Monthly Archives: July 2023

ОВА (НЕ) Е ПАТ ЗА ЕВРОПА

Насловот е само минијатурна парафраза на актуелната помпезна изјава на самиот „crème de la crème“ на нашите евроинтеграции, во којашто оваа власт, на неа својствен дилетантски начин, ни го објаснува „патот за Европа“ преку уставните измени. И таму, на тој нивни „пат“, но и не само таму, секогаш сѐ е така едноставно, просто, како два и два четири, иако на крајот резултатот по правило е спротивен. И кај нив секогаш сѐ е така идеално површно, така детски наивно, така фантастично политикантски неуко… И секогаш тие би да ја делат нивната одговорност („Иднината на државата не е одговорност само на Владата“) но не и одлучувањето и привилегиите, да повикуваат на отворање некакви фронтови („Сега е време на фронтот за Европа“) откако сѐ ќе упропастат со нивната глупост и суета, упорно лажливо да повикуваат на „поминување на оваа точка која е неповторлива“ а да ги кријат останатите еднакво „неповторливи“ точки пред историскиот амбис.

Но, де факто, таа лажливост, таа суета и непринципиелност одамна се претвори во главен modus operandi на оваа коалиција на власт. Впрочем, зарем имаше дилеми дека Комисијата за уставни прашања ќе ги прифати предложените измени на Преамбулата на Уставот во насоката склепана од онаа „стручна“ Комисија? Не, зашто одамна најголемиот дел од македонските пратеници размислуваат не со главата туку со некои други, не баш соодветни делови на телото. А впрочем, ни тоа не е чудно бидејќи тие се целно така бирани: да размислуваат со задникот наместо со главата. Зашто, друго објаснување за нивниот чин едноставно – нема.

А кога неодамна напишав дека власт која не им верува на врвните научни и стручни институции во земјата е само грст провинцијални приучени политиканти кои стручноста и компетентноста ги заменува со лаги, манипулации, притисоци и заплашувања со цел да им удоволи на странските партнери, мислев и на пораките од типот на онаа на првиот човек на МАНУ (одамна оваа институција не сум ја пишувал со големи букви, како што заслужува!) апропо претстојното гласање за уставни измени. Но за Комисијата за уставни прашања ни апелот на угледен светски научник од форматот на Коцарев ништо не значи. Тие си имаат своја „мисија“, тие – Џафери, Биљали-Зендели, Коциќ, Костовски… и останатите подлизурковци – се поголеми уставни експерти и од претседателот на МАНУ, и од Сиљановска-Давкова, и од Апасиев итн.

Никој од оваа власт во ниту еден миг не одговара на бројните укажувања за скриените стапици на онаквото неуко вклучување на Бугарите како државотворен народ во Преамбулата на Уставот. Никој воопшто и не спомнува што понатаму би се случувало на нашиот евроинтегративен пат и кога и како ќе се активираат оние „одбрамбени бугарски механизми“ од протоколите и кој е нашиот одговор на истите. Никој ни да „зуцне“ за упорните бугарски објаснувања дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е само прелиминарен услов за почетокот на преговорите за членство на земјата во ЕУ и тоа не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Македонија.

Впрочем, пред само десетина дена бугарското МНР му испрати честитка на Османи: „Патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ има јасно дефинирани параметри. Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите манипулативно да се претстават условите кои се веќе договорени и опишани во компромисот од 2022 година, како некои нови барања на Република Бугарија“.

Но, очигледно е веќе дека во овој маратон на лаги никој од власта во догледно време нема да ги коментира овие нешта. Затоа во игра ги држат само оние веќе излитени, лажни флоскули на коишто се повикуваат сите од владината врхушка, меѓу коишто особено на онаа дека „интегрирањето на Бугарите во Уставот е формализирање на тоа дека станува збор за два различни народа“ (Османи). Истите – да простите, измислици – „државнички“ ги пласира и премиерот: „Се работи за техничка измена на Уставот во која што покрај постојните делови од народи кои се дел од нашата Преамбула се додаваат делови од други народи кои досега не биле дел од Преамбулата, меѓутоа биле наведени под ’други’ во самата Преамбула (…).“

Треба многу нешта да не знаеш и да не разбираш за да една длабоко суштинска измена на Уставот што задира во цела низа векови македонска историја ја наречеш – „формална“ или „техничка“. Дури и не сум докрај сигурен дека човек кој решил да се занимава со политика може да биде толку неук и таков игнорант па да изрече такви произволности. Или невистини, како сакате. Свесно. Или полесно ќе ни биде ако е тоа направено несвесно?

Во која и да е друга прилика би рекол дека е несериозно дополнително да се замајуваме со такви белосветски глупости. Но оваа не е таква прилика, не е таков момент туку очигледно денес, и утре, се прекршува македонската историја и секакви полуписмени ликови си го присвојуваат правото да допишуваат нова. Навистина е непријатно ваквите малолетни „објаснувања“ сериозно да се коментираат, но сепак: ако, како што вели премиерот, во она „други“ и до сега биле скриени Бугарите, зошто не ги оставиме таму, зошто со сила ги именуваме во Преамбулата? А зошто тогаш и источниот сосед запнал поименично да биде пикнат токму во Преамбулата? Малку му е она „други“, и зошто му е малку? И колку можеме ние да бидеме слепи при очи? И зарем целана онаа силна бугарска машинерија се покренала заради една таква банална цел – формално населување на Преамбулата на македонскиот Устав? Или целта е поголема, посуштинска, подолгорочна?

Или Владата, сосе премиерот и министерот за надворешни работи, навистина сака да ни каже дека ние во Преамбулата ги внесовме и другите народи односно делови од народи само за да направиме разлика меѓу нив и нас? Па зошто сега не и Бугарите? И зарем навистина некој мисли дека Бугарија всушност ни прави услуга, дека бугарската повеќевековна дипломатска школа визави онаа првоодделенската на Маричиќ и Османи самата се поставува на таков лизгав терен, ама ете, ние ја надитруваме?

Она што во моментов останува недоволно јасно е дали оваа „операција“ е навистина производ на тоталната неукост на македонската власт и неспособноста да се согласедаат историските последици, или тука има свесна намера, и каква? Во обата случаи одговорот е поразителен за македонската држава, или она што останале од неа. Но и во обата случаи станува збор за тежок – свесен или несвесен  деликт – против историските интереси на државата и народот.

И ова го кажувам особено заради срамното и простачко етикетирање од страна на премиерот на сите кои не се согласуваат со неговите/нивните глупави објаснувања на целата „Операција Бугари“. Старата УДБА-шка хистерија од 1948 се чини повторно завладува во Македонија: или си со нас или си против нас! Но и тоа, покрај политичката, (не)образовната и (не)културната капацитетност, доволно говори за (не)демократскиот бауч што кружи низ земјава. Премиерот не се доискажа: што ќе биде следното? Бараат локации за логори, транспорт на „ботовите“ во Сибир… што? Во нормални земји, но и во рамките на некоја нормална „меѓународна заедница“, таквите изјави би биле доволен сигнал за прекинување на сите започнати процеси за евроинтеграција на една таква земја.

