Monthly Archives: December 2018

КРАЈОТ ДЕЛОТО ГО КРАСИ, ИЛИ ГНАСИ?

Ќе ја оставам за миг темата за културата и нашите недоразбирања со неа, иако и оваа тема е прашање на некаква култура, политичка, или поширока, ама суштествена за сите, особено за демократијата, што и да подразбираме под тој поим. А сите, изгледа, подразбираме различно, како и тоа да е нешто паднато од Марс, или Венера (бидејќи е од женски род), како да дел од светот, особено во нашето пошироко опкружување, не ја живее таа демократија и таа политичка култура веќе со векови, како да старата Вавилонска „давателка на услуги“ – уште еднаш да направам шега со културата – не е и тука меѓу првите. Да, многумина ќе кажат дека демократијата се учи, таа не паѓа од ведро или облачно небо како пролетен дождец или прв снег, ама колку време нам ни треба нешто да научиме? Ако ни требале пет века да се ослободиме од османлиите, уште толку ли ќе ни треба да ја научиме демократијата и/или основните елементи на политичката култура? Или, поинаку поставено: а зошто не ги бираме оние кои ја научиле, или сакаат да ја научат? Или кај нас, и во политиката како и во се’ друго, ги бираме луѓето – знајни и незнајни, ама главно незнајни – верувајќи им на збор па после прашуваме дали нешто знаат, што и како научиле и за што всушност се способни?  Затоа, не можете а да не се согласите со Џабир. Како впрочем и со уште многумина други на темата за нашата вина, не само денес, и овде, апропо целиот овој циркус (не само) со амнестиите – говорам во множина зашто, очигледно, не е само една туку ги има многу повеќе! – туку и за комплетната нефункционалност на овој наш систем, за практичната оневозможеност на државата и да помисли на „д“ од демократија. И не ми паѓа на памет да го ставам зборот вина под наводници зашто таа, вината, конечно, треба да се бара на вистинското место. А таа не е кај власта, која и да е’! Таа секогаш е кај нас – била и ќе биде. И како ништо да не научивме од Злото кое владееше со Македонија цели дванаесет години!!!

Погледнете ја, од една страна, онаа креатура која дозволивме десет години да се нарекува претседател на државата. Не сум ја гласал, ниту ми паднало на памет да гласам будала од таков формат. Ама, сепак, со нечии гласови, тој преседе горе, во Вила Водно, два мандати. И стигна, на крајот, да одржи последна лекција во Собранието, токму во оној дом кого што десет години го понижуваше со своето (не)чинење, па и присуство. Тоа беше комплетно понижување на македонската демократија (па нека и во наводници!). Велевме, односно ни велеа: англиска кралица е, нема надлежности, не може да направи никаква штета. А ги направи илјада, огромни, историски. Уништи се’ што можеше да се уништо во два претседателски мандати. Ја окламбоса државата на рамниште на Паљурска прчија, војската на вмронска заебанција, правото и правдата на општонародна смешка. Е, а кој можеше да знае дека ќе биде таков? А каков па мислевме дека ќе биде? Зарем до „изборот“ за претседател беше нешто подобар, поумен, постамен, попринципиелен, можеби поубав? Ма дајте, ве молам, па Македонија е еден задник место, сите ги знаеме капацитетите на секого, му го знаеме умот три колена наназад, оценките во училиште, просекот на факултет … И како тоа на овој задник место одеднаш блеснуват такви „капацитети“, па стануваат професори, па министри, па премиери и претседатели на држава? Па сетете се од каде го извлекоа оној Трајковски и кои и какви му беа „заслугите“!? „Па ако толку ги сакате земете си ги кај вас“, демек, и оп – претседател на држава. Бил човек на Американците, ма немој молим те. И не активирајќи ниту еден механизам за отповикување, на актуелниов шутрак му дадоа дури и право за лебедова песна: да им одржи последно предавање, овојпат дури оправдано, во Парламентот. Му дадоа шанса дури да им префрла за „лични фрустрации“. Он! Резил без преседан, ама кога ќе го дозволиш …!

И ќе беше, повторно, по којзнае кој пат, за мајтап да немаше сериозни и болни вистини во неговото обраќање – можеби за прв пат во неговите десет години – кои што изгледа, за жал, погаѓаа на точното место. И предизвикуваа реакции! Но, нашата вина е многу, многу поголема и уште толку подлабока од минорноста на таа креатура. Зашто, на пример, на другата страна го имате заглушувачкиот молк на (повторно) самопрогласените демократски капацитетни „шарени револуционери“ и божемни народни трибуни, ама тие баш од нас изгласани да ги застапуваат нашите права и интереси, но врз ехото на восклиците на „Шарената револуција“ а не врз опашките на политикантските спогодби и собраниските кулоари. А тие се’ уште се гледале себеси како легитимни претставници на „Шарената револуција“! Заради фрлени три канти боја!? И немале намери да поднесуваат оставки. Да умреш од смеење. Па која е тогаш разликата помеѓу шутракон на Водно и нив? „Нема разлике“, би рекле браќа босанци. И нема, богами. Револуциите, па нека се и „шарени“, секогаш се, изгледа, битка за фотелји, да не речам за власт. Така било, и ќе биде. Иако не верувавме дека и „Шарената“ ќе се трансформира во една од нив. А нејзините самонаречени водачи во сиви сенки на актуелните политички настани! И за нив сме токму ние виновни.

МОРАТОРИУМ НА КУЛТУРАТА

или

ДАЛИ КУЛТУРАТА Е ТЕМЕЛ НА ОПШТЕСТВОТО? (5)

Ние можеме, се разбира, како што сугерира Енџи, да се правиме дека не сме слушнале, можат глуви да се прават и Ацо Шопов и Славко Јаневски дека читалните со нивните имиња ќе се затворат затоа што надлежните во „Центар“, или Скопје, немале пари понатаму да ги одржуваат, па и целата држава може да глуми недоветност и малоумност дека тоа не е само уште еден знак дека токму културата е првата на ударот на државата кога нешто фали. Во случајов – фалат пари, и тоа не којзнае какви и колкави пари туку не повеќе (велат) од педесетина илјади евра за да овие две читални продолжат со работа. „Надлежните“ велат дека заради мораториумот на градба (sic!) се очекувале помалку пари во општинската / градската каса, па – удри прво по читалните! Не знам дали помислиле како една ваква одлука кореспондира со најавената кандидатура на Скопје за Европска престолнина на културата во 2025 година? Или читалните не се култура? Или пак ова е само уште една приземна финта ние сега да речеме: е па градете, само да имате пари за читалните односно за културата?!

Не знам како е во Финска, со која што го почнав овој серијал текстови. Односно знам: во 2017 година во Финска имало 737 јавни библиотеки; во 2014 година библиотеките имале 50 милиони посетители и издале околу 91 милион единици! Многу? Многу! Ние имаме околу 50тина јавни библиотеки, што споредено со бројот на жители (Финска  5,5 милиони, ние божем 2 милиони) е неспоредливо во нивна полза. „Луди“ финци, читаат многу! Или им е многу здодевно, а нам – не ни е, нам политиката ни е забава, и лектира?! Концептот на јавни читални во Финска бил воведен уште во 1850 година (sic!), со цел да се одвлечат луѓето – главно работничката класа – од улиците и сите „пороци“ што таа ги нудела. Ние, односно Скопје, ги отвори овие читални, ако добро паметам, пред две години. И сега ги затвора. Нема пари. Како кај другите секогаш има пари за културата, а кај нас нема? Или другите навистина ја сметаат таа проклета култура за еден од столбовите на општеството, иако тоа неволно го кажуваат ама волно го покажуваат, а ние упорно се фалиме се културата ама само додека не дојде нешто поприоритетно. Како Winter-land, на пример? Или она лизгалиште карши прочуениот Мериот? Да, знам дека тоа демек го платила ЕУ, ама нели попрво ќе платеше за уште една година живот за двете читални, отколку за глупоста наречена лизгалиште – еден газ мраз што собира десетина лизгачи?!

