Monthly Archives: November 2019

ТРИТЕ ПРОТИВ СИТЕ

Не го есапам многу она тртљање на Арсовски од големото злосторничко здружение наречено политичка партија и неговите квалификации за малото „здружение“ наречено СЈО, ама дури и да не сакате, сепак се прашувате: кому, и што, всушност сака да објасни г-ѓата Фетаи во однос на парите што ги трупале наназад неколку години таа и нејзините колешки? Навистина ли мислат дека тие беа најважните личности во државава па требаа така широкоградо да бидат платени, плус самите да си ги одредуваат бонусите? Наспроти нејзината елоквентност и, ајде да речам – шарм, навистина ли верува(ат) дека заради некаква доверливост, заради некакви специјални „должности“ и слични будалаштини требале да земаат толкави пари? Се разбира, нема поголема (етичка) иронија за околу тоа да приговара вистинското злосторничко здружение наречено политичка партија, а особено перјаници на тие приговори да бидат оние окорели вагабонти за кои токму СЈО има отворено едно чудо предмети и истите чекаат судење. Ама сепак: мисли ли г-ѓата Фетаи нивните постапки биле професионални, етички? Дека тоа е правилно? И зошто тие „дребулии“, ако навистина беа дребулии, никој, односно особено нивната шефица, не ги објави на времето за јавноста да знае со какви се’ предизвици се соочуваат обвинителките, дека за тоа мора да бидат посебно платени, и колку, и како …? Ако тоа било се така чисто, транспарентно и според закон – омилена македонска политикантска флоскула – зошто толку време се молчело? (А всушност се молчело зашто не било баш според закон односно било контра него!). И како тие себеси се гледаат визави нас, обичните граѓани? Навистина како нешто посебно за да инкасираат толкави пари? Сега, де факто, самите си паѓаат во сопствената неетичка мижитатара, ама сепак мислат дека добро се држат, дека во нешто успеваат да ја убедат јавноста. Не госпоѓо, вашиот шарм останува на маргините на вашето неетичко однесување, јавноста веќе не ви верува, а тоа е убиствено за јавни личности од таков формат! Тие дефинитивно (треба да) се покопани зашто никој всушност не ги негира земените пари туку само бараат „веродостојно“ алиби за „кражбата“, според закон! И на крај памет не ми паѓа да ги негирам нивните досегашни заложби и ефекти, сите покренати случаи односно обвиненија. Или пак да се вклучувам подлабоко – освен во етичкиот „материјал“ – во општата хајка против нив. Ама, кога црвот ќе почне да длаби … Сакам да кажам, веќе ништо околу „Трите“ нема да ме / не’ изненади. Напротив!

Но, зборот ми е: не се само тие, не е само fucking СЈО, ама тие се во моментот во неетичкиот фокус на гневот на јавноста. И тука ништо не можат да променат зашто аргументите им се тенки. Односно, целиот случај уште еднаш го отвора огромниот неетички амбис во којшто практично со децении се препелка оваа држава, а за жал и оваа власт не остана имуна на тоа – или, ајде, да бидам докрај фер: барем некои нејзини високи репрезенти – а згора на тоа на чистина истера и многумина други божем „загрижени“. Ене и некои од бившите пратеници почнуваат да си ги правдаат своите „принадлежности“ во вид на патни трошоци („законски“, се разбира), плати („законски“, се разбира) и се’ друго што („законски“, се разбира) им следува(ло) ама ете, проклетата јавност „хистеризирала“ околу тие прашања! Ма није ваљда!? Па уште и без срам велат дека и платите им биле мали! Плус – споредено со платите на другите пратеници во регионот! Ма немој?! Божем ние сите сме изедначени со платите со регионот, а некои дури и со ЕУ та само они останале назад? Каква хипокризија, каков простаклук! Кои и какви се тие етички норми кога истите пратеници, за истите патни трошоци и други привилегии ги „креваа на машко магаре“ членовите на злосторничкото здружение кога тоа глумеше власт, ама сега, кога станува збор за нив, сето тоа е – според закон? И нели тоа беше најчесто слушаната лага од бившиот режим, дека се’ што прават е според законите? Нели тоа беше омилен џокер и на онаа шефицана на полиција? Ама сега џокерот премина во други раце? Па се разбира дека се’ било, и е’, според закон зашто законите си ги носат тие, со важност (само) за нив! (А сепак, ајде донесете такви „закони“ во една Шведска, Норвешка, Данска, Германија …!). Иако, всушност, јавноста овде не ги спори законите, а би требало, туку ја спори етичката страна на тие „закони“ и нивните постапки!!! И сега, да не се враќаме (пре)далеку во историјата, ама и оној луд Германец пред седумдесеттина години работеше се’ според закон. И какво е тоа оправдување дека нештата се според закон ако највисокиот закон – моралниот, етичкиот, човечниот закон вели дека тоа не е исправно?

Проблемот на различните „аршини“, на нееднаковоста пред законите, на (дури) целосната деградација на базичните професионални и етички принципи но и демократски права на единката станува ламја која го јаде системот. Полека, одвнатре, но сигурно. Па нели ќе бевме поинкави од нив, ќе бевме (барем) пристојни, човечни, професионални, морални, транспарентни, демократи, цивилизирани, скромни … ? Не е чудо што и „Трите“, како шлаг на тортата после сите оние други резили, прекуноќ се претворија во симбол на етичкиот пораз на демократските капацитети на оваа држава, на криминалното и арогантно однесување, на ниските страсти и неморалот!

ПРОФЕСИОНАЛНА ЕТИКА

Се разбира дека „прочистувањето“ само на јавната администрација нема да вроди плод, или не барем зрел плод, во посериозното етичко диференцирање на однесувањето на власта. Ама би бил некаков почеток, нели? Втората евентуална етапа би било целосното професионално дистанцирање не само на власта туку и на општеството од неетичките примери во сите професии / еснафи. И во тоа не може да има никакви примери на „очи ширум затворени“ за разноразни партиски миленчиња или лукративни поштеди за одредени категории.

Не пример, една неодамнешна кратка вест за откажувањето на учеството на маестро Доминго на отворањето на Олимписките игри во Токио идната година во земји како нашата помина безмалу незабележано. Ние на такви „тривијалности“ не обрнуваме големо внимание, а би требало. Би требало зашто вакви земји како нашата во коишто неетичкото постапување е дури и пример што се препорачува да се следи можат многу да научат како да постапуваат. Ако сакаат, се разбира. Ние – не сакаме.

Елем, Доминго (наводно самоволно) се откажал од настапот во Токио заради обвинувањата за сексуално малтретирање што се појавија во јавноста пред неколку месеци. Заради тоа се повлече и пред самата премиера на Вердиевиот „Магбет“ во Метрополитен, со назнака дека таму веќе нема да се врати! (Што управата на МЕТ го прифати со олеснување!). Славниот тенор, имено, е под истрага заради сексуално вознемирување што (можеби) се случило во далечната 1980 година. Замислете таква професионална етика – форсирана или самоволна – кај нас после онаа серија т.н. бомби што ги пласираше Заев и тогашната опозиција пред некоја година! Државата ќе се ослободеше од повеќе од половината политичари, од едно чудо самонаречени медиумски ѕвезди, новинарчиња и остала багра што ја слушавме низ гнасните муабети за тогаш актуелните политички настани и секакви други пикантерии. Ќе ни се испразнеше земјата, телевизиите ќе ставеа клуч на врата, ќе се запустеа едно чудо бракови / огништа … Ама не, ние сме посилни од етиката, ние сме македончиња кои се’ уште не ја научиле јавната примена на тој збор! Згора на тоа, ни општеството не ни е подготвено на такви етички „ризици“ да инсистира на повлекување од јавноста на такви персони, дури напротив – ја гледавме безмалу целава актуелна влада како со нескриено задоволство се реди во емисиите баш кај таквите сомнителни „ѕвезди“, како мирно ги слуша нивните мудролии, во принцип не многу различни од оние што ги слушавме и во т.н. бомби. Кај нас, да простите, наебуват главно портири и чистачки и остала „ситна боранија“ заради секакви глупости, ама на „елитата“ – на пример медиумската – нема кој да и’ каже дека треба да се симне од екраните. Дека е срам за медиумот, за професијата. Тоа дури не го бара(ше) ни еснафското здружение, што ќе рече нивните колеги кои по етичката природа на нештата не би сакале со нив да седат ни на иста маса а камоли да споделуваат звање – новинар. Претпоставувам кој и каков е одговорот во такви случаи, претпоставуваме сите, ама забораваме дека и нас не’ идентификуваат со таквите „колеги“, како што мене ми беше срам во изминатите дванаесет години да ме идентификуваат со онаа багра која ги аминуваше сите скопски „уметнички“ вратоломии – почнувајќи, на пример, од оние скандалозни „скулптури“ што го „красат“ центарот на Скопје па до сето останато. Ни да писнат, ни уста да отворат, ама важно себеси се сметаат за критичари и историчари на уметност, за интелектуала, за елита! Која црна елита, која сива интелектуала? Тоа беше / е’ полуписмена провинциска булумента чиј што најголем дострел во животот бил што со тешки маки, а можеби и поинаку, завршиле соодветен факултет и се вгнездиле во некоја државна институција. И предеа, мјаукаа, се улизуваа на „лидеро“ и тогашната партија на власт, како што сега го прават и со новата партија на власт, а ќе го прават и со која и да е’ друга партија којашто кога и да е’ ќе дојде на власт. Од такви „професионалци“ не можете да очекувате ни умен збор а камоли реакции на случувања од онакви размери какво што беше она проклето „Скопје 2014“. Тоа нивно неетичко однесување одвнатре ги подрива и институциите зашто тие на ист начин се однесуваат и кон неписмените директори – сегашни и бивши – им ракоплескаат и им читаат поезија наместо да ги сместат таму каде што им е местото! Неетиката, непрофесионализмот, нечесноста го убива ова општество!

