Monthly Archives: January 2024

Хендикепот викан култура

Којзнае колку пати сум пишувал за генералниот (и срамен!) македонски хендикеп да има високи државни функционери кои се ежат кога ќе го слушнат зборот култура, кои не прочитале ни две книги во животот а посетата на изложба или музеј им звучи како научна фантастика од типот „Приказни од Нарнија“, што пак понатаму се рефлектира на вкупното нивно однесување, на нивните „политики“, на нивниот „светоглед“. И не сум го пишувал тоа со идеја дека тоа некому нешто ќе му значи или нешто ќе се смени во државава на тој план.

Иако, можеби, потсвесно сум мислел дека сепак некој од нив конечно, ако не повеќе, барем ќе се консултира со поединци кои релативно подобро ја познаваат македонската култура и уметност од нив. Но тоа не е „стилот“ на македонскиве политиканти – тие мислат дека власта е нивна приватна бакалница и работа на нивен личен вкус и избор. Никој до денес не ме демантирал, за жал.

И на крај памет не ми паѓа, ниту пак имам причина да ги спорам последниве одликувања што ги доделува претседателот (малите букви се реален одраз на неговите познавања на културата) на државата како највисоки признанија наречени Орден за заслуги за Република Северна Македонија. Но, но: меѓу седуммината одликувани, пет се личности од театарот, една писателка и еден музичар!

Минатиот пат (повторно) тоа беа „К15“ и уште три актери, претходно „Леб и сол“ итн. Можеме, се разбира, да одиме уште поназад, но одново станува збор за музика (народна или забавна), театар…, тук-таму некој писател…

И кога тие одликувања навистина би биле лична работа на највисоките функцинери, дури и тогаш некој би прашал: па зарем во оваа „нова“ современа македонска култура, градена (нека биде) од 1991 година наваму, постојат само музика и театар? И дали личните интелектуални хендикепи и ограничувања на поединци, без оглед на „височината“ на политичката функција, треба да бидат и хендикеп за целата држава и на тој начин да биде третирана македонската култура? И дали во таа, или оваа, македонска култура, освен театарот и музиката, нема и ликовна уметност, архитектура, поезија, литература, фотографија, филм, заштита на културното наследство, уметничка критика, историја на уметноста и културата…?

Нема ли навистина (и) во овие области творец достоен за некакво државно признание или тие поединци зависат од „широчината“ на познавањата на функционерите и нивните партиски комисии? Кога сега, овде, би почнал да ги редам сите доајени во спомнатите области кои незаслужено останале без какво и да е признание за нивното творештво, би испишал цела уметничка енциклопедија на заборавени творци! Нели му е малку срам на претседателот на државата за тоа? Па и на претходните претседатели?

Некој ќе рече дека ваквата некултурна клима во државава не е од вчера и не е октроирана само и единствено од актуелниве – и претходните – политиканти. И тоа е точно. Ваквиот понижувачки однос кон македонската култура и уметност прва го започна „славната“ Македонска академија на науките и уметностите со нејзината уште „пославна“ Македонска енциклопедија. Тој кусоглед и тесноглед монструм направи вистински масакр низ македонската култура и уметност, сервирајќи ѝ на јавноста едно ненаучно, дилетантско и во основа провинциско издание коешто само и единствено го презентираше незнаењето и суетата на неговите составувачи а не очекуваниот научен поглед на македонската култура и уметност.

Но, не сакам да кажам дека нашиве актуелни политиканти го знаат тој факт, уште помалку дека ја виделе или – не дај боже – прелистале таа „Енциклопедија“. Не, тие со тоа не се занимаваат. Но сакам да кажам дека односот на оваа држава кон културата, генерално, е на страотно ниско рамниште небаре станува збор за ланскиот снег. Одликувањата од спомнатиот вид тоа никако не го менуваат. Напротив, само го потврдуваат!

И не мислам дека таквиот тип државни одликувања му се толку битни на македонскиот уметник. Особено не дадени на ваков политикантски начин. Но секому, па и на уметникот, му е битно признанието на општеството за неговиот труд, квалитет, достигнувања… Многумина добиваат признанија вон својата земја, но дома – никако. Не само што државата не ги гледа, туку не ги ни спомнува. Никој повеќе не реагира ни на срамниот начин на делење на државниот буџет за културата, каде што веќе не можете да препознаете што е квалитет а што скандалозен аматеризам, што е уметност а што кич итн.

Културата веќе со децении ја нема во медиумите на очекувано, професионално ниво, коешто би ја направило неопходната дистинкција. Но затоа секоја шушумига се самопрогласува за уметник, инфлуенсер, писател… Една телевизија пропагира „скулптури“ од лејки како непроценлива вредност за македонската уметност и култура, естрадата и т.н. шоу бизнис се наметнуваат како приоритетен, незаменлив дел од нашето секојдневие додека врвните уметнички дострели остануваат анонимни. Кога последен пат некој ги спомнал Петар Мазев, Петар Хаџи Бошков, Петре М. Андреевски, Симон Трпчевски, Борис Чипан, Живко Јаневски, Душан Перчинков, Мето Јовановски, Петре Прличко, Ордан Петлевски, Ѓорѓи Константиновски, Јордан Грабул, Катица Ќулавкова, Богомил Ѓузел, Ристо Лазаров,  Венко Андоновски, Михаил Петрушевски, Христо Илиевски,  Кирил Ценевски, Ѓорѓи Василевски, Благоја Куновски, Борис Петковски, Соња Абаџиева Димитрова, Петар Миљковиќ Пепек…?

Дотаму ли дојдовме и културата и уметноста, како политиката, да ги претвориме во „бувљак“ каде се продава и препродава она парче колоквијално нарекувано општествена надградба?            

Криминален брак

Ако е горе-долу повеќе од јасно дека ЕУ не може односно нема формални инструменти – освен еден суштински што не го користи! – нешто битно да промени во црната животна листа (криминал, корупција, загадување, партократија…) на македонскиот граѓанин и дека сите приказни на власта и нејзината клиентела се само збир на недугави лаги, останува дилемата: дали таа ЕУ воопшто сака нешто да (се) промени во државава? Сите досегашни назнаки говорат дека оваа и ваква ЕУ не сака ништо да (се) промени во државава бидејќи неа, како и на другиот „стратешки партнер“, им требаат вакви параспур „држави“!

Се разбира, валиден е потенцијалниот приговор дека во изминативе години токму таа ЕУ, но и САД, не само во годишните извештаи, укажуваа на сите проблеми во Македонија, бараа нивно брзо разрешување и демократизирање на земјата, но еднакво валиден е и фактот дека во континуитет остануваа само на укажувањата, но не инсистираа на резултати од тие укажувања. Поточно, таа цртана серија налик на Том и Џери секогаш завршуваше со победа на Џери: македонските власти, особено овие од 2017 година наваму, тотално се оглушуваа на сите укажувања и барања од „меѓународната заедница“.

Што говори тоа? Тоа говори за постоење на премолчен договор повторно во стилот на цртаните филмови: брканицата на Том и Џери никогаш не престанува, ама победникот секогаш е – познат. Или, со малку потешки зборови: тоа говори за постоење на криминално сценарио за еднакво криминален брак помеѓу ЕУ и власта во Македонија, брак во којшто партнерите точно знаат кој и што треба да каже и кој и што не треба да направи. Треба човек да е слеп па да не го види тоа!

Колку за потсетување: холандскиот амбасадор ги „почести“ локалниве партиски банди дека се најголемите криминалци во Европа кои само ги сакаат парите на ЕУ но не и европските вредности! Ги потсети дека „Сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји?“

Впрочем, тоа го знае веќе и цел Брисел, освен „госпожа“ Урсула. Но таа е навикната да глуми дека е од друга планета. Како впрочем и Столтенберг, кој крајно безобразно нѐ убедуваше среде Скопје дека од нашиот влез во НАТО имаме „зголемен раст, повеќе странски инвестиции и работни места“, дека ние почнавме да цутиме како држава дури и среде зима итн.

