Monthly Archives: October 2019

МЕРЕЊЕ НА НЕУСПЕСИТЕ

Целта на секоја војна, па и на политичките, е да се предвиди утрешниот / идниот потег на непријателот. И добрите стратези и аналитичари тоа го умеат. Се разбира, за тоа е потребна добра проценка, точни информации за непријателските сили, за нивниот распоред, за начинот на нивното расудување во „воени“ услови … Не сум сигурен колку оваа власт во областа на културата ги поседува повеќето од овие неопходни нешта, вклучувајќи ги тука и информациите за „движењата“ на спротивниот табор. (Ако некој запне да ме убедува дека претерувам со овој воен вокабулар, само ќе се насмеам! И тоа ќе биде уште еден доказ за тоталната неподготвеност за овие и вакви ситуации. За жал! Впрочем, таа неподготвеност беше / е очигледна и во случајот со недобивањето на поканата за пристапни преговори. Не можам да разберам како една држава нема, не сака да има и план „Б“ за секоја ситуација, па и за онаа што се вика членство во ЕУ?). Зошто велам дека не сум сигурен во подготвеноста на оваа власт да се соочи со овој и ваков вид предизборна „војна“ од типот на Првата офанзива, и другите што (ќе) следат? Па, прво, затоа што, во културата, а јас изричито се држам до таа тема, да постоеше некаква стратегија, таа ќе ја видевме на дело во овие три години, нели? Односно – да, има една, ставена на хартија и се вика Национална стратегија за развој на културата во РМ во периодот 2018-2022 година, ама со хартиени стратегии не се добиваат војни! (Патем, тоа ни го говорат и во ЕУ веќе цела година: дека законите, стратегиите, програмите … мора да се преточат во пракса, инаку се бесцелни). Значи, во отсуство на практично спроведување на каква и да е’ стратегија во културата, особено онаа усвоена од највисокиот законодавен дом, власта е оставена на волјата на импровизациите на поединци и интересни групи – а нив ги имаме, дал Господ, и тоа најчесто полуписмени и (за жал) полуинтелегентни – кои и од пишаните документи прават спрдачина, а од праксата лична прчија. Оттука, во културата настанува хаос во којшто „се снаоѓа“ кој како ќе стигне, а ушиќаруваат по правило оние погоре спомнати поединци и групи. Никој не мисли за утре, односно и кога мислат тоа повторно е во рамките само на сопствениот џеб. Затоа, секој потег на спротивставената страна, колку и да е’ политикантски, аматерски, дури дилетантски, ќе биде изненадувачки и ќе ја постигнува целта. Како впрочем и со почетокот на Првата непријателска офанзива!

Среќата со спомнатата Прва офанзива, а се надевам и со другите до бројот седум што (ќе) следат, е во тоа што „непријателот“ е за многу копја полош од власта. Што ќе рече: тотално необразован, со анахрони погледи за културата, со очајно злосторничко минато, со самобендисани а неуки ешалони и со (се’ уште) алчни стомаци! Затоа, впрочем, оваа етапа од Првата офанзива, а врзана со маргинален „случај“ од областа на конематографијата, е само испукан ќорфишек од заседа што заличува на швајцарско сирење. Да има(ше) таму еден паметен човек, ќе одбереше многу побомбастична тема од многуте што стојат на располагање на секој барем малку запознат со ситуациите во македонскиот филм. На некои дури ќе немаше ни шанса за рационален одговор! Вака, овие „битки“ заличуваат на мерење на неуспесите! Се разбира, јас не сум тој што ќе ги упатува во тоа, уште помалку да шепнува што да прашаат, ама овој нивен дилетантизам односно лесна одбранливост на првата битка во рамките на Првата офанзива може и да ја залаже власта – а можеби тоа и е’ целта? – дека и другите битки и офанзиви ќе бидат такви. Којзнае, можеби знаат „стратезите“, во што се сомневам.

Но, има едно големо „НО“ во целата работа, а тоа е – впечатокот на јавноста. Во вакви рововски битки по одделни области, важен е и впечатокот на јавноста односно нејзината определба за едната или за другата страна. Со воен речник тоа би значело: кому населението ќе му даде поддршка? Или глас, како сакате. А тука двете страни стојат слабо. Или, да бидам искрен, зајакнуваат чаршиските муабети дека послабо стои токму оваа власт која што ги прекрши повеќето ветувања дадени токму за областа на културата. Ама, власта на своја страна сепак има и едно големо „ама“ – ја донесе слободата! Нели? Меѓутоа, нашиот народ бргу заборава? А сака и да казнува за неисполнети ветувања!

Е сега, вистинското прашање во овие и вакви услови би било: која ќе биде целта на евентуалната Втора офанзива? Тоа, се разбира, не е лесно предвидливо, особено не со онаков аматерски културен „штаб“ каков што командува со опозициските сили. Но сепак културата и актуелните состојби во неа нудат широка лепеза теми и дилеми – што и да одберете може да биде убиствена бомба за власта. Ако умеете да ракувате со неа, се разбира. Некои од тие бомби се безмалу нуклеарки, голем калибар, како што е културното наследство. И таквите офанзиви веројатно ќе бидат чувани за крај. Ама, повторно, кога ќе ги видите сите нивни „сили“, кога ќе им ги чуете јавните муабети за културата – меѓу кои некои шапшали го сметаат и колективниот договор како некаков аргумент во нивна полза, оној ист којшто тие не го донесоа цела деценија – тогаш некако ви лекнува, нели? Иако таквите олеснувања не ги добиваат војните!

ПРВА ОФАНЗИВА

Кога т.н. Комисија за култура на злосторничкото здружение коешто себеси сака да се нарекува политичка партија прашува „Каде се парите …?“, тогаш тоа може да значи само две работи: дека нештата со загадувањето во државава целосно излегле вон контрола па сите сме поблесавеле од опасниот вирус што се шири во воздухот и предизвикува амнезија, или пак, како втора опција, се ближат парламентарни избори А бидејќи за првото нема кој да ни даде информација зашто „надлежниот“ пушта мустаќи и нема време за друго, тогаш мора да е второто, што всушност веќе е и стара и потврдена вест! И токму затоа, изгледа, ете и овие што прашуваат се подразбудиле и почнале со првата офанзива, за да до изборите стасаат до бројот седум. Ако не се лажам толку фашистички (или ајде, ќе ги викам непријателски) офанзиви имаше контра Народноослободителното движење 1941-1945, или беа една-две помалу, што суштински ништо не менува? Но, како и во времето на германските окупациски сили, здушно потпомогнати со идеолошките братја од редовите на нашиот источен сосед – не смеам да ги именувам да не ме прозива нашана историска Комисија или можеби некој од официозусите од „страната“, како онаа министеркана – и во овие современи политикантски офанзиви сите средства се дозволени, вклучувајќи ги лагите и полувистините, местенките, амнезијата … итн. И тој арсенал само ќе се проширува и продлабочува, по интензитетот, методите и по количеството на употребеното оружје, по избраните цели и континуираните заседи покрај патиштата, во селата и градовите. Особено во „метрополата“, којашто тие се’ уште ја сметаат за своја. Со право? Можеби. Сите „инсигнии“ се’ уште гордо им се стојат во градов!

И бидејќи знам дека овие се слаби по историја после Александар Македонски, а впрочем слаби се и по сите други предмети, морам – а и за оние кои подзаборавиле – да потсетам дека Првата непријателска офанзива се поклопува со оваа нивнава по многу нешта. На пример, по месецот: онаа историската се одвиваше во ноември 1941, што ќе рече: се совпаѓа со сегашното будење на непријателот. Второ, Првата непријателска офанзива започнала контра Ужичката република како прва слободна зона на територијата на тогашна окупирана Југославија. Не ја гледате сличноста? Е па сетете се на Извештајот на Прибе за заробената држава, па за новата демократска (или ослободена Република, како сакате) власт воспоставена во 2017 година, итн. Сличностите се несомнени, само што овде говориме за културата, нели!

