Monthly Archives: February 2018

МУЗЕЈСКИ ЦИРКУС

Сепак да продолжам со македонските (не-)стандарди во културата. Зашто ја гледам – се разбира на интернет – изложбата на Микеланѓело Буонароти (il Divino) во Метрополитен во Њујорк и си мислам: што сме му згрешиле ние на Господ? Сигурно многу, за да не’ остави вака на милост и немилост на секоја будала – како неколкумина од „професорскана“ фела, ама и редица други „манекени“ во културата – кои што мислат дека нешто разбираат, особено за уметноста, та дури и држат лекции ex cathedra. Мислам дека ние, едноставно, не сме подготвени за изложби / уметници како Микеланѓело. Никако! Не (само) како потенцијална публика, иако сум сигурен дека Аца Лукас или Лепа Брена глатко ќе го надмашат во бројноста на посетеноста, туку пред се’ мислам на стручноста и условите во нашите музеи. Чест на малкуте исклучоци ама, извинете, ние можеме да се трткаме дека за една ретроспектива сме имале десетина илјади посетители (податок на кој што се налепија лековерни новинари, а во стварноста сме продале одвај 1200 влезници), а всушност темелното прашање е: што и како тоа сме го сработиле, и зошто? Па така, на пример, кому сега, повторно, му треба ретроспективна изложба на Перчинков, кога МСУ истата одлично ја направи само пред некоја година? Или колку е тоа заслужен еден кумановски Фото клуб за да годинава има дури 5-6 (национални!) изложби, а Фото сојузот на Македонија – ниту една? Или изложба на еден дотичен „македонски“ уметник кој со децении живее во странство, ама се сеќава на Македонија секоја втора-трета година, кога ќе му затреба самостојна изложба, и тоа за „дебели пари“?

И тоа се само примери што први доаѓаат на ум. Или, деновиве бевме посебно „просветлени“ со најновиот пронајдок во музејската (провинциска) едукација – од кого друг ако не од нашиот музеј со најдолго име во светот, инаку попознат како Македонски музеј на хоророт. Елем, тамошните „стручњаци“, во неподносливата здодевност на нивното досегашно постоење, како да се натпреваруваат во измислувањето глупости, со што неповторливо ја збогатуваат нашата локална музејска имбецилност. Последната е, ни мање ни више, туку интерактивниот 3Д веб сајт со грабнувањето на Мис Стон! Јеботе, само тоа ни недостасуваше во животов и музејското секојдневие. Се’ друго ни е наредено, ама уште да ги видиме Јане Сандански и Мис Елен Стоун, сместени во некакво трло / оградичка / што ли … онака срамно аматерски (да не речам одвратно) „склепани“ … а сета таа скаламерија, демек, со помошта на ФИНКИ и (виѓи врага) Британскиот совет во Скопје! Нека се чуди кој колку сака, но изгледа има вистина дека во ова балканско свирипичино и најкултурните се посељачуваат. Баш би сакал да видам Британскиот совет да финансира нешто вакво во некој од музеите во Лондон! Но, покрај овој „новитет“, овој „музеј“ одамна е токму реперот на македонските одамна загубени стандарди во културата (а особено во музеологијата!), наша константна забоболка која што „јаде“ неброени милиони годишно буквално за ништо, а чија што куса (неколкугодишна) историја е практично исполнување на најцрвените комунистички сништа за основањето на еден музеј: по идеја на еден-двајца партиски челници, со државен декрет, со октроирана од највисоко ниво „програма“, а поставка скрпена од неколкумина квазиисторичари кои сите заедно во животот виделе одвај два-три музеи! Иако, од друга страна, тоа е идеален музеј зашто во него нема никаква работа. Освен, можеби, како што вели Лисичков, да имаат две четкички – поголема и помала – поголемата за да ја чистат прашината од восочните фигури, а помалата за да им ги чешлаат мустаќите на комитите. И толку! Тие и така ништо друго таму не можат да (с)работат!!!

Но, да беше единствен па да речевме: ај ќе им простиме, не се они виновни што морале да следат некаква имбецилна партиска штабкоманда. Ама оној „музеј“ во Заливот на коските? Или, демек, „обновениот“ – инаку во реалноста непостоечки, без трага – дом на Мајка Тереза, без ниту еден оригинален експонат? Па оние селски музеи што никнаа како печурки низ македонската провинција во изминатата деценија, само за да се рече дека, ете, и во тие гратчиња (патем, некои речиси целосно без млада популација!) има парче култура?! Нашата музеологија дефинитивно работи според рецептот на Марија Антоанета: ако немаат леб, ако немаат работа, ако се иселуваат – ќе им направиме музеи! Ем ќе ги истрошиме парите од буџетот, ем пред Европа ќе се фалиме со нови „културни“ институции. Злосторството што го оставија да пропаѓаат сите други музеи во државава – на пример Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на град Скопје итн. – е злосторство против културното наследство на оваа земја, против народот, идентитетот, историјата. Само бандата знае, и ние по малку насетуваме, зошто тоа беше така направено. Но, да сместиш еден Археолошки музеј во она чудовишно здание покрај Вардар, па уште да му го дадеш на некој полуписмен театарски сценограф да го (демек) средува ентериерот, или да ја ставиш онаа како-ли-се-викаше за директорка; па да ги редиш по партиски и непотистичко фамилијарен пријателско-зетовски клуч на Лилето-на-тато-Блаже директорите во Музеј на Македонија (почнувајќи од приученана „скулпторка“ па надаље); па да го оставиш оној Кузман, или Лилчиќ да изигруваат селски величини не само во сферата на културното наследство туку и во музејската политика … сето тоа е рамно на културно самоубиство што ќе го отплатуваме со децении понатаму.

Оттука, метлата што и’ треба на македонската историја, уште повеќе е потребна за македонската музеологија. Без сентименталности, без предрасуди, без вакви или онакви (лично-групни) симпатии или, не дај боже, (квази)национални закачалки на кои што ќе ги бесиме музејските експонати. Или е вредно, или – не е; или знаеме да го сработиме / презентираме, или не знаеме; или нештата имаат контекст, или – немаат. И толку. Нема тука којзнае колкава философија. Кого тоа ние денес, во втората деценија на дваесет и првиот век, ќе го инструираме за македонската историја со смешни 3Д презентации кога и децата на 4 годишна возраст знаат за подобро? Или кому тоа му продаваме апсолутно мртва уметност од средината на минатиот век како наше најголемо достигнување? Или, ако баш сакате, кому тоа ние му го прикажуваме Лазески како голем сликар – а тој тоа никако не е, напротив – туку е извонреден и наш најголем монументалист, и тоа е неговата вистинска заслуга за македонската култура и уметност?!