Или, поинаку кажано, што направи оваа ЕУ после ваквите квалификации на еден нејзин реномиран амбасадор? Ништо. Само ги зголемува(ше) редовните финансиски инјекции за Македонија, кои потоа завршуваа во џебовите на бандитиве. А делумно и во европски џебови, но тоа е „тајната“ што ќе се расветлува во некоја друга иднина.

За волја на вистината, и од вториот стратешки партнер често доаѓаа (по)остри тонови, особено откако е тука новата амбасадорка на САД. И таа велеше: „интересно е дека секој пат кога назначуваме луѓе за корупција во оваа земја, секој граѓанин и секој пријател со кој разговарам, вели: се разбира. Затоа што луѓето знаат, знаат кои се корумпираните актери во земјава.“ Истата суштина ја надополни и апропо „случајот Анѓушев“: „Никој не е изненаден, никој не потпрашува: Чекајте, што?“!

Но резултатот останува(ше) – ист. И после сите најотворени критики за криминалот и корупцијата во државава, за состојбите во судството, за заостанувањето во реформите и демократизацијата на земјата, овој криминален брак продолжува(ше) со исто темпо и „резултати“.  Оттука, нели е логично прашањето што секој македонски граѓанин би посакал да го постави на американската амбасадорка: ако сето ова е точно, а точно е, зошто тогаш продолжува и до каде ќе оди поддршката на оваа криминална и корумпирана власт?

Македонскиот граѓанин би сакал да знае и до кога ќе трае ваквата ситуација во земјата. И би сакал некој да му каже, односно токму некој од оние кои со нивната политичка и финансиска поддршка ја одржуваат во живот оваа власт. Зашто, од ден во ден овој криминален брак од интерес „цути“ и се разгранува повеќе и повеќе. Во него, покрај сѐ и покрај сите критики (или „критики“), и понатаму владее хармонија, со повремени инсценирани „ексцеси“ како „димна завеса“ за јавноста! Сега, очигледно е веќе, токму пред изабори, се подготвуваат нови „брачни завети“. Тоа јасно и гласно – и највулгарно! – го кажа висок американски функционер среде Скопје. Тие повторно ќе ги поддржат овие криминалци кои секојдневно – ги критикуваат. Или „критикуваат“, како сакате. 

Но партнерите забораваат дека криминалните бракови како овој се премногу проѕирни, од самиот старт се релативно лесно препознатливи, како во нашиов случај. Зошто? Бидејќи тоа е, во самата суштина, квази-брак, или хибриден брак, или „деидеологизиран“ монструм…, како милувате. Македонија, Северна или не, само глуми проевропска односно прозападна држава. И демократска, се разбира. Таа не е ни првото, ниту второто, а најмалку третото! А „меѓународната заедница“ само глуми дека тоа не го гледа. И тој брак, нормално, ќе роди – идеолошко копиле! Во коешто ништо нема да биде како што треба, ама сѐ ќе биде како што треба да изгледа!

Оваа и ваква „меѓународна заедница“ сака во оваа земја да има криминална и коруптивна власт, да има неуки, некомпетентни и неспособни поединци на сите важни државни функции, да има поткуплива и полуписмена државна администрација…, преку коишто ќе ги реализираат сите свои интереси. А тие најмалку се геополитички и/или стратешки. Тие се еднакво лукративни и криминални како и оние на нашиве ситни политикантски бандити. И едните и другите се влезени во овој криминален брак со различни влогови и со горе-долу познат краен резултат. Но тој никогаш не е и нема да биде во наша полза!   

Лажги со опашки

Фактот што голем дел од владината „интелектуална“ клиентела и понатаму се занимава со „отворениот прозорец“ кон ЕУ, со пропуштената шанса (или „шанса“, како сакате) и слични нивни небулозни тез(г)и и тез(г)ички викани македонска евроинтеграција, значи дека нарачката од власта е гранитно цврста: мора да се форсира фронтот кон ЕУ! И овие кутриве – слушаат, иако и ЕУ одамна крена раце од нас. Но сепак, добро се платени за тоа, нека се испотат малку.

И се трудат, што е право. Кој колку може и умее да смисли, да не речам да излаже. Тие одработуваат со полно срце – и полн џеб, се разбира! – и се обидуваат да ги денфуваат сите лаги и измислици на фамозниот ни министер за надворешни и оној за евроинтеграции, ветуваат „брда и долини“ и конечно рај на земјава библиска. Патем, покрај сѐ друго, ЕУ стана и – лепак! Но всушност и не може поинаку: потребни се многу лаги од минхаузеновски формат, тешки измислици и „дебели“ приказни за граѓаните да поверуваат дека штом стапнеме во ЕУ сите наши проблеми завршуваат.

Иако, всушност, оваа тема одамна е депласирана. Зошто? Па македонската јавност никогаш не ја спорела ориентацијата кон ЕУ, уште помалку потенцијалните бенефити од тоа членство. Она што беше и остана спорно е начинот на којшто слепциве сакаат да нѐ протнат во тоа друштво и цената што треба да се плати. Оттука, нивниве вувузели реално тука немаат што ново да кажат. Освен, повторно – да измислуваат. Како што и прават.

Едновремено, не е никаква тајна дека симпатиите за ЕУ во Македонија одамна се на ниско ниво. Прво благодарејќи (особено) на оваа власт – пред сѐ на двајцана спомнати „министри“ – но во голем дел и на континуираната неморална „игра“ на Европската комисија последниве години. Иако и тие имаат свое објаснување: нереализирањето на прифатените обврски, особено на планот на реформите, борбата со криминалот и корупцијата, катастрофалното судство итн. „Играта“ на ЕУ делумно може да се објасни и како политика, но нашево – не. Никако, ни на сон!

Но сепак, нашиве „интелектуални“ абоненти си ги исполнуваат задачите пелтечејќи за нешта што се повеќе од очигледни, што уште посилно го разоткрива нивниот клиентелизам. Згора на тоа – лажат: буквално, отворено, безобразно… Небаре со денот на отворањето на преговорите низ земјава ќе потече мед и млеко, ќе се слеат толкави пари што сите ќе станеме богати, небото ќе се отвори и конечно ќе дојде живот! Па будалесто нѐ споредуваат со Хрватска, па ја галат Бугарија, па ги повикуваат на помош „стратешките партнери“… И овие доаѓаат, особено продавачон на коли, загрижен „младите да имаат поблиска интеграција со Европа“ (sic)!

Како и обично, и за жал, македонската приказна е сосема поинаква. И нема врска со таа розова реалност на слепциве.

Односно, ако ја оставиме на страна константата дека македонската јавност во принцип нема ништо против членството во ЕУ – но не по секоја цена, се разбира, особено не по оваа којашто слепциве се спремни да ја платат – и сосема добро ги знае предностите што со тоа одат во пакет, сепак знае и дека тоа членство нема да се случи така бргу, ниту пак на краток рок магично ќе донесе пресврт во државава. Тоа никогаш не го ветил ниту еден сериозен европски функционер! Дури ни оние несериозните од форматот на Борел, Мишел, фон дер Лајен и др.

Оттука, актуелната флоскула на некои кафеански аналитичари колку ЕУ може да ја промени Македонија е само вешт политикантски мамец за ловење сомови. Но мамецот е бајат, малку кој ќе се закачи на таа јадица.

Зошто? Затоа, што ЕУ, прво, не може, и второ, веројатно и не сака, ништо битно да промени во оваа параспур држава. Неа, и на другиот „стратешки партнер“, им требаат вакви „држави“!

Но, овојпат само за првото, за она не може:   

ЕУ никако не може да ја промени оваа криминално-коруптивна реалност во државава. Дури и да сме полноправна членка, а не пак земја со (не)отворени пристапни преговори, таа нема таква моќ. Ниту има такви ингеренции. Тоа полесно може да го направи сега отколку подоцна: треба само да ги затвори финансиските вентили кон Македонија! Зошто тоа не го прави? Тоа е прашање за милион долари!

