Monthly Archives: March 2017

КОНТРАРЕВОЛУЦИЈА (1)

Некако случајно, налетав на една „популарна“ тв „емисија“ со лефтерен муабет помеѓу водителот – тазе бојосан во главата во колор ала Тито – и двајцата (најчести) фронтмени на актуелниве протести насловени „За заедничка Македонија“. И таквото задоволство, се разбира, не се пропушташе. Иако веќе претходно бев решен за таа тема, првенствено бидејќи за „Шарената револуција“ пишував така како што пишував (дури по неа ја насловив и книгата со текстови од 2016 година), па мислев дека не е ред, не би требало да ја прескокнам и тековнава незнамкакодајанаречам „револуција“. Без оглед на личните чувства, или токму заради тоа. Како што „Шарената револуција“ беше јасен израз на ставовите на еден (голем?) дел од македонското граѓанство (намерно го потенцирам овој збор!), не може да се пренебрегне фактот дека и новиве протести покажуваат соодветна бројност – иако не сум сигурен дали и масовност како во претходниот случај – која што не смее да се потценува. И тоа (дури да е и само тоа, а не е само тоа) е доволна причина за посериозен пристап. А особено пак после внимателното слушање на некои од „образложенијата“ на водството на актуелниве протести. На пример, дека тие ќе оделе до крај, или тие не давале ова, не давале она …! И тоа беше интересно искуство: на мигови смешно, па тажно, па полетно и мотивирачко … нешто од оној тип на кафеански муабети на истомисленици кои си удираат „петки“ секои две-три минути и се одушевуваат меѓусебно на кажанато!

Велам дека не знам како точно да ги наречам тековниве протести зашто на почетокот, како контра на еден квалификатив што ги нарече „црна револуција“, некои од раководството реагираа, дури остро и незадоволно, појаснувајќи – ако добро сум разбрал – дека нивниот протест е’, или може да биде, не црна туку „црвено жолта револуција“. Што ќе рече дека веќе во самиот назив, двете „револуции“ начелно се определиле тоест избрале различна (симболична) „обоеност“: „црвено жолтите“ манифестно ги земаат боите на државното знаме за свое (прилично кукавичко, морам да кажам) покритие и политички претекст, додека името на „шарените“ немаше такви стартни амбиции и произлезе од нивниот начин на дејствување преку боење на омразените државни институции и дел од симболите на шизоидното „Скопје 2014“! Токму затоа и го потенцирав поимот граѓанство во контекстот на „Шарената револуција“, каде шаренилото – не зададено туку со акламација општоприфатено – не ја отсликуваше единствено ни политичката ниту пак партиската или која и да е’ друга опција, туку инсистираше на разнобојноста (во секоја смисла) како граѓанска определба. За разлика од тоа „црвено жолтата“ колоритна опција се претставува – случајно или намерно – како строго канализиран државен (или претежно партиски, како сакате)концепт на протести.

Од друга страна, не само ваквата „боена“ ориентација на актуелнава „револуција“ туку и вкупниот амбиент и манифестни реквизити ме потсети на еден сличен настан во Скопје, во март 2009 година, кога на Плоштадот „Македонија“ се одржаа првите (студентски) протести против злосторството наречено „Скопје 2014“ односно против идејата на плоштадот да се гради црквата св. Никола. Тогаш протестираше релативно мала група студенти од  Архитектонскиот и Градежниот факултет во Скопје, обединети во т.н. „Прва Архи Бригада“. Ним им се спротивстави контра група на „верници“ накитени, како и денес, со државни и црковни симболи, во одбрана на идејата за злосторничкото силување на центарот на градот. Впрочем, идентично и на контра протестите за време на „Шарената револуција“, организирани од припадници и приврзеници на владеачката партија!

И токму таа контра– на сите планови и полиња – што е на дело во Македонија повеќе од една деценија,сите овие активности во дадениот политички миг во државата се, мислам, она што мене ми заличува токму на контрареволуција, синхронизирана и во содејство со останатите потези на политичката врхушка на чело со претседателот на државата, па затоа и понатаму така (ќе) ја нарекувам. Оттука и таквиот наслов на оваа серија текстови, при што оправдувањето на овој мој став се надевам ќе прозлезе од соодветната аргументација во идните продолженија.

Но, сепак, поимот револуција се’ помалку се употребува од страната на учесниците во контекстот на овие протести и тоа треба јасно да се назначи. Можеби првите два три дена, и толку. Бидејќи најчесто актуелниве протести почнуваа(т) со транспарент „За заедничка Македонија“, така некако ги квалификуваат и нивните поддржувачи и голем дел од провладините медиуми (главно оние истите што се’ уште ги поддржуваат и последниве денови на криминалниот режим). Така впрочем и започнаа овие протести, оваа „револуција“: со прес конференција на некаква граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“, која што потоа го повика „народот“ на протести! Иако, во многу наврати, повторно беше спомнуван и зборот револуција.

За разлика од овие, „Шарената револуција“ изгледаше дека со нескриено задоволство си го прифати наметнатиот поим револуција, иако, мислам, со полна свест дека нејзините „револуционерни“ елементи и происход се (пре)многу далеку од вистинските значења на зборот. Па и очекувањата, ако сакате. Но такво беше општото расположение и учесниците му повладуваа на истото, веројатно со желба резултатите да бидат барем блиску до револуционерни, неопходно потребни во тоа време. А за тоа беа и зачудувачки жестоко критикувани од еден локален „Сократ“, не баре младиве си пришија вистински револуционерни петкраки ѕвезди, сосе првоборечки ордени! Иако, за волја на вистината, многу од барањата на „Шарената револуција“ беа навистина револуционерни во тоа време и дадените услови. Што е, повторно, различно од барањата – барем оние објавените – на „црвено жолтава револуција“ кои што се шлепаат на маргините на партиските канални реакции на владеачката врхушка и нивните трабанти, влечејќи многу повеќе кон контрареволуција: зачувување на режимот, на автократското владеење, повикување на меѓуетнички судир и етнички чиста држава итн.

