Monthly Archives: July 2020

РАЗВРСКИ

Дали до некои разврски во македонските провинциски (не)културни „политики“, како на пример во филмот – нарочно не велам во кинематографијата зашто навистина останува нејасно дали ние воопшто и знаеме што тоа значи – ќе дојде пред формирањето на новата власт или… ? Се разбира не, никако, зашто оваа т.н. техничка влада не смогна сили ни за позначајни работи, а камоли за тоа. А новата? Е тоа останува да се види, што пак можеби ќе биде стрелката што веднаш ќе ја покаже ориентацијата кон која страна на светот ќе се придвижи македонскиот културен компас. Извори блиски до власта велат дека тој компас покажува горе-долу слична ориентација како и досега, што е најблаго речено – лошо. Да не речам катастрофално. Изворите велат и дека ресорот култура повторно ќе припадне на коалицискиот партнер од помалата етничка заедница, што одново, како и во 2018 година, ја доведува во прашање не само предизборната програма на СДСМ во културата, туку и сите останати досегашни напори и званични стратешки документи, пред се’ реализацијата на Националната стратегија за култура. Оттука, за која и каква култура (ќе) можеме да говориме после овие избори? И ќе има ли воопшто за што да говориме?

Не знам дали во мигов – неколку дена пред навестеното составување на новата влада – е воопшто опортуно да се говори за некои идни политики во културата. Но беше, па и е’ опортуно да се говори за пропуштените прилики во овој период на „меѓувластие“ поречито, да не речам поагресивно, да се постави културата во фокусот. Зошто го велам ова? Затоа што, паралелно со „бунтот“ во филмскиот сектор, требаше да сведочиме на еднакво силни разврски и во другите сектори. Но изгледа дека некои постари (не мислам дефинитивно и повозрасни) „борци“ во културата се очигледно веќе изморени. Нема да ги именувам, нема зошто, веројатно треба(ше) некои други да го превземат знамето на отпорот, ама такви очигледно нема. Или – сите се задоволни и со ова што го имаат? Дури и невладиниот сектор? Не знам, не е мое да судам, уште помалку тоа го сакам, ама ова е неодржлива состојба. Не само во културата, не само на духот.

А сепак, остануваат „да висат“ редица круцијални проблеми коишто (речиси) никој не ги адресира. Не сака, не знае, не умее… ? Не знам, ама реалноста „не’ јаде“ во континуитет. Дури и во клучни национални/државни области, на пример во заштитата на културното наследство. Поточно: како тоа само пред избори се сеќаваме на Курбиново; а зошто не се сеќаваме на Аквадуктот, систематски уништуван особено последниве години; и зошто никој не прашува како тоа се’ уште ни ги поттураат како културно наследство „Порта Македонија“, Музејот на македонскиот хорор, Спомен домот на Мајка Тереза…; зошто Националната комисија за УНЕСКО глас не пушта за Струга, за пицеријата кај чинарот, за базенине во Охрид…; зошто сопреа информациите за бекатонизацијата на Старата чаршија; нели е и онаа монструозна градба кај „Мавровка“ дел од таа Стара чаршија (како што беше и објектот на „Менада“, сега претворен во не-знам-што)… ? Има ли оваа култура, оваа држава, институции од областа на заштитата или не, што прават тие луѓе таму, за што примаат плата… ?

Зошто никој во музејската дејност, па и во Македонскиот ИКОМ како дел од светската музејска асоцијација, не го поставува прашањето на постоењето – се’ уште – на она монструмче викано Спомен дом на Мајка Тереза; па оној ѓоамити Музеј на Тоше Проески во Крушево (а во тој контест: уште ли семејството инкасира по 2.000 евра месечно за позајмица на „експонатите“?); и зошто се’ уште онака кочоперно стои Музејот на македонскиот хорор сосе страотната „поставка“ во него? И конечно, го прочитал ли некој во државава Елаборатот за состојбите во музејската дејност што од 2018 годеина стои сокриен некаде во службите на Министерството за (не)култура и има ли намера нешто да направи по тие прашања?

Или, ако со години во македонската култура е констатиран сериозен дефект во таканаречената издавачка дејност, има ли некој намера да се справи со проблемите во овој сектор? Или и тоа е уште едно камче во мозаикот на пазарењето на партиите околу „политиките“ во културата? Токму на дел од сериозните македонски издавачи мислев кога напишав дека старите борци се веќе изморени зашто тие биеа битка со „издавачките ветерници“ повеќе од две децении, главно без резултат. И укажуваа на проблемите: дека иако една од најнеписмените држави во овој дел од светот ние имаме највеќе издавачки „куќи“; дека некои издавачи блиски до партиите имаат по пет-шест фирми со коишто се јавуваат на конкурсите и за сите добиваат средства, што во принцип се вика криминал и нелојална конкуренција; дека издаваштвото кај нас стана буквална монета за поткусурување и пазар помеѓу албанските и македонските партии на власт… !

Или, зошто никој не прашува зошто се’ уште е затворена за јавноста Националната и универзитетска библиотека? Зошто таму нема никој туку ве пречекува некаков полуписмен „чувар“ кој не умее ни името да си го каже а камоли да ви даде соодветна информација? И зошто воопшто библиотеките претставуваат толкав проблем во државава, а не и кафеаните, на пример? Или, ќе проговори ли, конечно, некој за поразителната кадровска политика во културата? Слушаат ли, читаат ли надлежните како се однесува со јавноста едно „Охридско лето“, на пример? Им го слушаат ли речникот, начинот на комуникација… ? „Охридско лето“ бил единствен бисер којшто нешто работел во културата? Види богати, каква ароганција и елементарна неписменост!

За жал, се чини дека сме многу далеку од разврските, барем оние посакуваните. Или вакви „упатства“ се преуранети, треба прво да причекаме да видиме кој ќе седне во културната фотелја? Како и обично, тогаш ќе биде – предоцна!

СЕКОЕ ЛЕТЕНЦЕ – ДЕТЕНЦЕ!

Наместо по оние (небулозни) приказни за нашите културни „успеси“ – особено во филмот – изгледа дека македонската култура (повторно особено во филмот) ќе стане позната само по скандалите, по прозивките, по кривичните пријави, по криминалите (знајни и се’ уште незнајни!)… Не дека не сме имале и такви времиња. Ги имавме премногу, особено во времето на пуфлата и криминалецон од Будимпешта и нивната камарила, во којашто културните бандити завземаа челни места. Ама, нели требаше да биде – поинаку? Нели за тоа беше борбата? Или сиот џумбус сепак беше само за преместувањето на чекмеџето и за овој убиствен молк на власт – па нека е и техничка – молк којшто всушност го говори истото како и оние претходните: секое чудо за три дена!?

А сепак, изгледа дека токму нашите саморасприкажани „најголеми успеси“ во културата, оние во филмот, ќе бидат првите што ќе го размотуваат културното криминално клопче? Не сум сигурен, не би рекол, ова се само, што би рекле, хаотични престрелки, куршум ваму петарда таму, сите се сепак безбедни во своите ровови и стрелаат речиси „на слепо“. Или не? Ајде да видиме.