ЕУ никако не може да ја смени негативната кадровска селекција во државава. Ни тука нема никакви ингеренции, уште помалку има моќ. Дури напротив, гледате како таа фино си работи со овие незрели, неспособни и некомпетентни луѓе на клучни позиции? А впрочем, и како тоа би го направила? Таа би ни избирала влада, министри, собрание…, нешто во стилот на оној „аналитичарон“ во куси панталони и неговиот фаворит кој ни продава половни автомобили? Или како ЕУ би го поништила вработувањето на оџа во Антикорупциската комисија? Можеби нашиве кафеански политиканти имаат рецепт (и) за тоа? Или, замислете, некој во таа ЕУ да реши да ги избрка од работа сите оние снашки, сестри, браќа, тетки, стрини… на власта од М-НАВ, МЕПСО, Агенција за електронски медиуми итн.? Како тоа би го извела?!?

ЕУ никако не може, дури и да сака, да ја исчисти оваа гасна комора на отворено што царува во Македонија. Ни сите нејзини, и наши, регулативи пишувани (божем) врз основа на нејзините директиви не можат да го сопрат ова аерозагадување што одзема животи. Бидејќи никој не ги спроведува во дело, „отров мафијата“ царува во Македонија. А ЕУ не може ниту да испрати свои инспектори кои би ги ефектуирале сите домашни закони бидејќи онаа „госпожа министерка“ тоа не го прави!    

ЕУ не може, дури и да сака, да ни отпечати учебници за основните училишта. А не може ниту да испрати рецензенти бидејќи нашиве овде едноставно не сакаат да рецензираат ѓубре коешто некој го нарекува – учебник. Особено она ѓубре што пишува за историјата (или „историјата“, ако повеќе ви се допаѓа).

ЕУ не може да ни испрати лекари и медицински сестри, или барем да ни ги врати нашите отидени во европските држави низ годиниве, бидејќи тие нема да сакаат да се вратат. А и каде би се вратиле? ЕУ не може да дојде да ни проектира патишта, па дури и да ги изгради, бидејќи тоа не би го дозволиле нашиве кои треба да си го земат договорениот процент, нели. ЕУ не може да испрати свои стручњаци да инсталираат соодветни системи за брзо менување на личните документи бидејќи нашиве слепци ќе останат без основната забава – малтретирање на сопствениот народ. ЕУ не може да им ги отвори очите на директорите на националниот и градскиот завод за заштита кои спиеле кога им го уривале „Шар“ на само стотина метри од нив… итн., итн.

Следствено, ако сето ова, и многу други нешта витални за животот на македонскиот граѓанин денес, таа ЕУ не може да го поправи, што е тоа што магично би се случило кога веднаш би ги започнале пристапните преговори? Речиси ништо, само можеби би дошле во земјава повеќе пари за во џебовите на власта и нејзините подопашници!

Е па тоа ли е големата придобивка за којашто труби клиентелава?

П.С.

Но, сега се подготвува нова „формула“ за заташкување на целата неспособност на оваа власт: Исток и Запад! Сега Русија ќе биде виновна за сите криминали и корупција, за аерозагадувањето, за партократијата и непотизмот, за неспособните директори и администрација, за платите на функционерите коишто и по осум месеци остануваат непроменети…

Диктатура на глупоста

Соодветно на денот, а без лоша мисла но сепак со некаков (дозволен?) објективен сомнеж слушајќи ги „проповедите“ на актуелните македонски политичари по повод ваквите (религиозни) празници, некако по правило се наметнува вечната дилема за суштината на верата во едно современо општество, за искреноста на верувањето, за поврзаноста на верувањето и постапувањето… итн.

Зашто, ако, на пример, претседателот (малите букви се одраз на неговиот реален авторитет) на државата, и не само тој, ни посакува „(…) заеднички да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите наши граѓани“, а во друга прилика нѐ нарекува болни и непријатели, тогаш – која е вистината? Ако очекува „да бидеме грижливи и милосрдни (…) постојано дарувајќи љубов и ширејќи позитивна енергија“, зошто тоа не го прават, тој и неговите ментори на власт, и во „обични“ а не само во празнични денови? Или тоа треба да го прави – некој друг? И кој?

Ако вербата е таа што ги води, ако Божиќ, Богојавление, Воскресение… се водилки на исполнувањето на секоја правда но и патоказ во нивните животи, зарем таа верба е само за тие празнични денови? И што со другите? Во другите дозволено ли е да се лаже, да се краде, да се манипулира, да се корумпира…? И зарем тоа не се нарекува со поинакви зборови, меѓу нив и – лицемерие, богохулие и слично? Или мислат дека ние и за тоа сме им дале мандат?

Не е ли досегашниот наш ќорсокак од 2017 година наваму послан токму со таков двоен морал и лажна верба? Што ќе рече: зарем ние, со нашиот некогашен – речиси едногласен – избор на ЕУ како стратешка цел и (во поблиското минато) оваа власт како реализатор на таа наша желба едновремено сме се согласиле и на овој криминал, корупција, непотизам, бандитизам, политичко силеџиство…? Зарем во тоа сака да нѐ убеди оваа неспособна власт и нејзините гласноговорници: дека ЕУ доаѓа во пакет со оваа општа катастрофа околу нас?

Зарем тие мислат дека ние сме се согласиле, а згора токму ним сме им дале и мандат, за глупост и неспособност, за ароганција и неказнивост…, па сега ги поминуваат и границите на основната пристојност, воспитување, култура, она малку – ако воопшто ја има – демократичност останата во некое скриено ќоше во „државава“? И зарем не е овој најнов скандал со „црните листи“ и Законот за рестриктивни мерки токму тоа: уривање на последниот ѕид на некаква имагинарна правда?!          

Зашто, ако само проф. Калајџиев е згрозен од последните обиди за налудничав пуч во судството, тогаш за што и за која Европа ние би расправале, нели? И зарем ЕУ ќе го промени (и) тоа? Ако на толку правни факултети во „државава“ таквото воведување на владина хунта во судството им е нормално, ако онаа „интелектуална“ збирштина на владини навивачи во тоа гледа нов чекор кон ЕУ…, зарем тогаш немаме за што да се грижиме? И зарем не беше логично после оној и онаков Кривичен законик – генерално еднакво премолчен, освен чифт гласови во пустина – да дојде и овој монструм?

И зарем сега, после сѐ, ни треба зацврстување на диктатурата на глупоста?!                                                                             

Веќе нема дилеми дека за идните проучувачи на современата македонска историја овој неколкугодишен период, заради многу нешта, ќе остане фрапантно збунувачки. Прво, секако, не ќе можат соодветно да го дешифрираат целиот овој еврохистеричен мизансцен во една вака распарталена „држава“, во којшто маршираат коекакви тупоглави министерски ликови во „прогресивни“ ролји, придружени од грст лукративни „интелектуалци“ форматирани во навивачка колона опремена со сите модерни гласноговорнички реквизити.

Но, второ, и од општата атмосфера на доброволно приклонување дури и на јавноста кон некои најцрни автократски механизми од релативно далечни анахрони „системи“ што сме сакале бргу да ги заборавиме, но оваа неписмена толпа никако не ги препушта на „црната историја“ на човечкиот род.     

Најголемиот македонски парадокс е што „прогресивниве“ слепци мислат дека можат да се мушнат во ЕУ токму преку најлошите навики од комунизмот коишто останаа живи само кај нас и кај некои соседи, згора проткаени и со „финеси“ од уште поцрни „идеологии“, коишто де факто никогаш не „вирееле“ во Македонија. Некој ќе приговори дека, сепак, помеѓу комунизмот и таквите (фашизам, хунти и диктатури и др.) нема големи разлики, но сепак – има. Затоа и ова македонско совремие уште повеќе збунува – да не речам запрепастува! – особено (и) заради фактот што приврзениците и пропагаторите на овие црнила се луѓе кои себеси се претставуваат како „леви“, „социјадемократи“ односно „прогресивни“ евровљубеници. Што ни во сон не се!    

