Monthly Archives: January 2020

РЕЛАЦИИ

Што имаат заедничко судството и културата? Ништо, ама баш ништо, освен што се на исто дереџе – лошо. Ама сепак, една госпоѓа судијка која во најцрното време на злосторничкото здружение одседе години како судија во Стразбур, жалејќи се како никој не ја поканил на јавната расправа за законот за ЈО (sic!), не’ убедува дека „генерално, судството во Македонија не е така лошо“, и тоа бидејќи и Прибе кажал така (?). Тоа му доаѓа на исто како пуфлата, на пример, да не’ убедува дека состојбите во културата и не се така лоши зашто Прибе не ја ни спомнал културата во рамките на заробената држава! На судството му фалела претставителност, па и на културата и’ фали токму тоа. Иако им недостасуваат и многу други нешта, се разбира. Ама, ние како да не сакаме нормална држава, нели?!

Но, за несреќата на македонската култура да биде поголема, ако спроведете улична анкета за состојбите во судството ќе чуете се’ и сешто искажано со најпогрдни пцости и зборови, ама за културата ретко кој ќе каже нешто лошо. Ама, нели, судството и не ни е така лошо, само што имаме – лоши судии! Сето друго таму е – ок!? Во културата пак, никој и не пројавува желба или амбиција да каже нешто лошо или не дај боже да го менува ваквиот неодржлив државно-монополски систем. Исто како и во судството, каде дури и најавениот ветинг било лошо решение, вели госпоѓата. Исто како и во културата: не дај боже некој да спомне ревизија (програмска, финансиска, почитување на законите и сл.) во институциите од културата, особено националните. Или некој да ги растресе малку оние „директори“ кои ја држат фотелјата неколку (катастрофални) мандати врз основа на стекнатото право од дедо им. Или да им ги отвори фиоките како на оние во Врховниот суд? И тоа за госпоѓана и не било така лошо? Да ја спомнам пак пуфлата? Не.

Како ние умееме да ги камуфлираме и најцрните нешта. Цареви! А умееме и да фаќаме аналогии ала госпоѓата и Прибе. Нешто слично како што неодамна можевме да прочитаме дека е чудно како првиот македонски модерен роман – оној на Славко Јаневски насловен „Село зад седумте јасени“ – може да биде модерен а во насловот да го има зборот село!  (Ова колку за „Фондацијата Славко Јаневски“, којашто и понатаму ќе ја спомнувам, се надевам во позитивен контекст).

Бидејќи не знаеме за подобро, ние дури не се ни обидуваме да ги откриеме сите скриени вредности на културата како целина за општеството, па и на секој нејзин сегмент одделно. А ги има многу, и сите се податни за анализи. Во таа насока, на пример, релациите помеѓу културата и економијата. Меѓутоа, тоа нема кој да го (на)прави. Државниот монопол во културата едновремено е и, како што претходно кажав, монопол на вистината во културата, а монополистите, барем кај нас, се претежно полуписмени луѓе. Ним не можеш ништо да им објасниш, не па важноста на културата за општеството. Што е најсмешно, оваа држава којашто толку (божем) полага на развојот на економијата / бизнисот како движечка сила на државата, поим нема какви се’ економски потенцијали крие културата. Тоа светот го знае одамна, не само од времето на средновековната Фиренца, или во поново време Пекинг, на пример. Ама верува во онаа „перверзна“ (Бранимир Јовановиќ) констатација на ММФ дека македонските компании се најпрофитабилни во Европа? А може и да се? ММФ, чинам, не го зема предвид фактот дека целиот бизнис (или, ај да се поправам: поголемиот дел од него) во Македонија е – државно регулиран / контролиран бизнис, дека кај нас се’ уште функционира државната економија, дека во тој „славен“ бизнис најголем број фирми се човек-фирми … Па, следствено, зошто и да не се најпрофитабилни кога немаат никаков трошок, само – ќар?!

Но, од друга страна, во досегашниот контекст некој може – погрешно – да заклучи дека државата го држи монополот над културата заради некаква своја корист, заради којзнае какви бенефити или заради она познато „монопол над знаењето“. Ништо од ова кај нас не е во игра: сигурен сум дека државата / власта, која и да е’, не знае што со културата, а најмалку како би можела ПОЗИТИВНО да ја користи (освен, се разбира, во порано посочените, главно негативни примери на клиентелизам, корупција, криминал и слично!). Она што е интересно во нашиов случај со (безмалу) целосната монополизација на државата врз културата е и фактот дека ние во тој поглед можеме да „се мериме“ само со една Сирија, на пример, но никако со некоја европска држава. Иако, според достапните податоци, и во посочената Сирија процесите на демонополизација на културата се одамна во фокусот на интересот.[1] Се разбира, и кај нас процесот на монополизација – со фази на делумна демонополизација но и враќање на старото – се одвивал во неколку етапи, но тоа е тема за друга прилика.

Но, јас во случајов главно говорам монополизацијата којашто е целосно слепа, која не умее ни да ги препознава потенцијалите што културата ги нуди на оваа држава, па дури и на оваа економија – ако веќе се залажуваме дека сме некаква економски ориентирана држава. Особено дека „локалната“ култура може да биде еден важен сегмент во локалниот или регионалниот економски развој. А тоа бара посветени и просветени луѓе, умни и начитани, ај да не речам како фамилијата Медичи, на пример, зашто тие (сите) баш и не биле најпросветени, итн. Како, и кому, во оваа монополистичка култура вие ќе објасните дека во неолибералното доба културата игра „(…) витална улога во економското збогатување на градовите низ целиот свет“?[2] Но, Tretter потенцира еден друг збор, вели: нова економија. Ама ние не сакаме „нова економија“, ние сакаме – стара економија. Затоа, впрочем, сето тоа кај нас никого не го интересира, а најмалку двата најбитни фактори: државата и културата. Тие се себедоволни односно взаемнодоволни: културата си ја има државата за патрон, државата си ја има културата за слуга. Сите среќни и задоволни! Економијата – најзадоволна!!! И овој процес на валоризација на културата како битен економски фактор во градовите трае во светот уште од 1970тите години. Ајде што тогашните кај нас „комуњари“ немаа поим за тоа, ниту пак ги интересираше, ама овие економскиве и „бизнис ориентед“ демократи? Та нели они се’ знаат за бизнисот? Иако, сигурен сум, знаат, или барем слушнале, ама што фајда би имале тие од таквата државна / културна ориентација? Би дрпнале само трошки. А вака, со оваа државна економија, сиот профит оди кај нив! Или, кога говориме за демократијата во земјава, како тоа се вклопува во монополскиот систем на државата во културата? Или – тука не треба да има демократија? Како се идентификува, на пример, демократијата со забраните во културата? Ако државата си дозволува да биде врвен цензор не само во културата туку и во уметноста – на пример да препорачува за забрана еден филм – тогаш за која и каква култура можеме да говориме?

Но, зошто воопшто разглабам за економијата и културата, за демократизацијата контра монополизацијата во културата? Па токму затоа што ние, ако веќе се претставуваме како економски ориентирана демократска држава, треба да ги анимираме и овие страни на економијата, а особено на демократијата. Ама тоа не го правиме. Зошто? На тоа прашање треба други да одговорат. Во секој случај, сакам да кажам дека ако државта не умее да ја искористи културата ниту за некаков, каков-таков, економски развој барем на градовите ако не на целата држава, тогаш државата појма нема што има во рацете и што и како да прави со културата. И тоа е повеќе од евидентно! Затоа и прашањето: ако не знае што да прави со неа, зошто не ја ослободи, зошто не ја пушти од челичните прегратки во коишто ја држи од 1945 година наваму? И на тоа прашање треба некој друг да одговори.

[1] Види, на пример: Cécile Boëx (2011): The End of the State Monopoly over Culture: Toward the

Commodification of Cultural and Artistic Production, Middle East Critique, 20:2, 139-155

[2]  Tretter, Eliot. (2009). The Cultures of Capitalism: Glasgow and the Monopoly of Culture. Antipode. 41. 111 – 132. 10.1111/j.1467-8330.2008.00658.x.

МОНОПОЛОТ КАКО СИСТЕМСКА СУБВЕРЗИЈА

Не можете да се борите против која и да е’ негативна – да не речам субверзивна (иако тоа би бил можеби најдобриот израз) – појава ако не ги знаете изворите на нејзината „сила“ тоест причините за нејзиното опстојување. Секој отпор, секоја акција ќе ви биде залудна зашто, можеби, ќе биде насочена на сосема погрешна страна. Тоа е исто како со владиниве мерки за намалување на загадувањето: не ги решаваат главните, примарните извори на загадувањето туку се бават со ситнеж од типот на огревно дрво, автомобили и слични идиотштини! Плус, пуштаат коекаков полуписмен за проблемот функционер да блебета глупости и да ја замајуваат јавноста со времето кога тој, ете, бил без работа! И што треба ние тука да правиме, да седнеме и да плачеме заради него?