Како и да е’, офанзивите започнуваат кога непријателската сила смета дека противникот е потенцијално слаб, или знае, има реални сознанија / информации дека тој навистина е слаб. Кај нас игра и едното и другото, и не случајно оваа офанзива започнува во културата. Таа, културата, е токму двете нешта: и потенцијално и реално – слаба. Не дека не може да се брани но тие кои треба да ја бранат објективно не знаат, не умеат како, па можеби немаат ни доволно аргументи со коишто би ја / се одбраниле. И не случајно оваа Прва непријателска офанзива во културата започнува токму во филмот. Иако, впрочем, ќе беше исто да започнеше и во која и да е’ друга област, зашто состојбите никаде не се сјајни. И тоа е веќе апсолвирано прашање, иако најсмешното во оваа офанзива е што агресорот ги заборавил сите свои злосторства, да не речам ѕверства, во таа област па сега се нафрла врз актуелните состојби. Плус, да не заборавиме, во филмот, па и во македонскиот филм, се вртат релативно големи пари, а тоа непријателот одлично го знае зашто ги жнееше цела деценија, полнеше торби, товареше камиони … ама ете дојдоа и нивните пет минути да поставуваат прашања. Се разбира, зошто да не кога овие ним не им го поставија истото прашање!?

Е сега, иако мојот тон кон оваа нивна офанзива е прилично потсмешлив, а и не може да биде поинаков во дадената ситуација и од „историска“ перспектива, никој не може да им го одрече правото да поставуваат прашања. Иако, во суштина, морални и чесни луѓе, после онаков грабеж во македонскиот филм каков што се одвиваше во времето на онаа нивна злосторничка деценија, ќе ја подвиткаа опашката и ќе молчеа. Ама овие не се такви, немаат ни морал ни чест, уште помалку доблест барем, прво, да се извинеа за нивните злодела (особено) во филмот, па потоа да почнат со прашањата. Како и да е, повторно велам: непријателот дејствува секогаш кога сте пропуштиле целосно да го поразите, а особено кога ќе почувствува слабост кај спротивната страна. Еве, денес, во игра се неколку клучни фактори, и многу, безброј поситни на кои никој не им обрнува внимание. Но, би рекол, еден е најбитен:

На пример, некој во македонската култура, и особено во македонската кинематографија (ќе) мора да одговори зошто се пропуштија златни две години да се раскринкаат сите злосторства на непријателската армада во окупациските години 2006-2017? Не ми паѓа на памет да ги повторувам сите работи што и јас и многумина други ги пишувавме во тоа време за немилосрдното пљачкосување на филмските пари, за дивеењето на една мала партиска и симпатизерска силеџиска групација. Сето тоа се познати факти, а во надлежните институции (белки?) се’ уште стои и вкупниот доказен материјал. Е па, кога непријателот целосно сте го опколиле и поразиле, кога пред вас паѓале нивните знамиња, кога сите документи за нивните злосторства ви биле при рака а вие сте се однесувале како милосрдни сестри … тогаш е нормално дека контраударот, непријателската офанзива ќе ве погоди, кога-тогаш! Но повторно, ние се’ уште немаме квалификуван одговор што се случуваше со огромни количества државни пари во областа на филмот во периодот на стравовладата на малоумникон од Будимпешта и неговите пајташи во македонскиот филм, се’ уште не разбравме кој, колку и за што грабаше и зошто никој не е повикан да го врати ограбеното, не разбравме како се делеа и за што тие пари. Важно ние сега некои од истите пајташи благонаклоно ги шетаме по фестивалчиња! Но, и тоа е во ред ако ние, тогаш и сега, сме грешеле во проценките. Што ќе рече: ако сме биле „во криво“ односно ако неправедно сме ги обвинувале тие подземни македонски сили во филмот во тоа време, ред е ние да се извиниме, нели? Ама и тоа може да дојде само после сеопфатна анализа на (потенцијалните) злосторства!

Затоа, впрочем, и првиот удар доаѓа токму тука, во филмот. Знаат оние дека се изгледа заштитени, помилувани, дека оваа власт абер нема да ги гони, мислат дека и паметењето откажало односно дека амнезијата навистина не’ разјадува, никој не им ги бара парите назад, никој не ги обвинува за ништо … Па во такви услови, зошто да молчат? Во вакви валкани војни не ретко добива оној кој прв ќе удри, без оглед какви опашки влече зад себе. Тоа веќе никој, очигледно, не го мери. А нивните се мерат со километри, ама … На почетокот, на првата линија на фронтот денес се наоѓа монографијата за јубилејот на Фестивалот „Браќа Манаки“, утре ќе биде некој конкретен филм, задутре нешто трето. Сето тоа ќе бидат етапи во една иста офанзива, во случајов Прва, филмска, а ќе продолжат, бидете сигурни, како што ќе наближува датумот за изборите. А „победниците“ и понатаму ќе молчат, што од незнаење што од неспособност, ќе бркаат свои работи и интереси …

Да, претпоставувам, некој ќе приговори дека не може да има непријателски офанзиви без објавена војна. На тие кои така мислат морам да им кажам дека војната е одамна објавена, само тие тоа не го слушнале. Го преспале улулкани во сопствената самобендисаност! Како и македонската култура, впрочем.

ПОГРЕШЕН ИМИЏ

Ако, како што вчера изјави премиерот Заев, политичарите се сепак слуги на народот, веројатно тоа не се однесува само на него туку и на неговата вкупна администрација. А тука несомнено спаѓа и градоначалникот на Скопје Шилегов, кој во неколку наврати покажа дека умее да го чуе мислењето на граѓаните – последниот пат во поглед на оние чудовишни „градби“ врз покривот на ГТЦ. Зборот ми е: мора и сега да послуша што му велат граѓаните во поглед на идејата за новогодишна забава со Дино Мерлин, за којшто се’ уште не се знае колку пари ќе се потрошат. (Ама се знае „цената“ на Мерлин, а таа се мери со десетици илјади евра!). И во овој контекст ќе ја приведам (субјективната?) реакција на Петар Ренџов кој, меѓу другото, вели: „Како да им објаснам на моите деца кој е, што пее, на кој јазик Дино Мерлин? Ако не знаете, должни сте да прашате било која музичка или културна институција да ве упатат дека естетиката е погрешно направена по сите канони и музички стандарди“. Се разбира, можете, или не, да се согласите со речникот и аргументите на Ренџов. Јас лично не гледам проблем во јазикот на кој пее Дино Мерлин, уште помалку пак дека тука станува збор за некаква естетика, ама дека изборот е целосно промашен – нема приговор. А најдобар аргумент е оној за децата на коишто некои работи, едноставно, не можете да им ги објасните. А тие растат со такви ступидни дилеми што ние им ги наметнуваме, со тие и такви проблеми, а никој не (им) објаснува ништо зашто де факто и нема објаснение, не постои! Затоа, впрочем, и реакциите. Поточно, ако „увозот“ ни е таков – никаков, проблематичен, некритичен, промашен – таков ни е / ќе ни биде и „извозот“! И не еднаш сме сведочеле на слични македонски будалаштини коишто, наводно, не’ претставувале во светот, а всушност не’ резилеле! И сето тоа финансирано од страна на државата, со пари од граѓаните. Оттука, ако градоначалникот на Скопје умеел пред гласот на јавноста да се повлече од некои дискутабилни одлуки, тоа би требало да го направи и сега, па дури ако мора и да плаќа пенали на „ѕвездата“ Мерлин. Зашто, извинете, реално, не мора човек да е којзнае колку музички образован / поткован за да скоцка дека Мерлин е навистина шестокласна „ѕвезда“ која може да пее во некоја скопска кафеана, ама денес да го продавате како спектакл за новогодишна ноќ е малку (тоест малку повеќе) – сулудо. Особено не за толкави пари какви што се вртат како слухови во чаршијата токму за Мерлин. (Апропо: има некој податок за тоа дали некој од македонската естрада – освен можеби Тоше Проески – бил поканет да пее некаде во регионов, или пошироко, за некоја новогодишна ноќ? Баш ме интересира!).

