Monthly Archives: October 2022

ДЕ(Е)ВОЛУЦИЈА

Ако премиерот, министерот за надворешни, претседателот на државата, претседателот на Собранието…, а особено „нашиот“ вицепремиер за евроинтеграции, се тотални дилетанти за политичката историја и историјата per se, ако не знаат кога, каде и зошто започнал еден историски „проблем“ и како се развивал – или не се развивал, до извесен миг! – тогаш како мислат проблемот да го решат? Со магија? Ама не се ни маѓионичари, жив грев се! Ако во таа власт имате такви и слични министри и функционери речиси во сите области, како мислат да ја помрднат државава од мртвата точка? Или од губитничката „игра“?

Ако госпожата од Брисел куртоазно рекла нешто, како министерчено што милува да патува на туѓ трошок оцени дека сме „на вистинскиот пат“? Па нели, до вчера, вистинскиот пат им беше комплетно распуштање на постојниот судски апарат? Или, кога ги следат нивните „насоки“ – добри се?!

Секако дека се ова сериозни нешта, но не е работа на граѓаните да обвинуваат или ослободуваат од вина некого, туку е граѓанска должност да поставуваат прашања. Онакви какви што би требало да постави секој просечен поединец во оваа држава. Но проблемот е: зошто никој не ги поставува тие прашања, односно тоа го прават само неколкумина? Можеби утре ќе ги поставуваат Бугарите, оние двајца без тројца што ќе ги внесат во Уставот? И не им е грижа што вели академската заедница за тој „впрос“, дури ни претседателот на МАНУ? Па зошто им е тогаш МАНУ, зошто им се универзитети и институти, зошто не ги укинат и не ги превземат нивните работи во свои раце?

Таканареченото „македонско прашање“ и односот на регионот и ЕУ кон истото, но и нашиот државен „одговор“ на сите „тези“ и „теории“ што произлегоа од него, несомнено е типичен пример за неука, неспособна држава со катастрофално лоши политики. Особено во доменот на дипломатијата, почнувајќи уште од оној првион неук несреќник па до денес, вклучувајќи го тука особено и целиот актуелен државен врв последниве пет години и неговите страотни аналфабетски пелтечења во надворешната политика. Или, поконцизно речено, ние последниве петнаесет години сведочиме на неверојатна деволуција односно де-еволуција во државните политики, за разлика од соседските еволутивни чекори во сите сфери. Освен источниот сосед, кој страда од истата болест.

И тоа, се разбира, не е евидентно само во надворешната политика – денес можеби најактуелна заради целиот след на важни нешта за државата – туку во сите области, без исклучок: културата, образованието, здравството, науката, економијата…! Дали тоа денес, на дело, сведочиме на резултатите од процесот на негативната селекција, често спомнуван во изминатите децении но никогаш напуштен од политикантските елити? Веројатно, почнувајќи од „квалитетот“ на партиските лидери, премиерите, министрите, претседателите на државата во последниве петнаесетина години итн. Без огледе што тие милуваат себеси да се нарекуваат прогресивци, тие се вистинските носители на регресивните, де-еволутивните процеси во македонското општество.

Ако некогаш бевме зачудени, или збунети, од глупостите на еден Борис Трајковски или Ѓорге Иванов, денес сме не само запрепастени туку безмалу шокирани од однесувањето на актуелниот претседател на државата. Ако само до пред пет години со неверување гледавме на некапацитетноста на оној криминалецон во Будимпешта, што треба да кажеме денес, после Заев&компани? И не се тоа само гафови или лапсуси, не е тоа само некакво неискуство или непознавања во одредена област, туку говориме за тотални незнаења/промашувања во највитални државни сфери, од надворешната политика до економијата, од културата до образованието итн.!

А дека тоа не е „болест“ само на политиката сведочи и македонскиот „бизнис“ сектор, единствен на којшто му е смешен – извинете, смешен?! – повикот на бугарската Фондација Македонија за „купување на македонската економија“. Па Кина го купи половина свет, другата половина е на Саудиска Арабија. Ама никој не се смееше, напротив!

Зашто, вистинската капацитетност на една политичка гарнитура се гледа токму во вакви времиња и на вакви проблеми. И ние токму тоа и го гледаме: хаос, незнаење, неснаоѓање, аматеризам/дилетантизам, неспособност… Сето тоа, впрочем го видовме и во времето на двегодишната пандемија – тотална дисфункционалност на сите рамништа! Но и тогаш се правевме дека не гледаме, и тогаш се криевме зад „светските процеси“. Како што се правиме дека и сега не разбираме што ни се случува. Не сите, додуша, но едно големо мнозинство коешто буквално се однесува како да има резервна татковина!

Фактот што мнозинството паѓа на лаги од типот дека ова ќе биде најтешката зима/година од 1945 наваму само говори за една малоумна флуктуирачка маса на која што ѝ е тешко дури и да размислува. Зашто, да кажеш, а особено и да поверуваш во една таква глупост говори токму за неверојатен деволутивен процес што го зафатил целото општество. Но говори и за фрапантен манипулативен обид да се затскрие актуелната неспособност со некакви „историски репери“, неспоредливи за еден логичен ум. Но, кај нас и тоа поминува.