Во еден ваков контекст и професорот Малески посочува дека „триесет години ги имаме сите елементи од кои е составен еден демократски систем: партии, устав, закони, избори, државна администрација, а сепак, за успешна демократија, нешто важно недостасува“.[1] Не можете да одречете дека така поставената равенка ги содржи сите (или повеќето) неопходни елементи и има само една непозната: зошто? Зошто е тоа така, која е причината што, ако навистина ги имаме сите, или ајде – најважните, состојки за еден демократски систем (сепак правам разлика помеѓу демократски и успешен демократски; јас би се задоволил и само со – демократски!), ама го немаме конечниот, посакуваниот производ? Почитуваниот професор не се стеснува веднаш да го даде и одговорот којшто, соред него, ја решава равенката: вели дека го немаме „духот на законите“! И го образложува; „духот на законите е моралната посветеност на почитување на правилата на поведение, посветеност на вистината, на правдата (…)“. И сето тоа е веројатно така, односно јас не сум тој кој би можел да спори со неговата аргументација, ама мене сето тоа ми остава чувство и на лична вина, со којашто јас ама баш никако не се согласувам. Поточно, сметам дека јас, лично и персонално, воопшто немам вина во тоа немање на „духот на законите“. И сигурен сум дека такво чувство има огромно мнозинство одговорни граѓани на оваа држава. Ако некој треба да го споделува тоа чувство, ако некој е навистина одговорен за овие и вакви состојби, тогаш тоа е – политиката, оваа сегашна и онаа мината, особено онаа мината неспособна политика којашто не знаеше, не умееше, (не сакаше?) да ги детектира вистинските причини за македонското демократско фијаско, а меѓу нив и тоа викано „духот на законите“. Професорот Малески беше дел од таа политика, бев и јас, иако на едно скалило подолу. Тоа мора да (си) го признаеме. Дали, и колку направивме нештата да бидат појасни, „духот на законите“ сепак да биде почитуван, останува на другите да ценат!

Но, она што токму некои други мораа да го (про)ценат – независно од професорот Малески и мојата дребност – е фактот дека во овој македонски (повторувам: недефиниран, или крајно нејасно дефиниран) систем провејуваат премногу (квази)социјалистички атрибути коишто истиот го прават целосно дисфункционален, (Не само) културата е очебиен пример за тоа.

Што во самата суштина ја гуши културата, па следствено и македонската култура? Ја гуши, се разбира, оној „дух на законите“ за којшто пишува професорот односно моралната и професионалната деградација, непосветеноста на вистината, на правдата и слично, но – не само тоа. Дури, ако сакате, во културата (дел од) законите се почитуваат, повеќе или помалку. (Друго прашање е какви се тие закони!). Но, она што дефинитивно ја гуши речиси до смрт, е државниот монополот врз културата, или врз „вистината“ за културата, или, преведено: политичкиот и економскиот монопол на државата во културата! Сите други нешта (политизацијата односно партократијата, етнизацијата, неспособноста и непрофесионалноста итн.) се само нуспроизвод на овие два главни фактори. Или, ако сакате, системот во културата е така поставен, односно ОСТАВЕН, уште од времето на бивша Југославија и живурка еве веќе триесетина години (не сметајќи ги оние во времето на социјализмот!) и никој нема намера да го смени!

Можеме да ги разгледуваме секој монопол одделно, или двата заедно и нивните взаемни дополнувања или контрадикции, но секогаш ќе доаѓаме до ист резултат: она за што генерално го обвинувавме социјализмот, сепак го задржавме како главен адут и во „новиот“ систем зашто некому  – на власта, која и да е’ – му / и’ обезбедуваше / гарантираше целосна контрола врз тој општествен сегмент, во случајов врз културата. И тука нема равенка со непознати, тоа е – аксиом! Зашто, видете, ако во ваши раце е целата политичка власт (ок, можеби ја делите со коалициски партнери ама тоа не менува којзнае колку), плус ја имате целата економска контрола врз културата, тогаш … има ли друг можен крај освен – некултурна приказна? Политичката (пре)власт ви гарантира, вам или на коалицискиот партнер што ја „држи“ културата, целосна контрола врз културата во смисла на: основање или затворање на институции; именување на (партиски) директори; вработувања на партиски членови во институциите, симпатизери / пулени или нивни роднини и секакви други замисливи и незамисливи претумбации во институционалната култура за коишто никој не ќе може да ви приговори. А и да ви приговори – ништо не ви може, а тоа впрочем обично трае еден ден, до некој друг, нов скандал.

И понатаму, вториот монопол – економската (пре)власт ви гарантира комплетна контрола врз културниот буџет (плати, надоместоци, материјални и програмски трошоци и слично врз сите институции под државна „капа“) но и не само врз институциите туку и врз поединците (самостојни уметници) и невладиниот сектор, зашто и тие се на еден или на друг начин закачени на државниот буџет. Или, што би се рекло, државата / власта, која и да е’, има целосна и апсолутна контрола врз сите механизми во културата! Токму таа и таква апсолутна власт ја овозможи и заробената држава односно заробената култура во неа. Фактот што три години се прават напори таа и таква држава да се ослободи не значи дека се прават доволни или соодветни, како сакате, напори да се ослободи и културата. Или, ако баш сакате, еве ви го последниот пример со Фондацијата Славко Јаневски! Извинете, ама Фондација што се моли за пари кај градските, па и државните власти? Нешто невидено во европското поимање на културата. Па фондациите се токму она „нешто“ спротивставено на државата, на власта, токму она што велиме дека ни е неопходно во овој државен монопол!? Ама, нели, Македонија и …

[1] Денко Малески, Кој ќе биде следниот?, Inbox 7, 27/01/2020

СТЕКНАТИ ПРАВА

Во сета своја нефункционалност, малку наследена но и систематски надградувана и „иновирана“, македонската култура безмалу секојдневно доживува нови и нови шокови зашто системот никогаш не стои во едно место. Нефункционалната држава во од го моделира, модифицира, прилагодува на своите потреби, со несебична помош на самата култура. И тука речиси не можете да направите ништо! Системот едноставно одбива да се промени, сите монополи се во рацете на државата и таа всушност ги операционализира во своја полза сите (дури и евентуално прогресивните) „идеи“ и „насоки“ на развојот коишто, понатаму, во самата суштина, не’ вртат во маѓепсаниот круг на задржувањето на своите (наследени) права. Да, се надградуваат и правата на корисниците, ете како преку Колективниот договор, преку новата легислатива, но и тука се оди на мускули, само до извесна граница, до степен којшто не ги загрозува суштинските интереси на патронот – олицетворен во власта / државата – а тоа е: горе-долу тотална контрола врз системот односно, во случајот, врз културата, или, ако дојде до отстапки, тие понатаму, преку разни механизми, повторно ќе бидат „подржавени“ тоест во рацете на власта преку нејзини клиенти, „повереници“, „директори“ итн.! Да беше поинаку, зарем денес ќе говоревме на оваа тема?

Логично, се наметнува прашањето: можеше ли да биде поинаку? Се разбира, и тие тези / аргументи не еднаш биле јавно пласирани, особено за системски погрешно поставената култура во државата, за можните (европски) модели што треба да се следат, за стратегијата „чекор по чекор“ со што сепак не би се нарушиле и „правата“ на власта / државата, итн. Меѓутоа, сето тоа завршувало со комплетно фијаско односно игнорирање. Зашто, кој би се согласил доброволно да се откаже од своите монополи? Не можам да се сетам на таков пример низ историјата – освен можеби „самоиницираниот“ распад на СССР, иако примерот не е баш најсоодветен! – државата да се саморазвласти себеси, да си ги кастри стекнатите права во разумен континуитет и слично. Таквите примери, и да ги има, се многу, многу ретки.

Кај нас пак, со перманентната кризна состојба низ којашто поминува македонското општество. а на којашто состојба, велат, уште не сме го виделе дното, државата / власта ги води нештата во сосема обратна насока: наместо развластување и / или осовременување на културниот концепт и целосна демократизација со забрзано темпо на проевропски реформи, ние имаме дури обратен процес на поставување на културата како монета за поткусурување во политичките / меѓупартиските игри, како влог во којшто нема пардон, особено во меѓуетничките односи, што пак само по себе води кон нови културни парадокси и катастрофи! Сакам да кажам дека македонскиот културен организам денес е така етно-политички испарцелисан што дури и кога државата би сакала да постави некакви нови „правила на играта“ – како што тоа беше со спомнуваната Национална стратегија за развој на културата – тоа речиси би било невозможно. Особено тука, имено, влегуваат во игра таканаречените „стекнати права“ коишто де факто немаат врска со имотно-правните односи, а сепак – имаат. Имаат врска со стекнати права по основ на некакви тајни политички договори според коишто, на пример, одделни културни институции припаѓаат на една политичка партија тоест таа го добила „правото“ да поставува свој раководен кадар во неа, без оглед на неговата стручност и компетентност за тоа место. И никој нема право на приговор! Тоа пак, понатаму, се развива во „стекнато право“ на таа партија којашто таа ситуација ја користи во непрекинат континуитет од повеќе години, да не речам цела деценија, без оглед на резултатите. И повторно: никој нема право на приговор! Македонската култура познава десетици, ако не и повеќе такви примери кадешто овие стекнати права врз основ на некаков ступиден меѓупартиски договори буквално упропастувале цели институции. А тие „стекнати права“ се веќе јавна тајна, заради нив на одамна формализираните конкурси не се јавува речиси никој (освен „претплатникот“) а најмалку стручни луѓе од друга етничка припадност, институциите не само што целосно се партизираат туку и се етнизираат, многу често заради таквите „кадри“ институциите не само што стагнираат туку назадуваат, итн. Македонските примери во оваа насока веќе преминуваат во хронична болест но, изгледа, што е поналудничаво, да не речам лудо, толку општеството побргу ги прифаќа таквите состојби. Кај нас стекнатите права значат дека одделни партиски пулени можат да залегнат по неколку мандати во една институција, да ја упропастуваат „долж и попреку“, а јавноста да ракоплеска, државата дури и да наградува, медиумите да објавуваат „интервјуа“ во коишто де факто целата ситуација ја гледате соголена ама никого тоа не го допира и никој ни на тоа не реагира … Мамини и татини синови и ќерки, партиски пајташи и миленичиња, нивни роднини и блиски, врз основа на стекнатите права господарат со македонската култура! Такво нешто нема, ниту пак имало во нормалните европски демократии.