ЕФТИНОТО Е НАЈСКАПО

или

ЕФТИНИ ЛУЃЕ (4)

Познатата изрека дека ефтиното е најскапо речиси никогаш не ја тестираме во животот. Барем не онака како што би требало. Особено не во скапите нешта: демократијата, слободата, човековите права. И како што и среќата е релативно скапа, и соништата и слободата доаѓаат со висока цена. Но ние  постојано играме на најефтината карта и – губиме се’. И повторно скапо  плаќаме и повторно губиме се’. Последниве години ни се очигледен пример за тоа. Ја избравме – или, добро, ја избраа, што повторно се сведува на исто – во 2006 година ем најефтината ем божем националната варијанта, не гледајќи дека таа е и најскапа. Минимум шест милијарди (евра, се разбира) во бунар! А се гледаше од авион, ама кој сакаше да види. Денес, ни најдобрите експерти се’ уште не можат да направат ниту приближна пресметка колку вкупно (значи плус оние шест милијарди) не’ чинел таквиот непромислен чекор. Што во пари, што во време, што во иднина … општа, а особено на младите генерации. Тоа се нешта што тешко се проценуваат, посебно во нашиот случај. Сметката по правило доаѓа последна!

Непромислениот избор им беше таков што наместо сериозни политичари ни подарија –  ефтини дилетанти. Тие пак, за да заштедат повеќе за себе, дополнително ја поефтинија целата приказна и на сите раководни места низ државата поставија уште поголеми и поефтини морони. И таа ефтина збирштина требаше да ја води и претставува оваа држава! И не случајно Пол „Ред“ Адаир вели: „Ако мислите дека е скапо да ангажирате професионалец да ја заврши работата, чекајте да видите што ќе се случи кога ќе ангажирате аматер“. Тогаш сметките стануваат астрономски! И ако некој се сомнева во ова нека се заврти наоколу и нека ги погледне македонските институции. Сите по ред. Аматер до аматер, морон до морон. Земете го само последниот пример со нашава меѓународна конференција за следење на комуникациите. Смислена и организирана директно од најефтиното и најодговорно дувло, и тоа сега, денес, после се’ што видовме и чувме?! Затоа и ни оди така како што ни оди. Ако сакате, земете ја и културата за пример и директорите во културните институции. Едно познато име, еден човек кој може да се нарече професионалец, кој си ја знае работата? Нема. Државниот орган надлежен за работите во културата цела деценија диктира битпазарска багателна логика: што поефтино, тоа подобро. Не знае дека ефтините „проекти“ ни се најскапи зашто тоа се по правило фрлени пари. И тогаш, наместо сериозни ангажмани ние на цел глас огласуваме дека во посета на институцијата ни дошол едикојси амбасадор! Тоа ни е единственото со кое што можеме да се пофалиме. И таквото вулгарно ефтино творечко милје е како измислено за секакви скапи профитери. Погледнете го ефтиноно саморекламирање на октроиранион ни кич претставник за Венеција кој – наспроти толкуте приговори / жалби за неговиот избор што очигледно се опструираат – ни раскажува бајки за „Скопје 2014“ како „кенгурски скок“, па за неговиот фашизоиден „Прометеј“ кого, ете, морал да го „облече“ ама му било жал … Талентот е ефтин – скапа е посветеноста, ќе ви земе цел живот, велел Ирвин Стон. Ама мороните не читаат, нели? Но ние и најефтиониот кич во културата и уметноста ги присвоивме и ги плаќаме со суво злато. Ние, всушност, оваа „најстара периферија на Европа“ ја „постмодернизираме“  враќајки ја во безвреден квазибарок од стиропор!

Или, како уште пострашна варијанта, видете ни го образованието, односно (грото од) оној наставен кадар кој ги учи младите генерации? Професорите по факултетите? Фикусон? Та нели и тој беше некаков професор, правник? Ефтино до зла бога, поефтино не може да биде. Багатела! Затоа и не’ чини најскапо, во од, во континуитет!

Затоа, ние сме нагледен примерок за релациите ефтино – скапо. Од Хорхета па надолу, обратно пропорционално. Ја сроза државата, политиката, честа, моралот … до дното, но тој просто ужива во својата ефтинија кога цел нормален свет се згрозува! Или она што ни се случува деновиве во парламентот. Таква неверојатно скапо платена ефтинија! Секој месец по илјада и петстотини евра, по глава. И згора криминалциве ни мафтаат со шибицарскиот трик на т.н. „платформа за излез од кризата“, сега, после единаесет години? Или нас не’ сметаат за толку ефтини што можат и тоа да ни го продадат? Повторно – за скапи пари!? (Ивајло) Дичев има одговор зошто сево ова е така како што е. Тој вели заради тоа „што таму елитата не е легитимна. Бидејќи елитата најчесто стигнала на врвот случајно и благодарение на којзнае каков хаос“. Можеби, но нејзиното (случајно или не) доаѓање нас не’ чини епохално најскапо.

ЕФТИНИ ИЛУЗИИ

или

ЕФТИНИ ЛУЃЕ (3)

Се чини дека има(в)ме можеби преголеми очекувања од сегашноста, од македонските политичари, од македонската интелигенција. Потрошивме драгоцено време на нив. Мислевме ќе го зграпчат мигот уште во далечната 2006/7 и ќе го изодат целиот пат до ЕУ, или барем повеќе од половината. Иако, со нормални луѓе, за десет години требаше да бидеме веќе внатре. Но, не сметавме на нивната неизживеаност, неодговорност, неморал … на нивната ефтиност. Се покажа, како што впрочем секогаш и се покажува, дека од ефтини луѓе не можете да очекувате големи дела со национален предзнак. Или барем не од овие генерации. Се’ што видовме беше само голем грабеж со мафијашки предзнак. Во балкански стил, со ачик пиштоли и ножеви. И тоа токму од божемните наследници на македонските револуционерни претци, оние од Илинденскиот период кои без размислување ги положуваа и животите на татковинскиот олтар. Овие „наследнициве“ положуваат евра и долари на сметки во прекуокеанските даночни раеви. А за многумина и оваа Македонија се покажа како даночен рај. Ама приказната, ако има правда, аќе има, ќе им заврши како даночен Данте!

