Monthly Archives: September 2023

(Прилично) карикатурни политиканти

Ако не во повеќе нешта, Петар Гошев има право барем во едно: неспособни политичари можат долгорочно да наштетат на држава, на нација, да предизвикаат катастрофални ломови со нивното незнаење и неукост, со нивните погрешни проценки и одлуки за одделни (важни, па и судбоносни) настани… Многу иднини зависеле од нивната кусогледост и аматеризам. И пропаднале. Секако, не сме ние единствената таква држава во светот, се разбира, но сме една од малкуте современи – па и „млади“ – држави во овој регион и Европа што си го дозволила, и си го дозволува, тој луксуз.

Кратката историја на Македонија од крајот на дваесеттиот век и влезот во новиот милениум полека но сигурно добива заеднички именител. Тој слободно и речиси безрезервно може да се нарече мрачно доба на антипросветителството и автократијата, манифестирани на разни начини и во многу процеси. Тој именител понатаму ги обединува сите македонски државни црнила од 1991 година до денес, сите оние катикатурни политиканти што го јаваа македонското општество и во негово име ни поттураа нивни илузии како наши визии, нивни лични мани како наши недостатоци, нивните глупости требаше ние да ги отплаќаме како наши долгови…, при што повторно ние, преку државниот буџет, требаше да им ги финансираме и сите нивни знајни и незнајни задоволства.

Се разбира, историјата, некогаш, како и обично, ќе направи објективна анализа на овој триесетгодишен период и ќе даде научен суд за нештата. Но и ние кои сме ги живееле овие децении, кои сме ги преживеале – на еден или на друг начин, со помали или поголеми загуби – овие локални турбуленции, имаме право на збор, и оценка, секако. Зашто, ако највисокиот државен врв во едно критично време се информирал од „гласини“ и весници, па одел дури во Париз за да се „информира“, ако ние (односно тие), ноншалантно креирале некакви свои недозреани „политики“ и ставови за иднината на државата…, а сето тоа се рефлектирало директно врз нашите животи, зарем го немаме барем правото на – осуда? Јавна, јасна и гласна, па нека е и малубројна?

Но нашиот од по маките не завршува со оние сега веќе ветви и со право заборавени провинциски политикантски „елити“ кои ја оставија земјата во рацете на нивниве наследници – што им е само уште еден дополнителен грев – туку таа историја на континуирана неспособност  нѐ следи до денес, до оваа карикатурна власт односно влада: влада што блада, влада што повеќе наликува на шарада. Сѐ е исто, само се сменети релациите: „белградско-крагуевачката“ врвца е заменета со бриселско-вашингтонска и солунско-атинска. Софиската е – константа во двата случаи!

Во истиот манир, со истите уличарски „финти“, актуелниве „кецароши“ и приглупи провинцијалци ја туркаат земјата во нови бездни, сега директно менторирани од „меѓународната заедница“ и домашната петта и шеста колона, исти такви карикатурни министри – неспособни, неуки но лажливи преку сите граници.

Меѓу нив, на самиот врв, оние два-тројца челни: премиерот, вицепремиерот за евроинтеграции и министерот за надворешни работи, кои со месеци нѐ убедуваа(т) дека со внесувањето на Бугарите во Уставот завршува „Операцијата Бугари“ и започнува одата на светлиот ни евроинтегративен пат. Довлекоа и едно чудно странски профитерски шалабајзери кои, речиси секојдневно, низ говорите во парламентот ни гарантираа не само дека источниот сосед нема да поставува нови услови и барања кон Македонија, туку дека многу бргу ќе ја доживееме историската катарза како полноправни жители на Европа!

Но сега, преку ноќ, министерот за надворешни работи открива дека е „прилично сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања“ (sic!). Замислете колку години, месеци, денови… поминал тој човек, и оние претходнине двајца, во секојдневно лажење на јавноста за нашиот сигурен пат кон Брисел, прогласувајќи ги за непријатели на државата и евроинтеграциите сите кои предупредуваа на поголема претпазливост со Бугарија и нивните идни планови. Лагите на овие луѓе создадоа таков смут во земјава, нивните мизерни итроштини сплетоа мрежи на меѓусебна недоверба во јавноста, отвораа „фронтови“ и прогласуваа евроскептици и бугаромразачи. Нашиот говор беше говор на омраза, нивниот на мед и млеко. Сега веќе – скиселено!

И оваа е всушност втората епохална лакрдија на оваа „прогресивна“ власт, втора историска минхаузеновска гранде лага после онаа со името на државата, во коешто, нели, целата оваа сурија кловнови се крстеше. Или, ако сакате, целата политичка програма на Социјалдемократскиот сојуз од 2017 година наваму се покажува како ефтин панаѓурски трик, праматарска лага и празни ветувања. А главниот им праматар, оној чушко-френкарски простак, уште им седи во „стратешкиот совет“ и им сугерира „политики“!

Меѓутоа, повторно и по којзнае кој пат, македонскиот „најдолг пат“ не е трнлив единствено заради нашата – поточно нивната – лажливост и крадлива алчност. Вториот дел од „историската“ тирада на карикатурниот парадер и „прилично сигурен“ министер за надворешни работи тврди: „Но, за мене е важно што е на агендата на ЕУ, ништо друго“. Можно ли е слепилото да е толку силно или лагата со толку долга опашка што не умеат да видат дека таа „ЕУ агенда“ е – бугарската агенда?

И, се разбира, секој нормален ќе се запраша за здравата свест и совест на ваквите и слични сервилни коментари и причината за истите. Што пак не води до самиот извор на оваа наша прилично лековерно (да не речам глупаво) одиграна ЕУ авантура којашто се покажува како резултат на перфидна игра и на т.н. меѓународна заедница. И тука никако не мислам на некои актуелни теории на заговор за (до)уништување на македонизмот, иако ваквите историски хаварии само им погодуваат на тие приказни, туку на безмалу похотлива глад на ЕУ профитерите за нови бизнис територии, за нови мафијашки зделки со локалните бандити и доисцрпување на она малку што останало од природните ресурси во земјата.

Конечно, има ли ваквиот пресврт во „Операцијата Бугари“ и свои добри страни? Се разбира дека има, без оглед што оној пелтечи за придржувањето до некакви ЕУ агенди. Нивните заеднички коруптивно-криминални агенди веројатно уште кратко време ќе играат на јавната сцена. Тоа „кратко време“ може да донесе и нови штети од типот на Казнениот законик, законот за амнестија, „Бехтел и Енка“ итн., освен ако не се покрене некоја народната лавина. Иако во тоа е тешко да се поверува.

Но сепак, македонскиот профит во оваа ситуација може да биде фактот што оваа политикантска багра нема да може да го реализира „Денот потоа“ – оној ден по измените на Уставот и внесувањето на Бугарите во него, оној ден кога би требало да започне реализацијата на сите оние варварски крчмења на ѓаволските протоколи – македонските учебници, спомениците и спомен обележјата, архивите… итн., коишто, нели до вчера не постоеа во „рамката“. Тоа, како за утеха, може да биде добрата страна на овој крај.        

Јавниот збор како јавен срам

Во нашата апсолутна анонимност меѓу современите држави (не само) на планот на културните, научните, образовните, спортските и други постигнувања, во оваа технолошка и AI ера единствениот канал на комуникација со светот ни преостана само живиот збор, зборот на оние официјални личности избрани (или „избрани“, како сакате) да ја претставуваат земјата, но и нас, пред другите. Нивниот жив збор на важните светски форуми и јавни настапи, којшто барем донекаде би ги прикажал реалните состојби и дилеми во земјата, веќе отворените сомнежи на голем дел од македонските граѓанин за поддршката на светските институции, за културните, јазичните и идентитетските „проблеми“, за масовниот одлив на младата популација…

Или македонското државно раководство мисли дека светот баш и не сака да слуша трогателни современи тажаленки туку повеќе му се допаѓа квази-интернационалниот „јазик“ како сите се бориме со климатските промени, ја практикуваме демократијата, навиваме за Украина и бараме руски шпиони, го фаворизираме мултикултурализмот…? Без оглед што во нашето секојдневие – освен можеби само во нивните кошмарни соништа – таква пракса не постои, а најмалку она што се нарекува демократски амбиент, грижа за животната средина, култура не однесување, парламентаризам и владеење на правото, мулти наместо бикултурализам…?

