Monthly Archives: December 2023

Заветот на Мисирков

Бидејќи во овој месец во оваа година што привршува се навршуваат 120 години од историскиот паметник на и за Македонија – книгата „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков – и без оглед што атмосферата во државава е целосно спротивна на заветот на Мисирков до нас во таа книга, некои нешта запишани таму остануваат за навек, го сакале ние тоа или не. Поточно, исказите на Мисирков во таа книга би биле обврзувачки за секој нормален и умен народ, како што и ликот и делото на Конески, на пример, обврзува, но ние не сме ни нормален ниту пак умен народ. Со ретки исклучоци, се рабира.

Ние, за жал, не почитуваме ништо и никого ако немаме личен интерес. Ние сме историски корумпиран народ осуден на заборав!

Не верувам дека некој од оваа политикантска гарнитура на власт воопшто прочитал барем една реченица од книгата на Мисирков. Иако, да речеме, како „политичари“, барем за наши прилики, тие и не биле обврзани на тоа. Но како државјани на оваа држава и како самопрогласени претставници на народот – морале. Ако не повеќе тогаш барем неколку странички, или само предговорот на Мисирков, колку да знаат кои се, каде се и како треба да се однесуваат. Не разбирам зошто воопшто не читаат кога и така ништо не работат?

Ќе беше ли сѐ поинаку да го беа направиле тоа? Ќе беше ли државава поинаква да не е водена од луѓе кои веројатно бегале од часовите по историја, македонски јазик и литература и слични „будалаштини“ бидејќи мислеле дека нема да им требаат во животот? Ќе беше, но сега е, се чини, веќе доцна. Доцна е бидејќи не се само тие кои ја влечат земјата назад односно ја туркаат „напред“ во крајно непозната – да не речам сомнителна – иднина. Доцна е бидејќи нив ги следат лукративни орди „интелектуалци“ кои не даваат ни два гроша за Мисирков, но инкасираат многу сребреници и златници за „каузата“ на понављачине од власта како нивни господари!

Сите тие, заради некакви „виши интереси“ а всушност само заради голата борба за личната трансакциска сметка преку опстанокот како господари на државното азно, дозволија секој будала да нѐ нарекува како сака, да менуваат име на земјата а сега и на јазикот, да пропагираат налудничави и во основа неморални „тези“ за нашата иднина, за некаква можна изолација… итн., небаре сега, со нив, сме рамноправни граѓани на светот огреани од „демократското“ сонце на Западот.

Ама на Запад сонцето само заоѓа. На Исток изгрева! И тоа не е само моја „географска“ метафора, или флоскула, и нема ама баш никаква врска со Русија, ако оние полуписмени ботови посакаат така да го читаат ова. Но има врска со, на пример, еден Солженицин и неговата епохална „дијагноза“ дека континуираното слепило на Западот „го одржува верувањето дека и најдалечните региони насекаде на нашата планета треба да се развиваат и созреваат до рамништето на денешните западни системи“! Но, тоа е сепак друга тема.

Меѓутоа, да беа прочитале нешто во животот, па нека е и Мисирков, актуелниве „прогресивни“ властодршци не ќе го премолчуваа „легитимирањето на македонскиот народ“ на Ахмети, ниту новото крштевање на северномакедонскиот јазик од страна на нивните партнери во Унијата. И одамна ќе им се заблагодареа на „услугите“ на оние кои прогласуваа(т) „заедничка историја“ и ги бараат „темелите на македонскиот идентитет“ кај источниот сосед, оние кои едно време поставуваа граница кај Групчин ама сега им се коалициски партнер, оние кои јавно етикетираат наводни ксенофоби и националисти зашто барале „ексклузивно право на нација-држава“!

А што треба(ло) да бараат во еден ваков зовриен непријателски котел во којшто сите имаат право да грабаат што ќе посакаат? И треба ли навистина да ја раздаваат историјата на секој кому му се сонило дека има поголемо право на неа од нас?

Мисирков, цели 120 години порано, пишувал (парафразирам) дека: секој човек како член на некоја заедница има извесен долг и извесни права кон неа; народот не е ништо друго освен една голема заедница основана на „крвно родство“, заедничко минато и интерес“; врз основа на тоа „крвно родство“ и заеднички интерес секој член на тој народ се одрекува од некои свои права и интгереси за да „посвети чест од своите сили на општото добро“… Од кои свои права и интереси се откажа оваа власт за општото добро? Кои и какви беа нивните ветувања во онаа 2016 и 2017 година токму за тоа „општо добро“ и што од тоа реално остварија?

Тоа ќе бидат горливите прашања на наредните избори на коишто оваа криминално коруптивна банда нема одговор! Затоа Мисирков вели дека „долгот кон народот е тесно поврзан со долгот кон татковината“. Да, Мисирков вели и тоа дека долгот кон народот и татковината зависи од историските прилики, но не може власта да гледа едни „историски прилики“ а народот други. И од каде бугарската окупација 1941-1944 е „историска прилика“ а не – неприлика?! Или, ако баш сакате, една полуписмена власт составена од анонимуси и некомпетентни политиканти не може да ни објаснува ништо, не пак коекакви наметнати историските прилики кои секој нормален човек не само во Македонија ги гледа поинаку.

Мисирков не бил неук човек како овие денес. И тогаш тој говорел за историските (не)прилики, за Русија, Австро-Унгарија, Бугарија, Србија, Грција…, како што и денес говориме за САД, ЕУ и Русија. Говори и за тогашните пропаганди од трите соседни држави, исто како и денес (во нешто „проширен“ опфат), но говори и за „борба за слобода, борба со мрачните сили“ за остварување на националните интереси. Како тоа, денес, внесувањето на Бугарите во Уставот, менувањето на името на државата а последователно и на јазикот, менувањето на историјата (не само) во учебниците и спомениците и спомен обележјата – што ќе рече токму „мрачните сили“ – станаа национален интерес?          

Тој пишува и за „Организацијата (…) завиена во тајна така да долните нејзини членови се слепи орудија за исполнување само на работи диктирани од горни соображенија и интерес“ на „неколкумина, туку речи, самозванци“. И што е, во таа насока, разликата од тогашната „Организација“ до сегашните партии? И од овие „самозванци“, „државотворци“ и „прогресивци“?                                                                     

 Ние денес, за жал, сѐ уште не можеме да се вратиме на идеите/исказите на Мисирков. Македонија го беше направила тоа во она историско прекршување по 1941-та година, но по 1991-та континуирано назадува во темното минато пред тој датум. Ние денес, за жал, почнавме да се откажуваме и од сопствената национална историја и култура заради некакви мрачни умови и нивните небулозни стратешки цели зацртани во некоја 1991 година. Па колку пати до сега се смени геополитичката ситуација во светот и т.н. „голема слика“, а нашите „цели“ тврдоглаво остануваат – исти? И што тоа говори за нас?!

Дали оној таканаречен „Апел од Македонија“ е некаков чекор во позитивна насока? Веројатно, иако прозвучува релативно задоцнето, а некои „умови“ од потписничката листа беа длабоко зацапани во ова што како состојба го имаме денес. Но, сеедно, тоа е национален глас на разум и повик до народот којшто, верувам, и Мисирков би го потпишал. И, за жал, тоа е единствен глас што на некој начин денес му оддава почит на овој голем човек.