Но, да бидеме искрени, и овие ситни гнидички учат од поголемите, од наводно поумните. Учат – од врвните! Каде, конкретно, во Македонијава се спроведе етичка диференцијација во однос на чинењето односно нечинењето на стручниот кадар во институциите апропо очебијните криминали и кршењето на сите законски, етички / морални и професионални норми од страна на поединци во изминативе дванаесет години? Македонските институции, почнувајќи од МАНУ па надолу, во изминатите дванаесет години го направија незамисливото за едно цивилизирано, етичко општество: ги погазија сите, и буквално сите морални и професионални стандарди, ги заобиколија сите до еден закони што не беа во полза на владеачката врхушка, и на крајот ги заборавија сите злодела на колегите! Се сеќава некој колку стотици илјади евра се фрлија во ветар (односно во подрумите на неколкуте македонски институции) од страна на онаа издавачка „комисија“ на чело со библиотекарон-академик? Ги памети некој оние 600-800 милиони евра (метафорички) запалени и нивниот прав потопен во Вардар од страна на тогашната македонска Влада, Министерството за култура, Општина Центар и едно чудо други „сервисери“ на злосторствата? За која професионална етика можат да говорат оние неколкумина „архитекти“ кои си дозволија онаков срам со објектите во рамките „Скопје 2014“, а како шлаг на тортата и „преоблекувањето“ на неколку објекти на нивни колеги? Некои од тие беа – можеби се се’ уште? – професори на Архитектонскиот факултет! Покрена некаква постапка Факултетот, макар етичка, за сквернавење на делата на нивни колеги? Да имаше – ќе чуевме! Значи – нема(ше). Може некој да објасни зошто? Или мислат дека постапка против колеги би била неетичка постапка? Што пак ќе рече дека однесувањето на вагабонтиве било професионално, и – етичко?!

И ќе бидам искрен: мене постапката на г-ѓа Русковска со смс пораката до едикојси кој решавал за ослободувањето од притвор на онаа К.Ј., за прв пат, ми е – ок! Иако, мора да се потенцира, овде станува збор за парадоксален судир на лична и професионална етика. Зошто? Затоа што, лично, таквата постапка е израз на револт, на можеби самоубиствена евидентна немоќ, на искра на интимна етичност која одамна ја нема во нејзината професија, а уште помалку во професијата на оние кои одлучувале за тој притвор. Зашто, да имаше таму, во таа фела, малку повеќе етичност, Македонија ќе беше поинаква држава! А сепак, таквата постапка филтрирана низ професионалната етика е – погрешна, недвојбено.

ПРОЧИСТУВАЊЕ

Во повеќе наврати го спомнувам прашањето на нерасчистувањето со минатото како приоритетно (не само) етичко прашање, со професионалната неетичност на македонската јавна администрација – односно, поточно, на оној најмилитантен дел којшто се’ уште седи на релативно високи позиции – со неспроведувањето на соодветни административни истраги за вмешаност на одредени поединци и групи во радикални партиски и, ако баш сакате, антидржавни[1] активности итн. Во случајов го потенцирам етичкиот аспект на ова прашање заради темата што ја започнав, но тоа е едновремено и приоритетно политичко, егзистенцијално (за државата!), професионално … прашање. Таквиот тип на диференцијација, или прочистување на институциите, ќе беше најлогичниот прв потег на новата власт веќе во првите месеци по нејзиното превземање на кормилото на државата. Ништо од тоа не се случи. Зошто? Заради грижата за човекот (како што денес не’ убедува министерката за финансии во однос на буџетот)? Грижата за луѓето навистина треба да биде приоритет за секоја (етичка) власт, а особено за оваа, се разбира, а во тој дел можат да се приведат бројни примери каде што таа грижа треба да се манифестира. Не сум сигурен дека нечинењето односно несправувањето со елитните тврдокорни единици на бившиот режим во македонската администрација е баш такво прашање односно грижа за човекот. Зашто, токму тие ама баш никако не се грижеа за другите луѓе додека зад себе ја имаа моќта на злосторничкото здружение! Тоа не може да биде грижа за човекот кога веќе сите ги знаеме и паметиме нивните чисто партиски постапувања според налозите на челниците на тогашната банда на власт којашто преку нив спроведуваше терор низ државава, нивната слепа послушност и арогантен однос кон колегите и вработените токму заради нивните блиски врски со командантите на режимот и сл. Веќе летото 2017 година во македонската администрација требаше да започне проветрувањето, и тоа врз основа на реални, објективни податоци / истражувања на штетите направени исклучиво заради партиската обоеност на тие поединци и групи и нивното дејствување во такви рамки. Секоја државна институција точно поименично ги знае тие партиските ороводци. И тоа прочистување не ќе беше партиски мотивирано – зашто партиската припадност е лично право на секој – туку заради нивниот незаконски партиски ангажман внатре и надвор од институциите, заради ненадоместливите штети нанесени на самите институции, на вработените во нив, на системот / државата итн. Оттука, етичката страна на ова прашање практично ќе беше на страна на власта!

Но, ниту граѓанскиот сектор, заедно или поединечно, не се покажа на висината на таа задача. Или барем јас не паметам некој/и почесто да го иницираа ова прашање во јавноста. А јавноста има полно етичко / морално право да инсистира на расчистување и на ова прашање. Зашто, инаку, повторно доаѓаме до погрешните етички пораки: дека партиските војници во администрацијата уживаат специјални права и заштита, дека тие се недопирливи, дека можеби постои договор помеѓу власта и режимот за нивото до каде ќе одат истрагите и обвиненијата итн. Тоа не е етичко решавање на проблемот, напротив: тоа е (повторно) политичко и етичко самоубиство на оваа власт којашто веќе утре ќе се судри со сите последици. И тие ќе бидат големи, и непоправливи! А сепак, јавноста е таа којашто го има правото да бара, да поставува прашања, да потсетува и да бара соодветни реакции од власта. Ако тоа некому не му се допаѓа – негов проблем. А не им се допаѓа само и единствено на оние кои сакаат нешто да сокријат. И таквите ги има многу, го признавале ние тоа или не. И тие нешта ќе се појававуваат циклично, де ваму де таму, на еден или на друг начин, се’ додека има луѓе кои паметат. А ги има, верувајте! И треба да ги има. Зашто без меморијата ние сме ништо, а без диференцијацијата сме сите едно – крадци и измамници, профитери и корумпирани, сите на куп заедно со оние кои малтретираа, кои се закануваа, кои манипулира, крадеа … а сега сакаат тоа да се заборави. Тие кои го прифаќаат етичкиот заборав едновремено се согласуваат и да бидат идентификувани со оваа (не мала) група. Јас тоа така го гледам и никако поинаку. И не сакам да бидам идентификуван со таа партиска толпа!

