Monthly Archives: May 2017

ЛЕПЕШКА ИЛИ УМЕТНОСТ?

или

ДАЛИ ВРЕДИ (5)

Можам да кажам дека, според поделбите по „ресори“, мене ми паѓа за објаснување најлесниот дел во разглобувањето на евентуалната идна бајка  наречена „дали вреди“ да се дислоцира „спомен обележјето“ на Аце Македонски заради немање ама баш никакви уметнички вредности. Велам, тоа е најлесниот дел ако се споредува со сличната „обврска“ за неговите „вредности“, или проблематичности, како сакате, од образовен, социолошки, урбанистички, философски … и секаков друг. Иако и тоа не е претешко, зашто „материјалот“ е инспиративен!

Е сега, зошто она чудовиште среде Плоштадот „Македонија“ нема врска со уметноста? Па, прво, заради тоа што денес, особено денес, но и со векови назад, статусот уметничко дело не се стекнувал по некаков автоматизам – сам по себе и од себе – или само заради фактот што „делото“ е произведено од човек со завршен некаков уметнички факултет. Односно, не секоја лепешка, а овде станува збор токму за лепешка, произлезена од рацете на поединец со некакво уметничко образование, е – уметничко дело. Понатаму, а особено ако сте решиле едно (претпоставено уметничко) дело да завземе такво ударно, особено важно место како што е центарот на главниот град на државата, тоа дело би требало да помине барем еден стручен филтер – а под стручен филтер подразбирам реномирана и компетентна стручна комисија – што во случајов со нашиот Аце Македонски не е сторено. Поточно, имало некаква комисија на конкурсот која што одлучувала за пристигнатите предлози за пополнување на централното место на скопскиот плоштад, но таа „комисија“ била мајтап комисија. (И мислам дека за ова мора да има одговорност за тогашното раководство на општината!). Зашто, прво, како што веќе претходно напишав, таа глумела Меѓународно жири, а била составена од само, и повторно САМО два локални члена: Крум Томовски и Светлана Коруновска Аџигогова! Тоа било „меѓународното жири“, (што, инаку, правно се нарекува и лажно претставување!), кое наводно компетентно ни го сместила она чудовиште среде градот! И мислам дека квалификацијата дилетантско, нестручно, некомпетентно, лажно итн., би биле најблагите зборови за ова „меѓународно“ жири. Можам да употребам и посилни, ама и овие вршат работа. Оттука, ако двајца дилетанти и де факто лажговци, заради непознати причини, се нафатиле да глумат меѓународно жири и да одлучуваат за нешто за што немаат „три благе везе“, а по нивниот ум тогашните општински функционери на „Центар“ ни го сместиле она чудовиште среде Плоштадот, ние денес треба да се правиме дека гледаме – уметност? И да се чудиме што да правиме со чудовиштето и дали да го дислоцираме? Извинете, ама тоа се прашања за мали деца, иако и тие би го знаеле точниот одговор!

Понатаму, иако не бил исполнет ниту еден основен предуслов за да можеме да говориме за уметничко дело, можно е, како што и историјата често потврдува, накнадно да се појават реномирани и компетентни лица кои би ја „откриле“ уметничноста на дотичното дело и би не’ просветлиле за неговите вредности. Ама ни такво нешто, до денес, не се случи. А нема да се случи ни утре, ни задутре. Освен две-три локални будали подготвени за пари да величаат и обична лепешка, никој друг – домашен или меѓународен – компетентен стручњак не кажа ниту еден пофалбен збор за чудовиштето среде Плоштадот! Дури, се изнаслушавме секакви други „епитети“ што веќе ни станува незгодно пред странците да кажеме каде живееме.

Но, ајде и понатаму да си играме и да кажеме дека сето претходно речено и не е толку битно. Океј, ама тогаш што би било тоа што оној монструм го прави – уметност? Неговата големина, тежина, цена …? Тоа, за жал, или за среќа, не се валидни критериуми за едно уметничко дело. Да беше така, Скопје ќе беше најскапиот музеј на отворено во светот, а не најскапиот циркус на отворено! Уметност, за среќа, не се создава со декларации и партиски притисоци, со локални славенички мегафони и со милиони евра; уметноста не е и не може да биде секој испрдок на болни умови во потрага по сопствениот идентитет! Затоа, нашиов случај, барем од уметничка страна, е чист како солза (не Грчева, се разбира!). А чист е, бога ми, и од сите други страни. Спремен е, печен е не за дислокација туку за старо железо. Или бронза, сеедно. А бронзата и не е ефтина. И може повеќекратно да се употребува! Или (пре)продава!

ДИВОГРАДБА

или

ДАЛИ ВРЕДИ (4)

Се разбира, целата приказна со евентуалната дислокација – иако не сум сигурен зошто се говори само за дислокација, но за тоа подоцна – на чудовиштето наречено „спомен обележје“ на Александар Македонски (или „Воин на коњ“, како сакате) далеку од тоа да се исцрпува само во симболиката што обележјето го има за паднатиов режим. Како што веќе реков, на дотичното „спомен обележје“, како впрочем и на сите (или повеќето) останати од самонаречениот проект „Скопје 2014“, се лепат и редица други аспекти битни за реафирмацијата на правниот односно демократскиот систем, на востановените (а овде прескокнати) процедури, како и редица други битни аспекти со прилично широк  спектар кои што не смеат туку така да се заобиколат. Но, прво – за првото. Односно, неброено пати во изминативе години од времето на започнувањето на поставувањето на првиот „столб“ на овој шизофрен „проект“ – и виѓи врага тоа баш меѓу првите беше токму Аце Македонски! –во јавноста беше истакнувана целосно незаконската постапка на безмалу сите елементи на овој „проект“, а особено на дотичниот „Воин на коњ“. Нелегална односно незаконска во сите детали: од општинската манипулација со надлежноста за „спомен обележја“ од толкави димензии и значење(својствени инаку за споменик, што е надлежност на Собранието на РМ), преку начинот на „прифаќање“ на дотичниот проект (на пример, со локални „стручњаци“ –  Крум Томовски и Светлана Коруновска Аџигогова – кои глумеле меѓународно жири!) до „документацијата“ за истиот предложена од „уметничката“ Стефановска  (предмер и пресметка за дотичниот на три странички, со опис како за Гинис!) итн. Или, ако сакате, сосема оправдано би било прашањето: вреди ли за еден таков речиси целосно нелегален зафат да се поставува прашањето „дали вреди“? Нема ли со тоа да се легализира целосно нелегалната постапка и што тоа ќе значи за новата власт, локална или централна, сеедно, и нејзините напори да го реставрира правниот систем во државава? Зарем тоа ќе се прави преку легализација на дивоградби во централното градско подрачје, и тоа не само за „спомен обележјето“ наречено „Воин на коњ“ туку и за целото шизофрено „Скопје 2014“? Та колку прашина и општински инспекции се кренаа околу бесправниот кат на оној шутрак Панчевски, или за настршницата на белата лепешка наречена седиште на ВМРО? А ова чудо да помине туку така?