Што ќе рече: зошто македонските музеи не се концентрираат на вистинските теми, на сериозната стручна обработка и презентација, на вистинската едукација? Ако знаат, се разбира. Но, не само што ни фали стручната подлога, илити работа, туку, уште повеќе, ни фалат услови, прерогативи, знаења и умеења музеите да ги направиме центри на вистинската македонска култура, онаа култура која што ќе ја раскажува не само приказната за македонското (движно) културно наследство низ вековите туку и за современата македонска визуелна култура од блиското или подалечното минато. Сите оние стотици „современи“ изложби низ македонските музеи не се вредни ни „пишљива боба“ (што би рекле хрватите) бидејќи, прво, прикажуваат недостојна македонска современост во уметноста, и второ, кога станува збор за (демек) ретроспективни експозиции, не’ замајуваат со нечии лични и до зла бога погрешни перцепции не само за творештвото на дотичниот уметник туку и за уметноста во целост! Иако, во принцип, музејските неотпорности се – наши културни неотпорности. Тие се провлекуваат, на еден или на друг начин, во целата култура, со сите специфики за одделните дејности.

МАЛ ЧЕКОР ЗА ЌОСЕТО

Де факто, тоа беше мал чекор за Ќосето: „се симна“ 2-3 метри, растојание што се поминува во три чекори! Но, кој како сака нека каже, тоа беше голем чекор за македонската демократија. Секоја чест на изборите, на гласањето, на „волјата на народот“ итн., но демократијата вистински започнува да „владее“ со почетокот на нејзиното практицирање односно спроведување во дело. А ова беше токму тоа што требаше да се случи. Добро, не е ова прв демократски потег на новата власт, ама во овој сегмент – е’. Некој ќе рече: можеше / требаше порано! Можеби, ама сето тоа ќе беше изнасилено, на мускули, можеби со „француски клучеви“ во рака, и секако ќе заличеше на режимските постапки притив кои што, всушност, беше борбата. Иако, велам, многумина, и јас меѓу нив, посакувавме порадикално и „побезобразно“ однесување. Но сепак, безобразието и безочноста се одлика на режимите како оној претходниот, не на демократијата! Вака, во пристојна стручна процедура, со сите неопходни репери, се постапи така како што мораше: без помпи, без славја, мирно и организирано. Тоа што некои будали палат пред постаментот свеќи само говори за степенот на инфилтрацијата на фашистичкиот режим во главите – не можам да кажам умовите, за тоа треба сериозна потврда – на одделни поединци. Тоа пак што други будали го споредуваат демократското спроведување на процедурите со дивеењето на ИСИС и талибанците говори токму за такви и слични анахроно талибански фрустрации и „идеали“ во нивните глави – повторно не можам да кажам умови зашто тие очигледно не живеат таму – та дури и’ ветуваат на јавноста дека повторно ќе го вратат – некогаш, скраја да е’ – тоа што сега се отстранува! Ќе го врателе, повторно, масовниот убиец (првиот во македонската понова историја, за да им прави друштво на другите, од Ацета па наваму) на истото место!!! Е па мерите им го умот во празните тикви. И тие себеси се нарекуваат политички / партиски лидери? Па тоа се’ е бре, извинете, болно до зла бога, поболно не може да биде. Та зарем современа Македонија треба да се идентификува со кољачи и масовни (партиски) убијци? Децата што секојдневно поминуваа покрај споменикот на тој дегенерик треба(а) да се воспитуваат во тој дух, да земат кама, пушка и пиштол и да тргнат низ македонските улици? Мореее, болен народ! И од кога тоа патриотизмот и херојството се мерат според бројот на заклани луѓе? А Рацин бил – џуџе? А дегенерикон – херој?! И иако, главно, знам што и како (не) работат македонските историчари – да работеа, нешто ќе сработеа, нели, наместо оние „силни“ (квази)музеи, документарни „серии“ и секакви други историски баљезгарии – ама ќе се најде ли некој помлад, со долга и здрава метла и да подзачисти малку повеќе низ оваа фалшива патриотическа ачковско-тодоровска историја? Но, ние не би биле тоа што сме ако нема и трет вид душогрижници, оние типични (како „архитектон“) бакалски стручњаци кои по децениско молчење и кооперативност сега препорачуваат дека во градот имало и други работи за правење: демек сме немале тротоари, сме немале „урбан зафат“ и слично. А ги имавме ли во изминатава деценија, со злосторничкото здружение? И шутраков се јави ли тогаш да им го предочи проблемот на властите или гледаше како да се прошета пет-шест пати до Венеција и назад, па да лапне со другарму некој проект …? Какви „мажишта“, да ти се приповраќа!

Како и да е’, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим. А тој, Ќосето, беше токму еден од нив. Сето она друго, оној кичерај распореден низ централното подрачје на Скопје и делумно низ другите македонски градови беше / е’ симбол и на другите амбиции и „идеали“ на полуписменине „патриоти“ заседнати врз грбот на државата повеќе од една деценија. Сите нивни фрустрации, идентитетски кризи и амбиции преточени во ситни политикантски потези, љубовта кон татковината манифестирана само и единствено низ украдените милијарди (евра, се разбира), почитта кон културата и наследството украсена со уништувањето на цел еден град … сето тоа речиси и не може да се мери со омразата, насилството, теророт, грозоморието преточени во само еден споменик на кољач-дегенерик поставен токму пред зградата што треба да биде олицетворение на правдата во една држава. И баш тоа го покажува вистинското лице на тие кољачовозљубеници, и нивните намери! Сето друго и да го немаше, ова ќе беше доволно за нивна вистинска историска идентификација. И вечна дисквалификација!

Оттука, големиот чекор за македонската демократија не смее да сопре овде. Ќосето ќе зачекори уште малку подалеку, до крајната дестинација: пеколот на историјата – некоја печка во Железарницата на Мин Чо (или чија е веќе, којзнае, што е своевиден македонски парадокс, оној кој ги помагаше сега повторно да заработува на нивното поништување!). Но македонската демократија не смее сега да се затетерави, и да застане. Зашто, прво, ветуваше многу повеќе, и второ, ако сакате, тоа и е обврска. Историска, идеолошка, демократска, хуманистичка.

ПАЧАВРА-ПИСАНИЕ

Се’ уште не можам да се изначудам колкава прашина се крена околу „фамознине“ 200. И мислам: ех, да ги имавме толку од 2008 наваму, кога навистина беше потребно да се (пот)пишува! Нејсе. Добро, ги разбирам и реакциите, односно мотивите за истите, не можам да не се согласам и со Ордановски, се разбира, зашто во која тоа земја не можете да најдете 200 будали кои не би се потпишале на еден лист хартија, особено под таква (божем) горлива тема што ги вежба нивните (квази)патриотски чувства? И, како што вели тој, да не ти даде Господ да се разминеш со некого од нив на улица, или да ти седне на маса да пие кафе, или да го сретнеш во библиотека, на пример. Како библиотекарон, кој со пет минути во земјава, три книги но и три илјади слатки национал – шовинистички баљезгарии стана академик. А пусти Гиче се крстеше во него, дури веруваше дека овој знае(л) нешто и за сликарството па го викаше да му отвора изложби! А овој, како впрочем и сите тие академици од таа сорта, знае за сликарството / визуелната уметност колку магарето за музика. Та дури магарето и полесно ќе го научиш. Оние нашине мислат дека сликарството се’ уште е на нивото на деветнаестовековната импресија, па трескат ли трескат ко „Максим по дивизији“. (Зашто сите српски ѓаци, нели!). И кога ќе тргнеш од тоега, па онаа со двата и половина „фејсбук“ гласови за претседателка, па оној умисленион „шал-амбасадор“ … се’ кој до којега (а може и понаку!), па човек стварно не знае зошто толкава викотница по потписите на еден грст медиокритети кои постојано си се пронаоѓаат во некои такви идиотлуци глумејќи загрижени патриоти?