Но, филмот во нашава фантастична приказна е безмалу парадигма на состојбите во културата. Иако во многу поголеми, да не речам побогати, размери. Таму се’ се случува како и во другите сегменти, игранките се исти или слични само со поголеми пари и поголеми екипи, често и на „странски терен“, што значително ги зголемува влоговите коишто и онака се – огромни. Да, успеаја да не’ убедат дека филмот е скапа играчка, ама не ни објаснија зошто истата треба секому да му ја даваме в раце односно со неа да си игра кој како ќе стигне. И тоа со државни пари! Кога некој би излегол со пресметка колкав филмски буџет им бил даден на располагање на коекакви дилетанти од 1992 година до денес, многумина ќе ги заболи главата. Затоа, веројатно, кај нас и не се прават такви пресметки. А едновремено, кога некој би направил сметка колку од дадените пари се вратени во државата/буџетот – зашто, нели, грото од нашите филмови беа ремек дела, огромни успеси! – дури тогаш се’ ќе не боли. А тие весели математики би покажале и дека нашите навистина најголеми успеси биле постигнати со минимална, речиси никаква помош од државата – случајот со „Медена земја“, на пример – додека државните „фактори“ си водат некакви нивни шарлатански „политики“ селектирајќи ги авторите дури и според образованието (случајот со Ханис Багашов) итн. Се разбира, не би било коректно сите македонски филмаџии да ги сместиме во еден криминално-коруптивен кош, особено не оние од помладата генерација, но она што деновиве го говорат некои дека „(…) преовладуваат претприемачки, должничко-доверителски, трговски (гласините велат дури и коруптивни) односи во македонската кинематографија (…)“[1] е само врв на ледениот брег! Зашто, како поинаку да го објасните системот „секое летенце – детенце“, каде во македонскиот филм секоја година едни исти добиваат огромни пари, дури и со незавршени минати проекти, а да не говориме со минати катастрофално оценети филмови? Кој, и со кое право, па и „знаење“, а божем во име на државата така широкоградо секоја божја година дели пари на едни исти „творци“, без стручна, критичка евалуација на претходните нивни проекти, па дури и наспроти лошите критики што нивните „постигнувања“ ги добивале?

Но, кај нас, и не само во филмот, уште поголем проблем е што не знаете кој не добил пари за проект. И зошто? Иако со години говориме дека државните институции се должни да објават список и на тие што конкурирале но биле одбиени, со образложение, тоа никој не го прави. За одбиените ќе разберете само ако некој јавно се побуни ако смета дека е оштетен! Оттука, на јавноста не само што намерно и’ се ускратува целосна информација за кандидатите на конкурсите, туку сега ни продаваат магла и за комисиите што решаваат за проектите на конкурсите! Испадна дека се’ во оваа држава е тајна, строго доверливо, „top secret“… небаре станува збор за интергалактички контакти со непознати цивилизации! А всушност сето тоа е шупливо, празно како и нивните глави, односно однапред познато, да не речам наместено. Си играат шарлатани со државни пари како да се џамлии а не милиони евра.

И власта упорно молчи, ги штити своите пулени како божем остатокот од Македонијава да и’ е крвен непријател. Во случајов успешно го одмолчува и еден Лордан Зафрановиќ – исто така одбиен од „стручњаците“ во Агенцијата – режисер чие име на светскиот филмски пазар вреди барем како сиве наши национални „ведети“ заедно. И формално, и фактички. И умеат ли воопшто оние аматери од Агенцијата да направат проценка што ќе значеше за оваа каллива кинематографија името на еден таков реномиран режисер? Или се’ уште важи логиката: зошто и’ е на Македонија еден Зафрановиќ, кога си ги има своите провинциски „ѕвездички“ да и’ сјаат на македонското небо? Ама македонското (не само) филмско небо е одамна темно, црно, златниот сјај на еврата свети само над главите на оние малкумина повластени шпекуланти и не допира пошироко. Не само македонската кинематографија туку и целата култура ја вративме во праматарските раце на партиските пулени и нивните битпазарски накупци и прекупци кои се грижат само и единствено за своите лични и (евентуално) групашки интереси. И тоа ние пред светот, а особено пред Европската унија сакаме да го претставиме како културна политика, како систем во културата, како локален модел. Тоа можеби е’ „систем“, ама никако не е културна политика, освен онаа веќе спомната: секое летенце – детенце!

П.С.

И не може човек да не праша: не сметаше ли за потребно министерот за (не)култура да реагира и по овој повод, а не само да му држи страна на оној „националнион“? Или требаше прво да му нацртаат кој е Лордан Зафрановиќ?

[1] Антонио Митриќески, режисер: Неприфатлива е „приватизацијата“ на Агенцијата за филм, Република online, 23.07.2020  

АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА МАКЕДОНИЈА

Некој мора да ја прекине оваа приказна викана Алиса во земјата Македонија. Додуша, она девојче во оригиналната приказна добро се снаоѓаше во „новиот свет“, како што некои би кажале дека и ние добро се снаоѓаме овде. Некои навистина мислат дека и ние добро се снаоѓаме во оваа наша реалност иако раскажуваме/сонуваме за некоја друга, сигурно поубава, посреќна, подобра – зашто кој глупак би сонувал за полоша реалност? – а згора во таа приказна ги убедуваме и другите, особено странците, дека ова што го гледаат околу себе е прекрасно како и она во приказната за Алиса во земјата на чудата! И неспорно е дека некои одлично се снаоѓаат. Или, што би рекле – како кој, а тоа „како кој“ не е равенство за систем, за држава, туку за хаос, за башибозук, за тортура на малцинство врз мнозинство! На културата мислам, се разбира. Но и не само на неа!

Ако очекуваме дека некој друг ќе не ја посочи грдата реалност во македонската култура – па и во македонското општество, ако баш сакате – ако мислиме дека главните актери на (не)културната сцена ќе ги симнат розовите очила, или дека тоа ќе бидат неколкуте „елитни“ партии коишто културата ја посматраат само како камче во чевелот, како елементарна непогода или ресор за пазарење, тогаш се’ уште сме недораснати за радикални резови. Ако мислиме дека оние „наши“ национални „величини“, оние за кои државата секој месец лагодно издвојува по 1.000 евра од наш џеб, ќе бидат тие кои први ќе го кренат гласот во полза на отворениот говор за реалните состојби во културата и неопходноста од системски менувања, многу се лажеме. Па тие да беа такви, не ќе станеа тоа што се’ – партиски клиенти со доживотни тапии во џебот! Го видовте она режисјорче-абонентче, премачкано со сите масти и партиски бои, како веднаш го крева гласот, и не само гласот туку и кривичните пријави само ако намириса дека една година нема да си го добие ветениот дел од буџетот за култура? А мислите дека другите се подобри? Ај пробајте една година, само една година прескокнете ги во распределбата на културниот колач оние стотина арамолебци чијшто „културен производ“ е мувлосан веќе од стартот, ама нашава црна културна реалност постојано ни ги претставува како наши големци. Големци, во што? Во праматарството, во политикантството, во лагата… ? А сепак, видете ги најновите резултати за филмските пари од фамозната ни Агенција за филм: сите повторно јаваат, кој со половина милион евра, кој со малку помалку… И кому му требаа оние циркуси?