Паралелно со ваквата окупација на институциите, особено виталните – националните, слични процеси се случуваа(т) и во државниот орган надлежен за работите во културата. Таму на бранови се случуваат етно-партиски опсади, во континуитет со промените на челните позиции. Заради тоа, денес таму имате се’ друго освен стручен кадар кој би ги сервисирал културните политики. (За среќа, ни нив – културните политики – ги нема, така што тие и немаат којзнае што да работат!). Едновремено, таму одамна до совршеност функцинира највисокиот можен вид на клиентелизам наречен „политички монопол“: немериторно државно вработување за глас на избори!

Ваквите „стекнати права“ понатаму се инсталираат и во распределбата на културниот буџет и на годишните конкурси за финансирање на културата, каде во континуитет од безмалу две децении гледате исти имиња – претплатници на субвенции од државата, независно од постигнатите резултати кои најчесто се не-резултати! Отсуството на критиката односно нејзината намерна елиминација од македонската културна сцена само дополнително го стимулира, дури охрабрува овој посебен тип на киентелизам и абонаментност во културата. Дури и во областите кадешто сепак функционира јавната критичка мисла, како на пример во филмот, гледате дека нештата воопшто не се менуваат а традиционалните клиенти секоја година по неколку пати се редат во редот за субвенции. Или, ако сакате, ние дури и после три години од смената на власта немаме детална анализа на потрошените пари не само во филмот туку и во културата во целост, на оправданоста на висината на добиените средства, нивната операционализација и краен ефект / резултат, итн.

Оттука, се’ дури кај нас господарат таинствени (или премолчани) меѓупартиски договори за поделба на „сфери на интерес“ во културата, се’ дури културната но и другата јавност тоа го прифаќа како нормално односно како дадена непроменлива константа, се’ додека системската дисфункционалност (ќе) се оправдува со неопходноста од „правична застапеност“, македонската култура ќе тоне. Ќе тоне длабоко, многу длабоко, немерливо ќе пропаѓа во мочуриштето на неуките, неспособните, нестручните и некомпетентните. Она без што македонската култура навистина не може се нови модели на функционирање и „стручна застапеност“, „компетентна застапеност“ којашто барем делумно ќе регулира некои наследени неодржливи ситуации.

НЕМЕНЛИВО ВРЕМЕ

Комплетната клиентелистичка окупација на македонската култура – но и на целото општество, се разбира, зашто не можете во такви „операции“ да влегувате сегментарно – беше брутална и беспоштедна. Одеше на стратегијата „ако не си со нас тогаш си против нас“ – крајно перфидна и гнасна игра во една култура којашто одвај стоеше на нозе, со веќе разнебитена кадровска структура, со очајни плати … што ќе рече: потенцијални клиенти на сите страни. А таквите, се разбира, лесно се купуваат! Иако, за волја на вистината, во почетокот главните клиенти беа од културното подземје – самопрогласени уметници (со жив пример во „Скопје 2014“), третокласни актери, разноразни пискарала (од писателската и новинарската фела), филмски режисери со два грама школо и уште понеписмени продуценти … Сета таа багра беше промовирана во прв ешалон на македонската култура, опсипана со пари, нарачки и награди, заседната во сите комисии и одбори каде се одлучуваше за важни прашања и – за пари, нормално. Само за две години, во неколку чекори културата беше буквално поробена, како во неа никогаш и да немало слободен дух! Таков клиентелизам мислам дека немало ни во онаа Германија, и таму требало подолго време.

Но, кога нема отпор, кога сите веднат глава или дури отворено се нудат за клиенти на власта, тогаш окупацијата оди со уште побрзо темпо. А тогаш се отвораат сите вентили и апетити, и на власта и на клиентелата, се смислуваат матрици на дејствување, „проекти“, тендери … И секоја будалаштина на власта поминуваше мазно, без реакција на политичката или културната, научната, која и да е’ опозиција, а со силна поддршка на клиентите, се разбира, обезбедена со широка „политичка“ поткрепа и од коалициските криминални партии – оние кои денес заборавија каде беа и што правеа, ама сега делат ум и демократија. Но, велат, такво беше времето, и де факто тоа беше една од најчесто слушаните реплики, кажувани главно со половина глас за да не слушне патронот, „газдата“, и да не ги укине бенефициите. Целото „културно“ опкружување во Македонија беше еден голем истомислечки – или еднонасочно мислечки – камп во којшто главен капо (во културата, се разбира) беше пуфлата со нејзината банда викана Министерство за култура, одговорна директно пред малото „фирерче“, онаа мизерна побегуља некадарна да се соочи со сопствените злосторства.

Точно, некој може да забележи дека кампот за којшто говорам е отворена алузија на некои слични состојби од далечното мрачно европско минато. И не го правам тоа случајно, зашто паралелно со клиентелизмот како главна тема (и) на овој текст, во Македонија владееше и стравот од „долгата рака“ на криминалната власт. И тоа е сосема разбирливо зашто тие две нешта, барем на Балканите, одат рака под рака. Дури и не знаете што преовладува, едното или другото. Но, кај нас денес има тенденција овие нешта намерно да се мешаат, клиентелата да ја претставува сопствената лукративна поддршка на власта со божемниот страв од одмазда или реваншизам. Но тоа не беше така, тоа го знаат сите кои во тоа време работеа во македонската култура. Стравот беше левата рака на режимот, ама клиентите беа десната! А двете раце беа одлично синхронизирани во оствараувањето на плановите на криминалците. Затоа и така одлесно поминуваа и сите клиентелистички „проекти“ на бандата, иако денес веќе никој не ги спомнува. Се обидуваат да го релативизираат дури и „Скопје 2014“ односно некои негови „придобивки“ секакви „стручњаци“ веќе ги крстат „уметн ички дела“ (sic!). Резил. Македонската културна „интелигенција“ (сака да) ги заборави музеите – и не само музиете! – полни со ѓубре коешто пулените на режимот ни го подметнаа како уметност, (сака да) ја заборави дванаесетгодишната негативна кадровска селекција во културата, (сака да) го заборави дванаесетгодишното одработување за режимот на цела една директорска гарнитура (дел од нив се’ уште на истите позиции!), (сака да) го заборави молкот и веднењето глава пред таа некултурна банда ништожници … Ние немаме смелост, ни доблест да ги наредиме сите поименично на еден ѕид на срамот, за да не се заборави тоа време. Зошто?

Затоа што знае(в)ме дека тоа и такво време е наша константа, дека тоа време не се менува туку само се – модифицира. Знае(в)ме дека сега доаѓа друга гарнитура клиенти којашто, подучена од минатото, нештата сепак ќе ги прави пософистицирано, но ќе ги прави. Или, ако сакате, интересно е прашањето: постои ли софистициран клиентелизам? Постои, се разбира, повторно го имаме секаде околу нас, ама е умешно маскиран и навидум невидлив. Невидлив е за голо око, што ќе рече за пошироката јавност којашто и нема којзнае каков увид, ама оние кои се „во приказната“ го гледаат, го гледаат секој ден. Инаку, зошто, на пример, замолчеа повеќето од оние (иако малкумина) критичари на клиентелизмот и гнасотиите на бившиот режим? Па некои ги вработија, на некои им ги вработија жените, или некој друг од семејството … клиентелистичката приказна кај нас е бескрајна! Во такви случаи, дури и несвесно, почнува да функционира автоцензурата – најубиствената антидемократска „алатка“, особено стимулирана од клиентелизмот. „И тоа е одличен метод за сојузништво со власта и поставувањето на сцената за взаемна размена на придобивки“, вели Аи Веивеи.[1] И сето тоа некогаш изгледа наивно, невино – па нели сите имаат право на работа? – ама тоа е почетокот на клиентелизмот зашто првиот акт на покорност кон власта со цел да се добијат мали задоволства можеби изгледа минорен, но придвижува општествена лавина. И навистина сите имаат право на работа / вработување, на други општествени „бенефити“ или дури привилегии, ама кај нас клиентелизмот подметнува кукавички јајца, ги инфилтрира во системот оние други „отрови“: неукоста, неспособноста, несоодветни луѓе на одговорни места, итн. Тоа се долгорочните убиствени реперкусии од таквиот „софистициран“ клиентелизам, го признавале ние тоа или не! Кога кон тоа ќе го додадете „кремот“ на системот – етнопаритетот маскиран како „правична застапеност“ – добивате тотално нефункционална култура.