Иако, факт е дека ќе биде сѐ потешко и потешко, дека не само рецесијата туку регресијата во секој поглед ќе ја доуништи државата. Особено во поглед на разрешувањето на источниот спор, и по него. Неспособните актуелни политикантски гарнитури скандалозно регресираат во однос на дометите на македонската надворешна политика – а особено по прашањето на односите со  Бугарија – во времето на еден Крсте Црвенковски, Апостолски, Милосавлевски, па и Колишевски, ако сакате. Па и во времето на Глигоров, се разбира. Секако, друг бил историскиот контекст и околностите, Македонија била дел од една поголема и посилна држава…, но постои ли навистина „историски контекст“ како алиби за одбрана на виталните, судбинските прашања  за една држава? Или сепак станува збор за – деволуција?

Зашто, да беше проблемот само во надворешната политика на државата, па и само во процесот на евроинтеграциите, а во сите други области да ни цветаа рози, ќе можевме со мирна душа да кажеме дека, едноставно, станува збор за неспособна „млада“ дипломатија. Ама кога амбисот е видлив во сите области, кога целата држава е зафатена од тој страшен процес на де-еволуција, на враќање назад, на погубно „неснаоѓање“ во државните работи но со хипертрофирана амбиција и желба за моќ, тогаш ја имате денешна Северна Македонија како нагледен примерок.         

ПЕРПЕТУУМ-МОБИЛЕ

И бидна, Бугарија – иако на малку потсмешлив начин односно со реципрочни шамарчиња за нас – ѝ удоволува на нашата „протестна“ нота за навредите од онаа будала од другата страна на границата. Дали сега премиерот ќе е мирен, суетата задоволена ли му е, ќе може ли конечно да се посвети на некоја сериозна работа? И дали таа „сериозна работа“ се актуелниве фикс-идеи на коалицијата за некакви нови историски „договори за ЕУ“? Онакви, што вели Геровски, од „муртински“ тип, со сидрото вкотвено во криминалот и корупцијата, во партократијата и неспособноста…? До кога македонскиот граѓанин ќе мора да го гледа овој нивен перпетуум-мобилен театар со секакви амнестирачки „договори“ со коишто, на крајот, политикантскиве гарнитури само сакаат да си ја избришат одговорноста за несработените ветувања и сторените криминали и злодела?

Па зарем немавме еден таков јавен договор со оваа власт во 2017 година, со рушењето на заробената држава? Што се случи со тој договор? Каков е резултатот? Ова денес? Ова не е резултат, ова е целосен распад на системот, а договорот стана обична „тоалетна хартија“. Згора на тоа, со тој договор актуелниве „прогресивци“ ги помилуваа сегашниве нивни пајташи од ДУИ, инаку еднакво одговорни за државната катастрофа во претходните единаесет години. Следствено, сега ни треба уште еден таков „договор“? За што? За ново „пу, пу не важи старото“, сега одиме повторно напред, во ЕУ?!

Нови договори за овие гарнитури да си ги исперат нечистите раце, како и во периодот 2017-2020 година? За да се самоамнестираат, за сѐ да остане исто, никој да не е одговорен за ништо? Па ДУИ е махер за тој тип договори уште од 2001 година, но можно ли е македонскиве слепци ништо да не научија толку години? Или – научија, ги усвоија токму нивните „лекции“ па сега возат заедно, во нови „победи“?

Се разбира, ние можеме вака да си играме до сто и едно, и назад. Секоја будала овде може да предвидува дека ќе сме влезеле во ЕУ за пет или осум години (ама да потпишеме нов договор!), дека сепак ќе имаме демократија (ама да потпишеме нов договор!), дека ќе се почитуваа Уставот и законите (ама да потпишеме нов договор!)… итн. Сето тоа наспроти реалните прогнози на сериозни луѓе за некакви 30 и повеќе години. Но, дај боже да биде по нивно (да не речат дека и јас сум против ЕУ), но навистина ли мислат дека некој сѐ уште им верува?

Впрочем, ги чита ли некој оние годишни извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија кон зачленувањето во ЕУ? И, како ги чита: како што ним им се допаѓа или како што е напишано? И каде тоа, во која глава/област, пишува дека ние сме реално подготвени за „големата маса“, сосе суетниот ни премиер на неа? Или тоа воопшто и не е важно, важно е да се одработи нарачката и да се заработи, да се смести потесното и поширокото семејство во државни пазуви, да се добие некоја наградичка… итн.?

А секоја божја година, се повторува истиот театар – власта си се фали со напредокот, а буквите на европската хартија велат нешто сосема друго! И намерно тие букви ги користат најблагите формулации – „умерено подготвена“, „потребни се дополнителни напори“, „има одреден напредок“, „треба да“ итн. – за да не навредат нечии чувства, небаре ние сме мали деца и не си ја знаеме реалноста. А впрочем, и тие извештаи се своевиден перпетуум-мобиле на постојано истите препораки, ставови, мислења, укажувања на ЕК, на коишто нашиве воопшто и не реагираат. Тие подготвуваат нови „историски“ договори. За Македонија!

Можеби некаде, во некоја Тунгузија, навистина и постојат таков тип („муртински“) договори со коишто власта си ги пере гревовите. Ама во ЕУ? Па зошто никој на шмизлана Truss не ѝ понуди таков „договор“ туку ѝ рекоа: bye, bye baby!? Добро Велика Британија веќе не е ЕУ, ама сепак остана симбол за некаква демократија. Или тоа нам – не ни треба?