Ако македонската култура не смогне сили во периодот што доаѓа конечно да отвори дијалог за реалноста во којашто тавори, ако не започне да бара излезни решенија од лавиринтот во којшто ја затворија, ако барем десетина сериозни творци, теоретичари, критичари… не излезат јавно со аналитичко-критички оценки за состојбите во сите области, тогаш континуитетот на црната реалност е повеќе од гарантиран. Ако во три години македонската држава не спровела ни 10% од културните реформите што ги зацртала во званичните стратешки документи, тогаш за каква реалност ќе говориме и во наредниот период? И како тоа одеднаш, преку ноќ и баш пред избори започнаа рушењата на дивоградбите во Охрид, и како тоа три дена пред избори се најдоа пари и започнаа „работи“ на Курбиново, и како ова и како она… и кој воопшто му дозволи на министерот за (не)култура да се плетка во работи што не ги разбира а да ги игнорира работите што му се должност? И дали кога екс-премиерот и иден мандатар, кога предизборно јавно бараше поддршка и велеше дека „Го барам вашиот глас за уште еден мандат. За да ги продолжам добрите политики. За да продолжиме напред уште побрзо и да не ја испуштиме шансата што заедно ја создадовме за оваа наша убава земја и за нашиот народ“, дали мислеше и на – културата? И со што се обврза, за културата? Зашто оваа „наша убава земја“ станала таква благодарејќи (и) на културата, иако малкумина тоа го знаат и признаваат. И впрочем, сите што доаѓаат во таа „наша убава земја“ доаѓаат првенствено заради нејзините природни убавини и културно наследство, заради културните манифестации, а не да ја гледаат самонаречената бизнис-елита и нивните полни жиро сметки! Тоа што ние не научивме како културата – во најшироката смисла на зборот – да ја направиме доходовна буџетска гранка, тоа македонските досегашни власти треба да си ги прашаат нивните неспособни партиски пуленчиња кои ги ротираат низ раководните места во базичните културни институции. А бидејќи веќе го спомнав филмот како најдоходовен бизнис за неколкумина абоненти, има ли некој во државава да каже податок колку нивните филмови вратиле пари во државната каса? Има ли таков махер да излезе со тој податок и да остане – жив?! Ако европските културни институции, во нормални времиња, неделно остваруваат околу 600.000 евра, зарем македонските не би можеле да реализираат барем 60.000, што годишно би било околу 3 милиони евра? Би можеле, ама некој тоа треба да го сработи!

И, конечно, ако екс-премиерот и актуелен иден мандатар вели „Не молчете кога е ваш ред да зборувате“, зошто културата упорно молчи? Се плаши од онаа „шака јада“ квазиидеолошки војничиња? Или од абонентите и нивните кривични пријави? Зарем не и’ е доста во нејзино име да говорат оние партиски полуписмени шарлатани кои континуирано се китат со туѓи перја и ни раскажуваат небулозни приказни за нашите културни „успеси“ (особено во филмот!), зарем уште ќе ги гледа и толерира оние бит-пазарски дај-дам потфати на поединци во еснафите, зарем уште ќе се поклонува пред мамини и татини синови и ќерки кои без таа поддршка не умеат ни носот да си го избришат не пак да водат културни институции… ? Тоа ни Алиса не би трпела.

КУЛТУРАТА ПОСЛЕ ИЗБОРИТЕ

Се разбира дека знам дека изборите тукушто завршија, дека ни приговорите не се решени, уште помалку се започнати преговорите за составување влада, дека не се знае ни која партија ќе има шанса истата да ја промислува… такашто за некакви сегашни „нови реалности“ и (јавни) расправи за културата после изборите е – прерано. Иако не е, и секој посериозен политичар од европска провениенција би ви кажал дека сега е веќе доцна зашто кај нив, во таа Европа нештата се познати многу пред изборите, а после само се ефектуираат. Ние, во нашата ненормална реалност, работиме обратно. Прво пишуваме предизборни програми и во нив лупаме „ко Максим по дивизији“, никој не знае ни кој ги составувал тие програми, уште помалку која е личноста во министерско костумче која би застанала зад таа некаква предизборна програма, што би се случувало ако после изборите тој ресор го добие коалициски партнер итн.

Особено сега, при вакви изборни резултати, кој да мисли баш на културата, нели? Таа по правило е последното дупче на свирчето коешто се договара на крај, за да се утврди или зацврсти пазарот, се нуди како послеизборен десерт (зашто и во културата има доста пари!) и слични „финеси“. Речиси се’ упатува на толку пати репризираниот филм за културата што реалните нешта веќе стануваат тажни. Зашто, да се потсетиме: иако двете најголеми македонски партии беа посветиле доволно внимание во изборните програми (па дури и на не толку суштински различен начин!), културата остана вон фокусот на овие избори, не беше ни спомната во кампањата а камоли да биде предмет на некаква дебата! Оттука, секое сегашно – условно преурането – сугерирање на одделни битни зафати може да прозвучи како бурлеска, како цртан филм. Ама, зошто пак да не? Нека се смеат малку политичарите со културата – ионака ништо друго и не прават со неа – нека се чудат на дрскоста на културата да се (само)наметне како еднакво важна и релевантна тема во државава. Може ли сето тоа да се покаже продуктивно?

Којзнае, ама ако културата ова евентуално го разбере како предизвик (што е тешко за верување), ако одделни компетентни поединци (по примерот на Сунчица Уневска!) се осмелат стручно и објективно да посочат на вистинската реалност, на вистинските состојби во одделни сегменти и неопходноста за нивно надминување, ако институциите (без оглед на нивните партиски директори) започнат да размислуваат и со своја стручна глава, ако таканаречениот невладин сектор се подразбуди за кратко… Да, многу „ако“, но во македонската културата тоа е секогаш така, пред или по избори, за време на „владеење“ на една или друга партија. Македонската култура последниве триесет години живее во „ако“ и „ќе“ реалност!

Токму затоа и си дозволувам да отворам една ваква „ако“ и „ќе“ тема којашто партиските штабови очигледно не ја преферираат, свесни за товарот што партиите го (о)ставиле врз културата низ годиниве/деценииве. Дури, како што напишав во една прилика, СДСМ се осмели на овие избори да излезе без ниту едно име од културата на изборните листи, а „најпатриотската“ партија се дрзна до толку да ја понижи културата што за претставник во оваа област ни го сервираше никој друг туку – Игор Дурловски! Оттука, не знам колкумина од нас сериозно се надеваа дека (барем) овие избори ќе бидат форма на барање на соодветниот противотров на пирејот во македонската култура/демократија? Не знам, не сум сигурен, има (политички) поумни од мене, ама тие константно – молчат. Затоа ние и не знаеме што имаме и што не’ чека, што всушност избираме, за што (ќе) гласаме… ? Упорно сме глуви и слепи за најболните прашања (не само) во културата во државава, за теми што се или можат да бидат убиствени дури и за македонската повторно освоена демократија. И намерно ги подвлекувам зборовите повторно освоена зашто тоа е факт. Тоа е неспорен, непобитен факт, ама во праксата, некако прелесно, тешко освоеното така беневолентно се препушта на друг. Како што беше и во 2018та. Се разбира – говорам (не само) за културата, од таа година онака безгрижно препуштена на стихијата, на случајот, на „партнерите“ на кои таа им претставувше само билдање на партискиот и етничкиот рејтинг. И на жиро сметките! Па така денес, после повеќе од година, му го слушаме гласот на министерот за (не)култура како отворено навива за децениски клиенти во филмот, небаре ако тој абонент не добие државни пари – по којзнае кој пат по ред – се’ ќе отиде бестрага! Така ли си ја разбираат функцијата македонските министри (не само) за култура?