Што се однесува до мене, јас да сум власт, би им понудил улица и неколкучасовна поддршка на меверето да си организираат мирни демонстративни прошетки низ главниот град. И низ онаа нивна љубимаја „архитектонска“ конфигурација наречена Скопје 2014 во централното градско подрачје. Мислите ќе излезат? Бог да чува, таквите глувци грицкаат на ситно, се’ се тоа ебиветри и шушумиги со петиции и потписи, па малку на фејсбук или некоја телевизиичка – а такви, богами, кај нас, ги има едно чудо. Не се оние за пред народ, за на улица. Та нели се – интелектуалци? А всушност, цело време мислам дека само заради тој збор и ја направија оваа скаламерија со потписите. За да видат како ќе ги нарече власта. А овие – оп, ко кленови: 200 интелектуалци! Кои црни интелектуалци, овие само поминале покрај тој поим. Нека одат во една блиска балканска земја да видат како интелектуалци лежат доживотна робија заради политички ставови кон власта!

И впрочем, таквиот тип „интелектуалци“ се по правило помалиот проблем на оваа земја. И секоја друга. Не велам најмалиот, ама – помалиот. Зашто тие ни имале ниту имаат идеологија и цел, морал и принципи, став и смелост. Тие се – куплива и кварлива роба, а од такви никој никогаш немал којзнае какво фајде. А овие особено или барем поголемиот дел потпишан на тоа парче хартија – е дополнително оптоварен со желбата за власт и демонстрирање на истата на сите можни начини. И бидејќи никој не ги игра – ајде да се потпишуваме! Ние поголем, или најголем, проблем имаме од оние другите, оние кои ги има многу повеќе од 200, ги има дури 2.000 и полека заседнуваат на важни или помалку важни места – нека е и претседател на некаква пишлива конурсна комисија – кои понатаму се впишуваат во книгата на власта и ползат нагоре. Полека, ама сигурно! Веќе утре пишливата комисија преку која што доделиле пари на секој циркузант во земјава станува малку позначаен одбор, па уште позначајна комисија итаканатаму, а гнидите се искачуваат по скалилата на власта оставајќи ја вообичаената лепешкина трага зад себе. А таму ги буткаат некои други гниди, буткани од други гниди … и се’ така до бескрај. Се фалат дури и со докторати во Ниш! Во целото замешателство упикани се и најистакнатите пулени на пуфлата, на шаткестоно чудовиште – особено во културата – сега во улога на тројански коњи. И (се’ уште) скришно, но полугласно, ветуваат враќање. А власта ги прифаќа, оберучке, што би се рекло, им дели незамисливи за наши прилики „бонуси“, како да немаме и млади стручни луѓе кои треба да добијат државна поддршка. Пуфлана ставаше домаќинки во Музејот на современа уметност, да плетат и „медитираат“, сега такви слични не’ претставуваат во меѓународни организации, да дремат и коват гооолеми „планови“; луѓе без биографии (повторно) стануваат фактори од кои ви зависи кариера, творештво, проект, идентично како и во режимската кадровска „политика“ на најнационалната партија.

Оттука, оние 200 будали се чини се турнати напред само да ја брануваат јавноста и да ги оттргнат погледите од тајните планови и инфилтрации што се случуваат вон вниманието на критичката заедница. Тие се одамна прочитана книга-пачавра која веќе никого не би требало да возбудува, дури и кога говори за „големи“ теми. Ние имаме проблем со малите – и луѓе и теми – кои делуваат „под житото“, ја дотолчуваат и онака уништената култура, ги доразнебитуваат македонските институции и нивниот кредибилитет во странство. Веќе не знаете кој кому враќа, и за што, кој кому се’ му должи, и колку, и на кој се’ начини гнидиве ќе си ги враќаат и надоместуваат долговите врз грбот на македонската заедница. Тоа се нештата што мора да не’ плашат, а не писанието-пачавра на оние 200 слепци!

(НЕ)ДОВЕРБА

Дете родено на 1 јануари 1990 година денес би имало цели 28 години. Што ќе рече: одамна полнолетно, зрело, можеби веќе со семејство, за работа не се знае … и, беспоговорно, без какво и да е’ социјалистичко (или квазисоцијалистичко) искуство во животот. Така барем би требало да биде. Иако кај нас и после посочената година, уште извесно време се тераше здрав социјализам. Во се’. Оние пак кои тогаш кога се родило детено имале 28 години, сега имаат 56 и логично би било да ги (под)заборавиле (квази)социјалистичките искуства од минатиот живот. Ама не – кај нас ништо не функционира според логиката, умот и разумот. Токму спротивното: и детето – сега 28 годишен човек, и оној другион – одамна во зрела доба, функционираат како кај нас се’ уште да царува социјализмот. Барем во културата, ако не повеќе.

Зошто го велам ова? Прво заради фактот што социјализмот како систем имаше комплетна недоверба кон поединецот. Секогаш му беше некако сомнителен! Социјализмот преферираше – колектив: како свест, како (не)одговорност, како „философија“ на живеењето. Недовербата кон поединецот, особено оној кој баш и не припаѓаше на типичниот профил на социјалистичкиот човек – на пример уметниците, писателите, културњаците како целина, а посебно оние позборливите – секогаш значеше и длабока резерва не само кон неговите ставови и дела туку и сомнеж во секојдневните, па и банални постапки. На пример, социјалистичката култура гаеше длабок сомнеж кон мотивите на творците, особено кога нешто бараа од „државата“ (оние културни џуџуња, ама тогаш ги имаше повеќе и беа поработливи!), а особено се палеше на нивните финансиски побарувања, па секогаш, по правило, во старт отфикаруваше половина, па од преостанатата половина им даваше некоја цркавица од 10-20%. Зашто, таквите поединци, оние зад кои не стоеше заедницата, или партијата, сигурно дебееело лажеле во нивните побарувања! Таа недоверба – да не кажам некој потежок збор – упропасти многу добри идеи и проекти.