Но, барем за мене, најпоразително беше / е’ непреченото пулсирање и флуктуирање на таа ефтинија во македонското општество во сите негови сегменти. Дури и без сериозен обид да се сопре, да и’ се застане на патот. Почнувајќи од медиумите па до институциите – национални и локални, од врвовите на политичката власт до петтите или шестите ешалони, од културата до образованието, од науката до здравството … ефтиното го трансформиравме во локален симбол, во национален интерес. И следствено го финансираме.Ефтинијата стана заштитен знак на безмалу сите „проекти“ во културата, на сите манифестации, на сите институции. Колку поефтино – толку подобро. За да го разбере „народот“, оној ефтиниот кој денес, велат,  чекори по скопските улици! Или, ако сакате, дури и најзначајниот им „проект“, она шизоидноно „Скопје 2014“ го градеа безобразноефтино – и фактички и метафорички. Од стиропор и „мермер што не е мермер ама личи на мермер“ до безимени чираци и арамолебци кои ништо друго и не изградиле во животот. Барем ништо вредно.Градбите им се распаѓаа(т) веќе наредниот ден. Исти им се и „уметничките“ дела – од до зла бога ефтините „идеи“ од типот на просјаци, играорци, луѓе дрвја или монструозни рибоглавци, до карикатуралните споменици кои што треба да ги глумат „нашите“ револуционерни претци. Ефтини јад и беда, качени на коњи!Тоа ли го слават ефтиниве колони низ Скопје, урнисувањето на нивниот град? Или сакаат да ни покажат дека овој град никогаш и не бил нивен, туку – само наш? И затоа ни се одмаздуваат, вака ефтино?!

И некако во миг, или барем така изгледаше, сиот тој безвреден дух завладеа со државава како чума. Безмалу преку ноќ, додека трепнеш. Што и не е чудно ако се има предвид дека беше диктиран од самиот државен врв како најефтин егземплар на епидемијата што ја беше зафатила земјата. Плус, најефтиното по правило е и најгласно: ги гледа(в)ме и ги слуша(в)ме буквално секој ден со нивните блуткави монолози за сериозни теми кои што всушност никогаш и не ги разбраа.Ниту можеа, ценејќи според капацитетноста, ефтина како и тие.  Впрочем, најефтино е да градите врз илузии и тие тоа го знаеа. И го направија, непречено, се разбира, кога има ефтини луѓе да им веруваат! Нормално, целта и им беше да поефтинат се’, да го сведат на нивна мерка за да го узурпираат и барем малку да се почувствуваат како нормални градски луѓе. Затоа и забрануваа, менуваа, преоблекуваа, лажеа … за да ја трансформираат стварноста во нивна pulpe fiction „рапсодија“. Создадоа ефтини приказни за нашата култура и уметност, упикаа загубени безвредни души на раководни места, им ги дадоа сите можни државни награди и национални бенефиции, се’ со цел овие за возврат да го слават нивниот патриотизам и национално чувство. Ако ова што го направија воопшто и може да се подразбере под тој поим.

А сепак, дел од таа ефтинија, ене, се’ уште го шета барјакот на идиотштината низ градов, не гледајќи дека полека но сигурно ги убива провев од сите страни. Зашто ефтините сништа градени врз грандомански историски илузии се полни со дупки низ кои што дуваат опасни ветришта!

Некој ќе каже дека ефтин стана и животот, ама овде животот секогаш бил ефтин. Луѓе се колеле за грст парички. За ситнеж. Ене ви го Ќосето – и споменик му изградија. Што ќе рече дека и децата треба да ни бидат ем ефтини ем убијци!

ЕФТИНА КОЛОНА

или

ЕФТИНИ ЛУЃЕ (2)

Не сум сигурен што би било спротивно на П.С. (пост скриптум). На едно место најдов антоним prescript и тоа е можеби најточно. Што и не е многу битно, но сакав нешто да појаснам пред да започнам со текстот, што ќе рече нешто како prescript! Имено, при превземањето на текстот насловен „Ефтини луѓе“, на неколку места наидов на граматичка корекција – точна, во суштина – односно „Евтини луѓе“. Се разбира, знам дека зборот се пишува со „в“ а не со „ф“, ама поентата беше да се напише токму со „ф“ зашто така повеќе одговара на суштината на кажаното. А и на луѓето на кои се однесува! Нешто како фторник, на пример. Инаку, ја разбирам неопходноста од граматичката корекција и не ми пречи.