И оваа постизборна реалност за македонската култура ќе биде црна. Тоа се гледа малтене од авион. Иако и понатаму ќе се обидуваат да ни ја прикажуваат како розова, како славодобитна, како успешна приказна. И ќе се редат пред кабинетите сите оние кои себеси се сметаат за перјаници на таа „успешност“. Само што ништо од тоа нема да биде вистина! Дали е крајно време македонската некултурна реалност конечно да се именува со вистинските имиња? И кој тоа ќе го направи?

ВО ПОТРАГА ПО ИЗГУБЕНАТА РЕАЛНОСТ

Бидејќи почитуваниот Ордановски го внесе Пруст на македонската постизборна сцена преку неговата „мисловна бравура“ за убавите жени (https://libertas.mk/ako-e-bal-neka-e-maskenbal/), треба да се каже дека славниот писател имал три важни жени во животот: мадам Лаура де Шевиње, мадам Женевјев Штраус и контесата Грефуле. (Поклопувањето на бројот три со бројот на водечките партии во Македонија е сосема случаен!). И трите биле некако – грдички. Добро, знам, звучи сексистички, звучи секако… ама во контекстот на поимот убаво тие би биле некаде кон дното. И да, и тоа нема никакво значење, ама ни Пруст не бил некој лепотан. Па уште пишувал/трагал по – загубеното време!

Но, токму тоа би била одлична поента/релација на насловот на најпознатиот роман на Марсел Пруст и македонската актуелност – постизборна и секоја друга – каде ние упорно и бесполезно трагаме по нешто одамна загубено, по нешто што никако нема да ни се врати во блиска иднина. Трагаме ко Самоилови слепци по некоја иднина (ако не за нас тогаш за нашите деца/внуци), по некој морал (ако не за нас тогаш за нашите деца/внуци), по политички стандарди (ако не за нас тогаш за нашите деца/внуци), по државничко однесување (ако не за нас тогаш за нашите деца/внуци)… ама тоа се одамна заборавени нешта. Македонската реланост е сосема друга, контроверзно поинаква, запрепастувачки црно-бела. И застрашувачки – криминална. Но ние никако не сакаме да ја видиме таква, сакаме да си ја гледаме низ розови очила, како и Пруст што си ги гледал омилените жени. Во розовоста впрочем секојдневно и не’ убедуваат: партиите, медиумите, перата на аналитичарите. А зошто ни е потребно тоа и такво убедување ако таа наша реалност е токму таква, убаво розова? Зарем сме ние слепи да ја видиме па ни треба некој да ни ја опишува? Некој како Пруст? Или толку треба да ја напнеме фантазијата – повторно како писателот – па и грдото да ни се види убаво?! А сепак, се покажува дека политичарите, дури и нашиве, многу подобро од нас ја познаваат природата на човекот. Или некој им држи добри лекции. Но како и да е, тие секогаш се чекор пред нас.

Имено човекот, за разлика од животните на пример, практично живее во трислојна реалност: надворешните ентитети, личните чувства и – приказните. Така што, ние, свесни за физичкото опкружување (валкано и кичерајско до зла бога) и заглавени во личната реалност (потенцијални стравови, пусти желби, објективни незадовоства, често гнев… сега и оваа пандемија), доколку би останале само на оваа двослојна реалност, не би излегле од дома а камоли да одиме на гласање! Затоа некој одамна, уште од памтивека ја смислил третата „димензија“: раскажувањето приказни. Прво за богови, потоа за богатства, па за народи и нации, сега за премиери и влади и некоја потенцијална благосостојба што не’ чека таму зад аголот. Иако ние никако да стасаме до аголот за да видиме што навистина таму не’ чека! Но тоа и е’ убавината на приказните, барем за оние кои се’ уште веруваат во нив. А веруваме, кај нас, барем вчера, речиси околу еден милион луѓе. Или, поточно: 942.334 илјади. И тоа е сериозна бројка за една ваква држава од само 1,5 милион население. Сериозна, ама едновремено и тажна.

Зошто? Затоа што општество што верува во такви ефтини приказни не е општество ниту пак граѓаните се граѓани. Да, секако, во сите општества живеат такви приказни, ама кај нас истите живеат веќе три децении; во сите општества таквите приказни добиваат разрешница – ваква или онаква, ама кај нас тие само траат, бескрајно, а ние се’ уште веруваме во нив. Ние се’ уште веруваме во некоја и некаква друга реалност во којашто ќе не’ одведат партиите, оние на власт или оние во опозиција, ние едноставно одбиваме да ја согледаме онаа реалност на улиците и работните ни места туку веруваме во приказните за некоја друга, подобра, ама утрешна реалност каде на улиците нема да има ѓубре, каде секој ќе го работи тоа за што е најспособен, каде нема да има криминалци и пробисвети на директорски позиции, каде партиската клиентела нема да има пристап до државниот буџет, каде секој ќе одговара за стореното или нестореното… каде министерот за (не)култура нема да пишува онакви глупави писма… ! Зошто никој, на пример, денес не ја раскажува приказната за хакираната Државна изборна комисија покрај толку и толкави државни агенции за разузнавање, за контраразузнавање и за се’ и сешто; зошто никој не поднесува оставки како нова и актуелна приказна; зошто никој ништо не прави за контрола на пандемијата наместо коекакви типови да не’ прашуваат нас „а што значи тоа под контрола?“; кај нас никој не знае ништо, сите се вадат „а кој може да ви каже што ќе се случува“, иако во секоја земја има тимови за проценка и перспективни прогнози…

Некоја нова приказна? Да, ова заличува на некоја ново-стара приказна, преџвакувана и прераскажувана илјада пати, ама не е. Ова е приказна којашто некаде живее, со полни едра и секојдневно, ама не и кај нас. Кај нас само се прераскажува, од избори до избори, и после избори до формирање на влада. Потоа – се заборава, до некоја друга прилика, отприлика за четири години, ако не порано.

Оттука, ние мора да ја бараме и да ја вратиме изгубената реалност, онаа црна, никаква, типично балканска/провинциска, и како таква да ја прифатиме. Кога ќе ја прифатиме, отворено и безрезервно, ќе можеме да почнеме да бараме некоја друга, нова, поинаква. Не партиска, туку наша! Моментот кога ќе ја прифатиме онаа надворешна реалност ќе ни биде и моментот на отрезнување, ќе ни биде мигот на започнување на една нова и поинаква потрага. Отрезнувањето е’/ќе биде болно, ама еднаш (ќе) мора да дојде! Три децении фиктивни приказни без покритие се речиси една третина од денешната должина на човечкиот живот. Вреди ли навистина толкав период да се потроши на – приказни за некоја друга, идна реалност која нема да дојде?

 

ВИСТИНСКИОТ ПОБЕДНИК

На два дена пред гласање, смее ли човек да го каже својот фаворит, својот победник? Смее, се разбира, бидејќи тоа нема да биде прекршување на предизборниот молк. Зошто? Затоа што станува збор за немакедонски односно за странски политичар, за човек – да, вклучен во кампањата на една партија – повторно да, ама човек кому Македонија многу (ќе) му должи. А се вика Алексис Ципрас.