И уште еден пример: вчера во Скопје започна „Грчки филмски фестивал 2019“, под покровителство на Амбасадата на Грција во Скопје. Уште едно во редицата национални конематографски претставувања организирани, или поттикнати, од странските амбасади во Скопје (во континуитет со амбасадите на Холандија, Италија, Германија …). Само македонските амбасади во Европа и светот не знаат што треба да прават на планот на културата, или навистина македонските амбасадори се толку „некултурни“ што оваа област им е целосно вон видокругот за некаква промоција на државата во рамите (барем) на ЕУ? А што тогаш промовираат, баш ме интересира? Нашата економија? Која, и каква? Нашето образование, наука …? Кое, и какво? Нашата демократија, правосуден систем, концептот на човековите права …? Или само дремат таму каде што ги испратила државата и мислат која ќе им биде наредната станица? Извинете, но тоа е македонската вистина за нејзините дипломатско-конзуларни претставништва, барем што се однесува до културата на оваа држава. Инаку, ако не повеќе, барем од нив мораше да произлезе иницијативата културата да биде вклучена во промоцијата на државава токму во годините кога Македонија очекуваше датум за започнување на пристапните преговори со ЕУ. Или тоа подобро ќе го направеше македонското стопанство? Па дајте ве молам, не не’ правете толку недоветни! (Сепак, за илустрација, а за некој да не рече дека злонамерно селектирам информации, во септември во Будимпешта биле одржани „Денови на македонската култура во Будимпешта“, ама во организација на Лекторатот по македонски јазик во тој град, а во рамките на прославата на јубилејот 30 години од отворањето на Лекторатот, а не со цел за каква што јас овде пишувам!).

Имиџот на една држава се гради низ сите битни сегменти, а тие, меѓу другото, секако се степенот на развој на демократијата, човековите права, владеењето на правото / правдата, образованието / науката / културата, заштитата на природата … па кон крајот и економските потенцијали. Каде, во кои од овие сегменти сме ние толку добри за да му го довериме приматот на локомотива во композицијата што ќе не’ одвлечка, како-така, до посакуваната цел виката Европска унија? Никаде, не сме дури ни во културата, ама тука барем може(в)ме полесно да глумиме! Се’ уште во таа „културна“ Европа има луѓе, па и влади, што не слушнале за Курбиново и Нерези, на пример, или кои би сакале да видат добра селекција на македонски филмови, или изложба на икони, или солидна изложба на современа македонска визуелна уметност, или репрезентативна изложба на археолошки експонати, или изложба на стари ракописи, или … Ама некој треба да мисли, нели? Е такви мислечки потенцијали очигледно немаме, за жал. Може(в)ме, се разбира, да стокмиме тригодишна програма за промоција на македонската култура во поголемите европски престолнини и тоа да го правиме континуирано, од 2017 година наваму, со умешно и професионално избрани содржини коишто можеби немаше да ја фрапираат Европа ама барем ќе говореа една убава македонска културна приказна. Се разбира, да бевме умни, како што не бевме! А и не сме, by the way!!!

Оттука, нема и не може да има веродостоен одговор на хипотетичко прашање, особено не на прашањето од типот дали да беше македонската политика поумна последниве три години и да ја бомбардираше Европа со уметнички настани наместо со криминално-коруптивни политички скандали, ќе бевме ли можеби поблиску до датум за пристапни преговори? Но има еден сигурен одговор: ако не повеќе, македонската држава ќе создадеше малку поинаков, поцивилизиран, поевропски имиџ меѓу државите од ЕУ, имиџ којшто барем за миг ќе го свртеше нивното внимание од домашните катастрофи од типот на „Рекет“, СЈО, од закочените реформи, од нефункционалноста на институциите … Ќе им покажевме една поинаква, проевропска а не провинциска Македонија, па нека е и Северна, ќе докажевме дека барем во некои сегменти сме блиску до европскиот менталитет. Ако сме, се разбира, односно ако тоа ни е приоритет!

ФРАПАНТНА ДЕЗОРИЕНТАЦИЈА

Една неодамнешна Facebook објава – којашто сепак, во извесна мера, ја потврдува неспорната полза (и) од оваа социјална мрежа – вели: „Штета што Скопје не доби шанса да стане Европски град на културата, ќе можевме конечно на светот да му ги претставиме неоткриените бисери од овие простори: Бијело Дугме, Дино Мерлин, Лепа Брена, Хари Мата Хари, Северина, Прљаво казалиште, Ван Гог …“ (проф. Милан Дамјановски). Ви звучи цинично, саркастично? Ама не е, тоа е нашата реалност! Зашто, ние на сопствените граѓани им ги нудиме токму овие „културни“ содржини, па зошто тоа не би и’ го понудиле и на Европа, ако веќе за нас е некаков врв? Да, веднаш некој ќе праша: а кои сме тие – „нас“? Па тие „нас“ сме сите ние кои го трпиме тој терор на кичерај и шунд низ градовите, завиткан во целофанот на некаква културна содржина, спакуван по разни поводи и за секакви ситуации, главно славенички. И мислам дека тука не игра никаква улога дали ние / тие сме мнозинство или малцинство – не во етничка туку во културна тоест уметничка смисла – зашто и тие што се, евентуално, малцинство (во оваа смисла) не се пројавиле како сила која што би се побунила контра овој терор. А зошто требале? Па бидејќи таму се делат и наши пари – нека бидат наречени дури и „малцински пари“ – така што и ние би имале некакво право на глас, нели? Којзнае. Или мора да наведнеме глава пред мнозинството? Да сме швајцарци, би распишале референдум (и) за тоа навидум неважно прашање. Ама не сме, за жал, затоа секој може да си игра со нашите пари!

Но, посочениот пример на професорот ми се виде соодветен токму за моето хипотетичко прашање „што ќе беше, да беше“, тоест: да беше македонската политика поумна последниве три години и да ја бомбардираше Европа со уметнички настани наместо со криминално-коруптивни политички скандали, ќе бевме ли можеби поблиску до датум за пристапни преговори? Можеби и ќе бевме, но некој веројатно ќе предложеше да ги испратиме токму оние содржини што ги наведува професорот Дамјановски. И ќе ги прифатеа, надлежните, се кладам. Инаку, зошто со години би толерирале такво бесомучно (не знам македонски еквивалент на овој збор!) трошење на парите на граѓаните за онакви шапшали?

Токму затоа предложив многу, многу тенко сито низ коешто би се просејувале содржините при нашата (за жал) хипотетичка културна акција во Европа во пресрет на очекувањето на датумот за почеток на пристапните преговори. Зашто, ако ситото е покрупно значи дека ќе биде многу пропулзивно, а тоа пак значи дека низ него ќе се проврат сите етно-партиски миленичиња, секакви домашни Лепи Брени и Мерлиновци, па ќе ја затруевме Европа со Балкански кич пар екселанс. Не дека тие си немаат свој, имаат, ама нашиов е – па, па, паааа! Има, за жал, и друга математика, конкретна: ако пресметаме наназад три години колку пати низ Македонија доаѓале и проаѓале онакви естрадни – некој сака да ги нарекува културни! – гастарбајтери и колку пари изнеле одовде, ќе дојдеме до некоја фрапантна цифра која што глатко би ја финансирала нашата културна акција низ Европа апропо датумот за пристапни преговори. И што е уште пострашно, сето ова било многупати потенцирано, од моја и од многу други страни, ама – џабе. И никако да разбареме, никако некој да објасни зошто и оваа власт смета дека на граѓаните им е потребно дополнително заглупување? А ги има(ла) сите механизми тие пари да ги насочи за многу попродуктивни цели, нели?!