Но, добро, сите разбираме што е сиромаштија, а „Центар“ е сиромашна општина односно  Скопје секако е сиромашен град, иако се смета себеси за метропола, па дури и се кандидира за град на културата. Со кои пари, ќе праша некој, и со која културна инфраструктура? Знаат „надлежните“, или дотогаш планираат да се збогатат? И да се култивираат? Сеедно, ама ако Скопје дошло до педесетина илјади евра, па заради тоа ги затвора читалните …? Да го направеше тоа претходната власт, ќе разберев(ме). Што пак ним би им значеле Ацо Шопов и Славко Јаневски? Или пак две читални? Ништо! Па тие дури и го лустрираа Јаневски, нели, а ме чуди што му ги оставија „живи“ книгите. Шопов, зачудо, не го чепнаа, или не стасаа тоа да го направат. Ама на една социјалдемократска власт овие имиња треба да им значат нешто, ако не веќе како култура тогаш барем како антифашистички борци!

Во крајна линија, кога нештата ќе дојдат до самиот крај, не е проблем и да се затворат тие две читални. Голема работа, ќе рече некој, две читални – луѓе немаат за јадење … Ама белки не сме дошле до тој крај, нели, а впрочем, затворањето на читањето кај нас не е последна мерка, туку е – прва. И тоа е вистинскиот проблем: зошто секогаш се посегнува по културата како прва мерка на „штедење“? Толкав трошаџија ли е културата или некој само сака така да изгледа? И толку ли е за овој народ небитна културата и сето она што навистина го нуди? Зарем не можеле да се побараат други мерки и да се обезбедат потребните пари за функционирањето на читалните? Ако „надлежните“ не знаеле, можеле да прашаат некого. Мене прво ми паѓа на памет продажбата на некоја од оние триесетина „скулптури“ на пуфлата што се’ уште „го красат“ градов како врло веома препорачан „естетски“ производ на амнестираната екс-министерка за (трговија во) културата. Зарем некој од скопскава сељачана не би посакал во двор да си го има чистачон на чевли, или онаа „лепотица“ од ни риба ни девојка карши ГТЦ, или можеби онаа шмизлана со телефончето? Или „Тешкото“? Сигурен сум дека такви билмези имаме низ градов и дека секој од нив би платил добри пари за некоја од тие „скулптури“, со кои пак понатаму солидно би функционирале „проблематичните“ читални. Надлежните треба само да решат, да распишат аукција и – толку. Пари ко плева! Или, градот може да реши да продаде некој од „споменицине“ што така г(о)рдо се прчат низ центарот. Апропо, такво нешто подготвуваше и градот Детроит во САД, додуша како крајна мерка, заради банкрот да ја распродаде градската колекција на вредни ремек дела од современата уметност. Но, разликата е во тоа што тие го имале и еден ван Гог, Матис, Рембрант, Бројгел итн., а ние само нашине шарлатани и нивните „дела“, ама сепак, велам, во Скопје секогаш има некој да плати за таков кичерај!. Или, градот може да ги стави на аукција оние монструознине восочни фигури од Музејот на македонскиот хорор и ќе добие едно чудо пари од нашиве „патриоти“. Кој од нив, особено сега оние тазе амнестиранине, не би посакал да си го има во дневната соба восочноно човече со мустаќи што го глуми Делчева? Понатаму, една од мерките е конечно инспекторите за заштита на животната средина да тргнат на терен и да ги казнуваат големите загадувачи и ете пари и за читалните. Или – тоа не смее да се прави? Добро, ама може, како компензација, да се побара од некој од тие бараби да донира пари за читалниве, нели? Тоа би биле „мека“ мерка за спас на читалните! Има, се разбира, и едно чудо други мерки: можат, на пример, социјалдемократските пратеници во Парламентот да се откажат од патните трошоци и конечно, барем за една година, да почнат да го користат (за нив) бесплатниот автобуски меѓуградски превоз. Или и тоа е неспроведливо? Епа затворете ги тогаш читалните, ама кога тоа утре, задутре, ќе ви го плеснат во лице оние пред кои се кандидирате за европска престолнина на културата, да не се чудите!

А можеби е најдобро да воведеме мораториум на културата? На едно пет-десет години, минимум? Дури не изградиме се’ што треба да се изгради, дури не исечеме се’ што треба да се исече, дури не упропастиме се’ што останало за упропастување?

ГМИ

или

ДАЛИ КУЛТУРАТА Е ТЕМЕЛ НА ОПШТЕСТВОТО? (4)

Ете, г-дин Бујар Османи говори за колатерална штета, за камен околу врат, за шума наместо дрвја … Но, зошто, по правило, еве цели три децении, баш културата мора да биде таа колатерална штета на политичките процеси, тој камен околу вратот на оваа држава, тоа дрво што и’ ги боцка очите во континуитет? И кој тоа го одлучил, и кога, и врз основа на кои аргументи? Зошто токму културата е тоа жртвено јагне постојано принесувано на олтарот на сите други „значајни“, „животни“ процеси во државава? Зошто тоа никогаш не се пратениците, на пример, и нивните привилегии, или партиските кадри во министерствата и институциите, или управните одбори во јавните претпријатија, или економските тајкуни во оваа проклетија …? А замислете во изминативе години токму културата да ги беше добила оние 30 меѓународни милиони евра помош за средување на состојбите? Зошто на никој во државава не му текнува таков еден зафат во полза на културата? И што впрочем се направи со тие огромни пари во правосудството: ова што го имаме денес? А има ли некој претстава во државава што едни толкави пари ќе значеа за културата и институциите во неа – дел од нив се’ уште во состојба затекната во 1945 година?! Или, да повторам уште еднаш: помисли ли некој од одговорните зошто (фа)шизоидното „Скопје 2014“ беше насочено токму преку културата и кои и какви му беа главните цели? И што се’ уништи и какви се’ штети направи онаа пуфлана која сега е амнестирана, па уште и дели лекции во Парламентот? И каков се’ културен инженеринг се спроведуваше преку неа во оваа држава? Уште од раните зори на паметењето, народите на различни начини се справувале со такви божем клучни пресврти. Фараонот Екнатон, познат и како Аменхотеп IV или „богот на сонцето“ успеал на кратко да ја отфрли политеистички ориентирана египетска религија во полза на форма на енотеизам славејќи го сончевиот диск, ама по неговата смрт неговото име и лик биле избиршани од сите египетски храмови! Ние – амнестираме, а згора на се’ тоа го нарекуваме колатерална штета!

Криминалот, имено, и во таа приказна секако беше еден од главните мотиви на налудничавиот будимпештанско-македонски „фараон“ и неговите правосвештеници, меѓу нив и пуфлата, ама тој можеше подеднакво ефикасно и со истите резултати да биде спроведен и во земјоделието (како што и беше), и во големите државни претпријатија (како што и и беше), и во здравството (како што и беше) … Но целта во „Скопје 2014“, освен парите, беше и суштински културна: насочена токму кон културниот идентитет на современиот македонец, кон неговите самочувства, меморија и неговата историја! Ако не верувате, застанете пред Музејот на македонскиот хорор и прашајте ги децата кои во колони (се’ уште) излегуваат од таму што разбрале од целата „македонска приказна“. Ќе бидете нокаутирани, запрепастени, ќе останете без зборови и можеби, конечно, ќе ви се запалат црвените сијалички! Но, за жал, целата подметната приказна, не само во тој fucking „музеј“ туку низ целиот главен град се’ уште опстојува ламентирајќи за некоја друга Македонија, за некој друг народ и култура. И таа „приказна“ не беше колатерална штета на тогаш владеечкиот криминал – таа беше токму целта!