Иако, можеби и треба да се размисли за некаков таков догоров? Но таков во којшто ќе стојат децидни оценки за досегашната работа на оваа власт, со нивно ветување дека веднаш ќе си заминат на своите етнички буништа и ќе чекаат да ги повика надлежен јавен обвинител! Инаку, чуму му е на македонскиот граѓанин некаков нов меѓупартиски – или меѓумафијашки – договор за амнестирање од досегашните злодела?

Во тој договор секако ќе мора да стојат и некои делови што точно ќе утврдуваат нечија одговорност за оние 6.200 починати во време на COVID-19 пандемијата, на оние 14 жртви во пожарот во модуларната болница во Тетово, за Ласкарци и Струма со близу 100 жртви, за 8-те милиони евра пенали за клиничкиот центар, за комплетното фијаско во реформските процеси, за катастрофалните состојби во образованието и катаклизматичните во културата и науката, за државното „здравство“, за бугарските протоколи, за „историската“ комисија, за состојбите во Парламентот, за бугарските „културни“ клубови итн. Мислам дека еден таков договор македонскиот граѓанин би го потпишал со двете раце!

Но, тој и таков потенцијален договор би морал да има и анекс со заглавие: Одговорност за погрешните политики во пристапниот ЕУ процес. И тука детално би морале да бидат наведени сите актери и нивните (не)дела, поединечно, а особено во неукото прифаќање на подлите игри на источниот сосед, бидејќи последниве неколку години тоа, покрај останатото, е главниот проблем на релација власт-опозиција и власт-мнозинство граѓани. А тоа и ќе продолжи да биде. Селедствено, власта не може тие нешта да ги решава само со амнестирачки договор!

Зошто го велам ова? Затоа што и бугарската политика кон Македонија е специфичен вид на перпетуум-мобиле што со децении циклично се повторува односно провејува низ односите на двете држави. Денес особено. Поточно, Бугарија не прави ништо друго од 2017 година туку само ги дополнува одамна утврдените квазиисториски лекции на Живков, Цола Драгојчева („опасна комунистка“) и други видни „хора“ со души полни омраза кон сѐ што го носи името/придавката Македонија/македонски. Секој нивни „политички“ потег, без исклучок, цели пет години само го доразгорува тој историски жар на нетрпеливост што извесно време само тлеел, за сега да се вивне во вистински антимакедонски пожар. Само што, во таквите геноцидни пожари најчесто гори и поттикнувачот! А овој поттикнувач, или арсонист, како сакате, веќе „горел“ на различни начини во минатото.

Инаку, зарем навистина треба да прогласиме државен празник бидејќи Советот на министрите за внатрешни работи на ЕУ го усвоил текстот на договорот Фронтекс на сите официјални јазици на ЕУ и на македонски јазик? Секако, ние веќе би празнувале и за најнормална работа во рамките на ЕУ. Но прашањето е: што (ќе) треба да дадеме за возврат на оваа отстапка на Бугарија?

Сакам да кажам, сето ова што ни се случува не е случајно, уште помалку е ново. И тоа не е никаква „теорија на заговор“ туку е историски факт. Меѓутоа: не можат со политика, на Балканот, да се занимаваат луѓе кои немаат поим од историја, особено од историјата на односите помеѓу две држави со хроничен антагонистички проблем. Таквите прашања не можат да ги решат аналфабети само со нивната „добра воља“ или со некаква пазарџиска логика – купи евтино, продај скапо. На овој „пазар“ се продава националното чувство, националната кауза и гордост, се продаваат идеали…, а не чушки и френки! Колку и да нѐ убедува „професорон“ дека политиката, па и надворешната, на една држава е да ги слуша посилните и поголемите што говорат, тоа не е баш така.


[

ВТОРОТО ПОГУБУВАЊЕ НА ВАПЦАРОВ

Знам дека главниот „аргумент“ на дежурните историци во куси панталони и полуписмените релативизатори со факултетски и „професорски“ дипломи апропо најновиот „скандал Вапцаров“ ќе биде: па што сакате, тој е роден во Бугарија. И тука (ќе) почнуваат и завршуваат нивните прогресивно-либерални погледи и поддршката на оваа кукавичка власт. Ни тие, ни власта, нема ниту да се обидат да видат кој бил Вапцаров, уште помалку да прочитаат некоја од неговите песни.

На пример песната „Земја“, каде поетот вели: „Таа земја, сега што ја чекорам, таа земја, в пролет што ја буди југот, таа земја – своја не ја знам таа земја простете: е туѓа!“ Таа туѓа земја е земјата каде што бил роден, и таа и тогаш, и денес, се вика – Бугарија. И понатаму, Вапцаров говори за една друга земја што тој ја чувствува за своја, а заради што секогаш се декларирал како Македонец. Но, ние престанавме да веруваме во луѓето и нивните чувства. Нам ни стана важно што ќе кажат источните соседи, „госпожа“ фон дер Лајен и Вархеи и нашиве локални слепци.