За многумина тој оди во тандем со нашиот Заев, секако, ама јас сепак попрво му аплаудирам/се заблагодарувам на Ципрас. И за тоа имам причини, тие никако не се лични/персонални, ама кога би го спомнал Заев тоа би звучело навивачки и прекршување на молкот, плус мислам дека ние сепак треба да им се заблагодаруваме на пријателите од соседството, па и од Европа и светот, на нивната отворена поддршка и симпатии. А во тој контекст особено на Алексис Ципрас кому му требала не мала смелост и одважност за еден онаков потег. Впрочем, тој и ги загуби изборите токму заради нас и Преспанскиот договор! Со тоа никако не мислам дека нашиве – Заев, Димитров и останатите – се помалку „вредните“. Никако. И ним им беше неопходно европско визионерство, речиси луда смелост, па и дрскост, пред „фалангите“ на заробениот македонски ум да се излезе со еден онаков договор! Историски во секој поглед, несебичен, насочен за некои нови генерации и нивната иднина. И неразбран, секако и се’ уште, неразбран од еден прилично голем дел од македонската популација задоена со себични, квази-историски и во основа националистички „вистини“ што ги тормозеле луѓево со векови. Деветнаестовековната идеја за некаква нивна историска Македонија се покажува контрадикторна и контрапродуктивна на совремието, на новите геополитички поместувања, на глобализираниот свет. За тоа можеме (делумно) да ги обвинуваме вековите на неслобода/ропство, на неможност за самоопределување и развој како посебен ентитет во рамките на овие простори, ама никако не смееме да им робуваме на лагите и флоскулите од времето на вемерото – историско или сегашно – на „идеите“ на секоја битанга која себеси се претставува(ла) како национален ослободител! Тоа, едноставно, е самоубиствено, нецивилизациски, некултурно… Кога кон сето ова ќе ги приклучите идиотизмите со коишто делови од (самонаречената) македонска интелектуална елита го хушкаат народот и победата му ја претставуваат како историски пораз само заради фактот што тие не можат да ги согледаат вистинските димензии на настаните или пак повеќе се грижат за џебот отколку за државата, тогаш нештата добиваат на значење!

Е токму затоа Алексис Ципрас, со неговото појавување во кампањата, е човекот победник на овие избори! Барем за мене, се разбира.

Тоа што го направија Ципрас и Заев – еве прв пат пишувам за тој историски настан, со причина – се граничи не само со невозможното, не само со некој надреализам за овие простори, туку и со онаа (за жал заборавена) ултимативна храброст на челните луѓе на ДАГ и на НОВ и ПОЈ на Македонија во некои минати времиња. За жал, повторно, тоа многу го чинеше Алексис Ципрас, го чинеше пораз на изборите и повторна (политичка) доминација на неколкуте докажано политички неспособни и во самата суштина кримогени семејства во Грција. Ципрас и ним им се замеша во „бизнисот“ викан политика. Не знаеме каква цена ќе плати Заев, прво на претстојниве избори – можеме само да се надеваме дека тука нема да има проблем – а потоа и во натамошната негова политичка кариера, ако реши да ја продолжи. Сакам да кажам: народот, гласачите не секогаш се докрај свесни за придобивките од актуелните политички процеси во државата. Не секој, во секој миг, може да ги согледа вистинските димензии на настаните, особено не во услови на вакви отворени националистички пропаганди какви што се водеа и во времето на изборите во соседна Грција и денес, во времето на овие избори кај нас. Поточно, тие трендови, благодарејќи на тотално политички неписмената опозиција, не само кај нас, нели, туку и тогаш кај јужниот сосед, а раководени пред се’ и исклучиво од себични лукративни причини, се обидоа и ќе се обидуват да ги блокираат сите интегративни процеси на Балканот. Така им одговара, се разбира, ним но не и на државите за коишто наводно се грижат! А сепак, никој не успеал низ личните лукративни мотиви да го сопре тркалото на историјата. Тоа меле не само ситнодушни џуџести типови од профилот на оној од Интегра, па оној Апасиев, Силјановска, Панов, Мицковски, Дурловски… туку и цели „партии“. Ги меле тесноградоста, себичноста, национализмот и шовинизмот, аисторичноста, лагата, неукоста… Ќе ги смеле, кога-тогаш, и оние фолклорни етнотипови како Ахмети, Тачи и компанија. Или, ако сакате: зошто Ахмети не го предложи за „нивен“ премиер токму Ципрас, туку едикојси Зибери? И баш таа и таква етнозалуденост на Балканост беше со историскиот булдожер изметена со Преспанскиот договор помеѓу Заев и Ципрас, а со идеја којашто поотворено ќе ја поздравуваме дури после две-три децении.

И затоа, за мене, ако е дозволено, Ципрас е вистинскиот победник на овие македонски избори. Но, не само заради неговата историска видовитост, туку и заради тоа што тој единствен се осмели во една македонска предизборна кампања да ја спомне и македонската култура низ цитати од Блаже Конески и Владимир Мартиновски! Тоа не го слушнавме од македонските партии, уште помалку од албанските. Ако грешам, поправете ме: ја спомна некој македонски политичар македонската култура? Макар и со збор, еден… ? Но, како што обично и се случува, разноразни македонски „стручњаци“ и тоа успеваат да го извитоперат. Но сепак, Алексис Ципрас останува една од најсветлите точки во овие македонски избори. За разлика од него, видовме/слушнавме обраќања и на некои други странски „политичари“ – навредливи во самата нивна појавност и суштина. Што пак мојот пример го прави дотолку поголем!

БРУКИ(М)

Ние никогаш нема да се оправиме. Ваквата патологија и политикантство, ваквото (не)културно подземје во ова кич опкружување, онаквите каубојски „избори“ во најстариот ни универзитет… се практично – непремостливи, неуништиви ѕидови за некоја сегашна или идна демократија. И веќе е очигледно дека ние всушност сме ја измислиле короната во културата, во образованието, во науката… во политиката… уште во 1990тите години. И од тогаш – таа коси како луда, ништи се’ пред себе, а секоја власт не само ошто не се бори против неа туку успешно ја потхранува. Инаку, како така и толку долго би опстојувала, нели? И како би се ширела до денешните димензии? А против таквата спрега тешко можете да се борите. Тоа е таа држава за којашто говореше Прибе, тоа е тој стеснет ум, никогаш созреан примитивен менталитет којшто македонската политика редовно го избира за партнер. Со него ужива, со него се гордее, со него прави дилови.