И навистина не знам уште колку години ќе мораме да се навраќаме на овие нешта и на важноста на културата не само за идентитетот туку за државата во целина. Ако некој во детството или во училишните години не ја научил таа лекција, сега е веројатно тешко да му ја всадите в глава, иако културата, односно нејзиниот сегмент наречен културно наследство, особено музеите, го прави и тоа. Токму за тоа, меѓу другото, служат музеите, и токму заради тоа, на пример, дел од нив – особено важниот Музеј на Македонија – беше оставен да пропаѓа а неговите збирки беа разнесувани „куд кои мили мои“. Токму заради тоа што говореше на научен и современ јазик за македонската историја, етногенеза, традиција … И токму заради тоа беше испилено она кукавичко јајце кое јас го нарекувам Музеј на македонскиот хорор. И уште колку пати ќе мора тоа да се повторува? Тоа требаше да биде клучниот вирус уфрлен во македонскиот идентитетски корпус, заедно, се разбира, со онаа бронзена шума на Плоштадот и околу него, тоа беше она ГМО – или подобро речено ГМИ (генетски модифициран идентитет) – во македонската култура, кој што ќе произведеше „постари“ македонци, посмели наследници на „бестрашниот“ убиец Александар, па ќе го сатанизираше антифашистичкото движење ама ќе ги милуваше окупаторите, итн.! И токму затоа беа инсталирани оние шарлатански орди „научници“, „уметници“, „академици“, „писатели“ … кои имаа партиска задача да ја промовираат и етаблираат новата квазимакедонска доктрина – историска, културна, научна, образовна, и оние „народни“ пратеници – сега веќе амнестирани – кои требаа тие доктрини да ги протнуваат низ Парламентот! Ама нам, изгледа, не ни иде умот, нели?

НЕРАЗБИРАЊЕ

или

ДАЛИ КУЛТУРАТА Е ТЕМЕЛ НА ОПШТЕСТВОТО? (3)

Некои македонски високи државни и политички функционери, не само вчера, во животот не го изговориле зборот култура. Не знам зошто, најмалку заради тоа што некој ќе ги нарече некултурни – разбрано во најшироката смисла на дефиницијата за културата односно дека треба да кажете добро утро или добар ден, дека треба да отстапите место на постар од вас, дека се мијат рацете пред јадење (т.н. здравствена култура), дека се исклучува мобилниот телефон во кино или во театар итн. Да, и тоа спаѓа во најширокиот опфат на културата, како и чистотата на јавните тоалети, на пример, која што ама баш никако не можеме да ја разбереме. Но, тоа е преширока тема. Ама поставеноста на културата во државниот / административниот систем не е! А и со неа се судруваме речиси секој ден. Како што не е ни начинот на претставувањето на државата преку културата во странство, како што не е ни функционирањето на домашните културни институции, како што не е ниту изборот која книга ќе биде печатена со државна помош или кој филм ќе биде снимен. Бидејќи секој отпечатен или снимен кич, а кај нас ги имаме дури премногу (илити „врло веома“, во духот на една наша тукушто амнестирана „културна“ пуфла), значи дека му земал место на некое потенцијално добро дело – книга, филм, претстава, изложба! А тоа е – важно, барем за вакви „мали“ култури, каде што секое потенцијално добро дело, во која и да е област, е драгоцено. Ако пак тоа го разбрал уште Делчев, пред цел век и нешто повеќе … Да, знам, звучи патетично, ама мислам дека попатетични сме ние, денес, со нашето апсолутно неразбирање каква сила е културата, во локални, регионални и глобални рамки!

Е ако за тоа системот / државата нема разбирање – а нема, очигледно – тогаш нема ни култура. Или, преведено, нема ни темел на општеството. Односно, има, темелот е божем тука, ама е целосно руиниран, нефункционален, лошо поставен (со дефинитивно утната мешавина на стручност, компетентност и професионалност) … а тогаш истиот тендира да ја урне и целата градба што почива врз него. Или – не ни е гајле за тоа? Битно е да функционира економијата? Можеби така треба во современите општества, ама функционирала „економијата“, се разбира на некое ниско ниво, на пример на проста размена, и во првобитните општества, ама и тие (пра)луѓе имале потреба од т.н. надградба – онаа во пештерите Алтамира и Ласко, на пример. Или нам тоа не ни треба? Како кому, се разбира, но таа индолентност и игноранција ја убива оваа држава. А тие се највидливи токму на проблемите во културата кои се „решаваат“ – ако се решаваат – на рамништето на некои анахрони системи и тотални идиоти на клучни места! На пример како она шизоидно „Скопје 2014“ кое испадна најважен државен културен „проект“, а ни го смести токму државниот орган надлежен за работите во културата! А тој „орган“ беше следен од цел еден узурпиран од малоумници „систем“ кој не’ почести со сите негови „енциклопедиски“ кич изуми!

Оттука, првата причина за нашиве состојби во културата е континуираното неразбирање на нејзиното значење, па следствено и несоодветното разрешување на напластените проблеми со кои што таа со децении се соочува, на државно рамниште, се разбира, а потоа и надолу. Таканаречен landslide. Зашто и таа, културата, има свои закономерности што мора да се почитуваат, има и „лоши“ страни што мора да се одбегнуваат, има тенденции што мора да се канализираат, текови што мора да се следат. Инаку, настанува хаос, а таа состојба ја следи оваа „држава“ веќе одамна. Токму неразбирањето на функционирањето на културата односно нејзиното место во системот – зашто, впрочем, за тоа станува збор, а не за инспирацијата на едикојси, ја имал или ја немал – при што секој потрес дури и од најмал интензитет ги пореметува сложените односи градени со децении. А ние тоа го правиме во континуитет! Нема голема разлика помеѓу културата, образованието, науката … зашто ако во образованието имате лоши учители, такви ќе ви бидат и учениците, ако имате полуписмени научници ќе ви се смее научниот свет, итн. И сето тоа е пропорционално поврзано и со културата, каде имате – и тука нема „ако“ – тотално нестручен и некомпетентен „кадар“ и затоа имате и таква „култура“ каква што имате! Односно – ја немате. Или, подобро речено (а бидејќи од самиот старт почнав со цитати), како што тврди Ордановски, „дека Македонија не е држава, туку дека се работи за одредена состојба на умот“, така, преведено, ние само си играме култура односно таа, културата, е само некаква магличеста состојба на умот во главите на малкумина кои воопшто и размислуваат за неа, а за мнозинството таа е само уште еден извор, или уште една „државна цицка“ (повторно Ордановски) радодајка која умее да биде издашна на подолг временски период. Само ако ја погодите партијата-фаворит, иако некогаш и тоа не е пресуден услов. Некогаш е сосема доволно да најдете „влез“ кај премиерот, особено оној претходнион, пештанскиот, кој уживаше да се слика со македонски (малограѓански) „ѕвезди“, па и да шета по „сетови“ со нив, или да им дели награди – всушност ситни пари, колку за кафе – на меѓународни ѕвезди кои (дали заради ситнежот?) потоа истите ама баш никако не ги вклучуваа во нивните биографии, па да седи со „биографи“ и „академици-библиотекари“ и да им дава списоци на „дела“ што треба апсолутно да бидат преведени во оваа „состојба на умот“, итн. Впрочем, тој (пештански, или пештерски?) премиер за кратко време научи се’, од историја до музеологија, од уметност до архитектура, се’ во духот на македонските „состојби на (пореметениот, м.з.) ум“.