Дали затоа и македонското МНР смета за потребно да реагира со официјална протестна нота заради вулгарниот речник на една бугарска будала, но не смета дека мора да реагира заради забраната за отворање Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград? Зарем навредата на Џамбаски е наш државен приоритет пред Македонскиот културен клуб? И зарем суетата на премиерот е навистина толкава што ја засенува и големината на еден Вапцаров? Присуствуваме ли, во живо, на второто погубивање на поетот, овојпат од неговиот народ, од неговата земја?

Да, знам дека и ова само малкумина така ќе го доживеат. И тоа е уште поголемиот срам, како што беше и оној во Битола со целата бугарска свита и ниту еден глас што би викнал „уааа“, како што беше и оној во Охрид, каде што сепак поголема група граѓани го покажа расположението кон Борис III. Но ваквите скандали се редат еден до друг, уште од нашите прифаќања на бугарските „толкувања“ за Кирил и Матодиј, Климент и Наум, Самоил… итн., сите со бугарската етикета лепната на челата од страна на домашниве скандалозно неспособни историци.

Не се сомневам дека ваквиот самоубиствен чин на македонската држава и политика, сега дополнет и со Вапцаров, а веќе утре со којзнае кој друг, повторно ќе биде прикажан од власта како напредок во нашите пристапни преговори со ЕУ и нов доказ за македонските либерални политики кон малцинствата. Кога тоа би било вистина, нели. И сите до еден некогаш ќе посакаат да заборават дека тие го погубија и македонското малцинство во Грција и Бугарија. Но заборавот и не оди баш така лесно, нели? Како и простувањето, впрочем.

И дали некој од политичките „елити“ ќе се запраша: а зошто Македонците во Бугарија би отворале клуб со името на Вапцаров ако тој бил – Бугарин? А тезата може и да се постави обратно: зошто бугарската власт би го забранувала клубот ако поетот навистина бил Бугарин, а целата идеја би ја сметала за – провокација? Зошто провокација кога бугарски граѓани – а и Македонците во Бугарија се тоа! – отвораат културен клуб со име на – бугарски поет?!

И дали, на пример, ако Македонците во Благоевград посакаа клубот да се вика Венко Марковски, повторно ќе добиеа забрана бидејќи и тој се смета за бугарски поет, иако роден во Скопје, каде и живеел до 1965 година? И зошто тогаш Бугарија не отвори клуб со неговото име кај нас туку ни ги натопори Михајлов и Борис III? Или зошто, конечно, не отвори културен клуб си името на Вапцаров, штом и тој бил – бугарски поет? И зошто, како што велат некои извори, токму фашистот Михајлов праќал свои убијци да го ликвидираат Вапцаров? Има ли еден, барем еден умен човек во оваа македонска власт, кој би знаел да ги раздвои политикантството од политиката, историјата како наука од историјата како трговија, учените луѓе од овој властодржечки пиреј…?   

Зошто македонските институции, македонската наука дозволува власта и нејзиното политикантство да ја черечат историјата според некакви дневни (наводно) ЕУ интегративни потреби, според нивните мали умови и трабантите кои за издашна награда ќе потпишат сѐ? Зошто македонскиот интелектуалец и понатаму се плаши да се спротивстави на убиствените тези што кружат низ земјава и коишто се целно насочени кон релативизација и на самата идеја за Македонија и Македонци? Бидејќи, нели, ние не знаеме кои сме и што сме, не умееме да ја разбереме нашата независност, туку секакви шушумиги треба да нѐ испрашуваат за намерите, за наративите, за чувствата…, но и да ни бараат да се прилагодиме на тоа што ни се сервира како „можно и остварливо“?

Но, замислете го тој и таков „наратив“ поставен во октомври 1941 година, или дури и во мај 1945? Зарем тогаш немало фон дер Лајенки, Вархеиевци, Борисовци и Заевци, Османовци…, но превагнал историскиот идеал а не кукавичките подметнувања, националната гордост а не личните суети и калкулации!? Некој ќе рече – различни времиња. Секако, но има ли навистина едни времиња за херојски дела а други за предавнички, едни за државнички одлуки други за кукавички, едни за визионерски други за лукративни…?! Не сум сигурен дека историјата така ги дели нештата, и времињата.   

Не дека во Македонија, и во 1941 и во 1991 година немало политикантски штрумфови и штрумфети, на кои иста им била и македонската и бугарската власт, како што денес на некои им е сосема исто изедначувањето на отворањето на „културни клубови“ со имињата на фашисти и нивните жртви, каков што е Вапцаров? Спротивното, велат, би било „забрани од нејасни мотиви“! Таквите мекотели, желни за лесен денар и уште полесно живуркање во кожурецот на лагата, нема да го разберат – не можат – ни Вапцаров ни нас. Тогаш, ако таквите „политики“ се денес доминантни, ние можеме пристојно да се поздравиме и да си посакаме само добро здравје. Таму, претпоставувам, не досегаат нивните валкани прсти!