Е сега, никако не ми е јасно зошто, и како, таа иста болшевичка (зашто таа всушност не е ни социјалистичка, по дефиниција) логика на недоверба функционира денес и овде, во македонската култура, подржавена односно „оберучке“ прифатена од сите македонски власти по 1990 година. Зошто толкава недоверба, од каде таков сомнеж во поединецот – творецот / културниот работник, од каде произлегува таа параноја (или е нешто друго) дека некој постајано сака да ја ограби државата, а културната бирократија е тука да ја одбрани / спасува од вечно „гладните“ уметници? И од каде правото луѓето – уметниците, културните работници – во старт да се (дис)квалификуваат како лажговци, како потенцијални крадци, како антидржавни елементи? Или државата едноставно нема доверба во нивните математички дарби? Ама ако во нивната математика нема некакви бизарни грешки, тогаш – што е проблемот? Кој како сака нека каже ама јас така гледам на тој тип однос на државата односно државната бирократија кон побарувањата на творците / културните работници. И тоа е навредливо, пар екселанс! Можеби државата олицетворена во државните органи ја нема свеста дека отворено ги навредува луѓето, дека (ин)директно ги нарекува лажговци и преваранти, ама тоа е така и никако поинаку. Бидејќи, ако јас поднесам проект во кој што барам 300.000 денари, и ако тоа е солидно (и точно) образложено со соодветни математички операции и поткрепено со логични образложенија за што (ми) се неопходни тие пари, која е таа пишлива комисија која што ќе каже дека јас лажам, мамам, или сакам да крадам, и врз основа на што ќе го каже тоа? А згора на се’ ќе ми залепи и еден шамар плус и ќе ми додели 40.000 денари, посредно подучувајќи ме дека јас и со тие мизерни пари можам да го реализирам проектот! И што јас да правам со тој ситнеж? И јас морам тоа да го помислам – дека сум цел на отворени навреди – бидејќи гледам дека кај другиот, кој барал 352.900 денари, ги добил сите барани пари, до денар! Ерго: тој е чесен, а јас сум лажго, преварант, бандит …? Се разбира, ништо од ова не би го помислил доколку пишливата комисија целосно ми го одбие проектот, дури и без образложение, со што јасно ќе ми стави на знаење дека и мене и него (проектот) не не’ бива!

Не знам колку за ова се свесни луѓето кои така одлесно се нафаќаат да членуваат во тие комисии, а уште полесно да ги навредуваат апликантите со нивните постапки. Се разбира, ја имам предвид и другата страна на приказната, онаа во која што 90% од апликантите ги прифаќаат тие срамни средства доделени од комисиите, несвесни дури дека ги прифаќаат и сите навреди што патем одат на нивна сметка. Зашто, ако еден уметник поднел проект во кој што бара 300.000 денари како оптимална сума за негова реализација, како тогаш се согласува истиот да го реализира со само 15% од бараните средства? Нешто тука секако не е во ред, нели?! Но, тоа по правило се случува кај нас односно повеќе од 90% од апликантите (наводно) реагираат во јавноста дека се обесправени, дека им се доделени минимални средства со кои што ништо не можат да направат, ама сепак си ги земаат парите, ги реализираат „проектите“ и повторно – сите среќни и задоволни. Дури никој и не се чувствува навреден, а добил едно чудо шлаканици што му ѕунат ушите?! Ене, дури и оној простакон „џезер“, кој барал 150.000 евра, а му дале (ни мање ни више) 106.000 евра, пцуе на сав глас на некој непознат „брлошки“ јазик, ама не ги одбива парите. Како ги измоделира она пуфлана, свака и’ част!

И во таква ситуација, ми се наметнува мислата: настрана навредите и шамарите од комисиите за чесните творци, но дали, можеби, треба да размислиме и на дотичните комисии да им доделиме и повисоки хонорари, но и по некој орден за верно служење на државата и инспиративно штитење на нејзината каса и интереси?

ДВЕ ЏУЏИЊА

Во рамките на темата за (отсуството на) стандарди во македонската култура, делот за финансирањето во културата е некакво општо место, наша константна „болна точка“, хроничен јадеж што никако да помине. А ние и не го решаваме туку само дополнително го расчешуваме, го иритираме до зла бога, речиси до болка, како раката некако автоматски да оди на непријатнотон разранетото место. Како да нема чаре за нашите маки со парите. Или – нема волја?

Не велам дека културна Европа ги нашла баш сите одговори во културата, па и во нејзиното правично финансирање. А што пак би значел зборот „правично“ – тоа е друга приказна. Но, ги нашла соодветните модели, согласно системот (политички, културен) во дотичната држава, донела јасни критериуми и разумни стандарди, па на одговорната (!) и професионалната (!!!) администрација и’ преостанува само да ги применува. Од А до Ш, без лични, партиски или којзнае какви толкувања. Пријатели кажуваат дека од Сенатот за култура на Берлин не можеш две години по ред да добиеш средства за проект. Кај нас, очигледно, можеш да добиеш четири проекти во една година! Од друга страна, еден холандски десничарски министер за култура не така одамна реши дека во неговата културна „политика“ нема да има пари за најголемите холандски национални институции. Па кога му излезе цела културна Холандија на улиците на Амстердам, мораше да си ја повлече одлуката. Сакам да кажам: и Европа познава инциденти, ама ги решава, брзо и ефикасно. Токму на ниво на инцидент. Ние од инцидентот правиме – правило. Но, Европа има и нешто друго: има избор!

Ние – немаме. Кај нив сите џуџиња се на број; кај нас две џуџиња ги глумат неопходните 80, или колку веќе општини има државава. Едното џуџе е Министерството за култура, второто е Собранието на град Скопје. Па и да се убијат, тие две џуџиња никако не можат да ја заменат работата на останатите осумдесетина. Не се ни толку способни, ни толку богати. Иако не се ни сиромашни, скраја да е. Е сега, Тричковски никако не греши кога Министерството за култура го гледа како „дистрибутивен центар“. Тоа де факто е токму тоа, И на тоа џуџе е закачена цела Македонија. Плус Снежана, во ликот на оние „културопомазани“ кои мораат постојано да бидат галени и фалени, ама и доени и хранети со секакви специјалитети. Се смеевме ама и се згрозувавме на оние стекови од бизон и коњ, бифтек од дивеч или елени во сос, ама оние 1.2 милиони евра за филмче не не’ згрозуваат, нели? А во што е разликата? А „културопомазаните“ не се задоволуваат само со специјалитетите од едното џуџе. Тие се закачени на двете. Па така, „џезерон“ на пуфлата, покрај оние 700.000 од помалото џуџе, инкасирал уште 6.5 милиони денари од поголемото џуџе викано „дистрибутивен центар“; онаа т.н. Дирекција за „култура“ исто така мрсно (со неколку милиони денари) се офајдила и од националното џуџе, и се’ така со ред!