Но, неразбирањето не е привилегија само на едни. Состојбите на умот кај нас се прилично трајни, особено кога имаат негативна конотација. Ама, ако ние и денес, после се’, како држава / систем не умееме да процениме – иако некој стручен веќе проценил – какви се’ штети трпи македонската културата заради пролонгирањето и, што е пострашно, повторувањето на историскиот културоцид на претходната власт, тогаш ние и не заслужуваме подобра „култура“. Ние и понатаму имаме „култура“ која состојбите божем ги разрешува единствено и исклучиво низ призмата на буџетската контрола, делбата на тој таканаречен културен колач на две-три илјади корисници избрани по селективен принцип. И тука почнува и завршува улогата на државата во културата, односно улогата на културата во системот: во дај-дам размената на капиталот! Културата не е трговија, таа не е пазар, уште помалку е бит-пазар (со должно извинување на трговците на вистинскиот Бит-пазар кои чесно си го заработуваат денарот!). Музеите не се партиска сопственост или маркети за „позајмица“ на артефакти, театрите не се социјала, библиотеките не се мемливи складови на ненаучени нешта, филмот не може да биде партиска прчија за разгалени приглупи дечишта / девојчишта, галериите никако не можат да бидат простори за лични идиотски изживувања – за тоа културните земји измислиле други простори, со друго име. Културните институции се „организми“ со сложени структури, со иманентни / неопходни знаења и познавања, со наследство не за денес туку за утре – за идните генерации, со стручни механизми кои или ги знаете или правите глупости, како ние. И тука нема трето, нема тука „сопствен пат“, односно тој најчесто води во ендек. А тоа веќе го видовме, нели. Ни треба ли навистина уште една реприза?

П.С.

Апропо амнестијата и спомнатата „културна“ пуфла: ќе смеам ли дотичната и понатаму така да ја нарекувам или амнестијата подразбира и казнивост за вербални „деликти“ контра нивните заслужни „лик и дело“. Оваа не дека е некој лик, ама – делооооо!

БОЛНИ ВИСТИНИ

или

ДАЛИ КУЛТУРАТА Е ТЕМЕЛ НА ОПШТЕСТВОТО? (2)

И сега повторно треба да се повикам на Геровски, кој во најновиот текст вели: „Потребна е цврста дисциплина за да се помириме со болната вистина дека за вистински промени во општеството ќе бидат потребни многу години, но и со уште поболната мисла дека можеби такви промени никогаш и нема да се случат“ (sic!). Признавам, од вакви предвидувања по малку ме фаќа страв. Зашто се (можеби?) точни односно бидејќи очигледно се втемелени на искуство, познавање на средината и механизмите на функционирањето на власта, која и да е’, па дури и на капацитетите на поединци / партии за сериозни општествени промени. И затоа, едноставно, се обидувам да ги игнорирам, иако свесен дека тоа е најглупавиот избор. Ама, секогаш има едно ама тоест зошто и културата би ја ставале во истиот кош со сите други нешта во државава? Некој, а веројатно и Геровски (само претпоставувам) би рекол: а зошто пак би ја издвојувале културата како нешто специјално, специфично, сепаратно или дури надредено на целиот државен систем кој што покажува сериозни афункционални симптоми? И повторно би бил(е) во право, ама и јас можам тврдоглаво да останам на моето неприфаќање на таквите објаснувања. Зошто? Па затоа што, прво, македонската култура не падна од ведро небо во 1992 година како никогаш порано да не сме ја виделе, слушнале, почувствувале. Да, можеби би рекол некој, ама ни другите важни општествени области – економија, финансии, здравство, наука, образование и др. – не паднале од ведро или облачно небо во онаа не така далечна 1992 година, па следствено, повторно, зошто културата би била нешто специјално за оваа држава? Е тука ве чекам!

Затоа што, барем колку што паметам, оваа држава, дури и кога не била држава туку била само територија, а тоа е најдолгиот период во нејзината историја, немала своја економија, финансиска политика, здравство или образование, за наука и да не говориме, ама имала – култура! Поточно, не било тоа баш култура во современата смисла на овој поим, ама имала творци, уметници, и тоа сериозни, големоформатни, луѓе кои оставиле (локален и богами регионален) творечки печат, имајќи ја на ум пред се’ нивната етничка припадност во секоја смисла на зборот. Не велам дека немало и „здравство“, на пример, односно бербери кои ваделе заби или дури екими (или како ли веќе се викале во тоа време) кои вршеле и посложени „оперативни“ зафати, ама тешко дека историјата запаметила некој од нив, нели? Или некој економист, а? Ама, од друга страна, ако добро паметам, а паметам, и тоа одлично, од 1945 година наваму, па и по 1992 година, сите важни политичари во оваа држава се повикуваа токму на македонската култура како темел на македонскиот национален идентитет, што пак на таа култура и’ го гарантира и приматот на столб – или барем еден од столбовите – на денешново општество. Или грешам? Ако грешам, молам некој од надлежните да ми објасни каде грешам, и зошто? И дали не е точно дека токму македонската култура – разбрана во нејзината најширока смисла, дури и само како инцидентно уметничко творештво (ако едно Нерези, на пример, е инцидент!), па народното творештво (фолклорот), па градителското наследство итн. – е онаа тенка ама цврста нишка што ја спојува, обединува онаа (територија) Македонија со оваа држава, како и да (ќе) се вика?

Секако, воопшто немам намера од регистарот на најбитните општествени сегменти да ги исклучувам и образованието и науката, имајќи тука предвид цела една плејада македонски (разбрани територијално) личности и нивниот придонес за културата, образованието, науката … на овој народ, па дури и на еден Прличев – или особено тој! – кој по силата на нештата се нарекол бугарин. Или, ако баш сакате, ќе го поврзам со еден современ актуелен настан: ако авторот на ремек-делото наречено „Зграда на ЦК на СКМ“, како што велат злите јазици, го „продал“ авторското право на својот објект па истиот (објекта) легално станал ова што е денес, во што е разликата? Тоа ќе рече дека општиот интерес, јавниот интерес, јавните добра се нешто многу, многу повисоко од личните однесувања на единката!

Оттука, мислам дека би биле оправдани страхувањата на македонската култура ако предвидувањата од почетокот имаат реална основа односно ако и таа ги споделува „болните вистини“ од почетокот на овој текст. Зашто, едноставно, културата тоа не го заслужила и не го заслужува. Наспроти сите сцили и харибди низ кои што поминуваше, и поминува. Тие не можат и не треба да бидат оправдување за застојот во реформите или пак за нивното непотребно пролонгирање врз основа на некакви смешни и во суштина неиздржани оправдувања. А страхувањата, оние од почетокот, и во / за културата се многу, многу реални. Или, да се вратам на оние (очигледно) политикантски флоскули за важноста на културата кои на македонските политичари им паѓаат на ум само во ретки, кризни прилики: ако таа, културата, навистина е темел на секое општество, особено на ова и вакво македонско општество, а ќе биде уште поважна – да не речам пресудна – во / по идната македонска интеграција во Европската унија, тогаш во што е проблемот со односот на тоа исто општество кон културата? Зашто ние, признавале или не, имаме проблем со културата, и како општество и како поединци и како администрација. И тој проблем е длабок, сложен, повеќеслоен. Каква што впрочем е и културата. А почетокот на тој проблем по правило е во неговото неразбирање односно во неразбирањето на културата како целина, во преплетувањето на врските на културата со сите други општествени сегменти, потоа како формациски сегмент во државната администрација итн. За тоа – следниот пат.

СПОРЕДБИ

или

ДАЛИ КУЛТУРАТА Е ТЕМЕЛ НА ОПШТЕСТВОТО?

