Monthly Archives: November 2015

МИРИСОТ НА ПАРИТЕ

или

ЏИХАДИСТИ И БАРОКОНОСЦИ (3)

8.

И бидејќи во два-три наврати, а во контекстот на првичните импресии од (авто)фројдовската конструкција на непрежаленион ни шапшал за сличностите на џихадистите и бароконосците ги спомнувам парите, ред е и да ги дообјаснам. Поточно тие, парите, се несомнено еден од потенцијалните / можните  компаративни сегменти (покрај омразата, незнаењето, неукоста, насилството) помеѓу џихадистичката деструктивност и нашиот бароковозљубен културоцид. Како впрочем и кај сите други и разноразни и разнородни „групации“ (сместувајќи ги тука не само сите можни воинствени  збирштини туку и политикантските „терористи“ како нашиве локални  модернофоби), парите играат пресудна улога, иако најчесто скриена зад фасадата на религијата, идеологијата или „патриотизмот“, како во нашиот случај. Колку поцврста фасада – а религиозната е прилично цврста – толку посилна убедливост. Нашата фасада е проѕирно патриотска и стиропорна, и затоа самата се рони!

(Патем, за уште една споредба со „сличностите“ помеѓу Палмира и ликвидацијата на 82-годишниот археолог Калед ал Асад, а за која што пишуваше вечниот ни Сарајлија: во годината на објавувањето на ликвидацијата на делото на нашиот Петар Муличковски, архитектот имаше 83 години. Секоја случајност е – намерна!).

9.

Не дека откривам којзнае каква новост дека парите „вртат“ и кај џихадистите и кај нашиве модернофобни културоциди. И повторно: тоа се виде речиси од самиот почеток, од махерското „ѕидање“ на тендерите и десеткратното зголемување  на (божем) утврдените износи. Нормално, како што секој „патриот“ тропнуваше на вратата на тендерот, така цените растеа. Мораше да има доволно за задоволување на „патриотските“ побарувања на сите од врвот, на еден или на друг начин. И, за разлика од сите други, нашиве полит-терористи за себе имаа цели годишни буџети, баснословни народни пари за трошење за нивните шизоидни „Миле ми текна“ идеи.

Инаку, на пример, еден од заклучоците на неодамнешниот состанок на групата Г-20 бил дека терористичките групации, вклучувајќи ја тука и ИСИЛ, можат да се уништат само ако останат без приходи. Затоа што секогаш, и секаде, и таквите групации но и „легитимните“ полит – терористички субјекти  преправени како и нашиве модернофоби, функционираат на крилјата на туѓите пари. Кај едните тоа е шверцот, насилството, киднапирањето, кражбите, кај другите тоа се „легитимните“ празнења на државниот буџет, па странските кредити, па разноразни обврзници итн. Скратете им ги тие извори и – труба. Нема пари – нема „акција“ (подразбирајќи под овој поим се’ што може да се опфати, па и нашево налудничаво „Скопје 2014“). Но, кога имаш (народен) буџет – се’ е полесно.

10.

Па оттука, сонот на нашиве модернофобни културоциди – сомнабулната „креација“ наречена „Скопје 2014“ – не ќе беше можна без киднапирање на (дел од) државниот буџет. Онака, најбезобразно, најдрско, не баре парите си ги донеле од дома или од родителите. Со години, прво поскришно, криејќи ги низ разни нејасни ставки, а потоа и најбезочно и јавно, беа јадени огромни делови не само од главниот буџет туку и од буџетите на неколку министерства, на други државни институции, на буџетот на градот итн. Те ваму фонтана „Воин на коњ“, онаму Археолошки „музеј“, на друга страна едно чудо дилетантски споменици … и коцките полека се склопуваа(т) додека со око да трепнеш. Малку од Министерство за финансии, малку (или многу, сеедно) од Министерство за (не)култура, па од Собрание на град Скопје, па од Општина Центар … и сето тоа на штета на други приоритети, на штета на граѓаните од чии џебови беа извлечени тие пари.

Денес тешко дека некој ќе може да пресмета што се’ загуби македонската култура со таквото терористичко киднапирање на културниот денар, или што се’ му беше ускратено на граѓанинот на главниот град за сметка на сите будалаштини испилени во умовите на локалниве бароконосни терористи! Иако и сега сумите допираат фантастични проекции, дури и да останат такви (а нема, многу нешта веќе беа сокриени) какви што ги објави надлежната комисија на Општина Центар, тие изнесуваа близу 600 милиони евра. Еден цел нов град! А ќе бидат поголеми зашто работите на културоцидиве продолжија и целата оваа  година.

И што е најинтересно, теророт нема абер да сопре: само градот Скопје наредната година (повторно) ќе поарчи неколку милиони евра за префасадирање и други слични будалаштини заради фикс идеите на неколкумина наши „мули“ и „емири“ од модернофобна провениенција! А главниот извор – државниот буџет – велат е најголем досега.

11.

Рецептот на групата Г-20 е применлив во наведените ситуации со терористичките групации од различни исходишта, но не и кај политичкиот културоцид од нашиов тип, иако најчесто механизмите на нивното делување се многу, многу слични. Дури и во такви детали како, на пример, тргувањето со археолошките артефакти од Палмира или другите локалитети (кај едните), и многу слични скандали и кај нас, кај нашиве „легитимни“ политикантски групации. Она што го со години го знаеа и врапците, заврши со две-три судења и пет-шестмина притворени / затворени, а огоромен дел од македонското културно наследство беше – разнесено низ светот! Пред носот  на Управата за заштита на културното наследство односно, велат, со нејзина сесрдна помош. Или пак (се’ уште) актуелнава игра со празнењата на депоата на Музејот на Македонија според речиси истата уиграна шема. И повторно неколкумина ќе одлежат, експонатите ги нема (или ќе се појават по многу години на некоја аукција, иако почесто завршуваат во таинствени приватни збирки), по некој од политикантите (како Лилено-на-тато) бесрамно ќе ги теши родителите … и – толку. Што е тука поразлично од безочните пљачкосувања на музеите и локалитетите на Блискиот исток? Зашто се (божем) покултурно изведени?

