Monthly Archives: June 2015

ТРАДИЦИЈА ИЛИ ДЕКАДЕНЦИЈА? (2)

5.

Интересна теза за дискусија во случајот со новата „градба“ што ја глуми некогашната црква „Св. Константин и Елена“ би било тврдењето, доколку такво постои, дека традицијата е веќе надмината, дека претставува само далечно и главно заборавено (естетско) ехо. Но никој, се’ уште, барем не јавно, не изрекол таква ерес. Особено не во однос на црковната градителска традиција. Иако неизрекувањето, туку постапувањето, подеднакво важи! Не дека острите прекини со традицијата се нешто непознато во светот, или во регионот. Напротив. И тие давале и позитивни резултати, зашто често се покажува дека традицијата, минатото, особено во уметноста, не е лесно бреме за носење. Едновремено, не мислам дека уметноста, подразбирајќи ја тука и архитектурата, не треба да има свој развој. Напротив. Би се наредил прв во редот на поборниците на релевантното и квалификувано но одмерено и умерено почитување на традициите, а особено за нивно осовременување.

Но што е ваквиот тип црковно градителство? Развој, надградба на традицијата, што …? Или повеќе наликува на (свесно) искривување на традициите? Или навистина некој оваа грда градителска треска ја смета токму за почитување на црковните традиции и канони? Но, според кои и какви параметри? Или, наместо традиција, повеќе и’ одговара поимот – декаденција?!

Оттука, повторно, кој, и зошто, на таков начин, свесно или не, ја деградира македонската црковноградителска традиција? Каде се загуби онаа македонска варијанта на византиската „… виртуозност во суптилноста на дизајнот и рафинманот на деталот“ (Томас Ф. Метјуз)?

russian-cathedral-eiffel-tower

6.

Не знам колку би ни помогнале некои туѓи искуства но, на пример, проектот за новата руска црква во Париз е доминантен пример на спој на традиционалното и современото во архитектурата. Новата Руска ортодоксна црква, планирана блиску до Ајфеловата кула, е дело на францускиот архитект Жан Мишел Вилмот, а проектот уште од почетокот предизвикува контроверзи, дотаму што парискиот градоначалник Делано ја нарекол „медиокритетска“ и „пастиш“. Се разбира дека не бил во право, туку се посрамотил зашто проектот за црквата изгледа фантастично.

Но, интересен пример е уште една руска црква, повторно во Париз: катедралата Александар Невски, која што многумина ја сметаат за една од десетте најчудни цркви во градот. Со нејзините пет пирамидални извишувања од 40 метри и со позлатени куполи, оваа градба (подигната 1860 година) е скромно но интересно потсетување на импозантната црква Св. Василиј на Црвениот плоштад. Оваа црква во Париз не е позната само заради нејзината архитектура туку и по венчавката на Пикасо со Олга Коклова, и нивните венчани сведоци Жан Кокто, Гијом Аполинер и Макс Жакоб. И вакви и слични примери има многу во православното црковно градителство. Синтезата на традицијата и современоста, онаму каде што е изведена со идеја и знаење, по правило дава примерени резултати. Таков, впрочем, е и примерот на Соборниот храм на МПЦ! Па ако е така, на кои и какви традиции или пак современи искуства се потпира новата аналфабетска градба на улица „Македонија“, која што претендира да се нарекува македонски православен храм „Св. Константин и Елена“? (Нешто подобра во овој однос е новата црква „Рождество на Пресвета Богородица“, иако со доста пропусти во однос на првобитната црква, но и дефинитивно упропастена со оние смешни „столбови“ со тролчиња што глумат светци и богородици, расфрлани околу црквата!).

CRKVA ZAGREB

7.

Од друга страна, како некаква нова и слична нерешлива загатка ни доаѓа еден (повторно) наш пример од релативно блискиот Загреб, каде (повторно) под покровителство на МПЦ–ОА пред неколку месеци започна да се гради македонска православна црква. И кога ќе се спореди проектот за оваа црква (автор Зоран Божевски), со ова што кај нас се гради последниве години под името „црква“, престанува секаква дискусија. Зашто тоа во Загреб може да биде се’, само македонска православна црква не. Ни според некогашни, ниту според сегашни „критериуми“! (Истото впрочем важи и за сите оние „македонски“ цркви во дијаспората, но да речеме дека повеќето од нив не се градени под патронатот на МПЦ-ОА).

Односно, да се појаснам, проектот за црквата во Загреб изгледа сосема пристојно за некој католички храм, за баптистичка или адвентистичка црква и слично. Но, тоа да се нарече македонска црква е прилично амбициозно, да не речам ступидно. И тука повторно (за нашите љубители на Русија!) ќе ги спомнам руските цркви во Париз – двете во распон од околу 150 години – и нивната идеја да се инкорпорираат типичните руски црковноградителски елементи во (релативно) современи градби. И прашањето: како тоа сите други православни цркви умеат да си ја сочуваат традицијата, само ние – не?

И да не бидам погрешно разбран: без оглед што проектот изгледа сосема различно од нашите разбирања за македонските традиционални цркви, при што да не е крстот би можела да помине како секоја друга световна градба, сепак – зошто да не? Но, судирот на концептите (ако концепт воопшто постои!) е евидентен. Еден за Загреб, друг за Скопје. Или: Загреб не би прифатил некое од нашиве денешни грандомански русифизирани чудесија?

Па оттука и прашањата: зошто во името на Македонската православна црква во Загреб може да се гради објект со современи архитектонски визури, а кај нас тоа не е можно? Дали православните канони – ако оној паднат метеорит воопшто може да се подведе под некој канон – се врзуваат само за локалното тло и не важат надвор? Дали македонските, и не само македонските (православни) верници во Загреб се толку ралични од македонските верници во Скопје? И дали македонските верници во Македонија, иако главни финансиери, навистина заслужуваат таков однос?

8.

Еден опис на една од најновите цркви во скопски Аеродром, којашто веќе добила и своја книга, вели дека „Новиот храм Св. Јован Крстител, кој две години се градеше на атрактивна локација, во паркот со авион во општина Аеродром, на кејот на реката Вардар, е петкуполна црква со специфична, древна архитектура, а во комплексот има камбанарија, фонтана и парк. Во црквениот комплекс има камбанарија висока 18.5 метри, фонтана во облик на крст со три водоскоци, природен камен стар 25 милиони години тежок 15 тони, донесен од рудникот Бучим во Радовиш а дворот е партерно и хортикултурно уреден со места за одмор на посетителите“! Бреее, како ли ја пресметаа и староста на каменот?

Ама, дали баш на се’, и буквално на се’ врз што ќе ставиме крст и што ќе го „освети“ г.г. Стефан треба да се нарече – црква? Нема ли дефиницијата за црква и некои други стојности, освен (само) материјалните? И дали големината и накитеноста се примарниот фактор во определувањето на светите места?

И тука воопшто не мислам на немањето однос ни кон традицијата ниту пак кон совремието при проектирањето и градбата само на православните религиозни објекти. Ситуацијата не е воопшто подобра ниту кај џамиите што исто така никнуваат како печурки по дожд, а врз една иста / слична пресликана матрица. Се разбира дека не е лесно да се следат некои од величенствените светски примери (Shah Faisal Masjid во Исламабад, Исламскиот центар во Мичиген, џамијата во Кобе, фантастичната Sultan Omar Ali Saifuddin Mosque во Брунеи … и редица други) и тоа можеби кај нас никој и него очекува. Но, зарем не може да се размислува во насоката на осовременувањето на проектантските визии и за овој вид објекти, како на пример Исламскиот центар во Источен Харлем во Њујорк, или џамијата во Ванкувер?

Microsoft Word - PR Inauguration Baitur Rahman

Но ние по правило немаме одговор на ваквите логични прашања односно на нашите нелогични ситуации и зафати. Немаме одговор ни пред себе си, а камо ли пред другите. Можеби затоа и ни се чудат. Сите. Особено оние кои ја познаваат историјата на Македонија и нејзината уметност и архитектура.

ТРАДИЦИЈА ИЛИ ДЕКАДЕНЦИЈА?

1.

Знам дека не е упатно човек да се впушта во коментирање на црковни (не верски!) нешта. Зашто нашиве веднаш фрлаат анатеми, клетви, и којзнае што друго од негативниот религиозен арсенал ако некој, не дај Боже, им пререче нешто или напреку ги погледне. Ама, со што уште ќе не’ изненадат? Иако зборот изненадат веќе и не е соодветен зашто и со нив свикнавме на секакви марифетлуци, на секакви идиотлуци од најдолен вид, недолични за (наводно) верски лица. Иако мислам дека веќе никој, или само малкумина, се’ уште веруваат во нивната вера и верба во нешто. И не е само јогава, и не се само џиповите и не е само раскалашниот начин на живот и не е само тоталната политизација и партизација и на МПЦ како институција и на свештенството како отворени политички агитатори. Се’ околу нив еманира лажен сјај, анахроност, необразованост, закоравеност …!

Но, тоа е, да речеме, работа на верниците и начинот на нивното справување со тие што им проповедаат морал што самите го немаат. Но, работа на „неверниците“ – како што вообичаено токму свештенството сака да ги нарече оние кои што, демек, не веруваат во нив (како да божем има во што да се верува!) – се сите оние други манифестирани нешта што го загрозуваат животниот простор на сите граѓани, па и на оние кои не веруваат. А го загрозуваат на (пре)многу начини, не само со глупостите што најчесто ги говорат. И прават.

crkva-sveti-konstantin-i-elena-1

2.

На пример, градбата на нована црква – која што некои сакаат да ја поистоветат со некогашната „Св. Константин и Елена“ – сепак не е  религиозна работа. Или барем не е само религиозна, туку е и јавна работа. Иако, како по правило, никој кај нас збор не кажува за тоа. Па дури и „експертите“ за средновековна уметност – на пример академикон како неодамнешен добитник на Климентовата награда – или архитектите, историчарите на уметност итн. Се плашат од анатема, што ли. Или навистина сметаат дека нема што да се каже?

Ама сепак, зборовите на поглаварот на МПЦ дека ќе сме добиеле „ремек  дело“ се недвојбено важна (јавна) работа. Зашто не баш секој ден се добиваат ремек дела, уште помалку во форма на црква. А кога кон тоа ќе се приклучи и премиерот велејќи „Црквата Св. Константин и Елена била и ќе биде една од најубавите цркви во Скопје и Македонија“, тогаш работите мора да се земат сериозно. Иако, во нашиов случај, навистина станува збор за поединци тотално некомпетентни за тоа што го говорат. А впрочем, барем оние кои еднаш поминале покрај новата „градба“, би се посомневале дека воопшто станува збор за македонска црква!

Велат дека, барем во Македонија, градбата на црква некогаш бил празник. И тоа, наводно, не се однесувало само на она „пусто турско“ време. Веројатно се мисли уште на времето на Св. Пантелејмон во Нерези, Св. Климент во Охрид, црквичката во Курбиново, манастирите во Водоча и Вељуса …? Или Св. Наум, па дури и Св. Софија, односно целиот (некогашен) Охрид со неговите, повторно велат, три стотини шеесет и пет цркви. Иако слични приказни се слушаат и за Ерменија, на пример, за Ереван и истите три стотини шеесет и пет прекрасни цркви, по една за секој ден во годината. Но од овие многу малку останало. Мораме да им веруваме на збор.