Во општото игнорирање на културата, во секој поглед, дури и во случаи кога ама баш никако не може да се заобиколи – како во случајот на „одбраната“ на идентитетот, зашто тој не се брани со ками и пиштоли, ама ни со празни фрази, што кај нас е вообичаена пракса – радува фактот што има ретки проблесоци некој, како во случајов г-дин Геровски неодамна, да ја спомне, па нека е и во контекстот на компарација на Македонија со Финска односно отворањето на новата библиотека во главниот град на таа земја, веднаш наспроти Парламентот. За жал, веќе тука, само на спомнување, завршуваат сите можни / посакувани споредби помеѓу нас и Финска. (А не дека ние навистина и имаме во што да се споредуваме, ама нејсе). Зошто? Затоа што ние, спроти Парламентот, дигнавме бронзена шума од кич и грозоморие – некој нагалено ја нарекува и меморијални споменици – меѓу кои „боде очи“ особено оној фашизоиден (и неписмен) „комплекс“ на кутрион Аџиевски, кој за стотина илјади евра самиот си ја урниса репутацијата од солиден скулптор во „Тинекс“ квазимодо. И со тоа се нареди во колоната на оние другине македонски (самонаречени) скулптори – повеќето страобални дилетанти – кои не само што се (до)избламираа себеси туку тоа го сторија и со целата македонска уметност и култура како такви. Но, тоа е друга тема, иако можеби и не е. Сеедно, Геровски неодамна ни посочи и редица аргументи во прилог на финскиот модел на образование, кое што, повторно, е дел од вкупната култура на тој народ, преку бројот на прочитаните книги по жител, преку образовниот систем итн., нешта кои што можат да се однесуваат, со други бројки, се разбира, и за голем број други европски држави. Освен Македонија, нормално, па и некои балкански соседи. Меѓу другото, велеше Геровски, Финска нема проблем со т.н. „одлив на мозоци“, а и зошто би имала, освен ако некој ептен не може да ја поднесе тамошната клима.

И понатаму, не мораме да се согласиме со иронично-саркастичните одговори на Геровски на едно од најболните прашања: „зошто ние не сме такви“? Иако и немаме многу што да му забележиме на фактот дека ни се такви „општествени капацитети“ односно дека „сме си се убедиле дека нашите ’капацитети’ се ниски“! Прашање е само кој кого, во минатото и денес, убедувал дека нашите капацитети се такви, дека ние не можеме / не знаеме подобро итн. А тоа, веќе е познато, највеќе го правеа токму оние со малите капацитети, сакајќи да ги нивелираат вредностите на нивното рамниште. А ние, ете, се согласувавме со нив. Тоа, впрочем, го правиме и денес. И затоа, на страна што воопшто и се бави, директно или индиректно, со културата,  овој текст е еден опд малкуте што упатува на центарот на проблемите што никој не се зафаќа да ги решава. А сепак сите се као загрижени за идентитетот, за културата, за традицијата / наследството … И тука, можеби, лежи одговорот за сето ова што со децении ни се случува! Но, негрижата односно неодговорноста за/кон националната култура, нејзината традиција, културното наследство, современото творештво … е веќе општо место. Секој разговор на таа тема завршува како комедија, или фарса. Кога ќе видите дел од актуелните директори на националните културни институции, сите работи ви се јасни. Кога ќе ги видите и директорите на училиштата, професорите на факултетите, ректорите, деканите … нештата стануваат уште појасни. А академиците? И не ни треба Финска за споредба. Не можеме да се споредиме ниту со себеси од пред триесетина години! Или, не одете подалеку, видете кои и какви „стручни кадри“ во името на државата – што ќе рече во државните органи надлежни за културата, образованието, науката – „се грижат“ за тие области!!!

Оттука, како да се убедиме себеси дека баш и не сме толку нискокапацитетни, толку (културно, творечки, научно) наспособни како што изгледа? Впрочем, зад нас стои сепак богата културна (и уметничка) историја, сериозни творци и културни и научни работници, чии што резултати и работа некаде попат се подзагубиле односно неоправдано паднале во заборав. Ги надвладеала една нова квазикултурна елита, едно чудо малограѓански некултурни орди кои до вчера крвнички жареа и палеа низ престолнинава ама и низ „провинциите“, се наметнаа калкуланти, кодоши и саможивници чии што интереси, во сојузништво со мегаломанските партократски апетити (и) во културата целосно го вандализираа македонското културно секојдневие. Ја претворија културата во простачко прво лице еднина или пак во општа монета за поткусурување, ги етаблираа своите лични или партиски полуписмени пулени и секоја „Финска“ затоа за нас останува само пуст сон.

А бидејќи токму Финска, благодарејќи на Геровски, стана шлагворт на овој и можеби неколку други текстови, еве неколку компаративни податоци: дали фактот што Финска има дваипол пати повеќе население ги прави и толку пати попаметни? Веројатно не. Па дури ни фактот дека нивниот GDP е речиси десет пати поголем од нашиот говори дека тие се секако поработливи од нас, и добро, можеби поумни во управувањето со ресурсите, со бизнисите и се’ друго што го крева тоа џидипи. Инаку, и тие повеќе од цечи четири века биле под туѓа доминација – тие шведска ние отоманска – што ќе рече дека ни историјата не им е којзнае колку посреќна. Но, секако, има НЕШТО, не само таму туку и во многу други европски држави, нешто што сите нив ги прави поспособни, поразумни, попаметни – ако баш сакате – поприспособливи, поприемчиви … за се’ што денес е неопходно за една современа демократска држава, а особено ги прави пообразовани и покултурни зашто, веројатно, ја знаат силата / моќта на образованието и културата и ползата од нив за целата држава. Ние – ние не знаеме ништо! Финска во нејзината Стратегија за културната политика вели дека таа е „сеопфатна и ориентирана кон иднината“, дека се темели на сознанието дека „значењето на културата ќе продолжи да расте“, дека „заради демографскиот и технолошкиот развој целите на традиционалната културна политика ќе мора да се свртат кон нови предизвици …“, итн. Финската стратегија говори за културни права, за значењето на креативноста и културата во општеството, за културната различност, за одржливоста на културниот развој … Да, говориме и ние, одвреме навреме, за истите теми, ама тие и го почитуваат она што го напишале. И делуваат во тие насоки, за разлика од нас! И понатаму, Финска има и Програма за политика во архитектурата, па Владина Резолуција за политика во дизајнот, па Национална стратегија за архитектонското наследство, па Стратегија за библиотеките итн. И после пак ќе се чудиме?

СИСТЕМ НА ВРЕДНОСТИ

или

РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА КИЧОТ (3)

Не верувам дека некој верува дека Скопје до 1945 година било некаков сериозен култивиран град. Напротив – било малку поголема паланка. Не беше којзнае каков култивиран град од европски тип дури ни после 1945 година. Ориенталниот „шмек“ веројатно бил пресилен и во тоа време. Ама не беше ни кич град, барем толку колку што паметам, а не паметам кратко. Беше провинција што забрзано се „модернизира“, балканизира и европеизира – што и да значеше тоа во тогашно време, ако некој воопшто и помислуваше на такво нешто. Да не беше земјотресот, којзнае какво ќе беше Скопје во втората половина на минатиот век. Па и денес, ако сакате. Обично велиме дека еден човек, Кензо Танге, ја смени историјата на градот и тоа е само делумно точно зашто да немаше една цела плејада архитекти, уметници, интелектуалци кои ја следеа идејата за модерно Скопје, од Кензо Танге не ќе останеше ништо. Не дека и после се’ беше идеално, напротив, не дека немаше и големи промашувања, ама имаше (барем) ИДЕЈА и следбеници на истата, дури и наспроти честите противења на официелната политика, што било/е’ наше секојдневие. Сетете се само, на пример, на полемиката на Протуѓер / Лазески контра Хаџивасилев за апстрактната уметност во педесетите години на минатиот век! Или на проблемите на Јордан и Искра Грабулоски со македонските политички официозуси во времето на изградбата на „Македониумот“ во Крушево. Впрочем, ни вчера, а ниту денес, кај нас таква култивирана и стручна полемика не се отвори / отвора за ниедно прашање во културата и/или уметноста, најмалку за „Скопје 2014“. До вчера немаше со кого! Имаше еден грст пробисвети-мегафони и неколкумина неписмени универзитетски „професори“ и остала багра кои здушно го бранеа скопскиот кич, и толку. А со такви платеници полемика не се води. Но, далеку сме ние и денес од такви полемики и од идеи / дела како групата „Денес“ или „Македониумот“. Или, на пример, да беа во тоа подалечно минато време надлежни за иднината на градот, и државата, бараби од типот на оние довчерашнине вмронски и будимпештански, на што ќе личеше градов?