Кога на тој и таков „политички“ сој ќе ги прикрпите и нивните  „интелектуални“ навивачи кои во оваа општа македонска траума успеваат да ја видат само „светлата“ точка на евроинтеграциите, тогаш сликата станува комплетна. И бедно „комплексна“. Фактот што наводното исполнување на стратешката цел викана ЕУ неповратно го девастира целиот систем, дерогира Устав и закони, посегнува дури и по основни човекови и граѓански права и, како конечен производ, устоличува системска анархија и апсолутистичко владеење на една политикантска група, многу не ја загрижува оваа среброљубива клиентела на власта.

А за да „аргументираат“ посилно, попатно редовно вклучуваат катастрофични воени сценарија на големите сили, па сега повторно во игра влегуваат „китови и сардини“ филувани со некакви налудничави закани викани „нон-пејпер“ и „нон-стејт“, низ земјава пак ќе шетаат продавачи на коли од преку барата кои, велат нашиве надобудни политиканти, ќе ни изберат не само парламент туку и претседател итн.! Ама никој не бара од нив да ги средат хаосот, криминалот и корупцијата во „државава“, штом веќе се тука и се така загрижени за нас?! Или тоа автоматски ќе се среди во мигот кога ќе ги започнеме пристапните преговори, па затоа сега ќе се занимаваме со тоа кој утре ќе пишува молби, и до кого?

Никој од нашиве интелектуални македонски празноглавци не сака ни со едното око да го види она што им се случува во локалното опкружување, па и она што им се подготвува. За нив, како и за шарлатанската македонска Влада, изгледа е нормално во ЕУ да влеземе не само со највисока стапка на криминал и корупција, со страотно масовно труење на граѓаните, со партизирана семејна администрација, со владеење на глупоста наместо на правото…, а сега и со озаконет упад во правосудниот систем преку „измени и дополнувања“ на Законот за рестриктивни мерки!

И не само ним туку и на оној (да простите) веќе смешен Гир, кој пред себе ги гледа само ревитализираната стручна соработничка во Судскиот совет и амнестираната претседателка на Врховниот суд. Иако останува нејасно што тие ќе работат кога Владата постепено ќе ги превземе сите судски функции? Или, де факто, тие и не треба да работат туку само да примаат плата?!

И не беше ли јасно што следи кога и Брисел и Вашингтон навидум го поплукаа новиот Казнен законик но тој сепак остана во сила? Не беше ли (и) тоа само проба за ова втора фаза: Законот за рестриктивни мерки? Наместо домашните Устав и закони, за оваа власт „црните листи“ на некои други држави стануваат устав и закони. Па според нив и ќе се однесуваат односно без обвинение и суд ќе жарат и ќе палат во државава. Ќе конфискуваат дури и имот!

Или и ова, како и оние две погоре спомнати „госпоѓи“, ќе влезе на списокот на „реформи“, толку посакувани од Холандија, ЕУ, Вашингтон…, а ние повторно ќе си играме „Среќна нова 1948“?!   

Енциклопедија на македонскиот молк

Дали македонската јавност, или „јавност“, како сакате, во оваа веќе грозоморна колективна траума ќе се осмели да ја преиспита (и) сопствената одговорност за сите нешта што ни се случуваа(т)? И кога, и како тоа ќе го направи? На пример за оваа „гасна комора“ во којашто континуирано нѐ држат, или за оние свирепи и бесмислени убиства на една млада 14-годишна девојка и 2-годишно девојче како врв на насилната хистерија што владее во државава, најчесто поттикнувана токму од институциите што треба да се борат против неа?

Па и за ова бескрајно толерирање на една ваква неспособна и криминална власт којашто дури и јавно ја легитимира својата неспособност? Или оној „премиер“ кој смета дека некој друг е одговорен за владеењето на правото во „државава“?

И тука, се разбира, не мислам на некаква директна одговорност на секој од нас небаре лично сме го повлекле чкрапалото на здивениот пиштол, или сме учествувале во скандалот во М-НАВ или во страотното аерозагадување во земјава. но секако не мислам ни на онаа посакувана имагинарна колективна (не)одговорност, наследена од социјализмот и секојдневно (зло)употребувана кај нас во стотици вакви случаи. Поточно, прашањето е дали секој од нас барем, во еден миг на искреност, ќе се запраша: не можев(ме) ли некако да го сопреме сето ова криминално лудило?

Дали (барем) јавно кренатиот глас ќе сменеше нешто во веќе безобразното толерирање на оваа власт (не само) на „економските“ профитери, безмилосните трујачи, силеџиските криминални банди, гангстерите и убијците во политиката и на улиците… само заради фактот што потекнуваат од нејзините редови и/или „подмладоци“? И што ги вршат и нивните валкани работи? Би значел ли навистина нешто еден кренат глас во глувава пустина? И уште што треба да се случи за да го прекинеме овој молк и оваа индиферентност?

Или и ние, како и оваа власт, ќе се сокриеме зад дефетистичкото „не може(в)ме“? И што тоа говори за нас?

Ние денес веќе можеме да составиме тритомна енциклопедија на македонскиот молк за овие десетина години. Повеќетомна за изминатите три децении! Премолчевме безмалку сѐ што можеше да се премолчи. Со ретки исклучоци, тук-таму, кога не ни беше поважен сопствениот задник од општото добро.

И таа енциклопедија, како и секоја друга, би започнала од „А“ набројувајќи ги, на пример, сите државни агенции за грабеж чиишто криминали успешно ги одмолчевме, па би дошла до онаа Ангеловска како „министерка“ за едно лето, сега и до овој „црнолисташ“ Анѓушев итн. Веќе на „Б“ нѐ чекаат фамозните „Бехтел и Енка“ кои така „прогресивно“ ќе нѐ олеснат за 1,5 милијарда евра, па Бугарија и сите идиотски идентитески „операции“ на власта во врска со „главниот“ услов за нашите пристапни ЕУ преговори.

Малку понатаму, на пример на „З“, би нѐ пресретнал надобудниот Заев со раката на срцето и кошницата под мишка со сите кукавички јајца што ни ги подметна, па на „М“ модуларната болница во Тетово а сега и овој „М-НАВ“, на „Н“ „славното“ Нивици и НАТО „епопејата“,  на „О“ црнилата на Онкологија, на „П“ оние „непостоечки“ протоколи коишто дефинитивно ќе ја запечатат македонската историја 1941-1944 година, на „Ф“ стамено стои „францускиот предлог“ како брана за земјава за започнување на пристапните преговори со ЕУ, но и, на пример, „фамозниот“ Филипче како слика и прилика на македонското здравство, па оној Фонд за иновации и технолошки развој којшто фрли во ветар дури и повеќе пари од оние што можат да ги поарчат „Бехтел и Енка“ итн., итн.

Се разбира, на „Ш“ суверено би владеел зборот штама во сите негови изворни и изведени значења како најкарактеристичен облик на однесување на македонскиот граѓанин.

Да беше историјата на човечката цивилизација историја на молкот ние (и) таму ќе бевме на првото место. За светот ионака одамна не постоиме, не сме компатибилни ни меродавни, немаме што да му понудиме или покажеме. Освен нашиот молк како наша традиција и сегашност, не дај боже и иднина!

За среќа, вистинската историја на цивилизацијата е (и) историја на отпорот, на бунтот, на гласноста, на битките за слобода, правда, лични и колективни права. И македонската историја е таква уште од памтивека. Иако не мораме да одиме толку далеку – ене ја 1941 година и гласноста на востанието против тогашниот фашистички окупатор. Колку и да е денес потиснувана до (од некого) посакуван заборав, за среќа секогаш ќе има кој да нѐ потсети на неа. Таа историја е незаборав, па и онаа од 1903 или од 1876 и 1878/9 година итн.