Нашите се се’ уште тука. Барем еден добар дел. Па дури и црквите на Андреа Дамјанов заслужувале подеднаква почит како и оние градени во времето на династиите Комнени, Палеолози и други. Имале мерка, вкус, чувство за  естетика, за скромната по земни димензии но сепак велика по дух  градба, и верба. Токму онака, според Бога горе, и верниците на земјата.

Не знам каде отидоа овие доблести на македонското црковно градителство и на македонската вера. Доблестите на верата – или подобро речено на верниците(?) – се веројатно уште тука, зашто доволно е да се види посетеноста на македонските храмови не само на верските празници. Збунуваат другите нешта.

Sv._Konstantin_i_Elena_od_Skopje_stara

Некогашната црква „Св. Константин и Елена“

3.

И тука не мислам на актуелното „однесување“ на дел од македонското свештенство, зашто тоа се сепак изолирани случаи, а и не се моја работа. Нив ќе ги „оценуваат“ верниците. И Тој горе.

Мислам повеќе на континуираното, на безмалу трајното – зашто трае веќе долго време – отсуство на должното почитување на македонските градителски традиции, на „експериментирањето“ (иако тоа е сосема неприкладен но прифатлив во друг контекст збор) со вековните архитектонски стојности на македонските  цркви и манастири, мислам на недостојното (од сите аспекти, особено верски) расфрлање со богатства и моќ и архитектонски неуверливото горопадење со вертикали и хоризонтали, со непристојната грандоманија несвојствена на верата на овие простори. Еклатантен пример за тоа е токму онаа „градба“ во процес во центарот на Скопје, која што повеќе наликува на парче бетонски метеорит треснат од којзнае која галаксија отколу на македонска црква. И токму таа требала да биде – ремек дело?! Еклатантни примери од такви размери се среќаваат и низ цела Македонија, како некаков натпревар во грди цркви. Во Скопје пак, дијаметрално спротивните по димензии но рамни по невкусот „црквички“ и „параклиси“, расеани низ скопската спална наречена Аеродром никнуваат ко печурки по дожд.

Кому и за што му требаат такви градби што само глумат верски храмови? Или чинот на осветувањето секоја грдотија ја прави – света? Дали навистина  верниците бараат такви монструозни чуда или е (и) тоа само уште еден „бисер“ на неукото свештенство? Или, какви се тоа денешните гревови на народов во споредба со минатите, па заради тоа им се потребни толкави градби? Односно, зарем во она време минато македонците немале гревови? Или имале, ама биле мали? Затоа ли денес црквите се толку големи? Или можеби димензиите на храмовите биле пропорционални на бројот на верниците, па следствено на тоа и црквите биле помали зашто имало помалку верниците? А денес ги има – многу? Не ќе да е баш така. И дали силината на верата и интензитетот на чувствата, или можеби темелната божја вистина се мери според големината на храмот Божји?

4.

Некако, кога и да поминам покрај новата „црква“ во градба, ми паѓа на ум Даниел Либескинд (D. Libeskind), еден од плејадата големи современи архитекти (Еврејски музеј, Берлин; Империјален воен музеј, Манчестер; „Keppel Bay“, Сингапур; „Ground Zero“, Њујорк и секако т.н. Century Spire во Њујорк), кој вели: „Секој проект мора да ја рефлектира уникатноста на местото. Тој мора да биде уникатно скроен според барањата, функционалните барања, просторните и барањата на околината, но на крајот, тоа мора да биде оригинално дело“. И понатаму: „Мојот пристап кон архитектонскиот дизајн е, би рекол, хуманистички пристап. Тој не започнува едноставно со техничките прашања какви материјали ќе употребиме, или за градителските сили што нашиот објект очигледно треба да ги изрази. Тој започнува со прашањето: кои се културните аспекти на архитектурата? Како објектот е обликуван од поезијата, од танцот, од светлината, од астрономијата, од хуманите уметности? Тоа е култура, културата на градот. Така тој мора да инкорпорира навистина нов вид на убавина …“

Либескинд не проектирал цркви, но сепак не може да се рече дека неговите зборови не се однесуваат и на црквите – или на конкретната „црква“ во градба – зашто и тие се, пред се’ и после се’, архитектонски дела. Каде, како, според што и со што би можеле да ја вклопиме оваа наша актуелна градба во зборовите на Либескинд?

Дали локацијата рефлектира некоја и некаква уникатност според која што таму мораше да има баш – црква? И тоа таква, толкава? Близината со некогашниот католички храм не е соодветен репер зашто, прво, тој не беше со такви димензии, и второ, на него веќе „се налепи“ оној друг монструм што сака да се нарекува Спомен куќа на Мајка Тереза. Која и каква е уникатноста на тој простор за да заслужи таков објект? Од друга страна, познати беа амбициите на духовните татковци да се сместат на централниот Плоштад, блиску до вистинското место на старата истоимена црква („Св. Константин и Елена“), но со дијаметрално различен изглед. Не успеаа, иако некој (неверник?) би рекол дека само уште тие недостасуваа таму. Но, и таа градба што беше планирана за централниот плоштад, онака збиена и нелогично извишена, повеќе наликуваше на некои средновековни црквички во Хрватска (Св. Крст во Нин, Св. Донат во Задар итн.) отколку на оригиналната некогашна црква или пак на какво и да е’ македонско црковно градителство со верба во сопствените традиции. Новава варијанта, оваа во градба, заради поголемиот простор, веројатно ја размафтала „имагинацијата“ на архитектот, па сега заличува на некои карактеристични руски цркви од 11 и 12 век во Владимир, Киев и Москва, повторно онака тромава, масивна, грда во волуминозноста и несоодветна за локацијата.

Или, понатаму, кои се културните аспекти на ова градба како таква? Споредени со историските и културните аспекти на македонските цркви во минатото, со традицијата на нивната градба, со културните аспекти на комуникацијата на оваа градба со околината односно со просторот околу неа …? Или, како што бара Либескинд, какви се релациите во обликувањето на оваа градба со поезијата, со танцот, со светлината …? Или – се’ кај неа е токму спротивното? Се’ до едно, од почеток до крај, до „културата на градот“, каде таква „градба“ едноставно – не спаѓа! Ремек дело на грдотијата и декаденцијата!

Или, ако сакаме, ако во многу нешта, особено во световната архитектура – иако и тоа е сосема дискутабилна теза – нема(в)ме релевантна сопствена историја на која што би можеле да се повикаме, која што би можела да ни биде естетски репер, тоа не можеме да го кажеме за црковната архитектура. Зашто црковните градби на тлото на Македонија, од деветтиот век наваму, се вистински бисери (не само) на црковната архитектура, и не само во регионот. Како што тое е, впрочем, случај и со уметноста. Мислам на средновековната македонска уметност, фрескосликарството и иконописот, кои што беа значајна предлошка за развојот и на современата македонска ликовна уметност по војната. Иако денес од многумина омразената Модерна, којашто на крилјата на авангардните движења само навидум настојчиво расчистуваше со минатото и традицијата, се покажа дека во извесна смисла (и не само) во Македонија традицијата беше еден од важните врутоци на инспирацијата. Ако за првите повоени македонски генерации уметници важеше слоганот за „творечко достигнување на светот“, подеднакво битен момент беше и творечкото надоврзување на традицијата.

ОПШТ МОЛК

1.

Некои нешта ни се својствени само нам. Некои нешта се можни само кај нас како форма на локален фолклор, дури и кога станува збор за сериозни работи. Некои нешта се толку неразбирливи, а разбирливи ни се само нам.

На пример, кога гувернерот на Народната банка на РМ излегува деновиве во јавност и го смирува граѓанството дека банкарскиот систем ни е стабилен, ниту еден, ама баш ниту еден новинар не го прашува да го коментира скандалот со можниот плагијат на новите македонски пари. Или, на пример, дури и по избивањето на скандалот во јавноста, грото од македонските медиуми се однесуваат како тоа да е некакво маргинално – што ќе рече најневажно – прашање а не (политички) скандал пар екселанс. Или, ако сакате, каде на друго место, на национална телевизија со присуство на еден екс-гувернер и уште еден реномиран банкар ќе се расправа за се’ друго, речиси половина час ќе се објаснува кризата во Грција, ама збор нема да се каже за плагијатската криза во домашната Народна банка?

Македонија – и се’ е можно? Не би рекол, тоа е најдрско, најбезочно, најбезобразно држење на јавноста во мрак! Особено бидејќи „случајот Народна банка“ ескалира, се вклучуваат и други директно инволвирани во целиот процес. И зошто македонската јавност не би ја интересирала можната разврска, или можните последици, или барем точната информација, а тооолку не’ интересира Грчкиот случај? И „новинарот“ на националната телевизија ќе ги праша банкарите дали сметаат дека „канделабрите и тркалото се приоритет наспроти некои други приоритети“, ама нема да ги праша ништо за новите пари: каде се, зошто се доцни, што мислат за објавениот скандал со нивниот дизајн …? Ваков општ молк за вакво сепак сериозно прашање е индикативен.

И навистина многу ме интересира дали европските медиуми туку-така би поминале преку еден „случај“ со вакви димензии во којшто е инволвирана не само националната банка туку и редица други институционални и политички фактори, дали така лефтерно би разговарале за кризата во Грција наспроти скандалот во сопствениот двор?!

2.

Ниту медиумите, уште помалку надлежното за авторско право Министерство за (не)култура, а најмалку другите надлежни за овој вид проблеми сосе Народната банка на РМ како најдиректно инволвирана и креатор на скандалот, не реагираат. Се прават мутави, што би рекле, како сето ова да се однесува на некој друг, на Грција можеби. Нема одговор, дури ни формален, на еден куп отворени и сериозно аргументирани прашања. Особено сега, кога во „приказната“со свои коментари (во „Глобус“) се вклучува и Билјана Унковска, уште еден учесник на овој конкурс и автор на дизајнот на првите македонски пари. Ама ни Богов, ни другите, едноставно не ги удостојуваат со некако одговор. Или одговорот можеби треба да го даде г-ѓата Вилма Трајковска, како наш „познат стручњак“ за уметност и дизајн и како претседател на фамозната Комисија што ги усвоила решенијата и ги доделила наградите? И која што „експертски“ сметала дека е дозволено да се позајмуват детали од другите идејни решенија (наградени и ненаградени) и така да се скрпи едно победничко идејно решение? Каде ли овие луѓе растеле, какви школи ли учеле и што ли научиле кога вака одлесно ги тераат дури и сериозните работи што им се ставени во надлежност? Можеби во нивниот свет и тоа е дозволено: да позајмувате од сите по нешто и така да оформите свое решение на „проблемот“, ама тој „свет“ можат да си го живуркаат дома, а не во највисоките државни институции! Или, можеби, Богов ја награди Трајковска за добро завршена работа?

3.

Впрочем, целата работа одамна смрди на локална кујна со политикантски зачини, а нејзината (за нив несакана) разврска и сегашното молчење на инволвираните е само уште еден случај врз купот нетранспарентно и дилетантско водење на работите. Зашто, што ли мислат оние во Народната банка на Македонија, дека тие си направиле пари за лична употреба, дека никому не треба да полагаат сметки за стореното, дека сето ова е некаква приватна журка на која што со новите пари ќе си играат семјствата на Богов, на Трајковска, на другите инволвирани?