Односно, кичот, до неодамна – а тоа „неодамна“, во историски рамки, би било некаде до почетокот на деведесетите на минатиот век, барем јас така мислам – не беше голем проблем во македонското општество, во културата, уметноста, образованието, науката … После тоа, се наметнува со галопирачка брзина, во сите форми, знајни и незнајни. Немам објаснение зошто, и како, или кој точно му ги отвори портите. Но, дефинитивно, по 1998 година и особено по 2006 година – а ако некој особено инстистира: во периодите на доминацијата на вмронските кич бандити!, со голем придонес и на поединци од спротивниот табор – зашеќерената обланда на ова општествено зло рапидно го освојуваше македонскиот простор. За да, конечно, со „Скопје 2014“ во Македонија биде извршена и дефинитивна државна урбанизација на кичот. Но, на неа, од 2006 година, и подоцна, и’ претходеше нешто уште пострашно: целосна институционализација на кичот во сите сегменти на македонската власт, од тогашната Влада, дипломатски кадар, директори па надолу! Зашто, без таа претходна постапка, не ќе можеше така промптно и целосно да се спроведува кич-потфатот во целата држава, на сите нивои. Секаде, и буквално секаде беа инсталирани кич персони задолжени за спроведување на овој „проект“, им беа дадени титули на „експерти“ со кои што требаше да се оправда односно стручно и научно поткова нивната кичообразна дејност. И бидна што бидна!

На пример, македонските медиуми, на 17 јануари 2013 година, а по повод пожарот во објектот на Телекомуникацискиот центар, популарно попознат како „Македонска пошта“ – уште еден архитектонски модернистички скопски (и македонски) бисер (автор Јанко Константинов) – пренесоа изјава на еден од оние наши кич-стручњаци дека фреските во овој објект, кои што беа целосно уништени, не биле ставени под заштита бидејќи „тоа се понови дела“ (sic!). Можете да замислите држава во која што ни 32 години не се доволни да се процени некаква вредност? Можете, сигурно, зашто живеете во неа! И впрочем, не случајно еден новинар (Ѕ. Георгиевски) тогаш напиша дека со пожарот во овој објект и уништувањето на овие дела на Лазески најдобро се гледа „ … дефинитивната поделба на македонското општество. И тоа, не по политичка или етничка линија, туку по линија на системот на вредности“! Се чини дека нема(ше) поголема вистина од таа која што, за жал, се’ уште е актуелна. Како впрочем и се’ поочигледната реставрација односно ревитализација на кич државата!!!

Денешниот систем на вредности, ако оваа наша ситуација воопшто може / смее така да се нарече без силни наводници, не е ниту за милиметар напреднат од оној во 2013 година, односно од оној воведен во 2006 година, па и претходно. И тоа не само заради минорни сегменти од типот на оној македонски музеј на хоророт или т.н. Порта Македонија која што, се’ уште кичерски г(о)рдо ни се смее в лице, или кој и да е друг „споменик“ од/низ центарот на Скопје, туку многу повеќе заради целата онаа (стара и нова) булумента кич луѓе со нивните кич умеења / политики кои цврсто чекорат низ нашево секојдневие, самоуверено ги држат институциите во нивни раце, ни се кезат од медиумите – сосе оние кич груевистички мегафони се’ уште вработени во нив, па сите оние кич манифестации, фестивали и фестивалчиња финансирани од централниот или од локалните буџет, итн. Затоа, не смее да се заборави дека не така далечниот слоган „нема правда, нема мир“ беше инклузивен и не се однесуваше само на правосудниот систем, туку токму (и) на системот на вредности во државава! А ова не е тоа.

КИЧ МЕНТАЛИТЕТ

или

РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА КИЧОТ (2)

Денес, во оваа Македонија, веќе не знаете која е покич ситуација: оној фамозен „напад“ на некоја од она македонскине „поп-диви“ (или нејзината асистентка) која нападнала таму некоја тв екипа (со што, нели, целосно се афирмира називот „дива“, кој што, впрочем, до сега и не ми беше јасен во наш локално-селски контекст!) или фактот дека, (велат) можеби оние други „диви“, оние хушкачине – певецон, глумецон, режисјорон … – ќе куртулат со најавуваната амнестија; катастрофата на сиротоно Курбиново со битолскине „експерти“ или продолжувањето, како ништо да не било, на работата на оној смешно-жалнион „Музеј на македонскиот хорор“ за кој што, нели, се изнапиша цел елаборат, па се бараше нова поставка, па времено затворање (а тој настојчиво си тера по старо, прима дури и училишни посети!); еднион црномантијаш кој ги тера младите во брак или другион кој го брани хушкачон во судница; антенине напрчени на покривот на инаку фасцинантно елегантниот објект на Архивот на Скопје или одвратната радијација што ја шири вечната „бела шампита“ (за жал викана се’ уште и Влада на РМ) … И на ваквите примери како да им нема крај. А како и би имало, во (се’ уште) кич-држава, нели?

Но, ако треба да гласам односно да избирам најкич „случка“ помеѓу спомнативе, што би избрал? Не знам, секој веројатно има свои „фаворити“, особено ако меѓу нив е и едно Курбиново, или ако станува збор за „обландата“ во која што останува заробено ремек-делото на Муличковски (оној кој си ги продаде авторските права, за да ние сега си чукаме глава што и како понатаму со неговото дело?!). Јас, заради практични причини, сепак би ги избрал грдине антени врз ремек-делото на Георги Константиновски. Велам – практични причини, зашто се лесно отстранливи, што ќе рече дека за решавањето на проблемот не се неопходни којзнае колкави напори. Ако се сака, се разбира. А зошто пак не би се сакало? Или токму тука би се ажурирал, по којзнае кој пат, македонскиот кич вкус? Можеби некому објектот повеќе му се допаѓа вака, сосе антените врз него? Или се’ е до – парите?

Како и да е, се одлучив за овој „фаворит“ бидејќи прв пат се обидов да побарам т.н. информација од јавен карактер од Државниот архив на Македонија. И – добив. Без ургенции, за кратко време. Велат, цитирам: „На објектот на Државниот архив на Република Македонија – Одделение
Скопје (Архив на град Скопје) од 2001 година – со Договор за закуп меѓу
Државниот архив и Мобимак, и се до денес во континуитет има поставено
базни станици (антени) од телекомуникацискиот оператор  Македонски
Телеком. Моментално на сила е Договор за закуп склучен во месец април 2009 меѓу Државниот архив на Република Македонија и Т-Мобиле Македонија со важност од 10 години. За времетрањето на договорот, односно до април 2019 година, не може да бидат отстранети базните станици, а по истекот на договорот во план ни е да бидат отстранети“. Одговорот, таков каков што е, крие неколку битни пододговори, битни за нашиот кич менталитет. На пример, дека тие т.н. „базни станици“ – кои што, мене, повеќе ми личат на рогови – стојат врз дотичниот објект веќе цели 17 години и никому не му пречат! Ги поставила онаа фирмана што не’ почести и со соработка со барабине одговорни за прислушувањето, а себеси се нарекува општествено одговорна. Зошто, на пример, нивните директори не пробаат секојдневно да шетаат со рогови на главата, за да почувствуваат како му е на објектот на Константиновски? Тие чуда врз „главата“ на Архивот на Скопје не им пречеле ни на сите директори на ДАРМ кои се менувале од 2001 наваму. Заради пари, веројатно, зашто „општествено одговорната“ фирма добро плаќа за поставувањето на таквите базни станици. Не им пречело ни на институциите за заштита на културното наследство, или тие, такви какви што ги дал господ, не го сметаат овој објект за македонско културно наследство? Веројатно, зашто ова ремек дело на македонската Модерна има „само“ педесетина години, а тие се далекугледи (или кусогледи?) и не признаваат ништо под стотка? Но, впрочем, таму, во тие институции, претежно работи полуписмен и главно слеп свет покрај кого помина и сето она што претходнине бараби ни го сервираа како наше „ново културно наследство“ во рамките на шизоидното „Скопје 2014“!