Дали неславниот заборав на таа историја го започнавме во онаа 1991 година и ФИРОМ-изацијата, па приватизацијата, па рамковизацијата, па антиквизацијата, па заевизацијата…, со цел да релативизираме сѐ, па и сопствената гордост? И за какви цели и оваа неспособна денешна банда шарлатани, со нивната „прогресивна“ налудничавост за промената на името, на историјата, на идентитетот, на јазикот…, за само неколку години дефинитивно ја запечатува и криминализацијата на целото општество? Беспоговорно – да!

Оние ретки бунтовни тонови во не така далечната 2016 година и народниот гнев и отпор против погубните политики на „груевизмот“ веќе паѓаат во заборав неспомнувани од никого, а грото од тие некогашни парталковци кои се самопомовираа во тогашни „водачи“ и ги сместија задниците во сите можни фотелји, сега се само обични глувци сокриени во темните дупки на срамот. Ако воопшто кај нив постои чувство на срам!

Тој краткотраен историски „инцидент“ – зашто, очигледно е, тоа не беше ништо друго – широко ја отвори вратата на ова што сега ни се случува и што не е во ништо различно од она во времето на „груевизмот“. Напротив, оваа „прогресивна“ банда само ги надгради ароганцијата, самобендисаноста, силеџиството, криминалот и коруптивноста и нашето чувство на страв и безизлез.

Македонската енциклопедија на молкот под „И“ ќе може да забележи дека денес нема ни искра од онаа бунтовност и гласност, а под „С“ дека веќе нѐ јаде сомнеж дека и таа 2016 година била некаков конструкт а не автохтон израз на револт.  Толку ли е силна пропагандната машинерија на власта па успева да го убеди граѓанинот дека и ние, всушност, сме само некаков „инцидент“ во историјата? И дека ова што ни се случува е производ на општиот македонски „менталитет“? И дека тие воопшто не ја расипуваат нашата „успешна приказна“, уште помалку „извонредност“? Толку ли станавме плашливи, понизни, „меланхолични“ (како што сугерира почитуваната Колбе)? А сепак, меланхолијата е својствена на луѓе со „душа“. Следствено, не сум сигурен дека ние (сѐ уште) се вбројуваме во – такви луѓе. Македонската душа одамна ја зедоа силеџии како оваа власт!

Кога шарлатаните маршираат

Речиси и да нема соодветни зборови (не само) во македонскиот јазик што сеопфатно би ја сублимирале последната изјава на министерот за надворешни работи Османи. Или, подобро речено, не само негова туку и на оваа влада (малите букви се реален одраз на нејзиното реноме денес), бидејќи ни премиерот ниту пак некој друг како дел од неа не се осмели да ја демантира. Таа узјава е страотна, погубна, катастрофална…, што повторно не ја доловува целата нејзина суштина, а едновремено е и крајно приземна, (само)понижувачка, дефетистичка, деструктивна… Особено бидејќи доаѓа од такво високо позиционирано место во власта, говори и за целиот државен апарат. Па и систем, ако сакате.

Но таа е и многу повеќе од сето тоа заедно, таа е: тотално неука, антиисториска, антидемократска, етнички и политички навредлива односно скандалозно изедначувачка, деконструктивна… Таа е отворено признание на немоќ, но не лична или групна туку колективна – ние! – со тенденција да се затскрие зад сите, ни криви ни должни, граѓани. Таква ароганција маскирана зад обвинувања на цели колективитети за својата неспособност и незнаење не сме виделе досега! Изјавата плука на сите страни, врз сите нас како замена за себеси и на себе сличните неписмени некадарници, отворено нѐ понижува заради личната (и групна) неспособност да се справат со современите предизвици.   

„Големиот“ министер за надворешни работи и до вчера фалениот претседавач на ОБСЕ, ни помалку ни повеќе туку нѐ обвинува сите дека „Не можеме, тврдам не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право без процес на преговори и тие два процеса се меѓусебно поврзани.“ Нѐ става сите во истиот мизерен кош со себеси, со неговите партиски пајташи, со неспособната и криминално-коруптивна коалиција на власт, со сите нивни залудно загубени веќе седум години и прокоцкани – да не речам украдени – исто толку државни буџети.

Звучам преостро? Не, воопшто не, туку дури и релативно ублажено во споредба со реалните димензии на овој најнов македонски мега-скандал што го резимира вкупното политикантско делување на оваа власт. Згора на сѐ – и повторно во нивниот познат европоданички манир – оваа власт се обидува на најлигав начин да се додвори до европските структури и да издејствува некаков „специјален третман“ како за лица со посебни потреби, понижувајќи ги на тој начин целата земја и граѓани. Зашто малициозната употреба на множината ние треба сите да нѐ претстави како неспособни, неуки, нестручни и некомпетентни некадарници кои не умеат да ги консолидираат ни основните параметри на една современа европска држава.

Нашите капацитети – според оваа последна и најверодостојна легитимација на оваа власт – допираат единствено до „(…) некаков балкански стандард на владеење на правото“, којшто, наводно, можеме да го „постигнеме и сами“. Што, повторно, е ноторна лага како и сите овие седум години на замајување на народот, меѓународната заедница и стратешките партнери ЕУ и САД. Не ние туку овие шарлатани на власт се далеку, многу далеку и од балканските стандарди. Не ние туку тие веќе немат со кого да се споредуваат во неспособноста, во корупцијата, во криминалот, во неспособноста во водењето на државата…

Не ние туку тие и нивните партии се одамна предалеку од сите нормални цивилизациски европски и светски текови во сите области, но како „компензација“ на прогресивните развојни политики нудат елитен „развој“ во криминалот, корупцијата, загадувањето и катастрофалната еколошка „политик“, во средновековното образование, во руинираното здравство, во диригираната економија… Сето тоа блика на сите страни од оваа инфериорна изјава на оваа власт како специфичен политички тестамент за овие седум години.

Но, многумина, би рекол со право, ќе ја видат оваа изјава на власта – и повторно: неспособниот министер говори токму во нејзино име! – и како длабоко анти-историска, како отворено антиграѓанска и антидемократска. Зошто? Затоа што ја става под сомнеж и целата понова историја на Македонија којашто, барем за оние кои ја знаат и ја живееле, никако не е одраз, или израз, на неможење и неспособност туку – токму спротивното! Дали од 1945 година наваму, до појавата на вакви шарлатани кои глумат политичари и вакви кримогени коалиции, Македонија имала некаков „специјален третман“ како за лица со посебни потреби, какви што сега бара министерот? И за кого впрочем ги бара – за себе и неговите или за сите нас? И кој го овластил да биде наш дрвен адвокат?

Зарем по Втората светска војна немало блокади, токму европски, па сепак биле достигнати безмалу сите европски стандарди што ги живеевме, а сега ни се проблем? Зарем Македонија, од речиси феудална земја, во периодот 1945-1990 година не се разви во современа европска држава во рамките на некогашна Југославија, проширувајќи ги и во многу нешта надминувајќи ги и тогашните европски стандарди? Кој, тогаш, на тие луѓе им (у)кажуваше кои се и какви се европските стандарди, па сега, на овој министер и неговите пајташи во власта, да им требаат тутори „за постигнување на тој европски стандард“? И тогаш, се разбира, имало „сиви зони“, имало и криминал, па и корупција, но тој не бил идеја водилка на власта, на политичарите во неа и нивното партиско опкружување.

Но, сето тоа министерот одлично го знае. Меѓутоа, притеснети од катастрофалните резултати на нивното криминално владеење со земјата, нему/ним им треба алиби. И го наоѓаат во најдрското и највулгарното обвинување на сѐ околу нив.

Од друга страна, повторно, уште што треба да ни се случи, уште кој и колку треба да нѐ навреди за конечно да престане овој јавен молк во полза на вакви шарлатани? Зарем актуелниот „премиер“, пред самото заминување од власт, молчешкум се согласува да биде прогласен за неспособен токму од страна на негов министер? Но, зарем и досегашните премиери и понатаму ќе молчат ставени во ист неспособен кош со овие? И зарем на досегашните министри за надворешни работи им е еднакво сеедно што актуелниот министер за надворешни работи се затскрива и зад нивната наводна неспособност?