Е сега, тој незаборав е тешко бреме. Не е лесно да ги гледате околу себе истите фаци кои до вчера така ревносно му служеа на режимот, кои беа вработувани со исклучиво партиска интервенција и празна глава, кои дури стануваа и директори само заради партиските релации и лично-семејни врски. Тие ги упропастија институциите – некои се’ уште тоа го прават односно оваа власт тоа им го дозволува, дури и ги наградува! – ги сведоа институциите на етнички провинциски збирштини, длабоко покопаа се’ што претходно беше некаков квалитет и стручност, а сега се дури и специјално наградувани за тие злосторства (некои и со нови мандати!). Оваа власт крајно непрофесионално и неетички ја задржа и стриктната етничка поделба на националните институции во однос на директорите, занемарувајќи знаење, умеење, стручност, професионалност. Ако во времето на груевизмот директорчиња на уметнички институции можеа да станат и учителки по биологија, сега божем нивото е за едно скалило поткренато, но принципот на етничност уште одлично се држи. Затоа, впрочем, веќе не се ни чудиме зошто македонската култура и уметност рапидно назадува од година в година, дури и во времето на оваа нова власт! Уште потажна е сликата низ македонските министерства каде груевистичките кадри здраво ги држат сите претходно стекнати позиции. А ние се чудиме зошто никој во државава не ги спроведува очекуваните реформи!?

Впрочем, прашањето на реформите е токму прашање на прочистувањето на македонските институции и државни органи. Реформи и нов систем не може да се изгради врз стара матрица. А тие се основата на матрицата! Затоа и нема и нема да има реформи се’ дури се тие таму бидејќи сите кочници се во нивните раце. Стопати сум пишувал за состојбите во, на пример, Министерството за култура, така што и мене ми е смачено од таа тема. Но, тоа сепак е добар пример зашто во првата година од новата власт (2017) тој орган предничеше во реформските процеси во културата, ги донесе повеќето неопходни документи, за да потоа целиот процес биде вратен назад за десет години. Се чуди некој зошто? Е па нека се чуди, ама таму никој не отворил прозорец веќе со години – за врати муабет да не правиме! – малку да го проветри воздухот. Заради грижата за човекот, нели!? Но затоа, впрочем, во културата ни се случува тоа што ни се случува, каде истите профитери и колаборационисти повторно се некакви (лажни) национални величини, персони кои не ги ни видовме ни слушнавме дванаесет години – или ги гледавме во скутот на мафијата – заседнаа во директорските фотелји и делат лекции, повторно се афирмираат подземните злосторнички дружби на општа штета ама сега се прикажуваат како дел од посакуваното помирување. Сето тоа придонесува за продолжувањето на впечатокот за „измелезена“ култура, за „тефтерска култура“  од која што ви се поткрева дијафрагмата. И тој впечаток е оправдан, легитимен, хроничен, се’ дури таквите и понатаму роварат низ македонскиот систем.

Историјата на којашто така често се повикуваме сведочи дека не можете да одите напред ако не сте расчистиле со минатото. Барем во вакви случаи. Какво и да е’ тоа минато, колку и да е’ болно, трауматично, „дискриминативно“. Се разбира, поимот дискриминативно го ставам под наводници зашто нашево расчистување никако не може да биде дискриминативно – напротив. Тоа само може да биде коректив на дискриминацијата што ја трпеше ова општество толку долго, може дури да биде регулативна етичка постапка – или прочистување, како што вели поранешната наша судијка во Стразбур – во однос на злосторничките профитери во државава. Ние тоа прочистување не го спроведовме, или не го спроведовме така како што требаше, и тоа ќе го плаќаме уште долго. Со камати, на еден или на друг начин!

[1] Ова, се разбира, може да се дообјаснува, но дали, на пример, е доволно учеството во случувањата во Собранието на 27 април, каде истраги се водеа само за дел од „познати“ лица, а беа занемарени пошироките идентификации? Или учеството во насилните дејствија контра Општина Центар? Или дали неодењето на работа од околу три години, а примање плата и вршење партиски задачи, не е антидржавна работа? И уште многу, многу други специфични примери!

ЕТИЧКИ БАЛАНСЕР

Во овој (најблаго речено) необичен молк на државата по најкрупните (не)етички прашања особено во сферата на правосудниот систем – не знам дали воопшто е потребно да се набројуваат сите скандалозни случаи без разрешница, почнувајќи од неразјаснетите бегства преку граница па до последново нераспределување на најсензитивните предмети во јавното обвинителство – „со право“ во државава се отворија едно чудо усти. Велам со право, ама под наводници, зашто први тоа право го користат припадниците на т.н. опозиција, и треба, секако, иако многу бргу заборавија како беше во нивно време кога медиумите беа замандалени за сите поинакумислечки луѓе во државава. Но, велам, правото е тука за да се користи, оваа власт во таа насока никому не му направила проблем. Прв, се разбира, во користењето на тоа право е „шефот“ на опозицијата, кој пак, за жал, речиси и да нема чувство дека тоа право треба да се користи со мерка, особено етичка, но и политичка. Тој имено како да не живеел во оваа држава последниве петнаесеттина година, па сега „с неба па у ребра“ вели: „Не можете денес да имате правен систем во кој судии имаат куќи, хациенди, по три-четири станови, возат бесни возила“[1]. „Теза“ комплетно глупава, речиси ирационална, и пред се’ неточна! Зошто? Прво, зошто судиите не би имале куќи (белки овој не очекува да живеат во пештери, или во неговите хидроцентрали?), па и хациенди, зошто да не возат коли (или тој можеби се вози во запрежна кола?) ако сето тоа е легално стекнато, можеби наследено итн.? Таа „теза“ е апсурдна и извонредно говори / го илустрира токму лажниот морал на оваа македонска таканаречена политичка опозиција. Второ, и поважно, токму овој човек нема апсолутно никакво право да коментира состојби денес, ако не ги спореди со состојбите вчера односно во времето кога неговата партија жареше и палеше низ државава, особено низ (право)судството. Или, поинаку поставено, ќе имаше право да говори само ако во тие години бил вон државава па не знаел што и како се случувало, односно не бил активен член на она злосторничко здружение, а во едно време и советник на будимпештанскион бандит. Ни првото ниту пак второто не се вклопува во неговата биографија. И трето, можеби најважно, оваа персона ќе имаше полно право сега да критикува „уздуж и попреку“ само ако во конкретното време и место тоест во изминатата деценија на заробена држава тој беше еднакво отворен и критички настроен кон политиката на неговото раководство, а особено на неговиот безпризорен шеф-пребегуља во Будимпешта кој во Македонија ги иницираше и директно партиципираше во сите злосторства на неговата партија, вклучувајќи ги тука и оние во заробувањето на правосудниот систем! Оттука, оваа персона нема право на таков говор ни формално како граѓанин кој молчел цела деценија, уште помалку како политичар или умислен шеф на некаква опозиција кој толерирал такво криминално постапување!!! Но, тоа е уште една неетичка одлика на македонската политика и политичари: бргу да го забораваат блиското минато и своите (не)дела во истото.

Барабар со овега се осмелува уста да отвори дури и оној кого јавноста го памети како „министер за смрт“. И тој, барајќи некаков „херој“ – а веројатно тажејќи по оној партискиот кој ги остави на цедило бегајќи во „Унгарско“ – се обидува да врши некакви лични интроспекции почнувајќи од времето на „Мусандра“ наместо да почне од девојчено кое со неговите неетички „политики“ го отера во смрт. Меѓутоа, целата таа гг-фирма е уште еден нерешен проблем во државава, со силна неетичка страна. Имено, не само наведените персони, туку целата партија за која што веќе и малите деца си прават шеги дека забрзано се подготвува за второ и дефинитивно заробување на државата, остана актуелен македонски проблем. Проблем што не го измисливме ние, се разбира, иако тие тоа така сакаат да го прикажат, туку го констатираше буквално сиот цивилизиран свет, а којшто останува без сериозна разрешница. Можеби до некое ново застарување на предметите? Да, тоа веќе ни се претвори во актуелна шега – ене го сега „застаре“ и оној со тенковите! – ама не е, никако, зашто како што се движат нештата во македонското правосудство и трендот на иселувањето од државава, во неа ќе останат само политичари и криминалци! Иако таа партија (наводно) ќе одговара за сите криминални дејствија и узурпации, меѓу кои и за ограбување на државата, останува отворено прашањето на нејзиното скандалозно одбивање званично и достоинствено да се извини за сите злосторства сторени против народот и државата во времето на нивниот режим. Уште понејасни се причините за тоа одбивање, особено ако новото раководство на таа партија инсистира на нивната невмешаност во криминалите на претходните. Тогаш очигледно станува збор за еклатантно отсуство на етика, на морална, политичка и секаква друга одговорност, што пак целосно ја делегитимира таа партија како сериозен политички субјект. Но, генерално, таквиот однос кон јавноста е проблем и на сите други македонски партии, особено оние кои заедно со ова злосторничко здружение беа во политичка и криминална коалиција. Тоа пак особено е проблем на оние мали партии без политички идентитет коишто така ноншалантно се шалтаат од коалиција во коалиција исклучиво заради лични лукративни интереси на нивните врхушки, при што низ ефтина демагогија и провинциско политикантство го трујат македонскиот политички простор. И тоа секако се нешта коишто македонската политичка сцена, во некој иден наплив на етичност и политичка зрелост, ќе мора да ги расчисти бидејќи реално никој нема полза од таквото нивно присуство. Ослободениот простор може да се пополнува со сојузи и коалиции со невладиниот сектор, врз основа на етичко партнерство, конкретни програми и цели итн. Токму тие можат да бидат тој долгоочекуван етички балансер. Се разбира дека ја имам предвид идејата / идеалот за политички плурализам, ама македонската политичка сцена не виде апсолутно никаква ефективна полза од тие ситни полит-профитерски фамилијарни друштва, ниту пак тие сериозно можат да генерираат некаква политика или не дај боже идеологија. Дури напротив, нивната улога во минатите години беше апсолутно контрапродуктивна и тотално неморална, со невидена себичност и самопромоција на нивните „лидери“. Оттука, сериозниот невладин сектор, којшто низ годиниве, отворајќи редица горливи политички, економски, еколошки, правосудни … проблеми и инсистирајќи на нивно разрешување, се покажа како стручен но и општествено зрел и свесен дел, може да биде тој толку потребен етички баланс на политичките партии. Зашто нам дефинитивно ни е неопходно етичко прочистување во сите сегменти, па и на политичката сцена, со сите можни варијанти на исклучување / замена на неспособните, себичните, криминалните, профитерските аспирации на поединци, интересни групи и политички „партии“. Тоа, се разбира, не е лесно во услови на демографски речиси преполовена држава. Но често тоа е и „добра“ каписла за нови почетоци.