И не само врвот на Народната банка туку и таа фамозна дилетантска комисија, и сите други од горе до долу имаат должност да одговорат на многу сериозни обвинувања и на уште толку сериозни прашања. На пример, на прашањето што го поставува и Унковска: зошто не е организирана јавна презентација на пристигнатите и наградените идејни решенија? Или, во таков случај, уште тогаш јавноста ќе можеше на лице место да види што значи крпење, лепење, монтирање …?! И каде впрочем овие „стручњаци“ за пари научија дека е дозволено своеволно да земате детали, дури цели решенија, и истите да ги монтирате во едно првонаградено „решение“? И сето тоа – без прашање, без консултација, без компензација? И кој е впрочем, и за што е стручен, тоj извесен Јанче Лековски од НБМ која што тврди дека таа постапка на крпење, лепење и монтирање е оправдана?

Меѓу другото, валидно е и  прашањето: каде се тогаш, по ѓаволите, новите пари ако се било по ПС? И што ако утре, да речеме, излезат фамозните нови пари, ама дојде и тужба пред меѓународен суд? Па и пресуда? Какви ќе бидат последиците? Каков ќе биде резилот за Македонија и нејзината „стабилна монетарна позиција“? Или тоа Вилма не ја интересира? А Богов?

ШТО МИ ФАЛИ ВО „ИЗВЕШТАЈОТ НА ПРИБЕ“?

1.

Во суштина – ништо, дури ни неговиот „понтиевско – пилатски“ карактер, што би рекол г-дин Зеколи. Ама тогаш ни овој текст не би имал смисла. Односно, Препораките на Групата на искусни експерти за системските прашања за владеење на правото поврзани со следењето на комуникациите откриени во пролетта 2015, кај нас веќе попознати како „Извештај на Прибе“, можат / треба да се прифатат како вистински модел за овој тип текстови, со јасна методологија, аргументирани наоди и конкретни препораки. Впрочем, и годишните извештаи за Македонија, безмалу сите во последниве години, беа со слична (малку позавиткана) интонација, прилично длабоки согледувања, прецизни лоцирања на проблемите и одговорностите … А сепак, и во нив, континуирано, ми фалеше зборот „култура“ односно целата оваа област која што кај нас, особено изминативе години, беше токму платформата од која што власта ги диригираше повеќето идеолошко идентитетски манипулации, но и област од каде што всушност започна целата криминална индустрија. Зашто, веќе еднаш напишав, самонаречениот проект „Скопје 2014“ беше вистинскиот почеток на нивниот крај, на таа понатаму перфидно развивана индустрија, на корените на клиентелизмот којшто потоа пушти пипци низ сите области, низ целата држава. Тој „проект“, се покажува, беше првата менгелеова лабораторија не само за идеолошко – идентитетско перење на мали мозоци, туку за воспоставување на мафијашки систем на „натиго – дајмиго“, на инсталирање на постојани клиенти соучесници во малверзациите и манипулациите со законите, буџетот и народните пари.

И затоа поимот „култура“ ми фали и во овој „Извештај“ како што ми фалеше и во сите претходни годишни извештаи на ЕУ, каде што само се гледаше дали и понатаму има препорака и како таа е формулирана, каде што горе -долу беа нотирани сите проблематични области во државата, но повторно – без  културата.

2.

И тоа не е заради типично македонската недоветност која што заради незнањето, неразбирањето на оваа област (заедно со уметноста) најчесто го одбегнува овој поим, оваа област. Не, кај европјаните ја нема таа слабост, тие прилично точно знаат што е тоа култура и какво е нејзиното место во државата, а особено кои се / какви се државните ингеренции во културата. Но бидејќи ЕУ сепак ја остава културата (во најголем дел) како битен сегмент само на грижата на националните законодавства и спецификите на секоја земја членка во развојот на оваа област, така и во нивните извештаи за Македонија културата најчесто беше заобиколена или одвај спомната. Значи – со причина!

А сепак, европјаните мораа до сега да видат дека таа македонска „култура“ не е ниту налик на некоја од европските во смислата на организацијата, на раководењето, на ингеренциите на државата, во законодавството или дневното практикување итн. И мораа до сега да видат дека токму културата беше перјаницата во сите нетранспарентни, партизирани, криминализирани процеси во оваа држава. И првата, и често главната, клиентелистички оринетирана пералница на пари!

Или, ако сакате, доволно беше ако некој од административците во ЕУ амбасадата во Скопје подетално ги следеше сите написи што со години се појавуваа низ македонските медиуми за коруптивните и криминалните случувања во македонската култура, или само да ги прочитаа двата извештаи на Општина Центар за откриените малверзации околу „Скопје 2014“. Тоа ќе беше доволно и културата со сета сериознот да биде вклучена и во овие „Препораки на Групата на искусни експерти за системските прашања за владеење на правото поврзани со следењето на комуникациите откриени во пролетта 2015“, особено и заради фактот што токму културата, и  министерката за култура, и спомнатиот „проект“, се јавуваат како главни старлети, најчесто целосно разгологузени како на pin-up фотографија во неколку епизоди на серијалот „Вистината за Македонија“.

3.

Понатаму, низ културата во овие години поминаа неколку милијарди евра. На некои им се знае трагата – односно можеби им се знае трагата наречена „национална програма“ која што беше се’ само не национална, на другите пак, како на оние над 600 милиони евра (или којзнае колку повеќе) фрлени на „Скопје 2014“ се’ уште не може да им се откријат врските. Затоа, зошто не била посетена односно вклучена и македонската култура од страна на европските експерти, туку само претставници на, на пример, МВР, обвинителствата, судството, ДИК … итн.

Односно, како што се вели, „Групата беше фокусирана на она што се појави како области каде се најпотребни мерки за следење на тековната кризна состојба. Значајни недостатоци беа идентификувани главно во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми“. Добро, можеби културата не е на рангот на важноста на овие сфери, ама количеството на парите не вели така. Поточно, количеството на парите буквално фрлени во Вардар и на разноразни приватни сметки е токму помеѓу петте најкриминални сфери на македонското секојдневие. Или, ако сакате, колку пари отидоа во корупцијата на медиумите? Многу, ама повеќе од неколкуте „културни“ милијарди со коишто, во еден дел, беше целосно корумпирана македонската култура (односно она што остана од неа), а другиот дел на она шизофрено градење низ Скопје? Не би рекол! Дали пак штетата беше поголема кај медиумите? Можеби, гледано краткорочно, ама штетите во културата најчесто се ненадоместливи!

Од друга страна, ако се потенцираат „… демократските стандарди, особено поврзани со слободни избори, слобода на медиумите, соодветен надзор над разузнавачките служби и независноста на судството“, нема ли културата барем приближно исто значење? Треба ли да се потсетуваме дека токму културата е темелот на една држава, а развојот на вистинска демократска култура се цели два темели на секоја демократска држава!?

Понатаму, експертската група со право потенцира дека „Демократија, еднаквост и почитување за човековите права и за владеењето на правото се помеѓу основните вредности на кои е основана Европската унија. Токму затоа и строгото почитување и спроведување на овие вредности е суштинско за земјата кандидат“! Но, ако во културата, образованието, науката, здравството … овие принципи не важат, а (божем) ќе важат во некои други области, тогаш што фајда од таква држава? Или, не дај боже, да не експертиве терале муабет со некои од форматот на нашине познати „великани“, па оние „врвни глумици“, па оние налудничави барокољупци … и овие ги убедиле дека во македонската култура е се’ во најдобар ред, токму како што треба по партиски терк?

4.

Или, Групата вели дека „Наодите објавени неодамна покажаа сериозни инциденти на политичка корупција на различни нивоа и на повеќе начини“ (т. 14 алинеа 4). Е па ако во културата немаше корупција, и тоа токму на различни ниова и на повеќе начини, тогаш не знам каде имаше. Плус, македонската култура особено допринесе кон збогатувањето на арсеналот на начините и ниовата на корупција, почнувајќи од најгоре (ако сакате дури и до МАНУ), па до вратарите и чистачките во институциите. А впрочем, џабе ли пишувавме толку години токму за „фините“ начини и грубите начини на корупција, токму за корупцијата во самото Министерство за (не)култура – почнувајќи од Советот каде членовите секоја божја година дебело брцаа раце во буџетот за свои „проекти“, за корупцијата како востановен систем во македонската култура. Или, ако сакате, каде во светот уметниците донираат споменици на државата? Или оние бедни здруженија што ни ги подарија најновите македонски револуционери – каубојци? Или сите оние други поситни ама еднакво очигледни коруптивни методи на „враќање“ или „благодарност“ преку пцуење по се’ живо што не е компатибилно со нивните криминали? И повторно, тоа што го покажа македонската култура изминативе години не беа инциденти туку е правило, не е беа случаи туку константа, систем!

И понатаму, во т. 17 Групата констатира дека „Многу често, и во голема мера, групата се соочуваше со оградување од одговорност, минималистичко толкување на мандатот на институцијата и со обиди за задскривање зад надлежностите на други институции, како изговор за непостапување …“. А што беше улогата токму на Советот на Министерството за (не)култура, на другите органи и комисии? Да молчат и да климаат со главите, да негираат каква и да е’ инволвираност во малверзациите на Министерството и да се грижат само за својот џеб? На таков ли вид „оградување од одговорност“ мисли Групата?

Или, понатаму, ако Групата констатира (т. 19) дека „Скандалот со прислушкувањето откри масивно прекршување на основните права, вклучително и правото да се учествува во јавните работи и … правото на еднаков пристап до јавните услуги …“, тогаш македонската култура им е вистинскиот пример за таквите прекршувања. Јас би можел, сега и овде, да им наведам цела листа на поединци / групи кои биле депривирани од учеството во јавните културни работи, кои немале еднакво право на пристап до јавните услуги во културата, особено не до културниот буџет. Но тоа не е моја работа, тоа ќе го утврдуваа некои други, набргу. А може да се состави и дооолга листа на обратни случаи, на катадневно, месечно и годишно пљачкање на културниот денар за секакви приватни „проекти“ дома и екскурзии низ белиот свет.

Или, ако сакате, за ЕУ експертите „претставува извор на загриженост“ пресудатата (спогодбата) на еден од осомничените во случајот „Пуч“. Ок, ама не треба ли да има барем ист степен на загриженост за едно чудо именувани и неименувани уметници и културни работници осудени на творечко игнорирање, на јавен мрак и партиски културни судови сиве овие години?

Знам, многумина ќе речат дека такви примери немало само во културата туку ги имало во сите области. Па добро, нека почнат да ги отвораат, сега е моментот!

ВУЛГАРНОСТИ И БЛАСФЕМИИ

1.