Нејсе, да сакаше „националнион актер“ така гордо експониран во скаламеријава наречена „црвено жолта револуција“ да му поверуваме дека во неговиот ангажман не станува збор за ефтин лукративен блеф туку за полетен национално патриотски ангажман, ќе се појавеше некаде со реакција – да не речам критика – за откажувањето на, како што велат, најслушаната емисија („Хихириху“) на Македонското радио. Ама тој молчи зашто за тоа веројатно не може „од прва“ да ја обвини опозицијата и Тиранската платформа. Или може, ако реши? Или ако платат доволно? Па и оние другине што се врткаат околу микрофоните на скаламеријата – главно некои чудни и сфрустрирани „културни“ фаци со бомбастични „титули“ – чии што имиња континуирано ги читаме во сите ефтини годишни програми од т.н. национален интерес, а кои сега си ја одработуваат распродажбата на името (што го немале), и талентот (ако воопшто го имало). И не знам уште колку „национални“ пијанистки, уметнички и новоосвестени внуки наследнички на наши сериозни историски дејци да застанат во редот на националистичката одбрана на неодбранливото, повторно сето тоа ќе изгледа премногу ефтино и проѕирно за да им поверуваме. Последната во колоната е верната сенка на нашион непрежален Сарајлија, како долгогодишен „спијач“ сега активиран со притисок на партиското копче! А сепак, нема кај тие материјал, нема „штоф“ за сериозна расправа туку само безвредни остатоци од некаков лажен  провинцијален outlet. И уште колкумина подалечни или поблиски роднини ќе домкнат на улица за да им ја потврдат тезата дека, ете, некој ја распродава Македонија? И тоа ефтино, за една Тиранска платформа и коалициска влада! Затоа, вреди да се преповтори прашањето на Секуловска токму за ефтиниве внуки: зошто ниту една уста не отвори „… кога некои нам важни имиња и презимиња ни беа скрнавени. Кога Славко Јаневски беше лустриран, кога Блаже Конески беше нарекуван џуџето од Небрегово (Антонио Милошески), кога Кочо Рацин исто така беше нарекуван џуџе, а најдоброто нешто што го направил било тогаш кога умрел (Цветин Чилиманов)“[1]? Или овие се потрошна роба, ама криминалцине се – вечни?!

Впрочем, кога културата не би ни била така и толку фрапантно ефтина веројатно не би можела да биде ни така (зло)употребувана за секакви цели. Особено за ефтини политички трикови и улични шашми со „национален“ предзнак. Но, всушност, таа беше прва на ранг листата за обезвреднување, или поефтинување, како сакате, за потоа да може да послужи како „интелектуално“ топовско месо токму за вакви прилики. И за сите други, минати и идни. Требаше во старт да и’ се одземе дигнитетот, да и’ се спушти вредноста до една голема нула, за потоа трошките од властелинската трпеза да им се видат како храна достојна за богови. И се разбира дека таквите трикови палат зашто културата кај нас никогаш и не била којзнае колку богата, во материјална смисла. Но била богата со дух, и творештво. Денес е богата со – улица! Таму, преку формата на улична лакрдија, денес се одработуваат, се враќаат некогашните милосрдни залци заостанати од властелинската вечера, таму треба ефтино да се компензираат сите хонорари, награди, бенефиции, пензии, директорски и професорски места … но и сите други (видени и се’ уште невидени) бедни инкасирани „проекти“ и „проектчиња! И сето тоа по наредба, најчесто преку фејсбук статус, на главниот мафиозо или со „смс“ од главниот штаб, и право во строј, ако треба и пред микрофон, па кој колку може и кој колку знае. А обично малку можат и уште помалку знаат. И според тоа гледате колку всушност целата скаламерија е ефтина, дури бедна, колку духот е заменет со новчаник а талентот со партиска книшка. Некој одработува национална пензија, некој друг истото тоа ама за сопругата, трет мора да си го обезвредни името зашто куртулил од затвор, четврт нема ни име ама таму е, да се најде за припомош …! Како и да е’, таа ефтина колона на должници и клиенти на македонската криминална банда го одработува својот последен проект од „национален интерес“, иако и тој, повторно прескапо платен со народни пари.

[1]Биљана Секуловска, Елена, жена што ја нема, novatv.mk, 11 март 2017

ЕФТИНИ ЛУЃЕ

Ефтини луѓе за ефтини нешта е веројатно најдобриот опис за актуелната македонска ситуација во сите сегменти на живеењето. И тука не мислам само и единствено, па дури ни првенствено на политиката, се  разбира, која се покажа како најефтино прибежиште за ефтините луѓе. Дури напротив, сите други јавни сегменти покажаа уште поголема „ефтиноќа“ – сакате судство, медиуми, јавни личности од културата, бизнисмени … Луѓе на распродажба!

Зашто, како поинаку би го оквалификувале оној скандалозно срамен настап на новиот претседател на Врховниот суд и понудата за кумство дадена на новинарката дојдена од него да земе изјава, или интервју, што ли?! Та нели е тоа доволен сигнал за комисијата што го избрала експресно да си ја повлече одлуката и да го исшутира на улица? И кога имате таква „ефтиноќа“ во врвното судство, што пак би не’ чуделе гаќите од 500 евра на еди која си провинцијалка која се гледа себеси како примадона на македонското новинарство? Така впрочем ефтините си ја креваат цената, дури и преку гаќите! Поинаку не можат, не умеат. Гаќите, и кумствата, го заменуваат умот!  И тоа е тој манир што ни го донесе „новиот вредносен систем“ на барабиве: станавме ефтино општество каде што најефтини се образот, честа, моралот, името, зборот. Срамот ни се тркала низ македонското општество веќе цела деценија, а денес е директно прелеан и на улиците, каде божем македонски културни „првенци“ за ефтини пари се бламираат и пред домашната и пред меѓународната јавност. Да, можеби некому не му се чини ефтино да се бламира за стан од сто илјади евра, па ни и за гаќи од пет стотини евра. Ама, во крајна инстанца, не е битен износот, битна е (рас)продажбата, ефтина …

Се разбира дека ефтиното кај човекот не се мери според номиналната вредност на постигнатата цена или пак според натрупаното по македонските и странски банки. Тие не се реалните мерила. Тие се само мерила на ефтинијата со која што човекот е купен. Кај некој повисока, кај некој пониска. Ама таа секогаш излегува на виделина. Дали ќе бидат пет стотини евра или седумнаесет милиони заради кои ќе морате да бегате од земјата – сеедно. Етикетата е залепена, смрдеата на ефтина колоњска вода незапирливо се шири! Уште поефтино изгледаат оние кои се обидуваат да не’ убедат дека сиот криминал, дека целиот беспризорен грабеж на државни пари е легален, ама нив ги гонат за да им го затворат медиумот! Ефтин медиум – ефтино оправдување. Ама затоа сите братски и сестрински петпарачки медиуми ќе излезат со наслови за слобода за медиумите. Оние истите што вистината и правдата ги претворија во монета за поткусурување!