Шегата на страна, но таква поставеност во финансирањето во културата – само на два извори – нема никаде во Европа. Кај нас одамна нема фондации, ни странски ниту домашни, спонзорствата од големите фирми (онаа нивна смешка наречена „општествена одговорност“ за споделување на дел од профитот) одат главно во спортот и турбо фолкот, општините (секоја чест на малкуте исклучоци!) се фаќаат за пиштол ако им спомнете култура зашто повеќе им се допаѓаат оние ракијади, пастрмајлијади и слични идиотлуци. Оттука, од каде културата да црпи средства ако не од оние две џуџуња? Практично, културата на целата држава е закачена на Министерството за култура и (делумно) на Собранието на град Скопје. И тоа е сериозен товар! Како што впрочем се гледа од двете програми за годишно финансирање – националната и скопската.

Се разбира, во некоја идеална ситуација, Министерството за култура може комотно да рече дека ќе ги финансира само националните институции во културата и неколку проекти на независната културна сцена и поединци кои навистина споделуваат дух на квалитет, иновативност, оригиналност итн. Но, од друга страна, во нашиве услови тоа би била смртна пресуда за редица културни иницијативи од голем број прилично неразвиени македонски општини, би значело редукција на гарантираната грижа на државата за развојот на културата на целата нејзина територија и слично. Тоа ниту една култура, во ваква ситуација како нашава, не може да си го дозволи. И со ова најмалку сакам (дури ни делумно) да ги оправдам посочуваните во јавноста примери на несоодветно (благ израз!) третирани проекти и иницијативи, на лоши и нестручни проценки на редица проекти, на необјаснива нестручност и индолентност, дури на политички необјасниви утки. Тоа се нешта кои што можат и мораат да се корегираат. И тука не мислам на оној формален начин по пат на жалба до некаква си второстепена владина комисија каде седат правници и жалбите ги читаат само и исклучиво низ призмата на прописите, туку мислам на компетентна над-комисија во самото Министерство, каде одделни одлуки ќе се филтрираат низ пореални и пообјективни параметри отколку оние на некои „стручни“ комисии. Иако, се разбира, и тука не би можеле којзнае колку да се поправат некои поголеми пропусти.

Она што сериозно и’ недостасува на македонската култура е широка државна и локална поддршка, задолжително вклучување на сите општини – дури и на најсиромашните – во финансирањето на културни потреби на населението. И тоа оваа власт може лесно да го направи зашто, практично, (речиси) сите актуелни градоначалници се од нејзините редови! И понатаму, истата власт мора да поведе сериозен (едукативен и инспиративен) дијалог со бизнис заедницата во земјава на тема култура и нивниот однос кон истата. А ако тие не знаат дека Лепа Брена и Аца Лукас не се култура, нека им се објасни, нежно но компетентно. Ако не знаат што има во Нерези или Курбиново, и тоа треба да им се објасни, (ова малку построго!). И, конечно, и повторно, културата мора да почне да се „чисти“ самата, одвнатре, од сиот наталожен шљам кој со години живее врз грбот на двете џуџиња, ама и врз нашите грбови. Зашто нивниот мамутски дел од културниот колач автоматски значи помалку пари за сите други. А шљамот, ако е толку способен, нека си најде и други извори на средства за нивните акробации! И впрочем, не разбирам како, и зошто, во правосудството на пример, не се добредојдени оние компромитирани со режимот бараби, ама во културата истиот калибар бараби, само демек покултурни, се’ уште жари и пали на македонската сцена?! Зошто целата банда што се криеше под сукњата на пуфлата или седеше во скутот на шаткестоно фирерче и го шеташе на сетови или со саати го чекаше за да го започне концертот, повторно да е добредојдена? А ние да сме почестени што ни ги земаат парите?

ТРОШКИ

Така некако – како насловот – би можел да се нарече актуелниот миг во македонската култура, односно овој месец февруари кој што (традиционално) се претвори во месец со кој што всушност започнува културната година, заради простиот факт што токму тогаш се објавуваат резултатите од распределбата на државниот и градскиот (скопскиот) културен колач. Не знам зошто се’ уште мислиме како пуфлана дека годината започнува во февруари? Не можеме ли нештата околу тие конкурси малку да ги забрзаме па резултатите – тоест (се’ уште) трошките што им се даваат на културните корисници – да им ги соопштиме на 31 декември? Или на 1 јануари, па секој да знае дали во годината ќе остане (комплетно) гладен или ќе добие некоја дребулија со што ќе си го залажува системот за варење? Се разбира, со оваа констатација не се побивам себеси во однос на претходните текстови, кога пишував за оние „културопомазани“ од нечија рака кои добиваат се’ што ќе посакаат. Таквите се сепак малку. Ама – ги има! Што и не е така лошо. Секогаш таквите ја потврдуваат тезата дека во културата има(ло) пари, ама не за сите. Но и не само таа теза. Ја потврдуваат и старата изрека дека пари има ама треба да се знае како да се земат. А оние малкумина изгледа го имаат клучот, или рецептот. Играат како мечки кај сите власти. Иако мислевме дека сега ќе биде – поинаку!

И ако јас, заради некаква пристојност, или можен конфликт на интереси (што нема врска, нели, ама ајде) не треба да ја коментирам националната програма во културата за оваа година, ништо не ме обврзува да (пре)молчам во однос на т.н. градска програма! Или, ако кажам дека нема некоја голема разлика, ќе бидам ли непристоен? Којзнае!?

Како и да е’, во однос на распределбата на средствата во културата, очигледно е дека некои базични принципи во Скопје останале исти. На пример, парите – не баш така мали – да се распрчкаат на што поголем број корисници според принципот секому по малку, веројатно со идеја дека така сите нема да бидат презадоволни, ама нема ни да се чувствуваат онеправдани. Па така, ако сте направиле некаква своја (релативно реална) буџетска проекција и сте побарале, на пример, 300.000 денари, „великодушно“ ќе ви дадат 60.000 денари! И што да правите со тие пари? Можете да се сликате, ама бидејќи културњаците во принцип се тврдоглави, ќе се обидете да рационализирате, да питачите, да кратите … и сепак нешто да направите и за тие бедни 20% што некој се смилувал да ви ги даде. И околу таа сума се вртат поголемиот број финансирани проекти. Или, на еден познат скопски филмски фестивал му даваат „цели“ 100.000 денари! Бреее, биле шорокораки. Никако не научивме дека во културата не важи минималистичкиот принцип „помалку е повеќе“, барем не во однос на квалитетот. Не важи ни обратниот принцип: дека „повеќе е подобро“ ако е применет во однос на бројот на корисниците. Зашто тој принцип кој што форсира квантитет а не квалитет упатува на отсуство на стандарди и критериуми во финансирањето. И неумеење да се определи што е вистински квалитет. И приоритет! Па така, од минимум до максимум, ама пари ќе добие и една гимназија за некаква „Завршна изложба на учениците од меѓународна матура“, па самостоен уметник за ТВ емисија (?), па неизбежниот „ИКОН“ (како игра со сите власти, да се чудиш!) за само една изложба колку и спомнатиот филмски фестивал, ама затоа Интернационалниот стрип салон „Скопска стрип акција 2018“ ќе добие пишливи 20.000 денари, па ќе видите дека ОСТЕН одеднаш се претворил во водечка македонска институција за ликовна „уметност“, итн. Или, дури, некому му текнало да го спои неспоивото – на пример Родољуб Анастасов и Илија Аџиевски во графичка мапа – и за тоа се нашол некој да му даде дури 150.000 денари! Тоест цели 50% повеќе од парите за еден меѓународен филмски фестивал, или седум пати повеќе од Интернационалниот стрип салон!