П.С.

Моструозен е фактот што онаа провинциска персона заседната на градоначалничкото столче во Скопје не се сети да побара споменик за Мисирков туку го враќа на јавната сцена крвожедниот Ќосе. Но, ќе објасни ли некој од оваа власт зошто, и за што, беше до сега така грижливо складиран тој грозоморен „споменик“? За ваква прилика?

Време на нечиста вода

Како по обичај, ниту еден официјален претставник на државава, ниту пак некој од нивните „интелектуални“ клиенти построени како платеници низ националните медиуми, бројните портали и социјалните мрежи, не се осмели да ја коментира неодамнешната изјава на Стејт департментот, со која „САД ја охрабруваат Владата на Северна Македонија да ги преземе сите можни мерки за да се постигне најдобрата можна иднина на земјата“!

Да беше тоа изјава што им одговара, изречена дури и од возачот на Блинкен, сите ќе ја пренесуваа, коментираа, ќе аплаудираа… Ама оваа баш и не им се допаѓа бидејќи ги потсетува на зимскиот сон што го спијат веќе седма година а им се трупаат незавршени капитални обврски во сите важни државни сегменти. Односно, Стејт департментот ги потсетува на обврските за реформи во системот, вклучувајќи ги тука реформите „во судскиот, здравствениот и образовниот сектор со што ќе се поплочи патот за целосна интеграција во ЕУ“, вели портпаролот на Стејт департментот.

Но, од наша страна – молк, штама. Ни глас од вечно зачуденион министер за надворешни работи, уште помалку од оној за евроинтеграции кој мисли дека со трибини и кампањи а без работа ќе стаса до ЕУ. А „претседателот“ на државата и „премиерот“ вообичаено не се од тука и нив тоа не ги ни засега. Но, изјавата на САД има уште една битна „квака 22“. Таа вели: „Се надеваме дека на претстојните избори гласачите ќе бараат транспарентност и одговорност од избраните лица и ќе побараат посилна, подобра и попросперитена земја која ја заслужуваат“!

Дали со ова САД ни кажуваат дека овие неодговорни лица не ни обезбедиле доволно силна, добра и просперитетна земја? Се разбира, и секој писмен тоа може да го прочита. Но, дали со ова САД ги пуштија „низ вода“ овие неуки и неспособни политиканти? Веројатно, а и време беше, зашто (и) тие и водата станаа многу нечисти. И дали, конечно, и САД увидоа дека во вакви „деца на комунизмот“ не може да се има доверба односно дека единствената „политика“ што тие ја знаат е полнењето на сопствените џебови? Апсолутно. И затоа ли САД велат дека сите одговори треба да се бараат на претстојните избори?

Потврдата им дојде веднаш: видете ги старо-новите ликови од сдсм (малите букви се реален одраз на реномето на оваа „партија“ денес) за во техничката влада. Истата гарнитура, од истата нечиста вода!  

Впрочем, довербата на САД и ЕУ предолго траеше. Иако, веројатно и за нив одамна беше очигледно дека овие неуки ликови веќе и не се обидуваат да го сокријат фактот дека ние и по три децени сме држава/општество во транзиција, што ќе рече недефинирана, незаокружена, непотполна… земја заталкана кон некаква форма на демократија но со силно крената автократска рачна сопирачка. Таа и понатаму нѐ држи во лавиринтот на комунистичко-социјалистичките беспаќа, во речиси непремостлива искривена состојба на умот и без сериозни изгледи за прекин на таа „идеолошка“ папочна врвца.

Целата македонска реалност (државна/монополска економија, криминална испреплетеност на трите власти, недемократски изборен систем, килава и не докрај изведена децентрализација, замандален пазар на знаење и труд, неконкурентност на идеи и политики…) сѐ уште ја прави оваа држава не само трансдржава туку и страотно закостен посткомунистички реликт.

Токму затоа, не е оваа држава за потценување – како што не така одамна импутираше еден министер – туку тоа е нејзината власт, сосе него заедно. А, за жал, држава со таква власт однапред е осудена на пропаст. И, се разбира, тоа може да биде и само мое субјективно мислење, но ако прочепкате низ современите демократски „учебници“, ќе видите дека такви персони ама баш никако не можат да ги совладаат лекциите од демократијата. Ниту основните, базичните идеи за неа, уште помалку да ги пласираат во јавниот дискурс односно во форма на јавни политики! Нивното секојдневие е целосно заробено од прокомунистичкиот мисловен апарат, што не им дозволува поинакво однесување.

Колку време е потребно кај нас за конечната „смена на генерациите“ и ослободувањето на умот од историскиот стратификат? Тоа, очигледно, не ни оди ни брзо ниту пак лесно. Особено заради цврстиот бедем околу посткомунистичкиот начин на мислење и практикување на „демократијата“ кај политичките „елити“. Кај нив не постои „смена на генерации“ – тие се раководат исклучиво според некакво „таинствено“ партиско-криминално „наследство“!

Се разбира, на збор сите се залагаат за либерална економија, пазарно ориентиран систем, вредност наспроти „кариера“, стручност наспроти партиска припаданост итн. Но, на пример, земете го само Универзитетот и фактот дека асистентите (ќе) се пензионираат како редовни професори – без оглед на нивните (не)резултати, (не)објавените книги и стручни трудови, мислењето на студентите итн. – и сѐ ви е кристално јасно!

Затоа, зачудува ли што никој токму од универзитетската фела не говори за радикални реформи во образовниот систе, за пазар на трудот и натпревар во знаењата, и што најгласниот ешалон на провладини клиенти доаѓа токму од – универзитетот? Се разбира, тука останува незаобиколлива и МАНУ, која после еден Коцарев се спушта на некакви чудни и недефинирани рамништа. Да, би сакал да бидам демантиран од иднината – и ќе се извинам во таков случај – ама еден ваков „научен пуч“ во едно вакво клучно време за државата е необјаснив нонсенс!  

И ова не се случува само и единствено во „високата политика“. Сите нешта во Нашата земја веќе со децении се „нечиста вода“ што требаше одамна да биде истурена на соодветното за тоа место. Сѐ што овде се случува подлежи на костимиран карневал на конструкции и лаги во една единствена вистина – онаа на власта, која и да е и каква и да е. А сите ние одамна сме прогласени за нивни непријатели!

Сега дури и конкурсите се штимаат со флоскулата за подобноста на апликантите со соодветните власти, што веројатно ја смислил оној циркузант во Фондот за иновации и технолошки развој. 

Оттука, дали конечно некој, па нека се тоа и САД, согледува дека сѐ што овде (ни) се случува не е резултат (само) на вечната транзиција  од која не можеме да се одлепиме толку време, туку (и) заради длабоко вкоренетото автократско, а со него и кримогено, однесување на речиси сите власти – а последнава особено! – во оваа држава? И дека токму тој дел од оваа анахрона македонска политичка сцена го корумпираа и целото општество заробено од вљубеници во комунизмот кои (наводно) сакаат да нѐ поштедат од суровата реалност па информациите ни ги преоблекуваат во боите на виножитото?