Но, повторно, рецептите за решавање на проблемите се различни. Во нашиов случај тие мораат да бидат внатрешни решенија, со мала или поголема помош од надвор. И морат да бидат легални, иако се справуваат со (формално и фактички) нелегални постапки!

ИКОНОКЛАСТИ И МОДЕРНОФОБИ

или

ЏИХАДИСТИ И БАРОКОНОСЦИ (2)

4.

Не знам, не сум сигурен дали исходиштето на насилството може да се бара (и) во предрасудите, но не мислам да ја разглобувам таа теза понатаму. Како и да е’, еден дел, нека е и мал, а не е мал, во тоа насилство, манифестирано на различни начини, сигурно е производ и на предрасудите. На предрасудите од различен тип: етнички, културни, верски, политички … И сите ни се добро познати, и низ историјата на ова тло, и денес.

Предрасудите пак, главно, ги дефинираат како однапред создаден, неоснован во реалноста и по правило негативен суд / став за некоја личност, пол, раса, класа, етничка заедница … И секоја предрасуда во принцип произлегува од незнаење, непознавање, неискуство. И кога речниците и енциклопедиите тоа така убаво ќе ви го објаснат, уште да почнете и да го разбирате, ако не оправдувате. Се разбира дека предрасудите кон човекот, особено оние што се манифестираат низ насилство, се врвот на нетолеранцијата и секогаш добиваат поголема доза осуда. Кај нас виреат сите по ред, особено денес, но (за среќа) поретко кулминираат во насилно однесување, иако и тие форми не ни се непознати.

Не знам и дали предрасудите ги опфаќаат односно можат со тој назив да се наречат и разните фиксации, патологии, стереотипизирања насочени и вон стриктно човечкиот род и неговите активности. На пример „предрасуди“ кон сегашноста или иднината, кон одделни уметнички форми, кон одделни научни толкувања итн.

А зошто не би можеле, кога и тоа се неразумни ставови кон нешто, вообичаено отпорни на разумни влијанија и објаснувања?!

Во таква светлина се обидувам да ги согледам актите на насилство насочени кон, на пример, археолошките локалитети од страна на џихадистите, но и истите (или слични) манифестации кон еден современ град тоест Скопје.

5.

Се разбира, не се повлекувам од тезата дека во основата на таквите манифестации – оние во Палмира, или во Авганистан, но и овие во Скопје – лежи (и) омразата. Можеби омразата е посилна од предрасудите, или е нејзин производ, или …?! Мислам дека овде се наталожиле повеќе негативни чувства и опсесии / фиксации / патологии, низ чија што призма можат да се (со)гледаат таквите „активности“.

Не можеме баш се’ да сведеме на една од констатациите на CNN дека уништувањето на Палмира е само уште еден акт на привлекување на светско внимание и регрутирање на нови симпатизери. Во еден дел – можеби, но сепак. И дали истото важи и за „Скопје 2014“? Можеби, но повторно делумно, односно ако се гледа како обид да се обединат сите мрачни сили кои едноставно го мразат овој град – таков каков што е?!

Сепак, за Палмира постојат и други објаснувања. Едното го спомнав минатиот пат и лежи во религиските корени на исламот и неговата иконокластична борбеност против сите човеколики претставувања. Од таа призма (и) Палмира би била идолатрија од некаков вид, иако датира многу пред исламот. Иако, велат, дека иконоклазмот не е измислица на исламот туку тој бил запишан уште во Библијата, значи многу пред чинот на отстранувањето на идолите од Кааба во Мека.

А сепак, некои аналитичари сметаат дека Палмира како цел нема врска со потенцијалната репрезентативност на нејзината уметност, туку повеќе заради познатата (некогашна) отвореност, мултиетничност на градот, толеранцијата кон другите култури и религии и сл. Таквиот симбол денес, на тие простори, како самиот да си ја бара(л) бељата!

6.

Но, каде лежат корените на нашево современо модернофобство, на нашиве полуписмени бароконосци кои со „оган и меч“ успеаа да девастираат цел еден град? Знам, многумина ќе забележат дека компарациите на иконоклазмот на исламот со ова нашево туткунско модернофобство можеби и не се соодветни. Веројатно не се, зашто исламот е сериозна религија со објасниви корени, а нашево е шизофрено современо безумие. Ама, некако носат (навидум) слични печати. Иако овие нашиве бароконосни печати „жежат и печат“ дури посилно, зашто се производ на сите мрачни сили собрани на едно место.

Кај нив нема ни светост ни филозофија, ни религија ниту пак ум – тие се напојуват само и исклучиво на изворите на омразата, предрасудата, незнаењето. Инаку, кому му пречеше, на пример, објектот на Муличковски, и зошто? Затоа што беше симбол на некогашниот комунизам? Глупости. По таа логика треба континуирано да се уништуваат (или префасадираат) едно чудо згради, палати, дворци … низ светот што биле симбол на некакво друго, поинакво, па нека е и омразено минато.