ДЕМАГОГИЈАТА КАКО СТРАТЕГИЈА

Кога на една државна прослава на еден од најсветлите датуми во македонската понова историја ќе слушнете толкова количество демагогија, не можете да не заклучите дека ние (и) демагогијата сме ја издигнале на степен на неприкосновена државна стратегија. Зашто, цели петнаесет години, на македонската политичка сцена како да се одвива натпревар во лаги и полувистини, во голи ветувања и ѕидање замоци ни на небо ни на земја, во демонизирање на политичкиот противник и наметнување на лажни авторитети, на механичко полуписмено прејудицирање на неповрзани настани…, итн. Пред очи ни протатнеа локални минорни Клеони и Алкибијади, Хитлери и Сталини, Живковисти и Чаушесковисти како бледи сенки на актуелните европски демагози од форматот на Ле Пен или Малони, Макрон или Џонсон, Путин или Трамп, но и подалечните примери од типот на еден Дутерте или Болсонаро. Иако, некој ќе рече, претходнине барем глобално демагогизирале, нашиве пижиња се прпелкаат во сопствените селски мрежички на популизмот и партократијата, заштитени од цела сурија кербери, фактчекери и вистиномери кои ги „мерат“ само лагите на другите!

И нема, се разбира, подобар „мерач“ на македонската современа стратегија на демагогијата од онаа излеана на државните празници. Тогаш се истура „шаком и капом“ целата локална глупост и незнаење, сиот немерлив арсенал на лажни дилеми и приѕирни споредби со Европа и светот, своите глупости се подметнуваат како туѓи а ѓаволот секогаш клечи на рамото на политичкиот противник викан опозиција. И бидејќи и оваа власт го гледа граѓанинот како манипулативна потрошна стока, му поттура зашеќерени лижавчиња со лични локал-патриотски идентификации („Јас сум од Куманово“!), го замајува со некаква историја која што, исто така, ја претворија во демагогија, повторно му ветува розови иднини но не и стабилна сегашност.

Како тоа сме биле на „вистинската страна на историјата“ кога среде Битола и Охрид ни се шепурат клубови викани „Иван Михајлов – Ванчо“ и „Цар Борис III“? Или не знаеме која била, и каква, таа историја, или не знаеме кои се двајцава фашизоидни македономразачи! И ќе се удираат во гради за некаква „голема маса“ (впрочем, малите луѓе секогаш сонуваат за нешто големо!), но не смеат да писнат кога од Софија им доаѓаат пораки дека го продолжуваме „наследството на Тито во Северна Македонија“. Не смеат дури ни да прашаат: а чие тоа наследство треба да продолжуваме? На Борис fucking Трети?

Чиста демагогија е да говорите за „чист македонски јазик, со заштитен идентитет“, а од другата страна постојано да добивате шамари дека „Нашите предци не се разделувале, немало бугарско и македонско маало, тие биле едно исто. Зборуваме за едни и исти семејства.“ Да, секако, демагогот ќе рече дека тоа е само еден глупак – случајно член на Европскиот парламент од партијата на „братот“ Борисов! – кој говори во свое име. Дали е баш така или така на нашиве им сугерираат нивните ПР уличари од Дебар маало или пошироко?  

И дали е тоа оној ист „европски пристап“ за којшто говори глупаков, но говореше и еден наш (за среќа) екс-премиер дека е европски манир и европска перспектива да се бришат/ревидираат текстовите на спомениците од НОБ? Нели е и тоа чиста демагогија која што треба(ше) да му помогне на граѓанинот полесно да ја голтне лагата? Или евро-блгарската јадица? И кога се повикуваат на „борците од Народноослободителната борба во 1941-та година“ кои „се избориле и ни го покажале патот, кога во Втората светска војна го отфрлиле окупаторот и се избориле за слободата и државотворноста“, мислат ли и на „патот“ на претстојната ревизија/бришење на текстовите на спомениците и спомен обележјата токму од таа НОБ?

Уште поголема демагогија е, или лага, како сакате, кога говориме за некаква „обнова на демократијата во 2017-та година“ односно „кога одлучивме да градиме Едно општество за сите“. Ниту сме обновиле демократија – напротив, уште помалку сме изградиле „општество за сите“. Демократијата и таквото општество не изгледаат вака. Или изгледаат вака само во главите на демагозите! И длабока, суштинска демагогија е кога она смешно човече кое глуми претседател на државата, а кој само пред кратко време нѐ нарекуваше со најпогрдни имиња, сега безобразно да бара „надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит!“ Како ли замислува ние понатаму да имаме почит за него?

Тоа се нешта коишто сериозни политичари, во кризни времиња, не го прават. Тоа се луѓе/нешта коишто граѓанинот одамна ги препознава како демагошки субјекти и како демагошки дискурс. Тоа е таа демагогија која што науката (Patricia Roberts-Miller, 2017) ја гледа како демагошки „дискурс што ветува стабилност, сигурност и бегство од реторичките одговорности“, каде што граѓаните како мнозинство треба да бидат жртвени јагниња заради тековните проблеми на малцинството политиканти. Зашто, впрочем, демагогијата – сакате наречете ја политичка пропаганда (во идеологијата на фашизмот) или агитација (во идеологијата на комунизмот) – е (и) тоа: да посочи на заменска жртва со која што Пилатовски ќе си ги измие рацете!