П.С.

„Во апс! Во логор! Ами што! Кога сакаат да служат на други против својата партија”, барал Тито во онаа 1948 година. Зошто и ние не би го примениле тоа искуство?    


„Соланизација“, „Макронизација“, „Ескобаризација“…

Да бевме нормална држава, со нормални политичари, овие „разговори“  околу уставните измени ќе се водеа уште пред четири-пет години, кога оној праматарон потпишуваше меѓудржавни договори небаре трампи своја нива со комшијата. Ќе имаше отворени трибини, расправи и широки дебати, соочување на аргументи… Но сето тоа ако власта и надлежните за евроинтегративниот процес умееа/знаеа да одговорат на редица контроверзни прашања поставувани во јавноста подолго време. Бидејќи не знаат – се кријат. А овде, сепак, не станува збор за лични или групнопартиски ќефови и надмудрувања туку за сериозен историски процес со потенцијални несогледливи последици за државата.

Идентичен е и случајот со нашиве „експерти“ кои секојдневно пелтечат по медиумите, при што сите, ама баш сите, се познати класичниабоненти на власта кои апсолутно еднострано им пристапуваат на проблемите на македонските евроинтеграции, по правило застапувајќи ја страната на оваа власт и тезите на ЕУ. Што сѐ се изнаслушавме од нив последниве месеци, па и година, за Унијата – што е таа, како таа функционира, што ќе ни се случи утре ако не прифатиме диктирани измени на Уставот… – се чини тие повеќе знаат за ЕУ од неа самата. И ја сакаат, просто ја обожуваат, многу повеќе дури и од нејзините граѓани. Што и не е чудно, нели: кога си добро платен можеш да ја убедуваш јавноста и дека Земјата е плоча, а „прогресивциве“ се подготвувале за ЕУ уште од времето на Илинденското востание. Коешто, за жал, (повторно) не е наше туку е соседско, вели (овојпат) оној „добронамернион“ канадизиран „европеец“ Петков. Но, и тоа е во контекстот на планираната „Операција Бугари“ и претстојните измени на Уставот. Но за тоа малку подоцна. 

Но никој од нашиве учени-недоучени нема да одговари на кое и да е суштинско прашање поврзано со планираните уставни измени. А ги има повеќе. Првото (спомнато и минатиот пат) е: кому му требаат Бугарите во Уставот како државотворен народ, и за што? На Македонија, на Бугарија, на ЕУ, на САД…? Тоа треба јавно, јасно и гласно да биде прецизирано од страна на државниот врв. Зашто, со нивното сместување во Преамбулата на Уставот онака како што предложила „стручната“ Комисија на „историчарката“ Цаца Николовска, тие де факто си ги исполнуваат вековните „влажни сништа“. Односно, им ги исполнуваме – ние! Ако имаме посебна причина за тоа, добро е да ја знаеме веднаш и да не се глупираме понатаму.

Поточно, ако македонските „експерти“ во 2001 година дозволиле „соланизација“ на Преамбулата на Уставот односно еден Солана со рака да им допишува измени на Преамбулата и истите Собранието беспоговорно да ги усвои како „наши“, тогаш тоа говори дека македонското контроверзно лакејство не е од вчера. Но, токму заради тоа, добро би било сега – а не по дваесетина години – да слушнеме дали и денес имаме слична „ескобаризација“, или „макронизација“, и кои се „аргументите“ на меѓународната заедница за нашето ново заложништво кај источниот сосед!

Но, доколку немаме таква силна „соланизирачка“ причина, добро е да се праша: дали спомнатата Комисија темелно ги разгледала сите историски аспекти, но и последици, на нејзиниот предлог за измена на Преамбулата? Би било логично да претпоставиме дека тоа се случило, иако тие некако (пре)брзо ја завршија работата, што пак остава реален сомнеж во темелноста. Како и да е, ќе го повторам прашањето од минатиот пат, надевајќи се на некаков одговор, од некого, некогаш: ако сите народи односно делови на народи спомнати во Преамбулата во контекстот дека „(…) ја преземале одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија (…)“, дали Комисијата, и власта, ги гледа и Бугарите како такви? А тоа не е техничко или само формално туке е – суштинско прашање!

И понатаму – за да престанеме да се лажеме понатаму! – тоа е само првиот чекор што би го направиле. По него следат сите останати, оние запишани во „рамката“ односно протоколите како анекс на Договорот со Бугарија, без оглед што странците се обидуваат да нѐ убедуваат во спротивното. Но за овие „нови чекори“ – во следната прилика.

Следствено, а задржувајќи се сѐ уште на првиот чекор, следејќи ја дикција на Преамбулата и внесувајќи ги Бугарите (или дел од бугарскиот народ) во неа, некој веќе утре мора да одговори како ќе ја гледаме македонската историја 1941-1945 година? Кој тоа, во тој период, ја окупирал македонската територија, вршел невидени (документирани!) ѕверства врз населението (стрелал, колел, бесел…)? Некоја друга држава, а не Царството Бугарија? И која? Ако пак тоа сепак била Бугарија, значи дека (следејќи го новиот македонски Устав!) тие навистина не биле окупатори бидејќи нелогично е да окупираш земја за којашто низ историјата си се жртвувал, си леел крв за неа, нели?

Ако е тоа така, а така е според новопредложената Преамбула, што претставувала македонската борба за ослободување 1941-1945 година? Граѓанска, братоубиствена војна? Зашто, нема друг соодветен термин за таквиот вид борба бидејќи и едните (Македонците) и другите (Бугарите) се бореле „за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија“? Тоа ли сака да ни каже „историчарката“ Цаца Николовска? Тоа ли сака да ни каже и оној Ружин како „експерт“ за сѐ, па и за историја и Устав?

Но, историјата, како впрочем и правото – па и уставното – не е сегментарна наука којашто изолирано ги посматра нештата. Напротив: оваа „преамбулска“ логика како бумеранг се враќа низ времето дури до 681 година и ханот Аспарух. Каков, имено, карактер имале неговите освојувања на територијата (и) на (тогашна) Македонија: освојувачки, ослободителен, братоубиствен…, можеби туристички? Што ќе рече дека уште од тогаш овде се водат граѓански војни на коишто, ете, со помош на новопечениве историчари ала Николовска, Ружин, Пендаровски, Ковачевски и компанија, сега им се става крај. И тоа ли сака да ни каже „историчарката“ Цаца Николовска? И тоа ли сака да ни каже и оној Ружин, но и другине спомнати, како „експерти“ за сѐ, па и за историја и Устав?