Или, зошто им пречи ГТЦ? Еве тој не е симбол на ништо. Ама – сепак е’, ГТЦ е (повторно) симбол на она омразено нешто – на модернизмот – кон кој тие имаат стоиедна предрасуда, кој тие апсолутно не го разбираат. Тој во нивните очи „монструм“ ни бил израз на т.н. политички тоталитаризам ниту пак бил / е’ репрезент на некакви скриени значења. Тој бил, и е’, само еден прекрасен архитектонски / уметнички израз на едно време, репрезент на еден градски, урбан, модерен светоглед којшто сељачанава научена на кал и опинци не може да го разбере. Како впрочем и објектот на Поштата, што подеднакво му се гадеше на другоно сељаче – филозофче па ќе го ставаше на маици! Тоа се такви типови – од мали врзани во клупче, неизлезени од дома, уштоглени, конзерви, кратковиди и тесногради… ама денес се сите „џезери“ во барокно руво!

Затоа мислам дека кај нас има од се’ по нешто, но највеќе страв, омраза и предрасуди од / кон  непознатото, нелагодност од незнаењето, комплекс од неразбирањето. Зашто, да доаѓаш секој ден и да седиш во еден таков објект, треба да го разбираш неговиот концепт, неговата „порака“, да ја разбираш Модерната, и не само неа туку и она што и претходело и тоа што ја наследило. А шутрациве не разбираат – ништо. Ни едното, ни другото ни третото. Бегале од часови, уличареле, препишувале и научиле – тапа! Затоа и сето околу нив им изгледа чудно, нејасно, не можат да ги дешифрираат кодовите, уште помалку знаат како да се однесуваат кон нив. А ги мразат и оние кои умеат се’ што тие не знаат и не умеат. Затоа и уништувањето им оди од рака бидејќи е јасно мотивирано.

Истите проблеми се рефлектираат и во нивните „разбирања“ на културата и уметноста. Џабе им се и одењата до Париз и Лондон, Њујорк и Токио кога (повторно) таму разбираат уште помалку отколку тука. (И) таму буљат ко слепци и ептен ништо не им е јасно. Каква фајда што и овде, на пример, имаат Музеј на современата уметност, со еден Пикасо и уште по некој великан, кога тие ништо од тоа не разбираат. Ним им требаат сликички – руски и украински по можност, оние кичовидни разгледници низ кои што ќе шетаат комити и турци, ќе се бијат битки и ќе се слават измислени победи. Затоа и си направија музеј и затоа истураат толку пари во него. Затоа и пред извено време го спомнав перформансот на големиот Бојс „Како да му ги објасниш сликите на мртвиот зајак“! Иста приказна.

7.

Затоа нашава современа беда и јад доби таков замаф и богами популарност кај одреден број луѓе. Зашто тупавиот не можете преку ноќ да го образувате, уште помалку да му го објасните сето она што го пропуштал толку децении. Незнаењето, неразбирањето, комбинирано со предрасудите и власта во раце води кон избувнување на сите насобрани бесови, на сите запаметени и некои подзаборавени потсмевања и резултира во миг на одмазда, на враќање „мило за драго“, payback time! Демек, е сега ние ќе ви покажеме што е вашиот град за нас. Ќе ви направиме „поубав“ град, од стиропор, и ќе ве оставиме да уживате во него.

А избраниот „модел“ – таканаречениот барок или неокласицизам, се веројатно сосема случајно избрани „од тепка“ примери, нешто што запаметиле шетајќи по продавници низ Европава и им се видело „поразбирливо“ од другото. Или пораскошно, побуржоаско, а тие, пустите, секогаш мечтаеле да бидат буржоазија. Со смрдливи чорапи ама – буржоазија, на балкански начин. Нема врска со нашиов „барок“ и „неокласицизам“ само „поминал“ покрај некаков сериозен барок или неокласицизам. Важно е да се реализира сонот од младоста, да се тргне ноќната мора наречена модернизам, па и по цена на овој стиропор.

А цената – висока. На стиропорот мислам. И расте од ден во ден, со секој анкес договор. Зашто, видоа, можело и така: ем одмазда, ем богатење! (Модерно)фобијата се трансформира во (бароко)филија со акцентиран мирис и шушкавост на парите!!!

ЏИХАДИСТИ И БАРОКОНОСЦИ

1.

Како што работите се подрасчистуваат, пците посилно џавкаат. Осеќаат дека крајот е близу, стопаните ќе ги јаде мрак. Не се свикнати сами, мора некој да ги заповеда, да го затега и отпушта оглавникот. Затоа и бесниот лавеж, последно ехо на омразата кон се’ што е поинакво – разведрувањето околу себе го гледаат на крв. И врескаат божем уште трае нивната Недојдија,  нивното село зад којзнае какви калливи брда и долини.

Судијкана сега покажува (и) заби – стражарно ќе го спроведувала лидерот на опозицијата. Не гледа дека деновите и’ се избројани и дека доаѓа време друг да спроведува. И закон, и се’ друго, ако треба и стражарно. Нашион пак  безвременски и никогаш непрежален Сарајлија р’жи на тенки ноти. Одамна не ме насмеал така слатко. Иако, некако, се поретко му обраќам внимание, пријатели сепак ми пуштаат линкови со неговите „бисери“. Ама последново е – охридски бисер! Или „сваровски“?! Шапшалов ечи: „Омразата кон проектот „Скопје 2014“, кој ги исполнува овие лажни револуционери и авангардисти со невиден и крајно неартикулиран гнев, е аналогна на омразата што припадниците на ИСИС ја имаат кон археолошкиот локалитет Палмира во Сирија, каде што џихадистите на современоста се легитимираа во целата своја игнорантност и малоумност низ процесот на уништувањето на артефактите, но и низ манијакалното убиство на стариот 82-годишен археолог и пасиониран поклоник на културните вредности на човештвото“. Генијално! Чист Фројд. Колку добро всушност тие си ја знаат дијагнозата за ова нивно лудило  (само)наречено „проект Скопје 2014“.