И во оваа насока, прашањето: дилемата „дали вреди“ мора да има предвид уште еден битен аспект, а тоа е насилничкото и самоволно инсталирање на „проектот“ наспроти критиките од стручната и пошироката (не само културна) јавност односно наспроти низ анкети сондираното мислење на поголем дел од граѓаните на Скопје кои беа и се против ова насилие врз нивниот град? И од тој аспект „Скопје 2014“ е – дивоградба!Оттука, дали и таквата насилничка пракса  вреди да се легализира како начин, како однос на власта кон главниот град, кон неговите граѓани и нивните желби, кон стручната јавност?Впрочем, сите овие детали, и повеќе, биле констатирани речиси во сите стручни осврти од домашни, но и од меѓународни експерти. Такви заклучоци, повеќе или помалку идентични, имаше и комисијата (Слаѓана Тасева и Зоран Малиновски) формирана од Општина „Центар“ да ги истражи токму овие (финансиски и технички) аспекти на ова архитектонско урбано (и секакво друго) насилие. И што тука не е јасно?

Но, да речеме дека за некого не се доволни „само“ законскиот и симболичниот аспект на справувањето со чудовиштето од Плоштадот. Да речеме дека и моите аргументи се недоволни за конечен суд, контра економскиот, иако јас мислам дека се. Ок, и тоа е можно. Затоа, јавноста, особено стручната, треба да и’ ги понуди на политиката и сите други аспекти. А ги има уште многу, од различни области. Мојата маленкост може соодветно, или компетентно, како сакате, да ги посочи / покрие само оние аспекти што ги допираат уметноста и културата, односно кичот и некултурата  – зашто овде станува збор само за тоа и ништо друго. Иако, ако се цени според парите потрошени за чудото, но и за се’ друго,ќе испадне дека ова е највредниот – финансиски, се разбира – проект во македонската култура и уметност кој што многукратно ја надминува економската вредност на сите сериозни уметнички проекти во Македонија заедно!. Што е апсурдно, нели? И неточно.

Или, ако се префрлиме на јазикот на политиката односно на зборовите токму на Зоран Заев како новоизбран претседател на СДСМ, денес СДСМ значи – одговорност. А таа одговорност претпоставува (и) избор на најдобрите решенија, или барем блиску до нив, во сите области. А дилемата „дали вреди“ не е решение! И како што повторно вели Заев, ако тие (парафразирам) треба да бидат насекаде – на пазарите, во болниците, во училиштата, во образованието, во економијата …итн., – тогаш треба да бидат и во културата и во уметноста. А да се биде таму, денес, подразбира и одговорност пред се’ во расчистувањето со криминалните и некултурни / неуметничкирецидиви на злосторничкото здружение што милува да се гледа себеси како политичка партија! Тоа им е еден од долговите кон оваа држава!!!

СИМБОЛИКА

или

ДАЛИ ВРЕДИ? (3)

И сега: дали навистина вреди да се потрошат 4-5 милиони евра за дислокацијата на споменикот на Александар Македонски? Наједноставниот одговор би бил: да, вреди! Но таков едноставен одговор веројатно би задоволил само некого кој е прилично верзиран во историјатот на целата приказна со идиотското „Скопје 2014“, кој има солидни познавања од уметноста, но и пошироки културолошки, образовни, социолошки, философски … предзнаења! Економијата, особено наметнатите дилеми со она „дали вреди“ немаат ама баш никаква врска со целава работа!!! Или, ако имаат, доаѓаат сосема на крајот на листата.

И да се докажам: мислам дека вреди да се потрошат не само 4-5 милиони евра, туку и цели 40-50 милиони евра, ако треба, за да се отстрани сиот оној кич и ѓубре инсталирано на и околу Плоштадот „Македонија“. Зашто тие пари ќе „се вратат“ многукратно, на различни начини, а особено образвоно, културно, уметнички … Ова го мислам за се’, или приближно се’ (со сосема мали исклучоци) што може да се подведе под поимот споменик односно спомен обележје, скулптура и слично, а е дел од претходно спомнатиот „проект“. За објектите од типот на ново стариот Офицерски дом, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, и „остала гамад“ – во друга прилика.

Зошто така мислам?

Треба да се разбере едно: сето тоа е дел(о) од џганот, составка на оваа џган држава која што постојано ќе потсетува на најомразениот период во македонската современа историја. Ако тоа (се’ уште) некому не му е јасно, не знам како подобро да му објасниме. Или, дека тоа е ругло над руглата, недостојно за овој град и држава, за овој народ, за една современа култура која што цели кон европски вредности? Но, да одам со ред. Значи, во првата линија на нештата, токму онаа грдотија што се одзива на името „спомен обележје“ (ги ставам наводниците со причина, а ќе ги објаснам подоцна) Александар Македонски или „Воин на коњ“, е симболот на оваа поразена власт. И таа не е односно не беше некаква обична власт туку беше – а мислам дека ова не треба посебно да и’ се елаборира барем на ова парламентарно мнозинство – најцрната, најомразената, најнедемократската, автократската и диктаторска власт во современа Македонија! И сега, токму нејзиниот главен, или еден од главните симболи, треба за век и веков да ни стои среде плоштадот зашто сме требале да издвоиме 4-5 милиони евра за негова дислокација? Таквите негативни симболи се непожелни, неподобни, непримерени. И за тоа постојат редица слични примери токму во европските  современи демократии!