[1] Мартин Богатиновски, Само неказнивоста на големите ккриминалци никогаш не застарува, Слободен печат, 15 ноември 2019

НЕЕТИЧКА РАСПРЕДЕЛБА

И бидејќи почнав со (не)етиката во македонското правосудство во светлината на последните случувања со скандалозното и неодговорно „застарување“ на предметот „Траекторија“ – а всушност состојбите во македонското судство и обвинителство како единствен корпус можете горе-долу да ги пресликате во речиси сите општествени области кај нас – кога скандалите ќе тргнат, се нижат еден по друг, како на лента, не знаеш кој е поголем. И по неетички! Ене уште една срамна сторија од ходниците на македонското правосудство каде целата онаа кримогена и во самата суштина неука и неспособна судска фела (чест на невидливите исклучоци) добива покачување на платите за десет проценти, ама судската администрација, таа што де факто ги опслужува тие некадарници, добива само пет проценти. Според одлуката на некаков fucking Судски буџетски совет! Добро, можеби таа и таква администрација и не заслужила повеќе, особено кога ќе видите кои синдикални „структури“ ги застапуваат, ама дека судиине, македонскиве „судии“, заслужиле двојно поголемо покачување – е тоа навистина вреди да се чуе како виц на годинава!!! И, се разбира, власта, со право, ќе каже дека таа (ама и таква!, м.з.) судска власт е фактички независна и т.н. трета власт во државава и тие не смеат, не е правилно, да се мешаат во тоа. И ќе биде во право, власта, ама кога ние навистина би биле нормална (и етичка) држава, кога македонското правосудство навистина би било нормално, чесно, етичко и професионално правосудство … А во крајна линија, и тие пари за таа трета власт доаѓаат од државниот буџет, што ќе рече од парите на граѓаните. А Владата е таа којашто по дефиниција е должна да се грижи за парите на граѓаните! Инаку, како граѓаните, еве, незадоволни од таквата „распределба“ на покачувањето, би можеле да го искажат своето несогласување? Да излезат на протест со судската администрација? Тоа е една потенцијална опција, ама не можат граѓаните да ја вршат работата и на власта. На што дури тогаш би личела државава? Или, ако оние неморалнине судии утре самостојно одлучат да ги заклучат судовите „до даљњег“, власта повторно ли нема да интервенира зашто тие се независна, трета власт и интервенцијата ќе им ја препушти на граѓаните? Да, претерана е споредбата, се согласувам, ама не можат граѓаните да ги решаваат тие нешта!

Но, секогаш има едно големо „но“. А тоа во случајов се крие во неетичките постапки токму на власта, и тоа баш во однос на покачувањата на платите во јавниот сектор. Дали заради тоа Владата не смее да се замеша овде бидејќи некој од црнине тоги ќе им префрли дека и тие на сличен начин делеле покачувања? Можеби, ако се паметни, а тие се’ кога станува збор за пари! Реферирам на неодамнешното покачување на платите во администрацијата (вклучувајќи ја тука и културата, која оваа власт целосно погрешно ја смести баш таму!), ама од кое покачување беше исклучено образованието и здравството односно тие, како некаква „специјала“ во државава, сепаратно се договараа(т) со власта околу процентот на нивното зголемување на платите. Од каде таква идеја, од каде таква поделба на важни и неважни во јавниот сектор, кој мудрец ја смисли и оваа „квака 22“? Зашто, ако и здравството и образованието се еднаков јавен сектор како и културата, според кои мерила, стандарди, аргументи, па и анализи, тие треба да добијат безмалу двојно покачување на платите? Сакам да кажам, во случајов државата не само што постапува тотално неетички, туку во тоа постапување нема ниту еден логичен аргумент којшто барем провизорно би ја замачкал прозирноста на постапката. Сместувањето на овие области во јавната администрација – повторно божем со аргументот дека тоа го бара ЕУ, што е целосна лага – е приказна за себе за која што ќе пишувам во некоја друга прилика. Но, еве нека биде и така односно ако тоа е некакво дефинитивно решение, тогаш барем нека се постапува според него еднакво за сите. Инаку, ова неетичко и политикантско пазарење со платите на луѓето во јавниот сектор е крајно навредливо. Навредливо е прво за секој нормален граѓанин, ама навредливо е особено за оние сектори кои државата очигледно ги смета за помалку вредни, за маргинални, дури неважни. Ок, нека е и така, ама тогаш нека ги праќа македонските лекари да ја претставуваат во светот, можеби на Венециското биенале, или на саемите на книги низ Европа, нека ги кандидира за „Оскар“ итн. Не е прикладна споредбата? Ма немој. Или добро, нека ги праќа наставниците, оние кои носеа крстови и ковчези на протестите на тврдокорните, оние кои секојдневно ги упропастуваат децата кои им се доверени на образување – е овде сериозно и со голема почит ќе направам исклучок за сите просветари кои навистина чесно си ја одработуваат професијата – или оние кои ги учат децата војнички да поздравуваат итн. Можеби тие најдобро ќе ја претставуваат државата во светот?

Сакам да кажам: секое неетичко постапување на државата, особено во јавниот сектор, носи далекусежни реперкусии и создава проблематичен имиџ на власта. Особено кога тоа и такво постапување е крајно неаргументирано, како во случајот со сепаратните зголемувања на платите по дејности, или кога е дури срамно, како во случајот со судиите! Апропо, таква е и одлуката за доделување на цели педесет милиони денари за поддршка на медиумите, во најголема мера истите оние што до вчера ја плукаа оваа политичка опција, па и оваа власт но и сите нас покрај неа, истите оние против коишто и оваа политичка опција имаше огромни забелешки во времето на режимот. Но сега, идат избори, нели? Но тоа не е аргумент, повторно, за неетичко постапување односно за таков вид на „заборавност“ на власта. Ако еднаш, во едно време, истата власт констатирала и цврсто се повикувала на тоа дека таквата поддршка на медиумите е всушност поткуп, а за тоа имала многу цврсти аргументи, сега ваквиот третман е најблаго речено запрепастувачки! Особено пред избори. И, се согласувам дека сите медиуми не се исти, ама оние различните ги има многу малку, еден-два. И ако на тие им треба поддршка, тоа треба јасно и гласно да се каже, да се аргументира – врз основа на нивната објективност, независност, компетентност итн. – со што ќе се диференцираат од другите. Ама тоа е малку тешко да се направи, нели? Па ајде тогаш на сите, а впрочем и тие другите (ветиле дека) ќе бидат малку поблаги кон нас? Но и тоа е очајно погрешна теза зашто тие другите многу бргу ќе си го покажат старото, вистинското лице.

Сето тоа се неубедливи (и во основа неетички) постапки кои создаваат не само забуни туку често и револт кај граѓаните и нивното чувство за етика, за должност, за професионалност. Или, ако сакате, тоа сосема наликува на сегашниот обид да се убеди јавноста дека е нормално на главниот јавен обвинител да му требаат цели два месеци да распредели дваесетина високопрофилирани предмети од особен интерес на јавноста. Или дека на еден академик од форматот на Камбовски дури сега, во неговата осма деценија од животот, му текнува дека евентуалните кривични предмети на функционерите треба да почнат да течат по завршувањето на нивниот мандат а не од датумот на извршувањето на делото? Или оние политикантски игрички на Уставниот суд? Апропо, и тие ли ќе добијат покачување на платите?