Исто, или слично како и „тезата“ на едикојси „професор“ од „Топ тема“ дека за прислушкувањето е крива – опозицијата. Жити мајка! Впрочем, на исти ноти како и општиот бандитски крик: држ’те ги крадците!

2.

Се разбира, и Сарајлија, и другиве, несвесно го кажуваат (и) тоа што (не) го мислат, односно го говорат она што им е нарачано, а излегува – друго! Излегува вистината, точната дијагноза за нашево секојдневие, за нашево совремие каде започна последниот чин на драмата на македонскиот културен „џихад“.

Речиси идентична паралела како цитираната, но во обратна насока, се разбира, спомнав во еден текст од пред неколку месеци (се’ уште необјавен) за еден зборник во подготовка. И искрено мислам дека тоа е најдобрата  паралела / дијагноза за (само)наречениот „проект Скопје 2014“. Зашто се’ што се случуваше кај нас годиниве е аналогно на културоцидот што ИСИС ја покажа (не само) кон преубавата Палмира. Во мракот на актуелните терористички случувања во Париз оваа компарација добива на тежина. И на смисла.

Зашто, навистина и нема никаква разлика помеѓу мракобесните џихадисти што систематски ја уништуваа(т) Палмира, па и оние талибанци кои правеа р’шум низ Авганистан, со нашиве локални бароконосци кои подеднакво ефикасно уништија – буквално и метафорично – цел еден град. Можеби мотивите се различни, иако сепак слични, но праксата е иста. Кај едните, кај џихадистите, наводно, главниот мотив е верата која забранува прикажување на човечки лик, што ќе рече – враќање кон изворното толкување на исламот. И никого не го боли глава што ни Палмира, уште помалку Персеполис, а за Буда муабет да не правиме, немаат врска со исламот и се градени илјадници години пред настанокот на оваа религија.

Кај бароконосците пак, главниот мотив никогаш не беше јасно и гласно кажан, но според некои (трчи-лажи) толкувања, а особено според „делата“, и ние се враќаме некаде назад, во некое време коешто, божем постоело и кај нас па сега го „реставрираме“, иако никој не го видел, ни чул. Некој наш „барок“ и „(нео)класицизам“, што некои „стручни“ шушумиги го виделе дури и во Битола, но за живо чудо сето тоа испарило без трага. Што ќе рече, историските реминисценции се една од сличностите на двете идеи. Но, во суштина, ни првите имаат врска со исламот, ниту вторите имаат допирна точка со градењето и „оживувањето“ на некое минато. Тоа е, се разбира, само фасада.

Потоа, кај едните е доминантна средновековната (исламска) религиска природа, кај другите (божем) православниот „конзервативизам“ од временски недефинирана провениенција. Обете варијанти имаат строга вертикална хиерархија, обете варијанти имаат свои „шеици“ кои се занимаваат со теророт, но на различен начин – едните со оружје, другите со политичка пресија. Едните се колнат во ефикасноста на АК-47, другите во политикантската кама и пиштол.

Обете групи го корпорираа и клиентизираа теророт на свој начин. И сето тоа во името на верата, се разбира, и на партијата, апсолутно. Но, и џихадистите и бароконосците, барем повеќето од нив, се всушност „модерни“ луѓе кои верата ја носат како маска за исполнување на нивните други цели. Едните ја носат апокалипсата, другите ја посакуват за да опстанат. Обете групации се потпираат на „дијаспората“: џихадистите на нивните симпатизери во Европа и Америка, бароконосците на нашите низ светот! Џихадистите ги следат законите и заветите на Мухамед, нашиве бароконосци се инспирираат од некои нивни предци од пред стотина години.

Има и многу други сличности. Парите, особено. И едните и другите ги имаат во изобилие. И, велат, некои други супстанци со (не)познато потекло. Мотивирачки супстанци, оние што „подигаат“, или што ли прават, сеедно.

Но, основната допирна точка, секако, е демонската омраза кон делото на другиот. Тој „друг“ може да биде Палмира или Скопје, нешто старо илјадници години, но и реалтивно младо, само педесеттина или сто лета. Тој „друг“ може да биде амфитеатарот во Ефес или објектот на Муличковски или Поповски, сеедно. Битно е да се урне, зашто, вели шапшалот, ГТЦ да ти бил „еден вид архитектонски и градежнички монструм, резултат на еден политички тоталитаризам“! Се разбира, ни омразата, глупоста уште помалку,  не води сметка за вредностите, туку за соодветно насилно манифестирање на насобраниот гнев. И затоа и Палмира, и затоа и Скопје (2014)!

3.

Она што се случува(ше) во Македонија од 2007 година наваму е токму таков културен „џихад“ спроведуван од шапшали и шизофреници, а нивното „ремек дело“ е шизофрена инсталација од позиција на сила и моќ, а подоцна и пари, а под закрилата на политички „програми“ и национални „проекти“.

После петнаесеттина години самостојна и независна држава, после сите предизвици поминати со турбулентната дисолуција на Југославија, македонското општество западна во типична варварска стапица поставена од локални политички шалабајзери и нивните квази-интелектуални трабанти. Под превезот на некаковси патриотски наплив маскиран како десен (или лесен) конзервативизам, национален романтизам и потрага по идентитетот, а всушност запаѓање во класичен политички и општествен дилетантизам, оваа неверојатна налудничава инсталација едновремено значеше и нов радикален прекин со сите општествени, културни и уметнички традиции во државава градени повеќе од седумдесет години. Ако Македонија во 1993 година успеа да го одбегне крвавото сценарио што ги зафати останатите Југословенски републики, ако некако, како-така, фати чекор со очекуваните демократски промени во општеството и ги насочи силите кон актуелните евроатлантски интеграции, оваа денешна „роднокрајна“ џихад-чума која некои ја нарекуваат „груевизам“ а воопштено се идентификува и како „проект Скопје 2014“, ги сопре сите современи процеси во државата, ги суспендира и Уставот и законите и ги криминализира сите пори во општеството. Под маската на борбата за национален идентитет, за (божем) нов вредносен систем, за (божем) цврста конзервативна држава … Македонија доби полуписмена дилетантска група која си игра(ше) власт! А со неа и такви кловнови и опајдари како оној од почетокот, кои по правило ги следат шизофрените, зашто тоа им е шансата (и) за себепромоција!