[1] Ai Weiwei, How Censorship Works, The New York Times, 6 мај 2017

МАКЕДОНСКИОТ ПРИДОНЕС ВО ИСТОРИЈАТА НА КЛИЕНТЕЛИЗМОТ

Кои се, каде се границите на клиентелизмот? Ги нема, тој е практично – неуништлив. Или, не е баш така? Не е, се разбира, ама и тоа, како и се’ друго, зависи од степенот на демократизацијата на општеството, од личниот / општиот морал, од казните, се разбира … од многу елементи коишто мораат во од да се решеваат зашто овој многуглав монструм е како корона вирусот: мутира, се трансформира во миг, дури да трепнеш. Следствено, дали битките контра клиентелизмот (објективно) можат да се добијат? Ако кажам не, ќе се каам зашто ширам песимизам, дефетизам, можеби и параноја; ако кажам да, ќе си префрлам себеси дека одлесно прогнозирам, дека немам аргументи за тврдењето, дека повладувам на јавното мислење … За жал, светот нема лек контра клиентелизмот!

Штом тој е вгнезден во највисоките врвови на политиката, културата, уметноста, науката … штом е така дизајниран што веќе тешко и се препознава, тогаш иднината не е оптимистичка. Почитуваниот Бошко Нацевски, врз парадоксалниот „случај“ на негацијата на македонскиот јазик посочува неколку извонредни примери од редот на лингвистичката наука (Лихачов, Јухас, Тот …) токму на клиентелизам во највисоките врвови на науката и нејзините лукративни спреги со високата политика, во случајов источнососедната![1] И тоа е можеби најгрубата, најодвратната, најпрезрената страна на клиентелизмот: неговото ставање во функција на државни „политики“ контра цели народи, а заради материјална добивка! Но, клиентелизмот е еднакво гнасен и кога е упатен контра една личност, кога клиентот прифаќа да работи на уништувањето на човечки судбини, кариери, морал … живот.

А Македонија, таа Македонија којашто ја спомнав (и) минатиот пат – онаа „држава“ на криминалецон од Будимпешта, неговото злосторничко здружение и нивната заробена држава – беа олицетворение на клиентелизмот од сите „бои“, беа мајстори на „занаетот“, „доктори на науки“ во светски рамки за прашањата како клиентелистички да се „врзе“ безмалу цела нација, како да се понижи / уништи човекот и неговото „јас“, како да се придобие како алатка во политичката пропаганда и борбата за гласови. Зашто, конечно, се’ во клиентелизмот се сведува на тоа: како да се добие глас повеќе, како повторно да се добие власта во една држава (општина, град). И тука нема пардон, се оди со најниски удари, се користи сиот можен арсенал што е на располагање, се користат слабите страни на клиентот – ако не се знаат, ќе се откријат – се манипулира со кариери, вработувања, пари, семејство и роднини … Главен адут, барем кај нас, беше општата сиромаштија којашто буквално е карта за во пеколот: кога работите за 300 евра месечно, се’ е возможно! А кога тоа го знае „газдата“ кој намерно ве држи на тие 300 евра, тогаш и невозможното станува возможно. Особено ако имате семејство, ако сте слаб карактер – па и да не сте! – ако низ главата ви се врти некаква во реалноста недофатлива амбиција, ако ова, ако она … Клиентелизмот никогаш не спие, особено клиентелизмот на она проклето злосторничко здружение кое ја зацрни државава.

Не знам со какви чувства треба денес да се обраќаме кон она мнозинство клиенти на тогашниот режим, дали да ги третираме како жртви на клиентелизмот кои тоа, едноставно, мораа да го прифатат? Не сум сигурен, не знам и на крај памет не ми е да изигрувам обвинител и / или судија, ама според примерите кои лично ги знам, чувствата може да бидат амбивалентни. За жал, ние до денес ни тоа не го расчистивме. Да, знам дека поимот „жртва“ можеби не е соодветен во случајов зашто сите „жртви“ на коишто јас мислам добивале некаква компензација, ама сепак сакам да верувам – и ова го потенцирам: сакам да верувам – дека многумина биле турнати во клиентелизмот заради егзистенцијални причини. Но тоа, се разбира, не можам и нема да го кажам за многумина други, а како еден од многуте и за оној т.н. „алуминиумски“ сликар кому во времето на пуфлата и криминалецот и нивната банда цела држава му откупуваше слики (на пример, доверливи извори велат дека само МНТ му откупила десетина слики!), му се издаваа книги, имаше по три-четири изложби годишно … „госпожата“ му ја направија професор на ФЛУ … За возврат, тој ја раскина устата од пропаганда во полза на режимот, го прогласуваше она малоно смешно диктаторче за мецена на македонската култура и уметност, ја ширеше „идеологијата“ на кражбата и насилството. А такви ги имаше премногу (не само) во македонската култура, тоа не беше само еден изолиран пример на купување на човечки души, на манипулирање на системот со луѓето – во случајов со, за жал, одличен уметник – и со користењето на државни ресурси за политички цели, што е една од најизразените клиентелистички методи. Сетете се само на оној клиентелистички „протест“ на сите директори на културните институции и нивните пајташи против тогашната опозиција! Или (не така одамна) на „тврдокорните“!!! Груевистичкиот клиентелизам беше разорен механизам за Македонија, за македонската култура, за македонската интелигенција (што и да се подразбира под тој магловит поим).

Се разбира, секој паметен денес, дури и пред културата, би посочил прво на македонскиот правосуден систем, на актулените состојби во него и сите реперкусии од тие состојби што ги трпи целата држава. Такво нешто веројатно (барем во понова Европа) било регистрирано само во нацистичка Германија во периодот 1933 – 1945 година. Но, да речеме дека правосудството е грижа на некои постручни во областа од мене. Заради тоа се држам до културата, но и не само заради тоа. Во неа, во културата, особено ако сте „внатре“, сите нешта се видливи. Со голо око, ништо не можете да сокриете. Ене ви го, по којзнае кој пат, „Скопје 2014“! Тоа чудовиште е типичен производ на клиентелизмот, на злоупотребите на политиката во културата / уметноста, на купувањето на луѓе – не сите баш уметници – на манипулациите со државни ресурси … Тоа е една огромна пералница на пари и на човечки суети. „Скопје 2014“ е изградено токму од типични клиенти, клиент до клиент, сите до еден. И сите си ја одработија работата како што треба: сите топтан беа такви пропагатори на заробената држава и злосторничкото здружение – инаку одлично платени, со наши пари, се разбира, а не со меценатство како што тврдеше „алуминиумскиот“ сликар! – што мислам дека ако тој „систем“ опстанеше подолго, ќе добиеа и по некој орден (и тој платен од наши пари). За заслуги за партијата, се разбира. Само тој политикантски монструм ги чинеше граѓаниве повеќе од 800 милиони евра – дел сместени во џебовите на клиентите и нивните патрони, дел фрлени во ветар зашто тоа што го оставија не вреди ни скршена пара. А не беше само тоа. Клиентелизмот на злосторничкото здружение достигнуваше несфатливи димензии и невидени дотогаш модификации. Во тогашната „(квази)културна операција“ наречена антиквизација беше вклучено комплетното Министерство за култура и, тврдам, повеќе од 90% од македонската култура. Процентот што го наведувам е, се разбира, произволен, но е толкав зашто во него ги вклучувам и молчаливците! И тоа, според мене, е вид на специфичен но еднакво опасен клиентелизам! (Минатиот пат спомнатиот Аи Веивеи ги нарекува „самозамолчено мнозинство“). Зашто, пасивната позиција кон власта, молкот и веднењето глава во заробени држави значи спокоен и удобен живот! И тоа е една од картите на којашто игра клиентелизмот и авторитарните власти.

Или, ако сакате, дури и да не беше она „Скопје 2014“, ние ќе бевме светски шампиони во клиентелизмот во културата. Зашто, неуморните клиентелистичко-криминално насочени умови на тогашните перјаници на власта смислуваа илјада и еден начин како да ги искористат културата и уметноста за своите цели, за јавна пропаганда на нивните „успеси“, како да купат повеќе следбеници и мегафони … како да украдат повеќе пари. И во тоа име беа смислувани и промовирани сите нивни културни „акции“: од романтично-националистички филмови до километри томови „книги“, од откупи на „дела“ до организирање „изложби“ на клиентелата, од гостувања во странство до манифестации дома, од национални пензии до „амбасадори“ на културата. Нема сегмент којшто не беше опфатен: една комплетна клиентелизација на културата!