Нивната идеја и познавања за/на светската политичка сцена и неопходноста за смело, одважно реторичко сведоштво за актуелниот миг, е сведено на нивното лакрдијашко локално пелтечење насочено кон ушите на нивното партиско членство и приврзениците. Нивниот свет почнува и завршува во нивната „малост“, во нелагодната теснотија на провинциските им умови и неможноста да ја дофатат широчината на универзалниот дух на политиката. Оттука и секое нивно јавно појавување пред домашната и светската јавност се доживува како страотно фијаско, како некое „бившо време“ и соцреалистичко пљампање само колку нешто да се каже.

Затоа и таквото претставување на македонската држава на меѓународната сцена треба да се забрани, дури и со закон, барем за догледно време. Особено во вакви клучни времиња. Впрочем и мнозинството граѓани најчесто го посакува токму тоа: нејзините официјални претставници не само да научат да одмолчат туку конечно да замолчат, да престанат да нѐ претставуваат пред светската јавност и форуми на начинот на којшто тоа со години го прават. Особено „нашите“ наводни претставници последниве петнаесетина години, бидејќи најчесто не говорат во нашето име, не умеат да ги застапуваат интересите на македонскиот граѓанин, не се способни да ја претставуваат државата и нејзините објективни стремежи и надежи…

И не се тоа само првични впечатоци или одгласи од последната сесија на Обединетите нации, ниту пак е тоа само некаква субјективна импресија по споредувањето со обраќањата на други регионални и светски државници. Тоа нивно појавување е само континуитет на неразбирлива понизност, на немушт говор и политикантско пелтечење, на постојано барање алиби за некои состојби во исклучиво нивна надлежност. Од друга страна, нивната глума пред светот дека ништо симптоматично не се случува во земјава, дека ние сите сме здружени рака во рака во реализиацијата на нивните (малоумни) идеи веќе никого не може да прелаже.

Не може зашто познати се нивните денунцијантски поткажувања и обвинувањата на локалната опозиција и некакви фантомски групи и поединци за сѐ лошо што се случува во/со државата. Поточно, обвинувања на сите кои не мислат како нив, кои не се неуки и неспособни и кои инсистираат на демократски реформи, на современ третман и претставување на државата, на рамноправност во меѓународните односи, реципроцитет во политиките со соседите итн.   

Ние одамна немаме што да му кажеме на светот, но и тоа малку што евентуално може да ја смени меѓународната перцепција за Македонија „избраниците“ не само што не умеат да го соопштат туку кај нив веќе се очигледни и вазалскиот страв, провинцијализмот, комплексот на „малост“ што сакаат да го прикријат со „мудрувањето“ за светски теми итн. А сето тоа, во голем дел, придонесува и за елементи на сугестивна автоцензура, на примена на т.н. „староговор“ од времето на комунизмот („некој“, „некои“, „непријателски сили“ и др.) што од нив прави вистински кловнови во домашната и меѓународната политика.

Или, ако сакате, кога претседателот на државата, среде Њујорк и Обединетите нации, вели дека ние најостро ја осудуваме агресијата врз Украина и се залагаме за почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, не мисли ли дека светот сака да слушне нешто и за македонскиот суверенитет и интегритет денес, во времето на евроинтегративниот процес, а особено во светлината на „Преспанскиот договор“?

Или, кога се повикува на Повелбата на Светската асамблеја дека „сите отворени прашања каде било во светот мора да се решаваат по мирен пат, со преговори и дијалог, со одрекување на употребата на сила“, зарем не треба светот да слушне и за состојбите во оваа сфера во Македонија (повторно) во времето на евроинтеграциите? И да праша дали тоа ни е и нам дозволено!?

Зашто, ако веќе бараме „да се почитува Повелбата на Обединетите нации, тргнувајќи од независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, како темелен принцип (…)“, како е можно да не се каже ниту збор за (не)примената на тој принцип во релациите на Северна Македонија и ЕУ? И како можат така јавно и гласно да се одмолчат и другите темелни принципи на ОН за културниот, идентитетскиот, јазичниот интегритет на земјите членки и нивното отворено негирање во нашиот случај?

И зошто „ние мора да дејствуваме заедно во интерес на мирот, стабилноста и просперитетот на сегашните и идни генерации“ во целиот свет но не и на нашите генерации? Нашите генерации се помалку вредни од другите, тие не треба да имаат иднина и просперитет, не треба да живеат во мирни, стабилни и просперитетни држави? Или тој мир, стабилност и просперитет кај нас единствено го нарушуваат политичката опозиција, руските шпиуни и оние фантомски групи и поединци со различно мислење од него?

А во оваа насока можеби требаше токму пред ОН да објасни зошто онака експресно ги потпишува сите закони спротивни на здравиот ум, јавноста и волјата на граѓаните, меѓу нив и оној за измените на Казнениот законик (на коишто, патем, се противи и ЕУ)? Зошто мисли дека тој светски форум не би сакал да слушне две-три реченици и за тоа односно за „владеењето“ на правото во оваа земја? А во тој контекст, зарем некој сѐ уште верува дека ова што ние денес го правиме е „негување на културата на дијалог при решавање на проблемите на внатрешен план, но и во односите со соседите“?

Или кога премиерот јавно ја руга земјата за некакви „остатоци од комунистичкиот режим“, зарем сериозно мисли дека интелектуално го импресионира светот, а не гледа дека всушност се претставува себеси токму како ноторен изданок на тој „режим“? Или сите оние насилнички јавни „обраќања“ и „реплики“ на претседателот на парламентот (малите букви се одраз на нивниот реален рејтинг во државава!) некој и понатаму ги третира како форма на демократски говор а не говор на омраза кон сѐ што е различно од дотичниот? 

Ваквите типични рецидиви на ригиден староговор не се ништо друго туку израз на малост, на салонска провинциска „реторика“ одамна напуштена, дури омразена не само во некогашните земји зад „железната завеса“. Денес во светот владее правилото: или имаш што да кажеш или – молчи!

Но нашиве никако да замолчат. Тие веројатно сериозно мислат дека светот баш запнал да го слушне нивното мислење за климатските промени и војната во Украина, иако не кажуваат ни збор како таа војна ја искористија за воведување енергетски и ценовен хаос во земјава во интерес на неколкумина овдешни олигарси. А причината за македонскиот дел од стравот како „заеднички именител на емоционалната состојба на човештвото денес“ е токму стравот од неуко и неспособно државно раководство од чии сегашни и идни постапки (веќе) буквално ни зависи животот. Токму затоа кај нас одамна „глобално врие“, замо слепциве ни тоа не можат да го видат!

Фронт за Недојдија

Сѐ што мислевме за некапацитетноста и неспособноста на оваа власт, се потврдува секој ден, одново и одново. Сега се фалат дека всушност ТИЕ барале внесување на Бугарите во Уставот односно дека таквите уставни измени биле македонска инцијатива, дека тоа било „наш начин за да излеземе од историско-идентитетската група спорни прашања со Бугарија“. И тоа го сметаат за – успех, заборавајќи дека успехот се мери со резултати, а не со – нули. И по којзнаер кој пат ја потврдуваат сопствената политичка неукост и историска неписменост!

Но, од друга страна, и сѐ што мислевме за оваа Европска унија години наназад, а особено денес, се покажува точно: станува збор за збирштина од профитерски политиканти кадешто оние поумните – оние од Франција и Германија – го диктираат темпото на танцот со другите, со опортунистите и страшливците. По Хавел како последниот мохиканец на слободоумни државници-мислители, оваа Европа се претвори во детска градинка за потсмев. 

А тука доаѓаме и до дилемата дали Унијата всушност беше/е само „елитистички“ западно ориентиран идеолошки конструкт? Како идеја, но и во првичната пракса – апсолутно да, и не верувам дека искрено ги имала предвид државите зад некогашната „железна завеса“. Само притисокот на растечките супремациски конфликти со Русија и Кина, но и инстистирањето на САД, им го прошири „фокусот“ и на некогаш „непожелните“. И тоа, на еден или на друг начин, се потврдува (речиси) до денешен ден.