Токму заради ефтините луѓе и скапите, големите зборови почнаа да ни звучат ефтино заради пречестата употреба. Се запенавија од хистеризирање за некаква одбрана на земјата, одбрана на јазикот, на идентитетот, за борба против непријателот … за не-знам-што … а сето тоа веќе звучи толку ефтино кога излегува од нивните усти. Го поефтинија до распродажба и знамето кое што го делкаат на фронцли за да си го врзуваат околу спотнатите вратови!  Ги распродадоа и културата, образованието, науката … Кога ќе видите кој се’ се топори и пелтечи во нивно име, кој стои во првите редови и и’ аплаудира на некаква луда баба на која што и’ дошла жолтата минута, јасно ви станува која / колкава ни е цената. За жал, она фамозно „џабалк“ се покажа парадигматично и за овој народ, поефтинет токму до „џабалк“ да го командува кој како стигне, па и последните македонски уличари кои во рацете ќе го земат знамето и ќе урлаат низ улиците. Таа ефтина толпа, повторно за жал, продолжува да и’ слугува на онаа политикантска лакрдија која што се’ уште ја тормози и распродава земјава. Но и тоа веќе утре ќе биде историја, ефтина историја!

ЛИЧЕН КОЛАБОРАЦИОНИЗАМ

или

ЧЕСТА Е СВЕТА РАБОТА (7)

И бидејќи ја спомнав Хана Арент, политичка теоретичарка и ученичка и „романтична“ пријателка на (парадоксално!) Мартин Хајдегер, добро би било да се најде некој разумен филантроп кој би донирал нејзини собрани дела во МАНУ, во доволен број примероци, за да има за сите „академици“. Не е доцна, нека прочитаат малку – ако умеат, на некој странски јазик, зашто не знам дали библиотекарон и шизоиднион „архитект“ вклучија некое нејзино дело меѓу нивните преведени „бисери“ – ако ништо друго пост фестум ќе откријат многу нешта за своето однесување сиве овие години. (Иако тие, сигурен сум, и длабоко и плитко во себе се многу свесни за димензиите на нивното злосторство контра народот!). А полека ќе откриваме и ние, се разбира, зашто секаде, па и во МАНУ ќе се отворат архивите, кога тогаш, ако не веќе утре, и веројатно ќе излезат на светлината на денот и сите тамошни пикантерии. Дотогаш и ние ќе ја препрочитуваме Арент и нејзините брилијантни дијагнози за човековото однесување во услови на тоталитаризам – а нашиов систем не беше ништо друго туку само една валкана локална варијанта, со сите познати пратечки детали и расипливиот човечки материјал како негова основа. И на примерот на МАНУ се покажа, и докажа, дека нема старосни граници, дека нема цврсти правила ниту интелектуални рамки во кои што тоталитаризмот и неговите манифестации полесно или потешко пробиваат и функционираат во сета нивна горопадност. Напротив – примерот на македонските „академици“ покажа дека интелигенцијата (ако овде воопшто може за тоа да стане збор!) по правило е помека, поподатлива на гнилеж, колаборација и слугување, и тоа главно од лични, себични лукративни причини. Или, можеби нашиве мислат дека се мали Хајдегери? Којзнае, со нив никогаш човек не е начисто!

Иако Арент не сугерира баш некакви драстични поделби, сепак посочува на членовите на „респектибилното општество“ како први кои се приклонуваат кон режимот. Или, ако сакате, токму оние кои би морале веднаш да го препознаат / согледаат злото во неговата есенцијална (и историска) форма. Но, од друга страна, Арент никогаш не говори за некаква замислена општа, колективна вина. Не, таа инстистира дека „Не постои такво нешто како колективна вина или колективна невиност; вината и невиноста имаат смисла единствено ако се применети на индивидуи“[1]. Затоа, кога говорам за МАНУ мислам на одговорноста на секој член одделно, по име и презиме. Таа говори за „теорија на забецот“ односно за „запци и тркала“ што го придвижуваат системот, му овозможуват живот, секој ден, месец по месец, година по година. И ние тоа одлично го запознавме! Дотолку повеќе што кај нашиот режим не стануваше збор за некаква директна принуда / присила за кооперативност под диктат на наредба и / или на пример оружје – како што тоа вообичаено се случувало во историските диктатури – туку очигледно, и за жал, станувало збор за личен став, за преференци, за колаборационизам по личен избор и воља! Да го немаше овој тип на своеволно соучесништво, не само кај МАНУ, се разбира, деновите на македонскиов режим одамна ќе беа историја. Денес, пак, тој се одржува со силата на стравот на неговите поданици од она што следи, од она утре и диференцијацијата која што ќе го зафати македонското општество.

Но, она што уште еднаш, и со право, ќе не’ удри по глава ќе биде сознанието за обемот, опфатот на предавството на таа административно бирократска армија во жилава поддршка на овој режим во заминување, вклучувајќи ги тука и белите глави на членовите на МАНУ. Ќе бидеме запрепастени, повторно, со имињата на колаборационистите, со кариерите што цветале под дарежливата рака на режимот, со бенефициите што се добивале и богатствата што се трупале. Зашто, во извесна смисла, и кај нас кружи некогашната мистификација на Аденауер (првиот повоен канцелар на З. Германија) дека „само мал процент Германци биле нацисти“ и дека „големо мнозинство било среќно да им помогне кога може на сограѓаните Евреи“[2]!А во рамките на тие мистификации секако ќе се најдат и соодветни МАНУљубци кои ќе се обидат да релативизираат се’, како што денес се релативизира и македонското зло божем лански снег!

