ИЗВРТЕНА ПЕРЦЕПЦИЈА

Останува уште една илузија којашто владините мегафони настојчиво ја пумпаат во врска со локалните избори и ова власт, а којашто, еве, дополнително ја дуваат и некои угледни странски весници: дека на овие избори била поразена ЕУ односно самата идеја за евроинтеграции на Македонија, па нека е и Северна. Ако за намерите на домашниве платеници немаме дилеми зошто и како се спроведува оваа кампања, фрапантно е незнаењето и неинформираноста на европските медиуми за внатрешните состојби во Македонија (вон фокусот на ЕУ интеграциите), за ветеното и неоствареното, за погрешните петгодишни политики на владината коалиција во речиси сите сегменти на управувањето со државата (вклучително и со ЕУ интеграциите) итн. Европското медиумско игнорирање на „туѓите“ проблеми не е од вчера, нивниот интерес почнува и завршува на нивните граници и евентуално на ресурсите на оние „другите“. И толку. Затоа и нивново по малку смешно – и лаичко, секако – известување за случувањата (и) во Македонија. Нивната диоптрија е рационална и (ајде да речеме) разбирлива, а секако и – себична. Секогаш и била. Но таква е, горе-долу, и нашата за нив, а што најцелосно го демонстрираше токму оваа власт. Но, ако за нашиве веќе ништо не нѐ чуди, навистина е запрепастувачко таквото одлесно „оценување“ на едни избори, особено локални. Да кажеш дека локалните избори 2021 година во Македонија се некаков пораз на ЕУ интеграциите, треба многу да не знаеш.

Значи, прво, европските медиуми, ако не повеќе, можеле барем да ги препрочитаат извештаите на ЕУ од последните четири години за напредокот на Македонија во евроинтегративните процеси. Толку, за почеток, ќе им било доволно за првична слика за нашата подготвеност – поточно: на владината подготвеност! – за започнување на пристапните преговори како некаков основен репер за воопшто и да почнат да размислуваат на таа тема. Зашто, така ќе ја добиеле (повторно горе-долу) релативно прецизната претстава за македонските „игри без граници“ со евроинтегративните процеси, за нашето цврсто државно – не граѓанско! – лоби контра реформските ЕУ процеси, за изигрувањето на ветувањата од 2017 година, за тоталната неспособност на цели владини ресори за ЕУ однесување и размислување… Сите четири-пет извештаи генерално личат како јајце на јајце, со повторување на едни и исти констатации за незавршени или лошо завршени работи, со укажувања на она што треба да биде приоритет а што се префрла од година в година и не се реализира итн. Следствено, ќе им станеше можеби појасно дека во Македонија нема сериозни евроинтегративни процеси, па затоа и ќе им паднеше во вода глупавата теза дека резултатите од локалните избори било контра ЕУ. Не може да има контра нешто што – не постои! Едновремено, тие угледни странски медиуми можеле да ги видат државните буџети во последниве години за да констатираат дека во нив нема ама баш никаква развојна компонента туку превладува исклучиво социјалата, што пак не води кон ЕУ интеграции туку токму во обратен правец. Можеле, на пример, да видат и во делот на културата дека со години во тој буџет државата предвидува нула средства за евроинтеграции!