Но, она што е најголемо изненадување во однос на оваа и ваква ЕУ, е флагрантното напуштање на антифашистичката идеја и нејзиниот најважен историски репер – времето на антифашистичката борба 1941-1945 година – и препуштањето на брановите на некаков грд „неолиберализам“ тотално незаинтересиран за ништо друго освен за профит. Зашто, ако нам оваа ЕУ ни испраќа сигнали за воздржување од „дерегистрација/распуштање на некои постоечки бугарски културни здруженија“, тогаш нормален човек не може да види што понатаму ние би требале да имаме со неа!?

Зашто, зарем само така би поминувале преку сите навреди и понижувања, преку договорените диктати на Софија и Брисел, преку „добрите практики“ на Бугарија, а сега и во поглед на онаа фамозна „дерегулација“ и повампирување на фашизмот?

Ако во таа детска градинка викана ЕУ започнува отворен процес на помирување (и) со фашизмот, и тоа во сегашното (наводно) „левичарско“ европско милје, што ли ќе се случи утре? Утре, кога во поголемиот дел на земјите членки, според прогнозите, ќе дојдат отворено десничарски влади? Тогаш ЕУ во земјава ќе го постави оној бугаро-македонски експремиерски криминалец за нејзин амбасадор во Скопје?   

Но, се разбира, не мислам дека ние би требале да бидеме поголеми папи од Папата. Не мислам ни дека ние треба да глумиме особено слободоумни (бидејќио не сме, за жал), но не и да бидеме видени како зависници од источните ветришта. Напротив, треба да го искористиме мигот во сопствена полза. Ако умееме.

А мигот е, велат, новата архитектура на пристапниот процес, предлозите на онаа фамозна „работна група за институционални реформи на ЕУ“ и др., што кажува дека некои нешта (сепак) суштински (ќе) се менуваат. Во наша полза, се разбира! 

Ако, имено, се покажува како императив пред следното проширување дека ЕУ генерално (но и во што е можно повеќе области) треба да премине на одлучување со квалификувано мнозинство, ја гледа ли некој овде во тоа и нашата шанса? Белки овие слепци можат да го видат тој посакуван пресврт? Изгледа – не, зашто, извинете, овие аналфабети не само што се историски заглупавени, туку се и илитерати, недемократи, токмаци и слепци кои не ги интересира ништо освен сопствениот џеб! Дали навистина ни овие нови моменти во евроинтегративниот процес не можат да придвижат ама баш ништо во нивните празни провинциски црпки?

Стравот дека оваа шанса не се согледува доволно е основан бидејќи овде – и не само во Македонија, се разбира – секогаш има поединци кои, заради различни интереси, ја протежираат актуелната „опција“ на (наводно) „брзо“ евроинтегрирање. Што пак подразбира: после цели 10 години! За нив тоа е – брзина. Други ни продаваат „санти лед“ и некакви „бедеми во нашите умови“, трети „мудруваат“ за преговарачкиот процес како тригер за реформи и слични будалаштини.

Па, по ѓаволите, овие и дојдоа на власт со ветување за темелни реформи и брзо евроинтегрирање! Што „реформираа“ освен своите плати и Казнениот законик да бидат судени со поблаги казни? И сега повторно ќе им дозволиме да „реформираат“? Немало во европското законодавство „злоупотреба на службената должност“? Ама има друго, па нека се вика и „космодиск“ (или како веќе беше омилената финта на оној…). И функционира! Инаку, врз основа на што Санадер одлежа толку години, за што го судат Саркози, заради што беа затворани неколкумина романски премиери и министри…? За берење капини?!

Оттука, повторно, стравот дека нашиот „Фронт за Европа“ е решен слепо – и глупаво, by the way – да ја турка само својата „европска“ приказна е основан. Уште поверојатен е стравот дека наместо во некоја Европа ќе стасаме во грдата варијанта на Недојдија, со кримосот од Будимпешта на бел коњ. Nowhere Man in Nowhere Land, правејќи планови за ништо и никого, гледајќи го само она што сакаме да го видиме и слушајќи го само она што сакаме да го чуеме. Што во основа е едно големо – Ништо!    

Дали на тој начин сакаме да ја заокружиме целовитоста на ова македонско ништожно секојдневие, комплетното – и комплексно! – отсуство на содржина и перспектива во животот, во работата? Македонската реалност веќе со децении, а особено последниве шест години, е грда константа на мртвило, свет на еднонасочност, убиствена сировост и простотија што неминовно генерира (и) психотични состојби. Жртвите ги гледаме, но како да не го гледаме нивниот експоненцијален раст. А тоа веќе не е шега. „СК 2014“ од Скопје направило – град? Тоа е, извинете, болест.

Чувството на празнотија на почетокот на деведесетите години на минатиот век беше можеби и разбирливо како резултат на губењето на една горе-долу консолидирана и перспективна држава, а можеше да се надомести со ентузијазмот за новото, за самостојноста, независноста. Но се покажа дека кај нас и тоа се потрошливи нешта, дека дури и такви полетни двигатели се распаѓаат во мочуриштето на неспособноста, криминалот и коруптивноста на политиката.

Сега, по сите овие години, македонската празнотија како да е целосна, како да го добива својот вистински „облик“ на едно големо Ништо во коешто жртвата е граѓанинот. За жал, и децата. И тие тоа го гледаат, и го чувствуваат. Како никој друг ја чувствуваат глупоста на нивните учители и наставници (чест на исклучоците!), на власта, на системот… Шумот на празнотијата и ништожноста во реакциите на јавноста е недоволен да покрене други механизми. Дури ни перпсективата на Недојдија веќе не нѐ плаши! Само ѝ додава на гласноста на залудниот одек, на ехото, за да го чувствуваме уште посилно.

Но, алелуја: „нашите“ се повторно во ОН, повторно мудруваат за „големата слика“ но ниту збор не кажуваат за оваа малата/локалната, за корупцијата и криминалот во земјата, за масовните и поединечните убиства на граѓаните од загаденоста и копилињата на д-р Менгеле на Онкологија, не зборуваат за нашиот пат кон Недојдија и жртвите што тој попатно ги зема… Но, како компензација„Фронтот за Недојдиа“ ќе предложи заеднички кандидат за претседател. И, да отвориме линк за предлози: кој ли ќе биде среќникот!?

Вистината е најголемиот непријател на државата

Стопати повторената лага не станува вистина. Таа можеби се камуфлира во некаква посакувана „вистина“ единствено во малите умови на големите лажговци, но и тоа е само привремена состојба. Впрочем, таа Гебелсова фашизоидна измислица не помина ни во Втората светска војна, не пак денес. „Вистината е најголемиот непријател на државата“, велело тоа садистичко нечовече! И системот, под негова контрола, негирал сѐ: од погромот над Евреите до Аушвиц, од монструозните експерименти на Менгеле до болниците за „неизлечиво болните“, од палењето книги до „entartete kunst“…

Но Гебелс имал добар учител. Во „Мојата борба“ (Mein Kampf) Хитлер сугерира: „широките народни маси се секогаш полесно корумпирани на подлабокото рамниште на нивната емоционална отколку свесна или самоволна природа; затоа примитивната простодушност на нивните умови побргу станува жртва на големата отколку на малата лага (…)“. 

И оваа „прогресивна“ власт, во нејзиниот „поход“ кон ЕУ не успева да најде подобар историски модел туку фрапантно ги копира тие и такви фашистички методи? Зашто, речиси цели шест години македонскиот граѓанин е буквално бомбардиран од големи лаги и „теории“ до заплашувачки и понижувачки изјави, од коментари, колумни, анализи и слични идиотштини од страна на највисокото државно раководство и неговите „интелектуално образовани“ кербери за единствената „вистина“ на нашето евроинтегрирање. „Вистина“ на чијшто светол пат стои како пречка само национализмот на опозициските непријателските елементи, поединци и групи вљубени во цврстата прегратка на руската мечка. Во таа налудничава крстоносна харанга некои подопашници на власта бесрамно откриваат проруски шпиони дури и во самиот врв на МАНУ!    