Зарем навистина никој од поранешните премиери, министри за здравство, образование, економија, внатрешни работи, правосудство… не се чувствува навреден и повикан да одговори на вакви памфлетски и срамни изјави на оваа власт? Зарем и сите претходни се сметаат себеси за такви дилетанти и шарлатани, неспособни да постигнат одредени развојни цели во државава?

Зарем навистина никој од спомнатите нема да одговори на овој марш на неспособноста и оваа химна на шарлатанството? 


[

Eine kleine Macedonishe fortschrittlich nachtmusic

Кога од смрдливите длабочини на оваа скопско-македонска „душегупка“ ќе слушнете „прогресивно-преспански“ задоени гласови на „разумот“ што ви ги објаснуваат сите ваши кошмари, не можете да кажете дека оваа власт не ви ја честитала соодветно Новата 2024 година. Без оглед што „кремот“ на власта цели десет дена се повлече во длабока „медитација“ – веројатно многу заморени од тековните алаш-вериш активности – нивните абоненти се секогаш на штрек да ви ги „протолкуваат“ случувањата и „малата македонска слика“.

Фактот што ниту еден од највисокото раководство не се осмели да „зуцне“ збор-два за случувањата во М-НАВ, за оној Гури, за европско-светскиот „примат“ на државава во аерозагадувањето…, не е некоја новост. Тоа е дел од нивната „политика“: најпаметни се кога молчат. Впрочем, луѓето си имаат свои прислужници, свој мал клиентелистички оркестар којшто со милозвучните „прогресивни“ тонови  на eine kleine Macedonishe fortschrittlich nachtmusic ќе ви ги обои кошмарите со европски бои.

(Зошто на германски? Па затоа што ние со Германија сме имале „трговска размена од речиси 1,5 милијарди евра или малку повеќе од 10% од вкупната трговска размена на годишно ниво“. Ете, браво, да не беа „прогресивциве“, што ли ќе јадевме? Плус, нели уште им должиме за она „признавање“ на јазикот? Не знам само зошто нашиве слепци забораваат соодветно да возвратат па Џафери, дури е уште во Парламентот, реципрочно да им го признае нивниот јазик!).      

И покрај убавата музика, патем ќе ви објаснат дека оние ваши кошмари се само продукт на вашата лоша потсвест, на вашата погрешно избрана страна или на вашата сомничавост, а не одраз на реалните случувања во државава. Нивните милни тонови на „разумот“ ќе ве подучат дека ако сте мислеле дека вашиот мирен сон го ремети токму оваа криминална и коруптивна власт – сте грешеле. Што ќе рече дека вие си имате личен проблем, а сакате за тоа да ја окривите – власта!

И тоа е крајно себично и во основа нереално. Оваа власт, па и сите други гарнитури  во овие три децении, не е овде испратена од Господа да ги решава вашите проблеми. Таа си има свои проблеми и приоритети за решавање. Исползени од под којзнае кои камења на локалниов провинцијализам и некултура, тие, онака „проевропски“ настрвени, мораат од нашите џебови да извлечат сребреници за барем три свои идни генерации. И тоа најсериозно ви го „објаснува“ министерот за финансии: с..бале цели 2,7 милијарди евра за некаква наводна „борба со кризите“.

А не гледаат дека де факто тие се најголемата македонска криза во последниве шест години!

Но, и вашите проблеми ќе дојдат на дневен ред, подоцна, ако дојдат, односно ако повторно ги изберете. Дури и „претседателот“ на „државава“, среде собранието (малите букви се реален одраз на дигнитетот на оваа институција!) и пред дипломатскиот кор, вети – прочистување. Кога? Кога врбата ќе роди грозје!

Но затоа, во ваш интерес и само за вас, милните солисти на властелинскиот оркестар ќе ви појаснат дека „речиси и да нема ден во кој“ нивните граѓани „живеат без сонот за големото европско обединување и нашето членство во Унија“. Тоа е сонот на – нивните! Ама ако вие не сте нивни граѓани, односно ако сонувате како ќе го поминете месецот со таа плата што ја добивате, со таа социјална помош (ако ја добивате), со училиштето без учебници и здравството без лекари кога најмногу ви требаат, со смртоносниот степен на загадување на воздухот заради што се двоумите дали е паметно да го пуштите детето на училиште…, е тогаш – имате кошмари. И (се) прашувате во стилот на Глигоров: Зошто ме (о)ставивте во овој пекол?

Иако, можеби, вие никогаш и не сте очекувале оваа држава (или „држава“, како сакате), да ви даде нешто бесплатно. Секогаш сте си ги плаќале обврските, придонесите, данокот… а малку или ништо не сте добивале за возврат. Ама оние, „прогресивнине“ и „преспанскине“, но и оние претходнине („антиквизаторскине“ и „македонскине“) секогаш сѐ добивале бесплатно. Зошто? Затоа што биле нивни! Тие, ако не сте знаеле, „од независноста до денес“, навечер сонувале за „држава“ во која секојдневно ќе се пелтечи Aus EU aus nihil, но наутро во црква ќе се пали свеќа тоа никогаш да не се случи и сѐ да остане исто како некогаш!

Нивните граѓани, како дисциплинирани следбеници на „прогресивните“ и „преспанските“ насоки во животот, секојдневно сонуваат за Европа и очекуваната идила за „економски развој, владеење на правото, почитување на човековите права и борба против корупцијата на граѓаните“. Така барем велат гласовите од оркестарот на власта, односно дресираните нивни граѓани така „го опишуваат членството во Европската Унија“!

И тешко дека на таква партиска неписмена булумента вие ќе ѝ објасните дека Европската унија нема ама баш никаква врска со „владеење на правото, почитување на човековите права и борба против корупцијата на граѓаните“ во нивната држава, дека тоа се надлежности – и обврски! – на власта во таа држава. Затоа се, нели, избрани. Економски развој? Можеби, но ако се пресмета колку милијарди евра влегле во државава од времето на добивањето на кандидатскиот статус до денес и колку од тие пари реално биле употребени за развојни цели, тогаш (и) таа шарена лага ќе падне во вода. Онаа темна, загадена, нечиста вода што секојдневно ја заматува оваа власт.    

Тешко дека на тие нивни граѓани ќе успеете да им објасните дека и вие имате сон за Европа, ама тој е малку поинаков и се вика – бегство од оваа гасна комора викана „држава“, од оваа криминална и коруптивна политичка мафија, од нивните граѓани и нивните семејни „бизниси“, од партиските банди и полуписмените директори, од наместени конкурси и училишта без учебници, од вицепремиерки за опомени и министри за тендери, од „претседатели“ озборувачи, од приучени професоричиња и нивните надобудни асистентчиња, од „возови“ што возат 20 километри на час и „автобуси“ во јавниот превоз исфрлени од употреба во нивната Европа пред 30 години…   

Ама не, во сето тоа – и многу повеќе! – тие за Македонија, оваа и ваква Македонија, велат дека „успеа одново да се трансформира во успешна приказна“. И дека „Трансформацијата секако беше по повисока цена, но успехот е извонреден“. Се разбира, нормален човек – ако кај нас сѐ уште има таков – се прашува дали овие се само луди или и луди, и збунети, и глупави, и ограничени… Зашто, како ова парче заробена од политичката мафија земја може да биде – успешна приказна? И знаат ли бандитиве што воопшто означува поимот успех?!

И за која тоа „трансформација“ говорат, и каде воопшто ја гледаат таа „извонредност“? Па дури сме биле и „извозник на стабилност во регионот“! Ваквите дрскост и безобразие е наједноставно да се припишат на дезориентирани примитивно-лукративни умови во слепа служба на оваа власт. Но дали само на оваа власт или тука се вплеткани и редица назнаки за послоевита специјална културна војна водена однадвор и одвнатре? Сите препознатливи назнаки за тој тип „сиви војни“ се тука. Прашањето е само дали сакаме да ги видиме или не? Или ние навистина си ја препознаваме земјата во ваквите налудничави флоскули што целат да создаваат соодветно „расположение“ и атмосфера?    