Е па да им се заблагодариме, се разбира, и да ги предложиме – сите, топтан – за некоја висока државна награда или одликување! Но и прашањето: разбираат ли воопшто овие луѓе што предлагаат со вакви уставни измени?

И понатаму, следејќи ја дикцијата на Преамбулата којашто не се ограничува само на еден историски период, таа, Преамбулата, говори и за свест и благодарност „на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава“. Тоа ќе рече дека од мигот на усвојувањето на предложената измена на Преамбулата, ние веќе отворено говориме и за „предците и жртвите“ на Бугарите и „нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава“ и во времето на Илинденското востание, Кресненското, Разловечкото…, ги подразбираме тука и нивните „предци и жртви“ и им се поклонуваме… Тоа ли е/ќе биде новата „држава“ Северна Македонија? Го знаел ли оној Петков ова предвреме, па уште сега го прогласил Илинден за бугарски?

Меѓутоа, за да не биде дека јас имам нешто против Бугарите, ќе кажам дека истите аргументи, горе-долу, се однесуваат и на сите други (делови од) народи кои сега се спомнуваат во измените. Но и на претходно спомнатите (иако за дел од нив има други аргументи). Зашто, вака излегува дека ние не ќе сме имале држава, ниту пак аспирации за држава, без сите спомнати, што не е точно. Да, ние треба, должни сме да им оддадеме чест и почит за нивниот придонес во македонската борба – тоа го вели и Крушевскиот манифест, ама не спомнува (нека ме извинат) Бугари, Хрвати, Словенци, Бошњаци итн. – но да ги издигнеме на рамништето на државотворни (делови од) народи е малку претерано. Нивната улога во изградбата на оваа држава е несомнена, но сепак треба(ло) примерено да биде историски интерпретирана со соодветни формулации! А токму тоа требало да го сработи (и) оваа Комисија. Или – да молчи.

Сите овие народи, односно делови од народи – па нека бидат во тоа вклучени и педесетината „наши“ Бугари – се вградиле во многу судбински важни процеси во поновата македонска историја и за тоа мора да добијат соодветно признание. Но не вака, не на ваков крајно дискутабилен начин. И тој дел од Преамбулата мора(л) да биде сработен од сериозни, компетентни историчари и политичари, а не од делегирани претставници на партии, па дури и Партијата на пензионерите. Извинете, но тоа не само што е крајно дилетантски туку претставува поигрување – да не речам потежок збор – со државата и нејзиниот темелен документ.   

„Операција Бугари“

Не верувам дека некој денес може да предвиди како историјата ќе го идентификува „развојот“ на Македонија по 1991та година и со која/каква терминологија ќе се служи. Ако, на пример, една група геолози тврди дека во историјата на планетата Земја по 1950 година треба да се воведе нова епоха – таканаречена антропоцен – како ли ние ќе го „крстиме“ овој наш (нов) период од последниве три децении? Период исполнет со автократија односно квазидемократија, криминална политократија, коруптивен (нео)либерализам… како? Зашто, како што вели геологот Колин Вотерс (професор на Универзитетот во Лестер), „Кога осум милијарди луѓе имаат влијание на планетата, сигурно ќе има последици“, тогаш, преведено на наш локален терен, ако со една земја цели три децении владеат исти автократски кримогени структури, тогаш сигурно (ќе) има несогледливи последици по таа земја.

Дали денес, со т.н. „Операција Бугари“, сме на прагот на завршницата на овој негативен циклус, а пред потенцијална историска провалија? Односно дали овие локални партократски коруптивни мафии со нивниот евроинтегративен „план“ ќе успеат да превладеат и да ја втурнат земјата во нова, непредвидлива „епоха“ на историски, идентитетски, културни турбуленции со неизвесен крај? Зашто, сѐ укажува на катастрофално неповолен развоен процес во сите области: во економијата низ диктатот на една групичка олигарси сконцентрирани во Стопанската комора кои меѓусебно си делат „историски“ квалификативи и епитети; во политиката, со цикличната трипартитна криминална коалиција којашто ги концентрира владејачките механизми во рацете на мали групи политиканти; во образованието, со полуписмените (не само) албански министри и нивните „реформи“ кои од лектирите ги бришат дури и „Црно семе“ и „Црнила“; во културата со необјаснивиот ретрограден процес што ништи сѐ што оваа култура успеала да создаде низ децениите, па дури и вековите… итн.

И токму со таков претежок багаж еден грст неспособни политиканти ја турка земјата  во нова „операција“ пред (наводно) последниот евротунел, со нејасна видливост и ризични чекори, со скриени агенди, со лаги и манипулации, со тукуречи комплетно разнебитено општество и распаднат државен систем. И со крајно дискутабилен и неизвесен расплет на нештата пред нов историски амбис.  

Затоа, впрочем, македонскиот граѓанин никогаш нема да може да ги разбере оваа власт и начинот на нејзиното чекорење кон ЕУ во изминативе пет-шест години. Дури ни „запалените“ членови на социјалдемократскиот сојуз (малите букви се одраз на реномето на оваа партија денес!), освен онаа (сепак) малубројна лукративна врхушка, веќе не им веруваат. Историјата секако ќе се обиде да ги анализира контроверзите на овој период бидејќи тоа е основата на нејзината работата, но тешко дека во блиска иднина и таа ќе може да даде позитивно објаснување на ваквите процеси и конфликтните случувања во државата на нејзиниот евроинтегративен пат.

Зошто? Затоа што историјата главно оперира со рационални елементи, а власт којашто ги игнорира врвните научни институции во земјата, којашто не комуницира, или дебатира, со луѓе со аргументирано спротивни мислења за нејзините постапки, власт којашто не сака да ги земе предвид ни добронамерните странски експертски мислења…, е нерационална, самозадоволна, тврдоглава, дилетантска, политикантска власт. Оваа власт е таква власт! Овој грст приучени политиканти смета дека е попаметен и од цела МАНУ, УКИМ, стручни институти, експерти за разни области…, стручноста и компетентноста ги заменува со лаги, манипулации, притисоци, заплашувања…, сѐ со цел да им удоволи на странските партнери што ги одржуваат на власт.

Па дури и тие, во дадени мигови, укажуваат дека земјата се наоѓа пред „тешки одлуки“ (Ескобар, Шоле и др.), но за нашава збирштина неуки ликови ништо не е тешко и неизводливо. Нема цена што тие не би ја платиле. А впрочем, каде инаку би биле безмалу сите до еден од овие аматери заседнати на раководните позиции, сите до еден нестручни и компетентни за работата што треба да ја извршуваат? И кој друг воопшто би ги вработил и би им дал такви плати и бенефиции? Но тоа е само едно прозаично објаснување. Има и други, многу потешки.