ШТО (НЕ) КАЖА МИНИСТЕРКАТА?

1.

Апсолутно се согласувам дека не е мала работа националната министерка за култура на некоја земја да се обрати на Генералната конференција на УНЕСКО. Таа меѓународна организација не е мачија кашлица, туку му доаѓа некако како и Генералната конференција на Обединетите нации, ама за култура, образование и наука. Основана, се разбира, да ја унапредува соработката помеѓу државите на овој план, притоа едновремено  (или потенцирано) унапредувајќи ги и владеењето на правото и фундаменталните човекови слободи и права прокламирани со Повелбата на ОН.

Можеби затоа и ме зачуди веста за обраќањето на „нашата“ министерка за (не)култура на овогодишната Генерална конференција на УНЕСКО. Мислам, да, добро е таму да се говори, ама претпоставувам дека треба и да се има што да се каже, се разбира. Иако нашиве актуелни политичари, најчесто, одат секаде, па и застануваат на говорница и кога немаат што да кажат. Жив пример ни е претседателот, кој на говорница ужива или да молчи или да искара некого за неговите / нашите глупости.

2.

Не сакам да грешам душа и да кажам дека малкумина кај нас воопшто и знаат дека ние сме членка на УНЕСКО, дека имаме Национална комисија и слични нешта. А и зошто би знаеле кога за тие работи дознаваат (евентуално) само низ протоколарна вест, кога министерката ќе замине за Париз. И, морам да бидам искрен, секогаш при таква вест, се чудам: што ли им говори на тие луѓе таму?

Но, овојпат, иако повторно протоколарно, самото Министерство за (не)култура не’ почести со „цртички“ од „говорот“ на министерката за (не)култура во Париз, на овогодишната 38. Генерална конференција на УНЕСКО.

И велат дека таа кажала дека „Сите проекти кои досега ги реализиравме со УНЕСКО дадоа силен импулс во афирмацијата на универзалните вредности на Република Македонија и отворија можности во програмите и иницијативите на УНЕСКО масовно и активно да се вклучат  институциите, експертите и младите потенцијали од нашата држава“. Добро, иако веројатно надлежните во УНЕСКО тоа го знаат. Ама не го знаат луѓето кај нас, или и ова бил еден од оние „говори“ – од надвор, за внатре? Зашто, сигурни дека јавнсота кај нас не знае(ла) дека токму тоа, односно активностите на таа наша Национална комисија, особено отвориле можности „масовно и активно да се вклучат институциите, експертите и младите потенцијали во државава“. Можеби мисли на некоја друга држава, на некоја резервна, зашто тие сите си имаат по една во резерва? Каде ли ја виде таа масовност и активност, па уште и младите потенцијали, не баре говори за некогашните слетови по повод 25 мај? Колку тоа проекти Македонија реализира во соработка со УНЕСКО? Два на пет години? И тоа е масовност, и активност?

Потоа, велат, таа информирала и за позначајните активности кои во изминатиот период биле реализирани заедно со УНЕСКО, меѓу кои се и отворањето на Центарот за дигитализација на културното наследство (за кој кај нас се’ уште никој не слушнал!), прогласувањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје како Центар на УНЕСКО од втора категорија (како и тоа да е заслуга на „министерката“), отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања (?) итн. И сето тоа е прекрасно, иако заличува на некаков сувопарен „мачкај очи“ извештај за во македонското Собрание, каде пратениците ќе го искористат мигот и малку ќе дремнат, или ќе прочитаат некој весник и слично.

И зошто сето ова би го интересирало УНЕСКО?

3.

Кога организација како УНЕСКО би се бавела со вакви нешта со какви што ги замајува нашата министерка за (не)култура, веројатно одамна би престанала да постои. Зашто, кому би му требала уште една бирократска ламја што голта огромни средства. Или да се занимава со меѓународната соработка на државите членки? Па си имаат билатерални и / или мултилатерални спогодби и програми и нека си тераат работа. Ако треба да добијат пари за некој проект – ќе добијат (кога ќе им дојде редот) и што тука има толку да се расправа?

Ама, она што тоа УНЕСКО особено го интересира односно нештата со коишто токму тоа УНЕСКО посебно се бави се фундаменталните човекови права и слободи, владеењето на правото, културните права, достапноста на културата до сите граѓани … итн.! А за тоа нашата министерка за (не)култура уста не отвори, се разбира. И во дилема сум дали воопшто и знае дека такви нешта постојат и дека некого го интересираат. Освен ако некој не и’ шепнал дека можеби тоа би ги интересирало делегатите на Генералната конференција. Или мисли(ме) дека тие не знаат што и како се случува(ло) во Македонија? И тоа го знаат, ама мислам дека очекуваа(т) елементарна култура – барем од министерката за култура – елементарна почит кон Генералната конференција и информација (нека е и дозирана, сечена, лепена …) за сите наши скандалозни состојби (и) во културата.

На пример, спомнувајќи го ИЗИИС како центар на УНЕСКО од втора категорија (а божем тоа е заслуга на Министерството!), министерката ништо не кажа за Охрид – за авионската писта среде езеро, за марината, за коцкарниците …, а Охрид е, нели, град под заштита на тоа УНЕСКО? Министерката за (не)култура се пофалила и со впишувањето на две нематеријални добра од Македонија во листата на УНЕСКО. Ама не спомнала зошто Македонија нема ниту едно културно добро, ниту едно, па ни Кокино, на листата на недвижно културно наследство?