Па видете ги како се резилат за само „грст долари“, читајте како си ги вадат очите репрезентите на „врвот“ на македонската (не)култура. Кога делат – заедно се, кога нема што да се подели – ќе се потепаат, очи ќе си извадат. Каква филмска  брука  – на гоооолемо платно, синемаскоп! Кај нас нема дијалог/полемика за вредности, за квалитет, за стандарди (во образованието, во културата, во науката… во политиката), кај нас творците не се соочуваат со критиката којашто систематски самите ја гушат, ние сакаме дисперзирано образование коешто ќе лиферува тутурутки, неспособни испрдоци на полуспособни „професори“, кај нас се гласа за континуитет во заробениот (БР)УКИМ! Кога би имале избори филувани со пандемија на секои шест месеци, би ни се откриле сите „тајни“ – коишто де факто и не се баш некакви тајни зашто се муабетат во секоја скопска меана! – и уште подобро би ги запознавале нашите „заслужни“ уметници, режисери, продуценти, професори, ректори, декани… политичари и политичарки. И сето тоа во организација, продукција и режија на божем таинствени персони-куклари кои зад сцената влечат конци ама и дебели пари, кои диригираат со мизансценот во некултурата, во провинциското образование, во заробената наука… сите подредени на некакви теснопартиски или еснафско ситносопственички интереси коишто целосно ја деформираа вистинската слика во овие области исклучиво во своја лична полза и за одлични хонорари! И тоа као сега некој ни го открива низ (повторно) кафеански трачарии, као божем ние треба да се згрозиме зашто ништо од тоа не сме знаеле. А тие – божем помалку и од нас!

Не е којзнае какво откритие дека сите општества имаат таков „отпад“, имаат инцидентни ситуации во културата и образованието, ама цивилизираните, културните општества бргу се справуваат со инцидентите а некомпатибилните ги лишуваат од секаква државна поддршка. Ги маргинализираат! Зашто, ако сакате, тоа и е’ улога на државата, на власта: да обезбеди нормално функционирање на институциите, да се грижи за спроведувањето на законите, правото и правдата. Ние пак црните екстреми ги устоличуваме на водечки, раководни позиции, а инцидентите ги трансформираме во правило! Државата во сиот овој период – а тука не мислам само на пандемијата туку на целиот тригодишен период – стои настрана од некои исклучително важни процеси, се дистанцира од особено важни одлуки, не спроведува реформи во културата, образованието, науката, се „вози“ на испумпаните тркала на крајно сомнителни партиски приврзоци, на осведочено кримогени типови на високи позиции или со вештачки билдан рејтинг. Не знам зошто на некој во власта не му светне сијаличката дека токму во овој период губат едно чудо потенцијални гласачи? Дека некои имиња – особено од културата и образованието – само им штетат, им го развлекуваат црното петно што ги следи уште од 2017та година. Дека онаа брука во УКИМ не е завршена и оди директно на нејзино конто, дека тоа само покажа и колку токму тој УКИМ – како впрочем и МАНУ – е бастион на груевизмот и заробената држава но и дека некои високи официозуси од власта одиграа крајно непримерена улога во „случајот“, дека и оваа турска серија во културата е директен нејзин производ односно несакано дете од неколку неприродни бракови? Среќата, во случајов, е што на спротивната страна маршира уште понеспособна „опозициска“ војска на чело со тотално неуки и неспособни партиски офицери, но и со крајно сомнителни лузери во првите борбени редови. Но таквата среќа нема вечно да трае. А културата, образованието, науката не се на распродажба!

Безмалу цели три години, но и денес, баш пред избори, власта стои на тротоарот на случувањата како нем посматрач на игрите без граници, на расфрлањето на буџетските пари, и се чуди што да (на)прави. Пред носот и’ се закажуваат и откажуваат манифестации, секоја будала држи некому лекции, ни се поттураат третокласни „ѕвезди“ за големи пари и самопрогласени уметници за уште поголеми, нивните промотери денес се со нив утре против нив… Власта се прави дури и дека не ја гледа очебијната неспособност на институциите и веќе вкоренетата кримогеност којашто создала деструктивни лични и групни шеми и интересни групи. Веќе не сме само заробена држава и самозаробена култура, сега полека нештата се трансформираат во опскурен „луј вутон“ амбиент во сите пори на системот – особено во културата – секој секого рекетира и изнудува, дели и рапределува, има за сите криминалци во државава освен за оние поединци во културата, образованието, науката… кои сакаат често и одговорно да работат. Улогата на нем посматрач дефинитивно ја самоукинува државата, ја прави непотребна односно заменлива со маргинални примитивни структури. Што уште треба да се случи за власта да прогледа? Еве, и изборите се пред нас, а после – што?

ОБРАЗОТ ТЕШКО СЕ ИЗБЕЛУВА

Мислам дека нормалниот македонски граѓанин веќе не ги разбира политичарите. И не само од вчера односно од овие избори. Уште помалку ги разбира нивните обраќања, а најмалку нивните меѓусебни денунцирања и обвинувања. Зашто, што всушност сака да (ни) каже г-динот Али Ахмети кога вели дека „Овие изјави Заев ги дава на кафе кога ќе се напие и две чашки ракија бидејќи кога е со мене поинаку зборува“? Колку време е истиот тој Ахмети во тесна коалиција токму со тој Заев, како и зошто досега не излезе со такви изјави за да го клевети екс-премиерот и зошто воопшто седеше во влада со таков човек? Секој иоле нормален би рекол: благодарам, доволно беше. Ама сега, кога (заслужено) му ја покажуваат вратата, се појавуваат ракии, утре ќе биде и виски, нормално, па понекој бурбон или коњак, па покрупни „цврсти“ а не само течни нешта. Дел од нив ги слушаме низ новиве „бомби“, ама, повторно – зошто бре луѓе молчевте цели три години? Сега божем ќе ни ги отворате очите? Во тој поглед оној Мицковски е поконкретен: неговите обвинувања се континуирани, секоја чест, човекот е бескрајно здодевен но настојчив. Ама џабе кога сето тоа е јалово, импотентно, да не речам идиотско и во очигледна функција на криминалецон од Будимпешта. А впрочем, разбирам некој навистина чесен и проевропски лик да држи лекции, па и на Заев, ама хидроцентралистот, асистентот на тато? Мислам, извинете, каква е таа пародија, да не речам трагедија? Тој можеби и не може да ја види, ама тие околу него? И не е овде проблем само Заев, или уште некој од врвот на оваа влада, уште помалку пак тие имаат потреба од мојата „одбрана“, ама целта на политичките кампањи белки не е да го сатанизираш „противникот“ туку да ги оспориш неговите политички тези, идеи, проекти… ?!

И во тој и таков политикантски контекст морам уште еднаш да се навратам на „госпожата“ од претходниот текст – иако таа воопшто не е сама! – и нејзиниот обид да му држи лекции на градоначалникот Шилегов односно (дури) да му порачува „не можете да го избелите тоа што претходната власт го изградила“! Зашто ова е токму уште една парадигма на пропаднатиот македонски (квази)интелетуалец, плус универзитетски „професор“, на целата онаа збирштина којашто всушност ја крепеше низ светот веќе позната заробена држава, а којашто вакви личности како Силјановска-Давкова се обидуваат со сите сили да ја реинсталираат. Одново и одново зашто, очигледно, одреден тип луѓе можат да функционираат само во такви услови. Само тогаш ситните умови се „големи“, провинциските души се исполнети со лажен живот во „метропола на кичот“, нештата им функционираат онака какошто тие замислиле – како режим, како диктатура, како симбиоза на глупоста и простотилакот, на незнаењето и неумеењето, како октроиран систем на невредности во којшто тие се наоѓаат на самиот врв. Зашто, покрај се’, заробената држава е и состојба на моралната вертикала, како што и кичот е состојба на умот. Токму затоа впрочем оние единаесет години многумина така лесно ги поднесуваа, се чувствуваа комотно и „градски“, беа абонирани на милоста на „државата’ олицетворена во човечено, на сите државни почести и принадлежности, беа нарекувани експерти и стручњаци за области во коишто се всушност помали и од зрното афион… Па видете ја впрочем и онаа Грчева, до вчера член и пратеник токму од СДСМ, како што всушност и веќе посочената Сиљановска-Давкова беше министер (без ресор) во социјалдемократската влада на Б.Ц. (извинете, но се’ уште не знам дали е опортуно на човеков да му се спомне целото име, вака јавно; ги молам дежурните анал-итичари на време да објават кога тоа ќе биде можно!). Така заробената држава се хранеше со (такви) празни души но со полни џебови, билдаше „идеологии“ и „истории“ и градеше замоци ни на небо ни на земја.