Оттука, значи, оваа операција (ќе) има, прво, несомнено симболично значење не само во општата демонтажа на досегашниот систем, туку и во колективната меморија на скопјани, па и во целата држава. Е сега, зарем за симболика да се трошат толку пари, дали вреди? Можеби прашањето за миг прозвучува логично, но одговорот повторно би бил истиот: да, вреди. А особено заради фактот што листата на аргументите не завршува тука. А сепак, кога сум кај симболиката, мислам дека вреди овој аспект да се прошири и на однесувањето на минатата власт на ова поле, чисто како пример, да не се заборави. Па така, не знам какви се’ теории кружеа, и кружат, околу „преоблекувањето“ на извонредниот модернистички објект на архитект Петар Муличковски во сегашнава т.н. „бела шампита“, но и тука симболиката игра(ше) важна улога. Зашто објектот на Муличковски, да не беше седиште на некогашната ЦЕ-КА, а потоа и на Бранковата влада туку да беше некаква стоковна куќа, или хотел, или некаков друг тип на комерицијалена не „идеолошки“ објект, зарем криминалнава банда ќе му посветеше такво внимание? Па тие беа во напонот на силата, и на крадењето, можеа да си направат владин објект каде сакаа и каков што сакаа. Ама, демонтажата односно трансформацијата токму на овој објектза нив имаше силна симболика, беше идеолошки предизвик и стремеж и затоа идејата мораше да биде реализирана токму на тој начин! Да види народот како тие симнуваат еден систем а устоличуваат друг режим!!! И виде народот.

Сосема иста односно идентична симболика има и во инсталациите на сите оние идиотски ликови низ центарот на Скопје, почнувајќи од Ацета, татко му и мајка му, па оној врховистон Александров и редица други крајно дискутабилни персони. Уште ли некој не ја гледа таа симболика? А Ќосето пред судот? И неговата ли симболика се’ уште не е доволно јасна или најновиве „пресуди“ малку ја разбиструваат таа енигма?! Оттука, повторно, дури целата приказна со Аце (и компанија) и да се исцрпува само во симболиката, па ќе беше доволно, и вредно, за неа да се потрошат барем 4-5 милиони евра.

ЗА ВЛАДО

Логичен е, и очекуван, пиететот од перата на многумина во сеќавање на маестро Герогиевски. Впрочем, тој и како човек и како уметник будеше такви сеќавања. Не е логичен, и очекуван, молкот на мојата професија за еден голем македонски уметник – сликар, цртач, скулптор, професор, ерудит – чие што творештво одбележува посебна, би рекол особена хуманистичка страница во македонската ликовна уметност на дваесеттиот век. Не прочитав ни два збора. Дај боже да грешам, да не сум видел. Ама на секакви други шушумиги им правевме дури и комеморации. Добро, нека.

Мојот пак првичен „молк“ се должи на фактот што, не по наша вина, останавме некако недоречени, недообјаснети, но и со незавршена работа. И тогаш, и сега, повторно не по наша вина, остана некаква чудна недоискажаност, празнина, непријатна … (повторно) не по наша вина. Како да се засрамивме да проговориме заради туѓата глупост, дрскост, безобразие.

Почесто се гледавме минатата година за време на подготовката на мојата изложба насловена „Христијанските мотиви во современата македонска ликовна уметност“. Договоривме кои негови дела би биле најсоодветни за темата, иако всушност целото негово творештво е една голема христијанска тема, едно вечно „религиозно“ страдање. Безмалу и да нема христијанска тема на којашто Владо не беше дал свој личен осврт: распетија и ангели, сцени од животот на Христос, светци (Св. Ѓорѓи, Св. Јован), благовести итн. Кај него христијанските теми беа матрица за современата драма на човекот, за неговите дилеми / судири (па и сомнежи, зошто да не?) помеѓу Небото и Земјата, за неговите страданија (дали?) без изгледи за спас. Уметноста на Владо следи свој личен егзистенцијален кодекс, црпејќи го од времињата минати за времињата сегашни, и идни. Зашто кодексот на христијанството е божествен но во основа човечки кодекс, како што и божествениот лик е спрема човекот, или човечкиот лик спрема Бога! Кај Владо судбината е страдање и стремеж, кон божественото или апсолутната вистина, што и да претставува тоа. А сликањето недвојбено беше потрага по смислата на постоењето, личното и сеопштото. И таа потрага кај Владо беше  страствена, бурна, експресивна, драматична … како што впрочем е и творечкиот чин кај големите творци. А Владо беше голем творец!

 

vlado georgievski

Од изложбата „Христијанските мотиви …“, Чифте амам, мај 2016

 

И ја завршивме „работата“ околу изборот на неговите дела на обострано задоволство. Но, ја одби мојата покана да ја отвори изложбата. Се извини, не се чувствуваше доволно силен и за тоа. А сепак, на мојот предлог за негова прва ретроспективна изложба токму во оваа 2017 година како во него да блесна некоја нова, жива и надежна искра. Или само јас така ја видов, ама му се допадна идејата, дури веднаш почна да ја елаборира. После тоа се видовме / слушнавме уште неколку пати токму за таа цел.

И толку. Зашто неговата прва ретроспективна изложба не помина, не беше прифатена. Не знам зошто и од кого. Верувам дека не знаеше ни тој. И тоа можеби и не е важно. Ама, ми се чини – не’ изеде срам. Туѓ, се разбира. И откако излегоа „резултатите“ за финансирањето на „националниот интерес“ во културата и откако видовме дека неговото име го нема таму, не се слушнавме повеќе. А и што ќе кажевме? Не знам дали Владо мислеше дека тој е виновен за тоа, ама знам дека јас мислев дека јас сум виновен. Можеби некој друг требаше да ја предложи таа негова изложба?! А всушност, сега знам, не е ни едното ни другото. Оваа медиокритетска средина едноставно ги јаде луѓето. Тоа ни неговиот Дон Кихот не можеше да го издржи! Се срамевме заради другите, заради нивната глупост, заради нивната злоба, завист, неукост, провинцијализам!