Впрочем, како што (повторно) сугерира спомнатата Roberts-Miller, кога демагогот гледа дека е „поефектен со аргументите за идентитетот отколку со внимателните аргументи за политиките, само е прашање на време кога ќе дојде на власт“. И колку пати тоа сме го виделе во изминативе години? Колку пати во овие петнаесет години сме сведочеле на таквиот процес, на едни и други политиканти, безобразници, некадарници кои со помош на голата демогогија се искачуваат на скалилата на власта? Бидејќи денес ни опозицијата – до неодамна власт – никако не успева да излезе од прегратката на лажното, фабрикуваното, демагошкото проседе. Срамно е дури и да се слуша како таа се повикува на „антифашистичкото наследство“, како таа денес обвинува за криминали и корупција, после сѐ што му приредуваше на македонскиот граѓанин во времето на нејзината стравовлада.

За жал, Македонија остана без сериозни политичари и интелектуалци, без луѓе кои можат како Тукидит и Аристофан да му кажат на „прототипскиот“ Клеон в лице дека не е реторичар туку е бескрупулозен демагог кој ветува брда и долини што не може да ги исполни. Денес, впрочем, и оние малкумина кои јавно ќе проговорат за она кукавичко јајце со подметнувањето на некаква „друга верзија“ на зборови во „Ај бре Македонче“ – и тоа на централната прослава на 11 Октомври! – ќе бидат прогласени за непријатели, антиевропејци, фашисти и слично.

И токму тоа е ликот и делото на овие не-луѓе, на овие политиканти и демагози сокриени зад партиските и керберските ешалони кои веќе подготвено го чекаат утрешниот ден одново да нѐ убедуваат дека тоа што сме го виделе не сме го виделе и тоа што сме го слушнале не сме го слушнале. И тоа, за жал, поминува – можеби еднаш, двапати, повеќе пати, но таа приказна не ќе може вечно да трае. Зашто, жална е онаа држава каде што демагогијата е неприкосновена стратегија а лагата основна политичка алатка.  


ГРАЃАНИ, ЖИВОТ, СЛОБОДА

Ние, дефинитивно и во многу аспекти, сме на последниот крстопат на поновата историја. Не дека другите досегашни не беа важни, но овој е изгледа судбински: ќе веруваме во моќта на граѓанинот и неговото право да одлучува за својата судбина или ќе се препуштиме на немоќта, „судбината“ и калкулациите на актуелните македонски политиканти од денешен сој? Сето тоа, и многу повеќе, се одлучи вчера во Охрид. А епилогот? И него ќе го видиме, бргу!      

Нам одамна ништо не ни значи што граѓанинот на Европа, и светот, отворено и бескомпромисно реагира на сѐ што е неправда, злосторство, кршење на човековите права… Додека „нашата“ Мираковска одглумува блуткава квазипатриотска драмолетка во Европскиот парламент, шведска пратеничка на истото место, во знак на солидарност со антивладините демонстрации во Иран предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, си ја сече косата за време на говорот. Нејзиниот курдски извик „Жени, живот, слобода“, станува лозунг и за француските филмски диви Џулиет Бинош, Изабел Ипер и Марион Котијар, здружени со неа во истиот чин.

Има ли кај нас некој да воскликне: граѓани, живот, слобода? Нема. Кај нас, во знак на протест против отворањето на „кралскиот“ фашистички клуб во Охрид, македонски (безимени) интелектуалци повикуваат тој срамен чин „Целосно да се игнорира… Не вреди да се троши време и енергија за таква провокација… Треба да ги оставиме основачите сами да покажат преку кои историски личности и преку кои „европски вредности“ планираат да градат добрососедски односи со нас…“, пренесува Блажевска во Дојче Веле.  Со таквото наше игнорирање ќе видела „(…) цела Европа дали тоа е соодветен начин за градење мостови… Ако антифашизмот е вграден во темелите и на ЕУ, некој ќе треба да ја праша Софија, каква порака се испраќа со глорифицирање на личност која ја приклучи Бугарија кон тројниот пакт во Втората светска војна…“, мудрувале инкогнито некакви македонски историчари и општественици.

Не, драги мои, Европа нема тоа да го види. Европа ќе види само толпа страшливи парталковци, квазиинтелектуалци, безимени подлизурковци и апаратчици кои не сакаат да ја обеспокојуваат власта дури ни со своите изјави, не пак со дела. Токму затоа ние одамна не сме дел од светот, ние светот не го разбираме, тој нас уште помалку. Нашето идно формално членство во Европската унија нема ништо да промени – ние, вакви, суштински не можеме да ѝ припаѓаме на Европа. Предалеку сме од европскиот слободарски дух. И впрочем, зошто ѝ се на Европа вакви евнуси и импотентни молци?

Оние пак атестирани кербери на власта кои се наводно посмели па ги потпишуваат своите „анализи“ повторно ќе нѐ прогласуваат за недемократи, со проблематично и насилно поведение, нецивилизирани балканци кои не ги разбираат европските вредности. (Борис III и европски вредности?) Иако, всушност, и тие се само тезгароши, како и „претседателот“ на бугарскиот клуб во Охрид! И во паузите ќе продолжат да нѐ замајуваат со Путин и Вучиќ само за да не ја видиме бедата на духот на нивните газди кои мислат дека нѐ водат. Каде? Во посветла европска иднина? Па ние одамна научивме да дишеме со половина капацитет, да не мислиме и да не чувствуваме, да преживуваме од трошки…, за што ни е таа „иднина“? Или таа „школа“ моравме да ја поминеме само за нив да има повеќе? Веројатно. 