[1] Бошко Нацевски, Наука и валкана политика, Слободен печат, стр. 7, 24 јануари 2020

 

ПАРАДОКСИТЕ НА КЛИЕНТЕЛИЗМОТ

Клиентелизмот не е ни така наивен или безопасен, ниту е пак така лесно победлив. Тој е кариес што разјадува, канцер што метастазира и ништи се’ околу себе. И се шири со необјаснива и несопирилива брзина. Затоа и велам дека не е така лесно победлив, што впрочем се докажува и со неговата долга историја на овој простор, особено во културата. На пример, оние дисиденти во некогашна Југославија, особено во областа на културата, не беа случајни. Тоа беа луѓе кои едноставно не сакаат да ја веднат главата пред клиентелистичкиот систем во културата, пред владеењето на медиокритетите и неспособните, не умееа да бидат исти како другите зашто им беше важно нивното творештво. Заради тоа бараа творечко засолниште во европските земји. Такви беа, на пример, сликарите од „Задарската група“ (викани уште и „комунари“), писателите Данило Киш и Антоние Исаковиќ, сликарот Владимир Величковиќ, режисерот Александар Петровиќ … такви беа Солженицин, Сахаров, Кундера и Хавел … таков е денес кинескиот уметник Аи Веивеи и стотици други од авторитарните системи, расеани ширум светот. Тоа е еден од парадоксите на клиентелизмот: си го брка најдоброто од културата / уметноста! Овој парадокс кај нас не беше распространет, ни во некогашна Југославија, ниту денес. Барем не во културата и уметноста, и за тоа има соодветно рационално образложение. Но за тоа – во некоја друга прилика! Ама затоа го има „на големо“ во сите други области! Иако тоа, главно, се објаснува со сосема други причини.

Односот држава – култура од времето на таа Југославија, (иако и таму подоцна имаше сериозни разлики во третманот), до денес, кај нас остана речиси ист: државата е единствениот газда во културата, во нејзини раце се и инфраструктурата, и буџетот и одговорните за распределба на средствата. Се’ што се случува во културата кај нас се случува, повеќе или помалку, благодарејќи на државата. И едновремено: се’ што не се случува во културата кај нас, не се случува благодарејќи на државата! Ја приметувате разликата, онаа дека во првиот случај стои „повеќе или помалку“, а во вториот случај тоа – го нема? Зошто? Затоа што во македонската култура, инцидентно, се случува да се појави и некој добронамерник кој ќе препознае вредност, квалитети, потенцијал … како во случајот со „Медена земја“, на пример … и ќе обезбеди интервентни средства да се „случи култура“. За жал, тие примери се многу малку, не знам дали ги имаме еден-два во годината. И тоа е уште еден парадокс на клиентелизмот: наместо да бара странски инвестиции и во културата, особено во ликот на бројните (европски и светски) културни / уметнички фондации, со што би го подигнала генералното ниво во културата и уметноста а едновремено би „олабавила“ дел од сопствениот културен буџет, државата прави се’ да ги одбие ваквите „интервенции“ во културата! Што преку незаинтересираност и незнаење, што пак преку отворени сопки.

Понатаму, веќе спомнатиот Kitschelt вели дека клиентелизмот „вклучува реципроцитет и волунтаризам, но исто така и експлоатација и доминација“. Да, знам, некој ќе праша: ма каква експлоатација? Еве пример: што друго беше онаа „акција“ на пуфлата и нејзината банда за редење скулптури низ централното градско подрачје, при што уметниците добиваа еднократна „награда“ крстена хонорар од 500 евра? Не дека тоа беа некој уметници, уште помалку некои дела, ама хонорар од 500 евра за тоа? Ако тоа не е експлоатација, не знам што е’! Едновремено, ни пуфлата ниту пак некој од нејзината банда – а ја имаше, богами, во неограничени количини – во тоа време не креваа ни пенкало за тие пари. Нивните услуги и „работа“ се плаќаа со суво злато! Или, ако баш сакате, што е ова сега со „Медена земја“ ако не целосна и бескрупулозна општествена експлоатација на нивниот труд и знаење, при што сите одеднаш станаа заслужни за нивниот успех? И се намерачиле да го споделат. Среќа во несреќата е што државата, во случајов, има сосема мал удел во филмот па изгледа на „надлежните“ им е некако срам потврдо да нагазат на гас, инаку ќе гледавме вистински циркус!

И вториот аспект што го спомнува Kitschelt (Herbert Kitschelt е професор по меѓународни односи на Универзитетот „Duke“ во Северна Каролина, САД) е доминацијата – можеби самата суштина на клиентелизмот, нешто што сите толку добро го запозанавме низ годиниве на независност и самостојност. Ова со годиниве на независност и самостојност го велам од причини што минатиот систем, оној во некогашна Југославија, сепак работите во клиентелизмот ги изведуваше поелегантно, камуфлирано, да не речам софистицирано!. Ние овде работиме се’ како со секира. И не ни е гајле што јавноста гледа и слуша, што се гнаси од постапките на политиката кон културата, и обратно, што изгуби верба и во уметници / уметност и во култура. (Токму затоа уште понелагодно е чувството кога гледате и слушате што се случува околу „Медена земја“ и како се плетат игрите на доминација околу младите автори на филмот!). Инаку, неколку пријатели ме потсетуваат на историските врски на културата / уметноста со политиката, речиси од памтивека. И тоа е точно така, веројатно уште од времето на Перикле и Иктинос, Каликратес и Фидија, преку Микеланѓело и Леонардо и нивните врски со дворот на семејството Медичи па, ако сакате, до „патронството“ на Гертруда Штајн на Пикасо … до неодамнешниот најцрн период во македонската култура во времето на „заробената држава“. И секаде и секогаш, отворено или подзатскриено, станувало збор (и) за варијанти на доминација на власта / политиката над културата и уметноста. Отворено е само прашањето на степенот на инволвираност на двете страни, на „длабочината“ на односот, на опсегот на безобразлукот на власта, на дијапазонот на практицирањето на доминацијата.

Во овој и ваков (клиентелистички) однос некои се обидуваат дури да видат „морална норма на реципроцитет“ (Gouldner), или да расправаат за „патрон-клиент врска“ (Scott), но укажуваат и на можниот страв дека бенефициите ќе престанат, итн. Се’ се тоа скриените лица (но и парадокси) на клиентелизмот, којшто во современите општества добива нови и нови димензии.

И тука, нашиот придонес, поточно придонесот на оној избеган криминалец, е особен во описот и пописот на финесите на клиентелистички „зделки“, што слободно можат да се предаваат на сите универзитети во светот.

КЛИЕНТЕЛИЗАМ

Меѓу оние со децении таложени „отрови“ во организмот на македонската култура – неукост, нестручност, партизација, клиентелизам, криминал … и многу други убиствени отрови – не е лесно да се избере најсилниот, најефикасниот. Секој за себе е опасен, потенцијално терминален, а кај нас тие делуваа(т) здружено, како современ разорен коктел отрови. И тој има интересни и последователни дејства: прво предизвикува еуфорија, потоа парализира, за на крајот тотално да го умртви кревкото тело на културата (или кое и да е’ друго) со постојана потенцијална закана да предизвика целосен колапс. Отровот е така балансиран што има и редица други потешко видливи ефекти – на пример целосна заспаност на телото, апатија, нефункционалност … – заради што и нема превентива, а нема ни лек! Се разбира, тој е „дизајниран“ за општества / држави како нашата и за народ како нашиот. Не делува секаде!

Меѓу сите наведени „отрови“ сум пишувал за повеќето, но се чини дека клиентелизмот како современ и особено популарен кај нас отров некако содржи елементи и од другите и е безмалу главна состојка во отрови за ваков тип општества. И тој не е лесно препознатлив во помали дози, ама кај нас, како и загадувањето, веќе ги пробива сите познати / дозволени плафони.