Кому ли, навистина, му пречеше ретроспективната изложба на Владо Георгиевски? И зошто?!

ЕКОНОМСКА ЛОГИКА

или

ДАЛИ ВРЕДИ? (2)

Ако се тргне само по економската логика на дилемата „дали вреди?“ при сите наши лични но особено и општествени одлуки, тешко дека воопшто би мрднале со мал прст а камоли да сториме нешто конструктивно, и неопходно, и убаво, и потребно. Затоа, нелогично би било економската суровост, или студенилото на цифрите што немаат милост да биде пресудниот фактор во носењето одлуки. Впрочем, токму најголемата партија во мнозинската коалиција уште што се вели до вчера не размислуваше така стриктно економски во носењето на некои битни за државата одлуки. Еве, на пример, цврстата одлука на потенцијалниот мандатар, а во име на  парламентарното мнозинство, реши да му удоволи на којзнае кој по ред хир  на оној кого (се’ уште, за жал) го нарекуваат претседател на еден (малцински) дел од државава и да му даде гаранции дека нема да ја разнебити државава. И наспроти речиси едногласното мислење на релевантни експери дека за такво нешто воопшто и не треба да стане збор, уште помалку потенцијалниот мандатар да им удоволува на фикс идеите на оној шутрак, тоа сепак беше направено. Што ќе рече дека повисоки интереси постоеле, односно постојат, дека не може и не треба баш се’ да се цени низ математичката призма на економската, па и некои други исплатливости. Во конкретниов случај превладал ставот – иако истиот во секој поглед беше  непотребен преседан – за некакви(условно) повисоки државни интереси, наспроти не само евентуалните економски (ако воопшто имало такви) туку и уставни, законски, стручни … ставови! И ние како граѓани, и гласачи, тоа го прифативме како здрав аргумент! И потегот даде резултат (иако има и такви кои мислат дека резултат секако ќе имаше зашто менгемето околу шутракон на Водно било прилично силно стегнато!).

Како и да е’, ова е токму неодамнешна потврда на мојата теза дека не може, и не треба баш се’ да се фиксира низ економската (па и многу други) оптика, особено не така осетливи прашања како што е доделување мандат, составување влада, рушење режим, а уште помалку решавање на некои суштински културни односно идентитетски прашања. Особено овие последниве, бидејќи искажаниот став „дали вреди“ во однос на еден сегмент од монструпзното „Скопје 2014“ е токму тоа: пошироко културно односно идентитетско прашање, а понатаму и социолошко, философско, образовно и уметничко прашање. Но, реков, за тоа подоцна.

Оттука, економската логика, иако најчесто силен аргумент, може да биде уште посилен – бумеранг. Бидејќи некогаш, дури и мошне често, сите други параметри, особено етичкиот, моралниот, политичкиот, професионалниот, можеби меѓународниот … се далеку посилни и поважни од економскиот. Економскиот ви покрива само еден сегмент од проблемот, останатите ви покриваат – или откриваат – цела една лепеза битни аспекти!

А меѓу нив, особено битен е аспектот на ветувањето, без оглед дали било  дадено во предизборен или друг период. Идентично на исполнувањето на ветувањето за укинувањето на екстерното тестирање, но и многу други што допрва треба да бидат ефектуирани. Од друга страна, а повторно поврзано со ветувањата и економската логика: која би била, и каква би била таа економска логика во најновото ветување за – бесплатно здравство? И дали воопшто постои такво економскоистражување што понатаму водело кон евентуалната (економска) оправданост на ветувањето? Што, повторно, воопшто не е важно ако се согледа од аспектот на денешните состојби во македонското здравство, па и од криминалот во истото каде што се одлеваат – барем според одделни податоци изнесувани во медиумите – стотици милиони евра на сомнителни тендери и слични будалаштини, ако се има предвид малтретирањето на пациентите, итн. Сакам да кажам, ефектот во јавноста со еден таков потег, ако навистина се реализира, ќе биде огромен и тоа за политичарите (не само) на политички план, а за граѓаните секако на егзистенцијален. И тоа е далеку поисплатливо отколку некои економски калкулации. Нормално, ако сето тоа се покаже функционално издржливо. Е сега, дали и во овој случај некој прашал „дали вреди“, или тоа се подразбирало самото по себе?

ДАЛИ ВРЕДИ (1)

Ако веќе во првите денови од почетокот на потенцијалниот ветен и (сведочевме „во живо“) со крв изборен „нов живот“ – на што всушност сите нормални луѓе не само во оваа држава им одадоа признание – се започне со една прилично дискутабилна или двозначна  дилема од типот „дали вреди“ да се прави ова или она, тогаш некои нешта веќе на стартот прилично се заматуваат. И нема врска дали дилемата е искажана од висок функционер на партијата заслужна за рушењето на режимот (инаку и самиот жртва во крвавиот четврток!) и во кој и каков контекст, па нека е и во контекстот на омразеното од сите скопјани „Скопје 2014“, односно дека евентуалната дислокација на чудовиштено среде плоштадот, а што се одзива на името Аце Македонски, би чинела „најмалку четири-пет милиони евра“, па следствено дали вреди да се потрошат тие пари за таа намена. Предметот на дилемата е, да речеме, второстепен (иако не е, но за тоа подоцна), битна е дилемата, нејзината „звучност“ сега и овде, нејзината потенцијална повторливост, нејзините можни скриени значења итн.