Или, можеше да каже нешто за дерогирањето на законските ингеренции на институциите во културата во ликовната уметност? Сигурно ќе ги интересираше како тоа Министерството си превзема нивни надлежности само за да прикаже некаква своја активност! Веројатно делегатите ќе сакаа да слушнат и за конкурсите во националните институции, за местењето на партиските директори, за тотално незаконското пролонгирање на одлуките, дури и по една година? Министерката за (не)култура ништо не кажа ни за повеќегодишната тотална партизација на култура, за бирократското ускратување на културните права на сите што не се симпатизери на нејзината партија, за промовирање на правилото дека средства од тоа Министерство може да добие само проверен „верник“ и војник во / на Преродбата.

4.

Во крајна линија, ако не повеќе, можеби можеше, како потврда на нејзините залагања за македонската култура, да го пушти познатиот дијалог со Милета  околу т.н. Музеј на Тоше Проески. Чисто од причина делегатите да имаат увид како најпростачки се политизираат и умрените. Или оној дијалог со еден од тв мегафоните кога си нарачува вести? Е и тоа ќе беше посластица за присутните.

Овака, можеби повеќето ја видоа, ама не ја слушнаа. Нема што да каже, кутрата. Барем да им спомнеше за струјата во Националната галерија. Па веднаш, на лице место да побара помош за да не откажуваме (странски договорени) изложби!

НИЕ СМЕ НАЈБОЉИ …

1.

Кога еден (солиден) графичар ќе наполни цела галерија со дилетантско сликарство и уште подилетантски цртеж и притоа ќе каже дека е „најбољи“, ќе се обидете да го разберете (кажано фигуративно, се разбира), да му одбиете на суета и глупост, ќе се потсетите можеби на „романтичните“ претстави на уметниците од почетокот на дваесеттиот век и веројатно само ќе се насмеете. Кога пак ќе слушнете од некој од оние многумина „стручњаци“ што продефилираа низ македонскиот фудбал годиниве за квалитетот (?) на нашиот фудбал во меѓународни рамки, можеби повторно  некој ќе се насмевне, ама онака, горчливо. И веројатно  уметноста (гледана од личен агол), фудбалот (или спортот во целина), па и некои други области трпат такви (лични или општи) изливи на некритичност кои никој не ги сфаќа премногу сериозно.

Ама кога еден премиер ќе почне да ве убедува дека ние сме можеле, да простите, да си ги мериме со најразвиените држави во светот, па нека е и во „doing business“? Во држава во која половина население веќе живееве во сиромаштија? Каков ли тоа business се прави низ кантите за смет што секојдневно ги посетува еден огромен број жители на оваа држава? Или премиерот мисли на – личните бизниси? Ееее таму има „doing“, секако. Иако ни тоа не е бизнис. Се вика поинаку! А ние можеби и можеме да се мериме со некој во светот, ама во многу други, далеку понепријатни нешта. Но таков имиџ на „најбољи“ ни беше наметнат уште на почетокот од овие полуписмениве кои, бидејќи не виделе подобро, овде се’ им се гледа не баре Германија. Иако ни Германија не ја виделе како што треба, не подалеку од пивото и колбасите. Не знам од каде всушност го црпат тој (квази)оптимизам, тие бајки за мали лековерни македончиња. Можеби од гордоста (што велат дека „ја вградиле“ кај сите нас) што сме потомци на Ацета Велики, па следствено сме најголеми и најдобри во светот по сите прашања? Можеби вака „решениот“ идентитетски код на македончето го прави податлив да поверува во тие лесно проверливи лаги со долги опашки?

Апропо: заради нашата „најбољост“ ли земји како Шведска, Британија, Белгија, Данска, Финска … го напуштаат Клубот на пријателството со Македонија? Зашто им е страв (или срам?) од нашите квалитети?

2.

Но, ако ова го гледаме и слушаме веќе неколку години, и тоа од сите на раководни места кај оваа налудничава братија, тоа значи дека таквите „ставови“ навистина им се вградени во чиповите (што би рекол Тричковски) и им доаѓаат како некаква партиска платформа за квалитет, како химна на успешниот Македонец, што ли? Зашто, ние веќе станавме најдобри во се’, иако статистиките, анкетите, ранг-листите, показателите … соопштуват  сосема спротивни факти.

Не случајно на почетокот ги спомнав уметноста односно културата. Спортот, како и економијата, како и медиумите, па човековите права итн, се сепак „мерлива“ категорија, што ќе рече дека светот смислил софтвер според кој ги мери резултатите во тие области. Ама во културата, или во уметноста, мерливоста на предимството е растеглив поим со кој никој практично не (сака да) се занимава. Затоа и оној нашион графичар од воведот, на пример, кој со неодамнешната дилетантска изложба во Чифте амам покажа само колку не знае, се буса в гради и си мантра дека е најдобар. Но тоа е манир на кој можеби ги подучи и актуелната министерка за (не)култура, за која се’ кај нас е врвно, реномирано, најдобро … Секоја шушумига што по некоја случајност отиде вон границите на Македонија беше промовирана во реномиран македонски претставник, секој испрдок на главната партиска клиентела (а богами ги има многу) на Минестерството за (не)култура се прогласува за ремек дело (како и неодамнешните 400 кила железо – подарок на Папата од нашиот горд Хорхе, повторно продружен од неизбежната „министерка“). И кога тоа се вергла повторно и повторно, секој ден, уметниците започнуваат и самите да веруваат дека се многу важни, дека се најдобри, дека светот е нивната сцена без цена! Во тоа, се разбира, почнува да верува и „министерката“ и – кочниците (ако и ги имало) попуштаат. Така, денес, ние сме најбољи и во дизајнот зашто таа така сака. И ни порачува дека „Треба да бидеме горди на дизајнот што го поседуваме бидејќи македонскиот дизајн има голем потенцијал и треба да го гледаме како извозен продукт што ќе најде место и надвор од државата“. И тоа само затоа што Министерството за (не)култура зацртало такво нешто во нивната Стратегија. Можеби сме бољи дури и од Шведска и Финска, или Италија, како што и во економијата сме подобри од Германија, Франција, Јапонија …?! И само заради фактот што тие предвиделе во некаква идиотска Стратегија дека ние сме, ете, најдобри и во дизајнот, потрошиле цели 1.450 квадратни метри, и многу пари, за простор што, демек, во иднина ќе генерирал голем број креативни идеи и ќе развивал дизајнерски продукти во областа на креативните индустрии во Македонија.