Тие испробани фашизоидни методи комплетно ја искривуваат целата слика во државата односно смислено упатуваат на лагата дека сите спомнати „непријателски елементи“ се против ЕУ и НАТО, „заборавајќи“ притоа дека најголемиот дел од забелешките одат на сметката на начинот на нашето (понижувачко) евроинтегрирање, но не и на крајната цел како таква. Но тоа е дел од големата лага, од нивната свесна манипулација со вистината и безобразното потценување на интелигенцијата на македонскиот граѓанин.   

Последната лажлива изјава на министерот за надворешни дека „Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес (…), сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател (…), дали сакаат Европска унија или ја сакаат таа коалиција којашто се сретна скоро во Русија“ е токму тој Гебелсовски стил на заведување на граѓаните. Подготвеноста на оваа власт да лаже – буквално, отворено и најбесрамно – веќе ги премина сите граници на пристојноста и политиката, ставајќи ги сите „сомничави“ во скутот на Путин и Ким Јонг Ун!

Но нивните Гебелсовски методи не ги исклучуваат и ала Химлер „специјалните операции“ во стилот на разни нарачани „медиумски анализи“ и „истражувања“ на јавното мислење, интервјуа во соседни весници, на лажни вести и простачки озборувања итн. Токму во таков тип се впушта дури и („непартискиот“) претседател на државата со изјави од типот „некој, некаде, некогаш“ барал од него амнестија за криминалците од бившата власт. Сосема во провинцискиот стил на бабите сретсело, тој преку „непознатите“ поединци се обидува да ја стигматизира целата опозиција.   

Во една ваква констелација во Македонија веќе не станува збор за „илузија на вистината“, туку за бедно, политикантско лажење и отворено манипулирање со јавното мислење. И во таа насока власта повторно се придржува до упатствата на Хитлер: јавноста секогаш да се држи под тензија, никогаш да не се признае грешката, никогаш да не се каже дека може да има нешто добро (или вистинито) во тврдењата на „непријателот“, никогаш да не се остава простор за алтернативи… Просто како да го гледате Хитлеровиот прирачник на дело. Секој божи ден „се убија“ од лажење, сите, до еден!

За таа цел е ангажирана и целата државна администрација и онаа „шеста колона“ на граѓански организации затскриени зад разноразни „институти“ што се залагаат за борба против дезинформациите и лажните вести, говорот на омраза и дискриминација во медиумите и јавните комуникации, а всушност отворено ги пропагираат сите лаги на власта и ги денунцираат оние кои мислат поинаку.

Во тој ист главно расштимуван хор редовно се пројавуваат и поединечните гласови на онаа лукративна „интелектуално образована“ интелигенција, којашто додава на гласноста кога нештата тендираат да станат смешни за власта. Најновата арија е дека „Новата власт на СДСМ се устоличи и политичарите, разбирливо, се свртеа кон работите што се очекува да ги прават: благосостојбата на народот и безбедност на државата (НАТО, ЕУ, економија, плати, пензии, здравство, образование, парно…).“ И, се разбира, тука веќе не е важна ни „илузијата на вистината“ туку дрското, грозно лажење и манипулирање со реалноста!

Впрочем, пред само неколку години бевме сведоци на увертирата во оваа јавна травестија на власта, онаа со промената на името на државата. На што му претходеа познатите колнења во претците и славното историско име кое никој не смее да ни го одземе, на рачето на срцето и ветувањата на идните поколенија. Од времето на „Ајде мајката, го донеле Заев да го продаде името“, преку она „што ќе им кажеме ние на САД, дека згрешиле кога Конгресот одлучил да не признае како Република Македонија?“, па до онаа бласфемија на Пендаровски дека „душата ќе му ја извадат на тој што евентуално би го потпишал тоа“, сега се врти истиот филм, со истите актери, само со друга содржина.

И сите ја забораваат онаа мисла на Линколн дека „можеш да ги лажеш некои луѓе цело време, и сите луѓе извесно време, но не можеш да ги лажеш сите луѓе цело време“. Иако кај нас големите лаги одат во еднакво големи пакувања со други лажни „тези“, особено онаа за малите луѓе и малите држави.

И тоа подметнување, повторно, најмизерно го пласира спомнатиот министер за надворешни работи со она понизно „премногу сме мали, премногу зависни, премногу ранливи, без тој голем систем што го нуди ЕУ (…)“. А тука, за среќа, точно помеѓу овие флоскули, доаѓа веста дека кнежеството Монако ги прекинува преговорите за членство во ЕУ заради неможноста да ги усогласат националните „црвени линии“ со барањата на Унијата! А Монако е, замислете, микродржава од само 37 илјади население. Ама изгледа не се „зависни“ и „ранливи“ без ЕУ?

Една од официјалните „црвени линии“ на Монако било инсистирањето на Принцот Алберт II да се задржат „постојните животни стандарди – за вработување и домување – за граѓаните и жителите на Кнежеството“. Што е спротивно на настојувањата на ЕУ за слободно движење на стока, капитал, луѓе и услуги во нејзините членки. Но, инаку, замислете што би се случило со малото Монако во случај на спроведување на стандардите на ЕУ?

Меѓутоа, велам една од официјалните „црвени линии“ бидејќи познавачите говорат и за друг голем „спор“ помеѓу Кнежеството и ЕУ: банкарскиот систем на Монако, којшто не бил по „вкус“ на ЕУ. Но тоа е друга тема.

Како и да е, „случајот Монако“ покажува дека „малите“ можат да бидат и големи во одбраната на своите принципи, дека не сите се плашат од слонови и горили или „санти лед“ што ќе ги притискаат. Но тоа се сепак доблесни држави и политичари, различни од нашиве.

П.С.

А во овој контекст, ако и самиот г-дин Ахмети, седејќи токму во највисокиот државен врв, говори за „нацистичка кампања“, зарем нема да му веруваме?


Веќе нема невини

Како и да го читаме оној Михаил Рот, инаку не баш прославена европска фигура за македонските евроинтегративнио процеси, некои нешта оставаат впечаток на поуки што некој, овде, требал да ги знае многу денови – или барем утрото на клучниот ден – пред да ја вовлече државата во овој апсурден лавиринт на убиствени понижувања. Требал да знае кога се наредните европски избори, какви се прогнозите, во која насока се движат предлозите за „новата архитектура“ на ЕУ, зошто Франција, а богами и Германија толку ја фаворизираат Бугарија, требал задолжително да најде „ментор“ меѓу поголемите европски држави… итн., итн.

Рот во одредени реченици де факто им одржа предавање на овие македонски недозреани доматовидни политиканти што требале – и треба – да прават за да добијат подобар третман на патот кон ЕУ. Но, мислите дека оној Ковачевски, Маричиќ и Османи – го разбраа? Ако го разбереа, зарем премиерот ќе се глупираше со некаков „комунистички режим“ заборавајќи си ја личната „политичка“ генеза, зарем Маричиќ упорно ќе дуваше во трубата „ова е последниот моментум“ а Османи нон-стоп ќе му терцираше со рефренот „сега е моментот“? Она што требаше многу, многу утра претходно да го прават нашиве слепци, платени и преплатени за работите што не ги вршат, сега други ни ги толкуваат.

Овие луѓе, такви какви ги дал Господ, не разбираат ама баш ништо, најмалку дека во политиката има само прерано и предоцна. Прераното е добредојдено, и најчесто наградено, она предоцна е – катастрофа. Зошто ние секогаш доцниме? И зошто никогаш немаме ништо?! Затоа што во политиката глупоста не е хендикеп, велел Бонапарта. А ние стенкаме од глупост! Зарем не гледаат како фон дер Лајен егзалтирано ѝ се заблагодарува на Бугарија „за добрите практики“ и умира од желба да ја внесе во Шенген?    