Помеѓу сите дефиниции за клиентелизмот, можеби најилустративната е онаа позната латинска изрека: quid pro quo! Таа не само што во три збора ги обединува сите други дефиниции, туку појаснува и дека не е некоја современа, нова измислица туку дека труе уште од времето на првите цивилизации. Што е и логично, иако во многу помала мера отколку денес. Како што впрочем порано немало ни трговија со отпад па тој тип загадување го сметаме за современ „изум“. Но, quid pro quo – најточно преведено како „јас тебе, ти мене“ – постоело во сите историски општества, во секакви ситуации, дури и во најригидните робовладетелски „системи“ каде целата власт била концентрирана во две раце. Но, оваа ситуација, денес современо наречена клиентелизам, особено цути во автократските режими, подеднакво и во демократските. Со извесни нијанси, нели. Која, или што би била основната цел на клиентелизмот? Да обезбеди „размена на добра и услуги“ помеѓу политиката и сите останати! А тие „добра и услуги“ можат да биде се’ што е од интерес на двете страни – политиката и граѓаните, на пример, или политиката и други интересни групи, итн. – што ќе рече дека акцентот е ставен на зборот размена! И се разменува се’ и сешто: од гласови на избори за вреќа брашно и кутија зејтин, преку државни награди и национални пензии како компензација за отворена политичка поддршка и лобирање до (не само) кај нас незамисливи парични износи на име на се’ и сешто (стипендии, субвенции, тендери, проекти итн.) за пошироки услуги во политиката. Современите општества измислиле сто и еден начин – кажано крајно фигуративно, зашто начините веројатно не можат да се добројат – за овој вид „размена“. Велам размена зашто без оглед на сите измислени начини и поими како негова замена, таа „операција“ сепак се сведува на тоа: најпроста, или најпростачка, ако сакате, размена на услуги, влијанија, поддршка, пари …

Клиентелизмот во суштина подразбира „однос“ помеѓу двајца: патрон и клиент. Низ вековите тие се нарекувале различно: господар и роб, феудалец и крепосен селанец, работник и газда …, но секогаш е иста нивната меѓусебна интер-релација односно двајцата (најчесто) своеволно влегуваат во „играта“ (иако, историски гледано, подредената страна баш и немала којзнае каков избор!). Денес, во современите општества, клиентелизмот е веќе развиена гранка, со изгазени / познати главни и споредни патеки и по правило се врзува за политиката, па следствено патронот секогаш е еден ист – оној кој бара политичка подршка, а за возврат нуди разни услуги, додека клиентот е по правило различен, разнолик: од поединец до група, од стручно здружение до етникум итн. Она што е константа е – размената, и тука веќе можеме да говориме за слободна односно доброволна размена! Зашто, клиентот не може – или може многу ретко – да биде присилен на размена којашто во принцип не ја сака. Велам може многу ретко, ама тоа се именува поинаку, најчесто како уцена, ако патронот има со што да го уценува клиентот, но тоа е веќе друг вид на однос. Се разбира, зборот клиентелизам звучи грубо, грдо, непопуларно, па не само главните актери туку и науката често измислува некакви поблаги изрази за овој однос, на пример „инструментализирано пријателство“ (James Scott), или „патронство“ и „врска гласач-партија“ (Kitschelt и Wilkinson), итн. Се разбира, клиентелизмот има уште многу финеси кои не се сега во фокусот на вниманието на овој текст, но треба особено да се потенцира уште една константа во нашиот случај на клиентелизам помеѓу политиката и културата: по правило овде станува збор за однос помеѓу државната (локалната) власт и втора (заинтересирана) страна, при што во сите случаи се трошат државни ресурси (во разни облици)!

Или, ако сакате, последните ги податоците за перцепцијата на корупцијата во државава во оваа година не’ рангира на 106 место!!! А корупцијата и клиентелизмот се брат и сестра!

Уште еден, многу битен за нас аспект за толкавата функционалност на клиентелизмот помеѓу државата и културата е фактот што државата држи целосен – или, ајде, речиси целосен – монопол во културата, така што културата, практично, нема друг излез освен да се „пазари“ (каков деминутив!) со државата! Во некои поразвиени демократии, некој на моето место не би се премислувал многу за да каже дека во нашиот случај станува збор дури и за „блага“ уцена од страна на политиката кон културата. Но, кај нас тоа може да предизвика редица отворени недоразбирања, и реакции, па така ова нека остане inter nos, некажано.

Како и да е’, ако треба исторски да го лоцираме клиентелизмот кај нас, особено политичкиот, тогаш би требале да копаме длабоко во минатото, уште во социјализмот. Сосема идентичен е случајот и за клиентелистичкиот однос помеѓу државата и културата. Социјалистичката држава беше alma mater за овие „односи“. Па следствено, тоа се преслика и во новата држава, во новиот (неименуван) систем. Зошто? Прво, културата немаше забелешки на тој однос зашто главни и во „новата култура“ беа старите кадри од социјализмот на кои целосно им одговараше таквата меѓусебна љубовна „размена“. Малкумина од тие кадри имаа доблест и интегритет да предложат нови односи, навистина нова култура и културна политика која што можеби немаше да го збрише клиентелизмот ама ќе му ги поткастреше ноктите, ако не и дланките. Ќе се бараа нови начини на поправична распределба, на функционално финансирање, на квалитет наспроти квантитет, на непартиска култура итн. Меѓутоа, тоа никому не му одговараше! Не и’ одговараше на „државата“ олицетворена во партиите на власт коишто точно знаеа што (ќе) значи нивното развластување во културата, не и’ одговараше ниту на културата односно на самопрогласените нејзини челници (особено во т.н. творечки сфери – писатели, уметници, актери итн.) кои едноставно не можеа да си го замислат животот без топлината на односот држава – култура. За жал, врвните македонски институции, особено МАНУ и Универзитетот, во овој поглед беа тотално неуки, неписмени и незаинтересирани, така што тоа на власта и’ беше добредојдено. А ако се сеќавате на составот на првата македонска Влада во независнава држава – со простак за премиер и културно неук човек за министер за култура – тогаш е јасно зошто социјалистичкиот дух (и) во културата продолжи во недоглед, се’ до денес!

(САМО)УНИШТУВАЧКО-МАЗОХИСТИЧКА ЖИЧКА

Мојот лаички „медицински“ речник може некому да му предизвика лоши асоцијации, иако „болеста“ на организмот наречен македонска култура не е нималку наивна и лесна. Во тој организам се таложеле децениски „отрови“ од најлош вид: неукост, нестручност, партизација, клиентелизам, криминал … и тие отрови непречено се ширеле низ чувствителните органи до степенот на прашањето –  има ли шанси за преживување на „пациентот“, и со кои мерки? Тоа, денес, се вистинските прашања за македонската култура, прашања од коишто во многу нешта зависи нејзиниот натамошен развој, па и резултати. Оние резултати коишто нема да ги нарекуваме инциденти туку коишто ќе бидат производ на сериозни и сеопфатни културни политики, политики за секоја област / дејност во културата одделно, со назначени развојни среднорочни и долгорочни насоки и компоненти, итн.

Се разбира, културите не гаснат така лесно. Тие се жилави, тврдоглави, трансформативни … дури и кога се на претсмртна постела умеат да се разбудат како Трнорушка од долгиот сон кога најмалку ги очекувате. Ама им требаат поттици, им требаат идеи, потенцијали … она „нешто“ што колоквијално го викаме – критична маса. (Иако таа де факто не постои, таа најчесто е само изговор за лично недејствување. Која „критична маса“ ја имало во Македонија на оној 11 Октомври? Или за АСНОМ? Колкава „маса“ – илјада, пет, десет илјади народ? Тоа сепак и не е некоја „маса“, ќе признаете, ама во неа важни била вербата, силата, херојството … !). Потребни се и пари, се разбира, насочени на вистинските места! Се случува и тоа: некои култури умираат, тоест стануваат грди, нефункционални, стануваат не-култури. И тоа историјата го забележила. Веројатно историјата забележила и примери како нашиов, не знам. Мислам на самоуништувачкиот пример на македонската култура односно тоталната негрижа на сите одговорни (државни и културни) фактори за состојбите во истата и патот по којшто се движи.

А сепак, често го слуша(в)ме тој страшен збор „самоуништувачки“ во контекстот на Македонецот. Пречесто. Иако јас многу не верувам во него, во таква некаква општа судба, или нагон, или што и да е’. (Не сум сигурен што вели историјата, дали имало баш такви самоуништувачки култури или ние ќе бидеме првата? Можеби оние предколумбовски култури во Јужна Америка има некој таков синдром? Како исчезнале, како од ветер однесени. Ама барем зад себе оставиле нешто. Ние – што би оставиле? „Скопје 2014“?). Мислам дека кај нас станува збор за нешто друго, прилично поразлично, и следствено можеме да најдеме подобри изрази, посоодветни, посодржајни, би рекол. Или барем комбинирани. Пред се’, мислам дека она „самоуништувачки“, со сета негова морбидна звучност, е намерно избран за да не’ плаши. Ама, колку што гледам, барем во културата, не не’ плаши доволно. Не не’ плаши воопшто! Или само сме отрпнале од толку самоуништување, ни дошло прекуглава? Од друга страна, попрво би рекол дека на дело, веќе подолг период, е процес на уништување, а не самоуништување! Систематско уништување, ако сакате, заради различни причини, зависно од актерите. А нив ги има – многу. И понатаму, и она (историско!) самоуништување го има, не велам не, но повеќе во форма на некаква мазохистичка жичка, како народ, како култура? Е да, во тоа верувам, зашто кој нормален би го трпел сето ова? Онака, „стоички“, исправено – добро, не баш исправено, главно со наведната глава! – секоја будала да те малтретира, да ти ги зема парите, да те тормози по разни основи а најчесто по етнички, да ти ги негира стручноста и компетентноста само заради некаква „правична застапеност“?