Како и да е, пуштањето во собраниска процедура на крајно магловитите уставни измени како почеток на „Операцијата Бугари“ сведочи токму за таа тврдоглавост и инает, за безобѕирноста и безобразноста да се игнорираат сите компетентни предупредувања за можните долгорочни последици по државата, јазикот, културата, историјата…, за потенцијалната провалија што чека на крајот на патот. Дури никој и не прашува што сака да каже Ескобар со зборовите „тешка одлука“? Што би било толку тешко во еден ефемерен гест на прифаќање на претставници на неколку народи во Уставот? Зошто би било „тешко“ за нас прифаќањето на делови од хрватскиот, црногорскиот, бошњачкиот… и не знам кој сѐ друг народ во македонскиот Устав? Или и Ескобар, но и многумина други, под „тешко“ го подразбираат внесувањето на Бугарите во Уставот? Но, повторно: зошто никој не објаснува во што е тешкотијата со Бугарите во македонскиот Устав? И зошто нашиве сезнајковци кои така слепо ни ја подметнуваат таа „тешкотија“ не го објаснат тоа туку канат високи ЕУ ликови да ја убедуваат јавноста дека „тешкото“ е всушност – лесно?!         

Секако, првата тешка „станица“ во претстојната уставна битка е прашањето: зошто воопшто Бугарите во Уставот? Само заради тоа што некој зевзек потпишал дека тоа лесно ќе го реализира? Има (пре)многу причини зошто нормални политичари во Македонија не би се согласиле на овој услов. Особено заради фактот што тој потег крие потенцијални несогледливи последици по иднината на земјата. Но за нив е доволно пишувано. Ако пак, сепак, тоа бил услов без којшто не се можело – иако тоа прозвучува прилично наивно, да не речам детски – тогаш: зошто Бугарите баш во преамбулата на Уставот?

И за тоа беше опширно пишувано, особено од Бранко Геровски, кој (изгледа залудно) понуди неколку други можни варијанти на решавање на тоа прашање. Ниту едно не беше ни коментирано, уште помалку прифатено од власта. Тие, изгледа, знаат подобро. Затоа, некој токму од оваа власт – Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ, Османи…, па и сите во Владата поименично, но и оној Ѓорѓиев како нивен исторически фаворит – би требало конечно да одговори: ако во преамбулата на македонскиот Устав се наведуваат народи односно делови на народи кои ја преземале „(…) одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија (…)“, дали додавањето на „дел од бугарскиот народ“ токму во таквата Преамбула значи дека и тие дале жртви и биле посветени на борбата „за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија“?

Кој од спомнатите, или можеби некој од Комисијата за уставни измени на чело со „историчарката“ Цаца Николовска, може да потврди дека тоа одговара на историските факти, а особено дека таквата историска лага веќе во блиска иднина нема да генерира редица нови („оправдани“) барања од страна на Бугарија во однос на Македонија? Зашто ако, на пример, дел од бугарскиот народ навистина – па нека е и само на уставна хартија! – бил посветен на борбата за создавањето самостојна и суверена македонска држава, нели тоа го прави бугарскиот народ, или неговиот дел во Македонија, државотворен народ? И што тогаш останува од македонската историја 1941-45, па и претходно, и кој тоа од спомнатите личности е подготвен јавно да ја преземе, но и образложи, таа одговорност?

Непромисленоста на ветувањата и опфатот на целава „Операција Бугарија“ понатаму води низ други историски Сцили и Харибди, повторно безобразно негирани и криени од јавноста. Но за тоа во следната прилика.

П.С.

А во контекстот на преземањето одговорност апропо уставните измени, јавноста би морала да бара соодветно објаснување особено и од членовите на Комисијата за уставни измени: Цаца Николовска, Цветанка Иванова, Соња Мираковска, Нано Ружин, Христа Најданов, Темелко Ристески, Александар Спасов и Драган Тилев. Да, ги наведувам само претставници од македонската етничка заедница бидејќи тие се, прво, мнозинство во Комисијата, и второ, тие подобро би требале да знаат во каква историска „операција“ ја втурнуваат земјата!

Но тие, еден убав ден, ќе мора да одговорат и на неколку други суштински прашања: дали навистина можат да се носат вакви „деликатни“ уставни измени без политички консензус помеѓу сите партии застапени во Собранието; кој/каков е нивниот кредибилитет (освен на еден,двајца) да се впуштаат во уставни процедури; кои/какви се нивните компетенции да се плеткаат во сензитивни историски прашања… итн? 

Сѐ е случајно(ст)

Две големи вистини, изречени неодамна од самиот врв на државата – Претседателот на државата и Владата – најречито ја отсликуваат тажната реалност на македонската политичка сцена во изминативе речиси шест години: сѐ е случајно и никој не знае кој што прави. Последователно, на таа килава „база“ се калеми целата „политичка“ слика што денес ја гледаме и ја викаме (се уште) Македонија. Па дури каниме и видни гости. Кога така ќе ги согледате нештата, воопшто и не е чудно што сите витални потези во државата ги диктира „меѓународната заедница“, но не во наш туку, нормално, во свој интерес. Кој и да е и каков и да е!

Првата вистина доѓа директно и неотповикливо од Претседателот на државата кој, преку неговиот Кабинет, ни „објаснува“ дека неговата заедничка фотографија со неодамна застреланиот (велат) „нарко бос“ е – случајност. „Сѐ е случајно“, велат тие. И тоа е де факто најголемата вистина: од неговата кандидатура, преку изборот, па сѐ до последниов скандал, сѐ е резултат на редица случајности – добри или лоши, иако многу повеќе од овие вториве – и наивни, речиси детски необмислени изјави/потези за важни државни прашања, лажни конструкти и мигновено менување на ставови по клучни прашања итн. Без конзистентна политика, без јасни и прецизни сознанија, отсуство на визија, необјасниви импровизации… тој след на случајности, произволности, контроверзи и манипулации се вистинската рекапитулација на неговиот мандат. Но и на мандатот на неговиот „кабинет“.

Зашто, замислете го „оправдувањето“ за последниов скандал: „не се правеле безбедносни проценки за лица кои спонтано приоѓаат за фотографирање“. И понатаму: „Пендаровски се фотографирал со сите кои ќе побарале“, велат. Интересни констатации на еден претседателски Кабинет, па нека е и на македонски претседател. Што ли би се случило со такво „објаснување“ и колку би траел еден таков „кабинет“ на некој претседател од рангот на Макрон, Штајнмаер, Матарела итн.