Затоа, секое наше дополнително молчење и толерирање на ваквото беспризорно однесување на онаа група која што себеси се нарекува МАНУ е само показ и на нашата немоќ, па и неспособност да се избориме за вистината. И правдата, ако сакате. Зашто, со тоа не покажуваме дека се грижиме за националните „умни“ бели глави, туку дека злото, подлоста, алчноста, соучесништвото, петтата колона … кај нас глатко поминува! И останува, тука, меѓу нас, латентно и демнечко, до следната прилика!!!

[1] Hannah Arendt, Responsibility and Judgment, Ed. Jerome Kohn, New York: Schocken Books, 2003

[2]Hannah Arendt, Eichman in Jerusalem: A Report on the Banality of Evil, New York, The Viking Press, 1964, стр.

ВАЛКАНА КОХАБИТАЦИЈА

или

ЧЕСТА Е СВЕТА РАБОТА (6)

Кога би говореле за оние средношколци, се’ уште незрели и неискусни, со ум што лета на сите страни и се поведува по „советите“ на хушкачите да излезат и да протестираат наместо да прочитаат добра книга, можеби и јас, и повеќето од нас би нашле некакво оправдување за таквото нивно однесување. Чувството на неодговорност таму е пропорционално на неукоста и младоста (невоспитанието, неспособноста да се согледа пошироката слика, неинформираноста …) тоест на недостатокот на имагинација (Мураками). Односно, „одговорноста започнува во соништата“, вели Јејтс, а Мураками го парафразира и вели дека „онаму каде што нема имагинација, не може да стане збор за одговорност. Токму она што го гледаме кај Ајхман“. И не случајно го спомнувам тој монструм, зашто не’ носи до Хана Арент – виртуозот на толкувањето на вината, соучесништвото и (не)одговорноста – а и Мураками на главниот  лик во неговата „Кафка на брегот“ му ја става в раце токму книгата „Судењето на Ајхман“.

И ги спомнав средношколците, прилепски или други, кои и не мораат да ја знаат Арент – рано им е – иако би морале веќе да знаат што е тоа општествена одговорност. Но оние од МАНУ одамна не се средношколци (иако често така се однесуваат) и би морале, сите до еден, да знаат која е Хана Арент и да го познаваат нејзиното дело. Тоа би било најмалку што би требале да знаат, вчера и денес, овде, во оваа и ваква Македонија. Иако можеби и тоа се преголеми очекувања од нив, зашто очигледно и тие се луѓе без имагинација, и без многу други нешта, вклучувајќи ги тука и чувството за морал, за одговорност, за интегритет, па и идентитет, ако сакате. Зашто и кај нив, очигледно, владее идентитетот / интегритетот на толпата, на улицата, или можеби сите ги зафатила Александровата треска на херојство, моќ и надмоќ, по која што, очигледно не знаејќи што да прави со себе си и слободното време, трагаше еден нивни член. И иако не ги гледаме на улиците, барем засега, тие очигледно се таму – премолчено аплаудирајќи и одобрувајќи го натамошното газење на демократијата во оваа држажа! Како да им беа малку изминатите единаесет години.

И упорно, и не само јас, се навраќаме и на почетоците на инсталацијата на овој автократски режим и поддршката што ја доби токму од (условно) респектабилните членови на ова општество – интелигенција, бизнисмени,  уметници – вклучувајќи го тука и (по дефиниција) најреспектабилниот дел: Македонската академија на науките и уметностите! И нема да ја повторувам онаа мизерна епизода со помоцијата на магистерскиот труд на нашион шизоиден автократ, туку ќе речам дека и тие, меѓу другите, активно и своеволно (а богами и како перјаници!) учествуваа во распарчувањето на АСНОМските идеали на македонската држава, на системот на вредности макотрпно граден од нивните претходници, слепо слугувајќи во инсталацијата на еден друг, ненароден и недемократски режим само и единствено заради лични интереси. Тие не само што молчеа туку и благонаклоно гледаа, а некои и директно учествуваа во, како што вели Ивајло Дичев, „Отфрлањето на она што е сопствено како омразено, и присвојување на она што е престижно како странско“, во прекројувањето на македонската историја, во монтажата на нови национални „митови“ и национални „херои“ … И, попатно но не и како помалку важно, во поддршката на локалната индустрија за производство на кич – не само во архитектурата туку и во македонската култура и уметност!

И, да бидам искрен, тука никако не мислам дека сите членови на оваа наша некогаш врвна научна и уметничка институција се верни поклоници / следбеници на овие режимски политики. Не, но токму тоа е уште поголемиот нивни проблем, па и грев, ако сакате. Зашто, (не само јас) имам чувство дека таму, во таа ладовита зграда покрај Вардар, извонредно добро функционира системот на премолчен договор – што, парафразирано, ни го потврди и нивниот бојадисан претседател – според кој што тие не влегуваат во дебати или дискусии околу тие нешта, уште помалку во конфликти, тие одлично коегзистираат, или кохабитираат, тие не се покажуваат меѓу себе со прст. Уште помалку тоа го прават јавно! Тој тип на валкана кохабитација им овозможува комоција, уживање на сите бенефиции во секоја власт, со тоа што само се менуваат улогите и главните миленици. Таквите игри беа на дело и во 2001 година, се играат и денес. Успешно, мислат тие. Ама проѕирно, до зла бога!