Ама не е се’ баш така црно – добро, не е токму црно, ама сиво сигурно е’, што повторно не е добро – зашто меѓу корисниците има и такви ајкули кои пливаат грбно со сите идеологии, со сите власти, со сите „стандарди“ и „критериуми“. (Добро, не се баш ајкули, повеќе личат на крапови и мирисаат на тиња, ама нејсе). И секогаш се – приоритет (како веќе спомнатиот „прочуен“ ИКОН). Или, на пример, фамозната Дирекција за култура и уметност (онаа истата која што со манипулации отиде дури во Венеција!) која со едномесечна работа живее цела година; па „џезерон“ на пуфлата, кој така здушно ги поддржуваше нејзините културни акробации се офајдил со цели 700.000 денари; па пак Милчо „национале“, овојпат со книга фотографии, зашто тој, нели, е (покрај другото) и најдобриот македонски фотограф; па повторно „неодминливиот“ Омер Калеши со којзнае која по ред изложба во изминативе години, итн., итн.

Во кафемуабетите луѓето коментираат дека барем сега, кога ги нема повеќето од оние преваранти на злосторничконо здружение и нивните договори во културата, (сепак) се надевале на нешто повеќе од трошките од буџетскиот колач. Добро, и трошките заситуваат кога си гладен. Ама не можеш цел живот на трошки. А други – на скара и колачи! Секој ден, секој месец, секоја година. Па има ли доста, некогаш, (и) за таквите? Иако, всушност, и нивниот дел не е којзнае колку голем зашто и тие се потонати во општото сивило на „распределбата“ според (се’ уште) квазисоцијалистичкиот модел: секому по малку, некому повеќе.

ПРОФЕСОРСКА „КУЛТУРА“

Ја читам Синоличка која вели дека „најмногу што можеме како професори е да им ’раскажуваме приказни’ на студентите, што самите ги имаме научено од странска литература“! Ех, кога некои професори навистина би им раскажувале приказни на студентите, ама од таа странска литература, а не да ги замајуваат со измислици од нивните птичји мозоци.

Елем, честопати, во многу текстови, сум тврдел дека (не само!) македонската култура доцни минимум барем половина век зад развојот, стандардите и дострелите на европската (и светската) култура. А под поимот култура не го подразбирам само нејзиното (нај)тесно значење. И сега треба да се корегирам односно таа граница да ја поместам барем за уште толку години, што ќе рече цел еден век доцнење зад светот, и тоа според разбирањата („научни“, разбира се) не на „обичниот“ народ туку на неговата (т.н. универзитетска) елита. И иако немам намера баш овде подетално да се бавам со „визиите“ и „толкувањата“ на еден македонски универзитетски професор – инаку економист, со неизбежното д-р пред името – некои негови „тези“ се просто неодминливи. И незамисливи.

Па така, д-р Горан Петревски, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ, во текстот „Државата и уметноста – противприроден блуд?“[1] веројатно незнаејќи со што друго да си го пополнува животот, се фатил за културата и уметноста – нормално, поистоветувајќи ги, како и секој друг незнајко – а нивната врска со државата ги прогласил за, ни мање ни више, туку за библиски хорор, за најстрашен престап, за – „противприроден блуд“. И сега, само насловов да го испратите некому во надлежните тела на ЕК, ќе ни стават крст за влез во Унијата барем за наредните стотина години. Зашто, кога универзитетски професор, денес, во втората деценија на дваесетипрвиот век оперира, (па дури и се фали дека така ги учи студентите!), со тези за културата и уметноста од пред нашата ера, што останува за обичниот „плебс“? Веројатно уште да сликаме по македонските пештери?

Се разбира, на таков шутрак, барем во моментов, нема да му посветувам посериозно внимание, иако нуди еден тон материјал, од типот: „(…) културните услуги се приватни добра (…)“, дека „(…) најголемите злосторства во историјата на човештвото ги извршиле токму културните, цивилизирани луѓе и народи (…)“, дека „(…) уметноста е чисто приватно добро“, дека „(…) Министерството одобрува буџетски пари за некој фестивал, изложба или драма без да ги праша граѓаните дали им се допаѓа токму таа драма или книга (…)“, итн. Што ќе рече: се’ бисер до бисер, достоен за актуелниот миг на вмронската македонска наука! И образование, секако, а со овој егземплар добро би било да се позанимаваат соодветните универзитетски органи. И секогаш одново се прашувам: абе каде живеат овие луѓе, во каква средина растеле, што и како учеле, можно ли е да се до толку затуцани …?!

Но, зборот ми е дека ние за културата и уметноста и нивното место и улога во државата се’ уште размислуваме – ако воопшто размислуваме! – (и) во такви анахрони рамки, или пак, како спротивност, ги гледаме како забава за народ и извор на богатење за поединци. Оттука, изгледа џабе ни се и национални стратегии и стратегиски планови, џабе светот пишува книги кога ние ги преведуваме погрешните а вистинските не умееме да ги читаме, што ако имаме толку универзитети кога таму дремат неспособни луѓе … Или, замислете министерот за култура, на конференцијата на европските културни министри во Давос, расправајќи за (не само за наши поимања) вонвременската Декларација за Baukultur, да излезеше со ставовите на „професорон“! Можете ли да го замислите тој меѓународен резил?

Та оттука, јас навистина не мислам дека ние така лесно и толку бргу ќе стасаме до примена на спомнатата Декларација за Baukultur, како што впрочем не сме примениле уште стотина други претходни европски декларации бидејќи ние се’ уште ги премостуваме базичните пречки во разбирањето на улогата на културата во општеството, се’ уште се тетеравиме со бебешките чекорчиња обидувајќи се некому да објасниме дека културата и уметноста не се луксуз, не се забава, не се трошок туку добивка, дека културата е буквално центарот на општеството. Ама културата не е на пазар каде секој ја купува – но и продава – сходно неговите преференци и можности / потреби, дека таа му припаѓа на граѓанинот (иако не во буквална смисла, како што замислува „професорон“!) како можност и нужност, дека „начините на кои што живееме заедно и еволуираме како општества се фундаментално културни“, дека „обликувањето на нашиот животен простор е (…), пред се’, културен чин“. Или, кога на нашион незнајко би му кажале дека Европа за културата вели дека таа „ја овозможува и покренува економската, социјалната и енвиронменталната одржливост“, дека таа „ги оформува и ги дефинира нашите наследства“, дека „културата мора да биде ставена во центарот на развојните културни политики“ и дека „не може да има демократски, мирен и одржлив развој ако културата не е во неговото срце“, ќе се замисли ли? Се кладам – не, таквите мува не ги лази, тие цврсто и непоколебливо веруваат во своите будалаштини и, за жал, истите им ги пренесуваат на младите. Ама белки и на тоа еден ден ќе му дојде крајот?