Од друга страна, дотичната фотографијата, очигледно, не е направена баш на некаков предизборен митинг или во толпа на поддржувачи на Пендаровски, нели? Ама „кабинетот“ како да е ќорав, не гледа ли дека тие се во затворен простор, сами, добро расположени познаници? Или, замислете американскиот претседател Хувер, на некој предизборен митинг или во тек на изборна кампања, да се фотографирал со Ал Капоне, а неговата администрација тоа да го оквалификувала како – случајност! Или Жак Ширак да застанал да се поздрави со воениот криминалец Морис Папон, онака случајно, бидејќи неговиот кабинет, а ни тој, не го препознале криминалецот?! Или навистина во Македонија има толку многу гангстери, нарко и мафија босови и други профилни криминалци па службите не се во состојба сите да ги запаметат?

Втората жална вистина ја откриваат министрите во македонската Влада по повод нивното односно владиното „случајно“ вплеткување во скандалот со рудникот Иловица-Штука. Неколку министри – според медиумите: Спасовски, Петровска и Шукова – воопшто и не знаеле за што гласаат (sic!). Ама гласале!

И сега човек може да биде циничен и саркастичен па да каже дека за оние плати покачени за цели 78% министрите барем би требало наизуст да ги знаат сите точки и материјали на дневен ред на седниците, некој – можеби секретарот на Владата – би требал секојдневно да ги испрашува дали точно ги научиле и разбрале материјалите итн. Но, македонските состојби не се веќе ни за цинизам ниту пак за сарказам. Секогаш кога ќе помислиме дека е допрено дното, власта успева со нов скандал да нѐ убеди дека кај нас всушност и нема дно.

Не можете а да не се прашате дали и другите, еднакво важни, па и поважни одлуки поминувале на ист или сличен начин, дали дотичните министри воопшто разбираат што се случува на владините седници, дали им е јасно што се случува во земјава… или тие имаат други интереси и лични агенди? Или дали, можеби, како онојпат премиерот (кога се одлучувало за безмалу подарок на државно земјиште на неговата сопруга!), можат едноставно да си излезат од седницата и потоа да кажат: извинете, јас не сум од овде?!

Иако реков дека нема да спомнувам саркастични прашања, сепак морам, зашто ова можеби и не е типично саркастично: што мислат министрите во Владата на оној „премиер“ – оној кој ја напушти седницата кога се одлучувало за безмалу подарок на државно земјиште на неговата сопруга! – за што се тие именувани на тие дебело платени функции? Да си вршат лични и семејни работи, да се збогатат што повеќе можат за времетраењето на мандатот, однапред материјално да си обезбедат барем две-три идни генерации? Или треба нешто и да сработат во мандатниот период наместо да спијат на седниците на Владата?

И иако реков дека нема да спомнувам цинични прашања, но нели е врв на балканскиот цинизам и безобразие она појавување на министерките за труд и социјала и за животна средина на народниот протест против рудниците Иловица-Штука? Дали навистина овие две женички мислеле дека на тој начин ќе се „исперат“ од она скандалозно „преспивање“ на седниците на Владата, особено во ресорот животна средина на „госпожата“ Шукова која во дванаесет и пет – но не и на самата седница на Владата кога се одлучувало по прашање за коешто таа прима плата – се дистанцира од валканата одлука? Издвојува мислење, „лично“ не се согласува, но како министерка – се согласила?!

Премногу вакви и слични малограѓански и неетички, а во крајна инстанца и чудовишно безобразни однесувања се изнагледавме во овие шест години. Дел како случајност, дел како катастрофално невнимание, најголем дел како неспособност, неукост, неморал… па и нечовечност како во случајот со рудниците. А на граѓаните во државава не им зависат само сегашноста и иднината од такви непристојни ликови, туку често и животот (повторно како во случајот со рудниците).

И повторно никаде го нема премиерот, повторно се крие во неговата глувчија дупка за да ги избегне прашањата дали ќе повика некого на одговорност: можеби министерот што му поттурил таква одлука на Владата, можеби министерките кои глумат слободни стрелци, издвојуваат мислење и не се согласуваат со сопствените одлуки? Но и на тоа бегање од јавноста веќе свикнавме.         

Се разбира, ние можеме да бидеме цинични и саркастични до крај и да ја прогласиме Македонија за земја на случајности, каде наместо закони, морал и професионалност владее хаос од случајности и невнимание! Но тоа ќе биде само уште една шлаканица и за нас кои така одлесно им прогледуваме низ прсти на вакви неуки и неспособни ликови кои глумат некаков државен естаблишмент.     


ТАЖНАТА СЛИКА НА МАКЕДОНИЈА

Кога го слушате Османи, кој во името на властодржечката врхушка, апсурдно самозадоволно тврди дека „Никогаш нема да може да се смени преговарачката рамка“, не може да не ве фати жал, и бес. Жал заради тажната, самоуништувачка слика што Македонија ја еманира денес, бес заради неодговорноста и неспобноста на една група од десетина полуписмени политиканти кои во име на цела држава „испреговарале“ и потпишале нешто што нормален човек не би го направил. Нивното неискуство, неупатеност, неукост… но и нивното лакејство просто рее од секој нивни збор, од секоја реченица со којашто се обидуваат да си ја оправдаат глупоста: „не можевме да добиеме подобар договор“!

Кога некој не може да сработи нешто доволно добро – а ако станува збор за државни работи од највисок интерес тоа значи дека работите мора да се сработат одлично! – логично е да се повлече, да отстапи место на други кои претендираат тоа да го сработат подобро. Но тоа го прават само културни, воспитани и умни (не само) политичари. Оваа македонска политикантска багра не ја пушта власта ни „за жива глава“ и кога работи во полза на штетата на целата држава, па дури и цинично порачува преку оној веќе ноторно смешен вицепремиер дека „Предвремени избори може да има само ако опозицијата се согласи да гласа за уставните измени“. 

Македонскиот граѓанин ова не го заслужил, Македонија не ја заслужува оваа и ваква тажна слика што ја прикажуваме пред светот само заради глупоста на еден грст луѓе кои успеале да ја измамат Европската унија и „стратешкиот партнер“ дека се способни да ја интегрираат државата во ЕУ. По секоја цена, што во превод значи – без цена, џабалак, само заради задржување на власта и грст нови лични привилегии! Но зошто нивната ниска цена треба да биде и наша цена, зошто нивната простотија и незнаење треба да биде и наш срам пред меѓународната заедница?

И зарем таа и таква меѓународна заедница сосе нејзините емисари и понатаму не гледа дека овие политиканти, кои малоумно во нивните „политики“ оперираат дури и со поими „никогаш“ и „засекогаш“ само за да ја заплашат јавноста, не уживаат ама баш никаков углед во народот? Дека нивните глупости, диригирани токму од таа „меѓународна заедница“ веќе служат за потсмев и лакрдии во јавноста. Зарем ЕУ и „стратешкиот партнер“ не го следат и сопствениот рејтинг овде произлезен токму од поддршката на такви кримогени ликови? Па дури ништо не им значи ни констатацијата на нивниот екс-амбасадор во земјава Фуере за „длабоко вознемирувачкиот преседан што го постави ЕУ во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија“! 