ЗАКОН ЗА МОЛК

или

ЧЕСТА Е СВЕТА РАБОТА (5)

Не сум баш сигурен дека сето ова воопшто има некаква смисла, дека реакциите од овој тип, не само моите туку и сите други, може да имаат каков и да е’ ефект врз нашиве вечно гладни „академици“. Па дури и на плановите и потенцијалните постапки на идната власт околу националниот скандал наречен МАНУ. Да се фатиш в костец со такво високорангирано зло веќе во првите денови на повторното конституирање на демократијата во државава не е лесна работа. Но токму тоа е и поентата: зарем чистењето на шталите ќе започне од ситните неранимајковци, од оние од кои и господ кренал раце и кои сакале нејќеле, за сендвич или два, морале да се пришљамчат кон режимот? А овие и понатаму ќе ги уживаат бенефициите заради нивното претпоставено но никогаш и со ништо оправдано реноме на некаква особена, дури врвна национална вредност? Дури напротив: тие низ годиниве покажаа и докажаа дека професиите, биографиите, делата – ако воопшто и ги има – не се единственото, не се дури ни првото мерило за човекот, па ако сакате и патриотот, со голема почетна буква. Секогаш било и ќе биде: честа е света работа, моралот на поединецот е врвното мерило за квалитетот на Човекот! А тоа, очигледно е, нашиве го немаа(т).

Зашто, ако сакате, на едно годишно собрание, во вакви услови, да се чуе, прво, едно такво фриволно, бескрвно, опортуно, некритичко, дури кукавичко воведно излагање каде што сета вина се префрла врз „политичките субјекти“, а „МАНУ како врвна научна институција во согласност со своите законски определени права и должности е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста за надминување на криза“, е скандал без преседан! Да се нема доблест да се проговори отворено за заробената држава, за киднапираните институции и човекови права, за авторитарното толкугодишно узурпирање на демократијата …? И кои впрочем „законски определени права и должности“ на МАНУ им попречуваа(т) на “академиците“ и нивното Претседателство да проговорат за овие нешта? Или за деценискиот криминал, 600-те илјади иселени млади, за полните затвори со политички затвореници, за однесувањето на лудакон од Водно, за комплетното уништување на македонската култура, образование, наука …? Да не постои некој закон за молк а ние не сме знаеле за него? И што ќе им се случеше ако проговореа? Ќе ги притвореа? Па што? Не ќе можеа еден месец да си го земат академскиот додаток?

Или, второ, кои впрочем „законски определени права и должности“ им попречуваа на „академиците“ – барем тие малкумина кои беа таму присутни зашто другите очигледно уште дремеа дома – да станат како еден и да го  попречат оној гнасен политикантски спинуван поход на библиотекарот контра опозицијата, демократијата, човековите права, контра се’ што е нормално во оваа држава? Каква е таа лажна солидарност – демек демократичност – да се слушаат такви флоскули недостојни за гимназијалец а не за академици? Или тоа е таа нивна фамозна „одбрана на државата“? Од кого, од демократијата? Или и тие сите мислат дека „Во подолг период македонскиот народ отстапува пред меѓународната заедница, соседите и сограѓаните Албанци од принципите кои се суштински за нашето постоење“? Па барем нека станат и нека кажат, иако и нивниот молк беше доволно гласен, и јасен. Сиве овие години.А како што се смета отстапувањето „во подолг период“ пред домашните криминалци, политиканти и превеани мафиозикои државата ја претворија во своја прчија? Впрочем, овие национални величини еднаш ги гледавме во слична драмолетка во 2001 година, кога тројцата врвни демагози на МАНУ јавно ја делеа државата до и отаде Групчин, а останатата мануковска булумента молчеше „ко заливена“. И тогаш не смогнаа храброст да ги фатат тројцата за уши и да ги исфрлат на улица. Истото го гледаме и денес!

ПОДАНИЧКА МИСИЈА

или

ЧЕСТА Е СВЕТА РАБОТА (4)

Ако пак сегашниве „академици“, заради многу причини, нерадо се сеќаваат на нивните колеги претходници – на пример спомнатите Конески, Митрев, но и многумина други – односно на оние кои всушност и ја формирале МАНУ и ја задолжиле оваа држава со нивната визија, можат да го погледнат напишаното од нивниот некогашен „голем“ прецедник Камбовски пред неколку години, а насловено како „Мисија“. А ако повторно не умеат да го вклучат компјутерот, ќе им го парафразирам во кратки црти напишаното.

Елем, ако Академијата, односно токму нивната МАНУ, била основана „како врвна научна и уметничка установа во нашата држава, која го следи и поттикнува развојот на науките и уметностите и се залага за нивно унапредување“, може ли некој од нашиве „мудреци“ во овој миг да не’ просветли што тоа тие поттикнаа, развија или унапредија во наведените области? Зашто, ете, ние обичните смртници паметиме само стагнација односно уназадување. Или, ако, како што вели „Мисијата“, „Академијата ги разгледува состојбите во областа на културното наследство и природното богатство, соработува во утврдувањето на националната политика во науките и уметностите, поттикнува, координира, организира и врши научни истражувања и уметнички остварувања, а посебно оние што се од исклучително значење за Македонија“, може ли еден, барем еден од членовите на нејзиниот денешен состав да стане и да каже што од ова исполнија во последниве единаесет години? Што разгледаа, кои и какви состојби, какви политики утврдија, што поттикнаа или координараа, организираа … последниве десет години во науката, културата, уметноста, а што беше навистина актуелно и од „исклучително значење за Македонија“?

Оттука и дилемата: да не имаат овие и некоја скриена, необјавена злосторничка мисија, непозната за пошироката јавност? Не пледирам на потполна и целосна информираност за активностите на МАНУ, ама белки ќе видев некаков нивен званичен и компетентен став за „Скопје 2014“? За девастацијата на цел еден град, главен град на државата? Или збор два за ремек делото на модерната македонска архитектура – објектот на Муличковски, денес целосно упропастено и преоблечено во смешна „бела шампита“? Или десетгодишното континуирано подривање на комплетната македонска култура преку т.н. годишни програми на Министерството за (не)култура, на чие чело (во Советот) долги години седеше токму еден нивни „уважен“ член? Или за т.н. дисперзија на високото образование? И уште многу такви „или / и“! Имаат ли појма тие матуфи таму во каква состојба навистина се наоѓаат овие области кај нас, какви катаклизми се случија во македонската култура и уметност, на кое рамниште е македонската наука? Гледаат ли воопшто, слушаат ли во каква состојба се наоѓа целокупното македонско општество? Или нив тоа не ги интересира? Или тоа само ние обичните смртници ги сметаме овие нешта за битни, дури и од „исклучително значење за Македонија“, а всушност побитни да ти биле незаситните апетити на „академициве“ и нивната трка по богатење?