[1] (http://www.ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=21957)

(ДИС)ПРОПОРЦИИ

Не мислам, и не велам дека (ниските) стандарди во државава треба целосно и неотповикливо да важат и за културата. Ама не мислам ни дека културата треба да биде млада невеста на која што цела држава треба да се клања. Иако, во принцип, културата, особено кај нас, секогаш била знаменосецот и на државноста, и на идентитетот и на сите останати државни атрибути. Била – повеќе или помалку – перјаница на сите прогресивни процеси во оваа држава од памтивека. Но, има едно големо но: ако просечната плата на еден лекар специјалист во јавното здравство е околу 25.000 денари, кому е тогаш наменета онаа книга „Физикална медицина и рехабилитација“, во издание на малоно фирерче и „табернакулци“, а со единечна цена од околу 8.600 денари? Додуша, има и поскапи. На пример „Онколошки принципи и практики, Том I“, што чини цели 18.940 денари! Или целата едиција на тој „гламурозно“ пљачкашки потфат од милион и кусур евра? Кој, и како, ќе ги купи тие книги? Или тоа не е важно, важно е парите да се потрошат (каков деминутив!) и секој од актерите да го добие ветеното? Та така и оние 1.2 милиони евра за филмот на националното ни „чедо“? Што мисли човекот, каде се наоѓа? Во Холивуд? Ама тој Холивуд не дава ни скршена пара за него, туку сите пари ги дава оваа држава каде што просечната плата во културата не е поголема од 20.000 денари! Е па, извинете. Или, ако веќе сакате, ако еден ликовен уметник добива не повеќе од 30-40.000 денари за самостојна изложба, или, дури, ако македонската ликовна уметност се претставува на престижното Биенале во Венеција по правило со не повеќе од 50.000 евра, тогаш кои се пропорциите, и стандардите, што ова наше „чедо“ го вреднуваат 24 пати повеќе? Има некој одговор, или одговорот, по правило, е истиот: филмот е скапа играчка! Можеби, ама тогаш нека си играат со свои пари, исто како што писателот ја подготвува книгата со свои средства, визуелниот уметник работи на изложбата година-две без претходно од некого да бара аванси (за да, на крајот на кариерата, за ретроспективна изложба добие „цели“ 1.000 евра, ако има среќа, или врски!), обичниот музичар компонира без поддршка од државата (за разлика од некои сониевци и остала братија!) итн.

Да, знам, одговорот повторно ќе биде истиот: филмот е премногу скапа играчка за да некој си игра со лични пари. Ок, и тоа ќе го разберам, ама сега и тука можам да наведам изложби кои чинеле неколкупати повеќе од играчките на „чедото“. На пример, експозицијата „Traumwelt“ на Фабрицио Плеси во „Martin Gropius Bau“ во Берлин – инаку една од најдобрите инсталации што сум ги видел „во живо“ – чинеше неколку милиони евра! Што ќе рече – неколку филмови на нашево „чедо“. Или, колку чинеше проектот на Нам Џун Пајк за Венециското биенале 1993 наречен „Electronic Super Highway“? Упатените велат: колку и слетувањето на човекот на Месечината. Е сега, за кои и какви пропорции и „играчки“ говориме? Дали ако веќе денес, или дајбоже утре, еден македонски уметник се појави со проект за кој што ќе бара половина милион евра, надлежните ќе му речат дека е – луд? Ама „чедоно“ – не е?! И дали големите пари се резервирани само за „чеда“ од типот на Манчевски и компанија? Тоа се прашања – ако не дилеми – на кои што оваа култура во потрага по својот нов идентитет и стандарди ќе мора да одговори? Или – полесно ни е без такви дилеми? Можеби, ама кому тоа му е полесно? На поединци, на мамини и татини односно „национални“ синови и ќерки кои вечно ќе бидат закачени на државната цицка без оглед на квалитетот што го возвраќаат? Или треба уште еднаш да ги спомнам и оние рифеншталкине кои македонската провинцијално – политикантска културна политика на пуфлата ги направи демек водечки во македонскиот филм? Или, можеби треба, дополнително, да се спомне и аргументот што го посочува Блаже Миновски: каде плаќаат данок дел од овие поединци кои користат такви и толкави парични бенефиции од оваа држава? Некој во Њујорк, некој во Брисел, нели? А нашиве овде – нека се сликаат? А зошто тој Њујорк, па тој Брисел, па и останатите светски метрополи не им дадат првичен паричен удел во нивните „уметнички“ креации, а државичево се’ уште без званично име само да дополни некаков мал процент? Дури, ако веќе сакате, на македонската листа на самостојни уметници до вчера – а можеби се’ уште – фигурираат и „уметници“ кои со децении живеат во странство, а оваа држава редовно, месечно, им уплаќа пензиско и здравствено осигурување! И тоа повторно благодарејќи на македонските провинцијално – политикантски културни „стандарди“ на пуфлана канческа (малата буква соодветствува на нивото на персоната!) кои што, очигледно, продолжуваат со сета жестина.

И – не, воопшто не мислам и на крај памет не ми е дека македонската култура треба беспризорно да се пресметува со овие нејзини творци, дури често и синоними на нејзиниот современ квалитет. (А тука, сепак, воопшто не мислам на рифеншталките – напротив!). Но, и тие мора да се подведат под одредени важечки стандарди, и критериуми, се разбира, под исти или слични услови што важат и за останатите македонски уметници. Нивната креативност, дури нека е и генијалност, е токму нивната предност: да бидат творци кои светот ќе го носат тука, а не скромниот домашен културен буџет да го разнесуваат низ светот! И да, мислам дека дел од тие наши творци и’ должат длабоко извинување на оваа култура. За се’: за нивната себичност, за нивната кооперативност со режимот, за нивната алчност и саможивост… Зашто, додека тие ги користеа сите бенефиции на режимската културна „политика“ стотици македонски творци одвај преживуваа на маргините на тој културоциден систем. За кој што овие не изустија ни збор! Додека за нив оваа (не)култура печатеше луксузни монографии (од 640 страници!) како споменици на нивното (за жал типично сељачко!) его, редица нивни колеги во изминатата деценија беа просто збришани од културната сцена на оваа држава. Или сето тоа не е важно, важно е (секогаш) да има за нив, и тие околу нив?