Се разбира, не случајно ги спомнувам парите зашто веднаш ќе се јават партиски душегрижници кои ќе кажат дека мојот хипотетички предлог за широка македонска уметничка акција низ европските метрополи во пресрет на очекувањето на датумот ќе беше прескапа и дека Македонија ги нема тие пари. Ма немој? А за оној увозен кич – ги има? Пак велам: ако некој направи соодветна математика, ќе види дека на тие „ѕвезди“ сме поарчиле, или фрлиле, како сакате, минимум половина милион евра во изминативе три години. И тоа е најминималната можна проценка! Добро, со (условно) половина  милион не може да се исфинансира голема тригодишна културна кампања, ама тврдам дека може да се покрие барем една нејзина година! Тоа се сепак половина милион евра, по ѓаволите!!! Остатокот од уште 3-4 пати повеќе ќе се обезбеделе од катагодишниот културен буџет за меѓународни проекти, којшто со мало „фризирање“ ќе дал несомнено позитивни резултати. И за да не рече некој дека импровизирам – иако целата оваа „идеја“ е всушност импровизација бидејќи говори за сосема хипотетичка ситуација којашто не се случила во минатото, ниту пак ќе се случи – можам да наведам само неколку такви активности кои минативе две-три години реално биле финансирани од страна на културниот буџет. А токму тие активности можеле, со малку поголемо чувство за приоритети, да бидат концентрирани / насочени на друга страна односно токму во некои клучни земји на Европската унија. На пример, само Ансамблот за народни песни и игри „Танец“ во оваа година планирал гостувања во Хрватска, Австралија и Турција, а Ансамблот на албански народни песни и ора планирал гостувања во Унгарија и (дури) Кина! Е сега, не се тоа којзнае колкави пари, ама ако особено оваа година приоритет биле евроинтеграциите, не можела ли да се осмисли стратегија за гостувања токму на сцените во „срцето“ на Европа? Впрочем, фолклорот од овие простори секогаш наидувал на одличен прием таму. Ќе требале многу повеќе пари? Па што? Или, македонските театри оваа година барале (и добиле) пари за реализација на гостувања, ама видокругот главно им стигнувал до Хрватска и Црна Гора, но и до Канада. Па така на Македонскиот народен театар надлежните му одобриле средства да гостува во Риека и Подгорица, а на Драмски дури во Торонто, небаре таму ни се решава судбината за датумот за пристапни преговори! И другите театри се врткале во регионов (Темишвар, Сараево, Благоевград, Бурса, Коња, Нови сад, Елбасан …) и немало никој да им посочи дека судбината на македонските евроинтеграции не се решава во тие паланки туку во европските центри?

И сега мојава хипотетичка приказна би можела да наведува такви и слични – дури и посмешни – примери од минатата и предминатата година и сите сведочат за тотално отсуство на план, стратегија, рационална мисла за тоа што на оваа држава и’ е потребно на меѓународен план и како тие приоритети би можеле да бидат канализирани и финансирани. Тоа, се разбира, говори и за провинцијалните интереси на македонските национални институции, ама ајде да речеме дека тоа, во тие мигови, биле некакви нивни институционални „приоритети“. (Иако не биле. Тоа, во најмала рака, било дај што ќе дадеш, барем некаде да прошетаме!). Меѓутоа, отсуството на државен план во областа на културата во тие две-три судбински години е просто фрапантен. Неверојатна дезориентација! Огромни буџетски пари едноставно биле фрлени во ветар за променади без резултат низ регионов, а главниот, врвниот приоритет немало кој да го посочи?!

ХИПОТЕТИЧКОТО ПРАШАЊЕ

Никако не можам да го прескокнам хипотетичкото прашање што (си) го поставив неодамна, а гласеше: да беше македонската политика поумна последниве три години и да ја бомбардираше Европа со уметнички настани наместо со криминално-коруптивни политички скандали, ќе бевме ли можеби поблиску до датум за пристапни преговори? Знам, тоа наликува на она дека после војната сите се генерали, или што ќе беше ако беше итн. Ама сеедно, можеби ќе послужи за иднина?

Значи, мојот став е дека Македонија во овие три години не ги искористи сите можности што ни стоеа на располагање, особено не капацитетите во културата и уметноста. На овој мој став може да се приговори дека во изминативе денови набројував само слаби, лоши страни на таа култура и уметност, нејзината немоќ, да не речам неспособност, а сега барам некаква нејзина поголема вклученост во евроинтегративните процеси. Да, точно дека беше така, но никогаш и никаде не сум тврдел дека целата македонска култура и уметност се – такви! Напротив, и тоа го велам најсериозно, зашто да мислев така, тогаш – зошто пишување на / за таа однапред загубена работа? Во (евентуално) таква ситуација на комплетен распад секој збор би бил излишен, а совет бесцелен. Затоа, не мислам така односно не мислам дека во македонската култура и уметност нема капацитети за репрезентативен „културен натпревар“,  или барем приближен квалитет за наш афирмативен показ пред европската публика. Потешко ќе беше / би било за таа и таква идеја да се анимираат инертните институции со страшно некомпетентните раководства (дури и оние коишто, гледаме, деновиве така широкоградо ги наградуваат!), но и тое не ќе беше непремостлив проблем: соодветните програми едноставно ќе им беа наложени од „повисоки инстанци“!

Оттука, мислам дека една широка, компетентно обмислена и конципирана културна акција во изминативе три години, со точно лоцирани точки на „интерес“ – меѓу кои токму Франција ќе беше еден од приоритетите – можеби ќе имаше соодветен импакт и врз конечните одлуки за промовирањето на нашиот толку очекуван датум. А за тоа ќе беше потребен само еден мал тим од докажани професионалци во неколку области, со широки овластувања и соодветна политичка поддршка. Е сега, да не биде дека јас измислувам топла вода, морам да потенцирам дека вакви „потфати“ досега биле правени низ светот стотици пати, заради што и е скован терминот „културна дипломатија“. Сигурен сум дека многумина од младиве властодршци не го ни слушнале, а камоли да знаат што тој значи. И овде би изгубил многу простор за посочување на сите такви примери, но прв што паѓа на ум е големата промоција на проектот „The New American Painting“ – една извонредна патувачка изложба на во тој момент најголемите американски сликарски ѕвезди организирана од Музејот на модерната уметност од Њујорк во педесетите години на минатиот век – со попатни „станици“ во музеите на Берлин, Брисел, Базел, Милано, Париз и Лондон! На изложбата била застапена целата блескава плејада на „новото сликарство“ – почнувајќи од Џексон Полок до Марк Ротко, од Сем Френсис до Аршил Горки, од де Кунинг до Барнет Њуман … тоест, како што тогаш потенцирале од Музејот на модерната уметност: „It is the most comprehensive show yet seen in Europe devoted to the advanced American painting of the last decade“. Ако се имаат предвид годините кога била организирана оваа патувачка изложба (1958-59 година) односно во екот на т.н. студена војна, станува ли појасна нејзината цел (која што никако не била само – уметничка!)? И не случајно критичарот Макс Козлоф во 1973 година ја нарече оваа изложба „форма на беневолентна пропаганда“. Се разбира, намерата не му била да ја негира уметничката страна на изложбата, туку да ја потенцира суптилната синхронизација на „извозот“ на повоената политичка идеологија на Американската влада преку уметничките дострели на американското сликарство! Таа и таква изложба остана забележана во историјата како слоевит, мултифункционален, брилијантен уметнички / културен но и политички настан!!! (Патем, вредно е да се потцрта дека спомнатата изложба била само една од 50-те изложби на Музејот на модерната уметност испратени на „турнеја“ низ светските метрополи во периодот од седум години!).