Просто не знам како издржавме до сега. За себе си – знам: во длабок неспокој, во исчекување, во нервози што ми се чинеше дека пак ќе пропушам … За другите не знам, ама верувам дека сите родољуби се чувствувале некако слично. Освен пушачите кои не морале да се грижат дали повторно ќе пропушат. Како и да е, кога објавија дека фамозната ограда за мостот кај „Холидеј ин“ и неприкосновеното ни Министерство за надворешни работи е готова, просто не знаев што ќе направам од среќа. Скокај, играј, смеј се … вистинска веселба, дури празник. Сигурен сум дека дотичното помпезно министерче веќе направило план на посети на сите странски делегации. Па и греота би било да го пропуштат. А и личи мостот на него, мислам – на министечето, баш така, раскошно е, помпезно, нафракано … А велат дека не само оградата, туку готови биле – и монтирани – дури и некакви си канделабри какви што светот не видел!

Впрочем, да е само тоа што светот го нема видено. Па цел град ни е таков, во светот невиден. Ама чуен, се говори за него, се пишува континуирано, во суперлативи од типот „шизниленд“, „Дизниленд“, „престолнина на кичот“ итн, што некако му доаѓа како комплимент визави вистинскиот изглед.

Некои (на пример Лисичков) ми велат дека кога деновиве поминувале по мостот, среќавале луѓе како плачат. Од радост, нормално, што го доживеале и тој ден и еден таков настан. Ќе си го бележат во биографиите. Некои додуша биле некако индиферентни, ама тие сигурно не се по уметноста. Не можеме сите да бидеме.

Добро, има и такви на кои не им се допаѓа. Белки на тоа имаме право, се’ уште?

2.

Како и да е’, не може да се одрече фактот дека на светов се граделе, и се градат, навистина грди мостови. Ги има секакви, секаде. Некој, како и обично, ќе рече дека и тоа е работа на вкус, ама не е. И грдотијата во архитектурата си има стандарди, оние што кај нас ги нема. За некого, особено за нашиве бароковозљубеници, и Милениумскиот мост во Лондон (2000 год.) е грд. И за тоа дури и може да се разговара, особено што на почетокот мостот си имал и друг проблем – се нишал кога го поминувале повеќе луѓе! (Кај нас сега – сите се нишаат!).

Чарлс Дикенс пак го сметал стариот мост Ламбет во Лондон за „the ugliest ever built“. Од друга страна, дури и Golden Gate мостот во времето на градењето го сметале за грд и непријатен и дека ќе „го упропасти природниот шарм на пристаништето“! Тоа веќе може да биде работа на „вкус“, ама ова кај нас одамна излегло од рамките дури и на невкусот. Ова кај нас се претвори во целосно шарлатанство, во промашување до промашување платено со огромни народни пари, во нечие игралиште за малоумни идеи токму од типот дека еден едноставен мост треба да „носи“ онаква шизофрена „ограда“. И уште да биде осветлен со оние карикатурални канделабри!

Веќе и на најтврдокорните модерномрсци им е јасно дека овде станува збор за нечие инфантилно поигрување – овојпат врз мост – и со некаква историја, и со некаков фолклор, со нешто тотално анахроно на совремието на 21-от век  и неговите уметнички тенденции. Многумина, се разбира, како „градоначалникот“ Трајановски, развиваат амбиции и ова да го претстават како уметност. Ама за тој тип луѓе се’ е уметност, дури и рингишпилон крај Вардар. Но за жал, таа „мостовска инсталација“ е на истото шарлатанско рамниште како и останатиот кич на „Скопје 2014“. Тоа настојчиво „раскажување“ на некакви квазинационални “приказни“ и размафтување со плачлива (фолклорна) симболика завиткана во прескапа бронза само го зацврстува уверувањето во точноста на симптомите на Данинг-Кругеровиот  симптом дека токму најнеспособните и некомпетентните често се полни со несоодветна самодоверба, охрабрени од нешто за што тие мислат дека е знаење“. А ова нашево е богами сериозна смелост! 

most SLOBODA

3.

И сега, ако некој ја погледне целата онаа мостовска агломерација, од некогаш модернистичкиот мост „Гоце Делчев“ упропастен со онаква тенекиена гобленовидна ограда, па некогаш импозантниот Камен мост сега со притеснети визури и соседство на оние две мостчиња со тролчиња, па завршувајќи со оваа самоправска инсталација како капак на петмостовјето, ќе види дека тука не станува збор за сериозно планирање, уште помалку за концепт, туку за редење на играчки без ред и смисла! А Камениот мост, како  најстар, црвенее од срам во такво соседство и моли бога да не се сони некому уште нешто па и него да го фати некаков нов „патриотски“ бран од Илинденска б.б.

А впрочем, што е тоа толку национално во оваа најнова идиотска мостовска инсталација што толку ја чекавме и што завреди толкави пари? Оние квазиштитови ли треба да ни претстават некаква македонска хералдика? Или оние тројки развиорени играорки, па играорци, па размафтани сабји, па кавалчиња, зурли и гајди …? Тоа ли е Македонија денес, или само тоа ли била, само тоа ли се корените (чии и да се’), само тоа ли се сеќавањата? Па што не ставивте и по некој домат и пиперка, некоја лубеница и праска, па имиџот да биде целосен како во оние спотовине за „Македонија вечна“? А тавче гравче, зошто за него нема место на мостот? И кому ние денес ја продаваме таа и таква Македонија? Ако некој навистина (во што не верувам) боледува од таква bullshit-nostalgia, нека оди па нека се лечи!

А приказната со канделабрите и ангелите-серафини, каде ли таа се вклопува во скечот „Македонија вечна“? Или „уметницине“ премногу гледаат филмови па го бендисале „Небото над Берлин“?

И се разбира, во сиот тој „раскош“ од бронза, од ангели и играорци, веднаш под нив штрчат оние две грди цевки со целата инсталација за мостот. Лепота! А оние во Париз мислат дека завршиле некаква работа со новата ограда на Pont des Arts!

PONT DES ARTS

4.

И кога сме веќе кај конечностите и чудата, кому, впрочем, повторно и толку настојчиво му ја продаваме приказната и за Мајка Тереза, сега повторно преку некаква урнебесна „скулптурална“ композиција од триесеттина метри  што дефинитивно ќе ја убие и онаа малку преостаната почит за големината на таа жена? Кому навистина му дошло повторно да се подигрува со животот и делото на Мајка Тереза само за да укнижи уште некој процент? Малку ли беа сите будалаштини на таа тема, малку глупости ли испонаправи она Министерство за (не)култура сиве години па му дошло сега, на крајот, да се занимава и со тоа? Нема ли таа „министерка“ навистина попаметна работа и знае ли еднаш да каже – не? А ако не знае, како што впрочем ни покажа во континуитет од неколку години, нема ли Ватикан овде некаков свој претставник, некаков нунциј или како ли веќе се викаат тие персони? И што прави тој човек овде, дреме и не може да отвори барем едно око да види како се упропастува ликот и делото на нивната (и нашата) блажена? Или повторно тој ист Ватикан ќе партиципира и во ова злосторство со свој претставник во некаква комисија, како и во случајот со онаа налудничава градба која што ја крстија „Спомен дом на Мајка Тереза“? Како можеше тој ист Ватикан, и тогаш и сега, да си допушти таков „луксуз“? Еден Ватикан, опкружен со таква уметност?

И зарем навистина е дозволено кој како сака, па дури и вакви болни умови како нашиве, да простите, да се заебава со нечиј лик и дело како ќе му текне? Има ли некој малку да ги размрда, да ги подразбуди господата скопски парох дон Давор Топиќ и Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија д-р Киро Стојанов, поставени овде веројатно да се грижат, да внимаваат, меѓу другото, и на угледот на блажените од рангот на Мајка Тереза?!

5.

Зашто, дефинитивно, ова што овде се случува со сквернавењето на личностите (не само) од македонската историја е безгранична вулгарност, а ова со Мајка Тереза е чиста бласфемија. И целиот тој некомпетентен безобразлук е дневно поттикнуван, поддржуван и хранет од највисоките интелектуални структури во државата, а сега и од верските заедници. Веќе никој не може да се вади дека нешто не видел и за нешто не слушнал, бидејќи лудилово трае со години. А почна, и еве конечно завршува – како што вели главниот архитект – токму со уште една шлаканица врз граѓаните на Скопје, ама и врз ликот на Мајка Тереза!

П.С.

А кога сме веќе кај шлаканиците, колкава ли силина има шлаканицата на љубимиот ни Путинчо врз цела Македонија со наградувањето – по повод 70-годишнината од победата над фашизмот – на „партизанкана“, на Хорхе и Велимирчо?

СИСТЕМСКИ ФАЛИНКИ

1.

Којзнае колку пати сме се судриле со констатациите дека кај нас веќе не постои систем, ама упорно се изненадуваме. Којзнае колку пати сме се согласиле дека кај нас веќе не постојат ни институциите на системот, ама повторно се чудиме кога токму тој факт ќе не удри по глава. И ако веќе нема систем, ако веќе нема институции … што има? Ништо, и се’ си функционира „беспрекорно“, онака како што сакаат неколкумина. А и тоа сме го слушнале многу пати, дека веќе немаме што да бараме од државата зашто нема ни кој да ве заштити, ниту пак да ви помогне кога е потребно. А се случува да е потребно!

Или, ако сакате, не само што го урнисаа системот и институциите, урнисаа и се’ што можеше да се нарече струка, професија, еснаф, знаење … Се разбира дека на многумина тоа им одговара зашто сега, велат, секој може се’, секоја будала е стручна за се’ – па ене ви го „Скопје 2014“ како (се’ уште) жив пример – дека секој може да си истурка што намислил, нормално with a little help from my Party friends! А впрочем, како (и каде) инаку се станува главен архитект на метрополата, со економски факултет? И затоа кога гледа(в)ме кој се’ жари и пали низ градов, кој се’ се претставува како уметник, архитект, дизајнер, урбанист, историчар … не’ фаќаше уплав и не знаевме што ќе видиме утредента како најнов нечиј хир. „Скопје 2014“ беше буквално почеток на нашиот (стручен, професионален но и морален) крај после што веќе се’ беше дозволено. Некому – на „избраните“ – се разбира! И научивме и со тоа да живееме.

2.

Затоа, впрочем, и целиот понатамошен живот, оној од почетокот на „Скопје 2014“ ни се одвива во таков дух. По теркот на духот зол од шишето излезен да упропасти се’ што може, до крај, до коска. Затоа и оние малку понормални се фаќаа за глава гледајќи што се случува и каде (в)оди приказната. Зашто, кога помина – а помина – се’ она низ Скопје, тогаш може да помине и се’ друго. И поминува!

Кога се чудевме како е можно среде „метрополата“ да се поставуваат идиотски копии на познати скулптури – од „Бикот од Wall Street“ на Ди Модика, преку „Просјакот“ кај „Пелистер“ и уште едно чудо „оригинални фалсификати – „стручњакот“ Хаџи Пуља во својство на претседател на Комисијата не’ просветли дека „Условите во конкурсот беа јасни. Скулптурите требаше и треба да бидат оригинални и иновативни. Ако има поклопувања со скулптури на странски уметници, одговорноста треба да се бара кај авторите на делата“. Што ќе рече: виновни се авторите, а не тие што бирале а не знаеле што бираат! И земале хонорар за избраното – и не го враќаат! – коешто, се гледа од авион, е плагијат. И тоа беше некаков вовед во целосната дилетантизација и на уметноста кај нас, потоа на архитектурата, па на културата, па на науката … (Политиката одамна пливаше во тие води!).