Сигурен сум дека дилемата „дали вреди“ да се направи ова или она ќе ја слушаме прилично често во идните месеци. Бидејќи наследството со кое што веднаш (ќе) се судрува новата власт е катастрофално, (ќе) бара ладна глава но некогаш и итна интервенција – како онаа со екстерното тестирање, (ќе) бара и многу мудрост но и храброст. За што и како ќе се определува таа нова власт, ќе видиме. Но, најмалку на што можат да „се вадат“ е дека не знаеле со што (ќе) се соочуваат. Верувам дека многу детали и финеси во генералните случувања во државава, па и по области, не им се познати и тие допрва ќе се откриваат. Тоа ќе биде и прилично мачен процес зашто, велат, голем дел од документацијата била или е во фаза на „преработка“, луѓето се се’ уште исплашени отворено да говорат и слично. За тоа треба време. Но, за многу нешта работите се чисти што се вели како солза. Како што беше екстерното, на пример, а особено кога станува збор и за „Скопје 2014“! Се разбира, не мислам дека сите нивни решенија / одлуки ќе бидат по кеиф на сите. Такво нешто односно таква власт не постои. Но, ако веќе се прокламира дека ќе се воспостави систем на функционирање „во кој што граѓаните Владата ќе ја осеќаат за своја“ (Шилегов), тоа не остава простор речиси за никакви големи дилеми (иако и тука има простор за пазарење дали баш се мисли на сите граѓани, на мнозинството граѓани итн.)!

Сеедно, но дилемата „дали вреди“, со која што, како што реков, мислам дека  често ќе се среќаваме, некако не ми звучи на соодветен политички одговор за кое и да е’ важно прашање. А сите прашања поставени од граѓаните се – важни прашања! Особено од гласачите токму за оваа политичка опција чија што верба, и глас, се темелеше на кажани но и претпоставени идни акции. Зашто, дилемата „дали вреди“ не само што не е политика, туку не е ни (нај)разумен или (нај)рационален квалификатив за која и да е’ операција. Освен, се разбира, за онаа која што се темели само и единствено на некакви квантификации разбрани како економска цена на чинење на нештата. Што, секако, како став не е спорно, особено во нашево актуелно до зла бога осиромашено секојдневие. А сепак, за одделни „операции“, и таквите економски квантификации се несоодветни. И овде го потенцирам зборот економски, зашто наведениот на почетокот пример односно дилема „дали вреди“ се поврзува исклучиво со цената на чинење на „операцијата“ дислокација на споменикот на Александар Македонски од Плоштадот „Македонија“. Како што може да се однесува, и ќе се однесува во некоја друга прилика, на некоја друга „операција“ за која што ќе бидат заинтересирани граѓаните на оваа држава. Меѓутоа, треба да се има предвид дека посочената дилема како исказ нема само економска резолутност односно значење туку може да има и мноштво други аспекти, како на пример  морално, и етичко, и стручно, и секакво друго значење. Таа, дилемата, може да се однесува токму на моралниот аспект на некоја активност односно „операција“ на идната влада, па може да упатува прашање односно дилема од чисто стручен тоест професионален аспект, итн. И поставувањето на дилемата во кој и да е’ од наведените аспекти може да биде релевантно, па дури и, во извесна смисла – политички издржано. Иако, од друга страна, тоа претставува обврска, на извесен начин, таа влада така да постапува и во сите, или во повеќето други ситуации од интерес за граѓаните, односно да се раководи од таа и таква дилема согледана во сите нејзини аспекти. Зашто такво е, нели, ветувањето!

Во таа насока, искажаната дилема „дали вреди“ може да биде и опасна дилема. Прво, може да се чита како обид да се внесе економска логика таму каде што не и’ е местото. Иако економистите (можеби) би кажале дека нема такви места односно дека економската логика е применлива, дури добредојдена секаде и по сите прашања. Не знам, не сум сигурен. На пример, ако ја примениме исклучиво економската логика „дали вреди“ односно колку (ќе) ја чини државата приведувањето, притворот, судењето, издржувањето на казната … на сите кои се или ќе бидат судени за крвавиот четврток, ќе биде ли тоа економски оправдано? Или е пооправдано (економски, се разбира) тие да бидат испрашани и веднаш пуштени дома? (Или, ако сакате, може ли онаа „судијка“ што условно ги пушти дома дел од криминалците од крвавиот четврток да каже дека применувала економска логика?)!

Некој можеби ќе рече: натегната дилема. Е па не е. Како што не е ни прашањето дали за промптната одлука за укинувањето на екстерната проверка на знаењата на децата се земени предвид сите можни дилеми? На крај памет не ми паѓа да го бранам екстерното зашто светот, цивилизираниот, се разбира, се залага за што поголемо ослободување на децата од такви стресни „едукативни“ методи. Згора, неговото укинивање беше и предизборно ветување. Ама, да не подзаборава некој дека и „Скопје 2014“ долго беше жешка предизборна тема, со многу ветувања и без економски калкулации? Зашто, сепак, парите не се најбитната ставка на нештата, нели?

РЕЛАТИВНА ДРЖАВА

или

ЏГАН (11)

Држава која што може да релативизира се’ не е држава. Таа е – релативна држава. Држава која што умее, дозволува и може да релативизира упад во највисокиот законодавен дом тоест во храмот на демократијата не е држава. Држава која што ќе карактеризира таков упад како нарушување на јавниот ред и мир, а упадот „вришти“ со јасни и докажливи назнаки дека станува збор за организиран параполициски пуч, не е држава. Држава која што селективно приведува само дел од извршителите, а особено не и инспираторите и организаторите на најголемото можно злосторство односно велепредавство  на државата – не е држава. Држава пак која што таквите криминалци и силеџии кои цел свет во живо ги гледаше како дивеат во законодавниот дом (ќе) ги суди со квалификација „учество во толпа“, а овие ќе се покајат и ќе бидат само условно казнети – не е држава. Држава што на таков начин дозволува насилие врз легално и легитимно избрани народни пратеници, а во крајна консеквенца, со таквото делување поттикнува и однапред аминува и идни насилија, е само релативна држава! И кога во таква релативна држава, во и околу тој пуч се муваат и странски разузнавачи и никој за тоа не одговара, тогаш таа релативна држава е и меѓународно релативна држава!!!