Се разбира, Македонија ни приближно нема ѕвезди од таков формат, ниту пак светот, поточно Европа, тоа од нас би го очекувала. Но, би рекол, дека оваа и ваква Европа би очекувала низ културата и уметноста барем да покажеме дека сме тука, дека сме (нека биде и делумно) подготвени / мотивирани барем за „културен натпревар“, дека сме дел од таа европска културна и уметничка сцена. Не знам дали некој во власта, особено оние надлежни за нашите евроинтеграции но и надлежните за културата / уметноста ја разбираат оваа поента. Или мислат дека и Европа мисли како нив: дека културата / уметноста е последното дупче на македонското свирче во кое политиката дува само кога и’ требаат гласови? Не е така, ниту некогаш било. Особено Европа е секогаш подготвена за добра културна / уметничка презентација, а под добра овде подразбирам – врвна! Друга приказна е што навистина Македонија има да понуди на метрополи од нивото на Берлин, Париз, Лондон, Амстердам …? Нема многу, се согласувам, ама, повторно, Европа од нас ниту очекува спектакуларна уметност. Додуша, може да го добие и тоа низ формата на презентацијата на македонското културно наследство, и тоа секако ќе беше / би било значаен дел од таа програма за презентација. Но, мислам дека и тука немаме којзнае колку да понудиме зашто и таму малку сме сработиле, а јас говорам за континуирано и „масовно“ присуство на европските културни сцени. Оттука, повторно, главниот дел би морал да биде конципиран од современата уметничка понуда, но просеана низ многу, многу тенко сито!

ЛОКАЛНИ ИГРАНКИ

Нашето генерално доцнење од околу половина век – денес можеби и повеќе – зад европските текови никако не е случајно, иако ние прилично самовљубено тоа си го припишуваме исклучиво на објективните / тешките историски услови на развој на македонската култура, плус мултиплицираното време на стагнација односно назадување во онаа деценија и нешто повеќе на безочното владеење на груевистичкиот режим. И во сето тоа има делчиња вистина, коишто склопени во едно цело упорно – свесно или не – го превидуваат делот (не делчето!) наречен наша интерна вина во целата работа. Односно, потенцирам, сиот тој процес не може целосно да се согледа без изграден критички апарат, а за делот во културата и уметноста тоа е услов без којшто едноставно не се може. Без канализирањето на состојбите низ соодветен критички дискурс, особено во уметноста, „вистината“ останува недофатлива! Затоа, денес, македонската уметничка сцена, како што веќе неколку пати потенцирав, едноставно нема дух, нема живост, нема творечка атмосфера која што би можела да се поврзе не само со актуелните дострели на Европа и светот, туку тешко се „врзува“ и со поимот уметност. И тука не помагаат некакви анонимни тиради за нечиј божемен „силен печат во македонската современа ликовна уметност“ и слични будалаштини само во различни изданија. Какви печати, какви бакрачи! Можеби во овие нашиве локални игранки, но ништо повеќе. Ние, всушност, каскаме и зад регионот, токму заради затворените и неспособни институции, заради немањето пристоен „производ“ што би можеле да го понудиме или, во голема мера, со пласман на сомнителни културни и ументички продукти, вклучувајќи ги тука и оние наречени човечки ресурси. Со мали, незначителни исклучоци, се разбира. Иако, морам да потенцирам, дури и во услови кога критиката, каква-така, се огласила, (у)кажала на одделни слаби страни на еден проект, изложба и сл., македонската тврдоглавост и самобендисаност настојчиво инсистира(ла) и го подметнува(ла) токму тој „производ“ дури и во меѓународни размени, задоволувајќи којзнае какви и чии интереси. Ми паѓа на ум еден неодамнешен пример на една конкретна очајна фотографска изложба, инаку стручно и аргументирано лошо оценета во македонската јавност, но која што набргу потоа беше презентирана и во странство не баре ги прикажува врвните дострели на македонската фотографија! Сакам да кажам: кај нас дури ни примерите на стручно, компетентно критичко укажување не се секогаш гаранција дека нештата ќе се постават на вистинскиот курс. Дури напротив, институциите, поединците, асоцијациите … генерираат свои некритички интереси, манипулираат со настаните / производите, водат свои „политики“, дури и на штета на уметноста. Но, потполно во истиот кош ги ставам и оние „тенденции“ на дел од македонската критика за наводно преиспитување на ехото на одгласите кон одделни „дела“ од шизоидното „Скопје 2014“, повторно заради којзнае какви и чии интереси. Фактот што некои групички сега со сите сили се обидуваат да ги релативизираат нештата, да ни протурат рог за свеќа тоест врби за уметност не може да ги затскрие сите некогашни местенки, партиско-семејни баханалии и, на крајот, комплетно сомнителни зделки поврзани со целиот шизоиден „проект“, па и со конкретното „дело“! Зашто ние сме во тој процес / стадиум кога не можеме едноставно или туку-така да ги (из)бришеме сите „пропратни“ инциденти – ха, инциденти, каков деминутив – што ја следеа оваа култура и оваа уметничка сцена цели дванаесет години, не можеме / не смееме во интерес на правдата, но и во интерес на уметноста и културата. Како што впрочем не можеме да ги заборавиме / (из)бришеме „стручните“ злосторства на одредени етнопартиски човечиња во измнативе волнени времиња, а кои сега, ете, добиваат и нарачани награди. И после пак ќе се чудиме што Европа не’ одминува?!

Односно, како што и во реалниот живот дебело ја плаќаме цената на сите наши етнопартиски политикантски игранки со нагласен малограѓански или кич шмек, а чиишто резултати, еве, ги гледаме и денес, така и во културата и уметноста тие навики не можат да не’ одминат. Иако, можеби, се надевавме поинаку, нели? Но надежите во оваа земја речиси никогаш не се остваруваат! Можеби и ова се детски болести на демократијата во пелени, но ако таа е во пелени македонската култура и уметност не се. Или – се лажам? Но, нашиве состојби веќе одамна наликуваат на некаков мистериозен маѓепсан круг во којшто се врти цела една земја, нејзината култура и уметност, според интересите на дај-дам етнополитиките, според личните желби и потреби на одделни затворени кругови кои се’ повеќе наликуваат на некакви секти. Диктатот на просечните и / или потпросечните особено во уметноста и нејзините институции, благодарејќи на нивните врски со политиката – или политикантството, подобро речено, со партиите и со други еднакво просечни и / или потпросечни комедијанти во државава ја убива секоја нормална и прогресивна иницијатива. Се’ подредивме на сосема ирационален тек на културната историја, се потчинивме на инерцијата и неукоста, избришавме се’ што макар малку заличуваше на некакви европски политики и практики, а во интерес на поединци и групи со исклучително ниско ниво на стручност и компетентност. И на тие им ги препуштивме институциите, образованието, дури и критиката. И згора ги наградуваме, да ги направиме уште погорди на сопствената неспособност! Во таква атмосфера, во таков след на нештата, ние самоволно се редиме на опашката на европската култура и уметност!

УМЕТНОСТА И ПУБЛИКАТА

Ако состојбите во македонската уметноста се такви какви што јас ги гледам и интерпретирам, што да прави јавноста тоест македонската публика, на пример, и не само таа, кое се нејзините опции по тоа прашање. Наједноставниот одговор би бил – ништо! Ама тоа не е одговор, нели? Или, можеби – е’? Најпристојниот можен во овој миг? Веројатно! А сепак: како публиката, во голема мера недоволно стручна, недоволно компетентна, а желна за уметност, ќе формира соодветни критериуми според кои што ќе „проценува“ што е што, што сака да види а што не, што би сакала да препорача на пријателите или на децата … кој филм, која изложба, која претстава …? Никако! Што, повторно, не е сериозен одговор на поставеното прашање. Ама – нема друг. За жал. И излегува дека секој треба да верува на своите чувства, на изградениот – или не – „вкус“, на самообразованието, на „препораките“ од пријателите или познатите