Или, поточно, овие избори се со ваков резултат токму заради бавните односно (во многу сегменти) закочените евроинтегративни процеси од страна на власта и претставуваат отворена критика на таа одамна воочена неспособност на власта. Впрочем, зошто граѓаните, или гласачите, ако сакате, би биле против тие процеси? Не сакаат да живее подобро, не сакаат да имат повисоки плати, не сакаат нивните деца да имат отворен пат кон ЕУ вработувања? Таа теза е толку наивна што се граничи со сулудост! Но, од друга страна, и излезните бројки говорат самите за себе, ама европските медиуми – особено оној Франкфуртер алгемајне цајтунг: „Затоа поразот на Заев може да се гледа како пораз на ЕУ и нејзината политика на проширување на Балканот“ – како да не сакаат да видат, или да ги разберат вон нивната диоптрија. Ако, на пример, во Македонија има 1.335.556 гласачи, а на изборите излегле да гласаат 663.145 гласачи (што е  само 49,65%) што му говори тоа на Франкфуртер алгемајне цајтунг? Дека тие 51,35% не излегле заради „ЕУ и нејзината политика на проширување на Балканот“ или како казна за лошите политики на власта (и) во процесот на евроинтеграциите? Човек треба да биде многу наивен, да не речам глуп, а да не разбере дека народот во Македонија едноставно не може да ги препознае тие „евроинтегративни политики“, уште помалку да гласа за или против нив! Се разбира, не мислам дека еден голем дел од излезените гласачи, како и од неизлезените, немаат ама баш ништо против (и) лошата политика на ЕУ кон Македонија. Дапаче, што би рекле браќата Хрвати. Ама тој број јас го гледам како минимален, особено заради фактот што ова беа – локални избори. Нема(м) дилеми дека тие беа и референдум за генералните политики на власта, во голема мера и за нејзините интегративни политики, а само делумно и како одговор на политиката на Европската унија кон Македонија. Која во принцип е – лоша, дволична, неодговорна… И тоа, секако, граѓаните го препознаваат и тоа имало влијание, но нивниот однос кон ЕУ ќе биде повидлив на следните парламентарни избори. Ако тие се случат бргу, тоа ќе биде катаклизма за оваа власт. И на Европската унија, ако нешто бргу не се поправи.

И ќе повторам: македонскиот граѓанин, од кое и да е етничко потекло, во најголем дел нема дилеми околу евроинтеграциите. А и зошто би имал? Политиката е таа што има страв и следствено големи резерви и одолговлекување во таа насока. Во лепезата на локалните избори во 2021 година ЕУ интеграциите провејуваа како тема, но главно недоминантна односно во заден план. Гласачкото тело секако има свои дилеми, често и големи, но во овој миг кон оние кои требаа да ги издејствуваат, одработат, реализираат овие процеси. А тоа е огромна, суштинска разлика. Бидејќи заради тоа и беа донесени – буквално – на власт во онаа 2017 година. Нивните фалби дека со пенкало срушиле режим се само за на нивни интерни партиски состаноци, како впрочем и тирадите за некакви „прогресивни“ политики. Да не беше силата на народот по улиците на Скопје и Македонија, да не беше „Шарената револуција“, да не беа САД и ЕУ, овие (да простите) шалабајзери уште ќе си седеа во опозиција. И, за жал, во Македонија политичарите, вклучувајчи ја и оваа гарнитура, сѐ уште мислат дека во Европската унија седат идиоти кои можеш да ги лажеш нон-стоп а тие и понатаму благонаклонето ќе ве гледаат. Оттука, овие избори беа сѐ друго освен тоа што пишуваат странските медиуми, ама тие тоа не го разбираат. Тоа беа „внатрешни“ избори, на внатрешни теми и за интерна „употреба“, многу важни, секако, но насочени кон власта и нејзината неспособност, а не кон надвор. ЕУ и интегративните процеси, но и односот на ЕУ кон Македонија бргу и многу поексплозивно ќе дојдат на дневен ред.  

1 thought on “ИЗВРТЕНА ПЕРЦЕПЦИЈА

  1. Vas citatel i obozavatel sum.
    Ziveam vo stranstvo, no pomno pratam se, duri i od strana perspektiva.
    Ne im e nepoznato, seto ova im odi vo korist za konstantnoto ‘sutiranje ‘ na Makedonija i postavuvanje novi sopki, duri mi se veruva i deka e sponsorirano. A nie kakov narod sme im odime tocno kako sto im treba.
    Srdecni pozdravi,

    Lidia Janakievska

    ________________________________

Leave a comment