Но, во оваа (меѓународно) релативна држава случајот со насилниот упад во Собранието на РМ – инаку од сите нормални луѓе сосема логично согледан и означен како јасен обид и за отворено елиминирање на дел од парламентарното мнозинство – беше само црешата врз шлагот на десетгодишната отровна торта подготвувана од шефовите на  „најпатриотската“ (не)македонска партија и нејзината врхушка. Судот вчера само стави уште една црешка, од оние темнине, охридскине, за да личи подобро! И така и треба(ше) да биде, ќе беше чудно да излезеше поинаку: две црешки на „богатиот“ бел шлаг како знак на целосна релативизација на сите нешта, дури и на животот по себе. А што е најлошо, не сум сигурен дека можело, па и требало поинаку? Зашто, да поминевте сабајлето кога им се  „судеше“ на „примерните“ силеџии кои разулавено тепаа во Собранието, ќе видевте пред судот една шака јада со знамиња во нивна поддршка. Но не и илјадници, па и десетици илјади нерелативни граѓани кои би барале ригорозни казни за криминалциве. Не, такви македонци – немаше. Е па што тогаш сакаме? Држава, идентитет, нација, меѓународно признавање …?

Што побргу (си) го признаеме фактот дека (се’ уште) живееме во релативна држава, толку побргу и полесно ќе тргнеме напред. Со признанието, пред себе и пред светот, ќе бидеме ослободени од нормалните „национални“ чувства за припадност, за државност, за нација, за идентитет … зашто во релативна држава од тоа ништо нема, ништо не остана. Токму како кај нас. Од тоа има само мафија во развластување, но се’ уште со силни врски и цврсто ушанчени клиенти. На сите линии и во сите битни релативнодржавни сегменти! Зашто само така може да функционира релативната држава. Никако поинаку. Секој обид за воведување ред и демократичност, поредок и смисла во делувањето е осуден на пропаст. За критериуми и вредности веќе долго никој не говори, моралот и цивилизациските стандарди се одамна напуштени категории.

Релативната држава се храни самата од себеси. Како автоимуна болест. Или уште полошо, како – канцер! Се разјадува, го гризе, го партали сопственото ткиво кое што се обидува да манифестира некакво друго, можеби конструктивно и здраво однесување. Релативната држава тоа не го дозволува. Заради тоа за таквите држави нема лек, освен еден. Расипаното ткиво, црвливото месо мора да се отстрани. Хирушки. Зафатот не смее да се ограничи само на заболеното ткиво туку мора да оди подлабоко и пошироко зашто болеста го зафаќа и невидливото, и немерливото. Сите муабети за некакво помирување, за некаков нереваншизам и дијалог со канцерогениот џган се празни муабети, лажни надежи. И токму тие ја хранат релативната држава!

УА ШВЕРЦЕРИ

или

ЏГАН (10)

Без намера да фаќам страна за „скандалот Нетфликс“ на овогодишниот Филмски фестивал во Кан, француската публика, критиката, филмскиот бизнис, а богами и голем дел од филмските професионалци – од Алмодовар како претседател на жирито па натаму – покажаа како (треба да) се реагира на вистински начин за сериозни (не)културни и (не)уметнички прашања: со напуштање на проекции, со свиркање, со извици „уа“ и слично.

И речиси истиот ден и македонската култура, поточно Македонската филхармонија, покажа како ние реагираме дури и на потешки и помалку контроверзни проблеми: на Груевски, скришно, шверцерски му доделија некаква плакета, награда ли, што ли, за особен придонес во македонската култура и уметност! На најголемиот злосторник (не само) во оваа област, на понижувачот, уназадувачот, исмејувачот, кочничарот на македонската култура и уметност тие му доделуваат плакета за – особен придонес! И го шетаа низ новиот објект не баре тој со негови пари го финансирал, неморално го наместија и големиот диригент да му објаснува таму нешто на еден шарлатан, па и ги сликаа заедно … Сосе онаа Елизабет како негова десна и лева рака во сите културни злосторства во оваа држава во изминатава деценија. Во услови на само неколку дена до нова влада, со познат мандатар, кога бившата министерка за некултура не е ништо друго туку само обичен граѓанин и дунстер токму за областа што ја урнисуваше десет години, а шарлатанот само осомничен криминалец и се’ уште претседател на најкриминалната партија во современата македонска историја! Да се соберат и последните ловорики, колку и да се незаслужени?

Е тоа се разликите во разбирањата и однесувањата на културите, тоа се впрочем и разликите во разбирањата на моралот, на етиката, на професионализмот … при што во еден случај гледате традиција на изградени културни стандарди, критериуми и однесување, еден цивилизиран, критичен, достоинствен начин на изразувањето на легитимниот став во интерес на сопствената култура, а во другиот, нашиот, ве удира в лице кукавички, џгановски, простачки менталитет негуван низ годиниве токму од главните протагонисти. Се разбира, се заборави дека тој објект се градеше безмалу десет години проследени со секакви идиотлуци и смејурии и дека неговата изградба се влечкаше токму заради волјата на тоа умислено диктаторче шарлатанче кого сега го наградуваат. А впрочем, ако тој е толку заслужен, ако тој е вистинскиот кој треба да биде награден, зошто тоа не го сторија вечерта на самото отворање на објектот, па на „заслужниот“ да му се поклонат и ракоплескаат и другите присутни? Туку одбраа ваков кукавички и во суштина подмолен начин? Само што и тие, македонските партиски филхармоничари, заедно со шарлатанот и неговата десна и лева инквизициска рака во културата не разбираат – а впрочем толку им е и капацитетот – дека таквиот шверцерски чин на наградување, таквото подло и во основа скришно (иако пред неколку новинари!) „славење“ е само уште поголемо понижување и на наградениот и на тие што го наградувале. Но, впрочем, тоа е тој македонски културен клиентелистички џган создаден и негуван во изминатава деценија, дресиран да гледа и слуша само партиски и праволиниски, да коленичи и ведне глава пред измислени и / или самопрогласени локални величини. Но тоа да ти бил само првиот чин во претставата!

Во вториот чин, за резилот на шверцериве да биде поголем, се покажа дека на свеченото отворање не бил ни поканет мандатарот на новата влада, ниту некој од раководството од новото парламентарно мнозинство, потврдувајќи ги сомнежите дека тоа всушност бил само уште еден – за среќа последен – партиски џгановски собир во државен објект изграден со наши пари.  Инквизиторката Елизабет за ова со мудар одговор: билетите биле на време пуштени во продажба и секој можел да си купи, ако сакал. Не кажа како онаа багра, од Хорхета па надаље, успеа да „си купти“ билети во ист ред, еден до друг? Ги легитимираа на билетарницата, им земаа отисоци на прсти за да ги сместат еден до друг? Но, „славната“ ни Елизабет не кажа ни дали и таа и шарлатанон самите си ги купиле билетите. Не кажа ниту како од почетните 6 милиони евра во далечната 2009 година цената на објектот порасна на фантастични 39 милиони евра!? Добро, има време кога ќе зборува!