Од друга страна, кога нашиот закочен евроингративен процес би бил единствениот проблем на оваа држава и оваа неспособна власт, тогаш таа „меѓународна заедница“ би имала полно право од македонскиот граѓанин да очекува кооперативност и подготовеност дури и на такви жртви какви што се запишани во „Преговарачката рамка“ (а коишто сите упорно ги премолчуваат!). Или кога несогласувањето со тој матен евроинтегративен процес би бил само некаков каприц и/или инает на само една партија од опозицијата, тогаш овој веќе непристоен секојдневен притисок на меѓународна заедница во убедувањето на таа една партија би бил логичен па и добредојден. Меѓутоа, кога со нејзината диоптрија за нашата иднина не се согласува целата опозиција – но и видни претставници токму на партиите на власт! – и речиси 70% од македонското граѓанство, тогаш – што? Сите ние сме глупави, не разбираме ништо, само оние десетина шушумиги од власта и оние шеесетина пратеници што гласаат за сѐ и сешто се од Бога дадените умни? Сосе оние високи претставници на доскорешните радикално комунистички режими кои со децении веднеа глава и молчеа под руска или домашна генералска чизма а сега глумат големи демократи?

Кога земјава комплетно се распаѓа пред налетот на криминалните и политичките мафии, кога судскиот систем одамна наликува на циркус „Медрано“, кога неспособни и неодговорни функционери стасани за пензија глумат воени стратези и сакаат да отвораат разноразни фронтови, кога стандард за изградба на болница кај нас е три децении и таа се уште не е готова, кога власта крие од јавноста меѓународни договори што надминуваат вртоглави цифри од 1,5 милијарди евра, кога партократијата намерно го гуши Скопје во ѓубре заради заштита на своите партиски војници… уставните измени ли ни се најголемиот проблем? И што мислат оние тројца „високи“ претставници на Австрија, Чешка и Словачка, ќе ги снема ли преку ноќ спомнатите катастрофични примери веднаш по измените на Уставот?

Ќе нѐ спасат ли тие, или новиве што ќе дојдат од Германија, Франција и Полска, од новата коруптивна шема за медиумите планирана од страна на Владата и враќањето на медиумската контрола од времето на Груевски? Ќе ги видат ли конечно и тие крајно автократските тенденции на оваа власт, нивната длабока инволвираност во сите, буквално сите, криминални дејствија во државава и нивната дволичност пред меѓународната заедница?

И ќе стаса ли тогаш со „брза пошта“ во земјава онаа долгоочекувана „трикафта“ после цела година молење од пациентите, ќе ги избрка ли ЕУ од своја територија македонските партиски војници со две плати – наша и нивна, ќе запре ли загадувањето на земјата со нови опасни рудници, нема ли понатаму да унапредуваме судии и обвинители со кривични пријави, ќе добие ли Македонија конечно писмени премиери, претседатели и министри…? Ќе ни го ветат ли сето ова, па и многу други бајковити нешта и следните „високи гости“ со кои се фали Османи? На пример, ќе стане ли Македонија пристојно место за живеење и ќе ја снема ли оваа тажна слика за државата и луѓето во неа?

Нема, се разбира, и тие тоа веднаш отворено ќе ви го кажат: тоа, наводно, зависи само од нас. Целиот наш веќе одамна тажен живот зависи само од нас, а од нив – менувањето на името на државата и внесувањето на Бугарите во Уставот, со исполнување на сите последователни наши ветувања запишани во проклетите протоколи. Иако, особено во македонскиот случај, не е точно дека баш сѐ зависи од нас бидејќи главна потпора на оваа, и на претходната власт, кои здружено ја завиткаа државата во оваа патетична копрена, се токму ЕУ и „стратешкиот партнер“. Да не беше така, тие одамна ќе беа минато свршено време, распоредено низ неколку добро чувани затвори во земјава!     


НАЦИОНАЛЕН СОН ВО ИДЕНТИТЕТСКА ТУРЛИТАВА

Како и многу други нешта, македонската „нова“ држава не ја разбра виталната важност на споменичката проблематика за едно општество. Поточно, уште од времето на онаа дивоградба викана споменик на Мајка Тереза среде Скопје, ја разбра, односно „разбра“, само како лично и/или политикантско профитерство, како националистичко изживување и национал-романтичарско сонување. А меморијалните споменици (во сите нивни форми) се најмалку тоа. И низ сите „манифестации“ во оваа област – од расфрлање државни пари за глупости викани меморијални квазимузеи на поп-пеачи и „азбуки“ до сенишни кич творби од форматот на „Воин на коњ“ и „споменикот“ во Слупчане – ова контроверзно општество си изживува, секој свои, некакви контрадикторни етномитологии во чијашто основа лежи неукоста и простотијата на локалниот провинциски менталитет.

Затоа впрочем и „СК 2014“, и не само тоа, ни се прикажува не како опачината туку како вистинското лице на „идентитетот“ на ова општество, како слика и прилика на неговиот невкус, незнаење и неморал. И криминал, се разбира. Зашто, кога ги слушате/читате одгласите/коментарите за „резултатите“ од истрагата за криминалите на „СК 2014“, ја гледате вистинската македонска реалност. Со сета силина ве удира в лице, а она малку позитивно што останало од неа ви се чини дека всушност е само сомнителен одраз во некакво искривено огледало. Речиси е неверојатно дека воопшто и има нешто позитивно во ова општество имајќи предвид до кој степен македонските политички партии се валкаат во сопствената глупост, кој сѐ себеси се гледа како некаков лидер, какви зборови струјат низ етерот и какви сѐ „полемики“ се водат…

Фактот дека еден голем но „транспарентен“ криминален случај власта го влечка(ла) цели седум години, а сега го „активира“ зашто имала информација дека еден од осомничените ќе се обиде да замине во странство (sic!) е – приказна за мали деца и лица со посебни потреби (на кои искрено им се извинувам што морам да ги ставам во ваков контекст). Па цели седум години се знае како бел ден дека тој конкретен осомничен беше на клучна функција во општинската управа во времето на инсталацијата на „СК 2014“, ама дури сега кај власта се запалила црвената сијаличка за узбуна. Па можеби човекот само заминувал на викенд, а овие го апсат. Или колку пати од 2017 година до вчера тоа исто лице – сега осомничен – ја преминувало државната граница без да биде сопрено? Или власта дури сега разбрала кој е тој и дека може да биде потенцијално осомничен во „СК 2014“?