НЕМОРАЛНО (ПРАВО)СУДСТВО

Се разбира дека централното етичко прашање после вчерашниот ден, но и години наназад, е: ќе сноси ли некој политичка, кривична и секаква друга, а на крајот но не како последно и морална одговорност за застарувањето на едно чудо high profile случаи врзани со функционери, но и не само функционери, на бившиот режим, во случаи на отворена кражба, дебела корупција, на страотни злоупотреби – пред се на службената должност? Ќе се случи ли барем некакво поместување во апсолутното толерирање на еден криминален, но сепак премногу важен државен сегмент наречен правосуден систем. Ќе праша ли некој, јавно, и ќе одговори ли некој, повторно јавно: зошто неработело македонското обвинителство во еден нималку минорен случај наречен барокна гаража кај „Автомакедонија“; зошто не работело обвинителството и кој е одговорен за таа неработа во во застарувањето на случајот „Траекторија“; какви се оние дворски игри на еден дел од уставните судии кои во едно време отворено застанаа на страната на режимот и сега повторно ни приредуваат ефтини партиски игранки; ќе има ли некаква одговорност за кој и да е’ од оние јавни обвинители од времето на криминалниот режим наречен „заробена држава“, особено за оној Зврлевски но и сите негови помошници; ќе има ли некаква одговорност и за оваа постава во јавното обвинителство коешто, очигледно, повеќе сака да спие отколку да работи … Ќе има ли одговорност за кој и да е’ судија, почнувајќи од познатите „сваровски“ судии но и сите други со ред; има ли во правосудството на оваа држава еден морален, чесен човек кој ќе се тргне на страна од таа криминална група што повеќе од цела деценија ја држи во своите шепи цела држава и евентуално ќе покаже со прст кон сите криминалци … ?

Се разбира, ова е само мал дел од актуелните прашања коишто, сосема оправдано, си ги поставува мнозинството граѓани во оваа земја, особено оние кои се партиски рамнодушни но се цврсто демократски определени, кои не калкулираат со pro и contra тези за една или друга страна туку бараат имплементација на јасен, професионален и независен судски и обвинителски систем којшто на граѓанинот ќе му гарантира проевропска правна заштита. И во таа насока прашањата за етичката страна на македонското судство и обвинителство, за нивната одговорност не кон партиите туку кон законите, Уставот и граѓаните, за нивната стручност и реална компетентност, за нивниот контроверзен имунитет којшто е очигледно во голем конфликт со нивната професионалност и учинок … И уште многу други прашања на кои никој не дава логичен одговор!

И кај многумина денес веројатно повторно се враќа првичниот шок и ехото на познатите „рефрени“ слушани во т.н. „бомби“ за коруптивноста и кримогеноста на оние кои се заколнале да го штитат граѓанинот и да ги спроведуваат Уставот и законите, за неспоивоста на главните етички норми во правосудството (независност, непристрасност, интегритет, еднаквост итн.) со нивното секојдневно криминално однесување, за тефтерските избори на судиите, за манипулациите со електронскиот систем за делење предмети, за вжештените телефони со партиските штабови … Кому, во крајна линија, му служи Кодексот на судиска етика за судиите во Македонија и сето она што таму е навезено, а меѓу другото и базичните принципи на тој кодекс, како независност, непристраност, интегритет, пристојност, еднаквост, стручност и совесност? И ако во т.7.1. на тој Кодекс стои дека „Секое прекршување на принципите, ќе се смета и за прекршување на овој Кодекс“ односно дека „Секој судија е должен да ги препознае и да се заштити од случаите кои се подведуваат под судир на интереси и корупција“, можно ли е до денес ниту еден судија да не препознал нешто од спомнатото односно не ги прекршил наведените принципи? Дури и после она што го слушавме во „бомбите“? А ако тој Кодекс предвидува формирање на Советодавно тело за судиска етика коешто е „надлежно“ за спроведување на тој Кодекс. И тоа тело нема што да каже денес, вчера … утре? (Апропо, ако се цени според документите што оваа држава ги донела, особено според овој тип на кодекси коишто ги има безмалу за сите области, почнувајќи од Кодекс за полициска етика, преку Кодексот за јавни службеници, па Етички кодекс на јавните обвинители … ние сме веројатно најетичката држава во Европа! Друга приказна, како впрочем и со овој Кодекс на судиската етика, е придржувањето до и спроведувањето во пракса на напишаното).

Впрочем, а бидејќи веќе го спомнав, а е дел од овој корпус, и во Етичкиот кодекс на јавните обвинители е запишано дека тие, во извршувањето на својата работа, се должни да се придржуваат на начелата на законитост, непристрасност, трудољубивост и стручно постапување (sic!), чесност и неподмитливост, професионалност, достоинство … итн. И што од тоа? И баш ме интересира како тоа во случајот со застарувањето на предметот на бандитон од Будимпешта или во случајот со онаа гаража се однесувале со „ трудољубивост и стручно постапување“, или со чесност, итн.? И ако во овој дел го вклучиме и она страобално македонско разочарување наречено СЈО, каде ќе стасаме? А после се лутиме на моронине што заебаваат за маичките со трите „грации“, за кои што направија дури и документарен филм (чувај боже!) и се’ такви будалаштини со ред? Па колку години треба да „лежи“ онаа нивна шефица не само за тоа што го направила туку и за тоа што не го направила (меѓу другото и со непотпишувањето на важни предмети, како за „Скопје 2014“)? Барем двесте години? А другите, кои молчеа? Апропо ова, го читал некој Петтиот круг на оценка на ГРЕКО од март оваа година? На пример точката 15 на стр. 6 каде се вели дека „Системот на кривична правда, исто така, не е успешен во борбата против корупцијата. Иако специјалното јавно обвинителство оформи предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво кои произлегуваа од скандалот со прислушување, обвинителите генерално не гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи. Се смета дека напредокот во оваа област силно зависи од тоа дали на судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно. Во периодот од посетата на државата, Евалуациониот тим на ГРЕКО е информиран за некои позитуивни случувања кои вклучуваат криминализација на корупција од висок профил“! Или, на пример, рангирањето на Македонија во Freedom House од 2018 година, каде судската рамка е оценета со 4.75 (иста оценка со корупцијата!) од можни 7 поени (како најлошо)?

ЕТИЧКО (САМО)УБИСТВО

Алфред Хичкок, еден од веројатно најголемите режисери во историјата на филмот во светски рамки, во неговите филмови имаше едно златно правило: ако во еден кадар се појави некакво оружје (пиштол, пушка, нож …), тоа оружје во некој нареден кадар ќе изврши убиство! И од тоа правило никогаш не отстапи. Ова колку за оној смртоносен отров во „Охис“ којшто, дури сега гледаме, се’ уште го има и кога-тогаш – ќе пукне. Зошто? Затоа што сигурно не е само тој што сега го најдоа, затоа што сигурно има уште многу такви и слични потенцијални бомби складирани во тој фантомски објект. Сите имавме некакви симпатии кон т.н. охисовци кога протестираа пред Владата за заостанатите плати и други принадлежности. Но, никој од нив не знаеше што се’ таму не’ чека во заседа, никој ни да гукне за опасностите што демнат од нивните складишта? Немал тој „Охис“ раководни лица, директори и други идиоти кои примале големи плати, а кои морале некаде да соопштат што се’ има таму и какви потенцијални опасности се кријат од јавноста? И ќе има ли одговорност за некого, од старите, ама и од новиве? Тоа ли е професионалната етика на тие вработени? И не мислам тука на оние кои и вчера протестираа, туку за нивните надредени кои, како и обично, се кријат. И, апропо, оној „мустаќестиот“ божем еколог, иако тоа му е во опис и попис на работите, немал појма ни за ова, нели, па ниту за таа неука „фирма“ што се врткала низ објектот на „Охис“? И ова не се само етички прашања туку и најургентни политички и кривични прашања!

Уште еднаш апропо, но не сум сигурен колку денешната власт има сознанија и за сите други темпираните „бомби“ во вид на перјаници на бившиот режим скриени низ канцелариите на јавната администрацијата, а кои само чекаат погоден миг за дејствување. Едни такви ги видовме на протестот на културните работници (СКРМ) и ги препознавме сите тврдокорни кои верно му служеа на режимот, ја урнисуваа „Општина Центар“, изигруваа капои во институциите, а сега ги користат сите прилики као демократски да протестираат против оваа власт. И такви сцени допрва ќе гледаме, такви административни глувци ќе играат квазидемократски ора пред и во институциите и ќе бидат скриеното оружје на Хичкок. И тоа е впрочем уште еден пример на отсуство на професионална етика на македонската администрација, онаа непроветрена, непрочистена, недиференцирана администрација (за која ќе пишувам понатаму), а која е главната темпирана бомба – некои ја викаат и петта колона – контра оваа власт. Ама изгледа тоа никој не го гледа!