И понатаму ли овој втор дел од македонската срамна современа историја ќе мириса на автократија, на (пост)комунизам односно соцреализам и удбаштво? Токму оваа власт, таа што требаше односно беше избрана да го иницира, па и реализира, конечниот демократски пресврт во државата/општеството, повторно го зароби граѓанинот во нова „студена војна“, му наметна стари и старо-нови „железни завеси“, му отвори (не)културна војна против демократијата на сите полиња.

П.С.

Впрочем, гласниот молк на власта продолжи и по изјавата на шпанскиот амбасадор дека е можно Македонија да има барања и од други земји членки на ЕУ на патот кон Унијата! Што би било логично зашто „Бугарите во Уставот“ се најмалата пречка за македонските евроинтеграции.

Продавачи на лаги

Просто е неверојатно колкаво количество лаги се истура во македонскиот јавен простор, на сите рамништа и по секакви поводи, но особено за сериозни, за важни, па и судбински прашања. Сето тоа не може, и не смее да се оправда со претстојните избори кога, нели, сѐ е дозволено. Ама не е и не смее да биде дозволено, барем не такво ординарно и бескрупулозно лажење, особено од највисоки државни функционери.

И не е само годишното  „обраќање“ на човекон кој пет години глуми претседател на државава и неговата најнова еурека за „спроведување на некакво прочистување“. За тоа има(ло) разни стредства, а повозрасните кажуваа за една реклама од бивша-бивша Југославија односно Кралството СХС: „Додека вие спиете, Дармол работи“. Тој фамозен „Дармол“ бил ефикасен лаксатив! А оваа држава ќе се „прочисти“ единствено кога овој општествен организам ќе ги „отфрли“ ваквите типови на одговорни функции.

Што и не е така лесно, разбира се. Ете, после пресолената реплика на госпожата Габриел за нашите евроинтеграции и бугарските „услови“, веднаш следи „прогресивна“ контраофанзива во формата „Европска иднина, поблиску од кога било“ и она „историско“ на човекон кој глуми премиер: „Со проевропска влада, Македонија во следниот мандат ќе биде членка на ЕУ!“.

Што, се разбира, е временски апсолутно налудничаво, заради сопките на соседите е невозможно, а заради неспособноста на оваа власт – неизводливо. Освен ако тетка им Урсула не ги фати за рачињата и ги внесе во салата каде се држат седниците на Европската комисија. Ама онака, за да разгледаат! И да им помине меракот односно тогаш да речат дека се блиску до ЕУ. Или „нашиве“ мислат дека и соседите се така „заборавни“ како веќе смешнион министер за надворешни работи кој и понатаму се чуди за кои и какви протоколи станува збор?

Но она што запрепастува не е само количеството лаги што се пласира во јавноста, не е дури ни безобразниот начин на којшто со нив се манипулира граѓанството, туку крајно одбивна е таа фиксација на настојчивото лажење и рамништето на невоспитувањето и некултурата на целиот државен врв, без исклучок! Каде растеле овие луѓе, каде оделе во училиште, зарем никој не ги научил дека нема „лесна“ или „добронамерна“ лага…? Лагата е само и единствено – лага, а кога доаѓа од позиција на највисока власт и во врска со најсензитивни државни работи, таа тогаш е – злонамерна, манипулативна, користољубива, опасна.       

Ние, се разбира, не можеме да имаме власт составена само од нобеловци заради една проста причина: нобеловци немаме. Ниту пак во светот и низ историјата е позната таква „врвна власт“ – блиска на поуките на Платон – којашто би ги обединила најумните глави во државата. Но,   необјасниво е – освен со некакво мистично проклетство! – зошто дозволивме низ овие три децении државата да ја водат речиси исклучиво неуки и неспособни политиканти, неискусни и некомпетентни луѓе, уличари и кецароши, па дури и криминалци!? А има(в)ме и примери на аналфабетни анонимуси со приправнички стаж на највисоки државни функции.

Фамозната реклама од почетокот, онаа за лаксативот, ние денес можеме да ја преиначиме во: додека вие спиете, тие крадат!

И сето тоа, и порано но особено сега, некој сака да ни го подметне како политика, како нешто вообичаено, дури нормално, кај нас и во светот. Не велам дека во тој „свет“ нема примери слични на нашиов, но колку се и дали тоа треба да ни биде утеха? Од друга страна, ако ѝ додадеме прстофат „идеолошки“ зачин на приказната, претходниот систем олицетворен низ комунистичкиот дух мораше да си обезбеди наследници, па копаше по подмладокот барајќи „достојни“ репрезенти за продолжување на неговото дело. И така се „родија“ едно чудо негови клонови облечени во некакво „ново руво“ коешто требаше да наликува на демократско, ама на избраниците воопшто не им прилегаше.

Меѓутоа, заборави комунизмот (или неговите служби?) дека и спротивниот табор – онаа (квази)десна, (квази)национална односно ултранационалистичка багра со ист комунистички происход – исто така бараше соодветен пандан. Пандан што ќе одговара на младите кумровечки „јуноши“. И најдоа „берлинско-делчевски“ типични провинциски лејки, но потхранети со политикантски апетити и страст за богатење, а особено осоколени од отворено изразените желби на народот за промени.   

Следствено, обете страни ги најдоа – или им ги најдоа? – своите наследници во нови продавачи на лаги и ни ги сервираа како некакви современи политичари и демократи, иако тие во краткиот им живот воопшто и не се беа занимавале со сериозна политика, уште помалку имаа претстава што значи зборот демократија. Ниту пак сакаа(т) да знаат. Ја прифатија само како некаква современа играчка за остварување на нивните лични цели. И тоа трае до денес!

Од тогаш овде се отвори голема продавница – или „бувљак“? – на лаги, а со него, или во него, и основната дилема: сака(в)ме ли, бара(в)ме ли воопшто излез од комунистички бетонираниот ум на т.н. политички елити кои континуирано, цели три децении, ја држат државата во железните квазидемократски – а де факто (пост)комунистички – прегратки?  

Зашто, ако ја погледнете само актуелнава „врвна“ тројка и нивното практикување на власт – спомнатиот „Дармол претседател“ на државата и неговите лакрдијашки манири и озборувачки начин на комуникација со јавноста, претседателот на собранието (и најавен технички премиер) како отворен наследник на „острината“ на ЈНА-овското командување со Парламентот, премиерот како типичен посткомунистички изданок и нововременски олигарх – но и речиси комплетната владејачка гарнитура (а и оние претходни, секако), сето тоа се минијатури кои се плеткаат во продавницава на лаги натпреварувајќи се чија ќе биде поголема и попродавана.

Што е уште поскандалозно, во повеќето електронски медиуми во државава, дури и оние со т.н. национална концесија (како многу поважни од другите!?), и понатаму главни гости и „аналитичари“ се токму бившите и сегашни неартикулирани политиканти и некои слични на нив фаци кои не умеат ни името да си го напишат. Ама сите се верзирани во генералната геополитичка ситуација во светот и нашето место таму, сите се „експерти“ за локални и меѓународни политики, сега и за фамозниот „Палчо“ или која и да е друга актуелност.

Меѓу нив и последниот егземпларен лик – бивш премиер а сега божем „угледен“ бизнисмен, како гостин на една национална телевизија, каде по којзнае кој пат држеше уште една политикантска тезга како експозитура на „бувљакот“! Кој, извинете, има потреба од такви ликови, од такви продавачи на сѐ и сешто и кој, и зошто, го плаќа тоа потрошено медиумско време?    