Иако, де факто, мазохизмот во извесна смисла води до самоуништување, ако не физичко тогаш секакво друго. Затоа, можеби комбинацијата (само)уништувачки мазохизам е најсоодветна за овој миг? Мислам дека таа и таква жичка можеме да ја најдеме во главните сегменти на македонската култура, денес и овде. Зошто го велам ова? Затоа што не знам уште колкумина умни луѓе – тука не се вбројувам себеси – треба да ни кажат дека културата ни е се’ што имаме, дека таа ни е идентитетот по којшто толку се крева галама, дека таа ни е главниот извозен производ и реперна точка во регионот, Европа и светот. И ние упорно тоа го игнорираме а главните адути ги фрламе на во суштина безначајни работи, на исцрпувачки меѓуетнички натпревари, на шарени лажги. Ние мислиме дека сме, или ќе бидеме, регионални лидери во бизнисот, во иновативноста, во спортот … а токму во тие области сме џуџиња, никој и ништо, локални флеки. Важно плескаме стотици милиони евра за „проекти“ вакви и онакви коишто уствари само ги полнат џебовите на поединци и групи, на меѓуетнички мафиози и партиски криминалци и – ништо друго. Таква ука почна да се применува и во културата, за жал. Не ви треба повеќе – ене ви го „Скопје 2014“!

Но најголем наш грев е фактот што овие три години апсолутно ги има(в)ме сите неопходни механизми за надминување на (само)уништувачко-мазохистичкиот синдром во македонската култура. Ама тој миг го пропуштаме, веќе ни бега од рацете. Сакам да кажам дека уште пред цели две години се подготви таа проклета Национална стратегија за развој на културата којашто поименично ги сервираше сите – или, ајде, нека бидат повеќето – затекнати проблеми, не само вчерашни односно не само од времето на дивеењето на бандите на пуфлата, ги детектираше слабите точки и – понуди решенија. Не секогаш проевропски, зашто често сме далеку од нив, но решенија коишто во даден миг, и среднорочно, ќе и дадат барем современ печат на оваа култура. И – што се случи? Стратегијата прифатена, решенијата поздравени и – молк. Ништо, nada, niente, zero … Да се вратам на медицинскиот речник: исто како кога пропишаната терапија, наместо редовно да ја земате, ја фрлате во вц шолјата, одите контра сите совети на лекарот, правите се’ што е контраиндицирано на вашата состојба! Има нешто по(само)уништувачко, помазохистичко од тоа? И некој има некакво објаснение за тоа, некакво оправдување? Не, дури ни тоа.

За среќа, има назнаки дека овој мазохистички молк полека се надминува!

ВИРУСНА ИНФЕКЦИЈА

Затоа, мислам дека нештата (барем во културата) мора бргу, итно да се расчистат во самата власт односно во владеачката коалиција, каде конечно мора да профункционира принципот на стручност и компетентност. Плус – моралност, се разбира, и тоа дебела, непробојна моралност како гаранција за отпор кон интересните групи и поединци кои се’ уште ја пљачкосуваат оваа култра. Она малку што останало од неа! Зашто, ако е веќе очигледно дека од оваа и ваква опозиција не може да се очекува макар и минимална кооперативност и дека токму тие се едниот блок, оној можеби најсилен блок на неспособни и неуки сили на коишто им конвенира ваквото статус кво во државата, во сите сегменти, па и во културата, тогаш нема друга опција освен воведување на опсадна состојба со интервентни мерки во редовите на власта. И прочистување, силно и целосно, на сите „капацитети“ на истурени позиции кои се самонаметнаа во 2017та година и кога, можеби, и немаше подобар избор или се’ уште имаше некаква верба во нечии квалитети и биографии. Се покажа дека и тие (божем проевропски) биографии се во суштина лажни перја и параван за остварувањето на нивните лични и групни интереси. На страна што на најголем дел раководни места во културата седат партиски пулени кои немаат ама баш три благе везе не само со струка или со култура, туку уште им се даваат дополнителни ингеренции со коишто само се продлабочуваат и прошируваат штетите што овие секојдневно ги прават. Битката на овој „кадровски“ фронт е првата и можеби најважната битка што оваа власт мора да ја отвори и бргу да ја затвори – позитивно, се разбира – во (и за) културата! Инаку, тој фронт ќе се претвори во нова однапред изгубена битка – нешто како онаа кај Беласица во 1014та година – од која што сите ќе излеземе кој слеп, кој ќорав. Културно, се разбира. Ние можеби ќорави, ама нашите внуци тотално (културно, но и европски) слепи!

Како и во сите други општествени сегменти, но со малку видоизменет контекст, и во културата нема иднина без најавените реформи. Не знам дали на ова Министерство за културата има или нема кој да му пишува, ама некој мора конечно да му испрати едно љубезно но сериозно писмо. Тој некој веројатно мора да биде премиерот – овој сегашниот, наречен технички, или оној идниот, од април годинава – и да го потсети на Националната стратегија и Акцискиот план што ја следи односно на сите оние обврски коишто тоа Министерство за култура ги превземало кога ја предложило Стратегијата, а Собранието ја прифатило и му рекло – вози Мишко. Ама Мишко никако да тргне! Како да не умее да уфрли ни во прва. Само рикверц. Никакво оправдување не е честата промена на министрите за култура во изминативе три години. Зашто, ако сите работи во културата зависат само од министерот, што цацко тогаш бара сиот оној „апарат“ во Министерството, со советници вакви и онакви, посебни па дури и државни – на која црна држава? – со раководители, шефови и шефчиња, кога никој, или само малкумина, си ја вршат работата за којашто се сосема пристојно платени? Или, следствено, ако, на пример, се случи министерот за полиција, или војска, да се менува зачестено, значи ли тоа дека одбраната на македонските граници нема да биде функционална, или внатрешниот ред и мир ќе бидат – неред и немир? Се разбира, јавна тајна е дека токму Министерството е тотално дисфункционално, намерно или по силата на нештата. Намерно го потенцирам зборот „намерно“ зашто ако некој се’ уште има некакви илузии, сакам докрај да му ги уништам. Зашто овде веќе нема место за илузии! Тоа Министерство е целосно неуко и неспособно, што ќе рече – нефункционално. Тоа е веќе аксиом. Впрочем, токму затоа и спомнатата Национална стратегија инсистира(ше) на темелна реорганизација / трансформација на ова Министерство од мрзлив, саможив, неспособен орган во динамично стручно и компетентно тело со проевропски политики. Се разбира, од тоа не бидна ништо, заради што минатиот пат напишав дека се’ си функционира исто како во времето на пуфлата и нејзината банда! Буквално!!!

Но, ако, по некоја случајност, (а ние веќе се убивме од вакви „случајности“), државниот орган надлежен за работите во културата е тотално аут, зарем културата мора да ја дели неговата судбина препуштајќи се на тивка смрт? (Што, звучи пресилно? Ма немој, а зошто? Само заради „Медена земја“? Па, повторно, тој филм не е производ на оваа култура и овој систем! Тој е, како што веќе реков, само прекрасен инцидент, за разлика од многу други системски фелери финансирани со вреќи пари! И ете, некој сериозни познавачи ми укажаа на фалинката на мојот податок за оние 30.000 гледачи од минатиот текст. Велат, за тие пари – за 1,5 милион евра! – тој филм требал да има 1,5 милион гледачи само кај нас! И да биде во официелните конкуренции на сите најдобри светски фестивали!!! Добро, јас како лаик не знам дали е тоа така, ама знам дека толкави пари не земала целата македонска ликовна уметност за неколку години. Но, велат, и тоа е една од „проевропските“ стратегии на оваа држава во културата! Или контра-стратегии, не знам?!). Меѓутоа, зборот ми беше за следново: ако, по некоја случајност, се покажува дека државниот орган надлежен за работите во културата е целосно нефункционален, тоест функционира според некои анахрони и контрапродуктивни принципи, зарем останатиот дел од културното тело, ако е здраво и функционално, нема да испрати соодветни сигнали за фелерот во системот, за застојот, за хаваријата …? Ќе испрати, се разбира, и тоа директно до централниот компјутер (инаку сместен во „Белата шампита“) којшто потоа ќе алармира таму каде што треба.

Но, повторно едно „но“: ако целото културно тело е зафатено со анахрониот и контрапродуктивниот вирус, ако виталните органи – националните институции, агенциите, директорите – „функционираат“ според истата вирусна матрица, изостанува и алармот, нели? Поточно, кога и кај виталните органи – според онаа Национална стратегија – е исто така дијагностицирано дека се затворени во себе, дека се нефункционални, дека се „болни“ тоест зафатени од вирусот наречен неспособност, нестручност и некомпетентност, тогаш навистина и нема здрав „орган“ којшто ќе ја крене таа узбуна. Ако целиот имунолошки систем е зафатен од таа инфекција, а наместо соодветна терапија и понатаму прима само етно-партиски фалшиви третмани, тогаш бргу настапува клиничка смрт. Рамна линија, и систолна и дијастолна! И ние сме многу блиску до тој терминален стадиум.

Зошто културниот систем го споредувам со човечкиот организам односно, пред се’, со човечкото тело кадешто државниот орган надлежен за работите во културата е главата (или срцето, зависи кој орган го сметате поважен!) а телото со екстремитетите се институциите, пред се’ националните? Затоа што нашиот културен систем е така дизајниран, при што ако главата не функционира, полека но сигурно се распаѓа и целото тело бидејќи е комплетно зависно од неа. Сите витални функции на телото доаѓаат од таму, низ формата на парите, се разбира, и тоа е апсолутна и неотповиклива зависност! Но, така, всушност, е дизајниран и целиот државен систем, заради што и една нефункционална, или криминална власт како минатата, го прави и системот нефункционален.