И по третпат апропо, односно изгледа дека најавите за менување на Законот за јавни собири во насоката на нивно ограничување беа вистинити, што ќе беше уште еден неетичен и буквално самоубиствен потег на оваа власт. И тоа пред избори! А не ќе беше прв, а изгледа ниту последен. И самиот стопати сум пцуел кога патот ме водел покрај „Белата шампита“, а таму – полиција ја затворила улицата заради нечии „протести“ од десетина луѓе. Меѓу другите и на оние охисовци. Но да ми понуди некој да ставам потпис под таков закон, би одбил. Ако не повеќе тогаш токму заради етички причини коишто особено оваа власт мораше да ги има предвид уште на стартот, со оглед на патот / начинот преку којшто дојде на власт. Впрочем, таа мерка е и ограничување на основното човеково право на протест, што ќе рече крајно непопуларна и неетичка мерка за една демократска власт! Сепак, повлекувањето на предлогот упатува дека или проработела етичката компонента или притисокот од јавноста бил пресуден.

И бидејќи и минатиот пат посочив на некои аспекти на етичноста на политиката / власта, токму во горниот контекст треба да се укаже и на следното: политиката често е исправена пред крупни, историски дилеми коишто мораат да се разрешат дури и свесно на неетички начин. И тука не спаѓа само прашањето на војната и/или мирот – зашто војната самата по себе е неетичка – туку и проблеми за кои што можеби, во даден миг, не сте ни сонувале дека ќе ви паднат врз главата. А ние сме жив пример за тоа односно македонско-грчкиот „Преспански договор“, па и договорот за добрососедство со Бугарија се такви примери или таканаречени „Волцерови парадокси“ (според американскиот теоретичар Michael Walzer), кога е неизбежна примената на Макијавелистичката теза за средствата и целта, односно за „чинењето лошо за да се направи добро“ (според Walzer)! „Преспанскиот договор“ е типичен пример за тоа зашто е во основа неетичен договор, но едновремено неопходен, единствен начин да се премости спорот со Грција и да се отвори патот на Македонија кон ЕУ интеграциите. Не секој политичар е толку смел и подготвен на таков историски ризик – со еден потег да го смени името на државата. Но, ако пред него ја гледа повисоката цел, цел што ги исполнува вековните надежи, очекувањата на сегашните и особено идните генерации, ако таа цел е стабилна и демократска држава во поширокото демократско семејство … тогаш таквиот етички (и секаков друг ризик) се исплатува! Некој тоа би го нарекол и етичко самоубиство, но и тоа повторно зависи од аголот на гледање. Во нашиот случај, со недобивањето на датум за преговори и покрај ветувањата на надлежните во ЕУ, етичкото може да премине и во политичко „самоубиство“ на оваа власт. Но тоа само на кратки патеки, зашто во суштина историјата не може а да не го согледа поширокиот контекст на овој навидум ризичен потег. Се разбира, ова прашање, како и многу други од таков опфат, има уште многу интересни аспекти, но би рекол дека првенствено е етичко прашање коешто, на наша среќа, беше разрешено на најдобар начин. Тука, секако, не ги заборавам и сите последователни политички „игри“ што се случуваа во Собранието заради обезбедувањето на потребното мнозинство за промена на Уставот односно спроведувањето на „Преспанскиот договор“, коишто во основа, повторно, беа тешки етички прашања коишто не секој би бил подготвен да ги игра. Иако сите кои гледавме од страна често бевме констернирани од начините на коишто беше обезбедувано тоа парламентарно мнозинство. Можеби (и) заради тоа моменталниот статус кво со недобивањето на ветениот датум за започнување на преговорите со ЕУ потешко ни паѓа. Но и тоа е дебело етичко прашање во високата политика: неисполнување на ветувањата, овојпат од најодговорните европски претставници!

Оттука, повторно, и она со ограничувањето на правото на протести на оваа власт за мене е етички парадокс. Особено заради тоа што токму таа дојде на оваа позиција на крилјата на граѓанските протести и се бунеше заради потенцијалните мерки за ограничување на тоа право. Или, ако сакате, ограничувањето на правото на протести не е справување со некаква историска шанса за македонскиот народ, не е вековен стремеж, не е идеал на овие генерации па некој сега да се зафати со тоа во интерес на некакви повисоки цели. Такви, едноставно, во овој „случај“ нема и добро е што власта се премисли за тој потег. Има за решавање, дури и радикално, многу други проблеми. Ако не ги знаат, има кој ќе им ги каже.

ТЕМПИРАНА БОМБА

Ако нешто навистина беше од најголема важност после оној јуни 2017 година и дефинитивното воспоставување на нова демократска власт, тогаш тоа беше принципот на етичност / моралност во практикувањето на власта. Овој принцип беше condition sine qua non, принцип којшто не требаше да биде иманентен само во политиката – колку и да тие два поими изгледаат контрадикторни – туку во целокупниот живот, во сите сегменти на општеството. Тогаш повеќе од кога и да е’ бидејќи само и единствено етичноста на власта во демократските општества води кон верба и почит во неа. Таму каде што тоа го нема, лесно растат популистичките, фашистичките и диктаторските тенденции (C. Stückelberger). А тој филм го гледавме и ние речиси дванаесет години! Не научивме ништо?

Тоа минато за многумина, или за најголемиот дел од граѓаните, беше болно. Многу нешта видовме и доживеавме за прв пат – оние нешта токму од црната страна на политиката, на беспризорното владеење, на спрегата на криминалот и политиката …, на површината излегоа полуписмени партиски банди кои го тероризираа општеството во сите сегменти, особено во државната администрација, во економијата, културата, здравството, образованието. Оттука, 2017та дојде како олеснување, како нов почеток во којшто себеси се вградија многумина верувајќи дека уривањето на еден режим мора да значи нов почеток за вистинско демократско општество поставено на нови темели, пред се’ етички, а потоа научни, стручни, професионални. Нормално, најчесто, или речиси по правило праксата е поинаква, наметнува итни и навидум нерешливи дилеми / прашања, конфликтни ситуации коишто бараат внимателно постапување. Но тоа секогаш е така после такви крупни општествени ломови! И токму затоа етиката / етичноста е, треба да биде, единствената идеја водилка во дадените ситуации. Не знам дали тука доволно се разбираме но, повторно, мислам дека речиси кај секој граѓанин на оваа држава кој не беше криминално инволвиран во зделките на бившиот режим етиката / етичноста на новата власт беше првото, ако не и најголемото очекување! Но, ние ни за тоа немаме дури ни иницијални истражувања.

Се разбира, овие прашања се премногу сложени, а јас во нив сум само обид за ориентација. Сакам да кажам: оваа материја е работа на науката, на специјалистите, ама нив или тоа не ги интересира – имаат попаметна работа? – или се премрзеливи уста да отворат. Сеедно, телеграфски ќе посочам два главни типа на конфликтни состојби каде потоа се очекува (или треба) да дејствуваат силите на политичката етика: меѓународни и внатрешни. На пример, еден од последните големи меѓународни конфликти беше Втората светска војна. Логично ќе беше, етички ќе беше, оние сили коишто ја започнаа, и за среќа ја загубија таа војна, да покажат барем малку етичност и да се извинат за стравотиите што им ги приредија на многу земји. А особено за жртвите, за одземените животи. Меѓутоа, тоа не беше случај. На пример Јапонија, една од силите на т.н. Оска, не покажа никаква намера да се извини за многукратните злосторства направени во Кина, Кореа, Индонезија, Филипините … Односите помеѓу овие држави и денес се прилично политички „напнати“! Германија, од друга страна, успеа да се надмине себеси и да се извини за нацистичкото минато и злосторствата напревени во негово име. Сетете се само на Вили Брант! Но, во овој контекст, нашиот источен сосед никогаш тоа не го направи во однос на Македонија, ниту покажува некаква намера за тоа. Дури напротив, што е незабележан скандал во меѓународни размери! Но, некои експерти (B. Girardin, на пример) сметаат дека внатрешните (расни, етнички, социјални …) конфликти многу поспоро и потешко (етички) заздравуваат. И се наведуваат примери на Зимбабве и Јужна Африка, Аргентина, Чиле, Источен Тимор … и многу други, коишто потешко заздравуваат споредено со меѓународните конфликти. Што можеби е и разбирливо. Впрочем, и во тој поглед ние, односно нашата бивша (заедничка) држава (Југославија) е извонреден пример.