Кому денес му требаат тие луѓе на јавната сцена кои од Македонија направија голем пазар на лаги и половни дребулии  на којшто се продава сѐ и сешто: од политика до економија, од народ до држава, од идеологија до демагогија… Иако, најчесто, се нудат политикантски флоскули и лаги во шарени пакувања и изданија: мали или големи, утрински или вечерни, загадени или „чисти“, флаширани или конзервирани, во говорен или текстуален формат итн.

Некој ќе рече дека низ ваков еден државен и медиумски „бувљак“ нормално е да шетаат секакви протуви преоблечени во продавачи: политиканти и практиканти, проектанти и манипуланти, медиумски работници и сексуални работнички, делители на (не)правда и делители на лаги, скиселени универзитетски професори и нивни воинствени асистенти… И сите се стручњаци за нешто: за лага, за магла, за рудници, за пазари, за политика…, но сепак не е нормално една млада демократија во развој да не ги користи најстручните, најморалните и најкомпетентните поединци туку нивни сурогати собирани по партиски штабови, кафеани и улици. Зашто тогаш резултатот е ова што го имаме сега, и овде.

И сите овде спомнати и многу неспомнати лаги нема да бидат последни, секако. Лажоманите не се откажуваат така лесно. Од лагата, а не од работата, им зависи иднината! Но општеството конечно мора да најде одбранбен механизам, некаков нов „Дармол“ или друго средство за прочистување. Изборите се такво можно средство, но не смеат да бидат единствено зашто доаѓаат во ретки дози, што им погодува на продавачите да ги развиваат своите лажливи апетити.

Сол на жива рана

За Бугарите можете да кажете што сакате, но не и дека немаат перфектен тајминг. Само што почна кај нас оној пост фестум хор на децата на комунизмот и нивната (очекувана и одамна увежбувана) песничка „Кој е виновен?“ во која, нормално, нашата катастрофа викана влез во ЕУ ја започнуваат со рефренот „виновен е народот, и опозицијата, разбира се“, а госпожата Габриел директно од Софија им терцираше: „Не се само уставните измени“!

По којзнае кој пат Бугарија им го расипува расположението на нашиве слепци и нивните „интелектуални“ приколки потсетувајќи ги дека „условот“ не е осамен туку е придружен со Договорот за добрососедство и двата протоколи. А така убаво овие во Скопје мислеа дека извинувањето и (не дај боже) одговорноста ќе ги заменат со  хајка контра народот, а особено против опозицијата и евроскептиците! И одеднаш, Габриел „подмолно“ ги потсетува: „Ние имаме три заемно сврзани инструменти, кои се дел од таканаречниот компромис од јули 2022 година, Уште повеќе, пак, ние имаме и многу јасна позиција на Народното Собрание“.

Ако тоа не е чиста соседска „омраза“ – да не речам „садизам“ – и дотурање големо количество сол на свежата рана викана Брисел 2023, не знам што е. И одеднаш вчерашниот Брисел не е само втор Букурешт, туку навестува дека ќе има и трет, и четврти бидејќи, очигледно е веќе, вакви политикантски гарнитури како оваа се способни само за криминал а не за државни политики.

И од тие констатации никако нема да може да ги извлече ни онаа „интелектуална“ орда гласноговорници на власта. За тие локални гео-мудреци (ќе) има само еден валиден политички став – оној што ќе им го каже „газадата“. И никогаш нема да прифатат дека наметнатиот „услов“ за започнувањето преговори со ЕУ не е и не може да биде услов туку дека за такво „нешто“ има други, погрди имиња! И дека не е само тој, но и дека целиот ЕУ „процес“ беше воден дилетантски, дека ЕУ „политиките“ на власта се кисела зелка за сарма, дека нив ЕУ воопшто и не ги интересира итн. (Но и тоа е вид на специјална културна војна што се води во државава.)

Иако, всушност, тие цели три децении успешно воспеваат политиканти и криминалци и никако да се свестат дека нивните фаворити не само што не умеат туку и не сакаат оваа земја да порасне во нормална, демократска, просперитетна држава и членка на ЕУ. Сето досегашно, но и актуелново „глуматање“ дека сме можеле и ние да славиме е само уште една лоша едночинка со скиселен вкус во провинцискиов театар, иако властелинскиве гео-мудреци упорно ракоплескаат, пишуваат блескави критики и бараат „бис“.

Но ним, на овие квазиинтелектуалци кои гордо го носат беџот на советници за погрешни политики, тоа им е животната приказна. Можете само да замислите што морале да прават и низ што минувале за да дојдат до овие позиции – професорчиња, асистенчиња, советничиња, ексминистерчиња… кои се самоцитираат или се цитираат меѓусебно, какви сѐ ора вртеле… „Тешкото“ е за нив играрија. Како „школица“!  

А не требаше многу, можеби година, година и половина, да се види дека ова е власт на шарлатани. И дека сепак не е можно ваква (да простите) приглупа номенклатура, веќе помодрена од удирање в гради и самофалби за „успешниот“ евроинтегративен пат, после толку потрошени пари до Брисел и назад, да не знаела дека во ЕУ има и таква „политика“ што се вика – прошетка? Или – пиење кафе? А ни нивниве советничиња тоа не им го кажале?

Но како, од друга страна, им се познати, да не речам интимно блиски, сите можни „коридори“ на општата и поединечните измами во земјава кога станува збор за лажење на македонскиот граѓанин, за манипулации со вистината, за „премостување“ на уставните и законските процедури, за еврознаменцата…? Ама „прошетките“ и „пиењето кафе“ во текот на гласањето за круцијални работи никој не им го кажал како податлив инструмент за влез во ЕУ? Ни тетка Урсула, ни љубимиот им Жан Мишел…, ниту пак локалниве професорчиња, асистентчиња и новинарчиња кои во принцип, демек, ги знаат сите патишта и козји патеки до ЕУ?   

Сепак, проблемот е што овие шалабајзери не знаат ништо друго освен личниот интерес. Тука почнува и завршува нашето ЕУ патешествие. На страна што оној кој ќе приговори дека Македонија ниту беше спомната во Брисел ќе биде – во право! Па се разбира, а и зошто би ја спомнувале? И дали и тоа е некаква „проектирана иднина“ на оваа Недојдија?

Но нашиве јавно позиционирани гео-мудреци немаат одговор ни на многу други нешта бидејќи не добиле таква команда. На пример, зарем ЕУ сериозно би примила во нејзиното друштво вакви криминалци? И дали „условот“ не е само добредојдена одлична замена? И дали не треба „условот“ повторно да биде наметнуван како неопходно оправдување со цел да се заборави основното: сето она напишано во последниот Извештај на ЕУ?

А нема да прашаат ни зошто извештајот на Оценската комисија за Судскиот совет е – таен? Што има таму што јавноста не смее да го види? Како што остана тајна и оној германски извештај за болницата во Тетово, па договорот за фамозните коридори…, но и многу други нешта? Но нашиве „мудреци“ по стоти пат ќе држат лекции за Украина и Русија, ќе мудруваат за пропуштени шанси, ќе убедуваат дека не е време за плачење итн.    