Едновремено, овие епохално неспособни шушумиги си го дозволуваат луксузот дури и главниот криминален „ум“, оној од Будима града, да држи лекции „од туѓина“, да говори за „национални соништа“ и спуштен дух. И овие не умеат да му парираат! (До)пуштаат полуписмени партиски дечишта да се расправаат (не само со него) по медиумите и социјалните мрежи, да пелтечат за некакви педесетина милиони евра и што сѐ можело со нив да се направи, заборавајќи ја притоа онаа милијарда и половина за „коридорите“, заборавајќи ги изминатите седум години што ги отседеа со нивните раце во нашите џебови. А главните „шефови“, онаа неписмена партиска врхушка, се ладат во сенка и – молчат. Не смеат да писнат против будимпештанецот зашто, којзнае, може навистина да се врати „на бел коњ“!?

Иако, де факто, во таа нивна плашливост имаат среќа што и неговиот заменик во земјава ја рецитира истата небулозна првоодделенска стихотворба со изјавите од типот дека со сегашната „акција“ на власта контра „СК 2014“ се „негира македонскиот идентитет“, „се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици коишто имаат за цел да покажат еден историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет“. Што пак е по димензиите на глупоста еднакво на спротивната „теза“ на некои локални „филозофи“ дека „не треба да не  загрижуваат тенденциите за негирање на нашиот идентитет што доаѓаат однадвор, од сосеството“, патем величајќи го Аце Македонски „како симбол на нашето постоење и нашата Македонска мудрост.“

Но, што е уште пострашно, да не речам поразително, ваквиот поклонички став кон „СК 2014“ се чини добива на масовност кај (речиси) сите партии во државава, и македонски и албански, а веројатно и партиите од другите етникуми „претставени“ со по некој лик на овие морбидни „мултикултурни“ историски гробишта среде „метрополата“ (Питу Гули, Цар Душан, Неџати Зекирија итн.). Иако во оваа идентитетска турлитава има чуден несразмер помеѓу одделни „идентитети“ во историска смисла и заслуги: на пример токму помеѓу еден Цар Душан и Јустинијан I, или Питу Гули и Цар Самоил, Делчев и Карев… Но, изгледа сите на овие гробишта си наоѓаат свој национал-романтичен мит или херој на којшто му палат свеќа. И сите се среќни и радосни. Дали заради тоа „СК 2014“ опстојува до денес, наспроти сите негови небулози и контроверзи?

Веројатно, зашто сите го гледаат со некаква диоптрија на популистичко-идентитетска стравопочит, никој не смее да каже лош збор, не пак да спомне уривање. Таа „песна“ ечеше само кога требаше да се освојува власта. После тоа, сѐ се врати во нормала, онаа провинциска: се одеше на журки на „галиите“ среде загадените води на Вардар, на претстави и прослави во „театарот“, сега боцка очи само „белата палата“ на вемерото но не и оние одвратни „бели шампити“ што глумат седиште на власта итн. Како впрочем, ако баш сакате, и оние наивни „сликарии“ на Плоштадот Скендербег, или „споменикот“ во Слупчане,  коишто – дали навистина? – го репрезентираат албанскиот идентитет.

Зашто, ако судиме по јавното „упатство“ за Мицковски – но зошто не и за Ковачевски? – дека треба да оди да се поклони пред спомнатиот „споменик“, тогаш тоа е нивниот корен, нивниот мит, нивната епопеја. Како што Аце Македонски е – (наводно) нашата. А во обата мита доминира мечот односно агресијата. И ако сето тоа упорно опстојува, тогаш ние и понатаму се прпелкаме во пепелта на некои дамнешни мртви времиња наместо да го разгоруваме историскиот жар за потребите на иднината. Што ќе рече дека и ние не сме баш – живи, нели? А всушност, нели и душите денес ни се баш такви, мртви?!?        

И никој, безмалу никој не се осмелува да каже дека ако „СК 2014“ е македонскиот идентитет, ако „Плоштадот Скендербег“ е албанскиот идентитет, ако овие карикатури се „историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава“, ако политичките партии во Македонија се идентификуваат со овие мултикултурни гробишта, тогаш час поскоро да ги внесеме Бугарите не само во Уставот туку и во Собранието, Владата, државата… Но и Германците, или Французите, или Холанѓаните… зашто вакви какви сме, за ништо не сме.

Следствено, дали приклонувањето кон ЕУ ќе ни ги разреши овие „дилеми“ мигот кога ќе ги почнеме пристапните преговори? Се разбира – не, иако ликови како Пендаровски, Заев, Ковачевски, Маричиќ и компанија – излезени како од некој дамнешен лош стрип – и нивните партнери од коалициските партии упорно трубат дека баш тоа ќе се случи: ќе сме станеле европјани. Иако реалноста, оваа на „СК 2014“ го сведочи токму спротивното: дека ние непоколебливо настојуваме да си останеме – балканци.

И иако мислев дека никогаш ова нема да кажам, сепак зборовите на криминалецон од Будимпешта за скршениот национален сон и спуштениот дух звучат сосема реалистично. Барем за овој миг. Но, се разбира, (и) во овој миг, односно токму во овој миг, неговиот удел во таа катаклизмична реалност на Македонецот е огромен. Овие само го продолжија уривањето на сонот, духот, вредностите и историската свест, а ги задржаа кулисите на идентитетската турлитава викана „СК 2014“ во нејзиниот полн „сјај“. 

„ТРАНСПАРЕНТЕН “ КРИМИНАЛ

Ако кај нас има(ло) примери на дрско и отворено незаконско постапување и со голо око видлив криминал, тоа апсолутно е „СК 2014“. Ако има(ло) примери на најбезобразно молчење на надлежните институции пред кршењето на законите – нешто многу слично на овие „историски“ коридори кои веќе никој не ги спомнува – тогаш тоа е овој шизоиден „проект“, како целина и како одделни сегменти (споменици, објекти, фасади, „плоштади“ итн.). И, едновремено, очигледно е дека тој „проект“, како замисла и начин на реализација, служи како (грд) модел и за сегашниве големоформатни криминали од типот на гореспомнатите коридори. Иако, мора да се каже, „СК 2014“ во тој поглед беше/е многу „потранспарентна“ шарена лага од овие коридори обвиткани со седум вела тајни. Сите договори, општински програми, финансиски трансакции итн. за „СК 2014“ беа/се јавни и достапни (особено на сајтот на БИРН, за што треба да им се честита!). Тогашната власт беше толку сигурна дека ќе владее 100 години и дека времето сето тоа ќе го покрие со заборав.