Претпоставувам дека сличен „одговор“ дека некој друг е виновен ќе има, кога–тогаш, и од фамозната комисија на „стручњаци“ што ги бираше новите македонски пари од 200 и 2000 денари, а што деновиве е топ-бомба во македонската јавност. Топ-бомба не само со уметнички и културен фитил, туку со и политичко полнење пар екселанс. Зашто, ако може една навистина врвна институција – онаква заради која ќе менуваа и Устав, богати – да биде вовлечена во такви „игри без граници“, ако и во дизајнирањето пари има политика „натиго – дајмиго“, а има, тогаш тоа е веќе политички карневал. Без маски, зашто маските одамна се паднати.

GLIGOROV_1

Златко Глигоров, Оригинален плагијат, графика, 2015

3.

Зашто, во случајов, само слеп не би го видел тоа што се гледа со голи очи, само луд би пишувал нелогични и неодржливи „образложенија“ за покривање на нечија нестручност (случајна или намерна, допрва треба да се утврди). А не е за верување дека таму се баш сите слепи и луди. Точно е дека кај нас, во континуитет, тотални дилетанти решаваа(т) за се’ и сешто за да се спроведат во дело налудничавите идеи на неколкумина, што очигледно и овде бил случај. Ама, само добро организирана „екипа“ (што секако е само деминутив на вистинскиот збор) можела ова толку долго да го влечка, да ги замајува сите, особено уметникот, да пушта и да повлекува решенија, да се демантира себеси … Ако пак, од друга страна, сето ова може да се „игра“ и во такви институции кои, наводно, работат со ММФ, со Светска Банка, со сериозни маѓународни (финансиски) фактори, каква порака се испраќа низ еден ваков фијаско за некакви пишливи две нови хартиени пари? И кому сето тоа му требало?

И се разбира, по правило, кога еден од нив ќе усере нешто, потоа сите здружено и здушно (партиски) го бришат. Почнувајќи од нашето непрежалено Министерство за (не)култура, коешто, по обичај, се прогласува за ненадлежно дури и за авторски права. А за кој ѓавол им фигурира тој цел сектор за Авторско и сродни права? Што ли работат тие шушумиги таму, ако повредата на авторските права, и тоа во ваков случај, не е нивна надлежност? А потоа и сите други се ненадлежни, почнуваат да го шетаат човека низ кафкините ходници на „правдата“ додека не му се смачи.

Втората фаза при ваквите валканици (претходно добро институционални забришани) е – молчењето. Сите молчат иако прозвани, сите се прават на три ипол, никој уста не отвора, ни да ни не, демек пушти будали, ќе помине.

Ама ете, некому не му пушта, му се смачува па ќе ги распизди низ медиумите. Ама тие и на тоа се имуни, нив ништо не ги допира, нели? Си имаат свое обвинителство, свои судови и свои судии – си имаат цела своја паралелна држава – и само будала би се фатила во тоа оро!

4.

Иако, некогаш и тоа не е најлошото, зашто веќе на се’ не’ навикнаа. Најлошото е што веќе никого не го боли уво за ништо, што никој веќе не чувствува никаква одговорност, морална најмалку, целата таа багра остана, а ги остави и другите, и без морал и без образ. Грешки се прават, иако вакви не, особено не во нормалниот свет, ама и за грешките има начин. Меѓутоа, ова се’ бре брате како да е растено во некоја и некаква пустелија каде што не важат никакви цивилизациски и човечки норми, некое црно свирипичино каде владеат само волчјите и партиските закони.

Кај нас веќе се заборави се’, па дури и честа. Затоа и го бранат неодбранливото, затоа и го кријат смрдливото. Не знаат дека некои нешта се едноставно – неизводливи. Дека, на пример, во уметноста – а дизајнот влегува во доменот на визуелните уметности – нема такви „случајности“. Двајцата уметници случајно дошле до едно исто решение, во исто време, на ист конкурс! Оа дури и до исти детали. Пази богати, каква „случајност“!!!!

Дека и кога има(ло) такви „случајности“ – едната е сомнителна. За жал, неуки се и не знаат дека две глави не можат, барем во уметноста, да „родат“ исто решение. До детал. Такви случаи историјата на уметноста не познава, а тие што ги познава ги нарекува со друго име.

Во Модерната се познати случаите на слични идеи, на блиски решенија, на неможност да се одреди приматот на едниот или другиот уметник во одделна идеја. Кубизмот, на пример, може да се гледа како плод на творечките лаборатории и на Пикасо и на Брак, но и на неколкумина други. Но тука се говори за сличност на идеи, не за идентични решенија, не за идентични детали! И Постмодерната дозволува користење / превземање на готови „цитати“ во изворна форма, но користење во сосема друг контекст. Овде ние не можеме да говориме ни за Модерна ниту пак за Постмодерна. Ние овде можеме да говориме за локална, македонска варијанта на „оригинален фалсификат“, што повторно е некаков наш придонес во светот на уметноста. Кога не умееме подобро, и поинаку!

СЕЛЕКТИРАНА НЕПОДОБНОСТ

или

НИЕ ВЕЌЕ НЕМАМЕ ШТО ДА МУ ПОНУДИМЕ НА СВЕТОТ (3)

13.

Мислам дека мојот имењак Ориѓански греши, се препознал во нашион литературен „великан“ мислејќи дека е некој друг. Зашто луѓе не се менуваат така како што тој опишува. Стареат – да, им паѓа коса и им расте стомак – да, ама стануваат помудри, поумни, поискусни … Не заглупавуват! Затоа мислам дека станува збор за некој друг човек, можеби со исто име и презиме, што кај нас не е реткост. Овој не бил таков, и не можел да биде таков каков што Ориѓански го опишува. Тоа е истата приказна на оној Лазаревиќ за Снежана:  Абе не беше во почетокот таков! А каков бил, зарем парапетите и сето останато туку-така паднало од небото?

Затоа и мислам дека луѓето не се менуваат така едноставно, внатре. Надворешните менувања може да влијаат, ама не до толку. Впрочем, зошто никој не се јави и за онаа „уредничкана“ со три слатке речи? Каква си била, таква останала!

Но, друг ми е муабетот. Се мислам, дали нашиве џуџиња и џинови, сите овие локални „великани“ – мали и големи – гледаат што се случува во светот? На пример како протестанти од Тибет во Лозана ја попречуваат церемонијата на избор на домаќин на Олимписките игри во некоја идна година само заради фактот што кандидат е и – Кина!? И гледаат ли како тоа го прават? И никој не ги нарекува „разуздани млади“,„импулсивен пубертетски испад“, не дај боже да спомне дека тоа е „флагрантен тоталитаризам“, дека тие се фашисти или дека нивниот протест е – „глупост на деценијата“! Луѓето си ја бранат (и) на тој начин земјата. Или: другите можат ама македонската младина не може? Овие џуџињава им забрануваат за да не им се тревожи Снежана пред важните преговори во дома и во Брисел?!

14.

Како и да е’, посебно ме заскокоткаа оние споредби на „великанот“ на нашава ситуација со Езра Паунд, со Томас Ман и слични. Не (само) заради тоа што локалнава македонска збирштина ја споредува со такви имиња – или се има на ум себеси, за утре? – туку заради фактот што и тоа е лага, ама завиткана во убав целофан. Прво, Паунд (за кого Мусолини бил „the boss“) не поминал баш многу убаво при крајот на животот заради своите фашистички убедувања. А впрочем, заради неговите идеолошки бубачки и отворен антисемитизам и целото негово творештво до денешен ден останало контроверзно. Затоа, ако баш запнеме – а овие баш запнале ко магариња – ние би можеле и нашава „ситуација“ да ја натегаме до Паунд, иако логично нема никаква врска.

Ама затоа, може да има врска со, на пример, анти-естаблишмент контракултурните протести на младите во 1960-тите и ’70-тите години на минатиот век, започнати во САД и Велика Британија, а проширени потоа и  низ целиот свет, па и тогашна Југославија. Зашто тие протести, во најширока смисла, ги кумулираа идеите, барањата, ставовите на младите за општеството / државата и служеа како интелектуален и социјален катализатор за брзи промени во тогашните општества.

Up_Against_The_Wall_Motherfucker

Или, ако сака(ат), нека земе да прочита малку за ваквите движења во САД, за групата Black Mask (подоцна прекрстена во The Motherfuckers) и нивните упади на културни настани во Њујорк, на пример. И никој не ги нарекол фашисти, уште помалку тоталитаристи. (Е сега, да се вратам на почетокот: ако Ориѓански, со великанов, на времето ги слушале заедно и „Weather Report“, а токму „Weather Report“ е една од претставниците на т.н.  „jazz fusion“ групи на раните седумдесетти и припаѓа на таа контракултурна светска сцена, ете затоа велам дека овде не станува збор за ист човек)!

Зошто нашиве слепци „великани“ не можат настаните во Македонија, и особено серијата протести на младиве – вклучувајќи ги и обмислените акции на „Протестирам“ – да ги видат во една таква светлина? Бидејќи нема да бидат платени за такви согледувања? Зашто ќе ги загубат бенефициите и учеството во криминалните делби на македонскиот културен колач или тоа што остана од него? Зашто ќе им се налути Снежана?

А има ли, можеби, нашиов „великан“ коментар на изјавата на човек кој (неодамна) бил избркан од работа заради партиска неподобност и присуство на протести: „За да работи во Археолошкиот Музеј на Македонија човек мора да се откаже од размислувањето со сопствена глава и да почне да го позајмува она од партијата на власт“, вели човекот!? Или пак, да не одиме далеку, ќе гукне ли џинов за последните случувања во Синдикатот на Драмски театар (та нели театарот е негов фах?) и малтретирањата на партиски неподобната Ирена Ристиќ? Па белки ја знае, и таа е глумица, или не е „врв“ како двене негови миленички, па нека и прават што сакаат а тој ќе одбере да молчи? И каква е таа селективна правда што ја бара џинов за едни, ама не и за други?

Или, ги прочитал ли џинов изјавите на една Милица Стојанова (која според неговите „критериуми“ не е врв на македонскиот театар!) дека „вистинските уметници не им велат благодарам на министрите“ и другите нејзини ставови за состојбите во македонскиот театар, во македонската култура, за „златниот“ театар во којшто дотичниов се шепуреше како промотор на наградата на неговата Снежанка? Или можеби повеќе му се допаднале ставовите на Синоличка Трпкова, на примерм која вели „никогаш нема да бидам режимски уметник, како некои мои колеги“!? Е па сега, и овие изјави ли се „флагрантен тоталитаризам“, фашизам и што ли не друго, или можеби спаѓаат во категоријата на „разуздани млади“ и „импулсивен пубертетски испад“, според џуџено?

15.

Ако пак треба јас да го потсетувам великанов токму за формите на протест на / во театрите ширум светот, тогаш човеков сигурно не е тој за кој се претставува, а уште помалку оној за кого говори Ориѓански. Зашто човек „од театарот“ веројатно би знаел за една „театарска коалиција“ на театри и артисти во САД наречена Theaters Against War (THAW), во којашто членувале околу 250 театри (главно од Њујорк), а против војната во Ирак.Формирана 2002 година во Њујорк THAW цели пет години организирала и учествувала на редица протести во театрите и театарските настани ширум Америка. И никој не ги обвинил за фашизам и тоталитаризам. И ако самите театри можат да бидат промотори на протести, зошто да нема протести и против нивното однесување?