Но, кога-тогаш, доаѓаме до мигот кога сето ова не можеме, па и не смееме, да го припишеме единствено на оваа политикантска банда на власт и нивните прислужнички легии, заседнати тука токму со наша помош. Прагот на нашата толеранција не е веќе демократски, туку е – робовски. Зошто? Затоа што така и сме третирани! Не само што нѐ ограбуваат и трујат на секој чекор, туку сме и бомбардирани од секакви „прогресивни“ умодавци за некакви сонови, прозорци на можности, изолации и принудни управи и слични будалаштини. Па има ли, на пример, поголема принудна управа од оваа коалициска банда?

Сепак, проблемот, но и решението, е во рацете на граѓанинот. Мигот кога ќе запре неговиот молк, ќе се распрсне и овој розов меур на „прогресивциве“. А со него и целата банда, сосе нивниве „интелектуални“ опашки!

Македонија како гасна комора

Темата за преседаните – поточно: за „преседаните“ (не само оние два во правосудството спомнати минатиот пат) е неисцрпна во земји од типот на Македонија. Во Европа такви „држави“ одамна нема, ние сме единствени – речиси преседан! Како што впрочем и се покажува, особено според карактерот на нашиот „пат“ кон евроатлантските интеграции.

Меѓутоа ние, барем според европски скандали, сме држава-преседан и по многу други нешта: политички криминал и корупција, политичко силеџиство и партократија…, а одамна и по бескрупулозното труење на сопствениот народ. Но, прво за првото.

Имено, чекајќи ја одлуката за првиот „преседан“, оној за претседателката на Врховниот суд, дојде вториот: одлуката на Управниот суд за враќање на бившата претседателска на старата позиција во Судскиот совет. А за парадоксот да биде поголем, (и) таа ја оценува оваа постапка како „почеток на враќање на довербата во судството“ (sic!). Остаревме со нови почетоци на „подмладоциве“!

Но, старо-новата „претседателка“ рече и многу повеќе: „Лично сметам дека пресудата на Управниот суд е првиот чекор кој влева надеж дека правдата е достижна и сметам дека тоа е почеток на враќањето на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива и ако граѓаните не можат да ја видат“. Нешто слично како и претседателката на Врховниот суд и оној анонимнион „професор“, ветувајќи дека главата ќе нѐ заболи од толку многу правда. Или „правда“, како сакате.

Меѓутоа, ако „преседаните“ кај нас вообичаено имаат парадоксална димензија, тогаш примерот со старо-новата претседателка на Судскиот совет е еден од нив. Не само заради фактот што лично „претседателот“ на државата предложил стручна соработничка – и партиска активистка! – без ден судско искуство за член на Судскиот совет, која потоа авансираше дури до претседателка на истиот…, туку и заради сегашното јавно воодушевување сосе министерски аплаузи што повторно ќе ја имаме истата стручна соработничка за претседателка на Судскиот совет. Која ќе го среди македонското судско! Алелуја.

Еднаков парадоксален преседан е и целиот „случај Палевски“ и, за жал, политизацијата и вулгаризацијата на грозоморното убиство на млада девојка и возрасен човек, што во македонското општество промовираше нов тип на јавен линч, особено од страна на надлежни државни институции. Се отиде дотаму министер на полиција да бара забрана на политичка партија заради осомничениот (во бегство) претседател на таа партија!

Дел од „медиумите“ пак отидоа и многу чекори подалеку интимизирајќи се со „Вања и Панче“, со нивниот „Палчо“ (со кој, повеќето од нив, тукуречи до вчера пријателуваа и соработуваа), никому не му пречеше – освен на проф. Калајџиев! – сатанизацијата и јавното поименично черечење на сѐ уште само осомничен човек, па ни огромните „дупки“ што почнаа да се појавуваат во истрагата итн. Како сите, преку намерното опструирање на презумпцијата на невиност на осомничените, а особено на главниот осомничен, да сакаа(т) тој нивен „Палчо“ да се здобие со што повеќе аргументи дека во земјава нема да има фер судење и да бара да не биде екстрадиран!

Или, зошто никој не именува виновник (или виновници) во еднакво грозоморниот скандалозен „преседан“ вика „случај Онкологија“, па и во „преседанот“ викан „случај Тетово“ и пожарот во модуларната болница, или „случајот Ласкарци“ итн.? Или и тие случаи ќе ги реши старо-новата стручна соработничка со „враќање на довербата во судството“?     

Но, за парадоксот со овие „преседани“ да биде поголем, па и поужасен, ако баш сакате, е фактот што и власта, и медиумите и целото општество остануваат целосно рамнодушни кон најгрозоморното масовно убиство во државава – аерозагадувањето. Сите претходно спомнати скандалозни „преседани“, но и најновите од типот на М-НАВ, Чебрен, Ќосето и други, се детска игра во споредба со жртвите што (ќе) ги зема гасната комора викана Македонија! Дури и Ќосето, кој со стотина ликвидирани „непослушници“ е „мачкина кашлица“ и (повторно) добива – споменик! Но сега на целосно погрешно место. Првото му беше посоодветно.

Ќосето, имено, дефинитивно треба да си го најде местото некаде во близината на Владата, ако не баш точно пред неа. Зашто тој е мало дете во споредба со размерите на ова масовно убиство со загадувањето што оваа власт – но и претходните! – со години им го сервираат на македонските граѓани! Местото на македонските градови на самиот врв на светската листа на најзагадени градови апсолутно преминува во континуирано и од никого непопречено и несанкционирано убиство на сопствениот народ од невидени размери.

Министерството за животна средина и онаа – дефинитивно комична – „госпоѓа министерка“  се само уште една скандалозна цртичка во масовната и долготрајна еколошка трагедија во државава. Се сеќавате на оној претходниот, „гливонемиот“, кој не знаеше ни два збора македонски? А знаете со каков „дил“ стана министер?

Како и да е, овој државен орган дефинитивно се претвори во уште едно „радио милева“ на препорачани мерки кои ионака никој не ги спроведува. Наместо ургентна краткорочна офанзива во борбата против ваквите димензии на страотно загадување, вклучувајќи ги тука намалувањето на прилив на население во главниот град, намалување односно ограничување на движењето на возилата, најстрога контрола на квалитетот на возилата во јавниот превоз, дефинитивна забрана на нови градежни активности во Скопје итн., тие препорачуваат кои лица да бидат ден-два ослободени од одење на работа! И одвај чекаат загадувањето да се намали за некој милиграм на метар кубен и да ги укинат и најбаналните „мерки“ за заштита на повозрасните и болните лица.

Зарем навистина на државава ѝ треба цело едно министерство трансформирано во вклучувач на црвени или жолти аларми? Или, ако баш морате, слушајте го „надлежниот“ директор на инспекцијата за заштита и неговите приказни за „епизоди“ во загадувањето во државава!  

Посебна приказна во оваа гасна комора е „кметицата“ на Град Скопје која бави со формирање партија и со кавга со јавноста дали ќе се објавуваат како меродавни мерењата на IQAir или   WAQI или некој трет, небаре разликата од 1-2% во резултатот прави голема разлика.

И речиси по правило медиумите ваквите димензии на аерозагадувањето ги поврзуваат со маглата или зсагревање на домовите со огревно дрво, па дури наоѓаат и лекари кои тоа ќе им го потврдат, а за последиците од истото зборот погубни редовно го ставаат во наводници. Што сакаат да ни кажат со тоа? Дека тоа е релативно, дискутабилно, наша измислица…?

Но најстрашното е што граѓаните и на ова свикнаа, веќе ни е „нормално“ секојдневно да бидеме труени од криминалните „економски“ потенцијали на земјава и нивните „странски инвестиции“. Полека ја прифаќаме државава и како гасна комора, како уште едно неминовно зло залегнато на овој простор. Зло што поприма сѐ позастрачувачки димензии, зло што полека но сигурно одзема животи. Кога некој би се осмелил да ја филмува поновата историја на Скопје, но и на Македонија, во изминативе триесетина години, недвојбено би направил хорор филм! Со елементи на ефтин политички трилер.