Токму заради таа „транспарентност“ на овој криминал зачудува шестгодишниот молк на оваа власт за и околу овој „проект“ и сегашново „бомбастично“ настапување небаре одново откриле топла вода. Па таму сѐ беше јасно од првиот ден. Барем за оние кои малку ја познаваат таа област, но и правото. А барем тоа, правото односно законската регулатива сврзана со споменичката проблематика, е толку едноставна што и мало дете може да ја разбере. Ама овие сегашниве се бетер од мали деца. И сега сакаат да нѐ убедат дека завршиле којзнае колкава работа! Цели шест години!!! Во конкретниов случај, народски кажано, тие требаа веќе вториот ден да ја поапсат целата тогашна властелинска – централна и градска –  гарнитура, па дури потоа да „истражуваат“, тоа што мислат дека дополнително треба да се истражува.

Зашто, Законот за меморијалните споменици и спомен обележја децидно посочува кој, кога и како може во државава да подига споменици. Фактот што оние глупави груевистички следбеници од калибарот на Канчевска, Ставревски, Тодоровиќ и остала братија мислеа дека се многу мудри шверцувајќи ги спомениците како спомен обележја (давајќи им на тој начин локално значење), е само срамно незрел и неук потег. Едновремено, некогашната Комисија за „СК 2014“ при Министерството за култура (во времето на министерот Алаѓозовски) стручно и компетентно го „разглоби“ тој „проект“ и остави едно чудо елаборати за голем дел од спомениците, со документирана фактографија и заклучоци. Само тоа да го следеле истражните органи, за една година ќе го завршеа „случајот“.

Згора на тоа, неколкумина компетентни поединци, вклучувајќи ја и мојата дребност, низ годиниве „се убија“ пишувајќи за видливите и „невидливите“ криминали на „СК 2014“. За и околу тоа имаше и два доволно исцрпни извештаи и на Комисијата за утврдување на фактичката состојба во врска со градењето  на  спомениците  во  рамки  на  проектот  Скопје  2014,  а  кои  се финансирани од буџетот на Општина Центар Скопје, од експертите проф. Д-р Слаѓана Тасева и Драган Малиновски. Доволно ќе беше некој да ги собере сите тие текстови и ќе имаше готов случај. За во апсана, се разбира, но и за на суд. Но оваа власт имаше поприоритетни нешта, нели, иако токму (и) „грандиозната“ криминалност на СК 2014 и ветувањата за брзо разрешување на „случајот“ ги донесе на власт.   

Со овие и вакви забелешки никако не сакам да го минимизирам сегашното осмелување на ова власт да излезе конечно во јавноста со некакви резултати од повеќегодишната истрага. Факт е дека тоа малку збунува и смирисува на мувла, па и на нешто друго, но нели велат дека правдата можеби доцни но не заборава. Ова е типична потврда на таа малку излитена поговорка.

Во моментов не знаеме како понатаму ќе се развиваат работите околу истрагата. Дали „Фениксот“ пак ќе се престори пепел или ќе продолжи да лета над Македонија. Малку зачудува онака благонаклонетото пресудување само на домашен притвор за евидентиран криминал од (за почеток) педесетина милиони евра и злоупотреба на службената должност. Што друго требало уште да направат овие за веднаш да се најдат зад решетки? Зашто, освен очебијното и „транспарентно“ кршење на законската регулатива, злоупотребата на службената должност вклучува(ла) и: сериозни нарушувања на функционирањето на правната држава, нерегуларности и злоупотреба на буџетски средства, недостаток на стручна контрола при реализацијата на „проектите“, незаконско префрлување на парични средства од централниот на локален буџет итн.

Но, и ова е само дел од остатокот од шарената лага викана „СК 2014“. Таа, имено, односно истрагата, треба/мора да продолжи и во други насоки, а пред сѐ во насоката на потенцијалното учество на други лица во оваа битпазарска скаламерија со историски размери. На пример: една „уметничка“ инкасираше милиони евра од неколку споменици спомнати во истрагата; другите уметници исто така заработуваа одлично божем не знаејќи во што се впуштаат итн. Понатаму, за сите спомнати во истрагата споменици, одделни ликови пишуваа некакви „стручни“ рецензии за не-знам-што. Тие не подлежат ли на соучесништво во истрагата? Понатаму, сите надлежни служби за гонење на криминал во тоа време, не гледаа ли што се случува? Тие луѓе нели се исто така соучесници во „криминалот на столетието“? (Така барем го викавме „СК 2014“ до појавата на коридорите 8 и 10!). Понатаму, сите оние персони од т.н. „стручна“ јавност кои го воспеваа „проектот“ – меѓу нив и видни шушумиги од оваа власт, па и премиерот! – ќе си поднесат ли оставки на функциите? Поточно, наместо да го прашува раководството на сегашното раководство на дпмне (малите букви соодветствуваат на капацитетноста на оваа партија денес) дали ќе си поднесе оставки заради овој криминал, нема ли премиерот Ковачевски да поднесе исти консеквенци за неговото присуство на отворањето на грдотијата викана „стар театар“ и сите криминали вградени во него?

Па спомнувајќи го тој градежно-архитектонски кич во распаѓање (којшто, случајно или само заради премиерот не е на списокот?), што (ќе) се случува со остатокот од „спомениците“ од „СК 2014“? Некој спомна – не мора да значи тенденциозно – неколку „споменици“ на личности од албанската историја, поставени заедно со оние спомнати во истрагата. Тие не се спорни или истрагата не сака да ги види? А јас, можеби и тенденциозно, ќе потсетам дека и т.н. „плоштад Скендербег“ на влезот во Старата чаршија е дел од „историскиот проект“, не само по цената (околу 15 мил. евра), туку и по „стилот“.    

Следствено, преку резултатите од истрагата за криминалите на „СК 2014“, не доаѓаме ли до истите криминали денес и непостапувањето на оваа власт против нив? Колку споменици се подигнаа во овие изминати шест години на сличен или идентичен начин како и овие што сега (ќе) ги процесуираат? И овде, тенденциозно, ќе го спомнам, на пример, споменикот во с. Слупчане! Ќе одговара ли некој за нив? На пример претседателот на Собранието, шефот на ЈО, некои градоначалници и претседатели на партии и остала актуелна еднакво криминална братија како и онаа којашто сега ја черечат? И што е она што се случува во Кавадарци, каде што дури и претседателот на државата и министерката за култура се поклонуваат? Знаат ли каде биле и што виделе и што сѐ таму е правено врз споменикот којшто е споменик на културата заштитен со закон? Ќе има ли консеквенци за сторителите на ововременските злосторства во Моклиште, и не само таму, но и за оние кои го толерираат тоа?

Зашто, без сето ова, ваквите половични „истраги“ остануваат само нов чин во театарот на апсурдот на оваа власт, со којшто веќе утре ќе се занимава некоја друга власт. И ќе им враќа со иста мера. Освен, се разбира, ако повторно не станува збор за добро договорено сценарио познато како „и волкот сит и овците на број“!