И, се разбира, третиот чин – маестралниот завршеток на скандалозната партиска журка – всушност бил самиот почеток на партискиот концерт, со доцнење од триесет минути за да стигне шарлатанот. И го чекале сите, од Ашкенази, преку Трпчевски, до целиот оркестар, станувајќи така соучесници во најсрамниот настан во македонската култура. А шарлатанот бил пречекан со аплауз од неговите партиски пајташи! Браво!!!

А инаку, да имавме сериозна и „писмена“ културна јавност, да имавме и достоинствени филхармоничари и солисти, тие сето ова ќе го проследеа со исвиркување на овој џган на свеченото отворање на новиот објект на Македонската филхармонија! И ќе си станеа и заминеа – дома. Ќе му дадеа  на знаење на шарлатанот и неговата клика дека таквото клиентелистичко партиско однесување е веќе минато – и тоа нивно, не и наше – а ако тие сакаат и понатаму да си го негуваат, нека одат и нека си држат концерти во нивното партиско седиште. Додека можат, додека го имаат! Ама тоа, се разбира, не се случи. Иако тоа требаше да им се случува нон-стоп, не само на партискиве симфоничари, туку и на отворањето на изложбите, во театрите, на разноразните промоции на нивните пулени писатели итн. Не дека и тогаш ќе разбереа кои се и какви се, ама македонската култура ќе си запишеше еден голем цивилизациски плус. Впрочем, затоа и остануваме провинциска клиентелистичка квазикултура без елементарен морал и професионалност.

ДЕРАТИЗАЦИЈА

или

ЏГАН (9)

Неколку наслови ми се мотаа низ глава – на пример: време за оставки, заминување и слично – како поблага или покултурна варијанта на единствениот можен и во суштина најточен збор: дератизација! Зашто претстојниот процес треба да биде токму тоа – темелно и масовно чистење на македонскиот духовен простор од намножените стаорци. Бубашвабите и другите гадинки ќе избегаат самите, ама стаорците мора да се дератизираат! И тие, стаорците, додуша, бегаат од човечкото присуство и светлината, особено демократската, ама се поиздржливи, па и прилагодливи. Некои самите ќе избегаат, како и што почнаа, мислејќи дека со тоа си прават услуга, дека покажуваат некаква доблест, помирливост или разум. Не е тоа ни доблест, уште помалку разум. Зашто ниту ги имале, ни пак ги имат. И тоа се само чисти пресметани потези, селски марифети, замачкување со краткотраен ефект. Иако, секако, подобро звучи зборот оставка отколку заминување низ општествениот процес на дератизација! Изгледа на тоа се надеваат?!

Еднаш, неодамна, го спомнав, односно го цитирав и зборот „денацификација“, ама мислам дека за овие и тое е епитет односно комплимент. Зашто, дури и кај нацистите, особено кај командниот кадар,  имало некаква чест, уважување, професионализам, некаков чуден војнички односно партиски морал. Шпер, на пример, е еден од таквите. Имало и други, се разбира. Дури и еден Гебелс имал доблест да си го одземе животот, заедно со целото семејство! Кај нашава багра не може да стане збор за такви нешта. Затоа и мислам дека зборот дератизација е најсоодветен за нив.

Зашто, не може да не се согласиме, а тоа многу пати и сме го потенцирале, со ставот на Геровски кој вели „категорично реков дека за распадот на медиумската империја не ги обвинувам газдите, а менаџерите не се повеќе виновни од уредниците и новинарите во некогаш најуспешните дневни весници …“[1]. Зашто, во крајна линија, сите гнасотии, лаги, спинови и тотални измислици лиферувани годиниве низ македонските печатени и електронски медиуми не беа дело (само) на газдите и менаџерите туку на – новинарите! Таа логика е единствената прифатлива (и применлива) логика за сите области во македонското општествено живеење. Иако, се разбира, треба да се почне со ред, од главата. А таа кај нас ужасно мириса, да не речам смрди. И тука не мислам само на културата, туку и на образованието, науката, здравството … секаде каде што режимот успеа да го инсталира својот џган. Водечките луѓе на македонските институции во културата, и не само во неа, се најодговорните за културната катастрофа што Македонија ја доживува во континуитет цела една деценија. Тие беа пулените, милениците на режимот, тие беа нивниот џган за „културни операции“, тие ги спроведуваа во дело сите небулози на простаците заседнати во министерските и владините кабинети. Затоа денес состојбите во македонската култура се такви какви што ги гледаме, затоа манијаците успеаја да го инсталираат и она чудовишно „Скопје 2014“, затоа сите културни институции наликуваат како јајце на јајце. Расипано, усмрдено, се разбира! И тие се првите кои мораат да ги понесат консеквенците за тоа културно злосторство што ја обезличи, клиентелизираше, партизираше македонската култура. Тие беа директните извршители и наредбодавци од втората линија, тие беа клучната алка во режимското простачко опустошување на државата и пресметување со современоста. И тука, секако, сега ќе се појават редица „олеснителни“ околности, сега ќе започне трката по приклучоци, по врски, по ајхмановско  миење на рацете и правдање со „извршување на наредбите“! И тоа, по правило, е една од очекуваните проблематични алки во цврстиот синџир на одговорност што новата власт треба да го воспостави. Ако попуштат – заради мама и тато, заради тета и бате или некои новокреирани партиски врски – бродот ќе заплови во несакани плитки води. И ќе се насука, на самиот почеток. Но, белки има кој да мисли на тоа?