Во безмалу целосното отсуство на трите битни столба за восприемање на суштинските елементи на уметноста денес (образованието, институциите, критиката), публиката е оставена на отворена ветрометина на која што секој, и буквално секој може да ја убедува – и тоа доволно успешно кај нас се прави! – дека тоа што и’ го продава е уметност и ништо помалку од уметност. На тоа, впрочем, во изминативе деценија и половина сме сведочеле којзнае колку пати. И тоа не само од страна на самонаречените уметници, туку и од страна на државата, па и на примери во критиката, кои што целосно некомпетентно ви продаваат рог за свеќа. Државата преку т.н. национален интерес – што ќе рече дека ако и на тоа имате приговор вие сте анационален елемент – а критиката  преку т.н. саморазбирлива уметност која што, ако не се вклопува во таа „дефиниција“, воопшто и не е уметност. Може ли јавноста, публиката, да се спротивстави на таквиот притисок? Се разбира, ама тоа е во старт загубена работа зашто, повторно, таа, публиката е губитник. Впрочем, некој може да каже дека токму овој процес веќе со години е на дело во македонските институции. Сите, ама баш сите имаат проблем со недостаток на публика (освен оние кои веќе ги спомнував, како неколкуте последни изложби во Археолошкиот музеј, концертите на „Скопје џез фестивалот“ и концертите на светските музички ѕвезди во организација на Авалон, некои филмски хитови … и толку. Како драстичен контраст се случи македонскиот „Медена земја“, на пример, којшто ги полнеше салите во Скопје и веќе речиси никој не се сомнева дека ќе биде првиот македонски оскаровец! (Но сепак, таквите натпреварувачки прогнози ала „Mozart“ кладилниците во уметноста не се добредојдени иако македонската „критика“ ужива и со тоа да се бави, па сме имале примери на прогласување на најдобар сликар, најдобар уметник, најдобар ова и најдобар она …). Сакам да кажам дека и македонската публика, како и секоја култивирана публика – а нашата имала во минатото и плодно тло за една таква „култивација“ – сака квалитет, сака добар културен настан, сака врвни уметнички дела! Прашањето е: од кого да го очекува тоа?

За жал, на тоа клучно прашање немам(е) соодветен одговор. Единствениот можен, и точен, одговор го знаеме сите, но тоа ни е непродуктивно знаење. Поточно, знаеме кој во државава е директно надлежен за развојот на културата и уметноста и каде се слеваат парите на граѓаните што, наводно, се трошат за таа цел. И тие се трошат, парите, ама за други цели.

Од друга страна, почитуваната Кица Колбе во една прилика напиша: „(…) може ли нешто вистинито и автентично, како демократија и уметност, воопшто да почне да живее среде лагата и кичот? Да беше можно, Германците по пропаста на Третиот Рајх ќе ги оставеа насекаде низ Германија грдите, расистички скулптури во духот на ариевската раса. ’Панаѓурот’ од скулптури, кој во Скопје започнува со ’Воинот на коњ’ и завршува со камената историја на фамилијата на Аргеадите на плоштадот Пела е исто сведоштво за една ’фикс-идеја’ на ’визионерот’ Груевски, според која Македонците потекнуваат од античките Македонци“[1]. Да, знам, секоја „приказна“ за македонската култура и уметноста кај мене започнува и завршува со шизоидното „Скопје 2014“. Ама затоа цитирав некој поумен и по учен од мене, иако и тоа малкумина го разбираат сериозно. Но, тоа е целата и единствената вистина за нашата иднина, за иднината на македонската култура и уметност, за македонските институции, за македонската критика … Се’ дури над нас / над нив надвиснува сеништето на тој мулти-кич, на тој малоумен „проект“, ние во културата и во уметноста имаме дефинирана „иднина“!

Зашто, ние често забораваме дека уметноста, меѓу другото, е и комуникација. Една од целите на создавањето, на делото, е тоа да биде видено, да комуницира со публиката. Не задолжително, не по правило разбирливо / „убаво“ / јасно …, не обврзно следејќи ги вообичаените правила на поимот комуникација. Но сепак, уметноста, на разни начини сака да биде достапна, видена, доживеана … Се разбира, има(ло) и таква која што не се грижела премногу за тоа дали некој ќе ја види или како ќе ја доживее. Но тој процент е сепак помал. Оттука, за кого денес се создава македонската уметност – под услов навистина да е уметност, па нека е саморазбирлива! – кој и како ја доживува ако институциите ни се (полу)празни, за кого се трошат тие средства ако од уметноста, или „уметноста“, во сеќавањето на луѓето не останува никаква трага? Ние, за жал, не обрнуваме внимание на овие прашања. Кај нас нештата во уметноста и во културата се движат по самоубиствена инерција, како пред десет, дваесет, триесет … години. Важно е парите да се потрошат, ако може помеѓу пријатели или партиски другари, да има за тие за кои треба да има. Па кој видел – видел, кој слушнал – слушнал!

Особено уметноста во јавниот простор е уметност создавана примарно за комуникација со публиката. За каква „комуникација“ говориме кај оној „панаѓур“ од скулптури во Скопје? Фактот дека некој се фотографира пред нив го сметаме за таа и таква комуникација? И тоа ни е „покритие“ за опстојувањето на тој „панаѓур“? Та белки не сме толку ретардирани? Или – сме?!

[1] Кица Колбе, Естетика и политика – кој дух владее со Скопје?, dw.com., 25.02.2019

НЕЗНАЕЊЕТО (НЕ) Е МОЌ

Во едно време, одамна минато и завршено, македонската критика беше сериозна компонента во структурата на уметничкото „вјерују“ на овој простор, односно беше квалификуван барометар на случувањата на македонската уметничка сцена. Речиси беспоговорно и публиката и јавноста (медиумите пред се’) веруваа во нејзините (пр)оценки и ставови, таа не беше третирана како опозиција на уметноста, напротив, туку токму како нејзин неопходен „партнер“. А впрочем, и македонската критика некогаш имаше свест за својот статус и улога во општеството, уште повеќе во местото во синџирот на восприемањето тоест „читањето“ односно толкувањето на уметничкиот процес и резултат. Денес статусот на критиката во светот е далеку вон овие „примитивни“ кругови, ама така е во цивилизираниот свет, не кај нас. Но, впрочем, не е така ни во соседството, со кое што можеби треба да се тешиме. Еднаш веќе го спомнав примерот на една Србија која што во некои минати времиња не ќе си дозволеше такви квалификации на творештвото на една Марина Абрамовиќ, на пример, какви што изминативе месец-два ечат низ нејзините медиуми и социјални мрежи. Без оглед на нечии лични „вкусови“ и симпатии, самите медиуми пред некои дваесеттина години не ќе си дозволеа објавување на такви дилетантски изјави и „толкувања“ на нејзината уметност. Или еден Белград, кој што уште во триесеттите години на минатиот век го имаше, на пример, надреалистот Марко Ристиќ!!! (А сепак, мора да се потенцира, барем во случајот на Марина Абрамовиќ, најголемиот дел од критизерите ја врзуваат политички нејзината изложба со власта на Вучиќ, што е тотално вон памет!)