Она што сепак ме чуди е фактот дека оние од „општествено одговорнана“ фирма не се сетиле да постават т.н. базни станици и врз црквичката во Курбиново. Каква реклама би било тоа за нив: демек и познатиот „Ангел од Курбиново“  ги користи нивните услуги во неговата комуникација со дотичниот, горе! Или – да не им давам такви идеи, на нашиов кич менталитет толку му треба?

 

РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА КИЧОТ

Кичот, велат, има таква моќ, или „моќ“, како сакате, буквално да се вовлече под кожа, да преживува каде што ништо друго не може, да се регенерира и надградува и континуирано да придобива нови и нови следбеници. Ако нешто има моќ да трае – тоа дефинитивно е кичот! И не му пречи што Дорфлес го нарекувал „свет на лошиот вкус“, што Бенјамин вели дека „најпоследното, највисокото лице на тотемскиот јарбол, е она на кичот“, што дури и конзервативец како Скрутон (Роџер) вели дека „модерната уметност беше родена од желбата да се уништи кичот, но повторно и повторно таа е привлечена од неговата примамливост“. Кичот е очигледно неуништив, а ние сме жив пример за тоа. Мислам – не ние како народ (иако и тоа е прилично дискутабилно прашање) туку токму нашиот вкус, нашето однесување – вчера, денес и овде – на прагот на третата деценија на дваесетипрвиот век. И никому, изгледа, не му пречи што македонската, или, ако баш сакате, за инает на задртине провинцијалци, скопската Модерна од шеесетите години на минатиот век денес е предмет на проучување (и признание) на најважните културни институции во светот. Ама, затоа, повторно, скопскиот кич, денес и тука, не ферма никого, најмалку оние кои се претставуваат дека нешто знаат за уметноста, за архитектурата, за културата, кои (наводно) посветено се борат против неговата доминација и нашето – пардон скопското – наследство во таа „област“. Тој продолжува да царува во градов во сите сегменти. И тука не мислам само на наследената од времето на вмровските бараби кич-архитектура, кич јавна монументална „скулптура“ и се’ друго што може да се подведе под поимот современа уметност, поточно „уметност“, туку мислам и на начинот на живеење, на организацијата на просторот, и животот, на политиката, на културата, особено естрадата како божемен дел од таа култура итн. И никого, очигледно, за тоа глава не го боли. Дури, велат, (наводно) и сериозни, млади творци, меѓу нив и заколнати противници на кичот и некогашни „шарени“ борци, сега започнале да работат на планови за негово перманентно присуство на овие скопски простори. И измислуваат секакви небулозни причини за тоа, особено оние од типот дека за тие и такви (одвратни, кич) градби и споменици се дадени народни пари па не е добро истите да се рушат. Што ќе рече: зарем се’ што било платено со народни односно државни пари треба да биде сочувано? Ех, да ве чујат сега оние од времето на 1945 година. По таа логика, сега ќе требаше на Плоштадот, од двете страни на Камениот мост, се’ уште да ни стојат срцепарателните коњанички споменици – by the way на Антун Августинчиќ – на бившите СХС кралеви Петар и Александар зашто, конечно, и тие биле подигнати со пари од овој народ. Добро, нив ги урнале некои други, се разбира, ама оние претходнине, „нашине“, на нивно место, според истиот урнек, ги ставија Делчев и Груев. Паралелно со нив, ги поткренавме односно одново ги изградивме и окупациските, во секоја, а особено во културна смисла, институции од типот на некогашниот Народен театар и Офицерскиот дом!

А што е најинтересно, ништо од овој кич ни се поместува ниту се запира со изградбата. Наводно – морале да се платат големи пари на име отштети, пенали и слични „причини“. Како да јавноста бара тоа да биде направено од џебот на поединци од оваа власт. Не, напротив. Тоа ќе се направи токму од државниот буџет, колку и да чини. И за тоа оваа власт има дебело покритие, зашто еден голем дел од т.н. „Шарена револуција“ беше и борба против (се’ уште) актуелниот кич во македонското секојдневие – почнувајќи од кичот во политиката до кичот во културата! За „Скопје 2014“ и да не правиме муабет, тоа впрочем беше и една од иницијалните каписли на револтот. Затоа, плаќањето отштети, пенали, уривање на идиотштините на минатата власт требало, прво, да бидат планирани уште во ланскиот буџет. Ако не биле, требало да бидат планирани во овогодишниот буџет. Ако пак и тоа не се направило – нека се планира во утрешниот буџет. Никој нема да приговори, барем никој нормален, ако власта конечно се зафати со справувањето со овој циркус низ центарот на Скопје, и не само таму, дури и по цена да плаќа милионски пенали и штети на криминалци кои биле ујдисани со вмронскине бараби и точно знаеле што и како прават и дека сето тоа е незаконско, и кич. Тоа исто се случувало и со разноразните дупови и гупови кои што, наводно, сега не можат да се вратат во првобитната состојба. Ама пред неколку години барабине можеа со нив да прават што и како сакаа, нели?!

Ако јавноста, на пример, можеше да најде разбирање, па и трпение за т.н. „бела шампита“ која глуми седиште на Владата на РМ, такво разбирање не може да се најде за се’ друго што остана буквално исто. Дури и надградено и проширено! Иако пред извесно време некаде реков дека оваа власт – реформска и прогресивна – не требаше да влезе во оној гаден објект наречен седиште на Владата на РМ и дека ќе беше подобро да влезат и во некоја шупа, тоа беше само исказ на моментен и во основа нереален револт. И ајде, ете, за тоа може и да се најде разбирање, иако ќе беше добро Владата брзо да поработи и на решавањето на тој и таков просторен проблем зашто онаа „бела шампита“, кога-тогаш, ќе мора да се врати во првобитната состојба. Тоа не е долг кон авторот на објектот кој, за жал, си ги продаде – барем така велат, ако грешам нека извини – авторските права на барабине, под притисок или не, туку е долг на целата демократска јавност кон историјата на македонската архитектура и култура! Ако тоа се’ уште некому нешто му значи. Ама, велам, јавноста може и да најде разбирање за преживувањето на тој конкретен кич. Но, никако нема да најде разбирање за ревитализацијата на сите останати кич содржини што ги добивме во наследство од оние кич (не)луѓе, наследени од, очигледно, други кич (не)луѓе, почнувајќи од разноразни одвратни „музеи“ и музејчиња, спомен куќички и фасадички, „манифестации“ и фестивалчиња, кич директорчиња и политикантски протуви залегнати повторно во скутот на власта, оние грозоморни (во изградба, божем стопирана) монструмчиња во слава на се’ и сешто, оние страобално кичерајски непловни ресторан-чамци, па дури и трине навистина жални по сите основи врби ама кои што ја чинеа оваа култура цели 317.000 евра! Сиот тој кич, и многу повеќе, се’ уште е меѓу нас, разбашкарен, залегнат, комотен, речиси недопирлив, а неговите творци, наместо да бидат таму каде што им е местото, ни се смеат во лице. И со право!