Меѓутоа, кога го слушате сега Заев, не можете а да не плачете. Од смеа, се разбира. Зашто, ако тој споделува, јавно, „став“ дека „(…) Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер“, а токму именованиот како водач на тимот сега е на т.н. „црна листа“ на САД заради криминал и корупција, тогаш нешто „не штима“, нели? А има и многу ефектни народни поговорки што прилично реално отсликуваат многу аспекти (и) на овој „случај“ и на „реакцијата“ на екс-премиерот. Но, она што никој не го кажува јавно – не знам зошто – е фактот дека токму владата на Заев го отвори патот на ваквите димензии на криминал и корупција во самите врвови на власта. Дали тој тоа го признава или не – негов проблем, но меѓународната заедница почна сериозно да ја апострофира оваа „епидемија“ токму во негово време!

И кога ќе видите кои други се на онаа „црна листа“, а и кои веќе утре ќе бидат, нештата стануваат ли појасни?

На пример дека криминалци ја воделе – и ја водат – и државата и „политиката“ во неа? И дека и понатаму ќе ја водат бидејќи овој (не само) изборен „систем“ тоа им го овозможува, а којшто тие никако не сакаат да го сменат? И некој очекува тие да нѐ одведат во Брисел? И дали и ова е некаква наша „проектирана иднина“?

Македонската приказна во овие три децении независност, самостојност и сувереност е приказна типична за некои (некогашни) јужноамерикански државички, а денес богами почнува да заличува и на некои актуелни афрички. Таквите приказни никако не можат да се наречат успешни, а најмалку демократски, прогресивни, цивилизирани… Ако државата, континуирано и во сите сегменти регресира, ако општеството се распаѓа, ако економијата е во катастрофална состојба…, сето тоа е резултат на еден и само на еден главен фактор: неспособна и неука власт!

Сето друго – криминалот, корупцијата, партократијата, непотизмот, неморалот, некултурата и др. – се само додавки што многу лесно се „лепат“ на главниот фактор. Со неуки и неспособни политиканти секогаш е лесно да се манипулира однадвор, а на неуките и неспособните со апсолутна власт секогаш им е лесно да манипулираат внатре. Кога таквата власт успешно ќе си дресира и орди „интелектуалци“, „професори“, „новинари“ и едно чудо невладини организации како позадина, тогаш војната однапред е добиена иако „победата“ поприма монструозен призвук.     


Политикантски стриптиз

Ретки се приликите, особено во македонските медиуми, кога можете да си ја видите државата – поточно власта како нејзин „легитимен“ претставник – целосно разголена, буквално расоблечена, тотално „проѕирна“ пред очите на граѓаните. Но и тоа требаше да го видиме, се разбира, иако многу детали ни беа веќе јасни, многу „приказни“ претходно прочитани. Но сега како да ја добивме комплетната слика за (не)капацитетноста на највисоките претставници на оваа власт, директно од нив самите.

Како во некаков срамен политикантско-„еротски“ танц со садо-мазо пикантерии, премиерот на оваа држава и претседателот на истата, во рок од само неколку дена во емисијата „360 степени“на новинарот Васко Попетрески, се беа соголеле до гола кожа. И тоа во сите елементи на потенцијалното државничко однесување: говорни вештини (филувани со непознавање на македонскиот јазик!), внатрешна и/или надворешна политика, демократско размислување… итн. И сето тоа со онаа стара, позната (пост)комунистичка (иако ова е навреда за некогашните комунисти!), или попрво провинциска ароганција што често се граничи со тврдоглавост, потценување, неукост…

Нивното „шоу“ беше страшно за гледање, навредливо за сите сетила во сите сегменти на неопходното ниво на еден претседател на држава и премиер. И сето тоа ни ја формира вистинската слика за државата до точка кога се прашувате: па како дојдовме до ова? Но и: како воопшто функционира оваа држава?

Но тоа, пред сѐ, е и главниот проблем на државата – таа, едноставно, не функционира! Таа или стои во место во некои области, или целосно назадува враќајки нѐ во некои несакани минати времиња, во нивниот најлош облик. Згора на тоа, речиси запрепастувачки е што двајцата највисоки функционери сосема комотно разговараат за важни, за круцијални нешта за државата во некое имагинарно трето лице односно како тие да не се токму луѓето од кои директно зависи решавањето на тие проблеми.

Обајцата, на пример, разгоропадено ни „откриваат“ дека низ земјата работат некакви странски служби и нивни локални експозитури, пелтечат за некакви и нечии агенди (ама непотврдени!), ни „објаснуваат“ дека „има странски агентури“ коишто финансираат разни „подземни“ случувања во државава (Ковачевски), ама за сето тоа требало да бидат прашани „безбедносните органи“, (вели повторно премиерот).

И сега секој нормален човек ќе праша: кој е тој односно во чија надлежност се овие разноразни служби, агентури и нивни локални продолжени раце, кој е тој што треба да се грижи за безбедноста на државата…, ако не, на пример, премиерот во својот делокруг, но и претседателот во неговиот делокруг? Кои се тие „безбедносни органи“ на коишто нѐ упатува премиерот, а се вон неговата надлежност, па и интерес, како безбедносно прашање? И зошто ние треба да одиме од институција до институција и да прашуваме кога тој прима (не мала!) плата за тоа?

Претседателот пак на државата, во неговиот познат озборувачки стил во насока на креирање хистерија, отворено го квалификува дури и актуелниот Палевски како „поврзан со елементи кои работеа на проруската агенда во Македонија“ (sic!). Ама молчи зошто никој надлежен не се погрижил тоа да го прекине врз основа на реални сознанија и докази. Или, повторно, некој овде си игра мижитатара со безбедноста на државата?

Но претседателот не застанува таму. Тој јавно озборува и „високи црковни великодостојници во МПЦ“ велејќи дека се поврзани со истата „проруска агенда“. Ама, по ѓаволите, зошто не превземе нешто, зошто не информирал надлежни служби, зошто не го прекинал тој проруски „ланец“? Или го оставаат да функционира за да можат постојано да го озборуваат и да влечат пари од меѓународната заедница на име борба против руските влијанија во Македонија?     

И тој начин на провинциско озборување тече и тече кај двајцата, па „во игра“ вметнуваат претседатели на партии – некогашни и сегашни, си ги озборуваат македонските амбасадори, високи државни функционери и новинари…, и сето тоа онака одлесно, како пред „Кооперација“ со шише топло пиво, и – никому ништо! Ниту збор за тоа зошто не превземале нешто после сите тие откритија, зошто не го вратат тој проклет амбасадор, кои се тие сомнителни македонски граѓани кои секојдневно тропаат на вратите на странските амбасади и прават заговори…, за да конечно дојдеме до една фантастична „прогресивно-демократска“ мисла на претседателот на државата дека „на македонската јавност тоа не ѝ е работа да го знае, тоа се специфични информации.“

И тука почнува и тука завршува сѐ, тоа е нивниот шашлив поглед на превземените државнички обврски, на нивниот морал и идеја за македонската демократија, за нашата реалност во целост. Тие очигледно уживаат себеси да се гледаат како некакви важни субјекти, дури личности во македонската политика, а всушност се само лица без идентитет на поминување низ македонската современа историја. Фактот што ние се самоосудивме да бидеме нивни жртви во овие шест години не менува ништо во некои пошироки рамки. Освен што треба да биде некакво искуство за утре. Зашто веќе утре ќе се одлучува не за нашата иднина – таа, патем, е отидена во ветар – туку за иднината на сегашните млади генерации, или барем оние малкумина кои сепак решиле да останат тука.     