Оттука, што е тоа што ние денес не би можеле да го избелиме, а што претходната власт го изградила? Не ја прашувам Сиљановска-Давкова – тоа не ми е на крај памет – ниту пак кој и да е’ од врвот на она злосторничко здружение коешто ја става на листа како носител, зашто таа/тие пак би почнале да ни ги набројуваат оние (за среќа веќе полураспаднати) грдотии од типот на „златниот театар“, музејот на македонскиот хорор итн. Но често се прашувам себеси, ама и другите. Морам да (се) прашувам бидејќи чувството не е баш пријатно кога некој така категорички ви вели дека вие се обидувате да си го „избелите образот“. Што всушност сака да ни/ми каже „госпожата“ Сиљановска-Давкова и нејзините сопартијци? Дека јас, ние сите, па и светот, за разлика од неа и припадниците на злосторничкото здружение, сме згрешиле, сме поддржувале погрешна опција, сме протестирале за ништо, не разбираме што е град, уметност, култура… држава? Сакаат да ни кажат дека оваа држава треба да се држи до „принципите“ на кражба, криминал, некултура, варварство, непочитување на вредности… ? Дека ние сите треба да се зачлениме во нивното кич-здружение и да градиме и пишуваме панегирици за малоумници од форматот на кримионалецон од Будимпешта што вака ни го суреди градот, и државата?

Но, Сиљановска-Давкова и нејзините сопартијци имаат (само) во едно право: овде навистина станува збор за избелувањето на образот! Ама ние, заедно со СДСМ, тоа најдобро ќе го направевме ако веќе во првата година – онаа 2017 – ја наредевме целата македонска градежна оператива со соодветни инструменти во рацете, а во последната битка со кичот! Тоа ќе беше единствениот вистински одговор на примитивците од овој тип!!! Сето друго е само продолжување на агонијата, но и надежите на оваа провинција контра македонската европеизација.

П.С.

Меѓутоа, се надевам дека ни СДСМ не мисли сериозно дека со оној циркузант од заменик министер ќе си го обели образот за Охрид?

ПОЛИТИКАНТСКА МИМИКРИЈА

Ако во ова предизборие за миг ја тргнете на страна културата како владин ресор, па ѕирнете што и како се случува на поширок „културен“ план и (ин)директно поврзано со партиите, кандидатите, нивните ставови и однесување во најшироката смисла на зборот, некултурата (повторно) ве удира директно в лице, со тупаница или со шамар, сеедно. И боли, тоа боли. Не дека и досега не сме имале „валкани“ и некултурни избори – имало и крвави, да не се повтори! – со ниски и непримерени потпојасни директи филувани со „бомбастични“ аудио материјали… ама наместо македонската (изборна) „демократија“ да зрее, таа упорно се држи до старите нецивилизрани навики. Од идиотски спотови до неартикулирани говори, од непристојност и невоспитаност до хистерични обраќања, од глупост до тотална необразованост… се’ се тоа дневни примери на „културата“ на идниот македонски застапник на народот во неговата највисока законодавна институција – Собранието на СРМ!

Крајната некултура и дури вулгарно извртување на тезите, апсолутно неочекувани од одреден профил кандидати токму заради нивниот „интелектуален“ бекграунд, просто фрапира со неискреноста и лажниот морал. Зашто како, на пример, со кои аргументи ја убедувате јавноста дека сте независен кандидат кога сте на чело на листата на една (во суштина злосторничка) политичка опција? А згора, речиси вчера сте биле и нејзин кандидат за претседател на државата? Која и каква е таа култура, политичка култура, политички/човечки морал како модел за пратеник? Како можете да се гледате себеси како независна, или како нешто целосно одделено од криминалната банда што седи/стои околу вас, чекори со вас низ сите спотови, седите со нив на оние опскурно „мистични“ брифинзи… Тоа, најблаго речено, е минхаузеновски синдром, фрлање песок в очи на гласачкото тело, потценување на неговата интелигенција, политикантска мимикрија којашто, се надевам, не може да ги прелаже гласачите во Изборната единица 1.

За злосторничково здружение кое глуми политичка партија е безмалу јасно зошто му требаат (и) такви кандидати. Ама, што нивните црнила, нивната некултура и манипулативност можат да му пружат на нормален (возрасен) човек како нивен кандидат? Што, освен – лукративна „понуда на животот“? Патриотизам, европеизација, демократски слободи, право и правда, култура, образование, наука… ? Па малку години ли ги гледавме на дело, што (повторно) повеќе говори за кандидатот отколку за „партијата“?! Следствено, низ обидот да се дистанцирате од таа и таква политичка опција којашто де факто ве кандидирала за носител на нивна листа заглавувате се’ повеќе и повеќе и луѓето/гласачите целосно (и со право) ве идентификуваат како припадник на таа опција, како кримоген елемент кој се дружи и ги поддржува на себе (политички) еднаквите. И, се разбира, тоа не може долго да се крие, заробениот ум секогаш излегува на површина по еден или друг повод.

Како типично културна тема – иако и со поширок опфат – е и обидот на оваа кандидатка на злосторничкото здружение за нејзино оградување дури и од она кичерско „Скопје 2014“. Таа, едноставно, као одбива да биде иднетификувана со нешто во што самата не учествувала. Иако, за воља на вистината, не се сеќаваме на некаков нејзин негативен коментар во однос на овој идиотски „проект“. Ама, вистинските мисли и чувства човек тешко ги сокрива, за што деновиве во јавноста се обзнани една особено илустративна нејзина ФБ „преписка“ со градоначалникот на Скопје Шилегов, а каде „госпожата“ славодобитно ги набројува „успесите“ токму на малоумното груевистичко „Скопје 2014“, и тоа: „Сега Петре имаме најсовремена и нова филхармонија и реновирана Македонска опера и балет (каде патем организиравте многу настани). Не се сеќавам дека ја прекоривте и министерката Шеќеринска за прославата во прекрасниот македонски народен театар. Таму се Петре и Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, Музејот на жртвите од холокаустот итн…

Би било добро да ги посетите некогаш, секако, ако тоа не значи дека ќе страда боемскиот живот. На плоштадот Филип Втори, Петре, можеш да слушнеш секакви гласови и детски џагор. Македонски, албански, турски, ромски … Се сеќаваме на годините кога беше страв и трепет ноќе некој да помине преку Камен мост.
Таму се и многу институции, меѓу кои и узурпираните Уставен суд, Јавно обвинителство, МНР и други“.[1]