Оттука, македонската постконфликтна ситуација – се разбира мислам на 2017та година, и понатаму – е еднаква на вториот опишан тип, со многу специфики, нормално. Блиска е можеби до постконфликтните ситуации на Аргентина и Чиле по воените диктатури, иако ние немавме баш такво искуство туку некои домашни експерти, па и странски, нашата состојба најчесто ја именуваа(т) како „мека диктатура“, што и да значи тоа. Од друга страна, нашата ситуација покажува сличности и со првиот тип во однос на упорното одбивање на злосторничкото здружение – сега во улогата на политичка опозиција, што е уште еден наш нонсенс – да се извини на народот за сите злодела направени во текот на режимот. Но, секој домашен конфликт има бројни специфики и безмалу ниту еден не наликува на некој друг. Сеедно, но сакам да кажам: и кај нас „непријателот“ не беше странец туку домашен, имаше лик и име и презиме (особено во случајот „27 април“), тој ист непријател се колнеше во добиен легитимитет од народот иако денес сведочиме на тоа како тој легитимитет бил грабнат, и кај нас имаше насилство, режимот генерираше недоверба кон „другиот“ (главно политичка, но и национална тоест „патриотска“), постоеше економска, социјална, културна, образовна и друга дискриминација итн. Само држави кои поминале низ еден таков внатрешен конфликт ги знаат вистинските „приказни“; само народ кој поминал низ такви трауми знае што е тоа и како нештата треба да се решаваат! А сепак, кај нас, до денес, речиси ништо не се направи на овој план, или се направи многу малку, без вистински (и очекувани) завршници. И тоа е, меѓу другото, проблем на отсуството на етиката од политиките на власта. Но и на неукоста, неспособноста, незаинтересираноста кај некои од клучните фактори надлежни за нивно разрешување.

Или, ако сакате, како што дури сега, како од ведро небо ни се појавува темпираната бомба наречена „Охис“, која што може да уништи половина град а сите надлежни молчеле или сега се прават дека не знаат за неа, така во државава постојат уште многу недемонтирани „бомби“ со слични закани. Тие беа односно се резултат на незапочнатите – или некаде незавршените – процеси на справување со остатоците од бившиот режим во сите општествени сегменти. Дел од нив не се решаваа(т) дури и во името на некаква квазиетичност, „грижа за човекот“ и слични глупости неодржливи во наши услови. Невидената, неочекуваната спорост во реорганизацијата на државата и справувањето со последиците, а во извесна смисла и со причините тоест причинителите на крахот на македонското општество за време на бившиот режим во голема мера денес им остава дури и надеж на бајрактарите на криминалниот национализам за пропагирање на паролата „сите се исти“, па дури и за враќање на власт. Голем број од овие уште лагодно фигурира во највисоките ешалони и на оваа власт, особено во државната администрација. Некаде дури се’ уште и на раководни и одлично платени работни места, на запрепастување на средината и на оние кои уште ги паметат понижувањата и траумите од таквите персони. Се разбира дека би можел да ви посочам дури и директори по име и презиме, па и во културата, кои така здушно беа гоничи на робови во времето на режимот, така беневолентно соработуваа со таа власт, а ене ги и денес удобно седат во фотелјите со продолжени, дури вечни мандати. Се’ се тоа персони кои први требаше да бидат диференцирани, без оглед на нивните „влијателни“ презимиња, пријателски или којзнае какви други врски со личности од сегашната власт и слични оправдувања. Тоа се мали но видливи и ефикасни знаци коишто луѓето / средината ги очекува(ше) и цени во насоката на правичното и етичкото справување со остатоците од режимот. И тука не смее(ше) да има никакви оправдувања или отстапки. А ги имаше, и токму тие беа воведот во натамошната хаварија.

ЌОРСОКАК?

Ако етиката е систем што говори за човековиот морал, за чувството за исправно или погрешно постапување, ако таа е збир на „правила“ – често и непишани – на однесувањето на личноста … тогаш може ли едно општество да функционира без тие „нешта“? Може, се разбира, и такви примери памети не само подалечната историја туку и поблиската, па и нашата, до неодамна. Ама тешко дека тоа и такво општество / држава ќе може да се нарече современо демократско општество. А уште потешко светот ќе го прифати во заедницата на демократски држави. И тоа е мала но едновремено и огромна разлика! Сакаше ли, можеби, Макрон да ни каже (и) такво нешто? Не знам, но, се разбира, не смее едно општество / држава да се поистоветува со неколкумина поединци и нивното однесување, без оглед на тоа на колку високи и важни (политички) функции биле тие. Но светот тоа го прави, ве гледа низ призмата на избраните (народни) претставници и нивното справување со проблемите, нивното однесување во дадени ситуации, нивната подготвеност да се носат со сите предизвици во државата, па и етичките односно длабоко цивилизациските. Поточно – особено со тие! Промашивме ли токму на тоа поле, пропаднавме ли во етички и морален – некој ќе рече дури и демократски – ќорсокак (пре)многу спротивен / спротивставен на оние принципи / начела истакнувани во времето на борбата против режимот, времето на „Шарената револуција“, борбата токму против недемократската, неетичката, нецивилизираната мината власт?

Не знам, има многу покомпетентни поединци кои треба да одговорат на овие прашања. Ама тие – молчат. Или тресат глупости. Како што молчеа и/или тресеа глупости и во времето на режимот. Но и тоа се смета, и тоа е знак на зрелост на едно општество, на поединците во него, особено оние кои себеси се сметаат за интелигенција, за авангарда, за елита … оние кои by the way се и одлично платени за нивната (не)работа. Тука пред се’ мислам на МАНУ, на Универзитетот, на образованието како целина, на културата. А токму тие или молчат или се главните перјаници на неморалот, често и на криминалот во државата! Како тогаш сакаме да не’ гледа некојси Макрон, или кој и да е’ друг европски политичар кој, случајно или не, се нашол во позиција да просудува / пресудува тоест дава оценки за нас? Ако интелектуалната сила на една држава (со чесни исклучоци) континуирано петнаесетина години молчи за сите судбински прашања за народот и државата, за која и каква етика можеме да говориме, за која и каква демократија и цивилизирано општество би расправале? И мислиме дека меѓународната јавност тоа не го гледа? Ако ние молчиме за нашите права и обврски, ако молчиме за неправдите и криминалите, со каква (не)етичка држава и (не)вредносни стандарди би оделе во Европа? Зашто, нема погромогласна неетичка изјава од молкот пред криминалот, наведнатата глава пред експлоатацијата, тортурата, партократијата! Далеку од тоа дека јас таа Европа ја гледам како букет миризливи рози, ама таму сепак државите функционираат според дијаметрално различни стандарди од нашата. Ама ние сепак сме најстариот европски народ, нели?

Еден некогашен умен екс-југословенски политичар, во една од многуте длабоки кризни ситуации во таа држава, беше рекол (парафразирам) дека ние (тие, м.з.) го урнавме стариот свет, а тој сега полека доаѓа зад нас – доаѓа заради нашата вина и нашите ситни и тотално небитни рачуници за кои веќе после десет години никој нема да знае дека постоеле! Дали нешто слично (ни) се случува и сега? Дали заради нечии и некакви ситни бакалски сметки, заради нечиј малограѓански менталитет и алчност се урива „новиот свет“, постепено се распаѓа она што макотрпно и со не мали жртви од поединци беше постигнато како несопирлива желба за некаква нова македонска реалност – нормална, демократска, етичка, социјална, правна, правдољубива, цивилизирана … држава? Ни се враќа ли, засега на мала врата и, за среќа, само на општествените маргини, духот на оној режим кој зеде толку многу недолжни жртви во оваа држава? Не мислам буквално на човечки жртви односно одземени животи, иако имаше и такви, туку повеќе мислам на упропастен развој, регрес наместо прогрес, урнисани бизниси, упропастени кариери, невино обвинети, наместени процеси, опљачкана и заробена држава …? Разбуденото злосторничко здружение веќе дише во врат на власт манипулирајќи со нејзините (најблаго речено) ступидни пропусти во сите сфери на општественото живеење. А зошто? Заради нечии ситнокалкулантски интереси, заради нечии џебови и странски сметки, заради нечија алчност треба ли да пропадне таква и толкава борба? Мора ли, навистина, државата да се „прави на Тошо“ визави тој фамозен текстилен кластер како од времето на Маркс и Енгелс? Па ве молам, зарем сега и после се’ ќе ја враќаме земјава во предвечерието на капитализмот, во манчестерските мануфактури, или во денешните робовладетелски услови што слични кластери ги наметнуваат во Виетнам, Пакистан, Африка …? Ако е тоа така, кому тогаш, му требаше „Шарената“ и граѓанските протести? Или, подобро речено, кому му користи „Шарената“? На кластерите, на неколкумина македонски примитивни „бизнисмен(к)и“, на еден мал број полуписмени дај-дам човек фирми и купи-продај дуќанчиња? И за нив ќе работи целата држава?