Колку да некој не си создаде навистина погрешна претстава за тие т.н. креативни индустрии што ги финансира ова наше Министерство за култура, еве неколку од таквите наградени „проекти“: „Мајсторија или мистерија: традиционална изработка на перики од природни влакна“; (Технолошко – металуршки факултет) „Интегрирање на различни типови материјали во модниот дизајн на облека, обувки, модни додатоци и накит“; „Работилница за современ македонски мебел“; Четврти фестивал на фигури од овошје и зеленчук „Сочни фигури 2014“; Ре/дизајн на производи од здрава и органска храна; Велосипедска, културно – рекреативна тура „Културното наследство низ Прилепското Поле“; „Од квадрат во круг“ и едно чудо други будалаштини, сите финансирани од културниот денар во 2014 година. И за нив се потребни 1.450 квадратни метри опремен простор, на кој ќе се генерирале „голем број креативни идеи“?!

3.

Речиси човек веќе и не може да се присети во што не сме најдобри. Сакате музика, сакате танц, фудбал, кошарка или уметност, за филм муабет да не правиме, „business“ апсолутно, наши дизајнери правеле чуда низ светот, каде и да се појавиме наидуваме на овации … алооо, има ли некој дома? Овде се’ е дизајн и уметност, од врвна класа, дури и фигурите од овошје и зеленчук, а изработката на перики е – креативна индустрија. Како во секој од нас да клечи по еден Аце Велики – Македонски и само чека да скокне и да го освои светот. Ако треба и со дрвен меч, самоправски, дизајнерски. Само чекам кога ќе им текне да објават дека и договорот од Пржино и најдобра во светот во неговата класа. Докажано!

П.С.

И бидејќи го спомнав и филмот, велат дека пред некоја вечер, еден … (ај да се воздржам) … кој после цели шест години успеал да склепа филм, рипнал на сцена и викнал дека Владава ти била најбоља од сите влади од 1945 година во филмот. Е па сега вие видете кај сме, и во што сме „најбољи“!

НОСОРОГОТ И ДЕМОКРАТИЈАТА

или

ИСТОРИСКИОТ ПРЕВИД НА МАКЕДОНСКАТА ДЕМОКРАТИЈА (4)

11.

Последиците од оваа македонска харанга ги живееме (а и ќе ги живееме, на еден или на друг начин) и никому посебно не треба да му се опишуват. А можеби треба? Има, веројатно, уште многумина слепи – или што глумат слепило, луди – или што глумат лудило, кои не разбираат ништо. Како „историчарон“ за кого се контроверзни само мислењата за Александров. Веројатно и за „Ќосето“?! Но, од друга страна, ги живеевме, односно ги одживеавме и почетоците. И тогаш ништо не видовме, не слушнавме, не разбравме. Не ги слушнавме трубите на мракот како ја најавуваат македонската харанга? Не, „историчарот“, и тогаш и сега, инкасираше седејќи по разни совети и кревајќи рака. И не само тој. Еден самопрогласен филозоф, од маалски формат, се разбира, ни држеше лекции за „драгстор“ и не’ убедуваше во грдотијата на македонската архитектура од седумдесеттите и осумдесеттите. А креваше рака за стиропоров и – инкасираше и тој. Дали тоа ги попречи да согледаат што се случува(ше) пред и околу нив? Да ги препознаат сигналите што им мавтаа пред носот?

Дали како и Марко Поло на Јава, во носорогот „препознаа“ – еднорог од бајките? Навистина ли автократијата им се виде како – демократија? Умберто Еко имено го наведува примерот на соочувањето на Марко Поло, за прв пат во неговиот живот, со чудно, дотогаш невидено и недефинирано страшно животно, како пример на нашите реакции при средба со непознат феномен и обидот истиот да го дефинираме апроксимативно, во рамките на нашите претходни сознанија и сознанијата на нашата култура. Па така, наведува Еко, светскиот патник од Венеција, здогледувајќи го чудното животно, започнал да копа по сопствената меморија и општа култура, барајќи соодветен одговор за глетката. Се разбира, генерално, успеал да дефинира тело со четири нозе и – рог. А бидејќи неговата култура дотогаш оперирала само со едно такво („познато“) животно, Поло одлучил дека тоа морало да биде – еднорог!

Па следствено, дали нашиве „стручњаци“ во првите манифестации на нашиов нов „систем“ не можеа да препознаат за што всушност се работи, па видоа можеби – демократија? Се разбира – не. Многумина точно знаеа каде води започнатата паланечка игранка со одвратна музика и малограѓанско – сељачки декор. До Пржино, и понатаму. Односно, ние можеби не може(в)ме да очекуваме дека земјоделецот од струмичко или лозарот од кавадаречко ќе успеат веднаш, на самиот почеток, да ги согледаат знаците што им покажуваат дека нашево „непознато“ може да биде и опасно, дека можеби ја навестува пропаста на државата, ама оние чија професија (или „професија“?) се токму тие и таквите општествени процеси? И тие ли не видоа што се случува?