ЗА ОНИЕ ПОМЕЃУ

Некој ќе приговори дека „случајот“ со в.д. директорот на МНТ не е баш најсоодветен пример за продолжување на CV/ВЦ темата, ама јас нема да се согласам со тоа. Дури, (ќе) тврдам дека е’ – пример што треба да се следи! А ќе образложам подоцна. Но, колку за почеток: каков тоа културен стандард воведуваме кога повеќе не’ интересира лицитацијата за евентуалниот процент на алкохол во крвта на в.д. директорот отколку фактот дека во наше име некому му даваат милион и кусур евра, да снима – филм? Или, на пример, како така со светлосна брзина исчезна од јавноста срамнана приказна со неколкуте македонски „издавачи“ и нивните астрономски приходи од „проектите“ на библиотекарон-академик и малоно диктаторче?

Елем, едно од најмоќните оружја контра „ВЦ“ системот е – пуштање вода. И тоа неколку пати, по можност. Водата се’ уште не е толку скапа, а е делотворна. Со неа системот се прочистува, дури и од „миризбата“. Но, некој можеби ќе посака да укаже дека системите на квалификувано „CV“ и миризливо „ВЦ“ всушност се антиподи на еден културен микросвет и практично ги има во сите култури. Се разбира, ќе биде во право, делумно. „ВЦ“ персоните ги има во сите култури, ама сепак никаде на такви истурени, раководни позиции како во нашата. И како кај некои соседи во регионот, оние од истата „социјалистичка“ школа. Но, повторно, за нив секогаш има лек. Еден веќе спомнав – водата – а има и редица други кои во нормалните западни демократии и нивните востановени културни стандарди се нарекуваат квалификувана селекција, одговорност, компетентност, отчетност и, особено – оние нешта наречени морал, етика итн. А ние редовно тука кикснуваме. Зашто, кај нас, особено во изминатата деценија, но (за жал) и денес, сите погоре спомнати, но посебно моралната односно етичката категорија, се целосно заборавени и намерно ставени вон играта, божем неважни, небитни, занемарливи … А тие, во одделни случаи, ако не редовно, можеби се уште поголемо зло од оние „ВЦ“ стручњаци кои ја преплавија оваа култура. Оттука, можеби наша најголема обврска денес и овде е враќањето токму на моралниот / етичкиот стандард во македонската култура, паралелно, се разбира, со стручноста и компетентноста како condition sine qua non! (Е затоа на почетокот го воведов случајот со Драган Спасов – Дац, како пример на морално однесување. Пример кој што само малкумина, или речиси никој, не го следи кај нас!).

Зошто го велам сето ова? Затоа што бевме, и сме, преплавени од разноразни типови со (дури и меѓународно, иако се малкумина) препознатливи и компетентни биографии, но кои се извонредно камелеонски прилагодени на македонските политикантски услови и пливаат грбно како крапчиња во Вардар. Следствено – затруени се, нормално, зашто Вардарот е жив отров – како впрочем и македонскава културна сцена – ама ги трујат и сите оние кои со нив си имаат некаква работа (да не речам си ги валкаат рацете). Или, ако сакате, поконкретно: каква полза имате / имаме, денес и овде, од профанисани персони, од вртикапи, од политикантско-(не)културни ебиветри кои мислат дека Македонија, поточно македонската култура, им припаѓа ним и само ним? И дека таа ним нешто им должи, а не тие неа? Иако, во суштина, кога говорат за македонската култура тие објективно не ни мислат на неа, туку мислат на нејзиниот новчаник. Тоест – буџет! Кој што, нормално, треба да им припадне ним, и само ним, ако не целиот тогаш неговиот најголем дел, зашто тие, нели, го „прославија“ името на Македонија во културниот свет. Ни пред нив, ниту по нив постоеше нешто во оваа пустелија?

Оттука, со полна одговорност за изречениот збор, сметам дека неморалот, неетичноста, како и алчноста, воведени како стандарди на македонската културна сцена во изминатата вмронска деценија, направија дури поголема штета на реномето на оваа култура од сите оние „ВЦ“ пезевенковци, оние будали кои за партиски идеали се уништуваа и себеси и сите околу нив за бедни трошки од трпезата на „Големиве“!

А „Големиве“, се разбира, повторно јаваат. И во овој контекст нема да ја коментирам, на пример, листата на новоизбрани филмови што ќе бидат финансирани од Агенцијата за филм, која што, во принцип, и не е така лоша. Ама таму, повторно „на челу колоне“ и богами на убав бел коњ од околу 1.2 милиони евра, одново јава – Милчо национале. И сега, на прва мисла: којзнае каков „сет“ ќе мора сега да смислува и кого се’ ќе шета по него? Зашто, она малоно шаткесто диктаторче, негово пријателче, е заглавено во македонските судници и не може да му дојде. Или, сега, (веќе) не се познаваат? И понатаму: колку пати оваа „персона“ се има изјаснето дека не сака да има ама баш ништо со Македонија односно со македонскиот филм? Што, конечно, испаѓа дека ние – односно тие, дури не знаеме ни кои се – со сила го тераат да ги земе тие милион и кусур евра од нашите пари? И кога говорам за нашиот локален културен „тип помеѓу“, (повторно) имам на ум дека во извесни случаи говориме за поединци со верификувани „CV-а“, ама и со неснослива „ВЦ“ морална реа, за поединци со докажани профитерски, алаш-вериш, камелеонски и политикантски „стандарди“ кои што не оставаат простор дури ни за почит, а камоли за восхит! Дури, ако сакате, кој тоа оцени, и како, дека приоритет на оваа урнисана во секој поглед култура е токму игран филм, и баш од оваа персона? Или тие нешта можеби се решаваат на некакви високи партиски форуми? Ако посочениот на почетокот в.д. директор имаше морална доблест да даде објаснување за промилот алкохол, заслужуваме ли и во овој случај барем некакво објаснување за силните милиони? Баш нему? И понатаму, зашто баш ми тргна, штом повторно му се улизуваме на националното „чедо“, ќе се сетат ли оние – поточно: оној „стручњакон“ – од МСУ, да му направи (уште една) изложба на фотографии, зашто „чедото“ едновремено (вели тој!) е и голем светски фотограф!?

На, крајот, а бидејќи веќе ги спомнав, ви текнува на оние „издавачине“ со мистично име „Табернакул“, што доделуваа некаква резил меѓународна награда во името на шаткестото диктаторче? И сите се думавме: што им текна, баш ним? А кога ќе видите дека и тие јаваат на чело на листата во „Службен весник бр. 198/2017“ како врвни џокеи во името на злосторничконо вмронско здружение, нештата ви стануваат појасни, нели? Е за тој и таков (не)морал, за таа професионална (не)етика треба да говори македонската култура, денес и овде. Видовме ли кај овие некаков гест на извинување за сторените „дела“, или кај „националнион“? В.д. директорот тоа сепак – го направи!