И не само што доцниме и немаме ништо, туку нашата (поточно: нивната) неукост и простотија ја плаќаме сите заедно, ни криви ни должни. Или не сме баш така „ни криви ни должни“? Зашто ние сме жив егземплар на она што уште Платон го велел: една од казните за одбивањето да се учествува во политиката е што завршувате управувани од инфериорни! Политиката ја гледавме како ефемерна занимација (па и заебанција, да простите), за губење време, забава за приглупи и приучени…? Е па сега – повелете.

А овие кај нас не се само „полуобразовани“ (Адорно) и инфериорни, приглупи и приучени туку згора се и арогантни, не се само неуки туку се и прости, не се само дилетанти туку се и силеџии… Сите до еден. Заедно со оној Пендаровски кој живее во некој свој „претседателски“ филм и немаше да се кандидира за втор мандат, но сега трча по спонзори за втор дел на филмот. Ама никако да ги најде. Па ја преминал и „границата“ кај Групчин во таа залудна потрага. Политиката е исплатлива, нели?

Секако, ама нам помила ни беше професијата, мирот, стручноста, идејата…, дури и за помали пари. Е па затоа овие ја разнесоа, ја разнебитија цела земја, финансиски си ги обезбедија идните неколку генерации, ги школуваат децата во странство, целите семејства (жени, малолетни деца, баби.,дедовци…) им се вклучени во бизнисите или вработени „на државно“… Затоа, нема веќе невини: сите сме виновни за ова што ни се случува. Страв нѐ фаќа кога гледаме кој ја води државата, кој нѐ лекува, кој ни ги учи децата и внуците, кој ги чува во градинките, кој предава по училиштата и факултетите… Сето тоа е резултат на овие политиканти од чушко-френкарски тип околу нас, на нивните партии и лоби групи, на нивните советници и „интелектуално образовани“ подопашници. И сите со токму од оној „комунистички происход“ со којшто, демек, се спрдачи премиерот!

Затоа, кај нас не е цело кога има сѐ, туку е цело кога – нема ништо. Тогаш сме комплетни, гологазно целовити, тотално инфериорни во регионот, Европа и светот. За сегашноста, и особено за иднината, ќе остане крајно нејасен – вистинска енигма – гласниот граѓански молк како одговор на сите навреди, потценувања и малтретирања. Секој потег на власта, секоја изјава, секој план им е контроверзен, најчесто непромислен и дури бесмислен, објаснувањата на политиките им се граничат со возраста на второодделенци итн., но сето тоа им поминува без соодветна поагресивна граѓанска реакција.

Дали тука има удел летаргичноста после украдената „Шарена револуција“, кога прв пат во поновата историја македонскиот граѓанин гласно застана во одбрана на своите демократски права, но потоа дозволи политичките партии и инфилтрираната квазиграѓанска „шеста колона“, дотогаш скриени во нивните штабски дувла, да им ја киднапираат победата? Можеби, но тоа беше само еден пораз. Што со другите? Што со законодавната травестија со европско знаменце за фамозните „историски коридори“ и сега со Казнениот законик? Па зарем на македонскиот граѓанин не му пречи таа безобразна парада на неказнивост на инфериорниве?

Зарем така лесно се помирува и со хоророт викан Онкологија, или со суровата „полуобразовна“ диктатура со учебниците? Или последниов идиотизам на провинцијалкана со децата со Даунов синдром? И кога ќе повлечете линии на сврзување меѓу овие нешта, и на уште многу други, ќе видите дека од општеството неповратно истекуваат сите позитивни енергии. Некој ќе рече: а што друго би очекувале од пресијата на онакви кривонадарени умови како оние во власта? Но токму за тоа станува збор: зарем сѐ уште можеме да се сметаме себеси за невини со нашиот молк пред оваа владејачка катаклизма?

Каде се сега студентскиот и професорскиот пленуми да кренат глас против „професорине“ во капларски шинели, во која дупка се сокриени оние наводни предводници на протестите против „заробената држава“ па дозволуваат некои бивши пискарала да им ја валкаат „револуцијата“, каде се оние „силни“ слободоумни „интелектуалци“ кои така здушно врескаа контра бившата власт ама на оваа лукративно ѝ легнаа во скут…? Сега измислуваат слонови и горили и „откриваат“ руски ботови и симпатизери? Каква беда!

Ако во едно подалечно време ги кревавме на столбот на срамот оние двајца криминалци за тајниот договор со „Хеленик петролеум“, што требаше да направиме сега со гангстерската постапка за фамозните коридори? Ако амнестијата на онаа некогашна претседателска креатура предизвика палење на неговата (секогаш празна) канцеларија во центарот на Скопје, што треба(ше) да направиме по експресните измени на Кривичниот законик и еднакво итниот потпис на оној другион од Водно?

Кои се, какви се овие демократски параметри на македонскиот граѓанин, или кај него црвената сијаличка се пали само според некакви симпатии, пријателства, семејни врски и др.? Колку Мартини беа директно убиени од оваа власт, но тоа предизвика само благо „згрозување“? Ако граѓанинот молчи кога вицепремиерот Битиќи соопштува дека цените на прехрамбените производи во Европа поскапеле само 11%, а кај нас цели 46%, каква порака испраќа до власта? Дека му е малку сето ова, дека може да издржи уште повеќе?

Затоа, всушност, најмал проблем се минорните експонати од форматот на Ковачевски, Маричиќ, Османи, Грковска и останатото неспособно star-wars братство. Во оваа општа празнотија на умот, нивната појавност е тотално незабележлива. Единствениот проблем во оваа држава е неразбирањето на „правото на протест“ односно „правото на револуција“ како едно од основните граѓански права. Ама за тоа нема да пишуваат оние со слоновите и горилите или оној што од грмушка лови проруски партии и поединци во Македонија.

Македонскиот граѓанин заборави на ова свето право што го воскресна „Шарената револуција“, но еднакво брзо и го згасна. Тоа право е и должност да се отфрли/смени една власт којашто работи спротивно на јавниот интерес и вољата на мнозинството граѓани.

А таа „заборавност“ веќе прескапо го чини. Затоа, на „судниот ден“, или денот потоа, граѓанинот не ќе може да (се) праша: а што правевме ние толку години?

П.С. И замислете каква ерес во самото срце на ЕУ: кнежеството Монако ги прекинува преговорите за членство во ЕУ? Какви ли слонови сега ќе ги газат?!

Пред историскиот амбис

Во современите демократски општества, пред големи искушенија – а ние де факто сме пред едно такво – ниту една важна државна одлука што директно ја тангира иднината на сите граѓани не се носи наврат-нанос, без најширока мнозинска политичка поддршка, па и плебисцитно изјаснување на народот. Особено во случаи како нашиот, со мноштво нејаснотии, непознаници, дилеми и апсурди, а со очигледни историски консеквенци. И тоа не се (само) фамозните Бугари во Преамбулата, како што вообичаено подметнува власта и нејзините кербери, туку она што доаѓа потоа. А за што никој не говори!

Но, едновремено, во нормалните држави е апсолутно недозволиво користењето на таквите мигови на искушение за јавно заплашување на граѓанинот со некакви санкции, исклучувања од меѓународните процеси и слични идиотизми, за што се користат дури и официјални високи претставници на други земји. Оттука, а како „нормален“ контрапроизвод, и ширењето теории на заговор, психозата на страв кај граѓаните и мислата за предавство, но и грижата за иднината на следните генерации. Сето тоа е евидентно во јавноста низ разни форми (изјави, статуси на социјалните мрежи, колумни, анализи, есеи…), што пак никако не значи отсуство на образование кај интелектуалната елита на земјата (како што дрско импутира еден „професор“ во капларски шинел!) туку отворен сомнеж во искреноста, капацитетите на власта и нејзиниот начин на водењето на процесите.

Во актуелниов во секој поглед (најблаго речено) контроверзен миг за земјата – катастрофална состојба во државата, регионални и европски искушенија, глобално политичко и воено одмерување на силите – власта, и не само таа, настојчиво креира амбиент на страв, на безизлез, но и на чудно подаништво и покорност, играјќи на картата „мала држава“, „мал народ“, „големи сили“, геополитички случувања… и др. „Малоста“ на државата и народот е главна тема и на некакви (и нечии!) чудни „аналитичари“ инсталирани да шират дефетизам, да заплашуваат и да се закануваат – во чие име? – да го нарекуваат граѓанинот со секакви погрдни имиња. Македонскиот јазик има доволно соодветни зборови за таквите луѓе.