Слепи при очи

Новата 2024 година, веќе во првиот месец, ќе ни донесе два „историски преседани“ кои ние, слепи при очи како и правдата, ќе (мора да) ги прифатиме. Првиот е одлуката на Судскиот совет за фамозниот „преседан“ викан претседателка на Врховниот суд, а вториот – враќањето на стручната соработничка на чело на тој Судски совет. Каков почеток!

Кога во една вака распарталена „држава“ каква што е Македонија денес навистина би постоела воља важните нешта да се подобруваат преку некакви (само)прогласени „преседани“ какви што се спомнатите, ние би можеле „државава“ да ја доближиме до идеална европска демократија за нецел месец. Како? Лесно. Само треба дневно да решаваме два-три „преседани“ во една област (судство, образование, здравство, наука, култура…), што ќе донесе целосен пресврт од најлоша во најдобра европска држава! И нештата понатаму ќе одат мазно во насоката којашто сме ја одбрале. Ама дали со тоа навистина сме решиле нешто или целата „држава“ сме ја потврдиле како – преседан?

На пример, да претпоставиме дека она што го кажа претседателката на Врховниот суд дека токму исходот од постапката против неа ќе ја одреди иднината на судството во земјата е – точно, па следствено Судскиот совет го прифати ова како некаков аргумент и ја запре постапката, што тоа би значело? Дека веќе од утре судовите во „државава“ ќе судат според правото и правдата? Дека нема да има политички судии, дека нема да има притисоци од власта, дека нема да има тефтерчиња…? Дека нема да има ни стручни соработнички за претседатели на Советот? Извинете, ама толку ли е наивна г-ѓа Адеми или мисли дека ние сме наивни? Па и глупави, слепи при очи, што ли? И не само што таа, изгледа, така мисли туку истото го мислат и оние (за среќа не така бројни) застапници на таа смешна теза.

Меѓутоа, постапката против претседателката на Врховниот суд е само форма, а суштината е – нејзиното континуирано отсуство од седниците на Судскиот совет каде (по функција) членува. Како што, впрочем, и онаа „пресуда“ на Управниот суд е само форма, а суштината е – повторно враќање на некомпетентен лик на чело на (нај)важно правосудно тело! Што е наша историска приказна, а за што честитки упати дури и министерот за правда!?!

Но сепак, поинтересен е „случајот Адеми“. Поточно, никој – барем не јавно – не ја обвини претседателката на Врховниот суд за ништо друго освен за игнорирање на работата на Судскиот совет и (условно) за непрофесионалност и прекршување на некаква работна дисциплина. Зошто тогаш некој, па и „обвинетата“, сака „случајот“ да го претстави поинаку и да се прикаже себеси како некаква жртва? Жртва – на што, и – за што?

Коекакви „експерти“ ја бомбардираа(т) јавноста дека таа е „обвинета“ заради некакви изречени нешта во некакво интервју. Што ќе рече дека кај нас, во завиена форма, е на сила вербален деликт? Можеби, но зошто тоа никој не го кажува отворено?

Меѓутоа, што е тоа толку страшно, но и значајно за „државава“, што го кажала почитуваната претседателка? Дали е тоа онаа соцреалистичка флоскула дека некој, некаде, правел нешто односно, со нејзини зборови, дека „постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт“?! Ма дајте, ве молам, па зарем тоа доликува на претседателка на Врховен суд? Какви црни преседани, какви глупости! Да го кажал тоа вратарот на судот – разбирам, ама претседателка? Во истиот познат провинциско-озборувачки манир на „претседателот“ на државата?!

И што разбра јавноста од ова епохално глувонемо „откритие“ на претседателката: кој правел „обиди за директно мешање на политиката и на другите власти“? Премиерот, некој министер, заменик министер, партиски лидер…, кој? Или сега ќе си играме мижитатара или некаква игра на погодување? Па што е оваа држава, детска градинка, власт со посебни потреби, збирштина на глувонеми луѓе…? До кога вакви луѓе ќе нѐ шетаат по кровови, ќе се прикажуваат како нечии и некакви жртви за нешто што – не постои? Зашто, во крајна линија, „констатацијата“ на претседателката би ви ја кажал – дури и во поостра форма – и секој граѓанин на оваа земја!

Но, повторно, претседателката, колку што е познато, не е повикана во Судскиот совет заради некаква нејзина „изјава“ туку заради неоправдано недоаѓање на седниците на Советот. И зарем вистински преседан и „одредување на иднината на судството во земјата“ не е ако се премине туку-така преку тоа и такво нејзино однесување? Или, поточно, што ако сите во државава самоволно престанеме да си ги исполнуваме превземните обврски, да не доаѓаме на работа, да не ги извршуваме должностите пропишани со закон…? Повторно, што е тука форма а што – суштина? И зошто г-ѓа Адеми би била изземена од таа суштина? Заради „ставот“ на Венециската комисија?  Заради тоа што на гости ѝ била американската амбасадорка?

За жал, и сосема „во духот“ на соцреалистичките флоскули на претседателката за некој, нешто и некаде, се и обидите на „стручната“ јавност да манипулира со оваа постапка. На пример, некаков „експерт“ односно професор на Правен факултет кој – во стилот на Адеми – сака да остане анонимен (sic!), говори за некаков преседан што „(…) праќа јасна и директна порака до сите останати судии“! Ма није ваљда, што би рекле северните соседи.

Па каков е тој преседан со далекусежни последици ако некој, прво, е повикан да го објасни своето континуирано игнорирање на Судскиот совет, и второ, ако јавно премолчува притисок, незаконско однесување, па и криминал, корупција…? „Пораката е дека интегритетот, пркосот и отпорот се очигледно непожелни“, вели анонимниот „професор“ кој, очигледно, уште не прогледал! Небаре ние бевме соочени со наплив на интегритет и отпор во македонското судство, па сега ова ќе ја сопре таа акција. Па оваа „држава“ живее без интегритет, пркос и отпор од 1991 година, оваа „држава“ е прчија на глувонеми луѓе и власти со посебни потреби. Меѓу нив и потребите од ликови кои говорат во „суштинската“ форма на некој, некаде, некогаш…, и така доаѓаат до највисоките државни позиции!

Ако барањето одговорност за недоаѓање на седници е навистина некаков преседан што праќа порака „дека интегритетот, пркосот и отпорот се очигледно непожелни“, тогаш каква порака праќа забошотувањето на таквото однесување? Или оправдувањето на истото? Како ли би одговорил анонимниот „професор“?

Или, ако претседателка на Врховен суд си дозволува да се однесува така комотно, а згора оперира со флоскули од типот некој, некаде, некогаш како „аргумент“ за дискусија, што останува за нас обичните смртници, како ние да се однесуваме кон оваа власт? Дали и ние треба да станеме глувонеми како власта и/или слепи при очи? Треба ли, навистина, и понатаму да толерираме секакви испади и недемократско однесување на високи претставници на власта, па и да „голтаме“ онакви „експертски“ сугестии од анонимни „професорчиња“? 

Се разбира, на крај памет не ми паѓа да застанувам зад „работата“ на овој и ваков – смешен, партизиран, манипулативен, контроверзен и крајно избламиран – Судски совет, уште помалку зад можните мотиви и/или потенцијални партиски нарачки на оваа судска „игранка“. Но, кога и тој и таков Судски совет е во право, можете да замислите на какви ниски гранки спаднала „другата страна“. И за што се залага односно што брани! Впрочем, го брани она што одамна е суштината на оваа „држава“ и оваа глувонема власт: страотно банализирање на волунтаризмот и непрофесионалноста, затскривање зад типизиран „староговор“ од времето на соцреализмот, злоупотреба на странски дипломатски претставници итн. И безобразно потценување на сопствениот народ!