Сепак, знам дека ние допрва ќе мора да се учиме да толерираме и вакви отворени изливи на незадоволство од општествените случувања, вклучувајќи ја тука и културата. Не дека и во минатото во културата / уметноста немало таков вид протести, можеби не директно против институциите, но против одделни појави во културата секако. Впрочем, целата уметност на седумдесеттите години (и кај нас) – подразбирајќи го тука уметничките акции, перформански и хепенинзи – е уметност на протестот!

Затоа и Џаспер (James M. Jasper) вели дека „… протестот се јавува секојдневно, на целата планета и секогаш. Протестот е фундаментален дел на човелката егзистенција и секој историски период има потенцијал да воведе важни промени“. Затоа, сите оние тртљана за „сквернавење на уметничкиот чин“, за „замолкнување на театарот“ и слични будалаштини се само изливи на локален закоравен конзервативизам, на страв од она што доаѓа утре, на непознавање на базичните дефиниции и силите на културата и уметноста …! Зашто „културата држи три клучни компоненти: сознание, емоции и моралност“ (повторно Џаспер). Каде нашиве џуџуња и џинови ги гледаат овие компоненти во актуелната македонска култура? Токму во оној Театар на спрдачината?

ЏУЏИЊА, ЏИНОВИ И СНЕЖАНА

или

НИЕ ВЕЌЕ НЕМАМЕ ШТО ДА МУ ПОНУДИМЕ НА СВЕТОТ (2)

7.

Згрешив. Ние имаме што да му понудиме на светот. Избрзав што го пуштив текстот така, без да причекам ден-два да ги видам „реакциите“ од оние помрзливите, оние поспорите, оние кои треба дебело да „мислат“, и да смислат што тоа се случило и каков став треба да се заземе по тоа прашање. Односно, попрецизно: да ги сочекаат инструкциите од централата па тогаш да се изјаснат! И – се изјаснија.

Еве, на пример, веќе насловот „Кој се обиде да го замолкне театарот“ на уредничкана на „Дневник“ ветува многу. Ако не повеќе, ветува нови „бисери“ на македонското клиентелистичко новинарство. И, се разбира, ветува и многу повеќе. На пример, една тотално извртена слика на македонската култура, една жална „уредничка“ перцепција на македонските состојби, едно целосно первертирано (па ако сакате и типично платеничко!) гледање на македонското културно секојдневие и случувањата во истото. Кога сето ова би било прв пат, па човек горчливо да се насмее и да ја игнорира глупоста. Ама не е, ниту пак ќе биде последен, зашто оваа глупост не е веќе случајна, или само времена, ова е трајна и злонамерна определба да се лаже јавноста, да се создава вештачка слика за македонските културни состојби, да се пропагира дека сите други се луди само овие на власт се паметни. Особено овие дилетантиве во културата.

8.

Па така, „уредничкава“ не’ просветлува дека „речиси сите, културни дејци и останатите, кои тоа не се, останаа вџашени по обидот на група разуздани млади да го замолкнат зборот искажан на сцена во четвртокот вечерта кога извршија упад во театарот ’Комедија’ …“. Јас стварно не знам како функционираат македонските дневни весници и другите медиуми, ама можеби навистина луѓето се јавуваат кај новинарите, кај уредниците – главни, помошни или оние други леви сметала – за да ја искажат својата вџашеност, своето незадоволство од локалниве случувања. Можеби пишуваат и писма, искажуваат револт од обидот да се замолкне фантастичниот македонски театар, неговите секојдневни успеси, а особено оние на Театарот на спрдачината и неговата главна и одговорна директорка и прва глупица. Можеби навистина сето тоа така функционира, ама сепак, некаква резерва треба ли да постои? Баш сите ли „културни дејци и останатите“ ја известија дотичнана и и’ дадоа одврзани раце да ги цитира и одбрани нивните ставови?

Ако беше така, тогаш кого претставуваа оние никакви „разуздани млади“ со нивниот протест токму против таквите „културни дејци и останатите“, подразбирајќи ја секако тука и дотичната и нејзините истомисленици низ другите медиуми? Или секогаш, во мисловниот оперативен систем што постојано шмелцува кај ваквите персони, таквите протести се и ќе бидат „инцидент“ а партискиве глупици и директорчиња кои урлаат по партиски митинзи ќе бидат константа, до кога едните секогаш ќе бидат „импулсивен пубертетски испад“ ама малоумноно и до крајност разулавено однесување на другине е – „македонска театарска уметност“?

9.

И токму овој одвратен културен клиентелизам инсталиран безмалу низ сите македонски медиуми најбезобразно се прашува „како сега да му објасниме на светот … дека во Македонија имаше обид да се прекине претстава …“.  Замислете, светот да не познавал такви случаи, да не знаел зошто всушност се изведуваат такви јавни перформански, туку ќе се чудел, како нашава светски информирана аналфабетка. А сета таа перформативна ујдурма на младиве од „Протестирам“ – повторно нашава го информира светот – не била „… затоа што театарот не ни чини … туку дека упадот е зошто ставовите на главната актерка, директорка на театарот … не биле по ќеф со ставовите на упаѓачите …“! Мислам, маестрално научени лекции по первертирано клиентелистичко клише каде секогаш другиот е винивен и за нешто што нема појма дека е виновен, секогаш главните причини не се тие што цел свет ги гледа туку да ти биле некакви „ставови“, можеби дневни симпатии или антипатии, можеби дури и бланширана боја на косата на глупицата … И нормално, глупавава македонска театарска публика се организира – или да не е и тука замешан оној Сорос? – и трас: прекинува претстава. Нема спомнување на вистинските причини, нема партизирани институции, нема партиски театар, нема упропастена култура … само некои деца, бесни од самозадоволство, се глупираат низ скопските улици!

Ваквиот начин на криење на вистинските состојби во македонската култура и општеството во целина, низ сиве години, се разви во права ретард-школа на малоумни типови кои мешетарат низ македонската (културна) јавност. Затоа, впрочем и културата, па и јавното мислење ни се на такво рамниште. Тоа е школа на плукни и бегај, на лажи до бесвест, на нечисти совести и испрани мозоци кои работеа во илјада чекори на уништувањето на духот на македонската култура. Тоа е токму тој клиентелизам инсталиран во сите сегменти и на македонските медиуми и културата, каде интелектуални џуџиња градат некаква бајковита слика за македонската култура која што никој не може да ја види. Освен Снежана, во белата „шампита“! А таа ужива да слуша такви бајки кои, можеби, во детството никој не и’ ги читал, па сега инсталира човечиња кои умеат да ги измислуваат. Убави, современи, македонски бајки за тоа колку ни е убава културата, колку ни се прекрасни институциите и нивните директори, колку е се бајковито, распеано, разглумено, рассвирено … И џуџињава работат – копаат, носат, градат, мислат … само Снежана да им биде задоволна.

И навистина, зарем „некој таа вечер се обиде да го замолкне театарот“, оној наш прекрасен македонски партиски театар и неговите прекрасни партиски играчки кои глумат глумци и директори, едновремено?!

10.

Знам дека џуџуињава се тука за да креват галама, да си ја одработат гнасната работа за сребрениците што ги добиваат одвреме навреме. Ама кога ќе се вклучат и џиновите, е тогаш бајката станува сериозна. И крвава, понекогаш. Летат глави и нозе, тече крв, пискотници се слушаат … Зашто тие удираат снажно и на вистинското место, бууум: „Неподобна уметност“, вреска нивниот литературен измислувач на магла! Човек со право ќе се праша што ли тоа се случило кај нас, да не навистина и овие џиновиве како писателскиов мегафон прогледале на единственото око во вистински правец, да не (конечно) макар и после толку години коленичење осознале дека во оваа култура нешто навистина смрди и дека има неподобна уметност и неподобни уметници, па и неподобни луѓе? Зашто има такви случаи, вакви огромни фигури заслепени од белите дворци и жолтите златници да не можат реално да ги согледаат нештата, ама во вакви пресвртни мигови да им дојде, што се вели, од газот до главата. Иако патот е долг, тие се големи, дури и кандидати за МАНУ, човече!

Ама, сум утнал, по обичај, од пуста надеж дека дури и нешто такво бајковито ќе се случи во оваа македонска хорор претстава. Џинот и потенцијалниот МАНУ-ковец, за кого глупицана во Театарот на македонската спрдачина да ти била врв, вели: „Скандалот може да се прогласи за глупост на деценијата. Не е спорно дека многумина чувствуваат револт кон политичката гарнитура на власт, но вакво сквернавење на уметнички чин можат да направат само луѓе што не ја сакаат уметноста, кај кои политичкото е посилно од естетското …“! И плус овде да ти станувало „збор за флагратен тоталитаризам“! Пуу, до кај сме ја дотерале.

11.

Јас не знам дали дотичниов џин и потенцијален МАНУ-ковец (кој како извонреден пес чувар на Снежана одлично ќе се вклопи во нивните редови) учествуваше на историскиот протест на културниот естаблишмент против опозицијата, прв и единствен од таков вид во светот. Ама – исто како да учествувал. Зашто, тогаш, пак опозицијата беше најлошата, најтоталитарната, најидиотската … во државава зашто не даваше да се донесе криминалниот буџет, а нашиве културњаци без буџет не работат бре брате. Нема плати, нема хонорари, нема (п)откупи, нема бенефиции … ебати таква култура!

Е сега и овој еве ти го со тезата дека младиве од „Протестирам“ да ти биле тоталитаристи а не режимов на неговата Снежана, тие да ти биле и фашисти (види, пак тезата на екс-амбасадорон со црвен нос; овие да не се договараат?), ама и комунисти, па да ти биле и анти ЛГБТ … Тие да ти биле се’ што неговата Снежанка не е, барабар со она негово лево раче во Министерството за (не)култура кое што му плеска ко нездраво секој ден. Целиот овој усран систем без вредност, општество без критериум, култура без чест и морал да ти биле ок, ама сите оние кои протестираат да ти биле лошите и злите, оние кои конечно се решија на дело да го прокламираат своето незадоволство од ваквите состојби да ти биле потпалувачите на книги. И прекинувале – уметност, ни мање ни више, и тоа во Театарот на македонската спрдачина!

Каква перверзна поделба на улогите, достојна на еден џин со мозок на џуџе! Јас сум сигурен дека вакви „умови“ имаат свои теории и за се’ друго што ни се случува. Убеден сум дека тие знаат дека и Мартин Нешковски всушност сам се убил, дека и малата Тамара е случај импутиран на неговите идоли од типот на онаа лигњана, дека и опозицијата всушност е виновна за целава катастрофа во државата зашто не сака да соработува со неговата Снешка … Само не знам кога ќе не’ просветли и со овие негови откритија.

12.

