаат „ксенофобичен“ проблем со „дојденците“ во нивната држава, но ние имаме проблеми со себеси. Ние не се почитуваме меѓусебе, не пак да ги почитуваме странците. Ние и не сакаме да се почитуваме, а прашање е и дали сакаме да живееме заедно. Секојдневно сведочиме на премногу манифестации на нетрпеливост, на зло, на непочитување на другиот за да кажеме дека живееме заедно. „Општеството за сите“ е распадното одамна, но ние ни тоа не сакаме да го признаеме. Дали и тоа е резултат на погрешните политики? Се разбира, но е резултат и на нашата тесноградост, неукост, нетолеранција.

И на сиромаштијата, секако, на секојдневното преживување во нездрави услови, со мизерни плати и енормно високи трошоци за живот, со незаситни политички „елити“ кои континуирано го ограбуваат државниот буџет за лични, семејни и групни потреби, со огромна неспособна државна администрација, со партиски клиенти и абоненти чии труби постојано трештат во полза на власта и посочуваат непријатели, предавници и слични будалаштини.

И како е можно само власта да не ги гледа овие нешта? Како е можно да не гледаат дека во државата, по сите основи, има само две категории граѓани: богати и сиромашни, привилегирани и потчинети, партиски и непартиски, дрски и питоми, вулгарни и културни… И ништо не правиме за надминување на овие состојби.

Имаме слични точки и со германскиот „Манифест“ зашто имаме два јазика, две химни, две знамиња… Зошто за Германија тоа е неприфатливо а за нас – нормално? Имаме и повеќе религии и повеќе култури, различни обичаи и традиции… но тоа се богатствата на едно мултикултурно општество што сплотуваат а не разделуваат! И тие треба да се негуваат.

Или, ако сакате, во што (не) верува денес македонскиот граѓанин? Во (непостоечката) правда, во (нефер, дискриминациска, партизирана) држава, во (нетолерантно, насилно) мултикултурно општество, во (непосточка) иднина…? Не можа за македонскиот граѓанин да биде нормално ома што не е нормално за европскиот граѓанин. Не може македонската држава да биде дијаметрално различна од основните вредности на европските држави а сепак да бара членство во тоа „семејство“. Не смее македонската држава да биде синоним за „Дивиот исток“, за мафијашка држава, за земја на криминалот и корупцијата? Зарем тоа не е проблем за оваа земја и нејзините жители?

Зарем кај нас, како во Германија, Холандија, Франција…, не треба да има слобода на говор без закани и напади, зошто кај нас не треба да има почитување на другиот, но и почитување на темелните вредности зацртани во Уставот и законите? И како може дел од граѓаните да имаат едни темелни вредности, а другите – други? Зошто и кај нас „почитта и милосрдието“ да не го одржуваат нашето слободно општество, зошто ние повеќе не говориме „ве молам“ и „благодарам“, зошто кај нас на граѓаните не им е дозволено слободно да размислуваат и да живеат ако не се членови или симпатизери на партиите?

Зошто економијата зависи од вољата на власта и расположенијата на партиите, зошто едни добиваат милиони за непосточеки проекти а други одвај преживуваат со нивните бизниси? И зошто кај нас државата е најголемиот работодавач, социјалните служби делат милостина и не им помагаат на луѓе кои не можат да работат, институциите се глуви за потребите на граѓанинот…?

Зошто моралниот (рас)пад на Македонија се развива со експоненцијална сила, не само во политиката туку и во сите животни сегменти?  И како одеднаш, речиси преку ноќ, кај нас свесно започнаа да се пропагираат крајно сомнителни и често профашистички интереси, додека на граѓанинот му се диктира воздржување од реакции? И како воопшто кај нас изостанаа масовни демонстрации контра регистрацијата и именувањето на бугарски „културни“ здруженија со имињата на познати фашисти од Втората светска војна!?

И нели власта има морален кодекс, низ којшто треба да се проценува политичката пракса и низ која призма тогаш поминаа постојните примери како оној криминално неморален договор за фамозните коридори, измените на Казнениот законик, актуелниот закон за амнестија… итн? Па следствено, ако велиме дека имаме слободно избран парламент, како сето ова поминува и низ него?

И конечно, но не како последно, зошто не сме сите еднакви во државава, зошто немаме исти права на работа и помош од институциите, зошто сите не ги почитуваме обврските кон државата, зошто државата не го почитува граѓанинот…?

И ако сето ова не ни е доволно за „Македонски манифест“, што уште ни треба?