Ние го гледаме светот од жабја перспектива, чудејќи му се на европскиот граѓанин на неговото самочувство, самопочит, борбеност и активизам за неговите права. Заборавивме што сето тоа значи. Не сакаме ни да го гледаме. А и зошто ни е? Нашето провинциско предградие на светот збиено во еден милион и седумстотини илјади полуживи исплашени души одвај живурка во оваа матна жабокречина, не пак да мисли за Махса Амини, за Џулиет Бинош, за „Граѓани, живот, слобода“… За нас се тоа одамна преголеми, недофатливи зборови. Дури и неразбирливи.

Ние, очигледно, од ден во ден, сѐ повеќе и во секој поглед, напредуваме на скалата на белосветската глупост, обезбедувајќи си примат што историјата долго ќе (ни) го памети. Не онаа „заедничката“, за којашто владините папагали и новите „демократи“ без предрасуди така упорно гракаа(т) подметнувајќи (ни) го и фашистот Михајлов во неа, а сега и овој Борис III, туку онаа идна, онаа што останува да ја (до)пишуваат некои поумни и покомпетентни од актуелниот властодржечки професорски „кадар“ и коекакви исторически комисии. А во таа идна историја неизоставно ќе бидат нотирани сите манифестации на македонската самоубиствена глупост – централни и странични, целата наша понизност и неукост, сиот наш молк за најважните, судбинските прашања. Таа некоја идна историја ќе нѐ потсети и дека „културните центри“ наречени со имињата на двата главни Хитлерови камаради на Балканите – еден среде Битола, вториот среде Охрид – имаше многу свои почетоци/претходници во изминативе пет години, на коишто ние, повторно заради нашата ноторна глупост и бедно подаништво, молчевме „како залиени“.

Следствено, и крајот се подготвува, ќе дојде бргу. Но и тогаш, како впрочем и во прологот и во средишниот дел, нештата во оваа современа драмолетка ќе поминат со неколку пцовки и колумни и со сведната глава, а малку подоцна и со громогласни аплаузи. Во Софија, но и во Скопје. Како впрочем и оние некогашните во Атина! Зошто ли на глупоста секогаш најгласно се аплаудира? И зошто ние молчиме кога другите аплаудираат? Дали во тоа е содржана суштината на македонскиот парадокс викан ЕУ интеграција?

И повторно, по којзнае кој пат, морам да се навратам на Хана Арент и нејзината мисла којашто како да е срочена токму за нас, денес и овде: „Никогаш нашата иднина не била толку непредвидлива, никогаш не сме зависеле толку многу од политичките сили на кои не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум и личниот интерес – сили што наликуваат на вистинско лудило“! Токму затоа и говорам за крајот што ќе дојде бргу и, судејќи според увертирите, нема да биде убав. Зашто, извинете но ние со ваквото однесување – и тука секако мислам на македонските актуелни политичари на кои „не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум“ – реално и не можеме да стасаме далеку. Нашиот (евроинтегративен) пат како да е послан со минско поле за коешто ние немаме соодветна мапа со решение. Или – не сакаме да ја имаме? Бидејќи, ако никој не го бара решението, ако сите молчат дури и на вакви навреди и провокации од страна на здружената македонско-бугарска политика, тогаш што?

На крајот, се разбира дека никој не очекуваше и од „госпожа“ Мираковска да си ја сече косата во Европскиот парламент, на наместо надвор да продава ефтина патетика и да пледира на некакво хипотетичко „разбирање и соработка“, можеше да ги праша европарламентарците како тие, како европски граѓани, гледаат на отворањето на најновиот клуб со името на првиот Хитлеров фашистички камарад од Бугарија викан Борис III, нели?


NOLITE TE BASTARDES CARBORUNDORUM

Измислената ала латинска фраза Nolite te bastardes carborundorum на нобеловката Маргарет Атвуд во „Приказната за робинката“, кога би била точна, отприлика би требала да значи: не давај им на копилињата да те сомелат. Оние кои го читале делото, или ја гледале тв серијата, знаат што сакала писателката да каже. Ние, секако, сме – за среќа – (сѐ уште) далеку од дистопискиот „Гилеад“. Сѐ уште сме во „меките“ режимски форми, или нефункционални демократии, како нагалено „крстени“ (но сеопфатни) современи автократии.

Но, фразата од насловот не е измислена само за спомнатиот роман и страотниот и некогаш можен апокалиптичен режим. Впрочем, целиот роман е мајсторски склопен мозаик од сегменти од постојни, тоталитарни режими што егзистираат во светот денес. Во многу нешта сите режими се исти, а и ние итекако се препознаваме во некои делови. И вистината е: конзервативните десни партии веќе не чукаат на „демократската“ врата на Европа. Тие се – внатре!

Следствено, уште поголема е обврската на прогресивните слободномислечки сили. Ако ги има, се разбира. Ние – ги немаме. Барем засега. Затоа и ни се случува ова што ни се случува: нѐ мелат. Ние сме „мелени“ безмалу три децении, а последниве деценија и половина и дополнително транширани (сега и во фамозната „француска обработка“!) низ решетата на властите, и едните и другите, и десните и левите, и конзервативните и „прогресивните“.