И, се разбира, за да тезите добијат на силина, веднаш се потегнуваат историските примери од типот на Езра Паунд, па Оскра Вајлд, па „Смртта во Венеција“, а меѓу нив (sic!) и нашана глупица како великан, нормално, на македонскиот колач резервиран само за одбраните, оние со книшки а без кучми, оние со глави а без мозоци, оние спремни за три гроша да напишат што сакате. Дури и да не’ прогласат сите нас виновни за тоа што ја вознемируваме оваа македонската (не)култура во нивното уживање, што им ги матиме работите во нивната прчија, што ете некој помислил дека конечно е време да се каже што е што.

А тоа што младиве од „Протестирам“ го прекинале не е театар, уште помалку уметност. Зашто и театарот, но и музиката, и визуелните уметности, и филмот, и архитектурата … уметноста особено … се создаваат низ борба на идеи и ставови, низ конкуренција на проекти, а не низ еднонасочни слепи сокаци коишто една партија ги гледа како култура и уметност. Тоталната партизација на македонската култура денес е токму затворен стаклен свет по мерка на вакви типови во којшто пристап немаат неподобните, независните, непартиските, слободоумните … Каде, и кога, во последниве години видел дотичниов џин со џуџести преференци во македонската култура да се случи нешто – што и да е’ – што излегува вон партискиот концепт зацртан од културтрегерите и лумпенартистите на оваа земја? Или фактот што неговото име го среќаваме секоја година во разни „национални“ програми, низ секакви бенефицирани и дотирани и спонзорирани и преплатени … активности, тоа ли е доказ за плуралитетот и квалитетот на оваа култура? Напротив, токму тоа е клучниот доказ за поткупливоста, за безрбетништвото, за нелојалната конкуренција, за всадениот клиентелизам на оваа „култура“!

И ако нешто точно согледал џинов со краткорочна употребна вредност, тоа е фактот дека „За жал, ова сепак личи на класично силување на уметноста со фалусот на политиката …“! А тоа силување трае еве девет години. Само, мислам дека на погрешно место ги бара и силувачите и силуваните. Треба да погледне во себе, и околу себе. Зашто оние навистина неподобните, независните, непартиските, слободоумните … тие држат до својот интегритет и не дозволуваат да бидат вклучени во таков „процес“. А оние другине, навистина силуванине, оние чии имиња секојдневно ги читаме во „националните“ партиски билтени, богами се и добро платени за таа работа!

Затоа, велам – згрешив. Ние сепак имаме што да му покажеме на светот. Паралелно со рецептурата, опробана кај нас толку години, за уништување на се’ што не е по ќеифот на Снежана и џуџињата, ние имаме да му покажеме – а дај боже да можеме и да ги извеземе, за стално – и вакви уредници и писатели, и слични глупци и глупици, и идентични молери и зурлаџии … едно чудо вистински егземплари на една зачмаена и силувана „култура“!

НИЕ ВЕЌЕ НЕМАМЕ ШТО ДА МУ ПОНУДИМЕ НА СВЕТОТ!

1.

Перформансот на „Протестирам“ во Театарот на спрдачината од пред некој ден допрва ќе се анализира и проблематизира. Како и за се’ друго, ќе треба време соодветно да се оцени. Што пак не ни го ускратува задоволството и сега да си го кажеме мислењето, колку и да изгледа избрзано, наврапито, можеби површно. Се разбира дека во еден (јавен!) перформанс, па нека е и во траење од само неколку секунди, има мноштво елементи што заслужуват внимание: како, кога, каде, зошто … итн. И следствено на тоа би варирале и (пр)оценките односно конечните ставови.

Не дека човек не може – макар и минимално – да се согласи и со ставот дека „Вчера не беше нападнат театарот, за жал“, односно дека „Она што се случи вчера, на сред претстава, не го сметам за паметен потег зашто, прво, немаше врска со претставата и, второ, во таа акција не беа поштедени останатите актери на сцена кон кои нападот не беше упатен“ (Сања Арсовска, актерка).

Ама сепак – беше „нападнат“, нели? Мислам театарот, па и целата македонска култура, ако сакате! И формално, и фактички. Зашто, веќе целата македонска култура е – спрдачина. Тоа што некои кои кога ќе го чујат зборот култура веднаш се фаќаат за партиската книшка во џебот и делат етикети од црвенокмерски тип, тоа е најмал проблем за македонската култура. Такви секогаш имало, особено во комунизмот. Толку разбираа(т), кутрите. А впрочем, тоа и се типични комунистички деца, зашто и комунизмот, како и секој тоталитаризам, не е во возраста туку – во умот! А замислете, нападнат бил Театарот на спрдачината како столб на македонската култура и директорката – глупица како спрдачина сама по себе! Па за нив не само црвени кмери, туку и жути мрави, по ѓаволите!

А сепак, она што прво мора да се потенцира е фактот дека протестот во Театарот на спрдачината беше втора акција на „Протестирам“. Првата беше (за мене) уште пооригинална и поефектна: беа блокирани / пломбирани неколку културни институции во градов, вклучувајќи го и Министерството за (не)култура! Иако тој перформанс / акција помина некако, за жал, незабележително, тоа сепак беше вовед во јасните цели на младиве.

ПРОТЕСТИРАМ

2.

Од друга страна, можеби „нападот“ навистина предизвика и колатерални „жртви“, ама сепак имаше јасна и гласна цел, поединечна но и општа. И тука „жртвите“ нема зошто да бидат навредени или да се чувствуваат омаловажени. Освен што „играат“ во такви „претстави“, со такви … ај да не кажам што. Ама оправдувањето „од нешто мора да се живее“ секогаш функционира! Но тоа е друга тема.

Меѓутоа, слични ставови можеме да понудиме за секој вид протест, особено денес кога македонските улици се буквално полни со луѓе кои протестираат заради актулените политички, економски, криминални и други состојби во државата: против што и зошто се протестира, дали тие потези се паметни и кој тоа треба да го процени, дали има колатерални жртви (од локални – од типот на застој во сообраќајот, до можни меѓународни импликации итн.). Ама, не можеме да им го ускратиме правото да протестираат, кога мислат дека имат причина, и цел? А децава од „Протестирам“ имаа едно чудо причини, и јасна цел.

Но, особено кога станува збор за македонската актуелна културна ситуација, ваквите форми на отворен простест беа / се реткост. И затоа е добро што ги има. Да покажат дека некој сепак е загрижен, дека некому му боде очи оваа девастација на современата култура, дека некој има нешто да каже против заглупувањето и запустивањето низ формата на тоталната партизација на сите културни сегменти. А „нападнатите“ – институцијата и глупицата – се очебиен пример за сето ова. Та зарем толку бргу се заборави дека „госпожава“ – сама, како единствена вработена, и тоа на местото директор – си доби цел театар на располагање? Со кои и какви налудничави параметри би се мерела оваа идиотштина и на Владата, и на Министерството за (не)култура, но и на дотичната „директорка“?

3.

Јас, за жал, не ги познавам „протестантите“. Не им ги знам биографиите, врските со културата, културните преференци … но тоа впрочем и не е битно. Но им го читав образложението, ако некакво образложение воопшто е потребно за еден ваков јавен чин. Но кај нас денес за се’ е потребно образложение. Образложение дури и да си го живееш животот. И одобрение. Веројатно од онаа бандана? Е овие не барале одобрение од никого, особено не од некои партиски шушумиги кои сакаат да изигруват политкомесари.

Во образложението тие велат: „Со ова сакаме да искажеме револт кон партизираноста на уметноста и културата во Македонија за сè она што се случуваше изминатиов период. Како што знаете, голем број уметници не можат да најдат работа во театрите поради нивната политичка и партиска неподобност или каква било друга афилијација, доколку не се согласно политиките на извршената власт. Во тој поглед со овој протест сакаме да укажеме да се ослободи уметноста од канџите на партиските притисоци и сериозно да се сфати културата и уметноста како водечка сила во едно општество, за негова целосна ревитализација“! И? Треба уште нешто, нешто не е јасно? Или проблем е што протестот и се случил токму на бланширанана глупица? Па таа е олицетворение на сето грдо во македонската култура. Таа и неколкумина други од форматот на еден Станковски алиас Сарајлија, на шалабајзерине со „уметнички“ амблеми што ни го кичосаа градот, на изопинченион џезер кој (велат) веќе почнал да ја критикува Владата (опааа, какво престројување!), на „културнине“ амбасадори, на сите други знајни и незнајни културтрегерски јун(а)ци подопашници, на неписменине директори кои ги м’кнат од свирипичино да директоруваат во „метрополата“ …?

Не, проблемот е што ваквиот тип перформативни јавни протести се случуваат после цели девет катастрофални години за македонската култура и уметност, но и за сите творци и културни работници кои не се видоа себеси како партиски играчки во рацете на приглупи и припрости министри кои ни „к“ од културата не научија. Проблемот е и во фактот што никој друг не се осмели на вакво нешто, дури ни оние кои и должат се’ на оваа култура, цели кариери, цело (дебело платено) творештво. И проблем е што академик Ќулафкова не’ убедува дека тие во МАНУ разговараат за кризата во државава, ама чуму кога ние ништо не слуш(н)а(в)ме?! Кому му е наменет тој нивни разговор? На ладовината во манучките дебели ѕидови, или е само уште една измислена форма на перење на совеста пред македонската јавнсот? И кои се тие, ве молам, „академици“ кои не сакале да се изјаснуваат за дневнополитички работи? Па државата (и културава) дневно, и политички, се уништуваат. Та дајте еднаш да ги видиме на дневна светлина. А сакаат ли можеби да разговараат за 500-те евра народни пари што секој месец ги калупат по џебовите? Може ли за тоа (јавно) да се разговара?

5.

Ние веќе имаме генерален проблем со се’, ама со културата и со уметноста особено. Идентитетската „дилема“ што божем не знаеме кои сме и што сме не е голем проблем на современата уметност. Таа со тоа може да се справи. Ама со другите проблеми нема така лесно да се справиме зашто за тоа не постои волшебно стапче. Ниту академик кој може да не’ спаси. Кај нас е пореметено се’: од критериуми до вредности, од писменост до стручност, од квалитет до …! Ние веќе немаме што да му понудиме на светот. Ни порано немавме којзнае колку, ама барем се трудевме. Сега – остануваме трудни од банди импотентни преваранти заседнати на сите места! Светот цени оригиналност но цени и обид, сака да види автономни вредности но и придонес во заедништвото. Ние денес немаме ништо. Нула, зеро. Исчуручија се’, ко чума да фатила и низ она малку што можеше да се нарече оригинален македонски придонес – каков таков – кон европските и светските културни вредности. Денес ќе им дадеме – што? Скопје 2014?

Ние во Рим продаваме резба. Во Рим! Не дека не ја ценам македонската резба, ама – во Рим? На Венециското биенале Националната галерија оди со турски куратор! И со проект … ај да не кажам каков. Претходно одевме со глувци, уште порано со оригинални копии на странски уметници … Ако некој не чул, годинава награда за национален павилјон во Венеција доби – Ерменија. Нека отворат „стручњаците“ и нека споредат!