Но тие и нивната задача е одамна прочитана и нивната важност за македонската јавност е ништовна. Но важен е историскиот миг и фактот дека веќе нема невини. Нема и не може да има невини поединци, групи и партии бидејќи амбисот е длабок а паѓањето неповратно. И судот на јавноста ќе дојде, кога-тогаш!

Зашто, оваа земја имаше – имаше, во минато свршено време – епохален влог викан 1941-1945 година. Тие години се вистинскиот современ репер за Македонија, но и за Европа, па и светот. Македонија тогаш го даде својот прилог за Европа и светот, уште тогаш стана членка на европското демократско семејство. Иако во тоа исто време некои сега многу гласни нови членки беа на другата страна, а некои богами и спиеа. И преспаа чекајќи други да ги ослободуваат. Тоа мора отворено и постојано да се повторува. Ако некој треба да се срами од своето минато, тоа се баш некои од „големите“ европски фактори. Треба да ги именувам тие земји? Не мора.

Тоа што денес никој повеќе не го спомнува периодот 1941-1945 се должи на нашата глупост, но и на „работата“ на оние погореспомнати „елементи“. Оваа власт, на изненадување на сите, само се приклучи на глупоста и продолжи да негира сѐ што беше свето во оваа земја и за којашто илјадници луѓе ги положија животите. И се легитимираа како багра, заедно со нивните кербери, кои немаа(т) почит за ништо. Тие не се ни „остатоци на остатоците“ (Буден) на македонската интелектуална елита туку срам за земјата и нивните претци.

И затоа тие денес ни велат дека сме „мали“, дека граѓанинот е глуп, хистеричен и необразован, не ја разбира меѓународната политика… итн. Заради тоа ние како мала земја сме осудени од вечноста на човековата глупост да пливаме во истиот океан со големите риби, да се гледаме себеси како граѓани-сарделички наспроти гордите, смели „китови“ во големата слика на Универзумот. Ние треба да бидеме исплашени до смрт при помислата на огромната челуст на китот или на трите реда заби во вилицата на белата ајкула. Зашто, големите ги јадат малите, нели? Зашто лага биле приказните за некаква демократија, за некакви обединети, рамноправни нации, за паролата на некогашната француска револуција…, па и за „малите“ локални пароли од времето на 1941-45, па и порано, но и подоцна, нели?

И затоа не ни е дозволено да ја мериме, на пример, „минорната“ Крушевска република, или (не дај боже) АСНОМ, со некои „грандиозни“ историски потфати од форматот на она liberté, égalité, fraternité или паролите против робовладетелството и др.? Но, зошто да не кога токму ние „малите“ учевме од нив „големите“ за човековите права, за слободата, за демократијата…? И зарем „големите“ не ги храбреа „малите“ во нивното национално будење, во нивната борба за независност? И впрочем, кој беше мал а кој голем во онаа 1941 година?!

И затоа ли локалниве геоселски демагози со нивните мали умови упорно, по задача, лаат за  „анархичната природа на меѓународниот систем“ против којшто ние, „малите“, не можеме ништо да направиме, па против наша воља нѐ ставаат в кревет со слонови и горили? Токму сега ли е времето за такви „просветлувања“ на македонскиот „глупав“ граѓанин? Други нѐ споредуваат со автомобил што мора да биде туркан одзади за да оди зашто ние – а не власта! – сме неспособни идиоти. Како божем токму ние, граѓаните, управуваме со земјава а не нивните „интелектуално образовани“ ментори и политички „елити“.

И не се воопшто случајни ваквите пројави на „големиве“ македонски „ескпертски“ лајачи со ограничен видокруг но неограничена лукративна страст да сеат дефетизам, катастрофични сценарија и подаништво како единствена опција. Токму таквите веројатно седат на големите „санти лед“ ладејќи си ги задниците и се обидуваат да командуваат со јавното мислење во „малава“ земја. Но, барем да си го научеле мајчиниот јазик! Ама тој не им треба за мудрувањето за светските процеси, затоа подобро го учат јазикот на насилниците, на „големите“, на слоновите и горилите. Малите им се за потсмев.

Забораваат дека често и малите ја прават историјата. Забораваат на 1903, и (повторно и повторно) на 1941-45 година. И (повторно): кој тогаш беше мал а кој голем? Или и тоа беше историска грешка, како и оваа што сега се испречува пред нивните планови? При што намерно ги забораваат и оние „мали“ ликови од светски формат и нивните победи против „големите“ во борбата за човековите права, за слободата, за демократијата… Намерно забораваат на еден Ганди, Тито, Кастро, Че, Лумумба, Павел, Солженицин, Сахаров, Мартин Лутер Кинг…   

И понатаму држат лекции за „големата слика“ во која немало принципи и норми туку имало, види богати, само сила и неправда. И оние „малите“ или ќе ја прифатат или – ќе ги нема?! Се разбира, во ова време-невреме некому токму вакви апокалиптични насилници му требаат. А впрочем, истите тие ни беа октроираните и како воспитувачи на младите, како „експерти“ вакви или онакви, токму ним ова општество им дава награди, им ги вработува семејствата – сите до еден! – па дури и ги плаќа за нивниве испрдоци наметнати со тоги со воинствени зелени бои.

Нивната задача, а всушност „дилема“ што треба нам да ни ја наметнат, е: изборот помеѓу „просперитет и безбедност“. И, наводно, умните по правило ја бирале безбедноста. Но забораваат дека тоа за нас воопшто и не е некаква дилема. Ние зборот просперитет одамна го исфрливме од употреба, а безбедноста нели ја решивме со НАТО?! Или и тоа беше некаква белосветска розова мамка во којашто слоновите и горилите всушност не ви гарантираат ништо?

Оттука, ние сега немаме дилема туку амбис нарекуван – опстанок. Не физички, зашто за кој ѓавол го менувавме името, туку духовен. И тој амбис е поопасен од челуста на китот! И впрочем, чуму ви е безбедноста ако – ве нема? Или безбедноста на слоновите и горилите гарантира поинаков опстанок, оној со заедничка историја, нови имиња, „реформирани“ учебници, „реновирани“ споменици…? 

Затоа, исправени пред актуелните страотни дилеми, најмалку што треба да направиме е секојдневно да го откриваме вистинското лице на ваквите странски платеници и кукавици камуфлирани во интелектуални одежди. Без оглед што тие се обидуваат да ги наречат сите други со различно мислење „неуки интелектуалци, политичари и новинари“, тоа не е точно. И не доликува на „интелектуално образовани“ да комуницираат на таков тон. Освен ако – мораат. Но зошто би морале? Имаат долгови за отплаќање?! И кому? И за што?       

Но, ако (како што онака „интелектуално образовано“ тврди еден од овие) мора да има „уставни промени под американски и европски диктат!“, од каде сега токму во неговото USA „њама Македонци и њама македонски јазик“? Та нели сме стратешки партнери? И безбедни? И нели источниот ни сосед нема да има нови барања? И тоа ли е целта на тие уставни промени, на коишто ние мораме да се согласиме бидејќи така денес функционира светот во локалните мали умови, бидејќи таков сега бил светскиот систем на слонови, горили и другите диви ѕверови наспроти оние „помали“ животинки?

И дали навистина од другата страна демнат руски мечки и кинески змејови, закочувања на процеси и изолации? И дали тоа треба да нѐ исплаши повеќе од огромниот потенцијален историски амбис што се отвора во непосредното источно соседство? Или всушност оваа багра се плаши дека тогаш ќе секнат европските фондови, а за некои индивидуи и личните надоместоци? Е па тоа веројатно и ќе се случи. Како ли ќе преживеат преварантиве само со локалните плати и пензии?