Оттука, ние денес можеме дури и да влечеме паралели помеѓу оној за некои омразен социјализам и нивото на вкупната општествена свест и денешниве „демократски“ процеси низ кои што се провира анархична, на моменти и хистерична хајка контра се’ што толпата не го разбира Меѓутоа, во оние времиња уметничките процеси во државаа со сите сили се обидуваа да држат чекор со (барем) југословенската уметничка сцена, но и со европската. Иако нивото на технолошката комуникација со светот баш и не ни беше сјајно. Денес, покрај сета „суперсонична“ достапност на вестите (и) од уметничкиот свет, ние доцниме зад европските процеси повеќе од времето на екс-Југославија. Односно ние доцниме и зад процесите во онаа екс-Македонија од пред триесеттина години, но се правиме дека не сме свесни за тоа. Не дека во други области нашата комуникација со Европа и светот е којзнае на какво ниво. Напротив, што ќе рече дека е тоа некаков општ процес на затупувуње, заглупување и изолација на македонската држава и нејзината култура / уметност. Не мислам – или не сакам да мислам – дека тоа е контролиран тоест намерен процес. Такво злосторство не верувам дела некој му го посакува на сопствениот народ и држава. Но нештата се такви, за жал. Или, ако сакате, кога последен пат сме виделе квалитетна странска изложба во македонските уметнички институции? Се разбира дека тоа чини пари, или ние би сакале квалитет – бесплатно? Такво нешто не постои. И пак ќе ја спомнам Марина Абрамовиќ: знаете колку чини нејзината ретроспектива во Белград? Многу, страшно многу, незамисливо за нас односно еднакво на наш еднодецениски (ако не и повеќе) буџет за вкупните „програми“ во државата за ликовна уметност. Ама, оние кои подобро паметат ќе се сетат дека таа иста Марина Абрамовиќ беше во Скопје – во Музејот на град Скопје – уште пред повеќе од 25 години. Е па видете на кое дереџе сме спаднале, или видете на кое ниво спаднал и тој Музеј денес! Или, уште еден податок: во Уметничкиот павилјон во Загреб во тек е изложба на Александар Калдер, една од легендите на светската скулптура на 20от век. Неговата изложба тече во рамките на проектот „Најголемите скулптори на 20от век“, опфаќајки и изложби од Роден, Ѓакомети и др. И, се разбира, списокот на она што го немаме може да се продолжува до бескрај, во сите области. Неколку светли точки, како „Скопје џез фестивал“, концертите на бројни светски музички ѕвезди (иако малку „офуцани“), филмските фестивали, можеби изложбите на Археолошкиот музеј … се обидуваат да одржуваат некакво ниво, некаква творечка тензија и контакт на македонската публика со квалитетот. И тоа повеќекратно се исплатува – не финансиски, се разбира – туку на подолги патеки. Од друга страна, нам и спротивната насока – од дома кон светот – ни е речиси и поголем проблем зашто светот ама баш нема никакво разбирање за т.н. саморазбирлива уметност односно за нашите хокус-покус будалаштини крстени како уметност! Такво нешто во светот не пали. Затоа, впрочем, нашите хоризонти завршуваат до Косово, Албанија, евентуално Бугарија … сега ја откриваме Грција … Ама, тоа ли е македонското раскрилување кон светот?

Оттука, кому му оди во прилог ваквата темница на македонската уметничка сцена? Дали нашиве, и не само нашиве (квази)демократски и во суштина антиреформски процеси, особено во културата, играат токму на картата на незнаењето, неинформиирањето, затуцаноста, провинцијализмот и малограѓанштината, што пак дефинитивно го трасира патот кон величање на простотијата, незнаењето, кичот … оној од бившиот режим и неговите инсталации? А за тоа, повторно, свесно или не, Македонија е нагледен пример. Намерно ја спомнувам оваа дилема „свесно или не“ зашто кај нас, се’ уште, не се јасно исцртани контурите на овој процес односно не е докрај јасно дали македонската власт, секоја власт до денес, свесно го турка овој „процес“ или тоа сепак е резултат на некои несовладани лекции од минатото, на недоволно внимание за културата и уметноста – еден доказ за ова, денес, е ставањето на културата во заедничкиот државен бунар наречен јавен сектор! – на неукоста на политичките елити за значењето на културата и уметноста за оваа држава итн. Многу нешта, зачудувачки премногу примери говорат во прилог на оваа теза. Веќе очебиен факт е дека македонската држава одамна го загубила чувството за важноста на културата и уметноста за нејзиниот идентитет и самобитност, за немерливата меѓународна полза што државата (во ваква состојба) може да ја има од уметноста, од културата.

И едно хипотетичко прашање: да беше македонската политика поумна последниве три години и да ја бомбардираше Европа со уметнички настани наместо со криминално-коруптивни политички скандали, ќе бевме ли можеби поблиску до датум за пристапни преговори?

САМОРАЗБИРЛИВА УМЕТНОСТ

Третиот (еднакво) битен сегмент во општата уметничка едукација паралелно со образовниот процес и уметничките институции е – критиката. Го сакал тоа некој или не! Таа, како што веќе неколкупати повторувам, може во извесна смисла да биде и коректив на првите две, се разбира минимален, тоест суптилен, доколку првите сериозно претходно ја завршиле својата работа. Тоест, ако младите генерации поминале низ соодветен и комплетен, ајде и да не е компетентен!, уметнички образовен процес, после што во македонските уметнички институции ќе се здобијат со дополнителна квалитетна практична „настава“, тогаш уметничката критика може да претставува само едно повисоко рамниште на толкувањето и прифаќањето на уметноста, на доразвивање на одделни познавања / знаења. Но ако првите два фактори целосно потфрлат, како што тоа се случува кај нас, тогаш критиката никако не може да биде соодветна замена односно целосна компензација за пропуштеното. Таквите генерации се загубени генерации, нешто слично на македонските дваесеттина години наназад!

Во вакви услови, товарот врз критиката е дотолку поголем, речиси невозможен, зашто нејзината работа не е да ги премостува „дупките“ во образованието, ниту пак целосно да ја замени работата на институциите. Згора, кога ни критиката ја нема или е само минимално присутна, нештата се развиваат катастрофално, за што ние сме типичен пример.

Од друга страна, македонската критика, наспроти сите проблеми што и’ ги наметнува општеството, најверојатно токму заради нејзиното целосно маргинализирање, дури, би рекол, апсолутно и ригорозно отстранување од јавниот живот, се соочува и со свои „внатрешни“ проблеми. Отсуството на комуникација со јавноста, со уметничките структури, ниското ниво на уметничкиот „производ“ … се можеби објективните слаби страни на денешната македонска уметничка критика. Иако, всушност, на толку малиот, минорен примерок на критички збор тешко е да се генерализираат / апсолвираат поцврсти ставови. Едновремено, општите состојби во македонската култура и уметност – партизацијата, некомпетентноста, групировките по разни а најчесто колегијално-пријателски основи итн. – откриваат и редица субјективни недостатоци кои што понатаму влијаат негативно и врз вкупната слика за македонската уметничка сцена. Како ретко кога во македонската критика е евидентно неснаоѓањето во / со новите уметнички искази, кај нас се’ уште царува импресионистичкиот ракурс, генерално или ајде да речам прилично неуки ставови или пак некритичко фаворизирање на се’ што е домашно, локално, без соодветна дистанца и компаративен пристап со развојот на уметноста во светот. И токму можеби од тука во македонската критика се генерира некаква ирационална и во основа неука теза за наводна саморазбирливост на уметноста односно дека (и) критиката, како веројатно и „публиката“, полесно го „читала“ уметничкото дело кога уметноста била – саморазбирлива!(?).

За жал на промоторите наа таквите тези, уметноста – особено визуелната односно ликовната уметност – никогаш не била таква, саморазбирлива. Дури, би рекол, тоа е безмалу спротивно на самата суштина на уметноста. Или, ако сакате, што има саморазбирливо во малата скулптуричка наречена „Вилендорфска венера“, направена пред цели триесет илјади години? Која е, каква е нејзината саморазбирливост, што всушност сака таа да ни каже? Историјата на уметноста, па и критиката, ако сакате, уште „се пазари“ околу сите можни значења на таа 11 сантиметри голема скулптуричка и нејзините магијски значења. Ако дел од хипертрофираните делови на телото упатуваат на симбол на фертилитет, зошто се такви рацете, или главата, зошто нема очи итн., итн. Или, можеби уште подобар пример е веројатно најпознатата слика на светот, онаа на Леонардо да Винчи наречена „Мона Лиза“ („Ѓоконда“). Да беше уметноста навистина саморазбирлива, зарем ќе ги имавме сите оние теории околу тоа дали на сликата воопшто е претставена таа Лиза Џерардини наречена Мона Лиза, или тоа е автопортрет на Леонардо како жена, или станува збор за сосема друга, непозната личност. Или, теориите за нејзината мистериозна насмевка? Дури, ако сакате, што има саморазбирливо кај Бекет и / или Џојс, на пример, или кај Џон Кејџ, или Бил Вајола …?