СОПИРАЧКИ

Во самата суштина на нештата – како ништо да не е сменето од времето на пуфлата и нејзината банда. Па, богами, и од навиките односно нефункционалноста на државата / културата од времето на будимпештанската пребегуља. И не мислам тука на политичкиот амбиент во државава, на односите со соседите, на правата и слободите на граѓаните … мислам дека се разбираме … мислам на некои навики (очигледно без одвики), на некои односи, на начини на дејствување но и на поле за дејствување зашто наспроти сите политички и општествени промени, наспроти настојувањата на оваа власт сепак да поентира со ефективни промени, наидува на ѕид од опструкции, на политика на сопки, дури на отворено спротивставување на се’ што се обидува барем за милиметар да ги помести нештата во оваа несреќна држава. Да, велам несреќна зашто ние де факто нема да мрднеме ни чекор напред со такви опструкции. Дали тоа треба да значи дека ако оваа (таканаречена) политичка опозиција не се промени суштински, во самата идеја тоест поимање на државата и нејзината иднина, ние нема да видиме бел ден во догледно време? Да, ова треба токму тоа да значи и тоа нема врска со никаква политика, со никаква идеологија односно „идеологија“, зашто криминалот по дефиниција нема идеологија. Така, за жал, изгледаат нештата од денешна перспектива. И не е тоа песимистичко гледање или ала Ванѓа или македонската и’ посестрима со нејзините мрачни „нострадамус“ прогнози, туку тоа е горе-долу објективно „читање“ на македонското секојдневие. Барем за оној писмен дел од државата. Да, зашто имаме и неписмен, и не само во редовите на оваа (таканаречена) политичка опозиција, туку и во редовите на сегашната власт. За жал, секако.  Иако, де факто, дури тука и да не ги спомнуваме и сите опструкции и грешки во чекори што се случуваат во редовите на самата власт – зашто и таму има сили кои настојчиво се трудат да ги задржат нештата на ова дереџе, и ги има дури премногу! – нам ни е доволна само оваа и ваква деструктивна опозиција, со ваков распоред на силите, за да нашата иднина зависи не од нас туку од нив и слични на нив. Или, ако сакате, погледнете што и како се случува со сите проевропски закони, како се поставуваат барикадите за борба против македонската иднина, како се опструира дури и еден закон за македонскиот јазик (и тоа баш од македонската страна!) плус едно чудо други. Кога и тоа се проблематизира, кога се најавува силна опструкција и на законот за остварување на јавниот интерес во културата како системски закон во таа област којшто треба, ако не повеќе, барем да ги откочи сите закатанчени лавиринти во културата, а сето тоа се прави не со ум и аргументи туку со силата на „процедурите“ и инаетот, тогаш иднината навистина е непредвидлива. И затоа е оваа држава нефункционална, а затоа и нејзината култура е / ќе биде уште долго нефункционална. Во ваква ситуација, со вакви односи, дури и утре да станеме полноправни членови на Европската унија, ние и понатаму ќе бидеме нефункционална држава со анахрона, бескрвна и дисфункционална култура. Впрочем, зошто никој по ѓаволите не го зема сериозно предвид предлогот на Ван Хојте?

Оваа и ваква опозиција, со овие и вакви „партии“ и ваков политички дисбаланс во Парламентот, е реален непремостлив ѕид. Да, и во демократијата, како и во сите други системи, една групација мора да влече напред, дури и двојно посилно ако треба, за да ги деблокира процесите и да ги откочи перспективите. Така било уште од времето на Египет, на Александар, така е и сега, овде. Што е тогаш проблемот? Не можам да тврдам за механизмите на државата, иако и таму состојбата е слична, но во културата не е проблем само оваа и ваква полуписмена и деструктивно расположена опозиција. Таа е само едната карика во дисфункционалната култура. А ги има многу други! Пред се’, такви дисфункционални карики ќе најдете и во сите оние партии-влечуги, оние што буквално се влечат по изборниот победник за да грабнат дел од „пленот“, за да сместат два-тројца свои функционери на раководни места. Тие се еднаков дисфункционален дел, тие се товар на патот кон реформите, во културата и во целиот систем. Зашто нивниот светоглед почнува и завршува со личните амбиции и позиции! Но, да речеме дека нив ги нема така многу, иако не се баш ни малубројни. Ангажираат сигурно десетина пратенички места коишто, кога ќе ги помножите со (минимум) две-три раководни позиции во системот на власта, резултатот дава ангажирана „моќност“ од три-четириесет важни извршни места. Тоа е сериозна бројка кога ќе се преведе во сопирачка на трансформативните процеси. Вие одите напред ама тие – кочат. Колку што вие притискате, притискаат на сопирачката и тие. Со полно „право“ – дел се од владеачката коалиција, се гледаат како победници (иако никој не знае во што?), и овој политички лавиринт им одговара како кец на десетка.

Но, има едно поголемо „но“ и од овие влечуги, а тоа се влечугите во владеачките редови. Дел од нив се, наводно, партиски и идеолошки припадници на левицата – иако, во суштина, тие никогаш тоа не биле односно секогаш играат на страната на парите – а дел се оние „метеоролошки“ приврзоци кои играат на сите страни, поточно на добитните страни. А ако тој број е сразмерно голем, како што тоа е случај со Македонија денес, тогаш нештата навистина стануваат заплашувачки дисфункционални. Но, всушност, ним тоа им е приоритет зашто само во такви „услови“ тие можат да функционираат и да го добијат тоа што го очекуваат. И тука нека не ве лажат фалс паролите за некаков патриотизам, за некаква професионалност, дури и за стручност, ако сакате, зашто сето тоа, дури и да го има(ло), одамна го нема. Во (не)функционирањето на македонската култура тие одамна се оној паразитски дел, навикнат само да консумира и инкасира, особено кога тоа е врз база на лабави „критериуми“, на дај-дам политики, на партиски релации итн. Или, ако баш сакате, како, и зошто, одненадеж, во екот на еуфориите за успехот на „Медена земја“, се појавуваат онакви гнасни коментари и „критики“ за филмот, но и една наводно беневолентна „информација“ за „незапаметениот“, дури „историскиот“ успех на еден друг филм – кој инаку доживеа комплетно критичко фијаско на домашната и меѓународната сцена – и неговата интергалактичка гледаност од 30.000 гледачи во земјата! И од кога, ве молам, гледаноста е мерило за квалитетот на еден филм? Знаат ли дотичните каква гледаност, на пример, имаше една „Тесна кожа“ (1, 2 и 3, а можеби и повеќе)? Го става ли таа и таква гледаност овој филм во самиот врв на некогашната југословенска кинематографија? Извинете, ама кога македонската култура би се прочистила од вакви крлежи и манипулатори, нештата некогаш можеби и би тргнале напред. Или, ако сакате, погледнете ја наназад една година целата онаа рашомонијада со Охрид, неговиот статус, па УНЕСКО итн. Погледнете кои „стручњаци“ и денес ги решаваат проблемите таму, кои фаци држат конференции и делат совети како Охрид да се сочува:  оние кои и го доведоа Охрид до ова девастирано рамниште. Тоа ви доаѓа на исто како сега да го вратите криминалецон од Будимпешта и да го направите потпретседател на Владата! Ќе реши се’ за 24 часа. Токму тоа е само уште еден пример за нефункционална култура, но и држава, којашто не умее (не сака?) да ги диференцира нештата, не знае да ги определи приоритетите но и експертите кои ќе ги стават во функција. Оттука, внатрешните сили во самата власт, подобро речено сопирачките во редовите на оние кои би требало да влечат напред се еднаков ако не и поголем проблем за македонскиот развој и евроинтеграции. Зошто, инаку, никој во македонската култура веќе не го спомнува зборот реформи, освен неколку будали? И кому воопшто во ваков закостен систем со однапред готова листа на  абоненти (не само) во културата му дошло до – квалитет и реформи? А листата на реформи, до детал, е пред нас. И – што? Зошто никој не ја спомнува, зошто никој не ја операционализира? Нашиот културоглед е стеснет, нашите размислувања допираат само до наредниот сокак – а и тој ќорсокак! – ние се’ уште се препелкаме во за светот одамна напуштените територии на етничкото, националното, личното … лукративното. Затоа, демонтажата на „внатрешните“ бариери и отстранувањето на сопирачките во самата власт се наметнува како најгилем приоритет. Зашто, во крајна линија, од оваа и ваква опозиција сулудо е да се очекува кооперативност, но кога и „внатрешниот“ распоред на силите е диспропорционален, кога самонаречени „стручњаци“ со три грама ум командуваат со културните политики и збиднувања, кога нивниот меркантилен фокус ни се препорачува и како наша мерка, тогаш ние немаме што понатаму да бараме од оваа (не)култура!