Македонските копилиња на д-р Менгеле

Честитките од таканаречениот државен врв, кој де факто најчесто е репрезент на државното дно,  и за овој 8 Септември мирисаат лошо, лажно, демагошки: сѐ розово и весело, уште да дојде онаа 2030 година… Или, за празник, ни требаат само ведри тонови?

Но онаа актуелна фашизоидна хорор „приказна“ од Клиниката за онкологија ќе остане и по празникот. Таа, за жал, е само најнов – но сигурно не и последен! – срам не само за македонското здравство туку за целата македонска држава. Држава којашто сѐ повеќе заличува на некои мрачни историски времиња каде човечкиот живот бил најефтин, каде човек на човека му бил Менгеле а власта се наоѓала во рацете на малоумни бездушни крвници. За жал, некогашното Зло како да се вкорени и расеа низ Европа свои наследници, идентични садистички копилиња со искривен поглед на светот.

Поточно, (и) тие времиња се европски времиња од коишто денес, очигледно е, веќе никој не се срами. Некои од денешните ЕУ методи во многу нешта наликуваат на тоа зло доба: на етнорасистичка идентификација на граѓани од прв, втор… и последен ред, на балкански жолти ѕвезди и на одвишни/истребливи народи, на експериментални клиники и сиви зони на европската карта како современи конц-логори…, сето тоа спакувано во шарена (квази)демократска обвивка на коекакви правила и процедури. Овие нови европски „надлуѓе“ определуваат кој и кога може да се нарече европеец, кој и кога станува достоен демократ за нивното друштво итн.

И кога ја гледате сегашната групировка на овие самопрогласени „надлуѓе“ кои ја вршат етнорасната селекција, но особено и нивните поданички „капои“ низ проскрибираните други земји, како да ги гледате наследниците на Менгеле и неговите „експерти“ за селекција, манипулација, за истребување и негација на сѐ што е различно од нивната самобендисана идеја за Европа.

Следствено, и никако не случајно, еден од клучните текстови на големиот Адорно бил насловен „Образованието по Аушвиц“, каде во првата реченица тој вели: „Првото барање за целото образование е дека Аушвиц нема да се повтори“! Звучи познато, нели?

Да, бидејќи, за жал, нѐ враќа не само во тие историски времиња туку и во нам блиската ситуација од 2016 година, кога низ македонските улици ечеше „Да не се повтори“. Како на чело на поворката да застанал самиот Адорно, згрозен од „заробената држава“. Ама не, ние го немаме и не можеме да го имаме Адорно дури ни во локална варијанта. Се покажа дека наместо него тоа биле провинцискиве „прогресивци“, муртински и битпазарски праматари и препродавачи, доматовидни политиканти зрели само за на скопскиот Кванташки!

Нивниот восклик траеше само до мигот кога „прогресивниве“ крвници седнаа во властелинските фотелји, а нивните „невладини“ приколки на столчињата зад нив. И – сѐ се повтори: со иста (некои велат и посилна) антидемократска жестина, со идентична демагогија, со ист (некои велат и поголем) дијапазон на криминал и корупција, со истата ароганција и безобразие, со истата (некои велат и поголема) крв на рацете…

Тоа што не смееше да се повтори сега се репризира секојдневно, до бесвест, и во апсолутен формат: веќе не знаете кој лаже а кој краде, кој манипулира а кој уценува, кој за што е одговорен или не е, кој убива свесно а кој од незнаење и неспособност… Да, убива, зашто „прогресивнава“ власт го легализираше и убиството: масовното – преку свесното и неказнето енормно загадување, и поединечното – преку безмилосните криминални „процедури“ во одделни болници, клиники, или, ако баш сакате, во целокупното македонско здравство. Но и општество, односно „опШество“.  

Онаа некогашна Европа произведе „најрафиниран“ систем на тортура врз Човекот – оној со, нели, претпоставена помала вредност! – а оваа Европа само го усовршува истиот со нови, (велат) „демократски“ методи. А ние, ние станавме расадник на некакви извитоперени умови, на психопати и социопати, на копилиња на онаа тројка од Аушвиц (Менгеле, Клауберг и Шуман) и нивните „методи“ коишто нашиве криминални умови само ги доусовршуваат. Тие смислуваат како на човекот да му ја украдат и последната надеж, како да ја заменат со физиолошки раствор а неа да ја продадат на црниот пазар, тие имаат списоци на подобни и неподобни пациенти, тие се типичната мафија во бели мантили и тегет костуми. Или всушност – не: мафијата за нив е детска играчка, овие се вистинскиот филмски ешалон на смртта!

Иако, ако размислите подобро, ќе видите дека оние некогашни „фабрики на смртта“ денес се само трансформирани во држави на смртта, рамномерно распоредени низ светот. Во нив сите злосторства се легални, по закон и Устав – како кај нас – а власта е неказнива и недопирлива и особено иновативна во методологијата на понижувањето, тормозењето, обезличувањето…, па и убивањето на сопствениот граѓанин. На овие копилиња на Менгеле би им позавиделе и главните доктори на Аушвиц! 

А нивниот одговор на јавните протести и прозивки е сличен на оној некогашниот за Аушвиц: па ние не знаевме што се случува! Нивните подопашни приколки вешто ги минимизираат сите криминали како некаква ефемерна, „бесконечна серија на мали, сами по себе не многу значајни, порази“, а нас нѐ прогласуваат за нерационални хистерици. Дури, сме биле и нестрпливи да ги причекаме промените! Цели шест години оваа мафија лаже, краде, манипулира, корумпира… убива, ама граѓаните требало да бидат трпеливи бидејќи промените – ќе дојдат. Кога? Мало сутра?!

Во една комплетно малигна земја, за нив сѐ е – бенигно. Дури и хоророт на Онкологија! Што ли уште треба да се случи?

Драмата на оваа заслепена земја како да ја доживува својата кулминација. Со години пресираниот ум на послушниот македонски граѓанин – оној кој не прави проблеми, кој е мирен и послушен и ги прифаќа сите мерки на власта, па и овој хорор на Онкологија или измените на Кривичниот закон со помош на европското знаменце – деновиве како да ги чекори последните погребни стапки. Сѐ, и буквално сѐ ѝ погодува на власта во нејзиниот поход против граѓанинот со различно мислење, против „неизлечиво болниот“ поединец (како оној на Шуман од Аушвиц) прогласен за непријател, за кочничар на прогресот. „Ангелот на смртта“ будно демне над сите непослушни додека ЕУ какофонијата на самопрогласени демократи и неолиберали мафта со прстето заканувајќи се со санкции и исклучување. Со нив во хор македонските селски геополитички демагози продаваат рог за свеќа односно слон за горила сеејќи катастрофален дефетизам и малодушност, прогласувајќи нѐ веќе за логичен – и потребен! – лесен плен на големите сили.

Децата кај нас не мораат да поминуваат низ стравотиите на бараката бр. 30 во Аушвиц и суровите методи на стерилизација на Клауберг – нив подготвено ги чека македонскиот образовен систем стерилизирајќи им го умот со лоши или без никакви учебници, подметнувајќи им полуписмени министри и неук партиски наставен „кадар“ не само во училиштата туку и во државната и локалната администрација, во здравството, во науката, културата итн.

Граѓанинот, како што потенцира Адорно, е само дел од анонимната толпа која му служи на системот, кој не разликува цитостатик од физиолошки раствор, какистократија од демократија, мафија од политичари…

Оттука, подготвени ли сме за оваа и ваква Европа? Се разбира.   

Пријателот на мојот непријател

Познавачите тврдат дека зборот доверба е клучен во политиката. Довербата кон политичарите може да ја има во поголема или помала доза, може да биде „лабава“ или воопшто да ја нема. Довербата на македонскиот граѓанин во оваа власт, во огромен процент, е – нула. Без оглед што некои политикантски пионерчиња влезени во филмот на „аналитичари“, во напорот да се допаднат дури и на оваа и ваква власт, сакаат да го проблематизираат зборот „огромна“, или „(по)голема“ и слично. Сите анкети, па и оние на властелинските приврзоци, го говорат тоа: македонскиот граѓанин не само што нема доверба во оваа власт, туку ја смета и за ненародна, дури антидржавна.