Нивниот срамен политикантски стриптиз нѐ соочи не само со ужасен дисбаланс помеѓу дадена политичка моќ и лична неспособност, помеѓу спектар на можности за делување и личен лимитиран капацитет, туку конечно и дефинитивно ја видовме во полна „сила“ сета немоќ и некомпетентност на македонската политика. Тоа е „сила“ што низ историјата уништувала цели држави и народи!

Згора на таа неартикулирана политичка мисла и целосната некомпетентност да се обликува некаква нова визија за државата, двајцата ни сервираа вџашувачко паланечко самољубие особено потенцирано со обидот на премиерот да ја идентификува неговата смешна „гиљотина“ со грозоморното убиство на млада 14 годишна девојка.

А за да не остане покус, претседателот на државата, само ден-два по „фамозното“ интервју на „360 степени“, побрза да обзнани дека „Ако ме прашувате денес, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидирам“! И вистинското прашање на ова би било: што се замислува овој човек? Зарем сега дневно ќе информира дали ќе се кандидира по вторпат или не и зошто мисли дека македонскиот граѓанин е толку заинтересиран за тоа? И од што навистина зависи неговата кандидатура: од тоа како ќе ја преспие ноќта, на која нога ќе стане утрото…?

Како воопшто оваа држава дојде до ова дереџе?    

Еурека!

Дали конечно дојдовме до изворот на сите зла во државава? И дали сега можеме да здивнеме и полесно да ги решаваме сите проблеми? Веројатно, зашто досега изгледа талкавме во мракот на незнаењето и неинформираноста, а решението ни било на дофат на раката. И се одзива само на еден збор: менталитет!

Спомнат во еден прилично „растеглив“ но, би рекол, и доволно прецизен контекст од страна на секогаш отворениот холандски амбасадор во Македонија како можна опција за надминување на реалните македонски проблеми, тој – менталитетот – веднаш стана главна „фора“ за македонските политикантски мудреци. Иако тие, де факто, го разбраа како што им одговараше, а не во изворното и интерпретираното значење на зборот.

Дури и претседателот на државата (малите букви се реален одраз на неговото реноме во домашната и меѓународната јавност!) се фати на јадицата на „менталитетот“ и побрза да ни го сервира не само како негово туку и како одамна очекувано откритие – еурека! – па и откровение. Алелуја!

Не знам зошто чекал да нѐ „просветли“ до самиот крај на мандатот, или тоа ќе му биде адутот за повторната кандидатура? За којашто, патем, се премислува трипати дневно и повторно не знае дали вторпат ќе се кандидира. Но, да не го спомнеше ова „откровение“ холандскиот амбасадор, со што повторно ќе се кандидираше човеков? Со кои подвизи? Оној со експресното потпишување на Кривичниот законик, со „жалопојките“ за покачената плата, со она срамно „чествување“ во Ваташа, со еднакво новото „откритие“ дека во земјава владее висока корупција…, со што?

И како од толкаво интервју на холандскиот амбасадор тој, но и другите „мудреци“, го запаметија само – менталитетот? И си го „преведоа“ на својот локален провинциски јазик. Зошто, на пример, не ги цитираат неговите зборови дека „Се чувствувам разочарано зашто кога дојдов тука пред повеќе од четири години сметав дека земјата е на вистинскиот пат. Сега, во изминатата година и половина или две години, тоа повеќе не го гледам“?! Или дека би бил „добар совет за земјата да биде исклучително внимателна во зачувувањето на својата прореформска демократија, заштита на слободата на говорот, да ја зачува релативната независност на медиумите… Без овие работи каков било напредок не можен“ и др.

Или зошто никој не ги спомнува неговите отворени критики на власта, посочувањето на криминалот и високата корупција итн.? Па затоа што со „неодредената“ формулација на амбасадорот Коп дека „Најитната работа која е потребна е да се смени менталитетот“ можат да се прават секакви конструкции и манипулации. Какви што и се правеа. На сметка на амбасадорот, се разбира, и знаејќи дека тој нема понатаму да се впушта во полемики или дообјаснување што и како мислел.

Но, амбасадорот добро мислел и, сепак, прецизно се изразил. Тој никаде во интевјуто не говори за македонскиот народ како инстанца којашто треба да си го смени однесувањето односно „менталитетот“, уште помалку говори за криминалот и корупцијата на народот или за „неприфатлив политички притисок“ вршен од страна на народот. Зарем мисли на народот кога говори за „сериозно сомнителните процедури околу Коридорот 8“, за „хаосот во Судскиот совет, а и неодамнешните амандмани на Кривичниот законик“? Неговиот говор е јасен и прецизен и низ овие факти тој точно посочува на кого мисли: на власта, на Владата односно извршната власт, на судската власт, на Собранието итн.

Затоа оние памфлетски обиди на дел од „мудреците“ да манипулираат со овие зборови и да снесат ново кукавичко јајце сместувајќи нѐ сите во кошот на менталитетот се безобразни. И срамни. И вулгарни, ако баш сакате, и недолични за луѓе на сериозна возраст. Зашто ние со ништо не сме придонеле во дивеењето на оваа мафијашка власт, во нивните криминали и корупција, ние не сме го потпишале таинствениот договор за Коридорот 8 и не сме гласале сомнителни измени на Кривичниот законик. Точно се знае чии дела се тие, и не само тие.

И не, ние никако не сме очекувале холандскиот амбасадор отворено да каже „дека само избори и промена на власта се решение“ бидејќи тој тоа секако го кажа – само на дипломатски начин! – и бидејќи тоа сега е единственото можно решение за оваа земја. Но, промената на „менталитетот“ е апсолутно неопходна, но чија? Дали не треба да се промени ваквиот лажлив менталитет односно однесување што ја извртува смислата на туѓи изјави и манипулира со нив? Дали не треба да се промени тој провинциско-поданички менталитет на слугување на власта, па макар и криминална? И дали тука некој се обидува својот личен менталитет да го проектира врз целиот народ?      

Зашто, конечно, суштината на поимот менталитет се однесува на личен или групен начин на размислување и однесување, на особен став на една личност или група. Но не и на цел народ, што би било нонсенс и чиста алхемија. И како воопшто може цел еден народ, па нека се и само два милиони единки, да има ист менталитет? Или, кој би бил менталитетот на 70 милиони французи или 80 милиони германци? 

Од друга страна, концептот на менталитетот е само една компонента на општиот концепт на реформулирање на културата, проследена со претстава за јазикот и спознанието. Концептот на менталитетот оперира со „тоа што си“, а не со тоа што „го правиш“, што во суштина е проблематично и научно неприфатливо! Притоа, тој концепт бил актуелен во втората половина на минатиот век – како колективно несвесно (Ле Гоф), несвесна когнитивна структура (Вебер), елементи на детерминизам и негирање на индивидуалното итн. – но не и понатаму.  Но, впрочем, кои се и какви се референците за оваа тема на спомнатине „мудреци“ кои се обидуваат да манипулираат со менталитетот? Па тие во целиот нивен живот не го спомнале зборот култура!