Оттука, ништо, ама баш ништо во уметноста не е, и никогаш не било – саморазбирливо. Особено денес. Уметноста не е математика па два и два секогаш да бидат четири. Уметноста го окупира вниманието на гледачот, го активира неговиот мисловен апарат и моќ за „дешифрирање“ на често таинствените „пораки“ на уметникот. Затоа, впрочем, е неопходно континуираното уметничко образование кое што постапно, од мали нозе, му ја открива на субјектот методологијата на „читање“ на делата низ развојот на уметничките дисциплини. Од друга страна, ваквите тези за целосното упростување на уметноста пласирани дури и од страна на критиката само повладуваат на убиствената немоќ на современата македонска уметност и нејзината „фасцинација“ со наводната едноставност, плиткоста, тенденцијата за „саморазбирливост“ итн. Таквото инсистирање на некаква измислена саморазбирливост е само маска за неспособната уметност и критика. Што пак дополнително придонесува за очајните забуни / квалификации за тоа што всушност е уметничко дело, кои се неговите прерогативи, врз основа на кои стандарди и критериуми се врши таа проценка, итн.!

НЕ’ УБИВА НЕУКОСТА

Особено е важно кога демантите, во што и да е’, доаѓаат од младите генерации уметници / културни работници. Тоа, во случајов со мојата теза за заспаноста / пасивноста на македонскиот уметник во однос на актуелните состојби во културата и во уметноста, но и во општеството во целина, доаѓа од двајца млади (Јана Јакимовска и Ненад Тонкин) кои, со нивниот site specific проект „Визија Скопје“, говорат за узурпацијата на јавниот простор во градов и, секако, критички го опсервираат т.н. проект „Скопје 2014“. И токму тоа е работа на македонскиот уметникот денес! Што ќе рече, не биле баш сите македонски уметници заспани!? А сепак, тоа е само инцидент, актуелна случка во морето неактуелни, дури непотребни „уметнички“ приказни кои сакаат да си слават секакви свои годишнини и јубилеи, си го слават дури и ателјето како некаков фактор (sic!) во уметноста. Уметноста ќе ги запамети само по славјата!

Дали во некое можно резиме за актуелните состојби / не(до)разбирања за и во македонската уметност токму ваквиот себичен однос на уметникот, неговата општествена пасивност – да не речам плашливост – е најбитен сегмент во општата слика? Сепак не, се разбира, но тоа е само едно делче, важно, нормално, во сплетот на сите суштински ситуации, камче во мозаикот што се’ уште не ни се прикажува како конкретна слика, но никако единствено. А сликата и онака не можеме да ја видиме цели три децении! Што ќе рече: сепак мора да има(ме) некаква фалинка?

Сеедно, во неколку наврати, а главно во врска со уметничката критика но и со општата ситуација, ја спомнував едукацијата како еден од најважните сегменти во поткренувањето на рамништето на разбирањето на општеството на уметничките процеси и важноста на уметноста не само за уметниците и институциита туку и за некакво (нека е и утописко) општо добро. Неколку битни столбови ја крепат општата уметничка едукација: образованието, институциите и критиката. (Се разбира, уметникот и неговото дело се услов без кој не се може! Ама и врз нив и карактерот на нивното дело влијае општата ситуација, па ако таа повладува на сите негови глупости тогаш и неговата уметност заталкува во секакви насоки). Не можам, попрво не сакам да говорам за состојбите во уметничкото образование на сите рамништа (основно, средно, високо). А сите се (ин)директно поврзани. Тоа е посебна и особено болна тема за која што морат да проговорат директните учесници во процесот. Иако, сигурен сум, уште долго никој тоа нема да го направи. Едноставно, заличува како никој да не се грижи за овие нешта! Впрочем, не слушнав, (освен ако не сум пропуштил нешто), некаква реакција од македонските образовни инстанци (на сите нивои) за нагледното „уметничко“ дело наречено „Скопје 2014“ што перманентно и континуирано ги труе младите генерации. И што, после тоа, ќе ги научите вие во училиште? И бидејќи повторно го спомнувам, ако се навратите повнимателно на тој шизоиден „проект“ ќе видите дека многу поголем е бројот на директните учесници областа на уметничкото образование во таа будалаштина отколку на оние кои на некој начин се спротивставиле. Овие вториве се бројат на прсти! Но, во целиот образовен процес во областа на образованието клучен играч е државата и тука мора да се бараат сите курцшлуси односно пропусти. Иако јас и тоа еднакво би го припишал на глупоста и необразованоста на таа иста држава, но и на нејзините образовни институции! Ако во овој контекст ви предочам дека оваа иста држава и ова исто (демек стручно) високо образование сосема благонаклоно во своите редови прифати и такви уметнички анонимуси – главни актери во погореспомнатиот кичерај што се’ уште ни го гнаси градот, ви треба повеќе? Кое и какво е тогаш тоа уметничко образование и квалитет што ќе го добиваат генерации и генерации македонски студенти – потенцијални уметници?  Или, ако веќе говориме за тоа, и онаа која бараше „долги ножеви“ за опозицијата се’ уште е дел од уметничкиот воспитно-образовен процес, исто како што и онаа која што бараше од македонската полиција да стрела во македонските демонстранти е дел од македонскиот театар! Е па, извинете … Но кај нас и тоа поминува, нели, како и се’ друго! Или, поточно, ако целиот уметнички едукативен процес, од основното до високото образование не е замислен како квалитетен стручен континуитет со висококомпетентни (и морални) предавачи, тогаш тој важен сегмент во формирањето на генералната уметничка слика во државата секогаш ќе пелтечи, ќе заостанува не само зад светот туку и зад одделни прогресивни уметнички појави дури и кај нас. И (ќе) ја креаира оваа слика во уметноста и во културата што ја гледаме денес.

Вториот битен дел во овој процес се уметничките институции, а за нив и претходно доволно говорев. Но, на пример, само како мали но елоквентни и секако куриозитетни појаснувања би додал дека денес, една национална институција сосема отворено го класифицира некојси Ибрахим Кодра во рангот на еден Пикасо а „стручните“ кадри во институцијата на тоа никако не реагираат. Или ако не реагираа ниту во изминативе дванаесет години на сиот оној анахрон „уметнички“ ужас што му го сервираа на македонскиот граѓанин, што тогаш денес можете да очекувате од нив? Без реформа, без директна државна интервенција да се променат, одеднаш, и преку ноќ да станат стручни, компетентни, зрели, морални, објективни …? Таквите нешта никако не се случуваат сами од себе, уште помалку за ден-два. А тие се оние кои ја креираат појавната слика за македонската уметност денес, кои одлучуваат за тоа кој уметник, режисер, актер … ќе работи во нив, како краткорочно и – што е уште пострашно – долгорочно ќе се развива институцијата итн. Најголемиот дел од вината за ужасниот степен на нестручност и некомпетентност во уметничките институции повторно лежи кај државата која толерира етно-партиски вработувања и раководни кадри кои појма немаат за работата што треба да ја вршат. Во истите национални институции бившиот фашизоиден режим без каков и да е’ отпор вршеше упад во колекциите преку квазиоткупот наметнуван неколку години по ред, а со што целото ѓубре од ателјеата на нивните пулени беше (от)купено и сместено во депоата на овие институции. А впрочем, повторно, по којзнае кој пат, она проклето „Скопје 2014“ е очебиен пример за сите овие случувања, и не само за тоа! Во македонските театри тој ист режим дозволуваше работа само за своите пулени и клиенти, во македонскиот филм сите, и буквално сите средства одеа кај партиските абоненти …

Па следствено, а имајќи го предвид сиот овој „талог“ во македонското уметничко образование и институции, за која и каква уметничка сцена или разбирање на уметноста можеме воопшто да говориме денес?