Ние веќе не се мериме ни со регионот, а камо ли со светот. Ние веќе не можеме да се мериме ни со себеси, со она што бевме. Се копрцаме во калта на македонската лага дека нешто правиме и некаде се претставуваме. Каде, во македонските амбасади каде не влегува никој, како во Амбасадана во Виена која што стана главен наш изложбен простор во тој град? Ало „г-жа“ министерке, најдете конечно некој да ви дошепне што е култура а што – не е? Театарот на спрдачина, сосе глупицата во него, тоа сигурно не е. Ама не се ни оние квазиинституции и квазилуѓе инсталирани низ градов и во Министерството. Тоа се само објекти, и празни глави, и ништо повеќе. Тоа никако не може да се нарече култура, особено не на една современа држава. Или веќе и тоа не сме?

6.

Затоа, наместо критики, во овој миг младите од „Протестирам“ мора да добијат целосна културна поддршка. Пред се’ зашто го осветлија образот на македонската култура, покажаа дека во градов и државава нешто сепак може да се случи. И треба почесто да се случува, секаде, на сите културни манифестации. Не дека и тоа ќе има којзнае каков ефект зашто оние глави не само што се празни туку се и тврди. Ама барем ќе види светот. Можеби тоа е единственото што ни остана да му го покажеме. Ќе види дека се појавиле млади кои се грижат, кои не се плашат да го кренат гласот против сите партиски узурпации и инсталации, против сите некултурни политики на оваа власт, против скороевиќите и сељачаната во културните редови, против ретроградните и малоумните „трендови“ … Дури и само тоа да ни останало за пред светот, добро е. И доста е, барем за почеток!

П.С.

Не дека сум ги заборавил младите од „Архи бригада“ и првите нивни форми на јавни протести против злото наречено „Скопје 2014“. Тие беа првите светулки во македонскиот настапувачки културен мрак. Но изгледа се загубија – или ги загубија, сеедно. Но и не добија никаква поддршка, за жал. Особено не од нивните „професори“, особено не од оние кои еве сега (како нивниот тогашен декан) нешто се тртат да коментираат и да се бунат – денес, после девет години! – што „барокот“ ќе се ширел и во Универзитетскиот кампус. Брее, или ги здоболело што тоа пак ќе го прави оној барокно возљубенион дилетант (со особена помош на главниот архитект, се разбира) а не они? Како и да е’, протестите на „Архи бригада“, иако не беа обмислени како јавни перформанси како на „Протестирам“ (што мислам дека е подобра културна форма!) не се заборавени!

STUPID ORIENTED

1.

Можеби некој се’ уште има дилеми, ама јас не. Ние сме дефинитивно stupid oriented, ние сме шампиони, во се’, во сите измислени и неизмислени „спортови“, во сите играни и неиграни игрички, во сите категории што некому ќе му паднат на памет. Нема нешто што не можеме да го свртиме на неговата најглупа страна. Ама онака, баш – до коска, до крајните граници на човековата глупост. Дури и ги надминуваме границите, до неслутени интергалактички размери. Треба човек само ден-два да прелиста неколку весници, да ги слушне информативните емисии на неколку телевизии и да се убеди во нашата ступидна ориентираност. (Во некоја болница во Охрид, на пример, после којзнае колку години хонорарна работа, дваесеттина луѓе добиле решенија; ама затоа, истиот ден, 130 девојки / жени ги загубиле договорите за работа зашто – забремениле!).

Ние во се’ го постигнуваме максимумот. Нашиве никако не дозволуваат да заостанеме во некоја глупост, во некоја – да простите – пиздарија. Оние ступидарии што во нормалниот свет се случуваат за неколку години, кај нас им треба ден, најмногу два. Кај нас така и се гине, во еден ден колку кај другите за десет години. Во „успешни“ акции

Нема нешто во што не „успеваме“. Нека е дури и вселенска програма, којашто (божем) ја немаме, ама испадна дека и неа ја имаме, зашто што тогаш бараше оној Британецон во Велес? Само да го види градоначалникот и да му измери IQ? Не ќе да е се’ баш така просто и едноставно. Се’ си има свое зашто и како!

2.

На пример, велат, власта (повторно) решила да апси новинари, зашто го откриле идентитетот на некој fucking македонски агент. А што требале да прават ако токмакот сам излегол на дневна светлина? Му текнало из чиста мира и од подрумот изрипал на дневна светлина. И што – овие требале да го кријат? И зошто? Ако требал да се крие, што цацко барал да излегува? Нека си седел во подрумот или во дупката кадешто се криел? И од кога тоа не смее во оваа држава да се посочат нечии иницијали, или јавно објавена фотографија? Ако е агент, и ако е толку ербап, како може негови фотографии да се шетаат горе-долу низ јавниот простор? Или – толку и бил ербап? Како и оној „заштитенион“ сведок чие име го откри Кежаровски! (А бар да беше некој сведок). За сите идиотштини на државата секогаш е крив некој друг: опозицијата, новинарите, невладините … Сорос … ЛГБТ … предавниците … странците …!

Може ли утре власта да утврди дека сите министри, директори, јавни службеници … се тајни и нивниот лик и податоци се недопирливи за јавноста? И нивната работа, се разбира? Може, впрочем тоа и сега прилично легално функционира низ т.н. механизам на „слободен“ пристап до информации од јавен карактер. Којшто е се’ само не е слободен. Така јавноста не ќе знае ни кого да праша, а ако некој ја пробие информацијата за нивниот „лик и дело“ да се знае што следува.

3.

Или, се сеќава ли некој што се’ помина, и поминува, низ оној македонски т.н. Уставен суд? Какви се’ контроверзни (да не речам диригирани) одлуки и решенија (не) се донесоа, за кои што дури и просечно интелигентен човек се прашуваше дали тие судии таму нешто навистина знаат (се разбира, со чесни исклучоци!). Од отфрлање на иницијативата за социјални придонеси на движењето „Солидарност“, па за задолжителното плаќање на топлинската енергија и за оние кои не ја користат, преку неповедување постапка по иницијативата на градоначалникот на Општина Центар во врска со Законот за градење односно противуставното одземање на надлежности на општините во градот Скопје … па разни ДУП-ови и ГУП-ови … па којзнае до каде ќе стигнат.

Ама затоа веднаш „реагираа“ во доделувањето на сите права на животните: сега, според нивното толкување, можете да чувате колку сакате „миленичиња“ низ становите и дворовите и никој не смее да ви пререче. Каква ли е оваа bullshit – nostalgia по домашни животинчиња на судииве, им фалат ли кокошинците и прасенцата па сега надоместуваат? Зашто, замислете сега кога некој акмак ќе си го нак’ца станот со пет-шест кучиња кои ќе завиваат цела ноќ, или со мачкарници, па зајци, па гуски и патки … и кој ќе им каже нешто? Имаат тапија директно од – Уставниот суд, ни мање ни више! Од каде таа и толкава грижа за животните, а не за луѓето? И зошто? Која тоа европска метропола виделе и судииве (иако тие и не одат во Европа, тие се повеќе за „по тука“) ама и оние од „Анима мунди“, каде кучиња (со дупнати уши!) шетаат низ централното градско подрачје, онака слободни и разбашкарени, а некои богами и прилично лути? Сум исчувал едно чудо кучиња, со љубов и грижа, ама куче-скитник ли е достоинство на животното? А пред некоја година, кога на Венециското биенале однесовме (како уметничко дело!) стотина одрани па шиени глувци, и тоа ли беше достоинство? Ама тогаш никој немаше што да каже?!

4.

Но, кога опсегот на македонскиот ступидариум би се задржал само во рамките на инститиуциите. Ама не, нашава „интелектуална“ јавност не може а да не даде свој квалитативен придонес. Од типот на „прогледувањето“ на оној „уставописец“ и „рамковец“ дека т.н. бомби на опозицијата покажаа „… изораност на системот особено на институциите“, па „… натрупаа  толку многу проблеми, почнаа да ги тресат темелите на општество и на државата“!? Ама сето тоа апсолутно не му пречи да си седи во Градското собрание, да му дава целосна легитимност на „изораниот систем“, да крева два прста за субституција на темелите на општеството и на државата (не само) со стиропорниот кич и, патем, да инкасира. Да инкасира најбезобразно, во континуитет од толку години, без да помисли дека е дел токму од оние злоупотреби и  „инкриминирачки дејствија“, што многу бргу ќе „… треба да бидат  испитани, тоа е во делот на правната  разврска“. И што мисли „стручњаков“, како впрочем и уште една цела булумента такви, дека тој / тие нема да бидат дел од таа (правна) разврска туку ќе продолжат да си ги ораат сопствените нивички, онаму од кадешто се дојдени? Ама „стручњаков“ има став дури и за утрешните потреби за „… крајно  избалансирано и непристрасно известување“ на медиумите, што до вчера не беше битно, нели, а има и „рецепт“ за јавниот сервис, ама пак од утре, при што „првиот канал  на МТВ да биде на македонски, вториот  на албански јазик и третиот  канал за помалите  немнозински заедници“. Мислам, прав „експерт“ за ступидново време!

Или оној, веќе легендарен (како Грујо и Миле) по ступидариите екс-амбасадор со црвен нос, кој еве почнал да открива и елементи на фашизам кај сите други, само не кај оние на кои им служи. Па така, кај другите, се случуваат „рехабилитации на познати фашисти, судски одлуки за неправдите кон злосторниците, споменици за крвниците, идеолошки оправдувања за фашизмот“! Ама ако сето ова до солзи ви заличи токму на денешна Македонија, „стручњаков“ (сега и за историја!), ќе ве убедува дека сте се излажале. Овој интелектуален (веќе) циркузант гледа само преку плотот, кај другите, ама не и дома. Затоа и не може да ги види повампирувањата на ванчомихајловизмот (кој не бил фашист, нели, ама Дража бил?), споменииците на Александров и Ќосето (на вториов токму пред Судска палата), новоскроената од ачковки и тодоровци македонска „историја“ каде се’, и буквално се’, блеска од лажен патриотизам и херојство, од „злато“ и „мермер“ … А „стручњаков“ за фашизам ја видел оваа идеологија дури и во Украина, во познатите т.н. Мајдански случувања! Ама кај Јануковиќ – не ја видел? Се разбира, овие и вакви ступидарии можеби нема да прелажат некои посериозни кругови, ама кај повеќето вгнездуваат луди мисли, болни идеи, лажни информации. Коишто, денес – утре, го покажуваат вистинското (фашистичко) лице!

Невредна да се споменува во овој контекст, според сите параметри освен по stupid ориентацијата, е и онаа „директорка“ на инсталиранион Театар на спрдачина и нејзиниот речник и однос (не само) кон дел од публиката со јасно профилиран вкус. Таа, впрочем, не’ засмејува веќе толку време, мислејќи дека е во некаква културна мисија. Каква глупица, карактерна!

5.

Но оваа наша stupid oriented ситуација и не е некоја новина. На дело е, низ разни форми на „преродби“, веќе толку години. Настојчиво потхранувана од проверено stupid oriented врхушката, ама со (не)скриени deal oriented механизми. Затоа, рецептот се покажува функционален: едни се задолжени само за stupid oriented политики, а други, малкумина, и за deal oriented операции. Па кому како! А повеќето stupid oriented слепци – погоре спомнатите никако не се во таа категорија, тие одамна натоварија тоа што требаше да натоварат! – се задоволуваат со потчукнување по рамо, со тупање в гради и патриотски беседи, со знамиња и крстови. Но, кому како Господ му дал. И колку!