А сепак, има една нишка, еден сегмент од нивниот „менталитет“ за којшто и претходно пишував но мора и повторно да се укаже: сѐ додека во земјава мудруваат и владеат кримогени групи со крајно проблематичен (пост)комунистички „менталитет“поддржувани од ним слични „интелектуални“ приколки, ние не можеме да тргнеме напред. И тука амбасадорот е апсолутно во право. Врз сидрото на оној „прогресивен“ шалабајзер од пред две години, но и на овој денешниов, се закачени претешки посткомунистички лични и групни „менталитети“ што го држат бродот во едно место.

Впрочем, читајте ги последните интервјуа на премиерот и министерот за надворешнио работи!  Мигот кога таквите размислувања и однос кон јавноста ќе бидат исчистени – и буквално! – од македонската политичка сцена, ќе можеме да говориме за нови потенцијални „менталитети“. Со надеж дека ќе бидат барем проевропски. Иако, лично, не сум многу убеден во тоа. Но, надежта последна умира, нели?

Меѓутоа, како што наближуваат изборите, лажните провинциски пророци ќе продолжат, дури ќе го засилат, темпото на замена на тези и факти, на обвинувања на народот (и опозицијата, се разбира) за катастрофите на власта. Сето тоа е веќе видено, можеби со други актери, но со иста ментална матрица и „менталитет“.


Ужас без крај

Ужасен крај или ужас без крај и не е некој избор. Ако човек веќе мора да избира. Не знам што би избрал македонскиот граѓанин денес, но очигледно е одамна дека стреми кон втората „опција“, онаа за ужас без крај. А за тоа речито говори (не само) гласниот молк на граѓаните за сѐ што (им) се случува во државава, онаа необјаснива индиферентност – дури спокој? – за маката и неправдите на другиот, за општествениот неспокој, за криминалното милје…, дури и за убиство на дете!

Оправдувањата со општата животна тегобност во целата земја се (веќе) само изговор за контроверзниот и крајно вчудовидувачки, дури погубен, начин на прифаќање на нештата.  

Зашто, не морате да сте којзнае колку информирани за тековните ужасни „политики“ на власта, за оној јавно коруптивен буџет, за циркусијадата подготвена во анкетната комисија за случувањата на Онкологија, за некултурниот „гламур“ на фамозниот министерски состанок на ОБСЕ или изборот на „фраер“ на годината… за да видите што сѐ се случува околу вас.

Но тешко е и да го избегнете она бесрамно продавање раскантана крнтија што со наши пари нѐ вози до Вашингтон, кола без тркала којашто (ќе) нѐ вози и до Брисел виа Софија, ќе ги провози и пензионерите за 5,7% но функционерите за цели 75%, па дури и ќе „пичи“ по оној фамозен Коридор 8 од 1,5 милијарди евра со 30 километри на час! Таква „модерна“ крнтија наместо безбедност и живот ни нуди денес власта како „кола која што вреди да се има“ и очекува да се редиме во редици за едно кругче . Оној претходниот ни продаваше чушки и френки по балканските пазари, овој ни продава расходувана шасија без мотор како да е „алфа ромео“!

Нешта што, сепак, се само перифериите на македонскиот ужас без крај, но доволно страотни да исплашат нормален човек. Односно – беа перифирии, денес се веќе „окото на ураганот“ после најновиот шок: грозоморното убиство на недолжно 14-годишно девојче, кое до вчера, во виорот на ОБСЕ-овската шарада сите го беа заборавиле. Што, исчезнато? Ма ќе се врати. Ама – не се врати, нели.

Како што, очигледно е, нема веќе да се врати ни нормалниот живот во Македонија, оној без криминал, убиства, дрога, вооружени пресметки на политички заштитени банди… И сето тоа и понатаму не му пречи на македонскиот граѓанин? Да, и сето тоа некои – политикантите и нивните „интелектуални“ гласноговорници – ќе го вбројат во „инцидент“, во „границите на нормалата“ на функционирањето на една современа држава, на животот на еден велеград… итн.

Ама проблемот е што инцидентите станаа правило, а ние не сме ни нормална современа држава ниту пак Скопје е нормален европски велеград! Па и ние престанавме да бидеме тоа, престанавме да бидеме нормални граѓани со лични и колективни права, меѓу коишто, помеѓу останатото, се вбројува и безбедноста, правото на мислење, на јавен глас и протест, на демократски институции… Како тоа нашиве локални политиканти се позагрижени за Украина од мирот, безбедноста и благосостојбата на своите граѓани? Добиваат од „меѓународната заедница“ некаков таен бонус ако пет пати дневно ја спомнат Русија, Лавров, Путин во негативен контекст, не гледајќи притоа што им се случува во земјава?

Како да сите добри нешта во оваа Недојдија треба друг да ни ги обезбеди – нашиот „стратешки“ партнер, ЕУ или којзнае кој друг, а овие локалниве Обломови кои дебело ги плаќаме ќе лежат по цел ден и ќе се мислат дали кога ќе станат ќе успеат веднаш да ги облечат двете влечки. Или опинци, како сакате. И ќе продолжат да ни раскажуваат приказни за мали деца. Но, повторно, ние, со нашата малодушност, комформизам, страв, хипокризија… дозволивме да нѐ третираат како мали деца. Затоа и го добиваме овој ужас без крај. 

Ние упорно одбиваме да ја видиме самата срцевина на македонскиот современ проблем – тоталниот распад на општеството односно државата, урнисувањето на сите морални вредности, на културата и доброто воспитување… Сурогатот што ни се (по)нуди, а огромен дел го прифатија, беше/е партократија од најлош вид, со висока корупција и уште повисок криминал во највисоките редови на власта! Кога криминални партии се на власт, логично е ситните криминалци, па и убијци, да шетаат по улиците, нели?

И сето тоа се потврдува од ден во ден, од час во час, во различни варијанти. Сега, со оние грозоморни убиства, како да го достигна врвот. Или не? Може да биде и полошо, нели? Да почекаме до изборите? Ако втората жртва, оној кутар човек од Велес, бил навистина убиен за долг од 500 евра, за колку ќе се убиваат во времето на изборите?

Ама затоа „интелектуалната“ ни елита, онаа којашто е, нели, „неопределена“ и треба да го советува општеството, ќе го бара дрвото за да не ја види шумата: сега ќе открива колку пати главниот осомничен се сретнал со некој од опозицијата ама нема да укажат на „идеолошкото“ дувло на убиецот, ќе „заборави“ дека премиерот до вчера ниту еднаш не го спомна исчезнатото девојче ама затоа упорно ни ја продава онаа негова крнтија од партија, ќе го оправда дури и она бесрамно договарање за изборите во мигот кога требаше да биде прогласен ден на жалост итн.

Но затоа сите здружено и крајно лицемерно ќе се наредат пред училиштето да се запишат во книгата на жалоста!