Фашизоидната „приказна“ од Онкологија е само уште една потврда за тоа!

И тоа е првата пречка и во нашата доверба кон т.н. меѓународна заедница. Зошто? Затоа што е невозможно некој да поддржува една ваква лажлива, криминална и коруптивна власт, а да говори дека има добри намери кон земјата. Дури САД, најгласни во потенцирањето на силната корупција во самите врвови на власта, им дава нови пет милиони долари за – борба против корупцијата! На истите оние кои се главниот генератор на криминалот и корупцијата?!

Тогаш кој, и како, ќе го убеди македонскиот граѓанин дека „меѓународната заедница“ работи во полза на оваа земја, дека ги штити и нашите интереси а не само оние на власта, дека ги стимулира демократските а не криминалните процеси во државава? Ако оваа македонска власт одамна ја прокоцка довербата кај мнозинството граѓани, истиот факт оди и на сметката на главните „стратешки“ партнери ЕУ и САД. Или тие тоа не го гледаат, или не сакаат да го видат заради остварувањето на нивните „стратешки“ цели, остварливи единствено со актуелнава коалиција сдсм-дуи (малите букви се реален одраз на реномето на овие партии)?

И од тука генерира и втората битна дилема на нормалниот македонски граѓанин во однос на аспирациите на меѓународната заедница: кои се и какви се тие „стратешки цели“ ако нив може да ги реализира само ваква криминална коалиција? Зашто, амбасадите на клучните земји веројатно ги следат анкетите, па и медиумите и социјалните мрежи, и го гледаат расположението на јавноста кон овие криминалци. И покрај сѐ, тие се нивниот главен адут? Е па одете објаснете му го тоа на македонскиот граѓанин! А впрочем, нели претходно, во оние 11 години (2006-2017), адутот им беше во една друга коалиција? Па ја растурија, ама сега најдоа подобри извршители? За која цел и по каква цена?        

На ова, односно на сомнежот на македонскиот граѓанин, се надоврзува и континуираната катастрофално погрешна проценка на меѓународната заедница за потенцијалите на одделни македонски политичари и т.н. влијателни поединци, сугерирани којзнае од кого, како, и зошто. Тоа особено се покажува во последниве пет-шест години, но и многу години претходно! Сервилноста, одвратната понизност и неспособноста на нивните избраници е постојан предмет на потсмев во јавноста и отворена недоверба во кадровските стандарди – па и интелигенцијата! – на странските партнери. Тезата дека таквите избраници треба да ги спроведуваат нивните стратешки цели „држи“ само делумно бидејќи, прво, тие се очигледно неспособни за тоа, и второ, ако речиси целата јавност се противи на таквите политиканти, како тие реално че ги спроведуваат тие стратешкицели и до кој степен?

Следствено, ние немаме генерален проблем односно недоверба – како што ни се подметнува! – во меѓународната заедница, подразбирајќи ги тука ЕУ, НАТО и САД, туку во нивната малтене налудничава (до)верба во оваа политикантска гарнитура на неспособни и коруптивни „политичари“ камуфлирани во еврофили, натофили, наводни вљубеници во САД и генерални „прогресивци“. Но таа недоверба веќе одамна се шири и на т.н. стратешки цели на истата меѓународна заедница и улогата на Македонија во истите.

Ако, на пример, Роберт Менендез, претседател на Комитетот за надворешни работи во Сенатот на САД, на фамозната седница (18 мај) за проценка на американската политика на Западен Балкан, јасно и гласно потенцира дека „секако, како што работиме со нашите партнери (Балканските земји, м.з.) да ги оддалечиме од Русија, не сакаме низ тој процес тие да отидат кон Кина“, тогаш за кои и какви – наши! – „стратешки цели“ говориме? Односно дали Македонија во тие цели е само заложник на фокусот на глобалните политики/интереси на големите сили, и дали тоа подразбира и најбезобразно газење врз достоинството на малите земји/народи, често и со потенцијално катастрофални штети и последици.

Зашто, инаку, што значат оние зборови на Ескобар и Шоле за „тешки одлуки“, зборови кои потоа како папагали ги повторуваат и нашиве шутраци без некој да објасни какви последици носат тие „тешки одлуки“? И зошто, по ѓаволите, ние би требале да исполнуваме нивни стгратешки а не наши суштински цели?

И понатаму, зарем меѓународната заедница сериозно мисли дека македонскиот граѓанин не гледа дека цената за нивните „стратешки цели“ е беспризорното дивеење на оваа криминална клика, владеењето на криминалот и корупцијата во самите врвови на власта, во непотизмот и партизацијата на администрацијата и судството итн.? Без оглед што сето тоа стои „црно на бело“ во сите оние негативни извештаи токму на оваа меѓународна заедница уште од 2017 година наваму?

Кај граѓаните секојдневно расте чувството дека меѓународната заедница отворено и целосно недипломатски фаворизира недемократска, криминална (како што впрочем и самата често ја нарекува!) и антиреформска власт заради своите интересни сфери и (дали и?) лукративни цели. И дека токму таквите криминални политикантски структури налик на овие кај нас се најголемата, ако не и единствената, причина за радикалното опаѓање на довербата на македонскиот граѓанин во меѓународните планови за земјава?

Зашто, нели, пријателот на мојот непријател е – мој непријател!? И тука нема друга опција. Ако во низа од неколку години истата меѓународна заедница укажуваше на редица проблеми, пропусти, недемократски постапки, антиреформско однесување… на оваа власт, а особено на нивната криминална и коруптивна позадина, како одеднаш токму тие (о)стануваат единствените нивни играчи во оваа провинција? И токму тие криминалци се сѐ уште носители на евроинтегративните процеси, спасители на државава и единствената политичка опција?

Извинете, но тоа не само што е несериозно туку е и малоумно. А впрочем, каков „европски“ брак би бил овој на Македонија и ЕУ каде што повеќе од 70% од населението се ежи при спомнувањето на Европската унија? Брак на сила, однапред договорен брак, онака по балкански? Извинете, но во кој век живее таа ЕУ, па и САД? Зарем сме ние сите идиоти кому и понатаму можат секакви криминалци да им продаваат „прогрес“ и „демократија“? Зарем никој таму не гледа дека тие времиња се сепак – минато?

Ако американската амбасадорка гласно вели дека „народот на Македонија заслужува интегритет од своите јавни функционери и систем којшто ќе ги смета за одговорни“, но во праксата поддржува ваква криминална опција, тогаш за каква доверба на народот во меѓународната заедница можеме да говориме?

Ако на сето ова се надоврзат и сите срамно лажливи политики и ефтини ветувања на ЕУ кон Македонија во овој евроинтегративен процес – не само од налудничавиот „Преспански договор“ туку и многу години претходно, дури од 2005 година наваму – при што полека но сигурно се „ситнела“ довербата кон Европа и истата сѐ почесто се именувала како „она“ од Вавилон дури и од најубедените еврофили, стануваат ли тогаш работите појасни? Би требало, но тоа таа ЕУ и онакви „фиќфириќи“ како Макрон и компанија тоа очигледно не ги тангира. Во ваква светлина, дури и оние (наводно) пријателски гестови од типот на поддршки кон македонскиот јазик, идентитет и култура прозвучуват лицемерно. Зашто, кој нормален воопшто отвора дебата за туѓ јазик, идентитет и култура?

А сепак, македонскиот граѓанин – со ретки исклучоци – е доволно културен да не возвраќа со иста мерка на многубројните потценувања, па и понижувања на меѓународната заедница. Не дека нема материјал за споредба. Доволно, на пример, би било компаративното однесување на дел од (сега така самобендисаните) европски држави во времето на фашизмот/нацизмот, односот кон Евреите и другите малцинства за време на Втората светска војна итн. Но, каде би нѐ одвело тоа?

На крајот, кога врз вакви нестабилни темели градите некакви потенцијално трајни односи, особено кога нив ги градат крајно неуки и неспособни луѓе од двете страни (ЕУ и Сев. Македонија), резултатот никогаш не може да биде поволен. Не само заради сомничавата скептичност на повеќе од 70% македонски граѓани. Не, не само заради тоа.