ЗА НЕМИРОТ

Последниот голем творечки циклус на Петар Хаџи Бошков – еден од најистакнатите современи македонски ликовни уметници, ако не и токму најголемиот! – носеше назив „мир и немир“. Впрочем, и неговата впечатлива изложба во Лондон, пред платото на „Економист“, го носеше тоа име. И овој негов циклус ги „отсликуваше“, се разбира на јазикот на скулптурата, токму овие две спротивставени категории / принципи (не само) на човечката егзитенција. Како впрочем и јинот и јангот, црното и белото, денот и ноќта … Хаџи Бошков беше голем мајстор, можеби најголем, не само во скулптурата туку во уметноста воопшто. Знам дека неговиот творечки немир во еден дел беше „диктиран“ и од македонското (политичко) секојдневие. Впрочем, тоа е такво што ретко кој може да му се спротивстави, оттргне. Ни господари со животите, често и буквално! И тој тоа отворено го кажуваше. Но уметноста, особено онаа на спомнатиот маестро, е сепак фина работа, за разлика од политиката, оваа реалнава, секојдневнава.

Деновиве еден баш политички немир ни создава наш немир. Реален, можеби дури фрустрирачки, некои го читаат и како заканувачки. И тоа е уште една разлика помеѓу уметноста и секојдневието: уметничкиот говор никогаш (или ретко) е тенденциозно заканувачка. Предупредувачки – можеби, наслутувачки – исто така. Ама политичкиот – тој навистина може да биде реално заканувачки, иако најчесто обвиткан во помирливи слаткоречиви обланди. А сепак, малкумина отворено го коментираат – дали и разбираат? Дури и оние на кои тоа им е должност. Иако се однесува на сите нас, директно и индиректно.

Ордановски (Сашо) е еден од малкуте во оваа држава – ех, држава: како тоа гордо звучи! – што може да му „мрчи“ на Али. Не знам зошто, ама така е. Можеме, додуша, и другите, ама не јавно – подобро е (полесно е?) на кафеанска маса, меѓу проверени (со)учесници, и томе слично. Добро, додуша, не дека и Сашо нешто многу му мрсомуди, ама сепак. И тоа не знам дали е факт, или вистина, како што вели тој, ама така е. Зошто? Никој, верувам, го нема вистинскиот одговор. Или – го има, секој за себе, ама не го соопштува јавно. Ќе прочитате тук-таму по нешто на фејсбукон, што не е исто, и толку. Најмалку „мрчат“ повиканите за тоа. Дури и оние кои примаат плата за тоа. До вчера, слична ситуација беше и со Мијалков, постариот. Сега, сите му се нафрлиле, секој мудрува, обвинува и дели лекции, а човекот во притвор. Прво, не може да се брани – добро, некој рече дека и ние, во негово време, не можевме да се браниме, ама не сум сигурен дека тоа е баш така – и второ, којзнае дали човекот воопшто и може да ги чуе / прочита нивните „херојски“ зборови. Само до вчера сите тие, со мали исклучоци, молчеа „ко заливени“. А ова важи и за најголемите (самопрогласени) демократи во државава, голем дел од нив кои не само што шуруваа туку и соработуваа со таа власт а сега продаваат онакво за бубрези, а особено оние „салонски демократи“ кои, као, не се грижат премногу за реалноста на улицата туку само за теоријата и спроведувањето на демократијата. (А од тие – преку глава, ама нејсе.). Меѓу сите овие, иако не сум докрај сигурен во која се’ категорија би ги сместил, се и оние двајцана шапшали атентаторски „заговорници“, ама и едно чудо други кои сега, денес, ни „откриваат“ како ние до вчера сме живееле, што и како сме мислеле, што и како сме (не)правеле, итн.

И тоа не е добро за „држави“ од нашиот тип. А типот сите го знаеме. Што ќе рече, типот ни е уникатен, и деликатен. Некои велат и – терикатен. Како да зависи – типот, но и целата држава – само од неколкумина, поименично. Како сите ние (освен нив, се разбира) да сме некаков товар на оваа „држава“ што некој / некои мораат да го носат на нивните плеќи, да мислат за нас, дури и да не’ поднесуваат, а всушност подобро би било и да не’ нема зашто само создаваме проблеми. Не големи, додуша, ама сепак – проблеми. Замислете некое бирократче во ЕУ задолжено за оваа „држава“ да ги чита (во превод, се разбира) повеќето постови на оној фејсбук, па повеќето јавни блогови, па колумните … и врз основа на тоа да гради некакво мислење / заклучоци за состојбите во државава!? И сето тоа да го пренесува, на еден или на друг начин, на Хан, Могерини, оној божем главнион Јункер, а овие врз основа на тоа, зашто поарно не знаат, да градат некакви стратегии за земјава (намерно веќе не ја нарекувам држава, зашто не сум докрај сигурен во нејзиниот државно-правен статус!). Што ли, навистина, тие си мислат за нас? Ако воопшто мислат, нели? (Добро, оној Хан веќе јасно ни вели: простете се од пребеганана бараба, како да таа не е на ракофат до него туку на некој fucking Марс!?). Можеби, делумно, малку пораснавме во нивните очи за време на т.н. „Шарена револуција“ – се извинувам, ама и таа, дефинитивно, стана таканаречена! – но и тоа време е минато свршено, речиси заборавено. И со право! Ние, сите, со мали исклучоци, дефинитивно се бавиме со маргиналии, додека оние важнине неколкумина решаваат за нашите судбини. Низ немирите! А меѓу нив и оние шарлатанине кои секогаш се провлекуваат во таканаречениот втор ешалон, оние наводно задолжени за нашата добросостојба низ важните процеси на заштитата на човековата околина, здравствената заштита и слични будалаштини.

Затоа, нивниот „немир“, или мир, е толку многу битен за нас. И не само тој, мирот или немирот, туку и имунитетот на земјава – повторно не велам држава, колку да се знае, иако тука најмалку мислам на „„вината“ на  актуелнава власт – кој што секогаш, речиси по правило, секогаш е на долната граница. Пред колапс. Што би рекле – одвај преживува. А што е најчудно, никој за тоа не е премногу загрижен? Зошто, и како? Или нешто ни недостасува во приказните, во секојдневните „анализи“ и „синтези“, во катадневните кафеански муабети за тоа кој, што и како рекол, или мислел да рече, ама речиси никако не говориме за тоа кој и што (не) направил, или требал да направи. И што е тоа што ние не знаеме, а овие не ни кажуваат, сакајќи демек да не’ поштедат од нервози, што ли? И како да ние немаме наши лични немири кои што не не’ оставаат намира, не ни даваат сон дури и кога ни е неопходен, наши проблеми кои се еднакво важни, ако не и поважни од оние (наводно) „државните“ (кои што се, патем, така добро контролирани!), и кои што, собрани на куп, се многу побитни за животот и опстанокот на оваа земја. Или – не е така? Ние сите сме зависни од нешто кое што не го ни знаеме, уште помалку го гледаме, ама тоа „нешто“ одлучува за нашите судбини? Ама нема кој тоа да ни го каже? Е па за што ни е таа и таква држава ако ни тоа не ни го кажува? Или ние сме осудени да тераме така како што тераме, свесни или (повеќе) несвесни за однапред исцртаните координати за нашето (веќе) неподносливо тешко постоење?

Можеби: многу зборови, за ништо. Сеедно, но не е баш така. Зборот ми е: личните немири мора да бидат општи немири – ако сакаме да имаат општо значење. Само општите немири се вистински немири. Но, во случајов, дали токму личните немири ги отсликуваат и општите немири, па нека се тие и делумно лимитирани? Мирот и немирот, чии и да се, имаат ист корен, а ги дели само едно „не“. Големо, или мало, како за кого. Мирот многу лесно преминува во немир токму заради тоа „не“!