Можеби ние имаме и друг проблем, а да не сме свесни за истиот. Односно, можеби ние постоиме заради нив – заради оваа гарнитура „академици“ – а  можеби и оваа држава е создадена токму за тие да имаат од каде да цицаат? Можеби, но и тоа треба некој отворено да го каже. Ако не друг, тогаш барем  библиотекарон крстоносец маскиран во академик.

А ние сепак нема да заборавиме да ги потсетиме дека сите потреби на таа институцијата – месечниот академски додаток, средствата за проекти, за патувања и истражувања, другите материјални потреби итн. – доаѓаат од општествениот буџет односно се дел од народните средства што ова општество ги издвојува за нивни потреби. А ова општество не е само кругот на злосторничкото здружение и неговата врхушка кон кои што, очигледно, се единствено наклонети македонските академици. Ова општество се и оние преку 620.000 гласачи кои на последните избори се изјаснија за крај на заробената држава и киднапираните права, за коренити промени во државата! И ние сега, или утре, можеме до бескрај да ламентираме дали и една МАНУ има обврски кон општеството, кон народот во крајна линија, и дали тие разгалени тутмаци  мора конечно да ги извадат рацете од џебовите и очите од банковните сметки. Впрочем, тоа го правевме и изминативе којзнае колку години, и – ништо. Од тоа очигледно нема големо фајде зашто овие свикнаа и на критики и на произивки, па и на навреди. Ѓонови. Затоа и општеството мора да го смени односот кон нив и да ги постави нештата на вистинскиот колосек!

ВЕТВА КОПИЈА

или

ЧЕСТА Е СВЕТА РАБОТА (3)

Некаде прочитав дека всушност нашите очекувања од МАНУ се преголеми бидејќи таа институција едноставно не може, објективно нема сили да се издвои од вкупното национално сивило, од општата клима во државата, од истото или слично однесување на сите други – подеднакво или помалку важни – институции во државната администрација. Зашто и МАНУ е само обичен, или нека е дури и необичен, репрезент на македонскиот менталитет, на општопознатата паланечка филозофија дека „наведната глава сабја не ја сече“. Иако посакуван концентрат на творечката мисла во Македонија, таа е всушност – веројатно секогаш и била – само ветва, побелена копија на вековниот поданички македонски менталитет! И тоа, за жал, е факт потврден многупати до сега, последен пат пред само некој ден. Колку и да не ни се допаѓа таа прокеција, тоа е сепак нашата слика во огледало, нашето секојдневие живуркано цели единаесет години.

И без оглед какви чувства таа (слика) предизвикува денес кај нас – а тие, чувствата, не само мои туку и барем според општите реакции, се граничат со разочарување, неверување, дури гнев – тоа е состојба на која што, очигледно, тие се обидуваат да не’ навикнат. Како на нешто вообичаено, нормално, безмалу неопходно. Наше е дали тоа ќе го прифатиме. Лично, таквите состојби се нешто кое што би се обидел да го разберам во најголем број случаи, можеби како некаква функционална логика на преживување, како вековно искуство на овие простори, како егзистенцијален инстинкт што е својствен за сите други, но не и за МАНУ! Односно – не би требало да биде, бидејќи токму другоста, посебноста, ексклузивноста, ако сакате, е тој мал детал што (би требало да) ја издвојува оваа институција од сите други, од македонската просечност и страшливост, од филозофијата на наведната глава. За тоа впрочем и била основана, за тоа впрочем и ја добила довербата од општеството. И третманот, таков каков што – висок, значаен, дури ексклузивен!

„Формирањето на Македонската академија е секако еден од нашите најкрупни потфати на културното поле“, рекол еден Блаже Конески пред цели 50 години, при донесувањето на Закон за МАНУ. Бардот пак на македонската критика, Димитар Митрев, го видел тој миг како „торжествен и сублимен“, како „еден од најретките во повеста на македонскиот народ, миг на врвно признание кон неговиот творечки потенцијал и кон неговите постигања на поприштето на научното и уметничкото творештво. … Овој миг за нас е вонредно редок, но не и неочекуван. Тоа треба да го изречеме со сета своја човешка и национална гордост. …горди сме дека идната Академија ја остварува во ова размирно време далечната визија на нашиот голем претходник: Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар на народите“! Што денес остана од овие убави желби и зборови? Впрочем, сето ова „академиците“ можат да си го прочитаат на нивниот веб сајт, ако умеат да вклучат копјутер, се разбира, и интернет. Или таа историја е за другите, за простиот народ, да го замајува за големината на институцијата и нејзиното знаечење додека актуелниве персони помеѓу две дремки тераат свои бизниси и политики со криминалната власт?

Некој можеби ќе рече дека цитатите се сепак од едно друго време, полно со поинаков ентузијазам и идеи и оттогаш поминале педесет години низ кои што се реализирале голем дел од амбициите. Не знам, можеби, иако знам дека во науката, уметноста, културата … идеите, ентузијазмот, амбициите не ветвеат туку така. Уште помалку оние со национален предзнак. Тоа не се нешта подложни на расипување. Проблемот е во човечкиот материјал, очигледно, во ниските страсти и пориви, во себичноста, во алчноста … Па и во неспособноста, неукоста, ако сакате, иако говориме за некаква „врвна“ научна, културна, уметничка, образовна институција. Или за нејзина офуцана малодушна и лукративна копија!