Кај нас ниту една политичка опција не е невина, уште помалку е „чиста“. Идеолошки, се разбира. Иако нашиве и не знаат што тој збор во самата суштина значи. А и не им е важно – тие се тука да заработуваат. Ја претворија државава во маркет за избрани, за „помазани“, нешто како оние специјални дипломатски продавници во времето на социјализмот, каде имаше луксузни стоки што ги немаше во обичните дуќанчиња. И таму не можеше секој да влезе. Денес, разликата е во тоа што во маркетот „Северна Македонија“ повластените – не плаќаат. Земаат и носат. А странските дипломати гледаат. И се чудат. Гледаме и ние, (с)мелените. И молчиме!

По втор пат за еден месец, дипломатскиот претставник на најмоќната држава на Западниот свет ни укажува на главниот проблем: „Недостига огромно парче во антикорупциската сложувалка во Северна Македонија. Земјата мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи кои овозможуваат цветање на корупцијата. Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи.“, вели  Ерик Мејер, в.д. амбасадор на САД во земјата. И продолжува дека државата мора да најде начин да ги скрши политичките мрежи кои што дозволуваат корупцијата да цвета односно дека „Мора да постои вистинска политичка волја да се запре ова“. А македонскиот премиер раскажува приказни во ОН!

И ова не е прв пат американски амбасадор точно да го лоцира „срцето“ на корупцијата и справувањето со неа: државата, олицетворена во власта. Денес оваа, вчера онаа. А македонската власт се прави мутава! И наглува. Ние, вели премиерот, конфликтите ги решавама мирно. Така е: стоката оди мирно на кланица! Или во мелница.

Но мутави – и глупави, да простите – се прават и САД и ЕУ, глумејќи дека само нивниот збор е доволен локалниве праматари да ја исклучат мелницата и да сопрат со ограбувањето на земјава. Не е, и нема да биде. И уште колку им треба да видат дека очекуваната „вистинска политичка волја да се запре ова“ – не постои. Постои само беспримерно безобразие, невидена алчност, неморал и криминал, простотилак и провинцијализам. И некој мора конечно нешто да превземе! А тие се – првата можна опција.

Инаку, фамозниот ни вицепремиер вели дека „Младите не треба да ги задржуваме, туку да им дадеме крилја“.] Малку му се оние 700.000 иселени, тој би сите да нѐ маане од тука и они на мира да ја черечат земјата. Ни треба ли поголема мелница од таа? И зошто, по ѓаволите, никој не говори за ова? И што мисли тој Битиќи, дали можеби случајно, неодамна, и Н.Е. Анке Холштајн, германска амбасадорка во земјава, ни укажа на неопходноста од „Добро образование, можности за обука за младите луѓе и понуди за работа за младите за да може да останат во земјата и сами да си ја создаваат иднината“, за потребата од професионална администрација, за продолжување на реформите…“ итн. Или тоа, во нашава антипросветителска фаза, би било дури контрапродуктивно на зацртаните цели на власта?   

Конечно, зошто на дежурниве аналитички политиканти им се поважни Украина и Русија, Бугарија и Србија (која, нели, одвај чека повторно да ја завледее „Јужната бановина“, а онаа првана демек нѐ брани!)… итн., но не и комплетната узурпација на демократијата во државава и криминалот и корупцијата како (веќе) суштинска државна препознатливост, постапната комплетна ретардација на македонската државна политика, аналфабетите на највисоките државни функции  и др.? Какво е тоа, ве молам, напредување кон ЕУ со ваква катастрофална состојба во државава и ваков полуписмен политикантски врв?

Македонските власти од ден во ден докажуваат дека не само што се неспособни да се носат со бројните комплексни проблеми во општеството/државата, туку тоа ниту сакаат да го прават. Профитот, криминалот и корупцијата се веќе второто име на земјата и тоа не може да не е очигледно и за дипломатскиот кор. Како и фактот дека граѓанинот овде е манипулативна потрошлива категорија, дури непотребна за ваков „систем“ и употреблива единствено како „храна“ за државните мелници. Поимот граѓанин кај нас не само што е предалеку од стандардот нарекуван „EU citizenship“, туку тој веќе не е компатибилен ни со балканските културни средини. Таков ли македонски граѓанин е достоен за Европа?

Не гледа ли дипломатскиот кор дека македонскиот граѓанин е задушен во железната партократска прегратка на позицијата и опозицијата, или дека се самозадушува бидејќи нема излез од катастрофичната реалност? Фамозната „критична маса“ за нас е утопија, а македонската пракса докажува дека нам не ни се заканува руска чизма или некаков „московски клуб на самоубијци“. Ние си имаме свој клуб овде, и на убијци и на самоубијци.      

За жал, очигледен е и фактот дека во моментов не постои (не само) политичка сила ни кај опозицијата за порадикален пресврт. Таа е неспособна за тоа. И еднакво неука, како и власта. Оттука, значи ли тоа дека САД и ЕУ ја оставаат земјава на милост и немилост на нејзините (само)убиствени нагони и садо-мазохистички апетити на АД „Друштво на мртвите политичари“? До кога ќе работи мелницата на демократијата, на човековите права, на социјалната држава, на културата, науката, образованието…? И што е оваа претстава со „скрининг процесот“? Вакви ли, голи и боси,понижени и засрамени, смалени и смелени, ѝ требаме на Европската унија?