Или, ако сакате, кому реално му служи актуелната „етичка“ ситуација што кружи низ државава и какви пораки еманира во јавноста? Дека криминалот навистина се исплатува, а уште повеќе се исплатува големиот и политички инструираниот криминал; дека во земјава навистина може да се монтираат судски процеси, да се потплатуват судии, да се нарачуваат убиства … и сето тоа неказнето; дека и најнеспособните партиските пулени можат да директоруваат со најзначајни македонски институции; дека политичкиот опортунизам е најценетата валута; дека дури и со грабеж на столетието од над 800 милиони евра наречен „Скопје 2014“ може и понатаму да се уживаат сите права и слободи во државава; дека едно општество може во економските односи да се врати назад речиси стотина години и никому око да му трепне, итн.? Овие македонски слободни три години напишаа во реалноста редица неетички, неморални, недемократски, некултурни магистратури и докторати коишто допрваа ќе треба да бидат истражувани и детално проучувани. Како влеговме во ваков ќорсокак и заради што? Една од првите секако е нерасчистувањето со блиското минато, непрочистувањето од талозите на режимот. Но и многу, многу други.

ЗАБОРАВЕНА ЕТИКА

Ако државата е само едно (по)големо семејство, или фирма, како сакате, тогаш и во неа важат истите или сличните правила на однесување како и во потесното семејство. Ако едно четиричлено, или петчлено семејство има свои правила / кодови на однесување, начин на комуникација, ред, права и обврски … истите нешта, повеќе или помалку, само се пресликуваат на пошироко / повисоко рамниште наречено држава. И се мултиплицираат, се разбира. Што ќе рече: како што во семејството се почитуваат востановениот ред, обврски и комуникација, така и во државата – многукратно засилено – важат нештата наречени права и обврски на власта и граѓаните, интегритетот, одговорноста и почитувањето на етичките и моралните вредности, почитувањето на законите итн. Несоодветното однесување се санкционира, и во семејството / фирмата и во државата! Една од битните сушности на човекот, она што го разликува од животинскиот род, е оценувањето на сопствените постапки. А како и за секое оценување, неопходни се референцијални и поидовни вредности и стандарди. За тоа е измислен тој таканаречен систем на вредности во којшто етиката и етичкото однесување завзема високо место. И нивното / нејзиното учење започнува од најраната возраст, од семејството, училиштето, работното место … општеството. Се разбира дека животот наметнува конфликти и етички дилеми, но тие се разрешуваат токму според начелата / вредностите на опкружувањето: семејството, училиштето, работното место … општеството тоест државата!

Насловот во извесна смисла сугерира дека ние, некогаш, во некое блиско или подалечно време, сме го имало тоа „нешто“ што се нарекува етика, па сега као тоа „нешто“ сме го заборавиле, лежи затурено во некој ќош а ние не го гледаме. Не, не е така. Ние секогаш сме биле скарани со ова „нешто“, иако можеби порано – мислам на она време во онаа бивша „омразена“ држава – етиката беше многу, многу поприсатна во македонското секојдневие, во сите сегменти. Еден од можните одговори е: етиката / етичноста зависи првенствено од власта, која и да е’ и каква и да е’, односно ако таа е етична во практицирање на нејзините политики, ако таа инсистира на етиката како составен или уште подобро како еден од нејзините врвни приоритети / прерогативи, тогаш и таа, етиката, ќе стане инхерентен сегмент во општествените односи. Но ако власта, која и да е’ и каква и да е’, инсистира на терминот владеење со сопствениот народ, таму етичност не може да има! Владеењето и етиката се антиподи, спротивставени поими коишто не се среќаваат во практиката. А кај нас тоа е безмалу редовна појава односно дури и кога не сакаат, на македонските политичари владеењето им е составен дел од секојдневниот речник, дури и несвесно им излетува и во најбизарни ситуации, потврдувајќи ни дека желбата за гола власт е сепак поголема од волјата за каков и да е’ придонес во демократскиот развој на државата и унапредувањето на животот на граѓаните.

А сепак, да не заборавиме, целото граѓанско движење наречено „Шарена револуција“, но и сите оние протести неколку години пред него како негова увертира, громогласно бараа / најавуваа Етика на власта. Зашто, ако сакате, а што инаку, како крајна консеквенца, значеше паролата „Нема правда – нема мир“? И не само таа парола туку и речиси сите други, лични или групни, во самата нивна суштина бараа целосно ново однесување на македонската власт. Ново во секоја, па и во етичка смисла! И тогашната опозиција – сега власт – тоа го прифати како нејзин долг кон тоа движење коешто, кој како сака нека каже, помогна во рушењето на неетичкиот режим. Е сега споете ја почитуваната млада претставничка на Министерството за финансии и нејзиното „образложение“ за враќање на рамниот данок со кои и да се’ етички принципи на современо демократско општество! Речник како излезен од времето на најцрниот капитализам, ако не и робовладетелско општество: та како ќе сме привлекле странски инвестиции со прогресивно оданочување (sic), та како ќе било ова, та како ќе било она? Па продадете го народот на странците и тогаш ќе мора да им работи и за беспари! И странските фирми ќе бидат презадоволни!!!

Но тоа е само еден, последен, актуелен пример на неетичко однесување – дури потценување и понижување – на власта кон сопствениот народ. Етиката во таков случај можеби би прашала: а кој е поважен, народот или странските инвестиции? Но, велам, тоа е само последен пример којшто, велат некои, може да се толкува, дури (о)правда во предвечерието на најавените избори и борбата за гласови. А сепак, и тој е речиси безначаен спореден со повеќегодишните смртоносни игри на државата со загадувањето, со медиокритетските споредби со земјите на Европската унија во таа насока, со измислувањето на стоиедна друга (во основа наивна) причина за катадневното труење на граѓаните наместо енергичното справување со најголемите и на сите познати загадувачи. Или нереагирањето, дури толерирањето на оние скандалозно беспризорни изјави на македонските таканаречени бизнисмени за продолжувањето на работното време на работниците во нивните погони заради користењето на полчасовната пауза, за најавениот „штрајк“ на работодавачите и слични идиотштини. Ако кон тоа се додадат „плановите“ (од кого, со чија согласност?) за претворањето на Скопје во мравјалник за 800.000 жители, доупропастувањето на Кисела вода со дополнителни 100 згради преку континуираната спрега со градежната мафија, тогаш она другоно, оние Катици и Бокиевци, оние ситни крадци и малверзанти – кои, патем, се токму попатен производ на неетичката држава – заличува на детска игра!

Сето тоа не ја дава очекуваната од власта позитивна слика за државата како добар потенцијален инвестициски пазар – или таа изгледа „привлечно“ само кај мал дел од ситните меѓународни хохштаплерчиња – туку во високоразвиениот демократски свест остава впечаток за држава која не се грижи за сопствените граѓани, ги нуди како толпа за експлоатирање и тормозење, секојдневно свесно ги труе и омаловажува со играње криенки со вистината. Состојбите во здравството, образованието, културата … само ја дополнуваат сликата за неетичка, асоцијална, аморална, висококоруптивна држава. А тоа не е сликата на „Шарената револуција“, на граѓанските протести, на барањата за пад на режимот и воспоставување нова демократска власт којашто ќе се грижи за потребите на граѓаните. Во основата на таа грижа секогаш стои Етиката како примарен столб на правичната и правдољубивата држава!

Од друга страна, секогаш можеме, и мораме, да (на)правиме разлика помеѓу систем и поединец, помеѓу општо и поединечно. Во случајов: помеѓу целосно неетичкиот систем на режимот на злосторничкото здружение наспроти сегашните, за среќа се’ уште инцидентни манифестации на ниска свест, неетичко и неморално однесување на ниво на поединци и/или интересни групи. Иако, за волја на вистината, секојдневното енормно загадување, пренаселеноста, коруптивните афери … веќе попримаат димензии на хронично системско заболување. И за тоа има многу причини, се разбира. Голем дел од нив се можеби лични / семејни и зависат од средината (семејството пред се’), но вистинското огледало секогаш е – државата. Ако тоа е искривено, и однесувањето на поединецот ќе биде такво!