Многумина (денес) ќе речат дека нештата станаа јасни од вториот ден, од директниот пренос на првата владина седница на која што јавно, пред (мал дел од) запрепастеното македонско пучанство, се делеа субвенции за земјоделците. Не се сеќавам дека некаде прочитав / слушнав разумен, рационален коментар, иако сето тоа наликуваше на некои далечни, но добро познати историски популистички манифестации. Ех, што ли ќе правеа Хитлер, Сталин и остала братија да имаа во нивното време телевизија?

12.

Некој (сега!) можеби ќе приговори дека работите всушност беа јасни не од вториот туку уште од првиот ден односно од објавата на составот на Владата. Веројатно е така. И тука не мислам (само) на роднинско – пријателските врски што јавноста бргу ги пофаќа и ги обзнани. Не, зашто тие не беа / се својствени само на оваа номенклатура. Браќа и сестри, кумови и братучеди, побратими и посестрими, внуци и внучки, вујни, тетки, стрини … сето тоа кај нас веќе од поодамна беше политички фолклор. Ние, покрај другото, и политиката ја гледаме како модус за згрижување на семејствата, потесни или пошироки. Но, она што запрепастуваше во персоналниот состав беше нивото и квалитетот на нивните компетенции, стручност, професионалност. Иако и тука, делумно, има(в)ме материјал за компарации, ама такво нешто сепак не верувам дека паметиме. Македонската влада, сосе целата државна администрација, за кратко време се сведе на детска градинка (не само според возраста!) и дефицитарен IQ.

Или, ако сакате, дали некој ја разбра поентата на постојаното потенцирање на важноста на македонската култура за државата, за идентитетот и слични други флоскули, а за реализацијата на таа „важност“ беа устоличувани кадри кои дури и не разбираа(т) што е тоа култура? Или кој се’ министеруваше и директоруваше во образованието, во здравството …? Зарем беше толку тешко да се соберат два плус два и да се постави дијагнозата? Ружди (Салман) вели дека „самовилите не постојат ако децата не плескаат со рацете“. Кај нас, на македончињава, рацете им помодреа од плескање, како што на овие им помодреа градите од удирање. Разбирлива е потребата да се верува, ама – во овие, вакви?

Или, никој ли не успеа да ја прочита простотијата и фарсичноста со понижувачки призвук дека тие работеле 24/7? Дури и додека ние спиеме, тие работат, за насм за државата?! „Бомбите“ покажаа дека тие навистина „работеле“, ама други „полезни“ работи! Понатаму, дали тепањето на студентите на Плоштадот, оние кои мирно протестираа против градењето на црква среде центарот на Скопје, не беше сигнал за начинот како власта ќе се справува со потенцијалното незадоволство на граѓаните? Не беше ли тоа вовед во сите други насилни настани, вклучувајќи го тука и т.н. „црн понеделник“ како врв на дрскоста, безобразието и насилството?

13.

Требаше ли, на пример, (и повторно ќе се вратам на културата), посебна видовитост, стручност и способност да се согледа дека „носорогот“ не е еднорог  во феноменот на случајни луѓе на раководни места? Нели беше тоа првиот знак за насоката по која ќе се движат нештата во оваа витална област? Или кога оној несреќникон Илиријан сакаше да забранува театарски претстави? Или кога излегоа првите „резултати“ од годишниот конкурс за финансирање на проекти „од национално“ значење и кога истите имиња, еве, до денес, се вртат секоја божја година? Каков Марко Поло требаше да биде човек за да види дека локалниов „носорог“ се трансформира во вистински монструм кој нема врска со демократските бајки? Сето друго беше само прашање на време, на „мајстории“ и далавери. До денешен ден, после толку години, Министерство за (не)култура еднаш не излезе со годишна програма во која што ќе објасни што ќе работи преку годината, а не само да се кити со програмите на институциите. До денешен ден институциите се присилени на нивните проекти и програми да го ставаат логото на тоа и такво Министерство, не баре тоа е нивна програма! И тоа ли никој не го виде?

Се разбира, списокот на знаците може да тече во недоглед, ама својствата на локалниов „носорог“ никогаш нема да бидат еквивалентни на некаков демократски систем. Или мислиме дека ако има влада, ако има собрание, ако има институции, има и систем, па уште и демократски?

Но, ништо од ова нема да промени во ставовите на сите оние кои, според логиката на нештата, беа предодредени да ги препознаат карактеристиките на „носорогот“ како опасно по живот животно и во него да не гледаат еднорог туку смртна закана: по системот, по демократијата, по државата. И да реагираат – стручно, компетентно и јавно. Такви реакции имаше (пре)малку за сериозно да се раздвижи ионака летаргичното граѓанство. Кога реакциите се намножија, Пржино веќе ни беше пред вратата.

А сепак, еден Марко Поло имал доблест да ги признае сопствените заблуди. Во неговото дело „Описот на светот“ тој признава дека „еднорозите“ што ги видел на Јава „се многу грди и нечисти. И не се такви какви што ние овде велиме и ги опишуваме … ви велам тие се сосема спротивното од тоа што ние верувавме дека се“. Не се сеќавам дека видовме или слушнавме некој од нашиве „стручњаци“ да стане и каже дека грешел во проценките, дека му е жал што не реагирал на време, дека знаците биле очигледни но тој / таа биле заведени од политичката реторика, од парите, од клиентелизмот, од манипулацијата … Ние не ги признаваме сопствените грешки. Затоа, впрочем, така и ни одат работите!