И немам јас дилеми дека и едно чудо други самопрогласени интелектуалци се идентификуваат со овој кич, се сликаат пред него и им испраќаат фотографии на колеги во странство неразбирајќи ја сопствената простотија и глупост, немам дилеми дека многумина тоа сакаат дури да го сведат и на дискусија за „вкус“ за којшто, нели, не се расправа. Ама „Скопје 2014“ не е и не може да биде тоа, а „слободоумнава“ идна пратеничка се самооткрива како уште една во низата фалсификат интелектуалци, заробени умови, ситни провинциски ликови кои едноставно не можат да избегаат од себеси. Згора на се’, тоа „Скопје 2014“ со коешто се фали ама после не сака да ја поистоветуваат со него е најголемата криминална, историска, идентитетска, културна и уметничка измама во оваа држава во целата нејзина современа историја. И тоа осмислена и реализирана токму од нејзините политички ментори – злосторничкото здружение коешто стои зад сите нејзини кандидатури. Оттука, во Македонија и во вемерото ништо не е и не може да биде случајно! И нашиот проблем се токму таквите луѓе со заробени умови – а ги имаме премноги во сите политички табори – кои нивната простотија, нивниот подпросек го креваат на државно рамниште. Најчесто успешно, за жал.

[1] Силјановска Давкова: Петре, не можете да го избелите тоа што претходната власт го изградила, АКО, 4 јули 2020

ШТО БЕЉА ЛИ НЕ’ ЧЕКА?

Секоја сериозна, деморатска политика/партија на избори изегува со комплетен состав на клучните луѓе/места во власта, нудејќи му на гласачкото тело персонализиран избор, конкретен лик за одделен ресор „во замена“ за неговиот глас. Само таа и таква (предизборна) политика добива симпатии кај граѓанинот бидејќи му сугерира лице зад програмата, профил кој влева, или не, доверба во реализацијата на ветеното. Зошто кај нас тоа не се прави односно зошто толкава фама само за местото на првиот човек на владата, а не и за другите? Или, ако првите веќе ги знаеме, вклучувајќи го и оној опскурен политикантски обид за етничка манипулација на една албанска партија, зошто да не ги знаеме и другите? Или другите места се оставени за пазарење? Ако е така, а така барем беше, дури и во изминативе три години, зошто тогаш предизборни програми за сите надлежни сегменти кога евентуалните нови (коалициски) персонални решенија не значат и обврска за исполнување на предизборната програма во конкретната област? Катастрофичниот пример со културата во последниве две години е повеќе од индикативен и токму затоа и влева огромна доза на песимизам, барем кај гласачите на кои културата им е битна област во државава. Па и во животот, ако баш сакате. Ова е особено потенцирано од нејасната персонална слика што ја нудат двете најголеми македонски партии, а впрочем истото важи и за сите други.

Или, ако сакате, ако цениме според она тврдењено на хидроцентралистот (неодамна во Шуто Оризари) дека тој лично стои како гарант за реализацијата на партиската програма, значи ли тоа дека тој лично ќе биде и министер за култура? Иако, наспроти тоа, и кај овие е генерално нејасно кој би ја раководел таа потенцирана „обнова“ во културата, бидејќи до денес тие не експонираа лице кое поконкретно би можело да одговори на некои подетални прашања од „обновата“, како што впрочем тоа не го направи ниту владеачката СДСМ. А без тоа, да простите, и тие и ние си тераме бајрам со умот, што се вели. Зашто, кога планирате таква (обемна) предизборна програма – говорам за двете партии – мора на гласачот да му го понудите и лицето, ликот на оној кој истата ќе ја операционализира, реализира. Или нема да ја реализира, како што се случуваше до вчера! Кај злосторничконо здружение, можеби, (импровизирам), тоа би бил оној мрачно-конфузен тип кој прв ни го сервираа во „културната“ кампања, оној певецон, оној сериозно проблематичен лик (заради многу аспекти) кој не знае ни што и како застапува, ама знае дека застапува… нешто. И кому, како што многупати сме се увериле, не му е многу битно што застапува, се’ дури во тоа има личен интерес. Затоа, сериозно мислам дека во едно културно тотално неписмено злосторничко здружение многу подобра опција е да си ја киднапираат назад пуфлата која де факто е најверзирана во сите нивни шмеќерлаци и бизнис релации во „културата“, нејзините инсталации во Министерстовото за култура и во институциите се се’ уште на истите места – СДСМ се потруди одлично да ги заштити па дури и да игра и со нив! – такашто, за мене, таа е потенцијалниот кандидат бр. 1! Плус, таа е веќе блиска со СДСМ, така што евентуалната соработка не би им била проблем, нели?

Од друга страна, што нуди Социјалдемократскиот сојуз како некаков персонализиран шеф на македонската култура по изборите? Засега, и тие – ништо. Што е чудно, морам да кажам, бидејќи е апсолутно несвојствено владеачката партија да нема конкретен кандидат (не само) за такво место. Почитуваната Царовска, која, ете, од немајкаде, шета по културните институции и не’ уверува што и како оваа влада направила за културата, не може да им биде адут, барем не на ова поле. Или може? Не знам, но г-ѓата Царовска, со сиот респект, не е личност верзирана во културата. Тогаш – кој? Или повторно ќе го чуваат местото за пазарење, ќе го нудат „кому иде“, ако треба и на Амди Бајрам (без намера да навредам)? Зашто, извинете, „експериментов“ во последниве двеипол години – со БЕСА на Гаши – беше тотално промашување, антикултура, навреда за целата македонска култура. Е сега, јас имам неколку имиња како мој предлог – во нивните редови има богата клиентела самопрогласени уметници, „национални“ режисерчиња, полуписмени самопозиционирани министри за надворешни работи во културата, неколкумина анал-итичари… – ама не сакам да бидам до толку безобразен. Иако, ако подобро погледнете во она што се нуди, од СДСМ ни тоа не би ме зачудило. А впрочем, во една ваква констелација, (и да бидам докрај безобразен): зошто и тие не би си ја присвоиле пуфлата, која се покажа како солиден и сестран политикантски играч, плус – на нивна страна како мериторен глас во некогашното Собрание на оној офицерон? Згора на тоа, каков шамар би бил тоа за злосторничконо здружение! Па тие би побудалеле од бес, и омраза! Сериозно, зашто гледајте: се’ и онака се движи по криминалните патеки што ги зацрта парапетчено  од Будимпешта, па следствено – зошто не пуфлата?! Прво, жената си ги знае работите, ги запознала сите козји патеки низ „културата“, тресе страшни глупости ама кој пак од политичариве кај нас не го прави тоа, и второ, пак се’ ќе биде како што било, што е главен приоритет во македонската култура за сите власти. И трето, еве јас се обврзувам да престанам да ја викам така како што ја викам, зашто сепак (повторно) би била – министерка, нели.

Ако некој ова го разбрал како шега, еве го разуверувам. После се’ што проживеавме во културата во изминатата деценија, ни останува само смеата и шегата како најздрави методи на опстанок. Иако ништо не е смешно, ама – ќе биде. Сигурен сум. Инаку, зошто ниту една партија не објавува кој за што ќе се грижи во таа нивна идна влада? Мислите дека знаат? Појма немаат, па следствено и моите предлози се во игра барем за оваа позиција. А, од друга страна, со мојот предлог барем ќе знаете на што сте. Со нивните – не знаете што беља ве чека!