Еднакво лицемерно како и она фалбаџиско саморекламерство на македонскиот министер за надворешни работи дека баш тој го „спасил“ ОБСЕ, како и онаа негова наредба дека „Секое потценување кон нашата дипломатија и потценувањето на нашата држава и нејзините капацитети, од денеска треба да престане“. Сега го нема никаде, дури ни да изрази сочуство.

И заборава дека граѓаните сепак не си ја потценуваат државата, напротив. Сиот наш потценувачки гнев е насочен кон оваа срамна криминално коруптивна власт, кон нејзината тотална неукост и неспособност на граѓаните да им обезбеди простоен и безбеден живот, а како замена нуди само – ужас без крај!

Децата на комунизмот

Го читам Геровски за идеите односно за нашата (пословична) безидејност и гледам дека веќе ми го напишал „воведот“. Случајно, се разбира, односно се поклопиле „идеите“. Зашто Македонија цели три децении се врти (како „ќоро пиле“!) не само во светот на безидејноста туку (и) во маѓепсаниот круг на старото наспроти новото, на анахроното наспроти современото, на закоравените (пост)комунистички рецидиви наспроти забревтаниот храбар нов свет…

И да, ние сме и медиокритети, и конформисти, и провинцијалци (или ропаци, како сакате)…, исплашени деца на комунизмот оставени зачаурени во догматската магла на минатото.    

Поточно, ако некој денес оваа транзициска турли-тава викана Македонија (па нека е и Северна) ја нарече типична (пост)комунистичка земја а нас деца на комунизмот, многумина, без миг размислување, би се впуштиле во остра полемика. Дури би се нашле и навредени. Иако, фактички, секој кој во онаа 1991 година „влезе“ во „новата“ држава со право на глас – што ќе рече повозрасен од осумнаесет години – не беше ништо друго туку токму дете на комунизмот. На еден или на друг начин.

И тој период од македонската историја не го спомнувам во денешен контекст со некаква скриена омраза или пак доза на одбојност, напротив, зашто Македонија токму во тој период од феудален вилает стана современа држава. Но, едно е држава, друго е народ односно луѓе. И во таа држава, па нека е и комунистичка, имаше луѓе со феудален (или паланечки, сеедно) дух и луѓе со комунистички дух. За жал, немаше многумина со проевропски, или прозападен, но со Западот скришно се кокетираше.

Проруски? Ма дајте, ве молам.

Но, новата држава не донесе нов дух. Односно – го донесе, наречен независност, сувереност, самостојност…, но бргу и го згасна. Самата. Затоа, продолжија да виреат феудалниот и комунистичкиот квази-дух, особено во последниве петнаесетина години, со регресирање кон некои анахрони квазидемократски, квазилиберални и анархокапиталистички (квази)формати. Коишто, во самата нивна суштина, никако не сакаа(т) да се „одлепат“ од комунизмот. Не како идеолошки концепт, се разбира, туку како пракса, како шанса за некритичко авторитарно (често и тоталитарно!) владеење, како модел за доминација на партијата над државата и граѓанинот, како стил на неодговорно и недопирливо кич однесување на политикантската врхушка и нејзиното самопоставување над другите.

Сето тоа, се разбира, со засилени намигнувања надвор и внатре. Надвор со ЕУ и САД и со истомислечките удбашки „структури“ во соседните земји; внатре со религијата, со некои мрачни националистички сили од минатото, со консолидирање на „образованата“ екс-комунистичка клиентела за свои потреби итн.

Инфекцијата викана авторитарен односно тоталитарен комунистички „стил“ на мислење и практикување на власта се врати во сите пори на општеството, без исклучок. Сѐ, и буквално сѐ, од политиката до судството, од културата до образованието, од економијата до земјоделието…, е проткаено со цврсто вкоренети остатоци на комунистичката логика и пракса. Ние, и во голема мера и Србија и Бугарија, бргу по 1991 година успеавме комунизмот да го кренеме од смртната постела и повторно да го поставиме на нозе, а потоа и да му вдахнеме нов животворен импулс.

И не само комунизмот како дух туку и неговите орди. Ама тие не беа духови, тие се покажаа/се покажуваат реални и цврсти. Гранитни. И неуништиви, како пиреј. Овие „деца на комунизмот“ едноставно ни го разбираат Западот, уште помалку ЕУ, ниту пак тоа им е важно. Тие само сакаат да останат на овие клучни позиции и да доминираат со сите витални правци на „развојот“, до конечното целосно приватизирање на сите ресурси. Како да ова што до сега го зграбија не беше доволно за нормален човек. Ама, проблемот е што тие не се нормални!

Нема област каде нивните пипци не допреле, и по хоризонтала и по вертикала. Од врвот надолу, пирамидално. Ако, на пример, повнимателно ја преслушате „изјавата“ на претседателот на државата за „случајот Тенк“, сега, после цели шест години, и неговото признание дека станува збор за монтиран процес односно „еластични норми“, и понатаму ли ќе ги негирате пипците на комунизмот? Особено што човекот кој го кажува ова „мртов ладен“ и понатаму си седи во претседателската фотелја! Па дури бара и втор мандат!?!

Ако пак кон овие случаи ги додадете оние на Александар Диневски, Зоран Божиновски, Томислав Кежаровски, Ѓоко Поповски… и уште редица други по истиот терк монтирани судења, па фактот дека судијката во „Тенк“ сега е претседателка на Уставниот суд, уште ли ќе го негираме „наследството“ од минатото (сѐ уште) длабоко вкоренето и во овој „систем“? Или, настојчивото „агитирање“ на амбасадорката на САД за немешање на власта токму во судството? Таа тоа го прави заради некакво хоби или љубов кон македонското судство или смрдеата на стариот систем во него е толку силна што им пречи на странците? А нам – не?

Или, прочитајте ги уште еднаш биографиите на претседателот на Собранието, на премиерот и екс-премиерот, на министрите, на олигарсите во државава кои раководат со економијата… Ви се допаѓаат, ви звучат демократски, проевропски? Е па, чувајте си ги.

Ама не ќе можете така одлесно да преминете преку забелешките на еден член (Снежана Камиловска Трповска) на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија, која вели: „Евидентно од посочената ранг-листа е дека како претставник на граѓански сектор од областа на демократија и владеење на право имам целосно различна перцепција за избраните кандидати, со што јасно се манифестира и ставот на граѓанските организации за идниот состав“, вели таа.

Која е, каква е таа „различна перцепција“, прашува ли некој? И различна – од што? Од владејачката комунистичка перцепција којашто диригира претседателот и членовите на Антикорупциската комисија да бидат државни службеници, плаќани од оваа власт? Или луѓе верни на некои партиски идеали? А би требало да истражуваат корупција во истата таа власт? Приказни за мали деца? Се разбира, но не сите баш ги прифаќаат, нели. Иако повторно се во малцинство!

И дали, навистина, како што вели таа, членови на Антикорупциската комисија можат да бидат луѓе кои одбиваат „(…) да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и слично“?

А оној универзитетскион „експерт“ бара „соочување со самите себе како луѓе и со вредностите кои ги носиме во себе“. Па соочете се веќе еднаш, деца на комунизмот, и оставете нѐ раат, конечно!

П.С.

Но, ако е за утеха, и ОБСЕ покажа дека сѐ уште живее во времето на „Студената војна“, „Железната завеса“, анахроните поделби, едноумието, (не)културните војни…