Но, тезата на Геровски, ако добро сум ја разбрал, не завршува само на „командната одговорност“, зашто и една цела „војска“ секогаш спремни исполнители односно извршители му беа подеднакво на располагање на режимот. Особено т.н. стручен кадар во (не само) културните институции. Ги ословувам како „таканаречени“ зашто сериозни, стручни луѓе и професионалци никако не би се спуштиле на тоа рамниште да слугуваат на насилници, незналици, простаци. А нашиве го правеа токму тоа, цели десет  години. И реализираа „проекти“ непримерени за една сериозна култура, учествуваа во разнебитувањето на институциите, во девастацијата на културното наследство, во малтретирањето на неистомислениците … Оттука, можат ли, смеат ли тие да бидат исклучени од идните процеси на дератизацијата?

[1] Бранко Геровски, Јана фагот, Плусинфо, 16 мај 2017

ПАД(Н)А ВЛАДА

или

ЏГАН (8)

Сигурен сум дека и Бајага со кеиф би го преповторувал рефренот „Шта то пада – пада влада“, и тоа среде плоштадот „Македонија“ (којзнае, можеби и Аце велики ќе му терцира?) и пред стотици илјади нормални граѓани на оваа држава кои имаа дури неверојатно трпение и живци овие речиси две години од објавувањето на прислушуваните разговори кои што го означија почетокот на крајот на оваа арамиска (авторско право на Петар Гошев) политикантска гарнитура. Иако не така голем број, а јас со задоволство си се вбројувам меѓу нив, веруваа дека нивната приказна ќе заврши уште 2008/9, што ќе рече после само година-две, зашто капацитетноста и интелигенцијата не се нешта што можат туку така да се одглумат во повеќегодишен континуитет. Иако овие беа добри глумци, тоа треба да им се признае. Ама сепак кај сите, кај сите до еден, по хоризонтала и вертикала, беше јасно како бел ден со кого си има(в)ме работа. А особено после онаа гнасна епизода со прислушкуваните разговори, кога се разоткри целата скаламерија на арамиите, кога цел божји свет изворно ги слушаше нивните пазарења, ситења, вулгарности, планови …

И повторно, на самиот крај, уште еднаш ги потврдија сите епитети што ги заработуваа  последниве години: превртливост, неодговорност, неотчетност, простотилак, непрофесионалност, кукавичлак, силеџиство … Наизменичната смена на едните карактеристики со другите зависеше од степенот на домашниот опозициски притисок, но и од работата и резултатите на Специјалното јавно обвинителство, а сепак како клучен, на крајот, се покажа странскиот прст кој што конечно, веројатно, ги отвори и последните карти на македонската политичка маса. И покажа на чија страна се асовите! Што пак  повторно говори за карактерот на овие арамии кои по правило се силни пред слабиот, а кукавици пред посилниот. А така особено се однесуваа последниве две години, урлајќи како нездрави за некакви странски служби и непријателски елементи, за соросоидни заговори и опозициски пучеви, за долги ножеви и бојкот на меѓународната јавност, за да за два дена, како попчиња клекнат пред фактите што истата таа меѓународна јавност им ги предочи. Иако само ден-два претходно, сакајќи да ги предухитрат, не се двоумеа – зашто толку им сече умот, се разбира – да тргнат дури и во најпредавничкиот (крвав) поход, оној контра Собранието, контра народните пратеници и нивните животи. (Не ја спомнувам демократијата, зашто таа одамна, уште во 2008 година, беше урнисана). И тоа е епизодата што дефинитивно им ја запечати историската оцена како најцрна, најомразена, најкриминална власт во македонската современа историја. А таму, на таа најтемна историска страница, сосема свесно и своеволно, толку колку што и нему му сече умот – а тоа не е многу, се покажа – им се придружи и (не)човекот кој безмалу два мандати глумеше претседател на држава, а всушност беше само шарлатанска политикантска кукла со која што си играа арамиските челници.

Како и да е’, тој дел од оваа џган црна серија веројатно можеме да го сметаме за завршен. Останува вториот дел – сумирањето на резултатите и жртвите, иако некакви првични претпоставки постојат. Но никој се’ уште не ги знае вистинските димензии на злото, размерите на криминалот и корупцијата. Тоа останува да се види, како врвно изнендаување но и како дополнителен тег на вагата на вината. Инаку, наврапито почна и оној прилично позабавен дел, оној што Геровски го споредува со бегање на бубашвабите во купатило кога ќе им запалите светло. Не знам каде тој видел толку бубашваби или други слични гадинки,  мислам дека не видел, дека само импровизира, зашто кај нас тоа ќе биде невидена масовна хистерија, хаотични колони бегалци кои ќе бараат доволно темно и доволно скришно место од светлините на новото време. А всушност, поставено поинаку, тоа ќе биде само еден нормален процес на враќање на старото, од таму од каде што и дојдоа – од под камењата и низ канализациските цевки, од под закрилата на Мордор (што би рекол Панчиќ) и Ќосето и мракот на вечната омраза кон се’ што е поинакво, слободоумно, демократско. Многумина од нив ќе бидат прилично тромави, здушно здебелени од децениското бесплатно ждрање и оргијање, така што и нема да биде тешко да се приберат и сместат таму каде што им е местото.  Белки оваа држава ја научи лекцијата дека со џган нема муабет?

Некои, веројатно, ќе успеат и да се сокријат, да се маскираат односно мимикрираат на еден или на друг начин. И тој процес започна, уште пред доделувањето на мандатот, прво со бајките за водоносците кои со крвави раце им помагале на нападнатите пратеници, потоа со новинарите  маскирани со капчиња кои исто така, ете, биле таму да помогнат (иако не се знае кому?), па оној лилјак крвопиец кој серит на сите страни, кој дури и не се сеќава што барал во Собранието, веројатно бил по нужда – голема или мала, повторно не памети – и уште едно чудо други кукавици кои немаат ни толку доблест да ја признаат вината. Мала или голема, сеедно. (Она б’лгарчено од спотнатите чувари на името никако да се огласи?). А меѓу сите, еве, веќе истиот миг со објавувањето на рефренот „пада влада“, ранобуднион певец сака да ги предухитри новите власти поднесувајќи си оставки секаде каде што замешал прсти. Веројатно мисли дека тоа предперење на рацете ќе му биде некаква олеснителна околност. Но, белки и тие марифети на џганов ги научивме?